Monthly Archives: November 2014

ХОКУС – ПОКУС

или

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (2)

1.

Паралелно со ригидното и неукото изедначување на културата со творештвото / уметноста, односно нејзиното целосно исклучување од другите битни општествени сегменти и процеси инхерентни на нејзината суштина, оваа „уметничка“ држава мораше да спроведе и (додуша аматерска) операција на прогласување на сите нејзини граѓани за уметници. Зашто така е најлесно, потоа не мора многу да се грижите кој е кој и што е што. Сите се уметници и кому и да дадете буџетски пари – не сте згрешиле. Ама во времето кога оваа операција беше спроведена – уште со Законот за културата – никому ни на крај памет не му беше дека ќе се појават такви мајстори што нормативната будалаштина ќе ја трансформираат во реалност и ќе ја експлоатираат до максимум.

Така и ја добивме втората наша правна и културна „иновација“ (на светско ниво, се разбира), со која што сите станавме уметници. Требаше само да создадеме – „авторско дело“! Наспроти толку енциклопедии и лексикони, наспроти толку напишани книги и достапни дефиниции, ние дозволивме полуписмени правници да ни објаснуваат што е тоа уметник, па дури тоа да го стават и како дефиниција во закон. Па оттука, само кај нас и само во македонската култура, „Уметник, во смисла на овој закон, е секое физичко лице кое создава  авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело, односно дело од народното творештво, независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн“. Хокус – покус, и ете „уметничка“ држава!

2.

Нормално дека една ваква измислица се коси со сите познати и признати дефиниции за поимот уметник, ги поништува, ако сакате и навредува вистинските уметници поистоветувајќи ги со цела низа неуметнички односно нетворечки активности, дури несогласувајќи се и со сопствената дефиниција за кулурата. Зашто, истиот законодавецот веќе рекол дека „културата, во смисла на овој закон, ги опфаќа: творештвото, објавувањето на уметничкото творештво и заштитата и користењето на творештвото“, односно создал неколку видови творештво. А овде за уметник го признава само оној кој „…создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело …“! Тогаш, значи дека оние кои создаваат обично творештво, не се уметници? Ама се творци и „припадници“ на дефиницијата за култура? И сето ова стои во Законот за култура веќе седумнаесет години и никому не му пречи?! Со една ваква (озаконета) „дефиниција“, Македонија стана единствена држава во светот кадешто живеат два милиони уметници. И кога на времето многумина говоревме дека лудилото наречено Закон за културата кога-тогаш ќе ни дојде до главата, повеќето се смееа. Можеби и имаа право зашто кај нас, обично, законите остануваат мртво слово на хартија. Ама не можеле да предвидат дека ќе се појават и такви „стручњаци“ кои ќе ја намирисаат шансата и ќе креираат до крајност первертирана „уметничка“ стварност и систем низ којшто ќе можат да реализираат се’ што ќе намислат. Ќе можат певаљките да ги прогласат за уметнички, препишувачите за писатели, молерите за сликари … секоја шушумига која ја научила азбуката или умее да изрецитира една детска песничка ќе стане уметник по сила на закон. Министерството за култура ќе стане виртуоз во растегнувањето на локалната дефиниција на уметник, па во неа веќе можете да ги најдете сите заскитани џабалебароши, сето она и шуто и рогато кое што, мерејќи ги секојдневно улиците, видело шанса за „афирмација“. Така, впрочем, кај нас уметници станаа и сите забавувачи – и естрадни, и кафански, и циркуски – а во еден налет истото Министерство, низ познатата им „акција“ за откуп на ликовни дела, ни прогласи дури 54 уметници од исклучително значење за македонската уметност! И сите (ќе) ги полнат џебовите со буџетски пари, сите се редат во редицата за државни награди и пензии, и којзнае што друго не’ чека.

3.

Што всушност ние бараме од „физичкото лице“ за да го крстиме уметник и да го честиме со пари од буџетот? Речиси ништо, односно и тоа што го бараме, како да не го бараме. Бараме прво да „создава авторско дело од областа на уметничкото творештво“. Ок, убаво. Ама никој, никаде, не објаснува што е тоа „авторско дело“! Дали домашните шкртки на некоја будала, по можност убаво врамени и дотерани ко за изложба, се – авторско дело? Апсолутно, тоа никој не може да го порекне зашто тие се негови и само негови шкртки. Дали се пак „авторско дело од областа на уметничкото творештво“? Повторно – да, зашто тој сака така да ги гледа и така да ги претставува. И кој може тука да спори со него?

Второ, „физичкото лице“ односно некоја наша локална будала ќе се трасформира во уметник по сила на законот и ако „изведува авторско дело, односно дело од народното творештво“: Види мајката. Значи, ако истата будала со шкртките, туширајќи се во недела, почне да ја пее „Македонско девојче“, тој повторно, сега по друг основ, станал – уметник. И повторно му следуваат пари од буџетот, зашто тој ќе приложи докази дека секоја недела ги „изведува“ (наизменично) „Македонско девојче“ и „Раке пуке, раке шлаке“, дека комшиите го слушаат – што ќе рече дека тоа е јавна изведба – и дека дури му го одобруваат тоа бавење со уметноста. Му аплаудираат или го пцујат, сеедно. (Пцуењето може да го претстави како завидлива реакција). И веднаш аплицира на конкурс (ако нема посилна врска да добие пари заобиколно) да сними ЦД, па може и видео спот, па учество на фестивали … ехеееј, кај му е крајот.

Истата ситуација се пресликува безмалу во сите творечки области, без исклучок. Можеби е малку потешко кај филмот, иако денес и таму прифаќаат и филмови со слика без тон, или со тон без слика, па фамилијарни, па маалски, па ученички филмови, дури и филмови „снимани“ со мобилен телефон … За партиски нарачани да не правиме муабет. Тие најглатко поминуваат. Ним им се даваат пари и директно, во џеб, од највисоките инстанци. За да направат поголема „уметност“ која што, подоцна, ќе можат да ни ја препродадат и како нивен личен бунт против власта. Или ќе можат да ја прекројуваат – некои тоа помпезно го нарекуваат автоцензура – за да се гледала и како наставно помагало!

Но, неприкосновени се писателите, односно „писателите“. Е со нив нема конкуренција. Која мајка изгубила дете – ене го во ДПМ. Во 1947 година почнале со осуммина, сега бројат над 350. Иако почитуваниот Гане Тодоровски во една прилика вели дека „општествениот статус на уметниците, па во тој ред и на творците од областа на литературната уметност, се’ уште, со словото на законот, не го врзал вниманието на државата“, згрешил. Многу згрешил. Зашто ваква „уметничка“ држава не ќе најдат на друго место. И тоа „независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн“.! Што пак заслужува посебен коментар.

4.

Значи, единствениот услов да се биде уметник кај нас е да се „… создава авторско дело од областа на уметничкото творештво или изведува авторско дело …“. Нашиот „уметник“, велат правниците, станува уметник по кратка постапка, само врз основа на авторското дело, „независно од образованието, правниот статус, регистрацијата, државјанството, друг вид припадност итн.“. Така и треба. Оние што учат уметнички школи во неколку степени се идиоти. Само си го губат времето. Кај нас не треба диплома за уметник, така барем велат правниците во Министерството. А и полесно им е – кој ќе проверува какво образование имаат циркузантине, па молерине, па препишувачине …  На нашиот современ „уметник“ уметноста не треба ни да му биде занимање / професија, или основна работа, или начин на стекнување средства за живот. Не, нашиот „уметник“ може комотно да си се занимава со што сака друго, може да си оди на работа пет дена во неделата – да биде банкарски чиновник, да чисти улици, да дреме по кафиќи – а во викендите, за да не му биде здодевно, ќе се бави со „уметност“. Онака, из чиста мира. И плус – ќе заработува добро, дополнително, односно многу повеќе отколку со неговата основна работа. Иако, всушност, со ваквата наша „уметничка“ политика, повеќето македонски викенд-уметници ја баталија основната професија, ако воопшто ја имаа, и преминаа целосно во уметничките води. Повеќе се исплатува. И полесно е. Нит’ некој те гледа, нит’ некој те контролира. Само изјавуваш дека си уметник и – готово!

И не дај боже да им приговорите на тоа празноглавите правници за вакво нешто. Веднаш од ракав вадат примери како Ван Гог, Чарли Чаплин, Емил Зола итн. Небаре кај нас секој ден се раѓаат ван гоговци, чаплиновци, золовци …

5.

Но, повторно, она што навистина зачудува е индиферентноста на останатите македонски творци од сите профили – ликовни уметници, писатели, режисери, актери, музичари … Оние кои што не само што можат да се пофалат со „авторско дело“, туку и со сериозно уметничко образование, со опуси во кои што се нотирани бележити резултати, со врвно оценети настапи и пред домашната и пред странска публика итн. Како е можно тие молчаливо да гледаат како шарлатани им го обезвреднуваат трудот и знаењето, како бирократине во Министерството за култура ги изедначуваат со кафеанскине  забавувачи и уличнине голтачи на оган, како државата константно ги угнетува преку вешто (о)смислена нелојална конкуренција? Која што, впрочем, во нормални услови и во нормални држави, не е ни конкуренција, но во македонскиве налудничави прилики е лумпенпролетерски „творечки“ бран што им ги јаде парите!

„УМЕТНИЧКА“ ДРЖАВА (1)

1.

Не знам што е поточно: дали наводниците да стојат кај зборот уметничка, или пак кај држава. Точно е, веројатно, и едното и другото, ама бидејќи овде акцентот сепак ќе биде на уметниците, тогаш подобро наводниците да ги поткрепуваат нив. Иако и државата ни е држава со наводници. Барем во културата.

Но, од друга страна, ако се следат званичните соопштенија, изјави, мислења, статистики, анкети … ние сме не само уметничка држава и асли држава, туку сме и меѓу најдобрите во светот. Во се’. Ич муабет да не правиме за економија, за бизнис клима, за едношалтерски систем, за земјоделие, за култура, за уметност, за филм … Уште некој да ни поверува! Ама важно е самите да си веруваме во сопствените соопштенија! А дал господ, има и такви што веруваат. Кај нас.

2.

Некако однапред знам дека нема да има никаква практична полза во разбиструвањето на македонските културни и особено ументички „дилеми“, зашто веќе подолго време ме „притиска“ мислата дека ние всушност и не сакаме да ни биде подобро. И генерално, но особено во културата. Некако, како да влечеме некаква таинствена мазохистичка жичка низ деценииве, па и вековите, која што не ни дава сериозно да се зафатиме со проблемите, туку ги пикаме под тепих, ги премолчуваме, ги пренесуваме од година в година, од деценија во деценија, препуштајќи им ги одлучувањето и управувањето (и со културата!) на дилетанти и незнајковци, на манипуланти и анафалбети, на понављачи и полуписмени … Како да уживаме некој да не’ тормози со сопственото незнаење, да не’ шиканира со глупости и идиотизми, како да мораме да ги трпиме сите бесмислености што доаѓаат како готови „формули“ од нашиве недоквакани „функционери“. Ни еснафските здруженија, ни стручните асоцијации, ни квалификуваните институции – уште помалку умните поединци – не сметаат за потребно да ги постават нештата на своето место, да објаснат што е што, а што не е тоа што се претставува дека е’. Токму заради тоа кај нас дивеат државните органи – во случајов непрежаленото ни Министерство за култура, ама и сите други – пропишувајќи ни норми и поведение, поставувајќи ни правила и делејќи аутистични лекции, иако сто пати досега биле фатени во незнаењето, во глупоста, во идиотските местенки … you name it!

Последниве случувања со „акцијата“ за откуп на ликовни дела, па со Скопскиот фестивал и сите други „музички“ фестивали и фестивалчиња, со разноразни бесмислени „активности“ за божемната промоција на културата и сакатата поддршка на уметноста, се само врвот на огромната санта мраз. Под него се кријат тони ѓубре што чека да биде распретано, но и којзнае што друго што во моментов не можеме дури ни да си го замислиме. Зашто не мислиме со такви тупави глави. Или, како што вели народот, што една будала ќе замрси, сто паметни не го одмрсуваат!

3.

И последното нивно „соопштение“ во врска со јавните реакции по повод наградите на Скопскиот и другите фестивали, по повод нивното шарлатанско вреднување на вистинскиот уметнички труд, ја покажува целата нивна глупост, неписменост, незнаење … но и нашата инертност, неподготвеноста да реагираме, мазохизмот, неспособноста да си ги одбраниме сопствените творечки интереси.

Нивната наводна грижа за уметникот, за творецот, или како се’ го нарекуваат, е само форма на класичен поткуп со којшто се (пот)купува мирот (и) во културата. Заради тоа и сите овие „акции“ за (п)откупи вакви или онакви, сите оние огромни пари за божемни награди за триминутно врескање и скокање на сцена, (п)откупи за сценарија што никогаш нема да ја видат светлината на денот, астрономски хонорари за наши филмски диви (во буквалната смисла на зборот), сокривање / покривање на очебијните грабежи завиткани во културен целофан со розова машничка … Нашата (наводна) грижа за уметникот поприми навистина историско епски размери. Оној социјализам со човечки лик го трансформиравме во демократизам со „уметнички“ сурат. Сите, и шуто и рогато, одеднаш станаа уметници и се закачија на државната онаква. А таа – радодајка, таму секогаш има за секого по малку. За некои, додуша, и по повеќе, дури многу повеќе. Ама тоа другите не го знаат, па се задоволуваат со трошките. Односно капките. Иако, впрочем, во некое посериозно општество со цврсти стандарди и критериуми, тие не би ги добиле ни трошките / капките, зашто не ги ни заслужуваат. Ниту пак некој би ги нарекувал уметници, уште помалку би спроведувал озаконети „акции“ за да им ги полни џебовите. Онака, континуирано, по неколку пати годишно! И божем на конкурс.

4.

И овие, „уметнициве“, нормално, се задоволни. А кој не би бил? Ни во сон не мислеле дека ќе заработат толку од кафеанско фалш урлање по македонските фестивали, а згора некој ќе ги нарекува и – уметници. А да се само тие. Та зарем сето она ѓубре што се објавува со државни пари, или што приредува „изложби“, или дрнда по штиците театарски или пљачкосува низ филмските сетови … зарем сета таа збирштина некогаш можела да се надева дека ќе ја вбројат меѓу уметничката фела, дека не само што ќе користи државни пари за своите „творечки“ дткања туку и ќе им даваат државни награди. Највисоки. Појма немале дека таква среќа ќе ги стрефи во животот. Ама ете, ваквите „држави“ ги исполнуваат и најневеројатните соништа!

И луѓето не се виновни. Она што повеќе зачудува е токму мазохистичкото молчење на оние помалубројни сериозни творечки личности во македонската култура, оние на прсти да ги наброиш вистински уметници од сите профили кои молчаливо гледаат како овој културен лумпенпролетеријат константно ги ограбува. Од месец во месец, од година в година … со државен амин.

Она што социјализмот со човечки лик не успеа да го постигне – да ги приближи културата и уметноста до работниот човек, овој демократизам го прави ко од шега: си направи „уметничка“ држава. И „културна“. Со закон определи дека кај нас секој може да биде уметник, ако тоа го сака Министерството за култура, се разбира. И може да биде културен работник, дел од врвната култура во оваа држава. И тоа бре брате го спроведува доследно и континуирано. Секоја година, преку конкурс. И ајде најдете им мана?! И не е проблем само во она фамозно (или фантомско?) здружение на Сетинци и Попадинци што со години на ред се храни од културниот буџет, и не се проблем сите оние анонимуси чии имиња секојдневно ги читаме низ медиумите дека објавиле книга, направиле изложба, одржале концерт … добиле награда. Таквите дури и можеа да се издржат, ама веќе ги има стотици, илјадници. Секоја будала намириса дека оваа држава во културата дели пари „шаком и капом“ само ако исполниш одреден „критериум“ и навалија ко мутави на телефон. Трошки – трошки, капки – капки … ама само нека капе. И капе бога ми, ко низ решето. Некаде тече ко река, ама тоа главно се држи во тајност и се прераскажува низ „уметничките“ кулоари. Зашто ако проговорат гласно, отиде и таа цркавица што им ја фрлаат.

5.

Што е најинтересно, ова веќе и не се крие туку отворено се пропагира новата „уметничка“ држава. „Сите проекти кои се во програмата на Владата на РМ и Министерството за култура, сите стимулативни мерки со кои финансираме различни сегменти од творештвото, се реализираат исклучиво во полза на нашите уметници, на македонската култура и уметност“, гордо ечи од мегафоните на Министерството. И некој неупатен може да праша од кога тоа забавната и народната музика се „сегменти на творештвото“, и од каде, и од кога тоа естрадата стана дел од „македонската култура и уметност“, а кафанските пеачи – уметници!?

Ако пак на некој како Алаѓозовски му текне да им ги пикне под нос споредбените податоци за хонорарите или другите принадлежности кај писателите, ликовните уметници, во театрите … овие само вртат глава и се лутат. Ама податоците остануваат, токму оние дека, на пример: „писателите добиваат од 30 до 120 илјади денари за своите авторски дела, или од 500 до најмногу 2.000 евра. Еснафските награди на Друштвото на писатели се 30 илјади денари или 500-тини евра. Најпрестижната награда „Браќа Миладиновци“ не е повисока од 100 илјади денари или изнесува ни цели 2.000 евра! Ликовните уметници најчесто добиваат 30 до 60 илјади денари, или 500 до 1000 евра за изложби, само како продукциски трошоци. Откупот на дела варира до 1.000 евра. Режисерите на претставите не добиваат повеќе од 300 илјади денари или 5.000 евра, а костимографите добиваат до 1.000 евра. Значи, делото на писателот е до 40 пати помалку вредно од испеаната песна?“, итн., итн. Тоа е всушност вистинската македонска културна реалност, тоа е грижата и стимулацијата на оваа држава за македонската уметност.

Друга приказна е колку и меѓу овие има навистина сериозни творци кои заслужуваат државна потпкрепа, колку писатели би требало да ги добијат тие 500 или 2.000 евра, колку ликовни уметници би требало да ги добијат тие 500 до 1.000 евра поддршка за изложба. Проблемот на оваа „уметничка“ држава е тоа што и катагодишната бројка поддржани „проекти“ во сите области треба во старт да се преполови, па потоа списоците да се прочистуваат врз основа на сериозни критериуми. Па тоа што ќе остане, тие десетина книги, пет-шест изложби, две-три претстави … финансиски да се поткрепат така како што доликува на сериозни творечки потфати. Останатата боранија нека си бара друга работа! Културата не може и не смее да биде хотел промаја низ која што ќе шетаат секакви шарлатани.

КАКВИ ШАРЛАТАНИ!

или

ЗА ОТКУПОТ, ПОВТОРНО

1.

Просто е милина да се читаа „мислењата“ на македонскиве уметници. Како некој да ги клонирал, па сега ги гледате истите лица, но со други мозоци. Ама празни, или филувани со однапред подготвени лекции. И тресат ли тресат, онака, без срам. И без образ. Само добиваат нарачка – веројатно компензирана  однапред со некаква државна бенефиција – и се приклучуваат на системот. Како некогашните Титови пионерчиња си ја кажуваат научената заклетва, наизуст. Или можеби имаат вграден преклопник, па кога треба да тресат глупости во полза на државната „политика“ во културата, едноставно го притискаат преклопникот и веднаш се на друга фреквенција. Онаа аналогна со државните „политики“. Онака најбесрамно, дури и не поцрвенуваат, толку се извештиле. Без барем малку почит кон минатото и сопствениот удел во истото. Што луѓе ќе беа овие? И што ли си мислат, цел народ е глупав и им верува?

Се разбира, и оние новинарскине писарчиња добиваат задачки да форсираат божем жешки теми, но „жешки“ не заради нивната вистинска провокативност, туку само како алиби, како димни завеси за прикривање на вистинските состојби. А темата за божемниот државен откуп на уметнички дела е жешка до зла бога, треба да се гасне со „конструктивни“ мислења на нашиве „уметници“. И тие ко кленови, без око да им трепне, раскажуваат бајки за првоодделенци, обидувајќи се да го оправдаат неоправдливото!

2.

Нормално, при гаснењето вакви државни пожари обично снемува вода или истата се претвора во бензин што уште повеќе го распалува огнот. И се претвора во бумеранг. Запнале да не’ убедат дека со „откупот“ завршиле голема работа, и тоа ти е. Ама, велат, глуп народ, силна држава, нели? Или – глупи уметници, уште посилна држава?!

Нејсе, кои се сега најновите „тези“ што Министерството одново ни ги пласира, сега низ устите на македонски „уметници“, а со помош. повторно, на нивните мастиљави писарчиња. „Тези“ што треба, наводно, уште еднаш да ја зацементираат ваквата „откупна акција“, како што вели еден од учесниците? (Пази – акција!? За купување уметнички дела? Дури не им е ниту срам да кажат дека ги купувале како на Бит-пазар, преку дисконт акција!).

Една од основните тези, што повторно се потенцира и од писарчињата и од уметничињата (без оглед што некои се одамна со бели глави, ама се однесуваат како деца!) се триесетте години лошо менаџирање со македонските музеи (пази богати, требаше да дојдат ова неписмениве па да ни тргне работата!?) и наводното целосно игнорирање на македонските уметници односно нивните дела. Ништо, демек, не се купувало цели триесет години. И еве, денес, се потрошиле оооогромни 4 милиони денари, илити 65.000 евра. (Или, приближно толку колку што земаа за по три минути „пеење“ трите првонаградени на Скопскиот фестивал!).

Нормално, кога тоа би го кажувал некој од ова денешниве шиљокурани кои се самонарекуваат уметници, па и да не ти е криво. Ама кога еден професор, (или, во случајов, подобро речено „професор“), со сериозна творечка биографија, со веќе бе(ее)ла глава, со едно чудо изложби зад себе (во истите тие музеи!), со уште едно чудо презентации во странство (повторно преку истите музеи), е кога и тој „мудро“ ќе констатира дека „30 години немаше откуп на ликовни дела“, па дека сега „… ќе почнат да се следат генерациски разните кругови и движења што се случуваат сега“, тогаш, едноставно, човек онемува од срам. Од неговиот срам. Просто останува без зборови и објаснение до каде стасала понизноста, безр’бетништвото, … Какви црни „кругови и движења“, какви откупи, какви бакрачи? Како човек станува лесно расиплива роба, да се чудиш.

А само од него во Музејот на современата уметност има дванаесеттина дела, последените со понов датум (Космичка магија, 1987, рачно изработена хартија,92 х 62см; Охридски ангел 8, 1990, рачно изработена хартија, 73 х 107см), потоа сигурно уште толку во Националната галерија, меѓу кои и некои со уште понов датум! И сега, за кого служат бајкиве? За јавноста која што не е толку упатена во проблематиката, па ќе ја лажете како сакате?

Не дека мислам дека македонските музеи во изминатите децении биле менаџирани којзнае колку добро. Напротив. Можам да им најдат многу повеќе мани отколку овие полуписмениве можат и да замислат. Ама така да ги оцрнуваш токму тие што буквално те пласирале во светот, е тоа е малограѓанштина пар екселанс, тоа е понизност незапаметена на овие простори. Впрочем, како и неодамнешното фрапантно понижувачко  поклонение на еден друг наш реномиран уметник преку „изложба“ директно  во „претседателската“ палата. Вредеше ли, навистина, маестро?

3.

Втората теза, повторно на „професорот“, е уште „поиздржана“. Таа пак вели дека постарите уметници ја спуштаат цената на своите дела, што ќе рече дека свесно дозволуваат да бидат багателно распродавани. Ако не правеле така „ делата од младите автори нема да бидат земени предвид за откуп“! Брее, каква „солидарност“! Дали тоа значи дека и тие ги гледаат музеите како огромни хангари за отпад, па таму треба да се уфрли се’ што се наоѓа низ градов, а некоја будала го нарекува – уметност? Кои се тие „млади автори“ и зошто пак тие би требало да се најдат во музејските колекции? А да почнете да откупувате и „дела“ од предучилишна возраст? На децана од градинкине? Па и нив да ги зместиме во колекциите? Или директно во поставка, ако имате да препорачате некое внуче кое би ве наследило? Какви шарлатани, а сме ги мислеле сериозни!

Третата теза, овој пат искажана од релативно помлад уметник, е дека музеите во минатото откупувале дела само од едни исти уметници. Демек, „ Повторно се откупуваат дела од истите автори. Мое дело нема во ниту една од овие поставки … ниту од многу други автори од нашата генерација. Така беше во поранешните системи – од одредени автори има многу дела, од други – ниедно“. Замислете колку страшно: правеле селекција. Што е, нели, недозволиво ако станува збор за музеи, особено национални. За нашиве „стручњаци“ националното, особено во уметноста, веројатно подразбира дека тука влегува се’ што вирее на оваа земја, а се гледа себеси како уметност. И мора да се најде директно во музеј. Ама и тука ние повторно имаме среќа. Мала земја сме, со мал број жители и веројатно не толку голем број такви кои себеси се гледаат како уметници. Затоа и може сите да се соберат во музеите. Ќе ги редиме во хангари и подруми, како туршија. Ама замислете една огромна Германија, да не речам Русија, или Америка. Замислете кај нив да почне да се пропагира тезата дека музеите мора да откупуваат од сите уметници. Каде ли ќе најдат толкави складови?

4.

И, се разбира, на крајот најважната поента. И таа од еден наш гооолем светски познавач на уметноста, особено париската. Врти-сучи, како да се оправда буквалната распродажба за 1-2 илјади евра по дело, мора да се смисли „валидна“ теза, а таа е дека – реална цена на ликовно дело не постои! Ма види мајката, како тоа само ние умееме да смислиме такви идиотски тези. Па згора на тоа, не’ убедуваат дека ние всушност не живееме денес, туку некаде пред стотина години, во некое друго минато, па така треба и да се однесуваме. Затоа и не постои реална цена на делата, „исто како што не постоела пред 50, 100 или 150 години. Можеби сега вреди малку, утре ќе вреди двојно повеќе“!

Впрочем, јас верувам дека многумина кај нас во умот се како пред 100 или 150 години. И нека си останат, ама не знам зошто цела држава ја тераат во минатото. Па уште и солат памет. Како ли овие мустри денес ги гледаат аукциските куќи од типот на „Сотби“ или „Кристи“, како ли ги гледаат сериозните светски галерии и музеи коишто точно знаат да ја определат цената на секое поединечно дело?! Како SF, како нешто од далечната иднина? Ама малку ни било тоа, па требало уште да ги гледаме и „околностите во кои живее авторот“. Ма није ваљда, па уште да им бараме и социјална карта, да им испитуваме можеби семејни корени, потекло на имот, или прво да ги лустрираме, или … што да им правиме? Па вие нормални ли сте? И што мислите да правите од македонската уметност? Циркус? Па сегашниов мал ли ви е, ви треба поголем?

НЕГОВОТО ВИСОЧЕСТВО – СТИРОПОРОТ!

1.

Беше само прашање на време кога стиропорот ќе биде воведен и во македонските музеи и галерии како „творечки“ материјал што ќе послужи како (наметната) „адекватна“ замена за другите, поскапи материјали. После македонската квазиархитектура, онаа која што будалана ја гледа како  „… најамбициозниот, најмонументален и најшокантен културен и градителски проект, не само во историјата на Република Македонија, туку и во општата историја на македонскиот народ, од изградбата на незаборавната Александрија, поставена на делтата на Нил во времето на Александар Трети Македонски, наречен – Велики, па сè до ден денес“, нормално беше тоа да го очекуваме и во уметноста. Се разбира, кога ваквите шизофрени ејакулати во македонските интелектуални септички каналчиња стануваат основно, да не речам манифестно, четиво за цела една групација луѓе, тогаш кичот станува уметност, стиропорот уметнички материјал, а будалите – интелектуалци!

Но, кога тоа би бил единствен проблем на македонската уметност / уметници, што како вејки се поведуваат по јалови „шамани“ и полуписмени идиоти.

Како и да е’, велам, само прашање на време беше кога и новооткриеното „чудо“ (како само ние успеваме одново и одново да се одушевуваме со такви будалаштини?!) ќе влезе во галериските простори како рамноправен материјал со дрвото, бронзата, мермерот … Но и тоа е само уште една, нова но не и неочекувана, алка во (само)убиствениот синџир што македонскиот уметник настојчиво си го врзува на вратот.

2.

Не дека имам нешто против стиропорот како материјал. А впрочем што се’ не се нагледавме низ светските музеи и галерии, какви се’ (отпадни) материјали не беа промовирани како адекватен избор на уметникот. Од измет до трева, од ѓубре до полиестер, од ќумур до дијаманти … И сето тоа, често, со статус на промислен и обмислен исказ, валиден творечки избор релативно лесно објаснив во вкупниот уметнички дискурс.

Во еден ваков контекст, Исмет Рамичевиќ беше еден од малубројните  инвентивни уметници кои во минатото умешно користеа „ефтини“ материјали за својата уметност – од весници до трски – „оплеменувајќи“ ги низ творечката идеја до крајниот резултат. Односно, делото го „покриваше“ материјалот, ја оправдуваше неговата употреба. Денес, во најновата изложба на Рамичевиќ насловена „Насока“, за жал, инвентивноста како да се истрошила токму како и (делумно) употребениот стиропор. Што ќе рече, овој материјал, денес и кај нас, е повеќе израз на сиромаштија и неинвентивност, а одраз и на вкупните состојби во македонската ликовна уметност, истрошена како и употребениот материјал. Рамичевиќ повеќе од сите би требало да ги знае карактеристиките на тој материјал – не задолжително и неговите симболични значења денес – односно дека тој материјал не е и не може да биде употребен секаде и за се’. Особено не како замена (како кулиси?) на некои поскапи материјали. И токму затоа околу сегментите од стиропор на неговата изложба ќе гледате отпаднати, искршени парчиња, коишто секако не се дел од „концептот“, ќе гледате форми што требало да бидат (од) нешто друго, ќе гледате – замена за уметност!

3.

Но тоа не е единствениот проблем на Рамичевиќ на оваа изложба. Кај него, овде во Чифте амам, има генерален проблем со целиот концепт, со амбицијата да се „покрие“ простор од (огромни) 1.200 квадратни метри, да се развие некаква разбирлива „приказна“. Премногу разбиени сегменти, премногу различни неповрзани делови, отсуство на некакво разбирливо врзивно ткиво, мешање на материјали и искази … сето тоа е повеќе од јасно читливо во оваа изложба која што збунува уште со насловот. „Насока“ – кон што, или за што, кога како прва глетка ве пречекува еден импресивен  предимензиониран куршум (инвентивно, умешно изработен и едно од малкуте впечатливи парчиња на изложбата), а потоа лево и десно се губите во различни парцелисани сликички што (ни симболично) малку, или ништо не значат.

Премногу (залуден) напор и растеглива до зла бога имагинација е потребна во овие нарации на Рамичевиќ да се откриваат „принципи на создавање и уништување“ (освен, се разбира, куршумот, ама тој е крајно недоволен и стои како сам за себе), уште помалку пак „евокација на симплифицирана човечка фигура, тешка индустрија и нанотехнологија“ (?), а најмалку „морбидната страна од човековата природа“. Мислам дека Рамичевиќ се обидел да раскаже некаква друга приказна. Можеби и грешам, ама повторно, кој ѓавол значи насловот „Насока“? Со еден огромен, па еден помал куршум, па сите оние вертикали (де од светлина, де од железо со cd-a, па топка за пилатес, па сад со вода (а вода не тече од никаде!) врз стиропор, па … за да на крај дојдете до просторија каде гледате еден издишен самоправски „балон“ со „нешто“ внатре. Е тоа „нешто“ внатре да ти било јаболко (?) ама можело да се види само на отворањето, после тоа не го пумпаат „балонот“. Мислам, сакам кажам – не знам речам!

????????????????????????????

4.

За жал, и овој пат, по којзнае кој пат, се потврдува старата приказна со преголемата самоувереност на македонските уметници, со стекнатото во социјализмот чувство дека тие се „најбољи“ во регионот, а дополнето денес дека тие се центар на светот. И не можете да ги разуверите дека тоа не е баш така. Дека веќе не палат импровизациите од стариот тип, дека е непочитување на публиката и стручната јавност презентација на такви „уради сам“ нејасни „проекти“, дека им е неопходна консултација со сериозни куратори во процесот на подготовките и финалната работа … дека „крпен живот“ е само стара литература, а не и современа уметност.

Проекти од овој тип, што треба да исполнат цели 1.200 метри квадратни простор, изискуваат големи средства и не трпат стиропорски субститути. Проектот или го правиш, или – не. Мермерот не се заменува со стиропор, ако требало да тече вода – нека тече, или нека го нема садот, ако треба да има балон, нека го има, а не некаква бедна издувана замена … Факт е дека одамна македонската уметност добива само буџетски трошки за презентативниот дел, зашто на оние тутурутки во Министерството им е поважно тие да се сликаат на прес конференции за секакви глупости. Ама, и уметниците седат со нив, па и Рамичевиќ на пресот за откупот на скулптури. Зошто никој не проговори тогаш со какви средства располагаат за нивните изложби? За разлика од некои други пулени кои се расфрлаат со пари, не знаат како да ги потрошат? „Данокот на молкот“, што вели Геровски, ќе се плаќа и на овој начин – со стиропорна уметност!

5.

Но, стиропорните проблесоци, метафорчно кажано, понавме да ги гледаме безмалу секој ден, на еден или на друг начин, низ нашиве музеи. Особено кога „изложби“ работат стиропорни „стручњаци“, како оние од самонаречениот Театарски музеј, илити „музеј“ без ништо свое, ама со големи амбиции да прават изложби, во туѓи простори. (Можеби повеќе им одговара називот Татарски музеј, зашто се агресивни ко Татари?!). Кој не верува нека оди да види што смислиле во Даут пашин амам, апропо изложбата на Цицо Поповиќ, кого го направија (за жал не само они!) безмалу македонска ликовна легенда. Се разбира, неговите карикатури се извонредни, ама тоа се сепак – карикатури. Како впрочем и „делата“ на т(е)атарскиве „музеалци“, кои смислиле личните работи на Цицо да ги вкалупат во – гобленски рамки! Свака част, гобленски „стручњаци“, каква т(е)атарска  инвенција, каква иновативност! Да се јавевте, ќе ви дадев уште неколку рамки, онака, да ви се најдат за идни изложби!!!

????????????????????????????

6.

За среќа, има уметници како Ботев (Атанас) кои не потпаѓаат под вавки стиропорни влијанија ниту пак им дават на т(е)атарски „стручњаци“ да им се плеткаат во изложбите. Неговата изложба во „Мала станица“ е мињонче, освежување за очите во сивилото на македонското уметничко секојдневие. Луциден и смел како и секогаш, мајстор во цртежот, Ботев не ги штеди од личен коментар нашите глупости. Дрзок, ироничен, интригантен, актуелен … локално и глобално … Ботев мајсторски ги поврзува настаните и со личните „импресии“ и „коментари“, дури и најактуелните (реалната опасност од директниот влез на ГМО во земјава!), но и нашите повеќегодишни парадоксални „аспирации“ (членство во ЕУ). И во неговите дела секогаш успеваме да се препознаеме, иако често со кисела насмевка.

БОТЕВ

МОЛЧАЛИВА ДРЖАВА

1.

Два случаи: едниот (директно) на Унковски, вториот (индиректно) на Ирена Паскали. Уметнички, за неуметнички нешта. Две приказни, толку различни а толку слични по конечниот исход. И инвентивноста на г-дин Геровски да го „крсти“ првиот случај „Данок на молчење“. А се однесува на двата случаи, неспорно. Иако, преносно, се однесува на целата држава и нејзината историја – барем онаа познатата – така што ние комотно можеме да му предложиме на Нимиц да не’ викаат Молчалива Република Македонија. Erga omnes. Или: Република Молчалива Македонија, сеедно! И сите ќе знаат за која држава се работи. Народот, следствено, ќе се вика: молчаливи македонци. И повторно сите ќе знаат на кој народ се однесува. На пасошот ќе имаме онаква сликичка каква што често се гледа на флаерчињата за на врата по хотелите: прст на устата! Ќе ни личи, многу повеќе од сегашниот безличен паспорт.

ТИШИНА

2.

Прв случај: не сум склон толку да го критикувам Унковски за искажаното мислење. Многумина, па и г-дин Геровски, сметаат дека е задоцнето. А сепак, не е презадоцнето. Зашто ние веќе мораме и така да ги „мериме“ нештата. Зашто кај нас веќе ништо не е нормално. Сите нешта што во цивилизираниот свет се сметаат за нормални, кај нас не важат. Ние сме башка свет.

Ако не повеќе – барем реагирал, нешто кажал. Други, како во примерот што го посочи повторно Геровски пред извесно време, а се однесува на нашиот „академик“ со постојано живеалиште во Лондон, нема никогаш (или барем во догледно време) да реагираат. За ништо. Тие имаат лична агенда. И работат според неа. Штиклираат една по една завршена работа. Не ги боли уво што им се случува на другите. Важно тие, и нивните, се на безбедно. Впрочем, како и многумина негови колеги „академици“ тука, а и целата македонска интелектуална „елита“ која конечно си го покажа вистинското лице, кои трите мајмуни – оние од кои едниот не гледа, другиот не слуша, а третиот не говори – си ги носат под мишка, или в џеб, како амајлии против уроци. Или како легитимација. Може да не’ викаат и Државата на трите мајмуни. Би ни одговарало.

Ама Унко сепак не е од таа сорта. Никогаш и не бил, што е право. Веќе гледа дека ѓаволот ја однел шегата. Иако одамна веѓе не е шега, а патем запусти едно чудо луѓе. Но сето ова може да се гледа и како некаква осовременета, (пост)модернизирана македонска историја што се повторува веќе којзнае колку векови. Во матни времиња, во невремиња, меѓу два остри воденички камења што мелат „до коска“, најдобро е да се носи мајмунестата амајлија во џебот. И да се покажува кога ќе затреба. Фактот дека курбан ќе оди едно чудо народ, и „вино и невино“, фактот што некои налудничави аџиевци и други „евци“ и „овци“ ќе се размавтаат низ државичкава со нивните одмазнички полуписмени прстиња, сето тоа нема врска. И повторно: кој нормален народ ќе дозволеше среде град да му подигнат споменик на Ќосето? И како ли онаа власт, за која што велат дека била ненародна, одмазничка и не-знам-каква, го оставила тој ретардиран монструм жив до 1953 година?

3.

Тоа што Унко реагирал не е некакво изненадување. Ама ќе биде, односно веќе е’, кога се јавуваат разноразни познати бараби па сега солат памет за демократија, човекови права итн. И допрва ќе се јавуваат, сите до еден. Ќе ги дочекаме, впрочем. Со уживање, зашто не ќе им е прв пат. Иако сега примаат плакети и не знам што, глумат ноншалантност, недопирливост, „зашто кој ќе ги составува прашањата за мојот предмет“? Е немало таков, па ќе спие(ме) мирно. А другите, кој ги е..! Заборава дека, ако затреба, прашањата ќе ги составува вратарот. Зашто, како што вели онаа, сега е битна девизата: „само тој што мисли е слободен“. Што ќе рече, не е важно што и како мисли, ама само нека мисли. Е па ќе (с)мисли!

За жал, расправиите од овој тип допрва ни претстојат. Иако и тоа е веќе видена работа. Од векот, кај нас. Допрва (ќе) следуваат „освестени“ и „обесправени“, допрва ќе ги слушаме жалопојките на сегашниве стиропорни пулени, на актуелнава неизмиена „интелигенција“, на целиот овој шљам кој продава онакво за бубрези. Ќе гледаме плачни директорчиња (кои ни директорувале, ниту пак знаат што е тоа), размрсулавени добитниците на награди за животно дело (кои во животот ни создале, ниту пак знаат што е тоа дело), носители на секакви награди и признанија (кои не заслужиле ни името да им се спомне) … како одеднаш, како провидение, им се укажуват сите сегашни неправди. Ќе се редат километарски редици на тие што утре ќе имаат што да кажат, иако цел живот го поминале молчејќи, ќе се изнаслушаме лични исповеди за „обесправеноста“ и „угнетувањето“ на сегашнава интелектуална „елита“, тиради за командни одговорности, за наложени задачи што морале да се исполнуваат … Како што, впрочем, тоа било и по 1903, и по 1945, и по 1992, и по 2006 … Тоа е таков бучкуриш, што би рекле некои, таков шљам. И секогаш ќе имаат оправдувања за своите (не)дела!

4.

Нејсе, вториот „случај“ ми е повеќе по ќеиф. Гледам како се раскокодакале, како кубат коси оние истите мустри кои до вчера мува не ги лазеше што и како им се случува(ше) на уметниците што „не се нивни“, на колегите кои не беа „нивни“ па не смееа да работат, на сите кои заради едни или други причини некако им пречеа. Собрани од улица со книшки наместо книги во главата, или под мишка, ги седнаа во столчиња и ги направија главни кураторчиња. Како да тоа се случувало баш така, со декрет од типот „ти – то“. И тогаш се’ беше безмалу идеално, немаше цензура, нели, имаше пари и државна воља за сите нивни будалаштини, ни ги претставуваа „нивните“ шестокласни „уметници“ како најдоброто од Македонија, им правеа ретроспективи и на дилетанти кои немаа ни две самостојни изложби …

Е ама сега, виѓи врага, во Македонија имало цензура. Ја откриле Америка. И тоа кој, туку некаков „институт“ ала држ ме мајко. А порано цензура – немаше, нели? Или таа падна од небо пред две години, прво врз грбот на ОПА, за да организаторите – оние од галичкине села – си направат фешта за да ја скријат неспособноста и да ни кажат како, ете, уметниците не можеле да си го постават делото. Ама кога го кинеа постерот на Ботев, на пример, е тогаш овие спиеа, е тогаш немаше цензура. Или овие „слободоумниве“ тогаш беа зафатени со „претставување“ на македонската уметност некаде, во некој подрум, или во некое културно уметничко друштво. Тогаш немаше цензура, па немаше ни потреба да реагираат. Или кога само тие, заради книшките,  беа од бога дадени да работат, а друг освен нив не смееше да направи изложба, и тогаш ли не им текнуваше дека нешто не е во ред? И кога упропастуваа се’ што пред нив некој сработил, кога институцијата ја направија селска депонија, и тогаш ли не гледаа што се случува?

Ама денес, еве, сите треба да се чудиме како и зошто делото на Паскали не можеле да го постават таму каде што сакале. И треба да сочуствуваме со нив, можеби, да ги жалиме? И замислете, покрај недолжната Паскали, и „институтот држ ме мајко“ да ти бил цензуриран? И кој тоа се осмелил да ги цензурира цензорите? И како тоа некогашниве полнокрвни цензори не дозволуваа да им промакне проект со најмали, минимални критички зборови за македонската ставрност, а сега, виѓи врага, морало „уметниците и културните работници да се авто-цензурираат во иднина и да не третираат општествено-социјални дискурси со критичка нота“. Ма не е можно. Па зарем во таква држава живеме, а не сме знаеле?! И зарем е можно овие навистина да мислат дека некој му верува на ова презадоцнето кокодакање? Или сочуствува со нив? Или дека некој навистина ќе поверува дека тие, одеднаш, тооолку се загрижиле за општеството, за уметниците, за уметноста …? И како тоа тие, преку ноќ, станаа „општествено одговорни индивидуи и групи на граѓани, свесни за состојбите во кои живееме“? Па како до вчера не бевте свесни? И како тоа овие шалабајзери буквално преку ноќ станаа толку свесни и одговорни? Ај сиктер!