Monthly Archives: July 2022

НА СТРАЖАРСКОТО МЕСТО   

Дали современите, нови авторитарни модели како супститут на некогашната сталинистичко-ждановистичка матрица на овие простори започнуваат, на пример, со изјави од типот на министерот за правда дека „Секој кој смета дека во некој текст или некое друго место има елементи на говор на омраза, може да поднесе кривична пријава“? Па, приближно, бидејќи многу наликува на онаа кодошка „политика“ од 1948 година, и подоцна. Но тоа е само уште едно – не и последно! – црно камче во македонскиот режимски мозаик, започнат повторно со еден министер за правда (Маричиќ) пред година-две и обидот да се протне нова форма на „вербален деликт“. На што пак му претходеше (2018) и оној страотно понижувачки за оваа власт обид да се забрани еден македонски филм, и тоа на невидено, само врз основа на трејлерот за филмот! Сето тоа се, велат социолозите и историчарите, чекори што сигурно водат кон воспоставување на „мека диктатура“, на зацврстување на тезата за недопирливоста на државните функционери и сл. Што пак, од друга страна, а врз основа на некои свежи примери – насилничко, вулгарно, арогантно, расипничко… однесување на највисоки државни претставници – говори и за нивната неказнивост. Што, повторно, се потврди токму на случајот на спомнатиот актуелен министер за правда и неговото одбивање/негирање на опoмената од вицепремиерката задолжена за добро владеење на функционерите и институциите Грковска, а во врска со неговите познати патешествија со ФСМ!

Последните изјави на највисоките македонски функционери – премиерот и претседателот на државата, првиот дека опозицијата работи за странска земја, а вториот (повторно) за некакви „руски агенти“ и „финансирање на партии од Москва“, нѐ зацврстуваат во убедувањето дека државава многу „замирисува“ на некои одамна минати времиња, на застојани идеолошки калапи на „цврста рака“. Ако пак кон ова ги додадете и актуелните фрапантно „борбени“ изјави на министерката за одбрана и дел од „чуварите на стадото“, малку недостасува да прогласиме општа мобилизација и да му објавиме војна на непријателот. А „непријателот“ е – се знае – секој кој не мисли како нив. Или си со нив, или си против нив. Чиста 1948 (или 2008, како сакате), сосе стражарите на своите места!

Инаку, да го појаснам насловот: На стражарското место е називот на една екстремна советска фракција во средината на дваесетите години на минатиот век, која што се залагала за детално регулирање на книжевноста од страна на Партијата. Иако отфрлено, нивното барање само малку подоцна ќе биде разработено во цел систем на детална контрола врз целата култура.

И кога за сите посочени примери јавноста реагира млако, кога нема санкции, кога има оркестрирана одбрана на социјалните мрежи и од страна на платените „аналитичари“, тогаш тоа се „темели“ врз коишто потоа успешно се зацврстува посакуваната матрица. Последниот шизоиден ПРОТОКОЛОТ од Вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија, формирана врз основа на членот 12 од Договорот на пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија наликува на конечната точка на матрицата.  

Зошто го велам ова? Фактот што и актуелната министерка за култура била присутна на потпишувањето на тој проклет неписмен Протокол говори многу, но не менува ништо. Тој факт точно потврдува дека македонската култура, во поширока или потесна (институционална) смисла, ќе биде главниот актер на сите трансформации смислени во бугарските идентитетски лаборатории. А оние наши познати кербери на оваа македонска политикантска елита, кои упорно се исмејуваат со тоа прашање и одбиваат воопшто да го поврзат со фамозната Преговарачка рамка, нека го препрочитаат уште еднаш Протоколот. Па ако умеат сериозно да образложат како тоа историјата, образованието, културата, спомениците… не се дел од идентитетот на една нација, јас јавно ќе им честитам! Но тие, се разбира, тоа нема да го сторат зашто и тие се, горе-долу, толку „стручни“ како произлезени од „академијана“ од Благоевград!

А во контекстот на започнувањето на примената на тој Протокол, рокот односно одредницата кога треба(ло) да започне применувањето бил – вчера. И тоа морала да го знае министерката за култура. Или – не морала? Ама сепак морала бидејќи националните институции во културата веќе во јуни ги доставија своите програми за наредната година. Не знаејќи, се разбира, за новите „правила на игра“ воведени од страна на државата односно, на пример, дека двете држави ќе „гарантираат дека државното финансирање на нови книги, документарни изданија и списанија, филмови и друга уметничка продукција, како и на споменици на културата и прослави, ќе се реализира во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, и во овој контекст, секој субјект финансиран од државата ќе потврди преку јасна и обврзувачка изјава дека ќе го следи со неопходното внимание прашањето за неприфаќање на сите форми на говор на омраза и непочитувањето на оваа должност ќе претставува основа за прекин на понатамошното државно финансирање на ваквиот субјект“. И, знае ли некој во Министерството што тоа значи во светлината на претстојниот Годишен конкурс за финансирање на проекти за наредната година? И кој, и како тоа ќе го оценува? И дали тоа ќе се прави во рамките на постојните стручни комисии или за тоа ќе се формираат посебни цензорски комисии? И според кои мерила и критериуми?

И дали некој воопшто размислил што тоа значи во праксата и каков (не)цивилизациски/(не)културен имиџ остава државава во светот со вакви мерки во третата деценија на дваесет и првиот век? Или тоа нашине „стручњаци“ загрижени за македонските евроинтеграции не ги засега, уште помалку ги интересира, зашто тие се платени исклучиво да ја бранат власта и нејзините шарлатански политики? И сето тоа во името и под знамето на ЕУ? Може ли некој од локалниве „стручњаци“ да посочи една, само една држава во Европа каде што се спроведува ваква цензура во финансирањето во културата? Може ли на тоа прашање да одговори министерот за надворешни работи, вицепремиерот за евроинтеграции, министерката за култура… премиерот… претседателот на државата? Зарем е можно еден политичар да не може да ги согледа димензиите на едно вакво културно злосторство? Бидејќи, дури нашите цензорски комисии да бидат најблаги во спроведувањето на „мерките“ од фамозниот Протокол, зарем не гледаат дека културата (уметноста, литературата, театарот, филмот…) комплетно се затвора за сите теми поврзани со источниот сосед, а особено оние што би се занимавале со средновековната но и со поблиската историја (на пример Балканските и Првата светска војна, Втората светска војна, НОБ… повоениот период)? Или ако, на пример, еден историски музеј сака да подготви тематска изложба што покрива некој од овие периоди, пред отворањето ќе поминуваат ли дотичните цензори да ја одобрат?  И впрочем, тоа ли е всушност целта: македонската култура да не се занимава со такви „заморни“ теми? Што ќе рече дека власта всушност им олеснува на македонските уметници и културни работници?

Или, уште еден, најактуелен пример: зарем објавувањето на делови од тајниот извештај на ЦИА од 1971 година насловен „The Macedonian Syndrome – The Cronic Crysis in Yugoslav-Bulgarian Relations“ не е, според Протоколот, говор на омраза? И сега, што? Ќе го апсат новинарот што објави делови, ќе ги затворат порталите што го објавија тоа, нам (кои го имаме тој извештај дома) ќе ни ги запленат ли компјутерите…? Можно ли е влада на суверена држава да се согласува на вакви понижувања?   


ВЛАСТА КОНТРА ДРЖАВАТА

Веќе е премногу очебијна за да не биде забележана уште една иронија на современата македонска историја во последниве петнаесет години: наизменичната власт на двете најголеми македонски партии е во отворена битка против државните институции, против невладиниот сектор, против независните интелектуалци… секогаш кога нејзините „политики“ наидуваат на контрааргументи кај спомнативе. Дури и за клучните, стратешките, најважните прашања за државата. Актуелниов „евро фронт“ во врска со наводните македонски пристапни преговори е само уште еден пример на таа листа.

Современата европска историја не памети конструктивен резултат во судирот на власта со државните стручни институции и поединци, но и со компетентниот т.н. независен сектор. Историјата вели дека токму државата е таа што секогаш (ќе) губи, порано или подоцна, на многу рамништа. Тоа, веројатно, ќе биде судбината и на сегашниот судир на оваа власт со бројни стручни институции и поединци (не само) околу „чудната“ унилатерална декларација за јазикот, која што како да не смее да рече дека македонскиот јазик не постои баш само од 1945 година и дека не е сведен баш само на територоријата на денешна Северна Македонија. Што пак, преведено на „нормален“ јазик значи дека (не само) оваа власт, впуштајќи се во еклатантен судир со МАНУ, УКИМ, соодветните институти за македонскиот јазик, невладините здруженија итн., де факто влегува во судир со – државата! Но, тоа не е единствениот судир на оваа власт со бројни нејзини институции, но и со докажано проевропски невладини здруженија и слободномислечки интелектуалци (не само) околу целиот актуелен пакет на нашето евроинтегрирање.

А слични конфликти впрочем гледавме и во времето на заробената држава, кога едена друга партија демонстрираше сила и моќ (но не и знаење) по многу важни за државата прашања (антиквизацијата, историјата, СК 2014 итн.), а во коишто конфликти односно спротивставувања на таквото однесување предничеше токму оваа македонска партија сега на власт, а тогаш на вистинската страна. И имаше прилика да види како завршуваат тие и такви судири. Но сепак, денес, ја гледаме во иста онаква улога, дури и како застапник на „рецептите“ на нејзините  гласноговорници дека науката ќе си мисли и ќе си пишува што сака, но државата ќе си тера по свое односно ќе биде таа којашто ќе го регулира државното „научно мислење“! И тоа е де факто бравурозно шарлатанство на дело, во оваа трета деценија на дваесети и првиот век. Иако, всушност, истото го тврдеше и Груевски и неговата камарила за антиквизацијата, за СК 2014, за Хунзите, за арихитектурата, уметноста, историјата… Што ќе рече дека и денес го продолжуваме истиот „тренд“, и по Груевски – Груевски: државата ќе има една вистина, науката друга, државата ќе труби низ устите на нејзините вувузели дека нејзината „вистина“ е европска и компатибилна а науката ни е застарена и заробена (или хибридна?), дека онаа некогашна мак-држава, од која што произлегла и оваа сегашнава, била лажлива, назадна, со гнили темели и уште погнила надградба… Нешто апсолутно невидено во современиот свет.

Сега заробената и/или хибридната мисла ни се претставува како прогресивна, а партократијата како добра и морална? Денес мислењето на другиот, оној со камшик во раката, ни се прикажува како „објективно и научно“, а нашето мислење, стручност и компетентност ќе ни служат за по дома? Извинете, зарем можеме да бидеме толку глупави?!

Впрочем, ние не само што се оддалечуваме од демократијата – тоа де факто го направивме уште со заробената држава и хибридниот режим – туку длабоко загазуваме во владеењето на една мала група истомисленици во сите сфери на општеството, дури и за најважните прашања за државата. Но, и тоа е новиот манир на црната македонска политика произлезена од некогашното (квази)демократско „шаренило“: за историски најважните прашања за државата да се решава во партиско-пријателски кругови, од страна на проклето неспособни и неуки поединци октроирани на највисоки државни позиции и со специјални задачи. Ако современите демократии инсистираат на референдумско изјаснување за минорни социјални и граѓански прашања, кај нас за круцијалните државни одлуки (име на држава, меѓународни договори со импликации врз историја, јазик, идентитет…, преговарачка рамка за пристапни ЕУ преговори) се решава во неколку чифта очи. По правило слепи, или заслепени од странските ветувања за идните фондови.

Ние не само што се оддалечуваме од основите на демократијата – нејзината „надградба“ ни на ум не ни паѓа! – туку безмалку цели петнаесет години живееме во еден Бренановски розов симулакрум каде секојдневно секакви и сечии платеници и шарлатан(к)и нѐ убедуваат дека демократијата е за развиениот свет, дека ние сме мали и сиромашни но и неспособни, дека живееме во некакви митови, дека нашите капацитети се рамни на нула а нашиот ум некомпатибилен со европскиот итн. И сето тоа се сведува на неколкумина ликови кои сејат магла и протстачки ги глорифицираат дури и најглупавите потези на власта (вклучувајќи ја и нејзината недемократичност), се служат со симплифицирани идентификации но и навреди за сопствениот народ, наука, култура, образование… Од една страна се колнат во европски вредности, но ракоплескаат на пресијата на државата врз институциите и поединецот; се нарекуваат прогресивни но воведуваат „државна наука“ (зашто „државата го нема тој луксуз“ да ги чека научниците, нели?!); ја оживуваат најцрната цензура во науката, обреазованието, културата, уметноста, но се колнат во граѓанските права и слободи итн.

И, што е најинтересно, сето ова, и многу повеќе, е вклучено – и потпишано во името на државата – во тој идиотски Протокол којшто така перфидно ја продолжува сталинистичко-ждановистичката идеолошка матрица во највисоките сфери на постоењето. Во неа државата е „всјо и всја“, таа (божем) нема време да го чека неосвестениот поединец, таа (божем) јури да го фати возот на европските промени. А всушност нѐ враќа цели седум децении назад, во едно мрачно минато коешто многу ја чинеше државата токму на нејзиниот пат кон цивилизирана Европа. 

ШИНЕЛОТ ОД НАШИОТ СОКАК

или

За еден скандалозен памфлет

Дури ни најголемите оптимисти кај нас не веруваа дека ние така лесно, речиси преку ноќ или за некакви два-триесет години, ќе ја смениме нашата „идеолошка“ матрица. Ниту пак дека облеката „а ла франка“ навистина ќе нѐ европеизира бидејќи врз неа некои персони сѐ уште си носат шинели, а на нозете – опинци. Тие се „европејци“ само кога треба, најчесто заради лукративни цели. Инаку си се и понатаму… тоа што отсекогаш биле.

Зашто, денес, особено денес, да држите 1948-шки лекции на историчарите, на македонската наука, на сите интелектуалци кои се спротивставуваат на оваа лажлива – или, ајде, нетранспарентна – шарада со нашите ЕУ приклученија, да кажете денес, во третата деценија на дваесет и првиот век,  дека „сепак постои објективно и научно толкување на историските настани, а не право секој да си ја пишува историјата како што сака“ не е само врвно шарлатанство туку е и бесрамно понижување на македонската историска наука и македонските историчари „кои вртат глава и пред пишани докази“. А шинелот мора да ви е голем, навистина голем. А опинците – тесни. Впрочем, ова не е првпат да добиваме вакви лекции од истите луѓе. И ова никако не е случајно избран момент, како што впрочем не беше ни оној крајно примитивен подривачки текст за нашата „заедничка историја“ со источниот сосед. Теза што, повторно, се пласира и сега, во овој најнов скандалозен памфлет, за да подобро ни влезе „во уво“. Само пред една година, во врска со нашата „заедничка историја“ со Бугарија, ни беа поттурани „европски“ примери на помирување („Помирувањето меѓу Америка, Велика Британија или Франција со Германија не е на штета на исторската вистина“[1]), но не од компетентни историчари туку од странски амбасадори (sic!) како некаков врвен аргумент.

Не мислам дека нашата историска наука е водечка во светот. Но не мислам ни дека нашата историска мисла не е компатибилна со светската, па нека тоа го тврдат разноразни професорчиња или амбасадорчиња (кои, патем, историјата ја познаваат колку и квантната физика!). Знам дека ниту еден од овие сега на власт, имајќи им ги предвид годините, нема поим што била и каква била Македонија пред 1991 година, и дека некои тогашни генерации буквално ја живееле Европа во нејзините најубави децении. Компатибилноста на македонската наука, култура, уметност… се одамна апсолвирана вистина. Меѓутоа, ако власта е сериозно неука и полуписмена, „професоров“ не е бидејќи има зад себе многу децении. Само што, извинете, не секој, особено не такви провинцијалци, можат воопшто да ја разберат Европа некогашна и сегашна, некогашна (но и сегашна) Македонија, некогашна (но и сегашна) Бугарија… итн. За жал, таквите луѓе не умеат, едноставно немаат капацитет да ги разберат ни напорите на македонската историска наука да извлече максимум од „историската првост“ односно од почетоците на слободната историска мисла кај нас, од формирањето на првите институции, од оформувањето на архивите и др. Секако, ние не сме ги имале ресурсите на некои големи сили (од кои овие персони се фасцинирани!) за преку ноќ да ги надминеме сите тешкотии во етаблирањето на научна мисла во земјата, но да се осмелиш да кажеш дека македонската (не само) историографска мисла/ставови не „се компатибилни со оние на европската и светската историографија“, е крајно грда, паушална, неписмена и неаргументирана констатација.

Неодамна напишав дека е веќе очигледно дека во Македонија навистина делуваат „подземни сили“ на секакви центри и служби и дека, доколку внимателно читате, ќе ја видите – неизбежно е – специјалната војна што се води (не само) на социјалните мрежи и (особено) на порталите. И тоа воопшто не е параноична констатација, зашто примери има премногу. Последниов скандалозен памфлет е врв на невкус, на плукање по државата (особено онаа некогашната, во која овој „автор“ се колнеше!), по науката, културата, историјата, образованието итн. Не знам кому тоа му служи, дури најмалку на оваа власт ако таа навистина се идентификува со неговите простачки средновековни „теории“. И тоа особено денес, во екот на полемиките околу актуелните контроверзни текови со нашите приклученија кон Европската унија. Се разбира, ваквите пројави не се ништо ново во политиката, но се релативна новост во македонската политика, или политикантство, како сакате, невидено дури и во најцрните денови на стравовладата на пребегот од Будимпешта. Овој „професор“ го надмина и него во демонстрираната омраза кон сѐ што прозвучува национално, патриотско, македонско…, повладувајќи не само на оваа полуписмена власт (на која што линија, очигледно, „се нашле“!), туку токму на интересите на источниот сосед со којшто, ете, ние треба да глумиме заедништво наместо, ако баш мора, да – споделуваме. Зашто ние, навистина, немаме ама баш ништо заедничко со нив. Освен тоа што сме соседи, но соседите не можеш да ги избираш, нели?

Од друга страна, треба ли на овој скандалозен памфлет да му се придава толкаво значење? Треба, недвојбено. Зашто тој никако не е само некаква лична перцепција на човек изгубен во просторот и времето. Факт е дека овој памфлет е само уште еден лажлив обид за замаглување на нештата иако само гребе по површината. Но гребе отровно, злобно, навредливо, неуко. А историјата не е една приказна во сликички туку е и длабока филозофија, неразбирлива за неуки луѓе. Затоа и прават такви кардинални лупинзи. Нивната историска неписменост е неизмерна како и нивната интелектуална празнина насочена кон просто слугување.

Меѓутоа, овој памфлет е и уште еден чин на доказ дека Македонија одамна се наоѓа во сивите предели на некултурата, во длабоката зона не само на  непросветеноста, туку на нејзината најлоша варијанта – антипросветителството! Последниве деценија и половина ние континуирано тонеме во жабурникот на простотилакот, примитивизмот, ненаучноста и тенденциозното политикантство. И на шинелизмот, се разбира, како покривка за сѐ. Сето тоа ја влече земјата во некогашната балканска провинциска кал во која што, очигледно, некои уживаат да се валкаат. А сепак, дури и да ги уништиме сите македонски историски книги, ќе постигнеме ли нешто? Зарем само македонските историчари ја пишувале македонската историја? Тоа може да го помисли само ограничен ум.

Но, она што остана недоречено во овој памфлет е дали државата, која што, нели, „го нема тој луксуз да не превзема ништо“ во историјата, еднакво ќе се однесува и во културата, уметноста, музиката, литературата…? Дали и во овие области овие луѓе во шинели ќе заведат ред и поредок, ќе кажат што и како може да се создава и според кои правила и критериуми? Ќе заигра ли конечно и пендрекот како нивен омилен аргумент за непослушните!?


[1] Денко Малески, Помирувањето и историската вистина одат заедно, Либертас, 24.09.2021

ЌЕ ВИВНАТ ЛИ КОЛЕДАРСКИ ОГНОВИ?

Политиката, особено меѓународната, не е лажлива професија само заради фактот што македонските политичари се такви, ниту пак историјата е политикантска играчка со која што (ќе) си играат мрсулави дечиња кои пораснале во проклето неспособни „возрасни“ со некакви напамет научени „наративи“ што треба да нѐ убедат дека тие знаат што прават. Најмалку пак историјата е реверзибилен процес во којшто секој (ќе) си ги допишува своите вековни соништа а науката ќе ја потчини на диктат на дневната политика. Се разбира, ако државата ја претворите во куклена претстава во која што оние шеесет и осум „пратеници“ и дваесетина „министри“, кои со својата неспособност ја турнале земјата во хаос, едновремено сакаат да глумат дека се и нејзини спасители, тогаш сѐ е можно. И дозволено. А ние постојано, цели три децении, ја играме таа претстава, во (веќе) речиси 11.000 репризи, при што главните протагонисти се циклично реизбирани во носечки или споредни улоги.  

Оттука, дали денешнава ситуација по објавувањето на фамозниот Протокол е некакво изненадување, и за кого? Проклето – не, се разбира, како што не се ниту демантите од „госпожата“ Генчовска во улога на министер за надоворешни работи во оставка, која речито си ја брани тезата дека (и) овој Протокол е составен дел од Преговарачката рамка. А како пак не би бил кога тоа, „црно на бело“, стои во два документи за нашето приклучување кон ЕУ: Предлог-заклучоците на Советот и Воведната изјава на ЕУ за преговорите за пристапување. Фактот што „нашиот“ министер за надворешни работи, уште еднаш, по којзнае кој пат, потврди дека е комплетен политички дилетант тврдејќи во едно свое „шоу“ дека „Многу е важно да направите разлика помеѓу тежината на документите. Рамката е таа што има тежина и ги одредува суштината и принципите на преговарачкиот процес, заклучоците не се… Заклучоците имаат поинаква тежина“, не ни помага многу. Но не е само тој, се разбира, туку и сите оние кои едноставно одбиваат да видат што сѐ пишува во документите од т.н. „француски предлог“ и на што се обврзува земјава. Меѓу нив, секако, и најновиот Протокол кој не го видоа оние 68 „пратеници“, но  кои сепак гласаа „за“ и за којшто ни веќе познатите приврзоци на власта, нормално, нема ни два збора да кажат!

Впрочем, тој „документ“ и не завредува на него да се трошат зборови, бидејќи дефинитивно е најпонижувачкиот лист хартија потпишан од некој македонски политичар. Секако, ние можеме сега да го впрегнеме дури и Макијавели со неговото „целта ги оправдува средствата“, но мислам дека ни тој не би се осмелил на нешто такво. Зашто, самиот – под притисок или не, сеедно – целосно да си го негираш комплетниот образовен систем, најсветлиот период во поновата историја, да ги ревидираш спомениците што си ги градел во слава и чест на хероите, па дури да превземеш обврска и да осудиш и да се извинуваш за некакви наводни комунистички репресии врз Бугари…, е чин без преседан во современата европска историја. А згора на сѐ, кај нас егзалтирано се ракоплеска на секој странец што ќе спомне дека говориме македонски јазик, дека имаме наш идентитет и култура, небаре ние тоа не го знаевме!

Не се сомневам дека едно онакво парче хартија од некои дваесетина страници викано Протокол, како и нашево вкупно шизофрено постапување во однос на започнувањето на т.н. пристапни преговори – некои „стручњаци“ велат дека сме требале да славиме! – во иднина ќе биде предмет на многу домашни и странски магистерски и докторски дисертации, но тоа не е и не може да биде никаква сатисфакција. Ниту пак некаква сатисфакција ќе биде и започнувањето на тие проклети преговори под вакви услови. Факт е дека историјата многу ѝ должи на Македонија, во секој поглед, но таа не може да ги отплаќа и нашите свесни глупости. Зашто, ова е токму тоа: ние влегуваме во процеси – историски, образовни, културни, јазични… па и идентитетски, ако баш сакате – за коишто не знаеме како ќе се развиваат, ниту пак имаме некакви гаранции за „квалитетот“ на тој развој. Најновата Декларација за јазикот од Софија е потврда за тоа. А впрочем, тоа се процеси што се тренираат само врз нас зашто ниту една друга земја-кандидат не поминала низ таква дресура. И, да биде иронијата поголема – повторно историјата и иронијата! – сето тоа ни се случува заради интервенциите на земја-членка на ЕУ, но едновремено и некогашен фашистички окупатор на Македонија во периодот 1941-1944 година. Има ли претстава некој во државава какви последици ќе предизвикаат сите оние „договорени“ обврски? Ќе правиме ли „коледарски“ профашистички огнови со 2/3 од македонската литаратура по 1945 година, и со речиси целата македонска кинематографија по 1952? Или македонскиве „стручњаци“ тоа не го разбираат? Зашто, како инаку ќе им удоволиме на хистеричните бугарски барања за ревизија на сѐ во македонската историја и култура? Два големи „коледарски“ огна ќе мора да се организираат – едниот пред НУБ „Св. Климент Охридски“, вториот пред Кинотеката на Македонија! Ќе има ли доброволци со подготвени запалки? Не се сомневам. Ќе смеат ли во наставните планови да се спомнат тие книги и филмови, или тоа ќе биде „говор на омраза“? Никој не знае, како да нема еден нормален човек во оваа власт!

Од друга страна, како ќе ја реафирмираме „осудата и извинувањето за неправдите и репресиите извршувани во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и Бугарите“, како што бара Протоколот? Ќе инсценираме ли нови судења, сега на тогашните судии и/или нивните семејства за да им удоволиме на бугарските хистерии? И, како што неодамна прашав, дали меѓу оние Бугари на кои ќе мора да им се извиниме спаѓаат, на пример, и полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов… осудени за ѕверското убиство на младинците во Ваташа; или можеби Димитар Чкатров, Стефанов и Хаџи Кимов, Асен Богданов, Ѓузелов… но и уште илјадници (про)бугарски воени и цивилни злосторници од времето на фашистичката окупација 1941-1944 година? Или, дали повеќе светлина во тие настани ќе внесат зборовите на еден од судените, Димитар Чкатров, кој пред судот изјавил: „Се чувствувам виновен зашто бев политички заблуден. Ја признавам својата морална и политичка одговорност пред македонскиот народ“.

Конечно, го видела ли овој Протокол т.н. Историска комисија односно нејзиниот македонски дел? Се согласува ли со него и знае ли воопшто на што се согласува? Можеби некому историјата и нејзините толкувања им се чинат како реверзибилен процес низ којшто ќе филтрирате сѐ што не ви се допаѓа во минатото. Ама тоа не е баш така. Толкувањето на историјата е една работа, но нејзиното „фризирање“ сосема друга. И што ќе правиме со странските книги/истории и нивното толкување на македонската историја, особено на онаа за периодот 1941-1944 година? И нив ли ќе ги палиме?

НАЈДОЛГИОТ ПАТ

Да беше жив големиот Петре М. Андреевски, ќе имаше многу нешта да им каже на владата и собранието (малите букви се одраз на нивниот углед денес) за националниот идентитет, јазик, „француски договор“ и слични будалаштини. А веројатно ќе напишеше и ново сценарио – продолжеток односно втор дел на филмот „Најдолгиот пат“. Неговиот „Најдолгиот пат“, случајно, говори за едно слично волнено време пред цели 120 години, за една држава во распаѓање, терор и репресии, но и за едно револуционерно движење во подем, за едно неизвесно „патување“ без крај… Петре М. Андреевски веројатно ќе имаше што да ѝ каже и на г-ѓата фон дер Лајен.

Но, мислам дека не ќе можеше да противречи на онаа нејзина реченица искажана од собраниската говорница во Скопје: „Станува збор за патот што вие го избравте“, ни рече г-ѓа фон дер Лајен. Дали таа намерно пропушти да ни ја каже должината и „кривините“ на тој „пат“? И кои се, денес, нашите Секула, Синан, чаушот…, кои се оние племиња што го напаѓаат карванот на тој пат, итн.? Не знаеме, но овие нејзини зборови се најголемата вистина во целиот овој политикантски галиматијас викан македонско пристапување кон ЕУ. Дали, колку и како ние сме го разбрале современиот „најдолг пат“ што де факто сме го одбрале, е повторно – наш проблем. Односно, проблем е на македонските политички елити – или „елити“, како сакате – и дали, како и колку тие го разбрале тој пат и како нам ни го пренеле нивното разбирање – или „разбирање“ – на тој пат. Но, тоа не е само нивен проблем. Да, тие биле платени, и тоа добро платени, многумина и преплатени за работите што ги „завршиле“, притоа и со (пре)многу други попатни привилегии. Тие биле платени и се заколнале врз Уставот да ги осознаваат стапиците на современата политика, но и да влечат поуки од историјата, за сегашноста и иднината, и притоа да ја водат државата низ мирни води. Сцилите и Харибдите низ коишто помина Македонија не се само или исклучиво резултат на апетитите на меѓународната заедница, напротив. Македонските политикантски елити и нивните пазарџиско-профитерски калкулации ја доведоа државата на раб на граѓанска војна! Свесен ли е некој за тоа?

Како што криминалот и корупцијата на груевистичката заробена држава го извади народот – велам народот, не клиенто-абонентите и онаа страотна толпа подлизурковци – на улица во онаа 2016/2017 година, така истите методи и на овој хибриден режим, надградени со ароганцијата и неспособноста на оваа власт, тоа го направија деновиве. Цели пет години, сѐ, и буквално сѐ кај овие е закукуљено и замумуљено, скриено и нетранспарентно, розово лажно или еколошки „црно“. Никој не знае(ше) што и како работат, а работеа/работат сѐ друго освен она за што беа/се (пре)платени. Ни запирка не сработија од она што го ветуваа и за што им беше даден мандатот. Нивната ароганцијата премина во манир, неспособноста и незнаењето во квалитет, партиите во единствено меродавни чинители во јавниот простор. Неинтелигентни луѓе ја потценуваат интелигенцијата на другите! И сето тоа тивко подгревано од големите европски играчи и ситнодушестите домашни пци-лајачи, со или без поводници. Политиката на антипросветителство и некултура диктирана од партиските штабови – сите, без исклучок – го удвои она историско полувековно заостанување на Македонија зад европските цивилизациски процеси. Таму каде што требаше решителност, будаливе се ценкаа; таму каде што требаше претпазливост и пазарење, слепциве одеа со глава в ѕид! Затоа и не знаат каде води најдолгиот пат.

Но, но, демократската, па и националната с(о)вест, ако сакате, наложува барем уште еднаш, по којзнае кој пат, сериозно да се размисли, иако за тоа денес баш и нема некои услови. Буквалната закрвеност помеѓу партиите практично оневозможува секаков конструктивен дијалог. А тој требаше да се води, детално, барем уште пред две-три години, односно уште пред потпишувањето на оној ступиден договор на „стручњакот“ од струмичко. Тој неопходен конструктивен дијалог мора(ше) да ги вклучи и независните интелектуалци и експерти и невладините организации, а не само оние властелински подопашници кои две години дуваат во вувузелите коишто сега им ги враќаше опозицијата. Меѓутоа, и понатаму власта продолжува со истата ароганција, со криењето на клучни документи до последниот миг, со бегање од седниците на собранието наместо соочување со пратениците итн.

Како и да ѐ, повторно, можно ли е целиот оној блок создаден против ваквиот де факто крајно проблематичен „француски предлог“, од дрвото да не ја гледа шумата викана ЕУ? А сепак, ако, според анкетите, дури огромни 72% од македонскиот народ е против актуелниот начин на започнување на преговорите со ЕУ, не треба ли тоа да се има предвид? Или, ако тоа го поставиме во историски релации со изјаснувањето на народот во 1945 и 1991 година – па и она за Преспанскиот договор во 2018-та, ако баш сакате – не изгледа дека мнозинството баш и не знае/не може да ја види „шумата“. И, нели, мнозинството е секогаш во право? Или не е, ако тоа не одговара на желбите на оваа власт? Ако, како што вели и Емануел Макрон, Македонија (овојпат како Северна) „повторно се наоѓа пред клучен момент во својата историја“, кој е тој што треба(ше) да одлучи за „најдолгиот пат“?! Ако и сега, по трет пат во поновата историја, изборот е само наш, што тоа значи и кои сме тоа „ние“? Онаа влада што буквално преспа цели пет години, занимавајќи се – според европските извештаи – само со криминал и корупција, или и овие 72%? Зашто, сепак, ова не е периферно прашање од областа на инфраструктурата, транспортот, собирањето детелина без четири листа… туку судбинска одлука со многу непознати. Ако пак првите непознати беа сокриени веќе во документите по коишто се гласаше, што друго ли крие овој нов најдолг пат? Македонското собрание е веројатно единственото во современиот цивилизиран свет што гласало „на невидено“, без увид во клучните за одлучување документи.

Толкава ли е вербата во зборот на нивните лидери? Не знаеме, но како ли ќе реагираат кога веќе утре од документите што ги изгласале ќе почнат да излегуваат ѓаволите?

ЧИЈА „ЖРТВА“ СМЕ НИЕ?

„Има одредена иронија во тоа што токму Франција претстави проблематичен компромисен предлог. Затоа што со години токму француската влада го кочи прифаќањето на државите од Западен Балкан во ЕУ, ветување кое и онака сѐ повеќе звучи шупливо“[1], констатира германскиот историчар Улф Брунбауер. И бидејќи ни него, како ни Фуере или Бибер, уште помалку Џозеф, не можеме да ги вброиме меѓу „путинистите“ и „рубљовите“, нели е доблесно барем малку да се подзамислиме за неговите констатации? А следствено, не само во светлината на мојот наслов туку и како главна „мантра“ на сите наши протести, можеме ли да констатираме дека сме жртва токму на – Франција? А Бугарија? Па Бугарија е само „маша“ на Европската заедница односно на Франција и на Германија, велат некои. Впрочем, Едвард Џозеф говори за „европското предавство“ кон Македонија уште од јули минатата година![2] Но, од друга страна,  еден од локалниве „аналитичари“ и верен чувар на власта неодамна ни порача дека „САД нема така да нѐ остават“. Да нѐ остават, вели „аналитичарот“, небаре сме малоумен народ со посебни потреби!? Но значи ли ова фијаско дека и тие „нѐ оставија“, да не речам – нѐ жртвуваа? Понатаму, здружените сили на власта непрестајно трубат за руските влијанија, хибридни напади, жолти комбиња, уфрлени хушкачи…, наведувајќи нѐ на помислата дека тие се всушност главните виновници за катастрофава со ЕУ интеграцијата, а ние (повторно) нивна жртва. Ако кон сето ова лицитирање на списокот на виновниците ја додадеме и македонската опозиција и т.н. „неутровмрана“, константно посочувани од највисоките државни кругови како внатрешни непријатели, Македонија дефинитивно, по којзнае кој пат, е „монета за поткусурување“ и жртва на „дворските игри“ на големите и малите сили.

Но, ако, историски согледано, дел од овие констатации се валидни имајќи ги предвид случувањата и замешателствата од времето на Сан Стефано, Берлин, Балканските војни, Големата војна, Версај…, кога Македонија како територија немала никакво влијание врз странските освојувачки комбинаторики, зарем и денес сѐ уште се „возиме“ на таа историја? Зарем во една современа и независна држава (еве нека е само од 1991 година, ако некој не сака да ја прифати онаа од 1945) и денес говориме за „жртви“, за поделби на историска маса, за влијанија вакви и онакви? Зарем навистина, и во 21-от век, ја прифаќаме шизофрената „теза“ за нашата малост, сиромашност, недугавост, глупавост…? Па дури ќе злоупотребуваме и неодамна починати луѓе, ќе ги извртуваме нивните зборови во сосема погрешни насоки (за „атомскиот ум“, за „малата нација и китовите“ итн.)? Дали (и) на овие иронии мисли Брунбауер?

Зашто, како што вели Билингтон, „во потрагата за некаков начин на поимање на замрсеноста на историјата, поимот на иронијата има извесна привлечност“. Ироничноста на сите погоре спомнати „тези“ всушност нѐ води некаде на средината помеѓу тоталниот историцизам и тоталната апсурдност на спомнатите тези. Да, тие не се целосно апсурдни, но да се затскриваме зад претставата на „жртва“, заборавајќи дека сме едновремено и суверена и независна држава е – тотална иронија. Или шизофренија, како сакате! Токму затоа веќе спомнатиот историчар Билингтон вели дека „иронијата е поим што поттикнува надеж, иако не смирува“. А таа „надеж“ повторно нѐ воведува во приказната дека ние сме неспособни и беспомошни суштества оставени на ветрометината на еден целосно бесмислен и налудничаво агресивен свет во којшто секој прави што сака, а китовите ги јадат малите риби. Дека навистина некој друг (повторно) диктира услови на „зелена маса“ а ние како кленови климаме со главите? Тоа ли е македонската надеж, надежта на жртва која чека милост од џелатот?  

Меѓутоа, како и обично, ништо не е така како што изгледа. Ниту сме ние жртва на „големите сили“, ниту пак некој од нив така вулгарно нѐ жртвува. Ние сме жртви, но на сопствените заблуди и политиканство, на сопствената неспособност и неукост. Немам дилеми дека денес светот не е розов, па дури и дека низ него пливаат ајкули и ловат мали риби, но кога пак бил подобар? Или ние подготвуваме сценарио за некој нов дел на „Jaws“? Па зарем во една Албанија нема такви ајкули, па „малите риби“ сепак некако пливаат? Затоа, мислам дека во целата оваа и ваква констелација го запоставуваме вистинското прашање: сака ли оваа, но и која и да е друга власт во Македонија, навистина да стане членка на ЕУ? Зашто, ако ги склопувате камчињата во мозаикот, едно по едно, ќе видите дека тој ама баш никако не создава конкретна слика, туку некаква налудничава „апстракција“ од бои и форми без ред и смисол, која што некој сака да ни ја прикаже како реална. Но, всушност, ова прашање има два можни одговори. Едниот е дека (и) оваа власт горливо тежнее да ги започне преговорите и да ја внесе државата во ЕУ, но нејзината неспособност, некапацитетност, неукост… немање „атомски ум“, ја спречува во тоа. Зашто, тоа е едно од објаснувањата за овие пет загубени години, за овие катастрофални резултати во внатрешната и надворешната политика, за онаквиот договор со источниот сосед и сите пропратни документи (коишто некој едноставно одбива да ги види), за кратковидоста во однос на она што ја очекува државата со онаквиот „француски предлог“ итн. Или, ако сакате, само тотално неспособна власт може да се согласи со онакви формулации во еден меѓудржавен протокол, во којшто државата е поставена во целосно подредена, малоумна и срамна позиција. Што ќе рече дека ние сме жртви, но на сопствената неспособна власт!    

Иако, и втората опција не е многу порозова. Таа се темели на претпоставката дека сето погоре кажано може и треба да се припише на една вешта игра на оваа власт себеси да се прикаже како поддржувач на македонските ЕУ интеграции, но во праксата да дејствува на спротивен начин. Поточно, можно ли е сите потези влечени во последниве пет години да се добро пресметана стратегија како да се избегне започнувањето на преговорите, но во јавноста да се остави спротивен впечаток? Според многу назнаки, токму ваквата пазарџиска логика е де факто вистинското огледало на оваа власт, со што се постигнуваат два ефективни резултати: за одбивањето на преговарачката рамка се обвинува опозицијата и сите слободномислечки луѓе во државата, а власта ги продолжува своите инфантилни, криминални и импотентни политики насочени кон личното и партиското намесништво и разнебитување на сите државни ресурси.

И да, двете опции се катастрофални за нас, но што ние правиме контра нив? Го обвинуваме странскиот фактор? И опозицијата? Но, ако подобро погледнете кој/кои всушност тоа го прави, зарем нештата не се појасни?


[1] Улф Брунбауер, Зошто францускиот предлог е бескорисен и опасен, DW, 08.07.2022

[2] Александар Димитриевски, „Кавга“ меѓу САД и ЕУ среде Охрид – дали Унијата ја предаде или поддржува Северна Македонија, 360 степени, 2 јули 2021

АЈДЕ ДА (НЕ) БИДЕМЕ МАЛИ ДЕЦА

Тотално е нејасно зошто претседателот на државата се спушта на рамништето на толкувач на глупостите на владата (малите букви се одраз на реномето што таа го ужива кај граѓаните!), и практично врз себе ја превзема целата вина за истите. Зашто, ако таинствениот Протокол е дело на некаква владина група, што има тој да го толкува и да дели лекции како нештата ќе се одвиваат? Или и тој., сепак, има свој удел во целото замешателство? Или пак мисли на вториот мандат, што сепак е сосема различна приказна? 

Како и да ѐ, неговите толкувања се лоши, прилично неуки и неиздржани, и јавноста ја третираат како мало дете коешто ништо не разбира. Но тоа впрочем е манир на оваа власт – работи во полза на сопствената штета. Имено, како што претседателот го толкува фамозниот Протокол, „Комисијата е составена од седум Македонци и седум Бугари. Ако се согласат двете страни, тие упатуваат препораки до двете Влади. Двете Влади, ако се согласат, пуштаат до надлежното министерство, до МОН доколку зборуваме за учебник, и тие си наоѓаат автори. Го акцентирам зборот препорака. На крајот, само авторот на учебникот носи целосна одговорност. Тие ќе ја имаа на увид. Ако Комисијата не се договори за историските личности, следува блокада, вето од Бугарија“, изјавил Пендаровски. Тоа е исто како сега да ја пренесете целата вина за Протоколот врз вратарот во МНР кој дозволил таков монструм воопшто да излезе или влезе од/во таа „институција“! Ама и тоа е манир на оваа власт: тие не се виновни за ништо, народот е крив!

Меѓутоа, претседателот не коментира, на пример, зошто воопшто ние би имале обврска да ѝ доставуваме „(…) на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија“? Баш Бугарија ли ќе биде тој фактор што перманентно ќе ги ревидира нашите образовни содржини врз основа на своите квазиисториски матрици? И претседателот на државата не гледа ништо спорно во тоа? Па ни во „заклучокот“ дека „Ако Комисијата не се договори за историските личности, следува блокада, вето од Бугарија“? Па каква тогаш полза имаме од „францускиот предлог“?

Што ќе рече дека ако ја примениме оваа логика на претседателот на државата врз целиот Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, дури и врз неговите најглупави членови, произлегува дека сите решенија се божем во наши раце? Иако де факто не се, зашто другата страна веднаш ќе активира – вето! Тогаш, повторно, која е смислата на прифаќањето на „францускиот предлог“? Само да си играме детска градинка?

А сепак, некои прашања од фамозниот Протокол не се баш за во детска градинка. Но никој не ги коментира, ниту прашува за нив. Ни медиумите/новинарите што го интервјуираат претседателот, ниту пак тој инсистира да ги појасни нештата. Едно од тие „нешта“ е зошто, и за што, треба Македонија да се извини на Бугарија „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“? И кои се тие „неправди и репресии“, и кои се тие Бугари, по име и презиме? Дали во тие Бугари спаѓаат, на пример, и полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Борис Костов… осудени за ѕверското убиство на младинците во Ваташа; или можеби Димитар Чкатров, Стефанов и Хаџи Кимов, Асен Богданов, Ѓузелов… но и уште илјадници (про)бугарски воени и цивилни злосторници од времето на фашистичката окупација 1941-1944 година? Или, дали повеќе светлина во тие настани ќе внесат зборовите на еден од судените, Димитар Чкатров, кој пред судот изјавил: „Се чувствувам виновен зашто бев политички заблуден. Ја признавам својата морална и политичка одговорност пред македонскиот народ“.

Дали можеби претседателот на државата баш сака да ја има таа „чест“ да се извини во име на потомците на македонските жртви? Дали Македонија, па и претседателот на државата, не смета дека историските факти диктираат токму обратен процес: Бугарија да се извини за сите злосторства во времето на фашистичката окупација 1941-1944 година? Како и да ѐ, бидејќи станува збор за релативно млади генерации македонски политичари – или „политичари“, како сакате – пред носењето на вакви и слични одлуки во името на државата и македонскиот народ, нека ја побараат барем книгата на Јован Павловски „Судењата како последен пораз“. Многу нешта ќе им станат појасни.

Или, понатаму, ако Протоколот вели дека страните ќе воспостават, без одлагање, соодветна процедура и конкретни чекори за преземање брзи и ефективни активности во идентификувањето на т.н. „говор на омраза“ (Трета точка од дневниот ред, бр. 1), што, на пример, направи Бугарија во однос на транспарентите „Македонија е Бугарска“ што се појавија во Бугарскиот Парламент? И дали ние навистина ќе се приклониме на цензорската процедура што ја диктира Протоколот во врска со т.н. говор на омраза барајќи размена на „информации за говорот на омраза идентификуван во натписи и плочи на јавни згради и споменици, текстови во учебници и наставни материјали, како и во медиумите (вклучувајќи ги онлајн и социјалните медиуми ) на територијата на другата страна и во разумен рок да информира за дејствијата што ги презема соодветната страна за без одлагање да се елиминираат идентификуваните случаи на говор на омраза на јавниот простор“? Ќе се трансформираме ли во кодошка држава по умот и вољата на Бугарија?

А, што е уште поинтересно, ако во Македонија малку се наоблачи, ако некој се намурти и реагира на ваквите и слични точки, повторно следува – вето! И тоа не едно, „вградено“ (како што вели претседателот), туку во секоја точка од Протоколот има по едно вето. Тогаш која е и каква е смислата на Преговарачката рамка, на меѓудржавните договори, на протоколите…, ако после секој македонски приговор другата страна има право да ги бојкотира преговорите? ЕУ може да ни биде којзнае колку драга, ама вистината мора секогаш да има предност!

АЈДЕ ДА (НЕ) СЕ ЛАЖЕМЕ

Океј, нема да веруваме во луѓе од форматот на еден Фуере кој овде амбасадоруваше токму во името на ЕУ речиси четири години, нема да му веруваме на еден Флоријан Бибер (инаку политиколог, историчар и експерт за Балканот), ни на Едвард Џозеф (или и нив ги вбројуваат во хибридизирани „путинисти“ и „рубљови“?)… ама ќе се крстиме во шушумиги од „реномето“ на Маричиќ, Османи, Забрчанец и компанија, па дури, ако баш сакате, и во Мишел кога се колне дека тој лично ќе ни фаќа врски во ЕУ иако мандатот му трае уште година и половина. И не само тој, нели, туку се направи цело корзо од Европа до Скопје од разноразни официозуси кои до вчера не стапнале во Македонија, ама сега се тука оптимистички поднасмеани, кисело весели и шарлатански убедителни. Ние пак ќе држиме „широки“ консултации, па и координативни собраниски работни групи за “францускиот предлог“, ама никој нема да смее да фрли око врз најстрого чуваната државна тајна викана Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија. Згора на тоа, дури и премиерот, во хор со познатите „чувари на стадото“, ќе нѐ убедува дека тој фамозен документ не е дел од преговарачката рамка со ЕУ. Што не е точно, се разбира. Зошто?

Па, прво, затоа што тој Протокол произлегува токму од оној Договор за добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија, а тоа го прави многу, многу релевантен/поврзан со сите документи добиени како таканаречен „француски предлог“ од ЕУ. Тој Договор е рбетот на Преговарачката рамка, каде веќе во т.4 (стр. 3) дословно стои: „Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивна регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји. Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатерални договори во добра волја, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“. И понатаму, секаде каде што се говори за добрососедските односи, се спомнува тој Договор. На пример, на стр. 7 алинеа 3 од Преговарачката рамка, тој е вметнат и како единица мерка за напредокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. А тајновитиот Протокол е „мозокот“ на овој Договор!

Следствено, ако Мешовитата меѓувладина комисија е формирана врз основа на член 12 од тој Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна, а таа го подготвила тој фамозен и шизофрено таинствен Протокол на нејзиниот втор состанок, како тогаш Протоколот нема врска со Договорот, а уште помалку со Преговарачката рамка? Зарем македонската влада сака да каже дека документите (записници, протоколи, меморандуми и сл.) произлезени како директен резултат од еден меѓудржавен договор немаат важност како договорот? Дали таквото „познавање“ на нештата на нашиве „стручњаци“ нѐ доведе до ова дереџе? Човек дури и би можел да покаже „разбирање“ за некаков (во основа политикантски) обид за денфување на фактите, за ублажување на очигледното или заобиколување на аргументите, но вака отворено и најдрско да се лаже? Од претседател на држава, преку премиер, до цела влада?  

Дека тоа не е така односно дека сите документи произлезени од еден меѓудржавен договор, а во случајов тој Протокол произлезен од Договорот за добрососедство, го потвдуваат и останатите два документи на ЕУ што ја следат т.н. Преговарачка рамка. Па така, документот наречен Предлог-заклучоци на Советот, веќе во т.2 вели дека „На патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување видливи резултати и од спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, за да во т.3 отворено посочи дека „Во таа насока, Советот го поздравува договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор“ (sic!). И сега – што? Како тоа Протоколот не е составен дел на Преговарачката рамка, ама е составен дел на Предлог-заклучоците на Советот? Ќе објасни ли Ковачевски, или Османи, или Маричиќ…?

Понатаму, во документот наречен Заеднички став на ЕУ, во главата Воведна изјава на ЕУ за преговорите за пристапување, во т. 14 стои: „Регионалната соработка и добрососедските односи остануваат суштински елементи на процесот на проширување. Северна Македонија треба да продолжи конструктивно да се ангажира во инклузивната регионална соработка и да ги зајакне односите со соседните земји. Денес, потсетуваме на важноста од постигнување видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучувајќи ги договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија. Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија формирана согласно член 12 од овој договор. Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување како и од процесот за стабилизација и асоцијација“!

И сега, уште ќе се лажеме? Ќе им веруваме на лагите на локалниве интриганти и безрбетници и нивните кербери, но не и на еден Флоријан Бибер кој вели дека „Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето“, дека „Го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ“, дека „Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада“ итн., итн.? И зошто, впрочем, неговото видување на овој „француски предлог“ го објави само „Плусинфо“ и неколку помали портали, но не и оние провладини мегафони?

За оние пак кои не успеале сѐ уште да прочитаат делови од таинствениот Протокол – иако добри познавачи тврдат дека и покрај објавените делови, во него има уште скриени парчиња! – неговото (кога-тогаш) озваничување ќе претставува жежок шамар. Не само заради неговата содржина, која што е катастрофално понижувачка за државата, туку особено заради безочните лаги на власта, на највисоките државни функционери, без око да им трепне. Само како провокација, ќе спомнам дека Протоколот предвидува: вклучување на резултатите од работата на т.н. Историска комисија „во наставните програми, учебници и релевантни наставни материјали, натписи на споменици, плакети, информативни материјали во музеи и други локации од образовно и културно значење, како и релевантни информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост“; „Владата на Република Северна Македонија да ѝ достави на Република Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма на Република Северна Македонија“; Македонија да се извини „за неправдите и репресиите извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучувајќи ги и во однос на Бугарите“, итн., итн. А има уште многу, уште многу!

КОЈ Е ОВДЕ НАВИСТИНА МАЛ И НЕСПОСОБЕН?

Ако онаа „една реченица плус“ му донесе доволно плусеви на Претседателот на државата заради разумното барање и (дури) смелоста тоа да го искаже јавно, другите делови од неговото „судбоносно“ обраќање повторно нѐ вратија во реалноста и т.н. реалполитика. Онаа реалност којашто не можеме, (дури) не смееме да ја прифатиме, еднакво како оној проклет Протокол со кој нашиве малоумници (дури) се гордеат. Зашто, ако ја прифатиме таа „реалност“ – или обете „реалности“ – тогаш ние нема за што веќе да разговараме во оваа држава а политикантиве слободно можат да го изгаснат светлото и да прават што сакаат. Иако, де факто, тоа и досега беше изгаснато!

Елем, што друго ни порача Претседателот? Тој децидно рече: „Држава со 1,8 милиони жители, просечна плата од петстотини евра, толку може од позиција на кандидат за членство“. Вакво јавно, на прес конференција обзнането „признание“, современата политика нема слушнато! И јас, сега и овде, можам да фрлам дрвја и камења по Пендаровски и да го наречам со секакви имиња. Ако треба, се разбира. Но, на таква искрена констатација не можете да се лутите и да се навредувате. Иако тој, Претседателот лично, јавно нѐ навреди сите кои се вбројуваме во оние „1,8 милиони жители“. Но тоа не е баш така, нели? Тој тоа го знае, само немаше доволно смелост да ја упати репликата на вистинската адреса. Зашто, ние, овие „1,8 милиони жители“, не учествувавме во креирањето на Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија, ниту пак во подготовката на проклетиот Протокол (што наводно не постои иако сите веќе го прочитале). Исто така, ние, овие „1,8 милиони жители“, не управува(в)ме со земјава цели три децении туку тоа го прават горе-долу истите партии и ваму-таму истите ликови. Ние ли го изградивме она „СК 2014“, ние ли го градиме проклетион автопат веќе седма година, ние ли сме виновни за модуларната болница во Тетово, за безумното ширење на пандемијата заради личните лукративни интереси на поединци, ние ли го упропастивме Охрид… итн.? Претседателот сакаше да биде пристоен кон политиката, но не и кон нас избегнувајќи прецизно да ја лоцира неспособноста која што ја спомна, а таа сигурно не се однесува на овие „1,8 милиони жители“!

А ако не сме „ние“, кој е неспособниот, кој го креираше Договорот за добрососедство и соработка со Бугарија и Протоколот, кој управува со земјава цели три децении, чии се (не)делата што погоре ги спомнав и што се само врвот од сантата мраз што плови низ земјава? Дали покажувањето со прст на Претседателот се однесува всушност на оние 0,1% партиски врхушки што роварат низ државава триесет години? Колкумина на број се сменуваа на највисоките раководни позиции во државава и колкумина партиски пулени ги следеа на клучните места, демонстрирајќи ја патем целата нивна неспособност што денес кулминира? Помислува ли Претседателот дека, по автоматизам, и тој е опфатен во таа бројка?

Но, македонската политика, уште од времето на Гошев и Пешев, целосно заборави што значи зборот одговорност, отчетност, морал/етика… На екс министерот за здравство му изгоре цела модуларна болница сосе пациентите во неа, а тој го обвини – кабелот! На министерот за транспорт и на директорот на царина пред носот 200 пати им поминувале автобуси полни патници но со нерегуларни документи за меѓународен транспорт, за да на крајот им загине цел еден автобус, но тие го обвинија – автопатот. Барајќи го виновникот за македонскиот енергетски колапс, дивеењето на цените и двоцифрената инфлација, македонската влада веднаш се снајде – покажа со прстот кон Русија. Ама за охридската урбана, културна и еколошка катаклизма, така убаво навезена во заклучоците на онаа Надзорна расправа за Охрид во 2018 година, не можеше да се најде виновник зашто претседателката на собраниската Комисија за култура ја направија – министерка! Итн., итн.

Македонската политика, за жал, сѐ уште живее во некои прастари магловити времиња сметајќи на мирнотијата, дури апатичноста, на лековерноста и кооперативноста на македонскиот народ. Тоа е така бидејќи профилот на македонскиот политичар од година в година опаѓа, дегенерира, како впрочем и неговиот морал и етиката, стручноста и професионалноста… а прогресира кримогеноста, коруптивноста, неморалот, профитерството. Затоа околу себе собираат апаратчици и „експерти“ со сличен менталитет и пазарџиска логика за да им го чуваат грбот. Затоа, впрочем, и ова постојано трубење за малоста на државата и народот, за нашата безначајност во рамките на глобалните политики, за нашата сиромашност… Но, како што вели рускиот пост-сталинистички писател Дудинцев (Влади́мир Дми́триевич Дуди́нцев), „кога човек еднаш ќе почне да мисли, не може да му се ускрати слободата“! Ние, додуша, сѐ уште делумно мислиме со партизираниот ум, но тоа е данокот на овие триесет години партократска пресија. И таа „болест“ полека (ќе) поминува. Штета што деновиве не се претворија во доказ за тоа туку добија непријатна агресивна нота на повторни партиски изливи. Да се надеваме дека ќе ги има сѐ помалку зашто тие ја киднапираат демократската мисла. Слободниот човек сѐ помалку (ќе) им верува на партиските лидерчиња и калкулантскине апаратчици, оние кои речиси секојдневно ни проповедаат дека за малите држави/народи не важат истите правила како и за големите, дека тие, малите, можат да бидат плукани, пцуени, тепани и искористувани, дека малите народи се малтене осудени да се провираат низ некакви глувчешки дупки за да преживеат… А зошто сето тоа, за да се оправда неспособната локална политика и да ѝ се дадат нови и нови шанси? Па малку ли ги имаше?

Извинете, но (и) тоа е форма на специјална војна во која што со намера се подрива моралот на народот, неговото самочувство, патриотизам и борбеност за својата иднина и иднината на своите деца. Тоа се подли, ненаучни и нестручни подметнувања кои немаат ама баш никаква врска со реалниот свет. Со македонскиот, овој што ни го наметнуваат, можеби имаат, но тоа е мало парче мрачен свет, како што се мали и мрачни и нивните души!

ПРОКЛЕТО НЕСПОСОБНИ ПОЛИТИЧАРИ

Ако најчесто велиме дека историјата на Македонија генерално е историја на кавги, поделби, пропаганди и војни, актуелниот миг речиси во ништо не се разликува. Освен што, фала богу, нема војна. Барем кај нас. Иако, можеби, ако сето ова што се случува околу нас не е – војна за нас? Не знаеме. Не дека Македонија не била исправена пред вакви судбоносни мигови и не дека немала „кумови“ од сите страни. Тоа ни денес не ни недостасува. Но, ако историските случувања, и договори секако, во минатите век и половина се одвивале за нас но без нас, денес барем тоа не е така. Денес, навидум, Македонија самата одлучува за себе. Трет пат во нејзината понова историја, по 1945 и 1991 година! Знам, скептиците би ги проблематизирале и овие посочени години, но тоа се веќе историски финеси.

Но, зошто тогаш „навидум“? Затоа што во овој финален процес на одлучување „за“ или „против“, се вклучуваат многу (недефинирани) страни и многу (навивачки) „страсти“. Повеќето не можеме ни да ги препознаеме, уште помалку можеме да ја детектираме страната и „страста“ за којашто играат. Им било ли полесно на оние македонци за време на потпишувањето на договорот во Сан Стафено, па потоа во Берлин, па Версајскиот договор после Балканските и Големата војна…? Не знаеме, поточно знаеме – од историските извори – но тие тогашни македонци немале пристап/глас до преговорите. Денес, наводно, сами решаваме за себе, а тоа, велат, треба да биде предност. Ама, дали е така, зашто секојдневието покажува дека ние не само што не умееме сами да решаваме за себеси, туку не знаеме ниту да го водиме процесот на донесувањето на такви значајни одлуки. Како да се наоѓаме среде некогашните најжестоки грчко-бугарско-српски пропаганди, дополнети со локално партиските и евромегафони пуштени на најсилно! Во таа и таква какофонија не се доаѓа до разумно, рационално, историски најумно и за иднината најприфатливо решение. Или, ако сакате, не е „проклето комплицирана меѓународната политика“ (како што вели еден наш „експерт“), туку проблемот е што Македонија има само проклето неспособни политичари.

Како и да ѐ, беше добро да се слушне и претседателот на државата, заради многу причини. Дел добри, дел баш и не. Но клучната секако е предлогот за „една реченица плус“ во нашето прифаќање на „францускиот предлог“, која гласи: „Од денот кога ќе ги отвориме преговорите, до денот кога ќе ги завршиме здравје боже преговорите, ако има евентуално дополнителни, накнадни обиди од бугарска или од било чија страна во рамки на тие преговори со Европа, повторно да се спомнува или заговара влез во дискусиите на прашањата наречени македонски идентитет, македонски јазик, македонска историја, дека во истиот момент, не треба да чекаме ни час, некој друг да не блокира туку ние самите треба да се повлечеме од тие преговори.“ [1] Претседателот на државата побара таа „реченица плус“ да биде составен дел на владиниот предлот, или извешта, односно да биде дел и од собраниската Резолуција!

Секој нормален бо се запрашал зошто таков предлог не дојде од најодговорните луѓе за македонската евроинтеграција – министерот за надворешни работи и вицепремиерот за евроинтеграции – или пак од некој од онаа „славна“ владејачка коалиција којашто само ден-два претходно се построи пред владините микрофони за да најави дека таа го прифаќа францускиот предлог? Или, уште поинтересно е зошто таков предлог не спомна ниту еден од оние провладини „аналитичари“ и „експерти“ за топла вода, од разноразни професорчиња и пискарала кои за малку ќе порачаа и огномет за да ја прогласат нашата блескава победа? А впрочем, никој од спомнатите, а особено не премиерот и Владата, не се оградија од она заканувачко мафтање со прст на министерот за надворешни работи и неговото поимање и практикување на демократијата во земјава!

За воља на вистината, многу тези на Димитров успешно контрираат на „реченицата плус“ на претседателот на државата. Но, тој предлог некако останува единствено „разумен“ во оваа фаза. Ако биде поддржан од сите, се разбира. Што би било чудо. Но, зборот разумен сепак го ставам во наводници бидејќи опфатот на предлот на Пендаровски е само локален, односно со важност замо за нас. Што за ЕУ не значи ништо. Е сега, може ли таков предлог, таква гаранција, Македонија да бара, и добие, од Европската комисија односно таква фуснота да се појави во преговарачката рамка, веднаш до насловот? Зарем тоа нема барем привремено да ги смири страстите кај нас, а ЕУ да покаже добра воља и кон Македонија, како што безусловно и нон-стоп ја покажува кон Бугарија?   

Како што впрочем никој кај нас не одговори ни на клучното прашање: како тоа Бугарија без забелешки го прифаќа предлогот ако тој е поволен за нас односно неповолен за неа?  


[1] Од обраќањето на Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност, 03 јули 2022