Monthly Archives: December 2020

НАЈВИСОКА ДРЖАВНА ПОЛИТИКА

2020та година во Македонија ќе остане запаметена по две катастрофични нешта. Едното – пандемијата на COVID-19, во којшто и ние моравме да го платиме, за жал во човечки животи, нашиот дел од сметката. И второто – неуспехот (да се надеваме привремен) на нашиот процес на отпочнување пристапни преговори со Европската унија, а заради неразбирливата (безмалу) општодржавна глупост на источниот ни сосед, кој наметна редица налудничави „проблеми“ во процесот, меѓу нив и „проблемот“ со спомениците од Втората светска војна во Македонија и нивните „пишувани“ атрибути. И токму ова е една од интересните „поенти“ – а во суштина сведоштво на соседската тотална неукост – дека ним им пречи пројавното, но не и симболичното, што е многукратно посилно. Но (и) до тоа ќе дојдам во друга прилика.

Меѓутоа, она што зачудува е домашниот (не)третман на ова прашање од страна на дежурните аналитичари кои буквално по стопати ги превртеа сите други аспекти на актуелниот „источен спор“, освен овој. Како да забораваат дека оваа „секвенца“ од спорот не е само за прашањето на третманот на поблиската историја – онаа од Втората светска војна – туку и на нејзините современи материјализирани траги кај нас викани споменици од Народноослободителната војна. Дали на нашиве аналитичари им „избегал“ тој момент или пак не сакаат да се движат по таков „лизгав терен“? Или, де факто, не разбираат дека спомениците се всушност „највисоката“ политика на една држава?

Во контекстот на приказната што ја отвори нашиот источен сосед, а во врска со „проблематичното“ карактеризирање на нивната улога во поблиското ни минато односно во периодот на Народноослободителната војна 1941-1944 година и спомениците од тоа време, можеме ли да го парафразираме спомнатото американско лого „Black Lives Matter“ во локално „Our lives matter“ односно „Нашите животи се важни“? Имаме ли на тоа право, во името на нашите претци кои ги положиле нивните животи токму во борбата за слобода за којашто раскажуваат овие споменици? И кој има право тоа да ни го ускратува или дури негира?   

Затоа, всушност, и она интервју на премиерот Заев за бугарската агенција БГНЕС, каде тој вели дека „веќе се сменети повеќе од 20 табли во Македонија, на кои што пишувало ‘бугарски фашистички окупатор’“, повеќето од нас го гледа(в)ме само во функција на смирување на бугарските непромислености иако, веројатно очекувано, тоа вознемири многу духови дома. И на тоа, се разбира, треба да се гледа исклучиво како на политичка, а не историска изјава, што подоцна и беше потврдено од страна на премиерот! Иако навидум задира (и) во самата срж на историјата и историчноста на оваа материја, нејзината суштина е политичка и само ја потврдува природата на споменичката/меморијалната материја: како највисока државна политика, вчера и денес! Согледано од тој агол, највисоката државна политика во едно време ги поставила, највисоката државна политика во друго време може да ги корегира!!! Се разбира дека ова прашање не е само политичко, и се разбира дека секоја политичка интервенција во една таква материја има своја цена. И тоа прашање е многуслојно и бара внимателен пристап, особено имајќи ги предвид не само краткорочните туку особено среднорочните и долгорочните резултати, а за што и овде подоцна ќе стане збор.

Но, претходно, само како дигресија, интересно е ова совпаѓање односно постапката на евентуалното идно симнување на „таблите“ на коишто се говори за „бугарски фашистички окупатор“ (или само за „фашистички окупатор“), со – само како антипод, се разбира – на акцијата на поставување на едни други табли, оние на дел од шизоиднине споменици од Ск 2014 (Аце Македонски со целата негова фамилија, но и други). Односно, веќе дел од нашето секојдневие станаа оние „информативни табли“ на дел од спомениците од Ск 2014, поставени да ги „дообјаснат“ дотичните споменици. Па така, на пример, пред споменикот „Воин на коњ“ (инаку илегално име на Александар Македонски) беше поставена табла со натпис: „Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историски наследство. Овде е претставен како воин на коњ“. Тоа беше направено согласно една одредба од „Преспанскиот договор“, а со цел барем малку да се намали чувството на кражба на историјата кај јужниот сосед (иако де факто ние на тој начин само ја обнародивме дотогаш прикриената алузија за тоа кому му е посветен тој спомник!) .

Сега, во „спорот“ со Бугарија, а како обратен процес но со приближно слична цел, ќе се отстрануваат таблите на спомениците од Народноослободителната војна кадешто се спомнува реченицата „бугарски фашистички окупатор“, со цел да се намали чувството на вина кај источниот сосед! Во секој случај интересни политички решенија коишто, во самата суштина, не менуваат ама баш – ништо!!! Велам не менуваат ништо бидејќи постапките на поставување или отстранување на таблите се само надворешни манифестации и интервенираат само во пројавното, видливото, додека историските факти, или вистини, како сакате, остануваат недопрени. Од друга страна, а бидејќи веќе ги спомнувам таблите како некаква маргина на којашто се одвива дел од „приказната“ на овие споменици, треба да се каже и дека повеќето табли на Ск 2014 веќе после ден-два од поставувањето беа оштетени односно покриени со боја, со цел содржината да стане нечитлива. Што пак е приказна за себе. Но, од друга страна, тој податок дозволува да се шпекулира за можната иднина на оние (евентуално отстранети) табли од спомениците од НОБ. На пример, нема ли тие после само неколку дена да почнат повторно да се појавуваат, во слична или друга форма? И како тоа би се спречило? И треба ли, воопшто, да се спречува?! Но, се разбира, ова е само еден мал аспект од мноштвото други што се скриени во самата суштина на целата наша претстојна „приказна“ со спомениците и нивниот можен третман денес, а коишто ние очигледно не ги разбираме. Токму заради тоа ќе се обидам во идните текстови од мноштвото аспекти да допрам некои побитни.

ЧУДНАТА ПРИКАЗНА ЗА СПОМЕНИЦИТЕ

Некои експерти, не така одамна односно пред само неколку месеци (мај 2020), „пророкуваа“ дека она што се случуваше во некои делови на светот, главно САД, Велика Британија и други западни земји, ќе се шири, полека но сигурно, низ целиот (цивилизиран) свет. Мислам, конкретно, на политичките, социјалните и граѓанските реакции директно потикнати од тогашното бескрупулозно убиство на Џорџ Флојд во Минеаполис (Минесота, САД), а коишто го „вратија“ во живот и движењето наречено „Black Lives Matter“. Многумина предупредуваа дека е доволна некоја, некаква искра што (повторно) ќе го разгори огнот на протестот против нееднаквоста, против насилието, но и против редица други актуелности. Тоа, имено, и се случи, (повторно) главно во САД и Велика Британија, но – искрата е опасна кога тлее и на други места, нели?

Она што тогаш го гледавме во САД и Велика Британија беа само моментни, актуелни но никако и нови реакции. Нерасчистените или недоволно расчистените „сметки“ со минатото, особено со периодот на ропството, Граѓанската војна и др., коишто сега се враќаат како бумеранг, иако биле присутни во разни форми – па и во формата на уривање на споменици – особено во јужните делови на САД. Ништо поразлично во базичните причини не беше ниту уривањето на споменикот на Едвард Колстон (трговец со робови) во Бристол, Велика Британија! Она пак што беше фрапантно е фактот дека на удар во САД се наоѓаа дури и споменици на Кристифор Колумбо, Теодор Рузвелт и други (во Лондон дури и споменикот на Черчил!), кои тамошната јавност денес ги гледа низ една сосема поинаква историска призма!!! Но, ако на прашањето му пристапите без предрасуди, чисто хуманистички и со отворена свест, тешко да најдете противаргументи за ваквото „насилство“, па дури и за еден Колумбо. Како што впрочем многумина од нас приговараа(т) и за она чудовиште среде скопскиот плоштад што го глуми „нашиот“ Александар. Но ние (барем досега) не смогнавме сили да го отстраниме од градов. Како да не сме свесни што се’ претставува/симболизира тој споменик?! За да ја поткрепам оваа моја теза, ќе цитирам само еден наслов од британскиот „The Guardian“ од угледниот британски историчар Олусога кој вели: „Соборувањето на статуата на Едвард Колстон не е атак врз историјата. Тоа е историја“.[1] И уште нешто од истиот човек: „Statues are about saying ‘this was a great man who did great things’. That is not true, he [Colston] was a slave trader and a murderer“.[2] Таква, имено, ќе биде – некогаш – карактеристиката и на нашето „соборување“ на споменикот на Александар Македонски во Скопје!

Но, во меѓувреме, во Македонија се случи уште една споменичка хаварија, или уште една чудна споменичка приказна, приказна од поблиското минато, а врзана со нашите ЕУ аспирации – приказната за Македонија во периодот 1941-1944 година. И таа „приказна“, под притисок на источниот ни сосед, тендира да биде наша искра, наш „фитил“ за некаква (нова) историска експлозија, барем за наведениот период. Велам „нова“, зашто имавме една „стара“, баш од времето на Александар и неговата фамилија, онаа со јужниот сосед, којашто заврши со познатиот „Преспански договор“. Ќе има ли и овде некаков сличен договор? Не знаеме, иако многумина мислат дека индициите одат натаму! Се сомневам, но – да видиме.

Како и да е’, тука доаѓаме до една суштинска дилема: соочувањето со минатото, па нека е и поблиското, на пример она од Втората светска војна, а со тоа и, на некој начин, „лечењето“ на општеството од траумите на тоа минато, не може да биде работа на само неколкумина политичари и историчари, на само една партија, на само еден општествен слој. Тогаш тоа не е лечење туку е само залечување на раните што се’ уште крварат, лепење на некакви фластери или бандажирање на повредите коишто набргу повторно ќе се „отворат“, ќе прокрварат. Затоа лечењето на општеството од македонското – но и не само на македонското – поблиско (или подалечно) минато не е работа само на државата туку на целото општество. Ако сака да биде „излечено“, се разбира. По којзнае кој пат ќе ја земам за пример Германија како моќен симбол на такво (генерално) успешно лечење на системот. Или некој мисли дека нивните историски лузни се помали, побезначајни од нашите? Дека ние сме најнапатената нација на светот? Ма дајте, ве молам, некој мора да го прекине и тоа кукање и самосожалување! На што личиме пред светот, постојано со некаков плачлив глас и солзи во очите заради нанесените неправди, заради загубените шанси, заради пропуштените прилики… ? Па никој не ни е виновен за тоа, освен ние самите, и – нашите претци. Иако дел од нив ги положиле нивните животи за нашата денешна благосостојба, каква-таква. И имале и грешки, се разбира. Ама мораме ли да ги повторуваме нивните грешки? И плачки?  

Следствено, актуелноста на приказната за спомениците – во Македонија во варијантата на спомениците од Народноослободителната борба 1941-1944 година – благодарејќи на глупоста на источниот ни сосед, кај нас само се зголемува, што во суштина е добро. И интересно, секако. Плус – се развива! Но, зошто оваа тема ја нарекувам – чудна? Затоа што, како и кон се’ друго кај нас, ние имаме (најблаго речено) чуден (а може да биде и „искривен“, неук, нејасен, несоодветен…) однос кон поимот споменик, теориски и практично! Се’ ми се чини дека ние овие споменици ги гледаме како некакви анахрони градби, како молчаливи – да не речам мутави – паметници на едно (заборавено?) време коешто, очигледно е, на многумина дури и им пречи, па врз коишто ние можеме да интервенираме како сакаме и кога сакаме зашто нив, за жал, нема кој да ги (за)штити. За среќа, современиот миг со довчерашниот „спор“ со Грција, но особено сегашниот (веќе отворен) конфликт со Бугарија, ги става во некаков фокус (и) на јавноста. А во таа насока  и последните искажувања на цела низа највисоки државни функционери, искажувања коишто, за жал, со голема доза на сигурност упатуваат на отсуството на координација во највисокиот врв на државата, на координацијата во самата Влада итн. Како и да е’, „чудната“ приказна за овие споменици во себе крие многу интересни аспекти, аспекти коишто ќе се обидам во континуитет да ги отворам, еден по еден.


[1] David Olusoga, The toppling of Edward Colston’s statue is not an attack on history. It is history, The Guardian, Mon 8 2020 

[2] Инаку, David Olusoga е познат британски историчар, писател, тв презентер и филмаџија, професор по историја на Универзитетот во Манчестер.

НЕПОДНОСЛИВА ЛЕСНОТИЈА НА ОДЛУЧУВАЊЕТО

Не може човек да не се восхитува на брзината и леснотијата со која Министерството за култура наоѓа излезни „решенија“ за некои проблеми трупани со години во македонската култура, па дури и за некои сериозни зафати коишто никој друг во дадени услови не би ги превзимал, барем не така „на своја рака“ и дури контра на јавно објавени експертски ставови коишто предупредуваат на евентуални фатални последици од истите. Не може, не смее, не е добро за оваа власт Министерството за култура повторно да се претвора во изолиран орган сам за себе, за неприкосновен господар во културата користејќи ја летаргијата на неспособните институции и замолчената независна културна сцена којашто, безмалу до вчера, беше така гласна контра ваквата „приватизација“ на ова Министерство. Ни фамозните „100 дена Влада“ не се оправдување за носење одлуки наврат-нанос, за нови „затворени кругови“ во одлучувањето, за самопрогласени експерти за се’ и сешто. Тоа се крајно опасни состојби што тендираат да се претворат во манир и дневна пракса на „брза лента“, независно од јавниот одглас, укажувањата, критиката. Еднаш го гледавме тој филм, навистина ли ни треба ли реприза? Зашто, (веќе) очебијниот аматеризам, бркањето позитивен ПР без оглед на можните последици од одлесното одлучување, ноншалантното однесување небаре културата е лична своина или своина на „тимот“ и др., водат натаму, го сакале ние тоа или не!

Јавноста, пред се’ онаа стручната, не бараше инстант резултати. Ниту една сериозна културна политика тоа не може да го даде на краток рок, уште помалку за 100 дена. Но бараше продолжување на реформските процеси, бараше експертски тимови по области, бараше стручност и компетентност, бараше отворање – дури и јавно – на многуте болни точки во македонската култура што буквално ја кочат, често и намерно, во споделувањето на европските вредности во културата. Ако за одделни „приоритети“ од типот на младите до 35 години и божемното  нивно задржување во земјата со нудење некритичка предност во финансирањето на нивни проекти, или за „приоритетот“ викан Евроинтеграции но за којшто во буџетот за 2021 година (инаку катастрофално антиреформски!) не е предвиден ниту денар, или за тоталното организациско фијаско на Годишниот конкурс каде во екот на пандемијата пред Министерството чекаа и по 100 луѓе… ако значи за овие „безначајни“ и „маргинални“ нешта некој и ќе успее да најде (квази)оправдување, останаа уште десетина еднакво сериозни работи на коишто таму никој не им придава значење или – им придава целосно несоодветно значење. Од сето ова добивме една дебело подвлечена црта којашто вели: сето претходно сработено не вреди, сега ние – „тимот“ – ќе ви покажеме како се работи! Тоа не е сериозен и компетентен пристап, така не се доаѓа до резултати, особено заради фактот што таквата „политика“ во случајов нема соодветна стручна поткрепа, нема експертски „бекап“, нема темел врз којшто ќе гради што и да е’, а најмалку – културна политика! Или нам тоа не ни треба?

Не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека резултатот, па нека е и проблематичен, е поважен од процесот, дека законите и стратегиите се четиво само за експертите но не и за државниот орган, дека личните преференци, па и анимозитети, се всушност државна политика во една област. Тоа, едноставно, не го очекувавме. Воопшто. Веќе легендарната неспособност на Министерсвото за култура не е оправдување за формирање „пријателски кругови на одлучување“, за тотална блокада на системот, за замандален кабинет во којшто пристап имаат само „посветените“, итн. Затоа, впрочем, и соопштените „резултати“ од првите 100 дена се такви какви што се. И тоа во сите области, за жал. Дури и таму кадешто има некакво поместување, тоа се покажува контрапродуктивно заради недоволно обмислените постапки и очекуваните брзи ефекти. Такво нешто во културата – не постои!

Токму „случајот Курбиново“ односно потенцираната (наводна) грижа за културното наследство е некаква окосница на целиот чуден пристап кон решавањето на проблемите. Настрана експертските спротивставени ставови за целисходноста, дури хазардноста на некои „мерки“, за пристапот кон напластените проблеми во ова црквиче, неразбирањето на неговото значење и слично, кој и каков е крајниот ефект од целата таа помпа? Запишување на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново на прелиминарната листа (Tentative list) на УНЕСКО? Извинете, тоа не е идејата на заштитата, не е дури ни цел, барем во овој момент. Тоа, впрочем никој и не го барал/очекувал, туку јавноста – особено стручната – очекуваше комплетен и комплексен проект за заштита на црквата, можеби стручна дебата за начините и процедурите на процесот, очекуваше сублимат на компетентните мислења и нивно ефектуирање во соодветен миг! Наместо сето тоа, добиваме впишување на Курбиново на прелиминарна листа на УНЕСКО!?

И тоа за јавноста, па дури и за многумина малку постручни, може да прозвучи бомбастично. Сепак, токму во интерес на јавноста, мораше да се каже што всушност претставува таа листа!? Мораше да се соопшти дека на таа листа – или таканаречена „листа на чекање“ – државите членки впишуваат што сакаат. Имаат право на тоа. Следствено, и Македонија на таа листа веќе има неколку впишани „фаворити“, меѓу кои и Марковите кули во Прилеп (од 2004 година), пештерата Слатински извор (од 2004), локалитетот Кокино (од 2009 година) и др. И тие таму чекаат ред, чекаат „нешто“, еве веќе 16 години! Курбиново е запишано токму таму, со датум од 27.11. 2020 година. И? И ништо. Ќе стои таму со другите, ќе чека… нешто… бидејќи впишувањето на таа листа не претставува никаква обврска за УНЕСКО, најмалку финансиска (за некаква помош), и тоа е јасно и недвосмислено назначено на сајтот на оваа организација. Оттука, кога се пласираше оваа информација во јавноста, зошто таа иста јавност не беше информирана кои и какви ќе бидат ефектите од таа наша „активност“? Зошто требаше јавноста да се држи во таков полумрак и во надеж дека штом сме стигнале до УНЕСКО – се’ е полесно?! Ни е’, ниту ќе биде, туку тоа, повторно, ќе зависи од нашите стручни сили, од компетентните решенија и стручните тимови од институциите – а не од Министерството! – и, секако, финансиската помош од државата. Фалбите дека следната година ќе сме имале најголем буџет за заштита не значат ништо ако процесите се водат на овој начин. А тој „начин“ е особено амблематичен (и проблематичен!) и во вкупната постапка во Курбиново, а посебно самиот процес на негово „впишувањето“ на прелиминарната листа, при што не е почитувана ни основната домашна законска процедура. Министерката вели: „Успеавме црквата Св. Ѓорѓи во Курбиново да ја ставиме на прелиминарната листа на УНЕСКО“. Но Законот за заштита на културното наследство вели нешто друго. Вели дека „(1) Културното наследство од особено значење може да биде предложено за стекнување меѓународно признат статус или упис во меѓународен регистар согласно со ратификуваните меѓународни договори“, но дека „(2) Одлука за номинација во смисла на ставот (1) на овој член донесува Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за култура и мислење на Националниот совет за културно наследство“. Оттука, кој се тие што „успеале“: Министерството за култура или (како што треба согласно законот) – Владата на РСМ? И зошто премиерот, во неговиот отчет не го спомна овој „важен“ факт туку спомна само дека „Во црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново… се започнати конзерваторско-реставраторските интервенции“? Зарем премиерот не ќе знаел – а морал да знае – ако Владата го направила она „ставање“?!  Понатаму, има ли мислење од Националниот совет за културно наследство, има ли елаборат за ревалоризација на црквата, кој го правел и кога…, го усвоил ли (повторно) Националниот совет за културно наследство, има ли барем едно позитивно мислење од (барем) домашен експерт…? 

Се разбира, многумина можеби ќе речат дека се тоа дури и неважни детали. Ама не се. Тоа е кршење на закон и процедури, непочитување на хиерархија. Особено што со тоа, за жал, ама баш ништо не се придонесува за заштитата на црквичката во Курбиново. Како што впрочем и во сите други наброени „успеси“ во првите 100 дена повеќе гледате самоволие, необјаснива леснотија во одлучувањето, несоодветно постапување во значајни сегменти на функционирањето на органот надлежен за културата итн. Но за тоа подоцна.               

ПАРТИСКИ ХАЗАРД

Речиси и да нема ништо поодвратно кај нас од онаа злобна провинциска чаршија што функционира како „швајцарски сат“ во полза на се’ што е примитивно, просто, неуко, неспособно… Освен, можеби, партиската сплеткарска чаршија, она стадо покондирени сељачиња, по некој детронизиран криминалец во спрега со секогаш подготвените мамини и татини абонентчиња, сите вклучени на турбо кога треба да издејствуваат поволно решение за себе и своите жиро-сметки што партијата така беневолентно им ги полни со наши пари небаре се некакви заслужни граѓани во државава. И во таа насока нема ама баш никаква разлика од една до друга партија, исти се ко јајце со јајце во нивната бесрамна манипулативност, незаситност, во функционирањето на нивниот (во суштина) партиски шљам. И нив, дури, човек може да ги разбере зашто не се способни за ништо подобро – тоа им е биографијата, тоа им е животот и „приклученијата им“.

Она што никако нормален човек не може да разбере е потпаѓањето на највисоките државни органи под вакво малограѓанско влијание, наседнувањето на нивните еснафско-партиски интриги и дај-дам играрии, завлегувањето во хазардни комбинации со поединци подготвени на се’: тие би си го продале и сопствениот татко за удобна фотелја и полна жиро сметка! Таквото коцкање со сериозни кадровски решенија, таквото (во основа) необјасниво слугување на партиските апаратчици самонакитени со некакви божем звања и знаења – нивни или украдени од родетелите – тоа не може да биде грижа за културата и реформите, за евроинтеграциите, уште помалку може да се нарече сериозна државна политика. Зашто ним, а со нив богами и на највисоките државни власти кои влегуваат во нивните простачки шеми, им се најмалку важни јавните интереси, реформите, евроинтеграциите, интеграцијата на македонската култура во европските текови. Ним, а со нив богами и на највисоките државни власти кои стануваат дел од нивните слухови и подметнувања, никогаш и ништо не им било важно освен личниот интерес. И кон тоа било пресметано и насочено се’ – дури до фрлањето на две кесички боја врз скопскиот кич – којшто де факто е нивен кич, дел од нивните личности, од нивните CV-а. Таква им е природата, такво им е воспитувањето.

Влегувањето на државата, а највисокиот извршен орган е олицетворение на државата, во нивните ситносопственички, лукративни и во основа мафијашки работи завиткани во обландата на грижа за еснафот и политиките во него, е не само контрапродуктивно туку полека станува и погубно за македонската култура, уметност, општество. Партиските абоненти ја упропастуваат државава цели три децении и тоа еднаш ќе мора да престане. Сега државата имаше таква шанса – не ја искористи. Партиските пулени катагодишно претплатени на културниот – во случајов на филмскиот – буџет и нивните подлости и сплеткарење кога тогаш ќе излезат на видело. Ама ќе се дознаат и нивните покровители, нивните политички заштитници. И тоа е големиот срам, резилот на државата кога оди по линијата на помал отпор, кога задоволува лични и групашки интереси за сметка на општите, јавните, кога упропастува цела една дејност заради нечии болни амбиции и сомнабулни ќефови. Нивната малограѓанштина, нивната неукост и невоспитаност, нивната неспособност ќе траат се’ дури државата еднаш не рече – доста. Сега имаше таква можност и – ја упропасти! Ја упропасти затоа што повторно, по којзнае кој пат, се поведе по партиското а не по стручното, се поведе по нечии желби а не по можности, ја следеше „логиката“ на калкулантите а не кредото на реформите… Се поведе по сплеткарењето, по етикетите, по „бојата од кесичката“ фрлена со предумисла, а богами и дебело наплатена. Се поведе и по умот и „грижата“ за еснафот на неколкумина арамолебци, хохштаплери пар екселанс, профитери во сите политички варијанти.

Ние, се разбира, не можеме да се натпреваруваме со таква полит-културна мафија. Не може стручноста контра полтронството, не може дипломата контра партиската книшка, уште помалку може искуството и резултатите контра диктираните слухови и етикети. Не може никој против оваа наша жабокречина, каде референците се тато и мама, а пријателството со едикојси партиски функционер и владините кулоари е главен џокер. И нема да може се’ дури кадровското хазардерство прогласува (партиски) подобни и неподобни, додека на своите им додава а на „туѓите“ им одзема, нема да може се’ дури партиите а не сработеното прогласуваат стручњаци, па дури и од светски и не знам каков маштаб! Нема да може се’ додека дури и една влада (или нејзина кадровска комисија) се раководи од чаршиски муабети од типот „пред Кооператива“ или „радио милева“, додека министерствата, вклучувајќи го особено Министерството за култура оперира според принципот на познанство и пријателство. Партиските апаратчици и личните пријателства ќе ги покриваат криминалите на нивните претходници (но и своите, во делумна мера!), па нивните ќе ги покријат некои други такви, и се’ така со ред како и досега… а ние, нели, ќе нижеме „успеси“ и „победи“ како и досега, во филмот на пример, во заштитата на културното наследство… во УНЕСКО… секаде… само што тие успеси всушност (ќе) ги бележат само партиските билтени. Никој друг!

И, да ја употребам изјавата на Претседателот Пендаровски: ако не треба да дозволиме „полуписмени и шарлатани лекари да влијаат на одлуката за вакцинација“, зошто дозволуваме токму такви полуписмени и шарлатани да роварат во културата и да влијаат дури и врз најсензитивните процеси?!

ЛУЃЕ БЕЗ СРАМ

Кога би напишале една од оние (веќе сериозно изветвени) парафрази од типот „земја што има ваква академска заедница треба да се загрижи за својата иднина“, тоа може да прозвучи изнасилено, дури и патетично. Ама не е, затоа што – веќе е очигледно – ние одамна имаме проблем со нашава таканаречена – или самонаречена, како сакате – академска заедница која секојдневно не доуверува дека не се грижи за ништо друго освен за својот џеб. И задник, секако. (Иако може и по обратен редослед). И тоа е така и „случајот учебник“ е само уште една потврда за нивната бескрупулозна незаинтересираност, за нивната срамна молчаливост, за отсуството на општествена свест и трловидната сплотеност во безидејноста, самобендисаноста, безобразлукот. Зашто, така дрско да манифестирате дека вас ама баш ништо не ве допира, дека „колегијалноста“ е над универзитетот и студентите, дека никој не смее да приговори нешто за вашата веќе пословична необразованост, затуцаност и провинцијализам инаку ќе му ги пуштите оние два-три загари што перманентно лаат за автономија на универзитетот и слобода на говорот а поим немаат што тоа во праксата значи… е тоа, простете, веќе ги преминува сите граници на простојност! Ова ли е впрочем таа автономија на универзитетот? Ова ли е таа академска слобода на говор и критика на „систем“?                    

Ако поимот универзитет, во неговите најопшти рамки, навистина се одзива на дефиницијата за високо (односно терцијарно) образование, а самиот збор одговара на латинското universitas magistrorum et scholarium, тогаш ние дефинитивно сме го основале нашион УКИМ според некои други дефиниции и со некакви поинакви наместо со учени луѓе. Поточно, тие што го основале, некогаш, сигурно не претпоставувале какви наследници ќе имаат. Да, секоја генерализација е лоша, се согласувам, ама кога од цел еден (за наши прилики сепак некогаш угледен) Универзитет, наместо (само)кртитика ќе прочитате квазиакадемска, крајно простачка и во основа кичерска „одбрана на глупоста“ без ниту еден глас против, тогаш генерализациите се наметнуваат сами по себе. И во таков случај, после толку денови општ неразбирлив молк, никој од таа „фела“ нема право на глас, уште помалку има право да бара да го нарекуваме професор. Зашто поимот за универзитетски професор, за учен, сепак подразбира нешто друго, а пред се’ предодреденост за наука, знаење, вистина, прогрес…

Ако во т.1 од Преамбулата на  Magna Charta Universitatum (1988) стои дека „на крајот на овој Милениум, иднината на човештвото во најголем дел ќе зависи културниот, научниот и техничкиот развој (…)“, а во т.2 вели дека „улогата на универзитетите за ширење на знаења меѓу младите генерации подеднакво подразбира и служење на општеството како целина (…)“, што од ова денес добиваме од државниот односно финансиран од сите граѓани Универзитет Св. Кирил и Методиј? Она писание од една „професорка“, во сулуда одбрана на неодбранливото, во заложба за глупоста и регресот наместо прогресот, за ширење женомрзие и други простачки и анахрони „идеи“ како замена за слобода на говорот, за служење на некакви длабоко патолошки пориви наместо посветеност на студентите и општеството како целина…?

Или, кога во Етичкиот кодекс на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во Општите одредби, стои запишано дeка тоа е „институција на највисоките вредности: Вистината, Доброто и Убавината“, тоа го подразбира и оној „учебник“ и „вистината“, „доброто“ и „убавината“ запишани во него? Го подразбира ли Етичкиот кодекс и она бравурозно кичерајско писание од една од „професорките“ на УКИМ? Или, ако во истиот Етички кодекс е запишано дека „Основна цел на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е Знаењето“, и овој „учебник“ ли се подразбира под поимот Знаење односно дека насоката дека „Голем дел од женските особи чија коса е кратко пострижена и кои не носат типично женски украси, а постојано се облечени во панталони – имаат тешкотии во прифаќањето на сопствениот пол“ е баш тоа Знаење!? Како впрочем и сите други глупости наредени таму од дотичниот „професор“ – за среќа пензиониран – ама така жестоко бранет од оние лајачи што те тера да се запрашаш: го бранат ли него, или се бранат себеси?

Зашто, извинете, нормален човек, па згора и универзитетски професор, не може доброволно, со чесно срце и отворен ум, да застане зад такви примитивни, провинцијални, анахрони тврдења ex cathedra. Тоа, едноставно, не е можно. Следствено, има ли во таа игра, како и во сите други што се играат на ова парче земја, уште нешто, нешто „плус“ што постојано ни „виси“ над главите од вакви луѓе?

И повторно: цела академска фела да нема ништо да каже? Ни два збора, ниту една реченица? Освен оние, нели. И нема ли после сето ова човек право да каже – да, сите исти? Зашто, како би се одбраниле од таквата квалификација? Со презафатеност, со ангажмани во образовниот процес, со многу друга работа… или со страв да не ви се свртат и вам, некои, некогаш, да ги извадат на виделина и другите валкани алишта што се кријат низ ходниците на тој „универзитет“?

И, всушност, кој е овде инквизицијата? Ние, или тие?И зарем навистина и ова ќе им го допуштиме? Па после, повторно друг ќе ни биде виновен? Зарем не ви е срам и ова да го премолчите?!?

ОБРАЗ ОВА НИ Е

Насловот е всушност препишана парола од времето на „Македонската студентска пролет“ односно студентиските протести во 2017 година. А имаше и многу други пароли испишани – кој како знаел и умеел – на „направи сам“ транспаренти што студентите ги шетаа низ центарот на Скопје. И не само студентите, нели, имаше и по некој професор, иако ретко. Меѓу нив беше дури и легендарниот Ѓорѓи Маријановиќ, со сопругата, но на протестите тогаш поддршка им даде и академик Филиповски, па Шоптрајанов и уште неколкумина други.

А на сето ова се присетувам со цел, листајќи ја неодамна отпечатената книга „ПРОТЕСТ(И)“ што ја подготвивме со Ацо Кондев (негови оригинални фотографии и мои текстови од тоа време). Велам се присетувам со цел, а на тоа ме натера последниот случај со оној налудничав „учебник“ по персонологија, и со уште поналудничавите „одбрани“ од страна на надлежните на Филозофскиот факултет. „Учебникот“ наводно бил поткрепен со научни ставови од странска литаратура! Ма ајде богати. А ако некој учебник по географија исто така се потпре на некоја странска литература што тврди дека Земјата е плоча, и тоа ли ќе го оправдате и ќе го препорачате за настава? И таков учебник ли утре ќе им стокмите на студентите? Толку ли навистина може да биде идиотски македонскиот образовен систем? Толку ли можат да бидат затуцани, закоравени, заглупени… македонските високообразовни државни инститтуции? Можат, и повеќе од тоа! Зашто, речиси е неверојатно не тоа што некој напишал такви глупости какви што напишал, туку што тоа опстојувало со години на Филозофскиот факултет, а студентите морале да учат од него. Следното логично прашање е: зарем на Филозофскиот факултет во Скопје нема професорки кои би се осмелиле да реагираат на, на пример, тврдењето на дотичниот „професор“ дека „Голем дел од женските особи чија коса е кратко пострижена и кои не носат типично женски украси, а постојано се облечени во панталони – имаат тешкотии во прифаќањето на сопствениот пол“!? Или тие не носат „панталони“ и „кратко пострижена“ фризура? Па вие нормални ли сте? Или и тука, по којзнае кој пат, проработила „логиката“ – не се замерувај со колегите (без оглед какви идиоти се)?! Згора на тоа, има ли деканот на Филозофскиот факултет „објаснување“ и за зборовите „особи“ и „пострижени“, односно дали и тоа спаѓа во професорската слобода не само да тресат глупости туку да ги тресат и на немакедонски јазик? Дури и да е шега, премногу е. А не е.

Не само што сето ова прозвучува навистина надреално, налудничаво и сто насто откачено, туку човек се прашува дали ова е таа автономија на универзитетот за која што се крена толкава врева, па имавме студентски пленум, па средношколски пленум, па професорски пленум… Има ли нешто да каже баш тој професорски пленум, или и тие не се мешаат во „стручната“ работа на колегите? А, „професор(к)и“?

И повторно ќе се вратам на насловот „Образ ова ни е“ односно на брилијантната игра со клучниот збор „образование“, којашто погаѓа директно во сржта на проблемот! Зашто тоа што се случува(ше) со македонското високо образование, и македонското општество во целина, токму го отсликува(ше) нашиот образ. Или безобраз, како сакате. Како што, се разбира, и многу други пароли од скопските студентски протести ќе останат запаметени како израз на сериозен бунт против налудничавото бирократско и во суштина антиреформско и антидемократско решавање на проблемите во високото образование. Македонските студенти тогаш порачуваа: „Кој ќе ве тестира вас?“, „И од образованието сакате да направите споменик?“, „Професори искажете став“, „Студентот има должност да го заштити факултетот од Владата“, „Образование а не дресирање“, „СТОП за лошите реформи“, „Не ви го даваме утре“, „Менувам индекс за амерички пасош“… итн. И тоа беа/се пароли што речито – некогаш сатирично но најчесто директно – ги коментираа актуелните состојби не само во образованието, туку во сите сфери на живеењето. И искажуваа став, и барања.

Она што денес, после се’ но и после случајот со овој „учебник“, се наметнува е прашањето: вредеше ли онаа 2017 година? И одговорот: очигледно – не! Зашто, да вредеше, прво, немаше повторно да биде избран истиот ректор како од времето на груевизмот. Да вредеше, второ, денес не ќе смееше да се појавуваат вакви „учебници“. Да вредеше, деканот на Филозофскиот факултет немаше да смее така ноншалантно да го брани колегата-професор и неговите глупости. Да вредеше… денес ќе имавме комплетно поинаква ситуација.   

СИЈАМСКИ БЛИЗНАЧКИ

Не знам дали ние навистина мислиме, односно прифаќаме, дека политиката е најважното нешто во нашиот живот. Работа на политичарите, од сите провениенции, е да не’ убедат во тоа бидејќи, во крајна инстанца, тие без нас – не постојат. Но белки ние не сме толку глупави да веруваме во „судбоносната“ за нас важност на нивната професија (или „професија“, како сакате)? Никако не мислам да ја негирам нивната умешност во даден миг да не’ убедат дека нивното решение е единственото можно решение, ама тоа се ретки, многу ретки ситуации. И тие „играат“ само кога јавноста нема доволно информации за да ги согледа сите страни на проблемот. Токму затоа политиката и информацијата се сестри близначки, сијамски, нераздвојни. И се’ дури е тоа така, ние ќе имаме циклични проблеми во разни области, зависно од актуелноста.

Дали тоа ни се случи и во спорот со Бугарија, ќе праша некој? Не знаеме, немаме доволно информации, иако некои тврдат дека токму тоа се случило. Сепак, гледано од страна, тоа не може да се потврди, но ниту да се негира. Но дали тоа ни се случува и со наводните конзерваторско-реставраторски работи врз црквичето во Курбиново? Па и тоа не знаеме (или барем делумно не знаеме!) зашто на оние кои знаат не им е овозможено да ни кажат што таму навистина се случува! И затоа и не знаеме дали тоа што таму се случува, и не само таму, е според некакви стручни стандарди или според вообичаените ноншалантни „параметри“ на Министерството за култура? И впрочем: од кога Министерството за култура стана стручна институција за заштита, а министрите – експерти за заштита/конзервација на византиска архитектура? Следствено, зошто медиумите, зошто јавноста не ги поставуваат овие прашања? Толку ли се рамнодушни кон сопственото минато, кон сопствениот идентитет којшто така „огнено“ го бранат од источниот сосед, ама онде, во Курбиново – всушност токму на вистинското место – буквално го распродаваме? Ние во културата, не само во случајот со Курбиново, по правило немаме „второ мислење“, односно немаме никакво мислење, најмалку експертско односно јавно! Она што последниве денови го добивавме е, најблаго речено, лаичко мислење или како некои си замислуваат дека треба да изгледа процесот на заштита на една градба „во опасност“! Како што нема(в)ме „јавност“ ни за лаичките конструкти во Годишниот конкурс, како што нема(в)ме експертски став ниту за најавените (небулозни) приоритети во културата итн. Дури и кога во јавноста (повторно: како во случајот Курбиново) ќе се појават разногласија – а овие беа дебело аргументирани! – во однос на постапките на власта односно нејзиниот орган надлежен за културата, тие гласови се замолчуваат, се изолираат, во медиумите владее само една „вистина“, онаа на власта!

Ова го кажувам повторно во релација со еден навод од актуелната студија на Европскиот парламент каде се вели дека „Во Северна Македонија, неодамнешната промена на владата во голема мера ги истурка на маргините дезинформациите вон од државните и меинстрим медиуими (…)“. И тоа е горе-долу точна констатација, но само кога се работи за политиката! За се’ друго, или барем кога станува збор за натрупаните проблеми во културата, образованието, науката, здравството… ситуацијата воопшто не е таква како што ја опишуваат авторите на спомнатата студија. Но и тие не биле наивни, па додале: „(…) постои јаз помеѓу причините за дезинформациите во Западниот Балкан и обидите – главно од локалното граѓанско општество, со помош од странство – да се дејствува против нив“. Зошто е тоа така, зошто против дезинформациите и лажните вести се бори граѓанскиот сектор но не и власта? Студијата не одговара на тоа потпрашање. Не одговара ниту власта кај нас. Особено не во „случајот Курбиново“! (Впрочем, речиси никој кај нас, барем не јавно, не се бави поаналитички со оваа студија, освен во оној дел за изворите на лажни вести лоцирани кај „началството“ на криминалното здружение).

На крај памет не ми паѓа да се впуштам во анализи на причините зошто медиумите (и) во „случајот Курбиново“ се однесуваат така како што се однесуваат. Тоа е работа на некој друг. Но власта мора да се позанимава со ова прашање, и не само во овој случај – што де факто е во нејзин интерес – туку и во сите други случаи, особено „случајот Охрид“, на пример, зашто сите експертски укажувања се/беа доборнамерни и во заедничка полза. Само за потсетување, пред нешто повеќе од една година, група експерти укажуваше на очигледното фијаско на „политиките“ за Охрид и лошиот закон пред конференцијата на УНЕСКО во Баку во 2019, ама повторно многумина беа глуви! Но после тоа пак се вратија на тие укажувања па го повлекоа и законот, за да (за жал) деновиве повторно се востановуваат старите лоши „политики“ коишто не дадоа никаков резултат. Неодамнешните заклучоци за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, предложени од Министерството за култура а усвоени од страна на Владата, говорат токму за тоа! Не знам кога ќе разбереме дека барем во културното наследство нема ваши и наши, нема едни и други, дека тоа е општо, јавно наследство за иднината и во неговата заштита не може да има вакви или онакви интереси, лични и групни суети или детинести караници. Не дека не може да има различни мислења за некои процеси и зафати, но тие се разрешуваат не со изолација на „второто мислење“ туку со – дијалог! Зошто него го нема, не само во „случајот Курбиново“? И на тоа треба да одговори некој друг, оние кои туркаат некаква нивна нејасна и во основа нестручна агенда, а другите – молчат!     

МЛАКА БАЊА

„Општествено-политичките околности во Северна Македонија обезбедуваат плодотворно тло за дезинформации“, вели актуелната студија „Мапирање на лажните вести и дезинформации на Западен Балкан и идентификување начини за борба со нив“ на Европскиот парламент во делот за нас. И безмалу открива – топла вода! Како да ние тоа не го знаевме, или не ги знаевме оние примери што ги спомнуваат. Па за нив веќе и деца си прават муабет на мал одмор. А впрочем, целиот дел за Македонија е „млака бања“, зашто (барем) еднакво важни се и примерите што не ги спомнуваат, или не сакаат да ги спомнат. Но, сеедно, веројатно не е лесно да се пишува за медиумските состојби во една држава ако не си констатно присутен во неа, подолго време.  

Од друга страна, можеби и не треба(ше) да се очекува комплетна преобразба на медиумскиот простор за само три години, како што и мора да се оддаде признание на дел од медиумите коишто издржаа и во најцрните денови на груевистичкиот режим. Но, токму заради тоа се тешко разбирливи некои денешни навивачки постапки на одделни медиуми, што повторно не’ враќа во спомените на единаесетгодишниот медиумски мрак. Поточно, ако медиумите, генерално, а националните особено, не ја поддржуваат културата на дијалогот, ако во нив продолжува да постои само една „вистина“ – онаа на власта, која и да е’, ако во медиумскиот простор нема место за професионалците во дадени области, а (повторно) Курбиново е типичен пример за тој и таков однос, тогаш тешко дека Македонија во блиска иднина ќе зачекори во очекуваната медиумска слобода. (Што пак некои добри познавачи го врзуваат и со нашиот дебакл на патот кон ЕУ!). Воопшто не е никаква утеха фактот што фејсбук профилите на челните луѓе на криминалното здружение, па дури и на оној од Будимпешта, се еден од изворите на лажни вести кај нас. И повторно: зарем требаше Европскиот парламент тоа да ни го каже? И што воопшто тоа би и’ значело на културата, на образованието, на науката… ? Ним, односно нам би ни значело кога некој би ни ги идентификувал изворите на лажни вести, дезинформации, манипулации во овие области, наместо оние во политиката коишто и без тоа – ги знаевме.      

Меѓутоа, она што е вредно во спомнатата Студија, се оние т.н. „општи места“, некои насоки и тези коишто кај нас прозвучуваат како да се од друга планета. На пример, „додека дезинформацијата е често разгледувана во контекстот на надворешните закани по функционирањето на власта и демократијата, оваа студија покажува дека странските играчи не се најпроминентните виновници“![1] И токму на тоа треба да се обрне внимание кога се промислува културата и нејзината застапеност во македонските медиуми: начините на презентација, вокабуларот, достапноста за вистинска односно точна информација, културата на дијалогот (ако воопшто го има), итн. Оттука и прашањата: зарем не ни се доста диригирани и послушни медиуми; може ли државата/општеството без тој вид „поддршка“ (зашто тоа и не е некаква подрршка туку е чиста измама); зарем не ни е веќе прекуглава од онаа  булумента аматери и дилетанти од времето на груевизмот, од оние кои, на пример, не’ малтретираа единаесет години со нивното (не)знаење и (не)стручност, па сега треба да инсталираме нови како продолжение на нивните стапки? Зарем не ни беше доста?! И зарем спомнатите „резултати“ не говорат самите за себе? А впрочем, дел од овие „стручњаци“ во она време прилично удобно – одмолчуваа! Ама сега се гласни, нели!? Се разбира, кога мнозинството молчи, се слуша само нивниот глас.

Молкот во/за културата ни стана начин на живот. И во медиумите и во стручните кругови. Нема јавен глас, нема дури ни за доброто, за позитивното, камоли за негативното. Каква култура тогаш развиваме? Како ќе се разрешуваат натрупаните проблеми, како ќе се бараат реформи таму каде што се најпотребни ако јавноста едноставно – молчи? Плус – тотално е неинформирана, ни за состојбите ниту пак за излезните можности. Зарем се’ ќе биде препуштено на дилетантското Министерство за култура и „опциите“ што тоа ни ги нуди? Ама тоа не нуди никакви опции, зарем тоа не е очигледно? И она малку што го нуди е – погрешно. Кој, тогаш, треба да (про)говори за тие нешта ако не самата култура, ако не професионалците во културата? Погледнете ја онаа до пред три години така гласна и релативно жива т.н. независна културна сцена. Денес нема ништо позависно од неа во македонската култура. Ги вработија најгласните – или им вработија некој од семејството – им доделија финансиска линија во буџетот и сите среќни и весели. Следствено: во македонската култура, спореде нив, веќе нема проблеми. Меѓутоа, „Скопје 2014“ уште стои, исто и Плаошник и скопското Кале, Аквадуктот систематски се разградува… ја спомнува ли некој се’ уште зградата на изгорената Пошта, знае ли некој дека цели 13 години една (тотално неспособна) национална институција ја „реновира“ куќата на Личеноски среде Скопје… ? Што и каде гледаат овие луѓе? Кога ни Курбиново не може да ги покрене (или може, ама на ниво на „лајкови“ за Министерството, зашто изгледа и тоа се бори!), што останува за се’ друго!?

Но, може ли всушност баш Курбиново да биде таа иницијална каписла што ќе ја „отвори“ јавноста и македонската култура за толку посакуваната култура на дијалог? Може, веројатно, ама тоа мора да биде иницирано од државата и од медиумите. Ако овие две клучни страни остануваат неми, нема дијалог, нема ништо. Впрочем, ако целата македонска јавност едноставно остана нема и за уништувањето на цел еден град со кој наводно сите се гордее(в)ме, што па тогаш и’ значи едно црквиче, нели? Но, ваквите состојби се веќе јасен симптом на општествена и политичка конфузија, а таа мора да се препознае како таква и да се „лечи“! Да, тоа се сепак јавни нешта, оној фамозен res publica во којшто толку се колне(в)ме а сега никаде го нема. Ако гласот на јавноста тендира да биде замолчан – а тоа низ многу примери ни се случува – тогаш и она мало парче демократија е дефинитивно загрозено!


[1] Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectivly Counter Them, Policy Department for External Relations,  Directorate General for External Policies of the Union, PE 653.621 – December 2020

КАДЕ Е МОЌТА ТАМУ СЕ И АБОНЕНТИТЕ

Некои работи во македонското општество/држава како една целост – а меѓу нив особено патиштата, начините и „вредностите“ според коишто тоа „функционира“ – за многумина од нас ќе останат вечна енигма. Иако, денес, некои нешта стануваат појасни со неодамнешната студија на Европскиот парламент за мапирањето на лажните вести и дезинформации на Западен Балкан којашто, незаобиколно, не’ вклучува и нас. Но таа студија, вообичаено, говори главно за политиката, ретко спомнувајќи ги другите области. Да, веќе се’ е политика, се разбира, но токму затоа! И културата е политика и таму се вртат можеби уште повпечатливи и (често) поопасни дезинформации, лажни вести, полоитички влијанија, деструктивен однос… Но културата кај нас спокојно ужива на маргините на општеството, и се’ уште останува тајновита загатка за многумина, или не ја сметаат за толку важна. И грешат, се разбира. Што се’ се прекршува низ културата, какви се’ суштествени (историски, национални, идентитетски…) прашања се кријат по нејзините ќошиња…  

А меѓу најтајновитите, но воедно и најмрачните, се модалитетите според коишто (не)функционира оваа наша „македонска културна јавност“. Поточно, на тие што подолго се бават со културата веќе одамна им се јасни сите скриени (ќор)сокаци според кои нештата „се редат“ во македонската култура, па веќе и не се заморуваат со размислување за нив. Културата на дијалогот пак, она за што пишува почитуваната д-р Барџиева Трајковска, а што само (за жал) како фраза често ја употребува и актуелната министерка за култура, за нас е се’ уште непознат терен полн со мински полиња. Стапнувате – и не знаете кој од каде ќе припука или која мина ќе ви експлодира под нозете. Јавноста не може да се обедини дури ни околу такви важни нешта како што е „случајот Курбиново“, а камоли околу нешто помалку значајно. Иако не можеме баш да кажеме дека и една Универзална сала (та јајце ли ќе биде, та истата ли ќе остане…), или она смешно поплочување на скопската Стара чаршија, или игрите околу „Малиот ринг“ (да не зафаќаме во оние покрупните прашања) се баш безначајни „места“ за македонската култура. И кога само нив би ги третирале низ призмата на оваа студија на Европскиот парламент, кога само нив би ги земале за пример, би можела да се напише уште една, ама наша, студија за манипулациите со јавноста, за лажните вести, за дезинформациите во полза на државните органи и институции, или власта, кажано генерално. Впрочем, уште еднаш: кога едно Курбиново не може да ја покрене македонската (не само) културна јавност да ги постави вистинските прашања и да бара вистински одговори од надлежните, тогаш – што? Тогаш тоа значи дека во оваа држава, во оваа култура секој може да прави што и како сака, само ако ја има зад себе владејачката политичка структура/моќ. Тогаш се’ е можно, се’ е дозволено, никој не прашува илио не дај боже да приговара, дури и за очигледно нестручни работи! А главна потпора им се медиумите, не сите но оние зависни од власта, оваа или друга сеедно. И бидејќи само неа и’ се достапни медиумите, тогаш само државните институции како продолжена рака на власта се паметни, способни, само тие имаат право на збор… Сите други мораат да молчат! Толку за нашата култура на дијалог. Но (и) за ова не пишува студијата на Европскиот парламент! Односно – пишува, ама ние не сакаме така тоа да го читаме, уште помалку џс тоа да ја информираме јавноста.

Впрочем, македонската (не само културна) јавност не покажа никаква загриженост дури ни за фактот што во новиот состав на Парламентот одвај ќе најдевте еден пратеник од областа на културата (сега и него го нема), а во коалицијата што претендира да ја води државата во наредните четири години – ниту еден! Како тогаш тоа Собрание, тој највисок законодавен орган во државата ќе одлучува за прашања од областа на културата, со кого и како ќе води дијалог за тие прашања, како ќе го проценува она што тендира да се развие во „случај Курбиново“, или кој и да е’ друг случај од областа на културата? Значи ли тоа дека ќе гледаме диригиран циркус кога вакви или слични теми од областа на културата (случајно) ќе се најдат на дневен ред? Или највисокиот законодавен дом и државата во целина едноставно ќе ги игнорираат проблемите во таа област? Иако тоа е невозможно бидејќи пред нив, на пример, веќе се наоѓа новиот предлог на закон за остварување на јавниот интерес во културата. Па следствено, каков тоа (стручен) дијалог ќе се води во Собранието на оваа тема? Или нештата (и понатаму) ќе се „решаваат“ од страна на партиските културкомесари во тесните политикантски кулоари?   

Но сепак, Курбиново е нешто друго, Курбиново е есенција на повеќевековната историја, вредност во самата суштина на тој поим, бисер оставен на чување (и) за идните генерации. Не завлегувајќи во детали во актуелното (прилично зачудувачко и нестручно) однесување на надлежното Министерство, останува запрепастувачкиот молк не само на стручната туку и на пошироката културна јавност за судбината на Курбиново. Дури, би се осмелил да кажам, на повидок се и некакви непринципиелни „коалиции“ што се обидуваат да обединат институции, личности од независниот културен сектор (инаку сите тотално зависни од Министерството за култура), пријатели и пријателки кои тресат глупости низ фамозниот фејсбук, но и медиуми – портали и утрински телевизии – кои „фаќаат страна“ не врз основа на проверени факти туку врз основа на моќ! Или, каде е моќта, таму се и абонентите? И дали навистина сме уште во фазата кога не’ задоволува фактот дека некој нешто се обидува да прави, па само заради тоа нема да прашуваме дали тоа што го прави е издржано и дали тие кои тоа го прават знаат што прават? И дали самиот чин на „правење нешто“ односно самата желба „нешто“ да се направи (што во принцип е за поздравување) е доволна за понатаму да не прашуваме како тоа ќе се направи и каков ќе биде конечниот резултат? И дали воопшто ќе има – резултат?

Молкот на компетентните луѓе од заштитата на културното наследство е запрепастувачки. И громко го поставува прашањето дали ние воопшто, се’ уште, имаме институции надлежни за културното наследство ако тоа е препуштено на поединци, главно нестручни? И понатаму ли во заштитата, како и во целата култура, ќе се решава во затворени кругови, на начин и во постапка однапред оправдана од медиумите само затоа што во прашање е власта? Дури и се’ да е идеално, а не е, нема ли културната јавност што да каже, немаат ли медиумите интерес и за друго мислење или нам друго мислење не ни треба? Впрочем, еднакво запрепастувачки е и молкот на македонските историчари на уметноста за „идејата“ за номинирање на Курбиново за светската листа на културно наследство на УНЕСКО (но, за тоа, во некоја идна прилика). Кој тоа донел таква одлука, (повторно) „дрим тимот“ на Министерството за култура, и за тоа ли се „решавало“ онака, преку колено? Како тоа на јавноста и’ бегаат сите тие важни за културата моменти, ама за други бизарни теми трошиме денови и недели?

ИГРА НА НЕРВИ ИЛИ ИГРА НА ФАКТИ

Во контекстот на поддршката што целата држава ја добива од одделни европски земји, од сериозни научници (вклучувајќи и бугарски, се разбира), ене и Холандската амбасада објавува дека е лажна вест поддршката на таа држава на бугарското вето, истото веднаш го прави и Данска, а не е чудо сега во низа да се редат и останатите членки на Европската унија, пак останува истото прашање: и што? Пак ќе испадне дека и сега, денес и тука, сите не’ поддржуваат, ама ете – виѓи врага – се појавува една Бугарија и се’ оди бестрага!? И сите се беспомошни, се тресат пред крунските „аргументи“ и „вистини“ на таа држава а ние сепак сме само мали манипулатори и крадци на историјата, расипувачи на европски забави. Како ли Бугарија успева да ги убеди во своите „вистини“, (се) прашува ли некој? Или, може и обратно: зошто ние не успеваме да ги убедиме во нашите!? Кога слушам(е) некои наши официозуси од првата линија на фронтот, сега дополнети и со оној бившион премиер, прашањето изгледа непотребно, но сепак, повторно: сме ги сработиле ли сите претходни домашни задачи за да бидеме барем рамноправен учесник во процесот а не да трчаме по настаните? 

Се покажа дека барем две (важни) не сме сработиле – онаа за „(не)безбедносниот проблем“ и онаа за важниот „американски џокер“. Третата, историската, уште помалку. Барем така изгледа. И не мислам тука на онаа реалната, онаа „учителката на животот“ на којашто сега се обидуваме да и’ го свиткаме рбетот, туку историјата како соседско искуство. Зашто, ако со некои од соседите навистина имаме „заедничка историја“, тогаш тоа е историја на подјарменоста, на ропството, а во поново време историјата на окупацијата во периодот 1941-1944 година. И ова е третиот битен аспект во успешноста на нашиот обид за нов „живот и приклучија“ кон фамозната Европа: третманот на поновата историја, на локално но и (барем) на регионално ниво. И тука сме, по се’ изгледа, најтенки зашто тука е неопходно читање, проучување (што на нашиве им е најтешко, се разбира) – иако не знаеме за што тогаш им служи онаа булумента советници! – и следствено примена на искуствата на соседите (Грција и Србија пред се’, но и една Унгарија, на пример) со односно кон „бугарскиот проблем 1941-1944“. И ова е можеби клучниот аспект, барем во нашата „одбрана“, пред судот на јавноста во Европа и светот, иако немам дилеми дека тие – таа Европа и тој свет – многу подобро ги разбираат сите историски аспекти и сите будалаштини што соседите ги вметнуваат во играта на нервите викана пристапни преговори кон Европската унија. И тоа е’ де факто игра на нерви бидејќи не е игра на факти. Ама ние мораме да ја смениме играта: играта на нерви е секогаш на страна на „посилниот“, во случајот на Бугарија, на која ама баш воопшто не и’ се брза и којашто, како што народски се вели, нема зорт. Ние имаме, иако не таков и толкав како што нашиве сакаат да го претстават. Но сеедно, еве да се согласиме дека нам ни се брза. Иако, кој брза – греши, а особено во меѓународните односи!

Како и да е’, ние мораме да играме со фактите, но не само со нашите туку и со фактите на соседите. Ако, како што вели онаа сериозна историја, Бугарската држава во периодот 1941-1944 година била – јавно, јасно, гласно и со (не)дела – на страната на Оската, што пак целосно и неотповикливо ја идентификува (и) со фашистичката идеологија – според (не)делата а не според самочувството – тогаш трагите на таа историја ги има не само кај нас туку и во регионот. Ги има пред се’ во Македонија, но и во дел од Грција и во Србија (источниот дел). Следствено, знаеме ли како тој период е третиран во (на пример) учебниците во Грција, во историските книги, во државната историографија? Или, како тоа е третирано во Србија? Дали навистина во нивните учебници и историографија се премолчува овој период, се премолчува окупацијата на еден дел од нивната територија… ? Сигурно не, но следствено: како тоа Бугарија немаше забелешки за започнувањето на пристапните преговори на Србија? Или, во истиот период, цела Војводина е окупирана од унгарски фашистички војски. И мислите дека тоа е премолчено во српската историографија? Ама ни Унгарија немала ништо против Србија да ги започне пристапните преговори! Или, ако ја оставиме настрана Бугарија, во сите овие земји јасно и гласно се пишува за германска окупација, за германски (фашистички односно нацистички) ѕверства. Ене ви го Крагуевац, каде се вели дека стрелањето на цивилното население го направиле „снаге нацистичке Немачке 19, 20. и 21. октобра 1941. године“! Во Меморијалниот парк стои и цел еден музеј посветен на настанот во којшто пишува се’, црно на бело, за тие стрелања. И? Зошто Германија не го блокираше отворањето на пристапните преговори со Србија? Или требаа барем да бараат бришење на позната песна „Крвава бајка“ на Десанка Максимовиќ? Или овие „историски приказни“ се само балкански специјалитет?!

Како и да е’, ако ние не ги поставуваме вистинските прашања, ако не ја кажуваме нашата „приказна“, ако не ја аргументираме со компаративни факти и аргументи на коишто ќе инсистираме и ќе бараме дециден одговор од ЕУ… тогаш доминантна (о)станува другата „приказна“, онаа измислената, извитоперената, и нивната игра на нерви наместо игра на факти. Оние бајки за различни истории се сепак само бајки, па и басни. Такво нешто не постои. Постојат различни интерпретации на историјата, ама и за тие има мерка, има рамка, има наука којашто поставува граница на толеранцијата! А ние дури се впуштаме денес да одредуваме наџионалност на поединци кои живееле не само пред стотина и дваесет години (Делчев) туку и пред десет века (Самоил). Извинете но тоа е сулудо и својствено на несигурни во себе и во своите знаења луѓе, групи, народи, истории… Кому тоа воопшто му треба? И зошто? Зошто ни е нам туѓото лудило?