Првиот морален пораз на новата држава

Историјата е всушност „тешка“ наука. Особено кога е доживеана, преживеана. Едно е да пишувате за, на пример, походите на Александар Велики (или Македонски, како сакате), што се случиле пред многу векови, а друго да се обидете објективно, реално, или „научно“, да сведочите за настани што се случиле во ваше време и во коишто – гинеле луѓе. Со наша, или „наша“ (како сакате) вина!

Во тој контекст, не сум докрај сигурен како да го разберам целосното – со мали, чесни исклучоци – бришење од македонската меморија на датумот 24 март 1999 година. Од којшто, само пред три дена, поминаа „јубилејни“ 25 години. Не сакаме да го спомнуваме тој датум, се срамиме од него, сеедно ни е…, или – што? Зошто не би сакале да го спомнуваме тој датум, а спомнуваме многу други, неважни или помалку важни, безначајни или помалку значајни, датуми како оној којшто оној Мерко (а е демек на „црна листа“!) го „слави“ на некаква табла среде Струга, но и многу други? Или, се срамиме од спомнатиот датум, што би било посоодветно и поцивилизирано чувство?

Знам, некој, или многумина, ќе прашаат: а зошто би се срамеле? Добро, јас се срамам, а познавам уште многумина кои еднакво се срамат од тој датум во контекстот на (тогаш) новата македонска држава. Но тоа, очигледно, не е некаков генерален национален срам односно само малкумина, очигледно е и тоа, го гледаат како еден од првите големи морални порази на (тогаш) новата македонска држава. Потоа – следуваа и многу други!

Но, бидејќи станува збор за месец март, морам, дури и со „тешко срце“, да направам една паралела: онаа со датумот на бугарската фашистичка депортација на Евреите од Македонија на 11 март 1943 година. Ние како држава чесно си спомнуваме – и соодветно го „одбележуваме“ – тој датум иако како народ немаме ама баш никаков удел/вина во тој грозоморен чин. Но, станува збор за депортација, или за предвидлива смрт, на 7.240 Евреи – наши сожители/сограѓани – во германските концлогори! И повторно, Македонија односно Македонците немаа(т) ама баш никаква вина за таа трагедија. А сепак оддаваат должна почит на загубените животи! Така и треба. Но, сме помислиле ли дали во онаа некогашна СР Југославија некои од овде исто така имале роднини, пријатели, познати…? И дека можеби некој од нив бил една од жртвите на 24 март 1999?

Но, за да нема забуни, истото го мислам и за оддавањето почит, па и демонстрирањето за жртвите во Украина. Но зошто не и за она што се случуваше во некогашна СР Југославија? Бидејќи, која е, каква е разликата помеѓу идентичните насилија што одземаат невини жртви?

И сега, повторно, прашањето е: зошто не оддаваме должна почит и за жртвите на бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија во континуитет од 24 март до 10 јуни 1999 година? Зашто, дел од оние 38.000 прелети и бомбардирања на воени, стопански и цивилни цели во тогашната Југославија се одвиваа преку македонска територија. Со дозвола од тогашните македонски власти! Што ќе рече дека и ние имаме свој удел во таа трагедија, нели. Не мал!

И да потсетам: во нападите што траеле 78 дена без прекин биле тешко оштетени бројни инфраструктурни објекти, стопански објекти, училишта, здравствени установи, медиумски куќи, споменици на културата, цркви и манастири. Бројот на цивилни жртви изнесувал околу 500-1200 загинати. Економската штета е проценета на 30 милијарди долари. А што е поважно, НАТО бомбардирањето врз СРЈ, со дозвола на македонските власти, се одвиваше ден и ноќ, без согласност од Обединетите Нации, при што Генералниот секретаријат на ОН забранил воени акции. Истото тоа го сторил и американскиот Конгрес којшто ги отфрлил идеите од тогашниот американски претседател Бил Клинтон да се предложи да се нападне СРЈ. Што ќе рече дека тој американски „претседател“ реагирал неуставно според американските закони.

Или, кога денес слушате/гледате какви идиотски улоги имале еден Шредер, Шарпинг, па и големиот „демократ“ Фишер, во таа мартовска трагедија, а за што обилен материјал создале токму нивни новинари и медиуми, уште еднаш се прашувате: што ли си мислеа македонските власти? И зошто и ние како држава, но и како народ, сме се придружиле кон една таква убиствена акција контра наши довчерашни сонародници!

Кој кај нас одобрил такви крволочни прелети, врз основа на кои и какви овластувања и со каква цел? Ни било ли ветено дека веднаш ќе станеме членка на НАТО па сме сакале да направиме страотно неморална „трампа“ со туѓи животи? Или ни се заканиле дека во спротивно и ние можеме да бидеме бомбардирани па некој одлучил дека е подообро да гинат други отколку – ние? И кој е тој „некој“: Глигоров, онаа политикантска креатура со „б“, оној полуписмен Кљусев…, кој? И зошто никој не одговарал за таа одлука?

Уште понеморален чин е нашето прифаќање на статус на земја кандидат за членство во Алијансата во април 1999 година – само месец дена по започнувањето на воените операции – како подарок за соучесништвото во злосторот. Но за полноправно членство нивните „пријатели“ ги лажеа уште цели 20 години!

Се разбира, ние можеме да избереме – како што тоа и го правиме – да глумиме дека сме невини во целата таа операција, дека немаме врска со убиствата на недолжни граѓани на тогашна СР Југославија, дека (дури) и не сме знаеле што се случувало иако секоја божја вечер ги слушавме авионите како прелетуваат над Скопје. Но тој и таков наш „избор“ секогаш ќе биде неизбор, молк заради вина, сѐ до мигот додека некој од власта, која и да е и кога и да е, не се осмели да се извини за тогашните наши нехумани одлуки.

И воопшто не е важно што ние денес сме полноправна членка на таа воена организација. Дури особено заради тоа. Фактот што многумина наши „мудреци“, платени за тоа, и понатаму упорно ги плашат луѓето со НАТО како со „баба рога“ е само аргумент плус. Моралноста и големината на една држава, па нека е и „мала“ како Македонија, се отсликува токму во подготвеноста за прифаќање на грешките и извинување за истите. Само тогаш и само така и граѓаните на државава ќе ја видат оваа земја како доблесен член на меѓународната цивилизирана заедница.

Или, ако сакате, ако ние од другите бараме да се извинат за злосторствата што ги правеле во оваа земја, не мислиме ли дека и ние треба да се извиниме на соседите за ова наше соучесништво во едно од најголемите злосторства на овие простори на крајот на дваесеттиот век?  

П.С.

Не сакам на „прогресивниве“ кримоси да им ја расипам прославата на НАТО „јубилејот“, ама навистина ли не знаат дека нормалните држави прославуваат цивилизиациски дострели во науката, образованието, културата, уметноста, спортот…, а не членство во воени организации?     

Leave a comment