Monthly Archives: October 2017

СИГНАЛИ

Претходната власт немаше ама баш никакви проблеми со сигнализацијата. Особено во културата. Важеше правилото: и шуто и рогато, само да е наше. Или, како алтернатива: или си со нас или си против нас. И така функционираше се’! Така се стануваше писател, уметник, продуцент, режисер, актер … Токму она што Тричковски го нарекува одбивање „да бидат тоа што се“! Полесно беше, и попрофитабилно, се разбира, да се биде клиент-сликар, клиент-режисер или продуцент, клиент-писател, а особено клиент-директор, и тоа според чиста партиската припадност или наклонетост, која што мораше да биде безусловна и – вечна. Немаше тинтири-минтири, ти реков ми рече, менување на бои и дресови. И тоа добро се плаќаше (добро? глупости, се плаќаше одлично!). И, да се разбереме – немаше случајности. Тоа што, денес, некој сака да ги претстави нештата како некаква беневоленција на бившиот режим да толерира се’ и секого во нивните редови е тешка лага. Превара, манипулација, лажга со многу опшаки. Такво нешто тие не допуштаа, имаа контролори на сите културни „линии“ и „станици“ и не можеше да им промакне непроверено или дискутабилно име. Точка! Сегашните бајки за деца дека некој бил независен ама со години влечел пари од пуфлата и шизоидниот „архитект“, дека немал никаква врска со нив и дека тие го ценеле само заради неговиот / нејзиниот творечки труд не ја надминува дури ни претшколската возраст. Такво нешто во оваа Македонија не се случуваше. Точка! А на пулените се’ им беше дозволено. Не знам уште колку примери треба да се наведуваат, уште колку ревизии да се направат, уште колку податоци да излезат во јавноста за да се заокружи сликата за сите криминали на бившата власт во културата? Нивниот умислен елитизам не беше ништо друго туку најпроста криминална узурпација и провинцијално / сељачко чепатење врз врмовското буниште. Сега паниката од бастионите во централната власт се префрла на оние во локалните вмронски тврдини. Од Скопје па до последното село сељачката елита тресе вилици и бара засолништа што ги нема. Можеби ќе ги прифатат во некое свирипичино? Баш би сакал да го видам алуминизираниот лудак на трибина во некое од тие тр-четири (се’ уште) вмронски упоришта, како им го објаснува ефектот на гама зраците врз родот на овогодишната зелка и вмешаните прсти на чичко Сорос во таа операција! Којзнае со какви овации би го пречекале? Иако ни во тоа не сум баш многу сигурен. Та ни тие луѓе таму не се баш такви тутмаци. Можеби им останува само на рифеншталкине да снимат нов филм, овојпат наречен “Големата неименувана кражба“, а со тема за „невидената кражба“ на локалните избори во РМ во 2017 година. И филмот ќе чини, пари се разбира, ама дали ќе бидат разбран од публиката?

За разлика од до вчера, денес, особено во културата, виреат различни сигнали. Повеќе случајно отколку намерно или како некаква политика. Но, и таквата сигнализација внесува забуни. Особено бидејќи за такво нешто апсолутно нема потреба. И особено заради тоа што тоа претставува директна навреда за цела низа творци и културни работници кои беа целосно дискриминирани во изминатата деценија. Ни оваа култура ниту оваа држава имаат потреба да влегуваат во филмот на нарцисоидните пулени на бившиот режим, на разноразни глупици кои мислат дека се продуцент(к)и, на режисер(к)и со двонеделни курсеви, на умоболни сликари и самопрогласени експерти за се’ и сешто. Зошто? Затоа што токму тоа беше она што ја уназадуваше македонската култура цела деценија, што ја изјадуваше одвнатре, што ја строеше според кривоверни партиски правила. Оттука, сите договори – (демек) правосилни а всушност октроирани – треба да подлежат не на проверка или процедура туку на едноставен, обичен потег на раката што сомнителната хартија ја кине на две парчиња. И на дополнителни, поситни парченца и – се фрла во ѓубре. Толку! Без објаснувања, без убедувања, без образложение. Зашто и нам никој не ни даваше образложение за сите нервози, одбивани проекти, фрлени буквално в ѓубре, или крадени па појавувани подоцна, во видоизменета (но доволно препознатлива) форма. И тоа нема да биде никаква одмазда, уште помалку неправда: сите нивни „проекти“, сите нивни договори се дело на криминалната банда. Точка! И каква обврска би имала оваа власт истите да ги сервисира? По истата логика, требаше ли владата на Заев да ја заврши програмата на шизофрениот „архитект“, зашто и таа, впрочем, беше „легална“ владина програма?

И токму за ова треба, и мора, конечно, да се чуе гласот на македонската култура. Сега, или – никогаш. Како што впрочем се слушна и волјата на гласачите на локалниве избори. Подобар сигнал од тоа – здравје! Се разбира, и културата има избор: може да остане еднакво молчалива криејќи ги гнидите во своите редови, но веќе утре нема да има кого да обвинува за состојбите. Веќе утре никој друг нема да им биде виновен. Ако оваа македонска култура не најде сила да се справи со криминалците во нејзините редови, ако тие и понатаму го цицаат културниот буџет за нивни идиотски „проекти“ повикувајќи се на некакви договори со бандистскиот режим, тогаш, утре, оваа култура нема да има право на глас. Затоа, сигналите што денес ги испраќа власта до македонската култура мора да бидат јасни, препознатливи и пред се’ чесни и правдољубиви. Исти, впрочем, како и сигналите што се испраќаат до корумпираното судство и навестените во него реформи, до куртонизираните медиуми, до клиентелистичкото образование … до бескичмената бизнис заедница. И тие конструктивни сигнали ќе значат знак на почит на власта кон вистинската македонската култура, без оглед колку таа сега изгледа мала, немоќна, се’ уште заробена од пулените на криминалната банда и нивните трабанти!

CAMP DAVID

Се разбира, во политиката, велат, е се’ дозволено, па дури и најновата идеја за некакво политичко помирување – не баре се карале како најдолни пазарџики – помеѓу македонските политичари односно помеѓу позицијата и опозицијата. И тоа во Париз. Нешто како европски Camp David! За што и како ќе ги мират останува да видиме.

Но, што врска има тоа со културата? Па има, зашто сето ова што го гледаме околу нас многу наликува на тоа: на културен Camp David! Да, некој ќе каже: и културата е политика односно и во културата има политика. И можеби и тука има простор за мирење? Зашто ние сме, нели, мала култура, па на што ќе личи ако се глочкаме меѓу себе, ако се диференцираме на едни и други и слични будалаштини. Па повторно би се спомнале божем политички одмазди и слични глупости, само нештата да останат какви што се. Нормално, ама ние овде не говоревме, ниту пак говориме за тоа односно за политиката во културата. Сериозна политика во културата би била кога на госпожата „режисјорка“ на политикантскиот памфлет за (божем) неименуваниот ден но гласно именуваниот „злосторнички“ народ НЕ би и’ дале нови пари за филм. Е тоа би била вистинска политика во културата, и во филмот. Вака – ние говориме само за продолжување на некои чудни инерции, дури збунувачки, да не речам неверојатно неразбирливи. Тоа му доаѓа исто како Симон Трпчевски да го повтори оној циркус по втор пат на отворањето на новиот објект на Македонската филхармонија! (Апропо Филхармонијата: мислам дека државата мораше да побара и да најде сериозен основ и да и’ стегне тужба на министерката за кредитни картички – авторство на Тричковски – за оние 15 милиони евра долг за објектот! Башка за сите други превари.). Или, зошто па оној улавион алуминизиран „сликар“ повторно да не добива пари за по пет-шест изложби годишно? Та нели е – најбољи, чиста авангарда тоест постмодерна? Или да се најде нов махер да ги преиздаде сите оние „велелепни“ томови на библиотекарон академик и „архитектот“ шизофреник, сега само со нова издавачка куќа и со видоизменет дизајн? А на онаа банда од наши „угледни“ писатели што аминуваа на тој „проект“ да им издаде собрани, избрани, разбрани и неразбрани дела!

И не е само тоа, или тоа е најмалку што може да не’ тангира. Кај биле, кај не биле уште 500.000 или 5 милиони евра! Но ние, нели, сакаме да говориме за нови културни состојби и предизвици, кои што ќе се базираат НЕ на наследени права, на партиски релации, на пријателски или којзнае уште какви други односи … туку на квалитет, на демократичност, на компетитивност и на плурализам на интереси и идеи!? Ако македонската култура и по јуни 2017 година продолжува со старите односи и „приоритети“, ако претходната криминална банда ги врзала за неколку години однапред своите пулени со некакви (божем) обврзувачки договори кои што новата власт само ќе треба да ги сервисира – како што впрочем беше случајот со целата програма на Министерството за култура за оваа година – тогаш чуму промени? Па да им ги префрлиме парите однапред за неколку години, да им кажеме на другите да си преспијат уште едно три-четири сезони … па тогаш нека се јават со идеи и проекти.

Ако и тогаш не биде доцна, се разбира, зашто овие дотогаш повторно ќе се залауфаат, ќе фатат не еден туку по три нови приклучоци и ќе склучат договори за уште нови три-четири години, однапред. Тие тогаш ќе бидат така добро вгнездени, нафатирани, напарфимисани со сите можни мириси што нема ни да ја почувствувате или препознаете криминалната реа што се шири околу нив. И која што опасно се заканува да го контаминира целиот македонски културен простор. Зашто, ако македонската култура имала некакви развиени „сензибилитети“ во изминатиов период, тоа е, пред се’, изостреното чувство за пари односно профит, но и чувството да намириса како дуваат ветриштата. А овие ветришта дуваат повторно во едрата на бандата. И тоа културата го гледа, и се прилагодува, повторно се групира, се ококорува. Сите гниди повторно подаваат глави под камењата!

ДИФЕРЕНЦИЈАЦИЈА

Јас многу добро знам дека македонската култура во принцип е добронамерна и мирољубива, дека лесно простува, дека често е некомпетитивна (за жал) и некомпатибилна, дека е затворена во некои свои „идеали“ во кои што европскиот дух тешко продира. Често е и нестручна односно непрофесионална и тешко прифаќа критика, иако точно знае – или мислам дека знае – кои и’ се слабите страни. Заради сето ова, македонската култура можеше да биде подложена на таков безмилосен некултурен инженеринг, невиден во европски размери уште од времето на наципропагандата. И ја трпеше таа пресија прилично молчаливо, со ретки исклучоци, што ќе остане нејзина тешкооправдлива историска црна дамка.

Но, од друга страна, останува нејасно зошто и денес молчи – со ретки исклучоци, се разбира? Кои се тие самонаметнати стеги, каков е тој самотренинг да се игнорира се’ што се случува и надвор и внатре, во културата мислам, кои се тие врски што ги држат на узда со бившиот режим? Зашто, извинете, но како е можно никој јавно да не се запраша што уште прават еминентните припадници на бившиот режим во нејзините редови, кој тоа им дава простор во медиумите, и зошто, кој воопшто има потреба од нив во новата македонска култура? И не само тоа туку водат манифестации, дури и меѓународни, делат лекции, директоруваат, солат памет, се закануваат …! Да ги набројувам? Можам и тоа, ама и онака сите ги знаеме, и предобро ги познаваме за да (повторно) трошиме зборови на нив. Но, што е уште полошо, ние на нив арчиме не само зборови, туку и време и пари! Што е невиден мазохизам.

Од друга страна, јасно е дека новата власт ќе ги разрешува овие прашања полека, политички, внимателно, (божем) сето тоа да не заличи на некаква (политичка) одмазда. Иако оние другите, односно оваа истава некултурна багра сосема отворено и без пардон се пресметуваше со сите кои им пречеа по која и да е’ основа. Но добро, тоа можеби треба да е (оправдан) пристап на политиката, во иста мера како што и справувањето со последиците од она грозоморно „Скопје 2014“ мора да оди внимателно, според закон и процедури, иако истото беше октроирано целосно незаконски, насилно и политички. Меѓутоа, самата култура е таа што може, и мора да се справи со гнидите во нејзините редови. Како што и архитектите, на сите рамништа – на ниво на асоцијација, поединечно, професионално, стручно – мораа да најдат начин да истапат и кажат што и како мислат за оној антипроект. Ако тоа не се случи, ако културата не постави барем неколку прашања, јавно, јасно и гласно, и ако сето тоа го препушти само на политиката, тогаш ќе докаже дека не заслужила ништо подобро од она што и’ се случуваше во изминатите десет години. Ако, имено, ние, преку соодветни прес конференции (еснафски или какви и да се) не добиеме информации кој се’ режимски жарел и палел низ македонската култура – во уметноста, во филмот, во издаваштвото, во заштитата на културното наследство итн. – а тоа проследено и со дистанцирање од гнидите и нивна осуда, тогаш македонската култура навистина не заслужила ништо подобро. Ако никој од заштитарите не каже јавно какви беа криминалните зделки во најкриминалната македонска институција наречена Управа за заштита на културното наследство, како тогаш Македонија утре ќе се справува со истите предизвици? И никој ли нема да каже дека се’ уште луѓе, бивши функционери токму од таа Управа, шетаат низ локалитетите со металдетектори, а криминалните перјаници на истата институција комотно делат лекции што е заштита а што не е? Или ако никој од еснафот не побара финансиска и стручна ревизија на сите филмски проекти во изминатава деценија, а особено на гнидите кои работеа по диктат на политиката, тогаш за каков утрешен македонски филм ќе говориме? Или ќе се снима по стариот груевистичко рифеншталски терк? Ако, како што вели Магрели, некои современи италијански режисери ја разоткрија денешницата на Италија, која и каква денешница добивме ние од македонскиот филм: на пример дека филмот може да служи како политички плакат, па дури и да биде политичка нарачка / памфлет за (ре)конструирање на едно грозоморно злосторство? Или нема ли некој од издавачите – а најдобро од издавачките асоцијации – да излезе со извештај како тоа се делеа буџетските пари, кој издавач колку добиваше, како тоа одделни издавачи станаа државни издавачи, кој колку заработи во македонската издавачка индустрија …? Зашто тоа беше индустрија, нели, во која што одделни фирми заработија вистински богатства? Или сакаат да веруваме дека повеќе им е грижа колку книги ќе можат да пријават на актуелниот конкурс, а останатото нека оди по ѓаволите? Или, навистина ли некој мисли дека заборавивме како не’ убедуваа, како на пример „џезерон“ на пуфлата, дека прекрасно се живее во македонската култура? Се разбира, (не)културниот живот беше прекрасен, ама само за неколкумина. Или, можеби, има и такви кои навистина веруваат дека македонската визуелна уметност ја претставува онаа банда составена од улавион алуминизиран „сликар“, BMW-овскиот венециски манипулант, онаа „госпожа“ што ни го нагрди градот со нејзините “дела“ … и ним слични? И ќе се осоколи ли некој од фамознине ни плашливци на ФЛУ да каже како, и зошто, истата експресно ја примија во своите редови, и по кои и какви заслуги? Или по чија наредба?

И списокот, и прашањата можат да се развиваат во недоглед, но: ќе има ли одговори? Ако и прашањата и одговорите не дојдат токму од македонската култура, тогаш таа самата си потпишува смртна пресуда. Тогаш таа не е ни култура ниту уметност туку само аморфна политикантска збирштина со која што може бескрајно да се манипулира. Ако таа свесно и беспоговорно ја прифати таквата разврска на нештата – злосторниците да продолжат да виреат во нејзините редови како ништо да не се случило а политиката да биде главниот судија, тогаш воопшто и не заслужува да се нарекува култура. За неа, тогаш, (ќе) постојат низа други имиња / називи што поблиску (ќе) ја определуваат нејзината сушност!

ТИВКА АМНЕСТИЈА

За да ја завршам темата за Злото и неговите последни денови особено ми се уклопува предизборниот восклик на премиерот: „Да ја ослободиме Македонија од остатоците на режимот!“. И тоа се покажа како сериозно обмислен, дури триумфален повик во конечната победа над силите на мракот. И не го кажувам ова со никаква патетика на ум – иако зборовите „силите на мракот“ навистина прозвучуваат хобитско стриповски, ама ние ги преживеавме во реалниот живот! – ниту пак со идеја да ја воспевам сегашноста како безгрешна состојба и најсветла иднина. Далеку од тоа, ама сигурен сум дека, досега, само е чепнат врвот на мразот што полека се топи иако доаѓа зима, и дека допрва ќе слушаме и гледаме кој се’ и на каков начин, а особено за какви пари, „гинел“ и лежел за Македонија, или сликал и снимал, или пишувал и компонирал … И тоа ќе биде вистинската вистина за таа и таква Македонија која што тие вечно ја носеа во срцето, нели, или во џебот, како подобра варијанта! Тоа ќе биде вистинската Енциклопедија на македонската култура за таа деценија.

Зошто ја спомнувам само културата во овој контекст? Па затоа што политиката на груевизмот – ако веќе сме го прифатиле тој термин како општ за вкупните состојби во земјава во изминатава деценија – допре до сите сегменти на општественото живеење, а особено драга му беше културата. И тој на неа. Зашто имаше човекот широка рака, мора да се признае, што е својствено за дудуците од тој тип. Мислам на оние човечиња кои уживаат да се врткат во, демек, повисоки општествени кругови (а овој наивно помисли дека македонската култура односно неговите пулени во истата се токму тоа!), особено заради фактот што, кутрите, ништо од тоа не знаат и не разбираат, ама политичката моќ им ја дава силата да командуваат и да бидат слушани дури и таму. И делеше „шаком и капом“ на оние кои беа спремни да слушаат. И да постапуваат според наредбите.

Е сега, ако политиката (ќе) се бави со политичарите на груевизмот, нели е ред културата да се бави со културата на груевизмот? И по таа логика, мислам дека никогаш – или барем во догледно време – нема да ни биде доста од разобличувањето на сите пајтони што се влечеа зад неговата „културна политика“, преполни со автори и авторчиња, уметници и уметничиња и сета останата багра, одговорна за сите културни злосторства на ова тло во изминатите десет години. И ако пуфлата одговара политички, нејзините пулени – почнувајќи веќе од самото Министерство за култура, се разбира оние кои се огрешиле од законите и професионалната етика (ако воопшто ја имале) – треба и мора да одговараат прекршочно и кривично за сите злодела во културниот сектор. И професионално, се разбира, а не да пишуваат писма, да се редат во редот за нови пари за „проекти“ и слично. Некои од нив, велат, се врзани со договори со груевизмот веќе две-три години однапред, а македонската култура морала да ги почитува тие договори. Ма није ваљда? Па што сме ние овде, и за што сме? Да бидеме нивни измеќари уште толку години, да им ги подариме сите пари во културата само затоа што пуфлата и нејзиниот шеф биле умни и ги обезбедиле неколку години однапред, демек да не страдаат за леб?

Затоа и таквиот наслов, затоа и чувството дека полека влегуваме во период на некаква тивка амнестија во културата каде пајтонџиите, организирани беспрекорно, се разбира, како и секогаш, вршат пресија во медиумите и во целата јавност како, ете, тие се всушност, обесправените, тие да ти биле дури и цензурираните, или малтретираните, што ли? Оној режисјорон одвај дочека да му тутнат микрофон пред муцката и токму папагалски да труби како претставата му била откажана – а продале само еден билет! – ама збор не кажува за десетиците илјади евра инкасирани за секоја будалаштина што ја смислувал и каде самиот себеси си делел улоги на пишувач, преведувач, читач, сценограф, костимограф (не, пардон, тоа била ќеркаму), инспициент (што е улога што најдобро му лежи, убеден сум!) итн. И за него, и за таквите како него, (рифеншталкине, на пример, или оној улавион алуминизиран „сликар“, па некои бивши директорчиња на театри и слични на нив тролчиња) секогаш ќе се најде микрофон пред муцката, главно од онаа укоченана телевизија и нивни „стручњаци“ за култура, за да ги чуеме нивните „маки“ со новата власт. И никој, за живо чудо, не ги прашува за нивните успеси со – старата власт?! Што се случи, се заборави ли тоа, така бргу, избришано како со гумичка? А сите оние кои не смееа да припарат до Министерството за култура и неговите трезори, кои цели десет години немаа право на професионален збор или дело, чии имиња беа потцртувани со црно за да некому не му текне да ги покани на некој од нивните државно партиски славја, тие повторно ли ќе бидат проскрибирани само затоа што злосторнициве се прегрупираат и организираат потпомогнати од се’ уште виталните груевистички медиуми но и од тезата за неопходна тивка амнестија? А зошто тогаш би ги гонеле и би ги суделе и нивните газди, кога се’ може така добро да се изрелативизира?

СРЕЌНА ЗЕМЈА

Човек навистина треба да се подзамисли во каква земја и меѓу каков народ живее. Извинете, ама некој да ве предупредува, константно, што и како ви се случува – и тоа преку телевизија со национална концесија, во ударен термин – а вие да си играте мајтап, да се смеете и потсмевате, дури луѓето да ги правите нетокму, недоветни, малоумни (и којзнае какви се’ други коментари имало во етерот!), тогаш нешто длабоко, и големо, не е во ред со земјата и со народот. Моите видовити способности не допираат низ вековите, да речеме, на пример, до турската инвазија над Македонија – да не одам подалеку – ама сигурен сум дека и тогаш имало некои и некакви претци на денешниве кои го предеупредувале народот што ќе му се случи. Или што му се случува. А овој, народот, се потсмеавал, како што знае и умее дури и денес, си играл мајтап од типот на Итер Пејо или којзнае кој друг национален херој, ги правеле луѓето блесави и дека не знаат што говорат. Ама после – оф леле мајко! Пет века под турско. Е па кој ви е крив. Веројатно имало и такви висококвалитетни и беспрекорно проверени предупредувања и за Илинденското востание и лошите прогнози за истото, па за СХС (за оние малоумните тоа е кратенка за Кралството на Србите, Хрватите и Словенците) каде што ние, нормално, не сме биле признаени како народ, а на што овие предупредувале. Ама кој да слуша, нели? Па, историски, што иде после? На пример: 1941та година и 6 април, па 1945 година и дефинитивната пропаст на Македонија односно нејзиното паѓање под комуњарите, на што претците на денешниве видовити, или препаметни, не знам како да ги квалификувам, предупредувале низ етерот односно низ тогашните медиуми, какви-такви. Ама, повторно, никој да реагира?!

Е па сега, кој ви / ни е крив? Утре, кога ќе видиме дека и сегашните предупредувања за разноразни замешателства низ воздухот, па и водата – оние од типот на алуминиумски бомбардирања, или запрашувања, како сакате, па оние со прозакот во водата (ех, Лондон, зборам ти ќерко сети се снао!) итн. – главно вршени од оние што почнуваат со А големо и што се мислат некаква светска сила, е утре веќе ќе биде доцна.

Изборот е ваш / наш, луѓето не’ предупредуваа(т), ние си играме мајтап. Нема портал што не го пренесува предупредувањето ама, повторно, на мајтап, или на заебанција, како сакате, а утре ќе плачат. И ајде, некој ќе каже, тој што збори нека си збори, иако ни тој не е било кој, ама до него седи бивша министерка, плус магистер и доктор во едно, па новинар во телевизија со национална концесија, па ударен термин … и сето тоа на овој народ односно на неговите политички елити ништо не му значи? Па што тогаш сакате? Кој утре ќе ви биде виновен? Пак Ацо Станковски, или Бети пуфлата? Е па – не може тие вечно да бидат виновни за сите македонски неволји. А луѓето се кооперативни, соработуваат, предупредуваат! Ќе бидат ли барем еднаш, кај нас, виновни тие што не сакале да слушаат?

Да, и јас верувам дека и тие, во крајна инстанца, многу бргу ќе бидат интегрирани во нашава инклузивна заедница. А зошто да не? Па на државата и’ требаат такви луѓе – умни, видовити, со титули. Што се тие полоши од некои други, довчерашни нивни такозвани лабилни пајташи, или пријатели, или соработници, наречете ги како сакате, а со кои што заедно делеа и добро и лошо – ех, грешка, лошо немаше, се разбира – делеа само добро: парите! А тие не беа од алуминиум, беа сериозни монети, евра, долари или денари, небитно, и вршеа работа.

И не се само овие, џанам. Кога би биле – сликарот и неговата менторка – ние би биле најсреќна нација на светот. Зошто? Па затоа што со две будали меѓу два милиони народ ние сме прва лига. Тоа е … не знам … 0.00001% … не ме бива за математика … ама кај други, дури и посериозни држави, овие проценти се многу, многу повисоки. Ама дали се само две? Кај се другите, оние кои со вакви „пророштва“ или други слични идиотизми го побудалуваа народов цели десет години? Ви текнува на оној што го знаеше гробот на Аце Велики? Велат, уште копа на Плаошник, иако наводно треба да е во затвор! А другите? Особено неговите пајташи од фамозната Управа? И тие си работат, иако не се знае што. А оние кои знаеа, и знаат, кој е виновен во „Монструм“? И тие си работат. И другите, оние кои инкасираа милиони за книги, за филмови, за изложби, за претстави … па оние кои пишуваат писма до премиери, до претседатели, до Господ …? Сите тие се интегрирани во системот? Машала, ние сме среќна земја!

Затоа, има право Геровски: не е до ацики и пуфлици, до лаби(л)ни и нестабилни, до кузмановци и миленковци …

РЕФОРМИ?

Ќе се навратам за миг на парадоксот, или парадоксите – а ги живееме речиси секојдневно – на обидот, од многумина, во Злото да се бара нешто добро, нешто хумано, нешто морално. И што веќе не застанува само на обид туку се трансформира во некаква општествена „акција“. Што пак се сведува на она „what the fuck, бре“ на Фрчковски односно на „непристојното и неетичко“ мудрување дали и како ќе се реформирала злосторничката партија. А како тоа би можело Зло да се реформира? Помоќу магије, што би рекле Србите? И кој е тој маѓионичар од таков формат кај нас? Оние од „реформското“ крило кои начекаа (речиси) мртов индијанец па маваат по него? И зошто не се огласија (барем) пред две-три години, па и да им поверуваме?

Некој ќе рече: прашањето е филозофско, не е прагматично односно дневно политичко, зашто во дневната политика се’ е можно, особено кај нас. Добро, можеби, ама нели оние од „најпатриотската“ партија се сите (по список) верници? И зарем Господ не ќе го реформираше Сатаната, ако тоа беше можно и така лесно како што тие замислуваат? И во што би се реформирала една во основа анахрона, глупаво идиотска, малоумна профашистичка организација што сака себеси да се претставува како – партија? Во блага десница, или десен центар, или – што? И зарем има некој кој навистина верува во тоа? Единствената можна реформа на таа и таква партија е нејзиното заминување во најцрната историја, од каде што впрочем и излегла и каде што навистина припаѓа.

Знам дека многумина го гледаа(т) „бело“ Миро Грчев кога пред многу години ја започна серијата текстови за очебијно сличните предзнаци илити симптоми што бившиот режим – од ден во ден, од година в година – ги пројавуваше споредено со минатовековните фашистички односно нацистички диктатури, особено оние во Германија и Италија. Јас не бев исклучок. Ми се чинеше „натегната“ тезата. Ама, тоа само така изгледаше, зашто кога ќе почнете поодблизу да копате по историјата на фашизмот, па ќе читнете делчиња од Еко, па ќе ги споредите сите сознанија со македонските состојби, дури, ако сакате, и во „најмеките“ општествени области како што се културата и уметноста, тогаш како да ве удира чекан по глава. Зашто – сличностите се фрапантни! Како некој да ги пресликувал состојбите (особено во културата и уметноста!), како да тајните советници на режимот целено и сериозно консултирале соодветна литература – или истата им била просто турена во црпките – и ја примениле во сите сегменти на државната управа! Впрочем, целата македонска држава многу бргу беше устроена според тие „организациско – партиски“ принципи. Па ко воли нек изволи. Тие што не можеа да се вклопат, или не сакаа, сепак не беа носени во партиските седишта каде би им бил туран рицинус во грлата (како што милувале италијанските дучеовци!), ниту во влажните подруми на тајната „СС“ полиција каде што би им ги кинеле ноктите или би ги приклучувале на „слаба“ струја. Се разбира – не. Тоа се дваесетовековни методи и тоа денес веќе не е во мода, не се прави. Та и фашистите имаат право да се модернизираат, нели. Денес, односно до вчера функционираа посуптилни методи. Структурната организација на „партијата“ беше иста, применлива дури и во шемите на државната управа, ама методите почнуваа со благи убедувања, па разрешувања, па мобинг и слични „фини“ малтретирања, не само на односниот туку и на целата поблиска и подалечна фамилија, па игнорирање на стручноста и експертизата – ти само седи и уживај, и примај плата, се разбира, не мораш ништо да работиш – сите државни врати а богами и прозорци беа затворани за одделни непожелни персони, нивното име не смееше да спомнува во дадени контексти итн. Или, ако веќе сакате, земете ги сите т.н. годишни програми за финансирање на националниот интерес во културата па ќе ги видите сите лепотани, по име и презиме, целата таа (не)културна булумента која што ни кроеше капа цела една деценија. И сега – тие ќе се реформираат?

Некој ќе рече: добро де, ништо страшно. Можеби, ама многумина завршуваа и во затвор, со наместени судски процеси и долгогодишни казни, беа жигосувани на сите можни начини, во културата, велат, одделни непослушници завршувале со бироата и во вистински подруми … Или, ако сакате, каква е таа реформа во некоја fucking партија која што ќе поднесе предлог за аболиција на онаа багра која што упадна во Собранието со намера да убива? Како имено ќе реформирате убијци? Или, ако веќе сакате, прочитајте ја – ама убаво – онаа Владина одлука со која што се определува на бившиот воен злосторник да му се даваат цели пет илјади евра месечно, цела година, за лепе очи. Тоа ли е Влада, тоа ли е Одлука, каде нема ниту збор за што на тој и тој му се даваат толку пари, наши / ваши, чии и да се? А ако Владата им била таква, каква им била – државата, па во неа и културата, па образованието, па науката, па здравството …? Ние се’ уште имаме нивни директори – оние, приученине, партискине, полуписменине – имаме се’ уште нивни клиенти во сите пори на општествениот систем – онакви гниди и профитери кои се дрзнуваат дури и да пишуваат писма како демек, биле онеправдани и цензурирани, а банкарските сметки им се ко око полни – па имаме загрижени театарџии од типот на бившион директор на Драмски кој се’ уште уста лепи од фалби за бившиот режим … Е тие ли ќе се реформираат? И ние ќе им веруваме?

ЗЛОТО – ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ

Помеѓу Еуфоријата и Злото, јас одбирам да пишувам за второто. Зашто, Еуфоријата (ќе) ја опишуваат многумина други. Заслужено, се разбира. Бидејќи е голема, огромна, можеби неочекувана – барем не во такви размери – речиси величенствена, а како што тврди многупочитуваниот Тричковски, ја враќа вербата во Народот. И така е. Оној Народ против кој често пишувавме годиниве, кој ни ги кинеше живците, не’ побудалуваше со неговото незрело однесување, со веднењето глава, со безмалу неизлечивата (дали историска?) покорност пред силата и моќта. Иако пак ќе пишуваме, ако во некоја друга прилика продолжи така да се однесува. Но, барем сега, го обели образот. Својот и нашиот, и на поколенијата. Му требаше долго, цели единаесет години. Иако, некој ќе каже, Народот и претходно си гласаше како што треба, само што му ги крадеа гласовите, му ги префабрикуваа, ги „крстеа“ со нивна злосторничка водица! Добро, тоа е неговата олеснителна (повторно историска?) околност!

Еуфоријата ќе потрае. Се надевам – не предолго, зашто за тоа едноставно нема време. На оној Народ му беа ветени многу работи заради кои што, мислам, гласаше така како што гласаше. Се разбирам, не се сомневам во неговата – народната – зрелост да направи разлика помеѓу Зло и Живот. Иако, ме јаде јанѕа: ќе беше ли вака, ќе се гласаше ли вака да не беа „бомбите“? Ама во Еуфоријава некои прашања нека останат (барем привремено) неодговорени. Иако, некој со право ќе ми префрли: а што беше „Шарената“? Нели беше – Народ?!?

И повторно: не го негирам правото на Еуфорија. Предолго траеше Злото за да си го ускратиме задоволството да ја прославуваме победата над него, кој како знае, сака и умее. Некој дури и со претерувања, со огномети – а ги пцуевме злосторниците кога го правеа истото. Ама добро, еднаш секогаш е подносливо!

Не знам колку де факто гласови (повторно) освои Злото. Колку и да се – многу се. Премногу, за наши услови. Зашто нашево Зло беше преголемо зло, во секој поглед. Немаше ама баш ни трошка доблест, добрина – парадокс е, имено, во Зло да бараш добрина! – морал, образ. Се’, и буквално се’ беше црнила. Се’ што допреа, секаде каде што стапнаа избербатија, засмрдеа, уништија, испоганија. А сепак: победено ли е Злото? Не знам. Она смешно мало човече, предводникот на нашево современо еднодецениско Зло, иако поразено и посрамотено, тетеравејќи се како грогиран селски боксер, сепак собра сила да се појави на полноќ, како вистински македонски Дракула, и да критикува, да се вади, да се правда пред грстот преостанати новоерци. Како впрочем и оние историски слики на полудениот Адолф, во преголемиот шинел, на улиците на разурнатиот Берлин како ги храбри и орденисува германските дечиња спремни дури и да умрат за него. Од таа перспектива, последните денови на нашето Зло се можеби и најопасни. Скршените, детронизираните умислени „лидери“ се најопасни токму во нивното последно лудило. Особено кога се оставени речиси сами, кога се напуштени, и напуштани и од најверните испрдоци на Злото, оние од типот на разноразни „професионални“ гниди од сите подопашни провениенции – новинарски, културни (особено филмски, оние од рифеншталски тип!), бизнисменски, политички и др. Тогаш, осамени во лудилото, подготвени се на се’, дури и да повлечат со себе во Адот и недолжни души. Тогаш сите други се виновни за историскиот пораз. Тој степен на лудило не смее да му/им се дозволи!

Она на што исто така ќе сведочиме, со задоволство, иако малку кисело, се разбира, во овие последни денови ќе биде прелетот на преостанатите зли гуски и мисири во победничкото јато. Меѓу нив и некои вистински и безрезервни ударни тупаници на Злото. Особено во културата, во бизнисот и во политиката. Но, впрочем тоа беше филм што во последователни репризи го гледа(в)ме последниве шест месеци. И иако некому тоа можеби му изгледа нормално, дури симпатично и пожелно, не може а да не се предупреди дека таквото метастазирање на Злото е најопасно. Така всушност се брише границата помеѓу Доброто и Злото, моралот и неморалот … сите стануваме исти, еднакви во нечесноста. Се валка дури и Еуфоријата, како што едно време, некои од истите, со нивното присутво ја извалкаа и „Шарената“. А тоа ваквата победа сепак не го заслужува! Иако, ете, токму некои од тие разноразни „експерти“ веќе пуштаат гласови дека СДСМ не победи толку колку што загуби ВМРО! Ма немој, богати. А како тоа, вака одеднаш, па – загуби? Што би рекле Србите: с неба па у ребра, а?

Затоа, дури и се плашам да ги крстам деновиве како последни денови. Се плашам од таквите камуфлажи, или мимикрии, како сакате, од такви инфилтрации што понатаму го разјадуваат здравото ткиво. И тоа, повторно, е всушност видена работа, токму од следбениците на она некогашно Германско историско пан-зло кое така вешто, и брзо, се претопи во новата Аденауерова администрација како новопечени демократи, социјалисти и што ли не друго. Но, тоа е друга тема, а ние белки ќе умееме да учиме и од нечии туѓи историски грешки?

ДОБРО УТРО СПАНКОВЦИ

Да не седеше и Џабир со нив можеби ќе бев и поостар и (особено) понепристоен. Белите влакна (апропо Нела Витошевиќ) ми го даваат тоа право. Иако, велат, не постои право на непристојност! Ама тоа го кажуваат оние умни глави кои никогаш не биле во Македонија.

Елем, да не беше Џабир како докажан борец за правда кај нас ќе им речев на другите двајца: абе вие да не живеете на Марс? Па и таму открија вода – кај што не треба да ја има – а вие дури сега откривате дека кај нас се’ уште има говор на омраза и црна политичка кампања? Во медиумите, се разбира, и во институциите, и на улица … секаде … каде и да погледнете. А особено во медиумите, таму каде што двајцата – директорот на АВМУ (какво помпезно име за работата што ја вршат!) и претседателот на ЗНМ (па и тоа е прилично помпезно за вистинското значење на тоа Здружение) – се платени односно работат да ги елиминираат првенствено тие нешта: говорот на омраза и црната политичка кампања. За да не плеткам други луѓе, ќе говорам за себе. Што би рекле, во прво лице еднина.

Имено, да беа оние двајцана на висината на задачите за кои што се платени, јас не ќе требаше да губам време пишувајќи писма токму до нив односно до нивните служби. Тие ќе ми пишуваа мене и ќе ме известеа за моите права (и нивните обврски) и постапките што би требал да ги очекувам од нивна страна, се разбира. Ама, ние, нели, не сме нормална држава? Не дека јас сакам себеси да се ставам во прв план по важност во државава, особено не политичка, ама ако против мене може да се води таква црна кампања, замислете што им се случува на политичарите, оние од топ листите?! Или, ако сакате, ако една телевизија, па нека е и укочена – илити вкочанета, по литературен македонски – се занимава со мојата дребност на двапати, дозволувајќи коекакви шушумиги и пуфли да шират говор на омраза и лажни информации, а двајца пуфловци кои глумат новинари тоа глатко да го одобруваат под мотото на некаква дебатна емисија со еден човек (каде ли е тука дебатата?), па уште да читаат и коментираат наводи од мои текстови (земени без мое одобрение од мој блог!) и без мое присуство да кажам барем два збора во моја одбрана – тогаш што е тоа? Информбиро? 1948? 2014? Или современа македонска политичка сцена, иако јас не сум ама баш никаков политичар, уште помалку партиски активист? И тоа никој не го гледа, не го видел? Е па што (им) прават службите на двајцана?

И поконкретно: ако на 4 октомври, на ТВ Нова, во (божем) дебатна емисија наречена „Отворено“ – бреееј, и оние со помпезни наслови – пуфлата која едно време глумеше министерка за култура почнува континуирано и неконтролирано да плука по мене и коментира мои текстови, а јас таму не сум присутен, ама „новинарот“ Христо Ивановски тоа го дозволува, дури го поттикнува (иако, за право, тој и култура се како лајно и цвет), тоа никој ли од надлежниве не го гледа? А што инаку гледаат? Турски серии?

Па ако на 9 октомври, на истата „телевизија“ и во иста емисија, ама сега со чувениот „новинар“ Горан Петрески се натопори и славната „продуцентка“ Митевска и со ист кукавичлак и безобразлук плука по мене и по моите ставови а јас не сум таму барем да се обидам да појаснам што сум сакал да кажам, тогаш – тоа што е? Не е говор на омраза и црна политичка кампања? Велам политичка зашто во двата простачки и од „новинарите“ дозволени односно неконтролирани наврати бев спомнувам само во политички контекст (иако сосема неосновано!). И тоа, повторно, никој од надлежните не го виде(л)? И зошто? Си легнуваат во 21.00 часот, што ли?

И после, кога на мое барање за некаква правна заштита и/или совет од истото АВМУ ќе добијам (брз, за волја на вистината) одговор дека сето тоа било така, тие провериле, ама јас треба самиот да си ја терам таа работа, дури и на суд, ако решам, што треба човек да мисли? Или: ако секој сам си ја тера дури и ваквата работа со медиумите, дури и во случаи кога секоја будала може да излезе на телевизија и во присуство на „новинар“ најпростачки и најбезобразно да говори за некој  кој не е таму и не може да одговори или да се одбрани, тогаш за што ни се тие институции? За да други шапшали, партиски поставени, примаат дебели државни плати и дремат на работното место? А после дремката да држат прес конференции за говорот на омраза и црната политичка кампања? И ние сите да се влечкаме по судови со разноразни бараби само затоа што државните службеници одбиваат да си ја работат работата? И која е, и каква е логиката на ЗНМ односно на нејзиниот претседател да се занимава само со нападите врз новинарите – демек тие се намалиле – а не и со нападите од новинарите врз граѓаните тоест со нивното нереагирање при говорот на омраза и црната политичка кампања што доаѓа од коекакви будали? Или тоа ЗНМ го толерира? Зашто, јас дури и можам да разберам дека коекакви шмизли си коваат заговори, се организираат – иако и претходно беа одлично организирани – се обидуваат да ловат во матно, ама новинари да влетуваат во такви скандалозни комбинации? Да им бидат домаќини на таквите, и не само тоа туку и буквално да бидат слика без тон, да дозволуваат во нивни емисии да се плука по некој кој не е таму а тие немале ни трошка професионална доблест, за чест и образ да не говориме, барем да го информираат дотичниот дека следи порој од плуканици па да си обезбеди чадор …? За кого и за што работат тие „новинари“? Кому му служат и во какви цели тие мисири (да простите, ама подобро име и не заслужуваат)? И го интересира ли тоа ЗНМ, воопшто?

МНОГУ БЕЛИ ВЛАКНА

Го читам Фејсбук статусот на младата Нела Витошевиќ и, неоправдано, си мислам: ова младиве мислат дека светот само нив ги чека! А всушност така треба, заборавам(е) дека и „ние“ – кој како сака нека се препознава – некогаш бевме на нивна возраст и мислевме (некако) исто, или слично, ама ги немавме современиве „алатки“ да го искажеме личното незадоволство, па и гнев, од состојбите во општеството. Минатото, и неодамнешното. А впрочем: и што ако кажевме? Демек  некој ќе се потресеше заради нашето незадоволство, заради нашиот револт и особено заради фактот што општеството го заболе за нашето мислење?

Таткоми ми велеше: ти си го завршил своето – демек со факултетот, и тоа – а сега државата мисли на тебе! Како да не, мислеше едно чудо години (во тоа далечно време) и не смисли ништо. Ама таа болка не беше само во некогашните осумдесетти години. Продолжи во континуитет, а зенитот го достигнуваше секогаш кога „најпатриотската“ партија беше на власт. Особено во последниве десет години. И не беше важно дали си млад или стар, важно беше дали си нивен или – не. Е, девојкава се погодила да не е нивна. И оној, кого странските критичари го викаат „инфантилниот“, наспроти се’, не ја вработил! Како да тоа беше некое чудо. Па тие вработуваа само инфантилни медиокритети според своја слика, и оние со книшка, а вториве, главно, беа токму првите односно инфантилните медиокритети! И што е тука ново и што е тука непознато? Ама девојкава памети како се разбудила со „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“. Ја разбирам, целосно. Ама ќе почнеме ли сите да си ги опишуваме болките што ги преживувавме во изминативе десет години? Па ги има повеќе од само „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“! Дури, нејзиното е – премија. Ако ме прашате мене, на пример. А за други муабет да не правиме. Многумина завршија на улица, некои во затвор, со уништени семејства … Не дека јас имам нешто против „описите“ на девојката. Напротив. Можеби е време сите да почнеме да ги искажуваме нашите искуства со криминалната банда, наспроти настојчивите манипулатори од типот на рифеншталкине кои сега сакаат да се претстават како некакви „жртви“ на сегашноста. Тие немаат вакви искуства. Напротив, кај нив само растеа банковните сметки. Немаше бели влакна, подочњаци и мачнини.

Добро, народот вели: кој како ќе си ја нареди! Некои ја редат, некои не. Јас, на пример, едно време завршив да делам „канцеларија“ со некогашната хигиеничарка, што пак, од друга страна, апсолутно не ми пречеше. А тоа као требаше да биде „воспитна мерка“, или одмазничка, не знам. Знам само дека чувството кај мене беше многу подобро отколку да делев простор со некој од полуписмените тамошни (и сегашни) „куратори“! Ама, тоа беа македонските институции, тоа беше македонската држава, системот, толку им беше не само знаењето туку и можностите, компетенциите, умот. Ќорав слеп води! Затоа и сме на ова дереџе!

Како и да е’, ја разбирам девојката. Чувството е повеќе од непријатно. Затоа и толку често пишувам за оние безочнине криминалци кои настојчиво, повторно, се бутаат во првите културни редови само за да не загубат нешто од континуираниот годишен приход. Тие не размислуваат, и не говорат за „три бели влакна на главата, со огромни подочњаци и со чувство на празнина во желудникот“. Кај нив тоа го немало. А сакаат и да го нема. Не знам дали треба тоа да им го дозволиме? А зошто тие да немаат по некое бело влакно, како нас?

Сакам да кажам: девојката сега, барем има каде да пишува, каде да се жали, па некој и да ја чуе нејзината жалба. И била чуена, како што ми кажуваат. Едно време ни тоа го немаше. Што пак не е оправдување дека и сите други, особено младите, треба да ги поминуваат истите пеколи како и нивните претходници. Ама, добро е да се знае!

ПРОСТО КАКО ПУФЛИ

Обично се согласувам со луцидните (кратки) опсервации на имењакот Лозановски во „Слободен печат“. Овојпат – не. Мислам на оние негови забелешки (текст „Просто како култура“ од 6 октомври) за пуфлата што глумеше министерка за култура и нејзината изјава за „политиката подалеку од културата“. Мислам дека Злате ја потценил пуфлата, особено со реченицата дека „Канческа-Милевска е последната што може да порача такво нешто“. Не, таа е – првата! Зашто во целото нејзино владеење со македонската (не)култура, сосе манипулациите, заедно, немаше ни „п“ од политика. Зашто таа пуфла не ни знае што е тоа „политика во културата“. И не може да знае, и никогаш не знаела. Впрочем, кое беше културното педигре (да не речам биографија) на Канческа-Милевска? Тоа што беше техничка секретарка во Министерството за култура и ги поврзуваше – обично погрешно – надворешните повици со министерскиот кабинет? И за која светлечките копчиња на телефонската тастатура беа вистинска мистерија? Тогаш: за која и каква политика во културата може да говори пуфлата? Таа, се разбира, го слушнала тој збор при нејзините средби со колеги – ееееј, пази, таа била „колега“ со европските културни министри! – на разни билетарални и мултилатерални форуми, ама што фајда од тоа. Таа, сигурен сум, секогаш тој збор го поврзувала со неговата сељачка (да не речам простачка) варијанта на политика еднакво партија. Она за кое што говори и Прибе во неговите извештаи за заробената држава. А во заробена држава не може да има – слободна култура. Уште помалку може да има политика во културата, во нејзиното изворно / сериозно значење!

Затоа, велам, Злате ја преценил, или потценил – како сакате, пуфлата зашто таа може да ни држи лекции токму за тоа како политиката да се држи подалеку од културата. И тоа е умешност, односно умеење, способност, подготвеност, дури посветеност. Тоа е нејзината единствена умешност. И способност. Сигурен сум, барем во позитивните, конструктивните нешта кои што човек ги прави во животот. Се разбира, да нема забуни, говориме за различни видови, или типови политика. Но, јас, и Злате, говориме за културната политика, она што светот го подразбира под државни (владини) програми, регулативи, проекти и активности за поддршка, поттикнување, развој, унапредување … на културата во земјата. Ова, се разбира, за пуфлата е стратосфера, мисловна именка, квадратура на кругот. Тоа нешто беше толку непознато во македонската култура што ни најдобрите трагачи по возбуди од екипата на некогашниот ни Кузман како наш локален Индијана Џонс не ќе можеа да го пронајдат.

Но, ако говориме за онаа политика која што се идентификува со партизацијата во државата, па со тоа и во културата, е тогаш пуфлата ја вбројуваме помеѓу македонските шампиони. Не можам да најдам соодветен пандан помеѓу останатите македонски министри за култура, а богами ги запознав сите. И тоа – добро, многу добро. Можеби еден ден ќе напишам книга: „Сите наши (не)културни министри“! Може да биде добро четиво, и поучно.

Значи, ако говориме за таа „политика“ – која што, сепак, подобро се именува со други називи – тука статусот на пуфлата пропорционално расте како стиропорон врз „белата шампита“ прекривајќи ја секоја разумна и рационална идеја со налудничав превез. Таа политика подобро се идентификува со политикантство (во што, значи, се согласуваме со Злате), партизација, клиентелизам, безочна фаворизација на едни те исти персони … а примерите за истата се мултиплицираа на секоја од нивните таканаречени годишни програми за финансирање на националниот интерес во (не)културата. И само еден пример, од филмот, зашто веќе некако ми тргна со него: благодарејќи на политикантството на пуфлата, само една продуцентка, во изминативе три-четири години, ушиќарила цели 79 милиони денари: 49 веќе земени, а 30 однапред ветени, пред да се распадне режимот! За нов филм, се разбира, како соодветна награда за старите што никој не сака да ги гледа! И тоа се само досега познати средства, а дополнителните ревизии можеби ќе покажат и нови нешта. Некои лабилни да ни биле – национален интерес, а ние не сме знаеле?! И тоа со по два-три филма годишно! И сега, една проста математика вели дека ако за четири години заработите 80тина милиони денари, тоа ви доаѓа по 20 милиони годишно. Солидно, нели?

П.С. Ми тргна некако со овие пост-скриптуми. Ама, ми се јавуваат пријатели, велат: пуфлата на укочената телевизија. Си нашла некој пуфло кој изигрува новинар да ја викне и – глумат дебатна емисија! Ај што пуфлата нема појма што збори, ама на пуфлоно под нос да му принесеш култура ќе мисли дека е нешто од далечната вселена. Важно – дебатираат. Пуфло и пуфла! Да те бог сачува!!! А „цаката“, повторно, е во лабилниот „случај“, зашто сега мора да се организира одбрана, да се оправдаат парите, и криминалите, а нападот е секогаш најдобар за тоа, нели?