Доволна ли е таква казна?

Токму ваквите политички мигови, кога се одлучува за промената – дали „судбинска“? – на една власт, ги објаснуваат сите претходни (веројатно децениски) „подготовки“ на партиските номенклатури со една и единствена цел: да го држат граѓанинот во подаништво, во недефинирано квазидемократско лимбо, во политички мрак којшто никогаш докрај нема да му ја појасни реалноста односно вистината за намерите на власта. Тие „подготовки“ се нижат како по „црн“ политикантски учебник, зафаќајки ги, некогаш и неосетно, сите сегменти во животот на поединецот. Што би рекол северниот сосед: „од колевка па до гроб“.

Односно, во вакви политички мигови пресудни за натамошниот развој на една држава, се гледа, прво, зошто е важно партијата, во најголем процент, да инсталира свој административен апарат којшто беспоговорно ќе ја слуша бидејќи од неа му зависи егзистенцијата, потоа зошто мора да има контрола над поголемиот дел од медиумите, поткрепена со квази-интелектуална клиентела којашто ќе ечи во јавниот простор, понатаму зошто е важно граѓанинот да остане политички дилетант кому информациите ќе му ги дозира само партијата на власт… итн., итн.

И тоа беа надежите, очекувањата на оваа власт: дека партиското тело, административните инсталации, клиентелната пропаганда и медиумите, независно од нивната неспособност, повторно ќе им ја одработат победата. Е па – не се случи баш така.

Иако и онаа бројка од сто и осумдесет илјади гласови во првиот круг на претседателските избори за оној кој цели пет години глумеше претседател е фантастична. И токму таа бројка не можете а да не ја припишете на политичката неедуцираност на дел од гласачкото тело, на тоталната зависност и партиско слепило и слично.

Зашто, во некакви други околности, во услови на поинаква граѓанска демократија и вистинска слобода на граѓанинот, во демократски амбиент во државава, економска независност на поединецот од партијата и др., „казната“ ќе беше многу порадикален, дури драконски одговор на гласачкото тело на сето она што тој и неговата „партија“ ни го приредуваа низ годиниве. Поточно: да го потрошите вашето гласачко право со даден глас за дрвена кукла којашто единствено одобрувачки клима со главата е – политички нонсенс. И граѓански егзибиционизам!

Но, и оваа „казна“ е драстична, иако требаше да биде посилна. Зашто, повторно, им остава на „прогресивниве“ криминалци простор за манипулации, за алаш-вериш договори, за нови ујдурми со нивниот коалициски партнер.

Затоа, резултатот од првиот круг на овие претседателски избори може и поинаку да се постави: дека е пропуштена можноста јасно и гласно да се детронизира – веднаш, уште во првиот круг – човекот кој толку пати ја изиграл довербата на граѓаните, кој отворено – в лице! – им говорел невистини за клучните државни прашања и кој и понатаму ги вергла истите будалаштини. Во тој поглед, оние гласачи кои го потрошија својот глас за оваа дрвена кукла се – политички неодговорни гласачи!

А истите констатации сосема рамноправно се однесуваат не само на македонскиот дел од гласачкото тело. Никако. Па видете ја „победата“ на Османи – на Османи, ве молам – контра Таравари! Сто и дваесет илјади гласови за таков човек?!

И сето тоа, дури и „казната“ што сепак остава надеж, им дозволува на „прогресивниве“ слепци веднаш да се реорганизираат: оној од теретаната да ја дефокусира во „тежок удар за европската перспектива на Македонија“, а не негов личен; па поразот да се гледа не како одговор на криминално-коруптивното дивеење туку како некаков „кроки на мизансцен“ на национализмот или сега да се бара некакво продолжување на „внатрешниот дијалог во потрага по најдобри политики за нашата држава“ итн.

Ама какво „продолжување“ кога тој дијалог воопшто го немаше, кога прогресивниве криминалци автократски разнебитуваа сѐ што ќе допреа? Или сега она „немирно“ гласачко тело ќе го плашат со националистички прогнози и потсетувања на 1994 или 2001 година? 

И повторно, по којзнае кој пат, клиентелата ќе ги премолчува сите криминални скандали и идиотизми на актуелнава власт, а ќе го бара и ќе го пронаоѓа влакното на злото само кај опозицијата. Ќе го премолчуваат дури и оној „таен“ договор помеѓу албанските партии за неучество во идната влада? Само тук-таму ќе се појави „гневот на Македонците за сите неправди и ’неправди’ (особено првите, оние без наводници, м.з.) направени последниве три децении“, којшто „е толку голем што секое попречување да се формира влада може да доведе до сериозна меѓуетничка криза“? Но и за тоа, повторно, ќе бидат виновни македонските „националисти“?

И допрва ќе слушаме нови „тези“ за насилно прекинатиот европски пат, за растечкото антиевропско расположение, амбасадине повторно ќе трубат за некакво руско влијание…, ама никој нема да каже дека дури и да го имало сето тоа, тоа е минорен процент во однос на општото незадоволство во земјава од криминално-коруптивната коалиција и нивните простачки политики.

Од друга страна, и овие избори само ја зајакнаа „мистеријата“ на таканаречените неопределени гласачи, кои кај нас, од избори до избори, стануваат доминантна бројка од преку 50%. Но никој не прави напор да ја одгатне таа „мистерија“, туку овие гласачи по правило ги карактеризираат како несовесни граѓани, аполитични, неодговорни и слично. Што, повторно, ја префрла вината само на граѓанинот а не и на политичката понуда.

Зошто, имено, никој не сака да ги гледа овие гласачи како определни односно како гласачи кои апстинираат заради несоодветната политичка понуда. Зошто тогаш би излегле да гласаат за понудата којашто не им се допаѓа? Но, можеби тоа ќе се промени во вториот круг, кога во игра влегуваат и парламентарните избори?   

Се разбира, со ова никако не сакам да го засенам повеќе од убедливото водство на проф. Силјановска-Давкова во првиот круг. Но тоа водство, за жал, ќе мора да се потврди, па и надмине и во вториот круг. Противникот е грогиран, но не и победен. Или, можеби, сега доаѓа потешкиот дел: да се активира и граѓанството што во првиот круг апстинирало, да се победат сите можни коалициски манипулации со албанскиот дел од гласовите итн. Важниот, да не речам судбоносниот, политички миг наложува многу мудрост и политичка зрелост.      


Leave a comment