Monthly Archives: March 2023

ИМИТАЦИЈА НА ЖИВОТОТ

Насловот некому може да му се види пресилен, но сигурен сум дека до најситниот детал го носи нашето име: секој сегмент од овој таканаречен живот – односно неговата имитација – најпрецизно ја отсликува Македонија во овој миг. Сосе „пазарењето“ на премиерот и „војната во Украина“ како негов џокер за сите наши катастрофи.

Се разбира дека никој, ама баш никој пред некои петнаесет-дваесет години не го замислувал животот овде на овој начин, секако дека никој, ама баш никој не мислел дека македонскиот „независен“, „самостоен“ и „суверен“ пат кон ЕУ ќе се претвори во мачилиште низ евро-балканските Сцили и Харибди. А богами никој ниту сонуваше дека и нашево членство во НАТО, на коешто, еве, му славиме тригодишнина, ќе има ваква цена, во континуитет. И затоа пак ќе ја повторам онаа констатација на Меџити со којашто тој искрено признава дека веќе не си ја препознава партијата, но и мојата парафраза: ни многумина од нас денес не си ја препознаваме земјата.

Тоа е тој „живот“ денес во Македонија, или животот од насловот: живуркање во незамисливото (што би рекол Панчиќ), вегетирање во неочекуваното, крекање во загадениот жабурник на немоќта и препелкање во провинциската прав на македонската неспособност. Дури, на мигови, нашата имитација на животот тендира да прерасне во – имитација на имитацијатата! И по тоа, секако, ќе бидеме први во светот. Сосе „маркетиншките“ претстави на премиерот.

Се разбира дека не се баш така чести – барем не во Македонија – генерациите кои можеле да го живеат својот сон со полна сила. Но такви биле оние на нашите татковци, оние кои ја извојувале 1945-та година, и оние последователни – оние на нивните деца. Таква беше и мојата генерација, и оние малку  после неа: Македонија не беше идеално место за живеење, но оставаше простор да се сонува за дофатливо подобро утре; Македонија не беше ја измислила демократијата, но луѓето во неа беа слободни; тогашна Македонија не беше ни центар на Балканот но живеевме  како во центарот на Европа! Со истите идеи, со истите стремежи, со истата гордост. И со истите вредности!

Што остана од тој (сега) сон? Да кажете ништо – малку е, да ја оквалификувате оваа состојба во земјата како ненормална – колоквијално е, да ја наречете македонската политичка сцена катастрофална – поезија е, а да ја оцените македонската меѓународна позиција како понижувачка е – бајковито. Секоја споредба со поблиското или подалечното минато, дури и она кога Македонија морала често и наврапито да се трансформира од заостаната феудална провинција во никулец на современо (социјалистичко) општество нема докрај да ја одрази суштината.

Во едно такво апокалиптично опкружување човекот/граѓанинот не е само обезимен, обезличен, сведен на голема нула и секојдневно бескрупулозно манипулиран. И не е само тоа, туку во 21-от век е оставен без образование, без култура, без здравство… без наука! Ама со EU под мишка и ударни недоветни кампањи да ги внесе Бугарите – оние кои не му го признаваат јазикот, културата и идентитетот – во Уставот како државотворен народ!? Но уште пострашна варијанта од сето досега наброено е фактот што оваа мизерија, оваа имитација на животот одамна започнавме (дури) жизнерадосно да ја живуркаме и да свикнуваме на неа. Пред пет – или петнаесет, сеедно – години токму оваа имитација, ова битисување во (некогаш) незамисливото секојдневие стана наше „добро утро“ и дневна мантра на нашите „елити“ и нивните кербери во нашиот „прогресивен“ од кон Европа. И не само тоа туку ни организираат цели кампањи во обидот да нѐ убедат дека ни е убаво, дека никогаш и не сме живееле подобро, дека пораснале платите и пензиите и дека сето тоа е наша демократска придобивка. А сето тоа како нивна заслуга и впрегнатата кочија на патот кон ЕУ!

Следствено, министри ни цитираат нобеловци, ни продаваат магла дека „Развојот не е само економски раст, туку и подобрување на животите на луѓето“, но не одговараат на елементарното прашање: зошто кај нас, особено последниве години, процесот е обратен? А ние – молчиме, свикнавме на лагите и на оваа имитација. Уште и ќе ги убедиме дека веруваме дека прогресивниве слепци навистина се раководат од тезата на Питер Друкер (таткото на менаџментот) дека „Најважниот ресурс за економски развој се луѓето и луѓето, а не капиталот и суровините“. Па каде се тие луѓе, по ѓаволите? Овие нивни кримогени партиски кадри на најважните/најодговорните места во државата ли се тие „луѓе“?!

Во оваа наметната современа стапица македонскиот граѓанин – ако воопшто останало нешто од тој поим во нас – повторно ги активира историските механизми на молк и трпење, на покорно свитканиот рбет и наведнатата глава. Незамисливото и она (некогаш гласовито) „никогаш да не се повтори“ одново ни стануваат начин на живот, доминантна паланечка психологија. А секој глас против во јавноста се прифаќа како богохулење, како контрареволуција (небаре не е време за тоа!), оние кои молчеа и пред десет години диктираат ново темпо на молчаливо прифаќање на гилотината и денес. Наведната глава сабја не ја сече, нели?

Ама сабјата не е имитација, само животот ни е таков. Сабјата е вистинска, и остра е. Како и нивниот лажлив прогрес којшто за нас е наш регрес, како и нивната демократија којашто за нас е нивна автократија. Претходните криминалци се обидоа да имитираат град, овие имитираат – држава. Граѓанинот се соочува со нов автократски мрак, со културна регресија и антипросветителство. И сето тоа силно поддржано од меѓународните стратешки партнери, каде и „Давид“ на Микеланѓело се гледа како порнографија. Како ли тогаш ќе ја видат нашата „Голема мајка“, „Белиот ангел“, монументите во Крушево, Велес…? Како можат да ја разберат кирило-методиевската традиција, етногенезата, Охридскиот универзитет (наместо онаа имитација на Плаошник), Крушевскиот манифест, 1941…? Па веќе и ние, во нашата имитација на прозападната идеја, не си ги разбираме минатото, историјата, културата, традицијата…! 

СИТЕ СМЕ ВО ШАХТАТА!

Колку голема вистина има во зборовите на Меџити дека неговата партија „се трансформира во нешто што и ние што сме од почеток не можеме да го препознаеме“. А што ние да кажеме, ние кои сме родени во оваа држава пред многу децении а денес не можеме да си ја препознаеме земјата!? И како да им веруваме – како што вели тој – на истите луѓе коишто не само пет години не можат да направат пат Скопје-Блаце од 14 километри, туку цели триесет години нѐ реформираат и интегрираат во ЕУ? Но, нѐ прашува некој? Борел, фон дер Лајен, Ескобар…? Не, се разбира.

Тие добро знаат дека одамна сме во шахтата – онаа на охриѓанецот Џепаровски – и дека нашиот глас од длабоката шахта не допира надвор. Недостасува уште да го стават капакот на неговото место и целосно да нѐ замолкнат. (И Арсовска да израмни околу, се разбира!). Но и тоа ќе дојде, за некоја година! А спомнатите погоре ќе продолжат во извештаите за оваа земја да пишуваат „за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата…“ итн., но едновремено ќе говорат дека сме „доверлив“ партнер“ и слични будалаштини.

Како може земја во којашто цути криминалот и корупцијата во највисоките редови на власта да биде „доверлив“ партнер“, како можат две велесили како САД и ЕУ да имат доверба во власт каде што нема слобода на говорот во медиумите, каде не се почитува волјата на граѓанинот, како можат да бидат партнер со политиканти кои си ја ограбуваат земјата а народот го обвинуваат дека не гледа каде оди…? Зарем и тие нешта можат да ги сведат на политика и зделка? И кој денес воопшто прави зделки со криминалци и корумпирана власт?

Затоа и прашањето: дали оние „административни бракови“ на коишто посочува последниот извештај на Стејт департментот за Македонија, не се однесуваат – во глобала – и на некакви кримогени меѓународни бракови помеѓу власта во Македонија и нејзините „стратешки партнери“ во редовите на меѓународната заедница? Но зошто тој нивни брак од интерес би нѐ обврзувал баш сите? И зарем тој тип „брак“, или сојуз, за жал, не говори многу за сите инволвирани страни? И што сме ние како држава во овие бракови? Невестата со чеизот? И што е чеизот?  

Но, од друга страна, нашиот брак од интерес со онаа фамозна „творба“ на уште пофамозниот Моне – односно, да бидам посправедлив, на овие негови потомци – започна и еве завршува на стаклени недемократски нозе. Токму како – зделка, но со непознат чеиз! А можеби можеме да се извлечеме подобро, со помал чеиз? Зашто, очигледно е веќе, и Европа е во шахта. Новиве насилници го затворија нејзиниот слободарски/демократски дух во многу слична шахта како нашава, иако можеби малку покомотна и не толку смрдлива. Ама шахта е – шахта. Прашајте ги парижаните каде смеат да протестираат против мерките на нивната власт! Или зошто, помеѓу другото, се случи Брегзит? Заради големата доверба во демократските капацитети на ЕУ?

Европските скандали не само што ја поткопуваат демократијата туку чинат и многу пари, вели Camilla Barlyng, експерт за меѓународен криминал. Или поконкретно, помеѓу 179 и 990 милијарди евра годишно само во ЕУ! На пример, скандалот со Danske Bank и Nordea (2015), проценет на околу 200 милијарди евра; пропаста на Banco Espirito Santo во Португалија заради перењето пари во Португалија и Бразил (2014); таканаречената Cum-Ex scheme на даночни махинации на повеќе европски банки (2017); дизел скандалот на Фолксваген итн. И тоа е само врвот на „ледениот брег“. И таму политичарите не одговарале за овие криминали, како впрочем и овде. Следствено, изгледа ли сега пологична соработката помеѓу овие две сметководствени бироа, нашето и нивното? Па и шахтите, for that matter?

Следствено, кога нашиот „стручњак“ за Европа – во слободно време вицепремиер – вели дека мораме да побрзаме со уставните измени бидејќи веќе следната година во ЕУ ќе има избори за нов ЕУ парламент, па за нов ЕУ совет и др., мора да му веруваме. Но, и кај нас ќе има избори, нели? Или… овие ќе добијат нов мандат од Борел и Ескобар, бидејќи овој народ овде е глуп, туп и постојано – греши? Ама: не грешеше во 2016, нели? (Иако, де факто, навистина згрешивме, ама и се покајавме, нели?).

Но, зошто нашиот „стручњак“ го засегаат изборите во ЕУ? Да не би да дојдат некои малку, барем малку поумни политичари, подемократски настроени и подборонамерни, па нашава автократска папазјанија да се најде во чудо? И да завршат некои „бракови“? Или такво нешто не може да се случи? Па ќе се склучат нови, по ѓаволите. Ама, којзнае, нели? Ако навистина фон дер Лајен, Борел, Вархеи… и Радев се врвот на европскиот интелект, тогаш навистина немаме што ново да очекуваме. Но, сепак, една мала резерва не е на одмет, нели?

Од друга страна, избори доаѓаат и во други важни за нас земји, а и геополитичките поместувања стануваат сѐ поинтересни. Оттука, во нашево брзање по стапот, или морковот, сеедно, има нешто чудно. Впрочем, нели политиките во ЕУ се гранитни, неотповикливи? Зошто тогаш нервоза, дури страв? Се разбира, некој ќе го нарече цинично хипотетичен овој вид говор, ама и тој е дел од политичките собитија. И не е нереален. Инаку, чуму ваква итност? Таа брзина во разрешувањето на некои клучни прашања за иднината на земјата никогаш не е добра опција. Напротив!

Но, да се вратам на шахтата – охридската, париската, бугарската… – или некоја друга: кој веќе утре ќе биде одговорен за поголемата отворена шахта во којашто ќе пропадне државата? Таа шахта (ќе) голта сѐ, па и оние кои ја оставиле отворена. Или и тогаш ќе излезе онаа госпожа „за добро владеење“ – и таа вицепремиерка во слободно време – и ќе нѐ утеши дека тие не можеле сѐ да објават, не може сѐ да биде видливо. И ќе го спушти капакот?  

И дали и спуштањето на капакот на шахтата ќе биде со зурли и тапани, како „државен спектакл“ сличен на најавениот при започнувањето на работите на фамозните коридори од милијарда евра?!?


ДРУШТВО НА МРТВИ ЕВРОПСКИ ДЕМОКРАТИ

Не така одамна, а по повод „прославата“ на 30-годишнината од осамостојувањето, оваа власт ја препознав како Акционерско друштво на мртви политичари. Политичари сегашни но одамна – минати, passѐ. Само тие уште не го знаат тоа! Мислат дека нешто важно ни кажуваат и мислат дека ние ги слушаме. Не знаат дека немаме што да чуеме, одамна. Нивното АД „Друштво на мртви политичари“ ја упокои демократијата во оваа земја и смета дека господари со нас и со нашата иднина. Со блиската иднина можеби, но не и со историјата. Маргините на историјата се полни со ликови како нив. Некој, некогаш, веројатно ќе се сети и на нив, но со празно срце, или полно со омраза.

Но деновиве, откриваме дека нашево АД е само беден огранок, подружница, или филијала, на она поголемо и „порепрезентативно“ „Друштво на мртви европски демократи“ коешто ги влече позадинските конци во нашава куклена претстава. И диктира кога ќе се спушти завесата. Да, насетувавме низ претставава, но конечно осознавме што навистина е и каква е европската „демократија“. Таму се работи според „демократскиот“ и семеен принцип на „земи или остави“, на диктат и уцени што можете а што не можете да очекувате, што е реално а што не е итн. Дури, како некакви селски баби гатачки, мавтаат со предупредувачкиот прст и ни ја предвидуваат и иднината: не била светла ако не ги послушаме! Па зарем овие и вакви европејски покојни демократи се „децата“ на славниот Моне, „првиот граѓанин на Европа“? И што ли тој би рекол кога би ја видел оваа „европска“ булумента?

Трагично е нивното неразбирање на балканските состојби, на македонската историја (и историјата воопшто), на нивната веќе очигледна коруптивност и трка по задоволување на бизнис интересите. Но уште потрагично е нивното целосно дезавуирање на поимот демократија и сето она што тој претставува: човекови слободи, право на избор, право на идентитет, култура, образование… Тие дури и во евроинтегративните процеси и проширувањето на Европската унија гледаат како на „зделка“ (Борел)! И има ли во таа „зделка“ профит за двете страни, како што е вообичаено, или тој се дели само на поединците во „семејството“? Ако пак едната страна се откаже од „зделката“, таа, велат тие, се откажува од својата – иднина?! Зарем вакви зделкаџии (ќе) ни ја определуват иднината? Да, следи одговорот: па сами си го баравме, тоа ни е стратешка определба! Што, да нѐ купуваат и продаваат како тестенина, со замрзната цена според бугарскиот ценовник?

Интересно е што главниот купи-продај менаџер кој денес тргува со сѐ, па и со идентитет, култура, иднина, но и граници, е истиот оној кој во 2017 година, на митингот на единството во Барцелона, врескал дека „не ни требаат нови граници“. Ама денес, само неколку години подоцна, ене го во Охрид како инсистира токму на спротивното! Со наше ко-покровителство – па нека е и „само“ на организациско ниво – во тој процес на менување на границите на Балканот! А ако утре – не дај боже – дојдеме и ние на ред по таа точка на европската агенда, како ќе се (о)правдаме? Како со прелетот на НАТО авиони за бомбардирање на Србија во 1999 година?

Одамна е очигледно, дури и во последните години на Ангела Меркел како ретка светла точка, дека тоа што се случува во Брисел не е политика, уште помалку интеграциска, туку е само едно полупрофесионално сметководствено биро кое штанца купопродажни зделки. Денес на ред се Србија и Косово, ние сме на стенд бај. А во тој тип „брисељачки договори“ има сѐ друго освен – демократија. Затоа, впрочем, се ставени таму и оние Бореловци.

Но, нашиве „мудреци“ ќе речат дека тоа е судбината на малите народи: да бидат купувани и продавани, да им се нудат „зделки“ на највисоко државно рамниште, а тие да не смеат ни да писнат. Но бидејќи се за тоа добро платени, нив тоа им е нормално. Впрочем, и тие се производ на таков тип зделки, само на посиромашно, локално ниво!

Но политиката одамна не е – односно не би требало да биде – т.н. „power struggle“ или борба за доминација на еден над друг, а најмалку (барем во едно „среќно семејство“ како ЕУ) треба да подразбира кој како ќе профитира, кога и колку. Но оваа европска збирштина на мртви демократи и лоши сметководители тоа не го разбира. Тие го разбираат само јазикот на силата, уцената, притисокот, интересите и – „зделките“. Но тоа е мртва политика, онаа од времето по Втората светска војна и Студената војна. Затоа политиката денес, во „постидеолошкото“ време, умните ја гледаат како расправа за културниот идентитет и признавањето, еднакво како и за животната средина, човековите права, миграциите и безбедноста и др., вели проф. Кристина Босвел. Каде е таа политика сега во постапките на Борел, „мадам“ фон дер Лајен, оној Мишел кој ни се колнеше на верност до гроба…? Или „политиката“ за овие потомоци на Макијавели денес е целосно ослободена од вредностите како морал, етика, одговорност, култура, воспитување…?

Токму таквиот ли сој европски мртви демократи – сосе оној „абразивен“ Вархеи како „силна“ поддршка (sic!) – здружен со нивната филијала на македонски мртви политичари  успева денес да се соживее со рехабилитираните некогашни силеџиско-тоталитаристички гласови на Бугарија и тоа да ни го претставуваат како демократски дијалог? А со тие гласови и оној на рециклираниот живковист кој денес глуми демократ во претседателската фотелја на источниот ни сосед? Таквата ковчегарска „политика“ можеби им доликува на некогашните советски сателити на Балканот, но никако на слободоумна Европа во третата деценија на 21-от век. Ниту пак на антифашистичка Македонија.

Зашто, политиката на вакви „зделки“ секогаш има два краја, а вообичаено превладува полошиот. Како што впрочем се покажува дека – како уште една во низата – и европската зделка со Бугарија како членка на ЕУ  е катастрофална, како впрочем и цела низа слични зделки кај нас, меѓу нив, како последна, онаа прескапо платена вувузелска „невладина“ и „медиумска“ зделка.

Политикантските зделки на мртвите демократи Борел, фон дер Лајен и Вархеи во Македонија се очигледни и во последните резултати од јавните анкети во државава. Барем засеага. Брзорастечкиот отпор кон ЕУ е резултат на домашните и меѓународните „лапсуси“ и погрешни политики во македонското интегрирање во Унијата, а особено толерирањето на простачкиот насилнички третман на македонската јавност и граѓанинот. Тоа што некои локални шушумиги се обидуваат тој факт да го преформулираат во рапидно приклонување на македонскиот граѓанин кон Русија, е ноторна глупост. И е посебна „зделка“. Но, мртвите демократи од Брисел и нивната филијала во Македонија може да веруваат во што сакаат, но тоа се две различни, неповрзани нешта.

Како и во многу други европски земји, и овде ставот на јавноста кон Руската агресија е различен, со блага тенденција за pro отколку contra. И за тоа, повторно, се виновни ЕУ званичниците и нивните „зделки“ со една друга голема сила. Но кај нас, односот кон Русија секогаш бил, а веројатно и ќе биде, резултат на рускиот чист став кон македонското национално прашање vis a vis бугарскиот. Но, незнајковци како Борел и компанија не умеат, и немаат капацитет, тие нешта да ги поврзат и, по потреба, искористат. Затоа и велам дека нивната кусогледа, недемократска и во основа насилничка „политика“ кон Македонија е незрела, мртвородена. А особено нивната поддршка на со години демонстрираните деспотизам и автократија во највисоките врвови на македонската политика/држава. И таа европска зомби политика не може да остане без последици.

ЗАВЕСА ИЛИ АКО СЕ ПРАША НАРОДОТ…

Како и во секоја добра претстава – а нашава дефинитивно беше/е таква – после епилогот што трае еве неколку години, се спушта завесата. Таа по правило означува крај на (кај нас) една долга, на мигови напорна и често збунувачка трагикомедија викана транзиција, а може да сугерира и конечен завршеток на залудните надежи за нормално, демократско, цивилизирано општество. Во молитвите, спуштањето на завесата е еднакво на она сеопфатно, многузначно но и мистериозно – амин!

А сепак, нашата „молитва“, долга речиси три децении, остана игнорирана. Од сите. Оттука, завесата спуштена преку новиот борбен лозунг на македонската социјалдемократија дека народот греши и кога е во право, е логичен след на нештата. Не се надевавме на таков крај? Да, надежта, велат, последна умира! А не така одамна, еден друг социјалдемократ, ни ја подметнуваше обратната верзија: дека народот е во право и кога греши. Беше ли тоа лажна надеж, за сега да ни се каже дека ние како граѓани – секогаш грешиме? Сигурно. Но, значи ли тоа дека сме грешеле и при изборот и на оваа власт којашто, како и другите, секогаш се повикува на легитимитетот добиен токму од – народот?!?

Затоа, моите – и не само моите – критички и често гневни изливи за односот (и) на оваа власт кон граѓанинот, неговото секојдневно понижување, игнорирање на неговата волја и барања, сега се покажуваат оправдани. Но, укажувањата на дел од јавноста на морбидните авторитарни симптоми околу нас, показатели на едно непосакувано и веќе одамна непрепознатливо општество, очигледно биле залудни.

Политикантските коморбидитети што го следат (квази)демократскиот процес во Македонија еве веќе цели петнаесетина години не дозволија вистинската демократијата да се раскрили, да земе замав и точна насока: автократските коруптивно-криминални ниски страсти веднаш се сплотуваа и го забрзуваа сопирањето на процесите. Ги потенцирам токму овие автократски пориви зашто тие се директниот и можеби најсилниот опозит на демократијата, со особено плодна почва кај нас. Вирее како луда, автократијата.

Дури и таму каде што не сте се надевале, таа очигледно дремела добро сокриена и подготвена да интервенира во најпогодниот миг, да го покаже своето грдо лице и да предупреди дека нема лесно да се ослободиме од неа. Следствено, дали се автократските пориви кај македонските политичари главната сопирачка на демократијата и од таму ли потекнуваа(т) сите недемократски пројави? Па следствено, на нив се надоврзуваат криминално-коруптивните процеси во судството, во извршната власт, во Собранието, во институциите?

Да си ги припишете себеси сите позитивни – дури и ако навистина ги имало! – резултати во оваа проклета вечна транзиција, а да го обвините народот за сите промашувања, е невидено лицемерие, современо соживување со онаа налудничава Луева  l’etat c’est moi. Но и прашањето: како дојдовме до ова, и зошто? Прашање за сите граѓани на оваа држава, без разлика на етничката, верската, родовата и друга припадност. Дали, впрочем, претстојните уставни измени ќе се движат и во оваа насока: да ја укинеме демократијата – ионака ја нема(в)ме, да го укинеме и народот – ионака постојано греши, да ја устоличиме криминалнава клика и нивните кербери како единствени меродавни претставници на државата?!

Да го парафразирам Борхес: авторитарноста раѓа угнетување, авторитарноста раѓа сервилност, авторитарноста раѓа суровост (…) а во крајна линија таа раѓа идиотизам! Тоа ли е она што ѝ треба на Македонија, па нека е и Северна, во овој миг? Ние можеме да говориме за лидерство, но такво нешто немаме веќе цели две децении; ние можеме да говориме за превземање одговорни, државнички потези, но кога такво нешто сме виделе последен пат?; и навистина ли некој мисли дека ќе нѐ убеди дека ова што се случува околу нас последниве пет години е – лидерство?!

Не може, „господа“, лидерство да подразбира опкружување со полуписмени уличари и пробисвети кои продаваат рог за свеќа на секој чекор; не може политика – особено не државничка – да се води во тесните партиски кругови скриени во штапските глувчешки дупки; уште помалку за лидери можат да се самопрогласуваат поединци со смешни/лажни биографии, игноранти и неуки поединци без свое јас, некултурни и невоспитани потрчковци кои ни пренесуваат нечии „важни“ пораки. Лидерството не подразбира дисциплинирање на народот, негово омаловажување и понижување, а веќе утре трка по неговиот глас. За таквото однесување има други, посоодветни зборови.

И да, лидерството подразбира донесување важни одлуки, но не само во свое име и во името на партиските пајташи и колаборационисти. Лидерството едновремено подразбира и мотивирање на другите – на народот, на граѓанинот! – за приклучување кон донесувањето на решенија од долгорочна важност за нацијата, државата, општеството. Лидерството, секако, подразбира и личен пример. Кој, и каков пример добива денес македонскиот граѓанин од неговите „лидери“? Криминал, корупција, полтронство, кронизам и непотизам, ограбување на природните ресурси и уништување на културното наследство, преиначување на историјата, запустување на науката, образованието и културата…? Тоа ли тоа фамозно македонско лидерство?

Меѓу многуте неопходни доблести, лидерот мора да поседува интегритет, искреност, чесност, моралност, доверба… Каде, кај кој од „лидериве“ го гледаме сето ова? Или барем дел?! Или сите се гледаат себеси само во маршалски униформи, можеби и со круни на главата?

И што нам ни преостанува сега? Да воскликнеме: демократијата е мртва, да живее автократијата? Демократијата, впрочем, е одамна мртва, само што не знаевме дека автократијата ни е толку блиска, дури омилена. А утре, кога ќе има нови избори…? Или – нема да има?! И, за жал, ова веќе не се детски болести на демократијата. Уште помалку се – лапсуси. А сигурен сум дека ќе има обиди да се прогласат за такви. Но, после сѐ, не верувам дека некој ќе успее да ни ја продаде (и) таа приказна.

Меѓутоа, ако и ваквите самобендисани, непристојни и во основа автократски изливи не го поттикнат македонскиот граѓанин на решителна акција, тогаш ќе мораме за навек да молчиме и да гледаме што ни прават. Ако интелектуалниот дел од граѓанството, ако културата, образованието, науката… не покажат отпор контра ваквите диктаторски изливи, тогаш веќе немаме кого да обвинуваме. Освен себеси, се разбира.

Македонија полека но сигурно станува непријатно, непожелно место за живеење. Спуштената автократска завеса е последното предупредување. Дали така ќе ја прочитаме „пораката“, зависи од нас. И останува само уште една година до наредните избори којашто може/мора умно да се искористи! Или, дури и непрашани, ќе потврдиме дека ние не сме „материјал“ за демократија?

КОМУ МУ ОДГОВАРА МАКЕДОНСКАТА НЕНОРМАЛНОСТ?

Никој не го поставува односно никако не се ни обидува да го демистифицира суштинското прашање: кому му одговара ова лудило, оваа ненормалност во државава? На граѓанинот, на власта, на меѓународната заедница… – кому? Или на сите подеднакво бидејќи никој, ама баш никој, не превзема нешто?

Граѓанинот е сигурно последниот чинител кого во овој контекст можеме да го обвиниме односно кому ваквите состојби во Македонија би му одговарале на каков и да е начин. Зашто, ако грешам, тогаш ние сме навистина болен народ. Ама не сме толку, се разбира. Да, ние се чувствуваме немоќни пред властодржечката машинерија што меле сѐ пред себе, но нема ниту една нормална причина зошто тоа би ни одговарало. Да, ние сме понижени, малтретирани и тормозени од сите „политики“ на власта, но не сме толку луди да уживаме во тоа, нели. А не сме, се надевам, ни толкави мазохисти да дозволуваме на секоја будала да се изживува врз нас.

Иако има некои назнаки – дури големи – дека нашиот удел во оваа трагедија на државата не е за потценување, сепак нема таква теорија што би го исцртала граѓанинот како потенцијален главен виновник за оваа ненормалност како перманентна состојба.

Следствено, кому навистина таа му одговара? На власта, оваа, и претходните? Сигурно, зашто ако креаторите и извршителите на сите рамништа на власта во континуитет ја потхрануваат таа и таква состојба, тогаш нема дилеми. Инаку, како би било можно да се случува сето ова што го гледаме и слушаме околу нас? Како би било можно да не е важна кривичната пријава – „таму некаде“ – на еден од учесниците во фамозниот тендер од 1,3 милијарди евра? Или катастрофално негативното портфолио на надзорната фирма за истиот фамозен тендер?

Или, како може поголема медијска (но и политичка!) атракција во државата да предизвика отворањето на телевизија од страна на поп (па нека е и со титулата владика!), но не и директното лично инволвирање на сопругата на премиерот – но и семејствата на уште цел куп министри! – во енергетски фирми што добиваат огромни субвенции од државата? Или зошто, во културата, поединец може да добие поголеми средства од државата од една угледна и со европско реноме џез манифестација? И зошто еден лекар – лекар! – би бил суден за катастрофалниот пожар во модуларната болница во Тетово, ама друг „лекар“ е само условно – условно! – осуден за монструозното осакатување на пациентка? Или како може, среде т.н. „лебна криза“ министерот за земјоделие да му праќа на народот поздрави од вински фестивал во Болоња, слично на оној директор на ФЗО кому му ја киднапираа целата електронска база на податоци на осигуреници додека тој се шеткаше во САД на „студиско патување“? И зошто кронизмот и непотизмот на заробената држава беше одраз на една мината криминална власт, но не и на оваа, актуелнава?

И кога сите тие грозни „нешта“, несватливи за еден нормален човечки ум, континуирано (ќе) се случуваат во една (наводно) демократска држава на нејзиниот (наводно) забревтан евроинтегративен пат, тогаш многу нешта не се јасни: кому тоа му одговара? Или целта е ние сериозно да се посомневаме во сопствениот здрав разум? Но таа теза е одамна разрешена во науката: психијатарот Thomas Szasz уште во шеесетите години на минатиот век инсистирал дека самото општество, (не)условите за живот, го прават поединецот несигурен, стресен, „болен“ („disabled by living“)…! И зошто кај нас само граѓанинот е „хистеричен“, премногу прашува, бара „влакно во јајце“, опозицијата се финансира од руски извори итн., а сето друго е – иделано?

Оттука, ако власта е првиот, и правиот, чинител одговорен за ваквите состојби во државава, како тоа таа ги ужива не само симпатиите туку и отворената поддршка на т.н. меѓународна заедница за своите „политики“? Онаа иста меѓународна заедница којашто, малтене до вчера, во своите годишни извештаи фрлаше дрвја и камења по тие исти „политики“? Зошто на таа наша „меѓународна заедница“ – којашто де факто е само минорно камче во светскиот мозаик – ѝ одговара овој и ваков коруптивно-криминален хаос во државава, како што впрочем ѝ одговараше и онаа мината власт што ја инсталираше заробената држава, а за којашто исто така пишуваше лоши извештаи но ја одржуваше во живот цели единаесет години? Најде ли сега друго милениче за остварување на своите цели?

Ако штотуку осамостоената македонска власт во првите години по 1991-та можеше да се „вади“ со неискуството, непознавањето на европските политики во многу области, немањето соодветни експерти и слично, тоа одамна не е прашање што заслужува внимание. Што ќе рече: во прашање е нешто – друго. Што? Се крие ли делче од вистината во онаа – намерна или случајна? – „лапсус порака“ на Бујар Османи до опозицијата дека ако не ги гласа уставните измени сега, ќе ги гласа како власт?! Тоа ли е вистинскиот одговор на прашањето од насловот, но и на сите други прашања за македонската ненормалност? И зошто никој не разговара за тоа? И дали таа „теза“ е клучната и за идната власт, која и да е и каква и да е?

Ако пак тоа е навистина така, чуму сето ова за ништо потрошено време и дали навистина „знаците“ покрај нашиот европат се одамна дефинирани според туѓи узанси? Тоа се прашања на коишто некој ќе мора да даде одговор. Ако од оваа неспособна криминално-коруптивна номенклатура тоа не може да се очекува, онаа потенцијална идна друга власт ќе мора јавно да се обврзе на некои одговори. Иако, скептиците со право ќе речат дека и овие слепци се беа јавно обврзале на многу нешта, а од тоа не видовме ништо. Но, белки граѓанинот не може повеќепати да се фати во истата стапица. Или може?

Македонската неколкупартиска понуда на оваа политикантска сцена одамна е веќе неодржлива во нејзиното ненормално, антиопштествено и антидржавно однесување. Празнозборството од апсурдни флоскули и малоумни испрдоци на партиските кербери само долева црнила дека ние сме осудени на овие и вакви политики и на вечно трчање по демократијата. Малку ни биле триесет години! Па колку ви требаат, три века? Па мали сме биле! Па колкави треба да бидеме? И зошто „меѓународната заедница“ не му кажа на Блаже Конески дека е мал, или на Михајло Петрушевски, или на Крсте Црвенковски, Петар Мазев… Симон Трпчевски и др., туку на овие минорни креатури што шират страв, дефетизам и фарисејство?

И треба ли, конечно, новиот пат да започне токму тука, со раскринкување на лажните митологии, „теориите“ на полуписмениве властодршци и нивните сервисери, со нов политички дијалог дури и со „меѓународната заедница“…? И може ли сето ова да се направи во една година?   

НЕНОРМАЛНОСТА КАКО ПОТРЕБА

Без оглед што станува збор за речиси неодамнешна историја, не знам, не сум сигурен дека навистина би можеле да определиме некој поблизок датум кога нормалноста во Македонија престана да постои. Не е тоа како крај на некоја војна или конфликт, датум на роденден или година во којашто се случило ова или она па тој настан/случка да се земе како некаков меѓник помеѓу нормалноста и ова денес. Сегашнава ситуација ја нарекувам „ова денес“ бидејќи и зборот ненормалност би бил само некаков еуфемизам за овие македонски состојби, за ова наше секојдневие коешто „му бега“ и на стандардниот речник но и на имагинацијата. Барем на мојата!

Дали таа некаква гранична година може да биде онаа 1999, или 2001-та, или 2006-та…? Па и 2018-та, ако баш сакате, кога започна ова „прогресивно“ лудило?! Може ли и ова прашање да се стави во надлежност на онаа комисија за историска лустрација, па со помош на бугарските им партнери – кои „од страна“ подобро набљудуваат – да се разреши и оваа мистериозна историска дилема?

Зошто го велам ова? Затоа што првата деценија по осамостојуањето некако не е спорна. Нормалноста, односно нејзини делови наследени од бившата држава, како релативно спонтан рецидив продолжи и во новото секојдневие, поголемиот дел од политичкиот/државниот врв сѐ уште ги паметеше системот, процедурите, политичката култура, доброто воспитување итн. И така и се однесуваше. Се разбира, никако не сакам да кажам, па ни да помислам, дека тогаш „цутеа илјада рози“, ниту пак дека тоа беше случај во некогашна Југославија. Но, сепак, не верувам дека на тој период можеме да му ја залепиме етикетата на ненормалност. By the way, на Балканот никогаш не му недостасувала доза на ненормалност, но со голема помош и однадвор, од „цивилизираната“ Европа. Како впрочем и денес!

Меѓутоа, дозите на тогашната ненормалност ги примавме некако полесно, па и со оправдување за неискуството на политичарите, на нивната младост (во одредени случаи), на сложената ситуација со граѓанската војна во екс ЈУ и меѓународниот „статус“ на земјава итн. Се обидувавме да најдеме разбирање – иако де факто го немаше! – и за криминалната приватизација како мега ненормалност, или за дивоградбата наречена споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје како мини ненормалност. Тоа, сепак, беа инциденти, поголеми или помали. Но, се согласувам: не требаше ни нив да ги толерираме! Еднаш толерирана (општествена) ненормалност се трансформира во процес и води кон ова денес – ненормалноста како состојба, или потреба.

Прифаќањето на инцидентните ситуации во минатото од страна на македонскиот граѓанин, комбинирано со сѐ потешките услови за преживување, ваквата ненормалност ја претворија во стил на владеење на политикантските елити и начин на живот на граѓанинот. Несвесен, или само делумно освестен, за моќта во неговите раце, тој – неговото височество граѓанинот во кој „се колнат“ сите партии – се препушти на стихијата, на политикантското лудило, на лагите на власта (која и да е и каква и да е) дека овие македонски состојби се сложени, често нерешливи, диктирани од странски фактори, увезени… и слични глупости. Секој друг, поинаков и понормален глас беше веднаш замолкнуван и етикетиран како непријателски, антидржавен, антиопштествен итн.

Затоа ли така беневолентно граѓанинот ја прифаќа оваа ненормалност: заради тоа ли на родителите им требаа(т) шест месеци за отворено да се заканат со протести ако не се реши проблемот со дојавите за бомби; затоа ли не се буниме против ценовниот шок неодржлив дури и за побогати земји од оваа; заради тоа ли со кисела но во основа ненормална насмевка ги прифаќаме налудничавите коментари дека и децата на највисоките функционери заслужуваат шанса (иако знаеме како дошле до неа); овој ненормален – да не речам малоумен молк – ли е нашиот одговор на ненормалноста на државата…? Не можеме ли веќе да смислиме подобар, посилен, поенергичен „одговор“ од овој?!

Ненормалноста е блиска до поимот на дисфункционалноста, а ние одамна сме дисфункционално општество со дисфункционална власт. Зашто, ќе го имавме ли сето она претходно спомнато да имавме функционален систем? Односно, зошто во другите земји во ЕУ не се пројавува таа и таква ненормалност/дисфункционалност туку само овде, кај нас, и евентуално кај некој од соседите? Дали сме ние навистина толку болни што не си ја гледаме болеста? Во едно не така дамнешно време, „болниот на Босфорот“ беше Турција – тогаш Отоманска империја којашто го зафаќаше и целиот Балкан и ја ширеше „болеста“ секаде каде што допре – заглавена во корупција, неспособно водство, преголема администрација, алчни аги и бегови… Таквата состојба генерирала криза по криза, до дефинитивен распад на Империјата. Денес Турција е нешто сосема друго, ама Балканот некако остана „болен“, секоја државичка на свој начин и со свои специфики. Ние – меѓу најболните.

Па, впрочем, погледнете како балканскиве провинциски политичари се лигават со жените за 8 март? Ене го Додик им пее, нашиве ги шетаат по улици и им држат лигавешки говоранции…, резил до резил. Па нели се угледуваме/координираме со политиките на ЕУ, како што милува да одговори Ковачевски? Па каде ги видел Макрон, или Шолц, или Руте… да изигруват такви палјачовци, со партиски улични „прослави“ како потврда дека сме подготовени за евроинтегративниот процес во сите сегменти? И што: сега ЕУ ќе види дека сме спремни (и) за тој „празник“ и ќе ни стави уште еден плус во тефтерот на Маричиќ? Онака, на невидено, зашто да можеа да видат на што се сведе таа прослава…

Но, она што е уште пострашно од нашата ненормалност, од нашата „болест“, е фактот дека ние свикнавме на неа. Веќе ништо ненормално не ни е туѓо, ги прифаќаме „објаснувањата“ на секоја будала со функционерски статус, а на ретко манифестираната нормалност гледаме како на чудо. Помирливо ја пригрнуваме и длабоката криза што ја влече државата во адските темници, несакајќи да прифатиме дека нејзиното разрешување може да има само два излези: пропаст на државата или преродба врз темелите на нормалноста (моралноста, чесноста, стручноста и разумот). Одамна веќе и последниот „џокер“ – оправдувањето со неодамнешната „заробена држава“ – го потрошивме бидејќи имавме цели пет години да ги смениме состојбите. Оттука, очигледно е дека нашата болест само прогресира, од ден во ден зема посилен замаф!

Целата оваа состојба „влече“ со себе други „странични ефекти“, меѓу кои и антисоцијално и девијантно поведение, пораст на криминалот и корупцијата, губење на системот на вредности и норми и, како последна алка, дисфункционално семејство! Тоа е и најстрашниот краен резултат на ваквото општество кое понатаму „произведува“ единки на кои ненормалноста им е природна состојба. Тие понатаму се неснаодливи и неприлагодливи во друга, нормална средина, и се/ќе бидат доживувани како непродуктивен европски „отпад“. Зарем така сакаме да бидат третирани?

Зарем толку свикнавме на оваа ненормалност па не се ни обидуваме да ги вратиме нештата во приближна нормала? И навистина ли нема сила/воља/моќ што може да „повлече“ во таа насока, наспроти тврдоглавото настојување на власта да нѐ држи на таков ненормално краток ланец?     

МИГОТ НА ВИСТИНАТА

Веројатно секоја земја, повеќе или помалку, низ својата историја се соочува со критични предизвици, некои и со судбоносен – да не речам катастрофичен – призвук, применувајќи сет од мерки и решенија за зачувување на виталните интереси на земјата. И тоа по правило го прави вистинската интелектуална елита на државата, компетентни и искусни експерти од дадени области, со висок процент на предвидлив позитивен резултат.

Кај нас најсложените државни проблеми ги решаваат партиски апаратчици и аналфабети, таму каде што се потребни високопрофилирани стручњаци ние испраќаме ѕидари и кујунџии (без навреда за вистинските мајстори во овие области!), а визиите за иднината на државата се „крчкаат“ во разноразни засмрдени биртии во коишто сијалиците  и здравиот разум одамна прегореле. Затоа, впрочем, сите клучни предизвици, сите „мигови на вистината“ за државава во изминатите три децении – освен во онаа 1991 година – завршуваа(т) со фијаско. Но, како компензација на пропаѓањето на системската сила на државата, растеше моќта на партискиот поединец, особено на нивните самопрогласени „лидери“, кои освен неколку кокошки или чифт волови во нивните матични села не умееле да водат ништо друго.      

Затоа, впрочем, застрашува и овој сегашен „миг на вистината“ што ќе мора да реши многу клучни прашања, на еден или на друг начин. Или кај нас има само – еден начин? Оној што и досега го гледавме? Да, заличува на таква разврска. Но затоа е уште поважно прашањето на оној „баланс“ помеѓу овие бандолики „елити“ што во земјава го живеат својот „влажен“ сон на сила и моќ врз грбот на државата, и оние другите, оние кои цел живот (ќе) мизеруваат само од резултатот на својот минорно платен личен труд, од минималната пензија што оние првите (ќе) им ја одредуваат итн. Зашто, знаеме дека тој сооднос е смешно неповолен за оние првите: науката вели дека тие се само 2% од популацијата. Меѓутоа, во нивните раце се сите државни алатки за демонстрирање на превласта што им ги подариле партиите, сите (дозволени и особено недозволени) механизми за тортура над неистомислениците и наметнување на нивните „решенија“.

Дали заради тоа групацијата од оние 98% постојано се осипува, се намалува во полза на криминалците односно ја следи логиката на актуелните „вредности“, па луѓето од доминантната по број целина преминуваат во таборот на партиските банди? Не знаеме, можеме само да претпоставуваме, зашто кај нас тоа никој не го истражува, уште помалку го интересира. На анкетите што вршат (божем) некакви „мерења“ на јавното расположение ионака веќе никој не им верува. А сепак, што ако тие ја отсликуваат – вистината? Тогаш сликата за Македонија станува уште пожална ако огромниот процент нормални потклекнуваат под притисокот на лагите на узурпаторите, нели!

Тоа ли е овој миг на вистината: државата во шепите на 2% проценти узурпатори, енергетскиот сектор во нежните раце на нивните „убави жени“ и мили синови и внуци, економијата во џебовите на неколкумина олигарси…, вистината во устите на дузина шапшали и сервисери на партиските штабови?

Дали и јас заради тоа треба да го корегирам ставот дека животот овде не е сон? Веројатно. Значи – сон е?! За многумина овде – да, или барем за оние кои одлучуваат за судбината на државата, па и на народот. Иако народот има опција: ќе се отселува кој може. Државата нема каде да оди! Ќе им остане нив.

А сепак, не сите имаат можност да ја бараат подобрата иднина на друго место. Дали затоа треба да му се верува на секогаш суптилно остриот Мураками кој сугерира дека „Спознавањето на вистината не ги подобрува животите на луѓето. Објективното не го надминува секогаш субјективното. А реалноста нема да ја згасне фантазијата“? Со фантазија ли – и чија? – ќе „патуваме“ во светлата иднина? Но таквите (транзициски) меѓупростори помеѓу минатото и иднината, (а ние сѐ уште сме во таква состојба зашто сегашност немаме), имаат свој „миг на вистината“ кога нештата се согледливи, одредливи, и треба да се избере вистинскиот пат. Можеби, дури, имавме и неколку такви мига но ги пропуштивме. Сите. Ни остана ова секојдневие, овој не-миг, со сиот товар што ни го наметнува.

Ако навистина спознавањето на вистината не ги подобрува животите на луѓето, зошто тогаш да им создаваме турбуленции во животот, нелагодност и несигурност, потенцијален страв можеби? Токму затоа, безмалу за наше добро, политичкиот симулакрум ни создава вештачка, нереална стварност дека ние некаде напредуваме, дека сме некакви лидери (sic!), дека ќе ги „превесламе“ Бугарите со вметнувањето во Уставот, дека живееме прекрасно ама некако не сме свесни за тоа, дека дури имаме и швајцарски плати од речиси 300 евра. Културниот симулакрум пак е онаа воздушеста целофанска обвивка со којашто се обвиткуваат слаткарските производи за да останат свежи, допадливи, но само илузорно достапни. И за таа намена бандата смислила соодветни „демократски“ алатки што едновремено „културниот колач“ ќе го нудат на сите, но ќе прават сѐ тој да остане во дофатот само на пожелните, проверените, партиски абонираните…

После сите порази, после сите пропуштени мигови за пресврт, има ли логика да се мисли дека сега може нешто да се направи? Има, малку. Зашто ако го пропуштиме и овој миг, ќе нема по кого да пцуеме. Сакам да кажам: националните, па и идентитетските реактори во Македонија одамна ги допреа критичните црвени точки. И тестот со „албанската заедница“ ја постигна целта – требаше да биде јавно искажана, а потоа отфрлена од повеќето партии. Тоа и беше идејата. Но таа ќе се врати на голема врата. Впрочем, сетете се на реториката неколку месеци пред промената на името и што сѐ тртљаа Пендаровски, Заев и остала братија.

За жал, македонското општество последниве деценија и половина како да е целосно несвесно дека се наоѓа среде нова, можеби најголема културна војна. Дека во изминативе 5.000 денови, но денес особено, во Македонија се води војна не за превласт помеѓу СДСМ или ВМРО, ДУИ или Алијанса…, уште помалку за интеграција во ЕУ. Во овој период се бие можеби претпоследната битка за (ре)дефинирањето на државата, за значењето на Македонија, за тоа што и кои сме биле и, што е особено важно, што и кои ќе бидеме! Ако тоа не го гледаме, ништо не гледаме. Или – не сакаме да го видиме!

Оваа војна е културна војна бидејќи ги опфаќа сите сегменти на општеството: од етнички и религиозен карактер, од економијата до науката, од културата до образованието, од здравството до животната средина. Војната започната во онаа 2006 година требаше целосно да ја окупира државата – што и го стори! – но интермецото во онаа 2017 година навести можен пресврт. Меѓутоа, алчноста, кримогеноста, коруптивноста, неспособноста и некултурата на самонаречените прогресивци го завртеа текот на интермецото во своја полза: повторно ја заробија државата, онака лефтерно, мижи-бутај, без отпор.

Во овој миг војната ја губиме на сите фронтови. Игрите околу цената на лебот, самоволното покачување на платите само на дел од вработените во Минситерството за финансии, континуитетот на дојавите за бомби во училиштата и штетите што ги трпат децата, „учењето“ без учебници, опстојувањето на „формулата“ дека некаква т.н. „светска криза“ и Путин ни се виновни за домашните катастрофи… се само дел од поразите на големиот фронт. Партократијата и олигархијата, колку и да се малубројни, сепак на располагање имаат огромни ресурси.

За среќа, го немаат најважното: мнозинството на народот, ја немаат идејата за нормална, современа, демократска држава, за цивилно општество, ја немаат потребната култура и сите оние други главни линии на кои се разграничувавме во онаа 2017 година. Но таа предност треба/мора да се искористи. Што побргу, тоа подобро!

Но како, на кој начин? Само со нова свест и моралност, со нови визии и со политичари неогрешени од Уставот и законите. Така тоа се прави во Европа.