Monthly Archives: May 2019

СОМОВИТЕ КАКО КОНСТАНТА

Не добив ниту еден обид за погаѓање на потенцијалниот иден шеф на мистериозниот „државен Македонски културен центар во Србија“ – „проект“ во подготовка на најновиот капиталец-советник на премиерот. Добро, можеби јавноста не е баш многу заинтересирана за таа дестинација, или пак никако не може да прокљуви кој ќе биде предложениот кандидат од страна на капиталецот, па молчи. Но сепак, рано е за таков лов во матно, но сигурен сум дека некакви имиња се вртат во „проектот“. Мојот тип безрезервно оди на нашион неодминлив библиотекар-академик, другар на капиталецов од времето на разноразните издавачки комисии на бившион премиер-криминалец за пласман на македонската книга низ Млечниот пат и пошироко. Иако целиот нивен тогашен „проект“, сосе тиражот, заврши во подрумите на неколку македонски културни институции, ама што па врска има тоа? Биографов не се предава кога се во прашање пари, никако. Иако, ме плаши, признавам, дека и овој „проект“ ќе има таква судбина. Зашто овие двајцава, па нека се и сам по сам, се непредвидлив уништувачки тандем. Е сега, треба и да си го образложам предлогот, нели. Па, мојот предлог за оној библиотекар-академик не се базира само на нивната капитална соработка и умешност за чистење на државниот буџет. Вториов цел живот го помина како библиотекар во Белград, од каде неговите вмронски пријателчиња го усисаа директно во МАНУ. И понатаму во сите можни нивни „комисии“. Тоа ќе рече дека овој ловец во матно е апсолутно квалификуван за тоа место. Го познава „теренот“, сигурно има цврсти национал-шовинистички врски … што друго ви треба за таков „пост“? Дури не би ме зачудило ако утре, задутре, се установи дека и „проектот“ е всушност нивни заеднички!

Апропо, ми се допаѓа таквиот начин на предлагање „проекти“ директно во канцеларијата на премиерот. Бум – „проектот“ на маса, месечниот хонорар за рака! Човек ќе се праша зошто ли постои она наше МНР како надлежно за македонските амбасади, културни центри и слични таканаречени декапе-а? Или Министерството за култура, како божем надлежно токму за културните центри? Ама сомовите знаат низ кои тињи полесно пловат нивните големи глави, каде има меки души на кои може да им се плаче, да се кука, да се корнат коси за тешкиот живот, за малата (професорска) плата, за потрошените хонорари од изминатине дванаесет години зашто животот кај нас континуирано поскапува, итн. Веројатно играт и на картата дека некој, ете, им се одмаздува, а тие кутри – невини. А може патем и малку да се оговара, онака – како стрина сред село, да се кажат лаф-два за некој противник кој као им мисли лошо, не само нив туку и на македонската култура, па и на целата држава. Така функционираат македонските сомови во културата, така се научени. Тоа се вика македонска сомовска школа. Еден друг, од друга бранша, исто така капиталец, ја применува(ше) истата тактика: директно во кабинетот на премиерот, кој и да е’. Тој, на пример, додатно уживаше и да го шета криминалецон од Будимпешта по улиците за време на подготовката на неговите „проекти“, се разбира со претходна најава до сите македонски медиуми. За да можеме и ние да уживаме во нивните мудросерски прошетки, па и јавно да се види кој има влијание, нели, кому сите врати му се отворени, а не како онаа останата македонска раја која мора да се пријавува на некакви приземни конкурси, да пополнува пријави, да се малтретира до стоиедно и назад, па да ги оценуваат и преоценуваат секакви шустери и шалабајзери преоблечени во стручни комисии … Ваквите македонски културни сомови капиталци апсолутно ја збогатуваат македонската култура на сите можни начини, особено со нагледните поуки за помладите кои ги гледаат, и ги учат, секако, сите финти и безобразлуци, сите подлости и марифетлуци како да се изигра системот.

Она што останува непроменето во ова време на промени не е само ловот во матно и сомовите (капиталци или обични, сеедно). Непроменета останува тишината, онаа необјаснива штама кога се во прашање овие појави на македонската (не само) културна сцена во континуитет од (веќе) четиринаесет години. Зашто, промените во суштина не променија ништо. Не ги променија дури ни сомовиве – што и не е преголемо изненадување – веројатно наивно очекувајќи дека тие кога-тогаш ќе се престорат во златни рипки. Зошто молчи македонската култура на ваквите појави, зошто молчи македонската јавност на сите вакви насилија врз македонската јавна свест? Тоа е одличен предмет за сериозно научно истражување. Не ги вбројувам овде бројните коментари на социјалните мрежи, меѓу кои повеќето погаѓаат точно во целта. Тоа е сепак поинаков вид реакција. Меѓутоа, еве, имајќи го предвид развојот на настаните со безрезервната покана за започнување преговори со ЕУ, па и фактот дека и нашето членство таму еднаш ќе се случи, зарем навистина мислиме дека со вакво однесување местото ни е таму? И зарем во некоја членка на ЕУ се случува вакви сомови да добиваат државна поддршка вон сите званично востановени канали, а јавноста на тоа да не реагира? Или чекаме да станеме членка на ЕУ па тогаш да го смениме нашето однесување? Се разбира дека е точна констатацијата на г-ѓа Шеќеринска дека не можете да изградите членка на ЕУ за три години, ама ние божем ја градиме веќе триесет години, нели? Прашањето е дали навистина сакаме да ја изградиме? И зарем сомовите се навистина наша константа?

А во таа „приказна“, не можеме да очекуваме дека сето она во основа некултурно, срамно парадерско и простачко манифестирање на некакво свое „значење“, (фиктивна) моќ, недопирливост од страна на сомовите ќе се промени само по себе или дека тие некогаш ќе се засрамат. Такво нешто нема да се случи зашто тие не знаат за срам. А целото нивно „значење“ и „моќ“ се фиктивни, реална е само недопирливоста, а и таа доаѓа од поддршката на политиката а не од културната јавност. И токму тоа највеќе иритира! Без оглед што јавноста – или најголемиот дел од јавноста – молчи, тоа не е оправдување на постапките на овие, уште помалку на политиката што ги поддржува. Ако пак и тоа не го знаат одговорните, ништо не знаат!

СОМОТРАНСФОРМАЦИЈА ИЛИ НЕРЕАЛНИ ОЧЕКУВАЊА

Реални ли се очекувањата дека ако уште утре ги почнеме пристапните преговори за влез во Европската унија, тоа – нашето „приклучение“, де – ќе се случи многу бргу, да речеме за година-две? Реални ли се очекувањата дека епохалната распаљотка во врвот на СДСМ значи и нов дух односно нов курс и за Владата на државава? Реалните ли се очекувањата, како што мисли г-динот Шилегов, дека оставката на Павле Богоевски и чистката во неговата партија ќе значи и добредојден сигнал во врхушката на криминалното здружение кое се’ уште глуми опоцизија? Апропо таткото на градов, реални ли се и очекувањата дека еден забавен парк за кој што во ветар ќе фрлиме 11 милиони евра ќе привлече некаква туристичка навала во Скопје? И понатаму: реално ли е да се очекува дека сега, по (демек) итното усвојување на предлог-законот за Охрид нештата таму ќе се средат (особено ако сте имале прилика да го видите текстот)? Или, ако баш сакате, реални ли се очекувањата дека македонските сомови, не само во културата, преку ноќ ќе се престорат во –  златни рипки?

И сега, можеме вака до утре сабајле односно можеме да редиме уште стотина, па и повеќе, актуелни примери од нашето секојдневие во кои што нашиве политичари се обидуваат да не’ убедат дека се баш така, како абракадабра – лесно дофатливи? Односно, тоа е демек мачја кашлица и зависи само од нивната желба односно решеност на овие прашања да им посветат еден мал дел од нивното време. Се разбира дека тоа не е така, ниту може да биде, но кај нас реалполитиката се’ уште ги третира граѓаните како малоумна недоквакана дечурлаана на која што можеш да и’ сервираш што сакаш и таа безрезервно ќе ти верува. И повторно ќе гласа за тебе. Не сум многу сигурен дека нашава реална приказна е баш таква. Поточно, воопшто не сум сигурен во тоа, а не би смееле да бидат ни тие, особено не после „резултатите“ од претседателските избори! Дури, ако читате внимателно, почнувате да се сомневате и во оние чекори кои наидоа на одобрување кај јавноста, на пример актуелната чиста во врвовите на владејачката партија и претстојната во редовите на Владата, па и пошироко. Зошто го велам ова? Затоа што испаѓа дека овие чекори се превземаат за да се натера противничката опозициска „партија“ на исти чекори! Извинете, ама ако така ги врзувате работите тогаш сето ова нема никаква смисла. А што ако овие не се фатат на таа јадица? Тие се’ сомови, неспорно, ама не се баш толкави. И впрочем, зошто тие би морале да реагираат на истиот начин – со чистка во нивните редови? Или тоа било поставено како некаков премолчен договор / услов? Тоа заличува на она детско размислување: еве ќе скокнам ја во Вардар, ама мораш и ти. А ако не сакам, ако ми студи, ако ми е страв, ако тој Вардар е небањат односно нечист до зла бога? Ако пак ваква „распаљотка акција“ не се случи во противничкиот табор, ќе се вратат ли нештата на стариот колосек и во владеачката партија? Е уште тоа би фалело! (Но, да ги објаснам наводниците кај зборот партија во контекстот на онаа вмронска опозиција: таа само до вчера, цели дванаесет години, за челниците на СДСМ беше криминална банда, злосторничко здружение и слични „афирмативни“ за нив придавки, ама сега одненадеж прераснаа во партија. Зошто, како, што суштински се смени во таа банда па сега да ги нарекуваме – партија?).

Слични недоумици предизвикува и последното известување дека градот Скопје ќе добие забавен парк од цели 11 милиони евра! Па нели немаше пари ни да се расчисти најголемото ѓубре од она „Скопје 2014“ – за ситното муабет да не правиме – ама сега, онака из небеса, се наоѓаат десетици милиони евра за забавен парк. А впрочем, за што ни е тој и таков забавен парк кога веќе си го имаме и згора си го негуваме токму лудачкиот парк наречен „Скопје 2014“? Заборавија ли надлежните од Градот дека главното оправдување и на криминалецон од Будимпешта за изградбата на оние монструми низ централното градско подрачје беше токму – туризмот? Ни треба ли уште една „туристичка“ авантура од тој тип? Или сега сите ќе тргнеме по онаа евровизиска логика: да не се појавевме таму никој немаше да знае за нас? Треба ли сега и овде да ги наведуваме културните вредности, па и атракции, ако баш сакате, на Скопје заради кои туристи навистина доаѓаат да го посетат градот? И наместо да ги популаризираме нив, еве нека се само Св. Пантелејмон во Нерези, нека е Старата железничка станица, нека се отоманските монументи во стариот дел на градот, нека е Музејот на современата уметност, нека се неколкуте – не малку – музејски ремек дела низ скопските музеи … ние би граделе забавен парк? И демек ќе нагрнат туристи од целиот свет во него? Абе кој така ве лаже, како мали деца? Знаат ли надлежните во градов колку сензационални, светски изложби – ене како онаа за Требениште – можат да се направат со 11 милиони евра во наредните 15-20 години и колку туристи би привлекле, и тоа оние сериозни туристи, со длабоки џебови? И плус по некој концерт помеѓу, еве не мора да биде во организација на оние кои Асаф не ги сакаше, нека бидат некои други? Најпосетените европски дестинации собираат туристи со културното и уметничкото наследство, не со забавни паркови!!! Направете го градот културна и уметничка атракција, како што доликува на еден ваков стар културен метрополис, а не забава за мали деца!

И конечно, за сомовите, колку да не бидат заборавени: верува ли некој, онака – навистина, дека еден сом капиталец може преку ноќ да се престори во златна рипка? И да ни подготви божем „проект“ за некаков наш културен центар во Србија? А колку такви културни центри видел сомов во неговиот „богат“ културен живот? Или, можеби, подобро е прашањето: колку такви направил, па сега се нудел да направи уште еден? Извинете, толку ли сме / сте наивни? Човеков сам се нудел? Ама со која биографија, со кој кредибилитет? Ај да беше да му пишува биографија на премиерот, или да пишува роман за Македонија – оваа новава, Северна – или да нудеше некаква нова издавачка „комисија“ која што ќе ги пласира македонските книги на Марс, Венера и пошироко, па човек и да разбере, тоа е негов фах, ама тој да средува работи за отворање на наш културен центар во Србија? Па дајте, ве мола, бидете барем малку посериозни! И сакате да поѓаме кој ќе биде предложен за раководител на тој „културен“ центар во Србија? Нудам три шанси.

Како и да е’, ова нуди забавно владино сомовско културно лето, заедно со оној кој треба да ја развива нашата културна соработка со државите од Бенелукс. И пак да прашам: а колку такви културни соработки остварил „стручњакот“ досега, низ неговиот богат „културен“ живот?

СОМОВИ КАКО ЗЛАТНИ РИПКИ

Нашиот парадокс, или еден од парадоксите, е што сите, као, се за промени – еве повторно не спомнувам реформи како термин од нашите ноќни мори – сите се (или барем повеќето) божем за метли и правосмукалки … ама сето тоа (се’ уште) останува само на зборови, или на хартија за дневна употреба во медиумите. Демек, ете, ние сме подготвени и – чекаме. Кого? Не знаеме. Никој не кажува. Повторно ли Заев мора да биде локомотивата? Како што и се покажува, нели, а ние/тие другите с(м)е само за украс, а оние третине постојано да ја креваат рачната? Ако пак и Шеќеринска е на чисто околу неопходноста на промените („Инбокс 7“), особено на промените на системот, уште колкумина од партискиот врв се потребни? И што уште ни треба? А да не беше онаа вчерашна и досега невидена партиска распаљотка во СДСМ, ќе се прашувавме да не треба да распишеме уште еден референдум, да потрошиме уште некој милион, денари или евра, сеедно, за да се пребројуваме кој е за а кој против промените? Иако не сум баш сигурен дека референдумот би бил така генерално успешен како молневитиве акции на Заев, овојпат во улога на партиски шеф, со надеж за реприза и како премиер. Инаку, се’ друго ќе беше Пирово изјаснување после кое што, повторно, би требало да докажуваме колкумина гласачи има, колкава била излезноста, дали таа е мала или голема, кој конечно е победник – оние „за“, оние неизлезените или оние „против“ – итаканатаму.

Успеа ли Заев и овој пат да го победи македонскиот историски песимизам? Така изгледа, иако е на половина пат, а преостанатиот дел е потешкиот. Но и на таа делница би морало да се престане со дискусиите околу тоа што и како досега е направено, со веќе излитените муабети кој кому му одговара и слично. Што е направено, направено е, кој кому одговара воопшто не е ни важно, проблемот е во она што не е направено и тоа е суштината на неопходните идни промени. И ако идниот гром навистина удри и врз административното разгрането дрво, неговата моќ треба да се насочи кон оние кои не го направиле тоа што требало да биде направено. Или го направиле погрешно, или воопшто и не сакаат тоа да се направи и со тоа автоматски се сместуваат меѓу оние (сепак многубројни) кочничари на промените. А нив ги има на сите страни, во сите ровови, во сите партии. Ги има особено многу во владеачката коалиција, а партиските врвови тоа го знаат. Или барем, се покажа, тоа го знаат во СДСМ. Односно – ги знаат сите кочничари поименично зашто невозможно е да не ги знаат, тоа би значело целосна нивна дезориентираност во сопствените редови.

Не ми паѓа на крај памет да си играм премиер и да разместувам луѓе, уште помалку баш на премиерот сега, после се’, да му делам совети, ама ако се продолжи со оваа логика и на владин терен, па и во првите административни ешалони … но и да не се остане само на редовите на една партија … тогаш не’ очекува интересно лето! Ако Павле Богоевски „повлече нога“, онака – машки, тогаш неговиот пример и досегашниот бурен (сдсмовски) вовед во претстојното лето многумина ќе остават без одмор. Кој што впрочем и не им треба. Од што би се одморале? Од неработа?

Она што можеби малку плаши е очекуваниот контраудар и местото од каде ќе дојде. Иако, горе-долу, и тоа е познато. Први се оние бројни сеачи на магла токму од провениенцијата на оној политикант попознат како „асистентот на тато“ – нешто што овој сакаше да му го подметне на Павле Богоевски – и криминалната вмронска тајфа околу него, на кои никако не им се допаѓа ова средување по дома. Тие уживаат во хаос, така се научени да живеат. Блиску тука се оние т.н. ветинг-заговорници кои ама баш никако не би сакале пребројување по линија на сработеното. Иако, повторно како наш парадокс, останува нејасно зошто едно општество сериозно насочено кон промени треба да зависи од ставовите / согласноста на едно криминално, злосторничко здружение со цела раководна структура осудени или во процес на судење, или пак од грст самонаречени политичари кои не сакаат да слушнат за зборот промени и лична одговорност? Но парадоксот е и во тоа што еден огромен дел од актуелната македонска политика е токму таков. И токму затоа уште поголемо внимание заслужуваат овие молскавични гестови на показ на спремноста на политичкиот врв на СДСМ да го расчистат политичкото мочуриште. Тука богами влегува и оној глас на разумот на владиката Пимен и сите други видливи и не така видливи знаци зашто токму тие се вистинските промени.

И не случајно го спомнав македонското политичко мочуриште кое што, освен политиката, ги обединува и нашиот културен, образовен, научен, здравствен … жабурник, секој со свои згоени сомови одлично мимикриски притаени на дното и секогаш со отворени лакоми усти. Тие се / ќе бидат последниот но не и најлесниот одбрамбен бедем против промените. Тие самобендисани сомови веќе предолго и крајно незаслужено глумат златни рипки на македонското општество лефтерно лешкарејќи во тињата на нашата неспосбност еднаш да кажеме – доста! Културата одамна ги препознава, ги знае и по име и презиме, а се знаат богами и сите оние во другите области, од образованието до науката и понатаму. Таа сомовска калакурница не се решава со молби и убедувања, со примери и упатства зашто тие одамна ги изиграле тие игри. Затоа и некои се’ уште ги прифаќаат за златни рипки. Нивните мимикриски способности се докажани и проверени низ многу системски промени и премиерски чистки. Да не беа такви – ќе ги немаше одамна. Затоа битката со сомовите е битка за државата, за сите нејзини важни сегменти, почнувајќи од културата па натаму. Ако власта не знае (се’ уште) од кој жабурник да започне со промените и ловот на сомовите, нека ги започне токму во културата. Тие ионака таму беа започнати па прекинати, благодарејќи на „агилноста“ и „стручноста“ на Mr. Asaf кого, слушам, и во Данска особено го „ценеле“. Иако, рака на срце, во македонската култура практично веќе и нема што многу да се загуби дури и кога би продолжиле со слични „асафи“ односно ако промените некако би се оддолжиле или (не дај боже) изјаловиле, а сомовите останале. Културата и вака и така одамна е јалова, продуцира ништо и за никого, освен самата за себеси. Па дури и тоа веќе не важи зашто сега само оние малкумина главни алфа сомови „продуцираат“ нешто, се разбира само за својот џеб, за да можат и понатаму да добиваат третман на златни рипки. Што дури и кај нас, во нашите мизерни финансиски води, не е баш така заматено непрофитабилно. Особено кога се однесува на стекнатиот статус, име, привилегии, кариера … иако сето тоа во наши тињести услови главно замирисува на застојано, на жабокречина. Сомовите во принцип се незаситни риби, а јадат се’ до што можат да дојдат. Нашиве „културни“ сомови во изминатата деценија практично ја изедоа целата култура. Она малку што остана, оние ретки златни рипки што се’ уште пливаат на маргините веќе ни УНЕСКО не ќе може да ги спаси. Ама ќе можат промените, и отворениот лов на сомови. Тој лов ќе мора да се стимулира на разни начини а сомовите да бидат прогласени за штетници од прва категорија и за нивните глави да се плаќа во цврста странска валута! Само така државата и нејзината култура ќе ги сведеме на некаква реална мерка, на некои и некакви позитивни стандарди.

ПРОМЕНИ

Ако го напишете зборот реформи, сите ќе свртат глава или ќе побараат посоодветна содржина за читање зашто од реформи ни е одамна збоктисано. Кој како дојде – реформира. А од реформите, ни „р“! Ама ако кажете промени, што е некаков прифатлив еуфемизам односно деминутив, можеби ќе се намали бројот на „бегалците“, можеби некој и ќе остане да прочита збор-два, зашто промените се од Господ, реформите ги измислил човекот. Се’ во Универзумот се менува, ама Човекот решил дека тоа му е малку па посакал да воведува реформи. Е како да не! Иако ние и од промените веќе добиваме сипаници, оние на министерчено, па и вистинските. Зашто, кој всушност кај нас, па и не само кај нас, сака промени или не дај боже реформи? Па, речиси никој. Гледајте ја само македонската култура и доста ви е. Толку гласна во последната година на стравовладата на оној од Будимпешта, со сите реални и нереални барања од новата власт, а сега така тивка, речиси бајче кое ништо не може да го возбуди, уште помалку да го покрене. Се’ им е преку глава? Па не сум баш сигурен кога и како така бргу им здосади од се’, а уште ништо ни не почнало? Си мислам дека проблемот е  во оние главните врескачи кои успеаа да си го добијат тоа што го бараа, повеќе или помалку, а многумина дури и повеќе од повеќето, па сега нема кој да крева џева.

Како и да е’, кога и во вакви (повторно) разбранувани времиња нема кој да крене глас, особено не контра последниве нивелациски „игри без граници“ каде стаорците по којзнае кој пат дивеат на културната сцена, тогаш има дебело место за сомнеж  дека (и) културата е веќе дефинитивно заробена, но сега во сопствените пајакови мрежи распослани од разноразни отровни суштества оставени на сцената. Велам оставени а не заборавени за да ја направам соодветната и важна разлика: заборавноста се толерира иако целосно не се оправдува зашто покрај еден куп суштински проблеми дозволено е некои да се оттргнат во заборавот. Но оставањето на проблемите, особено оставањето на луѓето кои ги прават проблемите – како што впрочем сега се покажува – е грешка што скапо се плаќа. Заборавот (навидум) можеби е бесплатен, ама оставањето е прескапо! И тоа ќе го гледаме секој божји ден: денес, утре, задутре. Сето она што не го направивме а знаевме дека мораме да го направиме, ќе ни тежи како ѓаволско бреме, ќе не’ гони низ сите девет кругови на пеколот во кои што полека тоне културата. И овде особено мислам на најбитната промена – еве, дефинитивно го напуштам поимот реформа – а тоа е онаа персоналната, онаа истата која што сега повторно ни игра ѓаволов танц врз главата, прво преку формата на нивелацијата, потоа ќе дојде систематизацијата, па организацијата, па реорганизацијата … ама тие ќе си седат таму каде што и беа, таму каде што се’, и таму каде што, очигледно, и ќе бидат. Ќе им седат врз главите на носителите на дејноста во културата, врз главите на уметниците, врз главите на најодговорните стручни работници во културата само заради тоа што се нечии мамини и татини дечиња, партиски миленичиња, полуписмени етнички џокерчиња …

Но, впрочем, културата дури може и да си најде утеха: истата игра се игра и на повисоко рамниште, дури до врвот на Владата. И таму се вршат суптилни терминолошки замени: и на метлата на премиерот и’ најдоа деминутив – ќе се викала ветинг!? А зошто да не, впрочем? Ние по правило умееме да ги денфуваме нештата, да ги наречеме со друго име за да им го намалиме ударното значење, за да ја отапиме острицата која што, нели, треба да биде „убиствена“? Па затоа и ветинг наместо метла, промени наместо реформи, сплотување наместо диференцијација, нивелација наместо шут карта … Добро, нека е и така – иако никако не е добро, де – ама и овие деминутиви нека профункционираат!

Еве, и денес, после сите започнати и незапочнати реформи, ајде да ги оставиме настрана и да почнеме со – промени. Тие, промените, во својот еуфемизам, можеби нема да бидат така болни и непопуларни кај повеќето граѓани? Можеби ќе предизвикаат дури и симпатии? Иако се сомневам, тоа нема да се случи барем во културата, каде што оние лизни-мазни групи веднаш ќе ја насетат суштината односно сменетото пакување. И повторно ќе минираат, до сто и едно, и назад. И повторно ќе бараат дупче каде да се проврат, запирка за која да се фатат. Но, дури и по таа цена, ќе ги прежалиме реформите ама барем промените да почнат да се гледаат. А и резултатите. Иако првите промени ќе мора да се случат во нечии глави. Таму, впрочем, во главите, секогаш е почетокот. И крајот. И еве, нарочно нема да го спомнам Охрид зашто е „прелесен“ како пример, ама може ли првата промена да биде, ете, штотуку завршената „Песна на Евровизија“ и нашето учество во истата. А во таа насока на крај памет не ми паѓа да ги коментирам резултатите, но ми паѓа на памет дека некој треба да даде некаков отчет, особено финансиски, на тоа наше учество. Зашто станува збор за јавни пари, нели? А и за многу шпекулации. И ќе можеме ли тогаш да развиеме малку посериозна дебата за тоа што како држава, како култура, сме дале, а што сме добиле за возврат? Како што би требало да иницираме и компаративни дебати за, на пример, нашето учество, не само овогодишното, на Меѓународното биенале на визулените уметности во Венеција – најпрестижната светска манифестација на оваа уметност – и државната (мизерна) поддршка на тој план. И начинот на бирање на учесниците, визави бирањето на нашите претставници за Евровизија?! Или да спомнеме едно друго наше учество годинава, на двајца македонски уметници исто така во Венеција, на една друга изложба, како единствени претставници од земјава селектирани од организаторите, ама овие целосно без никаква државна поддршка? И дали некој од највисокиот државен врв знае кои се овие наши уметници, од Нада Прља преку Сашо и Пандора Саздовски, испрати ли некакви „поздрави“ и поддршка на овие наши учесници? Дали ваквите промени во размислувањето навистина ќе ни се допаднат, или и тие ќе замирисаат на реформи, на трансформации, на длабински зафати од кои што сите бегаат? Но, не предлагам овие нешта веднаш да ги практицираме туку барем да почнеме да размислуваме за нив. И не како задолжителна фискултура на сивите ќелии, туку барем во слободно време. Зашто промените, повторно, почнуваат во главата. Таму и завршуваат, ама како целовити идеи што потоа се преточуваат во праксата.  Реформите ќе ги подзаборавиме, барем за кратко. А и во промените впрочем, исто така, можен е и оној толку посакуван од многумина лов во матно. Барем во прво време, додека не дојде метлата. Ако дојде.

СТАОРЦИ НА ПОБЕДИТЕ

Ловот во матно нема овде да застане. Сезоната на овој вид лов кај нас е отворена 24/7, 365 дена во годината. Се отвори уште во 2006 година со доаѓањето на онаа политикантска багра обединета во злосторничко здружение (иако има и своја предисторија) и – трае до денес. Независно од избори вакви или онакви, нечии победи вакви или поинакви … Баграта секогаш лови во матно, тоа и’ е начин на преживување во овие краишта, а ние се правиме дека не гледаме. Не знам зошто, тоа ми останува една од најголемите мистерии во нашево современо живеење, тоа вртење на главата во спротивен правец, тоа правење на триипол, тоа „мочање од високо“ – демек ние сме над таквите приземни нешта! – онака во стилот на оној „јачи смо од судбине“ и слични примитивни глупости. Као: тоа се изолирани два-три случаи, па нека се и десет, па што ако некоја нова, или стара, бараба земе три-четири илјади денари повеќе на име незаслужена плата, та светот, уште помалку Северна Македонија нема да пропадне од тоа, итн. Све нешто хуманисти, човекољупци, типови „не замери се“ … као да барабите ни се браќа и сестри, којзнае каков род … па и да се’, бараби се бараби и зошто ние би требало нешто да им прогледуваме низ прсти? Особено ако тоа „нешто“ е незаслужено, украдено, ушиќарено, како што беше впрочем и претходно направено со барем половина од платите во културата? Ама ние сме као галантни, ние ни не сакаме да видиме како Европа ги решава работите, ама сакаме да бидеме дел од неа. Можеби мислиме дека таму уште полесно ќе ни одат шмеќерлаците зашто европјаните се по правило глупи и наивни и ние ќе си тераме по свое? Цели шест месеци ние не можеме на еден докажан и осуден криминалец, водач на злосторничка банда, да му го земеме пратеничкиот мандат. Сега – бил неоправдано отсутен! Не можеме ни на Интерпол да го објавиме. А Курц ги чисти криминалците за 24 часа!!! Замислете австрискиот „случај“ да се десеше кај нас. Тоа ќе беше вистинска политикантска драма за цела една театарска сезона. Хит!

Е сега, кога не можеме да го решиме ни водачот на бандата, зошто би ги решавале неговите ситни потрчковци во земјава, онаа боранија заостаната низ институциите на системот, сите оние стаорци научени токму да ловат во матно, да лажат, да измислуваат се’ што треба за да и понатаму уживаат во незаработеното, во незаслуженото? А во секоја институција ги има барем десетина, ако не и повеќе, секогаш спремни во спрега со заостанатите партократски директорски миленичиња да се впуштат во минхаузеновски враголии за лична корист. И ние пак ќе ја вртиме главата по принципот „ајде сега кој ќе се расправа за тоа“, „па тие ни се коалициски партнери“ итн.

А македонската култура, елаборирано е, одамна страда токму од таквите бирократско административни стаорци залегнати во институциите кои го грицкаат буџетот од сите страни по малку, од секого по нешто, а во своја полза наречена месечна плата (и други привилегии) кои по правило ни половината не ги заработуваат. Не знаат, не умеат, неспособни се, ама секогаш победуваат, сите победи се – нивни! Таквите бирократски бараби измислија дека дури и правникот може да биде конзерватор-советник, па и да има повисока плата од стручните конзерватори! Тие стаорци смислија дека секретарот може да е раководител и со поголема плата од уметник-првенец. И културата секогаш молчеше, односно беше замолчувана токму од таквите стаорци во службата на сите власти. Молчи и сега кога повторно се игра истиот неквалификуван циркус, кога разноразни бирократски бараби, сега затечени од т.н. нивелација, повторно се престројуваат во „стручњаци“ без кои што институцијата не може да функционира. И културата повторно молчи, сега заедно и со Синдикатот кој фактички и се избори за добивањето на повисоките плати за носителите во културните дејности. Која што, нели, тие носители тешко ја добиваат. А кај барабите оди лесно, тие не се помируватат дека повеќе не се „раководители“, дека не се „стручњаци“ и дека дејноста ќе функционира и без нив? Никако. Тие и понатаму „копаат“, „работат“. А Синдикатот како да водеше битки за нивно добро, зашто тие, повторно, се победниците!

Знам дека многумина во оваа држава, дури, се осмелувам да речам еден огромен дел, денес би сакал некако да се ослободи од неодамнешното минато, она на злосторничкото здружение и неговите „политики“. А со тоа и од своето учество во истото, својот колаборационизам, сопствениот срам. И би направиле се’, дури и би платиле многу за тоа да се случи. Што е невозможно, се разбира, не само заради фактот што постојат будали (вклучувајќи се тука и себеси, се разбира) кои постојано потсетуваат на блиското минато, туку и заради фактот што, навистина, историјата – памети. Колку и да ја бришеме, манипулираме, сечеме и лепиме, таа ќе остане тука, меѓу нас. Ќе останат и оние кои добро профитираа од тоа време-невреме, а сакаат и сега да профитираат сметајќи на нашата индиферентност, заборавност, помирливост, човечност, некои велат и – глупост. И токму затоа денес Синдикатот, ама не само тој туку целата културата, не смее да дозволи барабите повторно да се проврат низ главата на иглата. Нека е и еден случај на „украдена плата“, на незаконско покачување, на нивелирање на административни места (правник, секретар, сметководител, благајник, потрчко на директорот …), на (веќе) препознатлива глума на носители на дејност и шверцување на тој начин за повисока плата. Од таквите, веќе – преку глава. Ако пак Синдикатот не умее ни за тоа да се избори, како што се’ повеќе покажува дека не умее ни многу други работи, особено да си избере сериозни и посветени претставници, тогаш нека си одат дома и нека им ја препуштат борбата на други, не можеби поспособни но посмели, поитри, поагресивни, па ако сакате и поумни. Ако Синдикатот, па и целата култура, и сега се поистовети со некаква политикантска партија и почне да го игра орото на компромис – нема крај. А орото е веќе почнато, луѓето се фатиле во него, секој со различни очекувања.

И, колку да појаснам: лично немам ама баш никакви очекувања ни од Синдикатот, уште помалку од нивелацијата. Повеќе од петнаесет години не побарав унапредување во (одамна заслужено) стручно звање за да не им дозволам на партиските апаратчици и нивните „стручни“ идиоти-пулени да си играат со мојот труд. Тоа не го барам и денес, ама гледам / слушам дека разноразни бараби укинуваат звања по институциите, допишуваат систематизации, партиски директорчиња трчкаат на релацијата институција – Министерство за да на своите одамна укиселени полтрончиња им обезбедат некоја илјадарка повеќе. И тоа го толерира и Синдикатот, ама и Министерството! И во двата фактори, изгледа, повторно оро водат мувлосани „коалициски“ стаорци. До кога, извинете, ќе одговори ли некој?

ЛОВ ВО МАТНО

Каков народ сме станале, не можеме ни една во основа позитивна, па и благородна иницијатива да ја истераме до крај без шмеќерлаци, без лаги и местенки, без дубари. Она што и Владата и Премиерот го поздравија како сериозен исчекор во регулирањето на платите во културата, она за што Синдикатот на културните работници напорно работеше повеќе од година дена … и конечно, она што беше сериозно согледано и вклучено дури и во Националната стратегија за развој на културата во РСМ 2018-2022 година, а беше популарно наречено „нивелација на платите“ во културата, веднаш почна да го покажува и своето грдо лице. Стратегијата констатираше диспропорции во платите за исто работно место односно за ист (или сличен) обем на работа на ниво на целата држава. Или, поточно,  констатирано е дека во периодот од 2006 до 2017 година за 60% се зголемени платите на уметниците и сценските техничари во професионалните театри и во театрите и центрите за култура, додека во исто време, во име на некаква „кризна состојба во светската и домашната економија“ на професионалните кадри во областа на заштитата на културното наследство (конзерваторска, музејска и библиотечна дејност) не само што не им биле зголемувани платите, туку и не им бил вреднуван напредокот во кариерата со стекнување на повисоки стручни звања. И таквата состојба траела, а ја толерирале и најголем број директори од времето на „груевизмот“ – некои од нив се’ уште на истите раководни места преку излитената „форма“ на коалициски партнери – не водејќи сметка ни за вработените, уште помалку за институциите. Токму затоа Стратегијата предложи итна ревизија на начинот на исплаќање на платите, со нивно усогласување со законските одредби и  важечкиот колективен договор и усогласување на нивоата на платите во рамки на поединечните дејности на територијата на целата држава. И тука немаше ништо нејасно, освен што Стратегијата не го зема предвид карактерот на поединци во македонската култура, оние кои на секоја власт умеат да и’ се закачат на врат! Но, ова не го зема предвид ни Синдикатот на културните работници кој што некритички – можеби разбирливо, заради зголемувањето на бројот на членството – во своите редови ги прими и сите дволични груевистички фластери, ракоплескачи и главоклимачи, па дури ги смести и за претседатели на синдикалните организации.

И сега морам да се корегирам, поточно, нивелацијата нема грдо лице, ама имаат разноразни синдикално-партиски шмеќери и неспособни директори, кои како да чекаа ваков миг да почнат со нивните приземни кампањи за пумпање на платите на нивните (еднакво неспособни) пулени во установите, измислување на нови сектори или одделенија, дури нови работни места итн. А тие се всушност оние истите кои ги кочат и сите реформи во културата, па и овие најновите кај нас, кои се гледаат само себеси и својата неспособност која што, знаат, не би можеле да ја сместат на друго место со таков резултат. Спомнатата нивелација веќе почна да се претвора во својата спротивност токму заради ваквите ликови во македонската култура. Тие дури се спремни целосно незаконски да ги кочат исплатите на плати во установите – нешто за што можам и лично да посведочам! – заради терање на нивните ќефови!

И ваквите состојби реално претставуваат опасност за целата култура односно и на Владата и на премиерот да им дојде преку глава од културата и да го оспорат целиот процес заради несериозноста, некомпетентноста, неспособноста но и тенденциозноста на водечкиот културен кадар. А впрочем, ова е старата болка на македонската култура, особено изразена од 2006 година наваму, кога во институциите заседнуваа партиски војници од секаква а најчесто неспособна провениенција, разноразни миленичиња на македонската партократија од кои македонската култура немаше ама баш никаква полза. Дури напротив – токму тие ги спроведуваа сите монструозни политики на груевизмот и неговите коалициски партнери, а таквата нивна улога продолжува и денес. И токму тие, сега во спрега со некои други партиски миленичиња, спроведуваат еднаква тортура во работата на културните установи. Дури, спремни се да не ги исплатуваат платите на вработените за да си ги истераат личните ќефови! Затоа и велам: овој лов во матно на поединци и групи, главно неспособни и нестручни профитери од секаков маштаб, е директен срам за целата македонска култура. И некој мора да ги сопре, да ги активира сите државни и законски механизми против нив. А и Синдикатот мора да ги земе работите во свои раце целосно и компетентно! Зашто, ако и овој процес се изрезили, а натаму се турка работата, со кој образ утре ќе излезат пред Владата за другите проблеми во културата? Или, ако сакате, не може културата постојано да се жали и да плаче дека е вака или онака третирана од страна на власта, ама кога ќе и’ се даде шанса да се однесува тотално неспособно, непринципиелно, да ги држи како заложници другите вработени во културата, итн.

ОПЕРАЦИЈА НА ОКО

Насловот, се разбира, е парафраза на исказот на Бобан „Авалон“ Милошевски за третманот на културата (како вредност) во државава, не само сега туку во децениски континуитет. И е посебно актуелен денес, во екот на потрагата по нив министер за култура како следен во редот да се зафати со сложената „операција на око“ без еден ден претходно искуство во областа. Чудењето на Милошевски за тоа како некомпетентни поединци од профилот на еден Асаф се нафаќаат „да оперираат“ таков сложен механизам каков што е културата – или „окото“, сеедно – не е само негово туку е веќе општо место и задира во самата суштина на моиве (знам, залудни) написи за нашите вредности, особено (не)културните. Зашто ако токму одговорниот за тие вредности, токму министерот за култура, минат или иден, нема ама баш никакви допирни точки не само со културата во потесната смисла на зборот туку токму со културата како темелна вредност на државата, тогаш сите наши разговори се passe. А компарацијата на Милошевски со окото е вистинската, зашто ако една држава добива „поглед“ во минатото, сегашноста и особено иднината, тоа е преку културата. Токму таа е „окото“ на државата, на народот, на системот. И фактот што ние особено во изминатава деценија бевме слепи при очи, што разноразни бараби не’ дефокусираа(т) или ни одредуваа(т) погрешна диоптрија е причината што стасавме на ова дереџе. Нашата целосна партизација, вон секоја логика и ум, направи поделби не само во владините ресори, онака – за вечност, туку и во институциите во културата, па денес точно се знае која институција (национална и локална) кому му припаѓа, повторно онака – за вечност! И тука воопшто не е битно дали дотичната партија има соодветен кадар за тоа место, дали дотичната персона е кадарна за изведбата на зададената „операција на око“. Битно е да се спроведе договореното и да се задоволат суетите. И апетитите. Таквиот „систем“ и сега, еве дури и за овие нецели две години, ги покажа „резултатите“. А тој „систем“ држи во заложништво цели ресори, па и целата држава, на (пре)долг рок.

Логиката на вредноста нема ама баш никакви допирни точки со таков „систем“. Таму таа „не игра“, и не може да игра. Затоа и резултатите се такви какви што се. Затоа и министеротот Манчевски неодамна ја соопшти јавно констатацијата која „тајно“ сите ја знае(в)ме веќе цела деценија: дека ние немаме компетентни луѓе во „системот“ за сериозни преговори за членство во ЕУ. Ние, дапаче, немаме компетентни поединци, особено партиски и особено денес, како и вчера, дури ни за некаква замислена балканска културна трка. А и како би имале, ве молам, со оваа македонска партократска „логика“? Ако државниот апарат, системот, е единственото мени за задоволувањето на (проверено) незаситите партиски апетити, тогаш од таа држава не останува ништо освен трошки. А и тие ќе ги изедат, кога-тогаш. Некомпетентна администрација не може да произведе / сервиса компетентен систем, па следствено некомпетентен систем не може да произведе нови вредности. Не може дури ни да се носи со оние „старите’, со трајните, што беше очигледно токму во толку често спомнуваното „Скопје 2014“. А ќе го спомнуваме уште многу, многу долго зашто тој монструм се трансформираше во симбол на некомпетентна, партизирана, политизирана, неука и дефинитивно заробена држава. А во такви држави има една и само една вредност: „вредноста“ на владетелот, на окупаторот, неговите / нивните „критериуми“, нивните „стандарди“, нивните „поимања“ за државни вредности. И со нив се’ уште (божем) се справуваме, односно не се справуваме. Што ќе рече дека ги профаќаме нивните (не)вредности? Не, во тоа се’ уште не верувам, но состојбите денес односно нашето нечинење токму во насоката на нашите (проверени) вредности говори за некаква чудна, необјаснива индиферентност, за рамнодушност кон се’ што значело и значи културен континуитет во оваа држава, барем од 1945 година наваму. И мислам дека наведов доволно примери за тоа. А ги има дури премногу за една ситуација која себеси сака да се види како нова, демократска, компетентна, проевропска … културна!

Како и да е’, само пред некој ден, најголемата културна мрежа во Европа наречена Culture Action Europe упати писмо до претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, потсетувајќи го дека „културата е темелот на она што сме како човечки суштества и на нашиот заеднички живот“. Притоа, го потсетуваат Туск деке токму Римската декларација (2017) се обврзува да гради таква Европа „каде граѓаните имат нови можности за културен и социјален развој“ односно „Унија која го чува нашето културно наследство и промовира културна различност“. И поентата, секако, цели на ЕУ самитот на  Заедницата во Сибиу (Романија), и вели: „да ја направиме културата интегрален дел од иднината на Европа во Сибиу“!

Каде сме ние во едни вакви процеси – не знам, односно знам, ама не сакам да кажам. Можеби некому ова ќе му звучи премногу песимистички. Ама, дали ова звучи пооптимистички: една вест – можеби е лажна, не знам – вели дека за нов министер за култура во игра е дури и пуфлата! Зошто? Па заради нејзините „заслуги“ во прифаќањето на „Преспанскиот договор“. Само што, мислам, има еден проблем: таа нема врса со операција на око, таа е „стручњак“ за операција на мозок!!!

ПРОСТОТИЈАТА КАКО ПРОЦЕС

И бидејќи ја отворив и темата за простотилакот: тој, имено, не се добива со раѓање, не се наследува, не е заразен односно не се стекнува преку контакт со „заразена“ особа … Иако знае да биде заразен, се согласувам. Особено во државни рамки. Не е дури ни генетски пренослив, иако „се движи“, барем во почетокот, во рамките на семејството. Во суштина, простотилакот е индивидуална „болест“, а најчесто се добива во раната возраст. И за таа „болест“ (иако, за среќа, не е терминална) нема лек, а нема ни вакцина, па следствено нема ни кој да тргува со неа! Или, замислете, министерчено да прогласи дека во прво одделение нема да се запишуваат простаци?! Ама може да се бираат за претеседател на држава, како се’ уште актуелниот, па следствено и да конкурираат за тоа место, како неговата колешка! Односно – лек има, ама ние како да не го знаеме, или не сакаме да го знаеме. Иако лекот е секогаш прирака, чини безмалу „само 10 денари“ – така барем велат постарите – ама треба да знаеш да го најдеш. Истото важи и за државата, односно исклучиво важи за неа: таа е лекот, и таа е единствениот чинител во елиминирањето на простотилакот во нејзините рамки. Ако сака, се разбира, и ако умее да се справи со тоа. А простотилакот е рак-раната на оваа држава, особено на оваа администрација наследена токму од самиот извор на „болеста“: од остатоците на администрацијата на Будимпештанскион криминалец и простакон од Водно се’ уште камуфлиран во претседател на оваа гревче држава. Впрочем, што е она што така беневолентно го нарекуваме со неутрален израз „Скопје 2014“ ако не – простотилак на дело? (Криминалот таму доаѓа апостериори!). Понатаму, тој ординарен простотилак се прелеа како некаква скапоценост, како „вредност“ и во државните / националните институции особено преку директорскиот кадар (патем, дел од нив се’ уште си седат во фотелјите!), овие како дванаесетгодишна епидемија го раширија низ сите пори на институциите, и ете ви – пандемија! И тоа со кумулативно и непредвидливо дејство. Ако ние ни тоа не го гледаме, ништо не гледаме. Што пак станува наше секојдневие. А таа пандемија на простотилак најчество ги вклучува оние суштествени „додадени вредности“ на културата: граѓанската, стручната односно професионалната, колегијалната култура … итн. Целата македонска државна администрација – со чесни исклучоци, се разбира – е еден простотилак во континуитет, но и во дополнителен подем. Или, ако сакате, сите актуелни случаи со кои што сега се бави Антикорупциската комисија се случаи на простотилак!

Токму затоа битката против простотијата требаше да биде приоритет на оваа Влада тоест барем еден дел од граѓаните тоа го очекуваа од неа. Фијаското на тој план е фијаско на линијата на културните вредности. Ок, нека биде дека „големата слика“ беше приоритет, ама ако таа голема слика се вика ЕУ, плус НАТО, тогаш простотилакот токму заради тоа требаше да добие првенство! Или, апропо актуелниот Саем на книгата и поразителната статистика дека, наспроти оние грдни пари што секоја година се излеваат од буџетот на Министерството за култура за издавање книги во Македонија, во текот на годината граѓаните читаат 0,8 книги по глава, што ќе рече ни една цела книга годишно? Има ли подобар показател за нашиот простотилак, за нашиот растечки некултурен индекс кој што безмалу во сите културни дејности е близок до нулата? Добро, книгата и читањето повеќе во минатото биле на чело на листа на општи културни вредности, денес тоа можеби е филмот, или визуелните уметности, или можеби театарот. Ама ние и таму (статистички) стоиме очајно иако и во тие сегменти се истураат едно чудо средства за македонските „творци“. Кога во нашите (идни) пристапни преговори со ЕУ некој би ни ги сервирал статистичките показатели за нашата партиципативност во културата и потоа би ни ги покажал европските, преговорите би завршиле уште пред да започнат. Не можете а да не се стаписате пред информациите кои денешната реалност секојдневно, речиси минутно ви ги сервира и разликата во перцепциите, во визурите, во реалноста помеѓу нас и таа Европа. Додека германската министерка за култура неодамна бараше зголемување на културниот буџет за цели 353 милиони долари односно 23% во однос на претходниот, а веќе од 2013 година, од кога е на таа функција го зголемила истиот за цели 38%, што мислите, што правеше наш Асаф? Ништо, се разбира. Е па тука е разликата, ама ако сакате да ја видите! Иако, некогаш и неправењето е подобро од она што го правеше пуфлата, на пример, и нејзиниот шеф, односно простачки не’ убедуваа дека култура било и дивото и незаконско подигање споменици, уништувањето на културното наследство, државното чистење на „уметничките“ ателјеа од наталоженото ѓубре во нив и неговото сместување во државни институции, издавањето „светски“ едиции потоа сместувани по разни подруми итн.

ПРОСТАКЛУКОТ КАКО СИСТЕМ

Воопшто немав намера да си/ни ги продолжувам маките со нашите културни „вредности“ да не беа неколкуне типично наши актуелни инциденти:  „љубовноно“ писмо на криминалецон од Будимпешта, во кое (и) тој стигна да „мудрува“ за некакви наши вредности, последното обраќање на простакот од Водно, и уште некои поситни. И, слушајќи го премиерот, решив дека не сакам да го расипувам вчерашниот убав ден на историската посета на Папата, која што пак други простаци намерно ја расипаа. Прв – оној од Водно, од кого просто блика како непресушен свирипичински извор омразата кон се’ што е поумно, покултурно, посуптилно од него. Не успеа да се воздржи ни за последен пат, од говорницата среде велелепните и во основа благородни мозаици на Гиче Чемерски во Вилата на Водно, а не го спречи ни високото присуство на можеби (објективно) највлијателниот човек во светот – Папата Францис! Каков простак, мајко мила, каков опинок кој ја изрезили (по којзнае кој пат, но за среќа последен!) оваа држава која никако не му е по ќеф и мерка за негова „вредност“. Зашто, замислете, каков простаклук, отсуство на политички такт, елементарна пристојност и немање основна култура е завршницата на неговото обраќање до јавноста и високиот гостин во кое тој вели „дека македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница“. И понатаму говори за „еродирани вистински и трајни вредности“! А зарем тој, или некој околу него, во изминативе дванаесет години ни посочи што е тоа вредност, уште помалку вистинска и трајна? Се’ што правеа – тој, неговото семејство, неговите поданици – беше токму спротивното односно беше воведување на простаклукот како систем во државава, на највисоко (претседателско) ниво. Исто онака како што, впрочем, и го завршува својот мандат: со смешно сељачко парадирање вово јавноста сосе неговиот семеен наследник кого крајно невкусно ни го поттураше под нос во секоја прилика, па дури и вчера. Ама, простак останува простак, нели, па бил тој претседател на држава, професор или само валандовски redneck. Апропо професурата, истиот простаклук го покажа и неговата колешка од фамозниот Правен факултет – истиот оној факултет што не’ „крпи“ со неверојатен број простачки и крајно неспособни кадри сместени на највисоки раководни места низ триесетгодишнава постсоцијалистичка ера – која цел месец не’ згрозуваше со нејзините тиради за вредностите (правни, правдољубиви, морални и етички …), за да на крајот, по поразот, не собере сили ни за едно честито и нека е и воздржано честитање на победникот, макар и со половина уста, зашто токму такво однесување налага домашното воспитување, елементарната култура, професурата, меѓународното реноме на кое што тоооолку се повикуваше … А впрочем исто некултурно однесување покажа и нејзиниот партиско-политички ментор, оној Жмицко звани хидроцентрала, а и тој случајно „професор“, со полна уста критики на наводните европски и македонски вредности покажани (ако не повеќе) за време на штотуку завршените претстедателските избори. Се виде, имено, дека полна уста вредности не значи автоматски и соодветно такво ниво на однесување кое што би било пример не само за неговото членство туку и за целата држава. Простаклукот како систем не можете туку-така да го извадите од себе!

Но, всушност, кога ќе ја погледнете партиско-политичката провениенција на посочениве односно нивниот почесен претседател и основоположник на системот, кој (се’ уште) им го диктира „темпото“  од Будимпештанскиот задграничен комитет, тогаш ништо и не зачудува. Само неколку дена пред вториот круг гласање тој македонски криминален азилант им покажа на своите пулени како да се однесуваат, додавајќи уште еден беден лист во неговата политичка пачавра-тетратка.

Побегуљата имиено соли памет од скутот на Орбан: „Со луѓето се сменија и времињата и вредностите“. Так нормалнаја, баќушка Груевски, а вие како мислевте? Дека вашите „вредности“ остануваат еднаш за секогаш, дури и да ги имавте, какви-такви? Можеби тоа денес само така изгледа, јес да простаклукот се’ уште се влечка низ државната адмминистрација – што ќеќ рече низ системот – ама тоа е привремена состојба / перспектива. Зашто, ако сегашнава власт го одложува(ше) ова прашање – заради разбирливи политички причини – одбегнувајќи отворено и резолутно да се справи како што треба со вашите „вредности“, ќе има време и за тоа. Кога – тогаш, утре – или задутре. Ако мислите дека затишјево е вечно, пак се лажете. Невремето ќе дојде, повторно, кога-тогаш! Ама тогаш кога ќе дојде, тоа невреме ќе се вика поинаку, можеби ќе биде бура, ураган, циклон, смак света на (северно)македонски начин … којзнае?! И ќе урива се’, зашто се’ и е’ за уривање! Без пардон, без дискусии, без елаборати. И тоа ќе биде вистинскиот настан за оваа држава! Кич-вредности не можат да опстојуваат во едно цивилизирано општество кое претендира да биде член на Европската заедница на народите. Таму не трпат такво однесување, особено не такви „вредности“! Иако, на пример, некои мислат поинаку. Па, еве, меѓу нив, и г-динот Самка Ибраимовски. А така мислеше и оној Асаф, човек кој за помалку од една година направи таков хаос во културата што тешко некој ќе го среди барем за година-две. И тоа е неговиот вредносен „придонес“ во македонската култура. За жал, и негова (министерска) фотографија ќе виси во ходникот на Министерството за култура, како впрочем и на многу други неспособни пред него! Многумина имено мислат дека етничката припадност им е некаков џокер, некаква културна „вредност“ сама по себе, нешто опипливо што им гарантира автоматски влез каде и ќе намислат. Ама тоа не е така, дури ни во политиката. И не смее да биде така, се разбира. Ако оваа држава успее да опстои на тој принцип, на принципот на вредност – културна, политичка, секаква друга ! А тој принцип е единствено можен, единствено функционален во вакви мали државички.

Но, да се вратам на безвреднион од Букурешт. Тој, имено, вели дека „се планираше и создаваше трајна вредност“. И јас не се сомневам дека таквите како него навистина така и мислат, па и веруваат во изреченото. Ама тоа не е наш проблем, тоа е нивен личен проблем – домашен, елементарен, воспитен, културен. Наш проблем беше што трпевме таков безвреден човек цели дванаесет години на толку одговорно место. Како што впрочем го трпевме и ппростакот од Водно. Што говори многу за нас, малку за нив. Говори многу за нашата (не)способност, да не речам (не)моќ, да препознаеме вистинска вредност, паметен човек, иницијативен политичар, способен лидер. А тоа го докажавме уште еднаш, пред два дена, со оние бројни гласови на контото на „професоркана“. Иако, за волја на вистината, таа во голема мера е поприбрана, поинтелигентна и секако попристојна од нејзините политички ментори, ама сепак токму во нивна служба односно на располагање на врхушката на злосторничкото здружение.

ПОГРЕШНИ ПОРАКИ

Можеби кај нас власта, која и да е’, не разбира дека секој нејзин потег, секоја одлука, иницијатива, закон особено, значи воведување, или промена, на одредени (културни) вредности. Ако тоа не го знае – не треба да биде власт, дури ни во оваа држава. Зашто, на пример, во контекстот на мултипродолжениот викенд наречен Велигденски празници (а за што приватно немам ништо против, дапаче!) одлуките за државните празници се – вредност, а во таа насока сосема е нејасно од каде во една мултиетничка односно мултиконфесионална држава, каде религијата е одвоена од државата, се воведуваат религиозни државни празници? Односно, оваа власт истите ги наследи, како и многу други глупости, ама изгледа и’ се видоа функционални и не покажува тенденција дека сака од нив да се ослободи! Зошто? Е’ ли оваа власт навистина религиозна, а социјалдемократијата не би требало да биде таква, односно има ли власта точни податоци колкумина од нејзините поддржувачи, што ќе рече гласачи, се навистина верници на кои што овие празници нешто им значат? Нема, се разбира. Тогаш, кому се наменети овие „празници“? На верниците? Ама нели државата е одвоена од верата?! Ако верниците сакаат нека си ги празнуваат, никој не треба / не смее да им пречи, ама тоа ќе биде после работното време, нели?  Или кај нас законите континуирано се посилни од Уставот зашто некој сака „мир“ со т.н. верски заедници? А во спротивно ќе има – што? Немир? Ма није ваљда, велат Србите. Кој и каков „немир“, ве молам? Имаме ли ние воопшто истражување колкав број од населението се верници, наспроти атеистите? Немаме, иако и да имаме, дури ни тоа не би бил којзнае каков аргумент за државното празнување на мали и големи богородици, на бајрами и курбан-бајрами … а особено и заради фактот што меѓу тие државни религиозни празници немате ниеден, ниту еден, што припаѓа на некоја друга религија, да речеме хиндуизмот, јудаизмот … – а има кај нас граѓани и со такви верувања – или некој религиозен празник на Ескимите (зашто јас, од ФБ познавам барем два-тројца ескими во Македонија, вклучувајќи се и себеси!) итн. Оттука, религијата дефинитивно е културна вредност, ама не и во поглед на државното значење односно празнување зашто, прво, е спротивно на Уставот, и второ, врши дискриминација односно сегрегација на религиозна основа.

Или, ако баш сакате, земете го случајот со невакцинираните деца, кој што прераснува – со волја и по инсистирање на министерчено за профит – во контрадикторен случај пар екселанс. На пример, според него – а кога доктор ти коментира законодавство тоа секогаш е класична идиотштина – испаѓа дека некои закончиња се посилни и од Уставот кој што вели дека основното и средното образование се задолжителни. Ама не се – ако немате вакцинален картон кој што го бара човечено, контра Уставот. И никој нема коментар: дури ни државниот правобранител, заради дискриминацијата и сегрегацијата на толку невакцинирани дечиња?

Што, имено, во случаиве, порачува власта? Порачува дека религијата е одвоена од државата, ама и не е кога се однесува до празниците. Порачува дека образованието (основно и средно) е задолжително, ама не е ако тоа го посака некој министер, а во интерес на велепрофитните фармаколошки компании. Зашто Уставот, извинете, не прави ама баш никаква разлика во поглед на условите на исполнувањето на таа одредба односно не вели дека тоа не важи во случај на (форсирани) епидемии и слични нешта. Или, ако баш сакате, ако Уставот вели дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се (алинеа 1) „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со уаставо“, тогаш – што? А член 44 алинеа 1 од истиот Устав тврди дека „Секој има право на образование“, значи без исклучок, плус дека (алинеа 2) „Образованието е достапно на секого под еднакви услови“, тогаш – која и каква е пораката на власта преку министерчето? Дека тој / тие одлучуваат што значат „достапни“ и „еднакви услови“? Ако вака екстензивно почнеме да го толкуваме Уставот, особено во доменот на основните човекови права, каде ќе стасаме, и ние и оваа власт? И, бидејќи се избори, и бидејќи во РСМ има околу 50.000 таканаречени „антиваксери“, што мисли власта дека ќе се случи во вториот круг на претседателските избори? Или, како и обично, кај нас законите се над Уставот?

Но, да не заличам и јас на „Лејди Гога“ (Кокаланов) во однос на правото и правдата, ама ако јас, како тотален дудук за правото можам да ги видам овие нешта, замислете што се’ може да согледа сериозен правник. Но, понатаму, а бидејќи веќе ја спомнав „Лејди Гога“, уште еден пример на целосно неадекватно толкување на нашите културни вредности е третманот на т.н. „Шарена револуција“ во претседателските изборни препукувања. Зашто, ако Македонија во последниве којзнае колку децении имала сериозен, автентичен културен производ кој светот го признал како таков, тоа без поговор е – „Шарената револуција“. И навистина зачудува потценувачкиот, дури понижувачкиот став на едниот од претседателските кандидати кон ова (културно) движење. Зошто? Зашто таа не била дел од тоа движење, зашто не умеела да ги препознае неговите вредности, зашто тоа се измолкнувало од нејзините (сепак) ограничени светогледи (барем во културна смисла) … ? Таков гаф – што е несоодветен збор, зашто всушност станува збор за типично (македонско) академско игнорирање на она што не се разбира – е неспоив со еден универзитетски професор, а особено таков кој пледира на функцијата претседател на држава. А нејзиното одбивање да се сретне со претставниците на „Шарената револуција“ е простаклук пар екселанс, што ќе ја чини „госпожата“ барем неколку десетици илјади гласови! Зашто, повторно, ние лично можеме да мислиме за тоа движење што и како сакаме, ама нашето (лично) мислење не е секогаш релевантно. Да се разбереме: „Шарената револуција“ е културен „проблем“, паралелно со сите други негови атрибути, особено политички. Тоа движење, имено, започна како граѓански отпор контра тогашната власт, полека прерасна во културно движење, но заврши (и) како политички отпор преку вклучувањето на опозициските политички партии (главно СДСМ), што не го сметам за негативно. Ама, ако сте запнале да ги негирате придобивките (глупав збор!) од „Шарената револуција“, ако навистина го немате тој битен сенс да одделите што е што, што е вистина а што лага – а „Шарената револуција“ беше дефинитивна вистина, и вредност – тогаш навистина немате право да говорите ни за право и правда!