Monthly Archives: June 2014

ДВОЕН ИДЕНТИТЕТ

или

МАКЕДОНСКИОТ УМЕТНИК ДЕНЕС

1.

Македонската културна и уметничка сцена и не е така здодевна како што се чини. Можеби не пружа баш доволно културни и уметнички содржини во вистинската смисла на зборот, нешта од коишто, логично, би се очекувале  естетски задоволства, ама затоа има едно чудо соодветни компензации податни за социолошки, културолошки, некогаш филозофски набљудувања, подеднакво предизвикувачки – или, добро, можеби не баш толку – како и чисто творечките, естетските. Зашто ние, под диригентската палка на Министерството ни за леб и игри почнавме под култура да подразбираме се’, дури и некултура, а уметноста одамна ни е заглавена на крстопатот помеѓу лошиот вкус и шарлатанството.

На пример, нашево Министерство успеа, со сесрдна помош на разноразни „експерти“, во името на културата и креацијата да ни поттури дури и мостоградби, огради, „споменици“, успеа да ни наметне „креативни“ хоризонти од Табановце до Дојран, „проекти“ од типот „Душата како слика“ или „Поглед низ пресеци виа поглед кон мојот идентитет виа визуелноста на просторноста на квантумот виа“ итн. Впрочем, целата нивна годишна програма, за која и да е’ година, е „креативен“ егземплар на невидени ступидарии. Но, тоа е веќе елаборирана тема и како никој повеќе и да не очекува нешто подобро?!

2.

Но ако државниот орган надлежен за културата, со силата на овластувањата може (неказнето) да наметнува таква (не)култура, уметничката сцена, по дефиниција, би требала да биде послободоумна. Иако не е. Зашто и уметноста е во извесна смисла производ на времето, што ќе рече дека општествените (не)услови, милјето, диктира одреден „вкус“, „естетика“, светоглед. Иако ова што се случува кај нас тешко би можело да се подведе дури и под карикатуралните облици на спомнатото. Но сепак, уметниците се тука, институциите исто така, се случува некаква уметност, или „уметност“, низ јавните отворени и затворени простори, се трошат јавни средства …

Последниве години јавната уметничка сцена во Македонија регистрира неколку битни (и загрижувачки!) карактеристики. Прво, и многу пати до сега констатирано, е очебијно ограничениот избор на уметници. Македонија како да спадна на неколку имиња – што познати, што непознати – кои секоја божја година ги гледаме низ скопскиве и македонскиве галерии и музеи, во разноразни релации и корелации. Им здосадија и на Господ и на луѓето!

Второ, збунувачка е неразбирливата апстиненција на цела една плејада сериозни македонски творци. Односно, поимот апстиненција е можеби несоодветен, зашто има, веројатно, повеќе причини за нивното отсуство од јавната сцена: самоопределба односно решеност да не се учествува во актуелните валкани „уметнички“ игри; безмилосна партизација и негативна селекција секојдневно спроведувана во Министерството за култура, а особено рефлектирана низ годишните програми; можна творечка депресија итн. Зашто, повторно, уметниците се тука, ниту заминале ниту пак планират да заминат (барем не помладите!), ги има – а како да ги нема. Но, тоа не е случај само со уметниците! Нашиве актуелни културтрегери влијаат не само на можните нарушувања на уметничкиот / творечкиот капацитет, туку и на човечкиот интегритет во целина.

3.

Но третата битна карактеристика на македонската уметничка сцена денес е некако најдоминантна и едновремено најконтроверзна. Не можам да најдам соодветен пандан ни во светот, ниту пак во познатиот и со уметноста поврзан вокабулар, иако најблиска би била определбата како двојство, паралелна егзистенција, двоен идентитет … Или двоен морал? Има и други поими што во извесна смисла и подобро би ја опишале појавата, но некои се и навредливи, а целта не е некој да се почувствува навреден.

Иако првичната импресија доаѓа од скорешното отворање на овогодишното „Скопско лето“ – манифестација што вртоглаво паѓа удолу, а само плакатите им се секоја година подобри – сепак кога човек подобро ќе размисли ќе види дека голем дел од луѓето, всушност, секојдневно ја живеат таа состојба. И тоа нема врска со познатите дефиниции на дуализмот и слично, туку едноставно на два не спротивставени туку коегзистентни идентитети кои одговараат на различни прашања. Односно, на исто прашање одговараат различно, во зависност од ситуацијата, опортуноста, околината итн. Оттука и гледате едни исти идентитети како се однесуваат сосема спротивно на нивното прво (или второ?) „јас“. Таквите, главно неочекувани пресврти, во првиот миг создаваат забуни, но потоа навикнувате и дури ги очекувате „en garde“.

ФИЌО

4.

Оттука и бомбастично најавуваниот „проект“ за свеченото отворање на „Скопско лето“, наречен „Мо(ну)мент“ на еден македонски скулптор, некако се трансформира во визуелен пример на двојниот идентитет. Зашто, прво, едно „фиќо“ искачено на неколку метри височина и наречено „Мо(ну)мент“ дава материјал за недоумици во минимум неколку насоки. Односно, првичното можно откривање на неколкуте можни слоеви на интерпретација на проектот, понатаму тешко или никако не можат да се вклопат во една целина. Или, ако можат, целината е, најблаго речено, нејасна.

Прво, некому ова може да му изгледа како пријатно „монументално“ освежување споредено со сето она што може да се види во најстрогиот центар на Скопје, а коешто исто така се подведува под поимот монумент(и). Но овој (клучен) аспект сепак ќе го оставам за крај.

Второ, кога го читате „објаснувањето“ за овој проект, дека, на пример, „станува збор за комплексен објект, со огромни димензии (5.500 х 3.295 х 2.250 мм!?), со скулптурно-механички систем, електронски софтвер што овозможува движење на објектот …“ и слично, се’ уште немате точен  впечаток за каква тоа „комплексност“ се работи. Односно, не знаете дека тие „огромни димензии“ се однесуваат на неколку долги греди на коишто е искачен објектот – „централниот елемент“ во ликот на „култниот автомобил ’застава 750’“! И што? Ама „фиќото“ се врти. Така де, и што?

Понатаму, (со извесна тешкотија) можеме и да прифатиме дека ова е некаков монумент, пред се’ на еден ретро редимеид објект оваплотен низ „школката“ на некогаш популарното „фиќо“. Но, дали е ова сатира на монумент, критика на монументот како поим од денешна (македонска) перспектива, или е навистина замислено како некаква лично доживеана монументална / споменичка метафоричка форма? Или е нешто сосема – трето? Зашто, едновремено, во најавата за проектот, на пример, се потенцира и неговата „мултимедијалност“, овде за жал сведена на еден монитор со (алузии на) претстави на движење. Дали во тоа се исцрпува мултимедијалноста на проектот, во видеото? Во онаа видеопроекција, што наводно е тесно поврзана „… со значењето и со толкувањето на поимите движење, простор и време“? И од кога тоа „фиќото“ стана симбол за брзина?

5.

Оттука, повторно, останува отворено прашањето дали замислениот концепт е единствениот начин денес да ги означиме и протолкуваме поимите „ движење, простор и време“. Зашто нишањето на едно „фиќо“ искачено на височина од пет метри тоа сигурно не е. И тоа некој требал да му го каже на уметникот. Но останува отворена и наводната мултимедијалност на проектот и очигледните посакувани ефекти. Меѓутоа, „уметноста“ на таквите ефекти е дамно мината работа, дури и кај нас. Иако ја гледаме одново и одново. И изгледа дека владее мислењето дека со ефект се постигнува – ефект. Не, напротив, тоа функционира само како контраефект. Дали ќе беше (подобар) ефект ако наместо „фиќото“ видевме еден од новиве двокатни автобуси на таа височина? Можеби, иако лично се сомневам.

И понатаму, проектот си има цела низа проблеми со себе и околу себе, од идејата, насловот, преку „експликацијата“ и посакуваните ефекти, очекуваните метафори итн. Човек просто не знае што гледа, а што треба да види. Ако пак кон тоа го додадете и „објаснувањето“ со спинот како можен лајтмотив – неговите општествени, културни или дури филозофски аспекти – тогаш работите целосно се комплицираат. Односно, навистина, каква врска има сето ова со – спинот?

На крајот, дури и под претпоставка дека сето ова има некаква „смисла“, дека можеби можеме да ги склопиме дијаметрално различните „приказни“, посакуваните и постигнатите ефекти, резултатот изгледа прилично сиромашно, некако грубо и недоправено, па и грдо. Далеку и од „убаво“ грдото на скулптурите на еден Сезар, или на некои други трансформации на автомобилите во „уметнички“ цели. Од Наневски сме навикнале да гледаме многу подобри нешта!

640px-Споменикот_на_Димитар_Поп_Георигиев_во_Скопје

6.

Сепак, остана неодообјаснет првиот контроверзен аспект на овој „монумент“. Имено, ако подобро се загледа просторот – што и не е така лесно – на централниот скопски плоштад, некаде пред некогашната Народна Банка, сега нејзина (прилично успешна) ре-креација како објект на „Македонски телеком“, стои еден прилично неугледен споменик на револуционерот Димитар Поп Георгиев – Беровски. Зборот „неугледен“ не го врзувам стриктно за уметничките / занатските квалитетите на споменикот, туку за физикусот, локацијата и другите аспекти на истиот. Односно, за жал, споменикот на револуционерот Димитар Поп Георгиев – Беровски е:

Прво, поставен на лоша локација, зашто огромниот објект зад него целосно „го јаде“ и го прави минијатурен наместо монументален (што, претпоставувам, била идејата на авторот).

Второ, објектот и споменикот се толку различни по концепт / идеја што,  едноставно, дури и не сакајќи, се спротивставуваат, на штета на споменикот.

Трето, споменикот е прилично неинвентивно замислен, фигурата е неприродно вкочанета, го држи знамето како да носи стап за бркање птици, ликот на револуционерот е прилично проблематичен (од аспектот на познатите фотографии) … недостасува револуционернаили каква и да е’ друга експресија, можеби извесна доза патос (којшто го има отповеќе кај другите спомнеици!), итн. Ако пак некому би одговарало да биде седнат на коњ, тоа сигурно бил Поп Георгиев Беровски, а не Карев, или Делчев или …

Четврто, она што единствено ги потенцира уметниковите скулпторски умеења / вештини е релјефот на споменикот – еден и единствен пристојно / занатски конципиран и реализиран релјеф во целана збирштина споменици среде градов.

Петто, Поп Георгиев Беровски има далеку подобар (како концепт) споменик во Берово (за жал не го знам авторот), па оттука е нејасно кому и зошто му требал и овој, на скопскиот плоштад?

7.

Автор на споменикот е истиот уметник на „фиќо мо(ну)ментот“, што кај луѓе кои тоа не го знаат може да предизвика сериозно неверување. Но, неверување во – што? Во тоа дека еден ист уметник може да биде автор на двете дела? И токму тоа е, конечно, поенатата на потенцијалниот двоен идентитет на македонскиот уметник денес, особено изразен во т.н. проект „Скопје 2014“.

Зашто не е само овој уметник туку, на пример, безмалу целата професорска „елита“ од Факултетот за ликовни уметности, па некои „џокери“ упаднати од страна, меѓу кои и многумина кои тешко можат да се наречат уметници. Ама овој може, па и некои од другите.

Многумина ќе речат дека тоа воопшто не е чудно, дека овде станува збор за конкурс односно нарачка, дека уметниците отсекогаш работеле по нарачка итн. Многу малку од тоа е точно, особено денес. Зашто, на пример, конкурс и нарачка се две различни работи. Но и да не се, а ова да се случувало два-триста (или богами повеќе) години порано, можеби и ќе беше разбирливо. Иако и тогаш уметникот негувал нешто што се вика – стил. Ама денес, дури и по нарачка или на конкурс, еден сериозен уметник толку да се „трансформира“, дури во своја непрепознатливост, е неразбирлив потег. Без оглед што нарачувачот, кој и да е’, барал / пропишал (ако воопшто барал и пропишал!?) одредени насоки според коишто сака(л) споменикот да биде изведен. Ако завршеното дело е до таа мерка непрепознатливо, односно крајно различно до спротивственост на сето она што уметникот претходно го сработил, тогаш некаде има проблем. Ако неговото дело безмалу по ништо не можете да го одвоите од шумата на другите – или, во случајов, можете ама само по квалитетот на релјефот – и ако сите споменици во овој смешен „проект“ изгледаат идентично, со исти постаменти, со ист концепт на релјеф, и сите како да се изработени од една иста рака, тогаш повторно има некаков проблем, некаде! Во најмала рака тоа е проблем на идентитетот, но и на други нешта. За нив, во следната прилика.

ЛУДИЛОТО, СЕ РАЗБИРА, ПРОДОЛЖУВА

1.

Лудилото, нормално, продолжува. Дури, мислам, дека никој и не се сомневаше во тоа. Освен некои, можеби. Како Жерновски, на пример. И ако воопшто постоеше / постои некакво, какво и да е’, „објаснување“ за сето она што под лажната фирма „спомен – обележја“ го гледаме низ централното градско подрачје, денес веќе не постои. Дури и ако некои, своеволно или преку (партиска) сила / принуда, ваква или онаква, сакаа да поверуваат дека, еве, државата се сетила на македонските револуционери и решила да ги овековечи, па дури и нека е преку лажната фирма „спомен – обележја“ што денес ги гледаме низ Скопје, сега веќе не веруваат. Зашто ако Делчев и Груев, Гули и Карев, Ченто и едикојси, па нека е и Аце Македонски, се имиња кои лесно можат да му се продадат на народот гладен за митови за неверојатно скапи пари, не знам кој навистина би поверувал дека некакво Панорамско тркало е во истиот патриотски дослух со спомнатине.

Зашто еве, и тоа морало да се гради, без него Скопје не ќе било тоа што некои го замислиле. И ќе се гради за фантастични 17,5 милиони евра! Градов има тооолку многу пари што не знае што да прави со нив. И ќе ги фрла на Панорамско тркало, на коешто дневно ќе се истркалаат десетина- дваесет луѓе, па нека и сто, и ќе видат – што? Ќе го видат ли новиот крст на великопатриотот и светски македономаченик Тошица звани Петров? Ако не, џабе им се милионите евра!

2.

Ама верувам дека ќе може да се види и тој крст. Како и некој друг, некаде, што допрва треба да биде подигнат. Оној на Водно секако се гледа, некогаш како половинка, некогаш како четвртинка. Соодветно на „религиозните“  чувства на патриотиве.

Но не ми е тоа муабетот. Едноставно, не можам да (си) најдам објаснување зошто? Зошто некој би намислил да гради такво тркало среде градот, веднаш до Камениот мост – што ќе рече да го нагрди единствениот вистински симбол на градот – и каква функција ќе има тоа? Дали, можеби, градското собрание ќе држи седници на тркалото, онака вртејќи се? Во или во обратен правец од мајката Земја? Зашто и тоа е битно за карактерот на нивните одлуки. Досега се вртеа обратно од цел нормален свет. Ќе видиме понатаму.

Или ќе им служи како извидница на советниците, да го контролираат градоначалникот дали навистина ги извршува сите градежни работи во градот? Или можеби ќе се вртат на тркалото кога ќе бидат на пауза? Да се релаксираат, бесплатно, сосе семејствата им, зашто тие го изгласале. Нивно е. Па онака, на височина, да им се избистри умот, да ги фати ава. Или едноставно сакаат бре брате да си ги видат селата, можеби и самите куќи и дворови, од каде што дошле да ни го упропастуваат градот?

Или сето тоа е наменето за владини потреби, ама со слични функции? Односно, тие да држат седници на тркалото, од каде што министеро’ за администрацијата ќе ги надгледува институциите, а она помпезноно министерче за надворешни работи ќе може директно, што ќе рече – визуелно, да комуницира со Брисел? А може да пушти и некое гулабче, ако им е при рака, за да не арчи пари за авиони!

ПАНОРАМСКО ТРКАЛО

3.

Шегата на страна – иако изгледа само таа ни остана – никој, никогаш, дури ни сега, не (по)нуди какво и да е’ образложение кому и зошто му е потребно Панорамското тркало. Каква функција, освен забава, ама зарем само до забава ни дошло, ќе има ова лудо тркало, каква е неговата „проектна“  одржливост, ќе се (само)исплати ли некогаш, и кога, и како, и дали има некакви предвидувања дека ќе привлече туристи и зошто тие туристи би дошле овде а не би отишле во Лондон, на пример, или во Дизниленд, или во Њујорк, за да го видат најголемото вакво лудо тркало на светот?

И зошто никој не се потруди да ги извади пред микрофони и камери, односно пред јавноста, сите оние градски советници – почнувајќи од „филозофон“, па „историчарон“, па сите до нив – кои креваат рака за ваква будалаштина и директно да ги праша зошто го прават тоа? Имаат ли тие лично некаква полза од тоа, или само така креваат рака? И по чија директива, или онака, самоволно? На жими мајка. Веруваат ли во полезноста на тоа тркало за градот? Мислат дека се’ во овој град ни е по мерка, па ни фали само тоа чудо? Дајте да ги видиме тие „мудри“ глави кои сметаат дека седумнаесеттина милиони евра треба да се потрошат токму на тоа тркало!

А всушност, без оглед дали ова нашево лудило ќе го крстиме Шизнилед или Дизниленд, Лас Вегас или Едно Гооолемо Ништо, време е некој компетентен да излезе со јасна и прецизна дијагноза за нашиве состојби. Дали тоа некој лечи некакви комплекси, од детството или од младешките години, немал ли доволно играчки да си игра па сега за играта му треба цел град, има ли тука место и за други патолошки истражувања или сето ова има некаква друга цел и позадина? Нема ли во државава компетентни стручни лица од тие области кои би ни го објасниле лудилово што ни се случува? Ако нема, како што изгледа дека нема, ете првиот ни доктор, министерот Тодоров, не’ здружува со (вели) најпознатите болници во светов, па не можеме ли од таму да побараме помош?

4.

Ако пак, од друга страна, на сите, или на повеќето, им е горе-долу, дури и без прецизна дијагноза, јасно што е ова што ни се случува, како е можно на еден умен млад човек како Жерновски тоа да не му е јасно? Ако наоѓаме разбирање – вакво или онакво, главно патолошко – за сите оние што седат во советничките клупи во Градот и упорно креват рака за вакви идиотизми, за него такво разбирање не може да има. И колку и да го штедат оние малку нормални медиуми, тоа прашање останува отворено.

Зашто, од каде воопшто идејата за некаков референдум за самопрогласениот проект „Скопје 2014“? Да не е тоа идеја на онаа Роза? А дали истиот самонаречен проект беше изгласан на референдум, па сега е потребна идентична постапка за да се анулира неговата катастрофичност по Општината, и градот во целина? Ако имало нешто такво, можеби јас сум го преспал, ама некој ќе ме потсетеше. Ќе ми кажеше дека на референдум сум / сме гласале за ваков град! И впрочем, ако веќе запнал, Жерновски имаше референдум. Не еднаш туку три пати! Зашто точно толку пати жителите на Општина „Центар“ го гласаа, односно се изјаснија дека не сакат веќе да го трпат оној „Тинекс“. Рекоа дека сакаат некој друг, некој нов, кој ќе ги куртули од такви да-не-речам-што. Зарем тоа не беше токму референдум? И зарем тој референдум, посредно или непосредно, не значеше глас на јавноста односно отворен налог за новиот градоначалник да се „погрижи“ и за оние кои му го сместија ова на „Центар“? Или – и за тоа ќе ни треба нов референдум? И уште колку референдуми ќе ни требаат за секоја будалаштина што му се случува на градот, и на државава? И уште колку студии, анализи, истражувања … ќе бидат потребни да се заврши сиот овој циркус, а оние што ни го сместија да се најдат на соодветните места?

ЕДНА СЛИКА – ЕДЕН ЗБОР!

1.

Секогаш сум бил прилично скептичен кон онаа познатата „една слика – илјада зборови“. Добро, знам дека е метафорична изрека, една од оние умни изреки што целат да подучат, да пружат практична или дури етичка насока, или скептично да искоментираат, итн. И животот ни е (пре)полн со такви мудри изреки, малку како народно / фолклорно наследство коешто низ искуството упатува на некои животни вистини, малку пак како новокомпонирани умувања коишто уживаат да се претставуваат како „принципи“ или „непишани правила“. Дури и „закони“, оние од типот на Марфи.

И сето тоа е прифатливо. Ако, на пример, треба некому да му ја опишувате ситуацијата како Марадона им дава со рака гол на Англичаните и на Аргентина понатаму и ја носи титулата светски првак во фудбал (1986), тогаш подобро покажете му ја фотографијата. Пред некој ден повторно ја објави CNN. И се’ е таму, нема што да објаснувате. Или, што се’ би требало да кажете за да приближно задоволително му опишете некому некое уметничко дело? Еве, нека биде „едноставната“ и популарната „Мона Лиза“ од Леонардо. Или некој објект? Цели приказни, и повторно не е сосема сигурно дали „описот“ ќе бидете соодветно добро разбран. Зашто ние дефинитивно живееме во век на сликите. Толку навикнавме на присуството – да не речам командувањето – на визуелните претстави, што животот без нив веројатно би ни бил пекол.

2.

И сето тоа е ок. Уште Барт (Barthes) прекрасно ни ги објасни врските помеѓу „сликата“ и „текстот“ низ процесот на елаборација и илсутрација, денотација и конотација, итн. Во 1977 година тој опишува една фотографија на Претседателот на САД Џон Кенеди, неговата поза, положбата на рацете и слично, констатирајќи ги конотациите на „младост, духовност, чистота“. Ама, сепак, со не повеќе од триесетина зборови!

Значи, може и со помалку зборови. Па оттука, каде е задолжителниот  сомнеж во посочената изрека? Дали навистина се „сликите“ толку говорливи – како илјада зборови – или тоа може да се сведе и на помалку? Прво, дури и како метафора, зошто баш илјада зборови? Зошто не се две илјади, илисамо сто? Или тоа е некакво стриктно заокружување, некој можеби, некогаш, пресметал дека отприлика толку зборови би се „потрошиле“ за една добра „слика“ односно фотографија. Меѓутоа, добриот стар Интернет упатува дека малку по лансирањето на оваа оригинална изрека во 1921 година, Бернард (Fred R. Bernard) во 1927 година ја лансирал и втората, модифицирана изрека дека „една слика вреди десет илјади зборови“! Е сега, колку се навистина: илјада или десет илјади? И повторно – зошто не двесте?

И за да не останеме во темнина во врска со бројот на зборовите што ги заменува една „слика“, некој што се вика Блеквел (Alan F. Blackwell), а врз основа на различни истражувања на мислите / мислењето, утврдил дека една слика вреди / се објаснува со 84.1 збор! Сосема доволно?

3.

Она пак што мене овде ме интересира е токму обратниот процес, односно ситуацијата каде толку многу зборови – нека се и 84.1 – се премногу за одделни „слики“. Зошто човек да троши толку зборови? Не дека чинат пари, ама чинат време. А времето е пари. Ако ништо друго, времето може попаметно да се искористи. На пример, за прошетка низ центарот на Скопје и обидот да се откријат „дилемите“ на градоначалникот Жерновски во врска со спомениците. Но тоа е друга, подеднакво тажна приказна.

Значи, дали секоја „слика“ / фотографија заслужува илјада зборови? Или нека се и 84.1? Ние сме преплавени со „слики“ што не заслужуваат ниту еден збор. Или само еден, најмногу. Ама ударен!

На пример, последниот циркус со „стручњацине“ од Музејот на македонскиот хорор. Сите по ред, од директор, преку кустоси, па историчари „консултанти“, до „експертон“ за театарска сценографија, кој преку ноќ станал и „стручњак“ за музејски поставки. Вакви, маалски, ама сепак поставки. Додуша, и ова „музејов“ не е многу поарен од селски театар, ама ајде. И сега, ај што краделе – краделе, ај што лажеле – лажеле, ама сега сите се прават мутави пред Словенецот. Ко мали деца: кој, јас, немам појма, ништо не знам, никој не ни се јавил …! А кој треба да ви се јави? Па вие сте краделе, вие треба да е јавите. Но кражбата – зашто објективно станува збор за кражба, онака најдрска, најпримитивна – дури и не е она најстрашното. Најстрашното е што тие појма немаат што направиле. Тоа се такви незналици, такви тутурутки што за нив светот е нивното маало. Од портата до плотот, се’ друго за нив е terra incognita! И таму се’ е дозволено. И ќе има ли еден, барем еден, од она Министерствоно па надолу до „музејот“, да рече: ајде бре луѓе, не не’ бива, дај да си одиме дома!? Или одете барем на нива, садете пипер, домати, може за тоа ќе ве биде зашто за ова ама баш никако не ве бидува!!!

IRVIN 2

Но зборот беше за фотографијата. Онаа којашто го прикажува „интелектуалецот“ Богдановски, седнат на масиче, со хартии пред него. А позади него плакатот на IRWIN во двобојна варијанта. И среде „слика“, онаа на IRWIN – хидрант! Онолкав, безмалу метар на метар. И сега треба да се трошат илјада или 84.1 збора за да се опишат идиотите кои можеле ова да го направат. Сите до еден, од Министерството па надолу?

4.

И втората „слика“ е, изгледа, поврзана со фамозниов „музеј“. Фотографијата ја објави порталот Plusinfo – они всушност имаат рубрика „Една слика, илјада зборови“ – а прикажува како едент.н. pickup, среде скопсково невреме,развезува една огромна слика со македонски револуционери. Pickup-от, нормално, отворен, сликата изврзана со јажиња – вози Мишко! И тие од „музејот“, повторно, не се сигурни дали станува збор за нивна слика, навистина „деновиве пристигнале нови уметнички (sic! м.з.) слики за потребите на Музејот“, ама дали е баш и таа нивна не знаат. И уво не ги боли што новинариве уствари ги провоцираат, се мајтапат со нив, до толку не им дотекнува. Кај нив веројатно е нормално делата (ајде, подобро, „делата“) така да се транспортираат.

PICK UP

И сега пак ли да се трошат илјада зборови за да се опишува „сликата“ и „позадината“ на целата приказна? Да се трошат зборови за „уметникот“ кој дозволил вака да му го транспортираат делото? Или знае(л) дека тоа, сепак, е – „дело“? И пак да се говори за стручноста на „музеалциве“? Или е доволен само еден збор? По личен избор. Мој предлог е – шарлатани!

5.

И третата „слика“ не е подолу од првите две. Дури е, можеби, повпечатлива, посугестивна. За неа можат, ако човек запне, да се потрошат и десет илјади зборови. Една цела магистерска теза насловена „Македонија денес“.

„Сликата“ сведочи за откривањето на „бистата“ на Александар Македонски пред истоименото ушилиште во Аеродром. Покрај сите будалаштини, сосе Аце натопорен ко на буре и тргнат пеш некаде, кон Индија можеби, објективот на фотографот се свртел кон неколку дечиња преправени во потомци на македонската фаланга. Комплетирани со „шлемови“, „опрема“, копја … жив грев. И појма немаат што им се случува. А околу нив цела онаа булумента наставници, директори, градоначалници, веројатно и родители … И ракоплескаат, и се смеат. Кому? Себе си или на своите деца?

Прво прашање: зошто тие не се облекоа така, на чело со директорот, па наставниците, до градоначалникот и министерот (сосе бакенбардите!), сите во духот на Ацета и неговата војска? Ќе ги личеше, какви шупелки се. Второ, има ли закони во оваа држава против вакво малтретирање на деца? Трето, кои и какви се тие родители кои допуштиле вакво тормозење на нивните деца? Четврто, каква слика дава оваа „слика“ за Македонија: театар за имбецили, малолетен циркус, лудница …? И зарем и за ова би требало да се трошат илјада зборови? Иако, за ова, како што реков, вреди некој да седне да напише магистерски труд од десет илјади зборови, ама и да превитка лист и да достави тужби до надлежни органи. Зашто на нив, на надлежните, такво нешто не им дотекнува. И тие се пациенти во лудницава!

ДЕЦА ФАЛАНГА

LA COMMEDIA (NON) E FINITA!

1.

„Comedia della finita“,„Царот е гол“, гневно пцуе (на бит-пазарски латински!) Каранфилов во „Вечер“ по своите бивши газди. Изгледа многу му згрешиле? Или веќе нема што од нив да молзе, па си најде нови? Којзнае! Но греши, комедијата се’ уште не е готова. Последните чинови се играат „во живо“ на новокомпонираната „антиквестациска“ македонска сцена и полека се трансформираат во – трагедија. Зашто тоа обично така бидува. Ваквите комедии по правило завршуваат трагично. А со нив и ние. Освен онаквите како Каранфилов и компанија. Тие секогаш се во ќар. Вечни (пластични) цвеќенца? До кога – ќе видиме.

Иако, всушност, знаев(ме) дека добиеното мора да се плати. Она (фалшиво) злато и домородечки стакленца во театарот „Александар I Караѓорѓевиќ“ мора(ше) да се отплати. На овој начин, или на некој друг! Можеби ќе им ги простат „каматите“? Или просторон среде град, што го добија од бившите газди?

Ама, всушност, ваквиот тип на пцовки – во покултурна или во онаква простачка како на „цевеќенцено“ – зачестија. Сакаш од Роза (пак цвеќенце!) која повлече нога, сакаш од „крвавана“ Солза, до онаа Љуби(чи)ца – аман од овие цвеќиња – која нон-стоп ја пуштаат како се гушка со Заев пред Собрание. Друже Заев, љубичице бела. А кога ќе изгаснат камерите – трас, не си играм повеќе со вас.

Ама не се оние криви. Кога овие од СДСМ примаат и шуто и рогато. Ама главно шуто. Види се из приложеног. Ај што ги примаат, па уште и на листи ги ставаат, одма ги кооптираат во централни или не знам какви одбори, ги побудалуваат со пари, и после – трт! Овие им ебаваат мајката. Е па, кој ви е крив.

Pagliacci_Original_Score_Cover

2.

И нормално, не е проблемот во розите и каранфилчињата, или розите и солзите, или каранфилчињата и љубичиците … Се’ е тоа, да простите, исто онакво. Цвеќиња без мирис, да не речам со смрдеа! Но, држава од нив не пропаѓа, ниту пак се збогатува. Ама, ко за беља, сите се од оној сектор што некогашните марксисти го именуваа(т) како надградба. Сакаш култура, сакаш образование. Све „интелектуалци“ од типот „др’ж ме мајко“! Или оние во СДСМ така ги гледаа, а сега им се оди во земја да пропаднат.

И како ниту еден од онаа „проста“ раја не се кандиса на таква еквилибристика. Сите оние нормални луѓе со секојдневни занимања, од земјоделци до службеници, како никој од нив не рече: абе кој ви е.. матер, мене ме избрале граѓаните, јас си останувам во оној т.н. Парламент да се борам за нивните права? Како тоа само ова „надградбава“ се смета за избрана од граѓаните и способна да ги одбрани, онака сама, нивните права? А и кој ќе не брани, цвеќиња без мирис. Благодарам, барем мене таква одбрана не ми треба. Особено не од „пратеничкиве“, но и од типови како машконо „цвеќенце“ кое ни порачува дека „Македонија е мала држава, но во неа има доволно место за сите што искрено ја сакаат и се спремни да допринесат да се изгради еден заеднички, поубав и подостоинствен живот …“. Апсолутно се согласувам. Еве јас искрено ја сакам оваа „мала држава“. Ќе ми даде ли „цвеќенцево“ половина од нивниот простор, среде центар, да си отворам пиљара, не мора книжара(за да не им бидам конкуренција), па да можеме да продолжиме заеднички, поубаво и подостоинствено да живееме? Или политиката „грабни и бегај“ за да живееш поубав и подостоинствен живот, макар и сам, важи само за некои?

3.

И не е ова прв пат, ни последен, и стално го гледам(е) истото, во различни варијанти и со различни смрдливи цвеќенца во нашите вазни. Прашањето е: ќе има ли крај? Ќе се куртулиме ли еднаш од такви паљачовци во главни улоги, од крлежи кои постојано демнат каде да се закачат, од луѓе без чест и образ, од умислена „надградба“ со џебови ко вреќи …?

И како тоа само такви типови имаат „проѓа“ во овој систем? Како е можно само такви персони да виреат на ова тло, а нормални и чесни луѓе да не можат да состават крај со крај? И сите се гледаат како пратени од Господ на ова парче земја, токму тие да го јаваат народот и да товарат додека не пукнат? Нереализирани шушумиги кои во друга средина не би можеле ни „а“ да кажат? Како тоа они „крвареле“, па сега некој мора тоа им го плати? Па ни Лана веќе не ви верува! (Апропо, Лана е внука ми и има само осум месеци!).

LANA

И ми се допадна онаа „партизанкана“ со споредбата на Македонија со видео игра. Прво, тоа бре брате покажува дека и таа такозвана новинарска фела се модернизира. И технолошки и лингвистички. Кај сте можеле порано тоа да го чуете? Сите пишуваа (и говореа) за крчми или меани, за калдрми и сокаци, за катиљ фермани и слични типично балкански нешта.

И второ, во видео игра мора да имаш брзи и спретни прсти. Одлучно и во миг да реагираш, инаку си готов. И, богами, некои се очигледно вешти во играта: имаат и брзи и спретни прсти, а реакциите им се молскавични. Се претстројуваат дури кажеш „кекс“!

Само што ова мене никако не ми личи на видео игра. Далеку сме ние од тоа. Ова дефинитивно заличува на некоја античка трагедија со сите можни заплети и отплети, со интерпартиски илити инцестуални и други сексуални врски, со садо мазо елементи (како модернизирана варијанта на антиката, такозвана „антиквестација“!), со (етнички) мешан хор во позадина којшто го појаснува дејствието иако уствари нема појма што се случува на сцената … А и сценографијата одговара, нели? И како и во антиката, иво оваа наша трагедија ликовите се клоцаат под маса, се влечат за уши и коса, си подметнуваат, се пцујат … Само што нашиве глумци се очајни. И не случајно во антиката сите улоги ги играле мажи. Гледајте ги жениве, а видете го она мажиштено каранфилче. Не се споредуваат во квалитетот, елоквенцијата, трансформациите, итрината …!

4.

И ако античката (не смеам да употребам „грчка“, да не биде дека ние сме ја измислиле и трагедијата, којзнае што уште може да му падне на ум на Сарајлија!) трагедија (според Аристотел) потекнува од игрите посветени на Дионис односно од „песните на козите“, кај нас таа се трансформира во „песни на пратениците и остала булумента“. И глумат и пеат, и пеат и глумат, кој како стигне. Заличува и на Дионизиските баханалии, нели? Зашто влогот не е мал. Кај нашава трагикомична оранжерија станува збор за, богами, сериозни педесетина илјади евра за четири години дремење во Парламентот! Кај машконо каранфилче, не се знае. Ни блиску. Тешко е да се пресмета зашто таму сметките се дееебели!

И како тоа само ние налетуваме на вакви патриоти трансформирани во антички ликови? Каква ли позната и квалитетна сцена е ова парче „мала земја“ кога во неа се навртел целиот белосветски хохштаплерај маскиран во бели антички (не-грчки) тоги?

ШУМ ИЛИ ХИСТЕРИЈА?

1.

Стварно веќе одамна не ме чуди онаа чекоречка збирштина од незнаење што се одзива на многу имиња, меѓу кои ина „Рембрант“ (верувале или не), а е всушност само верна копија на Сима Милутиновиќ – Сарајлија, познат по својата теза дека Мухамед доаѓа од муха и мед. Како што нашиов Сарајлија тврди дека антика доаѓа од – Анти. И се разбира, најновото негово „согледување“: дека Тито бил инкарнација на Александар Македонски!

Навистина веќе не ме чуди тоа измеќарче, ама не можам да се изначудам на оној весник што упорно му ги објавува таканаречените „Мислења“. Зашто, за да имаш мислење, прво треба да умееш да мислиш, што е прилично сложен процес за нашиов лик, ако се има предвид сето она што до сега сме го виделе и особено чуле / прочитале од него. Мислењето навистина е прилично комплицирана работа, којашто бара сериозен ангажман на сивите ќелии, што пак понатаму му овозможува на човекот разумно / рационално да ги поврзува нештата, да ги согледува, коментира и интерпретира … Наводно, овој сложен процес е својствен на секоја единка, ама само теориски. Зашто, можеби, секој може да мисли, ама што ќе – смисли?

Оттука, останува неверојатно како може еден сериозен весник да објавува такви мисли? Како овие на Сарајлија, де! Зашто, извинете, ама некој таму ги чита ли неговите будалаштини? Или немаат такви ингеренции? Добиваат готов список на шутраци кои треба нон-стоп да ги објавуваат, без право на интервенција? Или мислат дека се „покриени“ со онаа стандардна фалшива изјава дека „… не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера“!?

2.

Таквата (ај да не речам каква) „изјава“ само говори дека медиумот нема сопствена уредувачка политика. Инаку, во старт не би објавувал такви глупости, од кои потоа се оградува! Зашто овде буквално станува збор за – глупости! Односно, еве, на пример, спомнатово човече особено внимава да не спомне име или настан, што и да е’ што би можело конкретно да се поврзе со некого или нешто, или да се протолкува како етикетирање, дисквалификација и слично. Кај него секогаш се’ е општо, некои, оние, овие … Иако е сосема недвосмислено јасно – како со име и презиме – која му е целната група.

Но, дали е за еден медиум тоа, и само тоа, битно – да нема навреди, дисквалификации и етикетирање – а да е дозволено да трескате секакви глупости, по што Сарајлија е веќе национален шампион и ненадминат локален лидер.  Во дваесети и првиот век да ја барате Америка на Исток а не на Запад, да ја вртите планетава во обратна насока, во Тито да го гледате  Александар Македонски, на пример, и слични будалаштини?! Тоа, богами, значи дека не сте малку, многу сте!

Дали тоа што уредништвото на читателите на тој начин им сервира искривени тези и „теории“, лаги и паралаги, современи налудничави митови за некоја нова „топла вода“ … дали тоа денес се вика современа уредувачка политика?

Зашто, извинете, ама „теориите“ што најчесто ги читаме од нашиов стрип лик не се само искривени до зла бога, искривоколчени, застарени и надминати, туку се и ступидни. Зарем, инаку, е можно некој денес културата да ја гледа само како археологија, институции, културен туризам и други глупости? Зарем инаку е можно некој да измислува и такви идиотски поими од типот на  „антиквестација“? Или во Македонија да бара „барјактари на глобализацијата“? Или некој кај нас денес да ја открива „неокласицистичката реставрација на македонската историска урбаност (со неколкувековно задоцнување)“? Па знае ли тој, ама и тие што го објавуваат, што е тоа неокласицизам и кога се појавил во Европа? И кога тоа Македонија имала неокласицизам (можеби во Отоманскиот период, или уште порано, во средниот век?), па сега да го реставрира, и тоа со „неколкувековно задоцнување“!? Такви идиотски конструкции на недоразвиени умови ли треба да чита јавноста, и да се чуди? Тоа ли е однос на сериозна редакција кон читателите? Ама важно нема „… лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти“. Па овој не извртува контексти туку  извртува историја, култура, наука! И тоа никако не може да се припише само на лично мислење!!!

3.

Или, ако сакате, како тоа „опозициските медиуми“ – што ли да значи тоа денес – обрнуваат несекојдневно внимание на секоја точка и запирка, да не речам и пцост, на одделни добропознати слугинчиња, а ваму им се шетаат измеќарски розеви слонови низ дневна соба? Е оној бурекџијана рекол ова или она, оној другион опсул или рекол нешто безобразно … и сега сите ајде по нив. Овој овде шамара цела нација, извртува историја и култура, прекопува гробови, етикетира цела македонска интелигенција (или она што останало од неа), и – никому ништо!?

Демек, што: абе пушти го, го знаеме, и така никој не го чита … и слични марифетлуци. Да, ама двајца да го прочитаат, еден да поверува – многу е’! Сме збудалиле човек. Зарем мислите дека малкумина поверуваа дека Музејот на современата уметност во Загреб чинел цели 2 милијарди долари? Колку будали како мене бараа од пријатели во Загреб да проверат колку точно чинела изградбата на Музејот? И дека нашиов минхаузен (јавно) излажа за цели 1 милијарда и осумсто и педесет милиони долари? Случајно?

4.

Инаку, целосно се согласувам со тезата на Фрчковски за исклучување од сеопштиот шум, кој колку може, ако може. Ама ова е бре брате – галама, врискотница, дерњава, што би рекле Србите. Да е шум, се трпи. Ама оваа хистерија пара уши, буши ушни тапанчиња, создава вибрации што демолираат се’ што малку заличува на пристојност. И тоа не смее да остане „да виси“, неутрално,  неодговорено. Заради себе, заради јавноста, заради професијата.

Каков црн македонски неокласицизам, па уште реставрација, па плус со „неколкувековно задоцнување“? И колкаво е тоа „неколкувековно задоцнување“? Три, пет, седум века? Та изгледа ние го измисливме неокласицизмот, па сега го – реставрираме? Како што, впрочем, ја измисливме и Антиката? И да нема еден, само еден архитект од тооолкава збирштина (чест на исклучоците!) „професори“ да стане и да му ги истегне ушите на прволачево? И да го прати во ќош, да клечи на пченка, како што веројатно би му направиле во неговото родно место, зашто ништо подобро не заслужило? Или да се јави онаа „професоркана“ која, уште недопраен,  односно на невидено, го прогласи споменикот на Ацета за „… многу репрезентативно, раскошно и гламурозно замислен“? И никој да гукне? Колегана „професор“ и „автор на филмови“ нема забелешки што нестручно му се мешаат во областа? Или е зафатен со нарачката (каква мизерија!) „научно“ да ја верификува измамата со сликите во Музејот на македонскиот хорор?

5.

Оттука, ние веќе немаме „шум“ туку манијакално надвикување кој повеќе и подолго може. И тоа е главниот аргумент на типовите како Сарајлија, како „професорон“ и остала братија, задолжени за сите шумни фреквенции од областа на културата и уметноста во државава.

Се разбира дека е најлесно човек да се исклучи, да рече – кој ви е.. матер. Но не секогаш едноставните решенија се и најдобри. Мислам дека денес највеќе ни недостасува професионален морал, етика, стручна гордост, интелектуална будност. Зашто, ако не реагираме на професионалните лаги, на стручните измислици, ако интелектуално сме преспале цела една деценија, тогаш како можеме да се наречеме – интелектуалци? Или не се сметаме за такви? Тогаш е ок. Тогаш нека парадираат полуписмени мрсулковци, кој со уметнички кој со професорски значки, нека раскажуваат бајки за гооолемата национална гордост со многу имиња: македонски неокласицизам, македонски барок, македонска реалистичка сликарска школа, гламурозно замислен Аце и компанија …

Но тогаш постојано ќе почнуваме од нула. Како ништо претходно да немало, како никој претходно ништо да не сработил. Ќе доаѓаат и ќе си одат шутраци и ќе држат нивни „предавања“ за „влијанието на гама зраците врз сенишните невени“. И народ ќе слуша, деца ќе учат, студенти ќе полагаат … Лепота!

6.

Еден од извонредните примери во тој контекст е некогашното Министерство за култура, сега престорено во Министерство за леб и игри. Зашто денес културата ја разбираат токму така: како корка лебче за една повластена група слугинчиња и многу игри за народ. И песни. Платени со суво злато. Дури и тоа што Сарајлија тртља дека културата била ова и она, дури ни од тоа нема веќе ништо. Двеста луѓе во Министерството и две илјади во областа пеат и играат по цел божји ден. (Свиреа и пееа дури и кога протестираа, против опозицијата, се разбира). По музиката на еден раштимуван  малоумен оркестар! Џабе се и концепти, и стратегии и не знам какви национални планови и програми што некој, некаде, им ги напишал, кога овие ни ги разбираат ниту пак имаат намера да ги разберат или  применуваат. Тоа веќе не е ни мртво слово на хартија, тоа е мртов слон во бунар. Затнато, загадено до зла бога. Затруа генерации и генерации творци и културни работници со нивното незнаење и глупост, а доајените на македонската култура си свиркаат. И се редат во ред за национална пензија. Во исто купче со Есма и компанија.

За се’ измислија свои (малоумни) дефиниции и правила. И за култура, и за уметник, и за музеј, и за културни индустрии … и „работат“ според нив! И плаќаат, преплаќаат. И никој ни да „бекне“. Оној во струшкион музеј ги чувал експонатите во сеф во банка. Така му било посигурно, а „новинарката“ тоа ни го претставува како епохално достигнување во музејската дејност! Новиот македонскиот холивудски сет покрај Вардар, сосе новиот Археолошки восочен музеј, на секој дожд се полни со вода. Прекинуваат претстави „заради безбедноста на публиката“! Можеби на посетителите во ЗлатниотТеатар со билетот ќе им даваат и костими за капење?

Абе затворете го веќе тоа Министерство за леб и игри, испратете го персоналот на летни земјоделски активности, е тогаш сите ќе бидеме најбезбедни. И можеби духовно побогати, којзнае?

ПОСЛЕДНОТО ИЗМЕЌАРЧЕ НА ГЛУПОСТА

1.

Неколку пати сум се зарекол пред себе дека нема да реагирам на будалаштиниве на служителчињава од различни провениенции, ама пусто, не ти дава. А всушност и би било тотално досадно да ги нема да ми го разубават денот, ако ништо друго да ме насмеат. Сакаш „професоркана“ која пола држава прогласи за социопати, сакаш оној бившион „амбасадор“ и неговите теории за заговор, оној бугаро-македонецот кој не’ продава на Русите или оној писателон кој мудрува за се’ и сешто ама не гледа што му се случува во државата … Ниту пак политиката е којзнае колку позабавна, овака без опозиција како општа заебанција на шуто и рогато и, нормално, дежурен виновник. Можен вид на забава се претстојните заеднички добрососедски славења, малку Св. Климент, малку Илинден … Лисичков предлага заедно да сме славеле и Нова Година. Зошто да не? А 2 февруари?!

2.

Ама, колку и да се инаетам, еден непрежален лик никако не можам да го ескивирам. Колку и да се трудам да не ги читам, уште помалку гледам – особено заради фотографијата – оние негови „од г’з м’кнеж“ умоболија за сликари, за правци, за времето, за заговорите … се’ некако, сакал-нејќел, налетувам на него. А се трудам. Зашто знам дека веднаш почнуват да ме  чешаат прстите, да ми се јавуваат некакви алергии, да ми се крева притисокот – секоја чест на „Скоприл“ – и слични нездрави манифестации. Иритира до зла бога. И знам дека (ќе) морам пак да се (зае)бавам со него, да му посветам макар и минутка од убавиот ми дневен распоред.

А не заслужува. Верувајте, ако другине лесно се подведуваат под поимот слугинчиња, или служителчиња, „служинчад“ шти би рекле Хрватите, овој не може да биде ни тоа. Овој не може да ги врши ни тие работи, не може ни дрва да исцепи, кујна да води, да подзачисти, оган да потпали за него е пресложена операција. Тој е тип од оние измеќарчиња што понекогаш мора човек да ги викне, да му завршат некаква најбанална работичка. Да префрли од овде – таму, пд таму – онаму. Толку им фаќа умот, толку дал Господ. Последното измеќарче на Глупоста!

Но она што навистина ми прави ќеиф е фактот дека почнав на овој новопечен „неоконзервативец“ да му го фаќам ритамот. Точно знам кога прекинува со неговине просеравања наречени „Мислења“ и кога се вклучува алармот за „сериозни“ општоплукачки теми. Односно, како пред очи ми се сцените како, прво, добива инструкции дека е време да се активира, потоа добива конкретна тема, и – се фрла на работа. Како во времето на длабоката илегала, како Тихи и Прле. Не знам точно како ги добива инструкциите зашто, наводно, нема телефон, ама мислам дека сепак има. Онаков, еднонасочен, само со слушалка! Не сум прокљувил уште кој му се јавува. Го виделе, сепак, како кмише пред одделни кабинети, онака измеќарски, ама тоа е од втора рака.

servant-leader

3.

И точно според моите предвидувања, еве ти го Сарајлија како победоносно распалил по се’ и сешто, блуе огнови и отрови на сите страни ко предисториска аждаја. The Game of Trones, година петта, епизода којзнае која. Сарајлија, нормално, во главна улога.

Блуе Сарајлија и по глобалистичките македонски комесари (зарем толку важни луѓе сме имале?), и по некаков „културен пуризам“ (?!), и по „одредени доктрини“ за пасивноста и непродуктивноста … Права војна, пршти на сите страни, растура, каква Козара, каква Сутјеска, ова е борба. И се чуди шутраков како е можнопасивноста и непродуктивноста да се „подобри општествени состојби отколку масовната и френетична продукција на кич  за огромни средства“! И сега некој треба да му го објаснува ова, како на мало (или малоумно?) дете, дека навистина е подобро да не правиш ништо отколку да правиш – штета?!

И според него, овие нашиве „глобалистички комесари“ – божем тие жарат и палат во државава, а не неговата полуписмена гаулајтерска братија – тврделе дека „анахрониот и демоде стил е катастрофа за македонската култура“. Ама за него тоа е само „демек“, зашто тој, нели, верува дека тој и таков стил е некаков национален проект, што ли? И неговото не ти било парадоксално и гротескно, туку таков бил тврдиот модернистички став на нашиве „антиграѓански ориентирани идеолошки групи“. Абе, да ти пукне таквото кога ваков талибан ти продава идеологија! (Ако овој „неоконзервативист“ знае што е мондијализам и глобализам, јас ушите си ги сечам!).

4.

Но она што е новина, илити идеолошка надградба кај нашиов минхаузен, е неговата новооткриена видовитост. Не е јасно дали и таа е инструирана преку еднонасочниот (скриен) телефон, ама овој навистина да ти се умислил видовит. Ко онаа Клеоптра од „Канал 5“. И тресе ли тресе. И прашува каков ли тек би добила македонската култура при некоја нова смена на власта, и веднаш се фаќа за нему (и неговите гаулајтери) најбитното: „што би се случило со ’огромните’ средства што актуелните власти ги инвестираат во државната култура“?  Е па, пак вам ќе ви ги дадат, шапшал ни еден! Да си „градите“ замоци ни на небо ни на земја, или мостчиња со тролчиња, или  нови филмски сетови, па платени и преплатени изложби секоја божја година, нови „злата“ и стакленца по ѕидови … Огледалце мое, најглупав на светот кој е?

Кај те сврби таму се чешаш, вели народот. Па така и овој се загрижил што ќе правеле другите со парите? Каде ќе ги инвестирале средствата? Во такви будали секако не, сигурен сум. Ни во неговата братија, зашто тие не заслужиле ни скршена пара. А за институциите – односно остатоците од нив, за археологијата – односно остатоците од неа, за културната промоција – односно руините од неа, веројатно ќе има кој да мисли. Многу подобро и поконструктивно. Зашто денешната пустош е ненадминлива. Тие „хипотетички“ нови власти, како што ги именува Сарајлија, сигурно ќе умеат нормално да се справуваат со современите предизвици на културата и уметноста.

Идеолошкото лудило наречено „антиквизација“ (од коешто сега сите очигледно бегаат, вклучително и Сарајлија, облекувајќи ’антиквестовски’ Бајроновски гаќи), марифетлукот наречен „барок“ (од којшто, повторно, сега сите бегаат во „неокласицистичка реставрација“), болните тиради од типот на „неокласицистичката реставрација на македонската историска урбаност (со неколкувековно задоцнување)“… е нешто што навистина ќе запре. Зашто нема потреба од такво лудило. Оваа култура и оваа уметност заслужиле да се развиваат нормално, а не според манијакалните рецепти на мувлосаниов  идеолог! И кому ли му ја продава таа перверзна „идеологија“?

Можно ли е некој се’ уште да слуша ваква будала?

5.

Но, најодвратно, и тоа баш онака селски, итромански дегутантно, е умилкувањето на лумпен пролетеров на целиот уметнички опозициски блок, на онаа мала но интелектуално и творечки силна независна уметничка сцена.Откако сите сериозни уметници го сместија таму кадешто навистина му е местото, шутрачево сега им се упикуе спинувајќи дека мрачните глобалисти, македонските мондијалисти да ти биле тие, а не тој и неговата гаулајтерска братија, што ги смести во монтажни галерии, алтернативни подруми и други места токму како непријатели, дегенирици, идиоти … А токму тој, по име и презиме, седеше и седи во сите можни селекторски комисии каде си ги множи колегите со нула, токму тој, по име и презиме, им ги прогласува проектите за ступидни, за да остане повеќе за него. За да може тој, нашиот современ „Рембрант“ (sic!), да се искачи во неговата кула наречена МСУ и да господари со македонскиот уметнички пробисвет. Токму со неговата „фриволна плакативност и еднодимензионалност“ од типот на „Алекс и Окси“!

И се загрижи на крај шашалчево некој да не му ги чепне омилените му „институции“: музеи (кои бре црни музеи, оној на хоророт?), театри (кој, оној позлатенион „Александар I Караѓорѓевиќ“?), филхармонија (која, онаа нова руина што сакаат да ја сокријат со новата колонада?) … кои се тие институции за кои се загрижи Сарајлија? А поминал ли скоро во „Мала станица“ … во „Чифте амам“, да види што и како оставија неговите директор(к)и; се’ уште ли го смета и МСУ за институција, замандалена ко зандана и упропастена со онаква поставка од типот „тревките на Баба Рада“; видел ли на што личи Музејот на Македонија во последно време, откако го разнесоа неговите директори и гаулајтери; за кои и какви институции во внатрешноста говори оваа будала … за какви културни политики тртља кога тој и неговите браќа по оружје не оставија ни „к“ од култура ни „у“ од уметност? Или му се погодија тоа „глобалистите“ во македонска варијанта, па ќе им ебава мајката?

6.

Но, мислам дека човекот си има сериозен проблем. Односно повеќе сериозни проблеми, но во случајов тоа е проблемот на досада. Типичен „интелектуален“ проблем, а Сарајлија е интелектуалец, нели? Од десноно сокаче де, како Томе од левата бензиска пумпа, и уште некои „интелектуалци“, де!

А за досадата има само еден лек – работа. Arbeit macht frei, та нели тоа беше неговата омилена? Затоа, мислам дека имам соодветно решение за него. Како обожувател на новиот му Музеј на македонскиот хорор, а имајќи ја предвид неговата веќе „славна“ омраза и деструктивност кон се’ што замирисува на црвено, на модерно, на глобално … мислам дека треба да го вработат таму како главен кустос. Па тој бре брате ќе ужива во таа садо-мазо средина. И ќе го држи под контрола оној полуписменион „директор“ кој мисли дека директорува во уметничка галерија. Ќе му ја објасни разликата, ако може.

Башка, сега му ги инсталираа и омилените му ликови: Хитлер, Мусолини и компанија. Ќе мора да иницира восочно отелотворување и на Гебелс, се разбира. И секој ден ќе може да им салутира, да ги гали, да им брише прашина … ееееј каква сцена ќе биде тоа. За филм. А бидејќи е, нели, и филмаџија (оф мори мајко!), можеби ќе добие и некаква инспирација и повторно ќе не почести со некое негово ново срање, пардон ремек дело! И така човекот си го губи времето пишувајќи будалаштини што нервираат народ. Вака ќе си биде исполнет, и – мирен!

7.

И не се вика „Lauger“ бе, шутрак ни еден неписмен, туку „Luger“!

 

СОЦИО, ИЛИ НЕКАКВИ ДРУГИ „…ПАТИ“

1.

Јас, лично, немам ништо да и’ забележам на „госпожата“ што не’ прогласи за социопати. Одамна сум согласен со таквото мислење. Добри десетина – петнаесет години. Што се однесува до мене, би ја предложил за некоја од „важните“ општествени награди.

Само што мислам дека конкуренцијата, односно листата за изборво звање „социопат“ и’ е претесна. Премногу ограничена. На пример, каде се оние што се по два, три пати разведени? Тие се социопати на квадрат, на куб, или сепак остануваат базични социопати, што мислам дека не е во ред!? Треба да имаат некаква предност, нели? Од друга страна, од каде, ве молам, привилегијата да се биде социопат да ја имаат само разведените? И зошто? Што се тие толку понапредни од другите? Дали, на пример, во истата категорија спаѓаат и – неженетите односно немажените? А оние женети и мажени, ама без деца, што се пак тие? „Госпожата“ дефинитивно треба да го прошири полето на истражување. Вака постои голем процент на чиста дискриминација.

2.

И сите и’ се нафрлија ко да кажала дека, не дај боже, треба да го смениме името или дека, пак не дај боже, треба да ја смениме државата. Ако можеме, се разбира.

А никој претходно – освен неколкумина, Геровски на пример, и уште некој – не зема да проучи зошто сме тоа што сме, односно тоа што не’ нарекува дотичната. Ако ништо друго, барем да отворат Интернет. Таму има се’, и што треба и што не треба. Па вели: „Социопатијата е тип на антисоцијална лична нарушеност, состојба што ги спречува луѓето да се прилагодат на етичките и бихевиоралните стандарди на заедницата“. Таквите луѓе, нормално, потоа стануваат опасни за општеството, пројавуваат криминално однесување, можат да организираат опасни култови (sic!), да им наштетат на другите и себеси итн.

И, за живо чудо, постојат едно чудо тестови како да откриете дали некој е социопат. Некои тестови тоа го прават преку три фази, некои низ седум или десет прашања или чекори итн. Иако, за воља на вистината, во ниту еден пример не ги спомнува разведените. Уште помалку ја спомнува дефиницијата на нашава „професорка“ дека: „Предавањето се темели на истражувања, факти и аргументи зошто разводот е општествен проблем“. Види богати. И понатаму: „Тоа што отстапува од нормалното, од просечното, во основа е девијација, тоа е општата дефиниција“. Виѓи врага, каква „ученост“, каков “ум“, каква способност за логично поврзување! Ко два и два се – пет. Со социопатски прст среде онакво!

3.

Е сега, баш би сакал да чујам како „госпожава“, онака професорски, им објаснува на студентите што е тоа „нормално“ и што е тоа „просечно“, во рамките на една општествена заедница, се разбира. Да можам, на овие години би се запишал кај неа, само да ја слушам. Тоа мора да е настан од несекојдневно значење.

Како ли го објаснува, на пример, нормалното? Кој се нормалните, според нејзини мерила? Дали треба да личат на неа, на пример? Или дали треба да размислуваат како неа? Дали тоа би било нормално? И дали наведува пример, или два, како репери, па да може човек да се најде себеси, или тие околу себе? Или треба само да се угледа на неа?

Или, што би било „просечно“ за наши услови? Што ли би значело човек да е просечно глуп, како некои, да е просечно неписмен, како некои, да е просечно воспитан, пак како некои … Како ли „професоркава“ проценува – „со факти и аргументи“ – што е кај нас просечно? Дали, повторно, она би била соодветниот пример? И дали оние подпросечните треба да бидат испратени некаде? На пример – во Бардовци? А оние надпросечните? Елиминирани, по скратена постапка зашто им го расипуваат просекот, неа и на нејзините?

Мислам дека навистина би уживал во нејзините „предавања“. Тоа би ми дошло како некаков локален „Монти пајтон“, што ли? И имам мнооогу прашања да и’ поставам. Ама таму, директно, на час, и да гледам како се препелка дур одговара.

4.

Но, мислам дека сите ние неправедно ја потценуваме „госпожава“. Таа не е баш без веза, не говори во ветер, очигледно нешто читала. И сака нешто друго да ни каже. Односно веќе ни го кажа, само ние не сакаме да го прифатиме. Се правиме налудничави, демек не разбираме. А разбираме одлично, само не сакаме да го прифатиме кажаното. Зашто е – вистина!

Имено, нели се социопати, или некои други „… пати“, таквите како нас кои гледаат што им се случува и – молчат? Нели се социопати, или некои други „… пати“, оние како нас кои гледаат како просечни типови им се качиле на врат, ги дават и им ебаваат мајката, и – ништо? Штама! Има ли поголеми и социопати и психопати, и други „… пати“, од вакви како нас кои гледаат кој се’ им ги учи децата – од основно до факултет, задено со „професоркава“ – и пет пари не даваат? Има ли поголеми социопати, или некои други „… пати“, од нас кои разбираатшто им се случува, а се сунчаат како да се на Флорида, или во Пефкохори, во најмала рака?

И токму заради таквата наша социопатска или друг вид „… патска“ пасивност вакви приучени (под)просечни „госпожи“ ќе ни држат предавања, “научно“ ќе не сместуваат каде што сакаат, ќе развиваат теории дека тие се нормалните а ние ненормалните … Исто како што беше со предавниците и патриотите, гркофилите и домољубците, антиквизаторите и модернистите. И само заради фактот што некогаш, некако, господ знае како, се домкнале до позиција да држат налудничави лекции, тоа и го прават! Само заради фактот што некој, некогаш, ги измкнал од некоја Гологузица да поправаат радија, да прават туршија и слични будалаштини, а овие посакале да станат и – професори. Со седмица – со седмица, вози Мишко!

И токму заради тоа полуписмени (што ќе рече оние што умеат да читаат латиница!) бараби од секаков профил, инсталирани низ локалниве медиуми, подеднакво сигурно просераваат формули и анализи за нашава беда. И токму заради тоа минхаузени откриваат црвена буржоазија, преваранти гонат предавници, тезгароши се главни уредници, митомани глумат филозофи, архитекти мерат време, кич персони учат деца … А два милиони социо или некакви други „… пати“ ги гледаат и блеат.

ЗА ХОРОРОТ, УШТЕ ЕДНАШ

1.

Но, добро, барем се огласија. Додуша предизвикани, ама сепак. Зашто, обично, молчат ко риби. Ко кленови. И „работат“. Ко кртици. Затоа ги нема дење, се движат само во мрак. Работат бре брате не 24/7 туку 36/9, како докторкана. Не знам како постигнуват, ама имаат мотив. Златен! Инкасираат ко луди.

Како и да е’, барем разбравме што и како мислат. Зашто обично и тоа не го знаеме. Само гледаме што „сработиле“.

Елем, оној „историчарон“ вели дека и порано кај нас имало во филмовите  такви хорор сцени на мачење на Македонските дејци, па никој не реагирал! Јасно? Гледате како ги гледа нашиов „историчар“ музеите? Како филмови! И тоа хорор. За него експлицитните сцени на тортура на (со име и презиме посочени) лица во новата „поставка“ (каква перверзија!) на Музејот на македонскиот хорор да ти биле нешто како филм. Нешто како да го гледате Родригез („Mexico Trilogy“), или Хупер („The Texas Chainsaw Massacre“), Крејвен („Scream“) итн. Хичкок, Карпентер и остала некогашна хорор братија се мали деца за овие. Нивните филмови можат да служат како приспивни сликички за денешниве деца.И што тука имало спорно?! Тоа да ти било „театрално, сценско прикажување на историјата, и тоа за луѓе коишто сакаат да го видат тоа, не за сите“, ни „дообјаснува“ новиов муз(е)олог шарлатан!

Значи, најверојатно, тоа му доаѓа нешто како оние „Porno Movies“, или „Live Sex Performance“, „Peep Show“ … коишто не се за сите, каде што одат само тие што сакаат и кадешто, подеднакво како и во нашиов „музеј“, проекциите не се дозволени за помлади од 15 години. Впрочем, такви скрининзи има и со истите теми како што нашиве новопечени „историчари“-муз(е)олози сакаат да ни инсталират во музеите, само се викаат поинаку, не се музеи туку се садомазохистички клубови. И таму одат само тие коишто сакаат тоа да го гледаат, и тие се забранети за лица помлади од 15 години – потполно исто како нашиов „музеј“! Само што ние добивме официјален, национален садо-мазо клуб.

2.

Подеднакво инспиративно и стручно „издржано“ е и објаснувањето на „директорот“ на оваа наша веќе-не-знам-како-да-ја-наречам институција, дееебело финансирана со државни односно наши пари. За сцените на берспримерна тортура врз македонски народни херои – со експлицитни имиња и презимиња – играни / прикажувани веднаш тука, пред посетителите,  „стручњаков“ вели: „Тоа е како некоја уметничка слика која ја гледате, некому му се бендисува, некој ништо не наоѓа во неа а некој со часови ја гледа и ужива“! Алоооо, ти нормален ли си?

Мислам, сфаќате ли со кого си имаме работа? Разбирате ли со каква патологија, со каква монструозност се соочуваме во една државна институција? Сцените на мачење, на крваво тепање, на бесење, на редење глави на колци или што се’ смислиле нашиве експерти за садо-мазо, да ти биле како уметнички слики. Нешто како Мартиноски, како Личеноски, Мазев или Луловски. Секој пронаоѓа она што го интересира, застанува подолго или пократко пред една, другата (обично Мазев) воопшто не ја гледа, кај третата стои два часа (обично кај Тане, има доста детали) … Е сега, ќе не’ просветли ли „стручњаков“ пред кои сцени публиката најдолго се задржува? Што највеќе им се допаѓа? Прави ли оваа прчвара од институција такви анкети, истражувања, прима ли можеби од македонските садисти и мазохисти кои веројатно сега секојдневно ќе престојуваат таму сугестии за подобрување на некои сцени, за воведување нови реквизити за мачење? Има ли некој паметен да го сопре ова?

САДО МАЗО

3.

Но, уште еднаш за суштината на проблемот. Таа, суштината, не е само и единствено во скандалозноста, непримереноста, несоодветноста, нехуманоста … на прикажувањето на такви сцени на чиста садистичка тортура во национален музеј. Ако некој, нечиј болен ум намислил такво нешто, и добил дозвола од надлежните, тоа и ќе го направи. Сакале ние или не.

Проблемот овде е што мачените луѓе се директно персонализирани, дадени со име и презиме. Добиле ли дозвола и за тоа, ама не од надлежните туку од семејствата на прикажаните? Од семејствата на Цветан Димов, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Иљо Антевски – Смок, да ги прикажат нивните претци – татковци, дедовци – на таков начин, во музеј?? Сакаат ли тие семејства нивните најблиски да бидат на тој начин прикажани во нашион „музеј“? Имаат ли право на несогласување со таквата постапка? И понатаму: можат ли сега да го тужат и Музејот, и неговиот „директор“ и оние тројцана „муз(е)олози“? И што би се сменило во нивната болна „поставка“ ако наместо имињата на дотичните луѓе, стои дека се тоа мачења на XY, на некои македонски комунисти? Или нашиве садисти се палат токму на овие имиња?

И впрочем, повторно, кому му служи тоа? На болниве? Зашто ако влезот не е дозволен за помлади од петнаесет години, постарите веќе знаат, на еден или на друг начин, што и како се случувало по тие затвори. А знаат и помладите, зашто, веројатно, учат по нешто на часовите по историја. Можеби не толку експлицитно, или – се лажам? Можеби денес и часовите по историја се претворени во садо-мазо лекции?

И уште еднаш: кому навистина му служи ова?

4.

Примерот што го дадов во претходниот текст – актуелизирањето на прашањето на приватноста во американските музеи – е актуелна тенденција и во светската музеологија. Барањата на одделни семејства да се отстранат деградирачки и несоодветни фотографии на нивни членови во одделни историски поставки (ќе) растат. И музеите (ќе) им удоволуваат на тие барања, зашто таму работат разумни луѓе. И тие знаат дека поставката нема да биде посиромашна за една или две фотографии на кои експлицитно е прикажано страдањето (психичко, физичко, сеедно) на некој човек, ако тоа веќе му пречи на неговото семејство.

Такви се фотографиите (не само) во некои американски музеи од времето на големата економска криза, коишто ги прикажуваат поединци / групи во непријатни и понижувачки ситуации. Такви се одделни фотографии од војните, каде експлицитно се прикажани препознатливи мртви тела на војници, а кои на нивните наследници им создаваат емотивни проблеми.

И токму за тие и такви проблеми се расправа во САД (Американскиот правен институт, Смитсонијан институтот и Американската музејска асоцијација), но се’ повеќе и во Европа, согледувајќи го проблемот од сите правни, стручни но и морални односно хумани аспекти.

Зашто музеите, барем во светот, се замислени да и’ служат на пошироката заедница а не на одделни патолошки групи, музеите треба да едуцираат а не да развиваат агресивни и нехумани нагони, музеите треба да ја прикажат реалноста, но на начин достоен на Човекот! Тоа што ние го направивме од нашите музеи, особено со овој „репрезентативен“ примерок, е крајно деградирачко не само за музеите туку и за музејските работници во целост.

ХОРОР НА КВАДРАТ

1.

Ние навистина не сакаме да мрднеме ни чекор напред. Сакаме назад. По можност – што побргу. Толку не’ интересира таа проклета историја што само и исклучиво со неа се бавиме.Во неа – „воскреснуваме“. И тоа на најгрозоморен начин. Оној на терор, на хорор, на убиства, на мачења … Како ова новоиспилениве полуписмени историчари да се садисти, што ли? Па уживаат да го плашат народот со такви собитија, седат и мозгаат што погрозоморни и покрвави сцени од кои ќе ви се згади. И живот и историја. Што народ беше ова?

И некој им ја всадил, ним и на она Министерствоно за леб и игри, идејата дека колку погнасен – толку подобар музеј, колку покрвав – толку поуспешен музеј, колку посадистички – толку поедукативен музеј … Ова луѓево излегле ли некаде вон оваа вукојебина, виделе ли што и како работи светот, особено во музејската дејност? И за што служат таму музеите? Да ги плашат луѓето? Па ако луѓето сакаат да се плашат ќе си купат хорорче на ДВД – денес барем ги има едно чудо – и ќе се трескаат од земја дома, поудобно, и поевтино.

2.

Но, шега на страна, иако всушност воопшто не е шега, нашата хорор – драмолетка како да нема крај. Сега сме до вториот дел – односно до новата „поставка“ (како не им е срам тоа така да го нарекуваат?) – во Музејот на македонскиот хорор. Којзнае уште колку делови ќе има? Како „Scream“ 1, 2, 3, 4, 5 …!? И што ли друго им се мота низ садистичкине главчиња на тоа пионерчињата историчарчиња, веќе со побелени коси? Изгледа малку ни беше онаа мрачна зандана којашто ни ја смислија на почетокот и помпезно ја нарекоа (исто така) музејска „поставка“, во којашто штедеа струја во интерес на „атмосферата“, кадешто мора(в)те да се движите само со водич за да не скршите нога или од ќошовите да не ви скокнат за врат некои од разноразните заканувачки ликови кои никако не можете да ги препознаете. Изгледа тие мрачни вампири ги познаваа(т) водичите и пред нив не смеат да прават зулум! Дресирани се, што ли?

Врв на таа хорор „поставка“ беше сцената со бесилката сместена на централно место во една од салите, на којашто висеше „безживотното“ тело на некоја кукла што глумеше кутар македонски војвода, врз бесилката стоеа гарвани (или чавки, не сум сигурен), потсетувајќи на најдобрите денови на Хичкок, а сето тоа во една сенишна атмосфера од најевтините „pulp fiction“ приказни. Впрочем, неодамна токму за истата „сцена“, ама и за целиот Музеј на хоророт пишувашки и австриски „Стандард“. И тие биле „импресионирани“ од нашево чудо! Станавме потсмев на светот!!!

WARHOL

3.

Меѓутоа, очигледно, нашиве „историчари“ и нашиве политичари ни читаат ниту пак сакаат да слушнат туѓи мислења. Ним им е битно само нивното. Мислење, се разбира, и по нешто друго, ако има. А обично – има.

Но, повторно, шегата на страна, просто е неверојатно колку не знаеме и колку не сакаме да знаеме. Ниту пак сакаме некој да ни каже дека не знаеме. Ама знаеме со кого сакаме да се мериме. Со „Мадам Тисо“, на пример, оној и во Париз и во Амстердам. Е до таму дошла нашата музеологија во дваесет и првиот век, да си го мери, да пристите, со „Мадам Тисо“. И во Париз и во Амстердам. Не знам кој е подобар, не сум бил. Ама сум пробал, што е право, да влезам во дотичниот во Амстердам, но со помош на ИКОМ картицата (Интернационален совет на музеите) со којашто бесплатно се влегува во сите реномирани светски музеи. Е ама таму – не може. Бараат дваесетина евра. Па ние не сме таков музеј, велат. Мора да си платите. Ги разбирам, такви циркуси во светот се плаќаат.

Не знам каков музеј ние сакаме да имаме. Очигледно таков, бидејќи се фалиме со сличностите. Иако, всушност, ги нема зашто која будала би платила таму дваесетина евра за да го плашат со бесилки, крвои, мачења и стрелања и што ли не? Тие таму би банкротирале за два дена.

И не знам дали некој од Канадските претставници, или власти, начул дека се фалиме дека сме биле слични и со Канадскиот воен музеј. Веројатно не чуле, инаку веќе ќе ни стигнеше дипломатски протест бидејќи плеткаме една сериозна музејска институција од тој тип во нашиов „ала Тисо“ циркус. Додуша, не сум сигурен дека и „Мадам Тисо“ не би реагирале кога би го виделе нашево чудо?!

Додека ние се бавиме со измислиците од малите мозочиња на нашиве историчарчиња, на муз(е)олозите од типот на др. Сарајлија и проф. др. Величковски како главни „специјалисти“ консултанти на непрежаленоно ни  Министерство за леб и игри, светот во музејската област бара одговори на сериозни прашања и нови и нови предизвици. И поставува граници, и тоа токму на прашања / проблеми со коишто ние така ноншалантно си играме / ги презентираме пред нашава т.н. јавност.

На пример со прашањето на приватноста, односно барањата на одделни семејства да се отстранат деградирачки и несоодветни фотографии на нивни членови во одделни историски поставки. Поточно, некои американски музеи се соочиле со барања на одделни семејства од нивните поставки да се отстранат експлицитни / јасни фотографии на нивни членови од времето на големата економска криза, коишто ги прикажуваат нивните претци во непријатни и понижувачки ситуации. И за тоа расправа(л) и Американскиот правен институт, и Смитсонијан институтот и Американската музејска асоцијација, согледувајќи го проблемот од сите правни и стручни аспекти.

А ние, во „новата поставка“ на Македонскиот музеј на хоророт – според умот на нашиве „стручњаци – историчари“ Ачковска, Тодоровски и Жежов – на публиката ќе им го прикажуваме мачењето на Цветан Димов, Мирче Ацев и Страшо Пинџур во скопскиот истражен затвор, на Иљо Антевски – Смок во тиранскиот затвор итн.  Па имаат ли тие луѓе семејства денес, имаат ли поблиски и подалечни роднини, и како тие ќе реагираат на таквите сцени, дури и ако се инсценирани? И што, по ѓаволите, ќе постигнете со тоа? Зарем мачењето на овие било којзнае колку поинакво од мачењето на кој и да е’ друг комунист во тоа време? Или очекувате, шутраци ни едни, поголема посета на садисти како вас токму заради фактот што ќе го претставите мачењето на овие луѓе? И што би имало тооолку интересно таму да се види, освен ако човек не е болен во умот?

И конечно, зошто во таква улога не ги ставите вашите дедовци, баби, татковци, мајки … нека ги мачат нив, а публика нека гледа. И донесете ги вашите деца да го гледаат тоа.