Monthly Archives: April 2018

ОПРЕДЕЛУВАЊЕ

Можеби изјаснувањето – низ најавената форма на референдум, ако воопшто и дојде до тоа, нели – за идното име и презиме на државата ќе биде искористено / менаџирано /  протолкувано како определување на граѓаните не само за тоа како ќе им се вика државата малтене од утре, или задутре, туку и како отворен повик за изјаснување за нејзината демократска иднина. Или, можеби, како алтернатива, за националистичка и недемократска недефинирана територија со сите обележја на тендерокриминално и клиентелистичко фамилијарно бачило со околу милион и половина овци во трлата, спремни за клање кога малоумните и во многу нешта шизофрени (некои и со тапија, како што веќе напишав) шефови ќе одлучат. Да, знам дека тој и таков референдум е меч не со две туку со неколку сечила, убиствено остри токму како жилет. И можат да бидат смртоносни за политичарите кои би инсистирале на такво „спојување“ на нештата зашто името, сепак, (велат) е нешто друго, независно и неспоиво со претходно спомнатите „обележја“ на државата. Можеби, иако не сум докрај сигурен во тоа. Плус, соседот прави се’ за да го отежни, да го доведе до конечен интергалактички апсурд целото „прашање“ и им го трасира патот на мрачните силии за повторниот dance macabre! На пример госпожата Спираки како европратеничка од Нова демократија, која што нашиве политичари упорно забораваат да ја прашаат на кој јазик смеат а на кој не смеат да говорат. И дали воопшто смеат да говорат, ако таа не одобри, нели!?

Бидејќи не сум политичар јас, сепак, безмалу слепо би инсистирал на судбинско-демократско проширување на „темата“. Зашто, впрочем, што ние би правеле со уставното име – кое што, by the way, одамна не е такво – кога државата (повторно) ќе ни се врати во царството на криминалот и корупцијата, на клиентелизмот и малверзациите, на мафијата и уличарењето. Некој, повторно, можеби ќе протестира дека тоа сепак не е исто, ама мислам дека – е’. Сто посто! Зашто тоа е, таква е проширената рамка на гласот за статус квото во државава, глас за апстиненцијата од евроатлантските асоцијации и, конечно, потпаѓањето под дебелата источномечкина шепа. Тоа би било, впрочем, и повторно оживотворување на црните сценарија и на аспирациите од минатогодишниот 27 април – конечна победа на силите на мракот над демократијата и слободата.

Велам, сето тоа зависи од (да се надеваме) умните проценки на политичарите на власт: дали изјаснувањето за името е изјаснување и за иднината на земјата. Некој ќе рече – тоа се подразбира! Не сум баш многу сигурен дека јавноста – да не речам народот, именка која што кај нас прерасна во многу дискутабилна категорија – ги подразбира тие две нешта заедно односно дека ги поврзува значењата на концептите во еден единствен: долгорочната иднина на државата! Затоа и мислам дека тие нешта мора да се поврзат, да се потенцираат, да се разработат верзии во кои што поврзаноста едноставно ќе се објаснува, сликовито, метафорично, пародично … како сакате. Овој народ, таков каков што е’ (а вие под тоа подразберете што и како сакате!), многу бргу кога ќе се насети можната разрешница, ќе биде подложен на убиствената националистичка артилерија која што ќе го убедува дека „губењето“ на името е катастрофа за државата од епски размери, дека македонецот едноставно ќе престане да постои во светската историја, дека злите (западни, соросоидни и комуњарски) врази ќе ги избришат сите траги на нашиот идентитет итн. Речиси точно можам, и не само јас, да предвидам како ќе се одвива анти-кампањата за името и дека во неа ќе бидат впрегнати сите националистички магариња како припомош на „најнационалната“ партија што не’ „усреќи“ со оное дванаесет години пустош во земјата. Некој можеби ќе се најде навреден од компарацијата со (велат) најтврдоглавото животно, ама мислам дека нашето искуство со „најнационалните“ функционери ни го дава тоа право. Или, попрво, мислам дека токму најтврдоглавото животно би имало аргументи да се чувствува навредено кога би можело да ги прочита сите „достигнувања“ во оваа насока на конкуренцијата!

Но, се разбира, темата воопшто не е шеговита – напротив. Но шеговитата нота (ќе) доаѓа токму од сегашната опозиција која во таа насока не нуди факти и аргументи туку (со децении) „се вози“ на тенките жици на краткотрајната меморија на народот и, особено, на неговата опсесивна современа (демек) поврзаност со името, заборавајќи ги вековите зад нив и нивната тотална индиферентност (не само) по ова прашање. Оттука, повторно, определувањето ќе биде такво какво што ќе му се понуди на народот, или поточно, кој подобро ќе успее да ги објасни опциите што ни се при рака. А тие се – дијаметрално различни!

ДЕНОТ „НУЛТА“

Во светлината (или подобро: темнината?) на годишнината од најкрвавиот ден во македонската парламентарна демократија, нешто што само најдеструктивните умови можеле да го замислат како можна варијанта на разврската во тој миг во македонското Собрание, веројатно повеќето „одгласи“ и сеќавања ќе се вртат токму околу оние слики од кои што смрзнуваше крвта во неверица дека нешто такво може кај нас да се случи. И тоа во директен пренос! Истото чувство го имавме и на 11 септември 2001та година и директното сведочење на тв екраните на оние патнички авиони што така „ноншалантно“ се забиваа во кулите близначки во Њујорк сеејќи смрт. Пренос на убивање – live! Но, бидејќи ние умееме да бидеме екстремни до зла бога и полоши и од самиот ѓавол, кај нас вкупната трагедија доби и монструозни специфики: целата „претстава“ беше зачинета и со крајно неверојатни за 21от век слики во кои народни пратеници отвораат врата за криминалци да влезат во Собранието и да дивеат во него, полиција односно специјални единици во полна воена спрема солидаризирани со криминалните банди пеат и урлаат на цел глас, а покрај нив поминуваат луѓе со црни фантомки и се упатуваат кон внатрешноста на Собранието итн. И меѓу нив и сите веќе добро познати лица, лица кои само до вчера ви продавале пуфки во јавноста за некаква демократичност, правда и не знам што!

Оној 11 септември беше денот „нулта“ за САД, ден на освестување. И многу нешта оттогаш се сменија во американската но и во светската политика. Иако тој настан беше сепак многу подалеку од нас, ама глобално не’ засегаше, ако не повеќе тогаш барем како човечки суштества, ова на 27 април ни се случуваше тука, речиси пред носот, дома. И токму тој ден мора да биде денот „нулта“ за македонската демократија, но и за македонското општество еднаш засекогаш да разбере со кого си има(ло) работа, какви неурамнотежени, дури шизофрени умови господареле со државата повеќе од една деценија и дека нешто конечно мора да се направи тоа да не се повтори. Македонското општество мора да се определи: за демократија или криминал, за прогрес или хаос, за владеење на правото или за владеење на улични банди, со фантомки или во скапи костуми купени со наши пари! Дистанца? Нема потреба од дистанци за такви злодела, тие се доживуваат и денес речиси потполно исто: со неверување, со шок и запрепастување, со гадење … И што значи дистанцата од една година за едно такво сценарио? Ако ваквите чувства се се’ уште силни  – а очигледно се – кај демократски ориентираната јавност, како ли се чувствуваат оние кои беа директна цел на убиствените напади? Ама ене го, актуелен пратеник од „најпатриотската“ партија, продава простачки демагогии токму на овој ден за некакво општомакедонско помирување? Сме си правеле проблем. Не со нивното насилие, не со нивната намера да убијат, туку со барањето на демократската јавност за правна разврска на најгрозоморниот случај во поновата македонска историја!? А адвокати на обвинетите бараат факти и докази! Па пуштете им ги уште еднаш оригиналните снимки, пуштајте им ги цели денови, можеби конечно ќе разберат? И македонските „медиуми“, без минимум поширока општествена свест и совест, настојчиво им ставаат микрофони пред устите на секакви будали – меѓу нив, секојдневно, и на главниот криминалец – за јавноста да го слушнела и нивното „мислење“. Та нивното „мислење“ не само што сме го слушнале, туку и го видовме, во директен преност! И што друго треба тие бараби да ни кажат?

Та оттука, се разбира, потенцијалните, но и реалните жртви на тој 27 април може некогаш и да им простат на узурпаторите, на насилниците, на терористите кои упаднаа во Собранието тој ден и кои така крвнички дивееа низ неговите простории. Впрочем, велат, простувањето е човечки чин, посебно христијански. И тоа е личен чин, нивно право кое никој не смее да им го оспори. Но, во се’ погласното инсистирање на секакви палјачовци за некакво општомакедонско помирување, треба на ум да се имаат и некои други нешта. Прво, дека тој 27 април имаше своја предигра на 24 декември неколку години порано. Тогаш, по слично сценарио, насилно беше исфрлена опозицијата од собраниската сала, проследено со ракоплескање од страна на доминантната власт. И тие фрапантни снимки го обиколија светот како наш „придонес“ во современото толкување на демократијата, при што никој не претпоставуваше дека допрва ќе го изненадуваме светот. А, за да македонската трагедија, по историски обичај, биде дури и фарсична, тоа што тогаш беше одлесно премолчено од една од коалициските партии, им се повтори токму нив на 27 април! Но, непостапувањето на правната држава за тој 24 декември, меѓу другото, доведе и до овој 27 април. И второ, барањето за некакво помирување не е измислено туку-така и не се однесува само за тој ден. Тоа помирување потоа ќе ги збрише и сите други криминали извршени во изминатите дванаесет години, ќе ги остави криминалците и узурпаторите не само на слобода туку и на нивните општествени позиции. Па луѓе божји, по 11 септември САД го изградија Гвантанамо, а ние говориме за помирување? И со кауција пуштаме терористи што планирале и извршувале државен удар?!

Ако разврските од денот „нулта“ поминат така како што посакуваат криминалците, ние можеме комотно да ставиме катанец на историскиот процес на понатамошна демократизација на земјата. Зашто тоа ќе биде дефинитивниот coup de grace за сите демократски и слободоумни сили во државава. Дури тогаш нема да име ни име ни презиме, ни НАТО ни мато, уште помалку ЕУ. Ќе останеме последниот европски бастион на националистичките, недемократски, тендерокриминални и клиентелистичко фамилијарни „политики“ низ кои ќе се рашетуваат малоумни и во многу нешта шизофрени (некои и со тапија!) „политичари“!

ЗА ГОРНИОТ СПРАТ

Барањето на систем во културата наспроти довчерашниот хаос (со, за жал, продолжено дејство во многу сегменти) никако не треба да значи инсистирање на повторно едноумие од довчерашниот тип на еднонасочниот селски сокак на „најнационалната“ партија. Тогаш навистина би се покажало односно потврдило дека всушност и нема никакви разлика, дека сите се исти, дека Македонија ни како држава, уште помалку како култура, нема иднина доколку таа зависи од македонските политички елити (или „елити“, како сакате). И во таа насока и сегашната власт како да има што да (по)каже, неводејќи сметка дека до вчера вадеше народ на улица контра таквото однесување. За среќа, тие случаи се малубројни, дури минорни во однос на вкупните (барем досега) политики, особено во културата. Иако, ако заслушате некои од „еминентните“ – значи, овој збор ми прави таков проблем во однос на некои персони, не можам да опишам – претставници на бившата власт, сега опозиција, ќе си речете дека тие ама баш вчера се вратиле од некое повеќегодишно патување низ Млечниот пат и немаат појма што и како се случувало во државава изминатата деценија. И пак би сакале да одат „таму горе“, зашто „овде долу“ владее режим, комуњарско едноумие, репресија дури и врз национални уметници … просто човек да заплаче заедно со нив. А интересен е и нивниот колорит – некои се плавојки, други црвеноперки, трети премачкани со сите бои … Господ да чува и да брани! Ама кај сите, некако, како што вели ле Каре, не функционира „горниот спрат“, само долниот!

Елем, заслушав пред некој ден една „професорка“ од фамозниот ни Правен факултет, која што милува да се претставува како политиколог иако само Господ знае што навистина е’. Да, во принцип загубени минути – што инаку е сосема доволно за персони од тој тип бидејќи тие во континуитет верглаат една иста приказна, само со други улоги – ама добро е понекогаш да се чуе и опозицијата. А таа, и опозицијата, велат дека било срамно да се апсат национални уметници (иако според многу други критериуми тие се се’ само не национални), па како тие биле големи патриоти, па одржале вакви и онакви говори … ама никако да дојде, ни таа ни соговорниците, до крајниот факт: дека тие „национални уметници“ насилно влегоа во законодавниот дом на државата, дека дури ја повикуваа и толпата народ да го стори тоа, дека и внатре држеа „пламени“ говори, дека како резултат на тоа еден пратеник за малку не беше убиен а други претрпеа тешки телесни повреди … Сето тоа како да не било важно, ама важно е што тоа барабите биле – национални уметници!? Како да кај нас уметниците, особено националните, имаат бланко дозволи за упаѓање во Собранието на РМ, за хушкање на толпата и повикување на насилство, а можеби имаат и дозволи за убивање? Ала Бонд, Џемс Бонд? Додуша, којзнае со што се’ ги честела бившата „најнационална“ партија чии клиенти беа? А можеби и „професоркава“ ги има сите тие дозволи? Да извртува работи, да лаже, да претставува бараби како национални борци за слобода? Меѓу другото и шлагерот на вечерта: каков говор одржал едниот од нив на Врховен суд! Ма немој, а какви говори држеше Хитлер пред насобраната нацистичка толпа!?

И кога сме кај говорите, гледам на една актуелна изложба наречена „Се’ што ни е заедничко“ учествува уште една говорничка од пред Собранието, тогаш малку маскирана со качкет ама сепак препознатлива. И со неа ли, и денес, имаме нешто заедничко? Може некој да ми објасни – што? И кој тоа со неа има „нешто заедничко“? Ама таа на изложбата учествува како уметница. Ма немој, а пред Собранието беше – што? Не-уметница? Не знаеше што следува, како што „не знаеа“, нели, ни оние ороводцине – националнине уметници? И уште колку вакви изложби, концерти, претстави и што ли не друго ќе гледаме годиниве? И мисли ли некој на тоа или навистина сегашниот систем се надева дека на тој начин ќе спроведе некакво национално помирување? Ма дајте, ве молам, и кој со кого ќе се помирува? Жртвите со џелатите, клиентите со дискриминираните? Тоа, извинете, не е систем. Тоа е едно големо – ништо, нула!

Или пак, ако баш сакате, што значи она „предавање“ на Шчербак на Факултетот за безбедност? Во овој миг?! И тие луѓе таму, кои го поканиле, некои ги есапи за нормални, за општествено свесни? И за компетентни да ја вршат нивната работа на тој Факултет? „Горниот спрат“ функционира или е само за спиење?

ХАОС ИЛИ СИСТЕМ

Маја (Стевановиќ) пред две години ја напиша драмата „Систем ерор“ како некакво можно ехо на тогашниот „систем“ на злосторничкото здружение на власт. И во една реплика, еден од ликовите (Обвинителот) вели: „Нема совршен систем“. И нема! Ама има – совршен хаос, и ние го живееме, сега и тука. Зашто, кај нас, денес, после оние дванаесет црни години, функционира се’ друго освен систем, односно: ако Македонија има околу 140.000 јавни административци на државни јасли наместо (приближно европскиот стандард за нашата „големина“) 60-70 илјади; ако Клиниката за гинекологија има само 6 неонатолози наместо стандардните 24; ако македонските театарски и музички институции во последнава деценија имаат 100% превработеност наспроти европскиот стандард на работа по договор и аудиција (барем за актерите и оркестрите!); ако еден „градоначалник“ оставил 18 милиони евра долг и никој не го гони ама затвораат луѓе за 10 ќебапи … тогаш тоа значи дека државата живее во хаос а не во систем. Или, ако баш сакате, ако еден „систем“, или хаос, како сакате, дури денес, за прв пат, открива дека и затворениците се луѓе на кои што, можеби, им треба парче култура, дури и да е минимално, како подадена рака за ресоцијализација, тогаш за каква тоа држава / систем можеме да говориме? Зашто, систем подразбира организирана целина, сет на процедури и постапки, суптилен механизам во кој што сите делови функционираат компатибилно … а за нас, денес, систем би значел и придржување до некои / некакви (барем ЕУ) стандарди и прописи, ако таа ЕУ е целта кон која стремиме како држава. Всушност, слично како што стандардите на НАТО – асоцијација кон која што подеднакво стремиме – и’ наложи на државата да има професионална војска, со конкретна а не наша произволна бројност, со организација и наоружување каква што одговара на стандардите на таа меѓународна воена организација итн.

Оттука, организацијата на целата држава односно државна управа, вклучувајќи ја тука неизбежно и културата, (ќе) подлежи на (нова и радикална) реорганизација / систематизација која што ќе осмисли нов ред / систем во сите области. Освен, нели, ако сегашниот хаос ни е толку прираснат за срце. Ама дури и да е така – а изгледа дека е така! – на крајот (некаде кон 2025, ако има Господ) ќе не’ натераат да прифатиме се’ она што не сме сакале или да си останеме во истиов балкански смрдлив жабурник. И тоа е уште еден важен историски миг кој што мора да биде препознаен од актуелните македонски политичари, миг кој што не допушта слабости и толеранција на секакви клиенти, мативоди и профитери само затоа што некому се прираснати за срце заради една или друга причина, па нека е и најпријателска.

Ова впрочем е мигот во кој што и македонската култура едноставно мора да избори надеж за воведување на целосно нов систем на однесување и вреднување во културата, систем што ќе биде компатибилен (во најголема мера) со европскиот, и систем кој што полека но сигурно ќе се ослободува од сите партиско-клиентелистички, пријателско-профитерски и социјални крајности залегнати врз нејзиниот грб. Зашто таа, културата, не е ни партиско ниту клиентелистичко, уште помалку пријателско и профитерско, а најмалку социјално поле за згрижување на поединци и групи под државна закрила. Тоа, всушност, бевме до вчера, и не само дванаесет туку многу повеќе години. И тоа го знаат сите кои малку подолго паметат во македонската култура. А во таа насока, новиот систем ќе мора да се ослободи од старите разбирања на културата и државната улога во истата само како автомат за пари, еднаш или неколку пати во годината. Министерството за култура ќе мора да наметне нови перспективи – дел од нив веќе зацртани во Националната стретигија – во кои што јавното ќе биде пред приватното, општото пред личното, развојното пред социјалното, систем во кој што нема да има повластени и маргинализирани, развиени и запустени, пароли од типот „сите сме уметници“ или да негува национални ѕвезди на кои што празот се’ уште им ѕирка од ушите. Новиот систем ќе мора да бара стручност, професионалност, одговорност и отчетност. Ако тоа го нема, нема (да има) ни компетентни институции, нема (да има) ни професионален кадар, нема јавен (туку има некаков друг) интерес во културата, нема – уметност. А тогаш и понатаму ќе има типови кои со години живеат во странство а Македонија им плаќаме социјално и здравствено осигурување, а на некои богами и плати; ќе има „њујорчани“ во божем постојан „судир со културниот естаблишмент“ (бреее, какви жртви!) кои катагодишно го празнат буџетот; и понатаму ќе има семејни клиенти на кои им плаќаме милионски суми за нивни маломозочни испрдоци спакувани во националистички „проекти од национален интерес“; и понатаму ќе врие од партиски миленичиња, културни профитери и разноразни пришипетљи. Ако за слични, и други постапки во времето на консолидацијата на македонската културата имало некакви историски „оправдувања“ во некое далечно минато, денес таквите нешта се знак на системско безредие, неспособност, на хаос и толеранција на црнилата во културата. Денес таквите „оправдувања“ – божем национални а всушност националистички, божем социјални а всушност клиентелистички, божем стручни а всушност профитерски – само ја товарат културата со неподнослив гнилеж и смрдеа од кои што ќе треба време да куртулиме.

Ако Брисел, сега, „јасно ја препознал политичката воља за напредок“, тоа нема да биде баш така за две-три години. Тогаш нема да се препознава воља туку – резултати! И ќе се поставуваат незгодни прашања. Ќе умееме ли да одговориме? Којзнае. Не сум сигурен. Ако продолжиме вака, се кладам дека нема. Токму затоа, или веднаш ќе се зафатиме со комплетен ремонт на културниот „систем“ или ќе каскаме – да не речам ќе ползиме – зад останатите земји од регионот. Иако сосема ми е јасно дека се’ зависи од политичката воља на Брисел, од некои „поважни“ политички ЕУ параметри во оценувањето на напредокот на државите, целосно или во одделни области. Ама македонската култура мора ремонтот да го направи заради себе, не само заради Брисел. Заради состојбите кои ескалираат и тендираат да ја држат културата закостена помеѓу партиски и личнопрофитерски интереси, состојби кои што се не само опасни за културните процеси туку се отровни и за целото општество. И тој гнасен ретрограден ритам го наметнуваат не Владата, не Министерството, туку инсталираната партиска администрација, полуписмените „служби“, но и „видни“ поединци и групи кои влечат свои интереси уште од времето на фирерчето и онаа „Елизабета Прва Глупавата“ (Тричковски, секоја чест!). А на тие, конечно, треба да им се покаже – вратата!

ИСТОРИСКИ МИГ

На крај памет не ми е да го потценувам таканаречениот спор за името кој што, од година в година, прерасна во нешто многу повеќе, и нешто многу поглупаво. И тоа е проблем во кој што, во сегашниот миг, е неопходна толеранција. Дури и на глупоста! Ама, каков и да биде исходот, оваа држава, овој народ, ќе продолжат да постојат, со префикс или без него, и тука јужниот сосед не може ама баш ништо да направи. А и тие тоа го знаат!

Но, историскиот миг за македонската култура може да отиде неповрат. И тоа го говори речиси секој разумен поединец во македонската култура, па и вон неа, знаејќи ги „условите“ односно состојбите во кои што таа се најде по децениското дивеење на криминалните „патриоти“. И иако малкумина, или речиси никој во оваа култура не го кажува тоа доволно гласно, сите се свесни дека времето бргу ни изминува. Дека институциите дополнително се разнебитуваат – физички, кадровски, програмски – дека започнатите или само назначените сериозни реформи се само првиот, безмалу срамежлив чекор во насоката на она што треба поенергично да се прави. Од ден во ден, од месец во месец! И тоа малку преостанато време ама баш никако не трпи толеранции од каков и да е’ вид. Никако, повторно, не ги потценувам напорите за конечно разрешување на спорот со името, за заживувањето на економијата, за реформите и во другите општествени сектори. Ама мислам дека некако недоволно во јавноста се препознава важноста на овој миг за македонската култура, за нејзината реанимација од зомби состојбата во која што беше очигледно намерно доведена – и никој не се прашува зошто? – како и фактот дека дури и во времето кога не постоела македонска држава, македонско здравство, македонска економија … сепак постоела – македонска култура. И нејзините дострели биле препознавани во Европа (која што денес веќе тешко не’ препознава, особено во културата!) и светот. Оттука и не држи флоскулата: што ќе ни е култура ако немаме држава. Па и онаа изветвенана дека часовникот немилосрдно отчукува, зашто тоа кај нас е чиста реалност, состојба, судбина – културниот часовник кај нас одамна застана(л).

Токму затоа, она што македонската актуелна политика мора да го препознае, како што впрочем и во 1945 година беше препознаено од некои други македонски генерации, е историскиот миг за поддршка на реформските процеси во култура, за обезбедување на доволно мир, стабилност и средства за нејзина ревитализација, а некаде богами и започнување од почеток, од чиста голема нула. А (ќе) треба и борбен дух, недвојбено. Но, зошто велам дека мигот е историски? Затоа што процесите на атрофија во македонската култура – да не кажам некој посилен збор – се евидентни. Ги гледаме секој ден. Поважни им / ни станаа личните апетити и суети од општите напори за заживување на културните процеси; побитни им / ни се групашките и тесноеснафските интереси и кадровски комбинаторики од ревитализацијата на институциите. Зашто, нема култура без силни, професионални институции. Поединечните успеси, нека се и најголеми, се важни, и престижни, ама тоа се само индивидуални пробиви обезбедени, повторно, на еден или на друг начин, со посредството на силните институции. Така денес функционира културата, особено во земјите од нашиот „тип“. Личните кариери на нашите (сепак докажано малограѓански) локални ѕвезди не можат да бидат побитни од општиот културен развој. Зашто македонската култура остана без нејзиниот најдрагоцен патоказ – европската перспектива. Тој патоказ беше систематски потиснуван, репресиран, уништуван, токму во името на некакви / некои други налудничави „идеи“ и „теории“ што всушност требаа да ја држат македонската култура во покорност под криминалци, незнајковци, клиенти, корумпирани „ѕвезди“. И тие се уште тука, дури примани од високи функционери, сега тие се претставуваат како обесправени, депривирани, дури „идеолошки“ прогонувани, во што, се разбира, нема ни трошка вистина. Тие се уште тука, прво, заради своите себично профитерски лични интереси, и второ, тие повторно се петтата колона која што веќе почна да одработува за некоја нова криминална иднина. Зашто само ним, и единствено ним, им одговара таква состојба. Ако тоа не ни е јасно, ништо не ни е јасно.

Во многу нешта македонската култура живее една нова 1945 година. Ја препознавале или не, таа е тука и ние треба со неа да се справиме. Да, несоодветен, дури ефтин збор – справување – во контекстот на еден важен миг за една цела култура, ама во одделни сегменти навистина мора и да се справуваме со остатоците од бившите криминални банди во културата. Но тоа е сепак само (навидум) минорен сегмент. Ние, денес, можеби немаме поединци од форматот на еден Блаже Конески, Кирил Миљовски, Крсте Црвенковски, Димитар Митрев, Михаило Петрушевски, Илија Милчин, Никола Мартиноски, Димче Коцо и други, ама сигурно имаме луѓе кои можат барем да ги трасираат новите витални патишта за македонската култура. Оние кои ќе не извадат од овој жабарник на митомани, квазиисторичари, копиранти и секакви други шалабајзери! Овие генерации политичари се тие кои мораат да го препознаат мигот, ама и луѓето – без предрасуди, без калкулации, без дворски интриги. Нивниот успех ќе биде и наш успех, на целата култура. Нивниот неуспех? Е па – господ нека ни е напомош! Зашто дури тогаш ќе немаме што да покажеме пред светот. Во современиот свет не се оди со фабрики и странски инвестиции, со некоја (самонаречена) бизнис клиентела (која што не би опстанала ни ден без огромна државна поткрепа!), со раскупусани аналомедиуми и ним слични полуписмени портали, светот денес не ги препознава државите според бројот на нивните милионери туку според степенот на културниот развој, според дострелите во културата и уметноста. А нив не ги прават единствено оние малограѓански плачип…и на кои секогаш им е малку и се’ некој им пречи, туку развиената свест за почитувањето на културното наследство, на културните права, на достапноста на културата до најмалото населено место во државата … Па ние, ако баш сакате, не умеевме саглам да ја испочитуваме ни годишнината од „Шарената револуција“ – настан колку демократски важен толку, и повеќе, и културолошки битен за денешниот миг!

НЕМА ВРЕМЕ ЗА ТОЛЕРАНЦИЈА

Ме застанува на улица една фина госпоѓа и вели: ви ги читам текстовите и главно се согласувам со нив, ама престрог сте, треба малку толеранција! За жал, велам, ние време за толеранција – немаме. Часовникот ни отчукува со фантазмагорична брзина, со секоја измината секунда иднината ни се троши низ прстите. А впрочем, со кого да бидеме толерантни?

Без сомнение, само тој кој е директно вклучен, односно непосредно раководи со реформските процеси во оваа и ваква држава, може компетентно да одлучи кои потези се приоритетни, кои можат да почекаат, што е најбитно а што второ по важност итн. Во таа и таква насока, но и во насоката од насловот, се обидувам да ја „читам“ пораката на премиерот за македонската јавна администрација, тоест неговото експлицитно зафаќање (и) со овој (нај)горлив проблем во македонската држава. Или можеби сепак не е – најгорлив? Не знам, човек треба да верува во судот на оние кои се директно инволвирани во процесите, ама и „поглед од страна“ – односно систематско набљудување во континуитет од една деценија – не е немеродавен во таа насока. И тука отворено можам да се понудам себеси како таков (не само) „набљудувач“ кому оваа и ваква администрација, или бирократија, како подобра варијанта на поимот, му врзувала разноразни чворови речиси од самиот старт. И тоа со лаги, со интриги, со подметнувања, со дисквалификации, со игнорирање … кои продолжуваат и денес, само сега во режија на македонските аналогруевисти односно (веќе во цел свет) познатите презерватив-медиуми, по некое културно гнидиче и такви слични гадинки. Но, да речеме дека личните искуства не се некаков особено важен репер, ама кога тие „лични искуства“ ќе се помножат по еден голем процент од преостанатиот број на жители во Македонија кои, барем еднаш во изминатата деценија имале близок контакт со оваа администрација, тогаш мислам дека тие „лични искуства“ се трансформираат во колективно искуство кое што не е за потценување.

Она што ветува е јавната (и прилично „тврда“, но таква и треба да биде!) изјава на премиерот за неспособната, неуката, тупавата македонска администрација и неговото застанување на чело на Советот за реформи во таа и таква јавна администрација. Велам – ветува, иако, според многумина, се пропуштија цели осум-девет месеци. Но, повторно, тоа е прашање на приоритетите и на оние кои гледаат некоја / некаква поголема слика од нас. А сепак, ако една Влада се нарекува себеси реформска, таа нема да може да се приближи ни до буквата „р“ од реформите со овие стопетшеесет илјади полуписмени будалетинки кои седат во зиме стоплени а в лете разладени канцеларии, примаат прилично солидни плати – особено оние кои се вивнале до партискиот административниот статус наречен државен советник – и, велат, забарикадирани се со цел куп законски ќебиња и јоргани, за да не им пристуди односно свежиот бран на новодојдените „комуњари“ да не може ни настинка да им донесе! Премиерот тоа го искажа преку споредбата со бетонирањето, што е можеби посоодветно, ама, би рекол, и за армиранобетонските конструкции човекот измислил соодветни направи, таканеречни хилти, или дури ласерски секачи, кои што низ бетонот поминуваат како низ путер. Но, проблем е желбата / волјата, како што впрочем беше проблем и отстранувањето на споменикот на оној манијак од пред зградите на судовите, за кој што исто така се велеше дека е така забетониран што е речиси невозможно да се отстрани. Се покажа дека се’ е отстранливо, со соодветна стручност и алатки, се разбира! Така ќе биде и со оваа апсолутно партиска администрација. Тоа, очигледно, беше само прашање на време, и можеби приоритети, но сега се покажува дека со нив реформската композиција вози со постојано дигната рачна кочница! И не мрднува ни педа во посакуваната иднина.

Ако пак некој мисли дека реформи може да има без стручна и компетентна администрација, односно со оваа полуписмена партиска булумента – нека повели. „Резултатите“ бргу ќе бидат видливи. Тоа е исто како кога се обидуваат да градат нов медиумски простор, ама со истите медиуми и аналогнидите во нив. Или – нова култура, ама со старите некултурни „кадри“! Ако има таков тип на толеранција, реформи ќе нема. И тогаш џабе го влечкаат малоно фирерче по судови зашто тоа константно ќе победува. Дури и кога ќе биде таму каде што му е местото, ако биде, неговата администрација ќе владее со државата. Како сега! Оттука, адресирањето на вистинскиот проблем од страна на премиерот упатува на некаква подготвеност за справување со веројатно најголемата пречка на патот на реформите. И не мислам дека овие сегашниве се баш сите закоравени / тврдокорни глави кои гледаат само како беља да направат. Веројатно во пребукираните државни органи и институции има и такви кои би биле кооперативни. Ама што фајда ако станува збор за тотално стручно неупотреблив кадар? А оваа „администрација“ е токму таква и тоа го знае цела држава.

Од друга страна, ако законите ги бетонирале, ќе ги одбетонира нивната нестручност и некомпетентност. А тоа (нај)лесно се утврдува. Дајте им само да напишат два-три извештаи за тоа што и како сработиле во изминатите неколку години, плус побарајте им мислење за идниот развој во дејноста за која што, нели, тие се „стручни“. И тогаш се’ станува јасно, гледате со кого имате работа, евидентно е дека станува збор за партиски трупци редени во министерствата и агенциите според мерилото на глупоста и партискиот статус (што поглуп, тоа повисок статус и поголема плата!). И тоа мора да биде прифатливо на секој суд, па и на овие македонскиве. Зашто ако државниот советник само седел и клател врата, не сработил ништо и, што е уште пострашно, нема појма што треба да сработи, тогаш за каква стручност и компетентност станува збор? И за какви екпсерти во одделни дејности станува збор, кога тие не ги знаат ни почетните букви во дејноста за која што треба да бидат (нај)стручни? Или, ако, на пример, Министерството за култура во 2006 година имало околу 60 (какви-такви) вработени кои (како-така) ги реализирале основните дејности на тој орган, тогаш што денес прават оние 160 вработени, со горе-долу истиот делокруг на работа на тој државен орган? И ако истиот систем го спрострете во целата култура, каде што во изминативе години се нововработени околу илјада луѓе, за каква тогаш култура можете да говорите?

А впрочем, во која нормална држава некој преговара, или толерира, неспособна, нестручна, партизирана и клиентелистички ориентирана администрација?

ПИСМО ДО (НЕ)ПОЗНАТОТО (НЕ)ПРИЈАТЕЛЧЕ

Не знам дали се’ уште децата во основно училиште пишуваат домашни работи со горниот наслов. Едно време беше така, и не случајно се потсетив токму на таа возраст. Зашто – одговара, според постапките, според однесувањето, според менталитетот. И бидејќи, иако веќе во средовечни години, моето вистинско (не)познато (не)пријателче се однесува токму како дете од основно училиште. И тоа оние мивки деца (да, знам, лошо е за дете така да се каже, ама ги има и такви), оние тужибаби (кои подоцна, како возрасни, прераснуваат во кодоши!), оние кои ако им удриш чврга веднаш трчаат кај учителката и алапачисуваат, тужакаат, целите мрсулави и зацрвенети небаре си им врзал завратница. И нема(ше) полоши од тие и такви мали гнидички, тие кодошчиња во зародиш, кои уште тогаш мислеа дека се центарот на светот. Не знам зошто. Дали им фалела семејна топлина и љубов, дали толку им беше воспитувањето, дали пак им фалеше некоја штица во главата … Не знам, ама знам дека никој не ги сакаше.

И токму на таквите гнидички ме потсети актуелново (не)пријателче со неговите кодошења лево и десно – и буквално и „идеолошки“, тоест политички – со неговото мизерно глумење на национална плачлива „ѕвезда“ која мора од сите да биде сакана. Не смееш дури ни попреку да ја погледнеш. Затоа и не можам да му се обратам со, на пример, почитуван, или господине, зашто не е ни едното ниту другото. Секоја чест на неговите резултати, ама морате пред се’ да бидете – човек. И да бидете почитуван, и господин, токму заради тоа, заради човечноста, моралноста, интегритетот … а не со силата на парите, поддршката од политичарите (од различни провениенции!), грстот „фанови“ кои мислат со се’ друго освен со главата.

Елем, (не)пријателчево се растрчало наоколу и кодоши ли кодоши. Пишува писма, врти телефони, се пењави баш како мало дете на кое некој му ја земал омилената играчка. А ги има – сто! Тој демек знае кој за што е виновен во градов и државава, знае каде има непотизам или конфликт на интереси, кажува кој што треба да работи … Како некаква офуцана комшивка систематски ги следи сите кои во неговиот беден животец некако му пречат. Ги кодоши дури и тие кои во едно време, кога наводно бил „истеран“ од државава, му овозможија да каже што има да каже. Го промовираа низ македонските медиуми, му ставаа микрофон пред кодошката уста. А всушност, сега и ми текна дека и беше „истеран“ токму заради непримерено однесување, заради кодошење во зародиш, заради интригантство. Ние кои паметиме малку подолго тоа го знаеме. Тоа е цената на возраста. Ама – се исплати, барем за гнидички од ваков тип. Можат да ги мафтаат политичариве, или недозреаните „фанови“ кои паѓаат на ефтини малограѓански марифети. Впрочем, тоа е и најлесниот начин. Потешко е да се однесуваш согласно годините, согласно статусот – ако навистина го имаш – па и согласно се’ уште важечките морални стандарди во културата, во уметноста. Или мислат дека тоа одамна е мртво? Мислат, и тој со нив, дека во изминатата деценија успеаја да го урнисаат и тоа малку морал што беше останат? Е па не е баш така. Се’ уште има, знам, луѓе кои прво го ценат човекот, а потоа „уметникот“. И не можеш да бидеш второто, ако не си првото!

А моево (не)познато (не)пријателче се однесува токму спротивно на сите современи стандарди: како стара баба сред село, на гумно со врсничките алапачи, прежвакува туѓи гајлиња до доцна во ноќта, а ако затреба пишува и кодошлаци до надлежните. Што мислат луѓево, уште е 1948 година или трае времето на малоно фирерче и неговата клиентела па сите ќе се растрчаат на негов повик? Па малку ли ти беше, драго (не)пријателче? Инкасираше се’ што може да се инкасира во една државичка од овој тип. Што уште треба да ти се даде за да се смириш? Отворено азно да грабаш колку што можеш и да носиш преку границите? Та и да ти го овозможат тоа, после – што? Што друго ќе посакаш?

Кодошлакот, (не)пријателче, е неубава, малограѓанска, примитивна работа, недолична за сериозни луѓе. И најчесто им се крши од главата на кодошите!

ВЕЧНИ АБОНЕНТИ

Дури кога резилот ќе излезе на површина, како во случајот со онаа смешна книшка „поезија“, или кога некоја провинциска будала, како клепачот на оние „стихови“ во истата, ќе се повика на своето божем уметничко творештво сметајќи дека така станува недопирлив за законот и евентуално јавниот суд, е дури тогаш ние се свестуваме дека во државичево нешто не штима на тој план. Односно дека не е паметно баш секој да се занимава со нештата што потенцијално го носат, или не го носат, заштитното знакче на уметноста. И дека некој, во такви случаи, мора да сноси и одговорност за направените штети, не само материјални. Зашто штетите што умее да ги направи „уметноста“ се далеку поголеми, често ненадоместливи. За што повторно, секако, ќе го посочам она монструозно „Скопје 2014“ и неговата „уметничка“ страна. И дури тогаш, можеби, некој се сепнува и прашува: абе има ли во државава стручни луѓе за таа и таа уметност, некои кои сериозно и професионално ќе проценат што е што? А такви има, во сите области. Прашање е дали и како ги користиме, зашто некому, богами, тоа и не му одговара! Тие – онаа збирштина „уметници“, ама и добар број потврдени но прилично државно раскомотени уметници – би сакале да останат вечни абоненти на државниот буџет, секоја божја година ако може и за секоја нивна малоумна будалаштина, при што никој, ама баш никој не смее збор против да каже. Така впрочем функционираа цели дванаесет години, така сакаат да биде и во иднина. И се’ ќе направат да го вратат времето. Ако им дозволиме, се разбира.

И не мислам, на крај памет не ми е да ја глорификувам критиката како непогрешлива, непоткуплива, најмеродавна … особено не македонската. Има кај нас и таква критика што секој прдеж на едикојси ќе го прогласи за брилијантно дело, нели. Таква клиентела особено се намножи последнава деценија. И уште „држи банка“ по некои жути портали, па и весници (кои, среќа, ги имаме се’ помалку!). Има дури и такви неетички, непрофесионални упади во туѓи институции, божем на повик, при што целосно иморално ја „оценуваат“ и „селектираат“ работата на колеги. Ама, како велат: во секоја градина има и пиреј. Во македонската критичка градина го има и премногу, ама тоа не е причина културата целосно да се откаже од услугите на критиката. Зашто, тогаш, повторно се враќаме во оваа денешна „ситуација“!

Оттука, многу наши дефиниции, особено во културата, мора да претрпат сериозни ревизии и усогласувања (барем) со европските дефиниции, стандарди, мерила и критериуми. Меѓу другото и дефиницијата односно поимањето на тоа кој е уметник, а кој – нешто друго. Зашто, извинете, уметник не може да биде ама баш секој кој себеси се замислува дека е тоа. Дури и кога има „производ“ како резултат на некаков креативен процес, сепак тој резултат мора да биде верификуван односно потврден од стручната заедница. Инаку, секој занаетчија, секојдневно, низ (каков-таков) креативен процес изработува производи кои што, сепак, не можат да се наречат уметнички дела, а тој – уметник. И тука, мислам, лежи клучот на сите наши „разбирања“ односно недоразбирања околу уметникот и уметноста, а особено оние кои се квалификувани и компетентни да верификуваат еден „производ“ како уметност. И тоа е вечниот „конфликт“ и помеѓу вистинскиот уметник и критиката, но и помеѓу шалабајзерот кој сака да се протне како уметник и квалификуваниот проценувач.

И, генерално, добро би било кога, во стилот на кинеските нови години, би можеле, на пример, да ја прогласиме 2018та за  година на Уметникот. Или барем 2019. Ама претходно би морале да направиме темелна ревизија на нештата, ако не повеќе тогаш на оние стотина, или колку се, самостојни уметници, меѓу кои половината сигурно се протнале според некои сомнителни партиски и/или клиентелистички критериуми. Како на пример некои кои одамна дури не ни живеат во Македонија, ама оваа држава се’ уште им плаќа здравствено и пензиско! А потоа би морале да донесеме сериозни стандарди според кои што ќе се проценуваат нештата. Односно, кога би ги примениле важечките стандарди во светскиот (или нека е само во европскиот) културен простор, би морале поимот уметник да го сведеме на еден прилично помал број луѓе – сериозни творци со достоинствени биографии. Што пак значително би го стеснило културното зрачење на државата во и вон нејзините граници. Иако тоа, де факто, би било вистинското зрачење, и значење. А, едновремено, би значело и дека вистинското творештво ќе добие поголема и позначајна државна поддршка. Сето друго е чиста спрдачина и со културата и со поимот Уметник. Но и со буџетските пари, се разбира.

Она што ќе остане тајна – бидејќи никој за неа јавно не говори, барем не во редовите на македонските вистински творци – е следното: зошто македонскиот уметник се согласува да живурка во друштвото на онаа булумента самонаречени уметници (некои дури и со национални пензии, па национални награди, па секакви други бенефиции …) односно зошто прифаќа такви игри и игрички, такво разводнување, профанисување и обезличување до непрепознатливост на поимот уметник?!

УМЕТНИЧКИ ФИЛТЕР

Колку и да била неука онаа Македонија од 1945 година, сепак бргу учела. Меѓу другото и на полето на уметноста, односно дека и таму не може баш секоја партиска будала – а ги имало, да простите, и тогаш, иако мнооогу помалку од денес – да одлучува и за такви прашања. (Сепак) малкуте интелектуалци во тоа време биле свесни дека еден од основните инструменти / механизми за вреднување на/во уметноста не е партиската книшка туку – критиката. И уште во таа 1945 година неколкумина, во повеќе области, по директива или своеволно, започнале да пишуваат критики. Меѓу другото и уметничка критила односно критики за тековните изложби, особено оние на Друштвото на ликовните уметници на Македонија како носечка уметничка асоцијација во таа област. И тие критики биле првиот филтер за прочистување на ставовите за тоа што е што, односно што е уметност – а со тоа и кој е уметник, ако сакате, на подолга линија – при што таа тогашна критика неспорно имала и идеолошко едукативна намена. И сега, не навлегувам во квалитетот на таа критика и на нејзините мотиви, иако всушност многу малку можеме да и’ забележиме. Можеби делумна пристрасност во поглед на промоцијата на тогашните важечки „естетски“ ставови на власта односно одбрана (или промоција, како сакате) на новиот социјалистички „модел“ (и) во уметноста, но и тоа, во крајна линија, не е недозволено. Зошто? Бидејќи и таа и таква критика имала и вредносна улога односно искажувала (најчесто аргументиран!) критички став.

Денес, а богами и добри петнаесетина, дваесет години наназад, Македонија нема уметничка критика! Или – ја има, ама таа е малтене илегална, нотирана на приватни блогови и профили читани од малкумина заинтересирани, општествено проскрибирана, финансиски невреднувана. Па затоа и прашањето: врз основа на што, и на кои параметри и вредносни судови, денес, и изминатите петнаесетина години наназад, се „филтрира“ македонската уметничка сцена? И врз основа на што се вреднуваат потенцијалните уметници, меѓу другото и за добивањето државни бенефиции наречени „самостоен уметник“ (каков несреќен назив, како да постои несамостоен тоест зависен уметник, иако, можеби, ние докажавме дека и тоа е можно односно дека постојат тотално зависни уметници, главно од политиката!), или државни награди, или кој и како ги вреднува нивните проекти со кои што „уметниците“ конкурираат на оние фамозни годишни конкурси на Министерството за култура, итн.?

Кога вака ќе се постават нештата, а поинаку не може, излегува на површина сета наша произволност во третманот на можеби најважниот културен сегмент – уметноста – и протагонистите кои (треба) истата (да) ја создаваат. Зашто, ако не функционира основниот механизам – критиката, ако вреднувањето на потенцијалните уметнички дострели на поединецот, независно за кои и какви потреби, го вршат партиски октроирани „стручњаци“ (како во случајот со фамознион „музеј“ со најдолгото име на светот!), тогаш за каква уметност и за какви уметници можеме да говориме? (И никако со ова не сакам да ја минимизирам или потценам улогата и на сите други културни работници во уметничките и културните процеси, но зборот овде сепак е за уметноста односно уметникот како една битна, ако не најбитна алка во современата култура на една држава!). Односно, ако работата / резултатите на нашите таканаречени уметници ги дефинира, проценува и државно етаблира секоја партиска будала, со книшка или без неа, или нестручна но солидно корумпирана клиентела која ќе направи се’ што треба само да се додвори на газдите и утре да влезе во списокот на партископомазаните, тогаш, повторно, за каква современа македонска уметност говориме? Некој може да префрли: значи ли тоа дека денес треба да се направи критичка ревизија на се’ што во изминативе години е создадено во творечките области, особено оние „дела“ кои така беневолентно биле опсипувани со огромни буџетски пари? Да, нормална држава тоа би го направила. Ние не сме таква нормална држава, тоа го знаеме. Ама можеме барем нешто да направиме во таа насока, нели? Барем некои нешта да ги поставиме на вистинското место? Зашто, ако еден филм, на пример, сте го затрупале со милионски (во евра) суми – што од буџетот на Агенцијата, што од Владиниот буџет, како некакво „празнично“ Владино честење, што ли? – и згора на се’ тој прескап производ оставил едно чудо долгови кои повторно морала да ги сервисира државата (а „уметниците“ нивниот хонорар галантно го сместиле на банкарските сметки!), па плус се покажало дека тој производ нема баш таква очекувана уметничка вредност … за никого … тогаш – што? И има ли некој некаква одговорност за потрошените пари? Особено оние „стручњаци“ од тогашната Влада, она малоно фирерче кое знаеше се’, нели, па дури и филм?

И да, знам (ако некој веќе запнал да ме потсети) дека една од најтешките работи е да предвидиш дали од еден понуден проект – изложба, филм, претстава, книга – може да се очекува некаква, макар и минимална уметничка вредност, или тоа ќе биде само уште еден (осреден) културен производ во низата други (без намера да ги потценувам, се разбира). Ама затоа и постојат искусни професионалци, луѓе кои знаат што е што, кои умеат да валоризираат една потенцијална уметничка идеја. Ама ако „проекти“ што чинат милионски (во евра) суми ги оценува партиска комисија, со туѓи односно буџетски пари, плус без каква и да е’ одговорност за стореното, тогаш не’ чуди ли состојбата во која што се наоѓа македонската уметност, во сите области?!

П.С.

Апропо повторно спомнатиот фамозен „музеј“ со најдолго име на светот, а во контекст на темава: знаете ли кој, и како ги бирал македонските уметници чии „дела“ – или подобро речено: илустрации – можат да се видат во овој музеј? Не знаете, се кладам. Ги бирала Комисија за јавни набавки при Министерството за култура, без ниту еден стручен за уметност во неа! А како? Според најниска понудена цена! Е па видите за каква „уметност“ станува збор, и за какви „уметници“!

ИНСТРУМЕНТАЛИЗАЦИЈА НА УМЕТНИКОТ

Дури и без оглед на (минатиот пат) посочениот неверојатно понизен однос на нашите уметници кон некоја / секоја власт, па и власта на неуките, па и на оној провинцијалнион сексистички „поет“ кој си бара заштита од граѓанска одговорност во зборот уметност / уметник, тие – вистинските уметници – се неодминлива категорија во стандардизацијата на секоја култура. Ако кажете дека нема култура без уметници нема да кажете ништо ново, се разбира. Во секоја култура, па и „најмалата“, уметниците се битен, ако не и најбитен, сегмент. Нема култура без уметност, односно без уметници и ниту една современа култура не се сведува само на нејзиниот однос кон минатото (наречен заштита на културното наследство, или можеби поинаку). Некои велат дека современите уметници всушност се тие кои (го) создаваат некое идно културно наследство. И, нормално, дури и да е само заради тоа, тие би имале / имаат исклучително важно место во современите култури. Не сме сигурни, немаме податоци дали, на пример, Михајло и Евтихиј уживале таков третман во нивното време, на овие простори. Или мајсторот од Курбиново. Ама знаеме дека еден Буонароти – без оглед колку тежок карактер имал – уште за животот бил препознаен како непроценлива вредност. И еден да Винчи, се разбира, и многумина други. За тоа впрочем постојат (историски) податоци. И така треба да биде! Ако пак, во нивно време, Михајло и Евтихиј, Буонароти и да Винчи биле реткост, може ли да се каже дека заради тоа било лесно препознаени како исклучителна вредност, па следствено и третирани? Можеби, иако тоа би била прилично натегната теза, но со мала доза на вистина: помала конкуренција – полесно препознавање. Но затоа, тоа не може да се каже за еден Пикасо, на пример, или Ван Гог, Сезан, Гоген, па дури ни за еден Банкси, ако сакате. Нивните творечки патишта биле многу потрнливи. Нормално, за ова има цела редица причини, но мислам дека е битно да се каже дека крајот на 19от и почетокот на 20от век бележи исклучителен подем на уметноста, незапаметен пораст на бројот на уметници, етаблирање на пазарот на уметнички дела, појава на галеристите и колекционерите како „диктатори“ на вредностите итн., што ќе рече цела низа фактори, примарни или секундарни, сеедно, кои влијаеле на процесот на препознавање на квалитетот кај одделни уметници. И на поимот уметност, секако.

Така впрочем е и денес, со таа разлика што бројот на уметниците пораснал со геометриска прогресија. Но, за волја на вистината, сериозните општества се престројуваат во од, па така и стандардите / механизмите за „препознавање“ на уметникот од (условно) шалабајзерот, дури и независно од сите (се’ уште присутни) но денес веќе секундарни фактори од типот на галеристи, колекционери, пазар итн. Поточно, и денес (односно повеќе децении на ред) превладуваат експертските мислења и стручните институции (Danto, „Artworld“) со доминантни ставови  за тоа што е уметност, дали некој е уметник или не. И тоа, се разбира е единствено логично, зашто кој друг би можел да каже дали нешто е уметност освен познавачите / проучувачите на современата уметност? Односно, ако имате здравствен проблем, не одите белки кај тревар? Или ако не ви работи компјутерот сигурно не викате автомеханичар? Уште помалку – политичар!?

Арно ама, ние (се’ уште) го правиме токму тоа: кај нас секоја будала може да истрча на терен и да каже дека е уметник, дури и неразбран, или дека тој/таа знае што е уметност со самиот факт што го научил(а) односно умее да го изговори зборот. И ништо не правиме – или правиме малку, несоодветно, непрактично – да го смениме тоа. Затоа кај нас секој, и буквално секој, може да се самопрогласи за уметник, а државава, таква каква што е’, тоа да го земе здраво за готово и да му брои милиони, да му доделува одредени бенефиции, дури и за цел живот. Па и да му додели национална пензија, национални награди, што ли не. Зошто е тоа така? Мислам дека никој не знае, нема појма. Како, впрочем, и за многу други нејасни нешта кај нас. А сепак, основниот проблем е што и со тоа прашање кај нас се бават неуките – меѓу другите и политичарите, особено оние од националистичкото милје – кои мислат дека и уметноста е партиска работа и дека и таму поминува таа логика. А особено – дека трае, односно дека еднаш прогласениот партиски уметник тоа останува засекогаш! Впрочем, уште стариот лош Хитлер го имал истиот проблем, ама овие новиве уште полоши хитлерчиња никако не дошле до таа лекција. Тие мислеа дека (и) уметноста е канта за ѓубре каде што буташ што и како ќе стигнеш и ќе посакаш. Како впрочем и патриотизмот, идентитетот, државноста … Кога сега им ги гледате списоците кому се’ му доделувале таков статус, кого се’ промовирале во национален уметник или го наградувале со национални награди, да ви одмили животот. Три четвртини можете слободно, без двоумење, веднаш да ги фрлите во вистинска канта за ѓубре, а за едната четвртина евентуално да промислувате и проценувате!

Или, всушност, не знаете чиј проблем е поголем: на политиката – онаа лошата, се разбира, која што сака се’ да контролира, или на „уметниците“ кои се задоволуваат дури и со тоа да бидат „крстени“ од шарлатани и политиканти, од незнајковци и криминалци? А комбинацијата од двете, онаква каква што ние ја имавме во изминатана деценија, е – убиствена! Впрочем, погледнете го Скопје и неговото централно градско подрачје и се’ ви е веднаш јасно. Или, ако сакате, видете ја најновата вмронска „стратегија“ за конкурирање за сите директорски места во културата. На пример: за Фестивалот „Браќа Манаки“! Тоа е таа тврдокорна глупост, дури опсесивност, која ги влече луѓето во амбисот на иснтрументализацијата.