Monthly Archives: August 2019

ДРЖАВАТА ПРОТИВ ПОЕДИНЕЦОТ

Во нормалните демократски системи (по)вообичаена е формулацијата поединецот против државата, со акцент на поединецот / граѓанинот кој е во центарот на вниманието, па и грижата на државата. Зошто? Глупо прашање, но кај нас се поставува, сигурен сум. Е па затоа што – да појдеме од најпрозаичната причина – да го нема поединецот, граѓанинот (не жителот на градот туку граѓанинот како субјект!), ќе ја нема ниту државата. Тој е не само нејзин основен конституент, туку таа, државата, де факто живее од него, од неговите пари, од неговите даноци! Затоа нормалните демократски системи се грижат за граѓанинот, неговата волја, потреби, често и желби. Во границите на нормалното и можното, се разбира. Хуманите општества, вели проф. Бертола (Ѓузепе), меѓу останатото, „востановуваат синџири на команда, организираат проток на информации и примена на правото на сопственост (…)“ во интерес на поединецот, граѓанинот. Државата и поединецот, граѓанинот, се меѓусебно зависни во секој поглед. Но дури и во такви нормални (хумани и демократски) системи поединецот многу често не се согласува со државата во многу нешта, лични и / или општи. И тоа несогласување има различни прични и формати, често банални / минорни но и суштински. Граѓанинот може да не се согласува со одделна државна мерка каква што е преименувањето на улиците, на пример, но може, како американскиот поет Торо, да искаже и квинтесенцијална вистина дека не може да се согласи со влада „која што во истовреме е и робосопственичка влада“; или писмото на Томас Ман до деканот на Универзитетот во Бон за неговата „нескротлива одвратност“ кон нацизмот, и „големата одговорност за сегашните страдања што паѓаат на вашите глави“,  итн. (И не случајно го цитирам Ман и универзитетите, кај нас целосно несвесни, и некомпетентни за задачата што ја имаат во општеството! Слушајте го впрочем убиствениот молк на фамозниот УКИМ – со чесни исклучоци, се разбира – наназад петнаесетина години!!!). Бунтот на поединецот против државата има разни „формати“, од поединечни до групни односно, повторно, може да добие димензии и на организирани протести. Кај нас „Шарената револуција“ беше еден од светлите примери, иако по неа имавме и темни.

Затоа, велам, чести се, дури потребни протестите на поединецот против државата зашто имаат цел да укажат на неправда, на глупост, на кршење на човековите права и законите итн. Поединецот против државата е суштинска демократска форма! Кај нас, како и обично, во држава која што тешко се справува со придавките демократска и хумана, се’ е извртено, па и ова. Кај нас владее принципот од насловот – државата против поединецот – а „Скопје 2014“ е типичен пример за тоа, каде законите што важат за поединецот не важат за државата и нејзините политички претставници. „Скопје 2014“ е можеби (физички, но и на секој друг начин) најголемиот, најрепрезентативниот, најзначајниот, суштинскиот, најполитичкиот (ако таков израз воопшто постои?) пример. Останатите, како неказнивоста, непотизмот, криминалното владеење, злоупотребата на службената положба … се еднакво големи, но често и незабележливи, или успешно сокривани во други државни криминали. Е пустото „Скопје 2014“ не можат да го сокријат. Иако, нели, сето ова замирисува и на еден таков обид, но со (се’ уште’) нејасни причини. Ама, што кај нас останало тајна? Што пак не’ води кон, за жал, речиси неодминливата констатација дека државата едноставно не сака да се справи со „проблемот“ (каков деминутив!), плус уште со стотина други, за власта погубни констатации! Или, ако г-динот Таравари како градоначалник на Гостивар руши една дивоградба во центарот на градот – веројатно со полно право и со сите ингеренции што ги има, не завлегувајќи во моментов во законитоста на постапката или другите мотиви што му ги припишуваат – и за тоа трубат сите македонски медиуми па градоначалникот мора да се правда, како е можно никого да не го интересира една (барем) стопати поголема дивоградба среде Скопје, демек метрополата, со од многумина документиран и образложен криминал? Зошто за државата, која што во случајов се јавува и како извршител на злосторството но и како судија, би важеле едни правила, а за поединецот, оној во Гостивар но и секаде низ земјава, би важеле други правила? Притисокот на јавноста, па и на поединци од таа јавност контра државата се покажа делотворен во случајот „Рекет“ каде што, на пример, притворот на една од „актерките“ – токму заради фактот што е висок државен службеник – беше поздравен како позитивен потег на таа држава. Зарем државата, сега овоплотена во власта на СДСМ (еднаш огорчен противник на овој историски, идентитетски, естетски … инженеринг) и коалицијата – иако дел од коалицијата (се разбира, мислам на ДУИ) беше активен учесник (и) во криминалот наречен „Скопје 2014“ – не мисли дека ќе ги добие истите, ако не и поголеми пофалби за дефинитивното справување (уште еден еуфемизам!) и со овој случај, инаку многукратно финансиски (и на сите други можни начини, се разбира!) позначаен од сите други?

Најсмешна (да не речам најодвратна) е лекцијата за некомпатибилноста на оваа власт со правната држава што ја слушаме од криминалната групација која речиси триесетина години глуми политичка партија. Та тоа „Скопје 2014“ е токму нивен производ, на нивната бандитска врхушка, која што дел е избегана од државава а дел се крие зад пратеничкиот имунитет. Но, тоа е уште една необјаснива мистерија сврзана со оваа Влада: наместо да го заковате, дефинитивно и неотповикливо, целото раководството на таа криминална групација во историскиот ковчег на македонските вампири, тие се се’ уште меѓу нас и дури држат лекции за морал, чест и чесност, за владеење на правото … итн. И тоа веќе се претвора во чиста перверзија..

Но, допуштам, не само јас, дека чувството дека државата е константно против поединецот, против граѓанинот и неговите барања, е претерано. Иако во прилог на таа теза можат да се приведат уште многу други аргументи, не само „Скопје 2014“. А во таа насока, секој малку разумен граѓанин во оваа држава, може дури да прифати и дека власта има некакви скриени адути во ракавот, дека во вкупната политичка констелација таа определила приоритети, меѓу кои круцијален приоритет беа соседите – јужниот и источниот – и добивањето датум за пристапни преговори. Во таа и онака комплексна агенда, „Скопје 2014“ не е бенчмарк. Веројатно мислат: граѓаните на Скопје можат и да причекаат. Можеби и можажт.. Еве, дури и оние смешнине налепници (ќе) ги гледаме како некакво времено и преодно решение. Ама, како што неколку пати истакнував, некој тоа треба да го каже! Но, има едно друго но, можеби и поголемо од она на централната власт. Повторно ќе ги спомнам администрациите на Општина Центар и Градот Скопје кои што баш и не се бават со бенчмарковите за македонските пристапни преговори, уште помалку со соседите, туку треба да се бават (и) со „побанални“ нешта. Но, можеби им треба поттик, иницијатива, укажување … дека на територијата на нивната општина / град е извршено јавно злосторство, а вкупниот доказен материјал се’ уште стои на местото на злосторството? Ако е така, тогаш повторно стапува на сцена тезата за поединецот контра државата (во случајов олицетворена во локалната самоуправа), при што граѓаните можат да се јават со нивни лични / групни иницијативи (во разни форми) за започнување на решавањето и на овој проблем. Но, повторно, колку лични / групни укажувања се потребни, уште колкумина граѓани ќе мораат јавно, јасно и гласно да протестираат заради прекршувањето на сите правни норми и дадени политички ветувања во поглед на налудничавото „Скопје 2014“? Дали сегашните „протести“ операционализирани главно на рамништето на јавен глас во медиумите се толку беззначајни за државата, неважни, дури можеби ирационални? Веројатно, штом нема никаква реакција. Што, уште еднаш ја потврдува тезата од насловот!

ШУПЛИВ ГЛАС

Да, знам дека, можеби, кога ние би постапувале соодветно на вербата во ЕУ институциите, онака како што тоа го искажува г-ѓа Коцијанчиќ, јас, после мојот јавен повик до „институциите“ да го започнат решавањето на мега-случајот „Скопје 2014“, би требало да си седам дома и да уживам чекајќи го чекорот на македонските надлежни „институции“, кои што, нели, по логиката на нештата кога пријавувате (јавно) злосторство, би ве викнале, или барем би дошле кај вас, на кафе, (ако не повеќе, а можам да ги послужам и со виски, ако се расположени!). Иако и тоа не мора да биде баш така, зошто толку би се интимизирале, нели? Но, бидејќи надлежните, сигурен сум, нема да се јават, а образложението ќе биде дека тие, прво, го немале мојот телефонски број, што е вистина (а во оваа „правна“ држава тоа е особено тешко да се добие!), и второ, бидејќи (наводно) не можат да ме најдат (што беше пракса во сите случаи на ЈО, СЈО и другите во изминативе години), тие нема да покренат никаква постапка заради тоа што, нели, немаат никакви конкретни сознанија. Да ги имаа, ќе беше друга приказна. Освен нечие, тоест мое јавно обвинување – а јас сум, нели , недостапен, а можеби и некомпетентен, којзнае? – за некакво кршење на некакви fucking закони во оваа правна вукојебина. Дури ни фактот што некои од тие надлежни „институции“ „работат“ во една од тие дивоградби од времето на „Скопје 2014“ не мора ништо да значи. Од каде пак тие тоа би го знаеле? Впрочем, во таква иста, дури уште поголема, работи и Владата на Северна Република Македонија! Оттука, мојот ДОПРЕН ГЛАС нема да биде никаков глас, или ќе биде шуплив глас во пустина, оваква – македонска, ако јас, сега и овде, не им образложам што всушност тие треба да прават. Фактот дека некој / некои тоа им го објаснуваа(т) веќе неколку години во континуитет односно откога и започна ова криминално лудило викано „Скопје 2014“, ним ништо не им значи. Сега тие се нова „институција“, иако со старо име и стари вработени, оние истите кои верно – потенцирам ВЕРНО – му служеа и на фашизоиднион режим кој што де факто ни го смести ова гламурозно ступидно чудовиште среде градов. И тогаш – каква акција да очекувате токму од тие „институции“? Нормална, професионална, непристрасна, стручна …? Причам ти причу, велат србите.

Но, за да потписникот на овие редови си го задржи актуелниот и очигледно добро наметнат од некого статус на кавгаџија со надлежните „институции“, јас ќе продолжам со оваа тема односно ќе им приведам барем два битни елементи заради кои што тие македонски „институции“, кои и да се, конечно МОРААТ да постапат (и) по овој предмет. Првиот, секако, е отстранувањето на споменикот на оној несреќник Ќосето. И тоа е, или требаше да биде, доволен сигнал дека нешто не е во ред и со другите од таа „плејада“ споменичари распоредени низ централното градско подрачје. Или надлежните „институции“ сметаат дека тој споменик беше отстранет заради нечиј ќеф, на Шилегов или некој друг, или можеби заради естетски причини (иако, дури и да беше така ќе беше во ред!), или … ? Но, проблемот е што никој кај нас не знае дали воопшто надлежните мислат нешто во оваа насока, или не?

Или, уште подобро, а за да си заштедам малку труд, токму пред неколку  дена и баш во контекстот на фамозниот ни Аце Македонски, сега прекрстен во Велики, почитуваниот г-дин Грчев јавно објави еден текст потсетувајќи ги сите фактори – Влада, Собрание, „институции“ – на грото од перфидно и криминално прекршени закони во однос на постапката за подигање на тој чудовишен споменик кој што оваа северномакедонска Влада сака да го официјализира само со една лепенка, патем префрлувајќи ни ја вината нам, на граѓаните на Скопје и на Северна Македонија, демек ние, немајќи попаметна работа или пак идеја како да ги арчиме нашите пари, сме му го подигнале овој паметник на Ацета. Само – под друго име! Извинете, но си мислам: твоја држава, твоја Влада, твои „институции“ … да те прават толку недоветен, толку глупав, таков идиот … не сум видел сличен пример. Онаа будимпештанска бараба ни го правеше истото, не’ гледаше како дебили чии што пари треба да си ги троши како нему ќе му падне на памет, а ние – дебилите, нели – само ќе ракоплескаме. Што и правевме, го признавале тоа или не. Или – го правеа, ама ние односно вие (кој ќе се препознае, негов проблем!) не превзедовте ништо. Зошто приказните во оваа Македонија, без оглед на префиксот, историски се повторуваат? Повторно друг ли ни е виновен?

Како и да е’, за да не се мачам ни јас повеќе од неопходното, на надлежните, како доказ, за Ацета, а тие малку нека доистражат за другите, им го посочувам текстот на г-дин Мирослав Грчев, објавен во „Слободен печат“, во изданието од 24-25 август, под наслов „Софрата приведена, фотелјата на распит, Александар се’ уште во бегство!“. Таму се содржани генералните упатства за криминалот направен со поставувањето на (тој) „споменик“, а тие – надлежните „институции“ – треба само да ги препишуваат и за повеќето од останатите од „Скопје 2014“. Или и тоа им е тешко, и тоа ли не знаат да го направат? Е па извинете, ама тогаш што ние очекуваме од нив, од тие „институции“, или всушност прашањето треба да биде обратно: зошто ние треба да ги плаќаме токму тие и такви „институции“ ако тое не ги исполнуваат нашите очекувања? Башка што ги плаќаме како да се некакви европски експерти, башка што користат бенефиции какви што ниту еден нормален – потенцирам: нормален – во оваа земја ги нема? Што уште им недостасува на овие – ајде да не ги именувам секој одделно – а што не го добиле, а го добива некој друг нормален (потенцирам: нормален!) граѓанин на оваа земја? Што уште треба да им дадеме за да почнат да работат? Дајте кажете, сите поименично, од Јовевски надолу. Ако посочениот текст ви е малку, ако сето она што го пишува(в)ме низ годиниве ви е малку … што уште ви треба? Или треба некој друг да ја заврши „валканата“ работа за вас? Да? Ама – и тоа е направено. Или вие ни тоа не го знаете? А што впрочем знаете, се прашува секој иоле нормален граѓанин на оваа земја? Ако не знаете, не гледате што ви стои пред носот, како ова „Скопје 2014“, тогаш како по ѓаволите ќе решавате случаи што не ги гледате?

Затоа, уште еднаш, за да нема недоразбирања: сите докази, формални и фактички, се наоѓаат пред тие „институции“, досега биле објавувани стопати низ текстови на сериозни луѓе кои знаеле / знаат што говорат. Понатаму, сите истражувања направени во нивна полза (сакам да кажам во полза на годините што сте ги преспале, а сепак примале сериозни плати за спиењето) се наоѓаат во сите релевантни институции на државата: Општина Центар, Град Скопје, Министерство за култура, Влада на (С)РМ … ! Што повеќе им треба? Некој докрај да им ја заврши работата односно да седне да го напише обвиненијата, едно по едно? Е па таква будала се’ уште не се родила, па за тоа ќе мораат самите барем малку да се помачит. Инаку, за што всушност ги заработуваат тие пари што секој месец, редовно, на први, ги носат дома?

Да, претпоставувам, ќе се најде некоја будала и ова да го преврти во напад на македонските институции, на Владата, на државата … Такви кај нас секогаш имало, и ќе има. Ама тие секогаш, по правило, и историски факти, биле на спротивната страна на правдата, на вистината. Тоа што во моментов се некаде тука, околу власта, па дури и во неа, не е никакво алиби. Тоа се истите (не)луѓе, оние од времето на груевизмот но кои што успеале да се камуфлираат, да се прикријат, да се преоблечат. И ги има многу, премногу. А оваа власт очигледно им верува, иако никој нормален не знае зошто. А токму тие се едните од онаа банда со крвави раце, кои што сега пренесуваат искуства и делат совети на некои нивни близнаци. Сеедно, ако тие треба да ја диктираат политиката / политиките во оваа држава, па и оваа за „Скопје 2014“, so be it! Но немојте утре да кажете дека ете, во жарто на евроинтеграциите, се заборави ова-она, се пропуштија низа работи, некои застареа … Тоа одамна веќе – не игра!

ДОПРЕН ГЛАС ДО ГЛУВИ ИНСТИТУЦИИ

Дали навистина скопскиот граѓанин нема право на својот град туку (и) тоа права (пренесено, со нашиот глас) им припаѓа на политичарите? Или тие сакаат ние така да мислиме? Се разбира, така е полесно да се „владее“ – израз што македонската политика особено го сака, небаре се’ уште живееме во средниот век, а тие се властелините што владеат со народот. И кога ќе го чуете тој збор веќе знаете колку е часот, со кого си имате работа. За жал. ова се’ почесто го слушаме и денес!

Како и да е, градот, современиот град, па дури и Скопје, не е феудален посед на одредена партија – една или повеќе, во коалиција – уште помалку на врхушката на таа / тие партии. Мислевме дека тоа време е минато. Не знам,     барем на тоа се надевавме, нели? А во тоа минато време се изгради и ова „Скопје 2014“, кое полека но сигурно се претвора во политички – бидејќи ова е попитичко прашање пар екселанс – камен околу вратот на оваа влада. (Иако изгледа тие не мислат така!). Како и да е’, нечинењето, непостапувањето по овој криминален предмет – а ова е богами и еден од (не само финансиски) најтешките криминални предмети, или некој не мисли така? – упатува на цела низа прашања, меѓу кои што основното е: зошто? Ако „Скопје 2014“ беше ударната каписла во сите општонародни протести, на кои што потоа се шлепуваа партиите од тогашната опозиција, како тогаш, и зошто тоа остана на опашката на сите правосудни постапки? Толку е комлицирано, толку е закукулено и замумулено, толку е недостапно  …? Извинете, ама – не е! Тоа само некој сака така да го прикаже. Уште помалку е тооолку скапо решавањето на најголемиот дел од „инсталациите“ на ова лудило, пред се’ мислам на оној конгломерат на бесправно подигнати споменици во централното градско подрачје, како што некој сака да го прикаже. И во овој контекст, има минимум три круга на можни повикувања на правната државата, од кои што два се основни, приоритетни: Општина Центар и Град Скопје. Општина Центар беше директен покровител, но и соучесник во сите криминали на нејзината територија. Таму се наоѓаат најспорните и најидиотските испрдоци на овој „проект“, реализирани во времето на (минимум) двајца вмронски градоначалници во оваа општина. Оваа нова власт – општинска и градска – има причина да ги заштитува, или има нешто друго што ние не (треба да) го знаеме? И токму тие градоначалници кои ни го сместија ова?! Или, на пример, ако оној бивш трипати гласан смешка „градоначалник“ на Општина Центар уште во времето на стравовладата на крминалнана вмронска група нарача експертски (финансиски) извештај од двајца компетентни правници, и го доби тоа што го бараше, зошто никој уште тогаш не покрена соодветни обвиненија за сите истражени случаи на подрачјето на општината? Или, ако тогаш беше уште „рано“ односно тогаш се’ уште суверено владееше груевизмот, особено во правосудството, зошто тоа не се направи после промената на централната и општинската / градската власт? Зошто, на пример, приоритетни станаа одделни тераси на локалните кафетерии, а ова како да се заборави? Дури и спорнана тераса на „Белата палата“ која што така помпезно ќе се рушеше? Или сите докази беа само „докази“ и замајување на јавноста? Некој мора да ги објасни тие нешта. Истото важи и за новата власт во Град Скопје, која  што без збор го амнестираше оној (ај да не го крштевам, доста му беше!) Коце кој во два мандати жареше и палеше во градов, а кон кого низ сиве години беа упатувани најгрдите зборови што јавно можат да се искажат. Ако гласот на пуфлана испадна така важен за државава та уште малку ќе именуваме и некоја улица по неа, зошто така молкум и помирливо се амнестирани другине на градско и општинско ниво? И зошто се почна но и се заврши САМО со оној несреќник масовен убиец Ќосето кој испадна најпроблематичниот лик и „градба“ на „Скопје 2014“ во изминативе дванаесеттина години, а се заборави сето друго? Или ова е „елегантен“ начин да ни се каже дека тоа „сето друго“ за некого – е ОК? За Општина Центар, за Градот, за градоначалникот, за советниците во Градското собрание, за Владата …? Но, ако сега е ОК, зошто не беше ОК и во времено на криминалцине кои вака ни го испоганија градот туку гневот на граѓаните беше дополнително поттикнуван и дури засилуван со учеството на тогашната опозиција – сега власт – на сите протести контра ова и вакво Скопје?

Токму затоа и мислам дека не е тоа главната причина. Сакам да кажам дека можеби сите општински и градски институции, а особено оние централнине од типот на ОЈО, ЈО и којзнае уште колку ги има, едноставно не стигнуваат да се бават и со овој проблем. Сосема можно, иако тешко за верување, но сепак. Тогаш – ајде да им помогнеме. Впрочем, тоа е и наша граѓанска должност, не заради власта, таква каква што е’, туку заради нашиот град, ваков каков што ни го направија! Сакам да кажам дека ако сите институции во системот, особено оние кривично-правнине (или како веќе се викаат), не си ја знаат работата, треба да им се помогне. Ако сите тие, оние спомнатине ОЈО, ЈО … и којзнае уште колку ги има … навистина не слушнале за „Скопје 2014“, треба да им се раскаже приказната јавно, еве на овој (можен) начин, и да се повикаат на дејствување. Нели тие реагираат на т.н. „допрен глас“? Е па еве го допрениот глас: ИСТРАЖЕТЕ ГО КРИМИНАЛОТ НА „СКОПЈЕ 2014“! Што побргу – тоа подобро, зашто (можеби) има тенденција случајот да застари! Ако пак некој во тие надлежни институции е малку наглув заради годините или заради нешто друго, еве уште еден повик до првиот човек на тие институции, г-динот Јовевски: ИСТРАЖЕТЕ ГО КРИМИНАЛОТ НА „СКОПЈЕ 2014“! Зошто? Затоа што ова „Скопје 2014“ е врвот на криминалот во Македонија во изминативе дванаесет години. Затоа што ова „Скопје 2014“ „чини“ – да не речам украде – околу (досега) 800 милиони евра, со тенденција кон една милијарда (кога целосно ќе се истражат состојбите)! Во споредба со овој „Рекет“ за кој што сте се фатиле ко слеп за стап – тоа е п.д.! (Имам објаснение што значи оваа кратенка, ама е многу безобразно. Но такво беше и „Скопје 2014“, нели? Но, и дома ме караат, сум бил вулгарен. Барабине изнесоа едно чудо милијарди, овие се прават и глуви и слепи, вклучувајќи го и Јовевски, ама јас сум – вулгарен!?).

Навистина не знам што мислат скопските граѓански организации, што мислат некогашните агилни членови на „Шарената револуција“, што и како мислат некои проминентни протестанти (во сите форми) контра ова „Скопје 2014“ и сите негови нус-појави (меѓу кои, за жал, многумина најдоа пристојно ухлебие кај оваа власт – општинска, градска, централна!). Но, мислам дека мора вака јавно да се предочи, уште еднаш, или повеќепати, „заборавениот“ случај „Скопје 2014“. Таквата „заборавност“ на власта – општинска, градска, централна – е (уште еден) голем минус на нивното конто. И морам да кажам: еден огромен минус, минус што не може да се објасни, оправда, забошоти. Тој минус ќе му виси над главата и на г-дин Јовевски, бидејќи (и) тој сака да ја глуми ролјата „јас не сум одовде“! Еве, сега мора да биде – одоводе, сега има и допрен глас, мора некому да наложи да отвори предмет наречен „Скопје 2014“! И да постапува по истиот!!!

ПРАВО НА ГРАД

Не сум сигурен дека и оваа власт, како и која и да е’ друга македонска власт, сака да прифати дека низ градот / градскиот простор парадигматски се прекршуваат сите, или барем повеќето управувачки механизми, „владеечки“ (како што македонските партии уживаат да потенцираат дека тие владеат со нас!) стратегии, сите демократски стандарди, еколошки, културно, образовни … методолошки капацитети на една власт. Еден поглед врз Скопје, неговото централно подрачје, државните институции во него, културните и образовните институции, зелените површини, пешачките зони и комуникациите … сето тоа говори, во крајна линија, за односот на власта кон гласачот (ако баш сакате, иако не би ги упростувал до толку нештата), кон поединецот / граѓанинот како најважен чинител во едно современо општество. Во градот / низ градот најбргу се согледуваат сите дивергентни стратегии на една власт. Едновремено, замислете како сиот овој скопски хаос ечи во очите на еден дојденец од некоја малку поцивилизирана (на пример европска) средина.

Од 2008 година, според Обединетите нации, за прв пат во човековата историја урбаната популација во светот надминала 50% од вкупната популација на Земјата. И оваа тенденција е во постојан раст. Кај нас имаме интересна ситуација: според Државниот завод за статистика во Македонија има 34 градови и 1.749 села (состојба 01.07.2019). Според последниот попис (2002) Скопје имало 506.926 жители. Во овие седумнаесет години и во оваа македонска урбана експанзија таа бројка е сигурно за 50% поголема. Зборот ми е: во последниве десетина па и повеќе години не сме слушнале некој – особено не власта, која и да е’ – да се бави со овие бројки, со вакви истражувања, со вакви јавни старатегии. А тоа се најчувствителните, а заради тоа и потенцијално суштинските невралгични точки во развојот на една држава. Ама кого тоа кај нас го интересира? Денешните мега-градови носат и мегаризици – во упропастувањето на природните ресурси, загадувањето, миграциите, социјалните проблеми, техничко-технолошките па и терористичките ризици итн. Градот е веројатно најсофистицираната современа машина која што ќе ја определи иднината на светот. Цивилизациите започнале со градовите, но можеби во нив / со нив веројанто и ќе завршат. Но, градот како феномен односно урбан конгломерат и неговите ресурси не припаѓаат на власта, која и да е’, туку пред се’ е право (и обврска, секако) на неговите жители. Власта е тука да ги сервисира и менаџира потребите (и желбите, се разбира, во границите на можното) на граѓаните, а не да реализира свои фантазмагории! Или, ако сакате, во градот се интринсично инкпорпорирани разни интереси, од јавни до приватни, но правото на град го имаат пред се’ неговите жители. Токму заради тоа, односно бидејќи градот е базично „антрополошки предмет“, човечки хабитат во кој што се преплетуваат фактички и симболички интеракции тој бил истражуван безмалу од самата негова појава па до денес.

Но ние овде говориме (сепак) за нешто друго, за она што уште Лефевр (Анри), во доцните шеесетти години на минатиот век во книгата Le Droit a la ville,  го нарекувал „право на град“ како можно псеудо-право на човекот односно, како што тој подобро го дефинира, како „право на урбан живот“! Неколку децении подоцна, суштината на тезите на Лефевр се преточени во таканаречената Светска повелба на правото на град, донесена на Светскиот урбан форум во Барцелона (2004). И тоа е четиво кое што би морал да го знае напамет не само секој градоначалник, на Скопје особено, туку и секоја централна власт, зашто јасно и прецизно ги формулира сите човекови права во рамките на градот како урбана средина. Меѓу нив, на пример, во членот 2 точка 1, под насловот Демократско управување со градот, стои дека „Сите граѓани имаат право на директно или посредно учество во надзорот, планирањето и владеењето со градот за да се зголеми транспарентноста, ефикасноста и автономијата на локалната јавна управа и општествените организации. Сите граѓани имаат право на учество во планирањето, работата, надзорот, управувањето, обновата и подобрувањето на градовите“. Тезите на Лефевр, подоцна дополнети од многумина други (на пример проф. Дејвид Харви) и Светската повелба на правото на град многу бргу иницираат појава на т.н. Human Rights City односно градови што се грижат за човечките права на своите граѓани. Во Европа ги има неколку: Грац, Утрехт, Барцелона, Мадрид, Бихаќ, Виена, Лунд итн. (Патем, апропо обичајот на некои наши политичари надмено да не’ подучуваат дека ние не сме Африка, токму во таа Африка има неколку вакви градови, и тоа во Гана, Кенија, Сенегал, Мали, Руанда и Јужна Африка!).

Е сега, се сеќава некој како, како гром од ведро небо, тресна онаа чуена „видео презентација“ за новото (фашистичко) Скопје наречено „Скопје 2014“? Со какво учество на граѓаните на овој град во планирањето, со каква транспарентност на властите околу целата таа квазиурбана скаламерија? И не само на граѓаните туку и на надлежните институции, особено Собранието на (тогашна) РМ, на пример, како единствено надлежно за еден голем дел од планираните активности?  И на ставовите на тогашната опозиција – сегашна власт (градска и цецнтрална)? Не знам дали Скопје е потписник на Светската повелба на правото на град. Тоа треба да си го проверат градските власти. Но таа Повелба е можеби најшироката рамка низ која што треба да се посматра „Скопје 2014“ и нашиот денешен однос кон него. Велам најширока во смислата на некаква „филозофска“ диоптрија за жителот / граѓанинот како централната точка на градот. Не говорам за националните и локалните закони и правила, прекршени сите до еден со овој октроиран фашизоиден „проект“, за газењето на сите цивилизациски и демократски норми, за комплетното понижување не само на граѓаните на овој град туку и на целата држава. Градот, особено градовите како Скопје – Град на Солидарноста – ја исполнува својата општествена функција само доколку на сите жители им гарантира целосно уживање во контекстот на културата, уметноста, урбанизмот, ако вложените средства на граѓаните се за нивна благосостојба и добробит, ако распределбата на средствата е во склад со културната и еколошката одржливост. Во кој сегмент од овие се вклопи она „Скопје 2014“ освен што успеа да иритира, разлути, згрози повеќе од 70% од неговите жители? Јавните и приватните простори и сопственоста што им припаѓа на градот и неговите граѓани – вели цитираната Светската повелба – мора да се користат на начин што на прво место ќе го стави општествениот, културниот интерес како и зачувувањето на средината. Што од ова беше почитувано во „Скопје 2014“, чии интереси беа ставени на прво место? На една криминална политикантска врхушка која не само што успеа да украде речиси цела милијарда евра, туку и целосно да го смени идентитетот на градот?

Оттука, едно од прашањата што граѓаните на Скопје дефинитивно мора да го постават на власта, секоја власт, е: дали правото на град во Македонија им припаѓа само на политичарите?

КОНТИНУИТЕТ НА ДИСКОНТИНУИТЕТОТ

Ќе бидам искрен: ме фаќа голем гнев кога денес го гледам Скопје. Секоја будала која што имала малку некаква власт во изминативе триесетина година оставила своја трага. Ама буквално секоја! А тоа се деструктивни траги, траги што оставаат рани, рани што болат, болка што уништува секаква надеж. Тоа се траги со тенденција да бидат вечни, се разбира не во буквалната смисла на зборот, но според нашето однесување, особено според однесувањето токму на власта, ќе траат.

И токму затоа ова проклето „Скопје 2014“ е (уште) еден од големите тестови за оваа власт. Тест неспоредливо поголем од оној налудничав „Рекет“, тест на кој што, според сите назнаки, (повторно) паѓаат. Тест како и правосудството, па здравството, па образованието, па културата, па администрацијата … Каде што дефинитивно паднаа. Ама ова е – град! Град кој што живееше последниве години од нивните ветувања, кој што дишеше со вербата за конечна победата на човечкиот ум.

Што е најтажно, (ни) оваа власт не верува во потенцијалите на својот народ, особено не на младите генерации – иако, еве, премиерот повторно се повикува на младоста! – кои во неколку сериозни наврати покажаа дека го познаваат градов, дека го сакаат, знаат како со него, дека и за него може да има надеж. Сите тие нивни напори поминуваа(т) речиси незабележено, некако залудно, загубено. Како на овој простор да живеат две општествени групации, едни покрај други, како во магла. Никако да се сретнат, политиката и струката, политичарите и компетентните.

Само последниве години (релативно) млади македонски архитекти го промовираа и она вистинско модернистичко Скопје дома и надвор, во светот, како и можните идеи за некое поинакво Скопје утре („Architektur im Mazedonischen Kontext“ во Виена, „Toward a Concrete Utopia: Architecture in Yugoslavia 1948-1980“ во Њујорк, „Freeing Space / Ослободување на просторот“ на Архитектонското биенале во Венеција итн.). Ги гледа ли некој, ги следи ли, ги слуша ли нивните идеи? Какви црни налепници со глупави текстови кога младиве умови ви нудат светски решенија? До кога ќе бидат игнорирани, и зошто? Една од нив вели: „Еднаш јавно изјавив дека Скопје е есенцијално модерен град. Оттогаш, речиси секој ден се обидувам пред себеси да си ја оправдам оваа констатација, зошто со секој изминат ден Скопје е се’ помалку модерен“! Да, за жал, и уште повеќе: со секој изминат ден Скопје е се’ помалку град, пред наши очи се претвора во една грда, загадена, провинциска спална соба за половина држава каде што секој може да прави што и како сака. Овој град не само што остана без минато, без неговата и нашата меморија, туку останува и без иднина. А сегашноста? Неговата сегашност е приказна за себе, се’ повеќе наликува на оној кутар монструм на Мери Шели. Оние лепенкине божем требаа да да сокријат некој од шевовите, ама само ги потенцираа.

Ако она што се случуваше во Македонија од 2007 година наваму го нарекувавме шизофрена инсталација од позиција на сила и моќ, а подоцна и пари, а под закрилата на политички „програми“ и национални „проекти“, односно, историски гледано, уште едно насилно прекинување на развојот, уште еден дисконтинуитет, ние сега го живееме континуитетот на тој дисконтинитет! Парадоксално, нели, ама вистиното. Зашто во овие две години се заокружија сите шизофрени инсталации на оние полуписмени провинцијалци кои патем ја украдоа и цела држава. Се’ што тие оставија, овие продолжија! Навистина ли она довчерашно криминално општество се покажува толку силно, безмалу неуништиво, или има и многу други причини што одат на рака на таа теза? Тие одговори се работа на социолозите, но тие не си ја вршеа работата ни вчера, така што е илузорно да се очекува да ја вршат и денес. Но, оние кои ги спомнав, оние млади македонски архитекти и урбанисти (а изгледа се’ уште идеалисти), и не само тие, отворено нудат помош, решенија кои што, очигледно е, никој не ги сака. И во тоа сме континуитетни, исто како и во времето на груевизмот! Се’ уште се препелкаме во стапицата поставена од оние политикантски шалабајзери и нивните квази-интелектуални трабанти, кои под превезот на некаковси патриотски наплив маскиран како десен (или лесен) конзервативизам, национален романтизам и потрага по идентитетот, на ова општество му поттурнаа радикален прекин со сите општествени, културни и уметнички традиции во државава градени повеќе од седумдесет години. Да, некој ќе рече дека очигледно не сме биле доволно зрели да се спротивставиме, доволно интелектуално, но и политички, за да се одбраниме. Веројатно, но тогаш како, и зошто и денес, кога мислиме, односно мислевме дека се покренува нов прогресивен бран, талкаме во истиот провинциски лавиринт? Некој мора да одговори на овие прашања! Кога-тогаш.

Рехабилитацијата на овој град, па и на целата држава мора еднаш да започне. Колку побргу – толку подобро. Зашто оној „Рекет“ е само добра опомена дека дисконтинуитетот трае, односно дека криминалот има континуитет, длабок, широк, висок. А „Скопје 2014“ беше парадигмата на тој дисконтинуитет, на тој прекин на македонската модернистичка приказна не само во архитектурата, туку во вкупниот однос кон пошироките европски / западни културни вредности! Ако ни тоа не го знае оваа власт, навистина ништо не знае. Затоа, наместо се’ уште да игра по жиците на груевизмот, ова општество мора да ги бара брзите и проверените излези. Излези кои што, всушност, одамна му се понудени, само треба да ја смени розовата партиска оптика и да погледне со европски очи. Се’ е тука, на дофат, објаснето, образложено, верификувано. Но и да не е, впрочем, зарем континуитетот на дисконтинуитетната криминална политика на минатиот режим е навистина некаква македонска опција? Ако не повеќе, зарем уште има дилеми дека, како што точно укажа Ивана Драгшиќ, суштината на ова „Скопје 2014“ е „систаматскиот удар врз процесите на демократското донесување на одлуки и врз сите институционализирани процедури кои што овозможуваат одржливо и хумано просторно планирање“! Но, и зарем никој навистина не гледа дека и сегашниот начин на носење одлуки не само во врска со градов – ова со лепенкиве е само инцидент! – е потврда на континуитетот на тие „политики“?

ПРЕИМЕНУВАЊА

Ете како се рушат тенки митови, митови без корен: со приведување! А приведување во случајот со еден од најголемите (познати) криминали во поновата историја на Македонија, а едновремено и најтенок и најплиток како можен мит – она „Скопје 2014“ – би значело негово УРИВАЊЕ. Целосно, неотповикливо, безмилосно враќање на узурпираниот отруен со кич простор во првобитната состојба. Онака како што предлагаа(т) сите стручни и умни луѓе во државава! Секое калкулирање со овој отров низ формите на некакви смешно-трагични налепници, објаснувања, појаснувања, барање божем предлози од граѓаните за ступидни пренамени и слични будалаштини само го вбризгуваат отровот подлабоко во сите општествени пори. Таквото барање компромиси онаму каде што не може да ги има го доуништува и онака дестабилизираниот рејтинг на оваа власт. Еден од тие целосно нејасни компромиси (со кого?, и зошто?) во оваа приказна е и изненадното преименување на нашиот главен лик во лепенкиве, оној „Воин на коњ“ кој до вчера само го глумеше Александар Македонски, а сега преку ноќ се стори со име и презиме, и тоа – Александар Велики! Зошто? Има некакво објаснение? Или веќе, од пред некој ден, онака, со декрет (чиј?), тој не е само некаков обичен воин на коњ, а нема да биде ни „Македонски“, туку  ќе биде само „Велики“? Како што и Делчев ќе биде Бугарски, а не Македонски? Не дека ми е гајле (за Ацета), ни најмалку, викајте го ако сакате и Марсовски, ама верувам дека има многу вжештени глави на кои (ќе) им е гајле, ќе бараат објаснување, нема да го добијат, ќе метастазираат погрешните митови, ќе регрутираат нови жртви … Навистина има(ше) потреба од тоа? Не можеше да се реши поинаку? Некој да објасни? Ќе успееме ли навистина да ја избришеме придавката „Македонски“ до името на овој … (хм, како да го наречам: војсководец, освојувач, империјалист, масовен убиец …) и од сите книги, истории, визуелни претстави (не само кај нас!), за да остане само она „Велики“? Тешко, незамисливо, неизводливо. Или битно е да ја избришеме таа придавка само од овој споменик? А понатаму, колоквијално, повторо така ќе си го нарекуваме? А така, впрочем, го нарекува и (барем) половина од светот. Сеедно, ок ако е така, но некој и тоа треба(ше) да го објасни, нели?

Но, морам уште еднаш да повторам: не можеше ли поинаку, не само придавката по името на Александар, туку целиот случај со лепенкиве, со конкретните споменици, со целото отровно „Скопје 2014“? Повикувањето на т.н. „Преспански договор“ односно документот званично наречен Конечна спогодба за решавање на разликите опишано во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните во голема мера не одговара на актуелните постапки на македонската страна, особено во делот со онаквото означување со лепенки на „спорните“ споменици. Зошто го велам ова? Затоа што во Делот 1, член 8 точка 2, стои дека „Во рок од шест месеци од влегувањето во сила на оваа Спогодба, Втората страна (односно ние, м.з.) ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и доколку истите на кој било начин упатуваат на античката елинска историја и цивилизација, што претставува составен дел од историското или културното наследство на Првата страна, ќе превземе соодветни корективни дејствија со цел делотворно да го разгледа прашањето и да обезбеди почитување на таквото наследство“. И немам намера да завлегувам во суштината на одделни делови, формулации и цивилизациски небулози, зашто за тоа е многу доцна. Иако, политички гледано, целиот член е коректен односно вели дека „Втората страна ќе го преиспита статусот со спомениците …“. Првата страна, тоест Грција, односно дотичниот член никаде не сугерира што и како треба Втората страна (тоест ние) да направи. Не спомнува обележување со налепници или друг тип табли, не спомнува никаква интервенција врз споменици итн. Доколку некакви мерки дополнително биле устно договарани, тоа е сосема друга работа. Такви информации неофицијално беа спомнувани во јавноста, но сето тоа остана на кафеански муабет. Но, и да се точни тие муабети, дури и устно да биле договорени некакви мерки, мислам дека иницијативата морала да припаѓа на нашата страна. А можеби така и било и најверојатно ваквите лепенки биле предлог на нашата страна. Заради целосната нетранспарентност на таа постапка сега можеме само да нагаѓаме, не само за овој дел туку и за многу други суштински работи кои во оваа држава се одвиваат зад замандалени врати. И притоа допуштаат лоши решенија за земјата.

Но, сеедно, не велам дека мерката наречена налепница како „соодветно корективно дејствие“ е катастрофална. Напротив, таа можеби е најбезболна во овој миг. Ако е привремена. Ама, очигледно не е односно, повторно, сите шпекулации на оваа тема се отворени бидејќи никој од Владата не дава соодветно јавно, јасно и прецизно образложение на постапките и нивното значење. Како што не се сеќавам дека некој јавно го поставил прашањето што да стои на тие лепенки. Или и тоа мора да се реши во затворен круг, па што ни даде Господ? Ок ако тоа прераснува во навика (и) на оваа власт но, би рекол, не сум сигурен дека е избрано најсоодветното решение и најсоодветниот текст. За текстот веќе пишував, но морам ова уште еднаш да го потенцирам: каде стои, кој утврдил дека ова е споменик на Александар Македонски (тоест Велики)? Владата, со некаков таен заклучок, или Комисијата што работела на „случајот“, или некој трет? Ако авторот на скулптурата, независно од нејзината естетска вредност, ја видел и изработил како „Воин на коњ“, па следствено така и ја нарекол, врз основа на што се импутира дека тоа е баш оној „елински“ Александар Македонски (тоест Велики)? Дозволено ли е воопшто некому такво (самои)менување, освен на авторот на тоа дело, или „дело“, сеедно? Мислел ли некој на ова или нештата се земале здраво за готово, онака како што кажала Првата страна? Иако Првата страна тоа и не го кажала, такво нешто не е посочено во Спогодбата. И што ако утре некому му текне да ја преименува онаа прекрасна скулптурална композиција на Мирковиќ токму пред Владата и ја нарече Споменик на бугарскиот фашистички окупатор на Скопје? И побара да се отстрани? Отвораме ли со ваквите самоволија вентили што во блиска иднина можат да не потопат? Бегајќи од клучниот аргумент – дека не само тој споменик туку и целото „Скопје 2014“ е една огромна криминална дивоградба, нешто што оваа Влада веќе го констатирала пред две години, завлегуваме во наивни „операции“ кои предизвикуваат, најблаго речено, потсмев.

МИТОВИ

Не знам од каде му на „Шпигел“ наслов дека „уништен е митот за хероината Катица Јанева“? Какви тоа  информации добиваат ова странциве од нашава вуко……? Ние сме имале, и имаме, многу митови, ама ваков мит … не паметам. (А како кутрата избега вчера од новинарите … каков мит, какви бакрачи).

Елем, еден од многуте наши современи „митови“ е и ова „Скопје 2014“. Зашто, како што и кај вистинските митови, со време, се заборавал авторот односно митот прераснувал во производ на колективниот дух, така и оваа шизоидна градежна скаламерија полека но сигурно преминува во општа сопственост, во колективен производ на провинцијалниот и криминалниот македонски дух. Зашто, всушност, ние ни денес не знаеме кој навистина ни го смести ова чудо среде градов? Тоа очигледно не го знае ни сегашнава власт па смислила – ако воопшто е мислена – таква хермафродитска формулација на лепенкине што ги поставуваат на дел од спомениците. Факт е дека криминалецон од Будимпешта јавно рече дека тој стои зад овој проект, ама тоа ништо не значи. Истото можеа да го кажат многумина, односно не верувам баш дека тој самиот го смисли сето ова. Нема тој таков капацитет. Но, формално, воопшто и не е битно кој што смислил, туку кој сето ова го платил. А го платил овој народ, директно од државниот буџет тоест од парите што му ги земаат на име данок и други (легални) конфискации. Тоа ќе рече дека овие споменици, односно целиот глупав „проект“ е баш народен? Да, зашто никој, или речиси никој не се бунеше кога сето ова се градеше. И да, подоцнежните анкети кажуваат многу, ама тоа е сепак пост фестум! Затоа, повторно, се чини најсоодветна лепенката што гласи „Народот на Република Северна Македонија во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“. Тоа нема целосно да одговара на вистината, ама бидејќи и оваа работа полека станува мит, ќе звучи подносливо, нели? Иако некој може да каже дека воопшто и не е битно кој го поставил споменикот односно спомениците туку кој ги ОСТАВИЛ да стојат, плус троши пари – повторно народни пари – за нивно одржување. Зашто, ако едно злосторство врз јавниот простор го оставате да живее и да го труе просторот и народот, а ова злосторство е отровно пар екселанс, тогаш вината, извинете, не е кај оној што го поставил, подигнал, изградил. Дел од оние монструозни нацистички концентрациони кампови не се оставени во спомен на убијците што ги граделе, туку во спомен на жртвите и како опомена за идните генерации! Сака некој да ми каже дека и овде имаме слична идеја? Не баш, не верувам, зашто тогаш на лепенките треба да стои сосема друг текст. Оттука, повторно, истото прашање: кому навистина му треба (и) ваков скандал  наречен официјализирање на тој идиотски „проект“? Кому ова навистина му треба, зарем некој и од ова влече пари, или мисли дека ќе извлече?

Од друга страна, овој скандал е на еднакво, а во суштина на многу поголемо рамниште од оној смешен (и нејасен!) „Рекет“. Зашто нам никој не ни ветуваше „Рекет“ или „Не-рекет“, ама ни ветуваше дека „Скопје 2014“ – ќе го нема! Ќе испари, односно ќе го „изедат“ инспекциите, елаборатите, законите … правната држава. Испадна – ништо од тоа / од неа! Како што нема(ше) ништо ни од реформите. Зошто? Има некакво објаснување или ние треба да нагаѓаме? Извинете, доста ни е од нагаѓања, од „читање“ на намерите на другите. Такво нешто не постои во современата политика! Та белки за тоа беше борбата? Или – не?!

Како и да е’, вториот интересен момент со лепенкиве, покрај отсуството на подметот (кој), е и заборавањето на глаголот. Поточно: зошто во фамозната и многузначна (полу)реченица „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“, освен отсуството на она „КОЈ“, го избркале и глаголот тоест ШТО? Што ќе рече, ШТО „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“? Не ви недостасува некое зборче од типот: се подига, се поставува, се (из)гради … тоа и тоа, односно таков и таков споменик? Зошто никој не го разјаснува ова прашање? Или, во прашање е незнаење кој глагол да се употреби, а следствено и страв од грешка? Или ако нема глагол, како да нема ни споменик? Е па не е баш така, ене го споменикот, среде Плоштадот, и не само тој туку и сите други. Дали ако кажете „се подига“ тој и тој споменик мора да кажете и кој го подига? Па и не мора, кај нас ништо нормално и логично – не мора. Ама, кога ќе кажете „се подига“ тој и тој споменик „во чест на …“, секој паметен ќе го врзе подигањето со законската процедура пропишана со Законот за меморијални споменици и спомен обележја, а таква легална процедура – немаше, нели. Барем тоа сите го паметиме, а го памети и тогашната опозиција, сегашна власт! Исто или слично значење би имале и другите два поими „се поставува“ или „се изгради“, зашто и тоа подразбира запазување на извесни законски процедури кои што овде не биле запазени. Иако спомениците сепак биле поставени, а сега се и официјализирани. Или некој сепак се сетил да ги прочита главните стратешки определби на оваа Влада во делот за „Скопје 2014“, каде овој монструозен зафат однапред беше прогласен за „гигантска дивоградба“? Е па ако е така, а така пишува, како може една „гигантска дивоградба“, среде главниот град, или метрополата, како што многумина сакаат да ја нарекуваат, да стои веќе 2-3 години недопрена, а сега, конечно, и официјализирана од најголемиот нејзин противник – тогашната опозиција? Вака, извинете, сето ова изгледа како дотичните споменици да ни ги сместиле некои вонземјани на кои ни името ниту пак изгледот им ги знаеме, а ни ги сместиле преку ноќ и на мистериозно непознат начин што не умееме со зборови да го дефинираме! А можеби така и било, ќе каже утрешниот мит за „Скопје 2014“?

Но, дури и сето ова со смешниве налепници и уште посмешниот, да не речам трагичен, текст на нив да се прифати како една непромислена небулоза, моментно решение кое веќе утре може да се смени, останува главниот проблем: зошто вака се решава прашањето на „Скопје 2014“? Мислам дека, ако не повеќе, некој висок функционер од Владата, ако не и самиот Премиер, мораше да излезе пред јавноста и да ги образложи ваквите потези. Иако е тешко замисливо како би се објасниле и одбраниле таквите потези. Но, тоа е должност на оние кои спроведуваат една ваква мерка. Е сега, централното прашање, повторно, е: зошто токму ваква мерка и од каде истата произлегува? Од т.н. „Преспански договор“? Тоа, едноставно, не е точно! Но за тоа следниот пат.

П.С.

Апропо, каква лепенка ќе се стави на спомениот на Гоце Делчев, односно на сите три-четири негови споменици во оваа земја? Дека тој е Бугарин кој се борел за независна Македонија? Или, да не давам идеи … да не чуе г-ѓана загрижена Захариева?

П.П.С.

Абе, имаше еден гооолем вмровски миленик – стручњак за митови, сега вработен во Владата. Да не стои он и зад овој најнов мит со лепенкиве?

ОФИЦИЈАЛИЗИРАЊЕ НА КИЧОТ?

Морам да ја повторам последната реченица од претходниот текст, која што гласи: дали навистина со налепницата „Во чест на Александар Велики (или едокојси друг, може Филип Втори, може Олимпија итн., м.з.), историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“ се исцрпуваат сите планирани државни мерки контра овој налудничав „проект“ наречен „Скопје 2014“ или само мене така ми се чини? Прифаќам и тоа, јас да бидам тој виновниот кој, еве, сее смут и забуни кај жителите – иако тие, де факто, не се моја целна група туку тоа се граѓаните – на Скопје и кој заради „рефлексиите“ од гореспомнатиот „проект“ добива грчеви во стомакот заради што се’ помалку наминува во централното градско подрачје. Но, признавам повторно, ова со овие лепенкиве мене ми наликува токму на тоа: на официјализирање на кичот на „Скопје 2014“ односно негова верификација како наше секојдневие, наша сегашност и светла иднина, ни се допаѓало нам тоа или не.

Е кога сме веќе кај тоа допаѓање, бидејќи токму оваа власт се декларира(ше) за деморатска, транспарентна, народна (но не популистичка, се разбира) и проевропска – во што апсолутно, барем досега, сериозно не сум се посомневал, освен во ретки исклучоци – а згора на се’ дојде на власт токму на крилјата на демократско и проевропско Скопје тоест на оној дел од граѓаните (потенцирам: граѓаните, не жителите) на овој град кои беа згрозени од малограѓанштината, простаклукот, криминалот и беспризорноста на оној бивш режим, мораме да се потсетиме на една анкета токму за „Скопје 2014“ каде повеќе од 70% од граѓаните се изјаснија против таа грдотија во нивниот град. Токму затоа, секоја, која и да е’ власт, ако навистина е демократска, транспарентна, народна (но не популистичка, се разбира) и особено проевропска не смее да се оглуши од ставот на граѓаните на овој град за тоа монструзно чудо што ни го узурпира јавниот простор. Не сакам да се правам попаметен, но ако оваа власт, потенцирам повторно – особено оваа власт – не знае што е тоа јавен простор и во чие „владение“ е истиот, нека праша. Во нивните редови има сериозни луѓе кои знаат што е што односно што е рог а што свеќа! А во крајна линија, не мораат ништо да прашуваат: посочената анкета говори – се’. Впрочем, ако треба навистина да се потсетуваме, нормалниот свет во Општина Центар, и покрај сите саботажи од вмроните, три пати едноподруго го гласаше оној Жерновски – кој, патем, целосно ги разочара, а сега као некому држи „крешендни“ лекции! – токму заради надежта во конечното справување со криминалот и невкусот на тоа вмронско „Скопје 2014“. И од сето тоа не бидна ништо. Остана дури и онаа настрешница на „Белата палата“! Односно, поточно, бидна сосема спротивното: денес, токму од оваа власт – и локална и централна – добиваме налепници врз најшизоидните примероци на „Скопје 2014“ кои не’ етикетираат сите нас како доброволни учесници (не само) во најголемиот криминал во пост-југословенска Македонија! Не’ етикетираат не само како криминалофили наместо како криминалофоби, туку не’ прогласуваат и за малограѓани, сељачаана, кичофили … Тоа ли сме, навистина? Изгледа дека сме, без оглед колку поименично или (можеби) еснафски (во што повторно се сомневам!) ќе се дистанцираме од ваквите потези на актуелната власт.  Навистина не сакам да прејудицирам, можеби имало и поголеми криминали во онаа бивша Ју-Македонија, или во оваа екс-Ју Северна Македонија, на пример со приватизацијата и слично, ама сето тоа некако остана да лебди ни на небо ни на земја, со не докрај докажани далавери и учество на (тогашни) државни функционери во истото. Ама „Скопје 2014“ не е тоа, оваа идиотштина ја живее(в)ме и преживеавме неодамна, никој се’ уште не е (о)суден за овој криминал, дури напротив – ги ослободуваат (ене ви ја пуфлата како пример!), цел град (да не речам цела држава) чека некој да понуди спас зашто ни ветија подобри денови (и, дали, излажаа?) … ама изгледа дека тоа беше / е’ само наш сон?! Штета, а баш беше убав сон. И правичен, и правдољубив, и демократски. Барем така го сонува(в)ме!

Сеедно, моите желби не мора да бидат ваша стварност, уште помалку државна задача. Во оваа власт, велат, има многу паметни луѓе. Затоа, баш би сакал да знам: дали, после сите ветени „… уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи …“, налепницине значат одговор очекуван од мнозинството граѓани на овој град? Зашто, некому ова можеби му личи на соодветен одговор не на „Преспанскиот договор“ – тој со оваа работа има само некаква далечна врска – туку на сите обвиненија за и сврзани со она шизоидно „Скопје 2014“? Зошто велам дека т.н. „Преспански договор“ нема никаква врска со оваа мерка? Затоа што, да се постапуваше согласно ветувањата, и согласно наодите на неколку експертски тела формирани токму на државно ниво, меѓу другите и на Работната група за „Скопје 2014“ – ќе ме извини таа т.н. (нова) Комисија, ама таа „работела“ на веќе завршена работа!  – нештата досега ќе беа готови. Завршени, капут, енде! И волкот сит и овците на број.

Но, да продолжам на темата за волјата на граѓаните. Секоја власт, па и оваа во тоа не е исклучок, се повикува на волјата на народот зашто тој, народот, во крајна линија и’ ја доверува таа власт во негово име. И ова често пати го слушавме и од оваа власт. И токму заради тоа, нејзиното постапување денес во Скопје многумина (ќе) ја сметаат како постапување во име на народот, или особено во името на граѓаните на Скопје кои ја избраа и локалната власт. А налепницата го вели токму тоа, иако е прилично неписмено – знам, некој ќе рече: мудро – напишана. Лингвистите ќе најдат едно чудо грешки, се разбира, но мене ми падна в очи зошто формулацијата нема ни подмет ни прирок? На пример, КОЈ стои зад она „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“? Ние – граѓаните на Скопје; власта – на локално ниво, на централно …; некое здружение (како она на онаа будала); некоја партија …? Што ќе рече – реченицата е недовршена. Зошто? Бидејќи дури тогаш ќе се побунеа граѓаните на Скопје, па и пошироко? Затоа што логично би било реченицата да гласи: Народот на Република Северна Македонија го подига овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Или, ако тоа им изгледало пресилно, можело да стои: Граѓаните на Скопје го подигаат овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Зошто е избегната една оде овие логични формулации? Затоа што би била јавно изречена лага? Се разбира. Но онаа половична неписмена реченица не кажува ама баш ништо! Или токму тоа била намерата – да не се каже ништо? Инаку, за мене, вистинската формулација треба да биде: Криминалната врхушка на ВМРО-ДПМНЕ го подига овој споменик „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“! Тоа и само тоа е единствената вистина и само така ќе можеше да биде прифатена од граѓаните на овој град.

И секоја од предложените формулации крие свои замки и опасности. За нив во следната прилика.

КОМУ МУ ТРЕБА ОВОЈ ГРАД?

Сериозно мислев дека запрепастувачките информации за најновата македонска државна контроверза ќе предизвикаат контраефект, некаков вид на протест, или барем „протест“, ако не повеќе тогаш барем еднакво бројни коментари, или дури побројни и позајадливи од оние упатувани во времето на инсталацијата на она монструозно „Скопје 2014“. Или барем од времето на „гушкањето“ на ГТЦ. Ништо од тоа, молк, штама … би рекол засрамувачка, безобразна, кичерска во душа. За мене неразбирлива, ама за другите не баш зашто ми велат дека најголемиот дел од „гушкачите“ и „протестантите“ се ухлебија, вработија жени и деца, па што такво ќе протестираат? Да го загубат и тоа што го добија со „тешка мака“, со едно или две гушкања, со рецитации или свирење гитара? Можеби имаат право – не овие сегашниве калкуланти молчаливци туку оние кои ми ја објаснуваат „ситуацијава“! Ок, прифатено! Но, тоа ми го дава правото да се сомневам и во нивните претходни реакции односно во интринсичната пресметаност на сите нивни потези во времето на режимот, но и пред тоа, во сите нивни „авангардности“? Немам причина да мислам поиинаку. Иако, еве, можам (дури и вака јавно) да ги преиспитам сопствените ставови. Ајдје нека биде, можеби јас грешам! Испадна дека „бранителите“ на сонцето од Вергина врз македонската канализација се единствените кои имаат нешто да кажат во државава!

А овој молк, согледан малку од поширок ракурс, вели дека овој град очигледно никому не му треба, па следствено е дефинитивно оставен да ја живее својата клиничка – или архитектонска, како сакате – смрт. Што пак, како факт, мислам дека не мора посебно да го објаснувам зашто (особено) секој вработен жител на „градов“ (наводниците се намерни, а намерно не инсистирам ни на терминот граѓанин!) секое утро, и попладне, лично ја доживува неговата смрт. Но, повторно, нема глас против, нели, или барем јас не сум слушнал, а не сум баш толку глув. Ја чекаме неговата дефинитивна смрт, општиот колапс на сите функции, па некој да реагира? Или нема ни тогаш да го гледаме тој филм? Токму затоа и прашањето од насловот: му треба ли некому овој град? Ако сите молчиме на неговата очигледна смрт, значи дека не ни треба, нели? Или имаме резервни градови? Знам, многумина ги имаат, и села дури, ама колкумина – ги немаат? Ако ова Скопје во 1963 година имало околу 250-300.000 жители – денес сигурно има барем двојно повеќе – колку од тие првобитни жители останале во градов и со текот на животот допринеле за зголемувањето на неговата популација? Исто толку, помалку, повеќе … ? Не знам дали некаде има такво истражување, веројатно не зашто ние не сме особени љубители на истражувања, за тоа треба умствен напор, но да претпоставиме дека останале барем исто толку, од кои што, ајде да речеме, се иселиле, во странство или во внатрешноста , барем една третина, тоа сепак ќе рече дека во овој и ваков град останале барем 200.000 жители родени тука?! Не знам, не сум сигурен во мојава математика, ама допуштам, еве, нека сме и дупло помалку, нека сме и 100.000 полнолетни жители на овој град родени тука во некое време помеѓу педесетите години на минатиот век и крајот на векот. Тоа сепак не е мала бројка. Стотина илјади (свесни) граѓани можат целосно да ја сменат современата историја на еден град, па нека тој град се вика и Скопје, со сите негови наталожени проблеми. А се наталожило многу, ама изгледа се наталожиле црнила и кај нас па, едноставно, не не’ интересира ништо подалеку од нашиот праг? Ако овој град не му треба никому односно ако е продаден / предаден на урбаната и сите други мафии, а меѓу другите од него сме кренале раце и ние, тогаш и ова што се случува е малку. Утре дефинитивно ќе не задушуваат секакви бараби, ќе градат секакви криминалци, ќе подигаат „споменици“ секакви политикантски профитери … во дупли дози. И ние ќе седиме со скрстени раце. Машала!

Бидејќи сето ова веќе и денес е реалност. Зашто ако на еден одвратен „споменик“ кој што нема три благе везе со уметност, (а споменик денес, по дефиниција, би требал да има барем некаква уметничка „назнака“), уште помалку има врска – а особено сака да има врска, просто плаче за тоа – со (македонската) историја, култура, идентитет итн., плус кој што е тотална дивоградба, што ќе рече незаконски и манипулативен испрдок на еден налудничав режим, е ако на таков „споменик“ му влепите смешна налепница која што вели „Во чест на Александар Велики (или едокојси друг, може Филип Втори, може Олимпија итн., м.з.), историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“, што кажувате со тоа? Кажувате многу, премногу, и лошо, лошо до зла бога, за Градот, за нас, за државата …! И повторно: знаеме ли кому ова му треба? Како што не разбравме ни кому навистина му требаше она од пред неколку години? Мислам на она „Скопје 2014“, се разбира, и сите негови пропратни „манифестации“. И за што навистина им требаше? (Освен за сега легализираната кражба од околу милијарда евра!). И зошто сега ние мораме да ја живееме нивната малоумна приказна? Или ни ние не сме многу поарни од нив?

Не знам, премногу прашања, а сите остануваат без одговор. Како и многу други работи во државава. Или, барем, без званичен одговор. Иако одговор имаше, во едно блиско минато, и беше громогласно ветуван: низ говори среде улици, преку мегафони, на митинзи кога се бараа гласови, кога пропаѓаше државата … ! И сето тоа така бргу се заборави? Целиов град заборави односно тие го заборавија градов? Не знам, не сум јас единствениот кој памети, сигурно, а и да подзаборавивме, последниве настани ни го освежија сеќавањето. А не’ потсетија и да се завртиме назад и да ги побараме ветувањата, сега веќе заборавени и дека сепак останале запишани во некои, нечии приоритети, на званичните сајтови. Еве што стои на сајтот на Владата на Северна Македонија: „Владата темелно ќе го преиспитува проектот „Скопје 2014“ и неговите политички, уставно-правни, меѓуетнички, културни, архитектонски, урбано-градителски, финансиски и естетски аспекти. За справување со последиците на „Скопје 2014“ Владата ќе ги повика да се вклучат сите надлежни институции од културата, науката и уметноста. Откако ќе завршат сите уставно-правни, судско-кривични и инспекциски работи со кои ќе се расчистат злоупотребите и криминалот сторен со и низ оваа гигантска дивоградба, ќе покренеме мерки за ревитализација на централното градско подрачје и Старата скопска чаршија. На тој начин ќе се спречат избрзани, произволни или популистички мотивирани решенија“!

Дали со налепницата „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно наследство“ се исцрпеа сите планирани мерки и се донесе токму тоа аргументирано и научно мотивирано решение?

УБИСТВЕН СИСТЕМ

Едноставно не можете да спорите со никого од власта, најмалку со г-ѓата Шекеринска, дека оваа држава „се промени“. Ако не беше така, веројатно немаше за тоа ни да разговараме. Ако не беше така, веројатно немаше ни да имаме шанса за тоа да разговараме. Ама – не е тоа поентата. Односно, упорното инсистирање, на многу рамништа, на тоа дека државата сепак се променила, сведочи дека токму тој факт не е баш толку очигледен како што некој мисли, дека некако стои на стаклени нозе тоест дека не баш сите, дури ни оние кои со симпатии гледаа(т) на оваа власт не се докрај убедени во реалноста на ваквите перцепции. Или, ако сакате, промената не е спорна, на генерално рамниште. Самиот факт што не ги гледате оние криминални муцки од бившиот режим е доволна промена. (Иако не е, се разбира). Но ако читате повеќе, особено меѓу редови, а особено ако ги отворите и двете очи, евидентно е дека е спорен степенот, длабочината, широчината, вертикалата и хоризонталата на тие промени! Не само за домашните критички настроени поединци, па и групи, особено оние од граѓанска односно неполитичка провениенција, туку и за онаа таканаречена меѓународна заедница!  И добро е да има критики, добро е дури луѓето зборуваат гласно. Лошо е кога ќе почнат да шепотат или целосно ќе престанат да говорат. Тогаш, значи, работите се излезени од контрола!

Се разбира дека секој има право на свој ракурс за степенот на промените. Па дури и да кажете, како на пример г-динот Билали, дека „Со години незамисливо молчевме кога пред наши очи незамисливо исчезнуваа тешки милијарди наши пари, а тогаш ич не не’ интересираше политиката, а сега од такт не’ вади тоа што во убав куфер се носат сомнителни пари од сомнителни лица“! Без намера да го корегирам г-динот Билали, но делови од оваа негова перцепција едноставно не се поклопуваат со мојата перцепција на тој период! Прво, не можеме „промените“ да ги гледаме низ призмата на „убавината на куферот“. За право, оние претходнине не можеа пљачките да си ги соберат во „убави куфери“ – им беа потребни редици шлепери! И второ, тоа беше така токму заради фактот кој што сосема исправно го констатира г-динот Билали, а тоа е фрапантното молчење „кога пред наши очи незамисливо исчезнуваа тешки милијарди наши пари“. Но, сепак, мораме и тука да се диференцираме: не молчеа сите. И не сакам да спомнувам други имиња кои не молчеа за да не изигрувам нивен адвокат, но ќе бидам нескромен и ќе се посочам себеси. Јас не молчев, и тоа од самиот старт, од средината на онаа 2007 година.

Меѓутоа, кога говориме за промените тоест за степенот на реформите во државава односно за неисполнетите ветувања / очекувања – зашто, како сакате именувајте ги нештата но тие сепак се сведуваат на тоа – има неколку битни аспекти кои што во нашето незадоволство често ги превидуваме. На пример, оваа Влада е една од најкомплицираните македонски влади од осамостојувањето до денес. Не само заради начинот на кој што дојде на власт – што, патем, пречесто го забораваат токму владините и партиските функционери! – туку и заради целата политичка констелација на односите внатре во Владата. Имено, сите досегашни македонски влади беа (условно) двокомпонентни и функционираа (политички и секако друго, повеќе она „друго“ отколку политички) релативно добро токму на таа основа. Секогаш е полесно да помирите потенцијални разлики помеѓу двајца партнери отколку помеѓу четворица, на пример. А оваа Влада е токму таква: мултикомпонентна, со (дури) непомирливи разлики помеѓу внатрешните компоненти / партиципиенти! И тоа не само во етно-политички контекст (да не заборавиме дека за СДСМ, до пред две години, и ДУИ беше еднаков партнер во сите криминали на бившиот режим), туку и во „идеолошки“ (огромните разлики помеѓу албанските партии што партиципираат во Владата). Овој кредит мора да и’ се даде на оваа Влада, иако таа некогаш залудно го троши. Мора да се имаат предвид сите (објективно контрапродуктивни) разлики кои што просто ја растргнуваат Владата на неколку страни и неопходното мајсторство сето тоа да се балансира, да се менаџира, да се организира во едно функционално тело. Тоа е речиси невозможно, а сепак, очигледно, (делумно) остварливо. Со сите грешки и промашувања, со сите глупости и пропусти … но и со неизбежни попустливости, несвојствени за некое понормално време. Веројатно заради тоа, многу често, таа Влада, или дури самиот кабинет на Премиерот, се јавуваат во функција на супституција на државните институции, агенции, министерства. Тоа е данокот што се плаќа за така компонираната Влада. Дали тоа нам ни се допаѓа или не, е друга работа. Дали таа и таква Влада, во вакви услови, може да функционира подобро односно поинаку – тоа е веќе хипотетичко прашање. Се разбира, ова не може и не смее да ги покрие сите глупости што се случуваа(т) или некаква инволвираност на Владата во актуелни или минати криминали зашто за тоа нема никакво оправдување.

Она за што исто така тешко можат да се најдат рационални оправдувања е и отстапувањето од некои, или од повеќето главни стратешки правци зацртани во самата програма на Владата, а кои што треба(ло) да бидат појдовната точка на обединување на сите (иако дури дијаметрално разични) политички партиципиенти. А тоа, очигледно, го нема инаку состојбите во државава не ќе беа такви какви што се. Дури, ако сакате, огромни и крајно неразбирливи отстапувања – на државно и на локално ниво – има токму во ресорите каде што доминираат функционери на најголемата политичка партија во оваа коалициска Влада. И тоа е најчудното, најнеобјаснивото! А тоа никој дури и не се обидува да го објасни на граѓаните, што е апсолутно недопустливо. Зашто, ако Министерството за култура, на пример, „функционира“ така како што функционира – што ќе рече како пред педесетина години – тоа не би требало да биде пример и за другите министерства, особено не оние (рако)водени од кадри на СДСМ, нели? Или ако за едни државни институции важат програмите и политиките на оваа Влада, како може истите да не важат за други? Само заради фактот што таму заседнале неуки пулени на коалициските партнери? Тоа, за жал, се претвора во убиствен систем каде стратегиите и ветуваните / очекуваните промени важат само на хартија или зависат од волјата на поединци (зависно од нивната политичка / партиска провениенција). А во такви држави има се’ друго освен – прогрес!