Monthly Archives: August 2023

(Не)доверба: тие против нас

Науката вели дека кога едно сетило откажува, преостанатите работат со поголем капацитет настојувајќи „загубеното“ да го надополнат. Кај оваа политикантска врхушка одамна речиси сите сетила откажале – ни гледат, ни слушат, уште помалку чувствуваат – но ни рациото никако да се вклучи да го надополни хендикепот.  

За среќа, има луѓе што сепак мислат. А во таа насока, се чини дека Мицковски – Ивор, а не Христијан! – во неговото впечатливо „писмо“ до стратешкиот „булдожер“, го посочи вистинскиот, есенцијалниот проблем помеѓу Македонија и т.н. „меѓународна заедница“ во нашиот евроинтегративен процес. Ивор Мицковски дословно вели: „Вие го сакате стратешки, ние го бараме суштински“!

Се разбира, под поимот Македонија апсолутно не ја подразбирам власта. Таа никако не ја сака Македонија во ЕУ – ни стратешки, ниту суштински. Целиот нејзин „поход“ кон Брисел е само добро одглумена ролја пред нејзините „стратешки“ ментори. Отпорот на мнозинството граѓани и на опозицијата за неа е само среќа во несреќа: сега има кого да обвинува за своите катастрофални неуспеси на сите полиња!

Но, факт е дека ние останатите и т.н. меѓународна заедница, имаме проблем – огромен проблем! – со меѓусебната доверба. Ние (повторно не подразбирајќи ја тука власта!) не им веруваме ним, тие (речиси стопроцентно) не ни веруваат нам. Македонскиот граѓанин (освен припадниците на оваа власт, се разбира, и нивната клиентела) почесто отворено, некогаш и драстично, ја изразува личната/општата недоверба, па и нетрпеливост, а тие, странците, генерално лажат – или, да бидам попристоен, не ја говорат вистината! – дека ни веруваат бидејќи се раководат од глупавата „дипломатска“ флоскула дека не е згодно вистината да се каже директно в лице.  Но, праксата и односот кон нас ги издава односно ја открива нивната во суштина лажна доверба. Континуираните лаги и двосмислени ветувања за нашите приклученија кон ЕУ речито говорат за нивниот дволичен однос кон Македонија.

Сепак, последниве месеци оваа „дипломатска“ игра полека добива нова димензија, особено од страна на дипломатскиот претставник на САД во Скопје, па и на претставникот на ЕУ во земјава кои, како промена, секојдневно и поотворено користат колоквијален „жаргон“ т.е. недипломатски јазик да ни (по)кажат дека нивната (до)верба во нашата капацитетност да се трансформираме во цивилизрана ЕУ држава привршува. Отворањето на прашањето на повеќегодишната залудна финансиска поддршка – фрлена во ветар – за некакви реформи во оваа земја е само малку посуптилен начин да ни кажат кои сме и што сме и што тие мислат за нас.

Но, тука секогаш приоритетна е нивната стратешка цел: ќе го толерираат и црниот ѓавол и неговото криминално однесување само заради исполнувањето на нивните планови! Ние? Ние гледаме некако да куртулиме од уништувачкиот локален варварски бран, чекајќи некој Годо за суштинско зафаќање со проблемот на евроинтеграциите.    

Но, кога го спомнувам нивниот дволичен однос, неодминлив е и актуелниов „аџилак“ на „булдожери“ и ЕУ министри во Македонија, во (којзнае која по ред) стратешка мисија на убедување на само една парламентарна партија, небаре таа е единствената кочница за Уставните измени. Поточно, тоа најдобро го покажува односот на ЕУ кон македонскиот граѓанин како тотално небитна алка во синџирот на недовербата кон нив и нивните стратешки „политики“. Тој, граѓанинот нема влијание на мешетарските одлуки на Владата и Собранието, иако сите пратеници во него седат таму токму благодарение на подарената доверба од (буквално излажаниот и изманипулиран) граѓанин.

Некој сигурно ќе рече: Унијата е само прагматична. Не е точно, таа – и не само таа! – е и лажлива, а граѓаните тоа не го забораваат. А никој не наоѓа за потребно нему да му се обрати со две реченици! Забораваат, или „забораваат“, дека и „страната“ на македонскиот граѓанин има што да каже апропо неговата недоверба кон „меѓународната заедница“ олицетворена во ЕУ и САД, што ја држи во шах-мат позиција земјава веќе две децении.

Дали е реално да се каже дека двете страни – македонскиот граѓанин и т.н. меѓународна заедница – имаат свои објективни причини за меѓусебната недоверба, оправдани и/или неоправдани? Веројатно, но нашите се јавни односно многупати отворено искажани, а нивните, и покрај сѐ односно често изразуваните разочарувања во оваа власт, се настојчиво „стратешки“. И „страните“ многу малку прават да ги отстранат недоразбирањата односно причините за недовербата. А без тоа ни позитивните процеси не можат да се придвижат од мртвата точка.

Кои би биле нивните (поотворено изразени) манифестации на таа недоверба:

Првиот тип на карактеристична недоверба кон нас е јасно, најчесто и јавно, изразениот сомнеж на меѓународната заедница во македонскиот граѓанин, во неговиот здрав разум и рационалност, но и во неговите демократски потенцијали. Веројатно заради тоа сметаат дека им се потребни оние (веќе) отворени закани за нашата иднина, сметајќи нѐ за незрели, проблематични, неуки… Зашто, инаку, зарем некој политичар, па нека е и некаков американски сенатор од рангот на Марфи, би се осмелил онака јавно да изрече такви зборови при една (наводно) пријателска посета? Или онаа „чудна“ теза на холандскиот амбасадор, познат по својата аналитичност и пријателски став кон Македонија, за нашата љубов кон Путин (sic!). Врз основа на кое, какво и чие истражување се темели таа теза, толку потценувачка за македонскиот граѓанин? Не може да се негира дека (и) овде има такви вљубеници, но онаква генерализација е сепак претерана. И недипломатска.

А во тој контекст, може ли, го има ли истото право и македонскиот граѓанин да генерализира дека заради постоењето на „Партијата на слободата“ (PVV) во Холандија, којашто е жесток противник на Исламот и прифаќањето на емигрантите, целиот холандски народ е таков? Или, од друга страна, зошто една Бугарија, па и Унгарија, кои отворено се противеа на одлуките на Унијата за санкции контра Русија покажувајќи со тоа многу поголеми љубовни афинитети кон Путин од нас, не беа пожестоко критикувани, па и казнети? 

На вакви генерализирачки „тези“ се темели и вториот карактеристичен тип недоверба на т.н. „меѓународна заедница“: дека македонскиот граѓанин – или барем мнозинството – не ги сака ЕУ, НАТО и САД, дека ја преферира прегратката на „руската мечка“ и слични глупости. И повторно: на што се темелат ваквите заклучоци, на кои и чии истражувања? Или одредени инцидентни испади на поединци – да не речам будали – кои ги има во многу поголем број во нивните земји, им го дава тоа право така да нѐ проценуваат и етикетираат? Не се сомневам дека во таквите нивни (во основа лаички) „проценки“ голем удел има и власта и она стадо македонски „аналитичари“ кое секојдневно пишти во јавноста како само власта ја гледа „големата слика“, како само тие ги разбираат глобалните поместувања, како народот овде е глуп и туп и некој треба да ни каже што и како да правиме. Па ако треба и Бугари да станеме?!

Зарем официозусите на ЕУ, инаку необјасниви вљубеници во актуелниве „прогресивци“ од оваа власт, не гледаат дека тие и такви флоскули на нашиве примитивци се само денешно и (уште повеќе) утрешно алиби за неуспехот на нивните вкупни (не само) евроинтегративни политики – или „политики“, како сакате – за коишто набргу некој ќе побара полагање на сметките? Како можат да се ловат на таква јадица? Тотална измислица, да не речам вешто смислена лага, на македонските политичари и нивните локални абоненти-аналитичари е подметнувањето дека македонскиот граѓанин ги мрази ЕУ, НАТО, САД… и Западниот „поглед на светот“ како таков. Тоа не е точно и за тоа говорат (повторно) бројките односно огромниот процент на граѓани кои веруваа во ЕУ, НАТО, САД… пред десетина и повеќе години. Зошто тој процент рапидно опаѓа(ше)? Само заради нас, македонските граѓани, и нашата глупост? Ако локалниве простаци и нивните ЕУ и САД ментори сакаат во тоа да веруваат, тоа е сепак нивен избор. Но објективните проблеми се сосема поинакви.

Третата важна поента на нивната недоверба кон македонскиот граѓанин влече корени од нивното прилично проблематично „дијагонално читање“ на историјата на овие простори, наивното – да не речам детско – „толкување“ на некои суштински национални, идентитетски, културни прашања важни за Македонецот итн. А во тоа нивно препрочитување на минатото (најчесто нарекувано романтично!) и неговите рефлексии врз сегашноста (вообичаено викана национал-романтичарска) тие главно манипулираат со историски делчиња и за нив корисни сегменти – особено од поновата историја! – со што сакаат да нѐ прикажат како закостени традиционалисти, нерационални авантуристи, некритички славјанофили итн.

Понатаму, таканаречената меѓународна заедница (којашто, за нашиот видокруг е ограничена само на ЕУ и САД, што е само незначително делче од светот!), редовно испраќа погрешни сигнали/пораки кон Македонија преку нејзини високи или пониски претставници, како и преку нивните ирационални пулени овде. Тоа, се разбира, никогаш не може да даде позитивни придвижувања во меѓусебната доверба, итн., итн. 

Дали сето ова е резултат само на нивната насоченост кон остварувањето на „стратешката цел“? Не е, секако, голем удел во оваа нивна какофонија од погрешни ставови за Македонија се темели на нивната ароганција, непочитувањето на Другиот, на некои излитени „политики и особено на актуелната „стратешка цел“. Но и на впечатокот што го носат за нас по средбите со онакви полуписмени и криминални „државници“ од македонско-албанска провениенција, кои глумат претставници на овој народ. А тоа ни во сон не можат да бидат!

Ние (НЕ) сме Европа

Колку и да се обидува оваа власт низ „благонадежни“ кампањи како онаа „Ние сме Европа“ да го убедува мнозинството граѓани во искреноста и вистинитоста на нејзините ветви пароли, тоа е залудна работа. Ние не сме, а со таква власт никако и не можеме да бидеме Европа. Зошто? Затоа што:

–  Држава во којашто најраспространета и највносна активност се криминалот и корупцијата генерирани од највисоките врвови на власта не е и не може да биде дел од Европа;

– Држава во којашто законите не важат еднакво за сите не е и не може да биде дел од Европа;

– Систем со европска придавка „хибриден режим“, во којшто владеат партиски врхушки и послушна државна и локална администрација ама баш никако не е и не може да биде дел од Европа;

– Држава со доминантен авторитарен мирис а без елементарен демократски вкус не може воопшто ни да се надева на место во прогресивниот европски клуб;

– Систем во којшто царува тиранија на глупоста, лагата, дволичноста, неспособноста, криминалот и корупцијата не е компатибилен на европскиот демократски дух;

– Систем во којшто партиската книшка и блискоста со криминалните партиски врхушки е единствен меродавен критериум не е и тешко дека може да се нарекува дел од Европа;

– Земја во којашто власта цели шест години е неспособна да спроведе ниту една од очекуваните структурни реформи никако не може да претендира да биде дел од Европа;

– Земја во којашто соседна држава слободно отвора „културен“ клуб со името на профашистички злосторник а на отворањето бесрамно дефилира половина влада на таа држава не е и не може да се смета за дел од Европа;   

– Држава која ги лаже граѓаните дека „Членството во ЕУ е трансформација на нашата земја и економски развој, стабилност и просперитет“ (Б. Маричиќ), односно дека ЕУ а не власта треба да им донесе подобар животен стандард, подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, економски напредок, социјална правда и врвна демократија (Ковачевски), не е и не може да биде европска држава;

– Држава која склучува договори во четири очи вредни милијарда и половина евра може само да сонува дека е европска држава; 

– Држава во којашто највисоки функционери за своите семејства купуваат државно земјиште по багателни цени не може да смета на рамноправно европско членство;

– Држава која дозволува соседна земја да ѝ ја диктира историјата, да ги контролира учебниците, да ѝ ги менува спомениците од НОБ…, не е и никако не може да биде Европа;

– Држава во којашто претседателот го нарекува народот „стока“ и „болен“ нема ама баш никакви шанси да стане европска држава;

– Држава којашто целно спроведува антипросветителство не припаѓа ни во европскиот среден век;

– Држава која си дозволува странски „булдожери“ да ѝ ја „пеглаат“ опозицијата, да ѝ  ги водат клучните – локални и меѓународни – процеси, да „убедуваат“ пратеници и да лажат за добробит на власта е срамна држава и не може да биде дел од Европа;

– Земја којашто пропагира граѓанско а диригира биетничко општество никако не се вклопува во европските идеи;

– Држава во којашто власта не си ја познава односно ја игнорира сопствената историја не е држава по европски стандарди;    

– Ако учениците во основното образование две години по ред „учат“ без учебници, како таа земја може да мисли дека е дел од Европа?;

– Држава што води хајки против своите врвни уметници не може да пледира да биде дел од европската култура;

– Држава во којашто модуларни болници горат за три минути и убиваат 14 луѓе а главен виновник е електричен кабел не е и не може да биде држава според европски стандарди;

– Земја во којашто во еден ден се случуваат четири силувања (полицаец од Демир Капија си го силувал малолетниот син, кавадарчанец си ја силувал 7-годишната ќерка,  малолетен брат си го силувал помалиот брат и друг малолетник во Скопје, затвореник пуштен на викенд ја силувал малолетната роднина) а ниту еден државен функционер не кажува ни збор не може да се смета за земја подготвена за европско членство;

– Власт во којашто министерка за труд и социјална политика одредува со колку пари месечно можат да живеат пензинерите е незрела, некомпетентна и неевропска власт.

Европското чувство и стандарди се дел од многу луѓе во оваа земја, но не и од оваа власт чиешто малолетно однесување и неспособност се единствен виновник за катастрофалната состојба во државата на сите „фронтови“ и особено во застојот во евроинтеграциите. Недовербата на огромното мнозинство граѓани кон неа ги прави паролите од типот „Ние сме Европа“ детска шега и локален политикантски фолклор. Регресивната врхушка Пендаровски, Ковачевски Маричиќ, Османи и сите останати „фактори“ на оваа власт се „лидери“, но не во македонската битка за ЕУ туку во натамошната провинцијализација на земјата, нејзиното забрзано осиромашување, континуираната партизација и грабежот на државните ресурси.     

Ние, сирачињата на светот

Го читам претседателот на МАНУ со воскликот за обединување на Македонците, за македонските корени и просторниот и временскиот „јазичен континуум, што постои илјадници години и продолжува да постои и денес, во Македонија“. И неизбежно ми се наметнува прашањето: зарем уште треба да се објаснува, да се убедува, да се говори за исконски факти и несоборливи вистини, за нешта за коишто нормален човек одбива воопшто и да разговара: за прашањата за јазикот, културата, идентитетот…, за постоењето на еден народ – подоцна нација, со држава – низ повеќевековната историја на светот?

И немам друг одговор освен: да, треба. Бидејќи ние имаме сериозен проблем. И тој проблем не доаѓа само од исток, северозапад или југозапад, од таканаречената меѓународна заедница или од Русија, уште помалку од САД. Ние имаме проблем дома, во земјата, или државата, како сакате, која се распаѓа по сите шевови, која се раслојува и се самоубива. Или ја самоубиваат! Ние имаме проблем со самодефинирањето, со себедоживувањето, со нашето видување на сопствениот – македонски? – идентитет, јазик, култура. Ние имаме сериозен проблем со лични афилијации, со семејни и пошироки историски идентификации, со неук провинциски менталитет и квази-интелектуални умисли…

Ние мислевме дека „македонското прашање“, или самочувство, е одамна апсолвирано, дека во онаа „комунистичка“ Македонија некои важни нешта биле разрешени низ стручно-научна расправа и методологија а не само низ идеолошка призма… Изгледа дека грешам, дека таа држава, а и ние со неа, била навистина Коминтерновска творба, дека ние сме идентитетски сирачиња на светот и покрај фактот што имаме држава, членка на Обединетите нации. Но, велат, признанието дома е поважно од она во светот.

Иако не се согласувам целосно со тоа, секојдневието ме демантира. Ние, денес и овде, не само во Собранието, расправаме за тоа кои сме и што сме, од кога – и дали воопшто – постои македонскиот народ? И како може(л) да постои македонски народ, со македонски јазик, со македонска култура и идентитет… ако немал „општествена единица“ зад себе? Макар и религиозна! И дека „не можеш да дефинираш култура во историски контекст ако при тоа немаш организирана општествена единица“!

И не само тоа, се разбира, туку и сѐ друго што ние неуките го гледаме како дел од таа култура – сите оние цркви, манастири, икони, резби, песни, игри… односно сето материјално и духовно творештво – создадена пред фамозната 1945 година е само њфтина бижутерија со којашто ние се китиме денес пред светот. Зошто? Е па заради тоа што сето тоа не било создадено со некаква идеја за македонско чувство, за македонска култура, традиција, идентитет…

Дали, во таков случај, ние до 1945 година сме биле само – племе? Веројатно, така барем нѐ убедуваат некои самопрогласени „експерти“, тука, во Македонија. Сето претходно е само некаков блед фолклор, некакви глупави обичаи и традиции коишто случајно останале на овие простори, па им текнало на некои Коневски, Филиповски, Пенушлиски, Црвенковски, Малинска, Милчин, Јаневски… и остатокот од комунистичката „братија“ од нив да склепаат нешто цело што го сместиле под поимот македонска култура. Зошто, чуму им била таа глупост? Ете, од чиста разонода и немање попаметна работа, па почнале да тврдат дека постои такво нешто викано македонска култура, како што мислеле и дека низ вековите постоело такво нешто викано – македонски народ. Што било лага, нели. велат новиве стручњаци.  

Кога во Македонија денес, во третата деценија на дваесет и првиот век, има такви аналфабети кои просто го трујат јавниот простор со вакви ординарни глупости и бабини деветини, што тогаш ние очекуваме од источниот ни сосед? Според некои мали локални умови сѐ што е создадено на овие простори пред 1945 година е создадено од некои други, а ние или сме паднале на оваа територија од некоја далечна планета во Млечниот пат или некои чудни вонземни сили магично нѐ спуштиле овде токму таа година со задача да си создадеме „општествена единица“ и да се наречеме Македонци. Трето објаснување – нема. Односно има, она на источниот сосед!

Што сме тогаш, по ѓаволите, ние за ваквите шушумиги? Исцедок на великобугарските освојувачки походи? А зошто не на Османлиските петвековни зулуми? И кого освојувале Аспарух, Иван Асен, Калојан и компанија, самите себеси? И кого стрелале и беселе ордите на Борис Трети, своите „сонародници“? Или како по освојувањата на Аспарух 681 година овој народ овде веднаш станале Бугари, но кога паднала Софија во 1382 година под Османлиска власт сѐ до 1878 година, како тие луѓе таму цели пет века о(п)станале Бугари?

Всушност, не дека уживам да се занимавам со вакви глупости, но факт е дека ваквите аналфабетски елементи не се пројавуваа во оваа средина досега. Уште помалку смееа да писнат во Македонија до 1991 година, туку „поданички“ ги уживаа(т) сите благодети на македонската држава и култура. Сега ги видоа своите пет минути? Можеби, но тоа се пет тажни, срамни минути.

Настрана фактот што нивните „тези“ се толку смирисани, така бајати и неуки што тешко можат да заведат дури и средношколци. Но можат да прават смут, што очигледно им е целта. Токму тоа е она што почитувана Колбе (повикувајќи се на Адорно) го вика полуобразованост и инфодемија!

Но, за жал, сето ова е и наша грешка, тоа е слабост и на македонската наука – па и на МАНУ – којашто пропушта круцијални мигови на граѓанинот постојано да му ги објаснува нештата за неговата етногенеза. Само во тој контекст го гледам и обраќањето на претседателот на МАНУ, иако е осамено. Но, претпоставувам дека и многумина други, како мене, мислеле дека за ланскиот снег нема потреба да се полемизира. Очигледно – има. И треба.

Зашто во овој наплив на преваранти, на коекакви „народни исцелители“, на квазиинтелектуалци… нештата мораат да се дообјаснуваат. Зашто науката не познава такво “поврзување“ на културата со постоењето на некаква „општествена единица“; поимот култура говори за групи на луѓе а не за држави – тоа се две споиви но и тотално различни нешта! – при што (не)културата на освојувачот никако не значи дека автоматски станува и (не)култура на освоениот; луѓето ја споделуваат културата без оглед дали тоа го прават формално (во рамките на „општествена единица“) или поинаку, дури и премолчено, без зборови итн.

Во 1952 година американските антрополози Кребер и Клукхон сочиниле листа на 164 различни дефиниции на културата, кои варираат од „научено однесување“, „идеи на умот“, „логички конструкт“ итн., но ниту една не ја потенцира државата – или каква и да е друга „општествена формација“ – како фактор! Ама нашиве мали умови знаат подобро, нели?

Но, впрочем, замислете како би изгледала светската културна мапа, во минатото но и денес, исцртана само од културни поткрепени односно втемелени во државност или која и да е друга „општествена единица“? Како нашиве малоумни „експерти“ би збришале стотици култури, илјадници народи – и толку јазици и идентитети – чијашто историја била на негативната страна на судбината и не дозволила создавање на функционална „општествена единица“?! Од Македонци, Власи, Роми, Евреи, Ескими, Лапи, Курди, Баскијци, Галицијци, Арагонци, Каталанци, Лужички Срби, Масаи Мара, Јоруба, Бедуини, Туареги, Палестинци, Сики, Угури, итн., итн. Сите овие народи се – што? Идентитетски сирачиња на светот?

Апсолутно идентична е и ситуацијата со малоумното поврзување на уметноста/креацијата со националното чувство, свест и припадност. Колку посиромашна би била светската уметничка мапа во минатото и денес кога проучувачите би го прифатиле ова идиотско толкување? Зарем Стоунхенџ е граден со некаква идеја за Велика Британија? Или Леонардо ја сликал „Мона Лиза“ со засилено италијанско чувство? Или „Госпоѓиците од Авињон“ се изблик на шпанската крв на Пикасо? Како воопшто некој кој се претставува како интелектуалец може да промислува – па и да тврди! – такви ступидарии?

За жал, бедата на македонскиот „интелектуалец“ секојдневно се потврдува, не само сега и не само во контекстот на проблемите со источниот сосед и евроинтеграциите. Оваа неука петта колона, заедно со онаа политикантска „прогресивна“ криминално-коруптивна збирштина, секогаш има свои „пет минути“. И успешно ги користи. Но и тоа е наша вина, се разбира.

Македонскиот „Видовден“

Македонскиот „Видовден“ – 18 август 2023 година – би и помина. Онака исто, бледо, смешно, провинциски…, како и сите овие години на „прогресивнава“ власт. Не удри гром во опозицијата, не се вивна суперклеточна бура или (не дај боже) земјотрес или поплави, државата не беше окупирана, ниту пак изолирана. Малку нѐ потресоа сите оние клетви во стилот на цар Лазар – кој е од македонски род и од македонска крв и колено, а не гласа за промена на Уставот, од раката му да не се роди рујно вино и пшеница бела, да нема род ни пород машки ни женски…, итн. итн. – но и тоа беше дел од вообичаениот простачки политикантски фолклор на власта.

Она за празните улици и случни будалаштини. А особено она на координаторот на пратеничката група на сдсм (малите букви соодветствуваат на угледот на оваа партија денес во Македонија) дека токму на тој македонски „Видовден“ ќе се види кој е вера а кој невера односно дека од прифаќањето на уставните измени „директно зависи иднината на целиот наш народ“! Ма немој.

Какви помпезни пораки испраќаше власта пред седницата за уставните измени, човек ќе си рече навистина сме стасале пред крајот на светот. Или на Македонија, во најмала рака, со променето Илинденско гесло: или нова Преамбула или смрт! Дури ни на премиерот не му беа напишале некоја нова мудрост туку ја вергла илјадапати повторената лага: „Пратениците се, пред сѐ, претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Заради подобар живот по европски стандарди.“ Ниту помислува дека токму тој, сосе целата негова полуписмена влада (малите букви се реален одраз на нејзиното реноме!), со години примаат плата за тоа. Сега испаѓа дека тие биле само локален украс, а целата работа треба да ја заврши – ЕУ!

Единствена вистина во оваа негова „мудрост“ е дека „граѓаните сакаат да живеат во ЕУ“. Но не под вакви услови! И зошто, по ѓаволите, никој тоа не сака да го разбере? И зошто власта не организираше референдум, или друг вид на плебисцитарно изјаснување на граѓаните токму за тоа прашање: дали сакаат во ЕУ под условите наведени во преговарачката рамка? Или однапред го знаат исходот па сега само плашат мали деца?

Но, добро им беше темпирана и онаа вообилаена клиентела како подопашник на власта во застрашувањето на луѓето. И тие ги верглаа(т) истите флоскули, со мали разлики. Сега, сите што мислат поинаку од власта и нејзините кербери се припадници на оној „(…)добар дел од образованата елита, чиј команден центар е опозициската партија, да се компромитира Охридскиот, Преспанскиот и Францускиот договор, со изговор дека се ’диктати’“. Тоа е вистинското лице на македонската „демократија“ во овој миг – диктат врз диктатите!

И, очигледно е одамна, токму тоа го имала на ум оваа власт прогласувајќи го чинот на една (во основа) демократска расправа за суштински прашања за државата, во фамозен македонски „Видовден“ на којшто ќе се видело што е црно а што бело, кој е јунак а кој предавник и слични будалаштини. Ама забораваат дека на Косовското поле останаа и Лазар и Мурат! Оваа ретроградна власт, самотрансформирана од „хибриден“ во „прогресивен“ режим, нема слух за ништо друго освен за „Видовденските“ поделби во државата, прогласувајќи секој различен тон во непријателска пропаганда, во опозициски грев, во „националистички сентимент“. Страотно плитко, до зла бога неуко и простачко!

Македонскиот граѓанин е ставен во ситуација година дена, без престанок, да ги слуша лагите на локалниве интриганти и безрбетници и нивните кербери, но не смее да чуе што мислат реномирани европски историчари и политичари. Вчера собранието на рсм (малите букви целосно одговараат на реномето на оваа институција денес) беше претворено во етно-политичка арена на апсурдот, каде логиката на доцниот 19 век удираше во таламбасите на 21-от век сеејќи „прогресивна“ магла, по илјадити пат се вртеше буквално истата расипана ЕУ плоча, со чести мигови на „шлајфување“ во место, прекинување, пелтечење… Освен, за среќа, експликацијата на г-ѓата Силјановска-Давкова, се разбира. Таа на нашиве шутраци, но и на т.н. „меѓународна заедница“ и ЕУ, им влепи такви шамари што ушите уште долго ќе им свират!

За жал, за власта, разумното, компетентното, стручното толкување на нештата не е доволно. Упорно ја вергла лагата дека на предложениот текст за уставните измени никој нема(л) забелешки, заборавајќи дека само половина час пред него Силјановска-Давкова тој ист текст го растури како „дете играчка“. Но, и тоа е стилот на сегашниов сдсм: нека говори кој што сака, ние „возиме“ напред.   

Ако таа циркусијада, со оние неколку кловнови во главни улоги, требаше да нѐ убеди во исправноста, дури неминовоста на прифаќањето на перфидниот „француски предлог“, тогаш ефектот е целосно спротивен: тоа дефинитивно би била историска грешка со долгорочни последици. За тоа, впрочем, ни пишува и почитуваниот Челиковиќ, потсетувајќи нѐ на реакциите на дел од (токму) француската интелектуална јавност за „рамката“, за предупредувањата за „историски ревизионизам“, за „едностраните гледишта и ставови“, „корегирање и исправање на историјата“ итн. 

За истите или слични нешта пишуваше и Флоријан Бибер (инаку политиколог, историчар и експерт за Балканот): дека „Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето“, дека „Го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ“, дека „Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада“ итн., итн.? Ама тој не е експерт, нели, туку тоа се Ковачевски, Османи, Цаца Николовска, Ружин, Адеми, Митревски… итн. Знаат подобро и од еден Едвард Џозеф (можеби хибридизиран „путинист“ и „рубљовист“?), од еден Шјел Магнусон (кого го посочува и Челиковиќ) кој аргументирано ги побива сите глупави тези на власта за јазикот итн.?

Зарем некој овде, после сѐ,  сепак ќе им поверува на нашиве пролет-штрумфови, такви модри, неуки и полуписмени, зарем и понатаму ќе се крсти во шушумиги од „реномето“ на Маричиќ, Османи, Ковачевски, Митревски, Адеми и „остала братија“? Или можеби во оној Мишел кога се колнеше дека тој лично ќе ни фаќа врски во ЕУ иако мандатот му е веќе на крај? Или во целото она корзо од Европа до Скопје од разноразни официозуси кои до вчера не стапнале во Македонија, ама сега се тука оптимистички поднасмеани, кисело весели и шарлатански убедителни?

Ок, некој овде сепак ќе поверува – така е секогаш кај нас – на такви плитки поточиња, ќе сее „прогресивна“ магла и ќе му се поклони на Митревски кој ни ја кажа базичната дилема на македонскиот „Видовден“: интеграција или изолација! Е па браво – вдахновено, стручно, експертски, европски… Па такви глупости не трескале ни во времето на Илинденското востание! И повторно: никој нема да смее да ја спомне најстрого чуваната државна тајна викана Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, никој нема да смее да размислува со своја глава, да ги спои коцкичките и да види дали баш два и два се четири во владините „аргументи“?

Ако е тоа нашиот односно изборот на власта, so be it. Но тоа нека биде нејзин избор а не наш, таа по вторпат нека си ги резили имињата. Но, како и да е, таа – оваа смешна „прогресивна“ власт – вчера кукавички избега од Скопското поле, со подвиткана опашка. А опозицијата, барем еднаш, може да направи нешто паметно: да го умножи обраќањето на Силјановска-Давкова и на секоја нова седница на собранието на тема уставни измени да им го дели на пратениците од власта! Белки, конечно, слепците ќе прогледаат и нивните мали умови нешто ќе научат?


Чија е оваа прчија?

Во македонското царство на глупоста изгледа навистина ништо не може да се промени: секоја шушумига овде е стручна и компетентна за сѐ само ако има партиска книшка или е барем блиска до некоја партиска врхушка. Кога ги слушате највисоките претставници на власта како јавно „размислуваат“ за (нај)сериозни теми – менување на имиња на улици, подигање на споменици итн. – просто се прашувате дали навистина оваа држава опстојува само по некоја инерција или е вештачки одржувана во живот од страна на „меѓународната заедница“, за нивни потреби? До кога – никој не знае.

Кога ја читате реакцијата на премиерот за „промоцијата“ на Демачи и знамето со „Голема Албанија“ во Македонија, или аналфабетската ароганција на министерката за одбрана и нејзината опсесија за (незаконско) подигање споменици, не сте докрај сигурни дали е тоа само локален политикантски фолклор или нешто многу, многу подлабоко. И лошо, неуко, некултурно…

Но кај нас сите диригирани лаги и глупости повторени стопати неминовно стануваат вистини што го преплавуваат етерот. Меѓу нив, особено, онаа за нашата „светла иднина“ во ЕУ, за потенцијалните благосостојби што ни ги носи „историскиот миг“ и, се разбира, фондовите што нѐ чекаат како главна награда за нашата понизност. За жал, во оваа минхаузеновска шарада се впуштија и поединци кои ги паметевме поинаку – професионални, стручни, логични… Сега нивните „тези“ и „антитези“ во сѐ наликуваат на расипаните плочи на власта, на нејзините блеферски флоскули и пачворк ветувања.  

Меѓу овие лаги и намерно извртени тези искажани околу нашето евроинтегрирање, деновиве повторно оживува онаа лажлива „дилема“  на деценијата, овојпат од перото на онаа новинарка која „срдечно“ им посакува на некои колеги да ги – снема. Е токму таа (се) прашува: „ќе бидеме ли ние европска, демократска, правно заснована и уредена држава или ќе бидеме и натаму прчија на локална мафија на која најмалку што ѝ треба е Македонија да влезе во Европската унија?“ (Слободанка Јовановска, И ние си имаме Радев, Либертас, 10.08.2023).

И ова и вакво „прашање“, иако и порано имало едно чудо многу слични во различни но сепак лажливи форми, е самата есенција на актуелната „Операција Бугари“ и македонскиот евроинтегративен пат. Таа извртена „антитеза“, или лага, како сакате, игнорира сѐ друго околу нас и нашето историско „патешествие“, удира како со чекан по македонската глава која што – очигледно е – мора да се разбуди и опамети инаку црно ѝ се пишува. Впрочем, сето тоа, само со поинаква реторика, две години, секојдневно, го вергла и власта. А сепак, власта е едно, ама „седмата сила“ нели треба(ше) да биде нешто друго?

Но, што е уште поинтересно, таа „антитеза“, или лага, како сакате, искажана на овој начин, очигледно не разбира докрај што сѐ кажува. Прво, јасно и гласно, барем во првиот дел, ни кажува каде и како живееме: ние, имено, сме недемократска, неуредена и криминална држава, прчија на локалната мафијата (sic!). Што, се разбира, ќе го потврди секој нормален кој живее во оваа земја подолго од една година и ќе се согласи со секој збор и интерпункциски знак! Таквата држава одамна е македонска реалност, освен што досега на ниту еден од „прогресивнава“ новинарска фела не му се „испуштила“ таква формулација. Ама така е кога не се мисли што се пишува, нели.  Уште помалку некој од актуелните партиски врхушки залегнати во фотелјите од 78%, кои народот ги донесе на власт по нивните ветувања дека тоа ќе го сменат. За година-две! Но еве, тераат веќе шеста година во истата прчија.

Сепак, она што највеќе зачудува во првиот дел од оваа новокомпонирана „теза“ не е констатацијата за недемократската и неуредената држава, туку онаа за прчијата на локалната мафијата. Дотичната се воздржува да ни појасни која, по ѓаволите, е таа локална мафија? И само една ли е, зашто во јавноста обично се говори за повеќе мафии – или барем две – етнички јасно диференцирани. И да, здружени кога ќе затреба, како на пример за фамозните коридори, но во принцип тие работат одделно, секој во својата прчија. Што ќе рече дека ние сме две прчии, не една. Или „тезата“ говори за една локална мафија мислејќи на онаа коалициската – на власта? Веројатно, и логично: не може да има поголема мафија од онаа што е на власт во една недемократска, неуредена и криминална држава! Јасно и гласно.

И веднаш потоа, доаѓа вториот дел со поентата дека на таа локална мафија „ најмалку што ѝ треба е Македонија да влезе во Европската унија“ (sic)! Целосно контрадикторно, тотално нејасно, крајно небулозно за едно такво „прогресивно“ перо. Зашто, ако власта е таа локална мафија – што е факт бидејќи овде нема друг актер за таа главна улога! – тогаш логично е дека не ѝ треба ЕУ. Зошто би ѝ требала кога овде има сѐ што ѝ треба?

Оттука, вака неверојатно плитко конструираниве „тези“ редовно ја промашуваат целта односно се враќаат како бумеранг повторно во главата на власта. Или на локалната мафија, како сакате. Зашто, таа е мафијата над мафиите, таа е менторот на сите мафии во државава, веројатно и на медиумската. Така барем вели оваа теза. Но, несвесно, повторно кажува и нешто друго: дека една таква локална политикантска мафија никако не може да биде факторот што ќе нѐ одведе во Европа. Прво бидејќи тоа не ѝ одговара, и второ, бидејќи е неспособна за тоа. Зарем со неа на власт ќе станеме „европска, демократска, правно засновата и уредена држава“? Мало сутра!     

И сите вакви и слични натегнати клиентелистички „тези“ божем ги забораваат најбитните нешта на македонскиот евроинтегративен пат: оние „општи и посебни“ обврски што Македонија треба да ги исполни според „француската рамка“, намерно ја туркаат „под тепих“ вистината дека источниот сосед, врз основа на шизоиднион меѓудржавен Договор, има право да ни прави што сака со историјата, учебниците, спомениците, дека оваа полуписмена власт всушност и не знае што уште ја чека на тој пат итн.

Сите вакви евроинтегративни равенки како главен чинител ни ја претставуваат катастрофалната ситуација во македонската реалност – провинциска, антидемократска, криминална и коруптивна, неуредена прчија на локалната мафија – која што магично ќе ја снема во мигот кога Македонија, Северна или обична, ќе ги напика Бугарите во Преамбулата на Уставот и ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ. Ништо друго не е важно, или поважно, ништо не постои вон од таа равенка и реалност, најмалку Бугарија, „францускиот предлог“, протоколите итн. Не кажува равенката ни која е ниту со каква сила е таа магија што речиси преку ноќ ќе се справи со провинциската, антидемократската, криминалната и коруптивната прчија на локалната мафија. И зошто тоа не го прави и сега, кога целата држава, или тоа што останало од неа, токму таа ЕУ магија секако го врти околу малиот прст? Или и неа ѝ треба токму ваква прчија со токму ваква локална мафија? Не знае „авторката“, или не сака да каже.

П.С.

Дали таа силна магија ќе ѝ помогне и на министерката за одбрана, компулзивно амбицирана да подигне дури три споменици спротивно на закон? Но за тоа во следната прилика.     


Здравствујте товариши

Ако (наводно) целиме кон полноправно членство во ЕУ, кому му е во интерес да создава непријатели во меѓународната (не само културна) јавност? Ако сакаме да се претставуваме како цивилизирана земја, како може власта – Владата – да поддржува коекакви скороевци да се допишуваат со директори на врвни фестивали? Да прогласуваат непријатели на државата? До кога аналфабети спонозрирани од власта неказнето ќе ја тормозат (не само) македонската култура?

И уште какви сѐ глупости ќе произведе оваа неписмена автократска власт во одбрана на своите позиции и на нејзините клиенти што секојдневно ѝ го бербатат образот? Иако, де факто, овие сталиновидни карикатури од политичари одамна немаат образ, но тоа не значи дека треба секојдневно да го валкаат и она малку што останало како некакво достоинство на македонската култура, демократија, наука, па дури и политика! Овие се очигледно подготвени да жртвуваат сѐ за нивните фотелји од 78%, за бизнисите на нивните сопруги, браќа, сестри, внуци…, за одлично платените места во државната администрација на нивните братучеди, снаи, баџаници, старосватици…   

И ова ли е тоа отворање на некакви фронтови („Сега е време на фронтот за Европа“), ама насочени против измислени домашни предавници, против сите што не се согласуваат со нивните лажливи и криминални политики, против нивната корупција и пљачкосување? Сега отвораат фронт и против светски културни манифестации од форматот на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција? Се осилија локални дупликати на Берија и Џугашвили, ситни владини бирократчиња, и тие му „објаснуваат“ на светот кој е кој во Македонија? Им кажуваат дека биле „доведени во заблуда“ без да ги знаат „фактите и вистината“! Но кои факти, и која вистина? Онаа за којашто, покрај сите други државни инстанци, веќе пресуди и надлежен суд?

Дали оваа власт отвора фронт преку којшто и другите државни агенции и институции а не само Агенцијата за филм, ќе ги клевети, малтретира и оцрнува македонските уметници? Малку ли е насилничката и антикултурна (ре)пресија на овие институции дома па сега се впуштаат и во меѓународен промет, сега тие на светот ќе му објаснат колку се два и два во македонската култура и уметност? Ова ли е таа европска политика на власта во културата, ова ли се оние „универзални принципи и вредности“ на коишто повикуваше премиерот во неговиот говор по повод Илинден? Сега вредност стана клеветата, а лагата принцип?

Владата мора конечно да каже кој е тој – по име и презиме – што ги поддржува криминалните малверзации во македонскиот филм, вклучувајќи ја и надлежната Агенција за филм како владино тело. А и онаа „госпожа“ за добро владеење ќе мора еден ден да одговори за сиот свој гласен молк кога ќе се спомне таа Агенција, Друштвото на филмски работници, целосната приватизација и клановска поделеност во македонскиот филм. И за отворената кражба и злоупотреба на огромни парични средства за лични и групни цели! Зашто, ако сите можни инспекции, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија и Управниот суд се идентични во нивните наоди за работата на таа багра залегната во македонскиот филм, зарем само оваа „госпожа“ – која, патем, е одлично платена за работата што не ја работи – не гледа што се случува околу неа и што препорачуваат другите државни инстанци?

На крајот, Владата ќе мора да одговори и кој сѐ уште го држи во фотелјата тој нивни пулен во Агенцијата за филм, кој противзаконски го поставува за в.д директор, кој му продолжува мандати…, и зошто? Ако ја знаеме славната комисија што го постави на тоа место – на чело со уште пославниот доктор како „стручњак“ за филм, а по налог на неговиот пајташ/провинциски политикант кој глумеше премиер! – Владата ќе мора да одговори кој и понатаму, после сѐ што се случуваше во македонскиот филм последниве пет години, го држи тој денунцијант таму. И зошто, со која цел?!

Веројатно некој во таа Влада – можеби оној Маричиќ, или Османи – ќе мора да одговори дали ваквиот однос на власта кон меѓународно признати поединци е новиот курс компатибилен со европските политики во културата? И дали производството на дисиденти и нивното денунцирање пред меѓународната културна јавност е дел од таа нова стратегија? И не ѝ замирисува ли сето тоа на мувлосан сталинизам, на оживување на скиселени русообразни политики во Македонија и нивните промотори, на она руско „влијание и пропаганда“ за коешто, ете, сме почнале и студии да пишуваме а не гледаме пред носот што ни се случува?

Ако за ваквото неписмено бирократско мафтање со прст кон еден од најстарите и најугледните филмски фестивали не се огласат бргу спомнатите „стручњаци“ за евроинтеграции Маричиќ и Османи, можеби стамено, како руски мужик, пред јавноста ќе излезе оној Ковачевски кој за Илинден порачуваше дека „На сите негирања однадвор и однатре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности“, но не објасни на што точно мисли? Ова ли е, на пример, тоа „врвно национално чувство“ – да ги резилиме македонските творци пред светската јавност; дали тоа и во иднина ќе го прават со нивната „висока национална самодоверба и гордост“, додавајќи на листата на непожелните и нови имиња кои им пречат на нивните пулени во културата; и за какво, по ѓаволите, „здраво и разумно обединување“ говори тој лик кога сите што се обидуваат оваа земја да ја направат малку попристојно место за живеење ги прогласуваат за болни, за државни непријатели, руски ботови, за црни ѓаволи…?

Се разбира, меѓу последните (но не по важност) прашања останува следново: има ли оваа власт воопшто претстава што е Меѓународниот филмски фестивал во Венеција? Или Меѓународното уметничко биенале во Венеција, или Филмскиот фестивал во Кан, или Документа во Касел, или…? Па и филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ во Битола – сега препуштен на милост и немилост на полуписмени дилетанти, или „Битолски Монмартр“ – сега провинциски политизиран во селска „манифестација“, или „Скопско лето“ – немилосрдно задушено од неук и некултурен свет…? Има ли оваа власт воопшто претстава што се тоа култура и уметност, и каква е нивната важност за едно општество? Или и тие се само уште еден потенцијален извор на добар приход (не само) за нивните клиенти и абоненти? Знае ли власта колкумина нејзини министри одлично профитираат од нивното менторство над одредени криминалци во културата?!

На крајот, токму како најбезначајна, не може да да не се спомне и онаа самонаречена „независна“ културна сцена која што, на узурпираните ловорики на „Шарената револуција“, се смести на фотелјите веднаш до задникот на власта, грабајќи сѐ што може. Ќе проговори ли, барем еднаш во овие шест години, за автократските, сталинистичките, недемократските појави и состојби во македонската култура? Или тоа повеќе не ја интересира? Ама ќе ја интересира ако утре ги загуби позициите, нели? Таквите дегутантни ликови од кои со години не можевме да се отарасиме, сега се водечкиот фронт на власта против културата. И се однесуваат како оние три мајмуни: ни гледаат, ни слушаат, ниту говорат. Еден неверојатно одвратен однос на самопрогласената „независна“ културна сцена, на луѓе кои се претставуваа како движечка сила во македонската култура.

Затоа: здравствујте товариши од власта, конечно јавно се легитимиравте кои сте и што сте. Вашите (не)дела говорат многу погласно од вашите документи и цртки по таблите за нашиот наводно демократски пат кон евроинтеграциите. Ни ги сакате, ниту пак (ќе) ги реализирате. Тие се само „прогресивни“ точкички во вашите регресивни „стратешки“ планови и годишни програми што треба да ја задоволат меѓународната заедница уште некое време, додека целосно не ги исполните своите криминални планови. Македонската реалност одамна се наоѓа во железните прегратки на повампирениот источен соцреализам во неговата најцрна варијанта. И ова со културата не е некоја новост, таа одамна – како и обично – е меѓу првите жртви на овие осоколени локални автократчиња, само што јавноста тоа предолго го игнорира.

Ќе ја промени ли, ќе ја разбуди ли сега овој скандал со Венеција? Не верувам, тие фронтовски битки се одамна загубени. Но утре ќе се отворат нови фронтови. Против кого? Па, ќе видите. А ако затреба, ќе се отворат и логори, како што неодамна напишав. Еве сега една од нивните приколки пелтечи дека е „вистинско време за обединување на сите политички лидери и оставање на партиските интереси на сметка на државните“. Не ќе да е баш така, туку е време на историско раскрстување со најцрните соцреалистички тенденции во државата, со маливе умислени автократчиња во македонската политика и нивните полуписмени инсталации во културата, образованието, науката…

Tabula rasa или царството на глупоста

Тиранијата на лагите на оваа власт е просто несопирлива, катастрофална како оние суперќелијни бури што го потресуваат регионов. Среќа нас нѐ зафаќаат во релативно помали дози, веројатно сочувствуваат гледајќи ги овие наши локални торнада. Тие би ни биле премногу зашто нашава тиранија на лагата сега се инкорпорира во постојното царство на глупоста, со закана со катаклизмични размери.

Да не ги запознавме доволно низ годиниве, веројатно не ќе си верувавме на очите и ушите на нивниве политикантски претстави, на лагите и конструктите што секојдневно ги истураат во јавниот простор. Сега премиерот бара од нас да им веруваме (особено) на Радев и на Јотова зашто „тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“. Па тоа во континуитет го велиме многумина и овде, ама премиерот сака да остане слеп и глув – или има друг проблем? – дека меѓу тие „договорени услови во преговарачката рамка“ се и спомениците, историјата, учебниците и др., што токму тој започнува „на мала врата“ да ги исполнува! И на коишто безмалу секојдневно потсетуваат Радев, Јотова и бугарското МНР. Ама нашиве слепци се прават наудрени, а патем држат пионерски лекции. На табла, без сунѓер. И без црвена марама. Е па тоа ни е нивото. 

Но, премиерот не кажува како да се однесуваме пред онаквата неодамнешна соседска вулгаризација и на Илинденското востание. Дали и тоа е израз на добрососедството и пријателството на Радев и Јотова? Молчи. Ама, во замена, кажува нова епохална измислица: дека „Уставните измени не се ничиј диктат, ниту пак нечиј поединечен предлог, туку се дел од преговарачката рамка на Република Северна Македонија со Европската Унија. Ни повеќе ни помалку.“ Што ќе рече дека сите ние, цел народ, сме идиоти и ништо не сме разбрале во македонско-бугарскава приказна! Господ да чува и да брани од неуки луѓе кои си играат политика!!!.

Не кажува, впрочем, премиерот ни како да го разбереме она првоодделенско однесување на министерот за надворешни работи и неговата tabula rasa којашто онака мазно ја испиша пред целата јавност, пред Владата, медиумите, „експертите“…? Не кажува ни на кои и какви понатамошни реформи и трансформации мисли кога владата му е како пресликана ветва соцреалистичка карикатура заталкана од минатиот век? Со tabula rasa на рамењата. Па замислете некој од министрите за надворешни работи од екс-ју форматот на еден Коча Поповиќ, Јосип Врховец или Будимир Лончар…, па и Стево Црвенковски, ако баш сакате, со себе да влечкале табли и да им цртале на соговорниците! Па има ли поголем резил за оваа власт, но и навреда од нејзина страна кон својот народ и држава?

Па барем да знаеше што да напише на таблата дотичниот, барем еднаш да ги споеше коцкичките во еден и еден се два! Вакви неспособни луѓе можат да глумат власт само во Македонија како република на глупоста. Затоа впрочем и говорам – не само јас, се разбира – за историскиот амбис пред којшто се наоѓа државата. Таквите историски пресвртни мигови се проклета работа ако се остават во рацете на неуки, неспособни и крајно суетни ликови. Зашто нивните „табли“ се празни, врз нив допишува кој како ќе стигне и поставува равенки со многу непознати кои овие ни во три нови животи не би успеале да ги разберат!

Не случајно минатиот пат спомнав примери за самоубиствени државни одлуки, меѓу нив и таканаречениот „аншлус“ (Anschluß Österreichs) – или припојување – на Австрија кон нацистичка Германија во 1938 година. На крај памет не ми паѓа да правам такви евтини историски паралели меѓу тој настан и Македонија и Бугарија, или Македонија и ЕУ. Но, интересни сличности – има, видливи се со голо око. Барем за оној кој не е тотално слеп, како македонскава власт!

Историјата вели дека на строго контролираниот плебисцит во април 1938 година речиси 99.7% гласале за припојување на Австрија кон Германија. Некој ќе помисли дека австријците (тогаш) биле глупави, залудени по моќта на Хитлер, не сакале повеќе да бидат „еден народ во две држави“…? Но нема глупави народи, има само глупави власти и политички елити кои добро го подготвиле теренот за погрешни одлуки. А колку за информација: на австриското – повторно: строго контролирано! – изјаснување не им било дозволено гласање на припадниците на левите партии, на Евреите и Ромите.      

Не можете да кажете дека Австријците биле непромислени во тоа време па гласале така како што гласале. Голем дел од историчарите се согласуваат дека нема само една причина за таквиот развој на настаните: опортунизмот кај народот, импресионираноста од економскиот развој на Германија, од ветувањата на Хитлер итн. Неколку години Австрија била под жесток притисок, внатрешен и надворешен, за унификација со Германија, сите опозициски гласови биле веднаш загушувани, некооперативниот премиер Шушниг бргу бил приморан да поднесе оставка и на негово место бил инсталиран про-нацистот Артур Зајс Инкварт итн., итн. Факт е и дека Социјал-демократската партија на Австрија (една од најголемите австриски партии), како и католичката црква, го поддржале аншлусот на Германија!  Наспроти тоа, огромен дел од австриската интелигенција била против.  

Се разбира, секој може да ги гледа и толкува овие факти како сака, но тие се доволно речити – па и компаративно! – за/со некои локални состојби и процеси. Но и со интересни разлики. На пример, дека ваквиот наш налудничав евроинтегративен процес кај нас го туркаат само две партии наспроти (речиси) целата здружена политичка опозиција. Тогаш, во чие име се прави тоа, со кој и каков кредибилитет на оваа коалиција, со кои и какви нивни резултати, со која транспарентност и демократичност во водењето на процесот…? Ако во Австрија сепак аншлусот добил огромно мнозинство на референдумот, кај нас сите анкети говорат за 2/3 од популацијата што се противи на ваквиот начин на водење на процесот.

Ако Хитлер прво насилно ги внел германските трупи во Австрија а потоа го организирал референдумот за аншлусот, и кај нас прво беше потпишан (и „прославен“) „Преспанскиот договор“ па дури потоа се одржа „консултативниот“ референдум којшто покажа спротивставување на мнозинството од граѓаните на менувањето на името на државата! Дури и наспроти строго „контролираните“ – да не кажам потежок збор – мерки/методи за (не)излезноста на гласањето, многу слични не само на оние во Австрија во таа 1938 година туку и на режимот на „заробената држава“ против којшто „прогресивциве“ наводно се бореа!   

Но, повторно, не ми е намерата да конструирам историски паралели туку да посочам само на една од многуте погрешни одлуки којашто однела цел еден народ во прегратките на нацизмот. Дали тоа е и случајот со Македонија денес? Не е, се разбира, но предизвиците што демнат на патот, а актуелната македонска политикантска „елита“ сака да ги минимизира со цртање на табла, се многу слични. Зашто македонско-бугарскава „приказна“ очигледно бил одамна и добро подготвувана. А игнорирана од власта, дури поттикнувана со непромислени чекори, меѓу кои оној со Договорот за пријателство и добрососедство е врвот. И никој не се ни обидува(л) да го заобиколи.

Тоа говори дека македонската политика денес е политика на tabula rasa – на неука, нестручна, некомпетентна и историски неписмена политика. Оние цртки на tab(u)la-та на Османи, како впрочем и последниве изјави на Ковачевски, се толку смешни – да не речам глупави! – што едноставно не можат да ја убедат јавноста дека државниот врв знае што стои пред него и како со тоа да се справи. Уште помалку пак можат да обезбедат некакви идни реформи што ги навестува премиерот, или „процес во кој ние се трансформираме (…)“. Во што? И што впрочем правеше оваа коалиција цели шест години па дури сега да почнува со реформите, трансформациите и економскиот напредок? Не мисли ли премиерот дека е должен, и одлично платен, да даде соодветно објаснување за сите овие изгубени години, за економскиот, здравствениот, културниот, образованиот, еколошкиот… колапс на државата, за трагикомичниот евроинтегративен пат, за сите глупости што ги направи оваа власт?   


Самоубиството како милозлив чин

Просто е неверојатно како власта, директно (преку најистурените функционери) и индиректно (преку стадото ботови, „аналитичари“ и „експерти“), го трча маратонот на лагите во врска со започнувањето на преговорите со ЕУ. Сите се здружени во рефренот дека „наш единствен услов за продолжување на преговорите останува само вметнувањето на Бугарскиот народ во нашиот Устав“, испраќаат пораки (небаре се поштари!) до народот дека „Не е точно дека Бугарија може кога сака да не блокира поради историските прашања“, урлаат дека „Никој не смее да ја украде и измени нашата историја“… и слични будалаштини што во реалноста ама баш ништо не значат. Дури манипулираат и со поддршката од „мнозинството народ“, кој пак во цели 70% се изјаснува против ваквото нивно „евроинтегрирање“.

Несфатливо е како не разбираат дека се на само чекор пред историскиот амбис диктиран од источниот сосед и меѓународната заедница, пред сериозни прекршувања не само на македонската современа и подалечна историја туку и пред вистински културно-образовен геноцид. Но, за тоа никој не е подготвен да разговара јавно, нивната клиентела меѓу т.н. невладини организации го „истражува“ руското „влијание и пропаганда“ кај нас но не и секојдневната тортура со диригирани дезинформации и „анализи“ на локалните владини „ботови“ и абоненти за лошите политики на власта. Нам Украина ни стана поважна од сопствената земја, по ѓаволите!

Ни оние „горди“ денунцијанти на божемни спинови и лажни вести ги нема никаде кога се во прашање владините лаги и извртувања на вистината, но на секоја кривина ја чекаат глупоста на опозицијата за да ја оцрнат пред јавноста. Во што таа сесрдно им помага, се разбира. Оттука, ние одамна се препелкаме во предворјето на првиот амбис – недемократскиот односно антидемократскиот, којшто понатаму (ќе) нѐ влече до самото дно каде што друг ќе ни ја редактира историјата, ќе ни ги допишува учебниците, ќе ги сквернави спомениците…

Зашто, го сакала тоа власта или не, сето тоа е запишано во тој проклет Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, што упорно го бришат од јавната меморија, но тој е мирно притаен во Договорот за пријателство и добрососедство и ги чека своите пет минути. И тие ќе дојдат, кога-тогаш. Дел од нив се веќе тука! Во меѓувреме, целата владина тајфа, сосе абонентите, не смее ни да праша кој го овласти оној провинциски политикант да потпишува таков понижувачки меѓудржавен договор. Никој дури ни не размислуваше дали навистина тој договор беше така бетониран и нераскинливо врзан со нашиот евроинтегративен пат. Досега, за овие изминати пет години, попрво можевме да склучиме договор дури и со некои вонземјани од Алфа кентаури и истиот да го раскинеме, но овој со Бугарија е изгледа – неуништив. Таков мазохизам е невиден во меѓународни рамки!

Затоа и велам дека Македонија дефинитивно се наоѓа на историски крстопат. Но, ниту една можна насока не нуди „светла иднина“. Ако внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот е само првиот чекор кон тотално нејасна утрешнина, активирањето на одредбите на Протоколот како незаобиколлив чин на меѓудржавна културна агресија е вториот. И Бугарија би била луда од тоа да се откаже. Освен, се разбира, ако не ѝ понудиме нешто попримамливо. А „нашиве“, како што ги дал господ, може и тоа да го сторат.

И, за да нема повторно дилеми за тоа дали оваа власт е подготвена да оди докрај со исполнувањето на сите апсурдни и нецивилизирани барања на бугарската страна, посочувам на изјавата на Димитар Ковачевски во Собранието пред цели шест месеци (цитирано според „Слободен печат“ од 26 јануари 2023): „Премиерот Ковачевски денеска во Собранието изјави дека Владата за годинава планира реконструкција на сите споменици и спомен-обележја поврзани со Народнооослободителната борба, за што, како што рече, се обезбедени пари од Буџетот на државата, иако според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, за подигањето, чувањето, одржувањето, заштитата на спомен-обележјата се надлежни општините, односно Градот Скопје.“

Зошто никој не го прашува „премиерот“, прво, од каде таа ненадејна грижа за спомениците и спомен обележјата токму од НОБ, и второ, од каде таква дарежливост на централната власт кон општините? Од кога спомениците и спомен обележјата во општините стануваат приротитет на оваа власт, но не и целосниот колапс на здравствените установи во градовите, немањето кадар, распадот на културните и образовните институции, иселувањето на младите… итн? Што тоа ја поттикнало оваа власт да троши пари за некои чудни намени но не и за она што од неа со години го бараат локалните власти? Или ова е само почеток на исполнувањето на „евроинтегративната агенда“ на Бугарија во Македонија, ама – на мала врата? И што навистина мисли Ковачевски за нас, дека сме малоумни деца кои може да ги лаже како ќе му се присака?

Што пак ќе рече дека и Министерството за култура, задолжено да склучи договори и меморандуми за соработка со општините во врска со спомен-обележјата од НОБ, ги решило сите други проблеми во културата па останал само процесот на „реконструкција“ на спомен обележјата? Или со ваквото „дотерување“ на меморијалните обележја по бугарски вкус сите други проблеми во културата, здравството, образованието… магично ќе ги снема?

Важен меѓучекор во оваа „акција“ на централната власт, а како случајно совпаѓање со одредбите на проклетиот Протокол како дел од шизоидниот Договор за пријателство и добрососедство со Бугарија, ќе биде измислување на нова дефиниција за поимот „реконструкција“, бидејќи тој ама баш никако не го опфаќа она што им се подготвува на спомениците, а го бара источниот сосед: бришење на какво и да е спомнување на реченицата „бугарски фашистички окупатор“, која што. веројатно, или ќе биде целосно и неповратно отстранета или пак ќе се најде некоја бледа неутрална формулација која што ќе ги задоволи апетитите на Бугарија. Ќе ја „нашминкаат“ ли нашиве слепци, ќе ја „реконструираат“ ли и историјата на тој начин?

Впрочем, ваквата самоубиствена „реконструкција“ на историјата веќе започна – тивко и апсурдно мирно! – во образованието со менувањето на суштински делови што го тангираат „бугарскиот проблем“ во учебниците. Младите генерации полека ќе бидат индоктринирани со нова историска „реалност“, реконструирана според ставовите на онаа манипулативна т.н. Историска комисија и македонската власт.  

Сето ова пак говори дека ние самоиницијативно односно доброволно веќе сме влегле во историскиот амбис – со двете нозе, дури и со рацете! – не чекајќи Бугарија да ги активира овие барања преку ново вето туку испреварувајќи го тој нивен потег самите си ја ставаме јамката околу вратот. Дали е тоа новата стратегија на оваа власт? Дали во неа е содржана „логиката“ дека ние предвреме ќе ги исполниме сите услови од Протоколот, дури и повеќе ако треба, со што навистина „Операцијата Бугари“ ќе се сведе само на нивното внесување во Преамбулата на Уставот? Иако тоа суштински ништо не менува освен фактот дека сакаме да го прикажеме самоубиството како помилозлив чин од – убиството? Дали можеби крајниот резултат на двата чина е различен или некому така му е полесно да мисли? И кому? Нема да се чувствува историски одговорен? Ќе мисли дека прелажал некого не разбирајќи дека единствените прелажани се државата и народот?!

И на ова ли мислел Ковачевски кога врескаше дека „Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност!“. Ама може да ги – реконструира, нели?! По диктатот на соседот кој, конечно, почнал да се срами од своето минато па сака да го брише. А ние сме тука да му помогнеме со наше историско самоубиство!?

Не велам дека светската историја не забележала „самоубиства“ на држави (мистериозното „пропаѓање“ на царствата на Инките и Ацтеките, референдумот за „аншлусот“ на Австрија во 1938 итн.), но вакво свесно и крајно мазохистичко самоубиство е веројатно само наш современ придонес во оваа наука.     


Тиранија на лаги

Речиси сѐ што говорат насјвисоките претставници на оваа власт (не само) во врска со македонските евроинтеграции е невистина, или лага, како сакате. Јавноста одамна е заплеткана во нивната тиранија на лаги така што помалку информираниот граѓанин тешко се снаоѓа во тој минхаузенски лавиринт.

Пред само неколку дена (на 27 јули о.г.), во емисијата „Само интервју“ на новинарот Гоце Михајловски што редовно се емитува на телевизијата „Канал 5“, на констатацијата на новинарот дека „имаме мерки, обврски и активности кои ги превземаме со тие протоколи…“, Пендаровски одговара: „Протоколот не е дел од преговарачката рамка“. Јасно и гласно. Без размислување. И без срам. Зошто? Дали и тоа негирање на очебијното е дел од овој лавиринт викан „стратегија“ на државната врхушка за македонските евроинтеграции?

Само три дена подоцна, министерот за надворешни ја филува оваа лага во дополнителна манипулативна тирада од 18 минути, овозможена во централниот дневник на една национална телевизија.

Кому сега му требаат овие лаги? Таквото паушално и крајно неодговорно одрекување – ајде повторно да не речам лажење –  беше можеби делотворно пред една година, кога јавноста не ја знаеше содржината на фамозниот Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, ниту пак содржината на „францускиот предлог“. Но тоа да се тврди и денес, после сѐ што прочитавме и видовме, е нонсенс недостоен на такви високи функции. Па нели веќе во самиот наслов стои дека тој Протокол произлегува од спомнатата Мешовита меѓувладина комисија, а врз основа на Договорот за пријателство со Бугарија? Како тогаш тој Договор е дел од „француската рамка“, ама Протоколот – не е?

Односно, тој Протокол произлегува токму од оној ступиден Договор за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Македонија и Бугарија (2017), а тоа го прави многу, многу релевантен/поврзан со сите документи добиени како таканаречен „француски предлог“ од ЕУ. Тој Договор е `рбетот на Преговарачката рамка, каде веќе во т.4 (стр. 3) дословно стои: „(…) потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“. И понатаму, секаде каде што се говори за добрососедските односи, се спомнува тој Договор. На пример, на стр. 7 алинеа 3 од Преговарачката рамка, тој е вметнат и како единица мерка за напредокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. А тајновитиот Протокол е „мозокот“ на овој Договор!

Следствено, ако Мешовитата меѓувладина комисија е формирана врз основа на член 12 од тој Договор, а таа го подготвила тој фамозен шизофрен Протокол на нејзиниот втор состанок, како тогаш Протоколот нема врска со Договорот, а уште помалку со Преговарачката рамка? Зарем македонската политичка врхушка сака да каже дека документите (анекси, протоколи, меморандуми и сл.) произлезени како директен резултат од еден меѓудржавен договор немаат важност како договорот? Дали таквото „познавање“ на нештата на претседателот и министерот нѐ доведе до ова дереџе? Човек дури и би можел да покаже „разбирање“ за некаков (во основа политикантски) обид за денфување на фактите, за ублажување на очигледното или заобиколување на аргументите, но вака отворено и најдрско да се говорат невистини?  

Дека тоа не е така односно дека и тој Протокол произлезен од Договорот за добрососедство е апсолутно релевантен за процесот, го потвдуваат и останатите два документи на ЕУ што ја следат т.н. Преговарачка рамка. Па така, документот наречен Предлог-заклучоци на Советот, веќе во т.2 вели дека „На патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, за да во т.3 отворено посочи дека „Во таа насока, Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор“ (sic!). И сега – што? Како тоа Протоколот не е составен дел на Преговарачката рамка, ама е составен дел на Предлог-заклучоците на Советот? Ќе објасни ли Пендаровски, а по него и Ковачевски, или Османи, или Маричиќ…?

Понатаму, во документот наречен Заеднички став на ЕУ, во главата Воведна изјава на ЕУ за преговорите за пристапување, во т. 14 стои: „Регионалната соработка и добрососедските односиостануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивната регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји. Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучувајќи ги договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот за стабилизација и асоцијација“!

И сега, уште ли ќе се лажеме? И што добиваме односно добиваат со тоа? Ќе бидат изгласани уставните измени, ама потоа – многу бргу – ЕУ односно бугарската страна ќе го стави на маса овој Протокол и ќе бара негово ефектуирање! Или ние ќе се лажеме сѐ до тој момент, а после – ќе мислиме како понатаму? Или нема да мислиме?

Да не остане недоречено за оние кои сѐ уште немале прилика да го прочитаат спомнуваниот Протокол, тој предвидува: вклучување на резултатите од работата на т.н. Историска комисија „во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“; „Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија“; Македонија да се извини „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“, итн., итн. А има уште многу, уште многу!

И конечно, во описот на основната работа на претседателот на државата (малите букви се реален одраз на неговото реноме денес!) и мнр (малите букви се реален одраз и на нивното реноме денес!) е да ги следат исказите на соодветните странски високи функционери во врска со одделни прашања што ја тангираат меѓународната положба на Македонија. А во таа насока, еве што пред само една година изјави тогашната министерка за надворешни работи на бугарската Влада, Генчовска: „Но, бугарската позиција е загарантирана во целата преговарачка рамка“, вели Генчовска; Протоколот „(…) содржи исклучително амбициозни, краткорочни и долгорочни мерки чија цел е да решат многу од отворените прашања. Она што треба да се напомене е дека ова не е документ сам по себе туку е составен дел од пакетот на т.н. француски предлог. Оттука натаму ќе продолжиме со работа на ниво на експерти со колегите од Република Северна Македонија“. На прашање како Бугарија ќе гарантира дека Северна Македонија ќе го почитува протоколот, бугарската министерка посочи дека е важно што во него има конкретни рокови и што тој е поврзан со преговарачката рамка. Згора на тоа, шефицата на бугарската дипломатија ни порачала дека отсега зависи само од Северна Македонија кога земјата ќе влезе во ЕУ и колку долго ќе се одолговлекува преговарачкиот процес.

 Дали сега нештата се појасни, па и на „претседателот“ и „министерон“?