Monthly Archives: December 2015

СТОЈАДИНОВИЌ ПОВТОРНО МЕЃУ МАКЕДОНЦИТЕ

1.

Од сиве чуда што ни се случуват последниве месеци од растрчанава власт(ела), просто човек не може да издвои само неколку работи за крајот на годината. Се растрчал дури и Хорхе, па на кутнативе на колена негови газди се осмели да им држи и по некоја лекција, како онаа во годишното обраќање и некои други пригоди. А штом (и) тој е растрчан, работите се повеќе од јасни.

И токму оваа предизборна раздвиженост е нешто навистина впечатливо последнивие месеци, особено пак и како асоцијација на некои постари историски ситуации. Па така, велат дека некогашниот познат српски политичар и премиер (1935 – 1939) во Кралството Југославија бил особено слаткоречив во ветувањата (главно предизборни), а посебно при неговите посети на Македонија. Старите велат (не знам дали и историската фактографија може тоа да го потврди) дека при една посета на некое забутано македонско село, им ветувал дека ќе им направи „ова и она“, меѓу другото ќе им направи и училиште. На приговорот на некој од селаните дека во селото нема деца кои би оделе во тоа училиште, Стојадиновиќ, во жарот на ветувањата, рекол дека ќе им направи и – деца!

Што ќе рече дека во Македонија ништо случајно не се случува, се’ си има свој корен и некаква предисторија. Не знам дали најголемиов македонски „архитект“ кој во слободно време глуми премиер некој го има инструирано и со вакви историски приказни, но неговото однесување последниве месеци апсолутно ме асоцира на анегдотите со Стојадиновиќ.

2.

Зашто, како поинаку човек да ги разбере ветените брда и долини само во последниве месец-два? Се’ што беше безмалу непојмливо и непомирливо одбивен став (не само) на „архитектот“ туку и на целата негова клика, сега се трансформира во негов / нивен беневолентен предизборен дар на македонскиот граѓанин. Дури и марихуаната, заради која што Кили лежеше притвор, Душко и неговите исто (или тоа беше за дивиот канабис, што пак му се сведува на исто), а што им беше натоварено како смртен грев во конзервативните очи на македонскиве патриоти. Што ли уште ќе чуеме до пред изборите, само некако да се извлече глас повеќе како залог за  спасување на некој сантиметар од кожичката! Можеби самите ќе предложат и геј парада во Скопје, или легализирање на истополовите бракови? Па и таму лежат неколку стотици гласови, така и толку драгоцени во времето кога ќе нема МВР-ВМРО, лажни лични карти, педесетина во ист стан од триесет квадрати, цели измислени станбени блокови и слични итроштини. Во такви лоши времиња секој глас, па нека е и од најомразениот, е вреден како суво злато.

И се разбира дека секој малку промуќурен гласач веќе им ја разбива шемата на ветувањата што никогаш потоа не се исполнуваат. Особено поучени од претходните избори, но сега со поголема самодоверба и помалку страв од машинеријата во распаѓање. Дури и нивните (им) се смеат на будалаштините  што му ги ветуваат на народот.

3.

Но, мојот тип – барем засега, зашто којзнае што уште ќе им падне на ум – е типично Стојадиновиќевскиот манир на грижата за македончето, за неговите станбени, но и сексуални проблеми. Зашто, на што друго ако не токму на Стојадиновиќ и неговото „па и деца ќе ви направиме“ личи актуелнава грижа на „архитектот“ и неговата тајфа за и околу станбените проблеми на (особено) младите македончиња, развиено понатаму и во посебен осврт кон нивните сексуални навики и, едноставно речено – правењето деца?

Прво, им понудија готови, такозавни типски проекти на куќи – та дури и од 120 квадратни метри – без надомест, се разбира, што ќе рече дека „архитектот“ издвоил од своето драгоцено време – да не речам уста – за да ги осмисли и сработи овие проекти. И великодушно му ги нуди на народот да си прави куќи. Зашто, како што велеше една „умна“ дојдена од некое свирипичино во Скопје: глупо било да живееш во стан! Ама изгледа не им тргна работата, немаше таква навалица како што очекуваа, а можеби народецов, особено младите, не му ги бендисаа проектите (којзнае кај кого учел проектирање?).

Затоа – уфрлија во трета. Сега нудат не само проекти, туку и некакви „поволни“ кредитни услови за изградба на тие куќи, повторно само за помладата популација. Главната карта во играта е приказната дека во становите потешко се правеле деца, а во куќите – полесно! И затоа, народе, градете куќи. За да имате деца, а тие после да гласаат за „архитектот“ и тајфата што им овозможила да ги изгради.

„Кваката 22“ тука е: што ако младите и во новоизградените куќи не прават (доволно) деца? Велам доволно зашто, „архитектот“, кој во преостанатото слободно време кога не глуми премиер е всушност планер на семејството, намислил дека семејство без три-четири деца не е баш некое семејство. Е во таков случај, мислам дека на сцената ќе стапи третата етапа на планот, онаа на Стојадиновиќ: на младите, па ако треба и на постарите, тајфата, на чело со „планерот“, ќе се понудат да им направат и деца. И кој како сака нека каже, ама тоа јас го нарекувам партиотска грижа за народот и државата. Зашто тоа воопшто не е така лесна работа како што изгледа на прв поглед. Нема да одам во поединости, само ќе спомнам дека можеби заради тие активности се легализираат и т.н. лесни опојни дроги. За медицински цели, се разбира. А има ли нешто помедицинско од правењето деца според рецептот на Стојадиновиќ?

И сега, има ли некој паметен во државава да види каква е и до каде допира врската на целата оваа линија на мерки со магистерската теза на г-ѓа Груевска за „Современ пристап во менаџирањето со човечките ресурси во јавната администрација“? Треба ли на луѓево од опозицијата се’ да им се нацрта?

4.

Зашто, мислам дека овој цел план е насочен кон неа и може да биде тежок удар за неспремната на ова опозиција. Ако Заев и компанија не согледаат на време – а еве јас сесрдно се обидувам да им помогнам во тоа – што ни / им се подготвува, тешко ним. И нам со нив.

Сепак, да не бидеме наивни, еден ваков маестрален план игра на повеќе карти. Не се само куќите и кредитите во прашање, илити сексуалните игри во смисла на правењето деца. Овде се оди на долги патеки, ова е политички маратон. Тие деца, имено, еден ден ќе пораснат и ќе бидат – гласачи! И, за кого ќе гласаат? За Заев? Како да не! И ете ви, впрочем, што е современо менаџирање со човечките ресурси. А опозицијата и понатаму нека спие. Барем патем да направи и по некое дете!

СОВРЕМЕНА ЦЕНЗОРСКА ШКОЛА

или

ЛОГИКАТА НА ЛУДИЛОТО (4)

10.

Велат дека денес е секогаш попаметно од вчера. Иако не знам дали тоа важи баш за сите луѓе, па и оние од „претседателското“ опкружување, како и за самиот „претседател“. Да беше така, денес Хорхе ќе се јадеше жив што тропаше такви глупости за театарот, за земјторесот, особено за цензурата, а посебно онаа на „минатиот систем“. Денешнината му удира таква чврга што сигурно му ѕунат ушите. Зашто, што е експресноно сменување / прераспоредување на судијата кој го ослободи Верушевски, ако не најдолен и најгнасен облик (и) на цензура? Ако судија не може / не смее да суди според правото и убедувањето, како се вика тоа во македонскиот јазик што „претседателот“ толку го сака(л)? Логиката на македонското лудило е токму таа дека се’ што било порано, било – лошо. А ова денес е мед и млеко! Уште потрагично е кога таквата битпазарска логика доаѓа директно од врвот – ако нашиов „претседател“ воопшто може да се вброи во каков и да е’ врв (освен на глупоста, нормално!) – и се шири надолу како канцер.

Се разбира дека ова е само уште еден, најнов пример за начинот како се практикува власта денес и со какви методи се служи. А Хорхе, тој уште еднаш докажува дека одамна не живее тука, ниту живеел, по се’ изгледа. Само не можам да определам од која планета е паднат. Мене највеќе ми личи на Плутонец!

11.

Како и да е’, темата за цензурата денес ни е особено блиска, а некако запоставена. Веројатно заради тоа што најчесто доаѓа индиректно, во завиткана форма и со машничка на врвот – бидејќи сме демократија, нели, а таа и цензурата не одат заедно (освен во исклучителни случаи!) – а само во радикални случаи директно и отворено како во случајов со судијата на Верушевски. Нормално дека тоа се должи на изменетите историски услови и начини / методи на справување со политичкиот „непријател“ (иако кај нас наводници се излишни!), зашто цензурата не е ништо друго освен само уште еден начин на спречување на вистината, или вистината на другиот, како сакате, да излезе на видело.

Инаку, ни Хорхе ниту неговата генерација се толку млади за да прераскажуваат божем чуени работи за минатиот систем. Тие успешно го живееле – се разбира, според нивната идеја за успешност – токму тој систем и тогаш не им пречело ништо. Ама сега – нова визура, квазипатриотска и квази демократска. Токму во тој цензорски систем нашиов „претседател“ „започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации“. Барем така лаже неговиот официелен претседателски сајт. И оние од неговата генерација, ама и ние малку повозрасните, одлично знаеме дека тогаш немаше „либерални, реформски младински организации“, туку имаше само една младинска организација – таа на „минатиот цензорски систем“. Што ќе рече дека Хорхе прилично удобно се чувствувал во тој систем, меѓу неговите. Зошто сега го / ги нарекува со секакви имиња?

Оние помладите од него, на пример неговиот син, можеби и би паднале на такви селски финти. Ама зошто? За да подобро се дефокусира вниманието од сегашнава цензура? Или, ако сакате, па токму тој театар кому му доделија орден, беше израснат и овенчан со сериозни успеси токму во тоа време на „цензура“. Ако е така, а така, нели е глупо да наградуваш нешто израснато во и задоено со таков систем?

12.

Инаку, јас не сум од тие кои мислат дека минатиот систем беше идеален систем. Најмалку. Но не би го нарекувал и со секакви имиња. Особено не како цензорски систем, зашто тоа не беше. Што пак не значи дека немало и такви „случаи“, како оној на славниот ни Љубиша Георгивски. Што е идентично на „битолскиот случај“ на Илиријан Беќири токму во времето на оваа политичка гарнитура и со оваа министерка за култура како државен секретар во тоа време. И сега? 1:1? Се разбира не, зашто минатиот систем имаше уште доста инцидентни ситуации од тој тип, ама да се нарече цензорски систем? Тогаш, веројатно, јас сум живеел во некоја друга држава. И сум пишувал по нешто барем во повеќето дневни весници и неделници и никогаш, ниту збор не ми бил цензуриран. А богами не сум бил секогаш „на линија“.

Но денес, овој „демократски“ систем на Хорхета наш така ги има усовршено цензорските методи што дури тешко и ги забележувате. Едноставно – ве нема, година, две, пет, десет … нема уште редица други кои не свират по нотите на барабиве … додека една сурија полуписмени ги има секојдневно, некогаш и повеќе пати дневно, ама тие да ти имале – добри проекти! Како денешниве партиски питбул цензори се досетија за тивка елиминација на неистомислениците. Ама тоа не било цензура туку проевропско вреднување на проектите. Тоа што најголемиот дел од сељачаанава ниту знае што знали зборот проект, тоа нема врска. Важно проектите да им се успешни пред окалките на кратковидите цензорчиња!

Ако нашиов подеднакво кратковид „претседател“ сака да види што е цензура и како таа функционира буквално пред очите на јавноста, прво нека ги смени розовите наочари со вистински. Потоа нека земе, на пример, една годишна програма на Министерството за (не)култура и нека чита. Ако не заборавил да чита, се разбира. Ќе ја види современата цензорска школа на дело! Секоја божја година со ред.

И истото важи за сите други државни ресори, од науката, образованието, здравството, земјоделието, социјалата … Што мисли тој, кои се тие земјоделци на кои не им се исплаќаат субвенциите? Или социјалната помош? Да не се можеби членови или симпатизери на владеачката партија? А можебо Хорхе го заборави и случајот со рушењето на објектот на Фијат Цановски? Ако тоа не беше вид на „динамична“ цензура, чуена и од устата на неговиот шеф лично, тогаш не знам што тоа беше!? Цензурата (како впрочем и корупцијата!) на дело е видлива не само во сите државни ресори туку и низ сите пори на општествениот живот. Без пардон, без срам, како во најдобрите времиња на болшевизмот. Само што овој нашиов е со „демократски“ и „десен“ шмек!

И, се разбира, посоченото е само врв на ледениот брег, она што се гледа дури од Титов врв (за Триглав не знам). Во некои подобри времиња белки некои подобри луѓе ќе се зафатат и со тие нешта. Ќе излезат на виделина сите срања на системов. И усраните цензори сосе нив. Е тогаш ќе можеме повторно да му пишеме на Хорхета, каде и да биде, тука или на Плутон!

„ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ“ ТЕАТАР

или

ЛОГИКАТА НА ЛУДИЛОТО (3)

7.

Еве и јас да се придружам кон честитките за јубилејот на МНТ и орденот доделен од страна на „претседателот“. Иако, некако, државен орден и (дефиницијата за) театар не баш ми одат заедно. Или, всушност, токму тоа оди заедно: доделувањето на орденот е – театар?! Особено денес, современ, политички!? Веројатно. Зашто, да беше МНТ вистински театар на денешницата, ќе се заблагодареше и ќе го одбиеше орденот. Особено зашто доаѓа од рацете на таков „претседател“! Ама за тоа треба да биде вистински театар, со вистински уметници во него, нели? Зашто, и онака, ваквите орденисувања на културните институции доаѓаат само и исклучиво попатно, по повод некакви (заокружени) јубилеи кои што државата си ги смета за свои односно за свој успех. И тоа му доаѓа исто како да си доделува орден себе си! Со други зборови, ќе ми беше помило – иако навистина немам ама баш никаква врска со нашиов театар, политичкиов и „културниов“ – ако орденот дојдеше како резултат на некаква значајна меѓународна награда, или успешна сезона, или … не знам каков друг творечки и културолошки битен резултат / настан. Да ме прашаше мене „кабинетот“ на „претседателот“, ќе му доделеше таков орден лани на Драги Михајловски за неговиот превод на собраните дела на Шекспир! Зашто тоа е вистински настан не само за македонската преводна литература, туку и за македонскиот театар. Човекот ги обезбеди сите идни македонски театарски генерации со македонски Шекспир! А овие во МНТ, денес, направија – што? Го заслужија орденот со – што? Само со фактот што случајно се нашле таму, во вистинско време и на вистинско место? Па дури не смогнале сили ни да го одбијат орденот!

Инаку, во оваа наша целосно первертирана и налудничава (културна) стварност, овој чин – од многуте слични – некако највеќе ми наликува на онаа ретроспективна претстава на омилениот ми и никогаш непрежален Ацо Станковски алиас Сарајлија во Музејот на современата уметност, кога (и тој) го чекаше Хорхета да му ја удостои изложбата, исто како да му закачил орден. Каков (анти)авангарден политикантски перформанс беше тоа, зачинет со подопашниот му „професор“, библиотекаркана и домаќинкана што глумеше директорка! Македонскава актуелна логика на лудилото си ги наградува пулените. Или, како што вели Југослав Петровски: „Ова ми личи на гуслар, кој без престан пее хвалоспеви за самиот себе, а истиот тој гуслар никогаш не ни видел бој, туку, цел живот, само и единствено, гуслал…“!

Ќе успее ли некогаш македонскиот Уметник да и’ каже НЕ на политиката?

8.

Затоа можеби и не докрај го разбрав Александар Поповски? Што толку се жести човекот? Па барем нему треба да му е јасно на кое дереџе е македонскиот театар. Иако, признавам, и јас подеднакво се нервирав пред некоја година кога тутуруткана во Националната галерија го „организираше“ шеесетгодишниот јубилеј како да станува збор за маалска забава! (Иако не се сеќавам дека и’ дадоа орден? Можеби толку беше заслужила, зашто за неа, практично, „орден“ беше директорското место. И таа „успешно“ го одработи трансформирајќи една сериозна институција во селска меана!).

Но, се разбира, Поповски точно го лоцира „предметот“ на неговите недоумици и тука човек не може да не му се придружи. Ама, повторно, ни „говорот“ на „претседателот“, како впрочем ниту самата негова појава, не успеаја да го мотивираат МНТовското и останатото македонско глумиште едноставно да му завртат грб на орденот. Но, и зошто би го направиле тоа кога мнозинството од нив (со чесни исклучоци) смета дека актуелниве бараби од нив направиле – луѓе!? Колку подолу може да падне македонскиот театар? Изгледа може, многу!

Но Поповски, колку што разбрав, не е толку загрижен за македонскиот театар, или тоа што остана од него по политичкиве налудничави турбуленции изминативе години, туку од малоумниот говор на „претседателот“. Особено од едно парче, во коешто овој, „вдахновено“ како и секогаш, тресе глупости: „Ниту земјотресот, нити цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар. Не успеаја заради една длабока човечка потреба, а тоа е потребата да се биде дел од големиот наратив во чие средиште е борбата за правда, мир и љубов“. И сега Поповски си чука глава да дешифрира што ли му значело она „политичката коректност на денешницата“ на Хорхета. Залудна работа, кога ни тој нема појма што сакал да каже. Како и обично, впрочем. Но мене не ме интригира тоа парче на неговиот „говор“, уште помалку што и како мислел со тоа да каже. Мене секогаш повеќе ме интересирало кои будали му пишуваат такви глупости на еден претседател, па нека е и „претседател“ од калибарот на Хорхета. Или – самиот си ги пишува? На што, се разбира, немам коментар!

9.

И бидејќи Поповски одлично го анализира ова парче на вдахновениот Хорхе, па јас немам причина повторно во тоа да се мешам, ми остануваат две други, подеднакво интригантни, парчиња: она за земјотресот и она за цензурата! Инаку, навистина не мислам дека ова бил некаков значаен говор на „претседателот“, зашто впрочем тој таков и немал, ниту пак дека тој, или некој во негово име, знаел што сака(л) да каже. Но сепак, самите поими, а во контекстот на културата особено, се интересни и прилично асоцијативни.

Па така, еве прво за земјотресот. Да, ама кој? Малку ли ги имало на ова тло? Но бидејќи треба да е нешто доста прозаично, и хронолошки блиско, што пак  соодветствува на меморијата и инвентивноста на Хорхета или на тој што му го пишувал тоа, веројатно станува збор за оној земјотрес од 1963 година. Ама зошто „претседателот“ би мислел дека токму тој земјотрес требал / можел да ја „спушти завесата“ на македонскиот театар? Прво, македонскиот „претседателот“, или тој кој му го пишувал ова, белки не мисли дека македонскиот театар, па нека е и МНТ, навистина може да се урне од еден земјотрес, па нека е и таков како тогашниот во Скопје? Белки знае дека земјотресите уриваат згради, ама не и театри? И дека театарот не е (само) зграда? Или за него тоа е исто? Или тој мислел дека во тоа време, во 05.17 часот наутро целата постава на МНТ, плус вкупното македонско глумиште, се наоѓале во тогашната зграда на театарот? Зашто само така земјотресот ќе можел (и) метафорички да го урне македонскиот театар. А да беше библиотека во прашање, ќе се урнеше ли и македонската писменост?

И впрочем, дури и да било така, како би можел еден земјотрес така едноставно да ја „спушти завесата“ на театарот? Скопскиот земјотрес, таков каков што беше, направи големи бељи во градот, па и во скопската / македонската култура, во физичка смисла. Ама не урна ниту една институција, барем не на начинот како што тоа го прави бандата на која што припаѓа и „претседателот“! Такво уривање, и физичко и духовно,впрочем не му успеа ни на „минатиот систем“, како што милува да го нарекува „претседателот“, оној систем во кој што и тој се закити со редица звања. А сега му импутира дека бил – цензорски. Но за тоа во следната прилика.

 

ЦЕНАТА НА ЛУДИЛОТО

или

ЛОГИКАТА НА ЛУДИЛОТО (2)

4.

Кога визурата на (сегменти на) македонсково актуелно лудило би била искрена, автентична, рационална или емотивна, дури „идеолошка“, во извесна инстанца би можеле да ја прифатиме и како разбирлива. Се разбира не мислам тука на социопатската врхушка кај која што, очигледно, нема ни „и“ од идеолошка, па дури ни партиска, а најмалку национална, нишка во постапките низ овие десетина години. Повеќе мислам на онаа платеничка инфраструктура изградена да им го чува грбот, инфилтрирана стратегиски на главните пунктови на македонската „јавна мисла“ – иако тука најмалку станува збор за мисла, а уште помалку за јавна, во вистинската смисла на зборот. Оваа инфраструктура, распоредена главно во медиумската сфера, но и на клучните места низ државната и останатата подопашна партиска или партисколика „војска“, командувана главно од еден центар, некогаш покажува дури и многу поразвиени форми на налудничавата логика. Можеби бидејќи мора да најде одговор, или оправдување, за сите бескрупулозни варијации на практикувањето на власта на газдите им?

Не знам, но секогаш, по правило, останувам запрепастен пред налудничавите конструкции што треба да ни ги објаснат – онака, стручно, експертски – случувањата во државава, каде што, нели, оние опозициски петоколонаши полека но сигурно ја предаваат државата ту на странците, ту на домашните непријатели, ту на едикојси кој не е на страната на барабиве. И колку човек однапред да е подготвен на се’, на сите можни варијации на една те иста тема, до сега видени и чуени којзнае колку пати, не успева – барем јас не успевам – да го притисне наредното копче на далечинското, да ја сврти следната страница на весникот. Како некое проклетство што прашува: до каде може да оди човечката лудост, која е долната граница на човечката (интелектуалната, ако воопшто така може да се нарече и ако воопшто има врска со некаков интелект) мизерија, каков и колкав е влогот во таквото губење на достоинството?

5.

Историјата потврдува дека ниеден режим не опстанува долго без соодветна поддршка во медиумите (моделирањето на јавното мислење) и (барем дел од) интелектуалната елита (кај нас, се разбира, со неопходни наводници!), кои ќе ја шират логиката на лудилото на режимот претставувајќи го како единствена народна опција. Особено во земји како нашава, кои поминале низ секакви идеолошки и платенички турбуленции, таа приказна требало одамна да е елаборирана. Ама – не е, очигледно.

И не мислам тука само на онаа, со уште една во низот продолженија, бабина приказна како од пред „Кооператива“, што ни ја раскажуваше „народнана трибуналка“ ала „баба врачара“ како излезена директно од некој хорор на Вес Крејвен. Тој нејзин филм веќе доживеал толку репризи што, ако не се дигитализира, ќе се самоуништи. Што не ќе биде голема штета, нели. Но проблемот не е во квалитетот на филмот или во веќе општопознатата налудничава благоглаголивост туку, повторно, барем за мене, во мотивите за таа поддршка на логиката на лудилото. И не само кај неа, и не само пред ден-два, туку во континуитет од повеќе години. Поточно, кои, какви и колкави (или во која валута изразени?) се мотивите за таквата заштита на барабиве?

Зашто, извинете, ама дури ни на филм, па нека е и македонски, не можат да се екранизираат сите будалаштини што ги произведе оваа логика на лудилото на избраните и нивните мегафони. Без оглед што таа / тие мислат дека мнозинството граѓани мислат како нив. Во тоа не се сомневам – дека  мнозинството бараби навистина мислат како нив. Ама тие не се и мнозинството во оваа држава. Напротив. Што ќе се покаже бргу, на дело, иако веќе и она што само го слуш(н)авме е доволно. Ама овие за тоа не говорат. Зашто во тие темни ќошиња на македонскава страшна реалност тие никако не завлегуваат. Бидејќи таму одамна не палат ни теориите на заговор уште од времето на Букурешт и Версај (коишто, нормално, се причината не само за комплетната пропаст на актуелниве политики туку и за криминалите на челниците, веројатно), или дека на оваа држава некој од надвор цели десет години не и’ дозволува на Владата да истера цел мандат туку на секој две години ги тераат на избори (како да сите сме малоумни и заборавивме дека самите си ги организираа сите вонредни избори зашто беа сигурни во добро подготвената кражба на „вољата“ на народот), или дека некој друг, а не нивните криминалци, води психолошка војна со државата и народот, дека … ова, дека она! Ним пред очи постојано им е „националниот лидер“, кој шест пати во денот кажува друга „вистина“, кој од февруари до денес барем стотина пати раскажуваше национал-патриотски бајки за тајни служби и комбиња, за сечени и лепени материјали, за чесноста и непогрешливоста на неговите ортаци, и секој пат тие приказни се уриваа како кула од карти и тој остануваше  пред јавноста како празна лејка.

Зарем е можно, за каква и да е’ цена, некој да легнува и станува со такви бараби во устата? Мислам дека ни најблиското, семејното опкружување нема толку високо мислење за актуелниве „патриоти“ како што тоа го прават нивниве подопашници!

6.

Затоа и прашањето: што е тоа што го добиваат овие луѓе како надомест за ваквото континуирано пласирање на говорот на лудилото и замајување на јавноста? Се мери ли тоа со некои вообичаени, секојдневни човечки параметри или останува подоцна да откриеме што се’ било во игра? Ама што и да е’, зарем човечкото достоинство, образ, чест, имаат таква и толку ниска цена? Или, повторно, не е ниска? Па нека е и висока. Ама колку е тоа – висока? Се мери во куќи, станови, стабилни валути, бизниси на синовите (како кај „амбасадорон“) или ќерките, некое место во дипломатијата …? И – вреди ли?

Цената на говорот на лудилото според убиствената логика на властодршциве мора да соодветствува на степенот на лудилото. Затоа и мегафониве како да се натпреваруваат кој може повеќе, и подобро, да го трансформира фото роботот на битангиве во портрет на некакви сериозни политичари. Веројатно набргу, како што ќе се ближи за нив судниот ден, реториките на лудилото ќе добиваат на интензитет и ќе почнат да не’ убедуваат дека ние ќе бидеме загубени без бандитиве што секојдневно не пљачкаат и малтретираат, дека оваа земја малтене нема иднина без нивните криминални зделки и политики, дека државава нема да биде иста – без нив. Е тука ќе бидат во право. Барем еднаш, за прв пат во животот!

ЛОГИКАТА НА ЛУДИЛОТО

1.

Логиката на лудилото, залегната во мозочињата на актуелниве македонски „патриоти“ и нивните коалициски побратими вели: само ние сме нормалните, сите други се луди! Затоа и мислат дека флоскулите од типот „ова веќе не е политика“ или дека „нашиот народ не го заслужил ова“ се однесуваат само на другите, дека токму тие други, ете, не само што го допреле дното туку „сега е дефинитивно дека го пробија и дното“! Другите, се разбира, ама не тие, кои цели десет години мислеле „на отворање нови работни места“ (веројатно за оние кои потоа ќе седат дома и ќе примаат плата), „на куќи за младите“ (кои впрочем се одамна исселени од државата, ама како млади, во случајов, можеби ќе поминат и некои шеесетгодишници), „на градење фабрики“ (коишто, ете, толку ја индустријализираа земјава што веќе и не може да се дише), „нови болници“ (каде што министерон за смрт ќе експериментира со некои негови нови „методи“), на „проекти од интерес за народот“ (од кои провизиите ќе одат на сметките во Белизе и некои други островски даночни раеви) итн.

Којзнае какви се огледалата во коишто секојдневно се огледа власта, но очигледно не се како другите, нормалните. Или се како оние благоглаголиви огледала од бајките – единственото нешто запаметено од детството и пресликувано илјадници пати дури до возрасните години? Ама ова веќе ги премина и границите на т.н. младешко лудило во кое што се’ (не баш буквално разбрано) е дозволено. Но кај нас лудилото ги надмина и границите на апсурдот, на безумието, на парадоксот. Логиката на лудилото на нашиве „патриоти“ вели дека е подобар хаосот од редот, дека колку е полошо толку е подобро, дека назадувањето всушност било напредување …! Оваа и ваква логика се ежи и добива нервни напади од зборовите од типот „ред и поредок“, „устав“, „закон“, „чест и углед“ … И од случајните или намерните поистоветувања, зашто носителите на логиката сметаат дека некои нешта им се само ним дозволени. Другите се тука да им удоволуваат на нивните барања!

2.

Како инаку да се објасни, себе си но и на другите, сета оваа безочна и апсолутно бескрупулозна налудничава замена на вината и обвинувањата на сите други токму за нивните злосторства против македонските граѓани во изминативе десетина години? Како поинаку да се дефинира логиката на врз другите делегираната вина за комплетното урушување на системот, за протерувањето на демократијата без право на враќање додека се тие тука, за тоталното отсуство на одговорност (не само) кон граѓаните на оваа земја и идните генерации? Или, како е можно точноста на констатацијата дека „Македонија е заложник на лудилото на неколку луѓе“, при наводно здрава свест, да се пресликува кај другите кои ни биле ниту се во позиција да одлучуваат за какви и да се’ битни прашања за земјата и народот, уште помалку да реализираат нивни замисли што толку би допринеле за општата катастрофална ситуација?

Прашањето на ваквото типично социопатско дистанцирање од сопствените постапки на цела една клика и бркањето вештерки во туѓиот двор сигурно не ќе беше можно без претходно креираната благонаклона атмсофера кон таквиот тип на однесување. Впрочем, тоа беше и она фрапантното, но за жал и вистинитото, македонско секојдневие низ овие десетина години: едно креаирано / конструирано опкружување со слична логика, една (не мала) група за константна поддршка на логиката на лудилото на властодршците во сите негови манифестации, стратегиски позиционирана на невралгичните контролни точки на „дневната вистина“ и со еден команден центар. И тука не може(ше) ни пиле да прелета а да не биде дочекано од снајперите на лудилото. Или, ако сакате, а бидејќи го пишувам ова токму на (три)годишнината од бруталното исфрлање на опозицијата од македонскиот парламент, зарем таквиот бесрамен чин ќе беше неказнето до денес спроведен без комплетната лудачка логика што го следи системот на овие? Зарем ќе беше можно дури и целата вина да се префрли токму врз исфрлените кои, ете, не сакале да го изгласаат државниот буџет!? Секој нормален би помислил дека една земја, после тоа, едноставно не може да продолжи понатаму без сериозни последици по менталното здравје на граѓаните. Но логиката на лудилото ги поништува сите други логики, особено – нормалните. Ние продолживме како ништо да не се случило! Затоа впрочем и држи констатацијата на Геровски дека „… се’ друго потоа се – наши грешки“. А таквите грешки се едноставно недозволиви. И токму затоа логиката на лудилото ги доби димензиите што денес, и вчера, повторно ни го креваат притисокот. Нормалната логика не може да се справи со лудилото од нашиве локални димензии. Нашата „нормална“ логика упатува на мирољубивост, на демократичност, на почитување на правата на другите, па и во вршењето на државните работи во наше име. Ама логиката на лудилото токму тоа го сака, го чека, токму такви кои ќе им ги препуштат не само работите туку и животите во нивните налудничави раце.

3.

Логиката на лудилото не само што сметаше, туку и докажа дека на се’ може да се стават розови очила, да се наметне поинаква визура, нова / уште една лажна реалност (која што не е дури ни виртуелна, зашто лагата е само реална и никаква друга) на вина отсликана во ликот на другиот. Морфологијата на македонското лудило полека станува светски нагледен пример и сигурно ќе се изучува на соодветните универзитети. Прашање е колку ние научивме од овие десет години? Односно колку сака(в)ме да научиме. Зашто, буквално пред очи ни се одигруваше една комплетна слика на структурата и „законитостите“ на логиката на лудилото, можните развојни шеми, начини и методи на функционирање. Многу години поминаа пред дас е (у)види дека имаме работа со сериозни пациенти.

Денес пак, оваа македонска домицилна логика на лудилото е на својот врв, доживува екстатичен климакс броејќи ги последните денови. Затоа е и најгласна, најмонструозна, најубоита. Ним, ете, им било доста од нас, трпението им било при крај (со што ли толку ги изнервиравме?), на криминалците им е преку глава некој да ги прозива, на барабите и уличарите им здодеало да им се поттураат криминалите под нос, особено кога станува збор за оние за коишто мислеа дека ќе останат вечно сокриени од граѓаните. Впрочем тоа е уште една одлика на оваа логика: дека нештата во нивниот налудничав свет траат вечно! За среќа, вечноста е резервирана за други нешта, а за налудничавите бараби и непоправливите криминалци постојат соодветни институции!

„УРЕДНИЧКА“ ШАРАДА

или

(НЕ)НОРМАЛНОСТ (7)

22.

Таман решив да завршам со нашиве повеќегодишни (не)нормалности кога, ете ти, со тресок доаѓа апелот на Колегиумот на „Вест“ за сите нешта што им ги прави оваа (не)нормална власт. И пак си мислам: како во последно време сите се узјогунија, на сите некој (а посебно ова ненормалниве) нешто им прави, фрчат на сите страни некакви соопштенија, апели, молби, жалби … Општ предизборен и Пржински мотивиран / структуриран хаос! Згора на се’, на шапшалон Мицов му пречи што луѓето во албанска телевизија говорат на албански. Веројатно треба да говорат кинески? А оние во „Вест“ да си го превземат весникот и самите да си именуваат главни и одговорни уредници, евентуално да им продолжуваат, по можност доживотно, договори на оние кои им се по ќеф, и се’ така со ред?! Не знам зошто луѓето (се’ уште) мислат дека некои права им се само ним дадени, неприкосновено, дека некои слободи треба да ги уживаат само мали групи (можеби избрани?) поединци – меѓу кои новинарите се меѓу првите – дека само нивните проблеми се проблеми од општ односно јавен интерес.

И немам намера да пишувам за македонските медиуми (иако за некои од нив сум напишал повеќе текстови од многумина „новинари“ заедно) зашто тоа е однапред загубена работа. Со мали исклучоци, се разбира, ама навистина многу мали. И јасно ми е дека без слободни медиуми нема слободни граѓани (за избори муабет да не правиме) и демократска јавност, ама, извинете, да не треба да ги прашам оние од „Вест“, или и оние од Пржино, кого да ставам за главен уредник на мојот блог?

23.

Се сомневаме дека тајмингот за политичкото преземање на „Вест“ е намерно темпиран за време на престојните празници, за да се избегне вниманието на јавноста и особено на претставниците на меѓународната заедница во Македонија. Колегиумот на „Вест“ на чело со Михајловски стравува дека смената е отворен обид од Владата да го скрши „Вест“ како уште еден силен глас што успеа да даде приоритет на јавниот интерес пред партискиот и владиниот интерес и да промовира граѓански активизам. Досега, Колегиумот на „Вест“ истрпе политички притисок преку менаџментот на МПМ за многу објавени и необјавени теми и вести, а имаше и цензурирана насловна страна. Стравуваме дека смената на Михајловски како главен уредник неминовно ќе значи и смена на уредничкиот Колегиум и ќе ја укине уредувачката политика водена од високите стандарди на балансирано новинарство и заштита на јавниот интерес“, вели Колегиумот на „Вест“! Какво ли е сега тоа „политичко преземање“ кога нивниот газда одамна е во политиката со (не)нормалниве? Како ќе си го преземе весникот од сопствената политка? И како ли овие – тој т.н. Колегиум – ќе го спречат во тоа? Зарем со апелот директно до меѓународната заедница, а не до нашава локална боранија? Зашто, веројатно, ние останатите овде не можеме да им помогнеме, ама тие – можат?! Па тоа „меѓународната“ само со нас да се бавеше, малку ќе и’ беа часовите во денот!

А баш сакам да видам како ќе им помогнат. Иако повеќе ме интересира зошто би им помогнале? И ме интересира зошто Колегиумот на „Вест“ не им помогна на другите кога им требаше слична помош, односно не се обрати до меѓународната заедница, во нивно и во свое име, туку си ја тераа „политиката“ (ако и тоа, воопшто, може да се нарече политика) на газдата? Или ја тераа политиката на главниот и одгорен уредник? А тој – чија политика терал? Своја? И како не им текна да напишат две-три „слатке речи“ околу кандидатурата на нивниот газда за генсек на ОН? Ама сега – некој се обидувал да „ги скрши“? Брее, па не можете да скршите нешто одамна распадното, нешто пред многу години врзано за погрешниот столб на вистината. Не знам дали само мене (дај боже да е така, ама не е) ми се гади кога ги читам флоскулите од типот „силен глас“, „јавен интерес“, „високи стандарди“ и „балансирано новинарство“. Како да читам за друга земја, и за други медиуми!

Признавам дека одамна, веќе десетина години, не можам да го разберам македонското „новинарство“, што секако е мој проблем и не барам помош од меѓународната заедница за тоа, а и моето неразбирање не е некаква голема загуба за локалново „новинарство“. И како само нивните проблеми се и општи проблеми, а проблемите на другите се – само лични проблеми за коишто тие немаат ама баш никаков интерес? Или имаат – ама оној на газдите?! Нека каже кој како сака ама корените на нашава (не)нормалност се (нај)солидно зафатени токму во таквата плодна почва каква што е македонскава уредничко-медиумска шарада. И „новинарите“ во нив.

24.

Кога ќе се соочите со вакви крајно иритантно-дегутантни соопштенија и апели, навистина станува премногу очигледно во која и каква (не)нормалност живееме. Ненормалност без чест и морал, без чувство за одговорност за постапките и проценките, амблематична саможивост и безобзирност што целосно заборава на се’ друго освен на личниот интерес. И уште безобразно повикува на одбрана токму на нивниот интерес, заменувајќи го со (божем) општиот. И сите ко еден треба да станеме во одбраната на нивните „загрозени“ позиции, за да можат тие и понатаму да си ја тераат својата приказна, а во „наше име“! Имаат ли овие луѓе претстава што се’ се случи низ државава изминативе години, колку квалитетни луѓе беа сменети од нивните раководни позиции, колку луѓе останаа без работа заради своите демократски и политички убедувања, како и колку цели општествени сегменти беа комплетно девастирани и крајно корумпирани … па тој нивни фамозен Колегиум збор не кажа во нивниот весник? Чии позиции и интереси бранеа тогаш, а чии – сега? И нема ли, утре, да ги слушаме истите флоскулите од типот „силен глас“, „јавен интерес“, „високи стандарди“, демократски принципи и слични нешта и од другите актуелни подопашници на власта, тактички распоредени во сите други медиуми, институции, јавни установи …?

ЗА (НЕ)ОДГОВОРНОСТА

или

(НЕ)НОРМАЛНОСТ (6)

19.

Кога кај нас би почнале разноразно началници, министри и останати   полуписмени функционерчиња да им се извинуваат на граѓаните како оние во Хрватска, би морале тоа да го прават по цел божји ден зашто збирот на глупостите на оваа администрација е неизмерлив. Ама нашиве го немаат (ни) тоа чувство за одговорност. Оперирани се од тоа, како впрочем и од многу други на нормалните луѓе примерени нешта. Знам дека примерите за нашата (не)нормалност можам да ги влечкам уште којзнае колку трошејќи си го и своето но и времето на тие кои евентуално тоа (ќе) го читаат, затоа можеби е побитно да се најде еден кумулативен поим што на задоволителен начин ќе ги обедини сите актуелни ненормалности. Се разбира тоа е работа на избор и секој веројатно би се определил за друг поим, но мене прво ми паѓа на ум токму зборот – (не)одговорност. Ми се чини дека тој сосема релевантно ги обединува сите (веќе) спомнати и неспомнати „капацитети“ на актуелниве пациенти – минати и сегашни, веројатно и идни (до април, се разбира!) – коишто, доколку некој сериозно и темелно секојдневно ги регистрираше ќе станеа особено значајно историско четиво. Зашто неодговорноста е, некако, симболичен белег на изминативе десетина година, заштитен знак на секој од овие поединечно но и групна партиско – државна слика во сиво, секаде и во сите области, таксативно. Токму таквата лична и збирна – да не речам колективна, зашто не с(м)е сепак сите за во тој кош – неодговорност се провлекува од ден во ден, од година в година, како вистинска црвена нишка што ќе го обележи изминатиов период на државна (не)нормалност.

Не знам дали во нашиов случај може да се раздвои личната и збирната неодговорност, дали такви нешто воопшто постои во случаи слични на нашиов. Зашто, може ли, на пример, еден пратеник во Собранието да се смета за (не)одговорен и исклучен од општата одговорност што ја носи неговата влада, партија, коалиција …? И утре да се вади, демек, не знаел што навистина се случува(ло)? Можеби и може, ама само на филм, или на некој од нивните „Застава филм“ медиуми (Фрчковски) кои од реалноста штанцаат виртуелност за теснопартиски потреби. Во некоја блиска иднина, кога ќе се делат историските значки за неодговорност кон државата можеби и ќе се направи некаква (командна?) ранг листа. Којзнае.

20.

Но, нашава неодговорност, како и се’ друго што се случува на ова парче земја, е специфична и само наша, неспоредлива и несподелива. Нашава неодговорност не е само на штета на другите, туку често и на своја лична штета, и на своите блиски. Што, повторно, говори за одредени социопатолошки дијагнози од епидемиолошки размери. Зашто, инаку, зарем некој така би молчел, би се правел мутав и глупав (иако има и такви!) како да целиов отров развеан низ македонскиов воздух нив и неговите не ги допира? Или умее, отровот, да избира семејно, по пријателска линија или партиски, па тие и нивните да бидат поштедени а концентрациите да се насочуваат само кај другите, кои и да се? И може ли човек тотално неодговорен кон своето семејство, блиските и пријателите, да биде одговорен кон другите, особено кон државата?

Или можно ли е ваквото неразумно и несразмерно задолжување на државата за којзнае колку генерации однапред да не ги тангира и нивните семјства, блиските и пријателите? Зарем (и) тие нема да го враќаат тој и толкав долг, или мислат дека ќе бидат на некое друго место? Ама можат ли со себе да ги поведат и сите поблиски и подалечни? Толку ли се збогатија? Или баш и не им е многу гајле ни за нив? И повторно: може ли луѓе кои се толку неодговорни кон иднината – финансиска, а поврзано со тоа и секаква друга – на своите блиски и подалечни, да бидат одговорни кон државата и „обичниот“ народ?

Или, ако сакате, можно ли е одговорен човек да го разнебити на таков и толкав начин образованието (во сите степени) во сопствената земја, речиси до неписменост и рамниште на вуду магија или бабини деветини (по наше)? Зарем неговите блиски и подалечни, деца и децата на пријателите нема да учат овде, сите ли ќе заминат по странските белосветски школи? Ама и градинките ни се такви, и основните училишта, така што тие им ги „лепат“ основите на (не)образованоста. Или пак, понатаму, може ли некој толку да си ги мрази и блиските, и пријателите и целиот народ па да дотера до такво неодговорно поведение да му ја разнебити целата култура и современа уметност? Систематски и најнеодговорно да стимулира негативна културна селекција, шарлатанство, апологетство, културна и творечка дезориентираност, лажни вредности …? Ама онака, баш својски и патолошки, да го постави целиот вредносен систем наопаку, зашто поинаку не знае, а и не сака да знае!? Да му смени личен опис на главниот град, да му смени идентитет на народот, да му ја преврти историјата на глава … и згора да не’ убедува дека така ни било подобро!? Нивнава актуелна неодговорност веќе ги поништи сите општествени норми создавани толку децении.

21.

Таквата и со такви размери неодговорност преминува, како што спомнав, во облици на социопатија. И не е непозната, видена е и проучувана низ историјата, ама секој мисли дека ќе биде одминат од таквата чума. А нашава е токму таква, историска и коси како чума. Последиците ќе бидат видливи со децении, ќе генерираат нови и нови неодговорности зашто веќе неколку генерации пораснаа задоени со таков прсотачки, провинцијален и неодговорен дух!

Неодговорноста природно генерира (идна) неодговорност на сите рамништа. И тука како да нема спас. Односно, можеби и има, ако таквата веќе дрска, безобразна и дијагностички потврдена неодговорност започне да се казнува – максимално, беспоштедно, за пример. И тоа е (нај)сериозната задача за деновите / годините што претстојат. Инаку – Господ на помош!

СЕГА НЕ НИ Е СМЕШНО

или

(НЕ)НОРМАЛНОСТ (5)

15.

Кога би почнал сега да ги набројувам сите разлики во (не)нормалноста кај нас и во цивилизираните, сериозните демократии, би ми требал цел ден. Но, еве, на пример, последната опаска на Хилари Клинтон за Трамп дека „не е веќе смешен, опасен е!“, е еден од начините како нормалноста во старт се справува со одделни (не)нормалности односно потенцијално опасни за државата појави. Тоест, првиот чекор, неајважниот е: нештата веќе во старт да се именуваат со вистинското име, за да нема никакви натамошни недоразбирања. А понатаму, се работи на отстранувањето на можните закани односно елиминирањето на посочените опасности.

Знам дека ваквите формулации може да наликуваат на трилер или крими романче, но суштината е таа. Впрочем една од улогите на интелектуалците (но и на сериозните политичари) во општеството е и таа – да посочат на можните „слаби“ места, на евентуалните лоши појави и (вакви) закани и понатамошни реперкусии од истите. И не само да посочат, туку и да дејствуваат!

Во случајов апсолутно немам намера со ова да фаворизирам еден претседателски кандидат наспроти друг, иако си имам свои преференци, а и разликите се евидентни. Но примерот е доволно сугестивен, и репрезентативен, и специфичен, секако, за да се извлечат и некои можни компарации, па и поуки. Односно, едноставно, коментарот на Хилари Клинтон ми се виде како одличен пример и за некои наши актуелни (не)нормалности.

16.

Од друга страна, кога сме веќе кај претседателските кандидати, не може а да не се спомне дека и ние, пред седум-осум години, бевме предупредени за тоа што не’ чека со актуелниот „претседател“. И тоа, идентично како и во американскиот случај, директно од противкандидатот. Но, луѓето не сакаа да слушаат, па сега оф леле мајко! Но, да речеме дека тоа беше / е’ еден бенигнен пример на нашата (не)нормалност, иако со прилично далекусежни и самопонижувачки, ама сепак не и катастрофални последици.

Меѓутоа, не се сеќавам, на пример, дека, на времето, бевме на сличен, соодветно експлицитен или поинаков начин предупредувани во однос на „капацитетите“ и очекувањата од актуелниве власти. Кога велам предупредени мислам на една не (сепак) мала групација сериозни политичари, аналитичари, коментатори … од кои, очекувано, требаше да добиеме квалитетни информации / предвидувања за тоа што не’ чека. И во тоа време, говорам за времето пред десетина години, имаше барем грст трезвени, умни и политички и секако друго потковани поединци наспроти денешнава ѓурултија од малоумни „коментатори“ и „аналитичари“.

Да, некој може да рече дека лудилото не е така лесно (пред)видливо. Ама, некои симптоми веројатно веќе тогаш биле (пред)видливи? Зарем немаше ама баш никакви назнаки за оваа тотална неспособност, за оваа веќе болна неукост и нестручност, за овие хаотични умови што ја дотераа земјава до ова дно? Очигледно немало, како што, впрочем, немаше соодветни предупредувања ниту за оние претходните, оние од 1998 – 2002 година, со сето нивно (кај многумина очигледно веќе заборавено) лудило, со сите Тајвани, демолирања на канцеларии, милијарди евра, виенски балови …! Иако тие, према овие, изгледаат како мали деца!!! Или, некој може да забележи, овие денес биле само добри ученици на оние претходните?

Многумина ќе се сетат дека слатко се смеевме на почетните будалаштини на нашиве во 2006 и 2007 година, на вкупниот провинцијален менталитет (видлив уште тогаш), на оркестрираната (уште тогаш евидентна) ненормалност и првите чекори кон создавањето на типична партиска држава. Ама, многумина мислеа дека тоа се мали сипаници и дека кратко ќе трае. Ама дојдоа големите сипаници, па тргна и „Скопје 2014“, па задолжувањата, па кражбите на изборите … Оние малкумина кои успеаа да останат со здрав ум и да предупредат, им велеа дека млатат празна слама. Ама кога стана опасно – е тогаш веќе беше доцна. И веќе не беше смешно!

17.

Како и да е’, кај нас е очигледен недостатокот на свест и совест, на лични и општествени механизми што на време ќе детектираат одделни опасни за државата и демократијата појави. И ќе превземат соодветни мерки, се разбира. Некому ова може да му прозвучи и прилично ригидно, или дискриминаторски, или не-знам-како, ама дали навистина некаде во нормалниот свет е дозволено ова што беше / е’ дозволено кај нас изминативе години? Ваков феудален менталитет, ваква распојасаност, ваков општествен грабеж, ваков дилетантизам подигнат на државно рамниште? Зашто кај нас излезе дека навистина секој може се’, секому е се’ дозволено – ако е на вситинската страна на барикадите, се разбира, дека не се санкционира не само говорот туку ни постапките. Ни оние најкриминалните! Затоа нам одамна веќе не ни е смешно, ама некој тоа требаше да го предвиди на време. Посочувањето на потенцијално опасните појави, но и поединци, не е и не може да биде кршење на човековите права зашто последиците се вакви какви што ги живееме. Односно, изборот е следен: потенцијално прекршување на правата на една ограничена багра или евидентно прекршување на правата на цела држава?

И не само што никој не стана да сигнализира дека државата / општеството со ваквите „капацитети“ набргу ќе биде во опасност, туку никој, или само малкумина реагираа(т) и после толку години разнебитување на сите општествени вредности.

18.

Затоа забелешката на Хилари Клинтон, претпоставувам, никој не ја доживува како напад врз личноста на нејзиниот противкандидат, уште помалку како негирање на неговите капацитети за одредени нешта. Човек што направил такво богатство, барем во САД, не може да биде неспособен. Ама тоа се однесува на бизнисот, не и на политиката, или чувството за државност, морал, етика итн. И затоа луѓето треба да се држат до тоа што најдобро умеат да го работат. Некои, на пример, најдобро умеат да прават пари, како што кај нас некои најдобро умеат да – крадат пари! Ама тоа едновремено не ги прави и државници, нели, и добри политичари? Да, знам дека ние сме, покрај другите нешта, и најталентираната нација за се’ и сешто, ама и тоа мора да има некакви граници. Барем кога станува збор за сериозни државни работи! И впрочем, со кој образ, да не речам ум, токму оваа држава го кандидираше оној за местото генсек на ОН? И никој не се најде да стане, да срочи едно писание токму до ОН и да ги предупреди со кого си имаат работа? Иако и тие таму тоа добро го знаат, ама сепак?! Или, немаше ли некој да ги предупреди граѓаните на Скопје што се’ ги чека со Коцета, колку дрвја ќе бидат уништени, колку фасади, колку други будалаштини ќе никнат во централното градско подрачје? Или некој да спомнеше за оној Тодоровиќ и неговите „капацитети“!? А дека предупредувањата се полезни и имаат ефект покажа токму ефективната промена во Општина „Центар“, иако сега и тие, со идејата за некаков си споменик (?) на Ангелковски тргнуваат по нивните стапки. Но, ако така продолжат, и за нив треба да се издаде соодветно предупредувачко соопштение. За после да не ни биде криво!

MENS SANA IN CORPORE SANO

или

(НЕ)НОРМАЛНОСТ (4)

12.

Ако некој до сега се сомневал во нашата (не)нормалност – а такви секогаш има – нека ја прочита изјавата на г-ѓа Ременски за измените во Законот за работни односи. Таа вели: „Според она што се предлага, работодавачот на свој трошок ќе може да го упати работникот на дополнителен здравствен преглед за утврдување на менталната состојба, што пак ги нарушува правата на работниците и дозволува злоупотреба на резултатите од работодавачите“! И, се разбира, кој друг би можел да смисли вакво нешто ако не Министерството за труд и социјална политика, алиас Димето Спасов, по налог на Владата му. А овој, како послушно учениче, веднаш – разумем!

И сега, согледано од еден можен агол, ова би одело во прилог на мојата теза за нашата актуелна ненормалност, или пак некој може овој потег да го види како потенцијален „лек“ против општата (не)нормалност, како заштита на државата / општеството од наплив на нови пациенти, особено во државната администрација итн. И тој ракурс, да бидам искрен, ми се допаѓа. Тоа е исто, или многу слично, со заложбите на herr Милошоски за докажувањето на личните капацитети (а кој што, ете, кажуваат дека дури научил да бара и записници од незавршени седници!), а воопшто коинцидира и со општата клима во државава за дефинитивно расчистување со (не)способните, (не)уките, (не)умните … посебно оние закрепостени во опозициските редови. Односно, како што Хорхе почна да ја оградува внатрешната државна граница, а „архитектот“ со боксерска провениенција го сардиса објектот на Владата, ова некако му доаѓа како продолжение на акцијата, како (симболична?) бодликава жица околу државната администрација и сите јавни служби. Третата фаза веројатно ќе значи поставување и на соодветни сообраќајни знаци што ќе ни укажуваат каде смееме а каде не смееме да се движиме, околу кои објекти ќе смееме да кружиме на соодветно растојание, кои правци ќе ни бидат забранети (ако веќе не се оградени), кои ќе бидат едносмерни итн.

Од овој аспект согледано, прилично проблематично звучи запирањето на процесот на подготовка и донесување на измените на Законот за работни односи со кои им се дава право на работодавачите да бараат од работниците дополнителен здравствен преглед со кој се утврдува нивната ментална состојба.

Зошто? Бидејќи, очигледно, државата, олицетворена во Владата, Претседателот и Димето, сака – а на тоа има право и по Устав и по закони – да се огради од сите можни (не)пријатни и (не)пријателски, (не)сакани и (не)пожелни, (не)уки и (не)нормални упади на нивна територија, особено од страна на некои прилично сомнителни структури блиски до опозицијата и соросоидите, од медиумите блиски до нив и секаквите други гадинки. Вака, со вакви законски измени, оние кои сакаат да им се доближат ќе ги праќаат прво на соодветни лекарски прегледи, се разбира кај однапред договорени ајван лекари, а тие ќе ги елиминираат сите потенцијални закани со едноставна медицинска белешка! И волкот сит и овците на број – администрацијата нема да биде загадена од надворешни (не)нормалности и нивните пулени ќе можат непречено да си ги развиваат капацитетите до неслутени височини!

13.

А кога подобро ќе погледнете, нашата реалност всушност одамна е убаво оградена. Со (божем) невидлива ограда додуша, и без барање на медицински белешки, но со видливо силно партиско обезбедување олицетворено во владините министри и втори и трети ешалони, кои уште на влезот бараат друга потврда потпишана од генсекот на Партијата. Што му доаѓа на исто.

Дури, мислам дека цели општествени сектори се прилично солидно оградени. На пример културата, или образованието, па здравството … Таму се залегнати такви безбедносни пречки што пиле (опозициско, за соросоидно да не правиме муабет) не може да прелета. Актуелните ешалони на тие браници на реалната ненормалност играат улога на безбедносни „лежечки полицајци“ – што впрочем е и единствената животна улога што можат успешно да ја одиграат – спречувајќи непожелни комуникации од секаков вид. Тие се едновремено и меѓу најпосветените, најелитните единици на власта. Се’ уште беспоговорно се редат позади „архитектот“, чувајќи му го грбот! Сега се во фаза на инсталирање на безбедносни системи по институциите – ред директори, ред уметнички директори, ред менаџери. Културата, на пример, така својски е оградена, дури забарикадирана од војските на ненормалноста, што ни вонгранични елементи не пробиваат. Освен ако не се со преодна медицинска белешка од некој внатрешен. Исто е и со циркулацијата внатре – надвор. Постапките се идентични. На нормалноста не и’ е дозволено излегување надвор, освен ако не е со билет во еден правец.

Сепак, мислам дека нешто им недостасува во целиот систем. Според латинската „здрав дух во здраво тело“, а во интерес на подобрувањето на вкупната психофизичка кондиција, мислам дека надлежните на највисоко државно ниво мора да размислат за воведување задолжителни утрински, или пладневни, физички вежби. Зашто пациентите им се улежани бре брате.   Мора малку да ги размрдаат, а со подобрувањето на физичката подготвеност подобро ќе функционираат и сивите ќелии. Барем кај оние кај кој се’ уште функционираат, без оглед на нивната малубројност.

Или, ако веќе ги мрзи да повежбаат, нека им пуштаат наутро снимки од омилените му бокс мечеви на боксерот – борбите на Али со Форман, или со Фрејзер, со Листон или Холмс … или со едикојси. Ем да ги размрдаат малку ем да им го подигнат моралот!

14.

Но, од друга страна, односно согледано од поинаква (надворешна) перспектива, можеби ваквата оградена тоест гетоизирана државна неспособност ги држи нивните „капацитети“ и „кадри“ на едно место, не дозволувајќи да се шират низ државава. СЕкој знае каде да ги бара. Што во суштина не е лошо. А во светлината на претстојните избори идејата за медицински белешки може, потоа, да послужи и како потенцијална виза за надвор, за – нормалниот свет. Па кој помине – помине. Кој нема да задоволи или ќе нема соодветна белешка, ќе остане во гетото! Историјата познава многу такви примери на заменети улоги на џелатот и жртвата!!!

КАПАЦИТЕТИ

или

(НЕ)НОРМАЛНОСТ (3)

9.

Единствен сериозно разработен систем во нашава системска (не)нормалност е системот на лагата. Само таа, нејзиното височество Лагата, функционира речиси беспрекорно, има почеток, средина и крај. Поточно, нема крај зашто крајот е само нов почеток. Perpetuum mobile! Лагата и (не)нормалноста, кај нас, некако си одат заедно. Зашто лагата во нашава (не)нормалност се стопи со стварноста, многумина повеќе не умеат ни да ја разликуваат од вистината. Розовите очила на (не)нормалноста подобро прилегаат во друштво со лагата: 10 000 вработени преку проектот „Македонија вработува“, 30.000 вработени преку странските инвестиции, не-знам-колку стотици милиони долари инвестирани за добробитот на македончето во годината што изминува … итн. Како да не. А сега уште и студентите ќе ги возеле – бесплатно! Па што правеа до сега? Ги извозија, и тоа бесплатно, три пати околу Македонија. Човек ќе си рече дека уште малку па Швајцарија на Балканите ќе стане реалност, и тоа баш пред избори!

И главната оска околу која што се врти целиов наш (не)нормален систем е дека денес е подобро од вчера, а од завчера – муабет да не правиме. Почист е дури и воздухот, а загаденоста е подметнување на опозицијата. И на она Лилено-на-тато која сега се ококори и почна да блуе оган како Смауг, во дует со Пајо. Зашто ако избега последниов воз, ќе мора да почнат нешто и да работат во животот!

10.

А всушност, нема многу што да им забележите. Секој според капацитетите, секој според решеноста да прогледа тогаш кога сака. И да гледа што и како сака. Овие, ете, согласно капацитетите им, прогледале вчера и сега се колнат дека во светлата иднина ќе одат со отворени очи. И такви ќе има се’ повеќе.

А бидејќи ги спомнав капацитетите, се сетив на herr Милошоски, некогашен „хипик“ а сега „г-дин“, кому, ете баш сега, во сета актуелна (не)нормалност, му текна да бара – капацитети. И тоа прво и директно кај опозицијата. Зашто, веројатно, смета дека во неговите редови просто блика од тој спецификум. Сите се – докажани. Капацитети, секако. Сега тој бара од опозицискиот министер да докаже пред јавноста дека има капацитет да се занимава со работи коишто се надлежност на министерството за внатрешни работи. И му дели задачи. Од претходната – не бараше. Или неа и’ пишуваше на челото дека „има капацитети“ за таа работа? Или имаше физикус, што се вели? Што впрочем се покажа како „точно“. Особено, на пример, во „Диво насеље“, но и на други места. Но „капацитетов“ не бараше ниту од себе некаква потврда дека може „да се занимава“ со надворешнополитичките работи. Уште помалку дека може да биде дури и потпретседател на Собранието! Или таквите препораки, тоест „капацитети“ се потврдуваат на други начини?

Актуелнава (не)нормалност продуцира специфичен тип на македонски капацитети. Едните се за владеачката партија, другите за обичниот народ, а за опозицијата такви референци не се предвидени. Но и кај првите има (премолчена?) поделба на капацитетноста. Некои се, чиниш, родени капацитетни. Што ќе рече со секакви капацитети – поголеми, пошаренолики, дури повеќестрани … некои се со помали, можеби одвај видливи, ама сепак доволни за раководење со државни работи. „Г-динот“ Милошоски е од првите, како и неколкумина други од „врвот“. Ама далеку се од оној најкапацитетнион, толку далеку што дури не смеат ни да му преречат за капацитетот на глупоста што ја поседува. И на лагата. Затоа и е’ на чело.

11.

Но, шегата на страна, кога би се примениле барањата на Милошоски па навистина да се мери капацитетноста на секој кандидат за некаква, каква и да е’ функција, нешто како приемен испит за раководно место, каков ли циркус би гледале?! Почнувајќи од дотичниот барател, се разбира. Зашто, не е само напумпаното CV низ разноразни „леви“ школи, па нека се и високи (иако, навистина, не знам зошто факултетот се смета за висока школа кога некои, денес, се бескрајно ниски?), па партиски фирми, па леви сметала низ секакви НВО, итн. Какви ли капацитети докажуваат таквите будалаштини? Впрочем, токму таквите капацитети и ја донесоа државава на овие капацитетни гранки.

Зашто, наместо рационални капацитети, овие нудат партиско клиентелистички контингенти хиерархиски распоредени долж и попреку земјава. Оттука и нашата (не)нормална капацитетност денес не се мери со менталната и физичката способност за решавање на проблемите, туку со умешноста за марифетлук, за заобиколување на системот, за повладување на врхушката, за … Кај нас капапацитетот се изедначи со деформитетот – моралниот, етичкиот, професионалниот, стручниот, хуманиот. Сите институции се наштелувани според антонимите на поимот капацитет и капацитетност, така што капацитетот се препознава веќе на влезната врата и не се пушта внатре! Впрочем, погледнете ја капацитетноста на македонската култура денес. И уметноста, се разбира. Врие од „капацитети“ мимикриски камуфлирани во директори и стручњаци, во уметници и интелектуалци. Токму овие „капацитети“ и нивниот светоглед не подалечен од нивниот нос и џеб ја (де)формираа(т) македонската културна сцена до непрепознатливост!

Нашите пак современи „капацитети“ кои ја претставуваат државата последниве години се „од прва“ препознавани и вон земјата. Бидејќи личат еден на друг, скоцкани се ко војничиња во неспособноста им, бодат очи каде и да се појават. Кој, на пример, ги измери капацитетите на актуелноно министерче за надворешни работи кое деновиве плачеше како мало дете странците да ни дале награда (чоколадо?) ако добро ја сработиме задачата во април?

Вистинските капацитети на оваа држава одамна си заминаа. Заминуваат и оние малку потенцијални капацитети. На оние пак кои по некоја случајност – или заради различни други причини – остануваат овде, „капацитетите“ гледаат да им го загорчаат животот по секоја цена. И успеваат во тоа, делумно.