Monthly Archives: April 2022

ЗЛОТО СО МНОГУ ЛИЦА

Речиси е неверојатно зошто, и како, македонските премиери, вклучувајќи го тука и актуелниот Ковачевски, паѓаат во истата стапица на потенцијална замена на тези со којашто сакаат да го оправдаат неоправдливото. Па и невозможното. Фактот дека „културниот“ клуб во Битола крстен со името на еден ноторен фашист и македономрзец, не може да се оправда со фактот дека во т.н. „Бела палата“ на вемерото имало слики со не-знам-каква содржина. Едното со другото немаат три благе везе. Како што нема врска ни фактот што токму вемерото на груевски – малите букви на неговото презиме соодветствуват на неговиот морал и значење за нас – го подигна споменикот на Тодор Александров, инаку другарче на Михајлов, но и негова жртва. И овој премиер, како и претходниот, имаа шанса (и) тој споменик да го отстранат. Тоа не го направија, што значи дека и нив им импонира таа злосторничка фигура од македонската историја јавно да стои среде Скопје? Или тоа го прават од некои други, непознати, но секако политикантски причини? Следствено, одговорот на актулениот премиер Ковачевски на прашањето на пратеничката Мизрахи е замена на тези или – ветар во магла. Што, повторно, не мора да биде „грев“ на премиерот туку на оние таканаречени негови советници кои буквално не умеат да соберат ни два со два, а камоли да ги предвидат најубоитите пратеничка прашања и да му подготоват соодветни одговори. Но, конечно, истиот проблем го имаше и претходниот премиер, кој се осмелуваше да говори „во живо“ за сѐ и сешто, а најчесто за работи кои најмалку ги разбира. И никој не смееше да го чукне по рамо и да му каже дека мора малку да го става прстот и на челото а не само дланката на срцето.

Впрочем, безмалу идентичен е и случајот со промената на Уставот и внесувањето на некои Буигари во него, за да на источниот сосед му направиме ќеф. Ако сегашниве политикантски гарнитури не знаат, нивните советници би требало да им дошепнат дека спомнатите во преамбулата Албанци, Турци, Власи, Срби и Роми се таму не само заради нивната бројност во Македонија туку како одраз на заедничката борба за слобода и независност во Илинденското востание и НОВ. Ако навистина имало Бугари кои со сите други во Македонија се бореле против германската и бугарската окупација 1941-1944 година – па нека се и петмина, ако не повеќе – тогаш тоа дефинитивно треба да се направи. Заради чесност, почитување и поклонување, но не заради нечиј ќеф! Без оглед што сегашниот, и идниот, политички контекст е таков каков што е и што внесувањето на Бугарите во Уставот може да биде меч со две острици.

Едновремено, бидејќи повторно се навраќам на фашистичкиот односно злосторничкиот миг што ни криви ни должни го живееме, мора да се потенцира дека некој, па макар и градоначалничката Арсовска лично, или дури Мицковски како претставник на партијата што ја поддржа на изборите, сепак ќе мора „дебело“ да ја образложи повторно за`ртената идеја за враќање на споменикот на првиот познат македонски масовен убиец Андон Лазов – Ќосето пред комплексот на судовите во Скопје. Дури нека е и само како идеја за референдум, тоа недвојбено би бил референдум за враќање на злото во животот на скопјани. Кому тоа му треба? Или, подобро речено, зошто тоа ѝ треба на жената што ни се претставуваше како најспособна и најкапацитетна во Европа, со некаква биографија и искуство? Да се дружи со – Ќосето? И не мисли ли дека некој малициозен ќе се сети јавно да праша: проработува ли повторно (во времето на изборите често спомнуваната) бугарска врска? И уште ни порачува да не се грижиме, „пронајден е споменикот, во добра состојба е“! А ако не беше „во добра состојба“, че направевте – нов? И впрочем кој тоа, и кога, се загрижи баш за тој споменик во изминативе пет години? И каде, и кога, ја искажа(л) таа „загриженост“ а ние не сме ја слушнале па да му одговориме? Или таквиот тип „грижи“ се искажуваат на некакви специјални таинствени форуми, во некои балкански крчми?

Од друга страна, ако партијата на г-дин Мицковски така здушно – како и мнозинството граѓани – го осудува именувањето на „клубот“ во Битола, какво лице покажува сега со враќањето на споменикот на масовниот убиец во Скопје? Да, политиката, поточно политикантството, има многу лица, но тоа може да се каже и за злото, нели? Елем, кое лице е вистинското: првото или второто? Или некое трето?

Но, повторно, злото очигледно се враќа на голема врата на Балканите, па и во Македонија. Сите зла со ред, но и она зло што мислевме нѐ напуштило, во гепек, кон Север. За жал, не изгледа така. Не само заради фактот што ние и денес се соочуваме дури и со фашистичкото зло, туку злото има многу лица – некои од нив дури и лажливо милни и „допадливи“ – а често злото умее да се преоблече и во (квази)демократска одора. Дали тоа нам ни се случува, денес, и долги години наназад? Веројатно, зашто, не само ние локално туку и со меѓународни потврди, оној период од единаесет години (2006-2017) беше отворено оквалификуван како партиско зло заседнато во самите врвови на државата. Па тогаш, одново, беа реанимирани веќе одамна историски мумифицираните „борци за слобода“ од типот на Александров, Михајлов, Ќосето… и компанија, па дури беа почестени и со споменици во почит на нивните злодела! Но, мислевме дека тоа време било само еден заскитан инцидент наметнат од неуки и во времето и историјата загубени луѓе. Мислевме дека тој инцидент бргу ќе биде решен на единствениот можен начин: со отворена и директна демократска и државна акција! Нормално – се излажавме, се покажа дека „прогресивните“ сили имале поитна и поважна работа. Ја гледаме и денес, трае. Заседнаа и тие во сѐ уште топлите и удобни фотелји на претходното зло, една партиска врхушка само ја замени другата, дури им се допадна и сиот оној кич околу нив. А заборавија и дека фрлаа со боја по него ветувајќи почеток на новото доба!? Повампирувањето на сите зла – националистичкото, популистичкото, фашистичкото, коруптивното и криминалното…, сите дотерани „ала (демократска) франка“ – како да ги потврдува зборовите на познатиот сплитски писател, колумнист и сценарист Анте Томиќ кој вели: „Ние, антифашистите, ние сме вид кој изумира, имамо многу години, полека не снемува, и тогаш нашите антифашистички книги не се продаваат во големи тиражи, бидејќи немаат доволно публика. Ама, треба да се печатат, и тоа со големи букви“! Но, (и) кај нас има поважни книги за печатење, поважни филмови за снимање – но и за забранување! – поважни циркусијади за поддржување… бидејќи (и) новиве „прогресивни демократи“ имаат свои „писатели“, свои „режисери“ и „критичари“, свои „директори“… сите слични како јајце на јајце. Или сматок на сматок, како сакате.

ПЕЧАТ НА ЗЛОТО

Француската филозофка и активистка Симон Веил во далечната 1933 година напишала: „Никогаш на злото не реагирајте со зголемување“! Наспроти тековите на човечката историја, наспроти сите ќорсокаци на цивилизацијата, тоа останува едно од суштинските, па и судбинските, одлики на Човекот. Ако е човек, се разбира. Затоа што злото е нечовечност измислено од нелуѓе и неговото славење нѐ прави и нас зли, нелуѓе. Ако денес, во третата деценија на 21-от век, по толку векови судири, колежи и разурнувања, по две крвави светски војни и многу, неброено многу еднакво жестоки локални конфликти човекот не умее/не знае да ја најде границата помеѓу злото и доброто, тогаш животите на многу генерации – меѓу нив и македонски – поминале залудно. Залудна ни била, впрочем, и онаа антифашистичка борба и Народноослободителна војна и револуција, залудни ни биле сите досегашни 77 години македонска државност. 

Славењето на еден злосторник, нечовек од форматот на Ванчо Михајлов во Битола беше пораз на македонскиот морал, интегритет, антифашизам, европеизам… Велат, тоа славење ни било подметнато, како на мали деца во градинка кога здравата храна им ја „подметнуваат“ сосила. На тоа ли рамниште се сведовме – на деца од градинка кои ги лаже кој како стигне? Но, очигледно не научивме ништо од Битола бидејќи сега градоначалничката на Скопје нѐ „просветлува“ дека таа со месеци – што ќе рече откако седнала во градоначалничката фотелја – го барала споменикот на Ќосето. И го пронашла, па сега ќе ги прашува граѓаните на Скопје дали да го врати на истото место од каде што нејзиниот претходник го отстрани! Ама ни тој не го отстранил како што треба со такви крвници, туку – го сокрил. Зошто, за што, за кого? Да не затреба? Е па ете, затребува! И неговото враќање ќе биде завршен печат на злото во Македонија. И да, во Скопје, за разлика од Битола, ќе има малку турканици, пцости и викање бидејќи власта ќе ги ангажира вувузелите и тук-таму некој лепач на плакати контра опозициската градоначалничка. Во Битоа не можеа бидејќи ќе мораа да се пцујат себеси! Но, повторно, сето ќе се сведе на исто.

И пак прашањето: го заслуживме ли (и) ова? Се разбира, прашањето е реторичко бидејќи веќе нема сомнеж. Веќе нема сомнеж дека не се во прашање само изминативе залудно потрошени пет години што требаа да се искористат за целосно реформирање и рестартирање на демократското општество. Очигледно е дека веќе не станува збор ни само за неспособните, неморалните, неуките, некултурните, криминалните… кадровски решенија (и) на оваа власт. Сега е веќе јасно дека ние говориме за загубени (не само) три децении независност и самостојност, златни години во кои еднакво „мали“ држави како Македонија грабеа со чекори од десет милји. Ние – само грабавме! Сега е веќе јасно дека не можеме да говориме само за некаква криза во континуитет, за предимензионирани рефлексии на сите светски кризи баш кај нас, за недостаток на капацитетност… Уште помалку можеме/смееме да говориме за некаква „генетска грешка“ со којашто само му даваме алиби на македонското зло. Мислам дека е јасно дека тоталната македонска катастрофа предизвикана од погрешните политики во сите сфери на општеството е резултат на неморалот, кримогеноста и коруптивноста на самонаречените политички елити, сите до една од 1991 година наваму, повеќе или помалку. Секоја политичка гарнитура остави свој печат во злото викан приватизација, рамковизација, антиквизација, преспанизација… а сега и бугаризација. И, очигледно е веќе, ништо не би се променило на подобро дури ни утре да станеме членка на ЕУ, како што не се промени ни со влегувањето во НАТО. Ние три децении живееме во длабока криза – егзистенцијална, идентитетска, морална, културна, образовна… you name it!

Да го парафразирам Хусерл за кризата на европската егзистенција: ако ние не сме свесни дека сме во длабока криза којашто ја влече државата во адските темници и дека нејзиното разрешување може да има само два излези – пропаст на државата или преродба врз темелите на чесноста, стручноста и разумот, тогаш нашата иднина е навистина неизвесна. Ако Хусерл, во неговото предавање во Виена 1935 година, констатирал дека Европа е болна, што ли би рекол денес? А што ли би рекол за Македонија?! Но, што треба да кажеме и сите ние за нашиве состојби, ние кои пред само пет-шест години така здушно застанавме зад некои пароли на коишто денес ни трагата не можеме да им ја видиме? Ако на Европа во времето на Хусерл ѝ се заканувал замор – „болест“ евидентно присутна и денес – тоа кај нас не може да биде проблем. Ние не сме заморени, немаме од што да бидеме, освен од неработа. Кај нас проблемите се уште подлабоки, посложени, покомплицирани. Со децении државата ја водат повторувачи со купени дипломи, уличари, малограѓани, неморални и коруптивни типови… случајни луѓе кои некој ни ги сместува на клучните места во државата. Но, и тоа е данокот на кукларското политикантство, еднакво како и на немањето самопочит, комплексот на малост, на безначајност и подаништво. Тој данок го плаќаме сите ние заради еден грст неспособни шутраци!    

ДО КАДЕ МОЖЕМЕ ДА ОДИМЕ СО ГЛУПОСТА?

Елем, во контекстот на изјавата на министерот за надворешни работи за нашата „незначајност“, дали сега ни се појаснуваат и постапките на ЕУ, па оние на јужниот сосед цели дваесет години, па овие денес од страна на источниот сосед? Зарем ние навистина мислиме дека сите околу нас се слепи, глуви и глупи и не го гледаат нашето незначајно самочувство – она така перфидно диктирано самопонижувачко чувство од страна на власта, не само оваа, се разбира, но оваа особено, што треба да ни се всади во секоја пора? Зарем некој во власта навистина се сомнева дека сите досегашни, а особено последниве пораки од нашиот (нов) „брат“ Петков дека тие треба само да ги постават нивните услови – на пример, за Уставот пред првото поглавје – а ние потоа да се вратиме во чекална за наредните десет години, не се темелени токму на нејзиното чувство на помала вредност, на незначајност, на безидејност и малост? Уште колку докази им требаат? И зошто дури и вакви бледи – да не употребам посилен збор – политиканти како Петков, Радев, Борисов… па претходно едно чудо грчки, европски и белосветски шалабајзери на постојана работа во политиката, умеат да нѐ пренесат жедни преку вода? Иако, извинете, ако подобро ги погледнете нивните биографии, ќе видите дека тие не се/не биле баш случајно на клучните места во нивните држави. За разлика од нашиве, се разбира, кои не само што не се политичари – земајќи ја таа „професија“ како најдолната за еден нормален човек – туку не се ниту личности со неопходните познавања од политиката, меѓународните односи, културата, историјата, науката… Па не можат баш, извинете, меѓународни пиони и полтрони да водат сериозна политика, нели? Зашто, нивниот генерален профил е проблематичен, тие немаат ни интелектуално а камоли политичко сидро што може да ја закотви државата на вистинскиот пат!     

Па затоа, кога го гледате директното – очи в очи – предизборно соочување на Макрон и Ле Пен, навистина добивате сврбеж на минорност, ама не заради маленкоста на граѓанинот туку заради ништожноста на домашната власт, која и да ѐ и каква и да била во изминативе три децении. И кога го враќате филмот за „соочувањата“ на македонските претседателски кандидати, нели барем малку се срамите, си велите па зарем навистина не заслуживме нешто подобро? Па кога ќе се присетите на претходното инаугуративно обраќање на нацијата на истиот тој Макрон пред Лувр – гордоста на Франција – а нашиве тутурутки од пред нивните „штабови“ или од Плоштад небаре сме последната банана држава во светот, што ќе си помислите!? Дали во онаа цитирана изјава на Османи не е отсликана целата суштина на политичарите во оваа држава не само во спорот со Бугарија туку во вкупното нејзино опстојување во меѓународните релации? Или ние навистина веруваме во онаа „професорска“ средновековна „поука“ дека „задачата на политиката на една мала земја во меѓународното општество на држави е да опстане“ односно дека „тоа е мерката за успех во светската политика“? Дури, би рекол, нека биде така, но не треба ли за тоа „опстојување“ да реши некој друг а не полуписмениве политиканти и нивните неписмени советници?

И дали во неможноста да изнајдат друг наратив, нова формула и културна стојност, прибегнуваат кон симулакрумот – кај нас сега викан нова (не)нормалност – како (нај)моќно државно оружје? Особено кога во четите за трансформацијата на реалноста се впрегнати и таканаречени невладини организации, па медиуми и портали, па платени политиканти и историканти… сите желни да се докажат (и) пред оваа власт. Следствено, тезите што се пласираат се ројат од замаглувањето на профашистичката променада во Битола, преку подметнувањето на некои „трети играчи“ кои всушност ни ја сместиле истата, па до некакви пошироки релативизации на односите и со другите соседи кои еднакво не мразат ама ние тоа го криеме односно не сакаме јавно да го кажеме, итн. И сето тоа многу заличува на некаква квази(социјал)демократска „парада на глупоста“ низ којашто се шепурат коекакви ново(не)нормални ликови впрегнати во една единствена цел – да нѐ држат понастрана од главните теми (и дилеми, се разбира), да прикажат некаква (квази)демократичност во дијалогот и однесувањето и слични будалаштини. Што, фактички, во дадената ситуација, е невозможна мисија. И тие тоа го знаат, ама… Особено пак е интересен обидот да се протури тезата дека македонската власт всушност не е од тука, дека таа не се изрезирила пред сопствениот народ туку целиот скандал оди на контото на бугарската страна коајшто, де факто, била гостин во Македонија. Па испаѓа дека тие инкогнито биле на некаква приватна забава по повод прослава на роденден на Ванчо Михајлов, а не на отворање на „културен центар“ што – велат вечно! – ќе го носи неговото име! И што ли воопшто тоа нам ни пречи, по ѓаволите, та нели сме демократи? И редицата тука започнува, понатаму се нижат нови и нови „тези“, секој од „аналитичарите“ со свое (или добиено) „толкување“ за настанот каде најбитното е: па ние не можеме да забраниме некому да си држи приватни прослави, дури тие „некои“ да се и половината од државниот политички врв на соседот кој не смета дека е некултурно и неморално да иницира, организира и присуствува на такви профашистички журки во соседни земји, па дека ние не сме можеле/смееле (?) да забрануваме такви журки итн. На тоа, понатаму, ќе се надоврзе друга „експертска“ теза дека всушност овде „се зезнати“ двете засегнати страни – Македонија и Бугарија – ама од некој трет играч. Што сака да каже дека ние – Македонија и Бугарија – имаме малоумни влади кои немаат поим што и како им се случува, не умеат да проценат што е добро а што зло, не знаат да увидат дека некој нешто им подметнува…? Или можеби, во следната фаза, повторно некој ќе ги вклучи оние „непознати административци“ кои се јавувале во Софија со разноразни предлози и упатства? До каде ли можеме да одиме со глупоста? Па понатаму, полека темата ќе се шири, доста само за Бугарија, ајде сега да ги видиме и другите соседи и нивното во основа лажно пријателство и ветувања, ајде малку да се свртиме и на Север…! И? Други „стручњаци“ пак ќе тргнат и подалеку, кон североисток и незаобиколната Русија, подметнувајќи им нив кукавичко јајце околу новото име на државата! А пак најголемите македонски „демократи“ и „борци“ за човекови права почнаа дури и да лицитираат колку луѓе загинале во бомбардирањето на Радио телевизија Србија во 1999 година, па дали баш сите биле новинари, па дека е виновен не тој што бомбардирал туку директорот кој не спровел соодветни мерки…! Мислам, извинете, зарем навистина власта и нејзините апаратчици имаат толку катастрофално лошо мислење за народот во оваа држава, особено за оној дел од популацијата којшто баш и не пее на иста октава со нив?

МОЛЧАЛИВИТЕ ПОДАНИЦИ

Еднаш веќе пишував за едно дело (Ангелот од север, 1998) на големиот мајстор на скулптурата Антони Гормли (Sir Antony Mark David Gormley, 1950) и неговата асоцијативност со некои локални состојби, а сега повторно ќе морам да се навратам на уште едно негово дело: Field, 1989-2003, глина. Намерно не се обидувам да го преведам насловот на делото бидејќи во англискиот јазик зборот field има повеќеслојни значења (поле, нива, басен, домен, делокруг, подрачје, терен… итн.), што и во потенцијалните асоцијации му дава поголема слобода. Кај мене, кога и да фрлам поглед на ова дело на Гормли, могу ми заличува на Македонија и нејзините граѓани како подрачје, поле (па и бојно поле!), пространство… во коешто се начичкани безгласни и бесчусвствителни човечиња – речиси идентични – како во некој современ логор, или камп, што е деновиве актуелна тема. Но овој „камп“ би бил современ, а не од времето на една друга Македонија, како што се обидува да импутира бугарскиот претседател Радев, и во него не се затворени б’лгари туку – Македонци. Не буквално, се разбира, никој овде (сѐ уште) не ни ја загрозува физичката слобода. За вербалната, па и менталната… е тоа е друга приказна! Да, звучи прилично застрашувачки, обеспокојувачки, иако, сигурен сум, не сум јас единствениот со вакви асоцијации за оваа држава. А сум имал прилика да разговарам и со многумина вон Македонија, но со релативно добри познавања на овдешните прилики и луѓе со објективни проценки, кои нѐ гледаат на многу сличен начин. Е па токму на таква Македонија – или поконкретно на нејзиното граѓанство – заличува посоченото дело на Гормли!

Иако, во самата суштина, тоа дело односно неговиот автор, наспроти асоцијациите што ги еманира, поаѓа од друга премиса: тоа е резултат на неговиот пат во Мексико и посетата на музејот на Диего Ривера во Анахуакали (Anahuacalli), каде уметникот ја видел збирката на т.н. претколумбиска (глинена) скулптура. Претпоставувам дека оние кои се малку поблиску запознаени со експресивниот карактер на уметноста на Маите, Толтеките и Ацтеките, знаат за што говорам. Експертите посочуваат дека токму материјалот – глината – го инспирирала Гормли за неговите инсталации под заеднички назив Field иако, морам да потенцирам, мислам дека токму нивната експресија, па дури потоа и самиот материјал, била доминантниот фактор. Но, можеби само јас така го гледам тоа односно токму (не)експресивноста на фигуринките кај Гормли и нивната застрашувачка збунетост, зачуденост, ококореност – како контрапункт на претколумбиската „жестока“ чувствителност – е тоа што мене ме асоцира на Македонија и нејзиното граѓанство. Карактеристично за овие „инсталации“ на Гормли под заедничкиот назив Field и изведени во многу светски центри (Лондон, Сиднеј, Њујорк, Мексико, Мерсисајд и др.) е фактот што во изработката на фигуринките учествуваат волонтери, на почетокот околу 150 пријатели и соседи на уметникот, потоа 1.000 (во Австралија) студенти по уметност итн. Јас тоа сакам да го видам не само како вообичаената желба на секој уметник во изработката на своето дело да вклучи поголем број учесници, туку и на делото да му даде мултиперсонален карактер. Што тоа би значело? Па, на пример, доколку Гормли ги изработувал баш сите фигуринки, тие недвојбено би се повторувале во изразот, повеќе или помалку. Со вклучувањето на „независни“ партиципиенти, „ликовите“ се (барем делумно) персонализирани зависно од „авторот“ кој учествувал во нивната изработка и „душата“ што тој/таа ја вдахнал во фигурата. Уметникот специфично ја објаснува својата постапка: „the earth of a continent and registering the touch of the people that live upon it, allowing it to become a witness of us, the living“!           

Убавината на уметноста е во нејзината асоцијативност, менливост на фокусот и податливоста за различни гледања и толкувања на едно уметничко дело. Во тоа таа и се разликува од сиот останат кич и аматерско-дилетантски обиди што многумина, вклучувајќи ја тука и државата, сакаат да ни ги поттурат како уметност. Следствено, од посоченото дело на Гормли многумина ќе бидат фасцинирани, обземени, со други асоцијации, но никако нема да ве остави рамнодушен. Рамнодушен онака како што денес, и со децении на ред, е македонскиот граѓанин во однос на реалноста што го опкружува, во однос на постапките на власта и политичките елити. Но, за жал, ние се претворивме во оние безгласни, нечувствителни, молчаливи суштества од имагинацијата на Антони Гормли – луѓе (за жал не можам да кажам граѓани) без свое јас.

Кому му треба ваков тип на молчаливи, деперсонализирани, збунети поданици кои со години нема да изустат еден критички или не дај боже пожесток збор, поданици на кои власта може да им подметнува секакви закони и прописи со коишто целосно ќе ја дисквалификува и она малку демократија што останала? Кому, дотолку повеќе, му треба она стадо молчаливи „експерти“ и „советници“ – а во суштина камуфлирани дилетанти – кои не се осмелуваат да  искажат мислење спротивно на власта? И конечно, кому баш толку му требаат оние толпи ала гормлиевски ботови, оние глутници повеќеглави кербери кои следат сѐ што се случува на нетот и во јавниот медиумски збор диктирајќи ја онаа веќе проѕирна негативна селекција во медиумскиот простор?

Генерално, демократските теоретичари тендираат отсуството на гласноста на граѓанинот да го припишат од апатија и незадоволство до помирливост и доминација на власта врз граѓанинот. Иако, можеби, забораваат дека незадоволниот граѓанин едновремено апстинира и од – гласање? Дали тоа ќе се случи и кај нас ако се има предвид овој гласен молк – со изолирани тук-таму обиди за некакви корекции – не можеме да знаеме. Но дефинитивно знаеме дека во оваа гормлиевска атмосфера има нешто погрешно. И лошо, и препознатливо од минатите времиња на коишто не сакаме да се сеќаваме, и антидемократско… А сепак, зарем никој не се прашува што значи овој македонски молк, дали тој е некаков супститут, и – за што? За стравот од реперкусии, да не бидат видени и „обележани“… што? Кај оние кои протестираат се’ е јасно. И видливо. Кај овие кои молчат, сѐ е замаглено, закукулено, замумулено. Ако ги прашате, имаат подготвен одговор: па имам семејство (а ние другите немаме), па ми зависи работата од нив (а нам не ни зависи) итн. Една збирштина молчаливци кои, еден ден, ако им наредат да одат на раце на работа, тоа спремно ќе го направат! И ќе пеат попат, ако треба. Како и за се’ друго, ние не ги знаеме причините за молкот на граѓаните-поданици. Она малку што го слушаме по оние смешни утрински програми или „улични анкети“ – сите по правило анонимни! – е само капка в море. Ни недостасува системско истражување, немаме концептуализација на опсегот на различните ставови и однесувањето – вклучувајќи го тука и молчењето – на граѓаните. Некои умни глави (S. Grey) велат дека клучот е во разликата помеѓу две мерки на демократското граѓанство: еманципацијата и комуникацијата. Издвојувањето на овие две мерки открива цел спектар на мотивации за молчаливиот граѓанин!

САМОЧУВСТВОТО НА НЕЗНАЧАЈНИТЕ

Македонскиот моќен тридецениски дресиран симулакрум, врз пеплиштето на профашистичката битолска провокација веднаш се обидува да изгради одбранбени тези: скандалот, наводно, највеќе говори за тој што тоа го приредил. Како да тоа се случило во некоја друга Недојдија а не во „Нашата земја“, како овде никој да не знаел што и како – и под кое име! – се подготвувало. Целата македонска дипломатија, сиот надлежен државен апарат, како да биле баш тогаш во посета на некоја друга планета барајќи решение за македонските проблеми. Коишто не се мали, секако, па можеби некој, барем од Млечниот пат, ќе ни даде добар совет.

Иако, де факто, добар совет за македонската ситуација – нема. Ни за надворешнополитичката ниту пак за внатрешната (економска, образовна, културна, меѓуетничка и сл.). Македонската реалност е една неверојатна конструкција на којашто, најблаго речено, може да ѝ конкурира само актуелниот пропаганден конфликт помеѓу Истокот и Западот во руско-украинската војна. А македонските власти, поткрепени од „ѕвездените“ медиумски пера настојчиво се обидуваат сѐ да релативизираат и да нѐ убедат дека тоа што го гледаме не постои односно дека ние си имаме проблемот со видот генерално, а со разбирањето апсолутно. И тоа во континуитет. Дали сега на ред е релативизацијата на последната бласфемична изјава на бугарскиот претседател Радев во насоката дека и него не сме го разбрале, дека тој мислел нешто сосема друго, дека „камповите“ не се однесуваат на нас туку на некој друг…? Уште колку време ќе ни треба па намерите на источниот сосед да станат малку појасни? Барем за власта, зашто изгледа само нив не им беше јасно кон што се движи братската приказна и со кого си имаат работа?! Но, мораме да признаеме дека и ние „незначајните“ – поим што ни го залепи токму оваа власт, а ќе го појаснам малку подолу – како да не верувавме дека димензиите на „спорот“ можат да се развлечат до фантастичните граници на некакви сајнсфикшн логори во Македонија во коишто биле затворани – б’лгари! Такви сенишни конструкции се изгледа можни само во военопилотски умови кои некако заседнале во претседателски фотелји.

Но, „спорот“ со источниот сосед, а особено последниве катастрофални случувања, ни појаснија можеби и една многу позначајна работа: нашето самочувство за малост, за безначајност, речиси за ништожност – како земја и народ – што на сите околу нас безмалу им го дава правото да нѐ навредуваат, провоцираат, влечат за уши… Зашто, кога токму министерот за надворешни работи нѐ „просветлува“ со неговата скандалозно песимистичка – да не речам дегутантно самопотценувачка – изјава дека „С. Македонија е во асиметрична позиција во однос на Бугарија – тие се членка на ЕУ, ние не сме, тие се позначајни, ние не сме толку“, какво самочувство генерира тоа во државата?! Како да ни се малку понижувачките провокации од источниот сосед, туку треба ситуацијата да ја филуваме и со вакви изјави? Но, интересно е како ваквите (непромислени?) констатации поминуваат така незабележано во земјава иако, де факто, изречени на тој начин, по тој повод и од толку висок функционер, ја презентираат вкупната слика – и прилика, секако – на државата и нејзините политики. А молкот на другите високи, па и највисоки, функционери како да оди во прилог на констатациите дека изреченото е легитимен државен став. Следствено, на пример, дали навистина целиот државен врв мисли дека во оценувањето на значајноста и незначајноста на државите (треба да) се раководиме од членството во одредени политички или воени сојузи, па следствено така и да ги структурираме нашите државни политики? И дека за судбината на една земја е поважна нејзината големина од нејзините политики? И дека значајноста на земјата зависи од нејзините квадратни километри и бројот на население? И дали тоа „население“, во таков (релативен) мал број, треба да има самочувство на незначајно, депримирано, депресирано, малтене малоумно стадо само заради фактот што неговите политички претставници така се чувствуваат?

Значајноста на една држава/народ во современите демократии се мери според други параметри, очигледно за нас односно за македонската власт непознати. Но тие параметри, и тие вредности – пред сѐ културни (во најшироката смисла на зборот) – треба да се осознаваат и градат токму од политичките елити во државите. За жал, кај нас состојбите се поинакви, да не речам обратни: кај нас токму потенцијалните политички елити се најнеобразуваниот, најнекултурниот и најнеморалниот дел од популацијата. И тоа од ден во ден станува сѐ поочигледно. Што пак оди рака под рака со криминалот и корупцијата, со нефункционалноста на системот и институциите, со незначајноста во регионални и пошироки рамки. И таа реалност не може да ја сокрие ниту еден симулакрум, колку и да е моќен.

МАКЕДОНСКИОТ „ЗОРО“

Не случајно минатиот пат посочив на повеќезначноста на овој историски миг којшто во многу нешта наликува на судбински крстопат за државата. Миг во којшто се решаваат, или ќе се (раз)решат многу дилеми. Но и ќе паднат многу маски. А во тој редослед, моралната ништожност на битолскиот водвиљ викан „културен центарт Иван Михајлов“ и улогата (не само) на власта во неговата креација и одгласи е недвојбено на самиот врв. Се разбира, многумина ќе кажат – а особено новоиспилените македонски политиканти и историканти – дека политиката и моралот не одат заедно. И тоа, веројатно, е така, но само кај нас. Како што впрочем кај нас не одат заедно ни политиката и одговорноста. Но светот секогаш мисли различно од нас, ама ние тоа никако да го разбереме.

Лордот Актон (John Emerich Edward Dalberg-Acton) – историчар, политичар и писател – познат и како „магистрат на историјата“ и еден од најучените англичани на деветнаесеттиот век, не случајно тврдел дека историчарите ја имаат и должноста и „силата да наметнат морален суд“. И дека нивната одговорност во тој поглед не е делива – тоа дефинитивно е нивна историска одговорност! Кој и каков е македонскиот морал денес, особено оној на политичарите и историчарите, но и на оние кои заради различни лукративни причини одлучиле да се занимаваат со политикантство и историкантство? Дали „фамозниот“ Иван (Ванчо) Михајлов е пресвртната точка во нивниот морал? Не е, се разбира, нивниот морал, и одговорност, одамна не постојат, сведени се на алваџиски тефтер во којшто се впишуваат само курентни политикантски зделки. Битолскиот водвиљ е само последната страница која што ги запечатува нивните биографии: одговорноста е на луѓето кои го дозволиле тоа, на луѓето кои го сториле тоа, но и на оние кои се обидуваат да го релативизираат чинот! Зашто, извинете, Иван (Ванчо) Михајлов не е контроверзна, уште помалку е „историска“ личност, а најмалку е некаков македонски Зоро во борбата за правата на Македонците. Тој е само една голема црна дамка во македонската историја, опскурен лик, терорист и убиец, деклариран фашист. А тие и таквите не се – историски личности. Тие се историски не-личности и сегашниве политиканти и историканти треба конечно да го научат вистинското значење на одделни зборови пред да одлучат да ги употребуваат. Уште помалку пак за тој лик воопшто и може да се говори за некаков негов живот и дело (sic!) во некакви нормални, човечки параметри, или за неговата „македонштина“ и слично, а најмалку пак за некаква „идеолошка страна“! Па од кога, ве молам, фашизмот, тероризмот, национализмот, масовните убиства… имале врска со некаква идеологија? И кој/кои тоа, и зошто, ни раскажува приказни за некаква негова загриженост за Македонија, за одбрана на народот од друг окупатор и слични, да простите, идиотштини? Или повторно кај нас прортува необјаснивата омраза кон еден друг сосед, па овој фашистов сега ќе го промовираме во локален Зоро и борец за македонските права во Бановината? Но, дури и сите овие будалаштини да можат да се „голтнат“ во современиот локал-патриотски но никако и во нормалниот историски ум, па кога веќе некои новоиспилени историканти се осмелуваат дури да го нарекуваат и Македонец, зошто никој не се прашува зошто тој мрачен и зол лик цели 46 години не стапна во Македонија од оној септември 1944 година кога бега од Скопје заедно со последните германски фашистички дипломати? И сакаат да ни кажат дека и Георги Димитров, Тито и македонските власти по 1945-та година не знаеле кој е и што е Ванчо Михајлов? И на крајот, но не како најмалку важно: ќе ни објасни ли конечно некој од власта, или од овие нови историканти, зарем не мислат дека целата оваа битолска провокација е уште еден, можеби последен, шамар за македонскиот антифашизам? И зарем Владата сериозно „стои зад слободните убедувања на сите граѓани“ и зарем и ваквите фашистички изливи денес се нарекуваат „убедувања“ и ќе бидат толерирани?

Па следствено, ова ли се тие нови европски вредности и зошто истите ги нема во други европски држави – членки на ЕУ? И ова ли е таа Европа на отворени граници која толку долго ја чекаме и дали тие и такви отворени граници значат и отворени истории во коишто секоја будала, по свое наоѓање, ќе си допишува страници и поглавја? Или таквиот „третман“ е резервиран само за идиоти како нас? Ако е ова новото македонско (не)нормално, ако е ова тој нов „македонски прогрес“, извинете но тогаш некој овде воопшто не го разбира значењето на тие поими. И тоа може да биде „ново“ и „прогресивно“ само за дилетанти, политиканти и историканти, но не и за некаква сериозна државна политика и историја. Ако, како што вели премиерот, дури и фашизмот и проминентните фашисти од калибарот на злосторникот Михајлов  почнуваме да ги „доживуваме на различен начин од различни групи граѓани“, тогаш нека го тргнат и оној споменик на ослободителите на Скопје пред Владата на РСМ и таму нека подигнат паметник на блгарскиот надобуден фашист Михајлов Според сѐ тоа е реалното место за него и вистинскиот нов почеток со новото (не)нормално за оваа „држава“! 

КРАЈОТ ЌЕ ДОЈДЕ БРГУ

Од ден во ден, сѐ повеќе и во секој поглед, напредуваме на скалата на белосветската глупост, обезбедувајќи си примат што историјата долго ќе (ни) го памети. Не онаа „заедничката“, за којашто владините папагали така упорно гракаат подметнувајќи (ни) го и фашистот Михајлов во неа, туку онаа идна, онаа што останува да ја (до)пишуваат некои поумни и покомпетентни од актуелниот професорски „кадар“ и коекакви исторически комисии. А во таа идна историја неизоставно ќе бидат нотирани сите манифестации на македонската глупост – централни и странични, целата наша понизност и неукост, сиот наш молк за најважните, судбинските прашања. Таа некоја идна историја ќе нѐ потсети и дека „културниот центар“ наречен со името на Хитлеровиот камарад – денес, среде Битола и Македонија – имаше многу свои почетоци/претходници во изминативе пет години, на коишто ние, повторно заради нашата ноторна глупост и бедно подаништво, молчевме „како залиени“. Само еден од тие примери беше оној споменик на некаков бугарски („важен“) офицер крај Дојран, свечено откриен во август 2019-та (повторно) со присуство на тогашниот бугарски и македонски премиер. И не се сетивме дека тоа е само вовед во приказната што следи? Не, нели. Е па ова во Битола е средината, кулминацијата на заплетот, без оглед на промптниот процес на релативизација на чинот од многу страни. А и крајот се подготвува, ќе дојде бргу. Но и тогаш, како впрочем и во прологот и во средишниот дел, нештата ќе поминат со неколку пцовки и колумни, со сведната глава… а подоцна и со громогласни аплаузи. Во Софија. Како оние во Атина! Зошто ли на глупоста секогаш најгласно се аплаудира? И зошто ние молчиме кога другите аплаудираат? Дали во тоа е содржана суштината на македонскиот парадокс викан ЕУ интеграција?

И повторно, по којзнае кој пат, морам да се навратам на Хана Арент и нејзината мисла којашто како да е срочена токму за нас, денес и овде: „Никогаш нашата иднина не била толку непредвидлива, никогаш не сме зависеле толку многу од политичките сили на кои не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес – сили што наликуваат на вистинско лудило“! Токму затоа и говорам за крајот што ќе дојде бргу и, судејќи според увертирите, нема да биде убав. Зашто, извинете но ние со ваквото однесување – и тука најмалку мислам на македонските актуелни политичари на кои „не може да им се довери да ги следат правилата на здравиот разум и личниот интерес“ – реално и не можеме да стасаме далеку. Нашиот (евроинтегративен) пат како да е послан со минско поле за коешто ние немаме соодветна мапа со решение. Или – не сакаме да ја имаме? Бидејќи, ако никој не го бара решението, ако сите молчат дури и на вакви навреди и провокации од страна на здружената македонско-бугарска политика, тогаш што?

Да, звучи пресилно кога така ќе ги поставите актуелните нешта, но да имаше некое разумно објаснување за овој историски водвиљ во Битола од страна на некој од највисоките државни функционери – премиер, претседател на држава, претседател на собрание – тоа ќе се случеше неколку дена пред настанот преку соопштение за откажување на истиот. И извинување што воопшто нешто толку срамно се планирало. Односно, актуелните пост фестум „прогласи“ и „згрозувања“ на дел од државниот врв е само допишување на уште еден комедијантски чин во водвиљот. Како да сето тоа се одигрува(ло) во некоја друга држава, како да тие не биле на листата на главни актери во водвиљот, како да ги немале сите потребни инструменти – меѓу другото и механизмот за спуштање на завесата – со што ќе ја прекинеа претставата? Или тоа ќе беше – антиевропски потег, несвојствен за ЕУ демократиите? Извинете, но кога некој од актуелнава сељачана ќе излезе да говори за европски вредности, на нормален човек му се крева утробата!   

Но, она што е интересно, а чинам и ја запрепастува власта во добра мера, е фактот што нејзините обиди за „извлекување“ од претставата во којашто самите влегоа наидува на осуда дури и од ним најверните папагали. Дури и тие ја препознаваат моралната ништожност на битолскиот водвиљ и улогата на власта во истиот без оглед на нејзините обиди да се претстави – по којзнае кој пат – дека таа всушност не е од овде! И тоа им создава големи грижи. Иако, кај нас секогаш има свежи релативизаторски сили подготвени веднаш да влетаат во играта: па што ви пречи тој В.М., па нели и тој е дел од историјата, па нели ова, па нели она… Такви секогаш сме имале, и ќе имаме. Впрочем, наближуваа и избори, таквите уште од сега си бараат место.

Но, дефинитивно, ние сме на крајниот крстопат на историјата во многу аспекти. И сите се важни, клучни, да не речам судбински. А централниот е: ќе веруваме во моќта на граѓанинот и неговото право да одлучува за својата судбина или ќе се препуштиме на немоќта, „судбината“ и калкулациите на македонскиот политикант од денешен сој? Но и тој епилог ќе го видиме, бргу!       

ВАНЧО МИХАЈЛОВ КАКО НОВОТО (НЕ)НОРМАЛНО

Македонскиот политикантски симулакрум најдрско и веќе најбезобразно ни диктира секојдневие во коешто нормалниот човек тешко се снаоѓа. Сѐ во него е така испревртено, поставено на глава и без минимум логика, што луѓето отворено се откажуваат од секаков обид за разумно восприемање на нештата што околу нив се напластуваат со брзината на Вучковиот воз на релацијата Белград-Нови сад. Дури не можете ни да ги рангирате по глупост, од онаа „историска“ забрана на спомнувањето на руската култура во Македонија, до денешното отворање на некаков „културен центар“ или „читалнаа“ во Битола викана, ни помалку ни повеќе, туку – Ванчо Михајлов. Не баре овој бил некаков литерат и културен работник, или научник, а не тоа што бил. Битола не најде посоодветно име за „центарот“, туку баш тоа? И повторно, македонското политикантство, за да ни прикаже дека ете и тоа е ново нормално, дека и тоа се вика „добрососедски односи“, дури планира и премиерот да го испрчи на тој „свечен“ чин! Иако, де факто, тој чин баш и не е многу нов, само е новоненормален, како веќе и сѐ друго кај нас.

Зошто го велам ова? Затоа што во не така далечната 2008 година, на 1 март, во дворот на извесен велешанец, „свечено“ беше поставена биста на уште еден „голем“ и „важен“ човек во војничка униформа, викан Тодор Александров. По отворениот револт на велешани и оштетувањето (од непознати сторители) на оваа биста, градоначалникот на градот (Аце Коцевски) ги обезбедил сите потребни документи и дозволи за интервенција на приватен имот, и најавил отстранување на нелегалната биста, ако е потребно и со асистенција на полицијата. За да не дојде до тоа, бистата ја отстранил истиот кој и ја поставил! Нормалниот македонски граѓанин веројатно ќе праша: зошто во 2008 година поставувањето на такво спомен обележје во оваа земја било нелегално, но само по неколку години, на истиот униформиран лик, Македонија (во 2012) му подигна огромен споменик – во Кисела вода – што стои и денес? Во двата наврати тогашната опозиција, а сега власт, жестоко критикуваше дека се величаат контроверзни личности од македонската историја, убијци на великани од македонското револуционерно минато (Ѓорче Петров) итн. А кога истата таа опозиција во 2017-та година дојде на власт, не само што не мрдна со прст да ги отстрани сите такви спорни споменици, туку сега со највисоки државни почести ќе се поклони пред „читална“ со името на – Ванчо Михајлов!?

Апропо, истиот велешанец кој во 2008 година ја постави па си ја прибра бистата на Тодор Александров, во 2010-та си постави и биста на Иван „Ванчо“ Михајлов, овој истиот на кој во Битола му посветуваат културен центар. Поучен од приказната со Тодор Александров, велешанецот веднаш по откривањето ја преместил бистата на терасата од својата куќа. Но, сега, како што се менуваат нештата во македонската „политика“, слободно може да ги извади двете бисти и да ги врати во својот двор. Зошто да не? И која е разликата помеѓу биста на еден човек и културен центар со неговото име среде град? Или актуелнава македонска власт не може да ја види идентичноста на случките? Дури и тоа не би ме чудело гледајќи ја нивната капацитетност не само во политиката туку и во историјата, културата, меѓународните односи итн. Но, новото ненормално, особено она во културата, тендира да ја поткопа – ако не и уништи – комплетната македонска досегашна култура. А кога велам култура не мислам само на културата во најтесната смисла на поимот, онаа којашто власта, секоја власт кај нас, настојува така политикантски да ја парцелиса, туку во нејзиното сеопфатно значење. И тука почнуваат, и за жал завршуваат, сите недоразбирања (не само) во македонската политика.  

Македонскиот политичар, имено, се смета себеси надреден над граѓанинот, системот, државата… културата. Тој, дебело поткрепен во таа илузија од страна на неговата – еднакво полуписмена – партија и првите соработници, се гледа себеси како решение за сите локални проблеми. Никој, никогаш (сопартијците, платените „советници“ и „аналитичари“, контролните механизми на власта…) не му кажува дека тој е всушност причината за проблемите, а не очекуваното решение. Дека неговото недостојно ниско ниво на домашно воспитување, ученост, демократска капацитетност и (не)култура се основната причина, веќе цели три децении, за ваквото назадување на македонската држава. Тој и таков македонски политичар не може да разбере дека неговата некултура – разбрана во нејзиниот најширок опфат – е директната сопирачка на толку посакуваниот а никогаш не реализиран прогрес. Тој, и не само тој, одамна е заглавен во реалната стапица дека политиката е сѐ што на светот му е потребно денес, незнаејќи дека политиката е всушност „артефакт на културата. Таа е рефлексија: културата ја потпишува политиката“ (Hunter)!

Провинцијализмот, простотилакот, незнаењето… некултурата на македонскиот политичар веќе потпиша цели три катастрофални децении во историјата на оваа држава. А продолжува и денес бидејќи никој не се осмелува на политичарот да му каже дека е глуп, необразован, некултурен, анти-историчен, авторитарен и криминален. Сето тоа, и многу повеќе, ќе се истури денес во Битола, со отворањето на „читалната“ наречена со името на едниот од најверните пријатели на Адолф Хитлер. Впрочем, таа, „читална“, можеше да се вика и цар Борис III, зошто не? И ние повторно ќе ја отворевме, со државни или полудржавни свечености, во присуство на актуелниот бугарски премиер… И повторно, во некоја нова прилика, еден „шарен“ кловн со бело околу носот ќе му се пуштеше некому и ќе му кажеше дека тие како општество ни дозволиле да стигнеме до овде. Каде „до овде“, до „читалната“ Ванчо Михајлов во Битола? И до сето друго околу нас?

НОВОКОМПОНИРАНИ БРАНИТЕЛИ

Ние никогаш немаме веродостојни информации за случувањата во светот, особено не денес за и околу случувањата во руско-украинската војна. Симулакрумот во којшто живееме не ни дозволува дури ни увид во лепезата сериозни и аргументирани контраставови што доаѓаат токму од проминентни политичари, научници, интелектуалци од западна провениенција, инаку дијаметрално спротивни на актуелните военохушкачки случувања. Осудени сме на дозирани (дез)информации и самопрогласени експерти кои во континуитет тртљаат за нешта што не ги разбираат. Затоа во нашите обиди да најдеме некаква логика во актуелните настани, сме принудени да генерализираме, да теоретизираме и, секако, да морализираме, раководени од некои општи, цивилизациски вредности и начела и, секако, историски искуства.

Две од нив се многу битни. Едното, она што во Европскиот парламент го изрече ирската пратеничка Clare Daly: дали барањата за повеќе оружје, повеќе санкции, поголеми уништувања… се вистинскиот пат кон мирот? И второто, она на директорката на ПЕН Америка Suzanne Nossel, која вели: Бојкотот на руската култура не ѝ помага на Украина! Ако сѐ друго, или барем повеќето од „вестите“ од воениот и културниот фронт, некој сака да подведе под сомнеж, под некаква „проверка на факти“ и вистини, тоа е веќе негов проблем. Иако, такви се изнагледавме во оваа Македонија последниве пет-шеесет години… Ако онаа брилијантно остра констатација на ирската пратеничка ја оставиме на воените и политичките експерти (иако де факто немаме што многу да забележиме), за втората можеме барем да се обидеме. Ако сакаме, се разбира, или можеме и понатаму да глумиме интелектуалци и луѓе од културата, но ќе поддржуваме одмазнички реперкусии – лични и колективни – кон една цела повеќевековна култура. А можеби некој од овие новокомпонирани „бранители“ на украинската култура ќе ни даде некој рецепт за побрзо инстант справување со Русија? Или ќе ја поплука како пропутин и Suzanne Nossel? Извинете, но таа жена зад себе има биографија и стаж коишто нашиве топтан не можат да ги скоцкаат уште два животи да имаат! И таа вели: „The insistence that all art is political, or politically uniform, is as false as the notion that art can be fully severed from politics. Artistic freedom implies the ability to defy dogma, break precedent and challenge authority. To ascribe Mr. Putin’s nihilist brutality to every Russian filmmaker, diva or author denies the essence of art, and of human agency itself. Freedom of thought is the chance to voice your own ideas. It is also a shield against having the opinions of others imputed to you against your will.“ Ставајќи ја културата повторно во одлучувачките раце на политиката, таквите македонски провинциски „интелектуалци“ само си го покажуваат скриеното авторитарно лице. Не се крие ли и во нив некој мал путин, спремен да скокне ако му се даде шанса? Зашто, како можете, и со кое право, да обвините цела една култура за воените акции, па и за злосторства, на една армада и нејзините водачи? И каква врска има едното со другото? Нашата аверзија не само кон руската култура е токму аверзија кон културата во целина, дури и кај луѓе што живееле или живеат од културата! И тоа е Македонија денес, каде не можете да слушнете глас против понижувањето на една култура, мала или голема, која и да ѐ и каква и да ѐ. Но затоа, токму во Русија, оперскиот пеач Вадим Челдиев е веќе двапати затворан заради протести против Путин; историчарот Јури Дмитриев одлежува 15 години затвор заради откривањето на Сталинистичките масовни гробници; Томас Сандерлинг, во знак на протест заради руската инвазија на Украина, се повлекол од раководење со филхармонискиот оркестар во Новосибирск, итн., итн.  

Кој во Македонија – денес, вчера, задвчера… последниве 20 години… – воопшто крена глас за сите отворени злосторства што се случуваа(т) во нашата култура? Следствено, како тоа, молам, ние бараме од руските уметници, музичари, писатели… да си го ризикуваат својот и животите на нивните семејства изјаснувајќи се за или против Путин, ама дома страшливо молчиме за нашите путинчиња (не само) во културата? Каков е тој ординарен безобразлук, таа простачка бесрамност и хипокризија? Колку путинолики креатури ни поминаа низ македонската култура последниве дваесетина години и никој од сегашниве хушкачи не пушти глас против? Знаат ли колку сериозни кариери и таленти се жртвувани во оваа земја заради дивеењето на македонските власти, кои и да се и какви и да се, во овие две-три децении? И колку културни буџети се разнесени, фрлени во ветар, спикани во коалциски џебови? И зошто никој до сега, освен Ордановски вчера, не го отвори прашањето на одговорноста на самата Влада и премиерот за онакво „про Путин“ расположение во Македонија, така перфидно вбризгувано во државава преку Телеком? Фирма во којашто Владата, нели, има „златна акција“? Како нашиве „либертаријанци“, „демократчиња“ и остала багра не ги поставува вистинските прашања? Ама не, нашиве крстоносци се загрижиле за украинската култура. Пази богати, само тие се загрижиле, ама ние останатите, да простите, си чепкаме во носот, нели? Марш, бре.

КАКО ПОНАТАМУ?

епак – да продолжам таму каде што застанав минатиот пат – неколку нешта за и околу оваа нова глобална културна војна мора да се појаснат. Прво – нејзиниот обем односно поимот „глобална“. западната мисла, и ние со неа, го прифативме ставот дека демократскиот Запад всушност го претставува целиот свет. Што не е точно, нели, особено во овој случај, и не само во однос на третманот на руската култура. Неспорно е дека огромно мнозинство, 141 земја од вкупно 193 членки на Обединетите нации, гласаа „за“ резолуцијата со која што се осудува руската агресија врз Украина. И така треба да биде, иако дури 40 земји (што е повеќе од 1/5 од вкупниот број) биле воздржани (35) или против (5). Но, тоа се само бројки, а реалноста е, велат, нешто друго. Сѐ погласни се и западните медиуми во проблематизирањето на санкциите контра Русија, иако без јасно образложение. Дури и еден The Times констатира дека „Worse still, imposing sanctions on Russia’s elite will do little if anything to bring order to what has fast-become chaotic.“[1] Или: „So far, we’ve seen timid sanctions,” – вели Peter Tchir, шеф на њујоршката финансиска фирма Academy Securities. “Sanctions only work when they force behavior change, but in Putin’s case they won’t”, вели тој. Но, без оглед на сѐ, ретко која земја, па ни Русија, не може на подолг рок да се справи со санкции од сегашниот обем.

Но, тоа се мерењата на силите во економскиот сектор. Меѓутоа, хипотетички, кога би се гласало за спроведување на онакви ригорозни мерки против руската култура – вклучувајќи тука „забрана“ на имиња од форматот на еден Достоевски, на пример, или менување на називи на уметнички дела денес, утре можеби на забрана на руски филмски класици и слично – прашање е како би поминало едно такво гласање? Не знаеме дали светот е подготовен на таква ступидна „војна“ контра руската култура, сега наметната од неколку земји. А не знаеме ни што добро би донел еден таков глобален (не)културен судир. Иако, можеби, токму во овој момент, некој прозападен Херострат прави списоци на руски уметнички дела што треба да се отстранат од музеите во западната хемисфера, книгите од библиотеките, филмовите од кинотеките да се стават во бункер… итн. А сепак, оваа војна е за и околу нешто друго, иако културата и уметноста по правило биле/се многу блиску до тоа „друго“!

За среќа, и овде има сериозни поединци кои отворено, и аргументирано, контрираат на ваквите некултурни манифестации. Една од нив, Suzanne Nossel (1969), директор на ПЕН Америка, адвокат за човекови права школувана на Харвард, автор на книгата Dare to Speak: Defending Free Speech for All, колумнист итн. Што ќе рече: човек кој знае што говори! Елем, потсетувајќи на ПЕН манифестот дека „Литературата не познава граници и мора да остане заедничка валута помеѓу луѓето наспроти политичките или меѓународните превирања“, таа вели дека „импулсот да се стигматизира и порекнува сѐ што е руско е разбирлива реакција на бесрамната агресија; тоа е гест на солидарност со нападнатата страна. Но целосен бојкот на музиката, театарот, уметноста, филмот и книгите – и нивните автори – ризикува изедначување со авторитарноста и дехуманизацијата против која се протестира“![2] И многу би сакал некој од македонскиот ПЕН или (особено) од Хелсиншкиот комитет да излезе јавно со некаков став по повод нашето приклучување кон бојкотот на руската култура. Некаков, нека е и спротивен односно спротивставен на ставот на Носел, нека е во дует со власта, онака како што тоа кај нас обично бидува. Но барем нека имаат – став! Дури и лош, ретрограден, анахрон.

А Сузан Носел продолжува понатаму, и вели: „Но, на културниот острахизам му недостасува тежината на финансиските санкции или воздухопловните рестрикции. Никој не верува дека отказот на рускиот сопран Ана Нетребко од Метрополитен операта, доцнењето на руската премиера на „Бетмен“ или задржувањето на американските книги од руските рафтови ќе го задржат г-дин Путин настрана од Киев. Помеѓу сликите на убиени деца бегалци, културниот бојкот е помалку акт на принуда отколку на совест.“   

И сега, повторно, доаѓаме до малите умови во „малите“ култури како македонската, кои шумахерски вешто се провираат помеѓу ваквите или слични примери на несогласување со навестувањата за глобална културна војна контра руската култура. Македонскиве загрижени либертаријанци се извонредна претстража на западниот хегемонизам, секогаш во страв дека каков и да ѐ критички збор ќе ги избрише од списокот на гости за прославата на 4 Јули, што за нивниот мал мозок е рамно на културна и политичка катастрофа. Затоа и ја држат македонската јавност – како впрочем и многупати досега – во убедување дека Западот делува унисоно, дека сите постапки се добро промислени и недискутабилни. Во нашата целосна информативна блокада – не само источна туку и западна! – нивните провинциски умови во јавноста се поставени како единствениот наш прозорец кон светот. Од 2006 година наваму Македонија живее не само во информативен туку и во политички, културен, цивилизациски… мрак во којшто различни се само суратите на едните и/или другите што го гаснат светлото.

А во контекстот на глобалната културна војна останува прво надежта дека сепак демократски настроената либерална западна мисла нема да се впушти во далекусежни и веќе видени катастрофични сценарија. И второ, останува прашањето – поточно проблемот – на оние недоволно смели, самоуверени, самостојни, помали и економски послаби држави (не само) во Европа коишто се, на некој начин, принудени да ја следат воената логика на ЕУ и САД и да учествуваат и во културните санкции против Русија: како понатаму? Но, секако, останува прашањето и на украинската култура: што се случува со неа?


[1] Simon Constable, Why Sanctions on Russia Won’t Work, The Times, February 23, 2022

[2] Suzanne Nossel, Boycotting Russian Culture Doesn’t Help Ukraine, The Wall Street Journal, March 10, 2022