Monthly Archives: November 2022

(НЕ)КУЛТУРНА ИНВАЗИЈА

Прашање е колку ангажманот на „госпожа“ фон дер Лајен како особен „експерт“ за специјални војни, или можеби на оној Борел, околу детектирањето на „организираните хибридни обиди за поткопување на преговорите и односите со Бугарија“ може да биде успешен при реалниве секојдневни случувања во Македонија на овој план. Или ќе утврдат дека речиси цела држава подлегнала на „хибридниот притисок“? Просто човек да не верува со што се занимаваат челните луѓе на ЕУ.

Ние пак, како некакво „трагично наследство“ на некогашна Живковистичка Бугарија – инаку и денес непрежален актуелен тренд во таа држава, „проширен“ и „надграден“ дури и со јавна ЕУ поддршка – не само што не ги научивме неопходните историски лекции, туку цели пет години се вртиме во маѓепсан лавиринт како она „геометриско чудо“ неодамна откриено близу Александрија, а за коешто велат дека води директно до гробот на Клеопатра.  Зашто, дали, на пример, (ре)отворањето на (уште) еден бугарски културен центар, овојпат „државен“ – како да е тоа нешто различно од оние другине, „приватнине“ – и по тој повод јавно изречената вулгарна флоскула дека „Македонија е втора бугарска држава“ односно дека Бугарија е од Црно море до Охрид, е некакво изненадување, или ново чудо? Веројатно не е, но впрочем, во македонско-бугарската констелација на развојот на односите, веќе ништо не е чудо, уште помалку е – чудно.

Не е затоа што сега и културата (во потесното значење на поимот), која што држеше некаква квалитетна „дистанца“, сега приземно ја инволвираат и треба да глуми мост помеѓу државите. Но каков мост, и зошто мост, ако всушност станува збор за – една држава, или за еден народ во две (вештачки поделени) држави? Дали тоа треба да ни го навести и „изложбата“ насловена „Заедно“, можеби да нѐ потсети, или дури убеди, дека границите се навистина вештачки? И државните, но и културните? И зошто е потребна граница во една држава, и во една – заедничка? – култура?! Што пак е (речиси) нормално зашто ако имате еден народ, еден јазик, една историја…, логично е да имате и – една култура, нели? И тоа ќе го демонстрирате со пригодни заеднички изложби, се разбира, склепани само за тој смислен повод.

За жал, не е некоја голема новост дека културата и уметноста често биле злоупотребувани во секакви цели. Сега – во „заеднички“, добрососедски, еднодржавни, еу-интегративни…! Иако сум сигурен дека барем неколкумина македонски уметници кои прилично добро ги познавам, никогаш не би се согласиле да бидат дел од ваква памфлетска „изложба“, и по таков повод. Зашто, во што се тоа „заедно“ овие уметници? Во нивниот уметнички израз, концепт, разбирањето на уметноста? Во нивната политичка, добрососедска, еднодржавна… припадност? Во нивната „културна“ мисија, подметната на ваков начин? И со таков назив?

И повторно ли ние сме тие кои докажуваат некакво „заедништво“, кооперативност, дружељубивост, културност? Зашто, со вакви безобразно импровизаторски изложби ние не докажуваме ништо, освен само сопствената глупост, насилието кон културата и уметноста, а особено непочитувањето кон (инструментализираните) македонски творци.

А впрочем, само пред месец дена, повторно во Скопје, беше отворена уште една изложба, се разбира бугарска, насловена „Дипломатија и уметност“ (sic!). Што веројатно сака да рече дека ете, сега, и уметноста се вклучува во дипломатските напори за „спојување“ на двете братски земји, на двата братски народи. Симнале комшиите неколку слики од ѕидовите на Министерството им за надворешни работи и направиле – изложба! А во Куманово, повторно изложба, но овојпат – „Без дистанца“! Што пак со овој наслов сакаат да кажат? Без која/каква, без чија дистанца? 

Останува само едно нејасно: кој смислува вакви глупости, кој, и каков е тој ум што смета дека со вакви петпарачки, дилетантски и до зла бога анахрони „изложби“ може да се постигне каков и да е резултат или напредок во културната соработка? Или дека ќе го сопре „хибридните опструкции“?

Не гледам смисла во тоа да потенцирам дека македонската и бугарската современа култура се две сосема различни нешта, развивани во дијаметрално спротивставени услови и со крајно дивергентни резултати. Но, тоа во овој миг можеби и не е многу важно бидејќи културата и уметноста сепак – ќе прости Делчев – не се спортски натпревар. Но културата, на времето, била присутна во сите разговори помеѓу македонските и бугарските раководства во минатото, особено на средбите на Живков и Црвенковски.

И уште тогаш била констатирана потребата од поголема взаемна присутност на културата во двете држави, особено на планот на преводната литература, слободната циркулација на печатот итн. И секогаш, по правило, сѐ останувало само на зборови. Сосема слична е ситуацијата и по 1991 година, иако и тогаш Македонија покажувала поголема иницијатива за културна соработка, особено со поканување на бугарски уметници во македонските ликовни колонии, изложбите на Недко Солаков и Кристо во Музејот на современата уметност, присуството на Теодосиј Спасов на македонските музички манифестации, и – отприлика толку. „Инцидентното“ гостување во 2018-та година на т.н. Требенишко злато (инаку украдено од Македонија во 1918 г.) во Археолошкиот музеј во Скопје е безмалу единствена значајна изложба од страна на источниот сосед. Но и таа практично „избоксувана“ после прилично мачни преговори! Македонското пак културно присуство во Бугарија, освен она во рамките на програмата на Македонскиот културен центар во Софија, не е вредно за спомнување. 

И сега, после оваа (не)културна инвазија замислена како сплавче помеѓу двете култури – или можеби некако поинаку, којзнае?! – ќе се отворат ли портите Сезамови и ќе протече ли културата во двата правци? Како што (не) потече ни во правецот Македонија-Грција, и обратно, после „Преспанскиот договор“, иако дел од договорот инсистира на таква соработка?!

За жал, или за среќа, меѓудржавната соработка во таква чувствителна област каква што е културата, не се одзива на полуписмени државни декрети и импровизаторски испрдоци на нивните министерства за култура. Културната соработка не милува ни паезанско милје, уште помалку непријатно – да не речам непријателско – опкружување. Ниту пак сериозно може да биде поттикната со формални документи наречени договори за културна соработка.

Од друга страна, ние немаме целосни објективни податоци за состојбите во бугарската култура, но затоа ги гледаме маките на македонската, од сите аспекти (кадровски, материјални, вредносни…). Ние од ден во ден тонеме во некултурна провинциска бездна, партиските војници ги јадат културните фондови а простотилакот царува во културната јавност. Од македонската култура не останува ни камен на камен односно вредност врз вредност, не пак човек да размислува за некакви меѓународни перспективи. Ние одамна немаме културни потенцијали за такви ѕвездени дострели. Затоа и се прпелкаме со вакви прикрпени изложбички и со луѓе кои не разбираат подалеку од својот нос!         

ПАЕЗАНСКО МИЛЈЕ

Многумина ќе речат дека кога веќе и македонските национални електронски медиуми подмолно, потпирајќи се на (квази)гласноста за „објективно информирање“ и „да се чуе и другата страна“, сервираат нови „историски вистини“, лични „ревизии“ и политикантски „толкувања“ на осведочени лажговци и полуписмени криминалци, тогаш нештата тргнале во очигледна насока. И не (ќе) можете да им реплицирате бидејќи, прво, аргументите веќе не играат никаква улога, и второ, јасно е дека текот на тие нешта во Македонија, вклучувајќи ги тука особено и „дипломатските“ екскурзии на редица ЕУ официозуси, просто „блештат“ со најпростата пиперкарска логика на купи-продај сѐ, па ако треба и – државата.   

Некој можеби ќе приговори дека таквата сељачка логика е всушност рбетот на денешната политичка мисла, во светот и кај нас, со што јас не би се согласил. Политиката е сепак нешто друго, како што и историјата е нешто дијаметрално различно од бајковитите испрдоци на разноразни љуБчовци, дореани и остала боранија, кои во ионака суровава реалност внесуваат нови смутови. Со нечија дозвола, се разбира. За жал, тоа паезанско милје го пополнуваат и едно чудо наводно учени луѓе, сега престорени во глувчиња исплашени за своите долгогодишни (лични и семејни) стекнати позиции.

Други пак, кои сакаат да се смешаат во привилегиите со првиве, јавно делат србофобни етикети и бугаромилни бакнежи низ текстови и интервјуа, бладаат за минато што го „познаваат“ од преданијата на бабите им и дедовците, а едно чудо абонентни шарлатани прогласуваат за неподобен секого кој не е со власта итн. И сето тоа многу (повторно) ме потсетува на спомнуваната паезанска политика на оној од кого почна современото разгорување на т.н. „македонско прашање“ како шлагворт за бескрајните малоумни тиради на македонскиве некреативни подлизурковци и регионални лажговци.    

Оние кои ги читале мемоарите на Тодор Живков од 1993 година, или (како јас) само некои поинтересни делови, не може а да не забележат дека тој човек, по личниот пад но и реалниот распад на социјалистичкиот идеал во 1989 година, континуирано ги менувал некогашните тврдокорни комунистички ставови. И тоа било забележано од многумина во Бугарија. Веќе од таа година Живков пишува за сомнежи, за бедниот живот во СССР, за ускратувањето на човековите права во првата социјалистичка земја и слично. Речиси и да нема тема каде неговите „нови“ ставови не се во евидентен конфликт помеѓу неговото делување додека бил на власт и мислењето по падот!

Главниот проблем за сите негативности на социјалистичкиот систем, особено на оној практикуван во СССР, тој го резимира во една реченица: „Той, уви, се коренеше главно в системата…”, односно „Тој, за жал, беше вкоренет главно во системот…“. Но, само на една тема неговото мислење останува непроменето: онаа за „македонското прашање“. И тоа повторно го резимира во една констатација: „Известно е Георги Димиров, Васил Коларов и Трайчо Костов приеха това, за което Сталин и Тито се бяха договорили – шовинистичната теза на сръбските националисти за „македонската” нация“ односно дека „Извесно е дека Георги Димитров, Васил Коларов и Траичо Костов го прифатиле тоа тоа коешто Сталин и Тито го беа договориле – шовинистичката теза на српските националисти за ’македонската’ нација“.

И сега, оние кои би сакале подетално да се занимаваат со неговите ставови по ова прашање, ќе се најдат во чудо. Како, на пример, една советска (Хрушчовска) инсталација говори против СССР, или тоа го прави само за да биде „на линија“ со новата политика и да го оцрни Сталин? Веројатно. Но од каде сега Македонците се „инсталација“ на српските националшовинисти? Зошто на Србија би ѝ одговарало да измислува нова нација во Македонија кога комотно може(ла) да нѐ прогласи за Срби од Вардарска бановина? Но, интересно како налудничавава Живковистичка теза неверојатно се поклопува – случајно? – со некои денешни србофобни „ставови“ на одделни македонски млади политикант(к)и за српските влијанија/намери/политики овде, нели. Што се приказни за мали деца, од мали деца, се разбира!  

Како и да е, од априлскиот пленум на ЦК на БКП (2-6 април 1956) започнуваат јавните антимакедонски прозивки и пораки од Живков: „въобще в нашата страна македонска националност няма, нито в Пиринския край, нито някаква друга македонска националност“! Јас се извинувам што (повторно) го давам текстот во оригинал на бугарски јазик, но мислам дека така ефектот на простаклакот е – поголем! Мојот превод би бил само бледа копија на кажаното бидејќи, едноставно, не сакам да „ракувам“ со тој странски јазик. Сепак, мислам дека во глобала текстот е разбирлив. И понатаму: „след като бях издигнат за първи секретар на партията и особено за председател на Министерския съвет, аз се заех да разчистя това трагично наследство”.

Трагичното наследство сме – ние! Од тогаш па до 1991 година, лагата, манипулацијата и простаклакот царуваат во бугарската паезанска политика во однос на Македонија. За да, потоа, накратко се притаи односно да се обвитка со нов камелеонски костум низ признавањето на самостојноста и независноста, со лагите за добрососедство итн. И нашиве политиканти – наседнаа. Или не? Или некој овде точно знаеше како ќе се развиваат нештата? Државниот врв на „нашата земја“, овој или некој друг, ќе мора бргу да одговори на многу прашања во односот на сервираните лаги во изминативе пет години, барем за „источното прашање“! А тоа, можеби, ќе ги натера Ковачевски, Османи, Пендаровски и компанија малку да размислат за нештата?   

Зашто, ако паезанот Живков како некогашна инсталација на СССР бил неопходен како „маша“ на Балканот, чии инсталации се денешниве негови наследници, во Бугарија, но и кај нас? И чии „маши“ се? Ако „политиките“ на Живков биле резултат на Студената војна, чиј резултат се Каракачанов, Трифонов, Захариева, Јотова…, но и нашиве „гарнитури“? „Хитовите“ на еден Каракачанов, или Трифонов („… ако ги погледнеме фактите, има разлика меѓу нас и Грците. Тие ги натераа Македонците да си ја прекрстат својата држава од Македонија во Северна Македонија, а ние ги пуштивме да се кандидираат во Европската Унија, иако секојдневно нè пцујат, навредуваат и злоставуваат на секаков начин“), не се ни за милиметар пославни од некои од бугарофилните „хит-мејкери“ на нашава политикантска сцена. Не само преку нивните изјави, интервјуа и слични будалаштини, туку низ целокупното нивно паезанско однесување во политиката!

Односно, би рекол, прашање е веќе дали баш сѐ тука може да се оправда со некакви „сељачки крила“, со неискуството и неспособноста, или станува збор за „системата“, што би рекол Живков. Зашто, како што Геровски прашува за збунетоста на новата американска амбасадорка апропо само еден настан – изборот на оној јавен обвинител – мене ме чуди зарем друго ништо не ја збунува госпоѓата? Зарем полесно „сварливи“ се оние спомнувани „српски џебови“, па има(в)ме и „грчки опашки“, ќе слушаме и за „источни“ и други бисаги итн.? 

И, интересно, зошто никој од ЕУ не се чуди, и не е збунет за широкава паезанска ливада по која што се расшетуваат коекакакви hillbillies?! Или за нив единствено важно е да „влезат“ Бугарите во Уставот и да тераат со „францускиот предлог“? Сега можеби не знаеме, но ќе дознаеме, кога-тогаш.


КОНФЛИКТНИ КВАЗИДЕМОКРАТИИ

Една од основните карактеристики на човекот е дека тој е – конфликтно суштество. Кон себе и кон другите. Иако, повеќе кон другите, не само од неговиот „род“, туку и кон животните, природата, Вселената, ако сакате. Цивилизацијата не успеа да ја реши таа енигма, особено онаа на конфликтот помеѓу различни нации. Но, за воља на вистината, тие и такви конфликти сѐ повеќе „се селат“ на маргините на цивилизираната мапа на светот, меѓу нив и на Балканот како „слепо црево“ на Европа.

Многумина тоа се обидуваат да го припишат на балканскиот менталитет, темперамент, традиции, ниско ниво на демократија итн. Но и тука, во овие прашања, повторно доминира историјата односно нерешените – попрво „нерешните“ – вековни спорови од различен карактер: верски, културен, граничен, јазичен… и др. Дали тука се „крие“ причината за латентната конфликтност во регионот – она што се нарекува „рогови во вреќа, за постојаното циклично чепкање по старите рани (грчко-турски, српско-албански, македонско-бугарски, македонско-албански…)?

Зашто, можат ли државите – во случајов Северна Македонија и Бугарија – да гарантираат дека утре нема да има повторно каменување на некој од бугарските клубови со фашистички имиња во Македонија, или слични реперкусии врз некој нов македонски клуб во Бугарија? Не можат бидејќи тоа не е во нивна моќ. Но, во нивна моќ, а и нивна политичка обврска, беше/е да не ги вадат костурите од плакарите и, особено, да не ги радикализираат споровите. И да развиваат демократско и културно милје на разбирање и толеранција а не да „култивираат“ конфликтни квазидемократии!

Се разбира, за тоа се неопходни умни и способни политичари кои очигледно ги нема на двете страни. Или, можеме ли прашањето да го поставиме поинаку: зошто апсурдните барања на источниот сосед не се појавија во времето на Жељу Желев и Киро Глигоров? И зошто така експресно кај нас се заборави на теоријата на еквидистанца во надворешната политика, нешто што Глигоров го беше усвоил уште од времето на СФРЈ? Ќе ни се случуваа ли сепак вакви надворешнополитички ломови?

Со сиот ризик да „заглавам“ во некаков банален историзам, или пак живеењето со/во/за историјата да го кренам на некаков општествен пијадестал, сепак сметам дека „источниот проблем“ односно актуелизирањето на „македонското прашање“ токму во овој миг од страна на Бугарија не е „добрососедско“, уште помалку е случајно. Што, во актуелниот контекст на македонските евроинтеграции, не е баш ни добронамерно. А најмалку е – цивилизарано!

Во  оваа  смисла, ние како да сме осудени на живеење  во/со/за  историјата што, се разбира, не го сметам за некаква доблест, туку попрво услов без којшто оваа држава нема реална перспектива. Фактот што ние не знаеме да ја користиме историјата – или не сакаме, што би бил нонсенс сам по себе! – е нешто сосема друго. Тој факт, евидентен уште од 1993 година и нашите талкања низ сите процеси на признавање на државата и нејзиното име, заокружен формално со катастрофално неукото пазарење за името и т.н. „Преспански договор“, е посебна приказна којашто, во сите сегменти (политика, историја, социологија, право, култура… и др.) долго ќе се изучува во светот.

И уште еднаш ќе докаже дека неуки, неспособни, необразовани и некултурни политичари не можат да водат современа држава. И не само современа, for that matter, туку тоа е принцип познат од историјата на цивилизацијата. Ние не сме единствените, секако, со континуитет на неспособни, алчни и кримогени власти. Ама и за тоа е неопходно познавање на – историјата!

Колизијата помеѓу анахроното политикантство и современата држава, впрочем, е евидентен и од фактографијата којашто говори за радикалниот пресврт на бугарската политика (или „политика“, како сакате) во педесеттите и особено шеесеттите години на минатиот век во поглед на „македонското прашање“. Всушност, елиминацијата на силни политички и интелектуални фигури од форматот на Димитров, Костов, Коларов, Ивановски и други, и доаѓањето на власт на куклената гарнитура политиканти движени од долгата руска рака, го започнува процесот на рапидното и особено ригидното манипулирање со „македонското прашање“. Врв на тој процес секако е паезанот Тодор Живков, кој од 1954 година ќе заседне на „социјалистичкиот“ престол и ќе остане на власт сѐ до падот на режомот во 1989 година. И ништо нема да му фали ни потоа: сите судови во Бугарија ќе пресудат дека неговото 35-годишно авторитарно владеење било без каква и да е дамка! А неговото антимакедонско наследство само накратко ќе биде симнато од главната политичка сцена, за да последниве години доживее невиден ривајвл со поддршка на „либералните“ челници на ЕУ – фигуринки од профилот на Макрон, Мишел, Шолц, фон дер Лајен, Борел, Вархеи… и др.

Ние, ниту пак историјата, не можеме да се занимаваме со приказните од типот „што би било кога би било“ односно како подолгорочно ќе се развивала Бугарија под водството на Димитров, Костов и др., иако и Димитров, на крајот (1948-49), полека отстапувал од благонаклонетоста кон Македонците во Пиринска Македонија.  Но останале запишани некои ставови на спомнатите, и на многу други, за „македонското прашање“. Трајчо Костов, на пример, кон крајот на мај 1941 година, по воената окупација на поголемиот дел од Вардарска Македонија од страна на бугарските војски, му пишува писмо на Тодор Павлов во врска со етничката определба на Македонците во Вардарска Македонија. Во писмото Костов, меѓу другото, го пишува следното: „Ние сме должни да ги имаме предвид фактите. А фактите зборуваат дека еден голем дел од македонското население има веќе македонска, а не македонско-бугарска свест. Според нашите сигурни податоци, кои доаѓаат од компетентни другари од самата Македонија, македонската свест многу длабоко проникнала, особено кај младата генерација која не била зафатена со егзархиската пропаганда. Според тие другари… не помалку од 80% од словенското население во Македонија се чувствува како македонско, а не како бугарско население (не го разбира бугарскиот јазик).“

Се разбира, главниот пресврт во бугарската политика кон „македонското прашање“ не доаѓа веднаш и преку ноќ по елиминацијата на главниоте носители на прогресивниот третман на тоа прашање. Од априлскиот пленум на ЦК на БКП (2-6 април 1956) се следи последователната „еволуција“ во бугарските ставови, прво низ искажувањата на извесни Димитър Ганев и Енчо Стайков (1957-1958 г.), за да се дојде до врвот – инаку тајно подготвуван (велат изворите) – и лупингот на простакон Тодор Живков во неговиот „историски“ говор на пленумот на ЦК на БКП во 1963 година. Но за тоа во следната прилика.  

И да, од денешен современ аспект, самата оваа тема звучи страшно анахроно, налудничаво, провинцијално/простачки… итн. Во третата деценија на дваесет и првиот век една држава – згора и членка на ЕУ – да се занимава со етничките, националните, културните, јазичните определби на соседна држава-кандидат за ЕУ е вон секоја логика и нормално однесување. Никаков „аргумент“, па нека е и од највисок национален приоритет, не може да го оправда тоа однесување. Но и европската поддршка што таквиот вулгарен простаклак ја добива!    

За жал, истите „епитети“ одат и за „другата страна“, онаа која што се впушта во такви некултурни и во основа понижувачки „расправи“. Меѓутоа, ако истите не ги пресечете во самиот корен, во зачетокот, туку пазарџиски започнувате да се ценкате со името, јазикот, историјата, културата, образованието, науката…, тогаш не сте ништо подобри – дури напротив! – од „првата страна“. И тоа, еден убав ден, ќе ви се скрши од главата.


КОРЕНОТ НА РАНАТА

Како и за сѐ во животот, и во политиката (па и политикантството, ако сакате), историјата, науката, културата…, поединецот секогаш има право на избор во што ќе верува. Во македонскиот случај (не само) деновиве, секој граѓанин може да избере кому ќе верува: на власта која скандалозно лаже, заедно со нејзиниот блгарски шарлатан со „б“ во името или, на пример, на еден Михајло Апостолски и македонската историографија. Оваа власт, сокриена зад перфидните бугарашки конструкции на човече кое со години ја лажеше и целата држава, нема(ше) смелост/доблест барем на 13 ноември да изусти кој бил окупаторот во Скопје/Македонија во периодот 1941-1944, но бара јавноста не само безрезервно да верува во нејзините „добри“, „прогресивни“, „национално“ ориентирани намери, туку и да ги поплука сите други кои не мислат како неа.

Од друга страна, спомнатиот Апостолски (партизан, генерал, командант на НОВ и ПОМ, воен теоретичар, политичар, историчар и народен херој), а со него и целата македонска историографија – барем до денес, до појавата на некакви нови „историски лустратори“! – во сите неговите искази и текстови, јасно и гласно го адресира бугарскиот фашистички окупатор. А конкретно за она наивно но многу подмолно подметнување комбинирано со полуписмена конструкција на зборови на бугарчено со „б“ во името, според кое Скопје е ослободено од „(…) македонските партизани со помош на првата бугарска армија“, кои „(…) во тешка борба ги разбија германските и албанските фашисти кои во тој момент го држеле градот под контрола“[1], токму Апостолски пишува: „Во време кога се водеа борбите за Штип, V бугарска дивизија стоеше наполно пасивна на Злетовска река, а дури по ослободувањето на Велес тргна во правец кон Скопје и ноќта меѓу 13. И 14., со наредба од Главниот штаб (издадена е на лице место усно) беше вратена назад во Бугарија, пред да стигне целата дивизија во Катланово.“[2] Меѓу другото, Апостолски на оваа тема пишувал често, уште од 1945 година: Ослободувањето на Скопје, Нова Македонија, 13.XI.1945; Битката за Скопје и лагите на некои бугарски воени писатели, Нова Македонија, 12.XI.1949; Ослободувањето на Скопје и лагите на бугарскиот генерал Благој Иванов, Пирински глас, 12.XI.1949[3] и др.

Следствено, согласно општото и неприкосновено право на избор, секој ќе избере во што односно во кого ќе верува. Но тој „избор“, сам по себе, во најголема мера е наметнат од никој друг туку од највисоката власт во државата како врвен „арбитар“, што е само уште едно ново поглавје во македонската тажна приказна. Ако оваа власт и нејзините кербери, само заради сопствениот мизерен опстанок, подло ги туркаат граѓаните кон таков избор употребувајќи дури и палјачовци од „форматот“ на оној со „б“, тогаш таа власт и нивните подопашници се зрели за заминување.

А бидејќи ни тие, ниту пак нивните „лустратори“ не покажуваат намера да објават барем дел од историјатот на „македонското прашање“ видено од страна на возљубениот ни источен сосед, јас ќе се обидам да дадам некакви основни податоци. Колку да не биде дека не се знаело!

Имено, кога почна, и како, „македонскиот проблем“ во Бугарија? Изворите велат дека дури ни на фамозната Цола Драгојчева, ниту пак на некој од главешините на тогашната БКП (Комунистичка партија на Бугарија) во 1945 година, не им паѓало на памет да ја оспорува Македонија (во рамките на тогашна Југославија) како федерален политички субјект. Дури напротив, токму Драгојчева, подоцна најгнасната – ќе простите на изразот, но така е – омаловажувачка на „македонството“, ќе пишува: „Прашањето за националната слобода, за фашистите, беше прашање со кое се разгоруваа непријателствата меѓу народите, прашање со кое психолошки се подготвуваа војни и чиј резултат секогаш беше националното угнетување. Оваа вистина особено силно ја почувствува и разбра македонскиот народ, кој особено многу настрада во врска со жестоката конкуренција меѓу балканските фашисти, спроведувајќи ја својата освојувачка политика. Последново тие секогаш го претставуваа пред масите во народна облека.“

И понатаму: „Демократскиот развој на јужнословенските народи раскина со злобното минато и целосно ја промени сликата. За овие народи прашањето за националната слобода веќе не е прашање на фашистичко покривање и пропаганда, туку жива реалност. Тие го отсекоа коренот на раната што го затру општествениот организам на масите. За нив денес прашањето за националната слобода не е прашање на неединство, туку на братска доверба и единство. Титова Југославија го реши ова прашање на чисто народно-демократски начин. Таа сама го реши најтрнливото национално прашање – македонското прашање. Тој даде пример на Балканот како народите можат да се обединат со почитување на нивната национална слобода.“

Следствено, каква преобразба – историска, идеолошка, политичка, морална… – ќе доживее оваа (најблаго речено контроверзна) личност во бугарската историја визави нејзините тогашни и подоцнежни ставови за „македеонското прашање“? Неверојатно, циркуско салто мортале кое што нема да ја чини ништо, освен образот. А ќе добие многу: општествени почести, политички позиции и др.

Но, зошто македонската сегашна власт јавно не публикува вакви текстови, со што ќе ги запознае македонските граѓани за развојот на „проблемот“? Зошто ниту еден висок државен функционер не говори на оваа тема туку омилена им е „Бугари во Уставот“, што немало „ да нѐ дестабилизира“? Незнаењето, неспособноста, не се оправдување. Ако не знаат, ако се неспособни односно неподготвени да се носат со проблемот, нека отстапат место на други кои тоа можат да го прават.


СКАНДАЛОЗНИ ПОРАКИ

Едно прашање заслужува сериозен одговор (не само) од страна власта. Не дека јас го поставувам, бидејќи јас апсолутно не сум единствениот, туку заради општиот кредибилитет на владејачката коалиција – не само оваа – или барем на одредени персони во неа, а особено заради прагот на довербата на јавноста кон неа/нив. Истиот стандард, реципрочно, треба да го постави и власта за нејзините критичари, вклучувајќи ја тука и мојата дребност, се разбира.

А прашањето е едноставно: кој е, каков е, кредибилитетот (политички, стручен, професионален, морален…) на одредени персони во власта кои така здушно, но најчесто и безобразно, ја критикуваат т.н. опозиција – потесна (политичка) или поширока (академска, интелектуална и др.)? Кој е, извинете, политичкиот кредибилитет на премиерот (не само овој) да прогласува некакво „дуо“ за непријател бр. 1 на оваа држава, па и да дели политички лекции кој, што, и како, може да работи во земјава? Или, кој е, каков е, политичкиот кредибилитет на еден абдоминален хирург да држи предавања за надворешната политика на Македонија? Или на оној тотален политички аутсајдер со 4-5% доверба кај граѓаните, да дели дијагнози кому му нема или му има спас? Се разбира, списокот не застанува тука, но ако овие истурени политички позиции си дозволуваат такви слободи, можете да замислите како се однесуваат другите, оние подолу во хиерархијата?

Но, не го кажувам ова случајно, бидејќи повторно, намерно, се враќам на случајот „источен сосед“, сега одново актуелизиран со празнувањето на ослободувањето на Скопје од бугарскиот фашистички окупатор, кога пак влегуваат во историската игра персони тотално неупатени во историските случувања, аналфабети за историја, политика, култура…, ама случајно на клучни позиции во државава и со некакво умислено право да ја одредуваат нејзината сегашност и (како уште пострашна варијанта) потенцијалната иднина. И како, и зошто, главни непријатели на државата, сега и „пиромани“, стануваат поединци од опозицијата, претседателот на МАНУ како „некојси таму“, но не и оние кои буквално ја испокрадоа цела држава, кои ја доведоа на работ на комплетен колапс, кои жареа/жарат и палеа/палат (кога сме веќе кај „пироманите“)? Или пак, како тоа оној некогаш нивен омразен лик, кој сега ни ги вметнува Бугарите и како ослободители, си го чуваат во скутот како коалициски партнер а повеќе не го гледаат како непријател? А беше, нели, во едно друго време?

Па конечно, зошто главни потпалувачи на државата не се оние од соседството кои отворено го негираат и нејзиното постоење…, туку (и) нив ни ги поттураат како големи пријатели на Македонија? И во таков контекст да го поставиме дури и чествувањето на ослободувањето на Скопје, но – од кого? Смее ли некој од спомнатите да одговори на тоа круцијално прашање? Или вака, премолчено, како најдолни кукавици и политикантски профитери, ќе го прифатат „толкувањето“ на оној циркузант со „б“ во името? 

И што ли ќе пишува во идните учебници по историја, оние стокмени според теркот на „Историската комисија за лустрација“ а со амин на оваа власт: од кого беше ослободено Скопје тој 13 ноември 1944 година? Од „дуото“, од „пироманите“, од оние на кои „им нема спас“…? Или ќе го превземат онаа скандалозна „Љубчовистичка честитка“?  Малку срам, и морал, не се на одмет! И малку знаење. Но и многу доблест. Зашто, кога на скопјани им велите дека „Денеска го одбележуваме 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје“, не смеете да не спомнете од кого тоа Скопје било ослободено односно кој тоа во него престојувал како окупатор цели четири години. Дури тоа и да не ви се допаѓа многу, дури и да мислите дека (во моментов) тоа звучи „недипломатски“, должни сте пред историјата и пред борците ослободители тоа да го кажете. Јасно и гласно! Зашто, ако велите дека „се сеќаваме на херојството, кога им се поклонуваме на жртвите и борците кои се бореа храбро за секоја улица на градот“, мислите токму на тие борци кои точно знаеле против кого се бореле. Зарем тоа, денес, е толку страшно да се изговори?

А тоа го знаеле и  граѓаните на Скопје на кои се повикувате во оваа и секоја друга прилика, и на кои им велите дека нивниот град Скопје оттогаш „пулсира како слободен град“! Што е само делумно точно – односно е перфидна лага – зашто овој град одамна го загуби тоа чувство на слобода, овој град одамна не личи на себе и на она Скопје, благодарејќи токму на такви политиканти кои се плашат да ги именуваат нештата онака како што доликува. И кои секојдневно го убиваат градов, полека, на рати!         

Меѓу тие борци, на пример, бил и еден Михајло Апостолски, како врховен командант на македонските партизански единици во Втората светска војна. Што мислат актуелниве политиканти, како тој човек би се чувствувал да ги слуша нивните денешни празни „беседи“? А и сите други, знајни и незнајни борци, во чија чест стои оној споменик баш пред македонската влада. Ваквата бесмислена реторика, лишена од основни национални чувства, само долева немир и недоверба (не само) кај скопјани. Ако тоа оваа власт не го разбира, ништо не разбира! Но, може и вака: колкумина од овие владини ојлевци и дојлевци што го газат градов со нивните опинци, се родени во Скопје? Не го кажувам ова како можна форма на презир или говор на омраза кон сите „дојденци“, но за да го разберете овој град треба нешто повеќе од само партиска припадност, нели!

А може и вака: ако новоизбраната словенечка претседателка Наташа Пирц Мусар, во своето прво јавно обраќање по изборот, најнормално посакува утре и Македонија – а не Северна Македонија! – да стане членка на ЕУ, а македонскиот „претседател“ ни во сон не се двои од идиотската фраза „нашата земја“, за што тогаш говориме?

Оттука, ако тажната македонска приказна, сега дополнета и со фрапантно дегутантното „чествување“ на ослободувањето на Скопје, е навистина толку зависна од многу потажната бугарска приказна за Македонија, нели е ред некој, барем на помладиве, да им ги посочи главните цртички на тој „источен копнеж“, барем децава да знаат за што станува збор? Зашто оваа држава, односно нејзините највисоки функционери фатени со „братјата“ во истото оро, тоа нема да го направат. Напротив, тие прават сѐ да ги замаглат нештата, да ги покријат со копрените на Венециската комисија, да испредат бајки околу историските факти и истите да ги сместат во своите говори и во учебниците по историја.

И таа приказна не е долга, ниту е комплицирана. Едноставна е, но само ако се погледне со отворени очи и соодветна доза на чесност. Нема потреба дури ни од национални чувства, патриотизам и слично, кои толку им пречат на профитериве. Нештата во историската приказна тогаш стануваат многу, многу појасни. И се сведуваат на мизерна алчност по територии. Она пак што за сега останува „сокриено“ е улогата на македонскиот политикантски дел во приказната. Иако и тој замирисува на старите познати братоубиствени колежи. Но и тие ќе се разјаснат еден ден, набргу.    

МАКЕДОНЦИ, МИРОТВОРЦИ, ЧУДОТВОРЦИ

Можеби ќе се најде некој одважен Македонец кој ќе праша зошто нема од Македонија ниту еден славист или научник што се занимава со кирилометодиевската традиција на Меѓународниот форум за кирилицата што започна на 07 ноември во Софија? Можеби тоа ќе биде токму министерот за надворешни работи – по функција, се разбира, но и како „чувар на македонскиот јазик“ – или можеби „претседателот“ на државата? Зашто, неговиот бугарски „пандан“ Радев, се обратил на тој форум со видео порака прогласувајќи ги Бугарите за „чувари на кирилицата“, но не заборавајќи да додаде и дека „Не можеме да зборуваме за кирилица без да се земе предвид придонесот на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици, кон бугарските владетели и свештеници, кои како своја мисија прифатија да бидат покровители на нашата азбука“. Не можеше ли – или не смееше? – и Пендаровски нешто да каже?

И дали сето ова е уште еден актуелен придонес на македонската миротворност на онаа „Историска комисија за лустрација“ и на наследството на познатиот чудотворец што ја инсталираше како маша за некои апсурдни лично-групни агенди? Зашто, што друго би можело да биде? Или е можеби некаков новоосмислен израз на познатото добрососедство, така здушно пригрлено и негувано од наша страна, иако нема наш човек на тој форум, но има научници од Бугарија, Грција, Србија, Австрија, Литванија (sic!), Италија, Полска, Белгија, Германија…? А можеби ние и не знаеме дека не се служиме повеќе со кирилицата, па ни со македонскиот јазик, ако баш сакате, туку веќе сме ги усвоиле европските стандарди и „лафиме“ на – англиски?! Или на блгарски? Дали оваа „операција“ на сегашнава власт, како нејзино новогодишно изненадување, е наредниот чекор во нашата тажна приказна? А и зошто да не биде, мислите дека некој ќе се побуни?

И таму, среде Софија и тој Меѓународен форум, „госпожа“ Јотова – која така милно ја пречекавме за задушница на бугарските окупаторски гробишта од Големата војна – мафта со прстето и се заканува дека „Ние се спротивставуваме на сите обиди да се менува нашата историја“, и дека е „недозволиво денес историјата да биде менувана, преправана, служејќи им на геополитичките интереси“! Никој друг туку таа, никој друг туку Бугарија!? И упорно се повикува на некакво „културно наследство на сите нас, словенски народи“ (sic!).

Се разбира, тивкото – да не речам подмолното – окупирање (и) на словенството од страна на нашиот источен сосед не е „менување, преправање“ на историјата. Тоа кај нас не смее да се каже бидејќи би било израз на недобрососедство, дури говор на омраза. Но, ако е така, за некоја идна историја, секако, не за сегашноста, останува отворено прашањето: од каде тие пристигнаа на Балканот, паднале ли Бугарите од небото на тогашната територија на Мезија, Скитија, дел од Тракија и Македонија, или номадизираа односно транзитираа од Понтско-касписките степи кон Балканот? Ама Словените веќе биле овде, нели?! И на кој јазик „лафеа“, на прото-словенскиот?

Но ние, се разбира, можеме, баш онака македонски, миротворно и чудотворно, да се откажеме и од светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици и да им ги препуштиме на Бугарите. Можеме миротворно да се откажеме и од словенството и чудотворно да станеме Ескими. Зошто да не? Тоа, во наше име, може лесно да го направи спомнатата Историска комисија за лустрација, или оној чуварон на македонскиот јазик и панданот му за евроинтеграции тајно да прифатат уште некој нов протокол каде што и тоа ќе се озваничи. И впрочем, чуму ни се нам тие цивилизациски „амбле“ на словенството, кога не умееме да ги чуваме, почитуваме, славиме…? Та зарем чудотворно не се откажавме од вековното име, признаено од 180 држави и трите најголеми светски сили САД, Русија и Кина?

Но како да се откажеме од нашиве провинциски чудотворци од форматот на оној Иван исцелител, кои со еден потег на раката бришат и допишуваат истории, газат врз наследство и културни стратуми, уриваат вековни традиции во името на некаков „прогрес“ што влече назад, во идентитетски бездни? Не можеме, никако, зашто се опкружени од тајфи арамолебци, неработници, некадарници…, за кои „чудотворциве“ се единствнеиот извор на приход.

Меѓутоа, нашите „чуда“ не завршуваат тука. Ние како израз на добрососедство и миротворство ги сметаме и зборовите на Радев дека „Тргнувајќи од бугарските земји азбуката осветлува многу поширок духовен простор и обединува стотици милиони луѓе. Кирилската азбука, нашиот најдрагоцен подарок на човечката цивилизација, поставува мостови и поврзува светови“. Можеби некој од чудотворциве ќе предложи и овие зборови да бидат врежани на славната ни Триумфална порта, заедно со „говорот“ на криминалецон од Будимпешта? Или тие си чуваат место за некои нивни „лафови“?

Нема кај нас кој да одговори и на другите „бисери“ од овој Форум, оние од типот на министерот за култура на Бугарија Велислав Минеков кој длабоко верува „(…) во бугарскиот гениј“, или на италијанскиот професор д-р Giorgio Ziffer кој така одлесно го прогласува Црноризец Храбар за бугарски свештеник и учен, не спомнувајќи дури ни една дилема за тоа кој се крие зад тоа име итн. Нема кај нас кој да се замисли над овие нешта, да крене барем веѓа ако не глас. Тие се миротворци и чудотворци само за по дома, за светот сме ништо повеќе од аналфабетски отпад од некогаш големи култури!

Или ние навистина веруваме – или сакаме да го убедиме народот – дека сме „тиха река брег рони“, дека нашето „миротворство“ и „чудотврство“ ќе ни донесат некаква космичка правда викана ЕУ, резервирана за маченици? И не гледаме ли дека со „брегот“ ни се рони и државата, јазикот, културата… Ама, тоа се дребулии во споредба со нашите евроинтегративни амбиции, нели?


ТАЖНАТА СТРАНА НА МАКЕДОНСКАТА ПРИКАЗНА

Кои се и какви се тие „нови договори“ што допрва треба да се потпишуваат во/за Македонија, и тоа, ни помалку ни повеќе, туку помеѓу политичките партии? И за што треба баш тие да се договораат, а што не било веќе договорено во 1945 и во 1991 година? И зошто, повторно, се активираат дежурните кербери да нѐ инструираат дека нема друг сокак освен (ќор)сокакот на оваа власт, дека нема други алтернативни решенија за нашите „судбински“ приклученија, дека македонскиот граѓанин е прост, необразован, приглуп…, па тие мора да решат во негово име?

А да решат – што? Перфидните флоскули дека некој/некои не сакаат Македонија да биде членка во ЕУ ја замаглуваат причинско последичната врска на тезата. Односно, вистинското прашање/теза е: не дали, туку – како! Под какви услови, по која цена, со каква иднина. Веењето на знамиња за „победата во битката за македонскиот јазик“ е само уште потврда за неукоста, несигурноста, неподготвеноста на оваа полуписмена гарнитура да се носи со проблемите.

И како и обично, виновници за сите катастрофи во државата ќе бидат: опозицијата, „некој таму“ претседател на МАНУ со неколку истомисленици, академската заедница со нивните вмровски убедувања, еден грст интелектуалци изгубени во преводот… итн. Се разбира, и Русија – која еден „професор“ неодамна јавно, на телевизија, ја прогласи за наш непријател, потоа македонската дијаспора која не му е по ќеф на министерот за надворешни работи, па дел од бугарската интелектуала која, спротивно од оваа (ќе простите) малоумна власт, вели дека „Македонците се Македонци“ и „Бугарите во Македонија немаат потреба да бидат внесени во Уставот на Република Северна Македонија, туку само неколку десетици активисти кои се длабоко поврзани со еден партиски штаб“, итн. Што уште треба да им се каже?

Се враќаме ли, самите и без присила, во некои минати времиња – на пример осумдесеттите години на минатиот век – кога (и) одделни југословенски политичари – оние, на пример, од профилот на еден Бранко Хорват, Драгослав Марковиќ и др. – го гледаа „македонското прашање“ како камен околу вратот на тогашна Југославија, (а сега и на ЕУ)? Дека Македонија, тогашна, била пречка за добрите односи на Југославија со Бугарија и Грција, а сегашниве „контраши“ се истата таква пречка за нашите евроинтеграции? Па и тогаш, како и сега, им требаа, како што велел веќе спомнуваниот Крсте Црвенковски, „(…) поедини интелектуалци и ’квази-историчари’, па дури и цели интелектуални кругови“, да го замаглуваат прашањето, да ја замајуваат јавноста?!

Зашто, баш така и денес се развиваат работите. „Македонското прашање“ – сега од страна токму на македонската власт, што е страотно сознание – се поставува како главен проблем во нашите евроинтеграции, заедно со оние кои, најчесто со цврсти арегументи, застапуваат спротивни ставови? Навистина ли (и) на оваа власт ѝ требаат „предавници“, „виновници“ за нејзините недугави промашувања и политики, па буричка меѓу граѓаните, во академската заедница, меѓу интелектуалците…, барајќи алиби за глупостите? И толку ли, навистина, се влијателни овие меѓу „народот“ што ѝ ги поматуваат сите сметки – лични и групни – со ЕУ? И тие ли, впрочем се/ќе бидат виновни што токму оваа власт беше онака безобразно излажана по „Преспанскиот договор“ и промената на името?

Таа епизода, секако, е една од тажните страни на македонската приказна за ЕУ приклученијата. И во неа нема, и не може да има, други виновници освен еден грст полуписмени македонски политичари кои се фатија на европската јадица. Доаѓа ли сега вториот дел од приказната, сличен на оној за којшто пишувал и Црвенковски, кога „од моќниците на денот во Македонија, победниците над македонскиот либерализам (…)“, бил „без пресуда осуден на молк“ а името му било ставано под ембарго во сите средства за информирање во тогашна Македонија?

Или, можеби, во овој втор дел од тажната македонска приказна и опозицијата ќе ја доодигра својата предавничка улога, ќе почне да се пазари како и оние албански партии околу процентите? И тие ли имаат поголеми „влогови“ врз коишто ЕУ и САД можат да стават рака, како што ставаат врз руските „влогови“? Тоа ли ќе биде претстојната „игра за тронови“?!

Но, за жал, конечната страница на оваа приказна сепак ќе ја испишува источниот сосед, кој не покажува ама баш никаква намера да се откаже од своите налудничави барања сѐ додека кај нас функционира ова полуписмено политикантство. А и зошто би го направиле тоа, освен ако кај нив не се случи некакво пресвртничко чудо со некоја друга, нормална власт. Ама чуда не се случуваат така често. Кај нив чудата завршија со Жељу Желев и неговата краткотрајна аура врз неговите наследници. Како што впрочем и кај нас аурата на Глигоров светеше кратко!

Она што дури денес се осмелува да го говори Стојменов за (во тоа време) незаинтересираноста на Бугарија за Македонија е веројатно точно. Не гледам причина зошто човекот не би ја говорел вистината. Но, не беше ли и тоа време само интермецо во приказната, слично на она што во Бугарија траеше во времето на Георги Димитров, и неколку години по него? Зашто, ако читате што Цола Драгојчева пишувала во тоа време за „македонското прашање“, па за Тито… итн., нема да си верувате на очите. Ама кој, ве молам, од оваа гарнитура знае два збора да каже за тоа? Османи, кој ни го „брани“ јазикот? Пендаровски, Маричиќ, Ковачевски…? Па ве молам, дајте барем не нѐ сметајте за наивни!

Извинете, но не треба, а и не може еден Османи, па ни Малески for that matter, да бранат нешто одбрането уште од 5 мај 1945 година. Тоа одамна го одбраниле некои други, сериозни луѓе! Како што не смеат, па и не можат, неколкумина, па нека се и историчари, во името на сите нас да преговараат и да ја шминкаат македонската историја според барањата на некакви пазарџии, да договараат етно-национална припадност на одамна починати и кај нас почитувани луѓе. Во чие име, ве молам? Та зарем оваа врхушка, со такви чираци, не може веќе утре да ја прогласи и Земјата за плоча? И што, и тоа ќе биде предмет на меѓупартиско договарање?

На крајот, најтажната страна на македонската приказна нема да заврши ни со евентуалното внесување на Бугарите во Уставот. Тоа источниот сосед јасно го потврдува на дневна основа, со сите провокации и додатни понижувања на Македонија, и со нови барања. Дури ни последново, за сега најступидно, дека „(…) со измените на законите за здруженија и фондации и за политички партии во Северна Македонија се ограничува правото на здружување на Бугарите во земјава бидејќи има еднострано толкување на историските факти“, нема да биде крајот.

Сценариото допрва „се развива“, современиот продолжеток на тажната страна на „македонското прашање“, со нас во главна ролја, тукушто ни претстои!


ЗНАЦИ НА ТИВКА СМРТ

Единствениот „аргумент“ со којшто оваа политикантска гарнитура го оправдува целиот овој де-еволутивен процес во македонската надворешна политика, е оној за историската можност Македонија да стане членка на ЕУ, шанса што не смее да се пропушти. И секој кој ќе опстојува на овој „аргумент“, ќе биде делумно во право! Како што тоа го вели и она министерчено кое сака да патува на туѓа сметка: покажуваме „знаци на живот“! После цели три децении?! Иако, де факто, многумина тие „знаци“ ги гледаат како најава на – тивка смрт.

Токму заради тоа и аргументот е ставен во наводници. Затоа што и не е вистински аргумент бидејќи никаде не ги нотира условите, или границите, па и „цената“, или пак оние веќе одамна изветвени црвени линии…, коишто го определуваат прагот што државата не смее(ла) да го преминува во овој процес. Ние, тој претпоставен, или замислен, како сакате, праг, одамна го пречекоривме. И продолжуваме кон тој ќорсокак, цврсто, стамено, речиси налудничаво…!

Но, замислете сиот овој денешен циркус со Бугарија, во пакет со „Преспанскиот договор“, да се реализираше уште во онаа 1998-9 година, кога премиер беше оној со „б“ во името, „бизнисменон“? Ќе „летаа“ глави, нели? Ќе се прогласуваа велепредавници, токму од страна на истите овие кои сега, после цели 77 години, вијат оро за „чист македонски јазик“, нели? Како што играа и во тунелон на „Актор“.  Ама сега, после три децении „маки по Матеј“, (ќе) голтаме сѐ? Сакате да кажете дека е тоа – политика? Или можеби прогрес? Да ве потсетам на едно неодамнешно „предвидување“ на актуелниот ни „претседател“ на „народот што живее таму“: „Ако дојде до промена на името, душата ќе му ја извадат на тој што го потпишал тоа“! И, чија душа извадивме? Освен својата, се разбира?

Да, звучи пресилно ако кажете дека само провинциска политикантска номенклатура може вака поданички, да не речам вулгарно, да спроведува ЕУ интегративен процес во својата држава, со тотално магловити, нелогични и макијавелистичка агенди. И буквално да лаже за сѐ: од лажни ветувања до лажни реформи, од неменување на името до „цементираниот“ идентитет, од започнување на преговори веднаш по влезот во НАТО до бугарско вето, од цел пакет лаги за билатералниот проблем во „француската рамка“ до отворањето на фашистичките клубови… итн.

Или, понатаму: има(ше) ли воопшто земјава некаква стратегија за справување со „источниот проблем“, а особено со одделни прашања од типот „Бугари во Уставот“, администратори наместо окупатори, туристи наместо фашисти, за навестената пиши-бриши „политика“ за меморијалните споменици итн.? Ако има(ла), зошто не ја објавува, дури и по цена да ги „покрие“ чувствителните делови коишто би откривале државни тајни или нивни идни чекори? Зарем јавноста, граѓаните, па и политичката опозиција, немаат право да кажат свое мислење по тие прашања? Или навистина мислат како и Османи дека стратегија е граѓаните да ги убедуваат дека „со преговорите со ЕУ се добива безбедност, стандард, заштитени идентитетски атрибути“? Па ние малоумни ли сме па тие тоа треба да ни го кажат? Или пак мислат дека веруваме дека Пендаровски (правник), Ковачевски (економист), Џафери (офицер), Османи (хирург), Маричиќ (правник)… се едновремено и експерти по историја, политика, меѓународни односи, култура/јазик…? Па дајте ве молам, тие до вчера не беа ни чираци во политиката!

Впрочем, на пример, добивме ли ние, нивните гласачи, убедливо објаснување од кој и да е македонски политичар зошто Бугарите мораат да бидат вклучени во македонскиот Устав, и тоа како прв и основен услов за нашето започнување на пристапните преговори со ЕУ? Зарем никому тоа не му е (барем) малку сомнително, имајќи ги предвид сите историски и современи подметнувања од источниот ни сосед? Кои и какви се мотивите на ова инсистирање, што подразбира исполнувањето на тоа барање за оваа држава (идни историски „толкувања“, користење за непријатни – да не речам непријателски – цели, петта колона и др.)? Зарем навистина тоа никого од оваа номенклатура не го интересира?

Следствено, веќе тука, на самиот старт, нема некаков измислен, или потенцијален, „заобиколен пат“ на којшто некои упатуваат. Нашиот пат кон ЕУ води директно низ бараните измени во Уставот, а потоа и низ сите други налудничави инсистирања на источниот сосед! Тука нема што да заобиколувате туку влегувате директно во устата на злото. Повторно! Инаку, зарем „госпожата“ од Брисел би доаѓала овде двапати во рок од два-три месеци, носејќи дарови? И, да ги потсетам политикантиве на онаа стара балканска за Данајците?

Затоа, прво, лажни се, дури перфидно подли се подметнувањата односно замената на тезите дека некој овде измислува непријатели, дека сака да ја „жртвува“ европската иднина на земјата, дека (не дај боже) бара отворен судир со соседот… и слични будалаштини. Тоа се малициозни искривувања на малите умови кои мислат дека ќе нѐ убедат дека светот е таков – лош, неправичен, недемократски – и ние, кутрите, немаме друг избор освен да ја наведнеме главата. Токму таквите подметнувања ја „жртвуваат“ земјата и ја продолжуваат несреќната трпе-трајчевистичка македонска традиција!

И зошто, впрочем барањата за претпазливост, за научен пристап, за одмереност, за евентуален реципроцитет во односите со источниот сосед би биле некакво предавство на европската иднина на земјата? Што, ве молам, ќе се случи ако ние – веднаш, сега и овде – не потпишеме капитулација? Нема да имаме втора шанса за ЕУ? Ама луѓе божји, има ли поголема лага од таа, има ли поефтин блеф, сличен на оној на министерчено кое вели дека оние куртоазни формулации во ЕУ извештајот биле „знаци на живот“?! На кој и каков црн живот?

Па ние, во крајна линија, тој „живот“ можевме да го имаме и во 1941 година, заедно во дружба со „администраторите“. И што ќе ни недостасуваше? Денес не ќе ги имавме овие проблеми и одамна ќе бевме членки на Европската унија. Ама дали тоа навистина ќе беше баш оваа држава, со овој народ? И дали тоа ќе се викаше живот? Или попрво ќе беше – тивка смрт?

Ниту една нормална земја не трча кон сопствената смрт. Токму тоа е де-еволуција, токму тоа не е нормално, не е разумно, противречи на сѐ што досега е постигнато од 1941 година до денес. Ако економските експерти предвидуваат голема економска рецесија, не ќе беше ли поумно изминативе година-две да се потрошеа на економска и енергетска стабилизација на земјата? Наместо ефтино политикантство што ги исцрпува и последните преостанати атоми од државата, не можеше ли да се работи во таа насока? Или и понатаму ќе просјачиме низ регионов?

Или ние навистина мислиме дека ЕУ ќе ни избега? А каде ќе оди, да простите? Или некој навистина мисли дека ние сме во ваква катастрофална состојба бидејќи не сме членка на ЕУ а не заради неспособните криминално-коруптивни власти последниве петнаесет години? Баш би сакал да го видам тој „стручњак“!