Monthly Archives: October 2018

НЕНОРМАЛНОТО НОРМАЛНО, НОРМАЛНОТО НЕНОРМАЛНО

или

ЗА СЛЕПЦИТЕ И КУЛТУРАТА (4)

Не знам до каде ќе оди мојон во последно време омилен лик – како од цртан филм е – од вмронската секта во опишувањето на нештата што ни се случуваат на начин како што слепиот, да не речам слепецот, го опишува слонот што никогаш не го видел во животот. Ама изгледа времето е такво, време на слепци, особено во таа секта со демек историско име, а каде што залегнале, богами, и ќорави и слепи, и по некој „шашардисан“ (Вангелов) како оној Алек кој, ми се чини, допрва ќе го крка, не е ни свесен. Но, мојон омилен слепец, кој, очигледно, се определил за губитникот Жмицко, освен во културата, се разбирал и во спорт, па вели дека во нивно време – еееј, они стигнаа да имаат „нивно време“, време на слепци – македонските ракометари го оставале срцето на терен, а сега – демек во времето на овие криптокомунистиве – изгубија од Грција! Абе шутрак, не е проблемот во срцето, во умот е, го имаш или го немаш! А зарем speedy Gonzales не беше (и) нивни човек, ако веќе така ги поставуваме нештата? И што се смени, овие не сакаат да играат за ваква (Северна) Македонија, за ваква македонска репрезентација? Па нека си направат нивна, секташка, вмронска, и нека си играат на мали голчиња во маало, кој им брани, а не со пари на оваа и ваква држава а со умот во сектата!

Што и како гледа слепиот човек навистина не можеме да знаеме. Особено зашто – ништо не гледа, нели, што е своевиден парадокс. Иако, уствари, парадоксот е во тоа што овие слепци нам ни го припишуват слепилото, и не само него туку и умоболието, како да ние дванаесет години да не гледавме, не слушавме, не разбиравме ништо, особено не нивните секојдневни гадотии и криминали.

Како и да е’, слепецов сам по себе и не е таков парадокс, ама бившиот му шеф, па и сегашниов – се’. Зашто, апсолутно сум сигурен дека во изминативе два-тринаесет години не сум се согласил со ниту еден збор изречен од криминалнион екс-премиер, или такаречи бивши шеф на заслепениов, кој сака другите да си ги оставаат срцата некаде а тој … ај да не ја шириме. Но, да бидам попрецизен, не се согласував со него, во ништо, ама само до пред некој ден. Е тој ден, мислам дека беше вторник, тој изрече една неприкосновена, или што би рекле америте undisputable вистина. Вели: го направија „ненормалното нормално, нормалното ненормално“! Не појасни кој тоа го направил, ама како да се подразбира. И ете го македонскиот парадокс кој што го живееме со децении, ако не со векови, изречен токму од овој (дефинитивно) осуден криминалец, а всушност немате избор освен да се согласите со него. Парадокс пар екселанс или парадокс каде – кај нас стопати видено – токму крадецот вика „држ’те го крадецот“. Ама да е само тоа!

На крај памет не ми паѓа да конструирам “профил“ на криминалецов и неговите дела, со цел да докажувам нешто. Мислам дека дванаесет години беа доволни да видиме со кого имаме работа. Беше – ко на филм, токму како „ненормалното нормално, а нормалното ненормално“. Чиста фантастика! Прво, во нормални земји вакви типови не би можеле ни да припарат до сериозна државна функција, а не пак да бидат премиери. И тоа заради многу нешта, меѓу другото и криенките со семејните истории, образованието (минорно, и целосно проблематично), минатото (со сите негови „опашки“ како божем брокер и слични будалаштини, па „Македонска банка“ итн.), туку и заради вкупната „натална карта“ која што ги обединува сите спомнати и неспомнати аспекти. Ама, кај нас – може, се разбира, особено ако за државните функции го предлагаат ликови еднакви на неговиот профил! Нешто ала Љубчето Георгиевски – иста марка, селска, провинциска, ужасна! И токму во неговиот долгогодишен мандат, проследен со сите криминали, клептократски манифестации и историски будалаштини што ја чинеа оваа земја изолација каква што не се памети ни во времето на четириесетосмашкиот „асликомунизам“. Впрочем, идентичен проблем гледаме деновиве и во Собранието на РМ апропо ребалансот на буџетот, каде припадницине на сектана се чудат зошто ова, зошто она, па зошто и пари за буџетите на општините, а свесно ги забораваат нивните криминални градоначалници кои се убија од крадење, осиромашувајќи ги општините за идни неколку буџети.

Елем, како, и зошто, невозможмното стана возможно односно возможното стана невозможно, како што вели осуденион криминалец? Е па, заради тоа што токму тој, инаку, велат, магистер по економија, иако тој случај уште не е отворен, мислеше дека е и, на пример, музеалец, па „проектираше“ цел музеј – ама да беше само еден – што ни го смести среде град, на брегот на Вардар – спротивно на сите урбанистички стандарди – а и тоа му беше малку па се зафати и со „програмирање“ на неговата постојана поставка и увоз на восочни фигури како за три Мадам Тисо музеи. Заедно со неговиот пајташ, шефот на кабинет, како уште еден показател како невозможното станува возможно односно возможното станува невозможно! Па ни испроектира и реализира цел нов центар на градот, па ни изрежира нов идентитет, нови културни “вредности“, ни напиша нова кратка и долга историја на македонскиот народ, почна да се бави и со издаваштво, да дели меѓународни награди (кои што, некако, кратко му траеа), па … Алооо, како сето тоа беше возможно за полутан, за необразован секташ, за некултурен и неспособен мафијаш како тебе, а денес е као невозможно, или обратно, за другите?

Но и тоа не беше којзнае каков проблем, да беше само еден невозможно возможен. Секоја нормална држава лесно се справува со такви дефектни организми. Едноставно – ги исфрла од системот. Ама кај нас невоможниов дојде со цела орда невозможно возможни, со исти такви, па и бетер кои ги запоседнаа сите државни функции, се ушанчија, залегнаа и веќе топ не ги биеше цела деценија. Во културата му беа продолжена рака на културомрзецот од проста причина што не разбираа ни каде се ниту пак што се создавало пред нив. Тие, токму заради невозможната возможност, беа програмирани само за уништување. Дотаму им дофаќаше погледот, и умот. И токму затоа нивното време останува забележано како време кога невозможните нешта стануваа(т) возможни, кога секој муфљуз може да сними филм со државни милиони само ако го прошета невозможниов по сетот или ако и’ го тутне детето на министерката малку да си поигра, кога секоја будала станува писател или уметник или директор, кога алуминизирани идиоти стануваат идеолози а оперски пеачи водачи на орди …кога налудничавите процеси се прогласуваат за наша иднина, кога безумните владеат со државата со силата на тупаницата а не со моќта на умот!

УР – СЕЉАЧИЗАМ

или

ЗА СЛЕПЦИТЕ И КУЛТУРАТА (3)

Да не се разбереме погрешно: не мислам дека на луѓето треба да им се ограничува правото на говор, и одговор, и објаснување на нивните постапки. Напротив, иако тоа не беше случај до вчера, не беше случај ни цели дванаесет години. Зошто некои медиуми, и новинари, мислат дека денес само бандитите од минатото, вклучувајќи ги тука и пуфлите-гласачки, и нивните партнери, соработници, поддржувачи … треба да доминираат во македонската јавност? И што е тоа што тие уште имат да ни кажат, освен она што ни го (по)кажуваа, и (по)кажаа, цела една деценија и малку повеќе? Нешто ново? Ма дајте, ве молам. Тоа што гласаа за отворање на процесот на уставните измени? Смешно. Па тоа тие го прават само и исклучиво за да си го спасат задникот, и што тука не е јасно? Или навистина требаше пуфлата да излезе на телевизија и тоа да ни го каже? Па гледате дека таа мисли дека не ја ни предала партијата, туку напротив: таа направила многу за неа. Па и направила, ако баш сакате да знаете. Да не беше таа, прво ова Скопје ќе си изгледаше поинаку, односно – по старо, наместо овој шизоиден галиматијас струполен во центарот на градот токму благодарејќи на Канческа. И второ: македонската култура ќе изгледаше многу, многу поинаку да не беше таа персона, ќе изгледаше градски, современо, европски … наместо сељачки. Што повторно е дело на персоната. И што тука не е јасно и што таа сега (ќе) ни појасни? Или некој друг од барабите, апропо? Па уште и ќе ја прашуваат која е вистинската пуфла, оваа или онаа? Се’ е тоа едно исто, пријатељи! Та она само спроведувала програма на влада! Ма немој. И плус, пуфлата инвестирала (завршила факултет, магистрирала, докторирала) во Македонија!!! Мислам, зошто и новинарите и медиумите се доведуваат во таква положба да изгледаат смешни пред јавноста?! Нејсе, нивни проблем, иако е и наш.

Она што, мислам, цело време го превидуваме во нашите размислувања / пишувања за периодот на владеењето на вмронските гарнитури (особено во неговава последна и најодвратна режимска варијанта) и сето друго „македонско време“ (што и да се подразбира под тоа, а се подразбира, сигурно, нешто многу попристојно) е фактот дека тука станува збор за очигледна културна диференцијација, за поделба по културна вертикала и хоризонтала, или, во крајна линија, на судир (не на левица и десница!) на градски и рурален, да не речам отворено сељачки, (културен, цивилизациски, животен) концепт. И тоа во неговата најлоша, таканаречена ур-варијанта! Токму за тоа пишува и Весна Пешиќ, (а она обично знае што говори!),  во текстот „Ур фашисти објавили рат Београду“, поистоветувајќи го „руралниот“, ај пак да не речам сељачкиот српски напад врз нивната метропола, по сите основи и на сите начини, нешто што ние несомнено го проживеавме, преживеавме, иако јас не сум премногу сигурен во второво, а сега доаѓа на главата на северниот сосед. Иако, мислам, барем за оние кои почесто оделе во Белград, они го играат ова „ситно ур српско коло“ малку поодамна, уште од времето на „славниот“ Слободан и неговата „фамилија“. Како и да е’, условите се исти, главите / умовите се слични – произлезени од балканските зачадени националистичко шовинистички крчми а задоени со дебела доза сељачизам како мајчино млеко – така што и не е за чудење што ни се случуваат слични работи. А впрочем, добро е малку и тие да гледаат / учат во / од нас, ние тоа го правеме од нив цели шеесетина години. Како и да е’, Весна Пешиќ го препознава (уште еднаш) српскиот ур-фашизам во делувањето на (божем) невладината организација „Национална авангарда“ – пази: сељачана што себеси се прогласува за авангарда! – а на чии собири присуствува целиот државен врв на Србија?! Плус – странски амбасадори (Италија и Кина). Иако, велат, „националните авангардисти“ не се премногу одушевени од името на организацијата, зашто себеси се сметаат за „српски национални покрет“. Е па, како и нашиве, впрочем, само што нашиве се „политичка“ партија, демек. Што е, која е основната, началствујушќа оска на делување на тој српски националистички покрет обвиткан во обландата на „национална авангарда“? Весна Пешиќ вели: убиството на Белград! Познато? Се разбира. Но, да одиме со ред. Кај северниот сосед, историски гледано, убиството не е некоја голема работа, уште од СХС, а особено во поновата (демек „демократска“) историја, почнувајќи од убиства на премиер, политичари, на новинари, па надаље. (Но и тука „ние“ им дадовме пример, одевме директно на убиство на претседателот на државата! Секоја чест, македонската идеја за ликвидации секогаш тргнувала од врвот!). Ама – на цел град? Да, и тоа е „наша школа“, зашто она што Пешиќ го опишува, ние го гледавме во живо, пред наши очи, многу години пред нив: „китење на градот, Белград на вода, убивање на стари куќи, инвеститорски рушења (…) погрешни и грди споменици (…)“, вели Пешиќ. А зарем нашево беше нешто друго?

Да, и од ова некој „наакан“ (цитат на слепецот) може да извлече убава теорија на западен заговор контра кутрото православие. А може тоа и да се покаже точно, не знам, кај нас веќе се’ е можно, ама знам дека дејствуваат сили кои навистина, во живо, не само што убиваат луѓе, туку убиваат и градови. Прво Скопје, а сега и Белград, се нагледни примери за тоа. Зошто? Па затоа што сељачизмот, дојден во Скопје на крилјата на национализмот и шовинизмот како маскирна униформа на простаклукот, а гласан како божем „национален блок“, едноставно не може да се снајде во градска средина. Таа, впрочем, не му е природна / својствена односно му е децидно спротивставена. Или, ако сакате, таа е – оној Сотир Костов, кој паркира во тревник на Плоштадот ама нам ни вели дека градот ни е каллив! Си ги извалкал опинците, кутриот. Затоа сељачизмот, нормално, сака со сила да ја промени средината, да ја посељанчи, што више то боље, да ја прилагоди на својот „менталитет“ зашто тие никако, ама баш никако не можат да се адаптираат на градската култура. И тука доаѓаме не само до маестрално умоболното „Скопје 2014“ туку до целокупната македонска политика во изминативе дванаесет години. Тоа, кај нас, е типичен ур-сељачизам, кој што, барем јас, не би го доведувал премногу и пречесто во директна врска со фашизмот. Не знам многу за фашизмот во Србија, ама за нашиве тој е објективен напор на умот, „сериозна“ идеологија од која што македонскиве глупандери не знаеа ни „а“. Сигурно и оние во Србија се иста марка, ама да останува да се потврди. Затоа, ние бевме соочени со ур-сељачизмот кој што сакаше не само да ги смени нашите градски навики, нашиот природен секојдневен амбиент, да не’ посељачи, туку сакаше – и успеа – да го смени целиот градски лик на некогашно Скопје! (Апропо, не така одамна, во 2013 година, еден македонски уметник – Љубомир Милошески од Струга – изведе прилично впечатлив перформанс низ ова и вакво Скопје шетајќи една овца низ центарот и „објаснувајќи“ и’ ги новините во градот. Не разбравме какви беа впечатоците на овцата од прошетката!). Е сосема сличен беше и концептот на македонскиот ур-сељачизам: кај биле, што виделе, посакале да пренесат баш во Скопје, да им биде полично!

Но барем да сопреа само тука. Меѓутоа, ур-сељачизмот, а особено неговата македонска варијанта, по правило не сопира ако не го сопрете. Фронтот беше отворен преку она „Скопје 2014“, но сељачистичкиот пуч се префрли во целата македонска култура, во сите пори – уметноста, театарот, издаваштвото, филмот особено, итн. И траеше долго, предолго. И се’ уште трае, иако божем дише на шкрги ама и понатаму му даваат да дише, па и прилика да се дообјасни, демек, да „држи банка“, да биде пандан (во името на некаков измислен баланс!) во сите дебати, за да повторно, и повторно, ги слушаме слепците, или заслепените, како сакате, како го опишуваат слонот кој никогаш во животот не го виделе!

КОРЕНИ

или

ЗА СЛЕПЦИТЕ И КУЛТУРАТА (2)

Едно време се чудевме на изјавите за македонската култура слични на оние на слепиот, или заслепениот, како сакате, „народен“ пратеник (за кој пишував во првото продолжение). Веќе одамна – не. Научивме, многу, не од него / нив, туку за него / нив. И престанавме да се чудиме. Сепак, тоа не значи дека не треба, одвреме навреме, да обрнеме внимание на тоа што говорат. Зошто? Зашто отровот е се’ уште тука, распослан низ сите пори на македонскиот (не само) културен систем – ако воопшто нешто и останало од него. Од системот, мислам. Според ова што гледаме, многу малку, речиси ништо. Затоа, впрочем, и слеп(ц)ите го опишуваат слонот така како што го опишуваат: како магаре, како лав (антички, се разбира), како петел … Сето тоа за нив е „слон“ односно сите нивни налудничави конструкции за тоа што е култура и што, особено, е македонска култура, наликуваат на таквите описи. Корените на отровот не се премногу длабоки, ама се силно уземјени. Затоа што имаат плодна почва. Како пирејот, впрочем. Ај оди па искорени го! Ќе му дадат Нобелова награда на тој кој ќе успее. Или барем ќе го направи полезен. Ама, ај направете го кичот корисен?

Дванаесет години не се малку во животот на една млада демократија. Речиси половина, во нашиот случај. А тоа е – премногу, според сите мерила. Резултатите ни се на показ. Зашто ако, на пример, за еден „лидер“ (наводниците се навистина неопходни!) на најголемата опозициска партија врвен интелектуален дострел е цитат од филм за еден маскиран „одмазник“, тогаш за што, и за каква култура можеме навистина да говориме? Или, ако бившата „министерка“ за култура, од Собраниската говорница деновиве – пред гласањето – се фалеше со нејзините „успеси“ за времетраењето на мандатот, тогаш за која и каква култура воопшто можеме даговориме? Што, на пример, остави како нејзин залог оваа персона, а што би можело да се нарече пример за културно однесување, за културни политики, за проевропски дух во македонската култура? Многу би сакал да слушнам од прва рака, иако се сомневам, некако баш и не ми се шипчи до Шутка или Идризово, каде што би требало да биде нејзиното идно престојувалиште, за непознат број години. Но, заправо, многу пати сме ја слушале и сме се смееле на нејзините „тези“ за културата, така што уште едно такво „задоволство“ би било можеби премногу. Велат, делата говорам за себе така што кое би било, извинете, тоа што е „дело“ по себе и за себе а сведочи за дострелите на вмронската култура во која што се колне и слепецон? Па добро, незибежно, секако, е „Скопје 2014“ не само зашто е секаде меѓу нас, туку и заради фактот што идиотиве со него навистина и се гордеат, како и со потрошените 700 (или повеќе?) милиони евра, а особено со „Белата шампита“ со која што го уништија ремек-делото на Муличковски, па со нивната „Бела палата“ како пример за шизоидна фашизоидна квази-архитектура каква што оваа и сите други Македонии пред неа не беа виделе до нивно време? Само ова па би било доволно инспираторите и раководители на оваа вмронска „културна политика“ да се прогласат не само за шарлатани во културата туку за сериозни терористи контра културата на својот народ и држава. А тоа е врвно злосторство! Ако кон ова го додадете и вкупниот хаос што го оставија во сите културни дејности, почнувајќи од музеите – на чело со оној Музеј на хоророт и оние (п)откупни политики во/за уметничките музеи, па преку комплетното дезавуирање на сите стручни сегменти во заштитата на културното наследство, па следствено и неповратното упропастување, на подолг рок на некои од најдрагоцените примероци, па оној многугодишен бал на вампирите од калибарот на академикот-библиотекар, биографон и нивната лукративна братија во издаваштвото … тогаш: за каква тоа култура во нивно време говори слепецон, пардон – заслепенион, и неговата екс-министерка? Попрво ќе биде дека треба да говорат, ама и да одговараат – а не само за „лепаци“ – за културоцид во сопствената држава.

Но, да бидеме искрени, сето тоа не почна (само) од нив. Тоа има свои корени, не така длабоки но сепак видливи, и запаметени, уште од 1998 година, па и од 1992, ако баш сакате, со нивните „кадри“ кои не само што немаа појма што е тоа култура, туку си ја третираа како свое јавно грне од каде се црпи злато. А злато имаше, богами. Единствен нивни „кадар“ кој де факто беше дел од оваа култура – ама, повторно, кутриот ништо не разбираше вон неговата професија – беше Цветан Грозданов. Сето друго беше лет изнад кукавичјег гнезда, јад и беда, сељачина одеднаш вивнати на министерски места, почнувајќи од онаа бараба Пауновски – тој, богати, ќе го даруваше светот со македонски скулптури, а мислеше да стаса и до Месечината, а стаса само до Шутка – па „трампаџикана“, па братучеда и’, и се така со ред. Тие, се разбира, носеа со себе вмронски кадри на функционерски и директорски места, се’ кој до којега, ама кои сосема успешно „оставаа трага“ во оваа несреќна култура. Е сега, од такви корени, какви културни израстоци очекува(в)ме? Кога наназад ќе ја погледнете таа полуписмена и во суштина тотално некултурна линија, дури ќе помислите дека и добро поминавме. Да, ама што е тоа добро во наш контекст? Што благодарејќи на нивната неспособност комбинирана со разноразни „лепаци“ заостанавме зад културна Европа уште 20-30 години врз оние основните, стартните 50? Или добро е што воопшто нешто остана што може да се нарече култура? Системот мора да се самоисчисти и да се регенерира, а за тоа треба време кое што го немаме. А, да бидеме искрени, немаме веќе ни луѓе!

Инаку, според последните вести, токму заслепениот пратеник, како и секој послушен апаратчик, дава поддршка на неговиот Betman-lover „лидер“ велејќи дека „За Македонија и ВМРО никогаш немало лесни времиња“. Што е апсолутно точно, освен што она „и“ треба да се замени со „со“, а поддршката да гласи: „За Македонија со ВМРО никогаш немало лесни времиња“! А точно е и тоа дека „Македонија ќе победи“. Ама – без нив!

ПОМЕЃУ РАЗУМОТ И ЕУФОРИЈАТА

Во еден минатогодишен текст насловен „Помеѓу еуфоријата и злото“, пишуван во времето на (најпосле) успешниот обид да се формира нова, реформска Влада, во напливот на еуфоријата што завладеа на мрежите и медиумите – додуша само на некои – се определив да пишувам не за еуфоријата туку токму за Злото. За победеното Зло, но сепак Зло кое што се’ уште надвиснуваше, како и што се покажува, над македонската демократија, со интенција во славеничката атмосфера да не заборавиме дека силите на мракот, сепак, не се / беа целосно поразени. Еве, таков избор ќе направам и денес, од проста причина што гледам дека многумина, како и тогаш, се определуваат за егзалтирани текстови во кои што се слави „победата“ – извинете, да не е прерано? – мудро изиграната партија (за што, секоја чест, немам забелешки, иако дури бев по малку и скептичен), отворениот пат за евроинтегративните процеси итн. Немам суштински забелешки, дури и убаво е да се слави, ама нели велат: изгорениот дува и на маштеница? Или, да кажам поумно: нели историјата не’ учи да се пазиме од Данајците и кога носат дарови? Не знам, можеби човек со годините станува попретпазлив, или со искуството, а моето не е баш најдобро со оваа багра, па оттука и претпазливоста. Така и сега: би сакал да бидам на страна на разумот, со сосема мала доза еуфорија во срцето во оваа драма во три чина!

Зборот ми е, прво, еуфоријата од отворањето на процесот не смее никако да ја замагли суштината дека за тоа беа потребни и осум туѓи гласови, гласови на луѓе кои до вчера беа целосно на спротивната страна, да не кажам лути непријатели, ама и да кажам нема да згрешам, а кои ненадејно, под „одредени услови“, преминаа на наша страна. Зошто и како, цената ќе ја дознаеме во некоја поблиска иднина. Но, тоа, генерално не ми пречи. Дури можам да се убедувам и себеси и другите – иако прилично млако и неволно – дека тоа навистина е и нивен (сегашен) избор. Дошло им врло веома из дупета у главу, што би рекле Србите, во стилот на една од гласачите „за“. (А бидејќи веќе ги спомнувам Србите, замислете го и незамисливото, меѓу сите вмрони и еден вистински Србин наречен Стоиљковиќ! Поголем вмрон од вмроните. Неверојатно! Тоа го има само во оваа Македонија, па нека е и Северна!!!).

Како и да е’, еве нивните гласови нека извираат дури и од срцето а не од разумот, јас сепак би ги прифатил со мала резерва. Прво, зашто оваа драма е програмирана во три чина, од кои што наведените персони ќе мора да гласаат исто барем во уште еден чин. Лесно? Којзнае. Дотаму е ујдисана работата? Не знам, можеби. Јас повторно за Данајците зашто, прво, овие осуммина – а во врска со ова, како чудно совпаѓање: ви текнува на 1989 година и историската улога на осумтемина од РСВР, сега сите безмалу на различни страни? – имаат сосема различни претходни „дела“, што значи и различен меч им виси над главите. Второ, тие ќе бидат подложени на огромен притисок од страна на нивната (бивша) партија, притисок за кој што ние можеби и не сме свесни. Веројатно тоа го имале предвид премиерот и надлежните, ама добро е да се потсетат. Ќе издржат ли? Тие си знаат, ама треба и некој друг да знае. Да се надеваме дека е така, инаку се заканува третиот чин да испадне трагедија наместо лесна драма!

Но, можеби не одговорив децидно зошто сепак се определувам за разумот визави еуфоријата. Можеби заради фактот што некои од „осумтемина“ ми се прилично добро познати, не лично, скраја да е’, ама според нивното однесување и постапки за време на бандитскиот режим. А богами и заради наследството што го оставија. И тука да не пропуштам да ги спомнам и сите оние таргетирани „одгласи“ врзани за нивното гласање, почнувајќи од онаа глупицана која токму една од гласач(к)ите ја внесе во филм дека е нешто специјално, дека е дури и глумица, па и директор(ка), а оваа сега и’ враќа за некаков лепак на раката. „Охо“, или … од овие новиве, „Тендер“ лепаци? Или токму братучедата (повторно) на една од гласач(к)ите, која цел живот го помина онака, амбивалентно, ни оди ни седи, а сега испраќа некакви шифрирани пораки за „чист образ“. А кој тоа, ве молам, има чист образ? Таа? Ма дајте, та зарем некои персони навистина мислат дека ние сме го загубиле целото паметење само заради фактот што тие успешно се прикриле? Нивното допрва ќе излегува, нешто од тоа е застарено, за жал, како оние сељачки трампи, ама нешто и не е!

И токму тука сакам да ја извлечам поентата на овој текст, на мојот став за оваа ситуација: целосно согласен со „упатството“ на почитуваниот Малевски (Денко) дека (парафразирам) кога е во прашање опстанокот на државата, сите лични „теории“ паѓаат во вода, сметам дека оваа власт мора(ше) да го прифати „покајувањето“ на одделни персони, сега и тука, во интерес на повисоките цели, без оглед на причините за истото. Но, убеден сум, дека прифаќањето не мора / не смее да значи и историска амнезија за нештата низ кои што „заедно“ поминавме, но на дијаметрално различни страни, едните како егзекутори, другите како жртви. Заборавот не смее да биде прашање на државен притисок или решение, зашто минатото не е мртво слово на хартија кое лесно се брише само со помошта на гумичка. Не, тоа би било државно злосторство кое оваа власт не смее да си го дозволи. Заборавот никогаш не бил / е’ решение за ниту еден проблем. Заборавот е само уште еден од многуте патишта кон заедничкиот казан на пеколот каде што, ни криви ни должни, би се нашле со некои непосакувани типови.

ЗА СЛЕПЦИТЕ И КУЛТУРАТА

Некои учени велат дека една од особеностите што ги издвојува големите уметници од обичниот народ е начинот на нивната перцепција на реалноста. И посочуваат многумина навистина големоформатни уметници, од Леонардо па наваму, а како контрапункт најчесто се наведува, на пример, разликата на нивната перцепција со онаа на слеп човек кој мора да опише слон што никогаш во животот не го видел. Можете да си претставите на што би личело тоа?

Е сега, не мораме баш сите да бидеме Леонардовци во обичниов живот, ама совремиево сепак ни пружа дури и „предности“ над големиот мајстор, мислам на оние од техничка природа (фотоапарати, камери, телевизија, интернет и слични технолошки откритија) кои што и на „обичниот“ човек му овозможуваат прилично сигурна (иако не уметничка односно креативна) перцепција / рецепција на светот околу него. Ама, останува неодговорено прашањето: што со слепиот – и не мислам буквално, туку подобро речено со заслепениот – кој заради својата глупост, ограниченост, неукост и особено идеолошкото бунило едноставно не е во состојба не само да ја согледа туку ни да ја разбере реалноста околу него? Како ли тој / таа, на пример, ќе ви го опишат слонот односно современиот миг на македонска култура? Исто како и глувиот што ќе ви ја „опише“ Деветата симфонија на Бетовен! Или, тезата може да се постави и обратно: како на некој слеп / заслепен „пратеник“, или „пратеничка“ (дури и „министерка“), на пример, од сегашнава вмронска опозиција, ќе им објасните што е современа култура, како таа се манифестира, кои и какви се нејзините аспекти итн? Никако, ама ич не почнувајте, џабе трудот, нема да ве разберат. А тоа сепак не е само прашање на перцепција, туку и на рецепција, а особено на – ум!

И кога еден од „тие“ јавно вели  дека „Имаме една наакана, забегана власт“, човек сериозно се прашува дали овие луѓе, или овој човек поименично има проблем само со видот, само со слухот можеби – ако не ги слушал „бомбине“, има реприза низ македонските судови – или и со двете сетила заедно, ама и со она најважното, она помеѓу двете уши кое што некој го нарекува памет, или ум? Зашто, денес да кажете такво нешто, после оние дванаесет години вмронска хистерија, треба да сте малоумен, најблаго речено. Та зарем ќе се случуваше она што се случуваше наназад две години, од „Шарената“ па наваму, да не беше нааканата и забеганата власт токму на неговата криминална банда? И зарем ќе го имавме целиот оној ангажман на меѓународната заедница, вклучувајќи ги тука и највлијателните личности од ЕУ и САД, да не бевме така длабоко зацапани во криминалот на неговите сопартијци? И оние ќе говорат за „наакана и забегана власт“? Не знам, не слушнав дали на неговиот контраговорник од СДСМ му текна да го потсети „слепиов“ и „глувиов“ на месечните хонорари на неговата сопруга од МНР, со години на ред? Кои што, белки, денес се укинати? И дали можеби оваа „наакана, забегана власт“ е таква токму заради тоа?

Но, кога слепиот при очи би застанал барем таму. Ама не, ѓаволот во вмроните ни ора ни копа, уште помалку има сопирачки. Па вели, овој: „Еве, некој нека ме демантира од СДСМ ама никогаш, пеесет години години наназад немало ваков терор и репресија во културата“. Е сега, извинете, ама да искажете и ваква констатација, треба многу да не знаете, и многу да сте неинформирани или, уште повеќе, да умеете страобално да лажете. Или пак, допуштам – да сте многу глупи, максимално! И мислам дека „слепиот пратеник“ се надеваше токму на пословичната неажурност (да не речам неспособност и некомпетентност) на спомнатата партија да одговори на вакви обвинувања, односно дека тоа, прво, ќе помине неказнето од неговиот контраговорник кој, знае „слепиот“, нема врска со културата, и второ, дека веќе утредента сето тоа ќе биде стара приказна. (И повторно, неодминливо е прашањето: фактот дека некој заслепен вмрон ја бербати македонската култура во времето на, нели, реформската влада на СДСМ не е интерес на таа партија да одговори соодветно?).

Е сега, да изречете една таква квалификација за сегашниот миг на македонската култура треба да сте не само безмалу експерт за македонските културни состојби барем „пеесет години наназад“, туку да сте и некаков историчар на македонската култура и културни политики или, ако не повеќе, да сте современик на тие состојби, што би требало да значи дека слепецот има барем шеесетина години. Ни првото, ни второто, ниту третото не одговара на заслепениот, пардон – „слепиот пратеник“. Тој не е ни едното, ни второто, ни третото. Тој, by the way, е ништо, една голема нула, не само во културна смисла, инаку прославена единствено низ неговата прочуена нескриена омраза кон албанската етничка заедница. Што, зачудо, кај овие толку години поминува глатко. И со такво педигре, останува нејасно врз основа на кои аргументи се искажува констатацијата, илустрирана само со еден несреќен инцидент со глумицата Ристиќ – иако слепецов не и’ е ни до колена за да ја користи за такви манипулации, а богами ни на Арна Шијак, чиј „случај“ е сосема различен. Згора, „случајот Ристиќ“ нема ама баш никаква врска со културата, туку има со редица други подеднакво важни нешта, меѓу кои и човекови права, ама – овој ли, овие ли пораснаа толку да делат лекции и за тоа? Па колку заслепен, колку безобразен, колку манипулативен треба човек да биде за да изрече такви бесрамни констатации? И кога ова би се случувало после, не знам, дваесетина години, во некоја подалечна иднина, па некој многу поумен и поинформиран од заслепениот слон ги каже сличните констатации, тогаш веќе некој можеби и би се замислил, би копал по архивите и слично, колку подобро да се информира. Ама да се расфрлате со такво лигавење само една година по катастрофалното, тотално антикултурно и целосно антидржавно режимско владеење на една вмронска партија – е тоа е, извинете, премногу дури и за еден слеп или заслепен „пратеник“. Толку слеп што веројатно не ни гледа на што му личи главниот град, па и партиското седиште, а што е резултат на „културата“ на неговата партија, на што личат македонските културни институции, каква е нивната кадровска структура, колкави им се платите на тие луѓе … Но, проблемот е што вакви слепи / заслепени шарлатани со години се наоѓаат на листите на „најпатриотската“ партија, што се дебело и неколкумандатно увалени во пратенички фотелји завземајќи го местото на квалитетните луѓе на оваа држава. И кога македонската култура навистина би зависела од вакви слепи типуси кои се обидуваат да ламентираат за нешто што им е тотална непознатица, ние би биле држава без иднина. Зашто, колку тоа да звучи паролашки, оваа држава нема иднина токму без нејзината култура. Само таа е темелот на нејзиниот идентитет и постоење, можел / сакал тоа некој да го види или не. Ама тоа не е онаа партизирана вмронска „култура“ која направи пустош во државата, туку културата втемелена на универзални цивилизациски вредности инхерентни на оваа средина со векови назад.

ЗА ОНА НА „а“

или

LAISSEZ-FAIRE (7)

За она на „а“ може да се пишува различно, со прекршлива дипотрија. Таа диоптрија се прекршува токму низ вертикалата мозок – срце, па врз основа на тоа зборот што некогаш дури и не може да се изговори може да се напише со мало „а“ или големо „А“. Како кој милува односно како кој гледа, и која линија ја користи: онаа на мозокот или онаа на срцето. Некој пак може во овој контекст да се поврзе и на библиската „линија“: „Око за око, заб за заб“ или, како контра теза, „Заврти го и другиот образ“. И да одбере согласно неговите лични („религиозни“) чувства. Од друга страна некои, дури многумина, не сакаат ни да го спомнат тоа „а“, ни во мала ниту во голема варијанта. Едноставно – одбиваат! И со право, правото на личен став, избор, толкување на нештата. Добро, јас избрав да го пишувам во помалата варијанта, како „а“, зашто тоа – ако се разбираме – донекаде ми е прифатлива варијанта.

Е сега, а што е тоа прифатлива варијанта? Да, тешко прашање. Г-динот Манојловски во Собранието бара големо „А“ и го правда на негов начин. Не го спомнувам како лош пример, напротив, туку токму како пример на една лична оптика. И сите ние, горе-долу, се изјаснуваме (не само) по тоа прашање само и исклучиво врз личната оптика, нашето интимно разбирање на нештата, нашите можеби очекувања итн. Што, повторно, не е проблем, иако мислам дека прашањето – она на „а“, мало или големо – не е нешто за што се одлучува само и исклучиво низ личната диоптрија. Дури – напротив! И не е нешто за што се одлучува прекутрупа, народски кажано. Добро, разбирам, мигот е таков, мора да се реагира брзо, да не се испушти шансата.

Но, не го почнав текстов за да се определувам или да сугерирам некому како да се определува. Дури не можам да сугерирам ниту дали при промислувањето на прашањето, овака брзо, речиси молневито, треба да се преферира линијата на мозокот или линијата на срцето. Нема правила. Можеби мојата определба за мало „а“ веќе во стартот сугерира избор, иако незадолжително.

Оттука – да, темата е чувствителна, дури за некого може да биде и болна (ако се потсетиме колкумина, велат преку илјада луѓе, со месеци / години, ни криви ни должни скапуваа во македонските затвори), ама е и суштинска морална, правна и политичка вертикала која што, можеби, ќе треба да се свитк(ув)а. Но, нели и целиот живот е дилема, распаќе, избор помеѓу едно или друго, често добро или лошо? Ама, едно е само и исклучиво личен избор, а друго е избор што длабоко (ќе) влијае врз животите на цела една држава. Или мислиме дека нема? Не сум сигурен. Нема ли тоа да биде преседан што понатаму ќе се (зло)употребува во секакви други слични ситуации? Некој ќе приговори дека такви преседани веќе видовме, ама нели ги осудивме, особено оние на лудакот од Водно? Друг таков преседан што би можел да ни послужи како алиби, или аргумент, не сме имале, што пак дополнително ја усложнува ситуацијата на оние кои морат да донесат одлука. А таа одлука, повторно, ќе биде лична, со сите човечки и политички консеквенци што произлегуваат од неа. Всушност, не ни може да биде поинаква, со сите опасности што ги носи со себе. И одговорности, се разбира.

Не верувам дека во овој миг некој би сакал да биде во кожата на оној што ќе мора да ги „измери“ нештата, да се определи и да донесе дефинитивна одлука. Историјата ќе го оценува неговиот потег, вака или онака, ама работата е како решението ќе биде оценето денес, сега и тука, односно утре, особено во политичкиот контекст на некои (навестени) скорешни избори?

Примери? Нашата релативно кратка современа државна историја не дава никаков показ, уште помалку алиби во полза на некое од можните решенија. Можеби имало слични – но не и идентични – ситуации во подолгата историја на оваа земја и народ, ама прашање е дали тие помагаат или одмагаат. На пример, помага ли начинот на разрешувањето на проблемот со Гордиевиот јазол на „наш“ Аце? Не, зашто е поинаква ситуацијата, а решението радикално (иако и нашето не би било нешто многу безболно). Но, примерот со војската на Самоил по битката кај Беласица може да биде интересен. Зошто Василиј не ги убива заробените војници туку ги помилува / амнестира (иако, сепак, не пропушта да ги казни со ослепување)? Интересна ситуација, нели, која што може повеќестрано да се толкува. На пример како „пресметана амнестија“ или амнестија со задна намера (ако се има предвид конечниот исход)? Или, понатаму, ние се’ уште не сме ги амнестирале (во пошироката смисла на зборот) окупаторските власти (и зулуми, секако) од Втората светска војна, особено оние на источниот сосед. Дури ни после толку децении!

Но, се разбира, без оглед за какво „а“ / „А“ денес ќе стане збор, тоа ќе биде поинакво од сите други. Ќе биде поинакво заради крајниот резултат – не на тоа на „а“ / „А“ туку на судбината на земјата. И тоа дополнително го натежнува бремето врз грбот на оној / оние кои ќе морат да решат и во наше име, сакале ние или не. И тука, конечно, нема дилеми дека мора да се одлучи, дека за варијантата laissez-faire како омилена на македонската современа политика нема место. Но нема место и за многу други, нека се и суштински прашања и отворени дилеми кои што во секое друго време би ги разговарале до стоиедно, и назад. На пример: е’ ли тој чин својствен на демократијата? Па – е’, дефинитивно, но друго прашање е дали е примерен токму за ова време, и за тие луѓе? И тука мислам дека никој нема никакви дилеми. Освен една. А таа е: што не’ чека утре? Има ли таков маж / жена подготвен/а да потпише дека ги превзема сите ризици за тоа утре, за целата држава? Зашто, утре не некој туку сите ние ќе го бараме виновникот за тоа што ќе не’ снајде, па барем да знаеме каде да се „обратиме“! А тоа „обраќање“ нема да биде ни пријателско ниту нежно. Се плашам дека ќе биде гневно, насилно, „обраќање“ на гладни и целосно осиромашени луѓе, во полупразна и опустошена – ама „горда“? – земја!

МАЛЦИНСТВО – МНОЗИНСТВО

или

LAISSEZ-FAIRE (6)

Ние како нетипична, нестандардна и несекојдневна држава – а многумина велат и држава со посебни потребни, или држава од тринаесетти колосек – треба да подлежиме и на нестереотипни процедури. Како што впрочем и подлежиме, со целава „процедура“ за името и евроатлантските интеграции. Нестандардните (или како што овде уживам да ги нарекувам laissez-faire) процедури / практики всушност ни се историја, барем современава, од 1992 година наваму, безмалу во сите пори на државата, вклучувајќи го и владеењеето на оној анахрон тираноиден режим цели дванаесет, и тоа во втората деценија на дваесетипрвиот век – векот на ИТ револуцијата.

Токму затоа мислам дека е време, а реалноста, особено актуелнава во тоа дефинитивно ме убедува, нетипичните и нестандардните процедури да ги применуваме се’ почесто и во суштинските нешта. На пример – во пребројувањето. Без оглед дали (ќе) имаме или не попис на населението по сите основи, особено етнички, тоа кај нас се покажува и како не толку битна пракса. Зашто, што толку ни фалеше што не го знае(в)ме точниот процент на етничките заедници сиве овие години, а особено денес, кога се пребројуваме според нешто друго? Што ако албанската етничка заедница денес брои 20, или 25 или цели 30%, или дури помалку од 10%, на пример? Што тоа денес ќе сменеше во Парламентот и расправата за Спогодбата со Првата (или беше Втората?) страна? Или што ако не знаеме колку точно се Ромите, или Власите или некоја од другите етнички заедници запишани во толку чуваниот ни Устав? И што овие (не)познати процентуални (со)односи значеа, на пример, при инсталирањето на она шизоидно „Скопје 2014“ и трошењето на цели 700 и кусур милиони евра за нечии фикс идеи? (Ќе) имаа некакво битно влијание?

Во таа насока, кај нас не функционира ни поделбата на, да речеме, образовани, особено високообразовани, и необразовани – оние кои со значителен пежоративен призвук ги категоризираме како безмалу небитен дел во државата. Ајде нека е и така, ама која од двете категории беше продолжената рака на криминалната банда во изминатиот период, кој седеше во министерските фотелји, во собраниските столчиња, во советничките кабинети? Згора сите, или повеќето, се стекнаа со магистерски и докторски титули, нормално на разни начини – од кои некои беа и разобличени, ама без конкретен резултат – при што некои и во времето на министерувањето или траењето на собраниските мандати, што е конфликт на интереси пар екселанс. Ама, нели, кај нас важи правилото laissez-faire односно кој сега ќе се замара и со такви глупости да повикува на некаква морална и друга одговорност министри, заменици министри, пратеници и слични официозуси само заради фактот дека „го надградувале“ своето образование? Ене, на пример, пуфлана ем магистрираше ем докторираше во времето кога беше министерка за култура. Ем успеа да ни го смести и „Скопје 2014“, ама и уште стотици нејзини и туѓи (некултурни) будалаштини купени низ бувљаците на европските престолнини каде што, повторно со наши пари, се ашкаше цели десет години. И како успеваат тие луѓе се’ да напикаат во 24 часа? Ем министерување, ем постдипломски, ем докторски, ем шетање по бувљаци, ем „Скопје 2014“ … ?  И бидејќи веќе ја спомнав, наместо да се сокрие од срам во најдлабоката дупка во тропрстата Македоња, таа соли памет од собраниска говорница дека „Патриот е оној кој работи за подобра иднина“. Па што ти сработи за нашата иднина, „госпожа“? Или лукративното билдање на твојата иднина треба и ние да го чувствуваме како наша придобивка? Е па врло веома „неќе моќи“ – занданите се делат соло, во самотија! Ама сепак, никој не ја спречува да ни држи лекции за „добро менаџирање“, нели?! Така и ни треба.

Додуша, ние пробавме, освен по етничка линија, да се делиме и по „земјољубна“ линија, и тоа на патриоти и предавници, на бранители и непријатели и сл. Тоа даде резултат, ама нецелосен, иако „патриотите“ си ги покажаа роговите па можевме да ги преброиме. Сега се делиме на референдумци, или еуљубци, и на бојкотирачи односно имебранители. И тоа е целисходна поделба, се виде и на референдумот, иако нецелосно. Но, мислам дека е време за нова поделба. Да, знам, многумина ќе речат: аман од тие поделби, дајте да се сплотиме! Да се сплотиме – во што, или како што? Како една сплотена криминална банда, како една збирштина глуперди, како неуко стадо … како што, ве молам? Не, благодарам. Едно такво искуство веќе имам – во културата, од времето на режимот, но и денес, кога „ж“барабите се’ уште оро водат – така што ми е доволно. Добро, ајде, можеби зборот поделба е навистина лош на ниво на држава, плус токму ова парче земја секогаш имало проблем со некакви делби, ама подобар ли е зборот: пребројување? Да? Ок, ајде тогаш да се преброиме, дефинитивно, но не како македонци, албанци, срби, роми … и не како припадници на одделни партии туку како чесни vs бандити, како морални vs неморални, како учени vs неуки (независно од „магистратурите“ и „докторатите“), како шарлатани vs професионалци… како мнозинство vs малцинство! Времето е дојдено, сега и тука, да се види кој навистина е мнозинство а кој малцинство и таа „мерка“ нека биде јазичето на државниот кантар. Поинаку – не може, очигледно, зашто криминалците почнуваат да негираат се’, дури и 27 април, не прават слепи при очи, луди при здрава памет. И ние тоа го допуштаме. Во името на што? На сплотеноста? Која, и каква, и за што? И по која цена? Не знам што е пострашно: целата држава или само нејзината „култура“, средена по тој принцип (сосе пуфлата „интелектуалка“ на чело).

Само два примери од вчерашната собраниска „расправа“, по мој избор, се разбира: Самка Ибраимовски, на пример, нема магистратура, или докторат (колку што прочитав), не е философ, и не е голем македонец, ама говори токму како најголем припадник на оваа држава. И не му треба Могерини да му појасни како да постапи во дадениов историски миг. Или госпоѓата Хасапи која излезе на говорница после пуфлата „интелектуалка“. Требаа ли други гоооолеми зборови да појаснат што мисли и чувствува сериозниот, чесен човек во оваа земја? Или, ако веќе сакате, словото на почитуваниот Ристо Лазаров апропо наградата „11 Октомври“ визави една цела армија муфљузи и билмези залегнати на грбот на македонската култура; или чесниот, професионален и човечки ангажман на стотици македонски културни работници наспроти многу повеќе алчни „патриоти“ и чистачи на културниот буџет за лични потреби, кодоши и уличари издигнати од бившиот режим на славодобитно рамниште? Такво пребројување ни треба, и денес и утре зашто тоа ќе не’ извади од овој пекол. Треба ли да се потсетуваме, одново и одново дека токму пребројувањето, или диференцијацијата, „беа длабокиот 11-тооктомвриски корен од кој широко се разграна дабот на нашата слобода и на нашата Асномска државност“, како што потенцира Лазаров? А кога веќе го спомнувам Ристо Лазаров, да не ги заборавам и останатите овогодишни добитници на највисоката државна награда „11 Октомври“: д-р Александар Ставридис, д-р Драги Михајловски и Петар Арсовски! Е сега, споредете ги овие со оние режимскине од пред некоја година, на пример со академикон-библиотекар Маџунков кој не’ задолжи – буквално – со стотици илјади евра во подрумите на македонските културни институции, и уште цела една гнасна низа партиски „добитници“ на оваа награда?

Е на такво пребројување мислам, и на таква нова слобода, зашто ова веќе не се трпи! А тука го подразбирам и она на пуфлата дека „сите сме овде интелектуалци“, вели прилично сериозно таа. Ма немој? А од кога тоа, и како тоа се станува интелектуалец? Со министерски „докторат“? Па тогаш цела вмронска партија – се’ интелектуалци? Е тука не’ доведе нашето помирливо непребројување, нашата неселективност во дружењето, па и во пиењето кафе – зашто, извинете, ама со секоја партиска бараба не се ужива во тој ритуал – сите, некако, станавме еднакви, што всушност беше неостварливиот комунистички идеал!

ГОРЧИ, БОГАМИ, ГОРЧИ

или

LAISSEZ-FAIRE (5)

Ова веќе е чист фолклор, играрија на „високој разини“, етногенеза на македонската глупост, Бит-пазар или Буњаковец, како милувате: тетка Могерини му ги отворила очите на „философот“, оној оперскион хушкач не сакал „подарена слобода“, Халкидики бара распуштање на Владата … а „круна свега“ секако е шефот на бандата кој е категоричен дека тој нема обвинение за корупција, провизии, имотна корист и слично, туку заради тоа што играл џамлии на недозволено место, случајно скинал цветче при добронамерна прошетка низ градскиот парк и, како врв на нашето лицемерие, го теретат за фрлање догорче низ прозорецот на неговиот Maybach S600. А тој дури и не пуши и следствено сето тоа очигледно е политичка намештаљка од криптокомунистите! И згора на се’, ене и оној Клековски сакал да ја дознае(ме) вистината за 27 април. Па како не бараше до лани да дознае(ме) некои многу други вистини? Фактор laissez-faire пар екселанс!

Да, ќе рече некој, ама „философот“ ме демантираше (па дури и Тричковски му поверува!), останува да ме демантира, или демонтира, и Лилето-на-тато-Блажо. Иако јас не гледам на тоа баш така: „философот“ единствено се демантираше – и целосно се демонтираше – само себеси, а тоа би го направила и Лилето-на-тато-Блажо, кога би се дрзнала на некаков таков чекор. Ама мислам дека таа е поитра од „философот“. Или не е? Ајде, ќе видиме. Или и тие добиле некакво „помирување“, во некаква опиплива форма? И тоа ќе го видиме. Но, повторно, сето тоа е само дел од нашиот локален фолклор, дури не е ни политички туку токму бит-пазарски. А за жал се одвива на највисоко ниво – во Собранието на РМ! И после, горчлив бил Договорот? Не бе „философе“, горчлива ни е стварноста, и глупоста!

Како и да е’, она што дефинитивно ме демантира, а богами се заканува и да ме демонтира, не само мене, е нашава  реал-политичка стварност, во која што јас сум запнал да разговарам не за „служење на народот“ или (не дај боже) за владеење со народот туку за – водење на народот. Иако, од друга страна, токму стварноста е таа што силно имплицира таква политичка солуција: преродбеничка, просветителска, културна, мисионерска, ако баш сакате. Зашто, очигледно е, „народниве“ претставници се товарени со задолженија и обврски – историски, дури епохални – со „сили“ и бремиња што едноставно не се способни да ги носат. Тие, се покажува, не се дури ни свесни за мигот во кој што живеат, за чекорите што мораат да ги направат не само во сопствен интерес или во интерес на нивното потесно и пошироко семејство туку и заради некој, некаков општ, јавен интерес! Гледаме дури и дека личниот интерес често е над општиот, па и во вакви одлучувачки времиња. Впрочем, ако повторно ја префрлиме приказната на полето на културата и резултатите во изминатите дванаесетина години, го гледаме токму филмот на безочното, непродуктивното, шарлатанското грабање и разнесување на државни средства за лични и исклучиво лични средства.

Оттука и обврската во оваа земја некој да го покаже патот, некој, кој и да е’ односно оној кој во мигов ја добил довербата на гласачите (ако тоа е некакво современо демократско мерило за нештата наречени „владеење“). Да, знам, секој ќе рече дека и оние претходнине „ја имаа“ таа доверба. Секако, ама само првата година, и – покажаа што (не)знаат, (не)можат и (не)умеат. Се’ друго после 2008та беше најдрска политичка кражба која што овој неспособен народ беневолентно ја премолчуваше! И ја голташе во огромни количини, комбинирано со неопходната дијазепам терапија. Оттука, за тоа немам воопшто намера ни да размислувам зашто овде говориме за некакви реални, објективни изборни резултати, чии и да се’, кои на носителот му го даваат правото на управивање ама со товарот наречен судбина на државата и излегувањето од лавиринтот на политичката хипокризија и сенародната затупеност, средновековното лудило на разбирање на „историјата“, „правото“, „идентитетот“ и сите други битни нешта што ја сочинуваат државотворноста. Или, ако сакате, ако повторно се вратиме на полето на културата, не можете да ги изедначувате пуфлана и нејзиниот криминален „тим“ кој со своето незнаење и неспособност ја врати културата цели два-триесет години назад со некаква сериозна и одговорна културна политика која што, на пример, се водела дури и пред неколку децении. Секоја политика, имено, а со тоа и културната политика особено, е прашање на мудрост и знаење, на визија и мисија, на тивкост во планирањето и практикувањето зашто она што треба да говори се резултатите и само резултатите. Звучи идеалистички? Можеби, ама нам, мислам, сега и тука, токму тоа ни е потребно. Некое (речиси) невидливо водство, умно програмирање, учено менаџирање, философско управување, морално однесување. Или – крајот е (пред)видлив, и неубав. И горчлив, секако!

ПРЕЗЕМАЊЕ ОДГОВОРНОСТ

или

LAISSEZ-FAIRE (4)

Слушам, „философот“ се думал дали, и како ќе гласа за Уставните измени. Нешто му пречело таму. Има една безобразна (српска) поговорка за пречењето (или „сметањето“), ама не е за вака, ептен во јавност. Но и тоа е данок на она француското од насловот, кога се бираа кандидати за пратеници според разноразни клучеви, ама за погрешни брави. Овој клуч пак, ниту една брава не отвора, дефинитивно. И ако некој ми го спомне неговиот „удел“ во конституирањето на новово Собрание – мислам, дајте да бидеме сериозни, а кој пак тоа не ќе го направеше? Или мораше да биде баш овој? Па дајте му орден, по ѓаволите, и иззбркајте го оттаму. Како, впрочем, и на онаа Лилето-на-тато-Блаже, сосе другарка и’ која треба, демек, да ја замени (на онаа и’ било доста). Доста од – што, од „служење на народот“? Е таа навистина се изнаслужи. Сосе цела фамилија, потесна и поширока. И не знам кога на овој народ, и држава, ќе му дојде од задникот до главата дека нема фајда од тие кои по секоја цена (секогаш превисока!) сакаат да му служат. Та малку ли им беше криминалнана банда која што им „служеше“ цели дванаест години? И ништо не научивме од минатото, поблиско ама и подалечно? Па и османлиите биле почесни во тој поглед: тие не дошле да служат туку друг да им служи. Ама оние барабине во Кралството СХС исто така уживаа да служат. Велат дека Стојадиновиќ, на предизборни говоранции низ македонските села ветувал дека ќе им изгради училишта. Ама кога селаните му кажувале дека немаат деца за тие училишта, овој ветил дека и деца ќе им направи. Е па каде има подобро служење од тоа?

Сеедно, не ми е намерата да се расправам, ама она laissez-fairre не’ убива, во континуитет, барем триесетина, да не речам и повеќе години. Да не се помисли малку посериозно, туку: а што па му фали на овој, или на оној? Ништо, само пердувче за да полета! Како што и лета, види се из приложеног!!! Како што ништо не му фалело ни на онега Марина, од Аеродром? Та нели и тој само си ја врши работата, ги почитува договорите – направени од криминалната банда – а и законите. Ама сега – тој повторно застанува на браникот на општината? Абе ајде не се заебавајте! Исто како што и „играта“ на децана со фрлање на едно од нив низ прозорецот на училиштето не заслужуваше негов коментар, нели? Ма laissez-fairre, се’ ќе се заборави за три дена. Ма немој, сигурни сте? Ај да го видиме тој „аналитички“ јунак кој ќе го тврди ова. А идат избори, велат некои. Но, дури и тие нешта да се заборават – а нема – зарем ќе се заборави и оваа шанса што сега ја има оваа држава и, можеби, никогаш повеќе? Барем не во блиска иднина. А тоа „блиска иднина“ значи многу (дури и не знаеме колку) изгубени генерации во овој локален ќумез.

И сега, кога е на дело токму спротивната формула од laissez-fairre односно од „служењето на народот“ кон (условно) водење на народот и преземање на целосна историска одговорност, токму сега ли се наоѓаат секакви шушупатки кои ќе го саботираат целиот процес? Само заради фактот што не знаат што и како со себеси, или (повеќето) заради фактот што над главата им виси мечот на правдата заради нивното криминално минато? И заради нив ќе страда цела една држава, ни крива ни должна? Токму затоа сметам дека мора, дефинитивно, да се напушти анахроната и во основа лажната формула на „служење на народот“ и да се премине во фазата на умно водство (или leadership, ако сакате) – морално, чесно, интелектуално водство кое со умот а не со џебот и задникот ќе ја води државата, кое со личен (морален) пример и интегритет ќе упатува на тоа што и како треба да се (с)работи. Актуелниот миг не само на формално спротивставени туку на евидентно крајно поларизирани опции – онаа на претставниците на бандата и нивните платеници и оваа на (делови на) новата власт – е миг на освестување од кој што објективно зависи иднината на државата. И, секако, како што велат многумина, не дека државата ќе умре ако „народните“ претставници не кренат рака, вклучувајќи го тука и оној туткун кој цел живот глуми философ или онаа распекмезенана ќеркичка на „мазнио“, ама и оваа година – инаку „јубилејна“ по многу македонски историски порази – ќе се впише како уште една во долгиот црн регистер. И, несомнено, овој актуелен историски миг не може а да не биде и миг на освестување на онаа мала група која сепак се осмели да преземе одговорност и водство во името на народот и државата дека, точно, историјата ги бележи само крупните одлуки, ама избори се добиваат на сите фронтови!

И сега, да се вратам на почетокот на оваа серија текстови, оној почеток за генералските односно капларските капи и броењето на мртвите / жртвите после битката: референдумот беше и – помина. Таа битка, иако само фромално, се загуби за да се отвори еден нов, голем фронт: расправата во Собранието на РМ и евентуалните нови избори. Белки нешто научија од референдумот, токму за неопходноста за добивање на војната на сите фронтови и во сите битки а не концентрацијата само на една, па нека е и онаа (сепак загубена) на Беласица, на Марица или којзнае каде. А навестувачките избори, дај боже да ги нема, ќе се водат не само околу клучното прашање туку и за сите други ресори. Што тука ќе испорача водството? Мислел ли некој на тоа, или … повторно: laissez-fairre?

СУШТИНСКА РАЗЛИКА

или

LAISSEZ-FAIRE (3)

„Дојдоа ноќе“ – низ една специфична алегорија вели режисерот Ѓурчан Келтек во неговиот филм „Метеори“ – „Сите излегоа (…), палеа факели (…), градови … во кои што повеќе нема што да се контролира“. Келтек говори за упадите на турските воени сили во Курдистан ама, не знам зошто, но „сликите“ од филмот на Келтек многу потсетуваат на вчерашната ситуација во скопски Аеродром, но и на некои слични случувања при поставувањето на спомениците од страна на бившиот режим во централното подрачје на Скопје, а во рамките на шизоидното „Скопје 2014“, па на времето на „Паркобраните“ и сл. И тогаш, ама и сега, власта доаѓа(ше) ноќе – камиони, работници, палеа рефлектори, ја почнуваа нивната гнасна и незаконска работа. Зашто, ако била законска, зошто не би ја работеле дење, како што му доликува на сиот нормален и цивилизиран свет?

Е вакви нешта го расипуваат (благ израз!) добриот викенд. Кога ќе видите дека правната држава, сепак, на една страна, може да функционира односно кога ќе видите дека криминалците сепак одат во бајбок, кога ќе видите дека сепак има(ло) Господ, како и да се вика. Ама и кога ќе видите дека мафијата уште функционира, според стриктно воени упатства! И повторно: ако сето она што се случуваше деновиве, апсолутно иницирано од одлуката на Заев да не разговара – ама баш ни за временската прогноза – со „асистентот“ Жмицко, нека е така, и така нека продолжи. Ама премиерот не може да не разговара и со „градоначалниците“ (наводниците треба да одговраат на извршувањето на функцијата на оној во Аеродром) од неговата партија. Поточно: мора да „разговара“, онака како со оној Стојчев! Зашто сето ова развлекување, позиционирање, мудрување (со наводници, се разбира!), никому не му одеше / оди во прилог, особено не на актуелната Влада. Или – можеби грешам, ама така мисли мнозинството кое ја поддржува(ло) оваа Влада. Иако сето ова, повторно, го подведувам под мотото laissez-fairre како доминанта во македонската современа политика, освен за исклучителни случаи, се разбира. Што, уште, еднаш, треба да не’ потсети дека сите, ама баш сите политички нешта мора да ги решаваме со ум, а не со задникот и ситнопрофитерските склоности.

Но, да речеме, дека ова е само почеток, односно дека многумина – да не речам (повторно) мнозинството – очекуваат дека уште едно чудо криминалци треба да ги добијат заслужените казни. И дека конечно ќе се отвори тој долгоочекуван граничен премин помеѓу доброто и злото. Ама не само тоа, и не само на едната страна, што треба да биде неспорно, туку дека оваа Влада, или некоја идна (во смисла на некаква евентуална нова композиција, ако веќе се оди на избори) ги апсолвирала нештата за современата политика и „владеењето“, иако ова баш и не е мој омилен термин зашто секој кој што мисли, или се надева, дека владее со нас, дебееело – греши. Во современиот глобализиран свет никој не владее со никого, дури и кога тоа му е дадено на демократски избори. А нашиве, па и овие сегашниве, некако уживаат да го спомнуваат тој збор, не баре со тоа им расте цената. Како што, веројатно, мисли оној во Аеродром: дека тој владее со општината, со луѓето, дека може да им прави што сака? Не, напротив: владеењето е термин од пред (барем) век и половина, до два. И не само терминот туку и таквите луѓе. Тој анахрон термин го употребува, се’ уште, криминалнана банда чиј што шеф сега се жали дека е политички гонет. Ама уживаше да владее, и тоа да го покажува на најбезобразен начин, и да се смее налудничаво на своите владетелски „потфати“. Сегашната власт мора да го заборави, да го пензионира засекогаш тој израз! Зашто, точно е, власта им е делегирана од избирачите, ама не и владеењето! Та ние не сме малоумни да повикуваме некого да не’ владее, или да не’ тормози, како оној во Аеродром, или како бившион Коце шупелка, или оној опинок Тодоровиќ.

И тука доаѓаме до онаа динстинкција на која што неодамна упати и Ранко (Дакиќ), односно дека има разлика, огромна, помеѓу она: „да му се служи на народот“ и „да се води народот“! (Иако, читам, на Атанас некако му се бендисува таа излитена конструкција. Баш и не ми е јасно зошто?). Кога нашава политика, вклучувајќи ги и сегашните политичари, ќе ја разбере суштината на таа разлика, дури тогаш ќе можеме сериозно да разговараме за демократски правци во развојот на државата. Не дека во една современа држава ништо не треба да владее. Напротив, треба / мора да владее правото, мора да владеат демократските принципи, социјалната свест, мора да владее Културата – можеби токму во смислата на онаа „Република Култура“ на Османли! – мора да владее моралот. Без тие нешта нема демократска држава, без тие и такви нешта би биле исти како и претходните.

Дистинкцијата помеѓу „да му се служи на народот“ и „да се води народот“ е огромна, и суштинска. Зашто, во крајна линија, секој може да му служи на народот. Но, дали е тоа поентата на современата демократија? Можеби е’ – во изградените демократии. Што кај нас не е случај. (Иако, повторно, мислам дека никој нормален не сака некој да му служи, како што не сака ниту некој да владее со него!). Мислам дека ние се’ уште сме прпелкаме во фазата на некаква почетна „преродбеничка демократија“, особено денес, по стравовладата на криминалната банда, и во една таква ситуација секоја власт – лева или десна, сеедно – од вчера па натаму мора да води сметка и за тоа. Се разбира дека и пратениците и извршната власт се (не)посредно избрани на избори од страна на народот и дека тоа обврзува. Обврзува на многу нешта, пред се’ на исполнување на предизборните ветувања, на чесно практикување на власта – убав израз како замена за владеење! – на почитување на принципите на демократијата итн. Ама не обврзува на „служење на народот“, што може да го прави секоја будала со два грама памет, а згора таквата флоскула има и силен маоистички призвук. Таква служељубива власт не му треба никому, најмалку на народот. Та нели оние претходнине ни служеа, изнесувајќи толкугодишни државни буџети вон земјата? На народот (божем) „му служат“ само блефери и политиканти, паѓаат пред него на колена или се удираат в гради колнејќи се во некаква вечна љубов кон него. И таквите скечеви треба да им се остават на таквите луѓе.

Степенот на развој на македонската демократија не побарува власт што владее и/или служи, туку луѓе кои знаат и умеат да ја водат државата во нејзината иднина. Да, звучи како крај на деветнаесеттиот век и преродбеничките идеи, ама во однос на западните демократии ние сме некаде таму, повторно на почетокот. Или, ако ја префрлиме темата на полето на културата, зарем она што го гледавме дванаесет години и ова околу нас што ни остана од нивното „служење“, зарем тоа е културата што и’ треба на оваа држава и овој народ? Онаа карикатура среде Плоштадот „Македонија“ и се’ друго распослано низ центарот на Скопје, оние „Потемкинови села“ во вид на музеи за потсмев, запустена инфраструктура, раскалашни вагабонти унапредени во македонски културни ѕвезди, дури и амбасадори на културата? Кај нас барабите „служеа“ олеснувајќи го целиот филмски буџет, на пример, за свои потреби, „служеа“ со по десетина дебело платени „проекти“ годишно, со откупи вредни десетици илјади евра. Таа и таква „култура“, тоа и такво „служење“, но само на личните интереси на една полуписмена банда, остави културен пустош во Македонија, токму како и Маовата културна револуција во шеесетите и седумдесетите години на минатиот век. Културните институции ни се се’ уште такви: и тие, служејќќи му божем на народот, мислат дека јавноста постои заради нив, а не обратно.

Затоа, нам денес ни е неопходно умно водство (и) во културата, брз развој и надоместување на пропуштеното, онолку колку што е можно. И најбргу што се може. Водењето на културната политика не е служење на народот, често е спротивното. Зашто оние претходните и’ служеа на партијата им ги даваа сите фондови на партиските миленичиња. А партијата беше / е’ – народот, нели?