Monthly Archives: April 2021

ДАЛИ НЕШТАТА СЕ СЕГА ПОЈАСНИ?

Сите кои имаат некакви сомневања, па и најмали, во процесот на деинституционализацијата во државава – подразбирајќи под овој поим нивно целосно дезавуирање, обезличување и депрофесионализација – треба да ги читаат „објаснувањата“ по повод „случајот Стојко Пауновски“, а што доаѓаат од сите страни: од врвовите на власта, од политичките партии, од (наводно) надлежни функционери, од партиските ботови и тролови… па се’ до фамозните македонски „аналитичари“. И меѓу сите нив особено двајцана потпретседатели на Владата, Првиот и Вториот, но и, на пример, на претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашковска, која во интервју за МИА ја просветлува јавноста дека „(…) вработувања преку Програмата К-5, нема да направат никаква промена во (…) ефикасноста на работењето на инспекторатите (…)“.[1] Тоа, преведено на поразбирлив  јазик, ќе рече дека спорните 35 рамковни вработувања во Државниот пазарен инспекторат на лица без соодветни квалификации за работните места што треба да ги завземат нема никако да ја поремети или негативно да влијае врз ефикасноста на овој државен орган. Ако е тоа така, а во тоа не’ убедуваат сите надлежни во власта, кому тогаш му служат оние силни систематизации во институциите, со детални описи на неопходната стручност на кандидатите за тие работни места, зошто луѓето завршуваат конкретни стручни школи и се усовршуваат во одредени професии, зошто воопшто и постои листа на професии… ако сите овие нешта власта ги разрешува со еден потег: испраќа несоодветни поединци на работа во државни органи и институции, тврдејќи притоа дека од тоа нема да има штета по ефикасноста на работата на институцијата? Кога би станувало збор за едно такво лице, па човек и да се премисли и да рече дека, тоа, конечно, можеби навистина нема да предизвика поголем проблем. Ама 35? Дури и фамозните македонски политички „аналитичари“ од петни жили се трудат да не’ убедат дека оние т.н. рамковни „секако мора да примаат плата“ (sic!), а „гревовите“ на Пауновски ги издигнаа на ниво на обид за рушење на Владата!

И сега, ако сакаме да се лажеме, како што впрочем очигледно сакаме, упорно ќе тврдиме дека ова сепак е „специфичен“ случај (што е точно, вакво чудо ни имало ниту ќе има во демократскиот свет!), дека ова баш и не е соодветен пример за упропастувањето на институциите (особено не за намерно упропастување) итн. Но, сето ова држи ако навистина сакаме да се лажеме, што започнува да се кристализира како наша најнова карактерна особина. Инаку, ова не е ни прв, а по се’ изгледа нема да биде ниту последен ваков случај. Но сепак, повикувањето на слични примери во поблиското минато од страна на некои загрижени абоненти – на пример за оние 600 вработени од „Македонски шуми“ прераспределени во повеќе македонски институции – е толку контрапродуктивно што само слеп не може да види дека со тоа паѓа во истата стапица на „политиките“ на злосторничкото груевистичко здружение. Или мислат дека штом тие нешто правеле, тоа и денес треба/може да се прави? Дали фактот дека злосторничкото здружение маскирано во една политичка партија безмалу буквално финансиски ја распарчи државава ни дава за право и ние тоа денес да го правиме? Ако пак сите оние протести беа токму против таквото однесување на власта, чуму тогаш ваквите „укажувања“? Но, зошто тогаш воопшто и беше потребно да се менува власта, нели, ако и во (условно) демократско политичко опкружување власта е склона кон вакви узурпации? Понатаму, да беше ова изолиран пример во овие четири години, јавноста секогаш ќе можеше да го (о)правда преседанот. Но – не е, поточно овој пример е само уште еден во низата, што пак упатува на континуитет во прекршувањето на редица позитивни законски прописи, на востановена пракса за вработување на клиенти на коалицијата, на неетичко однесување… итн. И досега често пишував за бројни слични примери, па ќе ги повторам: зарем поставувањето на тотално нестручни поединци во директорски фотелји во центрите за култура во Струмица и Тетово нема да предизвика проблем во „ефикасноста на работењето“ во овие институции; зарем „изборот“ на (квази)банкар за директор на Агенцијата за филм (згора и бивш член на УО што ги потпишувал сите небулози на претходниот директор!) нема да предизвика хаос во таа институција; зарем давањето на нов директорски мандат на една тотално нестручна и очајна сликарка во Националната галерија само заради нејзината етничка припадност и блискост до коалицискиот партнер нема целосно да ја доупропасти таа установа; зарем и распределбата на министерските места на крајно стручно и компетентно несоодветни поединци не е уште еден сегмент во оваа приказна…? Нас можеби во случајов не’ фрапираше бројката на нестручните поединци кои треба да бидат „згрижени“ на добро платени и сигурни работни места, но колку примери поминале вон фокусот на јавноста? А кога на сето ова ќе ја додадете онаа фамозна и до зла бога искривена логика на двајцата спомнати потпретседатели на Владата дека „овие луѓе веќе земаат плата, иако не работат ништо така што Пазарниот инспекторат нема да има плус финансиски импликации“, дали сликата се комплетира?[2]       

Патем, никој од надлежните кои вака децидно станаа во одбрана на овие т.н. рамковни, не објаснува на јавноста – ниту пак, за право, таа јавност прашува – со што овие луѓе заслужија таков посебен третман во државава не само со последново „распоредување“ туку и со досегашното десетгодишно добивање плата без појавување на работа? Барем некој да се обидеше да ни појасни кои и какви биле тие нивни заслуги за оваа држава, а какви се и денес за да добиваат вакво прекуредно и незаконско вработување вон сите стандарди, правила и процедури? Само така, со онаа одамна прокламирана но никогаш неисполнета транспарентност, јавноста би можела дури и да даде соодветна поддршка на ваквите вработувања, па и да го осуди однесувањето на Пауновски. Во спротивно, сето ова се претвора во уште еден самоубиствен потег на власта којшто само оди во прилог на гласноста (не само) на опозицијата. Притоа, се заборава и дека токму оваа власт застана против сите оние груевистички форми на клиентелизам (национални пензии, заслужни уметници, амбасадори во културата итн.), меѓу кои имаше и поединци со сериозен мерлив придонес за оваа држава во разни области.     


[1] Филиповска-Грашковска: ДПИ има капацитет да ангажира вработени и од Годишниот план и преку програмата К-5, novatv.mk, 24 април 2021

[2] А. Антевска, РАМКОВНИТЕ ВЕЌЕ ЗЕМААТ ПЛАТА ИАКО НЕ РАБОТАТ И НЕМА ДА ИМА ФИНАНСИСКА ШТЕТА ЗА ПАЗАРНИОТ ИНСПЕКТОРАТ, ОБЈАСНИЈА ВИЦЕПРЕМИЕРИТЕ ГРУБИ И НИКОЛОВСКИ, sdk.mk, 25 април 2021

ДЕИНСТИТУЦИОНАЛИЗАЦИЈА

За процесите што кај нас одамна се одвиваат зборот деинституционализација е речиси еуфемизам, деминутив, замена за многу погруб и погрд збор, како на пример „укинување“ на институциите, не буквално, се разбира, туку нивно дезавуирање со други, за политиката и определените носители на власта попогодни „форми“. И овие процеси се одвиваат паралелно, од највисоката политика – субституирањето на Парламентот со лидерски средби и договори – до цели области особено во општествените дејности: здравството, образованието, културата, науката… На пример, последниов скандал со „изборот“ на јавните обвинители, испорачан на надлежната институција – па нека е тоа и Советот на обвинители – директно од коалициските врвови? Или уште поскандалозната „одлука“ на ионака скандалозниот Талат тој да одредува кој ќе има предност при вакцинирањето? Сето тоа говори не само за „стекнати навики“ туку веќе за вкоренет систем во којшто нема место за принципи, за ред и поредок, за демократија… туку само за лични и групни самоволија директно поддржувани од највисоки политички позиции.

И кога тоа се случува во врвовите на власта, сето тоа полека се пресликува и до основата на владеачката пирамида, користејќи ја притоа, најдрско и најарогантно, загрижувачката ситуација со дивеењето на пандемијата во Македонија и ориентираноста на луѓето кон зачувувањето на сопственото здравје и живот. А т.н. општествен сектор по правило бил/е’ подрачје на најбезмилосна узурпација на сите демократски права – личните, колективните и институционалните – кадешто се туркаат персонални и групни небулозни и во основа необјаснети и неистражени експериментални „проекти“ и „идеи“ коишто, повторно, во иднина ќе заведуваат поведение вакво или онакво, ќе упропастуваат генерации и генерации и ќе ни треба двојно подолго време да се вратиме на – старото (иако ни тоа не е добро). Колку такви примери веќе имавме во образованието, здравството, културата, науката? Примери на силување на јавноста и институциите со нечии полуписмени „концепти“, користејќи ги притоа молкот на јавноста и силата на власта? Неброено многу, и сите со катастрофална завршница. Буквално ловејќи во матно и користејќи ја клиентелистичката партиска мрежа се агитира и пропагира нечија фикс идеја, нешто чуено недочуено или прочитано ама неразбрано, за да потоа истото ни се сервира како некакво светско достигнување во дадена област. И ние сите потоа, низ устите на нивните ботови и трутови, стануваме глупави, ретроградни, не знаеме што е добро за нас и за државата итн.  И не е само оваа небулоза со дигиталниве учебници, се разбира, иако никако не разбравме каде е така доследно применета како што тоа би требало да биде кај нас? И која е таа – наша или друга – студија што така радикално препорачува итна замена на „стариот“ тип учебници со дигитализирани алатки наместо тоа да биде воведувано постепено, како дополнување на учебниците, научно и методолошки издржано, во од да се проценуваат резултатите и можностите итн.? Наместо тоа добивате лажни „тези“ дека лошите резултати во нашето образование се должат на – учебниците! Ма немој богати. И повторно: каде е изведена таа и таква сеопфатна „реформа“? Но, ние сме шампиони за експериментални процеси коишто понатаму ќе се покажат како нечиј таргетиран профит, за воведување такви екстремни промени без најава, без соодветни студиозни прочувуња, без компаративни анализи итн. И целиот процес се турка „на мускули“, без неопходната институционална и стручна поддршка (дури и контра аргументираните и стручни укажувања) а по диктат на разноразни интересни и партиски групи и групички. Посебен куриозитет е фактот што после долго време јавноста, и тоа стручната (што е вистинска реткост) го прекрши својот вообичаен убиствен молк и безмалу целосно се изјасни против такви наврапити лупинзи особено во образованието, но сето тоа се покажува недоволно дури и за времено одложување на небулозните „реформи“ и изработка на соодветни студии што би упатиле на сите добри и лоши страни на сегашниот образовен систем и на тој што се предлага. Но, не само што личните намери и „афинитети“ на поединци од власта по правило ги користат механизмите на „посилниот“, туку добиваат и смешна агитаторска поддршка дури и од типот на компарациите со „слетување на Марс“!!! Ние, за жал, не успеавме да го заживееме ни средновековниот концепт на библиотеки – да стасаме барем до пристојна библиотека во секое гратче – пандемијава целосно ги закатанчи и постојните библиотеки цела година и тоа никому не му пречи… ама ќе сме оделе – на Марс.

Сепак, образованието, во случајов, има(ше) барем доблест овојпат да не премолчи туку отворено да се спротивстави преку компетентни институции и поединци. Што пак не е и не било случај со културата, нели, каде во континуитет се случуваа(т) такви катастрофални потреси и импровизации во одделни стручни практики, што е својствено само на неуки и нестручни поединци, каде ние не се ни обидуваме да „слетаме на Марс“ туку сме цврсто закотвени во ригидни и анахрони политикантски „тези“ и „теории“ што на културата и’ го одземаат и последниот слободен здив. И тоа не е само последниов Годишен конкурс, или неговите „резултати“ или пак начинот на спроведувањето – ене го, за некој ден доаѓа мај а Министерството уште не ги доставило ни сите договори (коишто се, пак, посебна приказна!), туку станува збор за целосно и континуирано дезавуирање на стручноста и компетентноста на институциите и поединците во државава. Оваа „деинституционализација“ и дилетантско однесување во културата преку субституцијата на стручноста со коекакви невладини организации и здруженија, со некаква (самонаречена) „независна“ културна сцена, здруженија и слични будалаштини, буквално се одвива пред очите на културната јавност, без соодветна реакција, без спротивставување, без отпор. Да, точно е дека повеќето (дури и национални) институции се одамна на самиот раб на стручноста и компетентноста, дека голем дел од нив се дури и причината за ваквите состојби во културата, но тие се такви бидејќи токму политиката, власта, ги направила такви! Но тоа не значи дека треба да се препуштат на тивко умирање, а наместо нив да се воведуваат „алтернативни“ дилетантски форми на работа. Покрај толкав Сектор за заштита на културното наследство во Министерството, покрај толкава Управа за заштита, покрај толку национални конзерваторски центри… сега Асоцијацијата на архитекти станува фактор во заштитата? Зошто, со кои и какви компетенции и кредибилитгет во оваа област? И сето тоа пред очите токму на тие конзерваторски центри и на целата културна јавност? Како што впрочем и во другите културни дејности коекакви „здруженија“ држат во заложништво меѓународни манифестации, диктираат лични „политики“ игнорирајќи ги и ретките стручни критики, директорите на институциите отворено им се заблагодаруваат на партиските шефови за местото што го добиле итн. Што пак е многу слично со образованието и дигиталните учебници, каде покрај една ману (нека е и со мали букви!), УКИМ, другите универзитети, средни и основни училишта, цел наставен кадар… сега МОН и неговото Биро за развој на образованието (заборавивме што се’ премолчеа овие шушумиги во времето на злосторничкото здружение?) станува неприкосновен експерт во образованието?

А впрочем, нели сето ова што се случува и со Државниот пазарен инспекторат е само уште еден прилог кон тезата дека кај нас забрзано се одвива процесот на деинституционализација? И (не) можеме да претпоставиме кому му оди во прилог овој хаос?

ВО МОЛКОТ Е ВИСТИНАТА

Кому му треба/одговара ваков молк, општ и поединечен, во културата? На голем дел од послушните културни работници, уметници… денес и овде, на лично и општо рамниште, а особено на политиката/политичарите? На секоја политика, дури и „најдемократската“, молкот и’ е омилениот звук. Освен на онаа мудрата политика. Зашто, молк што трае четири години, четири децении, четири века… е – застрашувачки молк. Тој не кажува ништо добро, најмалку за власта, која и да е’, за нејзините политики, кои и да се. Зошто тогаш сите македонски власти, без исклучок, се горедат со таков/ваков молк? Тоа никој не може да го протолкува со нормален резон. Ама, што пак кај нас е – нормално? Или, ако веќе сакате, колкумина го спомнаа општата штама и на неодамнешната „прослава“ на годишнината на „Шарената револуција“? Никој – освен можеби Ацо Кондев – кој единствен посочи на овој громогласен молк на јавноста, особено на некогашните „шарени“, на оние кои себеси се’ уште си лепат ордени за водачи на „револуцијата“! Замислете сите револуции да завршуваа како оваа? 

Од друга страна, не знам колкумина успеале да го видат неодамнешниот протест против затворањето на културните институции во Париз? Е тоа јас го викам – Протест (со големо П, се разбира). Во некои сегменти налик на нашата „ШР“: прво ја зазедоа „иконата“ помеѓу париските театри – театарот „Одеон“, потоа организираа свирки, дебати… им дојде и министерката за култура Roselyn Bachelot… Впрочем, демонстрантите и’ се заканија дека ако не ги отвори театрите во Париз, ќе и’ дојдат дома и таму ќе ги играат претставите! А вакви протести имаше и во декември минатата година, и во февруари оваа година, и сега… И не сакав да правам паралели со неодамнешниот протест на ИВАП (Асоцијација на Ивент Индустрија), ама некако коцките самите се наредија. Секоја чест на овие професионалци, зашто без нив не би имале ниту еден солиден културен настан, но: видовте колку луѓе протестираа пред Влада? Да бидам искрен, не очекував којзнае каква масовност или нешто налик на парискиот протест, ама сепак… малку поживо, поенергично, поинвентивно, побројно? А ги видовте струмичани неодамна, исто пред Влада? Е тоа беше протест, иако и тој не така масовен. Но, со една разлика: струмичани не беа удостоени ни од вратарот во „Белата шампита“, ама овие од ИВАП веднаш беа викнати од потпретседателот Битиќи. Има разлика, нели? Зошто? Умее некој да одговори?

Но, и спомнатиов протест на ИВАП, како впрочем и актуелниот милозвучен „револт“ на Асоцијацијата ЈАДРО, упатуваат на уште една дилема во однос на толку „срамежливиот“ глас на македонската културата: дека (ќе) се „протестира“ само и единствено кога се има личен интерес? Општите проблеми, јавниот интерес, глупостите на власта и Министерството во однос на другите нема да ги тангираат? Партократијата во културата, изборот на нестручни партиски директори, глупавите конкурси, дезавуирањето на стручноста и компетентноста, комплетната девастација на културата… тоа не ги интересира? Ама сега, кога ќе мораат да отвораат времени сметки – што секако е глупав потег на Министеството – за нивните проекти (за коишто добиваат не мали пари!), е сега тоа им е проблем? И право на средба кај министерката? Ако треба и кај премиерот, па кај претседателот на државата? А малку срам да се имало, а? Впрочем, срам требало да има и Министерството кога така штедро се расфрлало со пари токму на ЈАДРО. Толку пари не добиваат ни сериозни национални институции! Однесувањето на т.н. независна културна сцена во Македонија, но и поединци од истата, кои сега некој вештачки ни ги наметнува како врвен арбитер во македонската култура е само уште една срамна дополна на жалната слика за нашите општи состојби во културата. 

И дали во спомнатите исклучиво лични и тесногради интереси се крие ваковото молчаливо однесување на најголем дел на македонската култура не само денес туку уште од 2006 година наваму? Многу нешта укажуваат токму на таквата хипокризија, опортунизам, клиентелизам, отворено вазалство кон власта, која и да е’? Како истите овие нешта им пречеа и беа критикувани во времето на груевизмот, кога некои други се однесуваа на сличен начин и грабаа од културниот буџет „капом и шаком“? Ама денес тоа е в ред, нели?

Оттука, прашањето зошто овој молк во културата дури и од некогаш најгласните, зошто ваквата понизност, зошто луѓето не се појавуваат на протести од коишто, во дадени ситуации, им зависи и егзистенцијата/работата, веројатно и не е толку сложено прашање како што јас го претставувам. Можеби јас се’ уште им давам (незаслужен) „кредит“ и се обидувам да пронајдам нешто што воопшто и го нема само заради фактот дека, ете, луѓето се такви, таква ни е и извиканата „независна“ сцена која полека се ухлебува на државните јасли, такви ни се и оние кои сепак сме ги сметале за многу, или барем малку – поинакви?

Што е најинтересно, молчи „ко залиена“ и опозицијата, барем за работите во културата! Зошто? Никој не знае. Има некој чуден „дил“ за културата, инаку овој молк е несвојствен. На скандалите во културата може да им парира само состојбата со македонското здравство, но на двете области заеднички именител им е еднаквиот шарлатански однос кон актуелните проблеми. „Независната“ културна сцена во здравството се оние две-три приватни болници кои побудалеа од пари и на сметка на државното здравство! Следствено, зошто критика на опозицијата само кон едната област, а не и кон другата? Го спомна ли опозицијата Охрид, Струга, Курбиново… сега циркусов со Аквадуктот… коишто беа главни теми пред две-три години? А сега – не се? Зошто? Или проработеа некои стари релации од времето на собраниската Комисија за култура, некакви помирливи спогодби врз грбот на културата? 

А сепак, што кај нас останало тајна? Ќе се разбере и тоа, кога-тогаш.

ШТО УШТЕ ТРЕБА ДА СЕ СЛУЧИ?

Што уште треба да се случи во културата за некој веќе да каже – доста е? Во кој круг од културниот пекол треба да паднеме за некој конечно да види дека пропаста не е прогрес, дека криминалот не е реформа, дека клиентелизмот не се промени…? Уште колку ботови и трутови треба да бидат инсталирани во јавноста кои ќе го гушат критичкиот збор, уште колкумина неспособни арамолебци треба да профитираат како „анонимни“ советници? Уште колку пријателки и пријатели има власта кои треба да се сместат во Министерството за култура и целосно да ја доупропастат и оваа област со нивното незнаење? Зарем никој во власта не гледа/не слуша/не чита дека веќе и најискусните познавачи на состојбите во македонската култура полека креваат раце во безнадежие, во апатија? Или токму тоа е целта: сите да замолкнат и глувците слободно да шетаат по освоената територија? Зашто, ова што остана како некаква потпора на власта во културата само на тоа наликува – на глувчешки орди коишто разнебитуваат се’ што ќе допрат?

Затоа, ќе ми прости Коља што ќе го „злоупотребам“, ама не смее да стане „(…) бесмислен било каков протест во земјава – до тој степен е обесмислена јавната грижа, грижата за заедницата“. Или дека писанијата како неговото „(…) главно се бесполезни и често себепонижувачки. Дека често, за жал, симболизираат очај наместо вера и храброст. Дека само го зголемуваат недостоинството на кое сме изложени, сите комплет.“[1] Па и она што неодамна го говореше Белопета, за конкурсот, за состојбите во културата, во Министерството… а за што, вообичаено, медиумските вувузели на власта се чудат: па како, па што, па никој не се буни…? Ако завршиме со критиките, со укажувањата, со надежта за менување на состојбите, тогаш сиот минат труд и во времето контра злосторничкото здружение се брише, тогаш како да сме кренале раце од самите себеси и дезертерски сме го напуштиле бојното поле.

Зашто, кој како сака нека каже, денес културата е – бојно поле контра неспособните, контра неуките, некомпетентните, криминалците, абонентите, клиентите, лигушите, упикувачите…! И тие не сакаат борба, не сакаат конфликт, најмалку се спремни на отворен дуел бидејќи се токму тоа што се: неспособни, неуки, некомпетентни, криминалци… Тие го сакаат баш нашето „ма носете се у мајчина“, нашата апатија, нашиот очигледен замор од борби со ветреници и човечката потреба да се дистанцираме од тој шљам. Но тоа би била најголема грешка што би ја направиле. Тоа значи препуштање на целата култура на таквите подлизурковци, на таквите апаратчици – на „банкари“ на чело на значајни културни институции, на дудуци и шарлатани на чело на уметничките здруженија, на полуписмени советнички и советници во државниот орган надлежен за културата, на фискултурци за директори, на умислени „елитисти“ во опинци за претседатели на комисии… Тоа пак би значело довршување на нивниот проект – целосна партизација на културата. Тоа пак, понатаму, би значело coup de grace за македонската култура, за сите досегашни вредности, за обидите македонската култура да стане пристојно место за живеење и творење…

Се разбира дека тоа не е лесно, ниту пак едноставно. Но, тоа е сепак некаков наш долг кон оваа култура во којашто сме живееле толку децении за така лесно сега да ја препуштиме на варварите. Оттука, треба постојано, а сега уште понастојчиво, да се повторува: што уште треба да се случи за да ви дојде памет? Малку ли ви беа оние двајца шарлатани за министри за култура, уште колку неспособни пријателчиња треба да вработите, уште колку и до кога ваши криминални симпатизери ќе треба да го пљачкосуваат културниот буџет и дали тој е само за ваши и нивни потреби, кој и кога еднаш реално ќе ги измери нивните „резултати“ или тоа е небитно за вас, дали навистина македонската култура е толку богата што катагодишно финансира промашени проекти на вашите пулени, ќе пораснат ли тие веќе еднаш или цел живот ќе ги држите на вашата ц…а, ќе истражи ли некогаш некој надлежен државен орган каде и колку пари се одлеваат од културата во џебовите на политичарите во вид на благодарност/провизија/процент…, ќе бидат ли конечно процесуирани сите оние филмски скандали од последниве години или и тие ќе ги заташкате како што правеа оние од злосторничкото здружение, ќе одговори ли некогаш некој од власта како тоа струковите здруженија и онаа јадна „независна“ културна сцена спаднаа на само две-три имиња и станаа поважна од културните институции и културните работници…? И не е само тоа, се разбира, и не е само толку зашто нашите листи на злосторства во културата се практично неисцрпни.     


[1] Никола Гелевски, Сивото телефонче на влезот во Министерството за култура, https://okno.mk/node/88833

КУЛТУРА НА МОЛКОТ

Бидејќи веќе сите и’ се изредија на „Шарената револуција“, мене ми останува да пишувам за – молкот. Оној молк што го спомнав и минатиот пат, тој громогласен молк, особено во културата, којшто изгледа е единствениот остаток од фамозната „ШР“!

Имено, некогаш, некој/некои, сериозно ќе го истражат феноменот на молкот во македонската култура, и не само таму, се разбира. Не низ призмата на „историските“ Трпе и Трајче, што повеќе е мајтап којшто некои го сфаќаат буквално, туку низ формата на подлабока социолошка анализа на однесувањето на македонскиот граѓанин во првите децении на новооткриената „демократија“. И само што го напишав почетоков, се појави информацијата дека  група граѓански организации, универзитетски професори и архитекти упатиле јавен повик до премиерот Зоран Заев за поддршка на суспензијата од Општина Центар за Деталниот урбанистички план (ДУП) ЦО8 (паркингот спроти х. „Холидеј Ин“), како и други ДУП-ови коишто не се усогласени со Генералниот урбанистички план (ГУП). Што веднаш заличува на контраодговор на мојата воведна констатација. Иако не е. Зошто?

Затоа што, со сета почит на иницијативата, кон која апсолутно – еве, јавно, а не молчаливо – се приклонувам, таа е сепак инцидент, исклучок од правилото, исклучок од молкот, ако сакате, што не’ следи три децении, особено во културата. Впрочем, спомнатата иницијатива не задира директно во потесната област на културата за којашто најчесто пишувам, иако е култура par excellence, вклучувајќи го и она некултурно – да не речам простачко – јавно однесување на „архитектот“ потпишан под „проектот“ викан нова скопска катаклизма! Проблемот на „паркингот“ (каков деминутив!) кај „Холидеј ин“ никако не е само локален, паркингшки, урбанистички… туку е суштината на господарењето со здравјето и животот на граѓаните на Скопје, како што тоа беше случај и со оној проклет самонаречен проект СК 2014. Нема ама баш никаква разлика. Со исклучок на фактот што во времето на СК 2014 протестираа само грст далекувиди индивидуи, а денес сепак станува збор за сериозна, организирана група граѓани и невладини организации. Оваа власт никако да разбере дека времиња, барем во некои сегменти, се смениле и дека политичарите веќе не можат да прават што сакаат. На луѓето им се прекуглава!

Дали оваа иницијатива, или кренат глас, како сакате, значи дека созреало времето за јавност? Не знам, тоа време беше созреано уште со „ШР“, ама изветреа. Такашто не сум голем оптимист бидејќи барем во изминативе шест месеци низ нашите животи поминаа и пострашни и понебулозни случки, катастрофално однесување на оваа власт, коишто останаа без каков и да е одглас во јавноста. Затоа и прашањето: кога ќе се осмели македонскиот граѓанин да реагира на сите злосторства на власта, оваа или која и да е друга, ја научи ли македонското граѓанство лекцијата од блиското минато, па и од последнава година, дека за власта е само статистичка бројка, глас за избори, дека е оставено самото да се справува дури и со животосмртни проблеми како катаклизмичнава пандемија, а за културата и да не говориме? Кога, во културата, можеа безгласно да поминат и онакви скандали од типот на еден Охрид и Струга, Курбиново, Струмица, Тетово, Годишниот конкурс во културата, „изборот“ на директор во Агенцијата за филм, „Браќа Манаки“, сега договорот со Асоцијацијата на архитекти за културното наследство… што ќе рече дека сме имале по минимум три фрапантни мегаскандали месечно – сите без квалификуван одглас во јавноста. Или, како е можно никој, ама баш никој да не реагира на информацијата дека фамозното ни Друштво на филмски работници добивало од Агенцијата за филм по 2.000 евра месечно – секој месец, во континуитет од цели две години! – за некакви материјални трошоци на Друштвото?! И никого тоа не го тангира, дури ни другите македонски уметнички здруженија коишто добиваат некакви годишни цркавици од Министерството за култура? Не ја интересира ниту Владата, којашто можела, ако баш е во толкава љубов со тоа друштванце, да им ги дава тие пари од нејзиниот буџет, а не да ја осиромашува Агенцијата за филм којашто е обврзана буџетот да го распределува на сите субјекти во филмската дејност?! Или, како е можно никој во заштитата на културното наследство да не реагира на „договорот“ на Министерството за култура со Асоцијацијата на архитекти на Македонија во врска со културното наследство во државава? Секоја чест на ААМ, меѓутоа не се преценуваат ли во овој поглед? Зарем архитектите станаа најголеми експерти во заштитата на културното наследство? И каде беше ААМ цели петнаесет години – во времето на стравовладата на груевизмот и во овие четири „хибридни“ години со Охрид, Курбиново и др. – да го крене нивниот глас во заштита на наследството? Па кога премиерот вели дека „ Ниеден политичар повеќе нема оправдување дека немал доволно време или шанса да се консултира со заинтересираните страни“, на кои страни мисли? На оние до вчера анонимни советници, на партиските абоненти, на државната клиентела (не само) во културата…? На кого? Зарем никој во власта не разбира дека (и) овој молк на граѓаните, а особено молкот во културата, е сигурен знак дека многу нешта не се во ред? Дека тој молк упатува на состојби викани несигурност, апатија, безизлез… на страв, можеби? Зарем власта не гледа дека развивме цела култура на молкот?! Зошто, заради што? Или некој навистина (се’ уште) мисли дека молкот и во овој случај е – одобрување? Сите демократски теории, сите до една, го потенцираат убедувањето дека луѓето, граѓаните, учествуваат во демократскиот живот преку можноста да говорат – слободно, јавно, јасно, гласно… Па тоа, по ѓаволите, го спознал уште Аристотел, но и сите по него, дека во демократските општества граѓаните ги практикуваат своите права низ правото на говор, низ изразувањето на нивните судови за власта и начинот на владеење, за актуелните политики на власта, за носителите на власта итн. Па и Хана Арент во поширока смисла говори за демократските политики како домен на акција посредувана од говорот! И што мислиме ние, нашиов молк ли е тоа?  

Некоја идна анализа на оваа и ваква (не само граѓанска туку и стручна) пасивност/однесување на културната јавност ќе даде некаков одговор. И тој сигурно нема да ни се допадне, како што не им се допадна на многумина потенцирањето на нивниот молк за време на груевистичкиот погром во културата. Меѓутоа, веќе многумина прашуваат: а зарем не не’ следи континуитет на тој молк? И зошто тоа (си) го дозволуваме? Има многу „затоа што“, што ја појаснуваат оваа плашливост, овој антидемократски молк на македонската култура. Денес, јасно е, неколку аспекти се кристално препознатливи. Првиот е нестручноста, потоа некомпетентноста, па ухлебеноста на огоромен дел од македонската култура на места коишто во принцип не им припаѓаат, туѓи им се, страв да не се загуби поддршката на власта, онаа месечна или годишна (незаслужена) поддршка на нивните жиро-сметки како цена на нивниот молк… И сето тоа „транспарентно“ поддржано од власта, при што по правило спротивното – и не дај боже стручно – мислење е веднаш етикетирано, игнорирано, замолчено.     

ВАЛКАНИ ИГРИ

Лани, во декември, а по повод „изборот“ на нов директор на Агенцијата за филм – во којшто избор учествувал, ни мање ни више, туку министерот за здравство како особено стручен за таа област! – напишав дека влегуваме во опасен партиски хазард од типичен груевистички манир, при што сите наши (божемни) проевропски аспирации се претвораат во меур од сапуница. Тоа, комбинирано со онаа наша позната злобна провинциска чаршија што функционира како „швајцарски сат“ во полза на се’ што е примитивно, просто, неуко, неспособно… еве, веќе ни пресудува, секој ден, се’ повеќе. Кога пак во сето тоа ќе се заплетка и партиската сплеткарска чаршија од висок маштаб – она стадо покондирени сељачиња и детронизирани криминалци во спрега со секогаш подготвените мамини и татини абонентчиња – сите вклучени на турбо кога треба да издејствуваат поволно решение за себе и своите жиро-сметки, тогаш македонската реалност станува уште појасна. И тука веќе се губат разликите од една до друга партија, од заробена држава до хибриден режим, исти се ко јајце со јајце во нивната бесрамна манипулативност, незаситност, во функционирањето на нивното (во суштина) партиско подземје. И нив, дури, човек може да ги разбере зашто не се способни за ништо подобро – тоа им е биографијата, тоа им е животот и „приклученијата им“. Ама како да ги разберете нивните ментори, овие кои ни продаваат демек демократија, морал, државност… сите од најгоре до најдолу, од претседател на држава до вратар во „Белата шампита“?

Она што нормален човек никогаш и никако не ќе може да го разбере се таквите валкани игри на највисоко ниво, коишто последниве месеци изредија скандал до скандал, резил до резил, секоја постапка покатастрофална од претходната, секоја изјава посрамна од другата. И зарем има нешто поподло кога јавно барате помош од домашните експерти и стручни лица во сите области, а во кабинетите истите ги шиканирате и срамотите, ги дезавуирате и сведувате на мерката на сопствениот партиски шљам? Од Охрид до Курбиново, од Струмица до Тетово, од Агенција за филм до Управата за заштита… сега и „Браќа Манаки“… утре – што? 

Потпаѓањето на највисоките државни органи под малограѓанско влијание, влегување во нивните хазардерски шеми, наседнувањето на нивните еснафско-партиски интриги и дај-дам играрии… се опасна „политика“. Таа никогаш не дава резултат, напротив. Тоа секогаш води кон уништувањето на институциите, оние малку коишто останаа имуни на партократското политикантство. Таквото коцкање со сериозни кадровски решенија, таквото (во основа) необјасниво слугување на високата власт на партиските апаратчици самонакитени со некакви божем звања и знаења, тоа не може да биде грижа за културата и реформите, за евроинтеграциите, уште помалку може да се нарече сериозна државна политика. Зашто ним, а со нив очигледно и на највисоките државни власти, најмалку им се важни јавните интереси, реформите, евроинтеграциите, интеграцијата на македонската култура во европските текови. Ним, а со нив богами и на највисоките државни власти кои стануваат дел од нивните слухови и подметнувања, никогаш и ништо не им било важно освен личниот интерес. И кон тоа било пресметано и насочено се’ – дури до фрлањето на две кесички боја врз скопскиот кич – којшто де факто е нивен кич, дел од нивните личности, од нивните CV-а. Таква им е природата, такво им е воспитувањето.

И ете, тој „филм“ продолжува, сега во друга режија, многу пониска од онаа на „кадровската“ комисија на власта во која седат тотално неуки за работата персони. Сега режисерчињата се во главните улоги, оние истите кои не умеат да режираат филм, ама се одлични во матните еснафски скаламерии. Тоа се оние наши самопрогласени заслужни „филмаџии“ чија обломовштина е веќе легендарна, кои секоја година – и буквално секоја година! – ги полнат личните џебови со државни пари, аминувани од највисоките македонски власти. Ете тие културни минхаузени повторно пројаваа низ македонската култура оставајќи го својот белег сега врз Фестивалот „Браќа Манаки“ како да е нивна лична сопственост, а власта, демек државната власт, посматра од страна небаре е на уште една нивна филмска проекција! Сите, до еден, од најгоре до најдолу!!! На една страна божем ни продаваат проевропски дух и морал, а всушност не се ни милиметар погоре од (не)културните банди што во заложништво ја држат македонската култура.  

Влегувањето на државата, а највисокиот извршен орган е олицетворение на државата, во нивните ситносопственички, лукративни и во основа мафијашки работи завиткани во обландата на грижа за еснафот и политиките во него, е не само контрапродуктивно туку полека станува и погубно за македонската култура, уметност, општество. Партиските абоненти ја упропастуваат државава цели три децении и тоа еднаш ќе мора да престане. Веќе четврта година државата има(ше) таква шанса – не ја (ис)користи. Партиските пулени катагодишно претплатени на културниот – во случајов на филмскиот – буџет и нивните подлости и сплеткарење кога тогаш ќе излезат на видело. Ама ќе се дознаат и нивните покровители, нивните политички заштитници. И тоа е големиот срам, резилот на државата кога оди по линијата на помал отпор, кога задоволува лични и групашки интереси за сметка на општите, јавните, кога упропастува цела една дејност заради нечии болни амбиции и сомнабулни ќефови. Нивната малограѓанштина, нивната неукост и невоспитаност, нивната неспособност ќе траат се’ дури државата еднаш не рече – доста. Сега имаше таква можност и – ја упропасти! Ја упропасти затоа што повторно, по којзнае кој пат, се поведе по партиското а не по стручното, се поведе по нечии желби а не по можности, ја следеше „логиката“ на калкулантите а не кредото на реформите… Се поведе по сплеткарењето, по етикетите, по „бојата од кесичката“ фрлена со предумисла, а богами и дебело наплатена. Се поведе и по умот и „грижата“ за еснафот на неколкумина арамолебци, хохштаплери пар екселанс, профитери во сите политички варијанти.

И повторно – молк, во цела култура, во цела јавност, во целата власт, од најгоре до…

ЧИЈ Е ОХРИД?

Ја гледавте ли „Златната парада“ во Каиро? Видовте ли како една држава се грижи за културното/историското наследство? Затоа и прашањето од насловот, заради последното соопштение на „Охрид SOS“ коешто очигледно никого не го тангира, особено не државата и нејзините институции! Впрочем, колку национални медиуми го пренесоа (не само) ова нивно соопштение? Или на „Скопје бара чист воздух“? Колку медиуми ги следат протестите на вработените во Центарот за култура во Струмица, колку национални медиуми воопшто покажаа некаков интерес за вистинските состојби со Курбиново, Матка, „Треска“, Калето во Скопје…? Или нивна задача е да бидат портпароли на власта и нејзините институции? Па нели тој филм еднаш го изгледавме?

Токму затоа и прашувам: дали навистина дојде време за вакви прашања од насловот? И не само за Охрид и другите веќе спомнати, туку и за Струга, за Аквадуктот кај Скопје, Матка и езерото „Треска“, за целата македонска култура почнувајќи од Министерството за култура, Агенцијата за филм, Управата за заштита на културното наследство…? Дали е Охрид на охриѓани и на граѓаните на Македонија или е сопственост на градоначалникот и општината, со адекватен (и колкав?) удел и на Владата на СРМ? Дали пак Струга е на градоначалникот Мерко, со сразмерен удел и на ДУИ како косопственици? И има ли скопското Кале некои таинствени сопственици на кои ексклузивно им е дозволено таму да градат? Дали македонската култура е сопственост на Министерството за култура, дали Агенцијата за филм е исклучива сопственост на Владата која самата си бира „директор“ за „свои потреби“ консултирајќи го само министерот за здравство како македонски стручњак за филм, нели (!?), дали киднапираните македонски културни манифестации со национален и меѓународен се навистина во владение на грст владини миленичиња… Затоа и прашањето: чии се овие нешта, наши или навистина нечии, кој има контрола врз овие нешта и како/дали ја извршува таа контрола, имаме ли ние право на приговор/глас заради лошото владеење со овие нешта или – немаме…? И што ако го кренеме тој глас, слуша ли некој?  

И да, прашањето од насловот звучи глупаво за една земја којашто себеси сака да се претставува како демократска ама кај нас се’ почнува да прозвучува така, глупаво, и нелогично, и откачено… како и пандемијава… затоа што некако свикнавме нештата да ги гледаме како „во огледало“, што ќе рече обратно/извртено од сиот останат цивилизиран свет. Кај нас е се’ поинаку затоа што сме ние, односно власта, најпаметни, најхрабри, најубави… а другите си немаат појма од животот! Затоа и вакви прашања ни се логични, нели? Особено во дадениот контекст на случувањата во/со културата и преостанатото културното наследство коешто секој си го присвојува и третира онака какошто му е згодно, какошто му одговара во одреден миг. Ама кај нас мигот е континуирано тука, оној лошиот, катастрофалниот, но кому му е грижа за тоа? Само на Охрид SOS ли му е грижа за Охрид? А другите, оние „сопственицине“, се тука само да распарчуваат, да разнесуваат, да девастираат…? Ако е само на Охрид SOS, барем според покажаната грижа, тогаш оставете ги луѓето да работат и не им се плеткајте околу нозе. Уште повеќе, не дозволувајте да им ставаат сопки поединци како директорот на фамозната Управа за заштита кој очигледно ни знаел ниту пак знае што му е работа. И дреме на таа функција толку години. Впрочем, како и целиот охридски Завод за заштита, (со чесни исклучоци, но за жал малубројни!). Тоа се институции и поединци директно и неотповикливо одговорни за сите катастрофи на Охрид и подрачјето последниве години. Се разбира, со огромен придонес на Општина Охрид, на Министерството за култура и на Владата на СРМ! Зашто, извинете, ако спомнативе толерираат и такви комедијанти како директорот на Управата кога критикува една граѓанска иницијатива зошто цела година не превзела ништо за заштита на „Парк“, тогаш што друго може човек да праша освен: а чиј е Охрид? И повторно, ако Охрид е сопственост на „Охрид SOS“, чие е скопското Кале? Ничие, па затоа секој може таму да гради, дури и хотел, а оние во Градскиот завод да спијат во дует со оние од Управата за заштита на културното наследство?  

Ако веќе институциите се незаинтересирани и неспособни, нели е пологично  да ги оставиме единствените што се грижат за Охрид, за Курбиново, за културата во Струмица… да си ја вршат работата зашто покажале дека знаат како. А останатите фолиранти во, на пример, Управата за заштита и Заводот за заштита – Охрид, истиот во Скопје, Општина Охрид и нејзиниот градоначалник (кого почесто ќе го видите како се матка низ City Mall во Скопје отколку во неговиот град!), нека си останат на функциите и дневната дремка, но барем нека не прават дополнителни штети. Зашто тие, потоа, се ненадоместливи! И смешни, и болни, и нецивилизирани…   

Од нашава перспектива, денес и овде, тешко е да се поверува дека политиката – кога и да е’, и власта – која и да е’, некогаш ќе прифатат дека ништо на/во земјава де факто не е нивно, па ни наше зашто, прво, не сме го донеле од дома, и второ, зашто сето ова околу нас е наше толку колку што им припаѓа на минатите, но многу повеќе на идните генерации. Што ќе рече дека сето ова околу нас ни е оставено од претците на чување но не и на уништување, оставено ни е во аманет да го сочуваме најдобро што можеме и да им го предадеме на нашите деца и внуци, и нивните деца и внуци, во најдобра можна состојба. И само така нештата добиваат смисла, и само така и може да се разбере оној со години кренат глас (не само) на „Охрид SOS“, или на некои експерти за Курбиново, или сега на голем број граѓани за езерото „Треска“… па за катастрофалните состојби во македонската култура, образование, наука… па со Аквадуктот и Калето во Скопје (директен резултат на дилетантизмот на Градскиот конзерваторски центар), па со Старата чаршија во Скопје (директен производ на меѓупартиските бизнис договори) итн. Велам – најдобро што можеме, свесни дека некогаш баш и не можеме многу да направиме. Но, во случајов со Охрид, и не само со Охрид, сме можеле и многу повеќе, и можеме уште повеќе. Само кога би прифатиле дека културното (и природното, секако) наследство нема сопственик, дека е тука (и) за нас но и за иднината на оние после нас, а некое сегменти од тоа наследство ги надминуваат и нашите граници одзивајќи се на изразот Outstanding Universal Value односно извонредно универзално значење! Тоа пак ќе рече дека ние, со нашето погрешно однесување кон тоа наследство, не само што ги лишуваме нашите потомци, туку му го ускратуваме и на светот задоволството да ужива во него. Тоа никој нема да ни го прости – ни нашето потомство, ниту светот.

Затоа и не е така глупаво прашањето: чиј е Охрид, чие е Курбиново, Матка, езерото „Треска“, Калето и Чаршијата во Скопје…? Дури и да (с)е на политиката, на власта како наша „делегирана“ волја – ете да се согласиме дека сме им ги дале, времено, се разбира – нивното непостапување, нивната нестручност, нивната неукост и, на крајот, нивната дополнителна девастација на веќе упропастеното културно и природно наследство денес им го одзема тоа „доверено“ право на управување со нив. Зашто, бидејќи Охрид го ставив и во насловот, има ли некој надлежен кој ќе одговори зошто, на пример, до денес не е оживотворен, спроведен во дело ама баш ниту еден заклучок (од вкупните 22) од онаа фамозна надзорна расправа за Охрид во Собранието на РСМ? Колку години поминаа од тогаш, речиси цели четири, нели? Срамно и тажно е да не можеш да сочуваш едно градско јадро и едно такво езеро од урбаната, еколошката, политикантската… и секоја друга мафија. Тажно и срамно е една држава да не може да се справи со дивоградби што и’ се градат под носот (како на Калето, Матка, „Треска“…), со узурпатори, со уништувачи и загадувачи. При што не само што не се справува, туку преку свои неспособни официозуси директно пречи во напорите на другите за воведување каков-таков ред. Ако веќе државата и нејзините институции, а особено нејзините директори во тие институции, се очебијно неспособни да се справат со проблемите, зошто тогаш им го ускратуваме правото на докажано стручните да ја вршат работата? Зошто власта, ако е веќе легитимна власт, не го дерогира оној градоначалник и неговата администрација и не го довери управувањето со заштитата на охридскиот регион на агилната „Охрид SOS“? Или, зошто никој од власта не му одговори на предизвикот на градоначалникот на Струга? Или зошто работите во Курбиново не се делегираат на сериозни експерти наместо на „стручњаци“ кои ни ја споредуваат црквичката со Мона Лиза? И уште колку вакви „или“ може секој од нас да наведе?