Monthly Archives: January 2014

АСПЕКТИТЕ НА ЕДНО НИШТО

1.

Она што уште еднаш би требало да се доразјасни – иако по којзнае кој пат, но сега со тенденција за заокружување – е последната сламка за којашто упорно се држат давенициве барокољупци во нивната „аргументација“ во полза на „доблестите“ на таканаречениот проект Скопје 2014. Иако, се разбира, и тоа којзнае колку пати било констатирано, тие никогаш не соопштиле ниту еден сериозен аргумент, ниту едно прифатливо објаснување за сите можни велелепни придавки што му ги лепеле на овој таканаречен проект.

И, веројатно, би требало уште еднаш да појаснам зошто овој градежен зафат најчесто го нарекувам таканаречен проект. Па зашто ние последниве години тотално го изгубивме компасот за тоа што всушност означува поимот проект, кои и какви се карактеристиките на еден вистински проект, каква се’ подготовка и елаборација е неопходна за еден сериозен проект итн. Кај нас и одењето во тоалет почна да се именува како – проект!

А впрочем, како би можел да се именува како проект еден ваков (пред се’) градежен зафат без соодветен елаборат, без стручна и научна поткрепа, без анализа за општествена оправданост, без анализа за економска оправданост, без динамика на реализација, без финансиска конструкција, без соодветни законски и демократски процедури … Или сето ова требаше да го замени онаа смешна видео анимација од една – две минути? Е па, ве молам. И кога ќе видиме луѓе веќе во сериозни години, побелени во главите, божем стручни за одделни области, наместо да шетаат внуци во парк тие тртљаат за проект, што друго ни преостанува освен да се насмееме? Онака, горчливо!? И згора на се’, сето тоа ни го објаснуваат две-три полуписмени будали на кои им станало досадно во животот и си нашле одличен самоодржлив нафтен извор.

2.

Оттука, да го има(ше) таканаречениот проект Скопје 2014 сето погоре спомнато, можеби и ќе заличеше на проект, или барем на зафат со сериозни подготовки и широки димензии што задираат во бројни аспекти на современото живеење. Тогаш ќе може(ше) да се расправа за одделни стручни, научни, општествени аспекти, ќе може(ше) да се дискутира што и како е планирано и дали планираното е издржано, што и како е реализирано и што и како треба допрва да се реализира итн. Вака, во услови кога, повторно, две-три да не речам што ви цртаат што сакале писателите да кажат, па секој како стигне лепи и по некоја своја (малоумна) „идеја“ или „согледување“, кога се’ се работи во од или трк, без план и динамика, тогаш се добива ова што денес го гледаме околу нас. Една страшна конфузија, едно големо Ништо, со амбиции да си припише односно да му припишат дури културолошки, социолошки и историски аспекти.

3.

Тие се, имено, аспектите – културолошки, социолошки и историски – што „архитектон“ пред некоја вечер запна да ни ги тутка под нос, небаре ние не сме чуле за такви аспекти, а тој е просветлениот што ќе ни ги открие.

Но, бидејќи ни тој, ниту пак некој друг, некогаш сериозно ги аргументирал сите тие гооолеми и значајни придавки што му ги пришиваат на овој таканаречен проект, ред е самите да си ги објаснуваме. Ако можеме, се разбира.

Па така, кои би биле толку значајните културолошки аспекти на ова чудо?

Но, прво, тешко е воопшто и да се претпостави што и како нашион „стручњак“ подразбира под културологија. На пример, дали ја гледа културологијата како гранка на социолошките студии, специфична токму за Русија и Источноевропските земји, којашто подразбира истражување, разбирање, анализа … на културните активности и системи? Руската културологија, како веројатно поблиска на нашиов мисловен концепт (ако таков воопшто постои!), ја гледа културологијата како истражување на диверзитетот на културите и нивните начини на интеракција и функции како метадисциплина во рамките на хуманитарните науки. Или „стручњаков“ и’ дава приоритет на западната (американската) мисла којашто, покрај со социолошките студии, ја поврзува повеќе и со антрополошките, економските, политичките аспекти на идеологијата во културните системи? И дали ја гледа како синхронична или диахронична културологија?

Се разбира, ниту нашиов „стручњак“ има појма за што говори, ниту пак овој таканаречен проект има такви (нагласени) аспекти. Не дека ги нема, ги има со самиот факт дека е тука, нацуцулен на плоштад! Ама, овие забораваат дека сите негови потенцијални културолошки аспекти се главно – негативни. И не се за фалење. Како на пример, неговата Спомен куќа на Мајка Тереза е веќе оквалификувана како навредлива! Инаку, ако сакате веќе да импровизираме, а нема ли и одењето во тоалет важни (за некого) културолошки аспекти?

4.

Вториот наводно битен аспект бил социолошкиот. И тука нема големо промашување, ако притоа, повторно, се имаат предвид главно негативни социолошки импликации на т.н. проект. Зашто, ако „стручњаков“ навистина знае дека социологијата е наука за општественото однесување, неговите зачетоци, развој, организација и институции, тогаш каква би била дијагнозата? За какво општество и општествено однесување говори таканаречениов проект? Дека треба да се работи незаконски и нетранспарентно, дека луѓето не треба да се прашаат во каков град сакаат да живеат, дека не постојат демократски процедури и институции, дека е дозволено да се копираат (да не речам крадат) уметнички дела, дека треба да се работи според наместени конкурси и тендери, дека наспроти социјалната сиромаштија и беда во ваква држава се трошат стотици милиони евра за „споменици“, кулиси и фасади, дека …? Ако се тоа социолошките бенефити од Скопје 2014, тогаш немам коментар.

5.

И третиот, крунски аргумент, се (божем) огромните историски аспекти што овој „проект“ ги има за државата и нејзините граѓани. И тоа, што е право, е единствениот пристоен аспект за којшто сепак може да се разговара. Но, повторно, во негативен контекст и со особено лоши импликации. Зашто, која и чија историја ја пропагира Скопје 2014? Јас со таа негова најблаго речено чудна историја немам никаков проблем, ама очигледно има луѓи на кои им пречи. И тоа отворено го искажале. Значи, историскиот аспект на овој „проект“ отвора незадоволства и делби помеѓу луѓето. Но, ајде да речеме дека тоа еднаш морало да се случи. Но, баш на ваков начин? Преку октроирани ликови? Зашто, во тие споменици се вградени и парите токму на незадоволните од тој историски аспект граѓани. Или – што ни е гајле? Понатаму, може ли еден „проект“ со вакви димензии да биде замена за историски учебник и часовите по историја во училиштата? Зошто сето тоа не се имплементира таму каде што му е местото – во образовниот процес – а не на централниот плоштад во Скопје. А впрочем, кој е тој „стручњак“ – освен ако не е, повторно, полуписменана булумента бивши болшевици  – кој така високо ги рангираше националните / државните атрибути на еден Аминта (Први, Втори и Трети, зедно), на Каран, на Парменион, Авдолеон … на Тертила, Публиј Септиј, Будиј … и остала братија? И така ли, извинете, се предава историја? Та нели историјата прво поминува низ стручно – научните филтри, низ книги, студии, расправи за тие и такви теми? Е па, кои се тие книги напишани за овие македонски дејци што ги верификуваат нивните придонеси за македонската национална / државна кауза? Или, повторно, тоа се некои подземни историчари кои ни наметнуваат политички диктирани тези, како што добивме и подземни уметници кои работат во духот на политичкиот епски реализам?

МОСТ И ВРБИ

6.

Оттука, за жал на џабе поарчените пари, нема тука ни културологија, ни социологија, ниту пак историја. За волја на вистината, има тука се’ и сешто, како што впрочем почнаа некои интересни аспекти да излегуваат на дневна светлина, ама тие нешта се нарекуваат поинаку. А богами, едновремено, се’ повеќе почнаа да излегуваат и едно чудо скриени камелеони – патриоти, оние кои во „тешкото“ минато не се осмелуваа ни „а“ да кажат. Сите оние квазистручњаци, квазиинтелектуалци, квазидемократи … кои само го превртуваат шинелот и – повторно во лукративен бој! И кога стварно проблемот би бил само во „сменетото мислење“, како што не’ убедува уште еден „енциклопедист“ со нови бои на лицето. А можеби треба да се изгради уште едно мовче каде што би се сместиле сите овие старо-нови, или ново-стари, „патриоти“? Или, сепак, да ги засадат во Вардар, како нова тура зимзелени врби? Можеби ќе ги биде?!

ЗА ОПШТО ДОБРО?

1.

Историски гледано, овие простори отсекогаш вриеле од такви типчиња кои „се грижеле“ за општото добро. Затоа и историјата ни е таква. Тие секогаш знаеле што е, во одреден миг, добро за народот, што е, во друг миг, добро за државата, што би било, во трет миг, добро и полезно за обете – и за народот и за државата. Тоа општо добро им била ѕвездата водителка во животот, барем така не’ убедувале, мислеле само на другите, никако на себе, гледале да бидат добри синови на мајчичка Македонија.

И за тоа општо добро се пљачкосувало и палело, се сечеле глави и се убивале цели семејства, се кревале божем буни и божем востанија … Некогаш. А денес се веќе во игра пософистицирани методи и начини за грижа за тоа фамозно општо добро, измислени се напредни и сугестивни кампањи, политики и теории кои не’ убедуваат дека се’ уште имаме добротвори кои мислат за нашето добро!

Но, што е најинтересно, никој, никогаш, од тие неустрашиви борци за општото добро не прашал дали некој навистина очекува од нив таква „жртва“. Дали некому навистина му треба нивната „борба“ за општото добро, и дали луѓето навистина го сакаат тоа „добро“ што некој им го подготвува!?

2.

Денес особено се намножија таквите „борци“. Се котат како во заечки легла. И никој не знае каде беа до вчера, во кои дупки и под кои камења се криеа. Ним пак по правило им пречат минатите такви „борци“. Особено оние од поблиското минато. Биле црвени. А требало да бидат шарени, како денешниве.

И просто се неодминливи во нивните константни битки за нашето и општото добро денес. Просветление грешним. Како да имаат долгорочен распоред, некакви шеми според коишто дневно се појавуваат за да ни покажат дека се тука, меѓу нас, дека будно ги следат состојбите. За нашето добро. Едни се одговорни за пишаните медиуми, други за електронските, трети ускокнуваат по потреба, едни се „стручни“ за уметност, други за архитектура, трети за историја … Неколкумина ги има кои се, велат тие, стручни за се’. Се’ „стручњак“ до „стручњак“!

Нормално, политиката не ги интересира. Ја оставаат на политичарите. Тие говорат само за стручните нешта, за наше добро. Да не’ сочуваат од сите зла што се’ уште го демнат Македонецот зад секој агол.

3.

Ете, вчера – завчера, пак се појави еден да не’ просветли и укаже колку тој мисли на нас. Инаку, душегрижников е задолжен главно за архитектурата, ама се гледа себеси како експерт и за историјата, за образованието, за нашето минато, сегашност и иднина … што ќе рече човеков навистина бере гајлиња за сите наши добра, иако ние тоа не сме го побарале од него. И всушност, сите се такви, вистински енциклопедисти, впрегнати во добрата мисла за државата и сите нас.

Елем, мирно и сталожено не’ подучи како целата узбуна околу тој фамозен „проект“ Скопје 2014 највеќе и’ штетела на Македонија (а тој е тука, се разбира, од господ пратен, да се грижи за неа), дека не смееме да избрзуваме со некакви (лоши) активности во однос на дивоградбите наречени „споменици“, дека минатото и историјата биле попаметни, дека … mamma mia! Но и дека порано ни било полесно, во бившата држава некој друг (?) мислел за нас, а сега сме свои на своето и мора конечно самите да почнеме да се грижиме за државата. А тој знае како, се разбира.

И просто ќе не’ убеди дека сме навистина неуки и игноранти, дека ни самите не знаеме како сме живееле без убавините на нашево ново Скопје 2014. За татковците ни и мајките, за дедовците ни и бабите ич муабет да не правиме. Та тие всушност и не знаеле дали воопшто биле живи (здрави никако), зашто не само што немале никаква идеја за нашиов денешен „проект“, туку не знаеле ни во каква непријателски настроена држава живееле. Затоа ние денес сме така среќни и радосни, затоа така весело чекориме низ денешнината и ведро гледаме во светлата ни иднина. Овие луѓе се тука  постојано да не’ потсетуваат колку всушност ни е убаво!

И да кажам право, срцево некако ми е поисполнето кога и да поминам покрај неговото „ремек дело“ наречено Спомен куќа на Мајка Тереза. Онаа истата за која што едно од најугледните светски архитектонски списанија напиша дека е дизајнирана „како невкусно облечена личност, дотерана во гумени чизми, чипкани чорапи, здолниште и кошула од кинеска свила, сето тоа нагласено со накит и нешто што изгледа како кацига на космонаут“, при што „ако го немаше христијанскиот крст, градбата би можела да биде диско или казино“!

majka-tereza-spomen-kuka

4.

И стварно, не може човек да не ужива во овие приказни за недоветни деца што, кога и да им се укаже прилика, со невидена страст ги раскажуваат овие персони од познатата барокно – антиквизаторска провениенција. И богами има што и да се научи, дури и на повозрасни години. На пример, дека овој таканаречен проект има (види богати) и културолошка, социолошка и историска димензија! Машала. Се разбира, кога би ги прашале овие дежурни душегрижници за нашето патриотско здравје кои би биле елементите / аргументите што поткрепуваат една ваква налудничава теза, тие пак би ве одвеле во бившо српско, бугарско или грчко, би ве шетале низ сите балкански боишта од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, и пак би ве спуштиле кај Ацета на плоштад без една логична реченица. Или, би го потегнале најновиот (и дефинитивно „најсилен“) аргумент дека „ако направите нешто, а не предизвика внимание, како да не сте направиле ништо“! Иншала. Па значи тука била поентата. Смисли идиотштина, реализирај ја, нека ти се смее цел свет, ама си предизвикал – внимание. И гордеј се со тоа. Како со Спомен куќата на мајка Тереза! Без оглед што светот мисли дека „објектот е многу навредлив. Тој навредува со неговата бизарна процедура на селекција, со неговата претенциозност, со својата ароганција и невкус“. Ама – вниманието е тука.

Згора на се’, прекорно ни мавта со прстот зашто некои, жедни и желни за власт, намислиле дека во нивното возљубено Скопје 2014 има и дивоградби што, можеби, ќе се отстранат. Ма дајте, вели душегрижников, па да се отстрани споменик е премногу сериозна работа, таму да ти била вклучена некаква меморија, што ли …! А не е битно што кога ги цуцулеа, не беше вклучено ништо – ни устав, ни закон, ни процедура. Ама тој не знае, демек за тоа не бил прашан. А кога инкасира, прашан ли е?

А за јајцето наречено барокна Универзална сала, па барокен  Тоше Проески, па барокно незнам што, беше ли прашан? Или, бидејќи денес, демек, нема веќе стилови, нема современа архитектура, нема ништо, се’ е дозволено, ама „новата“ архитектура морала да има печат на авторот, јајцево ли е нашиот печат? Или она кулисине наречени згради? И што е следното, некој барокен или неокласицистички мисир?

И не е дека денес нема ништо, не дека ние немаме ова, немаме она … Ние имаме се’, господа, ама вие немате! Го немате она основното – она во главата. Заради што  навистина заличувате на луѓе со трикелиски мозоци: едната келија за дишење, втората за да стоите исправено и третата да велите „да“!

ШТО Е ДОБРО ЗА ТЕИТ МОДЕРН …

1.

Тина Гверовиќ (1975) е (релативно) млада мултимедијална хрватско британска уметница, со завршена Академија за ликовни уметности во Загреб, магистерски студии на Јан ван Ајк академијата во Мастрихт и докторат на тема „Откривањето на современите меѓници: визуелната уметност и формирањето на современиот хрватски идентитет“. Живее и предава на Лондонскиот универзитет. Моментално, заедно со Сања Илиќ (Србија), од ноември минатата година, во Tate Modern, го изложуваат проектот „Превртена куќа“ (Inverted House).

Проектот „Превртена куќа“ подразбира просторна инсталација и цртежи (а Тина е мајстор цртач!) коишто на различни начини – физички, метафорично и феноменолошки – го отвораат прашањето на музејот и основните премиси на музеите како институции: нивните згради, колекции, публика итн. Проектот се бави со идејата за деконструкција на просторот, но и времето, и е осмислен како микро простор што се бави со лични и геополитички состојби на нестабилноста, непостојаноста и зависноста од такви состојби. Во таа насока, дел од изложбениот простор во Tate Modern е осмислен како вид на засолниште, скривалиште, покриен со тенда, додека на ѕидовите се наоѓаат фиктивни (цртачки) приказни за градењето, за налудничаво бесцелните градби, слики и цртежи кои се транформираат во метафора на различни позиции и погледи кон стварноста на современиот миг. Просторот на галеријата го обединува мурал што се бави со паралелните истории на културата и цртежи и слики коишто ги воведуваат информациите од надворешниот свет – траговите на насилство и конфликт, технолошки отпад, деструкција и слично.

ГВЕРОВИЌ

2.

Излишно е да се приведуваат повеќе информации за проектот, или пак дополнителни аргументи за досегашното творештво на Тина Гверовиќ или Сања Илиќ, аспектите на нивната соработка последниве десетина години и слично. Зашто, фактот дека Tate Modern им отстапува простор за изложба во времетраење од речиси четири месеци говори сам за себе.

Не верувам дека во досегашната историја на оваа институција, или пак на некоја друга од нејзин ранг, може да се најде проект што некако случајно влетал таму, преку некакви врски – лични, семејни, етнички, национални, политички … Кај сериозните институции од овој тип едноставно нема такви нешта!

Е сега, логичното прашање: зошто ваков текст и зошто баш за Тина Гверовиќ?

3.

Па затоа што некој веќе втора година се обидува оваа реномирана уметница да ја донесе и во Македонија, преку проект можеби дури и поинтересен од овој во Tate Modern, во тандем со уште еден извонреден уметник, британец, по име Бен Каин (Ben Cain). Бен Каин (1975) е извонредно луциден мултимедијален и концептуален уметник, главно насочен кон инсталацијата, перформансот, печатењето, кој ги истражува и релациите на уметноста и гледачот, често активно вклучувајќи ја и публиката во своите дела.

И тие беа заинтересирани да дојдат тука, без ништо, без хонорар, и да го реализираат својот проект. Ама, нели, како и обично, ние имаме време и пари за се’, освен за квалитет. Нашите институции се, нели, презафатени, тие мораат да им обезбедат простор (и пари) на нашите ојлевци и дојлевци, кои секоја година треба да не’ трујат со своите „постигнувања“. И тоа по ред: прво трпе, па стојче, па спасе … па другата година стојче, па трпе, па миле … па наредната година спасе, па миле, па трајче … од време на време ќе влета по некој сарајлија или којзнае која друга будала … и тоа се „хоризонтите“ на македонската програма во делот за ликовната уметност.

4.

И ќе се најде ли еден паметен што ќе рече – доста е! Доста е од овие наши квазиуметнички профитери, дајте барем нешто малку посериозно, кога веќе му ги земаме парите на народот. Како е можно од толкав избор на сериозни уметници и одлични проекти, ние да не сакаме да претставиме еден квалитетен странски проект во земјата? Како е можно од толку уметнички патишта во Европа, сите да ја заобиколуваат Македонија? Толку ли нема еден способен и барем малку информиран човек во тие (дефинитвно неписмени) комисии во Министерството за леб и игри кој знае што е што, кој барем малку разбира што е уметност, а што блеф? И нема ли барем еден кој ќе им каже марш на тоа булументата епски бараби на привремена работа во уметноста?

Или, она што е добро за Tate Modern, не е доволно добро за нас? И кои сме тие „нас“? Оние што глумат уметници низ министерски и којзнае чии други кабинети? Оние кои буквално го „украсија“ театарот „Александар Први Караѓорѓевиќ“ како новогодишна елка со сликички достојни за пакувањата на италијански шпагети или украински детски илустрации? Та колкави стомаци имаат тие „уметници“, колку ли им се длабоки џебовите, зарем веќе не се наполнија? Дали е тоа проблем што повеќето од „нас“ едноставно не сака да се идентификува со такви „уметници“? И што повеќето од „нас“ едноставно не сака да има ништо со нивната теледиригирана „уметност“?

И кој тоа, и каде, констатираше дека тоа нивното е – уметност?

ШТО БЕШЕ ТОА МУЗЕЈ?

1.

Годишна програма за култура? Кому ли уште му треба тоа? И така никој ни ја спомнува ниту пак, очигледно, му е гајле за тоа чудо. Тие што треба да знаат, си знаат. Или, таа треба само да ги потврди веќе договорените нешта? Ене, на пример, книгата за Тоше што ќе се промовира деновиве, сега ја гледаме во Годишната програма. А книгата – готова! Ама луѓето си знаеле, можеби си прашале на време и си ја сработиле работата. Или ја напишале за неколку дена, откога се појави во Годишната програма? Можеби, брзи се. И не само тие. Сите што треба(ло) да си бидат таму, таму се. Никој не фали. Од година в година – исто. Машала!

Последниве неколку години веќе никој ниту коментира. Одвај по некој очајник, по инерција. Како мене. И по некој дневен весник, колку да се рече. Главно информативно, зашто критичкиот осврт не поминува. А прашање е и колку можат да ги согледаат сите будалаштини. Но, на пример, ги нема ни табернакулци, претплатените критичари на оваа активност на Министерството за леб и игри во делот на издавачката дејност. Сега, изгледа, дека им е по мерка. Или си имаат и додатни активности?

Само тук-там, по некој „интелектуален“ глас во пустината, со по некоја „забелешка“. Не директно за Програмата, ама повеќе за потенцијалните ангажмани на Програмата и Министерството за леб и игри. Како „академикон“ кој им „с’ржи“ дека нивна работа била грижата за Курбиново. И, што е право, овие веднаш се корегираа. Барем така велат. И изгледа дека оние персони од Советот на Министерството, во остсуство на други, се задолжени и за такви „критички“ интонирани активности. Ете, и „џезерон“ стигна да му кажува на Министерството што треба да прави. Во секое гратче требало фестивалче, требало ова, требало она. Па тие луѓе на состаноците што ги држат, се гледаат ли меѓу себе, се слушаат ли, разговараат ли за нешто? И зошто таму не ги кажат сите тие работи? Или таму ги доставуваат личните фактури, а вака јавно, за да изгледаат поумни и (божем) понеопределени, ги лиферуваат „забелешките“? А можеби мислат дека изгледат – независно? И интелектуално? За утре да кажат: абе јас им зборев ама тие не ме слушаа! Изгледа дека и оној муз(е)ологон им говорел за проблемите во музејот на македонија, ама оние во Министерството ни да чујат? Тоа ќе да е’.

2.

Но, зошто онаков наслов? Па веројатно затоа што пред некој ден читав „интервју“ со новата „директорка“ на идните кулиси наречени Археолошки музеј. Таа истата на која што однапред, други, и’ направија зграда, поставка, избраа вработени … и таа дојде, ваљда, на готово. Да не се мачи премногу. Ама тие другите – ги затворија. А сепак, таа детално ни опиша што и како ќе содржел тој нов музеј. И таму ќе има(ло) се’, па дури и восочни фигури, сосе Марко Крале (што ли мислат овие, од кој век пред нашата ера е човеков !?), плус историски слики. Во епски реализам, се разбира. (Дури, еден портал информира дека посетителите на овој музеј ќе имале уникатна можност да ја видат копијата на саркофагот на Ацета, при што се предвидувало овој раритетен артефакт да биде изложен во приземјето на кулисите, пардон Музејот. Mamma mia!).

Па оттука, ако некогаш се прераскажува ова „епско“ време, барем за музеите ќе има што да се каже. Ако не повеќе, тогаш дека за неколку години се отворија 4-5 музеи, сите на национално ниво. И сите – кој до којега. Од Музејон на хоророт до најновиов такозвани Археолошки. Малку ги вади оној во Охрид, на вода, ама и тоа е ни риба ни девојка.

И токму затоа е насловов: дали ние, воопшто, знаеме и дали сакаме да знаеме што е музеј. И повторно, и оваа Годишна програма, како и во другите области, дефинитивно покажува дека ние тоа не го знаеме. Инаку, таа Програма би требало да изгледа многу поинаку од тоа како ја скроиле „стручњаците“ во Министерството за леб и игри. Впрочем, токму на тоа личат и македонските музеи. На музеи на леб и игри. Зашто парите што (најголемиот дел од) музеите ги добиваат е токму колку за леб, а игрите се „joint venture“ на Министерството и „директорите“.

АРХЕОЛОШКИ

3.

Па така, и годнава, Музејот на современата уметност има дури престижни 2 изложби. И со букви: две! Да не се преморат луѓено? Или, подготвуваат поставка? А што правеа во 2013? Исто – подготвуваа поставка. Па нели затоа и добија нова директорка, како стручњак особено за постојани поставки? Во такви музеи! И што е тогаш проблемот?

За разлика од нив, Националната галерија има дури дваесет и четири  изложби. Ни мање ни више. Зашто, таму функционира весела математика: 24 изложби по 15 дена секоја, еднакво 360 дена. Генијално. Токму годишна „програма“. И сите изложби – топ листа надреалиста! Не знаеш кај да убодеш.

А од новите музеи, имаме: Музејот на хоророт цела година ќе се занимава со „проект“ наречен „Музејот – пријател на децата“; Музејот на Тоше Проески цела година ќе се занимава со „Поставување на 100 необјавени фотографии од Меѓународната фондација Тоше Проески“; Спомен куќата на Мајка Тереза главно ќе откупува авторски права, публикации, фотографии и не знам што, а ќе ја направи и изложбата „Мајка Тереза и нејзините деца“, итн, итн. Да не одам понатаму, мачно е. Ама, затоа, иако се’ уште не отворен, новиот Археолошки музеј на Македонија го има во Програмата. Сосе едно чудо нови (и стари) археолошки ископувања. За да се собере нов материјал што потоа некој, повторно, ќе го однесе дома.

Се задржав токму на „новиве“ музеи кај нас зашто чинеа, и чинат, едно чудо пари. Боли глава. И? Е па – ништо. Тие и понатаму ќе арчат пари за плати, за материјални и патеријални трошоци и слични глупости, а ќе имаат работа со по еден-два „проекти“ годишно! Знаат ли бре луѓево како изгледа сериозен музеј, како изгледа сериозна музејска работа, како се прави сериозна музејска програма? Знаат ли воопшто оние од Министерството за леб и игри што претставува еден музеј?

Од друга страна, оној музеј во Струга, што си ги чува експонатите во сеф во банка, има „проект“ наречен „Превентивна заштита на музејските експонати и музејскиот материјал од штетници“. Прво, што превентивно ќе заштитуваат кога се’ им е заштитено? Онака како што е ред – во сефови!? И второ, какви тоа  штетници може да има во банкарските сефови?

Ако пак го барате Музејот на вода во Охрид – го немет. Тој нема ништо да работи. А мислам дека и минатите години ништо не работеше. А и зошто им е. Убава им е локацијата, нека уживаат!

4.

Но затоа, виѓи врага, во Годишната програма за култура, во делот за Музејска дејност, каде што (божем) националните музеи ќе вртат прсти цела година, се наоѓа едно име кое гласи: НУ Македонски народен театар(!?). Е оваа институција, којашто преку ноќ изгледа прераснала од театар во музеј, ќе троши пари од музејската дејност за „Архитектонско обликување на повремената изложба на Василие Поповиќ Цицо“ и за „Архитектонско обликување на повремена изложба на Томо Лазовски“!

И да, прво прашање: што мајка бара МНТ во Музејска дејност? Одговор: да не мислат ова „стручњациве“ на оној такозвани Театарски музеј на такозваната Лужина? Није ваљда!? Односно, така не пишува. Второ прашање: ако знаеме кој бил Цицо (иако не знаеме што мајка бара таму), кој ли е пак Томо Лазовски? Или, повторно, знае такозвана Лужина? Или такозвани Лилиќ? Брее, кој се’ ни ја крои културава.

5.

А всушност идејата и не е така лоша: музеите да бидат театри, а театрите музеи. Ако сакате, и праксата тоа го потврдува. Има ли поголем трилер и suspense од оној во никогаш непрежалениот музеј на македонија? И (ќе) има ли поголема комедија од идниот Археолошки музеј? Или поголем хорор од оној во Музејот на хоророт? Не фали ни сатирата – таа најчесто може да се гледа на „сцените“ во Музејот на современата уметност и во Националната галерија. Значи, жанровски сосема одговара. Понатаму, од таа и таква музејска дејност веќе се плаќаат и „Прочка“ во Прилеп, „Тодорови игри“ во Виница, „Вевчански карневал“, „Галичка свадба“, „Грнчарски средби“ итн. Па што сакате подобар театар, сосе мјузикли!

А театрите да бидат музеи? Апсолутно, со такозвана Лужина за генерален директор на сите театри, пардон музеи, а таа самата ќе си именува такозвани нејзин заменик. Ги има на претек, се’ музеалски фаци. И онака таму нема уметност, уметничките директори си поднесуваат оставки, претставите повеќе им заличуваат на музејски постојани поставки, старо-новион театар, пардон музеј, „Александар Први Караѓорѓевиќ“ вришти од „скулптури“ и „сликарии“, и надвор и внатре …! Плус, се’ ни е во театрите така фино конзервирано и шпиртосано – истите луѓе (режисери, глумци, сценографи …) секаде. Вистински музејски постојани поставки!

ЛУЃЕТО НА ПЛАТОН

1.

Не знам колку вистинска полза има од нови и нови објаснувања, од нови и нови аргументи, од натамошни докажувања дека ние, всушност, на  таканаречениот проект „Скопје 2014“ вештачки, пост фестум, му калемиме едно чудо (наводни) значења и реферирања – од идеологија, политика, идентитет, симболики и слични глупости – коишто, инаку, таму ги нема, и не може да ги има. Или ги има во толку минорни и ступидни размери, што не играат никаква улога. Па оттука, секој сериозен аналитичен професионалец од која и да е’ област, би умрел од смеење ако му кажете дека низ такви „дела“ сте сакале да раскажете некаква национална приказна, да „откриете“  некакви историски вистини, да „реафирмирате“ некакви национални симболи и слични будалаштини. Секој нормален европеец би ве нарекол токмак или нешто многу полошо ако му кажете дека со таков кич вие се борите за националниот идентитет!

Националниот идентитет, дигнитет и историја се бранат со знаење, или во случајов со Уметност, а не со кич. Не можете на кичот отпосле да му „вдахновувате“ не-знам-какви уметнички или национални симболики или да расправате за уметничките аспекти на содржините коишто, всушност, ги нема! Не постојат, ги нема и нема таков мудрец кој може тоа сега да им го накалеми. Но сепак, упорно, грото од „елитава“ се однесува како Платоновите луѓе од пештерите.

2.

Во една ваква насока одлично деновиве се надоврза еден академик – не повторно оној „академикон“, тој веќе ни самиот себеси не се гледа така – со едно интервју на ОКНО во коешто, меѓу другите интересни нешта, проговори и за оваа „уметничка“ страна на се’ уште актуелново „Скопје 2014“. Некој ќе рече – време беше, време беше некој и од највисокава македонска институција да каже збор-два за ова чудо. И јас би се согласил – време беше.

Зашто, инаку, човек ќе се запраша што ли прават нашиве академици? Живеат ли воопшто тука, читаат ли, гледаат, слушаат ли што се случува околу нив?

Елем, во контекстот на постземјотресното Скопје 1963 година, академиков  вели: „Опасно е за еден град да се шири диво и нагонски“! Но, очигледно, дури ни после цели педесеттина години, ние таа лекција не ја научивме.   „Грандиозното“ ни „Скопје 2014“, од коешто, дефинитивно, никако да избегаме, барем не и оваа година, само навидум не е ни диво ниту пак нагонско ширење. Нашиов „случај“, што се одвива веќе шест-седум години, само фингира чин на делување со ум / разум. Но, да беше разумско, а не  нагонско, зарем не ќе се обидеше барем да чуе дел од укажувањата и критиките од стручната јавност?

Второ, повторно само навидум не би можеле ова шест-седум годишно планско упропастување на Скопје да го наречеме диво. Иако целата идеја ни беше соопштена преку јавна видео презентација, работите се изведуваа сосема јавно, значи на отворено, најголемиот дел од скулптурите, спомениците, зградите се „пуштаа во промет“ со сечење ленти … тоа не значи декадејствијата“ имаа легитимитет. Тие имено не поминаа никаков демократски / политички филтер ни во градот ниту пак во државата. Зошто? Тоа треба да го објасни некој друг. Овие „дејствија“ започнаа целосно нетранспарентно – без да бидат прашани граѓаните дали воопшто сакаат да живеат во таков град, и целосно незаконски – зашто се изврши незаконско подметнување на споменици како спомен обележја, што ќе рече дека надлежностите од Собранието се прошверцуваа како надлежност на општините и градот Скопје. Кукавичјето јајце беше „стручно“ но диво подметнато!

3.

Но, академикот поставува и едно отворено прашање кое заслужува еднакво отворен одговор. Иако и тој, безмалу целосно, самиот доаѓа до точната  констатација. Тој вели: „За сето ова време додека се реализира проектот Скопје 2014, страшно е што никаде, јас барем, не сум прочитал ниту една естетска анализа за тие споменици. Сите коментари беа политичко-идеолошки. Сите тие споменици по мене се неуспешни баш од таа естеска страна и се на ниво на семинарски работи по вајарство“.

И ова е токму она околу што треба да се врти целата расправа за Скопје 2014! Иако, се разбира, не би се согласил дека немало и соодветни коментари за естетиката на проектот. Имало. Доволно или не, тоа е друго прашање. Но, безмалу истото прашање сум (си) го поставувал и јас. Што прави таа македонска стручна јавност, тие луѓе кои со децении ни се претставуваа како длабокоумни и виспрени професионалци, божем мечтаеа за не-знам-какви (светски) уметници и изложби, продаваа ум на секое ќоше и кога никој тоа од нив не го бараше? Каде е тој ум и таа нивна професионална доблест, остана ли затворена во некој од мемливите им подруми на совеста? Оние малкумина други, оние полуписменине раскокодакани ко петли на буниште, кој со „книга“ кој со „колумна“, станаа веќе болно секојдневие. „Res aesthetica“, my ass!

Ама „стручњациве“ – ги нема. Испод части им е да се бават со такви прозаични нешта? Тоа лефтерно го препуштаат како неважна работа во нивните „важни“ животи?

4.

Оттука, констатацијата на академикот е на место. Или барем делумно. Зашто, повторно, не дека немало и такви (естетски) анализи на нашиов разгоропаден кич. Но и тој самиот вели дека „сите тие споменици по мене се неуспешни баш од таа естеска страна и се на ниво на семинарски работи по вајарство“.

И тоа е најголемиот проблем човек посериозно да се зафати со каква и да е’ попродлабочена анализа. Особено естетска. Зашто, тој и таков напор бара предизвик, бара мотив, бара – Уметност, Естетика. Што всушност нуди Скопје 2014 во таа насока? По стоти пат – Ништо. Едно големо Ништо. И како човек посериозно да се позанимава со естетските аспекти на толку големо Ништо?

ДЕВОЈЧЕ

И иако веќе неколку пати сум пишувал, еве, и по цена да бидам досаден, ќе повторам. На пример, како (и зошто) да се анализира „дело“ што дури не умее ниту коректно и умешно да го пренесе оригиналот од којшто се служи, да не речам копира? Како на пример оној вол кај „Пеко“? Или, како (и зошто) да се анализира онаа одвратна ни риба ни девојка? Та зарем таа „уметност“ заслужува сериозен напор? Или како (и зошто) да се анализира она идиотски накривено девојче со чевли број 63, што стоеше пред пешачкиот премин кај некогашен „Путник“, а сега, велат, „отрчало“  некаде во Градскиот парк, кај „Езерце? Или оној распетланион и раскупусанион „набљудувач“ со напрчениот стомак и рацете на газот, што едно време стоеше наспроти Министерството за правда (дали ја симболизираше македонската правда?), а сега гордо „дреме“ карши Агенцијата „Оса“? Или како (и зошто) да се анализира кој и да е’ од оние токму претшколско – семинарски „споменици“ што ги глумат нашите револуционери, преродбеници и слично? Тоа е навистина чисто губење на време, и нерви. А впрочем, и нема цел. Нема кој да прочита. Овие неписмениве „интелектуалци“ на чело со локалниот минхаузен и „професорот“ му го учат народов на реализам. Дури не ни социјалистички или капиталистички, туку – епски! Со руско – украинска провениенција. (Не знам зошто не земаат некого и од кај Лукашенко?).

Nabljuduvac 01

5.

А всушност, мислам дека има начин и оваа наша болка да се разреши. На начин сличен како новиов Правилник за воедначување на судската пракса. Како што вели Тортевски, оваа „спектакуларна голема идеја, очигледно извадена од малиот мозок“, може да им ја наложат на локалниот минхаузен и „професорот“ му, и да добиеме нов Правилник за воедначување на уметничката практика. И со него бре брате овие двајца „експерти“ (се разбира со припомош на уште некој локален „стручњак“ од типот на драматурзи – скулптуралисти, „режисери – публицисти“ и слични „исти“), да можат да ги постават основите на читањето и вреднувањето на уметноста кај нас. А за ПР можат да го земат „џезерон“ кој, велат, им бил ПР менаџер на табернакулци во случајот „нобеловци и дисиденти, то су наши коминтенти“. Е па ги изменаџира, толку бива. И мирна Бачка. Нема што ние понатаму да се надмудруваме дали нешто е’ или не е уметност. Овие однапред ќе ни кажат!

6.

Затоа, мислам дека и на академикот му е јасно дека секое објаснување со овие веќе е залудна работа и загубено време. Ќе мора да бидеме стрпливи, дури и да ги читаме оние блебетања на „авангардистите“ и „професорите“, зашто само така целосно ќе се разоткријат, и да искоментираме, патем, по нешто. Бидејќи ни нив, ниту пак она „интелектуалцине“ можеме да ги разубедиме. Едноставно, некои луѓе не сакаат ни да видат ниту да научат. Се однесуваат како луѓето од пештерите на Платон, кои криејќи се од светлината што доаѓа однадвор, се пикаат уште подлабоко во мракот на внатрешноста, само за да не ја видат вистината којашто не ја разбираат!

НЕ ШТО, ТУКУ – КАКО!

1.

Не се гледам себеси како посебно „про-опозициски“ настроен, туку повеќе како разумски ориентиран професионалец кој работите што не ги разбира, особено овие актуелниве во културата и уметноста, се обидува (јавно) да (си) ги објасни. И тоа не низ нашиве локални чаршиски „критериуми“, туку преку сериозни европски стандарди. Едновремено, без намера да го побивам И. Димовски, ама неговата констатација ептен не држи. Еве мој придонес кон тоа. На пример, целосно се согласувам со ставот на Антонио Милошоски, кога вели: „Она што за граѓаните е најголем фактор што иритира е пристапот од страна на Грција, со кој официјална Атина смета дека колку повеќе и колку подолгорочно ќе ја блокира РМ, толку повеќе македонските граѓани ќе стануваат попокорни или попотчинети на грчките позиции. Но се појавува еден контраефект. Колку што е поголем притисокот, македонските граѓани стануваат поотпорни кон овие агресивни и долгорочни притисоци, кои имаат константа“, вели Милошоски. Немам апсолутно никаква забелешка. Напротив, целосно е во право!

Ама, секогаш има едно ама, нели. Нели би требало овој став, како валиден и проверен во праксата, да важи и за други конфликтни прашања, на пример внатре во државава? На пример во она најконфликтното, наречено „Скопје 2014“? И според истата логика, не ли смета Милошоски, но и надлежните, дека секој долгорочен и оркестриран притисок врз граѓаните да го засакаат ова чудо, води кон „еден контраефект“? Зашто, денес особено станува јасно дека „колку што е поголем притисокот, македонските граѓани стануваат поотпорни кон овие агресивни и долгорочни притисоци“, а особено расте отпорот на граѓаните и на стручната и професионалната јавност!

2.

И стварно, мислам, не му дотекнува ли некому да ги отповика тоа лајачите од типот на Сарајлија и компанија кои сејат ветер и магла и после им испоставуваат дебели сметки – за ништо? Само иритираат и целосно ја разобличуваат, по сите шевови, недоветноста и на овој „проект“ и на сите последователни дејствија (каков еуфемизам за разулавено уништивање на цел еден град!). Башка, се’ е тоа бре брате неуко, полуписмено, непотковано …

Не знам како да ги гледам и новиве „теории“ за нашите придобивки од овој „проект“, во насоката на симболиката на коњот, лавот, окото или увото, или беше носот …? Коишто, види чудо, дури биле и наши национални симболи, ама ние изгледа не сме знаеле? А можеби тие ќе бидат и наш придонес кон светската уметност, што ли? Уште и во тоа ли ќе почнат да не’ убедуваат?!

Не знам кого и зошто би го интересирала коњската историја, Букефал и Росинанта, или аматерските „симболични“ толкувања на врските помеѓу коњот и коњаникот, нешта што историјата на уметноста ги елаборирала пред стотина и повеќе години. Или треба навистина да поверуваме дека нашите  „старореволуционери на коњи се качени“, и тоа веројатно арапски арслан атови? Сосе Делчев? И дали во коњот како наш национален симбол – иако попрво би рекол дека тоа е магарето, особено денес – спаѓаат и оние половинки коњи ала Версај во фонтаната на „Плоштадот на татко му на Аце“? Или, на пример, како проширено „естетско“ влијание на нашиве скопски (национални) коњи, дали и оној во центарот на Битола, легнат со мевот врз карпа зашто уметникот не умеел да ја реши статиката, дали и тој е наш национален симбол, или само локален?

Filip Vtori Bitola

Или, да не ги заборавиме лавовите: дали оние рахитични лавове (со акцент на „е“) пред (сеуште) модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ спаѓаат во нашите ремек дела и национални симболи? Кој нормален народ би сакал да има таков симбол? Или можеби, повторно, оние лавови-полутки, што р’жејќи  искокнуваат од фонтаната, повторно на „Plateia Philiphos“? Токму тие лавови чијашто косичка милно ја вее јужното ветре, а горната вилица им е како од најлошиот забен техничар во некоја паланка? Со такви ли лавови – шутови треба да се гордееме? Ако такви биле и некогашните македонски лавове (со акцент на „е“), тогаш е јасно зошто сме на ова дереџе!

????????????????????????????

Или пак, да не го запоставиме фамозното ни мостуле „Око“, за коешто не знам каква приказна или симболика ќе извлечат „стручњациве“, ама малку ли говоревме за тој срам? И за сите оние смешни фигури нацуцулени на него, од божемнана „Пајонска свештеничка“ прецртана од некој од „Марвел“ стриповине, до (божем) Душан Силни, сега веќе посилни, кој личи на се’ друго освен на – цар? И навистина, знаат ли нашиве локални шутраци како воопшто изгледал човекот, мислам Душан? Отвориле ли некоја книга, ги виделе ли фреските, ако не во Косово, тогаш барем во Лесново? И за каков тогаш „мост“ воопшто треба да говориме?

3.

Затоа, по којзнае кој пат, еве, ќе повторам. Таканаречениот проект „Скопје 2014“, со сите таканаречени скулптури, споменици или фасади и градби во него, можат и треба да се анализираат од сите можни аспекти: социолошки, историски, филозофски, урбанистички, политички, демократски, медицински итн. Но, мене секогаш и само ме интересирале неговите, за жал непостоечки, естетски односно уметнички вредности. Токму тие коњове, лавове, мостове (сите со акцент на „е“) … и што уште не … кои немаат врска ни со уметност ниту пак со естетика.

Та оттука, по стоти пат, сите таканаречени скулптури, споменици или фасади и градби во таканаречениот проект „Скопје 2014“, сите тие наши дилетантски обиди не се битни како што се направени, туку како се направени! Не е проблем што тоа се коњи, лавови, мовчиња што не водат никаде, тролчиња врз мовчиња што не водат никаде и слични будалаштини, туку проблемот е како се истите направени! Тоа како, односно особено тоа како, е најголемиот проблем на овој самонаречен проект. Сето друго се (условно) механизми – демократски, политички, процедурални, идентитетски, историски – кои можеби сеуште не сме ги совладале во доволна мерка. Ама за уметноста, за естетското, за творечки вредното … еее, да простите, тука нема пардон. А оној што сака да верува во таквите марифетлуци наречени „постмодерна“, „барок“ ама на наш начин, „неокласицизам“ во 21 век … тој нека си верува и понатаму. Или, ако ептен некој сака, како оној наш локален минхаузен, нека верува дека тука имало ем „Res publica“, ем „Res aesthetica“. Ама тука нема ни „res“, уште помалку „publica“. А „ aesthetica“ ни во сон!

Затоа, некој навистина може и да поверува дека тие нешта биле или се’ наши национални симболи. Ама изведени така како што се изведени овие, тие (условно) наши симболи не личат на ништо. И можат да симболизираат само – ништо!

4.

Или, ние можеме, по препораката на еден подеднакво „учен“ наш архитект, да се вадиме со фактот дека нашиов 21 век баш и не мора да биде како 21-от век кај другите. Па, според тоа, ние можеме да си се транспонираме во некој наш 15-ти или 16-ти век и тоа да ни биде некакво алиби за будалаштините. Ама, дури и во тие векови, особено во Европа, во уметноста никогаш не било важно што се прави, туку како тоа се прави. Та дури и порано, токму кај нас, зарем ќе беше важно што во една провинциска црква во Нерези некој насликал Оплакување на Христос? Такви оплакувања има илјадници низ црквите само на Балканот. Ама она во Нерези е исклучително и импозантно баш заради фактот како е насликано! Или, ајде уште еднаш да го спомнеме Ангелот од Курбиново. Колку ангели има низ црквите во Македонија, или на Балканот? Ама овој е еден, единствен и величенствен токму заради тоа како е насликан!

????????????????????????????

Или, ако сакаат „стручњациве“, по што ќе беа толку различни пејзажите од Ван Гог? Та колку илјадници пејзажи има во сликарството? Ама овие се ремек дела и денес ќе се плаќаа со суво злато токму заради тоа како се насликани! Или женските глави на Пикасо, или Мона Лиза, или …! Кој ќе ги гледа, или ќе даде денар, за коњски полутки, па нека се и национални симболи, или за лавове фаца на идиот и со фалшиви забни мостови?

Тоа што ние, еве, во нашиов кич сега ќе бараме дури и божемна национална симболика, или што, читам, на професорон миленик на Сарајлија му дале задача да пишува книга за сликите со историска тематиката во Музејот на хоророт, тоа се наши локални идиотштини што уште повеќе не’ оддалечуваат од цивилизираниот свет. Ние / тие можат да им доделат уште десетина такви задачи на своите полуписмени апологети и т.н. проект „Скопје 2014“ да го опишат како не-знам-кое-по-ред светско чудо. Ама од тоа нема фајде. И ние, и тие, знаеме точно за што тука станува збор!

ДЕМОНСКО REALITY SHOW

1.

Немав никаква намера (повторно) да се бавам со Курбиново, зашто тоа е мачна тема. Впрочем, веќе нашето културно наследство – она навистина бесценетото, она навистина незаменливото – стана мачна тема. Наспроти сето она друго што очебијно му го превзеде приматот во државата, она што некои приземни шупелки го издигнуваат на рамништето на наша нова “гордост“, македонското културно наследство навистина стана завчерашна застарена шега. Се’ е поважно од заштитата на она што всушност ја прави Македонија тоа што е’, она што е впишано во сериозните светски енциклопедии и книги. Вредното го заборавивме заради кичот, бесценетото го заменивме со бронза и лажно злато.

Но, и тоа е работа на одлука. Одделни „елити“ пресметале дека таквата замена повеќе и’ користи на земјата, дури и’ носи повеќе туристи (sic!), ја става на светските (дизниленд) мапи и ја прави „популарна дестинација“. И добро е што промоторите на ваквите тези молчат за пропаѓањето на највредните македонски средновековни споменици, уште подобро е што оние серковци од некојси манифест го носеа Ангелот само на спотнатите им маици а не и во главите, одлично е што нашиве колумнисти-минхаузени го замајуваат народот со се’ и сешто само да го заборават најголемото злосторство што како реалити шоу им се одигрува пред очите.

Добро е, велам, зашто ако и тие, сега, почнат да гракаат дека културното наследство ни е во опасност, тогаш навистина дошол крај на светот. Ангелот дефинитивно ќе умре. Од срам!

АНГЕЛ КУРБИНОВО

2.

Но, тоа, за жал, не го спречува нашиот најголем „познавач“ повторно, и повторно, да (ни) држи лекции за тоа што (одново!) треба да направиме. „Академикот“ навистина нема срам. Ни образ.

„Курбиново е светски споменик на историјата на уметноста, на ликовната мисла, Курбиново припаѓа на истото движење на претпалеологовската ренесанса, која ја нарекуваме уште и линеарен стил каде што стравотно се искажуваат човековите емоции. Таму Господ плаче, таму Господ е очовечен“, вели „академикот“. Не господине „академик“, таму веќе нема Господ, таму остана само Македонија да плаче! Рони солзи од такви „стручњаци“ кои дури и не се срамат да кажат дека ја виделе состојбата со црквата и фреските уште пред една  година. И Господ таму повеќе не е очовечен, таму ние сите, ама посебно вие без образ, сте обесчовечени.

И божем „академиков“ констатирал „… дека во објектот продира влага од земјата, но и дека има поместувања на почвата, дека има пукнатини“. И што има црквата и фреските во неа од тие негови констатации, што имаме сите ние од безбројните такви констатации, на коишто се изнаслушавме сиве години. Каде тоа констатираше „стручњаков“? Дома, и’ кажа на сопругата? Зашто не слушнавме, уште помалку прочитавме некаква негова јавна констатација за состојбите во Курбиново.

А впрочем, и да кажал некаде, на тоа ли завршува ангажманот на еден „академик“ и „стручњак“? На констатации? И згора на се’, на „согледување“ дека „црквата е доведена во сегашната ситуација бидејќи никој не ја гледал доволно професионално“. Ма није ваљда? А кој тоа треба да ја гледа – професионално? Можеби овчарите што си ги пасат овците наоколу? Или земјоделците од околните ниви? Или можеби децата наместо да одат на училиште треба да стојат и да ја гледаат црквата. Професионално! Каков бесрамник!!!

3.

И да застанеше тука овој „академик“ и „стручњак“, па пак ќе беше премногу. Ама не. Има уште. Бесрамниците и безумниците најчесто губат и чувство за мерка. И тераат … Решил овој конечно да ги разоткрие сите виновници, освен себеси, се разбира. И еве што ни открива: „На тие проблеми обрнувам внимание и во МАНУ, но се знае кој треба да си ја врши работата, Заводот и музеј на Битола и Министерството за култура. Треба да продолжи да се истражува, со истражувањата да се оди до темелите, но мора да се консултираат со конзерваторите“, вели „академиков“ и „стручњак“ за нашата средновековна уметност. Пази богати! Та нели токму тој беше со години претседател на таа куќа што сакаат да ја викаат МАНУ? И кому тогаш овој „академик“ и „стручњак“ обрнувал внимание? Можеби им раскажувал приказни на портирите, и хигиеничарките? А кафекуварките, дали се запознаени со проблемот? И зошто не реагирале?

И кое е тоа Министерство за култура на коешто се обраќа оваа персона? Да не е она трансформирано во Министерство за леб и игри, каде што токму тој, со години, е претседател на Советот? Та нели тој ги потпишуваше сите изјави како Министеството за леб и игри не работело никогаш така добро како во изминативе години? Ова ли е тоа – добро? Да се уништи се’ што е вредно не само во македонската култура туку и во светското културно наследство? Зошто? Зашто не било приоритет, како Скопје 2014? И зашто не го граделе „најдобрите балкански уметници“? Па дајте „академиче“, ургирајте нека изградат ново, постаро и поубаво Курбиново! И пак ќе пишувате книги за него. За новото, и поубавото. Или, можеби, и тука замешале прсти портирите, хигиеничарките и кафекуварките, оние од Министерството, не од МАНУ, и со години, на објектот стар осум векови, му доделувале цркавици од стотина или стотина и педест илјади денари (што ќе рече две до две и половина илјади евра!) за не-знам-што? Наспроти званичните двесте, а незваничните којзнае колку стотици милиони за „државниот“ приоритет Ск 2014? И тоа ли не го знаеше господинов „професор“? Или и за тоа се виновни оние непатриоти кои постојано укажуваа (не само) на овој проблем? Како на пример оние од Центарот за културно наследство, кои тврдат дека ваквата состојба се провлекува веќе десетина години, но никој не реагира(л) на нивните укажувања. И зошто никој во неговото Министерство за леб и игри не реагирал, и зошто не им биле на овие луѓе доделени средства, ако веќе знаеле што треба да се направи? А Министерството очигледно не знаело, и не знае, заедно со персонава која се претставува како академик?

4.

Искрено, ќе не куртули ли некој, некогаш, од вакви надуени петли кои самобендисано се шепурат низ селскиве дворови, мислејќи дека се од Господа дадени пауни? Ќе има ли крај од вакви туткуни кои бесрамно тргуваат не само со бесценетото културно наследство, туку и со угледот на државата и нејзините граѓани? Ќе се ослободиме ли некогаш од сите земјоделци, манекенки, тв водители и остала заспана братија во она Министерство за леб и игри и ќе започне ли некој, некогаш, конечно да се бави со вистинските проблеми? Ќе не’ ратиса ли некој, некогаш, од оние полуписмени и од алчност ослепени членови на тој фамозен Совет, кои не сакаат да го видат ова демонско reality show што секојдневно им се одвива пред носовите? Зарем се’, и буквално се’ што создал нечиј творечки дух низ вековите треба да биде целосно уништено од морони далдисани само по личен интерес? Ќе се најде ли некој да ги повлече тоа поповите за маслосаните бради и да им покаже што им се случува во вистинските домови на македонското христијанство?

За која Уметност ќе може Македонецот да говори ако го (с)нема Курбиново? За која Уметност ќе може Македонецот да говори ако го (с)нема Нерези, или Старо Нагоричани, или …? За која и каква традиција квакаат тоа „конзервативните“ потомци на Ацета? Или се всушност потомци на некои глуви, слепи и неми тутмаци, вљубени во ѓаволската уништувачка „рапсодија“?!

Ќе им рече ли некој, некогаш, доста на ваквите бесрамници???

PHILOSOPHIA MACEDONIKA

1.

Да не беше онаа несакана периферна непријатност наречена Сарајлија вознесениот барокољубец, Малевич ќе беше прекрасен почеток на годината. Но, се разбира, дури и онакви шарлатани не треба да ни го поматат уживањето во творештвото на овој мајстор. Особено и заради фактот што годинава се паѓа стогодишниот јубилеј на „црниот квадрат“ – можеби најимпресивната идеја за такво (во секој поглед радикално) сведување / резимирање во дотогашното промислување во сликарството. „Првиот чекор кон чистата креација“, велел Малевич.

ЦРН КВАДРАТ

2.

И нормално, целиот цивилизиран свет, на еден или на друг начин, го одбележува овој факт, го чествува Малевич и неговата уметничка оставнина. Дури и Витебск – некогаш авангарден културен гигант, денес само провинциско гратче во Белорусија – им ја посветува на Малевич и другите пионери на руската авангарда изложбата „Црн квадрат“ во Регионалниот историски музеј.

Ние, се разбира, сме вон сите вери и културни патишта, кај нас владеат други норми и стандарди, оние од антиката, или антиквизацијата, оние анархичните длабокоселски „упатства за употреба на културата и уметноста“, токму оние манипулаторски „вештини“ на заборавање на луѓето битни (барем) за оваа култура и уметност. Не умееа ни на еден Мазев да му оддадат достојна почит по повод дваесетгодишнината од смртта. Барем да го спомнеа. Посебно шутракон, кој заоѓа од божемна почит кон светските уметнички величини, ама нашиве (комунистички?) не ги есапи ни колку црното под ноктите му! А во Советон на Министерството за леб и игри си ги греат задниците едно чудо провинцијалци кои успешно се добрале до државната (да простите) цицка!!! И сите бивши „црвени“, од ѕиврите (што ти е селска навика!) до шалчињата и краватите.

Освен оние „големомакедонски“ и „патриотски“ историски карикатури, за коишто бајки ни кажуваат и филмови снимаат уште поголеми современи карикатури, од типот на Александров, ченто (ако некого го интересира зошто го пишувам со мала буква, нека се јави, ќе му објаснам!), полуписменион Богдановски и компанија, како да не сме имале човек вреден да се спомне. Особено не во културата и уметноста! Од шутрациве ли се’ почна? Или мислат дека е доволно што ги изнаредија како тролчиња по мостовине? Или пак навистина е проблем што тие, сакале – не сакале, создавале во оној т.н. комунизам?

МАЗЕВ

Петар Мазев

3.

И не е проблемот во тоа што ние веќе ништо не почитуваме – особено не она што се случувало пред современава „ера“ на антиквизацијата, пред Аминта и Богдановски, Олимпија, Душан Силни или некој од денешниве илитерати свечено преоблечени во „патриоти“ – туку што веќе светот научи да не’ заобиколува комплетно. Говорам, се разбира, за уметноста и културата, иако и во другите области очигледно не стоиме подобро. Освен, се (под)разбира, во инвестициите. Кај нас веќе ништо не се случува! Не само што подолго време немаме локални сили кои „би повлекле“ напред, туку одговорните и’ пишаа крст на земјава и во однос на европските и светските движења во уметноста. Па луѓе божји, дури и еден Катар, се разбира муслимански, му прави грандиозна ретроспектива на Демијан Хирст, плус нарачува 20 милиони долари вредно дело што (ќе) стои пред нивниот Музеј на исламската уметност и архитектура!

Ние пак, по „умот“ на Сарајлија, Божиновски и остала боранија го редиме градот како гробишта, по „умот“ на други пак со евра и само за домашна употреба ја купуваме суетата и алчноста на нобеловци и (самонаречени) дисиденти, ги / се сликаме пред тони безвредна бронза за некаква наша идна бедна историја …

Дури и тие изложбички што некако ќе поминат покрај цврстиот ко челик „критериум“ дека освен „македонски реализам“ ништо друго не е вредно во нашата уметност, дури и тие чуда се толку лоши, уметнички неписмени и да не речам одвратни, што подобро е воопшто и да ги нема. Како оние две чуда што го запоседнале цел Чифте амам, едната половина со некакви транфузиолошки направии и смешни асоцијации, другата половина со конци испреплетени по ѕидовите, ѓоа слики!

Или пак овие изложбички – монструмчиња се пуштаат плански, за да не’ убедат дека, еве, современата уметност кај нас нема „проѓа“, што би рекле Србите, и ние подобро да си се држиме до нашиот „македонски реализам“? Оној што ни го продаваат третокласни русчиња, украинчиња и македончиња и нивните апологети, во Музејот на хоророт? Или она „грандиозноно“ лажно злато, сосе „сликариите“, во театарот … знаете веќе како се вика(л)?

4.

Се разбира, мачно е да се спомнува Малевич во вакви кошмарни контексти. Тоа го може само нашион шарлатан. Дење да сонува „барок“, ноќе да гледа Супрематизам!

Но, како и да е’, и во оваа насока, како и насоката на почетокот на текстов, треба да се допрецизира приказната за Малевич. Еве што, според сериозни извори, им рекол уметникот на истражителите од ГПУ во 1930-та: „Мојот поглед на уметноста мора да ја даде најновата конструкција и сето друго поврзано со нејзината целост, рефлектирајќи ги социјалните проблеми на пролетерското општество. Обвинет сум за формализам од страна на вработените во Државниот институт за уметност, од личностите како Атсаркина и Серебриаков. Тоа не е коректно бидејќи јас сум се докажал преку мојата работа и моите современи погледи на уметноста, јас настојувам да бидам поблиску до производството. Моите нови работи на чинии се за потребите на извозот, што му обезбедува на нашиот сојуз економска добивка. Едновремено на Запад се цени нашата иновативност во уметноста, преку што можеме да ги покажеме нашите достигнувања на културниот фронт … Изложбите што ги организирав во Германија и Полска дадоа поволна импресија за Совиетската уметност. Јас никогаш не ги делев погледите на буржоаскиот свет на уметноста и никогаш не сум припаѓал на која и да е’ од десните струи. Кога бев во Варшава десницата – буржоаските практикувачи на уметноста – не ми обезбедија дури ни соодветен простор. Во Германија ми се обраќаа како на „болшевикот што пристигна“ …“.

Што ќе рече дека уметникот ни го криел, ниту пак се срамел од сопственото  идеолошко убедување!

5.

Но затоа, ние, преку онакви идиотски „репрезенти“, на пиедестал го поставивме личното и партиското, антиквизациското и идеолошкото како базични параметри за (пр)оценка на луѓето. Лукративниот поглед на светот се престори идеа водилка на македонскиот интелектуалец, неговите џебови во бунар без дно, а апетитите – бескрајни. Додека Малевич продавал дела за одвај 40 долари, нашиве си ги продаваат образите за суво злато. Не она лажноно од театарон. Впрочем, нивниот образ се нивните „дела“.

И затоа, всушност, тие не трпат луѓе со став и дигнитет, поединци со образ и достоинство. Затоа ја бришат и целата генерација модернисти и основополжници на македонската Модерна. Не можат да ги поднесат нивните убедувања и ентузијазам, нивниот занес и љубов кон Уметноста, нивната почит кон сопствената земја и стремежот да ја извлечат од вековната заостанатост.

Овие денешниве, овие од типот на Сарајлија, оној маалскион филозоф-конзервативец и остала булумента приучени бронзени барокољупци кои, всушност, за ништо поарно и не ги бидува, го сакаат токму спротивното: да не’ турнат уште подлабоко од мрачниот среден век, таму некаде кај што нема потреба ни од Уметност, ниту пак од просветителство, идеали, чест и достоинство. Да сеат магла и да жнеат злато, да садат лаги и да берат евра. Чекор кон чистиот барбаризам. Philosophia Macedonika!

ОД ЦРНО, ПОЦРНО

Новава година, иако со сенишното 2014 како Дамоклов меч над главата, ќе се обидам да ја посветам, главно, на Уметноста. Зашто нашево политикантство, особено она во културниот сектор, навистина ги цеди сите позитивни енергии од човека. Просто – ништи се’ пред себе. Како да не можеш да му избегаш. Затоа, Уметноста како хумнизирачка варијанта на секојдневието заличува на спасоносно прибежиште.

Иако, знам, човек не може да избега и од кичот како, велат некои, посестрима на Уметноста, паралелен пат биран најчесто како многу полесна и поисплатлива варијанта. Особено кај нас, во нашево целосно кич опкружување, повторно ќе биде тешко да се избега и од такви теми. Или оние квазиуметнички, или „уметнички“, што се особено омилена варијанта на нашите (квази)институции.

Нормално, не ќе може да се избегнат и стапици на нашите познати кич персони кои секојдневно ја трујат и онака веќе презагадената атмосфера на кутрово Скопје. За жал, токму еден од тие е тема на самиот почеток на оваа година, ама нејсе. Ќе го преживееме. Во иднина ќе гледам да го одбегнувам. Колку што можам повеќе, ако можам.

*

1.

Значи, ко за беља, токму тој се нацрта на самиот почеток на оваа 2014 година. Или – кој друг ако не нашиот непрежален Ацика Станковски звани „из  милоште“ – Сарајлија. Овој пат му се пуштил на Малевич, божем со ода за неговата уметност. Се разбира, Малевич заслужува и повеќе, ама никако со него да се бави еден шарлатан како Сарајлија. Зашто, го памети ли некој Малевич како барокољубец, или барокотворец? Па тогаш, што ли бара во шизофрените мисли на овој шутрак?

Но, се разбира, човечево мора да работи нешто, мора да заработи за кутра живеачка, мали му се приходите, изгледа. Не му достасува она што го крчми од буџетот? Изгледа. Па затоа, најлесно е да се бавиш со Уметноста, ама од визурата на кичомански барокољубец. Не знам зошто не се бави со нашиве современи „мајстори“, оние кои, со негов амин, ни го посраа градот? Нека пишува барокни оди за нив.

2.

И се’ е убаво кога се говори за големи уметници, особено за Уметник како Малевич, и кога се држиш до преписите од енциклопедии и други книги. Тука нема утка и Сарајлија наш тоа го знае. Ама кога сакаш да поентираш, па стапнуваш на несигурно тло, безмалу како да си цапнал во жив песок. Тонеш, бре брате. Неприметно али сигурно!

Па така и нашиов groß минхаузен, кој изгради цел музеј за 2 милијарди евра, и тоа во Загреб и среде „емисија“ на Миленко, намислил да поентира врз судбината на Малевич, па тртља: „Делото на Малевич, дотогаш признато и во земјата и во странство, се соочило со сериозна препрека во ликот на Јосиф Висерјонович Сталин, кој владеел со Советскиот Сојуз од 20-тите години на минатиот век, па до смртта во 1953 година. Сталин мразел се’ што ќе излезело од ателјето на Малевич, а посебна одвратност негувал кон црниот квадрат. Не само Малевич, туку и сите останати авангардни сликари биле во немилост на Сталин. Водачот верувал дека авангардните дела не ја покажуваат советската стварност на вистински начин“. Што, нели, треба да не’ упати дека сите комунисти, по аналогија, биле / се ѕвероглави и имале / имаат одвратност кон ваквите авангардни творци и дела. Во таа грмушка го крие овој барокољубен „авангардист“ своето зајаче. И продолжува: „Во 1930 година е уапсен и фрлен во самица, во која минува два месеца. Не се знае што му направил Сталиновиот режим на сликарот и како го „превоспитал“, но дури по излегувањето од затворот, Малевич почнува да слика политички поприфатливи дела“.

Браво (црни) Сарајлија, генијален во сопствената идиотштина!

3.

Се разбира, нашиов минхаузен ја врти водата накај својата „теза“ и не поставува прашања. Ама тие, прашањата, навираат сами од себе.

На пример, ако Малевич ги поставува основите на Супрематизмот во 1915 година, кога прв пат го изложува делото Црн квадрат, или го работи Црн квадрат на бела основа во истата 1915 година, или Бело на бело во 1918 година … што мајка барал Сталин да го апси дури во 1930 година заради неговите авангардни идеи коишто веќе биле – дамнешно минато? Знае ли воопшто Сарајлија што сликал Малевич во тие години? Или – не му одговара да знае?

Понатаму, има барем две интересни „приказни“ околу врската Малевич – Сталин. Едната, онаа што ја бира Сарајлија зашто повеќе му одговара, е дека навистина уметникот бил уапсен и дека поминал во затвор шест (а не два) месеци. На излегување, му биле дадени три можности: да ја напушти земјата; да се затвори дома и да самува; да стане сликар реалист (веројатно во духот на социјалистичкиот реализам). Нормално, ова заличува на приказна за мали деца, поточно – токму на нивото на нашиов „стручњак“. И, демек, Малевич се обидел да биде реалист, и демек тогаш го насликал славниот Автопортрет, и демек … „шио ми га Ѓура“, што би рекле Србите. Како да претходно Малевич не сликал автопортрети!

МАЛЕВИЧ 1911

Автопортрет, 1911

Поверојатна е верзијата на Тони Вуд, кој тврди дека Малевич навистина бил уапсен во 1930-та година, но заради неговиот (неколкугодишен) престој во Берлин и врските со пријателот Хуго Харинг (со кого договарал изложба). По неколкудневно испитување бил пуштен, а морал да ги прекине врските со Харинг.

Иако, од друга страна, Александар Флакер, еден од најголемите авторитети за руската авангарда, воопшто не спомнува ваков настан, што ќе рече дека истиот, ако е тоќен, сепак бил / е’ тотално небитен за животот и творештвото на уметникот. Ниту Камил Греј, подеднакво поткован експерт за темата, не спомнува ваква епизода во животот на Малевич.

 MALEVIC

4.

А бидејќи Сарајлија апсолутно не е персона на која може да и’ се верува за што и да е’, тогаш оваа приказна може целосно да се запостави.

Но сепак, ова шутраче ништо не прави случајно. Уста не отвора ако нема некаков ќар. Или, по којзнае кој пат, добил задача да го офира комунизмот, па Малевич му легнал ко кец на десетка? Ама, комунистичко милениче да плука по комунистичката идеологија и неговите крвожедни првенци?! Секако, ако е добро платено!

Не дека некој запнал да го брани мустаќестиот Грузиец. Ама, Сарајлија да не се збунил во асоцијациите, во раскажувањето, во времето минато кое ептен наликува на времето сегашно? Или со поентата на неговата приказна сака да ни каже колку сме ние среќни во времево сегашно? Барем уметниците се’ уште не ги апсат?! И ова мултисуратно намрштено човече предупредувачки, ама и заканувачки, им мавта со прстот?! Ако не слушате може и тоа да ви се случи? Каква бараба!

Шапшалчево и неговата габа во главата не се ни свесни дека всушност го пресликале времето минато со нашава сегашност, каде што секоја слободоумна идеја (не само) во уметноста е поништена уште во зародишот? Толку му се ококорени лукративните зеници што дури не може да види дека всушност говори токму за „македонскиот реализам“ што влечка сликари од Украина и Русија да им покажат на македонците што е сликарство и како се слика, што не трепнувајќи брише се’ што заличува на современо / модерно, што бесрамно промовира најгрозоморен кич не само во сликарството туку во целокупното живеење …? Толку ли е глуп овој човек, или во ваквите јавни настапи сака да не’ убеди во сопственото слободоумие, ама кога ќе седне во комисиските фотелји во Министерството за леб и игри, е тогаш се трансформира во три мали сталинчиња? А големиот Сталин, кој е, и каде е?