Monthly Archives: May 2014

КОГА МАЛОУМНИТЕ МАРШИРААТ

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (9)

1.

Неспорно е дека паралелно со религиозните и националните брани во човековиот ум, подеднакво ефикасни во пореметувањето на рационалното размислување се и идеополитичките убедувања и предрасуди. Иако овие последниве можеби ја немаат еднаквата погонска сила на мотивацијата како првите две, сепак идеолошките / политичките „вознеси“ (се покажало / се покажува на дело!) умеат да бидат жесток противник на умот.(Се разбира, особено ефикасни можат да бидат нивните комбинации: национално со идеолошко, религиозно со идеолошко итн!). Но, има една битна разлика: речиси по правило – а и тоа се покажало / се покажува на дело – за агилноста на идеолошките и политичките акциски двигатели битно е, ако не и суштествено, перманентното материјално финансиско потхранување на „организмот“, на неговиот секојдневен практикум. Иако тие аспекти се вообичаено добро прикриени низ разноразните супстрати на идеолошкото дејствување, ама – тука се, неизбежни се, дури неопходни се. Нема идеологија, нема политичко дејствување без материјално финансиски компензации! А и тоа ние, денес, одлично го научивме.

Таквите компензации понатаму диригираат повисок или понизок степен на инволвираност и гласност – да не речам слепило, зашто тука нема слепило, се’ е кристално јасно и чисто – во застапувањето на прокламираните „тези“, на поврзувањето на / со налудничавите замислени реперни точки на базичната матрица и дневната политика. Или, поинаку кажано, колкава доза на компензации беа потребни за развивањето на шарлатанската антиквизациска теорија, какви стимулативни средства беа барани за дневно оддржување на лекоумната (македоно)античка теза, колкава е фактурата за минхаузенштина наречена скопски барок … итн? Или најновото „откритие“ на хаџиглупакон дека Модерната всушност започнала токму во – Македонија!? Што, или колку, имено, треба да му се даде на некоја будала за да два пачворк килими ги прогласи за нова Македонска Модерна којашто, „сосема случајно“, е дури и пред историската Европска Модерна? Мислам, навистина, кооолкав шутрак треба човек да биде за да измисли такво нешто? И јавно да го каже?!

2.

Завршетокот на овие (во продолжетоци) согледувања за врските на идеологијата и уметноста, со акцент на актулените македонски состојби, не би бил целосен без краток осврт на можните форми на „отпор“ против идеологизираните зандани на мислата, против диктатот во уметноста и јавниот настап.

Во случајов можеме да тргнеме и од крајот, од веќе посочениот неодамнешен пример за спектакуларното „откритие“ (а зарем не беа сите такви кај нас?) на новата „Македонска Модерна“ токму во Музејот на Македонија. (Е ова малку ме буни, зошто тоа не беше направено во Музејон на хоророт, или во новион Археолошки музеј? Можеа килимите и таму да бидат сместени, како археолошки експонат!). Но, шега на страна, презентираните ќилими си се во ред и очигледно се производ на отворен занаетчиско – творечки ум. И апсолутно напредни за времето во коешто биле направени. Ама тоа да се прогласи за Модерна е навистина малоумно. Но, како на ваквата налудничава провокација (ќе) реагира македонската јавност – стручна, експертска, професорска …? Нормално, никако. Можеби „педагогон“ и „автор на филмови“ (ќе) има нешто да каже, зашто таквата провокација ги поништува сите негови „книги“ на таа тема? Не, се разбира, после „авторската“ вечер тој самозадоволно дреме на деветото небо. Ниту пак некој друг, или пак некоја институција, ќе се почувствува барем професионално засегнат(а) да го смести овој „стручњак“ на вистинското место. Впрочем, тоа не се случи ни пред неколку години, кога токму истиот Хаџи Пуља го катаклизмираше центарот на градот со неговото налудничаво поимање на уметноста низ формата на оние т.н. скулптури.

Оттука, отсуството на каква и да е’ (стручна, професионална) реакција на предизвиците на идеологизирањето на (творечката) стварност е некаква македонска константа. Иако не секогаш, и не целосно. Но, да одиме со ред.

3.

Имено, ниту една идеологија, ниту една идеолошко политичка пропаганда нема целосен опфат, нема комплетна (акламативна или консензуална) поддршка во дадената средина. Тоа не го постигна ни рускиот / кубанскиот /  кинескиот комунизам, не го достигна ниту германскиот нацизам. Уште помалку тоа е остварливо денес, во втората деценија на 21от век. Идеологијата веќе нема таква (а)кумулативна моќ. Ја нема дури ни нацијата / националноста. Единствен таков заслепувачки моќен двигател, според Хантингтон, можеби (се’ уште) е религијата, којашто успева да иницира и насочи огромна деструктивна енергија, кога и ако е потребно. Но ни тука (веќе) нема стопостотен цензус, ни во религијата не се сите верници подготвени на се’.

Па оттука, идеолошките дискурси, особено денес, мораат да сметаат на различни форми на (посилен или послаб, отворен или скриен) отпор манифестиран повторно главно низ неколку видливи етапи. Или, поинаку кажано, потенцијалното формирање на антиидеолошки блок поминува низ барем три фази. Се разбира, овде поентата е на Уметноста, на уметничката борба против идеологизираната свест и стварност, наспротив сите други можни форми на отпор (политички, граѓански, институционален, активен / пасивен итн.). Иако, нормално, во одделни точки сите тие се допираат на еден или на друг начин, се вкрстуваат и можеби се надополнуваат.

Зашто, колку и да сака, идеологијата / идеолошката пропаганда, па и нејзината најдобра слугинка политиката, денес веќе ја нема ударната сила на убедување дека животот е само хемиска перцепција на мозокот, дека поединецот е тука за да го следи упатството за употреба на животот дадено од власта, дека треба само да прави деца и да верува во митови и легенди набиени со националистички дух. Дека неговото мислење не е меродавно (освен во одделни „отворени денови“), дека сепак нема поединец туку логиката на стадото е современа терапија за душата … Таквите идеолошки матрици развиваат просопагнотичен тип на човек, оној кој веќе не си го препознава ни сопствениот лик во огледалото, туку постојано го гледа ликот на Водачот!

Оттука, самосвеста е битна, можеби клучна алка во секое придвижување на силите на отпор, на неприфаќање на таквата улога на поединецот и идеолошкиот диктат во сите сфери на животот. Па и во уметноста. Ако треба во втората деценија на 21от век да расправаме дали поединецот (уметникот) има право самостојно да мисли, да создава (дури и по цена да греши), да говори и полемизира за актуелните случувања во општеството, тогаш не говориме за современо туку за регресивно и репресивно општество. Наспроти сите отворени но и задскриени, брутални но и софистрицирани начини на репресија и наметнување на идеолошкиот дискурс, во општеството секогаш постојат поголеми или помали (но докажливо растечки) сили на несогласување и отворен отпор.

4.

Првата можна фаза на соочување со новонаметнатиот идеолошки дискурс секако е – шокот. Шок при соочување со реалноста, шок од подготвеноста на другиот да се осмели да диктира „домашни задачи“ во уметноста, шок од летаргичното прифаќање / молчење на мнозинството. Таква, веројатно, шок фаза преживувале и македонските уметници во времето на првите денови / години  на соцреализмот, читајќи ги критиките по повод годишните изложби на ДЛУМ. На пример, прашањето од типот „… знае ли уметникот што твори и што сака, или творештвото на уметникот е несвесно или полусвесно“, или констатациите дека „… импресионизмот е капиталистичка уметност, т.е. декадентна, назадна, реакционерна“, или пак дека „кога Пикасо црта женско лице кое како да го гледате и во профил и во ан фас истовремено, тогаш тоа не може да биде друго освен обезличување на реалноста“! Сериозен уметник / интелектуалец не може(л) да не биде шокиран, да остане(л) целосно рамнодушен кон ваквите квалификации.

Или, може ли да се замисли шокот на Дикс, Нолде, Кирхнер, Шагал, Енсор, Архипенко, Марк, Матис … и стотици други уметници кога Адолф Зиглер ги сместува на листата на „Дегенеративна уметност“?

Оттука, несомнено е дека за мнозинството така делуваше и кратката  пропагандна полуаматерска видео анимација на т.н. проект „Скопје 2014“, којашто претставуваше во суштина смешна и очајно лоша презентација на некакви (идеологизирани) визури на некое идно Скопје. Иако многумина гледаа на тоа како на можност за (демократска) јавна расправа, се покажа дека многу се излажале. Но наспроти сите (очекувани) изрази на неверување дека Македонија може да тргне по таков пат, таа вулгарна верзија на идното Скопје се претвори во отворена порака, во идеолошко политички „манифест“ за тоа што ќе ни се случува: за новата „архитектура“, новата „уметност“ … и (кич)култура на оваа држава во втората деценија на 21от век!

Речиси по истоветен шаблон, на почетокот никој не сака да верува. Потоа е веќе (пре)доцна.

5.

Шок фазата, фазата на одбивање да се поверува, сепак не трае (пре)долго. Односно, соочувањето со можниот развој на нештата и потенцијалните  консеквенци, со таа и таква наметната  реалност, иницира брзо „групирање“  на слободни неистомисленици контра матрицата т.е. либерално настроени професионални, стручни, протестни групи, но и индивидуални истапи. Но и оваа фаза на консолидација и групирање на силите е проследена (се’ уште) со голема доза на неверување во очигледните симптоми за тоа што (ќе) се случува, во негирање на отворените назнаки, па дури и дрски најави на „новиот поредок“ во стварноста, во уметноста.

Делумното и по правило расцепкано и неорганизирано спротивставување на надоаѓачката естетска катастрофа кај нас беше видливо во првиот студентски протест против изградбата на црква на Плоштадот. На студентската „Архи бригада“ (во која што „членуваа“ главно студенти по архитектура, но тотално игнорирани од нивните професори) им беше спротивставена далеку поголема и поорганизирана толпа „верници“ со црковни и литиски знамиња и икони, но и со видливи ударни групи, заштитени дури и од полициските сили. Овој тип на „граѓанско“ контра „опозициското“ спротивставување понатаму ќе стане заштитен знак на оваа идеолошка матрица. Таков ќе биде и „протестот“ на културните работници против парламентарната опозицијата, каде што со виолини и таламбаси лумпен културата ќе „протестира“ зашто опозицијата го кочела буџетот!

Оваа пак фаза, од аспект на идеопоклониците, е време на полн напон, време кога малоумните маршираат, а лековерните им се придружуваат. Во тоа време идеолошката хистерија е на врвот, се сечат црвени ленти пред т.н. споменици, се поставуваат камен темелници на идните филмски кулиси. Паралелно, започнува и процесот на инфилтрација на лумпен интелигенцијата задолжена (читај: платена) за пропаганда и величање на „новото“. И тоа се случува во сите пори на општествениот живот, и преку разни начини на инсталација. А на рака им одат цела низа погодности: збунетост на поголемиот дел од интелигенцијата, нивна колебливост, заплашеност и итн. Една од погодностите е токму комбинацијата на сите овие фактори, демонстрирана низ неделувањето и молчењето како омилена форма на „протест“ на македонската интелектуална елита. Тоа беше формата избрана и од професорите на Архитектонскиот факултет (со чесни исклучоци!) кои не само што не ги поддржаа своите студенти, туку дел од нив се трансформираа во апологети на новата „архитектура на кулиси“ во Македонија. И, како и секаде, така и кај нас, оваа „групација“ на молчаливци се покажа(ла) најбројна. Што, всушност, е и историски докажливо.

Но, од друга страна, многу позначајни за идеолошката пропаганда е диференцирањето на елитните одреди, оние ударни тупаници составени од квазиинтелектуалци, распоредени низ сите пори на јавниот / општествениот живот, со основна задача да ја величаат новата (кич)култура и квазиуметност. И таквите македонски зиглерчиња, визелчиња, семионовчиња, гебелсчиња, ждановчиња,  рифеншталчиња … ќе го окупираат целиот јавен простор, сите културни институции и нивните програми.

Одговорите на ваквата идеолошка кич окупација на стварноста – поединечни, разногласни, раштркани – не можеле / не можат да бидат соодветен пандан на поплавата на невкусот. Но, можеле / можат да иницираат расправи и полемики, да вршат естетски упади во владеачката кич пропаганда, професионално и стручно да ги аргументираат небулозите на новата матрица, да ги демаскираат квазиинтелектуалните срања на ударната идеолошка група. Тоа е некогашното време на полемиките Лазески / Протуѓер контра Киро Хаџи Василев, сегашното време на одделни индивидуални пројави преку неколку Интернет портали, социјалните мрежи (особено Facebook), еден-два печатени весници … користењето на многуте ставови и мислења на странски стручњаци кои целосно ги дерогираат локалните „идеолози“ итн.

6.

Третата можна фаза на отпорот против идеолошките дикатати во уметноста би била фазата на конфронтација, односно отворен судир на мислења, ставови но и акции контра културниот / уметничкиот естеблишмент. Зашто, од една страна, притисоците на естаблишментот и нивните трабанти јакне до врвната точка (понатаму, по сила на законитостите, започнува да опаѓа!), сите финансиски средства се делат исклучиво по идеолошко партиска линија, секоја критика се доживува како предавство, антидржавен бунт. Оттука, од друга страна, творечката опозиција сигурно доаѓа до сознанија дека годините на шок и консолидација, годините на „илегала“ и молчење не носат резултати, дека царството на кичот не се дезавуира исклучиво со зборови. Особено младата творечка опозиција по правило е носител на порадикалните ставови и идеи за надминување на состојбите, прибегнувајќи кон алтернативни модели на акција и присуство во јавноста.

Во некогашна Македонија тоа беа групите „Денес“ и „Мугри“, во рамките на некогашна Југославија тоа беа „Задарската група“, „Групата на Единаесетмината“ и слично, во некогашниот СССР тоа беше „Одеса групата“ итн. Тоа беа примери на алтернативен творечки одговор на репресивните состојби во културата и уметноста, тогаш.

Денес можностите се поголеми, репертоарот е побогат. Не само заради технолошката револуција и новите (сеприсутни) медиуми, туку и заради посилната самосвест на денешниот уметник. Едновремено, светот е дефинитвно „смален“, информацијата е на еден клик, а и изворите на средства стануваат подостапни. Македонскиот (не само) млад самосвесен уметник денес едноставно не трпи умислени „underground“ величини на кои Хорхе им доаѓа на изложба, зашти тие се денес македонскиот underground. Македонскиот (не само) млад самосвесен уметник денес ги презира идеологизираните културни институции и „гради“ свои: монтажна галерија, Serious Interests Agency, открива други алтернативни простори, се здружува во „Кооперација“ итн. Идеологијата, која е да е’ и каква и да е’, нема одговор на тоа. Зашто адекватен одговор не се и не можат да бидат минхаузенот Станковски алијас Сарајлија, „енциклопедистон“ Величковски алијас „автор на филмови“, лекоумнион Симјановски алијас „режисер и публицист“ … тоа не може да биде ни оној распојасан во лажноно злато Славенски, чија секоја ментална мастурбација се плаќа огромни пари … уште помалку тоа можат да бидат сите оние „автори“ на налудничавине „креации“ и креатури низ центарон на Скопје.

Ние можеби не сме имале македонски „Булдожер“ (позната изложба на независни уметници близу Москва во 1974 година, растурена со водени топови и булдожери), ама македонската култура, по којзнае кој пат, го виде својот дел од пеколот. Ги виде на дело и сите инквизициски методи на справување со неистомислениците, го виде монтирањето на полуписмена бирократија, ја виде инсталацијата на туткуни и шутраци на врвните места во културата и уметноста, го виде своето „културно чистење“ … Но виде и дел од можните творечки одговори, особено оние од помладата генерација македонски уметници. И без оглед како и колку тие денес се чинат изолирани и неприфатени од етаблираната (квази)уметност и (не)култура, нивното време допрва доаѓа!

ПА ШТО?!

1.

Кога од насловна страница ќе почнат да ве шамараат секакви шарлатани со нивните „нови“ откритија и „научни“ тези, е па стварно е премногу. И тоа шарлатани со секакви титули закачени на задникот, плус директори на државни инстритуции, плус не-знам-што … човек уџум да фати. И упорно дкажуват ли докажуват, покажуваат ли покажуваат … кому, што, зошто … се убедуваат себеси, другите, Грците … ја убедуваат власта во верноста кон каузата? Еве го Лилчиќ-Адамс (што ли ќе е пак оваа нова додавка на презимето, господ знае?, да не се … ај поарно да си молчам!) како (аутистички?) се прашува: „…на оваа почва живееле луѓе што користеле монети со македонските кралеви. Што биле тие?“. И нормално, за да некој случајно не се двоуми, следува одговорот: „Македонци. Тоа е еден доказ од прва категорија. Поголем доказ не може да има“.

Па што?! А кој вели дека не биле? Македонци, де. И што ако има некој кој не се согласува со тоа? Што ќе им прави дотичниов со додавката? Ќе ги беси, ќе ги стави на клада, ќе ги стрела … ќе ги замандали во Беаскуле, кога Солун ќе биде наш?! И чие, всушност, е тоа – наше? Нивно, негово и на неговите, кои и да се’?

РИМСКИ МОНЕТИ

2.

Во принцип паметно е да се одбегнува пишувањето, подеднакво и  полемизирањето, на историски теми. И археолошки (освен за вакви „бисери“). Кај нас е тоа загубено време. Особено со нашиве тазепечени патриоти и приучени властелински слугостручњаци, при што некои, за жал, ми се генерација и сум ги гледал и слушал колку знаат и умеат. И знам какви оцени имале! Со еден од „најпроминентните“ (држ’ ме мајко!) долго време делев и канцеларија. Кутриот, одвај му одеше и македонскиот, а камоли некој странски јазик. И сега, како таа персона користи странски извори, литература, или се ѕвери само во она што е на македонски (кирилица) и евентуално бугарски јазик (повторно кирилица)?

А на нивото на персонана со додавка, (кој очигледно ужива да глуми археоисторичар како и неговиот претходник на функцијата кој пак не смее да излезе од дома), не така одамна еден подеднакво „важен“ историчар, се прослави со мислата дека Илинденското востание и’ припаѓа на Македонија зашто „востанието се случило на македонска територија“!(?) Бреее, каква бистрина.  И сега – што? Некој треба на „стручњациве“ да им објаснува што е што, дека територијалниот принцип применет во современ контекст – а особено на археолошки, историски и слични теми – е меч со две острици, дека таквиот бумеранг задолжително ти се враќа како удар назад во главата, дека (и) науката подлежи на некаква базична логика, дека …!

Ако современиот територијален принцип е главниот историски аргумент, дали Илинденското востание ќе беше наше, Македонско, ако се беше случило, на пример, во Петрич? Со комплетно истите настани, комплетно истите личности … ама – друг град, што денес, случајно, се наоѓа во Бугарија? Според нашион „историчар“ (а и тој едно време директоруваше некаде) ќе се откажевме ли од Илинден?

Уби боже, станавме бетер од социјалистичкана историографија!

3.

Истата ступидна логика ја применува и персонана со американска (или британска?) чудна додавка, и тој со некаква (квази)академска поза на држење лекции по историја.

Значи: бидејќи на територијата на денешна Македонија се наоѓаат многу „… монети со македонските кралеви“, аналогно и луѓето што ги користеле истите биле – Македонци! И јас немам ништо против тоа дека тие биле тоа што биле. Ама, бидејќи на таа територија се наоѓаат и многу римски монети, дали аналогно и луѓето што ги користеле истите биле – Римјани? Или пак, ако земете да истражувате низ македонското средновековие со истата логика како персонана со американска (или британска?) чудна додавка, на пример некаде помеѓу петнаесеттиот и деветнаесеттиот век, ќе наидете само на турски односно османлиски пари. Што, аналогно, значи дека луѓето што ги користеле истите биле – Турци?! Или, ако за миг се префрлиме на теренот на некогашна палестина, денешен Израел, и ако таму се преброи количеството на римски пари, дали нашиов „научник“ ќе ги прогласи и Евреите за – Римјани?

Сепак, ајде за миг да ги заборавиме парите, зашто нашиве денешни „научници“ се очигледно опседнати со нив. Ајде да се префрлиме на треренот на персонана со американска (или британска?) чудна додавка – археологијата. И, на пример, да посакаме да бидеме малициозни, за што токму тој дава доволно материјал велејќи дека „најмногу антички монети кај нас се откривани во јужните делови од земјата“. Супер, ама токму тие јужни делови од земјата, за несреќа, граничат со Грција. И како што одиш надолу, кон југ, количествата такви пари се зголемува, нели? И? Што би заклучил нашиов (или некој како него) „научник“ со (или без) чудна додавка?

Или, ако сакаме да бидеме уште помалициозни и тргнеме по патот на неговата квазинаучна логика, какво ли е објаснението што количествата такви (македонски!) пари се намалува кон Север? Што правиме ако тие количества се прилично намалени веќе кај Скопје и околу него? Та ако Скопје не влегувало во таа и таква македонска држава, што ќе ни е истата?

Или, ако сакаме да бидеме уште уште помалициозни, можеме археоисторичарчево да го прашаме: а каде се наоѓа Пела, главниот град, престолнината на тие Македонци? Кај јужниот сосед? И?

А каде пак се наоѓа Вергина, и гробот на обожуваниот ни Филип, татко на Ацета? Пак во Грција? И?

И ако тргнеме по тој терк нема далеку да стигнеме. Затоа е ред археоисторичарчено со чудна додавка да рече: па што? И тоа е вистинскиот одговор на таквите небулозни конструкции, малоумни тези кои земаат предвид еден, и само еден конструиран „аргумент“ за да докажуват некому нешто. Или, како што вели тој, „еден доказ од прва категорија“. А зарем има и (научни или други) докази од втора, трета или којзнае која категорија? Па каде и што учеле овие луѓе, и кој и како ги учел? Јес да оној социјалистички образовен систем (зашто сите овие се всушност деца на социјалистичкото сонце, само сега се антиквизирани) беше замислен со преголеми отвори на филтерите, ама до толку? Да пропушта и шуто и рогато?!

4.

Мислам, навистина е одвратно да се гледаат вакви луѓе како се намерачиле  да ја натегнат науката според некои и нечии желби, да ги манипулираат фактите / аргументите со Мерлиновско стапче за мешање на магичните состојките. Ама, видоа пари и решија да го искористат мигот, да го товарат магарето. Допишуваат се’ по ред, онака, „научно“. За Аце и Филип, за Ванчо (Михајлов) и / или Тодор (Александров) – по коишто до вчера, повторно по наредба, плукаа – за кого сакате. По нарачка. Ќе ви го направат од црн – бел, од бел – црн. Нема проблем. И со „аргументи“ од типот дека тоа се случило на македонска територија. И знаат дека ќе стасаат на насловна страница, која и да е’. Но, што се’ издржала таа територија, ќе ги издржи белки и нив?

5.

А сепак, проблемот е што овие политички чираци понатаму се цитираат, гостуваат ваму и таму или гувеат на насловни страници на весници. Тресат ко „Максим по дивизији“ ама јавноста, од немајкаде, слуша. И по нешто влегува во уво. И останува во некоја, некаква меморија. Па после Цацко ни бил крив!

Истиот чирачки аршин на археоисторичарон со чудна додавка го применува и она човечено кое глуми архитект во слободно време, а главна улога му е државен историчар на уметност. Не знам само како „педагогон“ и „автор на филмови“ Величковски се справува со таа конкуренција, ама овој го прешиша.

Сега намислил да ни открива нова Македонска Модерна, како да е тоа некаква монета од времето на Ацета, па копни ваму, копни таму и – ете ја. Ама тој изгледа е цврсто решен зашто, уште од времето кога ни го посра градот со оние „скулптури“ што допрва некоја будала од негов формат ќе мора „да ги интерпретира“, некако се загуби. Башка, омилената му (биенална) туристичка дестинација Скопје – Венеција и назад, на која што со пајташот му Бакалчев беа претплатени (со државни пари, се разбира)  полека му бега од раце.

Е заради тоа ние сега сме приморани да ги слушаме неговите маломозочни „откритија“ од форматот на новата Македонска Модерна, репрезентирана ни мање ни више туку преку (цеееели) два пачворк килими, некаде од почетокот на дваесеттиот век. Што всушност ќе рече дека токму ние, Македонците, сме идејни и материјални двигатели на Модерната во Европа, и светот, нели? И кој сега на овој нереализиран ама амбициозен новопечен „историчар на уметност“ да му објаснува дека формата пачворк е присатна веќе неколку илјадници години во занаетчиството, применетата уметност и (многу помалку) во уметноста? И кој да му објаснува на каков потсмев би се изложила Македонија ако некој недоволно информиран (да не речам малоумен, а такви имаме доволно, дал Господ) намисли ова да го пласира и во странство? И дали будалава може да разбере дека Модерната не е човек или килим, туку цело движење, дека тој наш кројач со несомнено богата творечка фантазија сепак не можел самиот да биде историско движење, дека Модерната подразбира уште многу, многу нешта освен два килима, дека …?

И дали воопшто некој може да им објасни на ваквите шутраци дека Зејмата сепак не е – плоча? Дека тоа е апсолвирано прашање, оооодамна!

И како ли, според археоисторичарчено, би се викал народот на чија територија (Источна Англија) се пронајдени фалусоидни приврзоци? Фалусоиди … или …?

ФАЛУСИ

IGNOMINIA

1.

Нашево (пред се’) морално, а потоа и секакво друго пропаѓање како да нема крај. И институционално и лично, и групно и поединечно. Нашава (не)културна стварност се претвора во галопирачки од кон бездните на срамното, на понижувачкото, на гнасното акламативно учество во сите речиси секојдневни и непримерено бедни манипулации, лаги и измами. Во овој dance macabre учеството на т.н. културни работници – при што кај повеќето, од културата не останало ни „к“ – е веќе епско, типикалија, неприкосновеност. Иако, за волја на вистината, многумина од нив никогаш и не припаѓале во културата, во сериозната смисла на зборот. Биле напикани во оваа област низ некогаш порозните филтри што пропуштаа и секаков талог, особено оној со префиксот лумпен, се туркаа користејќи лакти и колена наместо ум и дело, а беа прифаќани – од немајкаде. Тука се, па ајде нека се, во името на плурализмот, демократичноста, фер плејот … А тие лигави, тупави, глупави, полуписмени сподоби потоа преку ноќ никнуваа(т) во „стручен“ пиреј, во „експертски“ шљам и „менаџери“, „продуценти“, „директори“ … кои коленичат секаде и со секого, „решавајќи“ важни прашања во македонската култура.

И случајот со Вања Лазарова не е ни еден, ниту единствен. Целата македонска култура последниве години е само уште еден групен негатив портрет со некој „XY“, кој случајно денес се вика Вања Лазарова. Едно чудо прецртани имиња, избришани од регистрите на македонската културна меморија, сериозни и заслужни творци, стручни лица и културни експерти, едноставно проскрибирани и од системот, и од надлежните институции и од „колегите“. А највеќе од оние дудуци кои си закачија експертски беџови „to the stars“.

2.

Колку и да се обидувате да најдете причина, логика, оправдување за оваа ignominia (јавно самопонижување, јавен срам) на македонските културни институции и поединци во неа, тоа е невозможно. Залуден труд. Во таа групна јавна нечесност и валкање во најцрната кал на неспособноста, незнаењето, дволичноста – којашто само денес се трансформирала во ликот на можеби најголемата македонска исполнителка на изворната песна, а вчера била којзнае кој, за кого не сме ни разбрале – има од се’ по малку, има најразлични мотиви. Се разбира, најдоминантни се веќе спомнатите (неспособност и незнаење на ниво на институции, глупавост и тупавост на персонално ниво), а секако и индолентност, мрзливост, завист, пизма … Но кога образот е извалкан (ако воопшто некогаш и бил чист?) тогаш сите други нешта полесно поминуваат. Секое понатамошно јавно резилење е поподносливо.

Така и нашиве културњаци со нивните оправдувања и објаснувања за системот и прописите, за (божемниот) ред и поредок на нештата. Кои, се разбира, важат од случај до случај. Да не ги знае, човек ќе рече дека цел живот работеле по ПС и закон. А кога ќе погледнете кои се’ шуши последниве години добија државни награди, па национални пензии, па станаа ова и она … Целата македонска култура во овој (само)наградувачки сегмент стана комплетна ignominia! Такво јавно себесоголовање, еднакво на буквално плукање врз себеси, е можно само кај поединци и групи кои одамна расчистиле со поимите доблест, чест, карактер, образ, став …Но, учеството во таквите политикантски „уметнички“ игри со „епски“ димензии е можно првенствено и безмалу единствено преку гаснењето на сите цивилизирани, интелектуални, воспитно – образовни, академски и разумски потстаници, за да надвладеат, да дојдат до израз најпримитивните, најприземните лукративни мотиви и страсти. Врз тој мотив потоа се таложат сите останати ниски страсти.

3.

Но мора да се признае дека системов има веќе верификувани начини, и поединци, за решавање на „случаите“ од типот на Вања Лазарова. Тие се како сили за брза интервенција, за секоја област се наоѓа по некој таков платеник кој го „разрешува“ случајот „на општо задоволство“. Онака – „експертски“. Како и во последниов пример, кога на терен истрча „менаџерон“ со веќе готов предлог за награда, што, ете, бил одамна во фаза на изработка ама никако не успеале да го достават. Можеби имале премногу ангажмани? Па секоја година со штандови ваму и таму, се претворија во луѓе – штандови, се претставуваат себеси низ подрумите на Европа, а ваму ни раскажуваат бајки. А таму им е и местото, впрочем.

И без трошка срам се нацуцулија кај женана, со се’ весници и телевизии, се раздроцаа што се вели по гаќи пред цела јавност докажувајќи дека тие никого не заборавиле, само биле презафатени. И веднаш ќе го поправат пропустот. Како да само така се обелува образот, и свој и туѓ! А сите оние други, заборавени и покопани во актуелниов културен смет што го трупаат типови како „менаџерон“? За тие за кои нема кој да напише ни писмо како Ориѓански за Лазарова?

И со десетина, не повеќе, такви и слични „менаџмент“ бесрамници,  македонскава кич култура ги држи сите конци во шепите. Не може ни пиле да прелета.

4.

Всушност, тоа се јојо поединци, луѓе кои востановената кичерајска пракса ги влече за уши горе-долу како детско јојо, кога ќе притреба. За секоја област по еден, некогаш двајца. Како засилување.

На пример, видете ги како во ликовната уметност синхроно делуваат Сарајлија и „професорон“, кого преку ноќ го преоблекоа и во комплетен енциклопедист. Сега му прават „авторска вечер“ зашто тој да ти бил и педагог (ауууу, ако неговата „професура“ се вика педагогија), па ти бил и сликар, па автор на филмови (sic!) … што и да значи тоа. И се дудлаат меѓу себе. Едниот му пишува на другиот монографии, другиот на првиот му отвора авторски вечери, ако затреба вметнуваат во игра уште по некој, ко онаа библиотекаркана која секогаш делува од позадина, им штити грб на такви бараби. До скоро правеа и групњаци, на пример со брат Милош, ама сега, велат, се испокарале. Новац квари људе, велат Србите! Ама мислам дека утре пак ќе се дудлаат, ако притреба односно ако посилно затропкаат сребрениците.

Или, на пример, видете го двоецон театарџии (со кормилар) пред некој ден. Не знаат што да прават со себе, и туп – фестивалче. И тоа меѓународно. И мудруваат ли мудруваат, објаснуваат што и како ќе прават за да ја оправдаат зградата што им ја изградија. И никој не ги прашува што навистина работат секој ден, за што одат на работа и примаат дебели плати? Битно е на месец-два да се излезе пред зеленине пренесувачни на информации (кои уживаат да се нарекуваат новинари!) и да се „открие“ некоја идна нова идеја за збогатување на македонската култура. И, ни мање ни више, МНТ како национална театарска куќа нема попаметна работа туку ќе организира – фестивал. Тоа ти е исто како на некоја друга будала да и’ текне Музејот на современа уметност да почне да организира ликовни колонии (ама меѓународни), Народната и универзитетска библиотека да почне циклус на „writers in residence“, Природонаучниот музеј да организира „Денови на лов во Националниот парк Маврово“ итн. А, додуша, не би се зачудил некој шутрак да го прочита ова и да се зафати со такви будалаштини. Особено некој од нашено непрежалено Министерство за леб и игри.

5.

Зашто нашиве луѓе навистина не знаат што им е работа. Особено тие во Министерствоно. Тие мислат дека се таму за да делат пари и гасат пожари. Како овој со Вања Лазарова. Ако некој им јави дека некаде има пожар, зашто тие се и слепи и глуви и доволно глупи да го видат тоа самите. Ако пак никој не им јави, тие продолжуваат да уживаат во сопствената ладовина и парите, да поделат по некоја пензиичка и звање и – куд кои мили мои. Просто е неверојатно како 200 луѓе можат да изгубат толку драгоцено време! И уво да не ги боли, и никој збор да не им каже.

Едноставно не можат да се добројат примерите на нивното и на нивните јојо  пулени игномично однесување, на нивното шарлатанско самосрамотење, самодеградирање, валкање низ правот на импровизацијата, идиотизмот и дилетантството. Нивната глупост веќе се трансформира во историски параметар, во линија зад која не се може. Тие и нивните јојо „стручњаци“ од типон на „менаџерчено“ кое без срам ко петле се топори пред Лазарова, или  Сарајлија сосе „авторон“ на филмови, па оние Петко и Сабота од МНТ и едно чудо други, се вистинска петрифицирана константа на нашиов (не)културен миг. Повеќе петрификат отколку константа. И зашто, ене, повторно „стручњачкана“ од МСУ отвора (еееј, отвора!) изложби, овој пат во Софија, исто како што „стручњачкана“ Палоши „пишуваше“ предговори за изложби. И оној хаџиархитектон сега, преку ноќ, ни открива Македонска Модерна во ќилими.И без око да им трепне, јавно се препелкаат во сопствениот резил несвесни ни за себе ниту за другите! За нив животот без образ е вистинската формула.

И заради тоа во нашава локална скопска mental hospital никогаш не е досадно. Пациентажата е горе-долу константа, со извесни вибрантни проблесоци во поделбата на главните ликови, или пак појава на нови, неочекувани или предвидливо очекувани, сеедно. Нашиве игноминични „константи“ се навистина незаменливи во бравурозните лупинзи, во повремените пројави на ретардираност и протоплазматична херметичност на „мисловните“ процеси, но и (длабоко верувам) искрените хаотични струења во нивните глави (не можам да речам мозоци!) што дури и не паметат што говореле вчера, а што лапрдаат денес.

А всушност, мислам дека тоа е и нивната вистинска природа, да бидат и прилагодливи како амебите или другите едно или двоклеточни суштества, адаптирајќи го сопствениот облик и преживување на дадените услови односно средината. И нема тука ништо спорно. Секој си избира начин на живот и мислење, ако има со што да мисли, се разбира. Ако нема, ќе „мисли“ со вакуолитекако кај амебите, што донекаде се идентификуваат со човечкиот анус. Впрочем, и движењето им е амебоидно, со лажни нозе или т.н. псеудоподи, што им овозможува тивко и незабележливо преминување од една средина во друга, исцицување по пат на осмоза на се’ што им треба, и – продолжување по сопствениот пат во, најчесто, непознат правец. Впрочем, и бедниот црв може да биде нечиј идеал!

Како и да е’, на овие игноминични  амебоидни суштества им погодуват вакви средини што наликуваат на налудничавите борхесовски опкружувања,

УМЕТНОСТА НА ИЗМАМАТА

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (8)

1.

Ако, како што тврдат многумина економисти, нашава транзиција ја живееме токму како времето на првобитната акумулација на капитал– онаква, од типот „До балчак“ – тогаш, можеби, сосема ни одговараат и другите „дијагнози“ својствени за тоа време, за другите нормални држави одамна изживеани. Како на пример онаа карактеристика на кичот од Гринберг, кој вели дека „кичот бил продукт на индустријализацијата и урбанизацијата на работничката класа, материјал направен за консумација на работничката класа: популација гладна за култура но без ресурси и образование за да ужива во врвот на авангардната култура“. И понатаму: „кичот, којшто го употребува сировиот материјал на снижениот и академизиран симулакрум на вистинската култура, ја поздравува и култивира оваа неосетливост“! Како да не’ имал токму нас пред очи.

И дали тука, имено, можеме да ги бараме корените / причините за оној омилен џокер на нашиве шутраци за „сликање пред спомениците“ и зградите како доказ за приемчивоста и популарноста на новата „естетика“? Иако, се разбира, таквата „аргументација“ е тотално бесмислена и изместена. Како да, прво, сликањето пред идеологизираниот кичерај во центарот на Скопје е израз само и исклучиво на некакво допаѓање или прифаќање на новиот „амбиент“, а потоа веројатно и идеолошкаприпадност, прегратка, членска карта во друштвото на кичерите, што ли? Се разбира, нашиве „идеолози“ умеат така да ги спинуваат и растегнат во своја полза нештата, што не би ме чудело утре и на туристите да им нудат бесплатно фотографирање пред кичон, за „успомену и дуго сеќање“, и да ги регистрираат како нови љубители  на скопската циркузана. Можеби некој има направено и некаква прелиминарна пресметка колкава бројност треба да достигнат овој тип „љубители“, за да т.н. проект дефинитивно биде прогласен за „проект на вечноста“? Не би ме зачудило филозофчено, минхаузенчено и по некој од страничнине упикувачи да смислат и таква „квака 22“!

2.

Се разбира, кон чинот на фотографирањето пред целиот оној помпезен кич можеме да пристапиме и од чисто теориски аспект, ползувајќи одделни (апсолутно брилијантни) согледувања на, на пример, Сузан Сонтаг, Барт или други теоретичари. Иако тоа нема којзнае колку да промени кај луѓето кои, ете, сакаат да се фотографираат пред тие грдотии. Заради разни причини. Сонтаг смета дека фотографирањето е и „учествување“ во случката, иако сакам да мислам дека малкумина од оние кои се фотографираат таму навистина го мислат тоа. Понатаму, фотографијата од тој тип може да сугерира дека тоа е вредно за гледање, интересен спомен, но и сведоштво за злосторството и (дури) чин на неинтервенирање односно пасивно набљудување! Токму тоа за што говорам. А Сонтаг пак го наведува примерот на будистичкиот свештеник кој се самозапалува, а фотографот снима зашто одбрал да неинтервенира, да не помогне … да не учествува. И некому тоа може да му изгледа натегнато, пресилно и слично, ама конечниот избор е тој: реакција, интервенција, или – фотографија!

Самиот чин на фотографирање пред овие гротескни содржини е многузначен и превртлив, што ќе рече дека можеме да му придаваме различни значења. Од преносното (објективско) прифаќање да се „учествува“ и искажување на став дека станува збор за избор на вредност, до подеднакво точните интерпретации дека тој чин всушност е псеудоприсуство односно знак на отсутност, потоа регистрација на злосторството, шокантен документ … итн. Што ќе рече, никогаш целосно не ќе ги разбереме мотивите на луѓето што се фотографираат пред скопското злосторство. Па заради тоа, „аргументацијата“ и „толкувањето“ на овој чин од страна на човечено што сака да се гледа себеси како „режисер и публисцист“ е само израз на бедна имагинација.

3.

А во контекстот на широките „народни маси“, порано веќе спомнатиот Алексиев во една прилика напиша: „Нашиве расипани политичари насила го наметнаа својот расипан вкус на набрзина збогатени простаци, на селски газди, на сопственици на јавни куќи, на гангстери и на нарко-босови. Тие трајно го расипааа секој, дури и наједноставниот личен вкус, дури и онаа, повеќе или помалку, вродена смисла за убаво кај сите луѓе и ова злосторство со умисла ги уби најневините чувства и сета искрена чувствителност на народот“.

Е, во тоа не сум сигурен. Не во она за политичарите (иако и во тоа малку се сомневам), туку во ова за постоењето на „вродена смисла за убаво кај сите луѓе“. Особено на Балканиве. (Иако, признавам, тоа би требало да важи особено на Балканиве, и особено кај нас).

Значи, прво, навистина по малку се сомневам во првата теза дека „нашиве расипани политичари насила го наметнаа својот расипан вкус“. Ако беше така, ќе не’ расипеа сите, и него, мислам на Алексиев, и мене, и уште редица други кои секојдневно ги читаме и слушаме како отворени и аргументирани противници на кичот околу нас.Што ќе рече, не баш сите го прифативме понуденото. Велам понуденото, зашто ништо од ова околу нас не се случи преку ноќкакоинсталација со волшебно стапче. Сето тоа се одвиваше постапно, преку властелинската петта колона во културата и уметноста, но овој „невин“ народ имаше и време и можности за реакција. Тие што сакаа да реагираат – реагираа. И тоа не е за занемарување. И добија ќотек, што повторно не е за занемарување, како реакција на реакцијата. Но сепак, беа малкумина, недоволни, неподготвени. А народот, како и обично, си дремеше.

Но, можеби народов и не беше целосно подготвен за тоа што следи. Си има и други грижи, секако, а не да пази кој што прави низ градов. А сепак, контурите на новиот идеолошко – естетски центар на градот се влечеа доста долго. Со години. И повторно, тие што мислеа дека треба да реагираат – реагираа.

Но, жителите (народот!) на Скопје, особено граѓаните на Општина Центар, на крајот, во 2013 година, преку демократскиот чин на гласање (толку омилен кај нас), покажаа што и како мислат за понудената матрица (барем во оној нејзин визуелен дел / репрезент). Меѓутоа, прво, тоа ништо не промени во континуитетот и интензитетот на идеолошките инсталации во градот. Второ, тоа, а ни сите подоцна изнесени факти за очајните злоупотреби, не променија ништо во превземањето и практикувањето на одговорноста за направеното. Напротив. И трето, а во контекстот на Алексиев, дали со чинот на демократски отповик на идеологијата што им наметна таков град, граѓаните на Општина Центар ги измија рацете, ја отсрамија Македонија, си ја вратија онаа барана „вродена смисла за убаво кај сите луѓе“? Можеби!

4.

Но, поентата на Алексиев ја прифаќам и ретроспективно, историски, односно имајќи ја предвид уметноста со којашто токму овој народ се среќава(л) низ вековите, уметноста којашто се’ уште е жива и му е пред очи, секој божји ден. Токму овој народ не заслужил вакво нагрдување на сопствената историја – зашто, сакале ние или не, нагрдени се сите оние значајни личности нацуцулени на сите страни – на сопствената уметност, на сопственото секојдневие. И не му се потребни којзнае какви примери од поновата (онаа  грдана, проскрибирана)  уметност, доволна е глетката во фреските и иконите по црквите (старите, не новиве!), во шарите / деталите на народните носии (за коишто пишуваа уште Лазески и Протуѓер!), во се’ уште видливото отоманско градителско наследство итн.

Оттука, ако може овој народ, со такво историско, културно, уметничко … естетско наследство да не го болат очите, и умот, од сето ова околу него, тогаш некаде има проблем. Или само мислиме дека го има? Зашто луѓето точно знаат што опстојува, а што не? И знаат дека “идеолозине“ што им мавтаат со прстот се едно големо Ништо, магла, којашто ту се спушта ту се крева, или шутови кои ту ги спуштаат ту ги креваат? Но фактот дека во овие дваесет и пет години самостојност еродираше комплетната македонска мисла – образованието, културата, науката – дека толку генерации израснаа без основни познавања, ако новопечените полуписмени „аналитичари“ секој ден ни востановуваат нови вредносни системи со (ни криви ни должни) Венко Марковски и Јован Котевски на чело, ако секоја шуша може себеси да се нарече уметник, архитект, професор … премногу „ако“ и „дека“ за сериозна држава. И кога на тоа ќе се надоврзе веќе општата сиромаштија, борбата за преживување, тоталната кичеризација и фолкеризација стандардизирана директно од државата … кога за три дена „Макфест“ државата двои 150.000 евра (пари што не ги добиваат сериозни институции за цела деценија!) …кога наместо уметност државата поддржува измама … тогаш народот се слика пред фонтаната со Аце!

5.

И се разбира, ваквите примери можат бесполезно да одат до – недоглед. Во нашево мизерно секојдневие веќе никој ни сака ниту може да води дијалог. Нема со кого. Ние едноставно не сакаме да ја согледаме сопствената стварност, или таа е толку различна за сите што таквиот хаос ни е вистинското секојдневие? Плански хрането, развивано и мултиплицирано до здодевна леснотија на незаинтересираност и заборавање. Не само  заборавање дури и на сопственото минато и традиција, она што некогаш била единствената гордост на оваа земја, туку и она што било вчера или завчера, заеднички вредности коишто нешто значеле.

Гропиус, Корбизје, ван де Рое … сите тие биле убедени дека дури иднината ќе има архитектура којашто едновремено ќе биде и уметност. Е треба да ја видат оваа македонска варијанта на таа иднина! Ние едноставно не признаваме никаков развој, никакви условености, не учиме на нашите и туѓите заблуди. Факт е дека секоја епоха, секоја генерација ја гледа / проценува историјата различно, па така и културата, уметноста, архитектурата. Ама според кои и чии стандарди, според кои и чии параметри, според кои и чии познавања? На една булумента полуписмени блефери?

Работата на интелектуалецот е резултатите на своето време да ги интегрира во некаква можна слика на комплексен развој. Каква е нашата слика? Комплексна лакрдија? И дали, како што треба, ги гледаме работите низ призмата на гледиштата на нашата епоха, или пак низ некои матни, замаглени пенџерчиња на балканската крчма полна кусогледи џабалебари? Ако пак генералната слика се формира врз база на вредностите на епохата, кои се тие вредности, денес и тука? Ова околу нас? Тоа може да се проценува само низ призмата на „уметноста на измамата“, на социјалниот и политичкиот инженеринг, на манипулацијата и културното профитерство од најлош вид, невидено до сега кај нас. Која и каква полза имаше ова култура и уметност од тупкањето в гради и врескањето дека одиме во чекор со традицијата и дека државата ни е пред се’? Ова ли е таа традиција, онаа истата (квази)барокна традиција со којашто да ти била полна Битола (според зборовите на онаа хистерична баба)? И ако се ова токму чекорите со нашата традиција, да не, можеби, говориме за различни земји, гледаме различни традиции? Зашто ова не е, ниту може да биде традицијата и културата на Стоби и Хераклеа, на Курбиново и Нерези, на Мартиноски и Личеноски, на Мазев и … една цела плејада големи творци целосно и намерно игнорирани и отстранети од денешниве митомани и измамници!

6.

На крајот, останува уште едно битно прашање сврзано со темата, поставено токму од омилениот ми стрип лик Ацо Станковски алијас Сарајлија. Прашање коешто, наназад неколку години од неговото славно и непрежалено „дело“, навистина има смисла. Прашањето гласи: „Се прашувам понекогаш, гонет од пеколните јазици на цел еден баталјон хејтери, кои не избираат зборови за напад врз објектите на нивната непресушна омраза, како би реагирале, на пример, кога проектот „Скопје 2014“ би бил дизајниран според одредени модернистички естетски постулати или барем во духот на постмодерната архитектура и уметност, поправо во стилот на онаа постмодерна, која се надградува на историската авангарда од почетокот на 20 век, или уште поточно, која ја рециклира уметноста на кубистите, рускиот конструктивизам или принципите на Баухаус“.

Е тоа е вистинско прашање, прашање коешто е типично Фројдовско и коешто ја вади на површина целата лага (мала и голема) на тековнава уметност на измамата. Од една страна прашањево ја открива комплетната скриена несигурност, скепса, неверување, дури дегутантност од ова што го гледа(ат) околу себе. Зашто знаат дека тоа – не е тоа што треба да биде! Но, од друга страна, само глупак би поставил такво прашање зашто сите досегашни критики кон т.н. проект не биле насочени само кон неговата (потенцијална) идеолошка и дневнополитичка манипулација, туку пред се’ кон неговите уметнички односно естетски односно кичерски пројави и „вредности“. Што ќе рече, само глупак може да изедначи критичко мислење на сериозни професионалци со апологетско аплаудирање на квинтет полуписмени дилетанти.

Но, да речеме дека прашањето, повторно, завредува одговор. И тој може да биде едноставен: да! Кога т.н. проект „Скопје 2014“ би бил дизајниран во кој и да е друг (современ) дух / (современ) стил / (современа) комбинација на стилови … реакциите би биле поинакви. Но ако и тој хипотетички друг (современ) дух / (современ) стил / (современа) комбинација на стилови … произведеше еднаков по „квалитет“ кич, реакциите ќе беа исти. Зашто, овде не станува збор за тоа што, туку – како! И тоа апологетиве не можат да го разберат. Значи, на страна „стилот“, на страна „духот“, на страна идеолошки сомнителните назнаки, овде пред се’ станува збор за незнаење, непознавање, нестручност, глупост, идиотштина, малограѓанштина … Ако тие хипотетички модернистички постулати на Сарајлија, неговите постмодернистички комбинации и слични будалаштини беа реализирани на ист начин и од исти поединци како и овој т.н. проект, резултатот сигурно ќе беше ист и очите пак ќе не болеа од секоја средба со центарот на градот.

Меѓутоа, апологетиве на кичот забораваат дека овде, сепак, не станува збор само и единствено за т.н. проект „Скопје 2014“ – иако тоа е дефинитивно главната идеолошка перјаница – забораваат дека овде сепак станува збор за назнаки за цел еден идеолошки систем којшто систематски ја уништува македонската култура. И на кратки и на долги патеки. Зашто, што ако „Скопје 2014“ беше во друг архитектонски стил, ама: во градот останеа сите оние идиотски „скулптури“ и „споменици“; во музејон на македонскиот хорор останеше истата „поставка“; министерствоно за леб и игри продолжеше со својата дегенерирана мисија; парите од граѓаните и понатаму продолжеа да одат во џебовите на фолкери и естрадни копуци кои се натпреваруваат со песни за многудетни семејства; ако и понатаму пропаѓаат средновековните цркви и им ги крадат иконите; ако и понатаму на директорските места во културата продолжат да седат домаќинки и неписмени идиоти; ако во културата и понатаму се стимулира петтата колона; ако на телевизиите и понатаму ги гледаме оние локални дијалектни „историчари“ како ни ја „објаснуваат“ нивната верзија на нашата историја; ако се’ уште, во сите божји комисии седат минхаузени и среброљубци како Сарајлија и неговата банда; ако и понатаму слушаме кооперативни маалски филозофчиња со нивните „големи мисли“ за нашиот идентитет; ако и понатаму читаме како некоја хистерична баба видела барок во Битола а еден полуписмен „аналитичар“ го замислува новиот македонски вредносен систем; ако …! И има уште многу „ако“.

И дали, навистина, стилот и само стилот ќе ги сменеше работите и ќе ја претвореше измамата во – нешто друго?

ИДЕОЛОГИЈАТА НА ТРИТЕ ВРБИ

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (7)

1.

Откако приказната ќе заврши, откако ќе испливаат на површина сите малограѓански глупости и мани, откако грубо ќе ве сместат таму кадешто ви е местото, е тогаш доаѓа климаксот. Тогаш сите глумат лудило, стануваат особено умни, тогаш „Евровизија е парада на кичот“, тогаш треба „да се пушти брада за да се влезе во финале“ … А да пуштеше и онакво, да простите, можеби ќе победеше? И како тоа ние секогаш на почетокот изгледаме „како милион долари“, а на крајот поминува камионче, удира во ѕидче и оп – одоздола стиропор од сто денари? Каде го снема милионот? И како поразот се претвора во триумф, а не сме поминале под Триумфалната порта?

Таквите кич тијанологии палат само уште тука и никаде на друго место. Не може да се биде едновремено и Титова пионерка и преродбеник, и „мизерно македонче“ и триумфален победник, едната нога во високи потпетици а другата во смрдени опинци. За жал веќе свикнавме на таквите кич митологии. Ги гледаме предолго.

Но, време е да се заврши приказнава. А таа ќе биде слична на Евровизиската. Кога – тогаш. Сите сме тијани, мање – више.

2.

Значи, горе – долу истите „идеолошки“ аргументи важат и за останатите „делови“ на т.н. проект „Скопје 2014“ како најеклатантно очигледен „репрезент“ (ако тоа може да репрезентира што и да е’) на можната денешна македонска идеолошка матрица. Односно, сето претходно кажано сосема комотно се пресликува и на оние „скулптури“ посеани низ централното градско подрачје, оние трагикомични „споменици“ на знајни и незнајни „великани“, оние целосно нејасни / недефинирани „нешта“ како оној „Павилјон“ среде градов, Триумфалнана порта како накитена бела торта, со се оние двајца зачуденковци седнати на фотелји лево и десно од неа … ко да им слават роденден … или парастос.

Но и пошироко, истата идеолошка матрица е наметната и во целата култура, при што на цена се сегментираното минато / историја наспроти сегашноста, сегментираното македонското херојство (многу слично на српско-црногорското „чојство и јунаштво“), кичот и фолкот како замена за вистинската уметност … Сегментирано секојдневие со јасни идеологизирани  пораки дека само делови од поблиската или подалечната историјата, од поблиската или подалечната култура, идентитетот, уметноста и слично се валидни, а се’ друго е (национално) предавство! Се разбира, за тоа допрва ќе треба да се пишува.

Но, останувајќи на полето на визуелните уметности, и иако веќе неколку пати сум пишувал, еве, и по цена да бидам досаден, ќе повторам. На пример, како (и зошто) да се анализира (од кој и да е’ аспект) „дело“ што дури не умее ниту коректно и умешно да го пренесе оригиналот од којшто се служи, да не речам копира? Како на пример оној вол кај „Пеко“? Или, како (и зошто) да се анализира онаа одвратна ни риба ни девојка? Та зарем таа „уметност“ заслужува сериозен напор? Или како (и зошто) да се анализира она идиотски накривено девојче со чевли број 63, што стоеше пред пешачкиот премин кај некогашен „Путник“, а сега, велат, „отрчало“  некаде во Градскиот парк, кај „Езерце? Или оној распетланион и раскупусанион „набљудувач“ со напрчениот стомак и рацете на газот, што едно време стоеше наспроти Министерството за правда (дали ја симболизираше македонската правда?), а сега гордо „дреме“ карши Агенцијата „Оса“?

И, понатаму, а сврзано со ова, има ли навистина смисла да се коментира изјавата на хаџи-архитектчено кое беше натртено како претседател на таа Комисија, дека „не е прашањето зошто има толку скулптури, туку зошто до сега ги немало“? Или дека „… уметничкото дело има еден отворен аспект во себе, кој повикува делото да биде интерпретирано“, не’ подучува истата будалетинка!Па тогаш, на какви „интерпретации“ повикува ступидната „скулптура“ човек-дрво, или просјакот, или онаа со орото? А на какви пак „интерпретации“ повикуваат плагијатите, како бикот од Wall Street, и не само тој? Таков диригиран идиотизам, толкаво незнаење и нестручност македонската ликовна уметност не видела во целата своја историја!

ДЕВОЈЧЕ

3.

Ништо подобро веќе одамна не може да се види ни низ државните музеи и галерии, каде како намерно да се стимулира кичот и шундот, идеологизираната стварност или високодиоптрискиот кусоглед на македонската реалност. Сето она што државата го финансира, на еден или на друг начин, односно непосредно – преку годишните „програми, или посредно – преку божемни самостојни проекти однапред (или отпосле) дебело платени повторно со државни пари (како во случајот со „голееемата“ ретроспектива на дворскиот шут Станковски!). Буквално секоја година истата прозаична уметничка номенклатура, и по дома и за во странство, со дела недостојни ни за селски штали а камоли за престижни уметнички простори, со истите „куратори“ кои не знаат ништо подалеку од носот им, со фестивни „национални“ презентации, повторно пополнети исклучиво со домашните им миленичиња.

Македонската уметност е длабоко загазена, длааабоко, во жабурникот на безидејноста и повладувањето на посељачените вкусови, на квазиидеологизираните смешни и популистички очајни (полутки) глави на Ацета, или слики ала „Алекс и Рокси“, или можеби „Фили и Оли“, на „ретроспективи“ на „уметници“ без ниту една самостојна изложба, на првачиња со магистерски дипломи. И тој политички структуриран „творечки“ фронт се држи со сите сили и средства против непожелните идеолошки противници, против оние кои, виѓи врага, да ти биле носители на старите идеологии. Плус – хејтери! Ама овие побргу успеале да се пресоблечат, па сега мавтаат строго со прстињата и вршат ригорозна селекција. Да не им промакне некој од оние со црвените ленти на ракавите. Оние од Entartete  листите! Целата држава ја претворија во Hofgarten!

И во тој дух, се разбира, кај нас „Уметноста е слободна“, што би рекол Гебелс, љубимецот на нашиот идеолог Станковски алиас Сарајлија. Ама додава: „Уметноста треба да остане слободна, ама мора да се придржува до одредени стандарди“! Jawohl, herr Сарајлија! И тие стандарди можат да се видат ежедневно, насекаде, хтели – не хтели. На пример во старо-новиот Театар. Апликативниот молерај, односно такозваните сликарии се пар екселанс државен стандард на „лажен барок, евтини украси, стакленца за дивјаци, лицитерски срца, огледалца, црвено и златно, кадифе и срма, светкање на штрас, лижавчиња, вртелешки со шарени коњчиња од ламарина и лажни пиратски кораби, палми од пластика, лажни фасади, црвени театарски завеси, стиропор и гипс, шупливи антички столбови… лажен сценски декор осветлен ноќе со разнобојни светла… “, што би рекол Емил Алексиев. А впрочем, нели токму нашиот омилен übersturmbannkunstführerбеше главен во тие молерски комисии? Прво за да го контролира и оддржи идеолошкиот дух, и второ, за да заработи некоја цркавица за живот!

ЕНТАРТЕ

4.

Од друга страна, спомениците, односно „спомениците“ реализирани токму во рамките на овој т.н. проект, но и не само тука зашто „духот“ ја зафати целата држава, директно се обидуваат да ги пресликаат можните идеолошки назнаки иманентни на архитектонските објекти – оние фамозни десет згради – и заради тоа тие заслужуваат (сепак пресилен збор!) да бидат третирани одделно. Во некоја друга прилика. И тоа токму во компаративна постапка со онаа денес толку омразена споменичка пластика од претходниот систем. Колку да се види кој колку знаел, и можел, се разбира.

Но овде може да се спомне само еден величенствено индикативен пример на целосно губење на критериумите, насоките, знаците и предзнаците на идеолошката матрица, што пак упатува на оправдани радикални сомнежи во промисленоста, втемеленоста, јасноста на актуелниот идеолошки дискурс.

Се разбира, станува збор за фамознине три врби среде Вардар, односно: какви ли идеолошки „пораки“ еманираат овие жални врби среде реката? И каква врска имаат тие со поблиската или подалечната македонска историја, со она чудо споменици (поблиску или подалеку) околу нив? Зашто еден така доминантен знак, веднаш наспроти најважните (и нови) државни управни објекти, мора да има своја смисла?! Ајде да пробаме. Дали се тоа, на пример, трите власти (законодавна, извршна судска), „демократски“ и кочоперно вкопани среде една матна и турбулентна Недојдија, коишто гордо опстојуваат пред сите проблеми и светски заговори контра оваа напатена држава? Ама – не опстојуваат. Врбине одвај виреат, ту се сушат, ту пак ќе пркнат! Или, можеби, тоа се трите дела од едната распарчена Македонија, вкоренети во матичната почва, наводнувани од матичната река, и чекаат да се разгранат и – обединат во една ладовина за напатениот народ? Ама – не се разгрануваат. Се сушат, одвај ги има! И во нив ли гледа помпезноно ни министерче за надворешни работи од својот кабинет, секој ден, кога „размислува“ за македонската надворешна политика? Тие ли му се постојано пред очи или пак му го заматуваат погледот па никако не може да го види правесот кон Брисел, на пример?

Згора на се’, тоа ли оној „епски реализам“ што така огнено го пропагираат полуписмениве „интелектуалци“ на чело со локалниот минхаузен и „филозофчено“? Па тоа е, да простите, чиста провокација (да не речам чиста заебанција) во однос на другине „велелепни“ споменици.

ТРИ ВРБИ

5.

Оттука, навистина зачудува недоследноста во однос на цврстото спроведување на можниот идеолошки дискурс во сите сегменти на пројавното – архитектурата, споменичката пластика, уметноста … Ако веќе се инсистира на еден државен „стил“, како и зошто се допуштаат радикални отстапувања во форма на некакви современи стаклени градби (наспроти омрзнатиот ГТЦ) или јајца наместо сали, некакви модернистички фасади на катни гаражи и слични глупости, кога веќе бил промовиран унифицираниот (квази)барокен вид,важечки дури и за сендвичари (sic!). Како се можни такви пропусти?

Токму таквите дилеми, впрочем, наметнуваат мислење дека идеолошката матрица е прилично растеглива, ако воопшто и ја има. Наметнуваат и размисли и дали воопшто ја има, или пак ние, не само на таканаречениот проект „Скопје 2014“, сакаме вештачки, пост фестум, да му калемиме едно чудо (наводни) значења и реферирања – од идеологија, политика, идентитет, симболики и слични глупости – коишто, инаку, таму ги нема? Или пак ги има, ама во толку минорни и ступидни размери, што не играат никаква улога!? А сепак, упорно не’ убедуваат дека живееме во друго време, во друг систем, во други идеолошки загради.

И токму (и) заради ваквите колебања, секој сериозен и аналитичен професионалец од која и да е’ област, би умрел од смеење ако му кажете дека низ такви згради (па нека се и десет) и такви „дела“ сте сакале да раскажете некаква национална приказна, да „откриете“ некакви историски вистини, да „реафирмирате“ некакви национални симболи и слични будалаштини. Секој нормален европеец би ве нарекол токмак или нешто многу полошо ако му кажете дека со таков кич вие се борите за националниот идентитет! Зашто националниот идентитет, дигнитет и историја се бранат сознаење, или во случајов со Уметност, а не со кич.

Затоа, кога филозофчено луто мавта со прстето и се дере: „За кој идентитет, за која култура зборуваме?“, треба да му се одговори: а за кој идентитет и за која (и чија) култура вие зборувате?

ЕНТАРТЕТЕ 2

РАКЕ ПУКЕ, РАКЕ ШЛАКЕ

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (6)

1.

Но, во интерес на вистината (не онаа на Дерида, за неа се задолжени други!), еве човек и да се согласи дека ние навистина сме биле заморчиња (и зошто таков деминутив, а не, на пример, лабораториски стаорци?), и тоа цели педесеттина година, без никој да знае (освен, се разбира, филозофчено од пред „Кооператива“), и – која е штетата? Тоа што сме биле електрифицирани, индустријализирани, мигрирани … што Скопје 1963 го крена градот од пепел … или ако Стиглиц не знаел за поимот транзиција, значи ли дека ние не ја живее(в)ме … и кој тоа, ама навистина, се обиде „да ја растури“ Македонија во 2001 …? И зарем целата македонска култура и уметност беа исто така резултат на тој страаашен и гооолем експеримент, во којшто, за прв пат, Македонија добикодифициран јазик, граматика, културни институции, универзитет, доби уметност, доби филм, доби музика … и зарем сите тие генерации навистина беа стаорци излезени од некоја западна лабораторија, со мустаќи ала Сталин, и гризеа на сите страни? И особено сакаа да јадат такви недефинирани налудничави типови кои до средината на животот не знаеле кои се и што се? Па зарем е можно некој да верува во ова?

И зарем навистина сега, токму сега, кога „сите овие експерименти ги преживеавме“, како што вели филозофчево,„за десетина нови згради се дигна паника“? За десетина нови згради?!?И понатаму: „Кога сами одлучивме да правиме нешто. Да направиме нешто за себе и по свое и да не бидеме предмет на нечиј експеримент“. Филозофски, indeed, и во стилот на не случајно спомнатиот Дерида / Сезан: „Ви ја должам вистината во сликарството и ќе ви ја кажам“! И ни ја плесна, право в лице.

2.

И сега, нашата нова идеолошка вистина е – десетина нови згради. И некој заради тоа крева паника, се жести непотребно, употребува (што би рекол славниот ни Сарајлија) некултурни зборови, пцуе, вика … За десетина нови згради?!? Што пак некој ги обожува. Како тотеми, нови златни телиња … направени од стиропор. А чинат цело богатство!

И тие десетина нови згради ќе го измијат „срамот“ од Големиот Експеримент, од модернистичката беда што ја оставија сите тие „и светски и белосветски“ архитекти и градежници (за нашиве минорковци од типот на Муличковски, Чипан, Поповски, Константинов … да не правиме муабет). „Срамот“ што овие го оставија зад себе во вид на комплетно нов град, ама тој, градот, „се направил касаба“. Ама десетината нови згради го направија – велеград!? Како и да е’, кога навистина би можеле целата работа да ја амортизираме со десет нови згради … Но тие не останаа сами, им се придружија уште толку, па уште толку, па уште којзнае колку „споменици“, па „скулптури“, па музеи, па филмови, па серии …  што не. Цело едно ѓаволско опкружување!

МУЗЕЈ Ј СКУЛПТУРА

Меѓутоа, дури и од такви човечиња – кооперативчиња како филозофчено, обидот целата приказна да се сокрие со десет нови згради е кукавичка, подмолна, лилипутанска. Но, легитимно е и прашањето: која приказна? Зашто, очигледно, сведоци сме на повеќе приказни, меѓу кои онаа идеолошката е само една, ако воопшто постои. Што, се разбира, е проблем за себе, бидејќи наспроти еден цел мал ама силно раскокодакан хор од „стручни“ бранители на нашава нова стварност (ако може така да се нарече), никој никогаш не се ни обиде да појасни за што овде станува збор. Освен, нели, за десетте нови згради. И експериментот. Но прашањата од типот:  зошто, како … зошто токму така … зошто токму таму … останаа комплетно нејасни и неодговорени. Идеологија без идеја, идеологија без идеолози, оставена на случајни читања.

Па оттука: има ли вистинска вистина во „сликарството“, на македонски начин? Или, подобро, има ли простор за некаков Бартовски „studium“на идеолошките, политичките, културолошките … интерпретации на ова што ни се случува?

Rome_Palace_of_Labor

3.

Се разбира, при спомнувањето на поимот идеологија во актуелниов македонски контекст, прва и директна асоцијација е т.н. проект „Скопје 2014“. И тоа не е случајно – заради обемот, карактерот, поставеноста, податливоста за разни читања и слично. Но, од друга страна, со можните идеолошки назнаки на овој т.н. проект повеќе се бават неговите критичари отколку неговите поддржувачи. Што можеби индицира промашена мета на критиката, умислени тези и ловење вештерки вон Салем, таму каде што ги нема. А сепак, дури и ако проектољубцине не знаат, односно не умеат да ги прочитаат повеќето отворени страници на нештата, тоа не значи дека истите  ги нема. Но, повторно, ако никој, од порачувачите до поддржувачите, не инсистира на неговиот идеолошка аспект, дали во таков случај истиот   навистина – го нема? Не, зашто нештата, особено идеолошките нешта, не постојат само и единствено ако некој ги означи или потенцира. Тие се тука и читливи се, во зависност од нашата моќ и знаење да ги препознаеме.

Оттука, прво, т.н. проект „Скопје 2014“ лесно се чита како можен директен идеолошко пропаганден манифест на некоја / некаква идеолошка матрица. Свесна или несвесна. Иако истата е очигледно доста бледа, офуцана од годините / вековите, изабена од (зло)употреба, таа е се’ уште препознатлива и, евидентно, функционална. Но, ако има нешто што би му се признало на овој т.н. проект, тоа е неговата комплексност. Не во идеолошка или филозофска смисла, уште помалку во стручна (иако таа за идеологијата е, безмалу, ирелевантна), туку во неговата (транспарентно плитка) заокруженост, ефикасност, ефектност и монолитност. Да се игра на „тенките жици“ на националните чувства, на историската наивност и неправди (не баре со ова ќе ги исправиме!), на идентитетската чувствителност, на дневнополитичката опортуност (проблемот со Грција, НАТО, ЕУ), на потискуваните (кај голем дел од населението) изворни патриотски / националистички емоции, на се’ уште високиот степен на необразованост, на масовната подложност на историски митови и легенди … Така наштиманиот национален оркестар дефинитивно ќе ги свири очекуваните рапсодии „На грдиот и зелен Вардар“.

4.

Неколку други, подеднакво битни и очебијно видливи аспекти на овој т.н. проект укажуваат на свесно или несвесно инклинирање кон насоката на некаков можен идеолошки дискурс.

На пример, не случајно одбраната локација: најцентралното градско подрачје, во пречник не поголем од петстотини метри, каде се трупаат сите (за идеолошката страна) важни сегменти, од згради до споменици. Зашто центарот на престолнината е центарот на државата, на идејата за државата, политички ама и идеолошки топос околу кој се случуват најбитните нешта и којшто мора на прв поглед да биде препознатлив за обичниот народ. Центарот е порака, а нашата порака е пратена. Дали е разбрана, тоа е друго прашање.

Понатаму, распоредот на главните објекти – зашто сепак има неколку главни – е направен како според (кога веќе е спомнат!) Бартовиот „punctum“, односно централната, фокалната точка којашто просто му ги боде очите на гледачот и го превзема целото внимание врз себе. Ништо друго во тој конкретен и замислен центар не постои освен диригираната глетка, идеолошки наметнатиот „punctum“ којшто ќе ги акумулира и еманира  нашите / нивните пораки.

И понатаму, целиот центар на градот мора да дише во еден здив, во еден дух, во една (нова) идеологија. Затоа ќе се нашминкаат, префасадираат / реидеологизираат старите згради во новиот дух, ќе им се даде „постара“ и „почитлива“ надворешност. Иако внатрешноста им е грда, офуцана, во распад. Но, битно е она видливото.

ПРОМЕТЕЈ

И уште понатаму, во самиот центар ќе се постават сите можни, па и неможни, споменици на војводи, стратези, идеолози, херои (нема херојки!), востаници, комити (нема партизани!), ама има атентатори, основачи на се’ и сешто … итн. Ќе се најде место дури и за Прометеј, целосно пресликан од една друга, не така далечна идеологија којашто посака да го освои цел свет.

ArnoBrekerDiePartei

5.

Подеднакво битни, ако не и најбитни аспекти на новите идеологии се и:  справувањето со старото и изборот на стилот.

И ниту една идеологија, (или ретко која) од постоењето на политиката како нејзина слугинка, тука не промашила. Новата идеологија, сакала – не сакала, не може, не смее да биде толерантна кон старата. Таа, впрочем, се храни од пепелта на старите идеологии. И ако сака да биде навистина доминантна, тогаш ќе ги „замени“ старите идеолошки знаци со нови. Се разбира, овде поимот замени е само еуфемизам за стварното комплетно преобликување /  пре(с)облекување на најважните стратешки точки. А бидејќи говориме за т.н. проект „Скопје 2014“ како можна видлива нова идеолошка матрица, значи говориме за стратешките (видливи) архитектонски објекти од стариот систем како трн во окото на новиот: зграда на Владата (бивш ЦК), Градски трговски центар, објектот ЕВН, „Рекорд“, улица „Македонија“, Собранието на РМ итн. А за овој битен сегмент во инсталирањето на новиот идеолошки светоглед на местото на стариот е избрана мудра шема: фасадирање наместо динамитирање; „градење“ наместо рушење; пре(с)облекување наместо разголување. А резултатите се сосема – идентични! И ова е, мора да се признае, „револуционерен“ придонес во стварната замена на идеолошките симболи на еден систем со друг! Секој друг начин подразбира пресилни звуци, премногу прав, изливи на несакани и непредвидливи емоции, разни форми на отпор, обвиненија за насилство … А фактот што ова се случува само сега и само тука никого, очигледно, не го загрижува. Фактот дека сепак станува збор за варварство од најпримитивен тип, за дивјаштво непримерено за 21от век во (навидум) цивилизирана земја кандидат за ЕУ, за кршење на сите морални, етички, човечки, авторски права … повторно, очигледно, никого не загрижува. А тој говори за само десет нови згради! Може ли некој да замисли до какви резултати би се дошло со една ваква „револуционерна“ шема на справување со старите идеологии во, на пример, еден Париз, или Лондон, или Амстердам … кога секоја нова власт (идеолошка матрица) таму  би ги покривала архитектонските знаци од претходната? Може ли да претпостави некој во каков циркус би биле претворени тие градови?

6.

Изборот на стилот е подеднакво интригантен миг во инсталирањето на можната нова идеолошка матрица. Да се гради – да, да се пре(с)облекува – да, ама – како, на кој начин, во кој стил? И тука повторно немаме адекватни, изворни сознанија за причините / начинот на изборот на нашиов идеолошки „стил“, уште помалку за идејните двигатели на истиот. Она што остана како податок се различните аматерски блебетања дека се работи за барок, па за неокласицизам, па за некаква мешавина (ала македонска салата), но сето тоа на рамништето на дилетантски пелтечења, нагаѓања, надвикувања и наддавања. И, за жал, ова кај нас не само што не може да се нарече стил, туку претставува директна негација на се’ што архитектурата постигнала од почетокот на цивилизацијата до денес. Нашиве мрсулави стирополагачи не само што покажаа дека не ја научиле ни почетната буква од азбуката на архитектурата, градежништвото и урбанизмот, туку навистина внесуваат забуни и сомневања во севкупниот македонски образовен систем во минатото. И, се разбира, кога на тоа ќе се надоврзат полуписмени квазиидеолози со нивните мистификации дека овде се случува нова архитектура, нешто налик на империјалниот Рим или неокласицистичките и арт деко палати во Минхен и Берлин, или можеби за некакви аријски (налудничави) изблици во постмодерен манир, е тогаш приказната се заокружува во комплетен mental hospital од CNN.

За жал, наспроти актуелните верувања на полуписмениве квазиидеолози дека овој тип на „стил“ и „архитектура“ влијае позитивно во прифаќањето (и)  на новата идеолошка матрица, дека луѓето се, ете, одушевени и безмалу физички се соединуваат со опкружувањето, приказната е сосема поинаква. Ваквиот нов и беспоговорно насилен идеолошки / културен пејзаж е всушност само одраз на новата „раке пуке, раке шлаке“ идеологија и уметност во државава, веќе стандард на живеење и (ете го кај се криел!) нов вредносен систем! Од друга страна, ваквата супермаркет филозофија на ноншалантно малоумно позајмување од минатото, во случајов уште еднаш ја потврдува можната теза за повампирување на соцреалистичката идеологија, на којашто оваа пракса и’ беше блиска. Таа, нормално, внимаваше на прогресивноста на „содржината“, исто како што сега се внимава на реакционерноста на истата!

7.

А, се разбира, дека шуплоглавци од профилот на кичевсконо сељаче во ваквиот дискурс ќе видат „дизајн“ (sic!) „кој со својот класичен епски реализам е повеќе од соодветен на очекувањата и естетскиот вкус на тој ист народ“. И се разбира секогаш ќе се најде некоја друга будала која целиот овој гротескно шизофрен склоп на квазизнаци ќе ги оправда со фактот дека некој се слика пред објектите. И не е чудно што маалските филозофчиња чии газови се здрвиле од седење пред „Кооператива“ или „Дракстор“, сметаат дека „главната пошта во архитектонска смисла е толку откачена што странците се чудат што уште не сме направиле лого на градот со таа зграда“. Ама не се чудат на неговите стиропорни музи обвиткани со лажно злато а ла „раке пуке, раке шлаке“? Згора на се’, филозофчево (кое не се срами да се потпише како „универзитетски професор“), строго мафта со прстето и се заканува дека „ако нешто се избрише, или барем ’ретушира’, тоа ќе биде сликата на Скопје град на бетон“. Како да градот, па и државава, му се дадени од мајка му и татко му, па тој од досада намислил да им ебава мајката! И нормално дека секогаш ќе има оправдување за се’, па и за не-времето и енормните износи на потрошени пари за вакви будалаштини зашто, според (кој друг ако не) Станковски „само да се потсетиме за момент дека најфасцинантните катедрали во Европа се градеа во времињата кога низ овој континент беснееше чумата, која речиси ја преполови европската популација во доцниот среден век“.Иако, ваквите бедни душички како сељачено, во ненадејната силина и разгоропаденост, често се забораваат па ќе тропнат дека, всушност, „… повеќето од народот и едвај десетина апологети … се обидуваат да му дадат на проектот естетска, етичка и философска аргументација“. Па имено, шутрак еден, токму тоа и с(т)е, празноглави апологети кои не знаат што да прават со себе, па се кријат зад „народот“ кој се слика пред нивниот „епски реализам“!Mental hospital, дефинитивно!!!

8.

Оттука, понудената нова идеолошка матрица оваплотена низ елементите на т.н. проект „Скопје 2014“ како нејзин „доминантен“ репрезент се соочува со редица стручни и теориски куршлуси, заради што човек и не може  посериозно да се зафати со каква и да е’ попродлабочена анализа. Особено естетска. Зашто, тој и таков напор бара предизвик, бара мотив, бара – Уметност, Естетика. Што всушност нуди Скопје 2014 – архитектонски, урбанистички, градежно, идејно – во таа насока? По стоти пат – Ништо. Едно големо Ништо. И како човек посериозно да се позанимава со естетските аспекти на толку големо Ништо?

ОСВОЈУВАЊЕ И ГУБЕЊЕ НА СЛОБОДАТА

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (5)

1.

Вкупниот развој на македонската ликовна уметност (не знам дали истото може да се каже и за другите творечки области!) по замирањето на соцреалистичката авантура и либерализацијата на творечката мисла, значи некаде од средината на педесеттите години на минатиот век, се карактеризира со постапно но сигурно освојување на слободата. Одделни се’ уште присутни форми на идеолошки притисок, главно манифестирани низ повремени закостени критички ставови во дневниот печат и периодиката, можат да се гледаат само како лични / групни памфлетни одрази на незнаење, непознавање, ретроградност. Впрочем како и денес, кога тотално необразовани / полуписмени поединци или групи мислат дека можат да го сопрат времето. Ни мање ни више!

Но, од друга страна, паралелата вчера – денес наметнува и една друга споредба. Односно, ако во времето на се’ уште важечкиот тврд соцреализам, многумина македонски уметници се одважија јавно, критички и аргументирано да се спротивстават на партиските директиви, како тоа денес, шеесет и кусур години подоцна, македонскиве уметници (со чесни исклучоци!) молчат како кленови? Ако можеа Лазески и Протуѓер да водат сериозна полемика со Киро Хаџивасилев (тогаш висок партиски функционер, министер, носител на неколку одликувања и др.) за и околу апстрактната уметност, како денес нашиве тутмаци не можат уста да отворат за кичот што ги опкружува?

2.

Како и да е’, по „освојувањето на слободата“, некаде од втората половина на педесеттите години на минатиот век, главните насоки на отпорот кон реактивните и ригидните политики во македонската уметност се обмислувале низ „војувањето“ против етаблираните разбирања за уметноста, против провинцијалниот вкус на средината, „диктатот“ на мнозинството … посочувајќи притоа на нови и нови естетски димензии веќе валидни во светот, инсистирајќи на апсолутна слобода на творештвото, на мислата, на „фаќање чекор“ со светот!

Уметнички, па и политички шок во тоа време претставува  монументалниот „кубистички ораториум“ на Борко Лазески во Скопје во 1956 година. Во ова монументално дело Лазески ги сублимира не само своите дотогашни ликовни истражувања туку, на одреден начин, и современите тенденции во македонската ликовна уметност на тоа време. Муралот „НОБ во Македонија“, некогаш распослан на 225 квадратни метри врз главниот ѕид на старата Железничка станица во Скопје, „ја здружува естетиката на посткубизмот (според А. Лот) со експресионистички елементи, а несомнено се инспирира и од нашата средновековна уметност“ (Б. Петковски).

ЛАЗЕСКИ ФРЕСКА Слична силина (и) на политички став имала и појавата на енформелот и апстракцијата – делата на Мазев, Велков, Хаџи Бошков, Калчевски, Лозановски и други – кои во тоа време (крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години) од многу политичари, но и од историчари на уметноста, беа оценувани како субверзивни стилови непримерени за социјалистичкото општество. А впрочем, енформелот (и апстракцијата) тоа и беше! Во сеуште живите слики на ужасите на Втората светска војна, во услови на блоковска поделба и постојана нова опасност од атомската катаклизма, во галопирачката алиенација, очај и немоќ на човештвото, енформелот и апстракцијата предложија нов свет и нова уметност. Таа не дојде „од светлите брегови, туку од темните простори на живот без надеж, проколнат, зафатен со пеколот“ (Лазар Трифуновиќ). Оттука, впрочем, и стравот на официелните структури во државата (но и во уметноста) од ваквиот несоцијалистички тип на уметност, отворените негирања на апстракцијата како рамноправен стилски правец, нејзините наводни субверзивни аспекти итн.Но оттука и херојството на генерациите на Мазев, Хаџи Бошков, Велков, Лозаноски, Аврамовски – Гуте, Калчевски, Николовски, Јанкуловски – Цане и други, во средина како Македонија да ја извојуваат победата за рамноправен третман на апстракцијата!

3.

Паралелно со асптрактната епопеја, се одвиваше и вториот фронт на промените, појавата на една нова фигурација – онаа, на пример, на тогаш младиот Чемерски – којашто како да го одржуваше витализмот на сликата. Во тој контекст, неговото „Самрачно оро“ е една од амблематичните слики во македонската уметност во шеесеттите години на минатиот век. Како што впрочем тоа ќе стане и целото негово сликарство, до денешен ден!

Понатаму, во седумдесеттите години, и подоцна, уметноста силовито ќе се раскрили во бројни автономни творечки искази. Меѓу нив и оние со отворена критичка нота – а впрочем така и ќе бидат доживувани – како повеќето дела на Танас Луловски, неговите „анкети“ и перформанси на отворањата на неговите изложби и слично. И тука секако антологиски се неговите дела „Писмо до непознатиот лекар“, „Опомена пред тужба“ и други, како силна, отворена критика на социјалната положба (не само) на уметниците. Во таков контекст може да се гледа и извонредното дело „Продавач на лозови“ од Александар Ивановски – Карадаре, дело повторно на линијата на нескриената социјална критика, впечатливо по изразот и изведбата.

ТАНЕ

Од друга страна, како уметнички бунт против комформизмот во уметноста и вкусот на средината секако може да се читаат делата / творештвата на еден Грабулоски, Шијак, Чемерски, Калчевски, Перчинков, Светиева … На пример, звучи ли веројатно, само дваесетина години по соцреализмот, во Крушево да се појави „Македониумот“ на Јордан и Искра Грабул, опредметувајќи ги највисоките македонски револуционерни идеали во таков монумент?

За да, понатаму, појавата на помладите генерации кон крајот на осумдесеттите години – на пример творештвото на Глигор Стефанов и Петре Николовски – заговара сосема поинаков ликовен јазик и синтакса, навестуваа / застапуваа други, нови естетики коишто, заедно со новите генерации, ќе се диференцираат и шират и во другиот систем, во новата и независна држава.

4.

Но, целиот овој период (1953 – 1990) во развојот на македонската ликовна уметност сведочи не само за непостоење на (ин)директна идеолошка државна акција на планот на уметничкиот исказ, туку за обратен процес. Односно, идеолошките матрици во уметноста ги импортираа самите уметници и ги наметнуваа како тренд во државата, независно дали тоа и’ се допаѓаше на партијата, на системот, или не. И тоа токму во онаа „тоталитарна“ држава и оној “црвен“ систем!? Зашто, што друго се енформелот и апстракцијата ако не (тогаш актуелни) идеолошки творечки системи израснати токму во недрата на Западната (капиталистичка)  цивилизација? Онаа која што не сакаше да има врска со нашиот тогашен систем, односно нашиот тогашен систем не сакаше да има врска со неа! Или што друго беа делата на Луловски, на пример, ако не директен и јавен отпор и критика на одделни државни состојби? На одделни социјални девијации, на горечки за уметниците проблеми во тогашната држава? Ама неговите дела / изложби беа презентирани во државни институции, а не во монтажни објекти што денес, присилно односно од немајкаде, мораат да ги градат уметниците и асоцијациите коишто немаат пристап во идеологизираните институции.

И не дека и тогаш се’ одело баш така мазно, не дека немало притисоци и инциденти (на пример изложбата на Чемерски во МСУ во седумдесеттите), не дека немало и (авто)цензура … ама, генерално, токму најригидниот идеолошки систем се покажал прилично мек и неотпорен на идеолошките уметнички диверзии. А во тој контекст дури и познатата изјава на Тито од 1963 година  за апстрактната уметност – „Јас не сум против творечкото барање на новото, да речеме во сликарството, скулптурата и другите уметности, бидејќи е тоа потребно и добро. Но јас сум против тоа да даваме пари од заедницата за некакви таканаречени модернистички дела кои немаат никаква врска со уметничкото творештво, а камоли со нашата стварност … Ако некој сака да се бави со такво сликарство и скулптура, нека го прави тоа на свој трошок, заедно со оние кои го застапуваат правецот на ултрамодернистичка, апстрактна уметност. Зарем нашата стварност не пружа доволно богат материјал за творечка уметничка работа? … Јас не сум одговорен само за индустријализацијата и агрикултурата, туку и за културата… Затоа таквите луѓе треба да разберат и запаметат дека поинаку не може да биде” -се доживувала повеќе како виц отколку како партиска / идеолошка директива. И тоа, едноставно, е докажливо токму преку бројните апстрактни дела од тој период!

5.

Оттука, логично се наметнува прашањето како е можно една национална уметност, по изодувањето на еден таков сложен, бурен и нималку лесен пат, да се спушти на денешното дилетантско рамниште? Како е можно, по сите извојувани творечки битки и дефинитивната победа во идеолошката  војна наречена Држава контра Уметност, денес целосно да се обезличи, да потклекне пред малкумина необразовани и полуписмени поединци, слепи и глуви и за минатото, и за сегашноста, а особено за иднината? Како впрочем е можно, дваесетина години по воспоставувањето на независна и самостојна држава, уметноста да биде контролирана од ретроградни и репресивни поединци и групи, затупавени во лукративното лигавење и желбата за себепромоција во нови partai kunstидеолози?

ARTHUR KAMPF

Зашто, ова што последниве години се случува во македонската уметност е се’ само не – уметност. Или, можеби, за повозрасните поразбирливо би звучело прашањето: дали погубното време на соцреализмот одново го преживуваме во 21-от век, во уште поригидна форма? Бидејќи друг логичен, разумен одговор на денешните состојби нема. Нема ниту еден сериозен аргумент што би можел да го оправда денешното идеолошки ретроградно силување на уметноста, особено јавната / споменичката уметност, архитектурата, филмот … целокупната култура и естетика на живеењето. Ниту пак може логично да се одбрани компромитирачкиот молк на уметниците, интелектуалците, универзитетите … кои, наводно, треба да бидат водечката образовна и интелектуална сила во општеството. Или, ако сакате, како може да се објасни целосната партизиранo идеологизирана исклучивост во културните текови на државата, денунцијацијата на уметници и интелектуалци како предавници, платеници, црвена буржоазија, остатоци од бившиот режим … итн.?

Уште помалку можат, под формата на идеолошката одбивност (?!), да се разберат отворените негирања на се’ што било постигнато во минатото, особено на планот на културата и уметноста. Како да се разбере отровното блуење ка кичевсконо сељаче дека „немаме музеј“, дека „покрај музејот, ние немаме ни Филхармонија, ниту театар, немаме ни други културни институции …“, дека ние всушност сме преспале седумдесет и кусур години, а тој, со неговите пајташи, е пратен од господа културно да не’ издигне и просветли? И бидејќи сме немале идентитет, тие сега ќе ни покажеле како истиот се стекнува / гради. А „идентитетот се гради со претставување, а не со кукање, со попустливост и откажување од националните интереси во име на филозофијата да не се бранува или поради сервилност кон западниот фактор“, вели истиот „андерграунд“ носферату! И бидејќи светот не знаел кои сме и што сме, тој / тие ќе му ги отвореле очите, „да види дека имаме културен континуитет од пред 10.000 години и тоа конечно ќе ги замолкне сите злобници околу нашиот идентитет“. Бреее, тој сладострасник, па она маалсконо филозофче, па онаа збирштина стиропорполагачи кои уживаат да се нарекуваат архитекти, или оној археоидеологон што не смее да излезе од дома … Или, на пример, во каков налудничав ум може да се роди мислата дека, кутрите ние, и само ние, ете, сме биле неколкудецениски жртви на „големи експерименти во кои ние сме биле заморчињата“!? Од „индустријализација, електрификација, миграција …“, преку Скопје 1963 и сите „и светски и белосветски“ што дојдоа да си поиграат со нас, па преку транзицијата и што ли ти не друго, ете целиот свет дошол во овој рај да експериментира токму врз нас. Каква маалска филозофија развива човечево! Баш онака, за пред „Кооператива“ од шеесеттите години на Големиот Експеримент.

 Ама, повторно: како е можно еднаш тешко извојуваната слобода да се загуби / продаде така евтино?

 

ИДЕОЛОГИЈАТА КАКО ЛУЗНА

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (4)

1.

Во петнаесетминутното парче од најновиот филм на Митриќески „Деца на сонцето“, што можеше да се види на затворањето на Скопскиот филмски фестивал, во еден кадар од Скопје, снимен веројатно некаде од Водно, „велелепната“ ни зграда на Археолошкиот музеј и Уставниот суд – онаа збирштина на кич распослан на брегот на Вардар – штрчи како вистинско петно среде градот. Просто шљашти со својата грдотија, го заробува погледот токму како грозна лузна на (некогаш) убаво лице, им се цери директно во фаца на минувачите со својата пред векови прежвакана и простачки исплукана кич идеологија. За среќа, во кадарот не влегуваат и оние други локални бисери на домашниот антиквизациски циркус разбашкарени низ центарот на градот.

И токму за тоа говори Џејмисон, дека „идеолошките позиции никогаш не егзистираат само во умот или во индивидуалното искуство и свест; тие секогаш се поткрепени и засилени, всушност репродуцирани, од социјалните институции и апарати, без оглед дали тие се државни … или божемно приватни како семејството и училиштето, уметничкиот музеј или медиумите, црквата и понискиот суд. Идеологијата е прво и основно институционална и дури подоцна може да биде сметана за работа на свеста“.

И тоа е и основниот проблем со идеолошката страна на нештата, особено на уметноста, и особено на уметноста од јавен карактер. Зашто тука веќе не можете да ја префрлите вината на незнаењето на поединецот, на неговата кич ментална конституција, на неговата простотија (којашто, во крајна инстанца, е негова лична работа). Тука веќе говориме за кич држава, за државен апарат кој нема појма што е што, за кич етикета залепена врз имиџот на цел еден народ … за залудно фрлени во река (огромни) средства … за поданички менталитет на државните институции, на интелектуалната, финансиската, технократската елита на тој народ, на таа држава!

2.

Двата најголеми државни идеолошки проекти во уметноста (и културата), оние во нацистичка Германија и Советскиот сојуз, (иако тука никако не би ја исклучил и т.н. Културна револуција во Кина!), останаа како ненадминати примери на државен диктат во уметноста, со несогледливи монструозни последици (не само) по уметноста и културата.

Радикализмот на вкупната нацистичка идеологија резултирал и во радикализам на нацистичката естетика. Се’ мора да биде подредено на владеачката идеологија, па така и културата и уметноста, низ процесот на познатата идеолошка синхронизација, се поставени на „вистинската“ линија преку превземање на главните уметнички здруженија и зацврстувањето на нацистичките цели како културни и уметнички цели. Преку таканаречената Reihskulturkammer државата ќе се вкотви во филмот, музиката, театарот, литературата, уметноста, печатот и радиото, надгледувајќи ги и регулирајќи ги на тој начин сите битни аспекти на културното и уметничкото творештво. Бедниот поет и драматург Гебелс и очајниот сликар Хитлер ќе ги стават нивните дилетантски шепи врз целата култура и уметност спроведувајќи тотална „уметничка култивација“.

Така нацистичката нова „естетика“ ќе експлодира во безусловна доминација на класичниот реализам, во глорификација на хероизмот, селанството и стојностите на семејниот живот, аријската доминација и културната пурификација, во архитектурата Шпер ќе промовира монументалност на класичната форма и „трајна велелепност“ … Сето друго, сето она што простаклукот на Гебелс и Хитлер не можел да го разбере, ќе биде прогласено за дегенеративна уметност, вклучувајќи ги тука и Шагал, Ернст, Марк, Кандински, Кле … Брехт, Ремарк, Ман, Хајне …!

Haus der Kunst/ Datenbank Große Deutsche Kunstausstellungen

3.

Акопак некој, во далечните дваесети години на дваесетиот век, но со денешните сознанија, им ја раскажел на Татлин, Малевич, Ларионов, Ел Лисицки, Родченко, Попова, Габо, Мајаковски, Хлебников … вистинската разврска и крајот на руската авангарда, тие веројатно уште на почетокот ќе кренеле раце од се’. Светот ќе бил лишен од најатрактивното и најавангардното уметничко движење во неговата историја, но неговите носители – сите до еден генијални творечки умови – ќе биле поштедени од многу разочарувања и понижувања. Руската авангарда не била само уште едно историско движење – таа била грандиозен проект, комплексен систем, херојска судбина на елитата на руската уметничка мисла на дваесетиот век. Но, се разбира, и тоа бил – идеолошки проект!

“… се’ е заборавено и отфрлено освен големиот предизвик што го гледаа пред себе – да го сменат светот во кој што живеат. Ова несомнено беше прв пат во историјата, на група така млади уметници да им се даде во такви размери практично да ги остварат своите визии”, констатира Камила Греј за периодот на делувањето на руската авангарда. Опсегот на нивната творечка работа, не само во уметноста туку и на вкупниот план на интегрирањето на уметникот како жив, продуктивен и потребен член на општеството, е се уште предмет на проучување и истражување. Или, како што вели Александар Флакер, “идеите на авангардата, делата што ги создаде, без оглед колку се се’ уште недостапни, одредија едно време и еден простор … На неа треба да се гледа според тоа кон што тежнеела, и во уметноста и во општеството”. А нејзините стремежи, нејзиниот програм “… е програм за иднината, кога ќе настапи естетизација, тотална естетизација на светот околу нас”.

Сепак, идеите и стремежите на руската авангарда (формално) биле испратени во историјата преку етаблирањето на цела редица административни, културни, политичко – партиски … мерки чија цел била востановување на нов идеолошки модел во културата и уметноста наречен – социјалистички реализам.

СТАЛИН

4.

Првиот, и за среќа краткотраен идеолошки проект во македонската уметност и култура е токму тој социјалистички реализам, пресликан по углед на важечката соцреалистичка идеологија во СССР во цела тогашна Југославија. Сепак, говорејќи за Југославија, и таа дистинкција мора да се направи, силината на идеолошката индоктринација – барем според сведоштвата, но и резултатите – не била секаде рамноправно диригирана. Поточно, мислам дека во овој поглед мора да се има предвид историската и идеолошката дистанца на Македонија од централните тогашни збиднувања (не само) во културата и уметноста, што ќе рече дека силината на идеолошките превирања сепак биле со послаб интензитет на периферијата. Можеби затоа и реперкусиите биле поблаги. И резултатите. Или, со други зборови, социјалистичкиот реализам како идеолошка индоктринација во културата / уметноста во Македонија ги немал оние остри рабови на поларизација како во (тогаш) поразвиените културни центри во таа Југославија. Иако, впрочем, многу податоци и сведоштва говорат дека ни Загреб, уште помалку Љубљана, преживувале соцреалистички харанги од типот на оние во Белград, на пример.

Ни југословенското, а уште помалку македонското приклучение кон соцреалистичката естетика не подразбира и теориски прилог кон истата. Кај нас, во тоа време, практичната примена на доктрината на соцреализмот се раководела главно од советските (пренесени) постулати. Тие пак влечат корени од – или, подобро речено, некритички ги пресликуваат – застарените деветнаесетовековни естетските погледи на Белински (поетот треба да биде граѓанин и “своите стремежи да ги спојува со стремежите на општеството”), Чернишевски (“само содржината … е во состојба да ја спаси уметноста од забелешката дека е таа божем празна забава …”), некои сосема генерализирани или искривени ставови на Маркс и Енгелс и слично. Од современиците пак, единствениот вистински мислител кој приближно успевал да најде одделни задоволувачки објасненија бил Ѓерѓ Лукач. Но и тој, покрај сиот напор за “барање на синтеза на историско- социолошкото и нормативно-социјалното гледиште”, не успеал убедливо да ја формулира “уметничката вредност на некое дело во непосредна зависност од неговата идеолошка содржина”.

Македонскиот соцреализам сепак имал една предност. Од денешен аспект, ако се има предвид дека соцреализмот во другите средини имал плодна почва во минатите, историските реалистички тенденции во уметноста, Македонија и нејзиниот сосема скромен развој во овој поглед (Мартиноски, Личеноски, Пандилов … итн.) немала таква реалистичка „база“, таков непрекинат континитет на реалистичка мисла. Што ќе рече, реализмот немал такви длабоки корени за да комотно ја вгнезди „новата уметност“ на македонска почва, да црпи од историјата и да еволуира, па оттука и социјалистичкиот реализам, онака присилно октроиран од власта, не можел да произведе којзнае какви посакувани дејствија. Ниту пак да остави бележити траги. Впрочем, како што констатира Друговац, таква е ситуацијата со целата македонска култура, да е „со традиција, а без континуитет во својот историски, жанровски и стилски развој“!

5.

Основното барање на соцреалистичката доктрина, превземено уште од времето на Богданов, изгледа едноставно: уметноста е производ на општеството, условен со општествената средина, па заради тоа пролетеријатот мора да има и сопствена класна уметност! И понатаму, дека уметноста треба да има подиректна општествена функција, дека таа (уметноста) мора да биде појасно класно определена и да претставува борбена тупаница за целите на револуцијата, дека “во класно општество не може да има неутрална уметност”, итн.

Некако по таа линија се движеле и јавните насоки во тогашната критика по повод тогашните македонски изложби, такви и слични биле и заложбите на македонската политика и идеологија односно нивните барања од македонските уметници. И овде треба да се појасни дека во тоа време – значи во првите години по 1945та година – не можеме да говориме за којзнае каква и колкава јавно презентирана уметничка продукција, односно бројот на годишни изложби се броел на прстите на една рака. Оттука и просторот за реакција на критиката бил стеснет, главно на оние репрезентативни годишни ДЛУМ-ови изложби, каде биле претставувани најновите дела на безмалу сите македонски уметници. И токму по повод тие изложби критиките биле најжестоки или, подобро речено, најпедагошки и инструктивно насочени, укажувајќи им на „грешките“ и упатувајќи ги на „вистинскиот“ (очекуваниот)  и идеолошки прифатлив творечки пат. И од таквите критики не бил поштеден никој, дури ни основоположниците Мартиноски, Личеноски и др.

Во отсуство на образована ликовна критика, во Македонија во тоа време со ликовна критика се бавеле литературни критичари (Димитар Митрев), писатели (Јордан Леов, Томе Момировски), ликовни уметници / историчари на уметност (Димче Коцо, Здравко Блажиќ) и слично. Меѓутоа, тоа се главно идеолошки индоктринирани „критики“, насочени кон дисциплинирања на уметниците и насочувања кон „вистинскиот“ пат.

6.

Владо Малески ова време го отсликува како време на теорија на шлагери, односно „вчера од нас (од творците) се бараше тоа и тоа и ние се впрегнавме во тоа и тоа; денес дува друг ветер и ние, еве, ја вртиме гуната натаму. Или: вчера требаше да се пее еден шлагер, денес друг (бидејќи вчерашниот се демодира. Или: така нешто …“. Ова изворно сведочење речито говори за времето на социјалистичкиот реализам кај нас. Но делумно говори и за односот на уметниците кон надоврешните политички притисоци, за времето на „вртење на гуната“.

Односно, реакцијата на македонските уметници во најригидните години на соцреализмот (1945 – 1950) била, најблаго речено, млака, безлична и главно помирлива кон естетскиот диктат на политиката. Или, кажано поексплицитно, одговор – немало! Уметниците, барем навидум, го прифаќале државниот „план“ за соцреалистичка узурпација на уметноста. Или биле толку умни и знаеле дека тоа кратко ќе трае? Како и да е’, до 1953 година нема сериозен јавен уметнички глас против доктрината на соцреализмот. Тоа пак не значи дека сите македонски уметници се зафатиле со сликање на победите на НОВ и Револуцијата, работни акции, социјалистички победи на трудот или портрети на политичарите. Еден голем дел од уметниците едноставно продолжиле со сопствената творечка естетика – пејзаж. мртва природа, слободни портрети и композиции – со минимални или никакви отклонувања, што делумно може да се гледа и како форма на реакција, на отпор кон директивите. Но тоа не е којзнае каква утеха, ниту пак звучи премногу утешително констатацијата дека „ниту еден македонски уметник … не го претстави во која и да е’ форма Ј. В. Сталин“!

Но, генерално, токму заради таквиот естетски диктат на власта и, веројатно, таквото однесување на уметниците, македонската уметност во перидот на соцреализмот, па и подолго, не изнедри сериозни, квалитетни, антологиски дела во областа на ликовната уметност!

Како и да е’, социјалистичкиот реализам како уметничка доктрина во Југославија званично престанува да важи на Конгресот на југословенските писатели во Љубљана, 5 октомври 1952 година. Тогаш, во својот познат реферат Мирослав Крлежа ќе коснтатира: „Ако ликовната уметнсот е еден вид уживање во боите, во светлоста, во облиците, зошто од името на социјалистичката естетика да се одречува смислата на ’субјективното’ уживање во ’објективните’ бои, во ’објективната’ светлина или во ’објективните’ форми?“.

Една година подоцна, во Скопје ќе биде формирана ликовната група „Денес“ како носител на слободата на мислата во творештвото, заговорник на нови естетски идеи во ликовната уметност кај нас.

Се разбира, лузните од наметнатиот идеолошки ракурс во уметноста ќе бидат видливи уште долго време во македонската ликвона уметност. Исто како што денес се толку очебијни новиве лузни врз лицето на македонското творечко секојдневие.

ИДЕОЛОШКИ МЕТАФОРИ ИЛИ ТУПАНИЦИ

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (3)

1.

Не знам кому магазинот „TIME“ неодамна му продаваше демагогија ставајќи на листата на 100-те највлијателни личности во светов во 2014 едно чудо уметници, повеќе дури и од политичари (ибаш ниту еден од кај нас?!), зашто тоа може да опстојува само на страниците на некој весник. Па дури нека е и „TIME“. Таквите приказни само звучат убаво, исто како и бајките, ама немаат врска со вистинскиот живот. Можеби еден убав ден … ама дури ни тогаш.

Фактот дека идеологијата (преку нејзината најверна прислужничка политиката) и уметноста се со векови цврсто испреплетени сепак не и’ го дава правото на уметноста да се смета дури ни рамноправна, а уште помалку надмоќна над политката. И тука воопшто не е во прашање моќта на идејата, на визијата, на мисијата, на сеопфатноста на концептот … нешта  што најчесто ги бараме и пронаоѓаме во уметноста, туку во грубата, простата сила на – тупаницата. И буквална и фигуративна!  Идеологијата, преку политиката и политичарите, најчесто ја демонстрира таа сила за да ги доведе работите во онаков ред каков што таа сака. А потоа, нормално, ги применува и сите други пософистицирани методи и начини за влијание врз поединецот / групата / општеството, сите форми на ветувања, притисоци, уцени … до последната (или првата?) и најефикасната: корупцијата.

И повторно, убаво е да се верува во приказната на „TIME“, да се верува во силата, моќта, влијанието на уметноста врз светот во којшто живееме. Да се верува дека една слика или скулптура ќе го промени светот, дека еден филм или симфонија ќе придонесат кон поправична распределба на ресурсите, дека еден роман просто ќе ја збрише нерамноправноста помеѓу луѓето. Убаво е да се верува и во бајките, се разбира.

2.

Но, од друга страна, точно е и тоа дека можеби не само една слика, ама повеќе слики на Салонот на независните пред повеќе од еден век во Париз почнаа полека но сигурно да го менуваат прво концептот на сликарството, потоа концептот на Уметноста, па разбирањата за Уметноста, па луѓето околу Уметноста … Точно е и тоа дека само една книга, онаа на Салман Ружди, потпали незапаметен верски пожар во повеќе од една третина од светот, толку разгорувајќи ги страстите што предизвика дури и фатва. Или, ако сакате, може ли некој егзактно да ги согледа идеолошките влијанија на Библијата, Куранот, Кабалата и другите (не само) религиозни книги врз развојот на цивилизацијата?

Оттука, ни на крај на памет не ми е да ја негирам моќта, силата на влијанијата на уметноста врз секојдневието. Само што тоа, најчесто, е пренесена моќ, и – ретко се случува. Почест е примерот на нејзината практична (зло)употреба во идеолошки, политички, религиозни … цели.

Оттука, навраќајки се повторно на зборовите на Липард дека во уметноста нема идеолошки неутрални зони односно дека „секоја уметност е идеолошка и дека секоја уметност е употребена политички од десните или од левите, со свесна или несвесна согласност на уметникот“, безмалу е ноторно извесно дека Липард точно знае што говори и дека историјата на уметноста речиси и да не познава пример на неутрална уметност. Од Египет и Месопотамија, Грција и Рим, ранохристијанската и целата друга религиозна уметност, Ренесансата … па се’ до дваесеттиот век. Зашто, покрај сите естетски квалитети, не е ли токму идеологијата движечката идеја на оние импозантни скулптури на грчките божества, на помпезните претставите на Александар Македонски во хеленистичкиот период, на сите оние кочоперни бисти или споменици во славата на Цезар, Август и другите, па и целата монументална римска архитектура … итн? И впрочем, нели е и самиот Партенон израз на триумфот на идеоестетката античка мисла, еден од најиконичните симболи на класичната ера, оваплотувајќи ги токму идеалите на тогашната култура? Или што е Св. Петар во Рим, ако не, прво, политички и идеолошки триумф на Ватикан како центар на христијанската (католичка) идеологија, а дури потоа и  на христијанската религија и уметност!

Од ваквите интринсично идеолошки назнаки – експлицитни или подзатскриени, зависно од умешноста и амбициите на уметникот – не се ослободени ниту ремек делата од еден Леонардо или Микеланѓело,   величенствените дворски портрети од Веласкез, од ван Дајк, Рембрант итн. И сигурно дека не беше само Ден Браун тој кој му ги отвори очите на светот (и) за поинаквите (идеолошки!) читања на „Тајната вечера“ од да Винчи.

3.

Се разбира, уметноста низ целокупната историја ретко, или никогаш, до денес, не била отворен идеолошки буквар со политички пораки. Најчесто, уметноста не говори отворено за идеолошките ставови. Таа не е стрип, или плакат, којшто веќе на прв поглед, како денес, најпростачки ве удира в лице со идеолошката тупаница. Како на пример делото „Александар и Роксана“ на непрежалениот ни Сарајлија. Или редица други „дела“ што денес ни бодат очи низ (не само) македонскиве простори, споредливи само со отворената идеофашистичка „естетика“ на некогашна Германија, Италија под Мусолини и слично.

Еден од можните примери на софистицирано идеолошко влијание во уметноста секако е т.н. Византиска империјална уметност. Византиските писатели, кога говореле / пишувале за уметноста, или сликарите кога ги сликале (идеолошките) фрески низ црквите или илустрациите во книгите, не говореле / пишувале / сликале со речникот на уметноста на дваесеттиот или дваесет и првиот век, правејќи разлики помеѓу стилот, иконографијата и слично. Тие говореле за релациите на формата и значењето, со речник што е поблизок до доцната Антика. Или, како што тврди Мегвајер, токму стилот е пренесувачот на политичките / идеолошките значења во Византиската царска уметност, токму стилот игра особено важна улога во визуелните панегирици на Византиските императори. Тој, стилот, се придржува главно до две конвенции: „го визеулизира владетелот метафорички како градина на милоста“, или „го гледа императорот како дијаграм на натприродни квалитети“.

Но, во сосема иста насока, може ли да му се придадат идеолошки значења на едно дело на Ван Гог, во случајов сликата „Поле со булки“? Може, ако ја читате Ана Монтеиро – Фереира и нејзината студија за уметноста и идеологијата. Таа вели: „Се сеќавам дека не можев да ги оттргнам очите од сликата – всушност сите мои сетила – бидејќи моите очи не беа доволни целосно да го оживотворат тоа што го доживував“. И понатаму: „Во моето естетско искуство бев принудена да го преиспитам моето целосно чувство на идентитет или попрво да преиспитам дали се препознавам себеси во односот што како субјект го создавам со сликата, дали сликата ми ’говореше’ во хармонија или зошто бев приморана да барам други центри. Прифаќајки ја измамата дека реалното е само илузија на разбирањето на нашиот однос кон реалното во еден симболичен систем на силни релации, ние се подложуваме на свесноста на идеолошката трансмисија и се здобиваме со умеењето да ја критикуваме социјалната и политичко – економската структура таму каде што се движиме. Структура поддржувана од идеолошката рамка на компулсивниот прогрес во иднината и претставата за развој што го поддржува капитализмот, наследници на Просветителскиот проект“!

FIELD WITH POPPIES

4.

И кога веќе ја спомнавме Византија, вреди да се спомне (се разбира, не само) циклусот „Св. Ѓорѓи и ламјата“ на маестро Чемерски, циклус што паралелно со автохтоните сликарски вредности, еманира и јасни идеолошки пораки. Особено во раните дела, црно-белите малоформатни кроки / цртежи од почетокот на деведесеттите години на минатиот век, работени во Париз, коишто се токму емотивни идеолошки одзиви на мрачните и турбулентни состојби што надвиснуваа!

Или, повторно, кога сме веќе на вакви мајсторски вознеси, ненадминатата идеолошка икона на дваесеттиот век, „Герника“ на Пикасо и целата нејзина историја, е токму бараниот креативен одговор на уметноста. „Герника“ е современа античка трагедија, Страшниот суд на дваесеттиот век, „постојана борба против реакцијата и смртта на уметноста“, како што рекол Пикасо. Од друга страна, ќе си дозволам да ја споредам „Герника“ со едно друго современо дело, делото „Германија“ од уметникот Ханс Хаке, претставено во Германскиот павилијон на Биеналето во Венеција 1993 година (за што, впрочем, беше награден и со „Златен лав“). Го нарекувам дело зашто немам точна негова дефиниција, иако е најблиску до просторна инсталација. Како и да е’, Хаке маестрално го демолираше (буквално и метафорички) Германскиот павилјон, насочувајќи ги посетителите да газат врз искршените подни плочи и шут додека се соочуваат со зборот Германија (омилениот збор на фирерот!) на спротивниот ѕид. Директно и бескомпромисно алудирајќи на првото учество на нацистичка Германија на ова светско Биенале, Хаке ги поврза минатото и сегашноста, но многумина велат и назнаките за некоја можна иднина. Импресивно, величествено дело еднакво по емотивниот набој и пораките со она на Пикасо. (Патем, еднакво естетски, идеолошки, емотивно, визуелно силно беше и делото „Марко Поло“ на Нам Џун Пајк како второ дело во истиот Германски павилјон, и тоа наградено со „Златен лав“!).

ГЕРМАНИЈА

5.

Македонската идеолошка ситуација во уметноста од 1945 до денес е несомнено интересен предмет за проучување, особено и заради фактот што е набиена со значења, пресврти, мешања на политиката низ меки или груби притисоци … отворени уметничко идеолошки пораки или (главно неуспешни) тенденции за деидеологизирање на творештвото. Дел  од овие релации беа зачнати во текстот по повод изложбата „Уметникот и диктатурата“ и овде можат да бидат (делумно) реинтерпретирани или проширени.

Односно, опсервациите на идеолошките или идеологизираните (политизираните) компонентни во македонската ликовна уметност од 1945-та година до денес можат, и треба, да бидат класифицирани во неколку периоди (и евентуално потпериоди). Но, се разбира, таква стручна минуциозност би останала за некоја друга прилика. Овде можеби е битно да се потенцира дека идеолошката ситуација околу македонската ликовна уметност во изминативе седум децении бележи речиси неверојатни амплитуди, коишто зачудувачки растат последниве години, изедначувајќи се со некои одамна заборавени „пикови“ на идеолошка контаминација на културата и уметноста. Или, ако сакате, македонската уметност (и култура) никогаш не биле лишени од инструирачки идеолошки и политички „поттици“ и „рецепти“, коишто полека но сигурно го освојувале просторот на уметноста (и културата, се разбира).

Оттука, сигурно дека можеме да зборуваме за отворени и подзатскриени идеолошки импулси, за нивното отворено прифаќање или искажување на доза на отпор, на јасно („програмски“) дефинирани идеолошки инструкции што се потпирале на политичките основи на државниот / политичкиот пат на системот, или пак на преземање (свесно или несвесно) на други, надворешни идеолошки поттици актуелни во даден временски период.

Но, тоа би останало за следната прилика.