Monthly Archives: July 2021

КОЗЈИТЕ ПАТЕКИ НА ПОЛИТИКАТА

Да се случеше овој трипартитен политикантски турнир наречен „Балкан Опен“ пред едно 15-16 години, особено со малку повеќе учесници, повторно ќе имаше многу противници, секако, но и многу приврзеници. Тогаш тоа можеби ќе ни се видеше како некаква мала шанса за (барем) економски развој, зашто во кој и да ѐ друг поглед ние бевме далеку пред другите во регионот. Но, потенцијалната безперспективност на ЕУ интеграциите темелена на „проблемот со името“ ќе нѐ убедеше дека и таквиот миди-Шенген (евнетуално и со Црна Гора, БиХ и Косово коишто, во тоа време, беа еднакво во „црна дупка“) ќе ни заличеше на чекор напред, барем во економијата, во обезбедувањето на некаков достапен заеднички пазар и слично. Не како замена за Југославија, се разбира – за такво нешто нема(ше) политички и интелектуални капацитети ниту една држава од преостанатите екс-Ју – туку како за некаква утешна награда дури седиме во чекалната на ЕУ без видлива светлина на крајот на тунелот. Ама, петнаесет години не се мал период во развојот на една држава, па и оваа Нашава. Многу нешта во онаков (како погоре опишаниот) случај веќе се разбистрија, се променија… можеби станавме попаметни, а „Шарената револуција“ и новата власт секако ни ветија дека таа ЕУ и не е баш така недофатлива иднина. Надежта беше силна, вербата можеби уште посилна, но и реалните изгледи за излез од оваа балканска жабокречина стануваа сѐ поостварливи. Плус, целата доверба кон власта, оваа власт којашто, меѓу другото, го доби кредибилитетот и заради ЕУ ветувањата, заличуваше на сериозна и објективна опција. И сега, еве нема да ги спомнувам оние бајки за мали деца викани „имаме датум“ – еднаш, двапати, трипати…, па заглибувањето во истото криминално и коруптивно милје како и нивните претходници итн., но да се дрзнеш, после сѐ, денес, да го поттураш како кукавичко јајце и некаков успех овој спот викан „Балкан Опен“ е не само смешно туку и неодговорно, дилетантски, политикантски.

И токму за тоа овде станува збор, а не за очебијно малоумните подметнувања и замена на тези дали оваа дибидус стеснета варијанта на екс-Ју ќе ни донесе некаква полза, дали „камиони и возила“ непречено ќе циркулираат божем нема граници и слични будалаштини. Впрочем, сето тоа и досега беше лесно остварливо без ваков трипартитен циркус, плус уште многу други нешта кои можеа, и можат, да се решат со билатерни и трилатерални спогодби и без популистичко шоу кое не доликува на сериозни држави и државници. Едновремено, она што особено денес, но и утре ќе се поставува како круцијално прашање е: од кога македонскиот политички врв знае(л) дека фингираната приказна „пристапни преговори со ЕУ“ нема да ја биде во блиска иднина? Од вчера, од завчера, од пред колку години? И зошто се молчело до сега? Ако пак некој се осмели да каже дека македонскиот политички врв не знаел дека тоа е однапред пропаднат проект, тогаш веќе случајот добива сосема други, страшни димензии. И некој ќе мора да одговори на ова прашање. Не мене, се разбира, но на претстојните локални, а особено на идните парламентарни избори, кога и да бидат. Можните калкулации со незнаењето, неподготвеноста за ваков развој на настаните, на изненаденоста од проблемот со Бугарија, па и од евидентните големи пречки и во рамките на самата Европска унија… ќе поминат кај некои целни групи, но генерално ќе остават девастирачка недоверба во потенцијалите на македонската политика. И тука тешко дека некој ќе биде поштеден, сигурно не на подолг рок. Зашто, луѓето постојано ќе се прашуваат: кога повеќе нѐ лажеа – пред две, три години, или денес, или утре…? Политичките гарнитури кои на таков начин ја изгубиле довербата кај гласачите, никогаш не можат да ја вратат!

Но, она што е уште попоразително, е фактот дека овој безперспективен потег остава впечаток дека безмалу сите политички партии се малтене задоволни од сегашните состојби во државава и дека никому реално и не му одговара некаква забрзана ЕУ агенда. Тој катастрофален впечаток (о)станува перманентно расположение и на владејачката коалиција, како што впрочем ноншалантно потврдува и потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања велејќи дека власта не се откажува ни од незаконските прескапи тендери во четири очи, дури и наспроти укажувањата на ДКСК, па и нивниот поднесок до Уставниот суд. Тие, власта, немала обврска да ја чека одлуката на Уставниот суд! Мислите дека вакво нешто же биде можно во ЕУ? Дали навистина строгите правила на игра во Европската унија не одговараат на расположението и навиките на македонската политика? И дали етикетата „хибриден режим“ – којашто, патем никој од власта не се ни обиде да ни ја објасни, или барем демантира – е она последното тегче што претегнува на Европската вага? И што е тоа што треба да се направи за да се симне таа етикета од грбот на државата? Не знам зошто никој сериозно не се бави со овие и вакви прашања туку се бараат споредни козји патеки што по правило водат во некоја провалија или ќорсокак?

Паралелно со ова, зарем ваквиот тип „сојузи“, „унии“, „меѓудржавни коалиции“… не се некаква стратегиска опција којашто претходно треба да се расправи барем во Собранието на државата, или на референдум, или пак за тоа навистина може да одлучи една мала партиска група луѓе, па нека се и најумни во земјава? Зарем навистина и Парламентот, и политичките партии застапени во него, па и не само тие, зарем интелектуалната јавност, па нека е и ману (малите букви одговараат на сегашното реноме на таа институција!)… така молчешкум и „акламативно“ ќе преминат (и) преку ова не барајќи (барем) некакви основни информации? Дали и овој и ваков тип на „одлучување“ спаѓа во елементите што го исцртуваат тој фамозен и за нас непознат (божем) „хибриден режим“?

ВАЖНО ТИЕ ДА БИДАТ СРЕЌНИ

„Ако за две години дојдеме дотаму да немаме граници меѓу нас и камионите и возилата да можат слободно да поминуваат, тогаш ми се чини дека сме постигнале нешто за кое мечтавме. Не сум сигурен колку сите ќе бидат пресреќни поради тоа во светот и Европа, но ние ќе бидеме среќни“, ни порача како главна вест токму од Скопје претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата и разговорите со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама. Оној ист Вучиќ кој само до вчера, и за оваа власт и особено за македонските медиуми, беше диктатор, игнорант на човековите права, со другар му Шешељ, во едно поинакво време, пукаше врз Сараево… you name it. Иако, навистина, јас немам ама баш никаква намера да давам политички или какви и да се квалификации за странски државници, туку само парафразирам некои наши државници, и медиуми, и нивниот начин на мислење само до пред некој месец, па нека е и – година. Многу слично беше и со г-динот Рама, иако во многу поблага форма. Како и да ѐ, двете соседни држави до неодамна не ни беа „ни до колена“ во наводните реформски процеси и ЕУ аспирации, ама се покажува дека ние, како и обично, сме биле дезинформирани – да не речам лажени. Та нели бевме лидери во регионот, во сѐ?

А сепак, прашањето на среќата е едно од најкомплексните прашања на човековото битисување. Што воопшто е среќата и дали, и како, таа го дефинира човекот, и кој човек, дали сите нас или само некои од нас, и дали среќата на само „некои“ од нас е поважна од среќата на сите нас, и… уште многу „и“ и „дали“ коишто, секако, можат да се релативизираат до сто и едно, и назад, ама секогаш ќе остане најважната дилема: зарем среќата не треба да биде подеднакво распределана, барем онаа „висока“, „гоооолема“ среќа во смислата на реализацијата на некакви државни аспирации и визии, на некакви долгорочни мисии од коишто човек не смее баш така лесно да се откаже…? Секако, многумина ќе забележат дека „среќата“ на г-динот Вучиќ не мора да ја делат со еднаква силина и неговите компањони од Албанија и Македонија, иако не видовме дека некој отворено се иззема од неговата „среќа“. Едновремено, дали личната среќа на г-динот Вучиќ со ист интензитет ја споделува и српскиот народ? Како што е логично и прашањето дали среќата на г-дата Заев и Рама ја споделуваат на ист начин и македонците и албанците? И имаат ли воопшто премиерите и претседателите на државите доволен кредибилитет и „багаж“ да говорат за среќата во името на нивниот народ, или барем на мнозинството? Не можам баш прецизно да се сетам дали и Тито некогаш говорел за нас дека сме среќни, односно дека тој е доволно среќен за сите нас? Ама што пак Тито, тој е бледа фигура во однос на сегашниве „државници“!

Меѓутоа, што е суштината на „среќата“ во оваа скратена варијанта на некаков балкански сојуз помеѓу (само) три држави? И има ли воопшто некаква суштина во таква „среќа“ – во тие „камиони и возила“ што слободно ќе поминуваат – којашто пропагира задоволување не со тридецениските аспирации „без алтернатива“ (како што милуваа да говорат и овие денес среќниве!) туку со некаква уситнета, мини верзија на екс-ЈУ – во којашто, за чудо, ја нема ни една Црна Гора, па ни БиХ, а за Косово и да не говориме, или Албанија треба да биде нивна достојна замена? И дали тој тип на „среќа“ ќе беше ист, или барем сличен на варијантата ако на нашено дете Георгиевски во Токио, наместо борбата за златен медал, му понудија сладолед на стапче или дури и сигурно прво место во некој македонски потсојуз на теквондо? Или тој тип на „среќа“ ќе беше сличен на онаа ако на нашата Марија Апчевска, во Кан, наместо учество во главната конкуренција за краток филм – бидејќи е од Македонија, нели – ѝ понудеа да добие гран-при на некој фестивал во Недојдија? Што мислите, ќе прифатеа ли?

Но за нас, како за народ и држава – со наводници или без – среќата е навистина чудна работа. Ние прифаќаме секакви сурогати, дури се радуваме и друг да биде среќен во наше име, без оглед дали се согласуваме со таквата среќа или не. Многупати таквата помирливост ни се удрила од глава, ама изгледа никогаш не научуваме. Последен пат на една таква среќа рековме „не“ во времето на „Шарената револуција“, и видовте – гледаме и сега – што испадна од тоа. Но ајде да речеме дека сето тоа и не е битно. Можеби и повторно да се прашаме: дали со „среќата“ на г-дин Вучиќ ќе се согласи и српскиот народ? Веројатно, можеби дури и некое сериозно мнозинството. Зошто? Па затоа што г-динот Вучиќ, но не само тој туку и многумина пред него,  не понудија други перспективи за земјата. Можеа или не, не знаеме, но со тие и такви прашање ќе мора да се справува токму српскиот народ. Но, сепак, најмалку сакам да коментирам состојби, уште помалку да се „ситам“ за неволјите на други земји и народи. Но ние има(в)ме перспектива, барем така ни велеа, или само мислиме дека има(в)ме? Или пак – повторно не лажеа? Како и да ѐ, сега на турбо ќе се вклучат вувузелите за да ни ја наметнат среќата на нашите лидери како наша, баш онаква каква што отсекогаш сме ја сакале. Ќе се изнаслушаме сѐ и сешто, од типот подобро отворено од затворено, подобро мини отколку ништо, подобро врапче в рака отколку гулаб на гранка… иако за такви сурогати никој никогаш не разговарал, уште помалку – сонувал илои гласал. И пак ќе биде „дај шта даш“, баш во стилот на северниот сосед. Како впрочем и во многу други слични прилики, кога се трудеа да нѐ убедат не само дека сме среќни туку и дека треба да скокаме од радост. Можеби ќе треба и да го сонуваме она што тие го сонуваат? Прашање е кога на Балканите ќе дојде денот кога, заедно со оние „камиони и возила“ што слободно ќе поминуваат,  ќе треба да има и плачење, кубење коси, паѓање в несвест од љубов… како во сцените со она малечконо во Северна Кореја, некакво неконтролибилно општонародно споделување на чувството на наша „среќа“ заради среќата на лидерите итн.  Не знам, но да бидам искрен – не ми изгледа далеку ни тој ден.

ПИРОВА ДРЖАВА

Сите наши празници, одбележувања, славја… се пирови празници, пирови одбележувања и славја. Не е само „победата“ за Охрид пирова победа – зашто тие добиени две години ќе поминат како и овие пет неспособни – туку ние во „пировоста“ се конфротира(в)ме дури и со ЕУ а во полза на „братската“ прегратка со Русија. Ја знае некој цената? Не, очигледно, бидејќи никој и не прашува за тоа. Важно: го „спасивме“ Охрид! Од кого, од себе самите? Ќе славиме? Се разбира, впрочем многу добро знаеме како се слави пирова победа – сите ни се такви. А имаме и „дизајнери“ кои вешто ќе ни склепаат пирово „лого“. Ама како за две пирови години се надоместува сето она што било упропастувано триесет?

И вчерашното одбележување на 58-годишнината од скопскиот земјотрес е – пирово одбележување. Прашањето ѐ, и ќе биде: што во изминативе три децении направивме/направивте (извинете, не можеме по којзнае кој пат сите да ги превземеме вашите катастрофални резултати!) за овој град? Што, освен што беше препуштен на злосторничките орди на властодршците и урбаната мафија, последен пат во 2014 година но со продолжено дејство до денешниов ден. За три пирови децении успеавме да проголтаме цел еден град. И тоа нема врска со актуелниот градоначалник Шилегов кој е дури и многу поотворен во прифаќањето на потенцијалната вина од сите негови претходници: еден човек не може многу да подобри, ама еден човек може многу да расипе, како што тоа го правеше неговиот претходник. Неговото „рурално“, да не речам сељачко, поимање на градот и неговите потреби беше дефинитивниот политички, урбанистички и архитектонски земјотрес во Скопје. Од тогаш не можеме да се оправиме. Сето после него – ако не подразбира негова одговорност и наша односно ваша волја/желба за расчистување на состојбите – е само уште една пирова победа над градот, над нас како негови жители. Се надевате на нова, слична? Морате убаво да размислите.

Зошто? Затоа што следот на пировите победи можеше да биде запрен. Не велам еднаш за секогаш, ама можеше да биде запрен барем времено, за неколку години, а хаосот расчистен, ако не целосно тогаш барем со демонстрирање не само желба туку и конкретна подготвеност на терен за еден таков чин. Сето тоа – изостана. Прашање е дали воопшто и било искрено на политичката агенда или целата игра беше добро смислен маневар за освојување на власта? Но, повторно: и тоа беше пирово освојување. Зошто, мораше ли така да биде? Ние не знаеме, ама некој мора да знае, нели?!

Пирова ни стана и целата држава речиси уште од самиот почеток. Добро, тоа не е тема на којашто баш сега мора да се навраќаме, ама е тема за наук и ќе биде важна, многу важна веќе утре. А ние, пардон – вие, не научивте ништо. Ни од ФИРОМ, ниту од злосторничкото здружение и „СК 2014“, а најмалку од т.н. „Преспански договор“ и менувањето на името, презимето, сега јазикот, историјата и идентитетот… ама важно Охрид „го спасивНе“, Скопје го посељачивме и продадовНе на мафијата, што остана друго за мегдан? Но забораваме дека пирувањето никогаш не оди само: пирова ни е и културата, образованието, наука веќе немаме… спортот ни е пиров, пирови ни се автопатите со план „Б“… важно имаме политикантски елити кои слават пирови победи во пирова држава. Еден професор пишува за Скопје како за „автоимуно самоуништување“ и „град на пропуштена шанса“. Ама не е баш така, поточно токму тоа е речникот на денешниве пирови победи и уште попирови порази: Скопје не се самоуништи, Скопје – го уништија. Не се самоуништи ни Охрид туку градот го уништи похлепата на политиката. И тука има голема, огромна разлика. А пропуштените шанси? Е па тие одат на душата на скопјани – оние повозрасните но и овие помладите, оние учените но и оние помалку учените, родените скопјани но и дојденците… Ако во оној земјотрес починаа илјада и седумдесет граѓани заради непредвидлива природна катастрофа, колку „жртви“ – реални и фигуративни – зема ова континуирано,к систематско уништување на градот? И колку „жртви“, реални и фигуративни, брои ова триесетгодишно катаклизмично упропастување на државата? Колку пирови победи можеме да нанижеме на тоа триесетгодишно лудило? Од готова држава направивме вересија, еден европски град успеавме да го понижиме до нивото на балканска паланка, шизниленд. И зошто никој не се бори/бореше за Скопје барем малку како за Охрид? И како може еден автопат да биде поважен од цел еден град, главен град, и за него да има планови „Б“, „В“, „Г“… а за Скопје да го нема ни основниот „план А“? Бидејќи овие не го чувствуваат градот за свој? А ние, родени и пораснати тука, нивни ли сме? Спомнатиот професор говори за зелени агенди и зелени мастер планови. Кои по ред ќе ни бидат? Ако секоја партиска будала заседната на вратот на градот може да посече стотина дрвја без око да му трепне, за какви зелени агенди говориме? Ако секоја малоумна партиска будала со тапија на „татко на градот“ може целосно да му го измени личниот опис на „детето“, за какви мастер планови говориме? Без оглед што во историјата влегол како оксиморон, како симбол на девастирачка победа, Пир барем се борел. Ние? Ние препуштивме сѐ без борба, во неспособни и неуки раце и криминално коруптивни умови.   

ПРИВИДИ

Речиси и не можам да претспоставам како себеси и своите „програми“ си ги гледаат актуелниве партии – и од власта и од опозицијата. Поточно, можеме да претпоставиме следејќи ги реалните чекоро во праксата, коишто немаат „три благе везе“ со нивните предизборни и постизборни програми, со нивните викачко-манипулативни ветувања низ митинзите итн. Сето тоа, или сето ова, е само некоја сосема друга реалност – Бодријар ја викаше симулакрум – во којашто обичниот граѓанин, ние, не можеме да се снајдеме. Ја губиме, безмалу комплетно, ориентацијата за она што „беше“ и ова што „ѐ“, минуваме низ некаков кошмар на излажани луѓе при што не само што не можеме да ги препознаеме другите, туку веќе не се препознаваме ниту себеси. Но, сето тоа, оваа искривена реалност, или овој симулакрум, како сакате, можеби е и главната интенција на македонската политика: граѓанинот да не се бара себеси во краткорочните, стреднорочните или не дај боже долгорочните нивни политики туку повеќе внимание да обрне на новокомпонираните политикантски акробации и немушти соопштенија за благодетите што државата ни ги дарува речиси секојдневно. Не ги гледате, не можете да ги видите? Е па, проверете си го видот, или диоптријата, велат тие. Инаку, каде денешниот граѓанин би се видел себеси во оној катастрофичен иден „автопат“ со помпезно име „Бехтекл и Енка“, како што впрочем не можеше да се најде себеси ниту во оној „автопат“ ни на небо ни на земја викан „Синехидро“. Ем го „градат“ со негови пари, ем после му наплатуваат енормни патарини. Ама оној „Синехидро“, нели, не чинеше зашто беше продукт на криминалите на злосторничкото здружение на Груевски, а овој „Бехтекл и Енка“ ќе биде благодет заради тоа што е продукт на сегашната власт. А моделот на „преговарање“, „договарање“ и градење – потполно идентичен: сѐ е тајна, само четири (или осум, сеедно) очи знаат што и како некој потпишува во името на народот и државата! Но, има уште. Ако, на пример, Американската амбасада во Скопје – онаа амбасада на нашиот најмоќен стратешки партнер, за „договорот“ со американската фирма! – вели дека „Ова е внатрешно прашање кое треба да го разгледа Владата на Северна Македонија. Ние силно ја поддржуваме работата на Антикорупциската комисија и нејзината важна надзорна улога“, за што всушност ние овде говориме? Или, повторно, е ова само некоја наша илузија, симулакрум, паралелен свет?

Го чекам мигот – а тој бргу ќе дојде – кога сите ќе почнат да нѐ убедуваат дека ние де факто живееме во паралелни светови. Не дека е тоа толку тешка задача за умен човек, доволно е да се прочитаат неколку стручни текстови за тоа прашање (иако таа „активност“ не ни е многу својствена!), но тешко овој народ да го убедиш во такви научни фантастики. Зашто, со право, секогаш нормалниот човек го поставува најнормалното прашање: доказ?! И тогаш сите „докази“ од типот на политикантските теории, на просечни плати од 750 евра, на автопати вакви или онакви, на „лидери“ вакви или онакви… паѓаат во вода. Докази, (наводно) – нема.

Како што, впрочем, нема опипливи докази ни дека баш ние сме „лидери на Балканот“? Но, доволно е да веруваме во тоа и тоа веднаш да стане наша реалност? Или – симулакрум?! И во што тоа ние би биле тие лидери (иако, ако добро се сеќавате) и во периодот 2006-2016 бевме тоа, лидери)? Во реформи?!? И дека заради тоа наше верување, или тој наш симулакрум, ЕУ, кога ќе биде подготвена за нас, ќе треба да ни се јави?  Ако навистина некој, па дури и премиерот, верува во таква бајка, тогаш ние никогаш нема да започнеме преговори за полноправно членство. Никогаш! Телефонот ќе ни остане нем а ние ќе продолжиме во оваа дупка. Да живуркаме, се разбира, зашто животот, оној вистинскиот, сепак не дојде тука. А ако пак, како што велат некои, баш во ЕУ е загрозено владеењето на правото – како што констатира Дојче Веле – односно ако „Во Германија се критикува изборот на врховни судии, во Италија – спороста на судството (…) во однос на Бугарија, се истакува дека реформите во правосудството одат преспоро“, ако „Унгарскиот парламент во меѓувреме овозможи избор на врховните судии надвор од вообичаената постапка, што го поставува прашањето за независност на целиот процес“, ако „Развојот во полското правосудство се набљудува со посебна загриженост“… итн., тогаш – што? Каде сме тука ние? И дали, сепак, во овој наш „живот“, или илузија, спаѓаат и оние протести на лицата со посебни потреби кои никој не ги удостојува со пет минути внимание?

Дали е сѐ навистина само привид? Којшто самите го изградивме и еве трае цели четири-пет години? Привид што потоа самиот се надградува себеси до невидени размери на асиметрично општество, на „држава Б“, на повластени и подредени…? Привид којшто си подметнува приказни дека некој некому ќе се јави? За што? И што (о)стана од/со онаа прочуена транспарентност, дури проѕирност, со она дека сѐ ќе биде според словото на законот, дека сите се еднакви пред него, дека никогаш нема да се повтори… што? Ова што секојдневно го гледаме а е пресликано паралелно време? Овие фрустрации, оваа хипокризија на една партократија? „Се празнaт и се полнат емоции“, вели Ранко Дакиќ, „од осамостојувањето па до денес континуирано се слуша офкање и стенкање по нацијата и националната гордост, револуцијата се издиша, политиката и модернистичките наративи се претворија во булеварски карневал за самопромоција, циркулацијата на вредности секна, нацијата папса, победи провинцијализмот, турбо-фолк идеологијата метастазира во колективната свест, во образованието и културата, настрада не само естетиката туку и целокупниот општествен организам – македонското општество доживеа тешки трауми и сѐ уште доживува.“[1] И она малку вредно што државава го има – културата – го испоганивме со неспособни и неписмени апаратчици кои, ене, отидоа дури и во Кан, ама што фајда од тоа?!


[1] Симона Манчева, Ранко Дакиќ: Уметникот треба сам да се остварува – тоа е негова борба и избор, окно.мк, 19.07.2021

ДРЖАВА „Б“

Вчера, денес, утре… на оној нашион „основополжник“ на македонскиот дизајн Динка, треба да му се приклучи и некој од новиве „основополжници“ на архитектурата и градежништвото, за да протестираат против придобивките на „новата“ македонска арихтектура, онаа од „СК 2014“, се разбира, што самите ја градеа. И тоа може да биде она архитектчено Чаушевски, или некој друг од современата тајфа „мајстори-архитекти“ од СК 2014, иако, да бидеме докрај искрени, тоа може да биде и „доајенот“ Жан кој не’ усреќи со таков „објект“ од којшто прво ти се плаче, а потоа богами ти доаѓа и да се смееш. Онака – хистерично, особено по последниве слики од Старо-новиот театар и ефектот на новоклиматскиве дождови врз неговиот ентериер. Нормално, тој и неговата „тајфа“ ќе кажат дека немаат врска со изведбата, тие само „проектирале“, изведувачите (едно 15-тина фирми, глава да ве заболи од читање), плус италијанска леарница, па подизведувачи, па под-под изведувачи, па едно чудо „уметници“ (од Башевски, преку Глигоров, до Беди и Рамичевиќ… уплав да добиете кога им ги гледате „делата“)… а сите заедно успеале да изедат цели 38 милиони евра! Ни мање, ни више!!! И кога денес ќе видите што останало од нивната стручност и умешност… Апропо: таму ли ќе се држи прославата на 30-годишнината од независноста, самостојноста и сувереноста? Прашувам зашто, едно време, сегашнава власт се колнеше дека нема да влезе во тоа чудовиште… А какво што е сега – три чудовишта не му се рамни!

Не знам, впрочем, зошто во нашата претстојна прослава на 30-годишнината од независноста, самостојноста и сувереноста не вклучуваме и вакви „симболи“ на македонскиот дух и пракса? Па тоа сме во суштина ние – поточно: не баш ние туку оние кои не’ водат! – тоа е тој фамозен дух што струел низ нивните глави овие три „слободарски“ децении. Токму таа слобода да се упропасти се’ што ќе се допре, да се украде ако може, па дури и цел град, а ако градот веќе е украден тогаш да се проба да се украден што и да е’ друго, може и цел еден автопат… Односно многу автопати, премногу тендери, едно чудо коруптивни и криминални зделки што завршуваат во партократските џебови на политичката мафија.     

Да не се заборави, никако, на некој начин во прославата да се вклучи и објектот на Државниот архив (сосе Археолошкиот музеј и Уставниот суд) којшто, сакале-нејќеле, стана најналудничавото обележје на градов, иако е де факто најгрдо. А „проектант“ му е никој друг туку еден „архитект“ што на скопскиве полуписмени снобови во едно време им продаваше басма за модерност, во оние седумдесетти и осумдесетти години на минатиот век им „дизајнираше“ столици и „ентериери“ за кафулиња, за да подоцна со злосторничкото здружение се впише во архитектонската кич-историја на Македонија. Е па и таму, деновиве, како впрочем и сиве години откако е отворен објектот, повеќе користат чамци и чизми отколку останати средства за движење, а заради умешноста, стручноста, квалитетот… на проектот и изведбата. И таму се отидени по разноразни џебови околу 43 милиони евра. Сите тие се свежите симболи на нашава независност, се’ уште тука, пред и околу нас, да ни ја разубават прославата, да ни ги величаат годините.

Но, ги спомнувам овие, а да не ги заборавиме и другите „бисери“ на „СК 2014“, со цел властите – кои така здушно застанаа зад кукавичкото јајце на бившоно диктаторче – да ги потсетам дека ниту една денешна или утрешна прослава не би поминала без соодветни награди и државни обележја (во вид на ордени, секако) за овие индивидуи. И нив секако треба да им ги додели лично и по кратка постапка оној кој, наспроти сиот одиум во јавноста и надлежните институции, така одлесно го потпиша „закон“ со којшто државава треба на невидено да подари речиси милијарда евра на некои американски бараби. Иако можеби и не се баш бараби зашто во американскиот, па ни во англискиот, нема соодветен збор за тоа, ама нешто слично – се’! Бидејќи, нели, како што (сме) тргнале со криминаливе, зошто и прославата да не се дополни со одликувања за главните „дизајнери“ од сите фели на „естетиката“ на современа Македонија, па нека е и Северна? Елем, затоа ние ќе влеземе во должничко ропство ако треба, acting president со еден потпис ќе ја надминеме и цената на целото „СК 2014“ не прашувајќи никого, а ако баш некој дури и се дрзне да им ја помати зделката, како онаа Антикорупциска, тие секогаш имаат „план Б“! И со тоа дури и се фалат. Неверојатно е како кај нас криминалот секогаш има „план Б“. И тоа оној, највисокиот, државниот. А може да има и „Ц“, само ако затреба. Зошто? Бидејќи сме држава и народ „Б“ или има и некоја друга причина? И тоа ли всушност ние сега ќе го славиме, фактот што ние од самиот почеток, уште од онаа 1991 година упорно го тераме тој план „Б“ бидејќи сме неспособни да ги реализираме „А плановите“? Или држави „Б“ по логиката на нештата не можат да имаат планови „А“ бидејќи со нив господарат „елити Ш“?

Кога некој умен, денес, а по повод претстојното славење на државата „Б“ би успеал да ги наброи сите наши божем „планови А“ коишто – милом или силом – завршиле како „Б“, „В“, „Г“… или дури „Џ“ планови, би ја напишал вистинската историја на овие триесет „самостојни“, „независни“ и „суверени“ години. И тоа не би била историја од којашто би требале да се срамиме. Не, никако, вистината не е срамна, лагата е’. Но нам, очигледно, второво ни е помило – да лажеме, да не’ лажат, да се лажеме меѓусебе. Па нека е, не сме единствени во историјата, само што сите други слични примери – а ги имало, не дека ги немало – биле својствени на некои далечни и лоши времиња и, за жал, завршувале многу, многу неславно. Но, можеби ние, како библиска земја, ќе имаме повеќе среќа? Ајде, живи били…

КИЧ ДРЖАВА – КИЧ СЛАВЈЕ

Просто е необјасниво како македонската „јавност“ – ако воопшто и умееме да го дефинираме тој поим кај нас – се поведува и бранува по сечие полуписмено мислење, како пак власта (ако и за тој „поим“ имаме некакво логично објаснување) си дозволува не само грешки во чекори туку и смешни и тотално неуки (но важни за државата) „активности“, како одредени луѓе се самопромовираат во некакви експерти и основоположници на што и да е’ а цел живот буквално уста не отвориле за катастрофални собитија што ја потресуваа оваа држава, како онаа самонаречена опозиција а всушност збирштински полуостаток од злосторничконо здружение си зема за право да критикува нешто, како пак и „медиумите“ – ако и за нив воопшто кај нас може да важи тој поим – некритички лиферуваат напумпани балони со што-годе аферашки содржини… Дали затоа не’ викаат „хибриден режим“? Ни тоа не успеавме да го појасниме еве веќе четврта години или, всушност, сето ова, и уште многу друго, го создава тој лавиринт од којшто никако не успеваме да излеземе?

И дали целава ука-бука околу она „лого“ предложено од власта за, демек, одбележувањето на 30-годишнината од стекнувањето на независноста и сувереноста на оваа држава е, де факто, вистинската слика на целиов овој изминат период? Речиси е’, и подобро „лого“ не би ни можело да се најде, без оглед што тртљаат оние самопрогласени „основоположници“ на македонскиот дизајн (што ли и да значи таа јазична конструкција без вистинска суштина) и нивната покровителска „комисија“ за (не)култура на злосторничкото здружение. Зашто, видете, и тоа „лого“, или како веќе ќе го наречеме, е само јаготка на триесетгодишниот шлаг, ако баш сакате, на неспособност, неукост, мрзливост, кримогеност и коруптивност… you name it! Додуша, не знам што би стоело подобро на тоа „лого“ од веќе предложените содржини коишто, очигледно, мешаат и баби и жаби, сакаат да обединат невозможни нешта па дури да ја натурат и продавката (убава замена за несоодветниот збор „придавка“, нели?!) Северна како некаков 30-годишен багаж итн. Но, можеби најдобро ќе стоеше само една слика од магаре – некое поголемо, погрдо и поглупаво, можеби она за чијашто дресура плаќавме огромни пари од државниот буџет? Може(в)ме, се разбира, да додадеме уште некој значаен елемент од нашата 30-годишна неуморна борба за развој и приклученија на државата кон ЕУ и НАТО, на пример: некој од оние пасоши издавани на светскине криминалци, па онаа позната сликичка на „фамозното“ ни СЈО и трите „грации“ спакувани во буквите, па амблемот на најзначајната ни телевизија што требаше да поставува „стандарди“ ама играше само едно лето и заврши во бајбок, секако и некоја сликичка од Охрид кого конечно успеваме тотално да го упропастиме, не би прескокнал и една заедничка фотографија на оној министерон за култура и пајташот му тогашен директор на Агенцијата за филм како со сите сили се обидуваат во 21 век да забранат еден филм, или последниов речиси светски дострел на вакцинација во трактор… итн., итн. Сето тоа, секако, дополнето со важната трансферзала во вид на оној автопат без тендер, за којшто, ете, и оној кој глуми претседател потрча да стави потпис дури и наспроти директното укажување на кутрата ДКСК. И таа сликичка, тоа наше современо мозаиче, на крајот, воопшто не би испаднало лошо „лого“, дури цел еден манифест, на нашиве триесет години Сизифовски маки по евроатлантските ни интеграции!         

Сепак, ќе остане нејасно кому воопшто му е до некакво славје, до некакво лого, и што тоа ние би славеле, и како… кога за триесет години сменивме три имиња на државата, неколку устави, сега на ред ни е модификација на јазикот и идентитетот…? Наместо да го славиме таквото минато ние треба(ше) да ја славиме иднината, само кога би знаеле каква ќе биде, нели? Но сеедно, што и да славиме, мораме ли тоа да го правиме на начин ист како и се’ друго? Со „тимови“ од полуписмени шнајдери, со партиски фаворитчиња од разноразни владини списоци на кои ова им е единствен ангажман за четири години, со еднакво естетски неписмени шефови и потпретседатели на партијата на кои дизајнот/уметноста како поим им звучи како од друга планета…? Е па, таква ќе ни биде и – „прославата“!

Зашто, видете, кога општото не само  културно туку и цивилизациско милје ви е на рамништето на „СК 2014“, кога одлуките на највисокото државно ниво ви се носат во онаква „а ла традиционална“ гробница каква што е главната сала на Собранието (што чини 21 милион евра), кога Владата континуирано заседава во оној кич – и однадвор и одвнатре, без разлика – во којшто ниту една мормална власт не би влегла, кога грото од министерствата ви се турбо-кич и во „људство“ и во амбиент, кога пратениците носат одлуки во сенката на онаа грозоморна грдосија што го глуми Карев со онолкава глава и рака којашто како да бара мито, кога премиерот прима странски државници пред украден објект (чијашто само фасада чини 17.6 милиони евра) а потоа ги носат под газот на раскалашниот Букефал и остала грдотија што ја чинеше државата цели 8.5 милиони евра… и кога сите, цела оваа држава, знае кој колку пари украл од таа епска скаламерија но никој до денес не одговарал… тогаш – што? Сакате подобра прослава, со подобро „лого“? Може, ама не овде.  

И затоа, кога и оној „основоположник“ на македонскиот дизајн, и неговите патрони од злосторничкото здружение се дрзнуваат да говорат за лоши или добри решенија на логото или што и да е’ друго, мора прво да одговорат на прашањето: што правеа додека се градеше и крадеше „СК 2014“? Знаеа ли што и како се гради – и краде – и реагираа ли на каков и да е’ начин, или барем слично на нивните сегашни реакции? И немаат ли дури ни сега ништо да кажам за најголемиот срам на македонскиот „дизајн“, архитектура, градителство, уметност…? И кому тоа му продаваат стручност и компетентност, на нивните деца, внуци… сопартијци…кому?

Иако, истите прашања важат и за сегашните станари во „славните“ објекти од „СК 2014“, овие од власта кои фрлија по едно-две балончиња со боја врз најголемото македонско ругло и тука заврши нивната борба со овој кич. Ги заборавија ветувањата, или никогаш и немаа намера да ги реализираат? И не мислам тука (само) на уривањето на овој македонски турбо-кич туку на одговорните, по име и презиме, кои потрошија 800 милиони евра народни пари? Ако не ги знаат кои се, да ги потсетиме кои беа најголемите „инвеститори“: Службата за општи и заеднички работи на Владата (120 милиони евра во објекти + 17.8 милиони евра во фасади + 11.5 милиони евра за подземни гаражи и др.), Град Скопје (28.5 милиони евра во катни гаражи + 2.5 милиони евра за фонтани и др.), Општина Центар (25.8 милиони евра за споменици + 14.9 милиони евра за плоштади + 5 милиони евра за мостови + 5.2 милиони евра за скулптури и др.)… итн. И сето тоа останува така, недопрено од власта, од инспекциите, од обвинителството, од судовите… ама ние – ќе славиме? Што? Кич држава, со кич славје? 

WAFFENBRUDERSCHAFT

Има уште една битна „финеса“ во целиот скандалозен „спор“ со источниот ни сосед и македонскиот односно македоно-бугарскиот идентитет на народот што живее во оваа Македонија. И на таа „финеса“ долго време игра бугарската политикантска „елита“, а истата не е заборавена ни во веќе спомнатиот Национален музеј на воената историја во Софија. Тоа е описот на дочекот на бугартската окупациска армија на оној април 1941 година. Авторот на тоа крајно непримерено „произведение“ констатира: „Българското население в тези земи приема този акт (окупацијата, м.з.) за свое национално освобождение, като крачка към обединението на българската нация.“ Мислам, колкав непрофесионален идиот треба да биде историчар кој така ќе го опише влегувањњето на бугарската окупациска армија во Македонија? Ќе види фотографија со стотина граѓани – бугари или македонци, сеедно – како со цвеќе и ракоплескање ја поздравуваат војската и веднаш ќе заклучи дека „ Българското население в тези земи“ го прифаќа актот на окупацијата како национално ослободување? Таков пречек имало и во Скопје, повторно со стотина-двесте граѓани, но има фотографии каде таков пречек има и за германската окупациска војска. Зошто тогаш и frau Меркел не не’ присвои па попрво да станеме Греманци отколку Бугари? И колку фотографии и оригинални документарни филмови сме виделе со слични, ако не и помасовни, пречеци на германската окупациска војска во другите европски земје – денес самосвесни демократии коишто нам ни држат идентитетски лекции? Зошто тогаш и нивниот идентитет не се доведува под прашање?

Од друга страна, виделе ли бугарските историчари, но и нивната политикантска „елита“, како е пречекан генерал Апостолски во Скопје за време на ослободувањето на градот? Колку илјадници граѓани имало на улиците, што споредено со оној „български прием“ е токму – национално ослободување? Или они не сакаат да гледат такви фотографии? Впрочем, Првиот бугарски корпус, во јануари 1942 година, еднакво го окупира и североисточниот дел на Србија и го поставува главниот штаб во Ниш. И секако дека и таму имало десеттина-дваесет идентитетски тутурутки кои отпоздравувале на тој чин. И што, зошто Бугарија не бара барем делче и од Србија или им фуфка зашто Србите пречесто ги пердашеле низ историјата?   

Но, повторно, еве, како и минатиот пат, нема да веруваме на верзиите на двете страни – бугарската и нашата – заради потенцијална пристрасност. Меѓутоа, и веќе спомнатиот Marshall Lee Miller во неговата книга Bulgaria during the Second World War (Stanford University Press, 1975, LBY 81658 Imperial War Museum, London) го коментира ова прашање. Поточно, му посветува должно внимание, со интересни објаснувања. Прво, што се однесува до окупацијата, Милер потенцира дека САД и претседателот Рузвелт  „considered Bulgaria’s occupation to be an invasion“! Толку за тоа. Но Милер пишува и за пречекот на бугарската окупациска армија, објаснувајќи: „The warm reception accorded the Bulgarian soldiers was in large part the result of Macedonian resentment at three decades of Serbian dominance. ’Administrative brutality, Serbian chauvinism, political corruption, and economic exploitation were more flagrant in Macedonia than in any other part of Yugoslavia’ (стр.122).” И понатаму: „It was therefore not surprising that many Macedonians cheered the entering Bulgarians. One resident of Skopie later explained, ’Of course we cheered; we had no way of knowing then that the Bulgarians would just repeat all the mistakes the Serbs had made’.” Дали нештата се вака појасни? Иако, впрочем, тие очигледно биле јасни уште тогаш, во таа 1941 година, само што офицелната бугарска политика тоа не сака(ла) да го види. Но, дали бугарската политика и денес е толку наивна што ова не може да го види? Или треба некој да ја потсетува, константно, на за нив мотивирачките зборови на Рибентроп за нивната „common destiny“ (заедничка судбина) и особено за „обновеното Waffenbrüderschaft” (Братство по оружје) од времето на Големата војна? И впрочем, зарем никој во современа Бугарија, дури ни историчарите, не можат да ги видат сличностите на нивните сегашни постапки со оние на Хитлер од времето на почетокот на Втората светска војна, оние за анексијата на околните земјите во името на некогашниот „Altreich“, на бугарски преведено како „Голяма България“!?

Но, се разбира, „влажните сништа“ на бугарските политиканти и националисти не треба да бидат наша грижа. Ама треба да бидат грижа, сериозна, на официозусите од ЕУ. И проблемите што таквите сништа ги создаваат. Зашто, замислете кога и во поголемите/посилните европски држави (повторно) би се развиле таквите освојувачки амбиции и страсти? Каде би ја одвело тоа ЕУ? Или, од друга страна, а повторно имајќи ја предвид историјата – далечната и поблиската – дали сега ЕУ се појавува како некаков современ „патрон“ на големобугарските освојувачки апетити, пандан на некогашна царска Русија, Германија од Првата и Втората светска војна итн.? Дали и денес се обновуваат оние стари „братства по оружје“? Тогаш, и овие (за сега) смешни „источни аспирации“ ќе добиваат сериозна форма. И агресивна. Не треба ли Македонија да побара цврсти гаранции, и јавни, од ЕУ, од САД, па и од Русија и Кина. за својата независност и самостојност? Звучи параноично? Можеби, ама така звучело и порано, пред век, два, три… а така звучеше и во екот на „јазичниот спор“ со јужниот сосед. Па видовме што се случи, нели?!

ОПЕРАЦИЈА МАРИТА

Каква друга функција би имале музеите во светот ако не на луѓето да им ја појаснат историјата (ако се историски), уметноста (ако се уметнички), етнологијата (ако се етнолошки)…? И токму затоа, впрочем, умните луѓе ги концентрираат клучните информации и знаења во музеите, библиотеките итн. Се разбира, тоа, прво, некој треба да го знае, и второ, тоа знаење и информации треба да се користат. Знам дека на политичарите не им е својствено да шетаат по музеи. По библиотеки уште помалку. Тие ионака мислат дека се’ знаат, па таа ароганција потоа доведува и до вакви (квазиисториски) „спорови“ како бугарскиот, претходно грчкиот и др. Кога нашиве политиканти би имале барем некој советник со елементарни културни познавања… можеби нештата би биле поинакви? Којзнае.

Како и да е, македонската вистина, онаа историската – поточно: барем за поновата историја! – е релативно пристојно презентирана во македонските музеи. И стручно (од историски аспект), и музеолошки (толку колку што дозволувале финансиите и умот). Да не беше оној Музеј на македонската борба, којшто де факто е антимузеј и можеби е една од причините за сето ова што ни се случува, ќе речевме дека македонските музеи можат (делумно) сериозно да ја раскажат поновата македонска приказна. Но, за европјаните и нивната дрскост тоа би бил едностран приказ на историјата. Иако, ако баш сакате, најголемиот дел европски историски музеи на еднаков или на сличен начин ја прикажуваат – или интерпретираат, како сакате – поновата европска историја, особено онаа на 20-от век. Разликите се само во квалитетот на поставките, на музеолошките егзибиции и количеството на документите и артефактите. Тоа ви доаѓа како една иста книга да ја имате во три верзии: џебно издание, мек повез и луксузен тврд повез. Е нашите музеи се, да речеме, џебно издание, или paperback, ама сепак содржината е слична, да не речам иста, со другите европски музеи. Но, од друга страна: можат ли и бугарските (квази)историчари, а меѓу нив особено оној кој овде помпезно амбасадоруваше а сега ја предводи и бугарската „историска“ комисија, да кажат дека нивните музеи ја прикажуваат историјата на дваесеттиот век, а особено онаа за текот и резултатите на Втората светска војна, идентично, или барем слично, како и другите музеи во Европа? Можат, се разбира, ама – не сакаат. И за тоа некој мора да побара објаснување. Некој од Нашава страна би требало да ги праша, ако знае. Би требало да ги праша и како тоа, и зошто, верзијата во нивниот Национален музеј на воената историја во Софија (во делот Постојани поставки, Бугарската армија во Втората светска војна, 1939-1945г.) вели дека „5-а и 2-ра българска армия, през април 1941 г. извършват поетапно заемане на Македония и Беломорска Тракия (…)“, ама во англискиот превод говорат баш онака како што треба: „The 5th and 2nd Bulgarian armies, in April 1941, gradually occupied Macedonia and Aegean Thrace“. И, следствено, зошто новава бугарска „политика“ реагира кога тој збор го употребуваме и ние во учебниците, на спомениците и спомен обележјата, во секојдневниот говор итн.? Или новава бугарска „политика“ може да ги лаже своите граѓани, ама нема таква смелост да ги лаже и странците за карактерот на тоа „поетапно заемане“? Го поставила ли ова прашање македонската политика, или македонската историска комисија? За жал, нашиот Музеј на Македонија како национален историски и етнолошки музеј на својата страница оперира со многу скудни податоци (не само) за овој период. Како да таму работат полуписмени луѓе на кои им е проблем подетално и поречито да ги објаснат настаните (барем) од Втората светска војна. Како и да е’, сепак и во тие неколку реченици што треба да го „покријат“ овој период, се вели безмалу истото како и во англиската верзија во спомнатиот бугарски музеј: „Народноослободителната војна во Македонија (1941-1944) коинцидира со времето на Втората светска војна, кога територијата била окупирана од бугарска и италијанска воена и државна власт, поддржана од нацистичка Германија“. И тогаш, што е и каде е проблемот помеѓу Бугарија и Македонија? Во нечиј инает, ама и нечие незнаење/непознавање на нештата па како мисири веднат глави пред агресивната бугарска „политика“?

Но, мислам дека и претходно реков, аргументите на двете закарани страни може да се остават на страна бидејќи, некој можеби ќе пререче, тие можат да бидат пристрасни. Затоа и го посочив музејот во Берлин како врвно а сепак неутрално место кадешто живее вистината за Втората светска војна. Но еве и уште еден (немузејски) аргумент: книгата Bulgaria during the Second World War од американскиот писател Маршал Ли Милер (1993-1996, правник и некогашен заменик јавен обвинител на САД), објавена во 1975 година. Значи – прилично неутрален но секако добро информиран извор кој, како и многу други, го употребува истиот израз: „On April 19, Bulgarian troops occupied Skopie“ (стр. 54). Така, со Операцијата Марита Бугарија го остварува вековниот сон, истиот заради кој влезе и во Првата светска војна и Втората балканска војна. Тоа го констатира и Милер, велејќи дека „ NO WORD HAD more magic for the Bulgarian people than ’Macedonia’. This rugged and barren territory in what is today southern Yugoslavia and northern Greece was a principal reason for Bulgaria’s involvement in two unsuccessful wars (…) and was a major factor in Bulgarian politics during the 1920’s and early 1930’s, when political groups were killing each other in the streets of Sofia over it. Yet, when Bulgaria finally occupied Macedonia in 1941 after Operation Marita, that long-contested land became merely another provincial area in the Bulgarian state“ (Глава 11, стр. 122).    И сега, знам дека многумина кај нас, но и во Бугарија, можат да приведат уште барем стотина сериозни книги и публикации каде фигурира поимот „окупација“, којшто божем е проблематичен за источниот ни сосед, а всушност и самите го употребуваат, но во англиски превод. И дали во некои европски историски музеи, но и книги, стои нешто друго? Не, се разбира, зашто никој не е толку луд – освен бугарските политиканти, нормално – да си го жртвува професионалниот углед и кредибилитет измислувајќи деминутиви или заменски зборови за нешто што е ноторен факт!? Немало, нема и ќе нема друг збор за Операцијата Марита освен – ОКУПАЦИЈА, затоа што, во крајна линија, зад зборовите се кријат значења, а зад конкретниов збор се крие конкретно значење долго четири години и илјадници жртви на бугарскиот окупациски фашистички терор.

ТОПОГРАФИЈА НА ВИСТИНАТА

Нашите „напори“ со скандалозно патетични резолуции и неука дипломатија да ја одбраниме историјата, јазикот и идентитетот секогаш ќе даваат јалови – да не речам никакви – резултати. Што ли сакаме да кажеме? Дека, еве, од денес, никој нема да смее да ни чепка во идентитетот? Ама до вчера – смееше? Или во јазикот, или во историјата…? И сме завршиле работа, сме ги одбраниле? Ајде баш да видиме. Во меѓувреме, не им текнува на нашиве „стручњаци“ да бараат замрзнување на прифаќањето на Бугарија во Шенген кругот ако не ја крене рампата за Македонија? Или ни е страв и да помислиме на нешто такво за „братјата“? И кој ли од кај нас би смеел нешто такво да каже на frau Меркел или monsier Макрон?

Но затоа секојдневно почнавме да добива лекции и од високите званичници на ЕУ, како дует со расипаната плоча на источниот ни сосед. И тие лекции – не знам дали нашиве тоа го чувствуваат – веќе не се онака незначајни, добронамерни и пријателски. Ни најмалку. Зашто, кога Европската унија, сега и преку г-ѓа Меркел на самото нејзино заминување, вели дека тие (ЕУ) не знаеле дека Бугарија ќе ја блокира Македонија на нејзиниот пат кон евроинтеграциите, не можете да не се прашате: како е тоа воопшпто можно и дали Европската унија функцинира на нивото на паланечки куќен совет или на сериозна држава? И понатаму прашањата самите би се множеле, онака едно врз друго, со чуденки за секое одделно: а што всушност знаат односно знаеле; и за што впрочем разговараат односно разговарале на тие нивни официелни заеднички средби кога темата била ЕУ проширувањето; и зарем државите членки немаат обврска да ја информираат заедницата за нивните намери од тој тип…? Или никој во ЕУ де факто ниту сакал да знае што и како подготвува Бугарија? Ако пак една нивна членка не го најавила нејзиниот потенцијален проблем со отворањето на пристапните преговори со една земја-кандидат толку години, за каква тогаш унија станува збор, за какви односи внатре во неа, и за каква нејзина политика, за која и каква отвореност помеѓу земјите членки може воопшто да се говори при еден ваков сличај? Или ЕУ има(ла) толку други проблеми што овој македонскиот и’ изгледал неважен, минорен, маргинален… без оглед што, на еден или друг начин, трае веќе триесет години? Тоа, се разбира, се само најлесните и наједноставните прашања што прво паѓаат на ум. Има и покомплицирани, потешки, но и побезобразни, ако баш сакате. Или ние секогаш мора да го држиме европското ниво а Европа има право да води битпазарска „политика“? Иако, да не бидеме неспораведливи: кај нас и на Бит-пазар луѓето држат до својот збор и углед!

Или, понатаму, кога европските официелни лица, повторно преку г-ѓа Меркел (со сета почит кон нејзината досегашна политичка кариера) вели дека на балканските држави – вклучувајќи ја тука пред се’ Македонија – им треба помирување, на што точно мислат? Дозволувам да бидам корегиран ако нешто сум пропуштил или во изминатиов половина век, но кому тоа ние нешто сме му згрешиле, сме се карале или војувале со некого, сме имале иредентистички намери можеби, или сме покажале претерана доза на агресија…? На Балканот веројатно му треба тоа помирување, но Македонија по ниту еден основ не може и нема потреба да се вбројува во тие и такви процеси. И најмалку заслужила да и’ се држат такви политикантски предавања! Не дека сме држава без мани – напротив, но нашите мани се од провинциски, неук или лаички тип, но не од такви регионални или меѓународни димензии. За да се бара нешто од една држава, најмалку што треба е да се познава – барем во глобала – нејзината поблиска (ако не и подалечна) историја. Што во неа ги поттикнува европските демократии од нас да бараме некому да се извинуваме или со некого да се мириме? И знаат ли овие луѓе што воопшто зборуваат?!?

Од друга страна, барем онаа историја којашто ние – и не само ние – добро ја знаеме бидејќи за истата останале и материјални сведоштва, говори дека токму останатиот дел од Балканот, а особено Европа (па ако сакате и Германија, пред сите) и’ должат, прво, големо извинување за случувањата на нејзината територија во изминативе век-два, а потоа и понизно барање простување заради истите настани и злодела низ коишто поминал македонскиот народ. И не само тоа туку Македонија, во крајна линија, беше на страната на антифашистичката коалиција во Втората светска војна – за разлика од некои денес активни членки на Европската унија, а во тоа време партнери во злото на Оската. Или (и) тоа сега се смета за грев? Едновремено, кога некои европски претставници велат дека тие, ете, мораат да се справуваат со комунистичкото минато на овие простори, забораваат ли дека токму тоа комунистичко минато на некогашна Југославија, а со неа и на Македонија, во периодот 1941-1945 година одигра клучна улога во победата на прогресивните сили во Европа? И тоа токму во времето кога во некои европски земји немаше ни трага од отпор контра окупаторот? Заборави ли оваа Европа кој ја ослободуваше додека на оваа територија токму македонски војски се самоослободуваа? Не може Европа, па и нејзините најеминентни претставници, да паметат толку кратко, тоа едноставно е недозволиво. А згора на тоа и нам да ни подметнуваат еднакво кратко паметење. Македонските музеи се полни со артефакти кои речито говорат кој кого, и кога, ослободувал. И – од што.

И повторно, на Македонија – и онаа „комунистичка“, и онаа „демократска“, па и оваа хибридна и Северна – можат да и’ се преречат едно чудо работи: од корупција до криминал, од непотизам до партократија, од неукост до нестручност… ама никако не можат да ни се припишат гревови што де факто ги немаме. Македонската историја – онаа којашто ЕУ изгледа одбра да не ја знае – е историја на поробувана територија, на злоставуван народ, на фашистички и нацистички злодела, на вмровски атентати и братоубиствени погубувања, на Балканските војни и Солунскиот фронт… ама македонска нога ни во подалечното ни во поблиското минато не стапнала на туѓа територија како агресор. Оттука, со кого тоа ние треба да се помириме? Или сакаат вештачки да не’ наредат рамо до рамо со оние земји што многу тешко се соочуваат со сопствената историја на окупатори, агресори, злостори…? Фактите, колку и да посакува ЕУ, не можат да се сменат. Интерпретациите – да, но тие секогаш ќе останат само и единствено интерпретации односно некаква и од некого посакувана „историја“.

Впрочем, во интерес на историската вистина, а бидејќи е веќе очигледно дека поновата историја на Македонија и нејзината интерпретација – реална и иреална – е трн во окото на некои членки на Европската унија, на спротивставените страни треба да им се наложи суверен „арбитер“. Не во форматот на некаква независна комисија (комисиите секогаш умеат да бидат пристрасни) туку преку силата на една културна форма. Поточно, не случајно го спомнав зборот музеј. Тие материјални архиви на паметењето во случајов можат многу да помогнат. А во конкретниов случај, заради неутралност, треба да се почне токму од Берлин, при што првиот посредник може да биде еден музеј во срцето на Берлин, недалеку од Потсдамер плац, а веднаш до импресивната Мартин Гропиус Баус. Таму се наоѓа историскиот музеј (го нарекуваат и документациски центар) Topographie des Terrors (Топографија на теророт). Музејот е изграден на локацијата каде во периодот 1933-1945 година се наоѓала Reichssicherheitshauptamt (Главна безбедносна канцеларија на Рајхот) со којашто раководел Химлер, десната рака на Хитлер. Во овој музеј е страотно прецизно и отворено прикажан подемот и падот на Третиот рајх, што за нашиот случај и не е толку битно. Но, битно е што во него се прикажани – низ документи и оригинални фотографии – движењата на германските окупациските војски, нивните сојузници, злоделата вршени во текот на војната… а во документацискиот центар за сето тоа постои обемна и јавна документација. Оттука, може ли Македонија да бара од ЕУ, овој музеј и неговата архива да бидат македонскиот адвокат во историскиот спор со Бугарија? Таму точно и без субјективно навивање ќе се види кој каде бил во текот на Втората светска војна, и што и како правел. И нештата ќе бидат појасни, нели? Тогаш полесно и поотворено ќе се разговара и дали една држава како Бугарија, која пледира дека во Македонија живее бугарско население, може тоа да му го прави на својот народ на таков начин како што тие го правеле во Македонија цели четири години? И ако Европа, после се’, повторно застане на страната на окупаторот што си го злоставува и убива сопствениот народ, јас веденаш ќе се пишам – бугарин!

Но, тоа би била само првата лекција за очигледно неинформираните европски политичари. Има и други.

ДИЈАЛОГ СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Несомнено дека тезите на почитуваниот Петар Гошев (еден од можеби нашите најразумни политичари последниве три децении) за нашиот дијалог ала „Хутите и Тутсите“ односно за нашата немоќ меѓусебно „(…) да се согласат ни кое годишно доба е во моментот, а не пак за некое друго прашање, или за иницираната резолуција за црвените линии на Македонија во спорот со Бугарија“, е една од стартните точки во нашиов евроегзодус.[1] Јас таа наша немоќ малку потврдо ја нареков аутистичен моментум односно, во случајов, токму аутистичен „дијалог“, но резултатот во суштина е истиот: непостоење на култура на дијалог, неумеење да се сослуша соговорникот, разговор на глуви… при што секој тврдоглаво се држи до своите неуки и неаргументирани ставови, на штета на виталните интереси на државата. Сето тоа пак е жестоко покрепено од партиските платенички тајфи распалувачи на безумието, со крајно примитивен вокабулар и безобразлуци.

Но ни ова, како ни многу други нешта во македонската политика или (не)култура на дијалогот, не е од вчера. Ние вака се препелкаме во морничавата медиумско-политичка кал веќе полни триесет години, докажувајќи си еден на друг кој е поголем македонец и патриот, кој повеќе се грижи за народот и државата, и од толкава грижа стасавме до оваа слепа точка којашто многумина ја препознаваат како мигот „да се биде или не“, што секако не е баш така и не е крај на светот, но реално може да биде крај на нашите т.н. евроинтеграции. Или барем – привремен тајм аут, со силни изгледи привременото да станува континуирано со добивање продолжен рок на траење! А сепак, навистина ли сме баш толку изненадени од „резултатот“, или негувавме нереални надежи во објективно скромните капацитети на македонската политика да се справува со вакви предизвици? Тоа не е лесно прашање, воопшто, но на тоа (ќе) мора, наместо денешниве кочоперни и до зла бога самобендисани провинциски „аналитичари“ и пелтеци, да одговорат некои идни млади учени политичари, теоретичари, политиколози… Ако некогаш ги имаме. Целава наша денешна ситуација многу заличува на онаа „трибина“ на самопрогласениот фестивал „Златна рамка“, каде за темата „30 години македонски филм“ божем дебатираат ни помалку ни повеќе туку двајца режисери и еден глумец! Сакам да кажам: нашата политичка реалност, нашата неукост и неспособност, прво, за согледување а потоа и за решавање на проблемите, се шири во секојдневието како канцер давајќи им право на секакви партиски пулени да се самопретставуваат како експерти за одделни области – нешто како оние новине „директори“ на Агенцијата за филм и Фестивалот „Браќа Манаки“ – кои, со поткрепата на еднакво неспособната политика, ни продаваат рог за свеќа! Тоа, впрочем, го гледаме со децении, а последниве година-две со неверојатно засилено темпо на дезавуирање на стручноста и професионалноста и повладување на парто-медиокритетството како во случаите со Охрид, Курбиново, Центарот за култура во Струмица, Управата за заштита на културното наследство, НУБ Св. Климент Охридски… итн. Комплетната девастација на културата (и образованието) во оваа држава не е падната од небото туку е резултат на целосната нивелација на вредностите, на компетенциите, на моралот и етиката. Кога државата прогласува „Град на културата“ на средината на годината и тоа во град со само три културни институции, од кои во едната инсталирала фискултурец за свој партиски директор, какви резултати очекувате? Или кога во Агенција за филм, којашто располага со најголем културен буџет во државава седнувате „банкар“ (да не кажам друг збор), на каква политика во филмот се надевате? Од 2006 година наваму тоа стана манир на секоја власт: да ги узурпира директорските (па и министерските!) места со лојални партиски а не со стручни и компетентни кадри. Оттука, изненадуваат ли резултатите? Сопсема исто е и со дипломатијата, па и со друигите ресори во државава, сите од витална важност во едно вакво време-невреме за неа. Еден наш добар познавач на овие односи вели дека „Ние традиционално бавно  дипломатски реагираме“.[2] Но, и тоа е добро изделкан дипломатски речник со којшто всушност ни се кажува, а тоа впрочем секојдневно и го гледаме, дека ние де факто воопшто и не реагираме на сите навреди што ни ги сервираат, на едно чудо дипломатски скандали незамисливи во билатералната комуникација итн. Што, повторно, е резултат на еклатантно незнаење и неспособност, комбинирано со оној добро познат нестручен страв да не се згреши нешто! Како може да се згреши ако одговориш на навреди или ако измаршираш некого, онака – дипломатски, кој ти се меша во внтрешните работи на државата, во историјата, во јазикот, во идентитетот…? Сето тоа, и многу повеќе, е данокот на негативната селекција што го плаќаме веќе дваесеттина години.

Затоа и нашиот дијалог „со посебни потреби“ – меѓупартиски, партиско-јавен, стручен и др. – не може да биде поинаков кога е воден од поединците секаде вметнати според партиски клучеви и задолжени да ни ги „објаснуваат“ нештата. Тогаш тој „дијалог“ се трансформира во „Хути и Тутси“ или во аутистичен „дијалог“, многу налик и на оние актуелни дебатните емисии низ македонските медиуми коишто не инстистираат на стручност и компетентност туку на правична партиска, етничка и родова застапеност. Фактот што повеќето од така избраните фаворити тресат секакви глупости коишто потоа јавноста ги прераскажува како вицови на денот или неделата, никого не загрижува. Оттука, впрочем, и впечатокот дека во државава има дефицит на разумни политичари, на експерти во многу области, на стручни и компетентни луѓе во администрацијата, институциите и невладиниот сектор итн. Тоа поразително чувство, но и реалност, секојдневно го зема својот данок и на социјалните мрежи, се разбира, каде се разгорува битката за поени/гласови пред претстојните локални избори.

Или, ако баш сакаме, зарем не е „Хути и Тутси“ нашиот „дијалог“ на највисоко политичко рамниште – помеѓу македонскиот и хрватскиот претседател – кадешто „ние“ упорно тврдоглаво инсистираме себеси да се нарелуваме Северна Македонија, а хрватскиот претседател ноншалантно ни се обраќа со логичното име – Македонија?! 

И такви примери има доволно, иако не се баш многубројни. Но, да бидам малку и посправедлив кон нашата реалност: ако ние, со време, свикнуваме – или свикнавме – на ваквата наша реалност, што пак не значи дека ја одобруваме, она што посебно изненадува, дури запрепастува, е дилетантската (да не речам аутистична) леснотија со којашто и меѓународниот фактор ни ја објаснува „реалноста“ видена низ нивните очи, позицијата и начинот на размислување на клучните европски демократии не само за Македонија туку за нивната вкупна улога во евроинтегративните процеси. За тоа, следниот пат.


[1] Катерина Блажевска, Гошев: нашите политички актери комуницираат на ниво на Хутите и Тутсите, Дојче веле, 03.07.2021

[2] Ѓорѓи Мисајловски, Лисабон, Либертас, 05.07.2021