Доволна ли е таква казна?

Токму ваквите политички мигови, кога се одлучува за промената – дали „судбинска“? – на една власт, ги објаснуваат сите претходни (веројатно децениски) „подготовки“ на партиските номенклатури со една и единствена цел: да го држат граѓанинот во подаништво, во недефинирано квазидемократско лимбо, во политички мрак којшто никогаш докрај нема да му ја појасни реалноста односно вистината за намерите на власта. Тие „подготовки“ се нижат како по „црн“ политикантски учебник, зафаќајки ги, некогаш и неосетно, сите сегменти во животот на поединецот. Што би рекол северниот сосед: „од колевка па до гроб“.

Односно, во вакви политички мигови пресудни за натамошниот развој на една држава, се гледа, прво, зошто е важно партијата, во најголем процент, да инсталира свој административен апарат којшто беспоговорно ќе ја слуша бидејќи од неа му зависи егзистенцијата, потоа зошто мора да има контрола над поголемиот дел од медиумите, поткрепена со квази-интелектуална клиентела којашто ќе ечи во јавниот простор, понатаму зошто е важно граѓанинот да остане политички дилетант кому информациите ќе му ги дозира само партијата на власт… итн., итн.

И тоа беа надежите, очекувањата на оваа власт: дека партиското тело, административните инсталации, клиентелната пропаганда и медиумите, независно од нивната неспособност, повторно ќе им ја одработат победата. Е па – не се случи баш така.

Иако и онаа бројка од сто и осумдесет илјади гласови во првиот круг на претседателските избори за оној кој цели пет години глумеше претседател е фантастична. И токму таа бројка не можете а да не ја припишете на политичката неедуцираност на дел од гласачкото тело, на тоталната зависност и партиско слепило и слично.

Зашто, во некакви други околности, во услови на поинаква граѓанска демократија и вистинска слобода на граѓанинот, во демократски амбиент во државава, економска независност на поединецот од партијата и др., „казната“ ќе беше многу порадикален, дури драконски одговор на гласачкото тело на сето она што тој и неговата „партија“ ни го приредуваа низ годиниве. Поточно: да го потрошите вашето гласачко право со даден глас за дрвена кукла којашто единствено одобрувачки клима со главата е – политички нонсенс. И граѓански егзибиционизам!

Но, и оваа „казна“ е драстична, иако требаше да биде посилна. Зашто, повторно, им остава на „прогресивниве“ криминалци простор за манипулации, за алаш-вериш договори, за нови ујдурми со нивниот коалициски партнер.

Затоа, резултатот од првиот круг на овие претседателски избори може и поинаку да се постави: дека е пропуштена можноста јасно и гласно да се детронизира – веднаш, уште во првиот круг – човекот кој толку пати ја изиграл довербата на граѓаните, кој отворено – в лице! – им говорел невистини за клучните државни прашања и кој и понатаму ги вергла истите будалаштини. Во тој поглед, оние гласачи кои го потрошија својот глас за оваа дрвена кукла се – политички неодговорни гласачи!

А истите констатации сосема рамноправно се однесуваат не само на македонскиот дел од гласачкото тело. Никако. Па видете ја „победата“ на Османи – на Османи, ве молам – контра Таравари! Сто и дваесет илјади гласови за таков човек?!

И сето тоа, дури и „казната“ што сепак остава надеж, им дозволува на „прогресивниве“ слепци веднаш да се реорганизираат: оној од теретаната да ја дефокусира во „тежок удар за европската перспектива на Македонија“, а не негов личен; па поразот да се гледа не како одговор на криминално-коруптивното дивеење туку како некаков „кроки на мизансцен“ на национализмот или сега да се бара некакво продолжување на „внатрешниот дијалог во потрага по најдобри политики за нашата држава“ итн.

Ама какво „продолжување“ кога тој дијалог воопшто го немаше, кога прогресивниве криминалци автократски разнебитуваа сѐ што ќе допреа? Или сега она „немирно“ гласачко тело ќе го плашат со националистички прогнози и потсетувања на 1994 или 2001 година? 

И повторно, по којзнае кој пат, клиентелата ќе ги премолчува сите криминални скандали и идиотизми на актуелнава власт, а ќе го бара и ќе го пронаоѓа влакното на злото само кај опозицијата. Ќе го премолчуваат дури и оној „таен“ договор помеѓу албанските партии за неучество во идната влада? Само тук-таму ќе се појави „гневот на Македонците за сите неправди и ’неправди’ (особено првите, оние без наводници, м.з.) направени последниве три децении“, којшто „е толку голем што секое попречување да се формира влада може да доведе до сериозна меѓуетничка криза“? Но и за тоа, повторно, ќе бидат виновни македонските „националисти“?

И допрва ќе слушаме нови „тези“ за насилно прекинатиот европски пат, за растечкото антиевропско расположение, амбасадине повторно ќе трубат за некакво руско влијание…, ама никој нема да каже дека дури и да го имало сето тоа, тоа е минорен процент во однос на општото незадоволство во земјава од криминално-коруптивната коалиција и нивните простачки политики.

Од друга страна, и овие избори само ја зајакнаа „мистеријата“ на таканаречените неопределени гласачи, кои кај нас, од избори до избори, стануваат доминантна бројка од преку 50%. Но никој не прави напор да ја одгатне таа „мистерија“, туку овие гласачи по правило ги карактеризираат како несовесни граѓани, аполитични, неодговорни и слично. Што, повторно, ја префрла вината само на граѓанинот а не и на политичката понуда.

Зошто, имено, никој не сака да ги гледа овие гласачи како определни односно како гласачи кои апстинираат заради несоодветната политичка понуда. Зошто тогаш би излегле да гласаат за понудата којашто не им се допаѓа? Но, можеби тоа ќе се промени во вториот круг, кога во игра влегуваат и парламентарните избори?   

Се разбира, со ова никако не сакам да го засенам повеќе од убедливото водство на проф. Силјановска-Давкова во првиот круг. Но тоа водство, за жал, ќе мора да се потврди, па и надмине и во вториот круг. Противникот е грогиран, но не и победен. Или, можеби, сега доаѓа потешкиот дел: да се активира и граѓанството што во првиот круг апстинирало, да се победат сите можни коалициски манипулации со албанскиот дел од гласовите итн. Важниот, да не речам судбоносниот, политички миг наложува многу мудрост и политичка зрелост.      


Седумте „џуџиња“ (Снежана била зафатена)

Без каква и да е намера да звучам навредливо, но единственото „соочување“ на претседателските кандидати, во дадениот формат и особено во замислениот концепт, страотно наликуваше на седумте „џуџиња“, кадешто водителот си ја доверил улогата на Снежана. Инаку, вистинската „Снежана“, онаа „госпожа“ во Брисел која мисли дека она „фон“ ја прави европска дама, беше зафатена со јавни обвинувања дека е криминалец, дека крвта на децата од Газа е на нејзини раце и др. Но за тоа во следната прилика.

Елем, џуџестоликиот формат на првото и единствено соочување беше потенциран од самата „замисла“ за претседателската „дебата“, при што секое од седумте „џуџиња“ – како што ги нарече еден пријател (но и тој без лоши намери), реномиран професор, кој сака да остане анонимен – добиваше по една минута за експликација на десетици различни теми, меѓу кои повеќето немаа ама баш никаква врска со претседателските ингеренции. Оние гледачи кои не ги читале нивните програми, а таквите се во најголем број, не разбраа ама баш ништо!

А изостанаа низа важни теми, меѓу кои, растечкиот наплив на фашизмот во Македонија, „француската рамка“ како губење на колективната меморија, антиреформскиот курс наметнат од актуелната власт, уништувањето на образованието, науката и културата како темели на секое општество, дилетантизмот како државна стратегија, бранот на сулуди обвинувања за некакви руски инсталации во земјата… итн.

Затоа и „соочувањето“ често наликуваше баш на муабетот на џуџињата од бајката: кој јадел од моето чинивче, кој спиел во моето креветче, кој ова, кој она и зошто ова и зошто она…! Не знам зошто опозициските кандидати се согласиле на таков „третман“?

А сепак, во крајна инстанца, во соочувањето, такво какво што беше, повеќето учесници успеаја да се „одлепат“ од џуџестоликиот сугериран формат, оставајќи ги претставниците на власта – Пендаровски и Османи – да ни ја раскажуваат бајката за Македонија и ЕУ, за преговарачката рамка, за „моментумот“, за ветувањата на „Снежана“ и НАТО итн. Но и тоа беше добро, зашто по стоти пат се покажа дека претставниците на власта – Пендаровски и Османи – на таа тема имаат само една плоча, а и таа расипана, стара, никаква. Сите други барем се трудеа во дадените „услови“ да размислуваат есенцијално рационално и суштински различно од нив.

Што пак беше уште една важна потврда за карактерот на оваа власт којашто овие двајца сакаат да ја наметнат и во наредните години: страотен волунтаризам, шарлатанство, неаргументирани изливи на некаков смешен политички патернализам кон другите од типот „шокиран сум“ или „вие не разбирате“ итн. И генерално – беа за греота со нивниот закоравен во политикантството став, со надменото отфрлање на туѓото мислење дури и кога е поткрепено со факти, со самоволието во одлучувањето итн.

А тој нивни „став“ е патеката што и сега се нуди, божем нова: непозната, трнлива, каллива, со неочекувани пречки на секој чекор коишто овие дилетанти со нивните партии не можат ни да ги согледаат. Но затоа имаат полна уста ЕУ и НАТО како мама и тато кои ќе ги водат за рачињата и ќе ги проврат и низ иглени уши. По која цена? Е тоа е прашањето за милион долари! Ама двеве џуџиња немаат одговор на тоа. Но тие немаа одговори ни на важните внатрешни прашања, иако голем дел од нив излегуваат вон ингеренциите на претседател на државата. И тука „тато и мама“, или само „мама Снежана“ ќе им ги реши сите проблеми – економски, политички, реформски, со судството… – преку разноразни форуми, совети и слични будалаштини за малоумни џуџиња, а тие, како и до сега, ќе дремат и ќе примаат плата!

И тоа е всушност истата слика односно реалноста и во изминативе осум години: катастрофалната надворешна политика на Македонија, во којашто доминираа токму спомнатите двајца дилетанти. И тоа беше „спектакуларно“ заокружено со темите „Отворен Балкан“, „Сребреница“ и слично, коишто требаше, изгледа, да бидат „шлагот“ на (сѐ уште) актуелниот министер за надворешни работи, негов личен „влог“ во европеизацијата на земјава. И како и во многу претходни случаи, завршија како негово – фијаско!

Но фијаско и на оној од Водно, бидејќи двајцата дуваат во иста, шуплива лејка, едниот „надмено“ пелтечејќи за нешта што никако не ги разбира, а „водњанецот“ не смеејќи да се спротивстави – дури и кога бил директно прескокнат и узурпиран во надлежностите (за двете важни теми) – зашто ги очекува гласовите на дуи во евентуалниот втор круг. Се сомневам дека ќе стаса до таму, но…

Она пак што остави зрак на надеж сепак се размислувањата и предлозите на останатите во „дебатата“, коишто нудат можни одговори на редица важни прашања поаѓајќи од вистински државни, па и национални интереси. Што, претпоставувам, (барем сѐ уште) не е забрането.

И, повторно, покажаа – освен уплашеноно „џуџе“ од Водно – горе-долу единствен став контра безобзирните моноетничките пропаганди на кандидатот на дуи, особено во спомнатите случаи на „Отворен Балкан“ и „Сребреница“. А всушност, само тука се разви некаква „дебата“ – со катастрофален резултат за министерот за надворешни работи – којашто го покажа целиот накараден лик на оваа власт, протежирајќи ултранационалистички наративи, катастрофално самоволие во поглед на застапувањето на интересите на само еден етникум во државава, опасните намери за нарушување на релативно добрососедските односи итн.

Го покажа и тоа дека некој овде, пред очите на целата македонска јавност, застрашувачки си игра со оган, онака подземно, бесрамно, безобразно. Со намера го распалува, дува во него од разни труби, додава хартија… А македонскиот дел од власта – молчи. Освен Маричиќ, кој и не е некаков глас во оваа власт. И тој оган, и тој некој, бескрупулозно подметнуваат, сеат омраза и непријателство за да жнеат долгорочни мрачни планови. Тој „некој“ ја користи и функцијата мининстер и ова предизборие – но и страотната политичка неписменост на македонскиот дел од власта – за да се позиционира како важен, дури стратешки дел од политиките на „меѓународната заедница“ на Балканот.

Користи и многу други нешта, се разбира, наследени од претходните власти, ја користи необјаснивата глупост на македонскиве политиканти, игра на „тенки жици“ со меѓусоседските чувства и политики, сака да скара цели народи. Како да ни беа малку кавгите со соседите. Се разбира дека тоа се навидум краткорочни „чарки“, но со долгорочна цел. И последици.

Па дури и тој – оној од Водно – чии надлежности биле најбезочно узурпирани, дури и оние во т.н. Влада кои повеќе блеат отколку што говорат, џуџешки молчат пред налетот на безобразлукот на министерот за надворешни работи.

Како и да е, белки гласачкото тело ќе умее да направи разлика помеѓу џуџиња и луѓе, помеѓу политика и шарлатанство, помеѓу лага и чест, помеѓу хуманизам и етнотеатар…

Олаф (повторно) меѓу нас

Претпоставувате ли што ќе им напишеше проф. Марјановиќ на германцине да беше жив? Не? Јас – да. Ќе ги отераше таму каде што им е местото, онака елегантно, мудро, елоквентно, професорски… Што само уште еднаш докажува – и едновремено ја побива онаа ступидна теза на еден наш селски даскал  – дека и „малите“ народи и „малите“ држави често имаат поумни интелектуалци од „големите“ сили. Што е многу подрагоцено богатство од сето нивно оружје. Поточно, многу е поубоито – зашто зборот знае (и) да убие, како што велеа и Миљковиќ и Конески – и светот повеќе го цени.

Бидејќи „пука зборот како камшик“, (Миљковиќ), „знае да каса, да клоца, да мава“, вели Конески. За жал, повторно, кај нас нема кој да пукне како камшик, да касне, да клоцне и да мавне – ако треба – како професорот. Ни како Варуфакис. Сигурен сум дека професорот ќе умееше да ја смести на соодветното место и оваа сурија негови „колеги“ – особено од фамозниот Правен – кои се како пијавици закачени за оваа власт и цицајќи се лигават на сите страни за „победите“ на нивните газди. Не гледаат дека овие се споулавени од казната што им доаѓа.

И, повторно, за жал кај нас има сѐ помалку луѓе како професорот – врвни научници во својата професија, големи демократи и космполитски политичари – кои се водени од цивилизациските стандарди, граѓанските права и моралните норми. Ги нема ни на едната ниту на другата страна. Особено овие македонски „прогресивни“ сили во власта се навистина леви, но во онаа друга смисла. И секој втор збор им е фашизам, неофашизам, национализам…, небаре тие се разликуват од тоа. А се социјалдемократи колку што тоа бил и Сталин. Или колку што е Олаф. Зошто Олаф? Ќе ви кажам подоцна.

Затоа и случајов со Deutchland uber alles доаѓа во вистинско време. Не само да го покаже „слободарскиот“ дух на оваа и ваква ЕУ – кон која стремиме, нели – туку и да им ги затне муцките на овие нашиве слепци кои пелтечат за нешто што тотално не го разбираат. А циркусот во Германија да биде уште поголем, еден од најрадикалните германски политичари, Бјерн Хеке одговара на суд поради употреба на забранети националсоцијалистички слогани. Па има ли поголем националсоцијалистички гест од апсолутната забрана за влез во Германија на еден врвен интелектуалец од форматот на Варуфакис само заради изречените критики на сметка на таа власт?

Зашто, да речеме дека не е проблем само Варуфакис, па дури ни д-р Гасан Абу Сита, хирург кој исто така требал да држи говор на „Палестинскиот конгрес“ во Берлин и кого, исто така, германските власти не го пуштиле да влезе во државата. Но слична „демократија“ се повтори во вторникот и во Брисел, со обид да се спречи конференцијата на европската десница, со присуство на Орбан, Фараж, Суела Брејврман, Ерик Земур и др. Проработи на дело познатиот фламански „cordon mediatique“ – приглупа „стратегија“ дека е подобро зборот на десницата да не се слушне во јавноста.

А тој сепак се слуша, со вакви методи уште погласно. И добива приврзаници. Зашто, ако не знаете, ако не умеете аргументирано да се спротивставите на зборот на десницата, зарем забраната е соодветното решение?

Ако пак европската, па и светската вистина – односно „вистина“ – има само една страна, зошто ни е тогаш таа „вистина“, а особено од оваа и ваква ЕУ? И кој тоа ги претплати „нашиве“ (божем) стратешки партнери на таа „вистина“? Или, ако баш сакате: зошто ни е таа ЕУ-еднострана, слепа „вистина“ кога ние и овде имаме таква, па и послепа од нивната? И тоа е таа „светлина“ што ни ја нудат Ковачевски, Пендаровски, Османи и остала братија, или попрво се вика – мрак?

Но, „не лези враже“, токму Олаф, „главом и брадом“, во четвртокот се појави меѓу нас – поточно: меѓу неговине “прогресивци“ – за да ни ја каже неговата „вистина“ и да нѐ упати за кого треба да гласаме на претстојните избори. Сите собрани во Музејот на современата уметност, нашине „прогресивци“ за прв пат во животот таму – па не смееа ни да влезат туку стоеа надвор – а Олаф преку видео порака ни вели: „Димитар Ковачевски, Стево Пендаровски и Социјалдемократскиот сојуз на Македонија покажаа голема решителност да ги надминат надворешните и домашните предизвици и да ги преземат неопходните чекори за изградба на посилна, попросперитетна Северна Македонија.“ И понатаму: „Поддржете ја европската иднина на Северна Македонија, иднина на која сите се надеваме, давајќи го својот глас за СДСМ, со Димитар Ковачевски како премиер и Стево Пендаровски како претседател.“

Се разбира, секој нормален граѓанин на државава, освен „прогресивциве“ и нивните коалициски партнери, ќе се праша: ова ли е вистинскиот Олаф Шолц или негов двојник, ова ли е истиот германски канцелар кој, како еден од највлијателните двајца државници во ЕУ, ги потпишуваше оние годишни извештаи за државава? И во кои не се говореше за просперитетна и силна Македонија туку за криминално-коруптивна бандитска енклава на Балканите? За мафијашка „држава“ во којашто се неопходни административни реформи, независно судство, силна борба против криминалот и корупцијата во највисоките врвови на власта…, а којашто требаа да ја донесат токму спомнатине „фаворити“?

И сега бара од нас да ги гласаме истите што се директно одговорни за катастрофалните состојби во земјава?  Тогаш, која е неговата „вистина“: онаа во извештаите на ЕУ за „државава“ или оваа што безобразно ни ја сугерира преку видео порака? Или во оваа и ваква ЕУ на Шолц, на оние политикантски џуџиња во Брисел, па и на Макрон, постојат толку вистини колку што ним им се потребни, но не и онаа на Варуфакис?

И која е вистинската вистина за Македонија? Онаа на Ковачевски, Пендаровски, Османи…? На Радев и компанија?   

Се разбира, некој – ако смее гласно, ако не во себе – ќе се праша и дали е ова оној ист Шолц, германски канцелар, наследник на Меркел, кој забранува влез на интелектуалци во неговата земја бидејќи, ете, тие имаат намера да ја критикуваат германската политика, кој, следствено, на самите германски граници ги узурпира темелните човекови права на слобода на говор… итн.? Ама не се срами на македонските граѓани да им држи лекции кој од оваа криминална банда овде повторно да биде гласан?  

П.С.

И штом повторно ни го предлага, го прашал ли, можеби, г-динот Шолц оној Пендаровски – бидејќи, нели, се уште актуелен претседател – знаел ли за бесрамните манипулации на неговиот министер за надворешни работи Османи со некакви резолуции? Или не мора да знае, ама треба повторно да ни биде – „претседател“?

Ѕидот

Ако некому до денес не му било јасно зошто во Македонија вистинските интелектуалци можат да се набројат на прстите на двете раце, нека го прочита „неодржаниот говор“ на Варуфакис во Берлин. Колкумина кај нас смеат да напишат такво нешто?

А ќе му стане појасно и зошто партиите ги држат околу себе на краток поводник оние квази-интелектуални клиенти на кои им нарачуваат што и како да пишуваат, подметнувајќи ни ги како наши интелектуални перјаници. И зошто оние шалабајзери во партиските врхушки не би можеле да срочат ни две реченици како Варуфакис!

Или ако сакате да се држиме до локалната политичка сцена тогаш, на пример, зошто нема никаква реакција на текстот на Геровски за безобразната уцена на Османи? И како тоа онаа клиентела пишува за секакви будалаштини во земјава ама мазно ги прескокнува сите витални прашања за државата, за демократијата, за равојот/реформите итн.?

И кога веќе го спомнав Османи, како никој не реагира на неговото мудрување дека „(…) ќе гниеме внатре од неможноста да циркулира европскиот кислород, еве тоа ни се нуди“. А заради кого не може „да циркулира европскиот кислород“ во Македонија? Заради нас? Ама не заради нив, нели? И вие како сакате  подразберете кои се тие „нас“ и „нив“, но и не морате зашто и тоа е одамна јасно кој и како ја спречува таа „циркулација“! Зашто ѕидот помеѓу нас и светот, започнат да се гради пред две децении, токму оваа криминална коалција го доѕида и го извиши на рамништето на оној Северен ѕид од „Играта на тронови“, со што дефинитивно го разграничи ова нивно криминално-коруптивно царство од остатокот од човечката цивилизација.

И нашиот ѕид, долг колку што се границите на државата и доволно висок птица да не прелета, е пропулзивен само на одредени места, онаму каде што сакаат криминалциве: на северо-западната и југо-западната граница. Источната ќе стане таква после усвојувањето на Уставните измени. Другото е – забранета зона. Зашто од таму можат да дојдат „чудни“ идеи за демократијата, критики за состојбите кај нас, непосакувани говори како оној на Варуфакис или нешто од Чомски, Жижек, Гидеон, Асанж и други интелектуалци од таков формат. Подобро ние да се држиме до нашиве селски даскали кои пелтечат сѐ и сешто, сега и нивните „мудрувања“ за политичката криза после изборите, други пак за нашата неминовна пропаст без ЕУ, трети за руските шпиони… 

Она пак континуирано крекање за некоја и некаква ЕУ е само парола неопходна за обезбедување меѓународна поддршка. Криминалциве ниту сакале ниту пак имаат намера да го уриваат ѕидот во таа насока. Нив им е добро и вака, сѐ додека течението на европските фондови оди во вистинската насока! И додека можат да ги лажат луѓево овде. А можат, очигледно е. И сакаат, несомнено. Зашто, каде на друго место овие билмези би биле ова што се овде? Тоа што оној Пинокио се силеше дека би заминал од државава се приказни за мали деца. А каде би заминал, и кој би го примил, и што би работел и за што е квалификуван…? За градинар? Можеби, ама таква работа има и овде, нели, само многу подобро платена – повеќе од две илјади евра, месечно!

Затоа, јасно е одамна: ѕидот е за нас. Поточно, за онаа малку умна младина што останала овде и за некои средовечни паметни луѓе кои размислуваат навреме да избегаат. Ние другите сме осудените да ги трпиме овие политикантски улични банди и нивните врхушки, заедно со онаа армија тролови и клиенти. Но ако е така – или особено ако е така – зошто молчиме кога ни се случува ова што ни се случува?

Па зарем навистина Османи, Таравари, Пендаровски… се нешто визави нас? И – што? Ако оној Османи, покрај цитираната глупост, пелтечи и многу други болни нешта („да барате 61 пратеник е најшовинистичката идеја“, дека таквата опција сака да „ги исфрли Албанците и останатите етнички заедници од одлучувањето“, дека „барањето да се тргне балансерот е чиста албанофобија“ за да после воскликне дека се бори да изгради држава и општество „во кое секое дете независно од својата етничка припадност, независно од својата верска припадност, независно дали доаѓа од сиромашно или богато семејство или дали доаѓа од селско или градско подрачје може да успее доколку има амбиции за тоа и е посветено да постигне успех“, итн., итн.), тогаш – што? И зарем стасавме дотаму тие да ни ја осмислуваат демократијата според нивен терк? Па ако оној Пендаровски може да биде само претседел на куќен совет во „Вила Водно“ (ако нешто такво воопшто постои!), другите двајца во политиката не можат да бидат ни вратари во државна институција! Па тие ли ќе ни солат памет?!

Но, покрај „големиот ѕид“, ние имаме проблем и со малиот ѕид, оној соѕидан и се уште надградуван во нашите глави во текот на овие три децении од претходниците на истиве криминогени политикантски структури. Тие ѕидови со години нѐ индоктринираат дека ние немаме друга иднина освен да бидеме дел од тие „структури“, дека оној таканаречен соживот може да го има само со нивните пајташи од другата етничка заедница без оглед на нивните политички, демократски, космополитски… капацитети, дека тоа е еднаш засекогаш даден систем од „меѓународната заедница“ и не може/не смее да се менува итн.

Значи ли тоа дека ние сме венчани со криминалциве? Дека тие вечно ќе ни висат на врат, дека и кај македонскиот етникум но и кај другите етнички заедници нема умни луѓе, дека сега треба дури да избираме и претседател на државата во Парламентот зашто некој шутрак во „меѓународната“ или овде така намислил, и дека тој (квази)претседател треба да ни биде некој Османи?! Господ да чува и да брани!

Или – што? Ќе се крене „меѓународната“ – како за Варуфакис – ќе ни забрани влез во земјите на ЕУ, ќе ни воведе санкции, НАТО ќе не бомбардира без оглед што сме негова членка…? Па вие нормални ли сте, бре?

Па како е можно цела сељачка сдсм (малите букви се… знаете веќе што) да молчи пред еден фолирант како Османи, па и оној „квиско“ како Таравари, како е можно повторно да застанат зад еден градинар од „форматот“ на Пендаровски (па нека е и согласен да биде губитник!?), па зарем не остана ни трошка чест и пристојност во таа партија од некои (сепак) поинакви времиња…? Или толку ги плашат оние „црни листи“ и актуелниве  (нео)фашистички мерки ала Германија во однос на Варуфакис? Тоа ли е таа ЕУ демократија што треба да се развива и кај нас?

П.С.

Апропо, ќе напише ли некој нешто и за ова од оние „прогресивни“ клиенти кои толку тртљаа за неофашизмот? Оние универзитетски „даскалчиња“ и асистентчиња, па и оние кафеански пискарала, или се плашат дека Deutchland uber alles и нив ќе им забрани влез во германската империја?    


Северна Пироманија

Ние – или јас, како сакате – би биле „среќни“ кога Универзална би била првата и последната пироманска катастрофа што ја погодила оваа држава. Да, би ни било жал, но ако тоа е „курбанот“ за нормална држава… Ама не е, зашто со неа веќе триесетина години владеат политикантски пиромани кои „палат“ сѐ што ќе стигнат. Затоа посоодветно ќе беше да се прекрстевме во Северна Пироманија, а не во Северна Македонија. И, како Нерон, да направевме камерен оркестар од оние клиентелистички барабани и вувузели, што ќе ја свиреше химната за време на секој „пожар“ што го подметнаа и ќе држеа „служба“ за Бугарите во Уставот. Историјата никогаш не го потврдила фактот дека Нерон свирел на виолина за време на големиот пожар во Рим, но како пандан на нашиов државен „пожар“ звучи интересно. Но, од друга страна, историски факт е дека од тој пожар во Рим (64 г. од новата ера) „славиме“ јубилејни 1960 години!

А историски факт е и дека не е точно дека „подземјето сака победа на избори“ – како што соли памет една „госпожа“ – туку дека актуелново про-ЕУ „прогресивно надземје“ осум години инсталира криминално-коруптивна стравовлада на којашто би позавидело и „подземјето“ на „Големиот Ал“!

Поточно, кога би ги наброиле сите нешта кои фактички, но и метафорчки, ги „изгореа“ овие политикантски пиромани, листата ќе биде дури и подолга од она што изгоре во тој пожар во Рим, наводно подметнат токму од Нерон. А тој, големиот римски император, сакал само да си ја изгради „Златната куќа“ (Domus Aurea). Ама нашиве пиромани не сакаа(т) да изградат „Златна држава“ зашто со нечисти раце не се гради држава, особено не – златна! Тие, секој одделно, сака „златна куќа“ само за себе! И нивните златни куќи да ја глумат – златната држава.

На почетокот мислевме дека го плаќаме данокот на политичкото и државничкото неискуство, на политичката и државничката „неписменост“ но и неспособноста на одделни „кадри“ во континуитет наметнувани од партиите. И дека првичните пожари се инциденти, или детски болести, што бргу ќе поминат. Испадна дека тоа била страотна пандемија на неукост, неспособност и пироманија, но и на макијавелистички план постојано да се биде во власта. Одамна нема инциденти – има само планови, локални и/или меѓународни, колку сето тоа и да звучи песимистички или заговорнички.

Зашто, ако веќе говориме за пироманите во акција, потсететете се што сѐ „изгореа“ – буквално и метафорички – во овие три децении. Од онаа лесно запалива „приватизација“, па тајванската милијарда (која исто така „вивна“ како во пожар!), па етничкиот пожар во 2001 година, па онаа бучковистичка катаклизма, па „Беко“, „Скопје 2014“, зградата на Поштата, Калето, „Шар“…, меѓународните „договори“ и „француската рамка“, „Бехтел и Енка“, „прогресивното“ цунами… и сега – Универзална! Каков Нерон, „какви бакрачи“, може само вода да ни носи за гаснење на нашиве пожари.

А дојде, неочекувано и за пироманиве, и нов пожар: Македонија е „цикличен хибрид“ заедно со Црна Гора во однос на правото и борбата со корупција, вели никој друг туку „Фридом хаус“ во годинашниот извештај за земјите од целиот свет. Што ќе урлаат сега во кампањава „прогресивнине“ Пендаровски, Ковачевски, Османи, Маричиќ и остала братија? Дека и „Фридом хаус“ е потплатен од опозицијата, дека е вклучен во нивните лажни вести, темпирани за овие избори? Или, како онаа нивна шушумига, сега проблемите што ги посочува „Фридом хаус“ ќе ги остават во наследство како „добра почетна основа за следната влада“ (sic)! Нема врска што сето она што го говори „Фридом хаус“ се однесува на оваа влада, на оваа криминална коалиција. Тие горливите нешта ќе ги остават – за другите!

Се разбира, колкумина кај нас (ќе) го читаат извештајот на „Фридом хаус“? Малкумина, дури ни политикантиве на кои тој се однесува. Овие политички пиромани тоа не ги интересира знаејќи дека македонскиот граѓанин денес нема време да се занимава со такви софистицирани нешта каков што е „Фридом хаус“ и, како што таму велат, „предолгата наперченост“ на оваа власт кон опозицијата, на „бесконечното одложување на парламентарната сесија“ за уставните измени од страна на спикерот Џафери, за „неменувањето на изборната рамка во 2023“, „стравувањата за перспективите на журнализмот“ во земјата, за „судовите како најкритикувани и недоверливи институции“ како и непотизмот во нив, за генералната јавна скандализираност во врска со „смртоносниот пожар во 2021 година што ја уништи времената COVID-19 болница во Тетово и обвинувањата за висока корупција на државната Клиника за Онкологија“, итн., итн.

И, се разбира, „широкиот јавен скандал“ со „неочекуваното воведување на амандмани на Кривичниот законик што ги намалуваат казните за злоупотреба на службената должност…“! Само што кај нив се редат пожар до пожар, па после „Фридом хаус“ дојде и „Светска банка“ со податоците дека нивната Северна Пироманија е најголемиот економски „пожар“ на Балканот, дека економскиот раст не е ни за спомнување. Па уште и на Ивица Челиковиќ му требаше да им го поттурне она (по)жарчено за македонскиот јазик – оној „зацементираниот“, нели – во ЕУ, со што така се гордеат Пендаровски, Османи и Ковачевски.    

И наспроти сето тоа деновиве преку циркузантскиот предизборен карван ќе го слушаат оној како се провикнува од теретаната „ние направивме многу“ и не можете да си верувате на ушите. Па и на очите, ако баш сакате, зашто сме биле не само глуви туку и – слепи. Колку пати дозволува(в)ме да бидеме излажани и манипулирани, уште колку лаги и приказни, но и „пожари“, можеме да поднесеме во име на таа ЕУ од којашто само криминалциве се офајдуваат толку години на ред? „Инвеститорите доаѓаат во држава во која гледаат стабилност и сигурност“, упорно се дереше истиот, заборавајќи дека ни тој ниту неговиот претходник-прекупец не сакаа, ама и не умееа, да обезбедат ни минумум ред, мир, стабилен систем и демократична атмосфера, стручна и компетентна администрација, правен поредок за тие инверститори. Бившиот министер на полицијата сега нуди нула толеранција за криминалот и корупцијата, онаа гревка од ЛДП дели бесплатни оброци а фамознион Филипче божем од својот џеб се расфрла со бесплатно студирање и високи плати, оној, повторно од теретаната, ќе нѐ правел акционери во енергетскиот сектор… итн.! Пожар до пожар, од луд полуд, од безобразен – побезобразен.

Ја опожарија, ја уништија цела држава, цел народ, цела една милениумска култура… Тоа не е „подвиг“ за потценување, токму како за на избори. Ако се уште има кој да им верува. И да ги гласа.

А Нерон? И тој, слично на нашиве, кај римските историчари останал запаметен не само по големиот пожар, туку и по бескрупулозното трошење на пари за „капитални проекти“ („Бехтел и Енка“?), по финансиското исцрпување на провинциите и сл. И завршил со damnatio memoriae – бришење од јавната меморија на Рим – што ќе им се случи и на нашиве „прогресивци“!

ЕУ како шарено лижавче

На прашањето од минатиот пат колку наивни и, да простите, за колкави будали нѐ сметаат актуелниве коалициски криминалци, најрелевантен одговор даваат водечките слогани на нивните кампањи и „бомбастичните“ тиради на нивните партиски перјаници и клиентелистичката трол армија. Бидејќи први се претседателските избори, таму се сконцентрирани „ударните“ сили. Односно, нивните претседателски кандидати и пораките што тие ни ги испраќаат се/ќе бидат рбетот и на кампањите за парламентарните избори што ќе дојдат набргу. Но, целиот тој предизборен циркус е само делумно објективното огледало на нивните вистински планови и ставови и/или одраз на нивните реални потенцијали.

Ако цениме според досега постигнатото, нивните потенцијали се никакви, рамни на нула, освен оние криминално-коруптивните. Барем тоа ни е веќе добро познато. Оттука, македонскиот граѓанин може да се сконцентрира на други нешта од патувачкиов карван, а пред сѐ на нивниот однос кон него – кон граѓанинот! – а потоа и на конзистентноста и вистинитоста на пораките што секојдневно ги добива низ кампањите.

А кампањите – или „кампањите“, ако така повеќе сакате бидејќи дел од нив се навистина за наводници – се генерално спротивставени во една сушност: тука и таму, сега и утре, ние и тие… Поточно, владеачката сдсм-дуи криминална гарнитура настојчиво бега од состојбите тука (инаку, де факто, нивна „заслуга“ за изгубените драгоцени осум години, за коруптивните црнила навлезени во сите пори на македонското живеење, за страотниот неморал и бесрамност во нивното владеење, од систематското уназадување на општествените односи во земјава и драстичното поништување на сите цивилизациски вредносни критериуми) па ни нуди нешто таму, во ЕУ. Наместо одговор, па и понизно  извинување, тие реалниот живот во Македонија го заменуваат со шареното лижавче викано ЕУ што граѓаните би го добиле во некоја иднина. Се разбира ако сме добри, мирни и послушни и ако им дадеме уште еден, а може и два нови мандати.

Тоа ќе рече дека онолку колку што граѓаните видоа од ЕУ фондовите во изминативе осум години, толку – или помалку – ќе видат и во идните години. Да, веројатно ќе лизнеме од лижавчето, колку да се облажиме од овие насобрани горчини, ама главниот колач повторно ќе отиде кај нив!

Понатаму, бидејќи не знаат што со ова сега, тие граѓаните ги замајуваат со она утре – демек со иднината што ние не умееме да ја видиме! И, се разбира, секогаш е полесно да раскажуваш бајковити сништа и да фантазираш за она „што ќе биде ако биде“ отколку да говориш за решенија за реални проблеми натрупани токму врз грбот на граѓанинот.  

И токму тоа е најчитливото низ апдејтираните слогани, пароли и ветувања на владеачката бандитска коалција за лижавчето викано ЕУ, сите нивни небулозни, нереални и генерално минхаузеновски трикови што го одвлекуваат вниманието од вистинските проблеми. Ниту една од партиите во оваа коалиција не поаѓа од состојбата односно од она што направија од земјава, од катастрофалното политикантско наследство што го оставаат по цели осум години бесрамно и неморално упропастување на државата. Не умеат/не сакаат ни да се обидат да се извлечат низ некаква „мека“ форма на јавно покајание, па и ветување дека ќе поправат барем нешто од (речиси неповратно) упропастеното или дека ќе изнајдат нови партиски сили и политики што ќе бидат компетентни и продуктивни, ќе знаат дека два и два се секогаш четири а не шеснаесет, ќе умеат да повлечат напред без оглед колку сме назад.

Ама не, тие строго се држат до идиотизмите срочени од нивните ПР советници и квази-интелектуалните клиенти кои ги убедуваат дека тие се најубави, најпаметни, најевропски… Што и не е многу тешка задача со ваква полуписмена бандитска багра, нели.

Зашто, земете го само ударното „мото“ на оној досегашнион од Водно за претстојните претседателските избори како кандидат на сдсм (малите букви се… знаете што): „Опцијата за која се застапувам и за која живеам не може да не врати повторно во балканската кал, туку во просперитетна европска средина.“ Ова го вели човек (и партијата што го поддржува) кој само пред неколку години го говореше следното: „„Имавме 600 муабети за името. Ќе го смениш името, и никој нема да знае и утре ќе се викаме не знам како. Е не може. Мораш да дојдеш во институциите. Во тој момент, јас ви тврдам, сите што беа десетици и десетици илјади луѓе, во мај, на 17 мај, и сите слободарски граѓани, колку и да звучи како фраза, душата ќе му ја извадат на тој што евентуално би го потпишал тоа.“ Еднаш успеа така уличарски да нѐ излаже. Зарем мисли дека и втор пат ќе му успее? А со него, во истата лејка „дуваше“ и оној пазарџијана кој всушност ни го инсталира овој Пинокио. И тој, сосе неговата „партија“, се колнеше: „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет дека мојот дедо, мојот татко сите мои предци, јас, мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на Устав заради промена на уставното име.“

За вакви ноторни, бесрамни, криминални, антидржавни лаги се заминува во историскиот пекол, не на нови избори. Вториов си замина, иако уште плетка прсти во она партиско дувло преку неговите кримогени инсталации и понатаму тргува со сѐ и сешто.  А оној првион, оној Пинокио, па тој е се уште мало дрвено дете кое повторува што ќе му наложат! А според критериумите на таа „просперитетна европска средина“ за којашто баш тој се залага, би можел евентуално да биде претседел на куќен совет во „Вила Водно“, ако нешто такво воопшто постои!  

И зарем навистина нема некој да му каже дека таа негова и на неговине „прогресивни“ слепци „европска опција“ не може да биде нивен избор бидејќи токму тие – формално и фактички – ја вратија државава повторно во балканската кал! Зашто тие и никој друг ги зацементираа криминалот и корупцијата во највисоките државни врвови, партизираното судство, неспособното обвинителство, неуката и корумпирана партиска администрација…, а не, како што вели тој, „македонискиот јазик и идентитет“! А нивната „борба“ за тој „македонски јазик и идентитет“, на којшто се повикуваат секоја минута, ги видовме и во Нивици и во Договорот за добрососедство и во „француската рамка“! И тоа за нив е  „достоинствен начин да влеземе во ЕУ“ (sic!)?!

Уште пострашен е напливот на лажен европеизам и перфидното мафтање со лижавчето кај нивниот коалициски партнер. Всушност кај двата, и дуи и блокот „Вреди“, бидејќи во даден миг целата сегашна албанска опозиција беше дел од оваа криминогена власт. Дури и заедно со дуи. Кои сега се непријателот, нели. И што прават? Османи, на пример, цел ден ја отвора и затвора „железната врата“ на ЕУ и ги провира низ неа само тие што сака, ама ако станел претседател ќе ги држел затворени на Водно лидерите на партиите додека не се согласат со него. Каков европеизам, Господ да чува и да брани. Таравари, пак, уште сега вади карта за Брисел каде ќе одел како претседател! Или можеби сака да избега од апсот на Османи?

Се разбира, неприлично е вакви шегаџии да се коментираат сериозно, уште помалку да им се возвраќа со примери од досегашните нивни „политички“ активности. Човек сепак треба да задржи некакво достоинство. Но, не би било фер а да не се каже дека кога граѓани ги опишуваат „состојбите“ во Тетово, Гостивар и др., просто не можете да не помислите: зошто кандидативе прво „по европски“ не ги средат овие градови, па потоа да развиваат амбиции за целата држава? Или лижавчето викано ЕУ и оние „контакти“ на Османи ќе го средат (и) тоа?

П.С.

И како врв на сите глупости, еден вицкаст „прогресивец“ ни продава дека „Големиот лидер ги носи луѓето онаму каде што тие не мора да сакаат да одат, но, каде што треба да бидат.“ Не знае колку такви „големи лидери“ видела историјата и каде ги носеле луѓето, меѓу нив (од поновите) и Хитлер, Сталин, Милошевиќ, Туѓман… и др.


За шлеперот и жабата

Насловот би можел да гласи и поинаку, на пример: кој, после сѐ, а особено после средата (3 април 2024), би посакал повторно да гласа за сдсм (малите букви се реален одраз на нивната улога денес)? Но, предложениот наслов што стои над текстов има историска нишка, алудира на еден поранешен предизборен миг, кога шлеперот навистина ја згмечи жабата. Ама во средата, богами, „жабата“ не само што го згмечи „шлеперот“ небаре направен од хартија, туку буквално го растури на составни делови, го пикна во онаа преса за метал и го прати во – историјата. Онаа црната, жалната, непосакуваната.

Некој ќе рече: ама тој и не беше некој шлепер. Извинете, ама тој се претставуваше како таков, а тоа особено гласно го правеше и неговата партија, без оглед што тој, во реалноста, беше пластична дечја играчка. Или туѓа играчка, како сакате. Па следствено, на „жабата“ можеби не ѝ беше тешко да го „растури“. Меѓутоа, добро беше да се гледа тој „дуел“ – иако и не беше баш дуел зашто „шлеперот“ трокираше и не можеше ни да запали – бидејќи јавноста можеше конечно да се увери каква всушност „машина“ ја влече оваа држава во амбис. И какво лудило владее во таа партија!

Зошто ја спомнувам партијата? Затоа што, да беше нормална партија, некој од потпретседателите ќе се појавеше среде „дуелот“, ќе го фатеше „шлеперот“ под рака и ќе го изнесеше од студиото. Онака грогиран, стуткан, згмечен… Или, ако не сакале баш толку да се резилат, некој од спомнатите ќе го свикаше Централниот одбор веќе во четвртокот, ќе му ја одземеа партиската книшка и ќе го пратеа дома. Ништо од тоа не направија!

Но, повторно на сцената ќе стапи нивната квази-интелектуална клиентела која ќе прогласува дури и успешен „дуел“, ќе нѐ убедува дека „Ковачевски гледа во иднината“ (а тој ни бела мачка не може да види!), дека „ќе ги заврши и реформите и преговорите со ЕУ“ (а тој ниту ги започнал!) и слични будалаштини, мислејќи дека некако ќе ја поправат катастрофалната слика што „прогресивнине“ слепци ја оставаат зад себе. Зашто, кога зад „шлеперов“ од хартија ќе ги наредите сите оние останати потрошени ликови почнувајќи од фамознион политикант Филипче кој, повторно од наш џеб, ветува бесплатно школување, плати до небо за лекарите и сестрите, или Спасовски со неговиот „европски полицаец“ заталкан низ македонскиве Сцили и Харибди, „Цаци“ со нејзините хеликоптери, Битиќи и стоте евра за пензионерите…, тогаш сдсмовскиот карван на глупоста станува комплетен! 

Заради тоа, за нормална држава и за нормален народ, не само после оној „дуел“, нештата би требале да бидат многу, многу појасни. Ако пак во целата слика го доцртате и прозаичниот ама урнебесен факт дека „водечката“ македонска партија е тотално неписмена (не само) за презимето на нејзиниот претседател (или „претседател“, како сакате) и името на нивни кандидат за изборите (кого го прекрстија во хемиски елемент), туку за нив и иднината е „идинина“, тоа е сосема доволно да ја ставите на листа на чекање во наредните два-триесет години.

Следствено, кога претходно ги слуша(в)ме реакциите и чудењата на „видните“ првенци особено на сдсм, но и на дуи (малите букви се реален одраз на нивниот актуелен политички рејтинг) за резултатите од мноштвото предизборни анкети, кога ги гледавме како (демек) со неверување одвраќаат дека тоа се лаги и дезинформации на опозицијата и дека нема објективни причини зошто македонскиот граѓанин би бил незадоволен од нив, просто ве фаќа мачнина, но и бес. Не од лагите и одглумената ноншалантна надменост туку од континуитетот на простачкото потценување на јавноста/граѓаните.  

Затоа, гледајќи ги – покрај „дуелот“ – нивниве последни предизборни претставувања, со неверица слушајќи ги политикантските бравури на нивните „првенци“ небаре ние сме биле на Марс а не овде изминативе осум години или сме малоумни па не знаеме кој што грабнал од нас во овие 2.920 дена, почнува да ве фаќа и депресија. Па зарем е можно некој толку безобразно да лаже? Или се надева дека не се сеќаваме на неспособните и неуките партиски војници поставени за министри и директори, на коалициската и семејната окупација на државната администрација, на криминалниот раст на нивните плати од 78% наспроти потценувачките 5% за пензионерите, на секојдневните скандали поврзани со отворениот грабеж на државните ресурси…? И зарем навистина треба да се прашаме зошто не би сакале да ги видиме и утре сдсм и дуи со нов четиригодишен мандат?

И не само што не покажуваат никаков срам за криминалот, корупцијата и неморалот што ги воведоа како државни стандарди, туку згора и продолжуваат со минхаузеновските ветувања, исто онака како во 2016 година. Па зошто во изминативе осум години не го направија сето тоа што сега го ветуваат за во иднина? Немаа време од крадење?

Кога ќе се присетите на сите минати лаги од устите на двата нивни „премиери“ (па и овој лажниов, актуелниов технички „премиер“ на дуи), на сите некомпетентни шушумиги што заседнуваа во министерските фотелји, на онаа армија полуписмени шутраци на чело на државните институции и агенции, на онаа приглупа интелектуална клиентела што со барабани и вувузели ги следеше во чекор сите овие години правдајќи ги нивните глупости…, навистина ли се преиспитувате што е тоа што ви пречи кај нив, што ви создава одбивност, дури гадење и од сопствената држава? Или – точно знаете?! И не треба да се замислите подлабоко за да ви надојдат сеќавањата за дворците што ќе ги изградеа, за кулите што ќе ги извишеа, за реформите што ќе ги направеа, за бројчаникот што ќе вртеше, за правото и правдата за сите и за медот и млекото што ќе течеше низ улиците…, за да се срамите наместо нив. Зошто? Заради тоа што верувавте/верувавме во приказни за мали деца раскажувани од неуки и некомпетентни суртуци кои сакавме да ги видиме како реформисти и демократи.  

Во овие три децении навистина имавме прилика да преживееме секакви бандитски коалиции – од оној карикатурален тандем на вмро и да (малите букви се реален одраз на нивната историска улога) во 1998 година, преку онаа циркузантска „широка коалиција“ по 2001 година па до неспособнион „тенкист“ – за да денес со полно право се прашаме: па што му згрешивме на Господа вака да нѐ казнува? Или колкава доза мазохизам постои во македонскиот граѓанин да може така помириливо да трпи вакви палјачовци и криминалци секојдневно да го вандализираат и ограбуваат, да му го загрозуваат опстанокот и иднината и да му го крадат минатото?      

Колку наивни и, да простите, будали треба да бидеме за да, прво, му поверуваме на оној полуписмен лик кој оперира со одвај стотина зборови, а потоа и во бајковитите приказни дека тој и неговата „партија“ – а сосе оној Пинокио од Водно! – можат да ја извлечат земјава од ова криминално мочуриште што самите го инсталираа? Или дека токму оваа коалиција на две неморални банди е таа што ќе не однесе во ЕУ? Со истите оние старо-нови кримоси, оние бесрамни ликови спремни за нови грабежи!?  

Затоа, прашањето кој нормален повторно би гласал за сдсм и за дуи не е само реторичко туку е и суштинско прашање за македонскиот граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или друга припадност. Затоа впрочем и прашањето што некои „мудри“ глави упорно ни го поттурнуваат под нос дали, демек, сакаме да се врати „груевизмот“, е страотно нечесно, подло, депласирано и во целост доликува на оваа политикантска гарнитура. И на него има само еден одговор: а во што тоа „груевизмот“ беше пострашен од „заевизмот“ и „сељачизмот“? И кому тоа му одговара да го поставува македонскиот граѓанин пред избор помеѓу две зла? Немаме ли ние право на пристоен живот, подалеку од овие криминални банди?

Криминална „шведска маса“

Речиси пред неполн месец, а во насоката на предизборниов циркус што се случува пред нас, спомнав еден подзаборавен (и приглуп, извинете) дилетант од времето на „шарената“ улична пропаганда, кој сега се повампири па ни мавта со прстето и ни вели: „Изборите ќе го дадат одговорот дали ќе забрзаме во користењето на европските фондови и придобивки“. Е поставете го неговово „укажување“ во контекстот на најновиот скандал на „прогресивниве“ криминалци и проневерата токму на тие европски фондови, па ќе ви стане појасна целата нивна приказна со нашето зачленување во ЕУ како стратешки приоритет на државава!

Зашто, ако само за одвај две години тие успеале да искрадат цели 2,2 милиони евра – поточно: ЕУ толку успеала да открие! – тогаш замислете што правеле во преостанатите шест години, до денес. Па кој е луд да остави таква криминална „шведска маса“ (smörgåsbord) само заради некаква демократија, опозиција, право и правда, срам и морал… и слични будалаштини? Нели е најзгодно таквиот арамилак да се прогласи за стратешки приоритет на државата, а себеси да се поставиш за единствен чувар на тие државни интереси?

А впрочем, тие ЕУ фондови се само делот од предјадењето на таа богата шведска трпеза зашто локалниве криминални банди на неа го ставаат и целиот државен буџет па секој се служи како сака, но не онака како во комунизмот – секому според потребите – туку секому според алчноста. Или, ако сакате, потсетете се како изгледаа овие хибридни „прогресивци“ во онаа 2016 година? Немаше куче за што да ги касне, уште одеа со опинци и панталони од чоја. А сега? Не можат да дишат од дебелина, а да можат би ги возеле сите свои џипови одеднаш само за да се покажат пред својата сељачана! Се разбира, ни претходнине не беа поарни, само поуспешно се прикриваа.      

Оттука, ако она Жижеково актуелизирање на Лакановата теза за будалите и никаквеците го поставиме строго локално, ќе видиме дека тоа е премногу бајато за нас. Зашто, прво, тие два Лаканови типа на интелектуалецот се „прототипови“ на некогашниот европски интелектуалец. Лакан, па и Жижек, не ги познаваат најдобро балканските, односно македонските варијанти на „интелектулаците“ и „политичарите“. Тие овде се еден меланж, една збирштина, се препелкаат во ист криминално-коруптивен котел зачинет со старовремски џебџиски мирудии во него. Таа збирштина не е ни неоконзервативна ниту пак неолиберална, уште помалку е модерна или постмодерна. Нив не ги интересира ни општеството ниту државата. Само шведската трпеза со ЕУ фондовите!

Тие се, повеќе или помалку, една иста лицемерна сорта, со извесни нијанси на апаши и лажговци и не можат да се подведат под ниедна современа дефиниција на политичари и/или интелектуалци. И зависно од поделбата на улогите, секој се занимава со својата работа. Се разбира, знам дека некој ќе реагира на зборот апаши како прегруб, но мора да се направи некаква разлика помеѓу вистински „софистицирани“ криминалци и овие улични – или буџетски – џебџии!

Следствено, нашите „политичари“ многу бргу се трансформираат во апаши бидејќи тоа им го дозволува системот. Сите надлежни за нивно гонење се – нивни луѓе. Тие ги поставуваат и обвинителите, судиите и полицијата, го постилаат правосудниот „систем“ и „законите“ според нивните криминогени мерила и проекции на опфатот на криминалот, а потоа ја кројат и целата мрежа на државните институции и „кадрите“ во нив според нивните потреби. Тогаш доаѓа на ред третата криминална фаза: испорачување на желби до системот! Како за оние 2,2 милиони евра, во форма на списоци за побарувањата на нивните поблиски или подалечни семејства и останатата клиентела. Меѓу неа и онаа најлажливата, „интелектуалната“!

А ни таа збирштина не е мала. И не е наивна туку веднаш „мудро“ се престројува во проевропска војска и се реди до шведската маса! Едно чудо „форматни“ кафеански новинарчиња, „даскалчиња“ прегазени од времето, нво-апаратчици и политикантски анал-итичари стојат во редот да ни ги „појаснат“ сите идиотизми на нивните газди, да ги завиткаат во проевропски целофан и да врзат машничка на пакетчето.

А газдите, апашите, бидејќи самите тотално неуки и неспособни да го пропелтечат ни сопственото мислење – ако и кога го имаат, се разбира – за возврат им угодуваат на лажговците во нивно име со хонорарчиња, награди, вработувања итн. И тоа беше, се покажа впрочем низ годиниве, една извонредна продуктивно-манипулативна дружба, често потпомогната со здружените сили на „стратешките партнери“ кога тоа беше најпотребно. Како во случајот со продавачон на половни возила кој диригирано упатуваше дека „изборите претставуваат јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.“ Ама ништо не кажува за криминалната сегашност на неговите миленици.  

Но продавачот не гледа(ше), ниту може(ше) да согледа, дека апашанава нему му продава половно возило од држава од којашто останала само шасијата. И мислат со неа да „возат“ до Брисел бидејќи сето друго е распарчено, разнесено, распродадено на делови… А попат – бидејќи од Илинденска до центарот на Брисел има цели 2.173 километри – лажговците ќе започнат нова тура бомбастични пледоајеа за нашата посветеност на евроинтеграциите, на демократијата, на партнерството, на прозападноста со балкански шмек итн. За таквата „операција“ предизбориево им легнува како кец на десетка!

Следствено, двата (интегрирани) табори – и апашите и лажговците – настојчиво се здружени да ни појаснат дека ништо друго освен ЕУ не е важно во државава односно ќе си дојде – ама подоцна. Ни принципот на стручност, компетентност и моралност, ни реформите и демократизацијата, ниту правото и правдата… не треба да ни се основната цел и визија, туку ЕУ фондовите и интеграцијата како базичен двигател на нештата во оваа провинција. Но не кажуваат дека заради тоа го добивате сето она низ што поминува(в)ме во овие триесет години: криминална приватизација, малоумна надворешна и типична (пост)комунистичка внатрешна „политика“, диригирана партиска економија, соцреалистичка (не)култура, средновековно „образование“, политикантска наука… итн.

Тогаш ги добивате и сите пропратни „успеси“: оној на невидливата „пруга“ кон Бугарија што се гради веќе дваесет години и „видливиот“ ама непрооден автопат Кичево-Охрид „во изградба“ цели десет; добивате модуларни „болници“ што горат за дванаесет минути и Клиника за онкологија каде крстена водичка е замена за терапија; имате два генерални секретари на Влада (о)судени за криминал и еден (екс)вицепремиер на „црна листа“ на САД; децата во основното образование заборавија што е тоа учебник бидејќи можат да го видат само во некој музеј, а и оние малку што ги има се со 30% толерирани грешки…! Но, „возилото“ вози за Брисел.    

И, за жал, никој во државава нема да направи „математичка“ анализа на крајниот резултат од оваа бесрамна „коалиција“ на апашите и лажговците односно на „политикантите“ и „интелектуалците“. Тук-таму ќе излегуваат онакви податоци за грабежите и бргу ќе ги заташкуваат, нема да знаеме колкав дел од колачот зграбиле лажговците во вид на хонорари, семејни вработувања, награди и слични идиотизми, а колкав плен од локалнава шведска трпеза се слеал кај апашаната од другата коалиција, онаа политичката односно политикантската.

Освен ако навистина не се обистини она ветување на опозицијата за непростување на криминалите. Но, останува да видиме, се разбира.        


„Биполарен“ соживот

Ние никако не можеме ни да насетиме, а уште помалку да знаеме  – зашто тоа низ овие години се покажа невозможно – на што мисли оној од Водно кога вели дека „соживотот е наша најголема вредност“. И од кога тоа ифтарските вечери се „можност за негово продлабочување“ кога тие се ништо друго туку само добро смислен театар на „дружба“ на политичките врхушки и по некој „важен“ странец. Тука почнува и тука завршува тоа „продлабочување“.

За жал, наместо фингираното „продлабочување“, стварноста, но и политиката, говорат нешто сосема друго. А овие избори тоа ќе го изострат до невидени размери. Дури и во „соживотот“, реално биполарен, и во буквална и во метафорична смисла.

А во почетното“ „загревање“, едно соопштение на албанската опозиција ВРЕДИ му промакнало на нашион Пинокио. Во него се вели: „За среќа, Албанците не забораваат. Затоа, дојде време луѓето инкриминирани во антинационални постапки, да бидат казнети преку гласање, како најдобар инструмент за одвојување на измамникот од чесниот“. Нивниот таргет во ова соопштение е никој друг туку „славниот“ Бујар Османи и некои негови – селектирани, секако – лаги од предолгиот список во неговата политикантска кариера.

Се разбира, јас би бил невиден морон ако, после сите мои споделувања на застрашувачката неукост и политичка неспособност на тој лик, сега застанам во некаква негова одбрана. Секој треба (не само) политички да си одговара за постапките, а особено за криминалите што ги правел низ животот. А овој тип, како што тргнало, и не само заради погореспомнатото соопштение туку и заради отворените обвинувања на Изет Меџити, досега требал да заврши на некое прилично непопуларно место, а не на листата на претседателски кандидати. Доволно штети направи и како министер за надворешни работи на Македонија! Ама „прогресивциве“ знаат подобро, нели?

Меѓутоа Османи овде воопшто и не е важен зашто во „соопштението“, видливо потенцирана, „боцка очи“ една друга поента: онаа јасно акцентирана и наречена – „антинационални постапки“. Не гледам дека е потребна којзнае колкава мудрост да се „прочита“, и разбере, точното нејзино значење. Или, ако сакате, единственото можно „читање“ на тие „антинационални постапки“ во општиот контекст. Тие, де факто, не се оние од „соживотна“ национална провениенција туку се гревовите против етничката кауза, албанското „национално“ чувство и постапките/однесувањето што не се компатибилни со него. Сето друго е неважно, маргинално, простливо, дури занемарливо и заборавливо.

Се разбира, ваквиот наратив е дел, важен или дури најважен дел, од една политичка логика и пракса, што ги прави „легитимни“, иако сведени на премногу „редуциран“ етнополитички светоглед. Тоа е дискурс што нема врска со совремието, со дваесет и првиот век, со демократијата…, ниту пак повикува на некаков – соживот! Но, повторно, има цврст легитимитет штом е така помпезно најавен. И иако сосема доволна да внесе првична забуна – да не речам сомнеж – оваа формулација дополнително збунува со придавката „инкриминирани“ пред „антинационалните постапки“. Кои се, какви се тие „инкриминирани антинационални постапки“, постои ли некаков партиски (или етнички) список на истите, или внатрепартиски „закон“ што ги дефинира… итн.?

Или, сето тоа станува појасно со дополнувањето односно квалификацијата за Османи дека „за ниски лични интереси продава се национално“? Веројатно. Но чие „национално“, или нема потреба од такво потпрашање бидејќи тоа автоматски се подразбира како – етничкото? 

И како по правило, овој и ваков прилично (најблаго речено) контроверзен и етноцентристички наратив понуден токму пред претседателските и парламентарните избори, нема да наиде на соодветен одговор, или барем прашање, од страна на сегашната криминална коалиција на власт иако директно задира во суштината на „соживотот“. Уште помал интерес за неа ќе покажат оние нивни – извинете, но морам да ги наречам приглупи! – „интелектуални“ вувузели кои (наводно и токму сега) ни ги појаснуваат глобалните геостратешки односи, ни советуваат повеќе да трчаме ама тие и понатаму да си седат во ладовина, или пак пелтечат за нечиј „лажен патриотизам“ наместо за очебијниот криминал што им се случува пред очи. А можеби токму оној криминал со парите од „Ерзмус“, и многу други, го сметаат за дел од соживотот и вистинскиот патриотизам?       

Нив, впрочем, како и „прогресивциве“, не ги поремети во коруптивната нирвана ни она „упатство“ од највисокото место на албанскиот политички блок до македонската опозиција:  „Ако се патриоти, тогаш треба да поддржат промена на Уставот и Бугарите да бидат уставна категорија, зашто на овој начин македонскиот народ ќе биде легитимиран на меѓународно ниво“ (sic!). Па, по ѓаволите, тоа беше упатено до опозицијата, не до нив, нели!?

Но, едновремено, ние односно тие во наше име секогаш имаат спремен одговор: тоа се нешта што (ќе) ги оценува нивниот електорат! Како да тој нивен електорат не е и наш електорат, како да тие нивни гласачи живеат во некоја друга земја а не во оваа Македонија? Таквата налудничава „биполарна“ етничка поделба одамна е реалност во државава, поддржана, дури поттикнувана од партократската клиентела.

А сепак, како да се заборава дека таквата биполарност, медицински кажано, води кон манијакални етнички нарушувања, дека е нездрава (политичка) состојба што често предизвикува екстремни емоционални реакции на националистички вознес и аплауз, но и етнички конфликт како конечен производ. И тоа се епизоди толку добро познати во македонското општество, поттикнувани од многу страни, внатрешни и надворешни, по потреба. И за коишто мислевме дека се минато. Но – не се, очигледно, и секогаш другиот е виновникот.

Во суштина, во сериозните демократии, такви „биполарни“ нарушувања не се толерираат бидејќи предизвикуваат абнормално покачување на афективните етнички расположенија, коишто понатаму можат да доведат до отворени судири.  Зашто, иако посочената формулација е првенствено насочена токму кон еден етнички електорат, не може да исклучи реакции и од другата страна. Што ако и таму, сега, баш пред избори, се јават односно се засилат такви и слични душегрижници за спротивните „антинационални постапки“, инкриминирани или не, сеедно? Малку треба, нели, да се насочи негативната енергија и кон спротивната страна, да се поттикнат токму биполарните „национални“ чувства како оние на познатите фудбалски натпревари.

Дали би-етничките општества развиваат такви биполарни симптоми? Се разбира, а ние, од некогашното потенцирано мултиетничко општество, запишано дури и во Уставот, развивме типично конфликтно би-етничко општество, со тенденција за експлозивни разврски, дури и јавно прокламирани. Оние кои го слушнаа оној „мудрец“ како се заканува дека никој не смее да чепне во Охридскиот договор зашто од Македонија ќе останела само Северна, знае за што зборувам.

На крајот, уште еднаш за „соживотот“ на оној од Водно: ова кататонично општество дава најпрецизен одговор на и за тој нивен „соживот“ базиран на мафијашка поделба на територии и интереси, на влијанија и апетити. Ова општество одамна ги покажува сите симптоми на тој биполарен синдром – длабока депресија и нереактивност, психотички знаци, растечка меѓуетничка омраза и конфликти итн. – а таквите општества по правило се и длабоко суицидални. Од нив, често, останува само пепел. И спомени. Само што тоа некој треба да го види. „Соживотариве“ од крадење немаат време за тоа!


Првиот морален пораз на новата држава

Историјата е всушност „тешка“ наука. Особено кога е доживеана, преживеана. Едно е да пишувате за, на пример, походите на Александар Велики (или Македонски, како сакате), што се случиле пред многу векови, а друго да се обидете објективно, реално, или „научно“, да сведочите за настани што се случиле во ваше време и во коишто – гинеле луѓе. Со наша, или „наша“ (како сакате) вина!

Во тој контекст, не сум докрај сигурен како да го разберам целосното – со мали, чесни исклучоци – бришење од македонската меморија на датумот 24 март 1999 година. Од којшто, само пред три дена, поминаа „јубилејни“ 25 години. Не сакаме да го спомнуваме тој датум, се срамиме од него, сеедно ни е…, или – што? Зошто не би сакале да го спомнуваме тој датум, а спомнуваме многу други, неважни или помалку важни, безначајни или помалку значајни, датуми како оној којшто оној Мерко (а е демек на „црна листа“!) го „слави“ на некаква табла среде Струга, но и многу други? Или, се срамиме од спомнатиот датум, што би било посоодветно и поцивилизирано чувство?

Знам, некој, или многумина, ќе прашаат: а зошто би се срамеле? Добро, јас се срамам, а познавам уште многумина кои еднакво се срамат од тој датум во контекстот на (тогаш) новата македонска држава. Но тоа, очигледно, не е некаков генерален национален срам односно само малкумина, очигледно е и тоа, го гледаат како еден од првите големи морални порази на (тогаш) новата македонска држава. Потоа – следуваа и многу други!

Но, бидејќи станува збор за месец март, морам, дури и со „тешко срце“, да направам една паралела: онаа со датумот на бугарската фашистичка депортација на Евреите од Македонија на 11 март 1943 година. Ние како држава чесно си спомнуваме – и соодветно го „одбележуваме“ – тој датум иако како народ немаме ама баш никаков удел/вина во тој грозоморен чин. Но, станува збор за депортација, или за предвидлива смрт, на 7.240 Евреи – наши сожители/сограѓани – во германските концлогори! И повторно, Македонија односно Македонците немаа(т) ама баш никаква вина за таа трагедија. А сепак оддаваат должна почит на загубените животи! Така и треба. Но, сме помислиле ли дали во онаа некогашна СР Југославија некои од овде исто така имале роднини, пријатели, познати…? И дека можеби некој од нив бил една од жртвите на 24 март 1999?

Но, за да нема забуни, истото го мислам и за оддавањето почит, па и демонстрирањето за жртвите во Украина. Но зошто не и за она што се случуваше во некогашна СР Југославија? Бидејќи, која е, каква е разликата помеѓу идентичните насилија што одземаат невини жртви?

И сега, повторно, прашањето е: зошто не оддаваме должна почит и за жртвите на бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија во континуитет од 24 март до 10 јуни 1999 година? Зашто, дел од оние 38.000 прелети и бомбардирања на воени, стопански и цивилни цели во тогашната Југославија се одвиваа преку македонска територија. Со дозвола од тогашните македонски власти! Што ќе рече дека и ние имаме свој удел во таа трагедија, нели. Не мал!

И да потсетам: во нападите што траеле 78 дена без прекин биле тешко оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Бројот на цивилни жртви изнесувал околу 500-1200 загинати. Економската штета е проценета на 30 милијарди долари. А што е поважно, НАТО бомбардирањето врз СРЈ, со дозвола на македонските власти, се одвиваше ден и ноќ, без согласност од Обединетите Нации, при што Генералниот секретаријат на ОН забранил воени акции. Истото тоа го сторил и американскиот Конгрес којшто ги отфрлил идеите од тогашниот американски претседател Бил Клинтон да се предложи да се нападне СРЈ. Што ќе рече дека тој американски „претседател“ реагирал неуставно според американските закони.

Или, кога денес слушате/гледате какви идиотски улоги имале еден Шредер, Шарпинг, па и големиот „демократ“ Фишер, во таа мартовска трагедија, а за што обилен материјал создале токму нивни новинари и медиуми, уште еднаш се прашувате: што ли си мислеа македонските власти? И зошто и ние како држава, но и како народ, сме се придружиле кон една таква убиствена акција контра наши довчерашни сонародници!

Кој кај нас одобрил такви крволочни прелети, врз основа на кои и какви овластувања и со каква цел? Ни било ли ветено дека веднаш ќе станеме членка на НАТО па сме сакале да направиме страотно неморална „трампа“ со туѓи животи? Или ни се заканиле дека во спротивно и ние можеме да бидеме бомбардирани па некој одлучил дека е подообро да гинат други отколку – ние? И кој е тој „некој“: Глигоров, онаа политикантска креатура со „б“, оној полуписмен Кљусев…, кој? И зошто никој не одговарал за таа одлука?

Уште понеморален чин е нашето прифаќање на статус на земја кандидат за членство во Алијансата во април 1999 година – само месец дена по започнувањето на воените операции – како подарок за соучесништвото во злосторот. Но за полноправно членство нивните „пријатели“ ги лажеа уште цели 20 години!

Се разбира, ние можеме да избереме – како што тоа и го правиме – да глумиме дека сме невини во целата таа операција, дека немаме врска со убиствата на недолжни граѓани на тогашна СР Југославија, дека (дури) и не сме знаеле што се случувало иако секоја божја вечер ги слушавме авионите како прелетуваат над Скопје. Но тој и таков наш „избор“ секогаш ќе биде неизбор, молк заради вина, сѐ до мигот додека некој од власта, која и да е и кога и да е, не се осмели да се извини за тогашните наши нехумани одлуки.

И воопшто не е важно што ние денес сме полноправна членка на таа воена организација. Дури особено заради тоа. Фактот што многумина наши „мудреци“, платени за тоа, и понатаму упорно ги плашат луѓето со НАТО како со „баба рога“ е само аргумент плус. Моралноста и големината на една држава, па нека е и „мала“ како Македонија, се отсликува токму во подготвеноста за прифаќање на грешките и извинување за истите. Само тогаш и само така и граѓаните на државава ќе ја видат оваа земја како доблесен член на меѓународната цивилизирана заедница.

Или, ако сакате, ако ние од другите бараме да се извинат за злосторствата што ги правеле во оваа земја, не мислиме ли дека и ние треба да се извиниме на соседите за ова наше соучесништво во едно од најголемите злосторства на овие простори на крајот на дваесеттиот век?  

П.С.

Не сакам на „прогресивниве“ кримоси да им ја расипам прославата на НАТО „јубилејот“, ама навистина ли не знаат дека нормалните држави прославуваат цивилизиациски дострели во науката, образованието, културата, уметноста, спортот…, а не членство во воени организации?