Monthly Archives: August 2020

ВОЛШЕБЕН СТАП

Во оваа држава желбите на поединецот, на граѓанинот, тешко или никогаш не се остваруваат. Ама свикнавме – или „политиката“ не’ навикна – и на тоа. Иако на некои, особено на политикантите, желбите постојано им се остваруваат. Можеби го знаат кодот на волшебното стапче? Или, попрво, се познаваат со „вистинските“ луѓе? Оние кои ќе ги стават под заштита за да не ги оддува волкот? Веројатно.

Но, на новоизбраната министерка за култура дури ни евентуално волшебно стапче нема да и’ биде од голема помош без оглед колку веќе ги познава актуелните состојби во културата или колку е објективно подготвена решително да се справува со истите. Зошто? Затоа што некултурниот амбиент што го наследува, особено актуелните (не мали) проблеми што ќе и’ надвиснат над главата не се нималку лесни. Особено едниот, најжешкиот, најактуелниот – проблемот со платите во културата, наследен заради (и ова веќе не смее да се крие!) тоталната неспособност на минатата постава во Министерството за култура, заедно со несебичната помош на таканаречената техничка влада. Зашто, извинете, но ако претставниците на државата не се грижат за државните службеници, за нивните месечни примања, за потпишаните договори со гранските синдикати (во случајов од областа на културата)… тогаш држава во тој период како и да не постоела, или постоела само на хартија, како потпис, и во одделни сегменти, како ќе посакале некои/некакви нејзини функционери. Ама ја немало во културата. Иако првиот човек кој мораше да го разреши ова прашање, бившиот министер за култура, сега е награден со пратеничко место во Собранието! Сам Господ знае кои и какви се неговите заслуги!?

И не знам зошто културата толку „го мазнеше“ тој „министер“ и чекаше некаква работа од него. (Не)работата се виде веќе од самиот почеток! Што требаше да (се) направи? Па, ако не повеќе, кога се виде дека нема да има ама баш ништо од исполнувањето на договорените работи во Колективниот договор, културата односно одговорните во синдикалните организации мораа веднаш да побараат радикални решенија. Меѓу другите и штрајк како легитимно средство за остварување на целите. Без оглед на короната, без оглед на се’! Ионака целата култура беше закочена токму заради неспособноста на раководството во Министерството за култура, седеше дома и кмишеше чекајќи од Господа милост, па и еден помал или поголем прекин на работата не ќе беше на одмет. Можеби состојбите немаше да ескалираат до овој степен? Којзнае. 

Но, веќе денес, проблемот е во тоа што не баш секое односно секакво стапче (ќе) и’ врши работа на идната министерка. Ќе и’ треба богами сериозен стап, ако не и цела неделкана суровица, притоа и волшебна, за расчистување не само на проблемот со платите туку и на бројните други напластени небулози во македонската култура. Да, знам, во културата секоја втора-трета година, па и почесто, се чека фиљан човек кој баш со волшебен стап преку ноќ ќе ги реши децениските проблеми. Тоа, нормално, не се случува, ниту пак може така да се случи освен ако на еден способен министер не му се даде цел мандат да се справи со проблемите. Постепено, но континуирано, ден за ден, месец за месец… Ама ние таква политичка култура немаме. Барем во културата!

Некои нешта, во даденово политичко милје, нема да се разрешат па дури ни со волшебна суровица. На пример, партиската распределба на директорските места, главно резервирана за (најчесто) најнеспособните партиски кадри – особено од коалициските „партнери“. Со тоа изгледа се помиривме. Или со оние кабинетски места „по клуч“, каде исто така заседнуваат секакви (партиски) шушумиги. Ама некои други генерални и пред се’ реформски насоки можат да се разрешуваат, ако не повеќе тогаш барем една месечно.

На пример, на македонската култура очајно и’ треба стручност и професионализација! Нештата одамна се препуштени на коекакви дилетанти и самопрогласени познавачи, кои во суштина – праксата покажува! – не знаат ништо. Актуелните проблеми во филмот не се ништо друго туку токму производ на таквите состојби. Или, ако сакате, не може сериозниот, професионалниот критичарски кадар од неколку генерации – можам, ако треба, и имиња да наведам, иако мислам дека тие тоа не би го сакале – да седи без работа, а „политики“ во филмот да продаваат разноразни продуцентчиња, новинарчиња, камерманчиња… ! Со кое знаење, со кои познавања?  Ако, на пример, ја читате Уневска, каков тогаш стап ќе треба за состојбите во македонската кинематографија? И не само таму, се разбира, зашто тој тип на конфликт на интереси е присатен речиси во целата култура. Или катагодишниот проблем со самонаречените „стручњаци“ од националните институции кои глумат членови на комисиите за распределна на средства на годишниот конкурс за финансирање на (се’ уште) „националниот“ интерес во културата? Како баш тие кога токму на тој конкурс учествуваат и нивните матични институции? Да, некој ќе каже дека ова е априори искажана недоверба кон дотичните персони. Не, не е недоверба, зашто дотичните персони, дури и во идеални случаи, не би можеле/смееле да бидат на тие места – особено оној во Агенцијата за филм – зашто таму има уште многу други конфликти! Или, во која сериозна држава партиската припадност одлучува очајни сликари со години да бидат на чело на клучни уметнички институции и да им продаваат памет на историчарите на уметност? Тоа ви доаѓа на исто како на клиника за кардиологија да директорува уролог, и обратно. Или глумци да промовираме во директори на театри! Па ако учел за глумец – нека глуми!!! Зарем нема во државава театарски критичари, драматурзи, менаџери… или нема партиски театарски критичари, драматурзи, менаџери… ?

Професионализацијата во културата, со значење дека секој треба да ја врши работата за којашто е докажано стручен и компетентен, е најизразена во овој ресор. И токму затоа тој проблем се наметнува како приоритетен. Ги има уште многу, се разбира, и ќе пишувам и за нив! Ама – со ред. Зашто, ако во образованието, во науката, во здравството… во сите општествени области сепак функционира некаква стручност и компетентност, зошто тоа не би го имале и во културата? И зошто таа (се’ уште) да биде поле за релативизација на професионализмот и за диктатура на неспособните?     

КАЛКУЛИРАН РИЗИК?

Последниве случувања со короната и училиштата многу потсетуваат на неодамнешното обраќање на претседателот Пендаровски по повод Денот на армијата, а особено на една негова реченица. Дека: „Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и нас политичарите креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста како што се хибридните закани“. Но, политиката (не само кај нас) едноставно не сака да слуша критички тонови за нејзиното (не)работење односно кредибилитетот што одамна е дојден до критичната долна граница. И не само со последниве случувања туку и ако ја ставите целава шесмесечна пандемија во најтесниот круг на безбедносните прашања, зашто тие де факто тоа се’, тогаш играрииве околу неа и почетокот на школската година, егземпларната неукост на сите инволвирани и, следствено, одбивањето на јавноста да верува на нивните „убедувања“ се уште една потврда не само на зборовите на претседателот туку на општото прилично небезбедно ниво во државава. Зашто, се’ се тоа поврзани алки, се реперкуираат една на друга. Плус, секојдневното плашење со она „што не’ чека од септември“, но без спремна стратегија и план на делување, само дополнително го разгорува сомнежот во јавноста за капацитетите на надлежните во справувањето со овој проблем. Впрочем, нашите „капацитети“ ги покажуваме со бројот на починати од COVID-19, речиси еднаков со Србија, на пример, која е според население четири пати поголема од нас! А посебен „капацитет“ – да не речам егземплар! – ни е оној веќе славен Протокол за физичка настава во основните и средните училишта. Се разбира, некој може да запне да не’ убедува дека пандемијава баш и не е безбедносно прашање, ама така само ќе ја покаже сопствената наивност и неукост.

Едновремено, некој друг можеби ќе запне да рече дека пандемијата односно здравството не е политика и дека почетокот на школската година не е политичка одлука. А што е, ве молам? И што се и досегашните фрапантно неуки, политикантски и крајно разочарувачки одлуки на Министерството за здравство, на Министерството за образование, на онаа (веќе смешна) Комисија, на оној кој глуми некаков директор за јавно здравство… ? Па средношколциве им држат лекции не само од логика туку и од познавање на состојбите во државава. Речиси е неверојатно што се’ слушаме од (наводно) одговорниве за пандемијава, какви се’ глупости но и неодоговорни заклучоци по здравјето на целото население во државава, особено на најмладите – на децата. Меѓу другите и „логиката“ најмалите, првоодделенците, да тргнат на настава „во живо“ – дечиња кои одвај имаат поим што е тоа школо и што таму ги чека, што е пак ова што се случува околу нив и зошто не’ гледаат вакви „маскирани“, а згора и нив ги тераме да носат маски, се обидуваме – кој колку може и знае – да им ги објасниме опасностите што демнат иако гледаме дека тие едноставно не разбираат бидејќи и не можат да разберат – малечки се, славната ни Комисија прво предлага само првачињата да тргнат в училиште ама веднаш потоа (по обичај и под политички притисок) „стручњаците“ од Министерството за образование им ја преиначуваат одлуката… итн., итн. Незамисливи, страобални коцкања со здравјето на најмалите!

Пандемиската равенка со многу непознати може и вака да се постави: зошто е подрагоцено здравјето на децата од трето одделение нагоре (кои нема да посетуваат настава „во живо“), од здравјето на децата до трето одделение? Некој има логичен одговор? И зарем повозрасните не се повични и „поумни“ да се справат со задолжителните хигиенски мерки од малечкине од прво, второ, трето одделение кои нема да знаат ни главата каде им е?

Што ќе изгубат малечкиве ако и оваа година имаат настава „он лајн“, наспроти големине кои ќе ја имаат таа безбедносна „привилегија“? Се разбира дека немам намера да спорам со сите сериозни аргументи за незаменливоста на личниот контакт учител-ученик, за училиштето како незаобиколив стожер на социјализацијата на децата итн., ама забораваме ли дека македонските семејства (главно) обединуваат три генерации: деца, родители и баби/дедовци? Што и како ќе се случува ако – не дај боже – детето го донесе вирусот дома? И кој ќе биде виновен? Детето? Децата можеби ќе загубат многу ако (и) ова прво полугодие не влезат во училниците, ама нивните семејства можеби ќе добијат многу повеќе? Можеби ќе добијат поголемо чувство на безбедност, па и убедување дека државата се грижи и за нив? И се разбира дека еден од родителите мора да биде ослободен од работа за да се грижи и работи со детето дома. Или – тоа е проблемот, ќе се буни бизМис секторот? Оној што ги опљачка парите од државната помош? И државата нема сила да наложи мерки и за нив, како што немаше ниту за религиозните „групи“? Тогаш, подобро да не си играме држава, нели, зашто сериозните држави постојат за да ги решаваат проблемите, а не да ги создаваат! Постојат и за да го олеснуваат животот на граѓаните, не да го загорчуваат!!!

Во вакви случаи не постои она вампирско „калкулиран ризик“. Такво нешто едноставно – не смее да има. Сериозна држава не може да калкулира со животот на граѓаните, особено не со животите на децата. Но може да калкулира со ризикот за губење на (уште) едно полугодие, па и година ако треба, ако тоа е за доброто на децата. Всушност, во оваа ситуација нема „добро“, се’ е лошо, но мора да се избере помалото зло. Белки тоа знаеме да го направиме?!

КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ВОЛКОТ?

Се разбира, насловот е само симболичен, ама се чини дека реално ја отсликува атмосферата во македонската култура по најавата на составот на новата македонска влада, а со неа и новата министерка за култура. И според „културните“ кулоари, некултурната чаршија веќе го започнала плетењето на соодветните мрежи на влијанија, на познанства, на барање врски… Зашто без тоа тие не умеат да функционираат, немаат што да понудат освен „пријателствата“ и „познанствата“ со луѓе влијателни во СДСМ, или другаде, „другарства“ и „на п.м“ со пријатели на пријателите на влијателните во СДСМ, и тако даље и тако ближе. Се загрижила македонската (не)културна чаршија за своите „инвестиции“, за идните „проекти“ коишто можеби ќе останат само на хартија, за редовниот годишен прилив на жиро сметките којшто се сметаше како сигурен барем уште еден мандат. Се вадат од златните резерви сите кои имале некаков контакт со Заев, Шеќеринска, можеби Николовски, до степен на суво злато или процент од добивките, им расте цената на добрите познаници и пријатели на новата министерка (иако уште неседната во кабинетот).

Има и по некоја псовка низ ходниците на културните институции, па и во самото Министерство, така барем вели чаршијата. Очекуваа повторно некој дилетант, аутсајдер, некој кого ќе можат да го возат до Њујорк, и назад. Јасно, таквите „реакции“ доаѓаат токму од оние партиски вечни лузери кои цел живот се шлепаат на книшките, на „пиењата кафе со оној“ или на „чувањето овци со овој“… ама најмалку на сработеното! Зашто тие никогаш и не сработиле ништо. Или сработиле – лошо. Ама сепак, како партиски пулени, а некои богами и национални галеничиња, редовно и катагодишно биле богато улулкувани во државната лулка викана културен буџет. И тоа не само од „своите“, туку од сите власти, кои и да се’. За нив никогаш и немало идеологија, морал, етика… само – пари! И впрочем, токму на нив се однесува насловот зашто тие, или нивното „дело“, како сакате, наликува на оние „куќички“ што ги граделе трите прасенца – кое од слама, кое од штици, ама сите од трошни материјали! – надевајќи се дека тие ќе бидат соодветно засолниште пред некои нови а можеби и опасни културни ветришта во државата. Ама кога ќе дојде „волкот“ и ќе дуууувне…

И ова е впрочем сценарио што се повторува (кај нас) речиси секоја година, зашто така често ги менуваме министрите за култура. Демек – го бараат најдобриот, ама наоѓаат се’ дунстери, шупелки, незнајковци. И, се разбира, македонскиот (не)културен „crème brûlée“ чести: што пие кафана, ни дојде уште еден за стрижење… и така натаму. Ама сега – пцуе!

Повнимателните ќе забележат дека и медиумите молчат. Иако тие константно молчат кога културата е во прашање, ама сега не го коментираат ни персоналното решение. Не знаат (што е вообичаено), не сакаат (не би рекол), или не сакаат да се истрчаат со глупости (што е најверојатно)? Но, според мене, сегашнава малтене траорна атмосфера и’ погодува на културата. Можеби ќе има сили да се самодиференцира, иако јас повеќе би сакал да биде – диференцирана. Онака, директно – од врвот! Зашто кај нас самодиференцијацијата секогаш е траљав процес, подложен на разноразни лично-групни влијанија, еснафски групировки, лукративно-финансиски кланови и слични балкански мафијашки модификации. Како да ни пристигнал последниот воз за Недојдија, имаме добар „машиновозач“, уште да ги товариме вагоните. Лошо звучи? Ма немој, а добро звучеше ова досегашно пљачкосување – дури и без маски! – на културните ресурси? Ако на тоа бргу не се застане на патот, веќе утре возот ќе го управува некоја од сегашниве „културни“ битанги кои така верно служат на сите власти. И ќе ги натоварат токму оние кои нешто значат во македонската култура, оние кои можат да повлечат напред и да ја постават културата на здрави нозе.

За тоа е е неопходна државата односно нејзиниот решителен потег во културата. Првиот го направи, неопходни се останатите, чекор по чекор, почнувајќи од онаа етнопартиска збирштина што некои ја нарекуваат Министерство за култура! Време е волкот да ги покаже забите. Или силно да – дууувне!

ГРОМ ОД ВЕДРО НЕБО

1.

Оригиналниот наслов на текстот беше „Укинете го ресорот култура“ бидејќи беше пишуван по објавата/предупредувањето на двата синдикати од културата – СКРМ и СОНК – контра легендарното ни Министерство за култура за неисполнување на обврските од Колективниот договор, во вторникот, кога започнаа да кружат и слухови за некакви можни „кандидати“ за министерското место во култура. Денес нештата се битно поинакви и нема веќе потреба од таков песимистички наслов. За тоа ќе кажам збор-два во вториот дел!

Инаку, спомнатата објава на синдикатите наликуваше на очекуваната последна страничка во никогаш прочитаната книшка за македонската култура од страна (и) на оваа власт. И можеби е најсрамната, зашто толкава незаинтересираност, толкава неспособност и неукост на едно министерство токму за работите за коешто е надлежно е – незамислива. Незамислива не заради друго туку заради фактот што тоа министерство, како впрочем и многу други во оваа влада, се однесува(ше) како да е дел од некоја друга држава, од некоја друга власт и систем, за него како да не важеа овие процедури и закони, македонските стандарди и критериуми (такви какви што се). И никого во оваа влада тоа не го возбудува(ше), како оваа култура да е вон границите на државата и вон интересот на власта па цели две и половина години ниту едно око да не се заврти во нејзината насока! Да го кажеше некој ова во 2016та година, во екот на граѓанските протести и „Шарената револуција“ кога речиси целата култура освен оној антикултурен „патриотски“ отпад застана зад ветувањата на сегашната власт, немаше да му веруваме!

Кога една држава, еден државен орган така ноншалантно не ги почитува договорите што самата ги подготвила и склучила, кога една држава односно еден државен орган како Министерството за култура не ги почитува званичните документи што самата ги изгласала во највисокиот законодавен дом, кога една држава односно нејзиното Министерство за култура, наспороти сите случувања и јавни одгласи во последниве месеци во еден важен сегмент од културата како што е филмот не реагира ниту со збор не пак со дело… тогаш многу нешта говорат во прилог на се’ почесто спомнуваната теза дека на оваа држава навистина не и треба култура!

Се разбира, горенаведените примери се само дел од оние многу небулози, некои и со катастрофални последици,  што ја следеа македонската култура во изминативе три години. Но тие се важен, многу важен дел зашто во нив станува збор за еклатантно непочитување на законски процедури, на донесени стратегии, на владини заклучоци… Тие се само врвот на сантата мраз, а под него се кријат уште едно чудо заборавени и полузаборавени скандали, случаи, прекршени ветувања. А тој што ќе се обиде сето ова да го припише на некаков (нов и изолиран) инцидент или некакво недоразбирање помеѓу (се’ уште) актуелните коалициски партнери, или навистина не ќе знае што говори или свесно говори дебели лаги. Со опашки! Зашто, прво, премногу „изолирани“ инциденти се случуваа годиниве за да поверуваме дека сепак станува збор само за некакви минорни пропусти и лични слабости. И второ, не можете да ги третирате како инцидент, на пример, изминативе три годишни конкурси за финансирање на културата, каде се вршеше општ грабеж на државни пари со премолчени согласности помеѓу коалициските партнери, каде за таквите партиски поделби на културниот колач кумуваа сите – од горе до доле по партиско државната хиеарархија – а директната егзекуција ја вршеа повторно партиски дилетанти заседнати во таканаречените стручни комисии! Или, трето, не е изолиран инцидент доделувањето на ресорот култура од еден неспособен „министер“ на друг еднакво неспособен „министер“ само заради тоа што тие ви се коалициски партнери. Или, четврто, уште помалку можете да се нарекувате реформска власт а да не сте започнале ни со буквата „р“ од најавените реформи во културата, туку ресорот сте го дозаглавиле уште два метри плус во онаа жабокречина оставена од пуфлата… ! И кога би продолжиле со списоков, до каде би стасале?

Па, би стасале токму таму каде што стасавме: до неисполнувањето на клучните одредби од Колективниот договор за културата, потпишан со голема помпа (како што впрочем и бидува кај нас!) уште во декември 2019 година, а со важност од 01 јули оваа година. Е, ама, како и обично – цврц, нула, зеро… ! И сега пак ќе биде виновна короната, па коалицискиот партнер, па времето – вакво никакво во август – па фактот дека уште не се знае дали децата ќе тргнат в училиште навреме, а можеби и зафатеноста на министерката за финансии со вадењето пари од македонските банки пред стечај, нели?! Здодевно ќе биде да се слуша оправдувањето на оваа техничка влада во нејзините последни часови, здодевно и заморно зашто ниту едно оправдување или не дај боже извинување не е и нема да биде искрено, уште помалку ќе биде точно.

Затоа, ми се чинеше дека единствен логичен предлог во вакви услови е новата влада да го укине ресорот култура. Не се шегувам, сериозен сум зашто сето ова веќе преминуваше во мачење, во т.н. кинеска тортура капка по капка. И никој немаше многу да загуби. Културата ќе преживее, секако, како што преживеала и во минати еднакво лоши времиња – под турско, грчко, српско…

2.

Но, денес, по оној вчерашен гром од ведро небо, нештата битно се менуваат. Во ресорот треба да дојде министерка со долгогодишен стаж во културата и во науката, но и со тригодишен стаж како претседател на собраниската Комисија за култура! Што ќе рече – запознаена целосно со сите проблеми во ресорот, па ќе нема држ-недај, дај да се запознаам со работите, со луѓето, институциите. Ако македонската култура во поновово време некогаш имала среќа, тоа е сега. Затоа ова и ми дојде како гром од ведро небо, особено по оние калкулантски слухови за секакви шушумиги што требаа таму да бидат згрижени, што ќе беше нова катастрофа за сите. Ама, има и едно ама: ако македонската култура ни сега нема да умее да го искористи овој миг и оваа министерка, тогаш навистина ресорот треба да се укине!

ИСКРИВЕНА ДИМЕНЗИЈА

Македонскава политичка, да не речам политикантска, иако тоа повеќе одговара, е веќе далеку од нормална зашто вакви спинувања на реалноста, вакви извртувања на случувањата и нивните објективни толкувања не се својствени на една здрава, демократска средина. А едновремено и секој обид за (барем) делумно поставување на вистината во центарот на вниманието, за исцртувањето на (барем) скицата којашто понатаму би се развила во подетална слика на вистината е осуден на пропаст зашто не само што власта во континуитет глуми дека „не е од тука“ туку таа зараза веднаш преоѓа и на надлежните државни институции коишто или ги игнорираат конкретните проблеми или даваат недоветни „објаснувања“ на коишто не знаете дали да плачете или да се смеете. Сето тоа во јавноста, кај граѓаните, веќе одамна одзвонува како крајно непочитување на нивната интелигенција, како отворена навреда и шамар на здравиот резон на луѓето. Зашто, кога ги читате немуштите, приглупите соопштенија на надлежните, друго и не можете да помислите. Кога гледате дека ве третираат како лица со посебни потреби – без намера ова да звучи навредливо – кога ви цртаат дека два и два кај нас треба секогаш да бидат пет а не четири како во сите други нормални држави или дека говорот на омраза, на потценување, на навреда врз национална основа ако доаѓа од потенцијалниот коалициски партнер не е тоа што нам ни се чини и никој од надлежните не реагира… тогаш ние веќе имаме сериозен проблем којшто нема врска ни со демократија, ни со систем ниту пак (или најмалку) со некаква објективност, туку тој проблем е ментален, психички, општествено деструктивен и води во крајно непосакувана насока! А ние, и денес, после се’, а по примерот на вчера, живееме некоја целосно искривена димензија на постоењето.

Во таа димензија како да нема место за друго мислење, за дебата, за стручност и компетентност, а нема ни за логика, морал, достоинство… уште помалку за вистина. Недвојбено дека таа и таква димензија некому му одговара. Поточно, одговара на многумина, но, повторно – таа е навредлива за едно огромно мнозинство граѓани кои едноставно не сакаат да бидат третирани како восочните кукли во (се’ уште недопирливиот) Музеј на македонскиот хорор. Зашто тој музеј – ако за тоа страшилиште воопшто и смее да се употреби тој цивилизиран збор – како полека да се излева и во оваа нова македонска димензија со тенденција и од нас да направи слепи, глуви и неми восочни фигури. А можеби тоа е генералната идеја: од Македонија да се направи еден релативно голем музеј на восочни фигури каде кустоси ќе бидат ген-секите на владеачките партии? И кадешто секој четири години ќе не’ вадат за гласање, до моментот дури и за тоа не најдат поссодветно решение?

Последниве шест месеци се веќе индикативни за иднината на оваа држава. Не знам според кои „знаци“ и „анализи“ се водат партиите – а да имаа барем некакви употребливи не ќе беа на ова дереџе! – но нивните штабови, „аналитичари“ и мегафони (кои, главно, отплаќаат стари груевистички долгови) промашуваат во секоја божја работа којашто се појавува како проблем во државава. Ќе се покаже дека пандемијата била најмал од нив, иако и таа ни отвори уште стотина нови „очи“ за неспособноста на државата, на системот, на власта, на поединци – самонаречени стручњаци, вакви или онакви „експерти“, советници итн. Од времето на стапувањето на сцена на оваа т.н. техничка влада ние тонеме се’ подлабоко во неспособноста на државните органи (МВР, здравство сосе онаа неспособна Комисија, култура, животна средина, финансии…), на државните институции и партиските пулени залегнати во нив (Јавното обвинителство, Институтот за јавно здравје, Центарот за управување со кризи, славната ни Агенција за филм, Управата за заштита на културното наследство…), од самоволието на поединци, во диктатот на разноразни еснафски групи, во етнотортурата на партиите и нивните уцени… Сето тоа особено денес, откако почна оваа трка по влада, е десеткратно мултиплицирано според онаа народнана формула „лудиот го работи збунетиот“. И точно е дека ние сите сме збунети зашто, прво, не сме така воспитани, второ, не сме учеле такви современи „школи“, и трето – сепак внимаваме на сопственото (морално/етичко) однесување. Што очигледно се покажува како хендикеп – воспитен, образовен, културен… – што пак денешниве партии обилно и секојдневно го користат.

Што му преостанува на обичниот граѓанин, кои механизми – освен (се’ уште) изборните – ни се достапни за коментар, критика, изјаснување за актуелните „политики“, за кое и да е’ незадоволство… ? Речиси ниту еден. Освен социјалните мрежи и делумно порталите бидејќи другите медиуми се строго политикантски парцелисани. Оттаму и онаа навалица на социјалните мрежи како „рамо за плачење“ или локален Хајд парк, но без никакво – или сосема минимално – објективно влијание. Но, во одредени мигови, токму тој „Хајд парк“ ја отсликува вистинската димензија на политичките, да не речам политикантските, случувања кај нас, сугерира расположенија, дури решенија, но и револт. Зашто, не може едно сериозно Јавно обвинителство да излезе пред народот и туку така да тропне дека секој има право да си ги повлече сопствените пари. И – да остане живо! Кој воопшто го спори тоа право? А зарем онаа дежурна Антикорупциска не го знае тоа „право“ па сепак отвора предмет? И може ли баш така, молчешкум, повторно од тоа Обвинителство, но и не само од него, да помине онаа етничка тирада полна со говор на омраза? Или сите овие игри и уцени околу составувањето на новата влада? Или поскапувањето на струјата со она налудничаво „образложение“? Или тоталната неспособност да се реши проблемот со започнувањето на школската година? И уште колку други горливи проблеми што директно го засегаат граѓанинот, а за коишто тој има сосема поинакво мислење од власта но нема каде да го каже? А што и ако го каже?!?

ЖЕЛБОДОНИЈА

Обично, ако на едната страна имате малку, другата претежнува односно таму имате многу, често премногу. Но не од она што го сакате, или ви треба, туку баш од она што најмалку го барате. Ама – и небарано ви го сервираат, ви го поттураат под нос небаре без тоа не можете да живеете. Следејќи ја идејата од минатиот пат за она што ни недостасува, можеме ли да ги лоцираме главните „вишоци“ што не’ затрупуваат, оние што ги имаме премногу? Се разбира, барем тоа е едноставно.

Ене ви го најсвежиот пример со банкарскиот сектор: Македонската банкарска асоцијација „не ја дава гувернерката и бара да се зачува независноста на Народната банка“ (sic!). Види богати, а другите државни/општествени сектори не мора да ја зачуваат независноста? На банкарите за тоа не им е грижа? А и зошто би им било, се разбира, ако гувернерката им е толку погодена? (Да нема дилеми: немам ама баш ништо против гувернерката, ама вакви „поддршки“ сме се изнагледале. И тие секогаш повеќе штетат отколку што користат, сведочат за нешто сосема друго, најмалку за вистинска поддршка).

Се разбира дека (и) оваа „грижа“ и „поддршка“ значи дека (одново) е отворен сезонскиот лов на позиции зашто, нели, се составува нова влада и растат апетитите на некои интересни групи?! Исто како и пред три години кога „бизМисмените“ – веројатно голем дел и од овие коишто неодамна си ги ставија државните пари за помош на вработените в џеб – бараа да имаат свој претставник во владата. Пази богати, се смеевме. Ама, оп: Анѓушев потпретседател, ни мање ни више! И кога си ги заврши сите работи – си замина!!! Ги следиме желбите на „бизнис секторот“ којшто, нели, ќе не’ извади од калта. Еве, гледаме како не’ „вади“. (А после некој ќе рече сме немале демократија. Па овде требало само да изразиш желба!). И, се разбира, тоа не се некои безначајни позиции во државата/општеството, не се тоа желби за претседател на месна заедница или куќен совет. Никако, туку потпретседател на влада, гувернер на НБ… А кога на такви „желби“ се излегува в пресрет, следуваат поголеми, и уште поголеми: инаку од каде, и зошто, дојде оној етно-партиски ултиматум за премиер, независно од изборните резултати а само заради нечија желба? Претходно беше за претседател на Собранието, утре ќе биде за претседател на државата… Англичаните имаат еден убав израз: wishful thinking! Ама тоа важи кај нив, овде никој не смее да каже не, ние желбите навистина ги претвораме во реалност. Се разбира, не желбите баш на секој простосмртник туку оние на партократите, олигарсите, на лоби групите, на партиските пулени, пријателите и роднините… Можевме комотно да се викаме и Желбодонија. Ќе беше посоодветно.

Оттука, тој тип на притисоци – да не речам уцени – и (лукративни) желби навистина не ни недостасува, напротив. И по правило сите се исполнуваат, мање-више. Зависи од силината на притисокот – да не речам уцената – и испреплетените интереси, ама во најголем број случаи сите позитивно се решаваат. Или соодветно се компензираат. Дури, еве, велат дека замирисува дека и желбата за премиер албанец ќе биде исполнета. Ако не во полн мандат тогаш барем во „скратен формат“ од 3:1! Но, впрочем, ваквите стапици одамна беа поставени. И оваа скаламерија повторно ќе биде наш епохален политикантски „придонес“ во светот на високата политика. Се разбира, заради „повисоки цели“.

Што друго не ни недостасува? Па не ни недостасува примитивизмот, простотијата, сељачизмот, кичизмот, криминал и корупција имаме колку што некои сакаат, администрација дури и за цели две држави… Сосема доволно, дури и за извоз, имаме и депонии, катастрофално загаден воздух, лоша патна инфраструктура, ѓубре низ градовите… имаме самобендисаност, непотизам, клиентелизам, дилетантизам, неписменост… Апропо, славната ни Агенција за филм го одбива предложениот игран филм на Антонио Митриќески бидејќи „не може да се утврди дека режисерот има снимено и јавно прикажано најмалку два краткометражни документарни или анимирани филмови со кој учествувал на најмалку два меѓународни фестивали“! Извинете, но колку глуп треба да бидеш, или некомпетентен, или неинформиран… или злобен за да напишеш такво нешто? Не го знаат Антонио Митриќески, или не сакаат да го знаат? За да останат повеќе пари за нивните пулени? И кога претседателот на Управниот одбор потпишува и такви „одлуки“, можете да замислите што се’ потпишал во изминативе три години? И сега замислете некој да ги прочешла сите одлуки на нашиве фамозни агенции, национални институции, државни претпријатија, што се’ таму ќе најде? Еден век робија, век и половина… ?

Ние, за жал, од државата, од системот направивме пазар на желби. Нашите политичари не научија дека државата не смее да функционира според нивните лични желби и „законитости“, уште помалку според онаа логика на „економска“ понуда и побарувачка – бидејќи, државата, нели, не е бизнис! – дека има цели области за коишто речиси и да нема понуда, или побарувачка, сеедно, ама државата мора да ги сервисира, дека вољата на партијата/политиката не е и воља на државата/системот, дека желбите на политичарите и нивните пајташи се нивна приватна а не и наша или државна работа! Пазарот на желби можеби и може да функционира внатрепартиски, според некаков нивен интерен „систем“, но општеството не е нивна или сопственост на нивните деца, роднини, пријатели… Дали моментот кога македонската политика тоа ќе го разбере нештата ќе се сменат? Не, зашто добар дел од македонската политика тоа и денес го знае. Ама, едноставно, не и’ е гајле, нема причина да ги почитува европските демократски принципи, нема зошто да не’ почитува и нас како граѓани на оваа држава. Ние сме де факто неважни среде овој партиско-криминален етно парк, всушност ние сме злото без коешто не се може (за среќа само) секоја четврта година!

ШТО НИ НЕДОСТАСУВА?

Ни недостасуваат многу материјални нешта, ама тие не се приоритетот, тие со време ќе дојдат, по силата на претпоставениот развој. Повеќе ни недостасуваат оние духовните, ама тие најтешко се надоместуваат. А меѓу нив, ни недостасува образование, култура, научна мисла … ни недостасува Уметност која на поинаков начин ќе ни ја интерпретира стварноста, можеби, ако треба, и ќе не’ утеши, ќе не’ натера да седнеме и размислиме за животот, за секојдневието, за иднината. Ни треба еден наш Банкси да ни каже дека очајот е минлив, дека можеме и самите да го изгониме и да го замениме со надеж, дека ни треба ум и решителност. Ни треба и еден Лешек Швиџински да им ја испее „Nessun Dorma“ на здравствените работници. Ама такви денес немаме, за жал. Имаме само – племенски политичари! И тоа лоши, приучени, нетактични, самобендисани, глуви за се’ друго освен за својот глас, и џеб.

BANKSI

Но не беше секогаш така. Го имавме еден Конески чиј неприкосновен глас беше ненадоместливо искуство, чиј стих се римуваше со нашата сушност; го имавме еден Мазев кој наспроти сиот негов вехементен експресивен виор умееше да влее силна надеж, дури среќа дека и големата уметност е дел од ова општество; го имавме и еден Хаџи Бошков кој „филозофски“ ни ги моделираше човечките доблести и слабости, кој умееше да ни ја прикаже нашата празнотија и немир, нашиот провинциски менталитет… Имавме и многу други. Добро, не толку многу, ама сепак. Некои од нив се се’ уште меѓу нас ама како да не се: ретко кој ги знае, младите воопшто, никој не ги прашува ништо. Ги испративме во заборав, што се вели – живи ги погребавме. А имавме и по некој умен државник. Денес немаме ништо! Денес имаме само – племенски политичари! И тоа лоши, приучени, нетактични, самобендисани, глуви за се’ друго освен за својот глас, и џеб.

Таква држава има прилично неизвесна иднина. Политичарите „не ги прават“ државите туку умните луѓе – уметниците, филозофите, писателите… – тие ги поставуваат не само темелите туку и насоките на развојот, стратегиите и тактиките (што би рекол Банкси). Држава што не ги користи своите креативни и научни потенцијали е банкрот држава. Ние нештата ги свртевме наглава: од периферното правиме централно, од маргината сакаме да исцртаме Мона Лиза (макар и Дишановска), од аутсајдерите правиме лидери и очекуваме смерници! За таква „стратегија“ нема соодветен пример во историјата, таква тактика не познава современиот свет!!!

Впрочем, токму тој современ свет одамна ни признал дека имаме апсолутно несекојдневна способност за занимавање со небитни нешта во важни времиња, со дребулии во кризни состојби, со маргинални прашања во речиси клучни мигови. Нашата моќ за синтетизирање на искуствата, добри и/или лоши, нашиот потенцијал за справување со суштинските проблеми на државата/општеството и стратешкото планирање на иднината се сведени безмалу на нула. Не го користиме дури и тоа што го има(в)ме како некакво аналитичко сознание преточено во оние малубројни сериозни државни документи, за нас не е важна науката, уште помалку историјата – поблиска или подалечна – како „скромен“ но често точен показател на големи генерациски грешки, а речиси воопшто не умееме да извлечеме поуки ниту од регионалните, не пак европските или светските искуства. Пандемијава целосно не соголе, не’ наслика во вистинските сиви бои, ни ги покажа сите наши неспособности, сета наша неукост, неработење, неподговотвеност да се фатиме в костец со важни државни проблеми! Ама затоа си ја видовме безобразната арогантност, континуираната себичност, провинцијализмот… (се’ уште) етничката поделеност и националистичка самобендисаност… Или, читајте ги само насловите на апологетските политички „аналитичари“ и „коментатори“ (од кои сите отплаќаат некакви минати долгови од времето на груевизмот): кој каква влада прави, кој со кого преговара и како, кој со кого треба да преговара и зошто, кој кого урива и зошто… Мачен, катастрофален јавен збор!

Следствено, додека светот сериозно размислува за модалитетите за надминување на заканувачката генерациска катастрофа, ние, еве точно уште само 18 дена до почетокот на школската година појма немаме што и како ќе им се случува на децата, министерот за образование се крие од јавноста, како впрочем и сите други итекако одговорни за ситуацијата. Ама апологетиве не пишуваат за тоа. Уште полошо – ние не знаеме ни како се одрази врз децата досегашново „седи дома“ школско искуство па врз основа на тоа да извлечеме соодветни заклучоци и поуки за утре. Никој не ни кажува ниту што велат странските искуства во овој поглед. Што правеа овие шест месеци сите тие силни професори, педагози, психолози, социолози, педијатри… ? Мислеа дали Грција ќе ги отвори границите? Е па не ги отвора. Оние неколку странички што ни ги поттураат како „истражување“ е всушност анкета со директори, наставници и ученици и нивните искуства и мислења за довчерашната онлајн играрија. Дрн, дрн. Дел од некои светски искуства се обидува да ни пренесе претставничката на УНИЦЕФ, ама ние какви што не’ дал господ веднаш се организираме контра, секој од нас заради некои свои себични лични причини. А кога тоа ќе стане манир, кога тоа ќе прерасне во начин на работа и на највисоките државни институции, тогаш веќе ѓаволот ја однел шегата. А ние не сме далеку од тоа!

Нам ни треба научен а не политички став за нештата, во конкретниов но и во секој друг случај, еднакво како што ни требаат и уметнички визии за нашево битисување, нам ни требаат отворени библиотеки како симбол на слободата на човековата мисла, ни требаат и отворени музеи како духовни прибежишта за дијалог со минатото и сегашноста… Каква полза имаме ние од секојдневните политикантски натегања и подметнувања, од лагите и уцените на етно-таборите и нивните гласноговорници низ медиумите. Наместо надеж добиваме интриги, наместо стабилност ни нудат тензии, наместо неопходното единство во неволјата ни ги полнат ушите со националистичко лудило. Кому всушност му треба оваа и ваква македонска политикантска глутница?

(МУЛТИ)ГЕНЕРАЦИСКА КАТАСТРОФА

Тоа што генералниот секретар на Обединетите нации Гутиереш сега, речиси уште пред да се случи, јавно ја адресира генерациската катастрофа што му се заканува на човештвото е наша одамна (не)научена лекција. Ние таква катастрофа живее(в)ме во континуитет цели единаесет години под неуката ама лакома шепа на злосторничкото здружение камуфлирано во политичка партија. Запустија се’ што можеше да се запусти: образованието, културата, науката, уметноста… ! Такашто ние сега можеме да му држиме лекции на светот како тоа се прави, можеме да извезуваме и „учители“ за создавање погодно тло за вакви културни катастрофи – зашто, и нашата, и оваа светскава, во самата суштина се културни катастрофи! – но, ќе се осмелам да кажам, имаме за извоз и „професори“ кои можат да ги препознаат скриените знаци на настанувачката катастрофа и да предлагаат соодветни мерки. (Само, овие вториве, ни дома не умееа да ги искористат! Нејсе, но мора да остане забележано за иднината дека сепак имало поединци кои јавно, јасно и гласно говореле за тоа што ни се случуваше!).

И во еден миг, краток за жал, уште во 2017 година мислевме дека завршивме со човечките/генерациските катастрофи од тој тип, дека се опаметивме, но реалноста и денес ни раскажува речиси иста, или слична приказна. Без оглед дали сакаме да ја согледаме во континуитет или не, но фактички навлегуваме во петнаесеттата година на македонската културна катастрофа којашто, заради многу причини, некои не само што не можат да ја видат туку не се способни ни да ги согледаат нејзините крајно деструктивни повеќедецениски последици. Ама сепак настојчиво се обидуваат да не’ убедат дека нивните затворени очи се подобар избор од нашите отворени, и од – вистината. А вистината е поинаква. Г-динот Гутиереш крева паника заради само шестмесечен „застој“ – да, знам, со потенцијални уште година, две плус – во развојот на човештвото, но ние на крајот на умот не ја ставаме ни нашата конкретна катастрофична бездна од цела деценија и половина! Е тоа е разликата помеѓу културниот свет и нас, го сакале ние тоа или не! Тоа е разликата помеѓу умни народи и визионерски лидери и сите други, тоа е разликата помеѓу цивилизација и каллива провинција.

И точно е дека е на повидок светска генерациска катастрофа, на оваа/овие генерации кои тукушто тргнаа в училиште или оние што треба наесен да тргнат. А ако пандемијата потрае, како што ќе потрае, може да се случи да отседат или дома со онлајн настава (што никако не е исто!), или со некои „live“ модификации и „настава“ под (маскирани) групи, со строги контроли итн. Ситуација којашто мали деца тешко ќе ја разберат и на кои – лесно може да се случи – училиштето ќе им се види како мачилиште! Иако, велам, цивилизираниот свет умее да ги преброди и тие предизвици, подготвен е и технолошки и кадровски и финансиски. Ние – не знам. Ние ги помагавме „бизнисмените“ – една булумента крадци премачкани со сите бои! А за децата ни текна дваесет дена пред почетокот на школската година. Згора, велат, само пет училишта во државава не биле соодветни за „новата (не)нормалност“! Јас ќе се кладев дека само пет се подготвени, ама ајде да не го тупам зашто сигурен сум дека под поимот „подготвеност“ сите подразбираме различни нешта. До вчера говоревме дека во повеќе од половината училишта нема саглам тоалети, за тоалет хартија и сапун да не говориме, ама сега тоа изгледа не е важно, нели?

А сепак, она што политиката и медиумите денес ни го поставуваат како судбинско прашање е конституирањето на новиот Парламент – во онаа монструозна „македонистичка гробница“ конструирана од  болни македонски умови – па составувањето на новата влада, пазарот околу ресорите итн. Ние вистинските судбински прашања не ги ни поставуваме! Не знам ни дали сакаме да ги поставиме. Зашто, не потценувајќи ги локалните успеси од типот на договорите (какви-такви) со Бугарија и Грција, официјализирањето на нашето членство во НАТО, отворањето на пристапните преговори со ЕУ…, сето тоа нема да ги покрие нашите повеќегодишни каскања зад Европа и светот, нема да ги сокрие ни нашите катастрофи во образованието, културата, науката, уметноста, здравството…, нема да го направи невидлив центарот на Скопје и монструозната кичеризација на идентитетот, историјата, уметноста… Ние, за жал, не умееме да процениме колку генерации уништи нерешавањето на проблемот со Грција и колку (можеби) ќе упропасти натегањето околу историските факти со источниот сосед; не сме ни свесни колку генерации израснаа со тотално дегенерираната претстава за тоа што е уметност, што е култура, што е скулптура а што споменик и кому се подига нешто такво; македонската наука на чело со славната ни МАНУ пладнува во континуитет, а богами и слатко прежива на некоја своја идиотска ледина додека во светот веќе и приватните иницијативи ја освојуваат вселената. Следствено, кому, извинете, му требаат седумнаесет (и со бројка: 17) лекари во Парламентот? Немаат ли тие попаметна работа, учеле ли да бидат политичари или да лечат луѓе? И немаше ли еден доблестен во партиите да ги исшутира од листите? Или, еве ги повторно оние хохштаплерски „бизнисмени“, повторно плачат, иако претходната државна помош за работници ја ставаат на своите лични конта. Светот – или Обединетите нации, ако ви е полесно – жали и крева паника за една/две генерации, ние во континуитет упропастивме триесет. И? Никому ништо, повторно сите среќни и весели, нели!?

НЕОДГОВОРНО ОПШТЕСТВО?

За оние кои сакаат да читаат (и) меѓу редови, онаа лефтерно „нафрлена“ дијагноза на претседателот на државата за СЈО всушност повеќе сокрива отколку што открива. Она што претседателот веројатно не сакаше да ни го каже в лице баш на 2 Август туку не’ остави да се помачиме со „читање по дијагонала“ е дека, за жал, ние се’ уште функционираме според некои стари матрици, дека заробените институции се се’ уште меѓу нас и, што е уште пострашно, дека заробениот ум е се’ уште на цена. И дека борбата против него не е лесна борба. Стравот, „претпазливоста“, подаништвото… тешко се забораваат, уште потешко се надминуваат!!!

Македонската не само политичка туку и вкупната општествена ситуација (веќе) во континуитет остава силен впечаток на несигурно и нестабилно, а во конечната инстанца и неодговорно општество во коешто нештата се одмеруваат не според нормалните, вредносните, современите цивилизациски мерила туку според некаков застрашувачки амбивалентен „дневен концепт“ на право и/или (не)правда, демократија и/или олигархија, меритократија и/или непотизам, плутократија или популизам… а следствено и на прогрес и/или ретроградност, култура и/или современ варваризам, уметност и/или кич… Како да не умееме (или не сакаме?) да го стабилизираме вистинскиот курс туку таквите самоволни претумбации во самата суштина на државата/општеството ни се наметнуваат од некои „таинствени“ командни партократски центри, од мали но моќни интересни групи, од самонаречениот „бизнис сектор“ којшто неодамна си го покажа вистинското лице (но и државата своето, што како последен пример дополнително ги алармираше сомнежите на општеството во системот, власта, владеачките структури). Се разбира дека правото односно правдата се секогаш на врвот на листата на барањата на граѓаните, зашто пукнатините во таа брана редовно завршуваат со криминална, коруптивна, недемократска катастрофа. А тој филм веќе сме го гледале.

Актуелните високопозиционирани во јавноста случаи како „Рекет“ (а во тој контекст и неславниот крај на СЈО), Агенција за филм, сега „случајот АКМИС“ и редица други, ја поткреваат општественатате тензија не само заради узурпацијата на службената положба туку еднакво, ако не и повеќе, заради отсуството на државна контрола и особено заради присутната тенденција за некаква чудна (премолчена) амнестија на цел круг луѓе околу ваквите случаи кои според нивните позиции биле должни да превенираат, да контролираат, да реагираат, да стопираат! Државата, очигледно е, ги разрешува таквите случаи со различна диоптрија, некаде поширока но некаде радикално стеснета, задоволувајќи се притоа со фокусот врз (условно) главниот „виновник“. Тоа пак во општеството редовно остава сомнежи за поинаква – да не речам каква – инволвираност и на високи државни структури во тие случаи, некаде повеќе некаде помалку, за амнестирање на партиски пулени или друг тип клиентела. Оттука, можеби, кај нас прашањето на индиректното соучесништво, на проблематичното нечинење, на затворените очи и јавниот молк, индиректно упатуваат на се’ уште присутниот заробен ум и заробени институции.

Последен пример на листата секако е спомнатиот „случај АКМИС“, или „случај Панчевски“, како сакате, којшто после „возбудливо“ сценарио на повеќегодишно натегање, па бегства и криенки, конечно дојде до завршница. Без намера да правам непосредни паралели со другите бегло спомнати случаи и (и таму присутните) дилеми кој се’ за нив знаел, што таму навистина се случувало, зошто никој надлежен не реагирал на време итн., овде нештата се безмалу кристално чисти. Но – само од едната страна, онаа инволвираната. Поточно, овде не станува збор дали некој во дотичниот суд каде инкриминираниот лик бил шеф знаел или не што се случува. Тоа, веќе е јасно, го знаеле сите. Но, од друга страна, таму судиите – поточно некои од нив – се директни и недвосмислени соучесници во злосторството викано рачно распоредувани предмети односно заобиколување на таканаречениот АКМИС. И тука нема и не може да има никакви дилеми зашто се знаат и нивните имиња, а следствено тие и постапувале/суделе според рачно добиените предмети. Што ќе рече: чисто како солза! Дилеми можат да се појават само во некои маргинални аспекти, но не и во самата суштина. Но ние умееме маргиналните нешта да ги претставиме како – централни. Или, ако сакате, според поставеноста на „случајот“, па и според пресудата, виновен е само оној кој ги распределувал предметите, но не и оние кои (незаконски) ги примале и (незаконски) постапувале по нив! Што повторно ќе рече: државата овде одбрала таква диоптрија според која секогаш е виновен наредбодавецот, но не и извршителите. Иако, во такви случаи, претпоставената вина мора релативно рамномерно да биде распределена врз сите учесници во криминалните активности, ако е веќе утврдено дека тие активности навистина се случувале и имале криминална цел/позадина, што во случајов е (вели неправосилната пресуда) недвосмислено утврдено.

Оттука, од каде таа наша „милост“ кон соучесниците, зошто ние – поточно оние кои одлучуваат – сметаат дека соучесникот има олеснителни околности, дека дури не треба ни да биде повикан на одговорност, дека само главната улогата е одговорна/ „ја носи“ целата кримогена претстава а споредните, оние останатите, се изземени од процесот на „креацијата“? Дали со тоа некој се обидува да создаде магловита приказна за некакво (не)одговорно општество кадешто само наредбодавецот е виновен но не и извршителите? Дали тоа треба да биде некакво покритие и за многу идни случаи во коишто, можеби, нема ни да се знае кој е наредбодавецот па сите ќе имаат „алиби“ односно ќе бидат амнестирани? Дали навистина мислиме дека токму тоа е она што во моментов ни треба, дека токму тоа е она што граѓаните го бараат од власта? И зошто тоа би било баш така?