Monthly Archives: April 2015

КОЛКУ БЛЕСАВ ТРЕБА ДА БИДЕШ ЗА ДА ТЕ СМЕТАТ ЗА СЕРИОЗЕН?

1.

Дури и со ризикот да ме обвинат за комуњарство, ќе кажам: порано бре брате се’ беше подобро! Па и лудилото. Односно, полесно се справувавме со него. Имаше некакви „блесиметри“, ќе застанеш, ќе те измерат, и – блесав си толку и толку посто, или лудилото ти дошло (на скала од 10) до 7, и слично. И сепак, некако мислам дека баш и немаше толку и толкави будали. Како да се криеа. Им беше срам? Или можеби Партијата ги криеше, ги правеше невидливи, недостапни. Не можеше баш секој да ги види, да ги измери, па да шири натаму дека тој и тој имал толку и толку.

Денес се’ е покомплицирано. Прво, се намножија будали од секаков вид. И никој не ги крие. Ни тие самите. Уживаат да се покажуваат и – докажуваат. Секојдневно. Второ – нема „блесиметри“. (Можеби уште тогаш ги прегоревме, или ги потрошивме?). Како човек да дознае со кого си има работа? А сепак, всушност, како што општеството еволуираше, така еволуираше и лудилото, но и справувањето со него. Поточно, денес улогата на оние „блесиметри“ ја превземаа медиумите. И ја вршат одлично! Ако ви е до тоа да ја измерите актуелната блесавост / лудост на нацијата, имате перфектни приклучоци: одделни тв емисии со „познати“ водители и уште „попознати“ гости, одделни  дневни весници – особено во конкретни денови – каде се среќаваат „блескави“ колумни (земете го, на пример, вторник во „Утрински весник“ и оние тртљарии на Ацо Станковски алиас Сарајлија!) … Се’ се тоа извонредни примери на нововременски односно современи блесиметри коишто, од една страна, ја тестираат дијапазонската скала на лудило на поедини персони ама, од друга страна, и општата инволвираност во блесавите ментални процеси на пошироката публика која ги чита / слуша тие бљувотини!

2.

На пример: колку одлепен човек треба да биде за да рече дека „македонците во архаичниот период се јавуваат како главни протагонисти во делот наука, техника и така натаму“? И тие да ти биле „мајстори во целиот тој дел“! Во кој тоа „дел“, професоре Тентов, и какви „мајстори“, можеби ќе прашате? Нема да ви каже. Па понатаму, „ние сме измислиле монетарен систем, сме измислиле банковен систем, монети и така натаму“! Ај за монетарен систем и банковен систем ми е јасно, гледајќи денес што прават и како ги растураат тие „системи“ овие антиквизирани Македончишта. Ама ние да сме измислиле и монети? Па овој тие е бре брате не само професор, туку и револуционерен ум, овој ти е повампирен односно антиквизиран македонски Ајнштај, Аристотел и Гејтс заедно, директно од архајскиот период, како што вели.

И стварно немам ништо против ваквите теории за нашиов народ, и држава (која што била силна, како што вели професоров). Кога би биле барем 1% точни, ако не повеќе. Или, можеби Тентов си има некој друг архајски период, некој само негов, и не сака да го дели со другите. Држи и таа работа, зашто пак оние мутави светски историчари велат дека архајскиот период на овие простори датира некаде од 800 – 480 година пр.н.е., а во тоа време никој не спомнува Македонци, уште помалку нивни пари. Но затоа (пак оние мутави светски историчари) велат дека првите монети се појавиле во Анатолија, во Лидија (т.н. electrum) исковани од лидијскиот крал Алијатес (619 – 560 година пр.н.е.), потоа монети веќе имало и во Кина и Индија (600 година пр.н.е.), па во грчките градови-држави во Архајскиот период итн.

Но, понатаму, ни раскажува професорот, и средниот текст на „Каменот од Розета“ да ти бил дешифриран „од некои кои што нешто напишале, но не до крај“! И писмото на Маите да ти било дешифрирано не од советскиот лингвист Кнорозов, а со удел и на епиграфичарот Томсон и археологот Проскуријакова, туку од – информатичар (како професорот, ам пустиот заборавил како човекот се викал!).

А создавањето на светот? Делот каде дури и бурекџијана (аргументирано) го корегира е урнебесен, па го враќа назад, па професоров секогаш ни дава друг редослед, за да на крајот не’ просветли дека – деветтиот ден Господ ги создава Македонците! И затоа светот не не’ сакал!!! А на прашањето од каде му се тие сознанија, тој вели: од моите дешифрирања! Па добро бре професоре, кај вас – има некој дома? Мислам дека овој би ги прегорел сите блесиметри и во старата и во новава држава! Како ли издржаа она екранине?

The-Evolution-of-Man-and-Computer

3.

А најновиот македонски прилог во проучувањето на историјата на човекот и неговото безрезервно лоцирање во Источна Македонија? Ние, значи, токму во стилот на Тентов, ја порекнуваме и теоријата на „Y-хромозомскиот Адам“, и постарите тези за Етиопија како лулката на првиот човек, но и најновите тврдења (F. Cruciani, R. Scozarri и др.) дека токму Централна и Северо-западна Африка се вистинскиот пра-дом на модерниот човек. Нели сме веќе зрели и блиску и до некаква Нобелова награда, а не само до Гинисови рекорди за туркање на празни коли? Или, можеби, до некоја (повторно) светска награда за најблесави откритија?

Или, бидејќи веќе го спомнав, колку блесав треба да бидеш за да смислиш дека Антика доаѓа од Анти, како што не’ убедуваше Станковски алијас Сарајлија? Или дека „сега зградата на Владата на Република Македонија  (онаа „новата“, пресоблечена во рувото на квазинеокласичен палјачо, м.з.)  веќе има изглед на музеј“? Ама Метрополитен, Гугенхајм, Кролер – Милер, МСУ … зашто се такви какви што се, не изгледаат како музеи? За да на крајот не’ поздрави со налудничавиот пионерски поздрав: „ Сите нека лаат и понатаму, а карванот нека врви во една покултурна Република Мекадонија“!(?). Мислам, колку сериозни дијагнози се потребни за ова? И колку врвни стручњаци да дијагностицираат?

Ама, што е најинтересно, тоа се, некако, постојано истите пациенти кои ги среќаваме на современиве блесиметри. Од ден во ден, од недела в недела, исти налудничави приказни (а Хунзите?), исти или слични изливи на неподнослива „мудрост“, својствена само за овие наши зачадени простори. И нема лудоста врска со старосна граница, раса, пол, етничка припадност, па ни функција. Ви текнува на „космодиск“ и неговиот смешен изглед ама добра функција? Или на „разумниот компромис“? А најновиот ваков излив во Баку, дека „Македонија нуди големи можности за странските инвеститори“? Па, извинете, ама … ај да бидам пристоен и да премолчам!

Или: „Добро би било политичката криза што побрзо да заврши со цел стопанството да ги оствари предвидените резултати“, изјавил деновиве  вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. А кој тоа, простете на прашањето, треба да ја „заврши“ кризата? Комуналец? ЈП „Водовод“, Зоолошка градина …? И како овие би ја завршиле, зошто не им понудите некаков предлог, некакво можно решение? Мислам дека веднаш би прифатиле, само да е доволно блесаво!

Или: „Здружението на спортски риболовци „Бабуна“ од Велес и рибочуварската служба во организирана акција фатиле на дело група рибокрадци, кои незаконски ловеле на езерото „Младост“. Тие ловеле во време на ловостој и време на мрест, на терен каде што е обележано дека е забрането фаќање риба и тоа во периодот од 15 февруари до 31 јули. 

Оваа група ја гониме една година, и конечно успеавме да ја фатиме на дело. Беше силно организирана, поради што акцијата ја изведовме тајно, а полицијата ја повикавме кога веќе бевме на терен“, велат од „Бабуна“. И, ни мање ни више, кај крадциве нашле 15 килограми крап, 17 килограми сом и 2,5 килограми амури, како и четири мрежи од 250 метри, специјално наменети за улов на крап и сом. Па тоа е бре брате цело богатство! А зошто тогаш оној Зврлевски не ги повика на помош овие од „Бабуна“? Тие лесно би ги фатиле и оние милиони евра од „жутите“, па оние од „Актор“, и се’ друго по список. И кој е овде луд, а кој блесав? Како можеле овие на дело, што ќе рече in flagranti да ги фатат крадциве, а он со толкаво Обвинителство, плус полиција, нема појма кој пљачкосува низ државава?

4.

Она што, мислам, дека нам денес ни треба се некакви ориентири за обичниот народ, некакво скалило за блесавост според коешто луѓето би се раководеле при следењето на овие медиуми. Некако, да светне некоја сијаличка кога ќе се појави ваков тип, да покаже некаква скала со цифри … Или, ако некој сака да се појави на некоја од вавките телевизии или да напише нешто за некој весник, да знае што таму го чека, какво би му било друштвото итн. Тоа скалило на блесавост, или лудило, прецизно ќе ги упатува до каде треба да стасаат за да ги стигнат актуелниве будали, да не речам да ги престигнат. Зашто вака, ние навистина не знаеме кој односно колкав е степенот на лудилото што се бара, за да човек се појави некаде на вести со изјава, или да добие некоја минутка во оние „славнине“ шоу и ток програми? Добро, спомнав некои персони како можни ориентири, ама и тие варираат во блесавоста. На пример, кој предничи во оваа работа: ваквите божемни математичари кои знаат се’, од историја до археологија, од дешифрирање стари писма до астрономија; слични сезнајковци од типот на професорон Мирчев или можеби оној Никовски, па Сарајлија, Хорхе … листата е прилично долга. Што и не е лошо, имаме повеќе кандидати да си ја мериме. Блесавоста, или лудоста, како сакате!

П.С.

Во мигот кога го постирав текстов, немав сознанија за најновите „интелектуални“ достигнувања на г. Васил Иљов, на некои од теми што и јас ги допирам овде. Еве линк за ново „просветлување“:

ВИРТУЕЛЕН СВЕТ

или

ШТО ВСУШНОСТ САКАМЕ? (3)

10.

Го добивме ли сега, на дело, бараниот одговор од поднасловот („Што всушност сакаме?“)? Да! Можеби не целосен, можеби не докрај легален, можеби не најдемократски … ама некаков одговор – добивме. И знам дека не ни се допаѓа, односно ни се допаѓа делумно, што ќе рече дека 95% од излезените на референдум граѓани гласале „за“ односно „против“ силувањето на Градскиот трговски центар, ама тоа не е бараниот одговор. И тоа е’ фантастичен резултат во вакви услови, неспорно. Зашто ГТЦ денес веќе не е само некој таму објект во центарот на Скопје во којшто, како што тртљаше една „филозофска“ будала, некогаш сме го имале првиот „Драгстор“, не е само меморабилија на едно друго време и на постземјотресната скопска архитектура … туку ГТЦ се трансформираше во точка на отпор, во културен / цивилизациски симбол наспроти варваризмот и насилието на актуелниве антиквизатори и барокољупци.

Ама, секогаш тоа „ама“ ни го расипува расположението. Пирова победа? Можеби, односно сето тоа можеше да биде и поинаку, и подобро и поуспешно. Не (само) заради тоа што сега барокољупциве ќе се ситат и „неуспешниот“ референдум ќе го земат како адут во дефинитивното расчистување на сметките со ГТЦ (а така ќе биде, сигурен сум!). Таква бланко верификација, такво признание за лудачката македонска варијанта на „неокласицизмот“ тие не добија со „неуспешноста“ на референдумот. Зошто? Зашто мнозинството жители на Центар (извинете, веќе не можам да ги нарекувам граѓани, зашто тоа – не се!) не се изјаснија за инфицирање и на ГТЦ со вирусот на лудачката македонска варијанта на „неокласицизмот“. Тие не се изјаснија за ништо, останаа дома како задња сељачаана, по папучи (а некои веројатно и без нив, зашто и тоа им е непознато!), како кукавици во туѓи гнезда (што впрочем и се’!).

Некој дури се исчудуваат што и Хорхе не гласал. А „од дека„ е тоа човече, извинете на прашањето? И што нему му значи ГТЦ, и Скопје, воопшто, кога немаат ни калинки, ни ракијади, ни пивтијади …? Дали не би гласал за воведување на една турлитавијада во главниот град, а? Право пред „претседателската“ му палата?

11.

Иако, мислам, тешко е да се споделува оптимизмот – дури и ако е реален и искрен – на градоначалникот, на Циги и другите. Фактот дека ГТЦ освоил повеќе гласови од кој и да е’ претседателски кандидат е за почит, назнаката  дека оној број вистински граѓани на Центар и на Скопје покажа дека и без големи партиски кампањи може да се дојде до (некаков) резултат исто така импонира, но иднината не е баш така светла. Идејата дека „следен чекор е ГТЦ да се прогласи за културно наследство“ е некако задоцнета зашто, веројатно, тоа требаше да биде првиот чекор?! А згора на тоа, се сеќавате  што се случи со џамијата на Имарет? И знаат ли кој сој „стручњаци“ седи во онаа калакурница наречена Управа за заштита на културното наследство? И што „сработиле“ изминативе години, на чело токму со оној кој е „надлежен“ за прогласувањето на архитектонски дела за културно наследство? И знаат ли кој „стручњак“ таму директорува? (И зошто луѓево уживаат однапред да ги откриваат чекорите што планираат да ги направат? Прво скокни па речи – оп!).

Колку и да се лутат некои директно засегнати, мислам дека ГТЦ можеше да помине многу подобро ако целата работа не беше препуштена само и исклучиво на два-тројца „запалени“. Од референдумското прашање (Геровски), преку кампањата, до сите други детали. Ама, кога не би имале толкави суети, нели?

Но, што всушност покажа / докажа и ова епизода со ГТЦ? Покажа, и докажа, дека единствените разумни гласови во оваа држава, безмалу по сите прашања, некако „се лепат“ и се крепат главно на виртуелниот свет на социјалните мрежи, добивајќи притоа лажен впечаток за масовноста и  решителноста на добронамерните. Ама тоа се погрешни податоци, односно даваат невалидна, нереална слика за состојбите. Затоа и се – виртуелни! Кога ги следите, читате, само еднонасочните, едновалентните, унисоните гласови односно оние коишто ја поддржуваат само вашата теза, добивате слика на масовност и сплотеност, на ијладници поддржувачи веднаш подготвени за вас да влезат во рововите. Ама кога таа виртуелност ќе се пренесе на теренот, се добива сосема друга слика, прилично искривена, затемнета, со многу шум и „снег“, безмалу до непрепознатливост со виртуелната.

12.

Оттука, повторно, случката со референдумот односно неговата виртуелност ги гледам само како парадигма за сите наши состојби, се разбира и во културата и уметноста. За сите битни прашања во овие области на општественото живеење во виртулниот свет добиваме поддршка, а во реалниот – шамари! Сетете се само на протестот на не така бројните  студенти по архитектура против градбата на црква среде Плоштадот. Ви текнува како заврши приказната? Им дојде некој на помош? Не, дури ни нивните професори односно оние кои едноставно мораа да бидат до нив во тие мигови. Ама сега, истите тие „професори“ филозофираат за оградата околу Владата! Какви лицемерни битанги!!!

И тоа не е осамен пример. Македонската култура изминативе години забележа стотици катастрофални случувања, „проекти“ и зафати што претставуваа директен рез во нејзиното меко ткиво. Колку само годишни конкурси за финансирање на „националниот“ интерес во културата ни поминаа, колку само директори аналфабети се изредија низ годиниве, колку само „уметници“ се закитија со највисоките државни награди само и само благодарејќи на нивната партиска ориентација, колку неписмен и полуписмен свет издаде книги кај нас, колку милиони евра се потрошија за туристичките излети на „министерката“ и нејзината свита? Колку податоци се изнесоа за очебијните малверзации токму околу самонаречениот проект „Скопје 2014“ којшто буквално изеде пари колку за цел еден нов град? И? Реакции (нека се и многубројни) имаше само во виртуелниот свет на Интернетот, но не и во реалниот свет на македонското секојдневие. Ама ние сепак се задоволува(в)ме и со тие трошки, мислејќи дека нештата, кога – тогаш, ќе мрднат од место. Не бре брате, нема. Зашто газениот е навикнат да го газат, толчениот да го толчат. И уста да не отворат!

И за кого ни се тогаш референдуми и други бакрачи, за кого и за што ни се сите овие писанија и измислување на разноразни „форми“ на несогласување со актуелнава линија на целосна кретенизација на народот и државата? А заслужил ли овој „народ“ нешто подобро? Заслужил ли и македонскиот уметник и културен работник подобра општествена клима, услови и стандарди за неговата уметност, за неговите проекти, за неговиот просперитет? Да, ама некој треба да му ги сервира на сребрен послужавник? Марш бре, и тоа што го имате ви е многу!

REALITY КУЛТУРА

или

ШТО ВСУШНОСТ САКАМЕ? (2)

6.

Не се сомневам дека за еден огромен дел од македонската популација (подразбирајќи ги тука сите етникуми) поимот reality show е безмалу секојдневие. Сакате како телевизиски формат, изразен главно низ превземените кретенски бомбардирања главно од соседниот сосед, или пак како македонско политичко односно (подобро речено) политикантско секојдневие изразено низ настапите на нашено „премиерче парапетче“ низ македонските паланки.

А сепак, за еден добар дел Македонци поимот reality show е речиси непознат, или недоволно познат и необјаснив феномен. Дефинициите за него се движат од телевизиски жанр што се бави со импровизирани (без сценарио) животни ситуации фокусирани на „драматични“ персонални конфликти (Wikipedia); телевизиска програма за обични луѓе снимани во реални ситуации (Cambridge Dictionaries Online); вид на телевизија којашто цели кон прикаже како обичните луѓе се однесуваат во секојдневниот живот, или во ситуации често креирани од страна на продукцијата (Collins English Dictionary), итн. Во секој случај, колку дефинициите да варираат, во основа кај овој (тв) формат акцентот е на претставувањето на т.н. обични луѓе, кои  се (доброволно!) континуирано снимани во подолг временски период, при што фингираните / провоцираните животни ситуации треба да внесат драматичност, конфликт, често љубов и / или еротика, се’ со цел повеќе да бидат забавни отколку информативни или едукативни.

И во ваквите тв програми може да се види се’ и сешто, од сестрите Кардашијан до навистина low life верзиите во некои српски варијанти, од коишто ќе ви се смачи животот! Меѓутоа, сите се таму „славни“, „познати“, знаат и умеат се’, животот е за нив играчка. А ефектот е главно – баханалиски!

7.

Е сега, во последно време се’ повеќе ми се врти мислата дека за нас всушност овој тип на пристап кон „реалноста“ и „вредностите“ е вистинско откровение, нешто како нарачано токму за нашите културни состојби последниве години. И не само културни, туку и политички, образовни, научни … секакви. Имено, мислам дека во овој (тв) формат и сите негови дефиниции се содржи целата „филозофија“ на нашево битисување последниве десеттина години, којашто на народот треба да му покаже дека секој, ама баш секој, може да биде претседател, премиер, министер, директор … уметник, дека секоја будала која немала попаметна работа во животот туку се вмешала во политиката (односно политикантството) може далеку да дотурка, дека и луѓе со фонд од стотина зборови можат да бидат универзитетски професори само ако партијата застане зад нив, дека и најтупавите мајкини и таткини синови и ќерки можат да бидат „ѕвезди“ во оваа паланечка галаксија!

И кога така ќе ги поставите нештата, се’ ви станува појасно. И полесно.  Појасни ви стануваат и резултатите на тој Reality experimentum Macedonicum, односно ова баханалиско дереџе на коешто не’ донесе оваа феноменална измислица. И полесно ви е да ја гледате (и слушате) онаа булумента луѓе од сите „професии“ и рамништа, оној шљам што глуми политичари и уметници, оние некадарници кои не умеат ни носот да си го избришат ама мудруваат за геополитика и светски заговори. Ја гледате „лигњана“ како измислува „реформи“, убеден дека решава проблеми, а несвесен дека самиот е најголем проблем. Го гледате „хипо“ како тртља зелени за некаква економска стабилност а луѓе немаат што да јадат, „чеканарон“ како си ги псуе соборците и се’ друго по список трошејќи ги народните пари, го слушате „парапетчено“ како добива „идеи“ среде ноќ … и сите мислат дека се важни, битни, незаменливи, умни … и сакани. Величенствено македонско политичко реалити шоу!

8.

Та оттука ни оваа нова реалити македонска култура не може да избега од дадениот формат, не смее избраните партиципиенти да ги замени со некои други, не дај боже подобри, зашто автоматски паѓа во вода целата концепција на системот. Затоа впрочем и естрадата станува дел од националната култура – кај бива реалити шоу без певаљки? – за неа дури се организираат и добро платени конкурси, се множат фолк фестивалите, ечат  песни новокомпонирани за актулениве ни реалити политиканти.

Кога таквиот бран ќе зафати една култура, особена ваква како нашата којашто и онака стои на стаклени нозе, тогаш сите стануваат „ѕвезди“, „уметници“, „креатори“ … иако во животот не создале ама баш ништо што би наликувало на културен или уметнички производ. Впрочем, токму затоа и онакви коробаровци и слични „овци“ ќе влегуваат во кураторски филмови и ќе ни организираат „изложби“ како букети свежи цвеќиња, кичевска сељачаана ќе се трансформира во „теоретичари“ на уметноста, бетономешачи ќе се видат себеси како главни архитекти и ќе го пустошат градот со нивните антиквизациски „идеи“. А зошто и да не, кога и премиерчето парапетчето исто така се гледа себеси како главен филмски продуцент и критичар, па дури и како музејски (ос)мислител, кога театарџии  кои цел живот го поминаа како бубрег во лој одеднаш стануваат дисиденти, кога „режисерчиња“ на привремена работа во странство си ја нарекуваат државата „фиљан-фиљан земја“ ама ги сакаат нејзините пари, и каде ако не во една ваква реалити култура „министерката“ за култура не би отишла на проекцијата на филм на големиот Макхмалбаф?

А впрочем, која друга ако не реалити културата би си го нарекла творецот на современиот јазик – „џуџето од Небрегово“?

9.

И сето ова нема никаква врска со некаква интелектуална ароганција или со  потенцијалните поделби на народ и елита, поделби какви што често слушавме изминативе години залепени не само на челото на политичката опозиција туку и на се’ друго што малку вредеше во оваа држава. Токму спротивното, односно ако, вообичаено, токму „ниските“ народни слоеви се публиката и учесниците во реалити „светот“, кај нас сегашната политичка, културна, образовна, научна … „елита“ е носителот на овој реал-културен погром! Нашите современи „проветители“ одвај прочитале две книги во животот, нашите најлоши глумци се директори на театрите, нашите уби боже уметници се дел од сите ликовни комисии … целата таа багра воспоставува некакви правила и стандарди а не умее да собере ни два со два. Е па, тогаш, каква култура сакате да имате?

И токму веќе спомнатиот Макхмалбаф вели дека „улогата на филмот е да ја менува културата, затоа што ако нема промени во културата, нема да можеме да оствариме ниту една општествена цел“. Е, мислам дека ние тука успеавме како ретко каде. Ние, не само преку филмот, од корен ја променивме културата, ја престоривме во нешто што таа никако не смее да биде, а со тоа го остваривме идеалот на иранскиот режисер: го сменивме и општеството во подобро, попрогресивно, поидеално ИДИОТСКО реалити општество! Сега можеме да уживаме во плодовите!!!

И се разбира дека работата не била лесна: да уништиш, до корен, нешто макотрпно градено со децении, еден културен систем втемелен на желбата да се биде составен дел на европските културни текови, да се натпреварува, ако може, и колку може, дури и со светот! Ама, нели, што може да расипе еден будала, сто паметни не можат да го оправат? Плус, имаа на располагање цели десет години и голема партиска војска дебили во целата администрација соодветна за таков тип реалити (ос)војување. А во културата особено: од земјоделци до манекени, од социолози до забарски техничари, од домаќинки до хауз мајстори … од мој до мојега (што би рекол Агим Јонуз). Додека некои спиеја, овие – работеа!

ШТО ВСУШНОСТ САКАМЕ?

1.

Не знам, ние сигурно не сме осамени во нашето незнаење, неспособност и несакање да се стори нешто паметно и конструктивно, ама во моментов не ми текнува на други слични на нас. И не сум сигурен дека еден, барем еден од актуелнава политичка постава воопшто има претстава што и како и’ треба на државава. Освен нивниот личен профит, се разбира. И џабе ни се и закони и процедури, протоколи и стратегии – какви се, нека се – кога ништо од тоа не се спроведува ама баш во ниту една област. Ама затоа имаме нуклеарна програма, нели? Сега очекувам да се појави и некој одговорен за свемирската програма на РМ. Сигурно имаме некој таков. Ако не – ене го Мирчев. Тој е стручен за се’.

За среќа, уште не сме го виделе да замеша прсти во културата и уметноста. Ама – „никогаш не вели никогаш“! А всушност, не ни е ниту потребен. Има доволно такви како него! И што фајда што македонската култура има и закони и стратегии, има (дал Господ, односно народот) и пари како никогаш досега, има и сериозни творци, ама сето тоа на тупавциве не им е доволно. Џабе им е кога не можат да го видат, да го препознаат квалитетот. Секогаш прво пред очи им е профитот, па партијата, па квантитетот (пуста популистичка школа!). Друго – нема!

2.

Каде се’ не се прошетаа македонската култура и уметност во изминативе години. И кого се’ не прошетаа во нивно име. И безмалу секаде – чиста утка! Онаква, за кец. Нит некој ги видел, уште помалку ги чул. Греота за оние малкумина квалитетни творци кои „игром случаја“ ќе се најдат на нивните списоци. Па и оние „новинари“ кои ги шетаат со себе како некаква награда, и тие пишуваат за сосема десетти нешта. Ене, по којзнае кој пат дотичната „уредничка“ – инаку нивна миленичка – ја однесоа дури до Париз. И божем нешто да ни каже за македонската презентација таму, неа не и’ се бендисал градот. Бил, некако, „валкан град“! А Скопје и’ е чисто. И метрото во Париз се расипува. И ве убива „миризба на канализација“. Скопје, за среќа, нема метро, ама пак труе на канализација! И се’ така со ред, „уредничкава“ не’ просветлува со туристичката разгледница на Париз, за да на крајот не’ извести дека сепак „стуткан, валкан, ама останува најљубовџиски град на светот“! Жити мајка! И ај, да била „госпожава“ на туристичка променада на свој трошок, па нека тртља глупости, дури и за Париз. Ама таа отишла таму заради неколку македонски содржини презентирани (без причина, но божем со повод) во тој град, за коишто не разбравме – ништо! Се’ што разбираме за овој тип наши „претставувања“ надвор се самофалбите на сајтот на Министерството за (не)култура. А можат слободно да се прекрстат и во Министерство за туристичка промоција на македонската (не)култура.

Но и тоа не е прв, а нема сигурно да биде ни последен пат. Кај нас во културата се’ се случува на тој начин: стихијно, полутајно, анонимно, без сериозни одгласи … Како да нештата се прават некаде само кога некому ќе му дојде малку да се прошета, такаречи пролуфтира, да си ја поднови можеби гардеробата, да се пододмори? И никој не знае кој, како и зошто ги бира токму содржините што ја претставуваат македонската култура на тие туристички патувања, според кои критериуми и стандарди, според кои стратегии? Се разбира, се случува и да погодат – понекогаш – една или две пристојни содржини, ама што фајде кога остатокот е бофл роба, како од Бит пазар!

3.

И, се разбира, не мислам дека македонската култура и уметност треба да кмишат заклучени дома. Напротив. Ама, повторно, која е ползата од потрошените (големи) пари кога, прво, немаме повратна инфирмација, потоа немаме (или се ретки) критички одгласи, немаме реципроцитет или истиот е комплетно занемарлив и несоодветен? Знам дека многу пати оваа тема кревала тензии во македонската култура, предизвикувала расправии (но само во тесни кругови), и со право. Зашто ние, се’ уште, а особено годиниве, ги урнисавме сите, па и оние разнишанине од порано критериуми за квалитет во македонската култура и уметност. Што ќе рече дека тоа ни е „стара болка“, ама никогаш не болела толку како последниве години. Зашто, извинете, ама не можат туткуни да ви креираат стратегија за презентација на културата во светот, не можат полуписмени бирократи да бираат програми и проекти што би не’ претставувале пред странската публика, која и да е’. А притоа, не можат и оние македонскине културно и естетски тотално неписмени амбасадори да повикуваат и реализираат крајно површни културни содржини во европските метрополи. Едноставно – не знаат, бре брате.

Не мислам, и не сум мислел дека Македонија нема што да му понуди на светот во културата и уметноста. Ама тоа никако не е работа на нашево Министерство за (не)култура. Односно, тоа е’ негова работа, но само во доменот на обезбедувањето услови (меѓудржавни договори) и финансии. Сето друго е работа на стручна проценка помината низ многу филтри. Инаку, како и последниов случај со Париз, па претходниот со Виена и онаа смешна изложба во македонската амбасада, па претходно Рим, па Венеција, па Љубљана, па … еди која друга европска дестинација! И секаде истите пулени, истите фаци, истите глупости!!! А „министерката“ – насмеана. Кога навистина би знаеле колку пак нам ни се смеат странците.

4.

Но, впрочем, надворешниот „одраз“ е само „израз“ на внатрешните состојби, односно надвор никако не може да биде подобро кога внатре е уште полошо! Локалниот културен хаос нормално произведува и интернационален културен срам.

Распадот на сите културни вредности, урнисувањето на и онака кревкиот вредносен систем во уметноста, партизацијата на сите институции и процедури, логично ќе се реперкуира и врз сите други сегменти во културата, па и во меѓународната презентација. Македонскиот културен срам што не’ следи веќе со години дома си соѕида кули и дворци од лажни творци и медиокритетски вредности, допадливи само на кичерскиот ала „Скопје 2014“ светоглед. Македонското Министерство за (не)култура, следено впрочем и од сите локални / општински надлежни органи / институции во културата, се престорија во пропагандни партиски штабови за само една мала партиски етаблирана групичка „творци“ кои не бремзаат никој друг. Секој ден се по провладините „куртон“ медиуми со нивните „блескави“ сочиненија!

Но, дека корените на одамна раширениот културен плевел се сериозно длабоки на ова тло, дека медиокритетството дефинитивно го надвјасало сериозното професионално размислување, не е веќе само ноншалантна салонска констатација туку македонско секојдневие. И правило. Ене, си ја местат оградата на мостот кај „Холидеј ин“ како да сме во најдобрите денови на идиотската хистерија наречена „Скопје 2014“. Дел по дел, „табла“ по „табла“, ја раскажуваат профитабилната македонска фасцинација со измисленото минато, со изживеаните симболи, со лажниот патриотизам, но и со вистинскиот кич.

А пред неколку дена, демек за прв пат, го прославивме и Денот на уметноста, во режија на неодминливиот шарлатан Коробар како „куратор“ на изложба на македонската ликовна уметност, со неколку странски „гости“. И тоа да ти било „раскошен букет на ликовни, креативни творби, кои зрачат со духовна енергија и ја осветлуваат човековата душа од внатре“. Види мајката! Како да сме во најубавите соцреалистички денови, токму некаде пред 1-ви Мај, и го славиме трудот и другите социјалистички „вредности“, меѓу кои секако и „Уметноста“. И таму, внатре, во таа наша прослава, типична мултиетничка шареноликост со правична застапеност, па ред некакви „гости“ за кои никој не објаснува од каде се и што се, па ред видни спонзори меѓу кои и Општина „Центар“ (?). Болат очи, ама боли и умот.

Ама ако тоа е актуелната македонска ликовна вредност, ако тоа е она македонско со коешто треба да го славиме и тој Ден на уметноста, тогаш подобро да си ги фрлиме и дипломите, и искуството, и знаењето (ако воопшто го имаме) во оној матен Вардар.

5.

Зашто, точно е дека ликовната уметност одамна стана општа заебанција на шарлатани како Коробар (а во случајов и како Жерновски, Мухиќ и Клетников како „признати“ стручњаци со нивни текстови во каталогот), ама ова ги преминува дури и тие граници. Ако на ваков начин ние се вклучуваме во прославата на Денот на уметноста, па уште востановен на денот на раѓањето на Леонардо, подобро тоа и да не го правиме! Нека си го прават тие кои имаат што да покажат. И немам дилеми дека секој уметник, па и „уметник“ треба да добие простор и време да го покаже тоа што го сработил, ама по ваков повод, во ваква „режија“, на ваков начин?

Впрочем, и ова сосема ни оди во прилог на вкупните текови во нивелацијата на македонската (не)култура, каде што, повторно, ене оние синдикалцине се прогласуваат за „креативната сила“ на оваа држава, каде добрите партиски врски и позиции гарантирано ве носат во странство, каде што секој себеси се прогласува за светски уметник … А сепак, еднаш, кога и да е’, ќе мораме да решиме што всушност сакаме во културата и уметноста: квантитет или квалитет, кич или Уметност, професионалност или дилетантизам, малограѓанштина или …?

ТУРКАЊЕ ПРАЗНА КОЛА

1.

Не знам дали има некаков научен израз / објаснување за нескриената желба / страст што ја имам за следење / читање на искази на македонски „уметници“. Веројатно нема, што пак не ме ослободува од „зависноста“. А веројатно нема ни лек – онака, апче, сирупче или слично – што пак дополнително ми ги комплицира работите. Ама, ете, повторно: уживам во објасненијата, искажувањата, теоретизирањата, полемизирањата на македонските „уметници“ од сите еснафи. Некако, ми отвораат нови прозорчиња не само во нивното поимање на уметноста (по правило со мало „у“), туку особено во нивниот однос кон нивната професија, кон средината во којашто живеат, па и создаваат (како кој, и што!), очекувањата од таа иста средина и слично. Ако сакате, мислам дека тоа се драгоцени документи за едно време, за едни луѓе – уметници или „уметници“, сеедно – за една средина. Документи (повторно: драгоцени) кој изгледа малкумина воопшто и ги гледаат, уште помалку ги читаат, освен ако не се скандалозни, или полни со навреди кон некој познат, или политички (политикантски) … Всушност, и тие ја пишуваат историјата на современата македонска култура и уметност, паралелно со стручните текстови, прикази, книги и друг аудио-визуелен материјал, некогаш дури и поексплицитно!

2.

Еве, пред некој ден пишував за „протестот“ – го ставам под наводници зашто задоцнил најмалку цела година! – на еден нов (дали?) самопрогласен синдикат на 17 културни институции. Протестот беше упатен контра нашено непрежалено Министерство за (не)култура и нивниот Закон за изменување и дополнување на Законот за културата, донесен во февруари 2014 година. Добро, преспале две зими, им дошло од газот во главата дека нешто сепак треба да направат и – бум: протест! Иако беше некако поинаку објаснет, изјавите на водачите и присутните се концентрирани главно на уметниците (како тие да се единствени културни работници засегнати од Законот) и нивното несогласување да бидат третирани како бирократи. И секој нормален ќе рече – така е!

И сега јас како уметнички критичар би требал да бидам на страната на овие уметници. И би бил, иако нашите уметници речиси никогаш не се на страната на македонската критика, што било потврдено многу пати низ праксата (тие впрочем највеќе би сакале и да не’ нема) , последен пат при оној „државен“ (п)откуп повторно од страна на непрежаленото ни Министерство за (не)култура. Нејсе, би сакал да сум на страната на уметниците, ама … ама овие уметници работат, односно се на плата во државните институции! Ама не сакаат да бидат третирани како и другите во тие институции, не сакаат некој да ги оценува, да ги именува, да ги контролира, не сакаат ништо од тоа. Ама сакаат – плата! Е сега, зошто уметниците мислат дека се повредни од другите вработени во тие институции – од кустосите, библиотекарите, археолозите и др. – па за нив да не важат тие правила? Ако сакале да бидат независни, нека се „преквалификуваат“ во слободни уметници, како и многу нивни колеги. Значи, не велам, ниту пак мислам дека тие не се вредни, дека не работат, дека се бирократи (а другите се?), ама некои и некакви правила мора да важат за сите. Тоа што оваа постава во Министерството за култура е тооолку тупава и неписмена па смислила таков „закон“, тоа е друга приказна. И зад таа друга приказна требаа на времето да застанат и овие уметници, тогаш кога и опозицијата и невладиниот сектор и многумина независни поединци пишуваа и говореа против тој закон. Ама „уметнициве“ – молчеа. Некои можеби и спиеа, а некои мислеа „секое чудо за три дена“. Е па, чудото им дојде на врата!

3.

И сега: „Ние сме уметници и не сме административни работници. Ние не сме бирократија за истиот закон да важи и за нас. Ни наметнуваат бодови и оценувања. Нас има кој да не оцени, тука е публиката. Ние ќе се бориме секогаш против законските решенија за кои воопшто не сме прашани, а кои се носат зад затворени врати во канцеларии“. Тие не биле административни работници, ама (сакаат да) работат во административни институции. Тие не се бирократија, ама плата примаат во државни „бирократски“ институции. Тие не сакаат бодови и оценувања, ама сакаат плата. Е па како да им ја дадат таа плата? Онака, ѓутуре, од „кому и како иде“? А зошто пак кустосите да се бирократија? И зошто пак нив некој да ги оценува, некој од оној неписмен ранг на тутуриткине во Министерството за (не)култура?

Но, вистински бисер е она дека нив има кој да ги оцени и тоа да ти била, ни мање ни више, туку – публиката. Па луѓе божји, зошто тогаш таа публика не ви дава плати? Двојни, ако мисли дека треба? Зошто и нас „бирократите“ не би не’ оценувала таа иста публика, па да видиме кој колку ќе добие? И која е воопшто таа „публика“ која што би ве оценувала? Вашите семејства, пријатели, колеги …? Па дајте, ве молам, бидеме барем еднаш на нивото на еден Уметник!

Но ова не е прв, а сигурно нема ни да биде последен ваков „инцидент“, којшто пак укажува на се’ уште силните соцреалистички корени во македонската култура, особено меѓу уметниците. И не го говорам ова на памет, уште помалку туку-така. Кај нас културата (и уметноста, се разбира) остана на опашката на системските случувања и промени, заборавена (иако некогаш и намерно!) во бирократските лавиринти на полуписмен типови кои изигруваа министри и министерки, држејќи ја културата (и уметноста, се разбира) токму како монета за поткусурување, за подметнување, за уцени, за популистички трампи од секаков вид. А што, инаку беше оној „државен“ (п)откуп на ликовни дела, оние глупости со нарачки на музички дела, па оние мајтапења со естрадата како дел од културата?

4.

Но, ако оној „протест“ беше колективен пример на „уметничка“ глупост, оној најновион, поединечен, на „славнион“ ни режисер на привремена работа во Л.А. е вистинско бисерче во ѓерданчето на македонската соцреалистичка културна стварност. Зашто, иако неговото „писмо“ до некој негов (не)познат пријател има божем личен карактер – ама курназот го објавил на портал – само го дополнува впечатокот за карактерот, разбирањата и ставовите на македонскиот „уметник“ денес.

Не навлегувајќи во мотивите на неговото „торжествено“ писание и ветувањето дека ете, тој наш големец, нема повеќе да снима кај нас (не знам дали треба да прогласиме денови на жалост?), неговите петнаесеттина „точки“ се вистински јавни „тези“ за неморалниот однос на македонскиот уметник и кон државата, и кон еснафот и културата во целина.

Прво, како и сите други „уметници“, и овој, пред се’, не сака некој да му „… поставува речиси неостварливи услови за соработка и потоа спроведува инквизициски мерки на контрола“. Они бре брате, зашто се големи „уметници“, плус гооолеми Македонци, не сакаат услови, уште помалку контроли. Тие би „пари на рака, Мара за рака“, кеш што би се рекло и никакви прашања, да не речам контроли. Второ, како тоа нашите договори за финансирање на филмови да ти биле правени „… да ги набркаат потенцијалните приватни инвеститори?“. Можеби, повторно, би било поеднаставно со првиот принцип, без договори и „пари на рака, Мара за рака“, кеш што би се рекло? Трето, сега кога на овој „уметник“ нешто му пречи, веднаш и законите стануваат „погубни“ (ама порано не беа?) и можеби му ја ограничуваат „креативната“ слобода, ама порано не му ја ограничувале? (Ама „ограничувањето сепак не било толку страшно, зашто прво лапнал 30 милиончиња, потоа уште два, па и тие му биле малку!). Четврто, веднаш на помош се повикуваат едно чудо „колеги“, по правило неименувани, кои наводно „… се откажуваат од својата филмска професија и бараат алтернатива во снимањето реклами и музички спотови“ (со што, можеби, е „осиромашена“ македонската филмска „индустрија“?), а оние кои  се именуваат се токму од истата „сорта“ која би сакала директен влез во чекмеџето, во азното, непречено како и порано. На крајот, по правило, „главниот“ аргумент: „Зошто Македонија, држава во која денес многу се вложува во филмската продукција, во меѓународните филмски кругови има репутација на територија што треба да се избегнува?“. Е зошто де? И „уметничево“ никако не разбира каква контрадикција напишал, дека се открил целосно, да не речам се обезгаќил. Па ако навистина тооолку се вложува, зошто би не избегнувале? Да не е заради такви режисјорчиња кои сакаат да играат без правила, па заради некои други кои целосно ги празнат буџетите со нивните филмови, или оние кои кмишеа и кмишат кај „премиерот“ како главен филмски ментор во оваа „филмска“ држава, или кај „министерката“ која веднаш потегнува истраги зашто друго не ни знае што би работела, зашто …?! Да не е заради тоа, бре „уметниче“?!?

5.

И некако сите наши „уметници“, особено оние кои по некоја случајност избегале надвор па сега уживаат да солат памет, е сите тие да ти умирале „… од пуста носталгија и љубов кон професијата …“, па повторно од ептен љубов и којзнае какви други чувства ни довлекуват „… меѓународно реномирани имиња …“ (каде ли се отседнати тие?), па дури и нивни „… искрени пријатели …“, а ние, проста сељачаана, ги бркаме! Што љубов ќе беше тоа од нивна страна? Колку ли само чини, пресметано во долари? 32 милиончиња, во денари?

И како таа „љубов“ особено беше функционална и кај овега и кај неколкумина нему слични само во времето кога во државичево имаше неброени пари за нивните будалаштини, со директни владини и којзнае какви „доларски инфузии“, ама сега кога славинчето се затна „љубовта“ некако попушта и сите им се виновни? Како тоа нашиве „уметничиња“ одма клоцаат кога ќе им се земат скапите играчки, кога некој ќе се осмели да ги потсети дека постојат и правила, а не дај боже да им побара финансиски отчет? Веднаш се отвораат родољубивите дневници, се пцуе и се вика, сите се тогаш неблагодарни, не ја заслужуваат нивната „уметност“. Што е штета, се разбира. Ете ние ќе останеме ускратени за нивните ремек дела, ама можеби оние во „Градот на Ангелите“ ќе ја превземат улогата на државна цицка од којашто овој, и другите, ќе цицкаат кога ќе им се присака? Дај боже, можеби ќе не’ куртулат од нивното „уметникарење“, па на ред ќе дојдат и некои други деца, некои кои немаат дедо владика или не седат пред министерски и премиерски кабинети, некои кои исто така учеле школи и сакаат да покажат што научиле.

Белки некогаш ќе заврши и овој македонски од по соцреалистичките културни маки? Зашто сето ова многу заличува на потфатот на двајцата „Гинисови“ македонци – искрени честитки за Александар Чекоров и Александар Смилков – кои и официјално станале нови рекордери во дисциплината „Најголема далечина помината со туркање кола од двајца луѓе за време од 24 часа“. Токму на тоа веќе заличува македонската култура: на туркање на една празна кола во круг, непрестајно, тврдоглаво, до умирачка. А ја туркаат токму оние кои ја испразнија! Можеби за да им биде – полесно?

СМРДЕА ВО МНОГУ ЧЕКОРИ

1.

Иако е пролет, се’ наоколу замирисува на лошо. Замирисува – убива. Смрди. Се шири смрдеата од премногу усти, од премногу спотнати од чукање гради, од заседнати превртливи задници, од предавничка пот. Дури и еланот насобран кај луѓето издишува пред надоаѓањето на тој некаков гнасен мирис на одбивност, на необјаснива помирливост, на превртништво … познат одамна во Македонија, а последен пат на дело виден и помирисан 2002 година. Застојана смрдеа над една земја без демократска провев, над еден народ кој историски одбрал никогаш да не крене глава по свеж воздух, уште помалку рака да ја растера смрдеата. Ние не само што дозволуваме да ни се повторуваат нештата, туку самите ги повикуваме, им постиламе црвен тепих. Кај нас смрдеата се шири и персонално, ама богами и општо, кога веќе никој ништо не превзема. Смрдеата ни станува начин на живот. Не’ ништи безмалу  од сите страни, дури и од таму од каде што не ја очекуваме, од светлата страна, од малкуте позитивни енергии. И тие како да засмрдуваат, можеби и несакајќи. Или – под притисок. Ама под притисок и се проверува цврстината на нештата!

СМРДЕА

2.

Најчевска се згрозува, читам, од еколошките злостори на народов. Вели: „Отидов до Бањанска река. И ми падна мрак на очи. Ми рекоа дека сум го навредувала македонскиот народ. Дека не сум го сакала. дека народот бил секогаш во право. А јас мислам дека не сум го навредила доволно. Овој народ навистина заслужува се што му се случува. И сиромаштија, и неправда, и нечист воздух, и власт која го пљачка, и болештилаци, и потсмевање од сите наоколу, и … Народ кој не знае каде се фрла ѓубре, кој не знае дека не смеат да се сечат старите дрвја, кој не знае да ја заштити природата, не заслужува ништо подобро од Груевски и Мијалков и Ставрески и Гордана Јанкуловска“. Без намера да ги релативизирам нештата, особено не сега, ама може ли некој, па нека се и тие три персони, да залудат цел еден народ? Дали тој вид персонализирана вина ни го олеснува дишењето, не’ смирува, ни ја отстранува смрдеата под ноздрите. Онаа смрдеа што тлее по улиците, во институциите на „системот“, по конференциските сали, по општинските, градските и собраниските аули …? Се чувствуваме ли поудобно, полагодно, ни олеснува ли дишењето кога имаме (барем) три конкретни цели во кои ќе го впериме прстот?

Не, за жал! И никако не би сакал, а не можам да не се согласам со дијагнозата на Тричковски дека „… злото и несреќата понекогаш имаат културолошки димензии кои дозволуваат да се каже дека народите се виновни, а поединците во рамките на тие заедници се невини! Македонскиот народ спаѓа во народите кои пречесто и преинтензивно произведуваат жалост, мака и очај, од себе, од својот културен формат, како мала фабрика за несреќи во кои страдаат совршено невини индивидуи. Ние сме самите за себе еден огромен хендикеп, една огромна несреќа до мерка која ја прави апсурдна самата идеја за Македонија во услови на демократија“. Сега, фабриката за несреќи почна да произведува и голема смрдеа. Онаква, најлоша, ОПШТА, македонска, која што не’ сотира! Сите смрдливи нешта, и персони, излегуваат на површина. Чесните исклучоци, се разбира, ништо не можат да променат.

3.

И што всушност ние сакаме? Очекуваме проблемот да ни биде решение, злосторникот да ни биде судија, соучесникот да глуми медијатор … изворот на смрдеата да се опарфеми во миризливо миро? Очекуваме чуда? Ни ги имало, ниту пак ќе ги има. Барем не кај нас, зашто Господ одамна кренал раце од ова парче земја! И од овој народ.

И малку ни беше фамозната „Амстердамска тројка“, сега и Владо Поповски, па и Љубчо Георгиевски и којзнае уште колку и кои такви усмрдени лејки ќе ни солат памет? И ние мораме да ги слушаме? Ама – тие имале што да кажат! Ма немој, тие одамна кажале се’ што имале. И направиле. Нели ни беше доста од такви? И кој тоа, и зошто, нон-стоп на таквите им пика микрофон пред уста? Кој и што воопшто очекува од такви … ај да се воздржам, барем малку?

И повторно ќе ја тераме истаме приказна со амнестии и национални помирувања, со простување на грабежите и злосторствата? И зошто воопшто требаше некој да му простува на оној б’лгарки м’рсник? Нему, на жената му, на сите оние бараби околу него? Или на овој другиов кој со крената рака „за“  ги преспа во општинските и градските клупи сите злосторства над овој град? И без срам инкасираше, месечно, па дури и ни држеше предавања за историјата не вемерото? Која црна и каква историја познава таа шушумига?! Онаа што сакаат да ја чујат водачите му?  И сега, повторно, тој има нешто да каже? И навистина ли некој сака да го слуша? Ако имаме проблем со краткото паметење, белки немаме со сетилото за мирис? Зарем таква смрдеа лесно се заборава?

Природата, па и таа кај Бањанска река, ќе најде начин да се исчисти себеси. Можеби ќе и’ треба време, ама ќе успее. Ќе смогнеме ли ние сили да се исчистиме? Од оваа смрдеа, од овој џган, од овие бараби се’ уште заседнати како советници, пратеници, политиканти, (квази)лидери …? Изгледа нема, очигледно многумина уживаат во системскава смрдеа, во придобивките од онаа неизбежна „Смрдеа во сто чекори“ – па уште и надградена и проширена – та дури и нејзиниот творец сакаат да го седнат во идната експертска влада. Демек – тој не знаел со кого си има(л) работа! Бреее, ако му бил привремено затнат носот, барем за тоа има(ло) медицински препарати. Или и на Љубчо не му функционираше сетилото, и на Владо … и на Петре и на Трајче …? Или Македончиштето природно се раѓа без сетило за мирис? Жан Батист Грануи  го бараше вечно недостижниот мирис на младата женственост, ние како да не можеме без општествената смрдеа!

ФЕМЕН

4.

Ако „Вистината за Македонија“ беше / е’ тој моќен распрскувач на актуелнава застојана, лоша миризба, зошто мораме и понатаму да ги гледаме и слушаме овие загадувачи на и онака малото количество чист воздух во државава? Кој тоа ужива да живее во нивната и ним сличната смрдеа, кому тоа сега му оди в прилог? Или – колку посмрдливо, толку подобро? И како што полека не’ навикнаа на она убиствено загадување, на невоспитаното однесување, на глупоста, на криминалот … сега треба да свикнеме и на оваа смрдеа што ја шират поединци и групи низ градов и државава? И тоа да ни биде секојдневие? Науката вели дека смрдеата има шест интензитетни точки. До која сме стигнале ние, до последната? И после тоа – што? Треба да умреме од општа смрдеа?

Ќе се најде ли некој како ФЕМЕН да им скокне на маса на овие наши локални  битанги, да им ги искине хартиите и да им ги земе микрофоните? И да ги избрка од салата на политиката и нашите животи, еднаш засекогаш? Ќе не’ куртули ли некој, некогаш, од смрдеава?

да им ги земе микрофоните? И да ги избрка од салата на политиката и нашите животи, еднаш засекогаш? Ќе не’ куртули ли некој, некогаш, од смрдеава?

СИНДИКАЛНИ СПАНКОВЦИ

1.

Синдикатот на македонската култура – признавам, како и многумина други во културата, и јас сум изненаден од неговото постоење – порачува: „Сфати ја разликата: културата не е бирократија!“. Можеби не е, во принцип. Ама, можат со сигурност да го тврдат тоа и за денешната македонска култура? И кога тој мистериозен синдикат го сфати тоа? Од вчера, од пред некој ден … откако се разбуди од повеќегодишниот зимски сон … откако цела држава се крена на нозе против криминалите и злоупотребите од секаков вид, и ова синдикалистиве ли се свестија? И помислија дека можат и тие да прошверцуваат нешто во своја полза, да ќарат некоја придобивка на крилјата на општиот протест? Ако се цени по нив, богами, е’ бирократија, тешка!

Знам, долго ќе не’ следи она „а до вчера, што правевте?“, ама ако некаде му е местото, тогаш тоа е токму овде, поврзано токму со овој и ваков „синдикат“. Што се’ не и’ помина преку глава на македонската култура во изминативе години, кој се’ не ни е…..е мајката, од „министерчиња“ до полуписмени синдикални функционерчиња од типот на Дојчина, какви се’ „закони“ и „прописи“ се изнагледавме, сам Бог знае!  И сега, дури сега, малтене на зајдисонце, ќе ни кажуваат дека имало разлика помеѓу културата и бирократијата. Како што пред извесно време се осмелија да кренат глас против оданочувањето на хонорарите, што особено ги погоди. Не дај боже да им брцнеш во џебот. Ама тогаш, не знаеа ли за измените во Законот? Или се правеа мутави? И баш ме интересира која и каква е таа разлика, според нив. Многу би сакал некој од тоа таинствено здружение да не’ просветли и да ни одржи еден краток курс по разлики, и сличности.

И дури и бессрамно потенцираат дека тие, денес / утре, (ќе) протестираат против некои и некакви измени во Законот за култура направени – минатата година! До толку се шупелки што не умеат ни едно соопштение да завиткаат во некаков покултурен целофан за да не им се гледаат опашките. Па кој бре, луѓе божји, протестира денес за нешто што се случило минатата година? Или вие во тоа време спиевте? Ама сакате некој да ве сфати сериозно? А да започнете еден протест и против соцреализмот како инсталиран уметнички правец, таму некаде по 1945-та? Или барем против „неокласицизмот“, за да не изгледа толку бајато?  (Колку за информација, Указот за прогласувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за културата е уредно донесен на 28 февруари 2014 година! Е сега, ќе праша ли некој што правеше овој „синдикат“ повеќе од една година? Или толку им требаше на „мудреците“ да разберат што и како им сместиле овие од Министерството за (не)култура?).

2.

Е сега, само пред еден месец, некаде на почетокот на март, оној подеднакво мистериозен и полуписмен збирен СОНК, којшто се покажа како егземпларен тројански коњ во областите (образование, наука, култура) што демек „ги покрива“, насмеано објави дека Министерството за (не)култура и Синдикатот за образование, наука и култура ги завршуваат подготовката на предлог-колективниот договор за дејностите во културата на национално ниво, кој ќе ги уреди правата и обврските на околу 3.300 вработени во овој сектор кои членуваат во СОНК. И онака испосликани и весели „министерката“ и „претседателот“ на СОНК не’ убедуваа во нашата светла иднина со тој некаков Колективен договор.

Е па кој и каков е сега овој друг синдикат? И чиј е? И кој членува таму, ако во оние 3.300 вработени се вклучени и вработените во културата? Што всушност и не е многу битно, зашто оние другине, оние „тројанцине“ се со „министерката“ и им врви зборот. Ќе ги суредат работите. Тие, впрочем, и не спомнаа каква и да е’ бирократија. Можеби зашто не сакаат да одат против себе си?

Како и да е’, другиве „синдикалци“, после цела година, се почувствувале навредени што ги бирократизира никој друг туку омиленото им Министерство за (не)култура, со кое до вчера пријатно се усмрдуваа во една иста лејка. Ама сега – кренале глава: никој не смее да го навредува македонскиот културен работник, уште помалку да го нарекува бирократ! Зашто, велат, со измените во Законот за културата практично да ти било погазено нивното достоинство како творци, двигатели и негувачи на креативниот дух во културата, а воедно да ти било суспендирано и правото на колективно преговарање. (А оние онде што преговараат – кои се?). И, демек, тие никако не се согласувале нивниот труд и квалитет да биде оценуван од странци во комисии за избор и реизбор, па не се согласувале да бидат вреднувани според „учинок“, не се согласувале  нивните плати да бидат однапред законски дефинирани со што се оневозможува елементарното право тие да бидат предмет на колективно договарање, итн., итн. Многу несогласувања, можеби за тоа им требаше цела година, за да разберат со што не се согласуваат? Или, што би рекол народот, да им дојде од газот до главата?!

3.

И тоа не било се’. Тие дополнително не се согласувале и немало да дозволат вработените во културата да бидат заложници на политичките елити, креаторите на законите и нивните бирократски механизми. Малку нејасно, признавам, зашто заложници с(м)е одамна, не само од вчера, и не само заради измените во Законот. Ми се допаѓа што не сакаат да бидат заложници на политичките елити, ама впрочем тоа и не се. Зашто „министеркана“ и нејзината бедна дружина во Министерството за (не)култура никако не можат да се подведат под тој поим. Тие се само една збирштина која си го губи и сопственото и нашето време толку години. И не толку за времето, ама поарчија тони и тони пари за будалаштини! Иако, мислам, ќе ги вратат. На еден или на друг начин, сигурно!

И понатаму, синдикалциве немало да дозволат правото на синдикално организирање да биде суспендирано и заменето со ригидни закони кои не се преговараат, туку се извршуваат. Ама оние другине, оние СОНК-овци, нели преговараат, што ќе рече дека правото не им е суспендирано? И само овој Закон ли е ригиден? Имаат ли претстава и едните и другите синдикалци колку (токму ригидни) закони беа донесени годиниве? И како никој од нив не гукна за тоа, до вчера? Имаат ли овие луѓе претстава во какви политикантски ретроградни зандани влезе македонската култура годиниве, токму со нив, и со „министеркана“ и нејзината дружина?

И што ако синдикалците сега ги повикуваат сите уметници, сите вработени во културата и сите поддржувачи на културата да им се придружат заеднички да го изразат својот револт и да го одбраниме правото на креативност и творештво? Се согласувам дека никогаш не е доцна, ама сега да ја браниш „креативноста“ крвнички убиена пред толку години, е малку депласирано. И смешно. Не дека луѓе нема да дојдат, па и јас, можеби, ама … после смрт болест?!

4.

И повторно: како тоа, од цел еден ступиден Закон за изменување и дополнување на Законот за култура, после цела една година, „синдикалциве“ го запаметиле само делот за „трансформацијата“ на културните работници во бирократија? И му се наостриле на тоа ко муви на онакво. И се навредиле. Ништо друго ли кутриве не прочитале, или не разбрале?

На пример, не ги прочитале ли обврските што самото Министерство, како што е глупаво, си ги напишало, однапред знаејќи дека нема да ги исполни? На пример: „За остварување на националниот интерес во културата во согласност со Националната стратегија, Министерството за култура донесува годишен план за остварување на националниот интерес во културата“ (чл. 61). Го гледа ли некој тој план на веб страницата на Министерството, како што бара Законот? Или „Годишната програма за инвестиции во културата се објавува на веб страницата на Министерството за култура“ (чл. 70-в). Ја гледа ли некој таа програма на веб страницата на Министерството: Или, понатаму, „Министерството за култура до крајот на март во тековната година, донесува годишен извештај за работа на Министерството за култура за претходната година и го објавува на веб страницата на Министерството за култура“ (чл. 70-г). Видел ли некој таков извештај, не само за минатата година, туку воопшто, за осум-девет години наназад?

Или, зарем навистина се потресле од оние мерки и услови за вработување во културните институции? Па овие спанковци читаат ли, слушаат ли како народ се вработува во Македонија, и кој ги вработува, особено во културните институции (библиотеки, музеи – како „миленичиња“!)?

5.

Ама, нашиве „синдикалци“ највеќе ги заболело она навистина бирократско „категоризирање“ во културата на некакви даватели на услуги, на некакви идиотски ретроградни „платни разреди“ и слични будалаштини. Впрочем, во вистинското време – значи пред цела година – многумина јавно реагираа на таквите анахрони гледања на културата. Иако, за волја на вистината, после сите глупости годиниве, никој не ни очекуваше нешто подобро од оние неписменине во Министерствоно. Но за тоа време „синдикалциве“ спиеја, или собираа хонорари. Е сега – сакаат назад, ама не знаат како, па ајде на протести! Ама, дали навистина веруваат дека тие се баш оние од Господ дадени „творци, двигатели и негувачи на креативниот дух во културата“, денес, во Македонија? Зашто ако македонската култура и уметност спаднале на нив и нивниот дух, тогаш токму само уште Севишниот може да ни помогне. Ако македонската култура чека(ла) на овие спанковци кои читаат само она што лично ги засега, нив или нивниот џеб, можеме слободно и дефинитивно да ја отпишеме и прогласиме за покојна. Што впрочем и не е далеку од вистината!

И зошто, барем на еден од „синдикалците“ не му текне да побара и министрите за култура да имат „положено психолошки тест и тест за интегритет“, а богами да имаат и „ТОЕФЛ ИБТ“, како што бараат од  директорите на националните институции (чл. 6)? Така можеби и ќе добиеме малку посаглам министри!

„СТРУЧЊАЦИ“

1.

Мислам дека нема поголема интелектуална радост, поголемо љубопитно задоволство од тоа кога „компетентен“ човек, „стручњак“ или „експерт“, како сакате, ќе ви ги објасни нештата што одамна ве интересирале, дури ве мачеле во барањето соодветни одговори. Особено оние нешта со коишто безмалу секојдневно се сретнувате – да не речам судрувате – оние нешта кои просто ви бодат очи, и не само вам туку и на цел град, дури држава.

И таквите луѓе, тие „компетентни“, „стручњци“ или „експерти“, треба да се негуваат ко „малку вода на дланката“. Зашто, де факто, ги има малку навистина „компетентни“, „стручњци“ или „експерти“. Мислам кај нас ама и пошироко, во регионот и подалеку. Ние ги имаме доволно, иако никогаш не е на одмет и по некој плус. И кога тие ќе ви ги објаснат нештата што ве мачат, ко ново сонце (на слободата?) да ве огреало: ви се разбиструва пред очи, скриените тајни се откриваат пред вас, денот е конечно – поубав! Исто како, на пример, кога онаа партизанкана ви ја објаснува светската политика, или кога „министеркана“ говори за културната ни политика. Јасно како ден!

2.

Е токму така, сигурен сум, на многумина ќе им се отворат очите од новото и неверојатно откриете на нашиот „национален режисер“ со привремен престој (кога му притребуват пари!), кој во најновиот негов „уметнички“ напор во форма на видео клип постиран на ФБ, во неколку секунди, ни ги разјаснува сите мистерии околу „Скопје 2014“. И тие што сме ги имале, и оние што можеби не сме ги имале.

Поточно, првиот кадар е (режисерски и сценаристички) прилично нејасен зашто го прикажува подножјето / основата на еден столб, без попрецизно појаснување на времето, локацијата, градбата, дури градот / државата. Ама веќе наредниот кадар, во којшто се појавува една (мислам женска) рака и започнува да тропка по канелурите на столбот, веднаш ви ги разбива сите дилеми. Всушност, тоа повеќе го прави оној тап, празен звук што произлегува од тропкањето по столбот, оној звук на шупликавост, како кога ќе чукнете по нечија празна глава. И по неколкукратното тропкање, во различни интервали, раката мирно се повлекува и – уметничкото дело завршува. Штета што нема ни најавна ни одјавна шпица!

Но, битно е дека тука веќе се’ ви е јасно, барем на оние кои малку подобро си го познаваат градот. Прво, јасно е дека столбот е еден од оние квазијонски „столбови“ пред најновото ни Министерството за финансии на „чеканот“ Ставрески. Што пак веднаш не’ упатува на мислата дека, ете, режисерот се нафатил сериозно да ни ја открие тајната по којашто трагавме толку години, тајната на „разубавувањето“ на нашата метропола. Тој, во само неколку секунди, ни покажа, и докажа, дека се’ било заебанција, дека тие столбови се шупливи, дека тоа, и не само тоа, е само некаков конструиран филмски сет за филмот „Големата превара“, што веќе неколку години се снима во Скопје.

А сепак, ова режисерчево е доволно мудро да не ви ги открие сите тајни наеднаш, туку сака да ве натера да мислите и со своја глава. Па затоа, впрочем, и не ви го покажува целиот објект за да веднаш ви биде јасно кој е и каде е. Не ви објаснува ни дали клипчето (уметничко, се разбира) крие некои метафори од типот: дали шупливиот звук доаѓа само од Министерството за финансии, и зошто; дали (како што вели Бибер) и тој факт има некакво преносно значење; дали пак тоа значи и дека државата финансиски ни е шуплива; зошто, на пример, не отишол со неговата „актерка“ да тропне по столбовите на зградата на владејачката партија, што се наоѓа само дваесеттина метри подалеку … итн?

https://www.facebook.com/video/embed/async/dialog/?url=https%3A%2F%2Fwww.facebook.com%2Fvideo.php%3Fv%3D10155361276340648%26set%3Dvb.45136275647%26type%3D1

Она што режисерот не ни го открива, е името на големиот мајстор на филмот „Големата превара“, чиј сегмент илити сценографија ни ги прикажал. Не знам зошто, можеби зашто едно време беа пријателчиња? Или можеби зашто и ова режисерче има свои деееебееели заслуги за тој гооолем „филм“? Не знам, ете тоа ми останува нејасно после ова фантастично просветителско „уметничко“ дело!

3.

Слично просветление, ако не и посилно, и „стручно“ едновремено, се разбира, човек можеше да сподели низ „толкувањата“ на еден „национален архитект“ – бреее, се’ национални типови! – кој онака речито, безмалу филозофски, ни објасни зошто ГТЦ не е тоа што мислиме и зошто треба да се преоблече во ново руво. Ама неговото „ремек дело“ – не, тоа морало да остане како архитектонско наследство за иднината! Каков мудрец, нешто како и „режисерчено“.

Нејсе, „националниот архитект“, прво, воведе едно сосема ново толкување во архитектурата: дека таа мора да се цени првенствено според профитот што (ќе) го носи нејзиниот ентериер! Па така, бидејќи ГТЦ на Живко Поповски на тамошните дуќани и дуќанџии им носи само зијан, односно тие токму заради изгледот на објектот се постојано во загуба, тој мора да се преоблече. Какво фантастично откритие, и решение! И тоа ќе рече дека квазибарокната односно квазинеокласичната фасада на ГТЦ ќе биде дефинитивното откровение / решение на сите финансиски маки на продавниците во тој објект. („Националниот архитект“ не појасни како, и зошто, такви финансиски, а и други проблеми немаат апсолутно модернистичките / современите архитектонски зданија како City Mall, Capitol и други, а се наоѓаат дури на перифериите на градот, за разлика од ГТЦ којшто е во самиот центар?). И мислам дека „стручњаков“ им даде прекрасен шлагворт на сите фирми (државни, приватни) за нивните економски неуспеси: обвинете ја зградата! Таа е единствено виновна за вашите промашувања и економски падови, објектите на факултетите се тие што „произведуваат“ лошо образувани кадри, можеби и старана и никаква зграда на Министерството за финансии е виновна за економскиот колапс на државата? Сега со новата, онаа (квази)неокласичната, по којашто тропкаше „режисерчено“, кога ќе ни тргне …!

Едновремено, иако некако очекувано, „националниов архитект“ по којзнае кој пат не’ убеди дека човекот е само и единствено – хомо политикус. Односно, дека „таму некои“ (а всушност безмалу цел град) му опонира на неокласицизмот само и единствено заради политички причини, зашто сакале да се пресметат со власта!? Види, види, какво политикантство! Ама инсистирањето пак на власта на примената на таков ступиден архитектонски „исказ“ во Скопје не е политички диктат?!

ГТЦ

4.

И се’ така со ред овој „стручњак“, лека полека, ни ги отвори очите за едно поинакво гледање на само на ГТЦ како на објект – зашто, вели, „фасадата на ГТЦ нема којзнае какви заслуги за презентацијата на македонската архитектура“, што повторно ја потврдува одамна утврдената вистина дека архитектурата е всушност само фасада – туку и на архитектурата, па и културата и уметноста во целина. Зашто, нели, тој како „гооолем“ архитект ни тврди дека никој, па ни градот, уште помалку Македонија, нема ништо да загуби ако таа безвезна фасада на ГТЦ се смени, или пресоблече, како сакате, во некој од (кај нас) актуелните архитектонски „правци“, на пример одвратниот (квази)неокласицизам.

Но тој, како „стручњак“, нели, тврди и многу повеќе од тоа. Тој не’ воведува во полето на авторските права и поставува параметри за целата македонска архитектура, култура, уметност … укажувајќи ни, нам необразованите, дека авторските права се законска категорија (каков Колумбо!) и ако сакате да го заштитите својот објект (во случајов ГТЦ, а инаку и кое и да е’ друго дело!) не било доволнмо да е „напишано дека вие сте го проектирале“. Или насликале, или напишале, или што и да е’ друго од областа на креативниот чин. Овој „стручњак“ не’ просветлува дека и Живко и сите други живковци во сите други творечки области морат да си го регистрират делото во некоја авторска агенција. Без тоа – труба, сите знаат дека тоа е ваше дело, ама тоа и не е ваше дело зашто не е регистрирано! А тој, „стручњаков“ мудрец, си го регистрирал своето монструмче наречено Спомен куќа на Мајка Тереза, и сега никој не смее да го пипне!!!

А пусти ГТЦ, кој му е крив: ем е само фасада, и тоа беззначајна, ем авторот ги продал авторските права!!!

Не знам навистина уште колку долго ќе живеевме во интелектуален и стручен мрак да не беше човеков. Па и оној првиот. Навистина ни требаше просветлување од ваков тип. Знам луѓе кои сериозно се конфротираа со многумина тврдејќи дека скопскиве градби се за навек, дека ние критизерите сме само љубоморни и ги озборуваме оние кои работат, дека ваква творечка експанзија не е видена кај нас. Кога – оној првион вели дека сето тоа ти било шупливо! А знам и луѓе кои сечеа рака за ГТЦ, дека бил ремек дело, бисер на постземјотресната скопска архитектура … а овој вториов глатко ни плесна в лице дека тоа било само – фасада! Во какви заблуди сме живееле, за што сме се залагале. Не знам што ќе правевме без овие.

5.

Единствено што малку ми го мати умот во двата случаи е следното. Кај првиот, на пример, зошто дури сега? Зошто ја остави цела нација да живее во заблуди кога она женско раче можеше да тропне веќе на првиот столб во Скопје, на пример кај оној „фамознион“ Археолошки музеј, плус Архив, плус Уставен суд (каков иновативен концепт!)? Уште тогаш се’ ќе ни беше појасно, а „националниот режисер“ ќе беше и национален херој. Може ќе пропуштеше неколку милиони евра, или долари, може немаше да биде ни национален уметник или културен амбасадор и се’ друго што прибра низ годиниве, ама можеби ќе беше почесен човек? Којзнае!

И во вториот случај ми е горе-долу се’ јасно. Ни требаше вакво отрезнување, особено она од типот на продавањето на авторските права, што пак ќе рече дека во таков случај секој може да ти го силува делото како сака и кога сака. И око да не му трепне. Ама неговото монструмче – не смее. Никој не смее да го пипне зашто било регистрирано! Бреее, каков пронајдок. А ако му го демонтираме и му го однесеме дома, и тоа ли би било нарушување на неговите „авторски“ права?

Она што не ми е јасно, особено заради фактот дека „стручњакот“ се повикува на закони, се неколку члена токму во Законот за авторското право на РМ. Не знам, не можам да тврдам како и што читал „стручњаков“, ако читал, ама нашите прописи велат поинаку. На пример: „Авторското право е самостојно право и независно од сопственичкото право или други права над предмети/ствари во кои е содржано авторско дело, доколку со закон поинаку не е определено“ (чл. 6); или дека „Доколку сопственикот на архитектонски објект има намера тоа дело да го преработи, е должен таа преработка првенствено да му ја понуди на авторот на изворното дело, доколку истиот е жив и е достапен на вообичаен начин“ (чл. 10), и понатаму „Доколку авторот неоправдано ја одбие понудата од ставот (1) на овој член, сопственикот на делото стекнува право на преработка, но е должен да ги почитува моралните права на авторот“; или „Авторот има право да се спротивстави на менување, деформирање или сакатење на делото што може да наштети на неговата личност, чест и углед, како и на уништување на делото“ (чл, 24) и уште многу други одредби што речито го демантираат „стручњакот“!

Иако, мислам, вакви „стручњаци“ дури и кога читаат, не знаат што прочитале. Но, да речеме, и сето тоа да не е важно, и сето тоа да не иницира сериозни дилеми во реченото / направеното. Еве, нека останат само моралните права на некој „безвезен“ архитект (кој дури добил и награда за објектот, иако „стручњаков“ и неа ја негира!), нека остане само етичката страна на проблемот. Нека се тргнат на страна и сите реакции не само од архитектонскиот еснаф туку и од огромен дел од граѓаните на Скопје, сепак повторно останува прашањето: како е можно еден „архитект“, па нека е и со наводници, да оправдува уништување на дело на друг колега? Или онаа грабежливост на режисерчено од првион случај, кога им го дрпаше цел буџет за филм пред носот на колегите? Што народ е ова, каков е овој (не)морал, какви се овие „стручњаци“?

ШЕСТАТА ТЕШКОТИЈА

1.

Речиси е неверојатно како Брехт, пред цели деведесет години, пишувајќи го текстот Пет тешкотии во пишувањето на вистината, пред очи како да ја имал Македонија 2015 година, а не фашистичка Германија од 1935-та година. Можно ли е нештата така циклично да се повторуваат на еден мал простор, или генијот на Брехт бил толку голем што поставил тези за сите времиња (и сите простори) кога станува збор за вистината и нејзините јавни манифестации? „Оној кој денес има намера да им се спротивстави на лагите и незнаењето и да пишува вистина, мора да надмине најмалку пет тешкотии. Мора да има храброст да ја пишува вистината, иако таа секаде се потиснува, ум да ја препознае, иако таа секаде се прикрива, умешност да ја направи употреблива како оружје, промисленост да ги избере оние во чии раце вистината станува делотворна, лукавство да ја прошири меѓу нив. За оние кои пишуваат во фашистички режим овие тешкотии се големи, но тие постојат и за сите оние кои се прогонети и избегани, па дури и за оние кои пишуваат во земји со граѓански слободи“, констатира Брехт. Маестрален приказ на ситуацијата со вистината вчера и денес во Македонија! А сепак, и покрај сите тешкотии, таа пробива, како што велат некои, како шило. И се шири и станува се’ поделотворна, секој ден се’ повеќе. Удира право в лице!

Оттука, речиси и да нема веќе човек кај нас – освен онаа група десперадоси, се разбира – кој се сомнева во тврдењето на Фрчковски за валидноста на латинската Aut dedere aut judicare (За стореното мора да се пресуди), како метафора и за сите други криминални дејанија а не само за повторно актуелизираните „Хашки случаи“. И тие нема да бидат осамени меѓу сите други случаи што („кога тогаш“, како што вели Фрчковски) ќе потпаднат под оваа латинска сентенца, зашто шилото стана неумоливо, и врти ли, врти.

СКОПЈЕ ПЛОШТАД

2.

И повторно, веројатно ништо од тоа не е, или нема да биде спорно. Ама, како што кај нас обично бидува, спорно е сето друго – или шестата тешкотија – што можеби нема да потпадне под вакви силни (и обврзни!) латински изреки, сите други „нешта“ што нема да добијат таква звучна етикета, па дури ни лепенка од типот на тежок криминал. Е ние тука секогаш паѓаме. По правило. Тогаш тука кај нас почнува да проработува шестата тешкотија: некаква смешна помирливост, некакво двоумење помешано со лажна христијанска патетика, дилеми од типот „па дали е сега време“, „па дали е тоа неопходно“, „та нели може и поинаку“ и слични будалаштини. А имаа ли овие дилеми, можеби?

Во таквите состојбите, кога тажната приказна завршила – а и оваа наша премногу несреќна приказна ќе заврши, кога тогаш – или е веќе при крај, можеби е и нормално да се јавуваат и такви дилеми. Односно, ако главните виновници / наредбодатели бидат подведени под словото на законите, во што веќе никој не се сомнева, зошто би се арчело време, средства и емоции за разноразна ситна боранија, за оние стотици капо-и кои „само“ извршувале наредби, заради лична или групна корист, заради унапредување, заради … што и да е’? Како уште сега да се слуша тапото ехо на шестата тешкотија, на  идните помирливи гласови (божем) на совеста дека на овој народ му треба помирување, му треба нова перспектива, му треба – иднина!

Па токму тоа и е’ поентата. Ни помирувањето, ниту перспективите, уште помалку иднината, ќе дојдат со нерасчистени криминали, со евидентирани а неказнети злосторства (некои и со потенцијалната етикета на злосторства против државата и народот!), со утврдени малверзации и хохштаплерај со далекусежни, а често и несогледливи последици. И не сакам јас овде туку-така да ламентирам и компарирам т.н. „Хашки случаи“ со „Скопје 2014“, „Мавровски работници“ со упропастена иднина и / или кариера на редица македонски творци / уметници / интелектуалци … Директната, од омраза или садизам предизвикана човечка болка и / или смрт (како злосторство против човештвото) е немерлива со што и да е друго, безмалу! Но дали пак тоа значи дека туку-така ќе ги занемариме долгорочните и не така лесно разрешливи последици од актуелните повеќегодишни опустошувања / девастација на Скопје? Комплетното бришење на столетната меморија на жителите на овој град? Монструозното ништење на неговите некогашни симболи, малоумното „редизајнирање“ на неговите препознатливи топоси? Апсурдното ретроградно нагрдување на неговиот Плоштад, шарлатанското „украсување“, дилетантските „урбанистички“ решенија, загрозувањето на виталните институции, уништувањето на течението на реката Вардар …?

Зарем тоа не се истородни злосторства против граѓаните на овој град? И како ќе бидат казнети?

Веќе неколку пати пишував дека (нај)младите скопјанчиња родени околу 2008-та денес веќе одат в училиште, пораснале меѓу онаа грдотија на градскиот Плоштад и околината, ги гледале од нивната „жабја“ перспектива оние монструми над нив и в сон се плашеле. Оние пак родени некаде околу 2000-та, сега се веќе тинејџери кои можеби и не виделе подобро од ова што им го понудиле овие злосторници. И ако (главно) сите сознајни инструменти и мисловни матрици се формират во првите години на единката и тоа главно преку комуникациите се најблиската околина, какви идни граѓани се формирале во ова и вакво Скопје? И кој ќе плати за тој злостор? Ако на тоа злосторство наречено „Скопје 2014“ не може да му се залепи етикетата „злосторство против цветот на граѓанството“, на кое може? Која и каква (измислена или ретуширана) „херојска“ историја учеле и ќе учат до догледно време овие деца преку оние квазиспоменици низ централното градско подрачје? За која и каква уметност и архитектура низ „визурите“ на денешно Скопје ќе можат да дискутираат со нивните врсници од Европа и светот? Првото нивно излегување од Македонија за нив ќе претставува непоправлив културен шок! Додека другите им говорат за Лувр, за Теит Модерн, за пирамидата среде Лувр, за Заха Хадид, за Валенсија на Калатрава … нашиве деца ќе им го објаснуваат Музејот на македонскиот хорор, „убавините“ на Спомен куќата на мајка Тереза – што ли?

Има ли некој одговор на овие прашања? И постојат ли соодветни казни?!

ТУРИСТИЧКА СТРАЖА

3.

Или, ако се прочешлаат повеќегодишните програми „од национален интерес“ на Министерството ни за (не)култура, каква слика се добива за развојот на македонската култура и уметност во изминативе години? А особено ако повнимателно се прелистаат сите одбиени проекти и програми, оние што не ги задоволиле партизираните „вскусови“ на тамошната бирократија, каква тогаш жална слика се исцртува за упропастени можности, за исечените надежи, за дискредитираните културни и уметнички идеи на оваа земја?

Кој и како ќе ги објаснува расфрлањето со буџетските пари на партиски диригирани идиотизми, свесното заобиколување (да не речам газење) на културните и уметничките потенцијали на оваа држава само заради нивната поинаква партиска и идеолошка ориентација или независно мислење, кој и како ќе ги оправдува тенденциозните заобиколувања и етикетирање на секое од партиските „норми“ поинакво однесување во македонската култура, како на сегашните но особено на идните генерации ќе им се објаснат незамисливите злосторства против културното наследство низ формите на нечинење и едноставно игнорирање на проблемите, како …?

Има ли во тие меѓународни акти и прописи одредби што ги тангираат злосторствата против културата и уметноста на еден народ? Ако ги има – тие се апсолутно применливи во нашиот случај; ако ги нема – треба да се допишат, барем во нашето законодавство, со ретроактивно дејство! Зашто она што го проживуваше македонската култура и уметност под раководните шепи на овие неписмени шалабајзери е токму злосторство од невидени размери.

Ако талибанцине, а потоа и оние од ИСИС, најпростачки и најнасилнички – со динамит и со токмаци – се „справуваа“ со омразеното им културно наследство, зарем нашиве методи „во ракавици“ се многу подобри? Динамитот и токмакот рушат во миг, нашиве „ракавици“ тоа го прават полека и континуирано. Или – со стиропор! И тука нема никаква разлика, освен во пристапот и методот!!!

И кога еднаш ќе се раскрилат тие процеси, кога ќе се отворат архивите на направените злосторства, којзнае и што друго ќе излезе на виделина. И кога ќе се направат рекапитулациите – на потрошеното, на уништеното, на одбиеното, на ненаправеното – пак ли ќе се најде некој мудрец со шестата тешкотија, некој кој ќе предлага цивилизирани мерки?

4.

Ако пак, понатаму, се сочинат такви рекапитулации на злосторствата и во другите области (не само) на општественото живеење, почнувајќи од образованието, науката, екологијата, здравството, медиумите … каков ќе биде заклучокот? И повторно ли ќе кажеме: да, ама тоа не се „Хашки случаи“?! Зарем повеќегодишното континуирано и монструозно труење на еден цел град не е „Хашки случај“? Или упропастувањето на генерации и генерации млади низ полуписмени наставни програми и уште понеписмени учебници?

Оттука, Брехтовото „спротивставување на лагите“ и заложбите за вистината не може да се ограничи само на „Хашките случаи“ и ним сличните. Храброста да се осознава и шири вистината не може да се држи на политички учкур и да се попушта или затегнува како кому ќе му текне, и ако му текне, зашто сите сме веќе „Хашки случаи“! Освен оние кои не се, односно кои се одговорни за сето ова!!!

ПЛЕМЕНСКИ „ВРЕДНОСТИ“

или

ЗОШТО БУДАЛИТЕ НЕМААТ РОГОВИ? (5)

ТОАЛЕТИ 1

18.

Остана уште еден битен, ако не и најбитен, аспект на фамозниот ни (п)откуп на „национални вредности“ во ликовната уметност од страна на Министерството за (не)вредности и (не)култура: националната вредност како таква односно идиотскиот обид истата да се „дефинира“, или етаблира, во современата македонска уметност токму низ оваа „изложба“.

Но, прво, токму за поимот национално воопшто, па и во уметноста, за што, патем, пишував доста и порано, особено после детски неуките обиди на оние како Двоцевски да ни инсталираат некаков „нов вредносен систем“ почнувајќи уште од Венко Марковски – и застанувајќи кај него – зашто толку им беа знаењата. Имено, упростено, има ли нешто „понационално“ (ако воопшто може така да се каже!) од една Национална галерија? И сега, ако овие се тооолку забегани по „националното“, можно ли е да остават една таква институција буквално и со години да се распаѓа, како што впрочем видовме и од неодамна објавените фотографии на колегата Лисичков? Една институција којашто како некогашна Уметничка галерија „Скопје“ беше првата таква институција во Македонија (основана 1948 година), а потоа, заради важноста, заради културното богатство во неа, заради дејноста … преименувана во Национална галерија на Македонија. Фотографиите на состојбите во јавните тоалети во таа национална куќа за жал не можат да го доловат и мирисот (да не речам смрдеата!) што се шири од тие простории, за да гледачот стекне целосен впечаток. Но, кој сака – што никако не го советувам – може да појде и да се увери на лице место. И не само во руинираност на тоалетите, туку и во комплетната девастација на целиот простор, прво во „Мала станица“, па и понатаму! Простор којшто само до пред неколку години, пред доаѓањето на „патриотиве“, беше бисер на Скопје!!!

Ама затоа, на идиотскион ни Музеј на македонскиот хорор, на којшто до сега се потрошени околу дваесеттина милиони евра (или нека бидат и само 13,3 милиони, според „министерката“), сега му требале уште 500.000 евра за да си ја досуредат – конференциската сала. Бреее, и какви ли значајни конференции ќе се држат таму? И кој ли ќе ги држи, Ачковска и „директорон“ со марките и разгледниците?

Тоалет 4

19.

Оттука, што воопшто (им) значи поимот национално во културата, а особено во уметноста, ако се спремни да остават една национална институција така  катастрофално да пропаѓа, а во другата непотребно да се расфрлаат милиони евра? Или некој сака да ми каже дека повеќе посетители (и туристи) одат / би оделе да ги гледаат оние смешни восочни човечиња што глумат македонски војводи и сите други хорор приказни во таа „куќа“, наспроти националните уметнички збирки кои би можеле да бидат современо и професионално презентирано во објектите на Националната галерија? Или и во националното има нешто „понационално“ и помалку национално? И кој ја прави дистинкцијата? Сарајлија и Канческа? Или онаа т.н. Комисија за (п)откуп? Па токму затоа и се препелкаме во вакво ѓубре!

Немам никакви дилеми дека и ова чудо е само дел од оној самонаречен „нов вредносен систем“[1] во државава, пропагиран од хистерични новинарки и чорап аналитичари, маалски филозофи и слични будали. Впрочем, ги читавме и нивните бисери, крстејќи се притоа на плиткоста на умот и егземпларното непознавање на националната култура и уметност, а никако не успеавме да видиме ни назнака од тој „нов вредносен систем“. Барем не на конкретни примери, освен неколку имиња (Венко Марковски, Јован Котевски, еден смешен стрип цртач и – толку), кои пак, искажани од устите на оние погоре спомнатите, дури повеќе личат на навреда за истите отколку на пофалба.

Но, во конкретниот случај со (от)купените дела под фирмата „национална вредност“ или „национална уметност“, гледаме многу поконкретни имиња од само оние две-три претходно спомнати. Но овие „новиве“, споредени со претходните, се тооолку конкретни што просто го загадуваат просторот околу себе. Тие „нешта“ – зашто навистина е срамота и да се наречат уметнички дела – сега и овде поттурени како некаква фамозна „национална вредност“ во уметноста, повеќе наликуваат на некакви вуду предмети за повикување на дожд или бериќетна година отколку на дела што би можеле да урнат некои претпоставени стари вредносни системи во уметноста!

Тоалет 6

20.

А всушност, целиот тој концепт на „национална уметност“ или „национални вредности“ е изживеан и преживеан во Европа и светот во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век. Ако ние тоа, заради објективни историски причини, не сме го направиле во тоа време, тоа не значи дека не сме го направиле воопшто. А ако овие тутурутки тоа не го знаат, тоа е сепак нивни проблем.

Зашто, Македонија односно македонската култура и уметност, токму заради објективни историски (не)прилики, некои важни за нацијата и државата аспекти мораше да ги прави подоцна, дури по формирањето на првата држава, што ќе рече после 1945 година. И тоа било мање-више направено, особено во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, прочистени се доста прашања и аспекти (теориски и практично) на т.н. национално во уметноста и културата, на потенцијалните национални вредности во ликовната уметност и слично. Дури, по мое скромно мислење, тогаш и се претера со таа „национализација“ на уметноста, со барањето на некакви (дури и измислени) аспекти на „одразот“ на националното во ликовната уметност (особено кај Б. Петковски), тоа „национално“ дури се земаше и како некаков валиден критериум, се „прогласуваше“ и „национален колорит“ (!?) и секакви други будалаштини. За среќа, тоа не траеше предолго, ама сепак го одвлече вниманието од инхерентните вредности на самото уметничко дело кон некакви национални ќорсокаци и козји патеки.

Меѓутоа, тоа да се прави сега, на средината на втората деценија на 21-от век, е безмалу налудничаво. Ако пак овие денес не знаат, или не сакаат да знаат заради икс причини (а не можат да не знаат зашто барем три тутурутки од т.н. Комисија многу добро знаат што и како се случуваше во македонската историја на уметноста пред три-четириесет години), тогаш – нека се резилат. Но зошто ја резилат и професијата, и институциите?

А всушност, како што исправно забележува Ранко Дакиќ, македонски уметник со долг „стаж“ во Берлин, терминот „национална вредност“, особено во уметноста денес е тотално нејасен, односно непостоечки. „Каква е таа ’вредност’ национална, возвишена, специјална, чиста, изворна, патриотска, доминантна, од граница до граница или што … ???!!! Ваква терминолошка назнака сум сретнал само во периодот на фашизмот во Германија 1933 – 1944 и сега во 2015 лето господово во Македонија“, вели Дакиќ. „Или пак ’национален уметник’ … што е тоа, кои се тие креатури национални, посебни, елита, кој ги назначува, потврдува, оценува … Замислете си сега да му кажеме на Baselitz или на дивљакот Markus Lupertz, или пак на оној улавиот Jonathan Messe ’ти си национален уметник’ или ’твоите дела се од национална вредност’. Јас сум убеден дека ќе се засрамат и ќе бидат увредени, а Markus може и да ве удри, он е опасен господин …“!

Но така би било во Германија, претпоставувам. Во Македонија, нели, важат други „стандарди“ и „критериуми“, оние на полуписмената багра којашто не разбира подалеку од носот. За жал. Или човек треба да помине подолго време вон Македонија па некои нешта, особено во уметноста, да му се разјаснат, да почне да ги „прима“ како останатиот цивилизиран свет? Нашето настојчиво негување на некакви примитивни „племенски вредности“ разбирливи само нам само не’ оддалечуваат од нормалните (европски и светски) текови на културата и уметноста. Ако ние не успееме да ги доближиме / компарираме „нашите“ вредности со европските и светските, ако продолжиме како во малоумен инкубатор да подгреваме онакво племенско ѓубре како на оваа изложба и потоа го растеме како „национална вредност“, тогаш веќе одамна сме ја загубиле трката со светот. Вредноста е една и таа нема и не може да има национални бои. Ако вредноста / „приказната“ се допира и до некои пошироки национални „теми“, како на пример „Крик“ на Јанешлиева, дотолку подобро. Но тоа пред се’ се проверува на меѓународниот терен на Уметноста, а не пред некоја македонска селска задруга, со шише топло пиво в рака! Таа типична „национална“ црта само го комплицира и онака сложениот историски и уметнички македонски мозаик, го подведува под секакви сомнителни лични, групни, партиски и секакви други „критериуми“, уништувајќи го и она малку потенцијална уметност во себе. Националносто денес е само географска и евентуално идентитетска одредница, никако одредница за квалитет. Особено не во Уметноста!

Тоалет 3