Monthly Archives: June 2023

ШТО НАВИСТИНА ТРЕБА(ШЕ) ДА НИ ГАРАНТИРА ШОЈЛЕ?

Немам намера да кажам дека „историските“ гаранции на г-дин Шојле не се (можеби) искажани со добра намера или дека не звучат оптимистички. Никако, зашто премиерот на една Германија не е профил на балкански политичар да се служи со таков тип лаги. Иако, за воља на вистината, вакви гаранции се изнаслушавме низ годиниве. А ако човек сака да биде малициозен, мислам дека неговата гаранција е некако изнасилена, можеби „изнудена“, само колку да се примират актуелните страсти во Македонија. Или, некој би рекол – таквите „гаранции“ се без основа бидејќи Германија не е единствената што решава за тоа!

Се разбира, премиерот Шојле (и) тоа го знае, но сепак – гарантира. Но, не требаше ли ваквите гаранции, или „гаранции“, да се појават малку порано? Не само за да ги смират страстите туку да го убедат македонскиот граѓанин дека Европа мисли сериозно? Односно, да нѐ разубедат нас македонските скептици дека целиот овој процес не е само еден добро режиран театар? Зашто ние за тоа имаме цела низа аргументи собирани низ годиниве, а посебно последниве пет-шест.

Впрочем, демант на воскликот на Шојле, но и на изјавите на неговиот „шеф“ Борел, веднаш дојде од познати фигуринки од источната страна на граница. И со право, се осмелувам да речам. Но не и да пресудувам. Тоа ќе си го прават дотичните кои ја засолија оваа политикантска ЕУ попара, во рамките на нивната домашна кујна.

Но, што за Македонија значат таквиот тип на „гаранции“? Повторно се осмелувам да кажам – ништо. Но не го велам ова со којзнае каков „ќеф“, напротив. Меѓутоа, не можам да разберам дали европските лидери, а особено нивните политички советници, се навистина такви игноранти и не го знаат расположението на граѓаните во дотичните земји што речиси секојдневно ги „мапираат“ во нивните канцеларии? Секој малку поупатен во „македонското прашање“ во однос на евроинтеграциите би им порачал: ајде не се глупирајте со такви „ветувања“!

Зошто? Па веќе половина топ ЕУ официозуси (фон дер Лајен, Борел, Мишел) и уште неколку европски премиери и претседатели на држави ни праќаа такви „гаранции“. И? Затоа што тоа се само празни флоскули што треба(ше) да премостат една закатанчена „ситуација“ и повеќе се насочени кон разрешување на нивните локални проблеми со Западен Балкан отколку што се некаков израз на симпатии или помош на нашето европриклучување. А сепак, што велат старите, дај боже тоа што го говори премиерот Шојле да биде реалност. Меѓутоа, вистинското прашање за македонскиот граѓанин е: колку тоа – „гаранциите“ на Шојле! – ќе ја подобрат неговата реалност, неговото секојдневие и иднината на неговите деца, дали тие гаранции, или „гаранции“ (ако баш сакате), ќе го збришат криминалот и корупцијата од македонската политичка сцена, ќе ги пратат во историјата, онаа црната, овие неспособни коруптивни „елити“ и ќе дозволат раскрилување на демократските и вистинските евроинтегративни процеси во оваа земја.

Тоа се вистински гаранции за една земја од типот на Македонија, за една корумпирана до срж држава што сака да стане членка на Европската унија, земја каде владеат криминални банди со политички маски врз лицата. Но ова сепак не е куклен или „жив театар“, а тоа на г-дин Шојле, и не само нему, речито му го објаснува австрискиот амбасадор во Скопје, г-дин Вуцас. Па белки германските советници на премиерот Шојле читаат весници, портали, добиваат информации од нивната амбасада во Скопје…?  

Она што еден премиер од форматот на Шојле треба, па и мора, да го гарантира на земја кандидат за членство во ЕУ како Македонија е, прво, дека ЕУ, но и Германија, нема да поддржуваат криминални банди маскирани во политички партии што инсталираат хаос во оваа држава. Тоа би била вистинска гаранција за македонскиот граѓанин дека ЕУ сериозно се грижи за состојбите во оваа земја и настојува истите да ги оптимизира според стандардите на Унијата.

А во таа насока, тие и такви гаранции би требало да значат дека во Македонија повеќе нема да дивеат полуписмени политиканти аминувани токму од ЕУ и САД, дека земјата нема да биде заложник на неколку криминални семејства кои спроведуваат свои партократски „политики“, дека на државата нема да ѝ се наметнуваат нови „Бехтел и Енка“ злосторнички договори, дека некој во ЕУ сериозно ќе се грижи каде и во чии џебови одат оние силни стотици милиони евра дадени како помош за развојот на демократијата, судството и граѓанското општество, дека премиерите нема со државни пари да тераат семејни бизниси а нивни деца и внуци да ја купуваат половина држава итн. А впрочем и дека во Македонија живеат Македонци а не Северномакедонци, како што не нарекуваа некои во Бундестагот!

Тоа се гаранции што му требаат на македонскиот граѓанин од такви високопрофилни ЕУ политичари, тоа се поважните, виталните интереси за оваа земја удавена во криминална, неспособна власт, коруптивно судство и администрација, а не некакви про форма „резолуции“ за јазикот и идентитетот кои не служат никому и за ништо. Зарем една Германија навистина мислеше дека таа „резолуција“ нешто ќе промени во односите со источниот сосед? Просто неверојатна наивност!

Кога една Германија, па и г-дин Шојле со неа, навистина би биле загрижени за евроинтегративниот пат на Македонија кон Европската унија, тие би покажале сериозна грижа за слободата на македонскиот граѓанин во неговата земја: слобода да биде тоа што е, слобода од ограничувањата на криминалното општество, слобода на избор, слобода од сите видови мафии (политичка, градежна, здравствена, културна, образовна, економска…) што владеат со него. Таквата грижа и таквите гаранции би претставувале вистински пресврт во односот и почитта на македонскиот граѓанин кон ЕУ.

Не случјано ја спомнувам слободата како највисок човеков идеал и право зашто македонското општество (повторно) станува опресивно, рестриктивно и заробено од партократијата. И, да го парафразирам Жан Жак Русо, денес граѓанинот во Македонија е заробен во ментални ланци – во дефетизам, апатија, социјални неправди, неверување во можна подобра иднина… Чувството на немоќ да се променат состојбите е перманентно и станува генерално!

Да, тој што ќе рече дека сето ова не е работа на Унијата, уште помалку на премиерот на Германија, или на Франција, или на Холандија…, ќе биде само делумно во право. Само делумно зашто нивната поддршка на оваа и ваква власт, па и на претходната – цели 11 години глумеа дека не знаат што се случува во Македонија, а истиот театар го играат и сега! – значи поддршка и на нивните опресивни политики контра македонскиот граѓанин. А тоа значи и директна нивна одговорност за состојбите во оваа држава. Тој факт не се брише со некакви смешни резолуции или вербални гаранции.

П.С.

На „гаранциите“ на Шојле стаса експресен одговор од Радев. Многу, многу јасен и недвосмислен. Ќе се најде ли некој македонски новинар да го праша г-дин Шојле за коментар?      

ЕПИДЕМИЈА НА НЕОДГОВОРНОСТ

Флоскулите од типот на онаа на премиерот за „црната листа“ на САД („Јас да се најдам на црната листа, не само што ќе си дадам оставка туку тоа ќе го сметам за најголем пораз во мојата кариера “) е само уште една потврда на новововеденото негирање на секаква морална и политичка одговорност на (нај)високите функционери во државава. Што пак дополнително ја вулгаризира оваа политичка „елита“ што сега се шепури како некаква власт во државава и „прогресивен“ пример во општеството што треба да се следи. Зашто, кога премиерот би си го видел рејтингот во неговата земја, не му треба „црна листа“ на САД. Тој безмалу од самиот почеток на неговото премиерување е на домашната  „црна листа“ наречена политичка и општествена маргина – или нула, како сакате – од којашто нема враќање. Или тој, и оваа власт, се одговорни пред други, а не пред своите граѓани?

А оваа негова изјава дополнително ја осветлува и онаа небулоза на таканаречениот вицепремиер за евроинтеграции дека оваа влада нема да биде одговорна ако не се изгласаат уставните амандмани. Таа, власта, очигледно не се смета за одговорна не само за глупостите околу Уставот туку речиси за ништо што (не) правеше во овие шест години. Ваквата неспособност ќе биде одбележана во македонските историски анали на политикантството и неодоговорноста. Или, овој шестгодишен период, но и претходните десетина години, историјата ќе ги оквалификува како епидемија на политичка (и секаква друга) неодговорност како „пик“ на уривањето на сите вредности во државава.

Но, бидејќи започнав со премиерот, да продолжам со него. За нас обичните смртници ќе остане нејасно и за која и каква кариера говори? Што пак е обележје не само на оваа власт туку и на претходната, како необјаснив континуитет од цели петнаесет години на некомпетентни анонимуси и дилетанти со приграбено „право“ да раководат со државата. Впрочем, самите „резултати“ најдобро сведочат за нивните „кариери“ и „достигнувања“, нели!?

А сепак, дали тие нешта – некомпетентноста и неодговорноста – се во некаква корелација? Се разбира, во директна, бидејќи чувството за одговорност произлегува од стручноста, компетентноста, искуството… односно се надоврзува на процесот на стекнување и практикување соодветни знаења. Следствено, знаењето, стручноста, е еден од клучните фактори во општествената/државната одговорност! Тоа, знаењето, покрај експлицитниот и имплицитниот аспект, има и еманципаторска страна. Таа од човекот, помеѓу другото, формира одговорна единка, морален и хуман граѓанин. Во кои сегменти на оваа власт, или нивните политики, гледате такви единки, луѓе со висок морал и одговорност?

Следствено, можеме ли да говориме за епидемија на нееманципирана власт, за „кадри“ апсолутно подредени, дури „зависни“ од партиските рестрикции, за демократски неосвестени поединци со (сѐ уште) автархични режимски односно авторитарен синдром, луѓе со низок морал и етика и никаква одговорност кон општеството? Апсолутно, и тоа се потврдува секој божји ден! Тие потфрлаат дури и во социјалната еманципација, а политичката никогаш и ја немале. Оттука, нееманципирани поединци, особено на високи функции, не можат да реализираат еманципирано општество, ослободено од зависности од партократијата, квазилидерството, од силата на политичката контрола и послушноста…, што понатаму лесно се прелева во длабоките води на криминалот, корупцијата, непотизмот итн.    

Никако не сакам да спорам со образованието – високо, често со магистратури и докторати! – на најголемиот дел од македонските „политичари“ последниве петнаесетина години. Но образованието, од една страна, и образованоста, но и стручноста, од друга, се две сосема различни работи. Особено во земји како Македонија, каде сѐ е проблематично и сомнително, посебно областа на високото образование и стекнувањето на секакви дипломи. Па нели и оној Мерко има свој „универзитет“? Речиси и да не можете да се сетите на пример на прифатлив спој помеѓу образованието и потребната стручност во најголемиот број ресори во спомнатите години. Што апсолутно ги дисквалификува дотичните персони, освен нивната припадност на одредена политичка партија како главен „квалитет“, што никако не може да се подведе под равенството на стручност и компетентност, а со тоа и одговорност.

Зашто, како може нестручен и неодговорен човек на, на пример, позицијата министер за надворешни работи, да биде свесен за пропустите – да не речам глупостите – што ги прави низ неговата работа? Како што истото може да се каже и за сите други ресори: образование, култура, труд и социјала, економија и др. Епидемијата на политичката неодговорност, а со тоа и на моралната односно етичката неодговорност, е директен резултат на сето претходно кажано, но и на многу други неспомнати фактори за коишто би бил неопходен поголем простор.

Но, она што во овој контекст мора да се потенцира е пирамидалната неодговорност којашто понатаму лесно и бргу се спушта до основата, до базата на пирамидата. Кога партиските членови секојдневно сведочат на срамната неодговорност на државната врхушка, кога јавно се посочуваат нивните најбезобразни лични, семејни и пријателски малверзации несвојствени на современи политичари (примерите со актуелниот и бившиот премиер и нивните семејни бизниси и др.) што не резултираат со соодветна одговорност (политичка, морална, па и кривична), тогаш рампата на вкупната неодговорност во државата е високо крената и како вирус го зафаќа целото општество. Затоа, впрочем, никој не чувствува одговорност дури и за криминалниот факт дека децата во основното образование цела година немаа учебници. А не се знае дали ќе ги имаат и следната година!

Затоа впрочем и во случајот со модуларната болница во Тетово пред суд беше изведен лекар кој бил дежурен во времето на катастрофалниот пожар, но не и оние кои ја проектирале, изградиле, вршеле надзор и ја пуштиле во функција болницата што изгоре за тринаесет минути. Сосе болните во неа! Затоа впрочем и оние жртви во автобуските несреќи, бидејќи власта си поигрува со законите, ги игнорира кога нешто е во нејзина или во полза на нејзината клиентела, затоа што одговорните имаат партиско-коалициски гаранции – а често и опозициски! – дека никогаш нема да одговараат за сторените недела против државата, граѓаните, демократијата. Зашто, во крајна линија, неодговарањето за стореното е врвно злосторство токму против набројаните. Затоа впрочем и „госпожата“ (не)одговорна за политики за добро владеење може онака да се кочопери и да држи лекции за нејзините „надлежности“.

Или, ако баш сакате, врв на неодговорноста на оваа власт е месечното инкасирање на платите – сега повисоки за дури 78%! – и другите функционерски принадлежности (возила, репрезентации и др.) цели шест години, за резултати рамни на голема нула. Ништо од ветеното во време на народните протести и предизборието не е операционализирано, освен укинувањето на пишливата радиодифузна такса од 190 денари. Тоа е целата придобивка на граѓаните/државата од оваа власт, за којашто таа неодговорно земала месечна плата цели 72 месеци. Замајувањето со НАТО, ЕУ и останатите приказни за мали деца имаа сосема поинаков наратив пред и во времето на нивното стапување на власт, така што ни тие не можат да се вбројат во нивен евентуален позитивен резултат. Што ќе рече: вкупната нивна реторика се сведе на една голема и неодговорна шарена лага, дебело платена со државни пари, привилегии за нив и нивните семејства низ бројни криминални постапки, присвојување на ресурси, злоупотреби на функции итн.

Ако во времето на „заробената држава“ половина од државните добра беа буквално ограбени од тогашната власт, „хибридниот режим“ ја соголе државата за другата половина. И сето тоа низ процесот на бесрамно неодговорно владеење, малверзации и манипулации, лично и семејно богатење…, доведувајќи го граѓанинот до границата на безизлезна сиромаштија.           

Ако ги погледнете неколкуте базични општествени одговорности – на пример: човековите права (вклучувајќи ги тука и етичките односно моралните права), економската одговорност, одговорноста за животната средина, за културата, хуманото владеење и филантропијата итн. – ќе видите дека државата се самоослободила од овие одговорности. Нив, едноставно, нема кој функционално да ги операционализира. Дури, се осмелувам да кажам, оваа разулавена власт, како некаков последен чин во трагедијата, ги ефектуира сосема спротивните „вредности“: стимулирање на криминалот и корупцијата, на непотизмот и клиентелизмот, зацврстување на партократијата и неодговорноста, распродавање на ресурсите на свои блиски и др.

Сето ова веќе драматично повикува на сериозна проценка на политичката зрелост, совесност, дораснатост – да не речам пресметливост – на актуелните македонски политички елити на современиот миг во којшто се наоѓа земјата. И тоа е важен елемент што ќе мора да се цени на секои наредни избори.

ПОРНОГРАФИЈА ОД ДРЖАВА

Во овој идеолошки (повторно) биполаризиран, повеќеконфесионален, мултиетнички и политички конфликтно поделен свет, (ко)егзистенцијата на мноштвото суштински различни типови на држави – авторитарни и/или демократски, унитарни и федерални/конфедерални, атеистички, секуларни и/или теократски, богати и сиромашни до мизерија итн. – веројатно е „логичен“ производ на контроверзниот развој на постиндустриското односно технолошкото општество. Потенцијалната монополизација на цивилизациските текови од страна на „поголемите“ односно „поразвиените“ држави за многумина е дури неопходна, иако можеби неморална и неправедна. Но (и) за тоа има длабоки историски корени.

Каде е нашето место во овој свет – идеолошки, системски, безбедносно…, придонесуваме ли во некаков контекст/дискурс или „летаме во место“, прогресираме ли или континуирано регресираме, какво општество градиме или и постојното го разградуваме…? Навистина ли мислиме дека главното алиби дека сме „мала“ односно „малубројна“ (и не многу умна!) земја може вечно да ги покрива неукоста, неспособноста, криминалноста и коруптивноста на државата? Ако едно општество го сочинуваат „луѓе кои живеат во дефинирана заедница и делат една култура“ (Strayer, 2015), ние веќе не се вклопуваме ни во таа најопшта дефиниција. Кај нас одамна ништо не е дефинирано, а за култура престанавме не говориме.

Ако пак социологијата го смета општеството за камен темелник на сѐ, а нашето општество одамна е во терминална фаза, што тогаш? Кои ни се, какви ни се перспективите? Односно ако власта со своите „политики“ секојдневно и во континуитет го разградува општеството и не покажува никаков интерес за регенерација на неговото кревко ткиво, тогаш и државата почнува да наликува на својата спротивност а не на – држава. Кој, и кога го поставил прашањето како ваквото општество ги детерминира нашите животи, во каква средина растат децата и младите, кој, што и како влијае не само на нивниот развој туку и на животот на повозрасните членови?

Кога општеството комплетно згаснува и ги губи основните вредносни параметри, кога политичката власт перманентно ја турка државата кон глорификација на најмрачните страни на општеството (неморал, неодговорност, криминал, корупција, необразованост и некултура…) тогаш државата се претвора во своја карикатура односно во држава вулгарна до степен на порнографија. Секој кој ќе каже дека ние не сме единствена таква држава во светот, би морал да (си) одговори на неколку прашања, а меѓу нив: дали тоа е некаква утеха за нас и полесно ли би ни било ако и друг еднакво страда?

Да, зборот порнографија во контекстот на состојбите во едно општество/држава звучи пресилно, но нема подобра споредба кога тој поим ќе се согледа метафорично и ќе се простре врз целото општествено милје во Македонија во последниве петнаесетина години. Зашто, повторно, ако порнографијата ги прекршува општествените стандарди во секоја смисла, што тогаш беше и како треба да се квалификува вулгарноста на државното прислушкување на дваесетина илјади лица? Криминал? Се разбира, но во поширок општествен контекст тоа е чиста државна пронографија! Како што се, впрочем, и малверзациите со „проектот на векот“ викан коридори 8 и 10, па политикантската вулгарност на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија (вклучувајќи ги и фамозните протоколи), или македонското судство и крајно непристојното однесување на оној Судски совет итн. Или покачувањето на функционерските плати за цели 78% проценти наспроти општата сиромаштија во државата? Порнографија пар екселанс!

Тие вулгарни, развратни пронографски „политики“ понатаму поставуваат нови општествени и политички „стандарди“, стануваат пример што се следи и што е „оправдан“, дури, во дадени услови, „полезен“ за општеството, на нив (ќе) се повикуваат идните политичари, или политиканти, сеедно, и експоненцијално ќе ги прошируваат тие „стандарди“ до невидени размери. Впрочем, бесрамноста на она „Скопје 2014“ како врвен кич односно апсолутна државна порнографија во меморијалната област е еден од можните примери што и денес упорно се одржува, дури се воспева и се подметнува како дострел во споменичкото одбележување, во архитектурата, во просторното планирање итн. Толерирањето на такви содржини во јавниот дискурс е типична политичка порнографија!

Ова „општество“ на чело со оваа власт успеа да ја вулгаризира и културата до растегливите граници на порнографијата и кичот и шундот како нејзини побратими, оддалечувајќи ја македонската култура и уметност за нови педесетина години од европските текови. Впрочем, достапен за читање е Извештајот за ревизијата во Агенцијата за филм како „филмска“ порнографија на дело, или сите „резултати“ од годишните конкурси за национални проекти последниве години или, едноставно, да прошета до Охрид – град на УНЕСКО, до Споменикот на стреланите младинци во Ваташа итн. Тоа се порнографски бисери на македонската култура денес! 

За разлика од онаа друга порнографија, политичката/општествената порнографија не е субјективна односно препуштена на личен однос кон истата. Политичката односно општесвената порнографија е препознатлива со „голо око“ од граѓанинот односно општеството, но не и за нејзините носители/промотори. Сите спомнати, и уште стотици неспомнати примери биле/се јавно критикувани заради својата политичка вулгарност, коментирани со индигнација и осудувани, некои дури и од т.н. меѓународна заедница во нивните извештаи, но – без резултат. Тоа ќе рече дека политичката порнографија на власта е препознаена и оценета, но не и елиминарана. Напротив, нејзините димензии се безмалу неограничени во вака поставен систем односно општество. Таа дополнително се алиментира и од редица одлично платени поединци („аналитичари“, „експерти“ итн.), групи (здруженија на граѓани) и „медиуми“, чиј придонес во ширењето на овие „политики“ односно нивниот молк за карактерот на истите е катастрофален по развојот на општеството.

Но сето ова е само последица т.е. дисперзирана порнографија чие вулгарно исходиште се наоѓа во самите политички партии односно во врвовите на власта што тие ги конфигурираат. Целиот таканаречен „претставнички систем“ (Собрание, Влада, министерства, администрација, локална самоуправа…) се темели на класични опскурно непристојни и често вулгарни премиси во политиката. Ако ги погледнете составите на собранието, владата, министерствата, општините… во изминативе петнаесетина години, сликата е катастрофална во поглед на стручноста, компетентноста, интелектуалноста, писменоста, моралноста… на „народните избраници“. Таквите тотално неквалификувани политички „тимови“ се главните носители на новите пронографски политики во државата и силна кочница на потенцијалните општествени промени. Актуелниот сличај „црн Мерко“ е само врвот на ледениот брег! Цела држава е за на црна листа!

А од неодамна, државата/општеството воведува нов порнографски „стандард“: неприфаќање на одговорност!. Го воведува (кој друг ако не) таканаречениот вицепремиер за евроинтеграции кој вели дека Владата нема да биде одговорна ако не се изгласаат уставните амандмани. Веројатно за виновна ќе ја прогласат опозицијата, а можеби и граѓаните. „Со мирна совест можеме да кажеме дека сме сториле сѐ за Северна Македонија да продолжи на патот кон европските интеграции и да го оствариме сонот за европска Македонија. Тие што ќе гласаат против и ќе решат да си наметнат вето, овојпат самите на себе, тие ќе треба да дадат одговор на граѓаните зошто треба да чекаме уште 10 години“, најбезобразно вели Маричиќ.

А ова е само предигра, жежок порнографски „петинг“ (што би се рекло) во предизборието, којшто треба полека да ја омекнува, замаглува актуелната слика на тотален пораз на сите „политики“ на владеачката гарнитура. Што не е баш така лесно. Но за тоа во друга прилика.


НИ ОБЈАСНИЈА ЛИ КОВАЧЕВ И ЈОТОВА КОЛКУ СЕ ДВА И ДВА?

Секоја глупост се плаќа, на еден или на друг начин. Ние, за жал, особено последниве петнаесетина години, скапо ги плаќаме глупостите на неписмените македонски власти. Особено последниве пет „незаборавни“ години безмалу секојдневно сме бомбардирани од неверојатните будалаштини со несогледиви последици на оваа „прогресивна“ власт.

Последнава, оваа со „Резолуцијата на Бундестагот“, ќе се влече како налудничава опашка уште многу години и ќе им пружа делотворен материјал за дополнително наше исмејување на сите закостени умови, особено зад источната граница. Но, по наша вина, се разбира. И тие тоа веднаш го користат, нарекувајќи нѐ „чудниот феномен“ што се моли кај друга држава со одлука во парламентот да признае дека постојат македонскиот јазик, култура и идентитет, вели Ковачев. И продолжува: „Не сум слушнал за друг сличен феномен на нашата планета, една држава да биде толку несигурна во својот идентитет, јазик и култура што мора да моли друга земја со политичка одлука на законодавно тело да ѝ ги признае јазикот, културата и идентитетот“. На ваквите „одгласи“ некој требал малку порано да мисли.

А тоа, индиректно, ни го кажуваат и пријатели на оваа земја, меѓу нив и британскиот амбасадор во земјава Метју Лосон, кој само пред неколку дена порача дека „Не треба да дебатираме дали постои македонскиот јазик. Го зборуваме, го предаваат на нашите универзитети, се пишуваат деловни договори на македонски јазик“… Но нашиве шушумиги се поумни, нели?! Затоа, претпоставувам, се восхитуваат и на онаа полутешка европска полит-артилерија составена од поединци од форматот на г-ѓа Пирц (која беше дури и симпатична кога стана претседателка!), оној Сарацин, Питер Бурк… и други, а претходно уште цел еден одред „политрекетари“, и нивните убедувања да прифатиме и самоубиство ако е потребно.

Но, интересно, никој од нив не се прашува дали Скопје е вистинската дестинација за нивниот слаткоречив монолог или тоа е само и единствено Софија како вистинскиот извор на сите досегашни апсурди? Зашто (не само) последниот истап на „госпожа“ Јотова, потпретседателка на Бугарија и директен јуришник во нерамноправните бугарско-македонски (не)пријателски „преговори“ изминативе неколку години, сосема точно – конечно! – ги лоцира идните случувања на прашливиот селски македонски пат кон ЕУ.

Таа, имено, без да трепне и наспроти сите ЕУ официозуси и потенцијални „стратешки“ разочарувања, ни ја повтори основната математичка логика: дека два и два се секогаш – четири! Или, преведено на  чист бугарски „математичко-дипломатски“ јазик: дека од потпишаното не се бега. А ние – односно слепциве во наше име – с(м)е потписници на двата протоколи што ги посочува Јотова. Оние истите коишто онака срамно „нашиве“ ги криеа, истите што потоа беа вклучени и во фамозната „француска рамка“ како современ придонес на Франција за врамување на слики на безлични народи (што „нашиве“ повторно најпростачки го негираа!) итн. А протоколите го предвидуваат тоа што „госпожата“ (повторно) ни го влепува како сочен шамар: „Потпретседателката Јотова повика да не заборавиме дека освен Уставот на РСМ треба да има промени според потпишаните заеднички протоколи, во кои се зборува за промена во учебниците, оценката на историските настани и личности и отворање на досиета, а ништо од тоа не е направено“, вели БНТ.

Следствено, тоа се чекорите – или малку поголемата „слика“, за жал – што ја чекаат Македонија по внесувањето на Бугарите во Уставот (како прв но не и единствен услов). И тој трасиран „пат“ им е кристално јасен на сите: на ЕУ, на САД, на Франција и нивната измислена рамка, на Германија…, освен на македонската Влада. Но и ова всушност не е точно бидејќи оваа власт, не само што се покажа како најнеспособна, најпростачка, најнеука, најкоруптивна и најкриминална власт во македонската историја, туку дефинитивно е и – најлажлива. Толку лажење немало ни во времето на оној еротомански „поет“ кого будали го направија премиер, но и во сите претходни влади заедно. Безмалу секој збор, секоја одлука кај овие е чиста, бесрамна, ординерна – лага! Впрочем, повторно: прво ја убедуваа јавноста дека нема протокли, потоа дека не се потпишани, па дека тие не се составен дел од „рамката“ итн. И секогаш беа фаќани во стапицата на лагите, но најпростачки продолжуваа понатаму.       

А во таа иста лажлива насока продолжуваат и најновите мудрувања на фамозните стрип-ликови Маричиќ, Османи, Сарацин… и др. Тие, во сопствената глупост, упорно настојуваат да ја манипулираат јавноста со бајковити математики каде два и два никогаш не се четири. И мислат дека им веруваме! Таканаречениот вицепремиер ни е убеден „дека по усвојувањето на уставните амандмани Бугарија ќе го изгуби кредибилитетот да блокира“, независно што вели математиката. Оној Османи, кој онака „кредибилно“ ја туркаше приказната за непостоечките протоколи, упорно сонува дека „Бугарија не може да постави нови услови, бидејќи преговарачката рамка е затворена“, наводно заборавајќи дека протоколите се дел од рамката. И за нашиов дует да не биде осамен, тука е оној Сарацин како терца со тврдењето дека „Доколку сега ги отворите кластерите после уставните промени, мислам дека патот на земјата кон ЕУ е неповратен“.

Но, истиот Сарацин заборава дека во истиот ламент вели и дека „Сега има момент каде Европската унија ви вели ’дојдете чекор поблиску’“! Неговата „математика“ со „чекорот поблиску“ и „неповратниот пат“ е иста како и на нашиве и никако не го дава единствениот точен резултат. Односно, ако патот е „неповратен“, од каде сега „чекор поблиску“, што сугерира дека потоа следат уште чекори. И кои се тие? Оние за коишто говори „математиката“ на Јотова и на „француската рамка“?   

П.С.

Се разбира, нештата не би биле така смешни како што се да ги нема и нашите локални „мудреци“ кои организираат огномети со паролата „Danke Deutschland“ и ја идентификуваат со некои нивни „равенки“ од типот: ако може Бугарија да донесе Декларација за непостоење на македонски јазик, идентитет и култура, зошто да не може Германија да донесе Резолуција за постоење на македонски јазик, идентитет и култура?! Да, звучи „логично“, нели? Ама, прво, стварно мислевме дека една Германија треба да е поумна од една Бугарија. И второ, ваквите провинциски „равенки“ служат само за по дома. Надвор – ги нарекуваат дилетантизам! 


ДОБИВ(А)МЕ ЛИ ИДЕНТИТЕТСКА ТАПИЈА?

Сигурен сум дека никој овде не е толку глуп и неук да не знае кој е и што е. Освен власта, се разбира, и (делумно) опозицијата. Уште посигурен сум дека никој во државава не се сомнева во својот личен идентитет, уште помалку во карактерот на јазикот што го говори. Освен власта, се разбира, и (делумно) опозицијата. И никој во државава не е таков идиот да не знае кои и какви предности за земјата носи членството во ЕУ. Освен власта, нормално, и (повторно само делумно) опозицијата, кои „евросемејството“ единствено го перцепираат како крава музара! Следствено, кому тоа, и зошто, му треба некаква тапија – од соседна држава, или дури и од ЕУ(?!) – за нашиот јазик, идентитет, култура…? И дали таа тапија, па нека е и во форма на „гаранција“, потоа ќе ни служи да мафтаме пред светот и по којзнае кој пат да докажуваме кои сме и што сме?

Веројатно, инаку зошто, и кому, би му требала некаква нова „потврда“ за којашто од неодамна труби т.н вицепремиер за евроинтеграции а со него и целата сурија владини „аналитичари“, кои уште малку па тој ден ќе го прогласат за празник на којшто ние ќе треба да скокаме од радост и да викаме Danke Deutschland. Или таквиот тип „декларација за реафирмација на нашиот јазик и идентитет во контекст на интеграциите во Европа“ односно некаков „политички гест на најголемата држава членка во Европската Унија“ треба на оваа власт да ѝ послужи детерџент за перење на сите ординарни глупости што по ова (и други) прашања ги направи? Веројатно, иако, за воља на вистината, барем Deutschland ја сметавме за малку поумна!

Но што ќе се случи по тој „гест“, ќе станеме вистински Македонци, со вистински македонски јазик и уште повистински македонски идентитет од ова што сме сега? И зарем навистина во цивилизираниот свет постои начин со декларација, со „политички гест“ да се признаваат народи, јазици, култури…? Извинете, но ако на власта во оваа држава сериозно се радува на оваа будалаштина, па дури тоа го очекува и од нас, тогаш јасно ли ни е зошто толку долго во мрак талкаме по европските беспаќа?

Во нормални држави вакви небулозно неодговорни политикантски потези би предизвикале лавина од остри реакции од граѓаните, опозицијата, невладиниот сектор, стручните организации…, а некој од власта итно би бил повикан да си поднесе оставка за да не предизвикува нови скандали и поларизации во општеството. Но ова не е прв пат, а не е и единствената глупост што овие ја прават. Но Владата мора јавно, јасно и гласно да се образложи дали навистина мисли дека на македонскиот јазик му недостасува уште еден таков глупав – или налудничав, како сакате – самоубиствен експеримент. Независно што и една Германија се впушта во таква глупост. Или можеби тие сега очекуваат нашето Собрание да усвои декларација за нивниот јазик и идентитет?

Но ако ова навистина така се случи, а ќе се случи, нема ли ние себеси да почнеме да се гледаме како идиоти, како толпа без корен и етногенеза, како малоумници на кои некој однадвор мора да им потврди кои се и што се? И зошто ни се тогаш онаа МАНУ, оние универзитети, оние институти…, па и зошто ни е меморијата за еден Конески, Тошев, Видоевски… или Пенушлиски, или Јаневски…, не пак за Светите браќа и нивните ученици како вистински историски автори на проектот за македонскиот јазик, идентитет, култура?

Понатаму, зарем оваа власт, вклучувајќи го тука пред сѐ двоецот без кормилар Маричиќ и Ковачевски, е толку неспособна да разбере дека таквите „меѓународни“ потези и „признанија“ претставуваат светогрдие, бласфемија, криминално спуштање на едно суштински цивилизациско прашања на некакво недостојно, пазарџиско рамниште? И зарем таа „најголема држава членка на ЕУ“ што така ги импресионира кутрите мали Маричиќ и Ковачевски подобро знае од нас кои сме, што сме и од каде сме? Зарем малку ни беше сиот овој срам низ изминативе години, па уште и ова ли ни треба?

И конечно: нема ли овој шалабајзерски шаблон на „разрешување“ на некакви „дилеми“ во закостените евро-македонски умови да премине во манир и за други прашања? На пример: за историјата, за етногенезата, за образованието, за културата (во најшироката смисла на зборот)? И за сите овие прашања да чекаме – од „голема држава членка на ЕУ“ – некакви декларации, политички гестови, можеби дури и дипломи или само обични сметко-потврди дека сме положиле за ЕУ членка?

Извинете, но се срами ли некој заради ова? Или (и) срамот ќе го оставиме на идните генерации? И зарем и во сегашнава СДСМ навистина нема доволно (само)критични поединци кои вицепремиерот, во пакет со премиерот, би ги депортирале на буништето на политиката. Или (и) тоа така се прави само во цивилизирани држави?!

Но, во целава оваа простачка политикантска ујдурма незибежно сами никнуваат уште редица други важни прашања. Меѓу нив и следново: ако сѐ беше/е како што треба односно како што тврдеа – заокружено и забетонирано, особено јазикот и идентитетот, плус армирано со вонвременската „француска рамка“ – зошто одново декларации и реафирмации, зошто смешни „политички“ гестикулации? И зошто сега во играта влегува „најголема држава членка во Европската Унија“? Големината на членките треба да е гаранција за големината на тапијата што ќе ја добиеме за јазикот и идентитетот? И дали досегашната поддршка на некоја помала „држава членка“ во оваа насока, на пример Чешка, Холандија, Хрватска…, не значи ништо? И зарем навистина мислат дека оваа лакрдија со некакви најголеми држави членки и слични будалаштини ќе му ја врата вербата на „глупавиот“ македонски народ во магијата викана ЕУ?

А впрочем, не случајно минатиот пат го спомнав г-дин Бејли како добро упатен човек во овие „македонцки работи“, кој верно ни ја наслика „гаранцијата“ на нашиот „стратешки партнер“ при евентуалното повторување на бугарското вето: разочарување! Тој наш партнер „ќе биде разочаран ако има друго вето“ од страна на источниот сосед. Дали (God forbid) во таков случај ќе влеземе во процес на мерење на степенот и силината на разочараноста на македонскиот народ и стратешкиот партнер и која полза од тоа? А источниот сосед ќе добие уплав од тоа разочарување и ќе избега во глувчешка дупка? А ако е така, зошто никој сега не ги мавне со една доза разочарување, колку да се примират, а можеби да го повлечат и ова вето?

И бидејќи веќе го спомнав „глупавиот“ македонски народ кој не знае кој е и што е, така и ќе завршам. Но не со глупавиот народ туку со глупавата власт како историски пример за неспособност, слабоумност, неукост… Зашто, очигледно е, а многумина тоа отворено го кажуваат (на пример австрискиот министер Шеленберг), на ЕУ веќе ѝ гори под нозе заради неспособноста да го интегрира Западен Балкан. Но само нас успева да нѐ уценува на најкриминален начин.

А во овој контекст, ќе го спомнам и укажувањето на Роберт Менендез, претседател на Комитетот за надворешни работи во Сенатот на САД, на фамозната седница (18 мај) за проценка на американската политика на Западен Балкан: „секако, како што работиме со нашите партнери (Балканските земји, м.з.) да ги оддалечиме од Русија, не сакаме низ тој процес тие да отидат кон Кина“. И само нашиве слепци не можат да го согледаат мигот, или „поголемата слика“?!

И впрочем, што значеше она признавање на државата под уставното име од страна на САД, Русија и Кина ако не и автоматско признавање на нацијата, јазикот, идентитетот…? Ама ние и тоа успеавме да го прокоцкаме, нели, па сега трчаме како слепци низ Европа по некакви „идентитетски тапии“?


ТАЖНО (ИЛИ СРАМНО?) „ЧЕСТВУВАЊЕ“

Деновиве во јавноста се појавија фотографии од престојот на претседателот на државата Стево Пендаровски на Кавадарци каде, меѓу другото, тој (како што стои во соопштението на неговиот кабинет), „во месноста Моклиште, во пресрет на одбележувањето на 80 години од масакрот во Ваташа, претседателот Пендаровски оддаде почит положувајќи свежо цвеќе пред споменикот на 12 младинци кои беа убиени на 16 јуни 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор.“ Јас, се разбира, ќе се воздржам од коментар за политичката страна на овој гест на претседателот на државата, но не и за оние други – не помалку важни – нешта, или „пораки“, што (претпоставувам, но можеби и се лажам) несвесно ни ги испраќа „таткото на нацијата“.

На почетокот, не е воопшто јасно зошто човекот поранил цели осум дена пред годишнината на настанот? Или мислел дека фактот што е веќе во Кавадарци може попатно да го искористи и за оваа цел. Да, можеби, но тоа можел, и требал, да го направи приватно, без званични церемонии на фотографирање и поставување на фотографиите на сајтот на претседателот на државата. Тој факт односно јавното озваничување на таа негова „посета“ говори дека некој – дали тој? – сакал едновремено и нешто да ни каже? И што? Фотографиите од сајтот на претседателот на државата ќе ги види целиот регион, па и Бугарија. Тоа ли е едната од пораките? Дел од овие прашања ќе бидат одговорени токму на денот на настанот па можат тогаш да се коментираат. Политички, се разбира.

Но, прво, навистина е тажно да видите највисок функционер – претседател на држава! – онака сам пред обележје на еден таков значаен настан, во еден ваков еднакво значаен миг. Не можел ли до него да биде барем некој од градот, или од неговиот кабинет? Или поентата е тој да биде сам? И што сака писателот да каже со тоа? Играњето на картата на самоста односно осаменоста на еден претседател на држава е меч со многу острици. И многу пораки! Но останува тажното чувство, особено заради настанот и местото.

Второ, веројатно се забележува дека не го употребувам зборот споменик за она пред што стои Пендаровски. Зашто тоа одамна не е споменик туку какофонија на глупости или провинциски кармакараш недостоен за тоа место и тој настан. Зошто тоа никој не му го кажал на Пендаровски? Знаел ли тој воопшто пред што се поклонува, каде положува венец…? Или не му е важно, важен е имиџот дека бил таму и положил претседателски венец?

Меѓутоа, некој морал да му (у)каже на овој човек што се спомениците – или, поконкретно, овој „споменик“! – која е нивната функција/значење, но и како тие можат целосно да се преобратат во своја спротивност. Е ова е токму таков „споменик“: многупати вандализиран и никогаш поправен, самоволно и противзаконски „уредуван“, преуредуван и „реконструиран“, лаички (и повторно противзаконски!) „доградуван“ и „доосмислуван“ итн. Од оригиналниот споменик на Јордан Грабул не останало практично ништо освен два (валкани) ѕида, а врз нив и околу нив царува провинцискиот македонски кич-дух на насилнички дилетантизам на „преуредување“ и „реконструкција“ на меморијата.

Сакам да кажам: претседателот на државата, вон сите протоколи и логичко односно државничко постапување, се впуштил, или го (в)пуштиле, во авантура не само да се поклони пред нашата бесрамна негрижа и некултура, пред македонската простотија на непочитување на авторските дела и негрижа за спомениците на културата, туку неговото појавување таму практично го оправдува кршењето на законите во државата, го дерогира законот за заштита на спомениците на културата и законот за меморијалните споменици, и конечно – го верификува и афирмира вандалското однесување на поединци кон спомениците од минатото!

Дали и колку бил свесен Пендаровски, или неговиот кабинет, за овие аспекти на неговата посета на „споменикот“ и поклонувањето – па нека е и самотно – пред неговата недугава копија? Зашто, повторно, таму нема ништо од оригиналниот споменик. Наместо релјефот на Грабул таму стои некаква импровизирана (и од никого авторизирана) полиестерска копија. За истата, низ законска постапка, Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство наложија да биде отстранета. Ама таа е уште таму и претседателот на државата се поклонува пред неа! Понатаму, повторно некој „умен“, апсолутно незаконски намислил дека концептот на Грабул за оригиналниот споменик не е добар, па решил да поставува бисти на стреланите младинци. Ама само половично ја завршил работата односно ги поставил само постаментите, без бисти, на коишто Пендаровски им се поклонува. Па не гледа ли човекот дека таму нешто недостасува? Не го гледа тоа ли никој од кабинетот? Или мислат дека е во ред претседател на држава да се поклонува на – постаменти?!  

Не знаеме, а и нѐ не интересира. А и не е прв гаф, негов и на неговиот кабинет. Но ако првите луѓе во државава со нивното (непромислено?) однесување подгреваат провинциски менталитет и верификуваат насилничко незаконско постапување, за какви тогаш европски вредности потоа говорат? Истите ли тие луѓе потоа ќе нѐ внесуваат во Европа? И дали овде навистина станува збор за „непромисленост“ и незнаење – зашто ако е така целиот негов кабинет треба веднаш да си поднесе оставка – или свесна (пријателска, „коалициска“, не знам каква…) отстапка? И на што тоа личи и затоа ли тие луѓе се избрани на тие функции? Па ако не повеќе, не знаат ли барем да прашаат каде одат, што ќе видат, како треба да се однесуваат…?   

МАМКА ЗА СОМОВИ

Ако не сте рибар, морате да им верувате на рибарите. А тие велат дека за секој вид риба има посебна мамка. Нешто слично е и во политиката, оваа македонската. Но и не само во неа туку во целото општество. Иако кај нас всушност нема којзнае колку различни видови риби. Мнозинството – ние граѓаните – с(м)е сомови, а тие, бидејќи важат за најглупав вид риби, најлесно се ловат. За нив дури и не треба мамка. Само гола јадица.

Во самата суштина, таква беше – гола – и онаа неодамнешна јадица викана „лидерска средба“, каде два „капитални“ примероци на македонската политикантска „елита“, сместени на дуплекс кајчето среде мирните води на Клубот на пратениците. Иако многумина ќе речат дека на неа сепак имаше мамка, според некои токму онаа  највкусната за нас сомовите – или плебсот, како сакате – викана национална коалиција или широка македонска владина коалиција. Се разбира без ДУИ, означена како најкриминален елемент во последниве дваесетина години во македонската политика. Како нашиве „прогресивци“ и „конзервативци“, „леви“ и „десни“, да се малоумни, малолетни, неуки деца лажени и мамени од немакедонскиот фактор во власта цели две децении! Како впрочем и денес, со славните коридори вредни цело едно богатство што го немаме, а што тие као ни го продаваат а нашиве као мораат да се согласат.  

А за мамката да биде поцврсто и подобро наместена, таа ДУИ вели: да, се согласуваме да не бидеме во владата што ќе се формира по усвојувањето на уставните измени. Амен и иншалах, едновремено! (Иако само до новите избори, нели!).

И по којзнае кој пат во овие две-три децении го гледаме истиот театар – или лов на сомови, како сакате – каде „лидерите“, во различен формат, се состануваат и решаваат за судбината на рибниот фонд на земјава, особено за неговиот дел викан сомови: ќе бидат печени или пржени, или подготвени на некој „а ла франка“ начин. Како во земјава да нема институции на системот, како да нема Устав и закони кои регулираат како се решаваат најгорливите прашања за судбината на земјата и народот, како Македонија да се сведе на договорна држава на два-тројца полуписмени чауши кои ни решаваат сѐ по список. Зошто тогаш, по ѓаволите, организираат избори и трошат наши пари, зошто онаа и онолкава администрација и функционери со онолкави плати…, кога сето тоа може да се реши, и се решава, на таков едноставен начин? И зошто, впрочем, ни е онаа Европска унија во таков случај? Само да ни дотура пари коишто овие бараби ќе ги арчат за свои потреби?

Ако само за миг го вратевте филмот од последниве неколку години и се потсетевте што сѐ македонскиве „лидери“ си кажаа едни на други и едни за други, што сѐ се говореше и во Собраниено и неговите божемни комисии…, ќе ве фатеше страв што ќе си кажат на „лидерската“ и ќе молевте бога да не си ги извадат очите. Колку само години затвор си поделија меѓусебно, колку кривични пријави навестија, уште само бесилки да поставеа. Едните за другите, секој во својот атар. Но тогаш се појавува чудото викано широка национална коалиција – и тоа без ДУИ! – во којашто македончето конечно ќе се здружи контра домашните и меѓународните врагови. И наместо онаа малоумна „национална жртва“ да ја дава некакво „кривоверно“ акционерско друштво, сега таа ќе се трансформира во пирова победа на некаква правоверна „национална коалиција“. Завеса, и – аплаузи од сите страни. Особено од т.н. меѓународна заедница. Уште еднаш Македонија покажува колку е кооперативна: добива право на избор кој ќе ја потпише жртвата!

И во јавноста сега одново окупација од ерупции на „експертско“ ракоплескање – од обете до вчера „завојувани“ страни – за длабокоумноста, за широкоградоста, за визионерството… Меѓу нив и оној со белата и црната мачка којашто, за жал, не лови глувци туку само прави промаја со опашката. Тук-таму ќе се појавува и некоја од оние изветвени политикантски ведети а ла Шеќеринска повторно да одржат некое од нивните незаборавни бескрвни предавања за актуелниот миг и што треба да се прави, ќе ги бодрат двете страни да издржат на тешкиот пат на македонските евроинтеграции… итн., итн. Ама никој нема јавно да праша што мислат за ваквите „коалиции“ гласачите, како тие се чувствуваат кога така се крчми нивниот глас даден на избори за една или друга опција и како тоа се влегува во Влада прекутрупа, а и се излегува богами – и зошто – на истиот начин? Зарем никој нема да праша: извинете, вие нормални ли сте?

Но ако македонскиот гласач е оној сом што се лови на гола национал-романтична јадица, зарем ни онаа македонската „интелектуална“ јавност нема да праша како тоа една партија така жизнерадосно прифаќа да се самоисклучи од власта, ниту пак како, и зошто, друга партија така благонаклонето раздава министерски места, а третата така нестрпливо одвај чека да го смести задникот на иста владина маса со оние кои до вчера ги етикетираше како криминалци. Или и таа (безагласна) „јавност“ верува на „конструктивната“ и беспоговорна поддршка од суријата „аналитичари“ кои веднаш овој риболов го прогласија за „важен чекор“, дури и за легитимен и легален потег, па и здрав политички дијалог од кој сите излегуваат како – победници (sic). Освен сомовите како улов, се разбира.   

Но, очигледно, ни сомот како најглупава риба не поставува такви прашања. Всушност, не поставува никакви прашања сѐ додека ја оставаат да се препелка во тињата викана Македонија, да мисли дека е жива и плива, ја убедија дека тињата е пристојна и еколошка средина, благодарна е дури и за сувите корки леб викани просечна плата што му ги фрла власта… Затоа, и оваа скаламерија ќе помине тивко и малтене нечујно. Нејзините последици ќе бидат видливи бргу, но ќе бидат непроменливи. Забетонирани, што би рекла власта. И сите од неа ќе излезат со „чисти раце“ – ДУИ веројатно најчиста! – и сите со своите „надчовечки напори“ во полза на иднината на Македонија итн. Дури и ЛДП, којашто нема ништо против ВМРО да влезе во Владата. Урааа!

П.С.

Планираното општо задоволство малку им го расипува мистер Бејли со неговата „гаранција“ дека стратешкиот ни партнер „ќе биде разочаран ако има друго вето“ од страна на источниот сосед! Што баш и не е некаква гаранција, нели? Или не е онаква каква што бара(ше) опозиција, и не само таа. Или на нашиве риболовци им е и тоа доволно штом сомовите молчат? А и бргу забораваат, особено оние и онакви закани од еден стратешки сенатор!     

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ

Кога една власт, која и да е, наместо да ги решава со години запоставените горливи проблеми во сите државни сегменти, почнува да се занимава со цензура на песни, тогаш нештата сериозно замирисуваат. Кога една власт дозволува нејзини тотално некомпетентни партиски ботови и собраниски потрчковци да оценуваат текстови на песни и да ги квалификуваат вака или онака, човек сериозно ќе се запраша: па има ли барем еден просечно умен во таа власт кој може да го сопре тоа лудило? Или тоа треба да им го каже некој од странскиве амбасадори?

Зашто, независно од музичките квалитети на дотичната „Нешто ќе те питам бабо“, за што може да се расправа „долго и широко“, да се занимавате само со една (историска) реченица во спотот за песната – Слобода или смрт – и во неа да барате извор на омраза, поттикнување на насилство и слични будалаштини, треба многу, многу да не знаете. А малку и да сте приглупи. Но тоа, впрочем, е еднакво на она шизофрено прогонување на првото македонско знаме од времето по осамостојувањето небаре и тоа е, исто така, знак на некаква омраза, насилство, непријателство… итн. Таква хистерија во медиумите и на социјалните мрежи се рашири и апропо глетките од матурските прослави, каде младите го вееа токму тоа знаме и беа нарекувани со секакви грди имиња. И тогаш напишав дека многу бргу некому од овие загрижени „прогресивци“ ќе му падне на ум да ги прошири забраните за спомнување и на луѓе, па еве и – на песни. Можеби ќе палат и огнови, којзнае?

Притоа, „умниве прогресивци“ покажуваат тотално отсуство на интелигенција, знаење, познавање на историјата на сопствената држава… Зашто, ако не знаат што пишувало на знамето на Крушевската република, што знаат кутрите? Згора на тоа, забораваат и на официелната државна химна каде што децидно се пее: Македонците се борат за своите правдини! И се повторува – двапати. А таа борба била за слобода, и смртта како алтернатива! Ако пак „Слобода или смрт“ како гесло не е прикладно, дали можеби е подобро да се пее – ЕУ или смрт? Дали тоа повеќе ќе им одговара?  

Како и да е, актуелнава власт сѐ уште глуми дека не ги разбира – или грешам, можеби навистина не разбира? – димензиите на штетите што ги (на)прави во државата и дека сето ова е само повратен одговор од граѓаните, симбол на отпор против нејзините катастрофални внатрешни и надворешни политики што ја водат државата во траорна иднина. Тој отпор сѐ уште ја нема широчината на „Шарената револуција“, но не значи дека нема да ја добие, нели.

Фразата „Слобода или смрт“ е единственото македонско мото, или гесло, што преживеало векови, лозунг што одекнувал во сите народноослободителни движења од средината на 19от век до денес. Ако тоа оваа власт не го знае, ништо не знае. А впрочем, токму тоа мото се наоѓаше и на многу транспаренти во времето на „Шарената револуција“, што овие ги донесе на власт. Но овие бргу забораваат, заборавија сѐ што се случуваше пред само неколку години, заборавија на сите ветувања претворени во лаги, на сите колнења во името, идентитетот, јазикот, културата…, на сите реформи што ги трансформираа во сопирачки за напредокот на државата па сега виновни им се историските лозунзи што луѓето со гордост ги паметат и изговараат.

Речиси е неверојатно толку да не се познава историјата на сопствениот народ, да се игнорира минатото и традицијата, да се работи спротивно од вековните стремежи на своите претци, па дури да почнува да пречи и лозунгот под којшто илјадници сонародници гинеле за денешната слобода. Замислете современа Франција да го игнорира мотото на Првата Република „Liberté, égalité, fraternité“, од 1790та година присатно на сите најважни државни симболи! Или познатиот слоган „Смрт на фашизмот, слобода на народот“ што ги движеше југословенските народи во борбата против нацизмот и фашизмот, или слоганот „Подобро гроб отколку роб“ од познатите априлски демонстрации во 1941 година во Белград како вовед во почетокот на народниот отпор во тогашна Југославија! И замислете што сѐ би смислиле за овие и вакви зборови овие надобудни полуписмени „чувари“ на нашиов современ проевропски дух. Или треба можеби да почнеме со време да викаме „Еден народ, една држава, еден лидер“?

Просто станува жално да се гледа како една власт се препелка во глупостите на своите претставници, како една (некогаш сериозна) партија е препуштена на владеењето на провинцискиот менталитет на некакви самонаречени првенци и лидери, како една држава се губи во сегашноста заборавајќи си го минатото, што е еднакво на „губење на детството“ (Хандке) односно е рамно на пресметано самоубиство. Ниту во една нормална држава, ниту во еден нормален систем со амбиции да станува просперитетен и прогресивен, не може нејзините најлоши претставници да го имаат главниот збор. А ние денес живееме во таква држава, во таков систем кој низ негативната селекција планира да си овозможи долговечност. Дури и преку криминални и коруптивни зделки, преку повикување на странскиот фактор да решава локални прашања/дилеми, па и препуштањето на целокупната власт – законодавна, извршна и судска – на полуписмени пробисвети кои не знаат ни од каде доаѓаат ниту каде одат.

Ние во моментов не знаеме кој што добива од овие политикантски случувања во државава, но знаеме дека тоа нема уште долго да остане тајна. Милијардите ќе се стопат, милионите ќе се потрошат. Ќе останат „голите“ лица на узурпаторите, на незнајковците, на криминалците…, но ќе останат и нивните семејства. Го сакале тие тоа или не. Трагите секогаш остануваат во историјата, па и вечно. И потомците нема само да се смеат на идиотштините од типот на прогласувањето на слоганот Слобода или смрт за непожелен во македонското општество. Попрво ќе се срамат, биле тука, во Македонија, или во некое странство, ама само како – „богати“ туѓинци. Но впрочем, тие и сега се тоа дури и во сопствената земја. Пред нас како да се развива филмот со некои историски формулации на Делчев, на пример онаа дека „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот. Историјата не памети друг таков
пример кога еден ист народ по традиција, јазик и вера се разделува на разни спротивни страни, една од друга потуѓа“
.       

Никогаш во Македонија добросостојбата и „среќата“ не дошле однадвор. „Кој мисли инаку, тој се лаже, и себеси и другите“. Затоа овие кои така мислат седат онака, како во „Мапет шоу“, како што премиерот седи на столчено на самитот во Молдавија. Сега, кога мислевме дека сите погрешни избори се минато свршено време, дека некои нешта се одамна апсолвирани, на современата сцена се појавува некаква тотално неспособна полуписмена булумента која се претставува како политичка партија и воведува хаос во земјата. Ништо не им е свето освен простата акумулација на лични богатства и „политиката“ купи-продај во интерес на таа амбиција. Сѐ друго, па и оваа наводна загриженост заради одделни историски зборови и/или симболи, се само начин за свртување на вниманието од коруптивните криминали и владеењето на политикантските мафии со државата. И ништо друго.

П.С.      

Би било фер некој од Амбасадата на САД да им потшепне „прогресивниве“ тутмаци дека изворната варијанта на фразата „Слобода или смрт“ е на Патрик Хенри (1736-1799), американец, гувернер на Вирџинија и еден од основачите на САД и во оригиналната форма гласи:  Give me Liberty, or give me Death (Дајте ми слобода или дајте ми смрт)! Можеби тоа би сменило нешто во нивното сегашно глупирање?