Monthly Archives: February 2024

Тивко умирање на рати

Воопшто немам намера да се впуштам (како оној „аналитичар-проценител“ пред некој ден) во елаборација за и околу оваа збирштина којашто – со чесни еден-два исклучоци – себеси сака да се гледа, ни помалку ни повеќе, туку како потенцијален претседател на Македонија. Тоа што најголемиот дел од нив не би бил квалификуван ни за претседател на некој куќен совет, не го менува многу фактот дека тие, во нивните „биографии“, ќе запишат дека биле кандидати за претседател на државата. И тоа ќе го раскажуваат на внуците, некои можеби и на правнуците… Доволно е да го слушате оној Османи на поткастот на Плусинфо и сѐ да ви стане јасно. Ако до сега не ви било, се разбира. И замислете да имате таков претседател, синоним на чиста манипулација, наопаку поставени тези, флоскули и измислици, со енормна и со ништо непоткрепена суета…, страотно!

Згора, не се срами дури ни да нѐ „просветли“ дека „Ако и на овие претседателски избори се покаже дека етничката припадност кон мнозинската заедница е клучна за изборот на шефот на државата, тоа ќе покаже дека имаме проблем што мора да се реши“ (sic!). Ние, не тие, ние ќе сме имале проблем ако не го избереме баш него. И тоа ни е единствениот сериозен проблем во државава. И Русија, се разбира, зашто сите ние – македонците, се разбира – јавно или тајно работиме за Путин. И дома чуваме негова врамена фотографија. Голема или мала, сеедно. Сите ние освен онаа клиентела што јавно одработува за него и неговите пајташи во двата коалициски етнотабори!    

Што, можеби, некој ќе го види само како локален моментен фолклор, но од историска гледна точка идните проучувачи ќе бидат фрапирани од целосната неодговорност на македонската јавност кон сопствената земја, сопствената иднина, кон идните генерации. Зашто, замислете, врз овие осум, плус претходнине единаесет (во коишто овој лик повторно беше – министер), уште пет нови загубени години? Да, тие не се којзнае што во однос на „вечноста“, ама во овој важен миг, во ова премрежие, изборот на Османи да ни е единствениот проблем? Или некому му треба токму ова и вакво распродавање на сегашноста и иднината и тивкото умирање на рати на оваа држава? 

Па дури нека претседателската трка биде и ваков провинциски циркус, нека има толку „кандидати“ ако тоа го поткрева нивното самочувство – или привидот за истото – на важност во рамките на партијата, семејството, пријателите, работното место итн. Што би рекол Ворхол, секој во животот ќе биде славен барем пет минути. Но, ова ли се тие нивни пет минути? Па добро, нека им се. Но, ако на Фатиме Фетаи слепцине во Советот на јавни обвинители ѝ бараа документ за познавање на македонскиот јазик и деловна способност за да биде јавен обвинител, зошто тоа никој не го бара од претседателскиве „кандидати“? Или во државава е поважна функцијата на јавен обвинител од – претседател? Или, ако баш сакате, не треба ли, не е ли дури неопходно да се бараат и поспецифични здравствени потврди? Или ние навистина си играме избор на претседател?

Но, претседател на што, на државата? На која држава? Оваа каде техничкиот премиер влетува во канцеларии на администрацијата и воведува некаков негов „ред“; во која три месеци пред избори се носи (со европско знаменце!) закон за очебијна медиумска корупција; во која дури од САД еден „претседателски“ кандидат му се заблагодарува на „лидеро“ за номинацијата; каде (повторно) три месеци пред избори се шверцува некакаква грчка „енергетска транзиција“ а на надлежната шушумига сега му текна дека нашите и неговите деца дишат загаден воздух… итн.?

Не само овој воздух, туку општата атмосфера во државава е прекумерно загадена од такви типови, изложени сме на тивко но безгласно умирање бидејќи партиските пулени во Собранието не смеат да мислат со својата глава – ако и понатаму ја имаат, се разбира – а уште помалку можат самостојно да одлучуваат бидејќи однапред се согласиле со улогата на немтури кои комуницираат со помош на притискање на копчиња! И ние тоа го нарекуваме – демократија? И со тоа сакаме да станеме членка на европското демократско семејство?

Не дека нешто посебно го ценам тоа „семејство“, но единствениот потенцијален излез од овој смртоносен лавиринт за оваа држава е токму тоа фалично „семејство“. Какво е – такво е, но сепак наликува на семејство. Нашево веќе не наликува на ништо. Меѓутоа, не така како што предлага „компетитивниот кандидат“, оној кој „успеа да го внесе македонскиот јазик како официјален јазик во Европската унија“ (sic!). Не на тој шибицарски начин: ајде да го прашаме народот дали е за Европската унија! Туку, со вистинското прашање: дали овој народ е за Европската унија на таков недостоинствен, мизерен начин каков што одработи Османи и неговата братија во Владата, дали овој народ е за Европската унија со него и таквите околу него, со оние стечајни управници од типот на Џафери, Ковачевски, Пендаровски и компанија? Тоа се вистинските прашања а не оние негови/нивни флоскули!  

Зашто, кој како сака може да говори, но со нив и од нив оваа држава умира! Тивко, за некого незабележливо, но сепак со многу, многу јасни назнаки за блиската смрт. А сепак, многумина едноставно одбиваат да ги видат симптомите, не сакаат докрај да ги отворат очите пред застрашувачките факти. Оние кои се за тоа платени – онаа бедна клиентела околу оваа власт – дури човек и може да ја разбере: таа за тоа е дебело наградена, дури плеплатена. Но, неразбирливо е однесувањето на остатокот од јавноста зашто затворањето на очите пред страотниот проблем не значи дека тој едноставно – ќе исчезне!        

Не, напротив, проблемот само (ќе) расте од ден во ден, нашето игнорирање (ќе) го храни, криминалците (ќе) ги осилува…, а општеството (ќе) се распаѓа, државата одамна ги загуби сите достоинствени атрибути, институциите се окупирани и ограбени. Ние полека влегуваме во коматозна фаза на замирање на сите државни функции и нивна супституција со недефинари „тела“ на силеџииве во власта. И повторно: погледнете го однесувањето на техничкиот премиер, на молкот на членовите на Владата, на Собранието и пратениците во него…! Зарем тоа наликува на – држава?!

И повторно, нашата апатија, нашето нереагирање и вртењето глава нема да го отстрани суштинскиот проблем: државата е во колапс, пред тивка но одамна најавена смрт којашто сите се прават дека не ја гледаат. Некому, на еден грст криминалци во власта, тоа им одговара. И прават сѐ да го одвратат вниманието на јавноста од вистинските проблеми. Во таа насока е и новата „формула“ за заташкување на целиот криминал, корупција и неспособност на оваа власт: Русија! Односно „судирот“ Исток и Запад и ние како негова „жртва“. Сега, повторно, Русија ќе биде виновна за сѐ, како што до неодамна беше ковид пандемијата: за сите криминали и корупција,  за аерозагадувањето, за партократијата и непотизмот, за неспособните директори и администрација, за високите цени и огромните плати на криминалциве…, а тие ќе нѐ спасуваат од тоа!

И тоа со „позитивна кампања“ и натпревар „со идеи и дела“. Па дајте некој нека побара да ги набројат тие нивни „идеи и дела“ или нека ни посочат каде да ги побараме. Можеби во последниот извештај на Европската комисија за Македонија?!   

Како да се (само)уништи една партија?

Всушност текстов требаше да биде за една македонска партија и нејзиниот самоуништувачки синдром во последниве 7-8 години. Но ако погледнете малку подобро, особено последниве примери во Алијанса, ДУИ и други, или пак ако се потсетите какво „корзо“ беше оваа коалициска Влада низ којашто прошетаа сите, буквално сите, албански партии што сега глумат опозиција, логично се наметнува прашањето имаме ли воопшто во Македонија вистинска политичка партија? Или сите се, помалку или повеќе, некакви „акционерски друштва“ или локални гемиџиски групи што самостојно оперираат во атарот на 84 административни единици, а здружено во државната власт (законодавна, извршна и судска).   

Но и тоа е одраз на ниската политичка свест во земјава – па видете ја оваа збирштина од „претседателски“ кандидати! – односно на политиката како умешност, пракса, професија… Како што впрочем и сите „политичко-аналитички“ размени на „мислења“ во оние дебилни емисии низ електронските медуими се ништо повеќе од провинциски кафеански муабети со навивачки тонови. Па еден, без срам, кажува кој од кого би бил подобар претседател, друг раскажува теории на заговор за личните документи, трет постојано ни поттура под нос свои ретроградни тези за големите и малите риби итн. Оттука, ако таа „интелектуална“ јавност како потенцијален коректив на политиката најчесто е еднакво анахрона – или уште полоша – од политичарите, што тогаш?     

Следствено, да имаше актуелниот т.н. сдсм (таканаречен бидејќи тие одамна немаат допирни точки со социјалдемократијата, а малите букви се реален одраз на нивниот политички и човечки морал денес!) во таа јавност сериозни критичари наместо инфантилна навивачка клиентела, ќе имаше ли барем некаков позитивен резултат во овие осум години? Можеби, што сепак е подобра варијанта од ова што денес го има. Односно – го нема.  Зашто тие денес немаат ама баш ништо: ни образ, ни морал, ни ум, ни политика… Тие денес можат комотно да напишат прирачник како да се самоуништи една партија. И можат да почнат да го пишуваат уште денес, нечекајќи ги претстојните избори. Тие ништо нема да променат туку само ќе удрат конечен печат на фактичката состојба.

Се разбира, во меѓувреме оној (извинете ама…) веќе трагично смешен екс-премиер и нивен „претседател“ може да продолжи со „елоквентното“ објаснување како тој и по следните избори ќе биде премиер, дури уште цели десет години (sic!) и слични глупости.

А всушност, прирачникот треба да започне токму од него, со препорака дека една партија градена повеќе децении може да биде брзо испратена во историјата ако на нејзино чело се постави таква односно слична персона. Човек тотално непознат за јавноста но и за „неговата“ партија, политикант октроиран од некакви чудни „сили“ со специјални задачи, „премиер“ кој веќе на почетокот на мандатот – дотогаш никогаш проверен на избори! – се заплетка во сопствените приказни (да не речам лаги) за некаков Харвард, или Кембриџ… или Цетиње и Подгорица…? Па така и продолжи, до самиот крај и законот за функционерските плати што го подготвува веќе осум месеци. И на кој дури и Али Ахмети мораше да му дошепнува што да каже! А ние таков човек плаќавме безмалку три илјади евра, секој месец. И ќе продолжиме да го плаќаме уште цела година!

Но, таквиот „избор“, како впрочем и целиот партиско-државен мизансцен, мора претходно добро да биде подготвен за таквите неспособни персони, а за таа улога беше неопходен соодветен парти-мајстор, кој политиката ја разбира како пазар на големо и мало, а столбовите на партијата и државата ги гледа во вештините викани лажоманство, манипулантство, итроманство, политикантство…, итн. Тогаш теренот е соодветно обработен за големиот настап на алаш-вериш политикантството на македонската јавна сцена, тврдоглаво – или празноглаво, како сакате – туркано дури и во најсензитивни политичка прашања за државата.  

Се разбира, сето тоа мора да биде пропратено со онаа чаршиска „византиска мудрост“ (отсекогаш омилена кај раководството на оваа партија, уште од времето на Глигоров!), но упростена до провинциски степен којшто наложува елиминација на секој кој со знаењето и способноста „штрчи“ над „лидеро“, што ќе рече дека тој мора да се опкружи со полуписмен партиски свет и експерти за исправање влакна, кои ќе му бидат неопходни за доследно спроведување на партиските и државните „политики“! Но, познатата чаршиска „византиска мудрост“ знае дека во таквата простодушна партиска збирштина мора да протне и неколкумина кои сепак знаат колку се два и два, па дури – ако е баш неопходно – и два-три познати но лесно купливи стручњаци во неколку области, кои потоа ќе бидат промовирани како „интелектуалното“ сидро на партијата.

Тоа „сидро“, се разбира, по логиката на физиката, никако не (ќе) може да ја насочи партијата напред туку (ќе) ја држи закотвена во провинциската кал на „лидеро“ и неговите „скапоцени“ поданици. А по логиката на нештата и според законите на политиката, токму тие партиски поданици се најкриминогениот и најкоруптивниот дел од секоја партија па и оваа, бидејќи тие се тие кои ракоплескаат на секој, па и најглупавиот изблик на простотијата на „лидеро“ од типот „Мало сутра“ или „Стани Цаци да те види сала“. Без нив и нивното среброљубиво подаништво и подготвеност да го трампаат личното достоинство и интегритет за функција и/или тендер, македонските партии – па и оваа – сепак, можеби барем малку, би наликувале на нормални политички партии. Без нив и нивната безрбетност не би биле можни ни оној Кривичен законик и Законот за рестриктивни мерки, ни „Бехтел и Енка“ и овие функционерски плати, ни овој хаос со документите, ни случаите со тетовската болница, со Онкологија, со ковид-кризата, со Ласкарци, ни распадот на целиот здравствен, образовен, научен и културен систем…, ниту пак овој антидемократски и антиреформски амбиент во државава.     

Таа и таква партиска збирштина, тие полуписмени партиски орди – особено во оваа партија којашто, сепак, во едно време, умееше да собере виден интелектуален потенцијал – се главната потпора на ретроградноста и анахрониот авторитарен начин на водењето на партијата и политиката во државава.

Нормално за наши прилики, „лидеро“ ќе си обезбеди и соодветно медиумско и нво опкружување, како и неколкумина т.н. интелектуалци кои секојдневно ќе пласираат „колумни“, статуси, изјави, интервјуа… за „мудроста“ на водачот, за неговата видовитост и познавање на геополитичката ситуација, за безвременоста на неговите политички потези во однос на соседите итн. Така дополнително ќе се опструира вистината и реалноста во земјата и во партијата, ќе се наметнуваат кратковидите „визии“ на „лидерот“, ќе се изнаоѓаат оправдувања за неговите глупави изјави, потези, договори, закони, стратегии… И ќе го оговараат Путин и неговата „страст“ за автократија!

Секако, самата суштина на ваквиот партиски „лидершип“ и неговото опкружување никако не се државата и нејзините актуелни проблеми, уште помалку демократијата, владеењето на правото, културата односно политичката култура како основа на политиката, развојот на економија, социјалата, образованието… итн. Таквите партиски ветувања, дури и по онаа скандалозно продадена „Шарена револуција“ и киднапирањето на нејзините придобивки, се само приказни за мали деца. А малите деца се – македонските граѓани, го сакале ние тоа или не! И, за да немаме недоразбирања, се вклучувам и себеси во тоа „трло“!

Оттука, за што ние денес говориме, за каква власт, за каква партија што планира дури и (повторно) да се кандидира на претстојните избори – па дури да го кандидира и истиот „претседател“ на државата, оној со континуиран повеќегодишен рејтинг од само 2-3%! – за какви „политичари“ во Македонија може да стане збор? И дали токму заради тоа во Македонија кружат оние тези за октроирани политичари од типот на овие персони од 2016 година наваму? Зашто, повторно: зарем некој сериозно би го избрал Ковачевски за премиер и претседател на сдсм, или Пендаровски за претседател на државата, па и со повторна кандидатура? И зарем тоа не е несериозна, да не речам налудничава, варијанта на „избор“ на крајно неуко, неспособно и неодговорно партиско и државно раководство коешто, очигледно е веќе, одведе во историски амбис не само една релативно (во минатото) прогресивна партија туку со неа и целата држава?   

Гнилежот под површината

Актуелната македонска политичка реалност е всушност рамката и за целото општество и држава, или „држава“ (како сакате), бидејќи, како што вели Жижек, стварноста гледана низ рамка се претвора во својот сопствен приказ. И ние уште долго не ќе можеме да избегаме од тој „приказ“, од таа стварност што ни го диктира животот, работата, однесувањето…, „судбината“!

И за таа и таква (сега случајно и наша) стварност, славниот Le Carrѐ вели: „Кризите се академски прашања. Скандалите не се. Не разбравте ли веќе дека е важна само надворешноста?“. А што е македонската надворешност денес? Еднакво „славната“ вицепремиерка за опомени и нејзината „историска“ информбировска – којзнае која по ред – изјава за тоа колку „(…) оние кои се за борба против корупцијата и организираниот криминал се искрени во тоа, а колку е тоа само флоскула“, вбројувајќи се себеси и нејзините во – искрените? Можеби, но таа нивна катастрофална „искреност“ трае веќе осма година, а „госпожата“ борец, by the way, е одамна прочитано книжуле. Без корици!

Но неочекувано искрена – или наивно неука, како сакате – е изјавата на фамозната портпаролка на сдсм (малите букви се реален одраз на нивниот политички и човечки рејтинг денес), која во една „дебата“ вели дека граѓаните веќе знаат што да очекуваат од нив! Апсолутно, неповторливо, непогрешливо, суштинско… и право во целта: доволно е само да фрлите поглед надвор, во смрдливото, отровното, нечистото, закрченото, кичерајското… Скопје и „очекувањата“ да ве удрат среде лице. Тоа е тој сдсм што треба да го очекувате, сосе редиците за лични документи и затворените граници (онака безобразно нестручно „објаснети“ од нивната правна „примадона“) , сосе онаа смешна вицепремиерка и нејзиниот уште посмешен екс-премиер, со нивниот владин и директорски кадровски „потенцијал“ и полуписмен актуелен собраниски состав, со партиската им „база“ итн.

Но не е саде толку и не се саде тие. Меѓу јасните знаци на оваа и ваква стварност, коишто ни ги нудат самите политички односно политикантски актери, се и оној Османи кој во трката за гласови се претвора во фотограф во дијаспората! А божем лекар-хирург, министер за надворешни работи, можен партиски кандидат за претседател на државата…? Е па добро, не сме имале фотограф за кандидат за претседател, нели? Време ли е и тоа да го видиме? Белки не е!

Или замислете го дури и Таравари за таа функција? До вчера демонстративно одбиваше да разговара за таква опција, денес станува некаков меланж на Кенеди и Обама и го предизвикува Ахмети на двобој! Којзнае што ќе рече утре човекот кој ја започнува „трката“ со лага? А и тој – лекар. Па зошто воопшто се мачеле со такви факултети кога не си ја ценат професијата? Но, можат ли толку и така лесно да заработат со своите примарни професии? Не знам дали тоа е во прашање или нешто друго, но македонското политикантство е на овие гранки токму заради луѓе како нив.

Или погледнете го актуелниот „претседател“. Уште во првата година по изборот, тој Пендаровски се колнеше дека нема да се кандидира по вторпат. И колку пати се премисли? Па како и нема, зашто кога повторно во животот би можел да добие таква седумка на лото и пет години да се шепури на Водно со раката на серцето како главна работна обврска? Сите тие на македонската политичка стварност гледаат како на златна рипка за остварување не само на три туку на – сите желби. И за неколку животи однапред! Зошто да не, ако се може, нели.

А се може, и многу повеќе од ова, бидејќи рамката ни е всушност онаа иста соцреалистичка шема од пред повеќе од три децении, каде „системот“ одвнатре си ги бираше кандидатите за политичките функции, па им ги продолжуваше мандатите независно од резултатите итн. Само што тогаш сепак имаше некаков систем, па и квалитет, иако и тој беше партиски како и овој, ама од партија до „партија“ има разлика, нели? Тогашната партија ги беше извојувала победите сама. И поразите, се разбира. Овие денес не умеат ни носот да си го избришат без „стратешките партнери“, не пак да говорат за победи. Најголема „победа“ им е промената на името на државата и оној „договор за лошососедство“ со Бугарија!

Ако пак во рамката главниот фокус им е онаа толку посакувана ЕУ, како тоа, и во чие име, си бришат (да простите) задник со барањето на Советот на Европа за поништување на амнестијата за воените злосторства од 2001 година? Ама на цел глас, или барем на половина, кога мораат, викаат против Бугарија којашто еднакво „се брише“ со упатствата на тој ист Совет на Европа во однос на малцинствата? Или за едни мора, ама за нас – не? И повторно: кој тоа, и на кој начин, го овласти техничкиот премиер така да нѐ резили пред светот? И зарем оној лакрдијаш од екс-премиер навистина смета дека „темата“ за македонските новинари е поважна од ова?  

Но, за жал, кај нас сето ова не е само надворешност или рамка, кај нас тоа е суштината на македонскиот живот денес, онаа којашто ни ја донесе тоа криминално сдсм со неговите еднакво криминални коалициски пајташи. Тие ни се и форма и суштина, и надворешност и внатрешност, и криза и скандал… И ние ѝ служиме на надворешноста, на формата, на иноксираната површина како оние три саксии среде заробенана со мостови река. И жалнине врби во нив, пожални дури и од нас. Служиме на маската, на шминката врз Ништото, на празниот збор и мислата без корен. Позлатата ни стана фетиш, стиропорот сон.

Но не се (само) тие проблемот. И ние како граѓани сме дел од него бидејќи свикнавме да живееме на површината, да ја живееме формата без содржина. Да реагираме само на полуидиотски надворешни дразби од форматот на вицепремиерката а не и на суштинските проблеми. Но и тоа е искуство, стекнато колективно знаење, но и страв којшто предупредува дека ако чепнеме под површината – нѐ чека гнилеж. Скршете го сјајното огледало и ќе потонеме. Сите до еден, во матнион Вардар. Загребете ја обвивката и се појавуваат вистинските лица: Заев, Ковачевски, Џафери, Османи, Грковска, Битиќи, Калеска-Ванчева… Мерко, Анѓушев, Филипче, Маричиќ… Затоа ли стануваме лицемери, затоа ли веруваме во лицемерието што (наводно) ќе нѐ доближи до доблеста?

Лицемерието ни е новата вера, што и да мислат оние во црквата. Та и наминувањето во нивните „храмови“ е само уште една форма на еклатантно лицемерие. Зашто, сетете се на првите редови и политичката врхушка во нив по повод верските празници! Најголеми „верници“ кои веќе на излезот продолжуваат со уште поголема хипокризија. И криминал, се разбира, како суштина – можеби и форма на наша благодарност? – за нивниот „напорен“ политички ангажман!?

Држ’те го крадецот

Не така одамна (и) македонските медиуми споделија една случка со претседателот на Република Српска Милорад Додик, кога тој, при посета на детска градинка, од едно дете беше почестен со поздравот: „кај си крадецу“. Не сакам да кажам дека (само) децата – неоптоварени од можните реперкусии за кажаното – се најчесто посмели од возрасните во јавниот збор, но тоа вообичаено е така. Додека животот односно средината не ги научи дека лагата, барем кај нас, е на висока цена!

Но примерот со Додик е наша иднина. Ако не веќе утре, тогаш ден потоа бидејќи вакви криминалци нема да можат да се спасат од гневот на граѓанинот. Особено по последниве хаотични случувања со личните документи. Не сум сигурен дека некои од главните актери во овој најнов скандалозен пример на неспособноста на оваа власт утре нема да бидат пресретнувани на улица и „честени“ со изблици на граѓанскиот гнев. Не сакам да прејудицирам во каква форма ќе бидат демонстрирани тие изблици, но реченицата со којашто бил почестен Додик сигурно ќе биде меѓу најчестите.

Зошто? Затоа што димензиите на ова лудило и епохална неспособност на овие слепци се немерливи. Безмалу се незамисливи стотиците поединечни драми и трауми предизвикани од ваквиот хаос во државава, особено со патните исправи. Дел од нив можеби ќе станат јавни по тужбите што се подготвуваат за Стразбур, но тоа нема да биде соодветна сатисфакција. И наместо некој, барем еден од овие некадарни шушумиги да станеше и јавно да се извинеше на граѓаните, тие и понатаму се опседнати со тендери, со деструктивни „политики“, со кадровски играрии…

Но оваа веќе опасно деструктивна и срамно неука власт заборави – ако воопшто го знаела – на основното правило во македонското општество, па следствено и во политиката: македонскиот граѓанин е сѐ уште на почетокот на демократската патека, границата помеѓу јавното и приватното е сѐ уште многу цврста, неговите реакции на сите понижувања и катастрофи на општ односно државен план не се така остри и/или убоити… Меѓутоа кога станува збор за личните права и слободи, а особено за ваквото нехумано малтретирање и ограничување на можноста за движење заради нечија глупост и неспособност, тогаш нормалниот гнев се мултиплицира и може да поприми и несакани димензии!

Затоа, ако утре поминат како Додик – лесно поминале, но се плашам дека кога врз личното незадоволство ќе се пресликаат и другите состојби, особено оние со дивеењето на цените и сѐ поголемата сиромаштија во државата наспроти безобразното богатење на политичките врхушки, тоталната неодговорност на функционерите за состојбите во државава, обидите да се протнат милионски тендери дури и во времето на техничка влада итн., тогаш не е чудно ако нештата излезат од контрола. Некој наивен може да помисли дека заради тоа криминалциве, од срам, сепак ќе се трудат да бидат невидливи. Се сомневам, да имаа овие срам и морал, зарем ќе го правеа ова што го прават?   

А сепак, според некои последни реакции во коишто се очитува не само нелагодност туку богами и страв, актуелниве властодршци ја започнуваат познатата тактика „држ’те го крадецот“ со цел да амортизираат барем дел од потенцијалниот граѓански гнев. Повторно забораваат дека граѓанинот тоа го слуша веќе три децении и дека таквите обиди денес се однапред осудени на пропаст.

Што е, инаку, онаа недугава изјава на веројатно најголемиот виновник за ваквата катастрофа со личните документи, кој се обидува да манипулира со флоскулата „Менаџирањето на замената на документите е прашање на институции, а не на поединец.“ Односно, сега ќе се обидува(ат) по којзнае кој пат да ни ја продава(ат) позната социјалистичка стапица за општата одговорност небаре институциите дејствуваат сами а не по наредба и под контрола на премиер, министри, директори и др. Или онаа перфидна ступидарија на еден пратеник дека „Проблемот кој што настана со возачките дозволи мислам дека беше намерно исцениран од партијата која како опозиција влезе во техничката влада“ (sic). Замислете ја таа гадост да ја обвинувате опозицијата за проблемот што го направила – неговата власт!

Иако и тоа не ѝ е непознато на македонската јавност, особено од овој „пратеник“ кој не гледаше никаква вина кај раководството на Онкологија за скандалот на таа клиника! Што пак нѐ враќа и поназад во времето, на пример на тетовската трагедија со модуларната болница каде целата сдсм (малите букви се реален одраз на нивниот политички и човечки морал денес!) заечки скокна во одбрана на миленикот на Заев во чиешто министерство беа целосно „менаџирани“ тие „болници“, или пак на катастрофалната бројка на смртни случаи во Македонија, повторно под стручното раководство“ на истиот им фаворит итн.

И кога би можеле тука да застанеме во набројувањето на случаите со неуспешно одиграната нивна тактика „држ’те го крадецот“, којашто ја глумат веќе осма година постојано навраќајки се на сличните им „политики“ на претходната власт, коишто овие слепци така беневолентно ги покрија со „рузмарин, снегови и шаш“, криминално лажејќи ја целата држава дека се дојдени за реформи, за прогон на криминалците од претходната власт, за демократија, за…! А не беа, очигледно, дојдени за ништо друго туку за продолжување на дрското пљачкосување на државата и народот, за полнење на личните сметки дома и во странство, за сместување на поблиското и подалечното семејство и партиските пајташи во државната администрација итн.

Останува да видиме дали македонскиот гласач повторно ќе наседне на онаквите простачки „оправдувања“, на проѕирните замени на тезите за очебијната нивна вина и обидите за манипулација со сопствената одговорност. Ако се цени според минатите локални избори, овие слепци ќе завршат на опашката на историјата. Долготрајно. Иако, не дека ним – на оваа сдсм гарнитура – тоа им е особено важно. Тие одамна ги товарија своите магариња, ги заменија „неудобните“ за нив „Boss“ костуми со соодветните им селски шакшири и подготвено го чекаат денот за – смена. Но така беше и со претходните. И – што се промени? Ништо.

Ако оваа опозиција, после сите најави/изјави за криминалите на оваа власт и законското справување со истите влезе во истите шеми на купи-продај политика, тогаш и тие бргу ќе бидат збришани од политичката сцена. Ако познатата македонска политичка приказна повторно заврши со дилот „ала Љубчо-Бранко“, барем гласачите дефинитивно ќе знаат на што се. Ако веќе одамна тоа не им било јасно или имале некакви дилеми, се разбира.

И нормално, целата предизборна атмосфера викана „држ’те го крадецот“ сосема солидно ја дополнуваат и познатите вувузели на оваа власт кои по правило крадците ги бараат на спротивната страна, небаре тие се власт а не опозиција. Како сето ова тотално безредие и општо пљачкосување да е резултат на активностите на опозицијата и нејзините наводни „историски грешки“, нејзиниот „национализам“ и антиреформаторство. Како божем тие да им ги спречуваа(т) реформите на слепциве, неразумно и без соодветни гаранции го менуваа името на државата, склучуваа идиотски меѓудржавни договори, ги донесоа фамозните (и сѐ уште таинствени!) „Бехтел и Енка“, ги издигнаа криминалот и корупцијата на ниво на државна политика… итн.!  

А фактот дека вувузелите на оваа криминална власт секој проклет ден сѐ погласно ја дуваат истата приказна за нечии историски грешки, за нечиј национализам и „судир“ со ова или она, амнестирајќи ги локалниве „јакузи“…, сето тоа, повторно, е во согласие со популарната „држ’те го крадецот“ наместо „кај си бе крадецу“, коешто ќе спласне веднаш по изборите. Зошто? Па ќе нема кој да ги плаќа онака широкорако, ќе мора нешто и да сработат… иако мислам дека таквите интелектуални паразити се генерално огромни штетници за оваа земја! 

Политикантски тестамент

Ако горе-долу целата експертска јавност (не само) од областа на правото искажува згрозеност од Законот за рестриктивни мерки и неговото донесување во Парламентот, ако најголем дел од правните експерти – освен клиентите на оваа власт – сметаат дека тој „закон“ е противуставен, го загрозува правниот поредок, дека ги крши темелните вредности дефинирани во Уставот, дека е спротивен на дефинираното право на сопственост…, ама неколку празни глави во Владата тврдоглаво издејствуваа негово донесување, тогаш за тој чин нема посоодветен израз од – страотно опасен волунтаризам. А впрочем, под тој именител можат да се подведат и сиве овие 7-8 години на дивеење на оваа криминална коалиција! Со оваа „црешичка“ врз шлагот како нивен политикантски тестамент!

Иако тој, тестаментот, де факто започна да се пишува речиси од самиот почеток на нивното бескрупулозно владеење со влегувањето во „белата шампита“ на нивниот претходник и продолжувајќи ги сите негови „политики“. И не е неопходно човек по стоти пат да се потсетува на нивните провинциски ступидарии и катастрофални антидржавни дејанија за коишто може да се состави цела „бела книга“ (од дозволата за пушење во ресторани до „ТЕ-ТО“), но се чини дека врв на нивната простотија и силеџиство сепак е спомнатиот Закон за рестриктивни мерки. Неспорно тој е врв и на нивната скандалозна неспособност, а неговиот главен промотор – „госпожата“ вицепремиер за опомени – е олицетворение на застрашувачка неукост и некадарност. Кога ги слушате нејзините „тези“ и „објаснувања“ за Законот, а потоа само бегло ги погледнете реакциите на правните експерти во земјава, сѐ станува појасно (и) за последново политичко-интелектуалното фијаско на „прогресивциве“!       

Во конкретниот случај, со грото недугави „објаснувања“, вицепремиерката обзнанува едно чудо неуки гледања не само за конкретниот Закон туку и пошироко:

Или, ако сакате, една математичарка, која по којзнае какви партиски канали се нашла во власта на толку висока функција, „најодговорно тврди“ дека „не може да биде противуставен ваков закон“, наспроти експертските толкувања на едно чудо професори, адвокати, правници…, па дури, на почетокот, и од Министерството за правда, па и самиот технички „премиер“ кој искажа цврсто сомневање во компатибилноста на Законот со македонскиот правен систем. Но тоа не е сѐ, се разбира, и по стариот македонски обичај, тука приказната не застанува.

Вицепремиерката се обидува да ни „објасни“ дека „треба да бидеме свесни дека стратешкото партнерство со Соединетите американски држави е клучно за нашата држава“. Што ќе рече дека сега таа авансира и во вицепремиерка за освестување? Па следствено, ако САД биле наш поддржувач години назад, „тогаш истото би требало да се однесува и кога станува збор за борбата против корупцијата и организираниот криминал“! Разбирате што сака да каже женава? Не? Па ни таа не разбира. Каква врска има едното со другото? Демек ние со Законот им помагаме на САД да се борат „против корупцијата и организираниот криминал“ кај нас? Независно на кој начин и со какви средства? Дури и противуставни? И го бараат ли навистина САД тоа од нас или е тоа само некаква фикс-идеја на оваа „освестенава госпожа“?

Да, тие бараат од нас борба „против корупцијата и организираниот криминал“, и не само тие туку и ЕУ, ама секогаш биле децидни дека тоа треба да се прави согласно позитивните прописи на оваа држава и, особено, таа борба да биде насочена контра т.н. висока корупција! Знае ли женава што тоа воопшто значи и дека таа преспала толку години на таа функција не мрдајќи со малиот прст и делејќи смешни опомени на нејзините криминални коалициски пајташи? Ама сега, на зајдисонце, се освестила и грчевито ќе се бори, дури и со антиуставни средства?!

И кога тоа „нашиот стратешки партнер“ побарал од нас да ги процесуираме луѓето и фирмите коишто тие ги ставаат на „црната листа“? Или тоа, во доверба, ѝ го шепнале само неа? И само таа, наспроти сите правници во државава, знае дека ние не можеме тоа да го сториме согласно постојните прописи туку е неопходен нејзиниот катастрофален закон? И што, по ѓаволите, за неа значи тоа „стратешко партнерство со САД“? Дека ние сега сите стануваме американци – на чело со неа, разбира се! – и играме според нотите на Стејт департментот?

Вицепремиерката нѐ просветлува дека таа/тие, со овој Закон, сакале да ги поттикнат и правосудните органи да си ја работат работата за којашто се платени. Особено – Јавното обвинителство! Она исто коешто е де факто нивен орган, тие директно го бираат сите јавни обвинители, ама ете и на нив им требал соодветен поттик за да почнат да работат. И „госпожата“ не се срами да признае дека сите обвинителства можат да реагираат и по допрен глас ама „за жал, ние не сме виделе ниту еден чекор помрднување во таа насока“ (sic!). Каква застрашувачка „математичка логика“! И малку се сите закони за нивната работа туку таа сонила дека може да ги натера да работат со – ваков закон?! А ако утре, на пример, се повтори онаков неспособен министер за полиција како Спасовски, и неговите ли ингеренции ќе си ги присвојат со друг закон? И таа ќе апси луѓе по улица?!

И на крајот, „госпожата“ воопшто не се стеснува да ни го соопшти „крунскиот аргумент“ за нејзината апсурдна иницијатива за ваков Закон: јавноста недоволно реагирала во изминативе години, не се повикувало „да се превземат конкретни чекори во борбата против корупцијата и организираниот криминал (…)“! Па таа јавност, „госпожа“, не прима толкава плата за секојдневно да ве повикува да си ја вршите работата; таа јавност, „госпожа“, не може да биде замена за вашата и неспособноста на вашите пајташи во власта; впрочем, не е точно, т.е. лага е, како сакате, дека таа јавност, „госпожа“, којашто сега аргументирано ви лепи шамари (заради коишто секој принципиелен човек веднаш би си поднел оставка), во изминативе години не повикувала на конечно зафаќање со најгорливиот проблем во „државава“ – криминалот и корупцијата! Но проблемот е што токму највисоките врвови во власта беа/се главните носители на организираниот криминал и корупција во „државава“! Па каде, по ѓаволите, беше оној Анѓушев ако не во самиот врв на власта? А Мерко?

А оваа „држава“ веќе подолго време е само во наводници токму заради неспособноста, неукоста, „слепилото“, алчноста и несакањето на политикантските криминогени врхушки да профункционира правната држава, реформите, демократијата…! Зашто тогаш не би можело вака да се лаже, не би можело толку години да се седи во функционерска фотелја и да се прима онолкава плата без ниту еден опиплив резултат во работата. Зашто тогаш не би можел да опстојува ни овој политичко-интелектуален циркус што уништува околу себе сѐ што е малку понормално, почесно, поумно, подемократско, поспособно…

Но нивната веќе епохална неспособност настојчиво, дури и во последните денови, го дополнува политикантскиот тестамент со нови и нови „бисери“ од форматот на замената на личните документи, менувањето министри во време на техничка влада, нови скандалозни тендери итн. И сето тоа поприма страотни димензии на политикантски канибализам којшто зад себе сака да остави пустош. И успева во тоа!

П.С.

И конечно, ако „госпожава“ сакаше навистина да иницира нешто полезно, можеби ќе беше добро, онака освестено, да бара „стратешкиот партнер“ да нѐ признае за нивна 51-ва држава! Зошто да не? Ама мислам дека тоа нема да им одговара на нејзините: тогаш „прогресивциве“ не би можеле толку и така да крадат, нели?!

Две бомби

Две бомби одекнаа деновиве, една во светот и една кај нас. Првата, онаа глобалната, со „разорно“ геополитичко дејство по западниот свет и нивната (квази)демократија, втората локална, наша, всушност ќор-фишек, но сепак со реални страотни последици по македонското општество. Обете – со поразителен ефект по молчаливиот и ситнодушест (не само македонски) интелектуалец.

Онаа првата – интервјуто на  реномираниот американскиот новинар Карлсон со „монструмот“ Путин одекна силно, разнишувајќи ги западните темели на слободата на говорот. Имено, ниту една „прогресивна“ држава не смее да го емитува: не дај боже со интервјуто да се доведе под сомнеж однапред исцртаниот злосторнички портрет на Путин. Како што беше и со Садам, нели, па претходно со Кастро и Че, па уште порано со Хо Ши Мин итн. Но таквиот „портрет“ одамна почна да бледнее во светот, освен кај нас: нашиве слепци ќе затвораат „руска инвестиција“ за да потоа новата му ја подарат на соседот за дебела провизија, а македонскиот „интелектуалец“ ќе плука по Русија и ќе крева два прста за „Митилинеос“.

Втората (локална) „бомба“, односно ќор-фишек но со разорно дејство, беше јавната бламажа на „госпожата“ вицепремиер за опомени во „одбраната“ на Законот за рестриктивни мерки.  Нејзиното историско „толкување“ не само на тој закон туку и на стратешкото партнерство со САД, на неопходноста од наше понизно однесување итн., ќе остане забележано како конечна точка врз македонската демократија, право и правда, Устав и темелни вредности…, но и дефинитивен пораз на македонските интелектуални потенцијали!     

И затоа кога го читате, на пример, секогаш актуелниот Жижек за „имплантирани интерфејси помеѓу мозок и компјутер“, или појаснувањата на Харари за агресијата на Израел врз Палестина или потсетувањата на Чомски за корените на упадот на Русија во Украина, ви доаѓа да плачете. Или да се срамите, сеедно, зашто, за разлика од интелектуалното ниво во Европа и светот, ние овде говориме за игнорирање на Устав, правен поредок, слободи и права на граѓанинот…, за клоцање мали кучиња, за уплав на „малите“ од големите, за тоа дали ветерот дува од Запад или Исток… Македонската „интелектуална“ сцена безгранично се самопонижува молчејќи дури и за најновото силеџиство на Џафери – сега од позиција технички премиер – да менува легитимни министри во техничка влада. 

Додека светот мисли и живее, ние заглупуваме и живуркаме; додека светот оди напред ние трчаме назад. Забарикадирани сме во малоста – или малоумноста? – на политикантските и интелектуалните „елити“, во дистрофијата на нивната „сива материја (ако воопшто ја имале), во провинцискиот светоглед рамен на цивилизациски најзаостанатите „држави“ во светот.

Меѓу (повеќе или помалку) најцитираните во светот искази за профилот на интелектуалецот е онаа на американскиот социолог Валерстин (Immanuel Wallerstein, 1930-2019) според која „Интелектуалецот неопходно оперира на три рамништа: како аналитичар во потрага по вистината; како морална личност во потрага по доброто и убавото; како политичка личност, барајќи го обединувањето на вистината со доброто и убавото“!

Се разбира ние, па и не само ние туку и нашето пошироко опкружување, тешко би можеле да најдеме допирни точки кај македонскиот интелектуалец со оваа дефиниција. Кога последен пат сте виделе македонски интелектуалец „во потрага“ по овие три рамништа? Безмалку никогаш, особено кај оние кои себеси се гледале и како политички личности и окупирале високи државни позиции. Обединување на вистината со доброто и убавото? Ма дајте, ве молам, такво нешто кај нас одамна не постои зашто македонската политичка личност денес, прво, не е интелектуалец, а второ, трето и четврто – не разбира што се тоа вистина, добро и убаво!

Од самиот почеток на слободарската Утопија викана независност, сувереност и самостојност оваа држава – или „држава“, како сакате – ја градат приучени политиканти и недоучени „интелектуалци“ жедни само за моќ и пари. Каква вистина, добро и убаво…, какви „бакрачи“! Па дури и еден Глигоров, чија улога никако не ја потценувам во дадени мигови, се врати во Македонија да ја испее својата политичка „лебедова песна“. (Или беше – политикантска?). И толку! Му ја наполнија главата со идеи дека е семоќен и најумен, па така и се однесуваше. Неговите пријателски политикантски „рожби“ и државни „инсталации“ нѐ тормозат и денес.

Да не говориме за Трајковски, Иванов, Пендаровски, па за сите оние квазипремиери почнувајќи од Кљусев (кој ќе ги тераше жените да перат на Вардар!), за „поетон“ со „б“, за „тенкистон“, за „архитектон“, па за „пазарџијана“… Страва и ужас! Вистина, добро и убаво? Па тие не го ни знаеа значењето на тие зборови, не пак да се вложат себеси за некаква визија за општа добродетел. Затоа, впрочем, Македонија и остана засмрдена провинција, Недојдија од која сите бегаат.

Тие и таквите како нив, а ги има(ше) многу, во земјата создадоа атмосфера на политички канибализам уништувајќи сѐ и секого што ги надвишува(ше), кој мислеше со своја глава и нудеше поинакви решенија. Не велам дека такви има(ше) многу – ги нема многу дури и во далеку поголеми и понапредни земји – но не бевме ни толку сиромашни со интелектуален потенцијал. И повторно: погледнете ја последнава „криминална рапсодија“ со она „ТЕ-ТО“. Па кој нормален така се однесува денес?    

Уште де Токвил (de Tocqueville), пред цели 150 години, укажувал на политичката култура како најважна детерминанта на едно општество, култура разбрана како манир, конвенции, однесување, постапување…, обликувани не само низ социолошките услови и закони туку особено од идеите предлагани од интелектуалците. И повторно: што нормално сме слушнале од „интелектуалците“ во врвовите на власта низ овие три децении? Онаа и онаква приватизација, фиромизација, антиквизација, северизација, бугаризација во форма на евроинтеграција…? Па поделба на територии и граница кај Групчин, бугарски тенкови, Курти или Аца Вучиќ…? Па чии се Самоил и Делчев, и дали сме имале администратори или окупатори, па кој го ослободил Скопје, постои ли македонски јазик и нација…? Китови и ајкули, сардини мали и големи, ледени брегови, политикантски платформи ала Тирана или Приштина…?

Оваа лудница ли (да не кажам калакурница), овој провинциски казамат ли е онаа библиска земја на словенската писменост, на Кирил и Методиј и Климент и Наум, на Самоил и Карпош, на Мисирков и Конески, на Вапцаров и Рацин, на целата онаа генерација македонски дејци кои ја изнесоа НОБ и Револуцијата на свои плеќи и од феудално општество направија држава?     


Трагичната ролја на македонскиот интелектуалец

Некогашната 1991 година и редефинирањето на државата како независна, суверена, самостојна… требаше да донесе многу нешта, меѓу другото и катарза односно исполнување на многу утопии што требаа да извираат од таа независност и сувереност што требаше некој да ги „материјализира“ во праксата. Кој ако не интелектуалецот, односно оној со знаење, визија, смелост и одважност? Но кога тој е оптоварен со својата лична малост, кусогледост, кукавичлак…, кога сака да клоца само мали кучиња зашто од големите му страв…, тогаш добивате – што? Се разбира, ја добивате македонската реалност, од тогаш до денес! 

Но таа 1991 година требаше да ја овоплоти и најважната идеја: Утопијата за неприкосновена демократска слобода којашто континуирано изгледала дека е тука, веднаш зад аголот, но секогаш била некако – недофатлива. Затоа таа 1991 година (не само) за интелектуалецот – но сепак со акцент на него заради неговиот потенцијален јавен ангажман – се претвори во иронија на судбината: очекуваната слобода и сето она што (требаше да) оди со неасепак беше условена со познатото реалсоцијалиситичко „или си со нас или против нас“! Токму заради тоа, впрочем, Македонија остан(ув)а провинциски жабурник во секоја смисла на зборот, а особено во поглед на клучната ролја на интелектуалецот.

Или, ако сакате, таа ролја, наместо прогресивна, демократска, слободарска…, се спушти на прислужничка, со (најчесто) трагичен призвук. И тоа го сведочиме од ден во ден, континуирано, на еден или на друг начин: во сите криминално-коруптивни скандали, во сите политикантски афери, слушате имиња на интелектуалци – како директни актери или соучесници од втор план – како се прпелкаат во сопствената тегобност, лукративност, послушност… Или пак, едноставно, се подметнуваат како слуги на политиката, поточно: политикантството, заради различни цели.

Впрочем, кое и какво би било другото објаснување за секојдневниве срамни случувања низ државава: „случајот Онкологија“, игриве околу Уставниот суд, па оние околу Врховниот суд (сега и во однос на обидот буквално да се украде Работнички дом!), скандалозниот тек на изборот на нов јавен обвинител, ректорската управа на УКИМ итн.? Или, на пример, останува тотално нејасен сегашниот „ангажман“ на една реномирана професорка и критичарка на неспособноста на оваа власт како замена за безрбетникот Јовевски, или поклонението на онаа орда „интелектуалци“ (филозофи, уметници, поетеси, писатели…) пред „операцијата СК 2014“, или безгласното прифаќање на секакви полуписмени протуви за министри, директори, претседатели на управни одбори…? Или како онака интелектуално „мазно“ поминаа оние шизофрени „роднини“ на „Ск 2014“: чудовиштата пред „Холидеј ин“, (набргу) монструмот кај „Алумина“, па кај „Треска“, па кај „8 Септември“…?

Не говори ли сето тоа токму за трагичната ролја на македонскиот интелектуалец и неговото понижувачко вклучување во општото страотно разградување на државата?! Но, да бидам појасен: ова секако не е „специјалитет“ само на овој период во македонската историја. Но е неверојатно распространет, веќе вгнезден во сите пори на општеството.       

Историски гледано, македонската ситуација никогаш не била лесна за интелектуалецот. Определувањето за и/или против она што се нарекува власт во која и да е позната форма често наликувало на невозможна мисија, а изборот, во двете алтернативи, претставувал неизбежен интелектуален пораз. Зошто? Бидејќи македонската историја, како и да ја читаме, генерално претставувала „приказна“ полна со ризици. По животот најчесто, се разбира, но следствено и по сите други човечки/морални стојности (семејство, кариера, имот, углед…). Спротивставувањето на власта (во која и да е позната форма) најчесто значело и екскомуникација од општеството!

И повторно, македонската историја е полна со такви примери, нови и постари. Повозрасните почитувачи на уметноста можеби ќе се сетат на Крсте Црвенковски и неговите осамени „прошетки“ низ разни изложби откако беше етикетиран како либерал и буквално изгонет од јавниот живот. И мизерното однесување на неговите некогашни пријатели и сопартијции кои се плашеа да го поздрават!  

Затоа и совремието на независна, самостојна и суверена Македонија (па нека е и Северна), требаше да донесе нов дух во државата, темелен на цврстата определба за демократија, за права и слободи на граѓанинот, за стручност, компетентност и професионалност…, но пред сѐ и на моралност! Ако онаа 1945 година претставувала нешто навистина ново, поблиската 1991 требаше да биде ново на квадрат. Ништо од тоа не остана денес. А тоа беше главната, историската ролја на македонскиот интелектуалец! Наспроти тоа, тој се одлучи да се претвори во џебџија и клиент, во навивач на власта и нејзин дрвен адвокат, прифати да биде замена на неспособните и криминогените политиканти, да биде наемен работник кој ги товари магарињата на газдата со украдените богатства.

Тој денес прифаќа да биде опкружен со невоспитани агресивни орди и да вика „ура“ во нивна поддршка, ракоплеска на протуви кои не умеат да склопат една простопроширена реченица, поттикнува и оправдува криминалци и уличари а другите да ги нарекуваат – националисти. Наместо дијалог и спротивставување на ставови и аргументи ние денес добивме аморални „интелектуалци“ со партиски труби и тапани.

Кое е и какво е во таков случај вистинското лице на интелектуалецот? Или тој е стамен „интелектуалец“ и критичар на власта – која и да е и каква и да е – само до првата поволна понуда од нејзина страна? Македонскиот интелектуалец комотно ќе гласа дури и за новиот „премиер“, за кој ни албанската опозиција не гласа. Неговата лакомост станува веќе епохална и национално крајно контрапродуктивна! 

Оттука, да се навратам на една неодамнешна констатација на Никола Димитров за „голиот цар“: овде не е само царот гол, гол е (речиси) целиот интелектуален – или „интелектуален“, како сакате – потенцијал на оваа земја. Но и тоа е уште еден отворен фронт во оваа специјална (не)културна војна.     

Хорот на македонските жаби

Кога го слушате новиот „премиер“ и неговиот политикантски завет дека тој посветено ќе продолжи по патот на „прогресивната“ коалиција, повеќе од јасно ви е што сте добиле. Не само она што некаков си професор од Косово го смета за етнодемократски симбол и го кара Изет Меџити, туку – многу повеќе. Со неразбирлива циркусијада, стигнавме дури и до „Обама момент“ (sic!), небаре станува збор за форматна историска личност а не за најскандалозниот претседател на Собранието во македонската историја! Белки госпоѓата Агилер ќе го поздрави вистинскиот господин Обама и ќе го просветли дека добил – балкански наследник?

Но, што всушност сакаше да ни каже господинот Џафери? Па само тоа дека со посветеното продолжување на „патот“ на оваа коалиција, ќе продолжи и сиот страотен криминал, корупција, политичко силеџиство, непотизам и партократија…, односно македонската (не)културна војна што се води на фронтот на вредностите, раздробена на помали рововски „битки“ и на потесни фронтови. Една од поважните останува антипросветителската битка и новиот „премиер“ како нејзин симбол, односно битката против стручноста, со главното мото: пофалбата на глупоста викана нестручност, некомпетентност и непрофесионалност на раководните структури во државава. И тој фронт, отворен уште во онаа 1998 година, перманентно се шири, за денес да добие монструозни размери со уништувачкиот поход на оваа „прогресивна“ формација.

Зашто, криминогеноста, коруптивноста, силеџиството, бандитизмот и непочитувањето на туѓите права… се директен одраз на нестручноста, некомпетентноста, непрофесионалноста и запрепастувачката неспособност на оваа државна постава. И нивната некултура односно нецивилизираност, се разбира. Криминалот и корупцијата кај нив не се симптом само на некаква психопатологија, туку се и дијагноза (или замена, како сакате) за нивната неспособност, нестручност и незнаење да ги раководат соодветните ресори, а со тоа и државата во целина.

Затоа ние и имаме сурогат претседател, сурогат премиер, сурогати министри, директори, управни и надзорни одбори…!

Уште од 2017 година оваа коалиција, со минорни исклучоци, инсталираше тотално погрешни луѓе на клучните државни места, вклучувајќи ги тука и премиерското и претседателското, се разбира, луѓе кои немаа(т) никакви допирни точки, знаења/стручност и/или искуство со добиените ресори, што потоа резултира(ше) во незапирливо регресирање во сите области. Згора на тоа, тие уште помалку имаа(т) некакви познавања на европските политики во дадените области, а (наводно) сакаа(т) да ја придвижуваат државата во ЕУ! Како, со кои знаења, со кои лични капацитети?

И трето, станува(ше) збор за луѓе на кои политиката – како теорија и пракса – им е целосно туѓа, далечна и неразбирлива, односно ја гледаат само како средство за манипулација и лично/групно богатење. А и што друго би правеле на тие места, нели? Згора на тоа, (речиси) сите беа/се типични посткомунистички производи со ригидни антидемократски „видици“, луѓе без елементарна култура – во пошироката и потесната смисла на поимот – така што, од таа перспектива, целата оваа „слика“ на земјава изгледа „нормално“!

Ако на тој и таков супститут наречен македонска политичка сцена го додадете и овој „премиер“ и срамното правило на немешање во кадровските (поточно „кадровските“) решенија на коалициските партнери, што пак е приказна за себе во оваа држава, тогаш ја добивате оваа збирштина нарекувана власт и овој жабурник викан Македонија. И затоа во него пливаат јата полноглавци чекајќи да им дојде редот да крекаат како жаби!      

Заради тоа, една таква крајно неука и некомпетентна политикантска формација, наоѓа себеостварување низ процесите на нивелирање на вредностите, убивање на стандардите, воведување на семејни и партократски „мерила“ и „правила“…, полнејќи го жабурникот со ним слични полноглавци. Тогаш го добивате денешниот жабји хор во којшто сите се натпреваруваат кој погласно може да крекне и да воспостави нови лични или групни правила, прописи, закони…

Зашто, погледнете го македонското општество денес: составот на владата (малите букви се реален одраз на нејзините можности) и собранието (малите букви се слика и прилика на неговата капацитетност), администрацијата во министерствата, државните институции и директорите во нив…, сето тоа е една вулгарна паланечка збирштина неспособна да „произведе“ нормално функционирање на државата. И ние, па и т.н. „меѓународна заедница“ сосе „стратешките“ ни партнери, очекува(в)ме од нив реформи, прогрес, ЕУ вредности, натпревар на идеи и квалитет?

Но, приказната со „стратешките“ партнери има други темни ќорсокаци, но за тоа во друга прилика. Меѓутоа, во целиот овој провинциски жабурник, повторно и по којзнае кој пат, посебна улога играат лоби групите, нво градинките, (дел од) медиумите и „интелектуалната“ клиентела, чијшто придонес во општите црнила воопшто не е секундарен. Нивната поддршка на една ваква неспособна постава во власта е значаен фактор во оваа (не)културна војна против стручноста, професионалноста, моралноста, етичноста…, против сите вредности на едно цивилизирано општество. За жал, нивниот главен мотив е среброљубието и привилегиите (главно професионално незаслужени) за себеси  и за потесното или поширокото семејство.

И тие се уште повулгарна копија на бедната слика на власта, со таа разлика што барем дел од нив целосно свесно ја играат улогата на шеста колона во државава. Не само во однос на катастрофалниот тек на евроинтегративниот процес, туку како темелна поддршка на една полуписмена и во основа неука и неспособна власт! А таа, оваа „власт“, со својот криминоген ум, секогаш наоѓа нови и нови начини за задоволување на нивните клиентелистички апетити. За возврат, власта добива „мирно море“ за своите махинации и криминали, плус дополнителен жабји хор што ги воспева сите нејзини „политики“. Особено евроинтегративните „политики“.

Многубројни се примери коишто би можеле да бидат посочени како илустрација на отворениот фронт контра цивилизациските вредности. Некои се и премногу бизарни, дури смешни (или трагични, како сакате). Како на пример онаа шарлатанска „1ТВ“ којашто ќе ни покажеше што значи телевизија, или „шефицата“ на СЈО и нејзиното фамозно „отвори, отвори“, скандалот со малоумните фамилијарни „политики“ во Музејот на град Скопје и уметникот Шеќеров, вицепремиеркана за опомени, пораката на „премиерот“ за „владеењето на правото“… итн., итн. Или, ако баш сакате, разговорот (ни помалку ни повеќе туку) за ЕУ од цели четири часа на тројката Заев, Ахмети, Ковачевски!

Што ли тие тројца имале да си кажат во однос на ЕУ?!