Monthly Archives: May 2015

ШАРЕНА ЛАГА!

1.

Во многу, речиси во сите („историски“) реплики на нашиов главен архитект на актуелниве македонски јад и беда, е содржана суштината на општонародното секојдневие последниве девет години, но и самата срцевина на идејата, мислата, начинот на практикување на власта во дадениот период. Што и да издвоиме, не само од фамозните „бомби“ што речиси целосно ја разоткриваат интелектуалната и моралната беда на овие, можеби нема да биде доволно добар пример. Ама последново – е’! Последново е шампион, бисер, златна палма или златен лав (како сакате), оскар … Целата идејна беда, целата неспособност, безидејност, дилетантизам, бездушност … но и измамништво, покондиреност и лажен сјај,   е содржана во фамозната реченица: „како да е мермер, а не е мермер“!!!

Таа е најдобриот надгробен споменик на „големите луѓе“ од актуелнава власт, на сите нејзини „политики“, на вкупниот нивни придонес во разнебитувањето на земјата, но придонес и на сите нивни ешалони во демолирањето на се’ што допреа во државава. Таа е, впрочем, и основната идеа водилка на таквиот тип луѓе – пробисвети, трчи-лажи, неуки и необразовани ама самобендисани  сезнајковци, умислени архитекти и планери без елементарни познавања од што и да е’, луѓе без основна култура и воспитување! Опозицијата треба да направи беџови со „историската“ сентенца и да ги дели по улици, почнувајќи прво, се разбира, од Владата, преку Собранието, другите јавни институции …! За пример, за другите, но и за себе.

2.

Зашто, всушност, кога „малите човечиња“ ќе погледнат наназад низ годиниве, баш се’ беше „како да е мермер, а не е мермер“. Од горе до долу, од лево кон десно, од напред кон назад. Се’ што измислија се покажа како жива превара, што и да кажеа баздеше на лага и измама, се’ што направија излезе фалшиво како фалшив мермер. Можете да правите какви сакате ретроспекции, да се мислите ден и ноќ барајќи нешто што ќе заличи на пристојно завршена работа, на заокружена активност, на сериозно обмислен проект, а повторно и повторно ќе налетувате на шарената лага, на лажното злато, на она „како да е мермер, а не е мермер“. Не верувам дека кој и да е друг период во македонската историја ќе може да се овековечи на тој начин, со само една реченица којашто ја отсликува суштината на идиотизмот на овој период. Сите оние глупости што ги тресеше безгласнион глумец во Вилана на Водно од типот на „космодиск“ и “разумен компромис“ се нула, ништо, детски работи во однос на мермеров.

Напросто: ги ококорува очите, го разбиструва умот и кај оние кои тоа никако не го сакаат, а морат да го слушнат. И сите нешта стануваа дефинитивно јасни, ако веќе некому му биле нејасни. Сите овие поарчени години, сите толкави буџети, целата оваа „преродба“, „надградба“ и „доградба“ да ти биле токму за приватни шарени целофанчиња, за фалшиви мермери, за нивни интерни и екстерни неморални заебанции. И за сметки, во странство, се разбира! Не само што не постоеле стандарди и критериуми, морал и образ, вредност и квалитет – за знаење е илузорно и да се помисли – туку сиве овие илјадници денови им биле само „за да ние си правиме што сакаме“. И правеле, што е уште пострашно. И немало кој да ги сопре, што е најстрашно. А сите, или повеќето, гледале дека мермерот не е мермер, дека системот не е систем туку хотел промаја, дека законите се холандски „ементалер“, дека буџетот е само фина форма за џепарлак на неколкумина … Гледале и оние т.н. бизнисмени кои сега ги кријат валканите раце, и оние ситни политичарчиња кои им седеа в скут, и онаа булумента судии, и професори и остала гребаторска багра … гледале сите како се калеше челикот што не е челик туку обична тоалет хартија, како се гради со нешто „како да е мермер, а не е мермер“, гледале и слушале како се брише и допишува културно наследство, како стиропорот се прогласува за градежен материјал број еден, гледале и слушале како неколкумина полудени му ебаваат мајката на цел еден град, па и на држава, и – молчеле!?

Затоа констатацијата на Тричковски дека во „… Македонија може да се смени власта, но не може да се смени Македонија“ е шокантно вистинита. Дека „… Македонија си ја носи својата смрт со себе, дека и кога ќе умре ќе продолжи да се труди да се убие!“.

3.

Дали барем сега, денес, после се’ што слушнавме и за мермерот и за се’ друго, ќе стане некој од македонскава „културна“ заедница да каже, или да праша: кој, како и зошто го бришеше и допишуваше културното наследство? Ќе излезе ли барем еден од онаа фамозна калакурница наречена Управа за културно наследство, или скопскиот им пандан, да каже – „да, јели смо говна“ и се срамиме од тоа? Останала ли барем ронка професионална етика кај некого, или уште како глувци ќе се кријат и ќе ги слушаат налудничавиот главен архитект и неговата полуписмена лева рака која глуми г-ѓа министерка ? Или ќе чекаме „чудо“ како она (се’ уште нерасветлено!) во „Св. Димитрија“ па мермеров што не е мермер да се престори во аслимермер, онаа (и формално и фактички) „качак Влада“ да се ре-трансформира во тоа што беше, а скопските фасади магично да се вратат во првобитната состојба? Онака, сами од себе!?

Ќе проговори ли некој, сега или некогаш, и за сите други „мермерни проекти“, од културната, образовната, научната, здравствената сфера, за сите оние фрлени низ ветер пари без резултат? За сите оние томови и томови (квази)книги, за сите оние испрдок изложби и театарски претстави, за сета оваа „како да е култура, а не е култура“, за сето ова „како да е образование, а не е образование“, за сета онаа „наука“ што откриваше зети-македонии и гробови на Ацета велики, што „толкуваше“ одамна толкувани текстови и допишуваше „херојски“ страници во македонската историографија?

4.

Нема да ни биде којзнае каква сатисфакција што, велат, „големиве“ се на заминување, им се гледал крајот. Зарем може да има сатисфакција после една ваква катаклизма, после едно вакво општо лудило со учество на сите државни институции, на МАНУ, на Универзитетот и оние други универзитетчиња, на (речиси) целата македонска интелектуално гребаторска  елита која буљеше во мермерот што не е мермер, ама како да е мермер, и – ракоплескаше? Која што гледаше како се упропастува еден град и цела држава, како се уништува едно културно наследство за да се озваничи стиропор и не-мермер, која што се редеше на бацирака за еден мочан потпис и 500 евра, која што „мудро“ климаше со глава на сите еркери што ни ги забиваа в глава?

Единствената сатисфакција може да ни биде конечното раскрстување и со ваквите подмочани и гологузи персони, нивното дефинитивно бришење од македонската интелектуална сцена. Како што живееле, така и нека си одат, сосе „мермерот“ в џеб!

П.С.

Многумина ќе речат дека, паралелно со мермерот што не е мермер, ама изгледа како мермер, подеднакво идиотско таинствено е и прашањето на телевизорите во автобусите на ЈСП. Но тоа е полесно решливо, односно  можеме да поставиме наградно прашање: што ќе се прикажувало на телевизорите во автобусите на ЈСП, оние новине, кинески, двокатни, односно зошто главниот архитект на македонскиов јад и беда прашувал дали воопшто ќе има телевизори во автобусите?

Не знам дали некој ќе погоди, не знам дали и мојот одговор е точен, ама мислам дека таму ќе се вртеа две нешта – она смешноно „видео“ за „Скопје 2014“, како вовед (или журнал, ако сакате), потоа ќе течеа сите говори на главниот архитект, обоени портокалово. Симбол на времето, негово и за жал – и наше. И така, кој како ќе седне(л) во автобусот, со тригерче под седиштето ќе се вклучела „програмата“. Главниот штос ќе бил во тоа што не можеш да ја исклучиш. Никако. Единствен спас би бил да си излезеш порано од автобусот, без оглед до каде си сакал да одиш. Ама планерот мислел и на тоа и му дал задача на Милета да испита дали е изводливо никој да не може да го напушта автобусот кога ќе започнела „програмата“. Не знаеме дали нашле решение, Миле си поднесе оставка, нели.

Ама во таквите автобуси – кога би ги имале – би ги седнал оние МАНУ-ковцине, па професорине, па судиине … и да вртат по цел ден низ градов. Онака, на тенане. Нека се возат, нека гледаат и нека слушаат. И така за ништо друго не ги бидува!

ОД МАЛИ … ДО ГОЛЕМИ

1.

Знам дека на социјалните мрежи, па и во колумните, ќе ја растргнат женичкана. Што ли се’ нема да и’ кажат? А она, пустата, дотеранка онака според партиски стандарди, башка жива среќна што е во друштво на нејзиното „премиерче“ како жив пример на кажаното, држи искрен говор за нејзината животна мисија. И се придржува, до зборче, на партиските инструкции: дека треба од „мали човечиња“ да се прават „големи луѓе“! И што е тука смешно, и што е лага, и што е неискрено …? Та зарем нешто друго се случува(ше) во оваа земја освен тој „процес на трансформации“ од мали во големи? И зошто тоа би било за потсмев ако некој го каже, онака, јавно, на прослава на отворање на училиште како најсоодветно место за такви зборови?

Што друго, да простите, се одвиваше, токму пред оваа сега, одненадеж  на демократија настрвена јавност, во изминативе девет години ако не токму „историската“ трансформација на прераснување од мало во – големо? И зошто сега женичкава би била виновна за тоа?

2.

Затоа и „премиерчето“ вели, и со право, дека „вистината е како шило“. Врти, врти, па ќе излезе на виделина. А оваа вистина не е од вчера или од денес и не е само од оваа церемонија на „отворање“ на веќе одамна отворено училиште. Како тоа оваа „демократска јавност“ тоа не го забележа до сега, сиве овие години? А и’ беше буквално пред очи, цело време.

Потсетувањата, ако се веќе неопходни, можат да започнат токму од Скопје, коешто од релативно мал балкански град овие го престорија (барем на зборови) во „метропола“. И не сакаат да чујат за ништо подолу од тоа. По сите телевизии, низ сите весници – „метрополата ова“, „метрополата она“. Умрени да бидат во метропола. Никој веќе не сака да живее во обичен (мал) град! А во тој дух и целата држава, па целата нација, па се’ по список. Не е дозволено веќе да кажеш ни македончиња. Морало да бидат барем Македонци, а најдобро – Македончишта. Не смее да се каже државичево – демек тоа било со потценувачки призвук – а морало да биде држава, ако веќе не е државиште. А може и да биде, мислам државиште, само ако некои (повторно) ситни (да не речам мали) души не се толку скептични за нашата историја од Александра па наваму, или барем од времето на Голеееемана  Македонија, онаа сосе северниот дел на јужниот ни сосед (како што убаво би кажале некои наши „новинарки“!).

Или, ако сакате, чуму ни беа сите оние довчерашни мали згради од неколку ката кога метрополиштево може да прими и стокатници, или колку веќе ката можат да изградат странските инвеститори? За добри пари, се разбира. И провизии! Или оние стуткани „неугледни“ јавни објекти од типот на некакви „коцки“ на бившоно ЦК, и слични, во кои беа сместувани јавните институции, а сме можеле – се виде – да направиме извонредни филмски кулиси, и тоа покрај река или среде центар, во неокласицистички стиропор. Како што впрочем и доликува на големи државишта како нашава и на метрополи како оваа.

3.

Такви впрочем, од мали големи, ги направија и луѓето, и живи и мртви. Живине интелектуални пижиња, накрцани во „метрополата“ од сите делови на државиштево, се почуствуваа не само големи, туку огромни. Им се виде дека се’ им е дозволено. И им беше. А така е само со „големи“ луѓе! Па и Водно им стана прениско и препошумено, Вардар го направија пловен, дури и Охрид им се виде како море и налик на Монте Карло. На еден г’з место требаше да се сместат и сите будалаштини што овие ги виделе последниве години, откако станаа големи.

Мртвите, барем оние кои им беа по ќеф, пораснаа преку спомениците. Некои и до непојмливи димензии. Оние кои не им беа по волја – ги смалија.

Така, буквално пред очи ни се одвиваше тој историски миг на наврапито, несопирливо „растење“ на се’ што посакуваа некои. Онака, како во бајките, или филмовите. Да не гледале луѓево премногу такви филмови? Или им читале бајковити приказни? Што и да е’, завршило работа, зашто такви грандомански апетити не доаѓаат сами од себе. Или е тоа својствено токму на малите луѓе, народи, држави? Неодамна напишав дека тоа заличува на оние мали мажиња кои со високи потпетици настојуваат да си ја зголемат висината. Да, и тоа делува. Барем привремено. Ама еднаш мора и чевлите да се соблечат, да се застане со боса нога на земја, во реалниот свет на луѓето. Или – не мора? Може вечно да се биде на високи потпетици, како во филмот на Алмодовар? Но, и нашата приказна, како и сите други, покажува дека е тоа неизводливо. Ако ништо повеќе, потпетиците ќе се излижат и луѓето ќе ја видат вистинската „големина“. Како што ја видоа!

Она што единствено не успеваа(т) да го направат е посакуваното (и формално и фактички) зголемување на сивата маса во главите, којашто вообичаено се нарекува – мозок. И сето она што оди со тоа: од култура до образование, од воспитување до морал, од чест до образ. Тоа се нешта што не можат вештачки, преку ноќ да се надуваат вон нивните природни пропорции, се’ со цел барем да изгледаат поголеми. А тоа се нештата според коишто, се’ уште, се ценат луѓето. Секаде!

4.

Оттука, женичкана, каква-таква, си ја кажа вистината. Јавно, недвосмислено, отворено, онака како што, веројатно, секојдневно им ги полнат ушите по состаноците, преку тајните соопштенија и „брифинзи“, преку разгранетата мрежа информатори и надгледувачи. Не е впрочем она виновна за реалноста во којашто живееме. Нејзините зборови не беа ништо поразлични од оние д’ткави „дискусии“ на нивните пратеници во Собранието, од „историските“ секојдневни испрдоци на нивните директори, министри и други јавни службеници, од „големион“ говор на нивното „големо“ премиерче, за нашите „големи“ (и континуирани) победи (?), за нашата „голема“ сила. Колку ли само големината била релативна работа!?

А всушност, не гледаат дека само лагите и криминалите им беа навистина – гоооолеми!

СРЕЌНА СТАРА ’48

1.

Не знам што треба човек да направи кога му паѓаат на ум исти или слични идеи како и онаа булумента подопашници? Во различен контекст, се разбира, и со сосема друго значење, ама сепак?! Да се подзамисли, да престане да мисли, да не му придава големо значење на тоа? Веројатно последново би било најпаметно, иако ме јаде јанѕа од каде слични мисли во две тотално различни глави. Пу, пу, скраја да е да заличам на нив!

Како и да е’, од понеделникот односно од „епохалниот“ говор на „премиерчето“ ми се врткат неколку мисли за коишто (си) барам објаснение. Прво, севкупната реторика (ако и тие „искази“ и тоа дерење спаѓа под овој поим!), па подгреваната атмосфера, па одделни акценти … сето тоа ми заличуваше на оние (видени во филмови и прочитани во книги) мрачни години во некогашна Југославија / Македонија кога, велат, се водела жестока рововска (не само) кампања против тогашната (народна!) власт од страна на земјите под капата на некогашниот СССР. „Коба“ и компанија никако не ги бендисувале Титовото спектакуларно „НЕ“ и определбата за самостоен пат во комунизмот преку станицата наречена социјализам. (Иако некои историчари тврдат дека тоа бил прецизно исконструиран / договорен „судир“ со цел да се заплаши народот и да се сочува власта. Ама нејсе, историјата денес ја злоупотребува кој како ќе стигне, па и незнајковци, што јасно и гласно ни покажа, на истиот митинг, „историчаркана“ бранејќи го, ни мање ни више, туку – Јануковиќ!).

Исто и сега: надворешни притисоци, странски служби, домашни предавници … атмосфера ко од филм или (петпарачко) романче за 1948. И како што тогашните комунисти во онаа Југославија победуваа, еве сега и Македонија со денешниве „конзервативци“ победува (со задолжителната додавка „пак“), односно: „Македонија пак победува“! (Кога ли претходно победувала, и во што, освен себеси, особено последниве години, не можам да се сетам?). И пак „Македонија силна“, и Македонија не-знам-каква, и пак ќе ги згазиме душманите, па не ја даваме демократијата (која црна демократија?), па … не чув само дали пак ќе отвориме друг Голи оток. Зашто, со овие “странски слуги“ и „вазали“ кои  фрлаат такви непатриотски бомби и залегнуваат во рововска битка баш пред најсветото нешто кај нас – стиропорната Влада – очигледно нема разбирачка.

2.

И ко за беља, уште неседнат да си ги напишам импресиите, читам: „ Во 2015 година Груевски е во иста ситуација како Јосип Броз-Тито во 1948 година. И фамозниот наратив е речиси идентичен. Во 1948 година улогата на денешен Брисел во „слободна Европа“ ја имаше Коминтерната одговорна за Источна Европа, односно за делот од поствоениот колач од држави што му припадна на Советскиот Сојуз. Југославија павташе помеѓу двата воени блока. Сталин таквите како Тито и Јанош Кадар, кои сакаа да останат во безбедносно-политички вакуум, ги повикуваше на тегнење уши во Москва. Тито одби да оди во Москва, каде што го чекаше свилен гајтан. Во сеќавањето на луѓето и историјата остана да грми историското НЕ во услови кога Југославија ги лекуваше раните од војната, уште ги расчистуваше урнатините, плачеше по мртвите и исчезнатите, а голем дел победнички комунисти се крстеа во Сталин како нивна атеистичка икона. Тито го стекна светското уважување благодарение на неговата способност да донесува храбри и болни одлуки секогаш калкулирајќи ја како предност поддршката на народот. Затоа е во списокот на великаните“.

Добро, ако мене ми заличело на „Среќна стара 1948“, можело да му заличи и на друг. Па нека е и на партизанкана. Ама, малку усул во споредбите, малку објективност, малку (само)критичност, малку (само)контрола? Јас признавам дека слушнатата „реторика“ на 18 мај ме сепна, малку ме подисплаши зашто, ако е да се верува на историските извори и на сведоштвата на преживеаните, благо е да се каже дека тоа биле прилично лоши времиња. Војници гинеле надвор, на граници, луѓе биле затворани внатре. И сега некој одново ги посакува, денес и тука? И ќе не’ подготвува за „нешто“? Како на пример: „Не ве плашам со војна. Туку ве советувам да се подготвите како да ќе ја има. Паника и страв не помагаат, ами рационалност, присебност и спастреност. Имаме психолошка предност на луѓе што ги бранат своето достоинство, слобода и право на мир и живот. Имаме и мотивација. Имаме и самодоверба и искуство. Отпорашите се веќе неутрализирани и изолирани оти се препознаени и темелно демаскирани. Соседите ни се добро познати по капацитет. Сега ни преостанува да видиме дали Американците во предизборно лудило ќе ризикуваат од Балканот, а Македонија како повод, да почнат европска или светска војна поради еден гасовод и една пруга и така да си ги одмерат силите со Русија и Кина“?! Според онаа (повторно) на Тито (кого до вчера најсочно го плукаа како најголем непријател на Македонија): „Работите и живејте како 100 години да ќе биде мир, ама подготвувајте се како утре да ќе има војна“!? Ало, вие нормални ли сте?!

ЖАБА

3.

И кој со кого ќе војува, баш ме интересира? Дали партизанкава ќе излезе да се бори или ќе ужива гледајќи како гинат млади деца, оние од „неутрализираните отпораши“, оние од онаа „другана страна“? И како тоа нашево воинствено „премиерче“ да ти било плукнат Тито кој не сакаше да оди во Москва („каде што го чекаше свилен гајтан“), кога овој на првиот свиреж прв стаса во Стразбур (како да го чекаше некакво одликување, можеби?)? А и оние претходнине, исто на првиот свиреж, директно на поклонение, па на оставки, кај „душманите“ во Американската амбасада? Или – тоа не е за кажување, не мора баш секој да го знае?

И кои сте впрочем тоа „вие“, вие што сте „имате мотивација“? А – за што, ако смее да се праша? Или не смее? И ќе објавите ли каде го планирате тој ваш нов Голи оток, барем семејствата да знаат каде ќе ги носите луѓето? Зарем лудилото стаса до таму отворено да се повикува на војни? И никој ли нема ништо да каже апропо тоа? По којзнае кој пат ли ќе ја гледаме македонската црнила каде сите се злосторници само ние сме правите? До кога ќе ги преповторувате во болните глави и 1913, и 1918 и 1948 година?

И се’ ми се чини дека токму еден од „нив“, не сакајќи, ни го дава вистинскиот одговор. И иако мислев дека никогаш не ќе се согласам со некој став на нашион локален Минхаузен алиас Станковски, ама ете, овој пат морам. Зашто тој сосема прецизно констатира: „Во моментов нашиов дел од оваа гигантска светска мрежа на информативна џунгла со несогледлива магнитуда потсетува на една мала бара, преполна со разни суштества, адаптирани на овој смрдлив и влажен простор, од кој најголемиот дел се подобни на жаби. И тоа, жаби–крекачи, на кои со непоимлива инфлуенца влијаат најеклатантните хохштаплери, платеници, политички мршојадци и болно амбициозни луѓе, без основни морални и стручни доблести“!

Каков групен автопортрет, ремек дело! Едноставно, не можете да поместите ни точка ни запирка, цртка уште помалку, да најдете евентуално забелешка на еден изречен / напишан збор. Освен, се разбира, на генералниот контекст, на општата насока на искажаното, таргетот на неговата омраза. Не гледајќи се себеси и „своите“, сето тоа се, според него, токму „оние другите“, оние кои кампуваат пред неговата возљубена стиропорна влада и особено нивните инспиратори, па оние кои нему и на неговата подопашна свита често им противречат контра минхаузенштината и валканите селски конструкции, контра нивните отворени повици за крвопролевање … Ама човечево заборавило дека е сликар и дека постојано се слика себеси! Барем да не му е попусто и прекарот „Рембрант“!

4.

Која е разликата помеѓу светот и нас? Ко „Бог и шеширџија“, вели една (точна) српска поговорка. Гледајте, светот почнува да размислува за едно знаме, а ние не можеме се’ уште да се откачиме од она од Вергина. Додека светот се глобализира, ние се локализираме; додека светот оди на други планети, ние одиме во Паљурци, или евентуално кај Хунзите; ако за светот државата полека станува транснационална и без граници, ние / „тие“ не можат да го смислат ни роднината свој ако мисли поинаку; додека светот се организира како да го сочува туѓото културно наследство од разни талибанци, нашиве домашни на државно ниво уништуваат се’ по список …!

А во двава тажни случаи не станува збор само за вообичаената, дури очекуваната македонска неспособност да се согледаат нештата во поширок (барем европски) контекст, да се сместат во реално време и простор а не во 1913 или 1948, да се направи обид да се помести централната точка од „јас“ на „ние“, а понатаму и „тие“, оние „другите“ кои треба да се газат. Не, зашто овде, веќе толку години, станува збор за една невидена себичност на една мала група минхаузени, локални бараби, лукративни подлизурковци кои се ставаат себе си пред сите други, нивните потреби пред општите очекувања, нивните гнасни прсти пред рацете на другите. Зашто во моментов Македонија е токму една застојана „мала бара“ во којашто, наспроти светот, крекаат неколку отромавени од гнетење „жаби-крекачи“, дремливо залегнати во македонскиот информативен простор, чекајќи го вообичаениот поттикнувачки звук на сребрениците пред уста да отворат.

Но тоа и е’ суштината на „жабата-крекача“. Таа мисли на стомакот дури и кога нема излез, кога се’ е готово – а готово е! – кога цел свет отворено се згрозува од нашава реалност. Ама светот е, нели, фашизоиден и само ние односно „тие“ се добрите, исправните, патриотите …

Можеби најсоодветно резиме за тажниве „сочиненија“ е токму курдско-турската приказна за жабата-крекача и нејзините навики. Елиф Шафак (во „Чест“) раскажува за жабата-крекача фатена од група деца и поклопена со стаклена тегла „под која таа седела скаменета од страв“, чекајќи ја незибежната смрт. „Тогаш едно момче извадило полжав од џебот и го пикнало под превртената тегла. Жабата веднаш заборавила на својата мака и му се настрвила на пленот … Жабата скокнала еднаш, па уште еднаш, и го фатила полжавот. Пред очите на децата десет разврескани деца, жабата го лапнала полжавот, додека од устата и’ течела леплива, лигава слуз“!

ТОТАЛНО УПРОСЕЧУВАЊЕ

или

НЕСПОСОБНОСТА КАКО СУДБИНА (3)

1.

Никој не може подобро да сведочи за некого од неговиот промотор, од неговиот ментор, од оној кој некогаш – заради разни причини – го поддржувал, го охрабрувал, дури му помагал. Затоа и го наведов (сегашниот) став на проф. Шкариќ, менторот и предлагачот на нашиот возљубен „претседател“, наспроти карактеристиките што му ги припишуваше (со уште еден маалски „филозоф“) за време на кандидатурата.

По истиот шаблон, еве што (сега) вели Сем Вакнин, некогашен промотор на нашево подеднакво возљубено „премиерче“: „Беше отсутен и не многу бистар. Беше воздржан и несигурен. Еден вид менаџер од средно ниво“! Не дека и сега е нешто многу побистар и поприсутен, ама затоа – гледајте го, му пркоси на цел свет! Баш ко малине деца кога ќе се налутат и не сакаат повеќе да си играат со другарчињата. Дури ни со најблиските. Овој, на пример, ги избрка и од Владата и им ги зема играчките. Сега ќе си игра сам. Сам против сите! Некои велат дека големината на човекот се гледа во поразот. Каква црна големина, каква човечност?! Видете на што спадна. Не верувам дека ни родената мајка може да го препознае. Или – може, таа најдобро знае што ни сместила?

Но не е овде проблемот само во него. Замислете што се’ би имале да кажат пријатели, познаници, учители и учителки, професори и професорки и за сите други бараби кои девет години ни се качуваа на глава? Што се’ би можеле да чуеме за карактерите и интелигенцијата, воспитувањето и културата на сите оние (квази)министерчиња, (квази)директорчиња, (квази)пратеничиња и (квази)советничиња кои продефилираа сосе нивната глупост изминативе години? Или – доволно ни беа и „бомбите“? Веројатно!

2.

Не сакам да кажам дека во минатите влади и владеења гледавме и слушавме само Ајнштајни и Тесли. Напротив! И тогаш, и таму, ни се креваше коса на глава од разноразни недоквакани типчиња заседнати во фотелји врз основа на некакви неразјаснети „квалитети“. А факт е дека и во сите европски влади од сите провениенции седи по некој тупак кој служи како забава за народот. Ама, некако, мнозинството го „покрива(ше)“ малцинството.

Сега разликата е во тоа што глупоста ни стана правило, принцип, систем – заседна во Влада, Собрание, локална самоуправа – (пот)просечноста се претвори во квалитет и суштински предуслов за место на општествената сцена. Се разбира, тука, пресоблекувајќи се во од, веднаш се вклучија и сите палјачовци од минатото и искривената слика си го доби финалниот изглед. И да, во прво време сето тоа изгледаше смешно ама некако и наивно забавно – ви текнува, на пример, на оние еден по друг министри за култура Илиријан и Џемаили, како извонреден пандан на некогашниот незаборавен комичен пар Димитров и Чоревски? – се гледаше од авион дека луѓето се втурнати во некаква авантура од којашто не знаат како да се извадат. И не знаат што да прават со себе. Беше забавно се’ додека не почна да станува трагично, за да на крајот добие монструозни размери, денес разоткриени низ т.н. „бомби“ на опозицијата. Зашто, ако првите беа дури симпатични во незнаењето и неснаоѓањето, овие се развија во приглупи ешалони што следат една и само една наредба – онаа на „лидеро“.

Од друга страна, не смее да се заборави дека, ако „лидеро“ беше болниот  ум на, на пример, „Скопје 2014“, едно чудо потпросечни Канчески профилчиња беа (и се’) послушните рачиња што плескаа(т) и „остваруваа(т)“! Ако оној „прилепскио сељак“ командаше со сите изборни далавери и растрчани провизии, имаше уште стотици извршители кои слепо се покоруваа на секоја наредба.

И целото началство уживаше полтроните да ги викаат „министре“, „министерке“, „претседателе“ … ќе си речеш дека се, во најмала рака, функционеришта на германската влада а не обични уличари и криминалци! А впрочем, така се создаваше и задржуваше власта: со тотално упросечување, дури потпросечување на се’ што мрдаше во нивна близина, така што тие можеа да делат ум и по некоја шега на рајата. Сето друго околу нив требаше да биде мало. Психологија на оние мали мажиња кои се пентарат на штикли за да изгледаат повисоки! Затоа и во нивната околина немаше сериозен, култивиран квалитет што ќе можеше да соопшти различен став, евентуално да направи некаков пресврт, што ќе можеше барем за педа да отскокне од околината и да посочи дека царот и неговата свита се дибидус голи, и боси. Затоа, впрочем, им требаше и таков „претседател“ – ќутолог, такви полуписмени обвинители, судии, „аналитичари“ кои не умеат да изанализираат ни сопствен испрдок! Затоа впрочем во државава секна секаква дебата – особено полтичка, онаа „очи в очи“ со другиот – а особено демократска, од јавноста најперфидно беа исклучени сите кои мислеа поинаку, особено ако тоа мислење беше / е’ стручно и аргументирано!

3.

На сопствена „мерка“, односно по правило и под неа, сведоа се’ живо што требаше нешто да значи во државава. Ги сведоа, ги упросечија, и мртвите. Мостон на „уметноста“ е типичен пример за таквиот начин на „размислување“, при што и мртвите треба да се сведат на една мерка, по можност на оваа на живите. Па така испадна дека Личеноски и Мартиноски да ти биле некако исти по раст, блиску им е и Мазев, па Кондовски … и останатите некогашни бардови на македонската култура и уметност, сега сведени на дпмнеовска квази-мерка на денешнината. И никој ни „а“, ни „б“! Сигурен сум дека овие ни знаат ниту пак чуле за тие имиња, уште помалку ги интересира нивното дело, се’ додека се „остварува“ и „надградува“ и течат договорените провизии.

Впрочем, културата и уметноста се можеби и најдобриот пример за овој целосен распад на македонските вредности – политиката и онака никогаш не ни била силна страна – на настојчивото и планско упросечување на потенцијалните вредносни репери кај нас. Како инаку, и зошто, сето она ѓубре замислено како уметност во центарот на градот ќе го правеа анонимуси и дилетанти без едно сериозно верификувано дело во нивните „биографии“? Се разбира, и во тој потег имале пред се’ скриени лукративни цели (инаку, зарем ќе можеа така да командуват со сериозни уметници и да им бараат поврат на средства и / или подоцнежни донации?), но и идеја на „народот“ да му се покаже дека тие можат преку ноќ да урнат секаква вредност кај нас и да воспостават нова. Нивна! Ќопава, саката, ќорава, слепа … ама нивна!

Не сакам овде и сега да го коментирам нивното образование и до сега покажано знаење коешто всушност е основниот репер и за нивните дневни општествени „активности“ и потребата од целосно упросечување на државата. Но, тоа е (нај)битен индикатор и „аргумент“ за сите случувања во државава последниве девет години. Или, потсетете се на „компетентнион“ за се’ „министер“ Тодоров! Но, настојчивото верглање во празно, убедливото (за многумина) тртљање за некакви (најчесто петпарачки) проекти и (квази)остварувања, создаде фама за некаква стручност и компетентност, за некаква работливост кај најголемиот дел од полуписмените фанови. Кога кон тоа ќе се додаде умешното купување на луѓето преку бенефиции, работни места (за мизерни плати), субвенции и слични во основа коруптивни марифетлуци, се комплетира македонската жална слика.

4.

Оттука јасно е како може(ла) да функционира една така упросечена според незнајковци држава. И таа и таква упросеченост беше консеквентно спроведувана од врвот до дното, со инсталирани чувари на просечниот дух во сите институции и сегменти на власта. Секое извишување беше казниво! Така впрочем функционираат и сите други авторитарни режими. Затоа и се создаде атмосфера дека секој, ама баш секој е стручен за се’ – само ако посака (и има партиска книшка, се разбира), дека секој разбира се’ и може да „аргументирано“ да коментира од геополитика до уметност итн. И добиваше аплаузи!

Затоа и оној убоги Дојчин може да тртља за некаква библиска земја и луѓето кои ја водат (?), онаа распојасана „глумица“ која глуми верничка да вреска и игра пред Собрание, типови од форматот на еден Двоцевски да продава ветер и магла за новите македонски вредности итн. Затоа и примитивци ни пишуваат учебници каде „Татковина е наследство, а истовремено и состојба на поседување на земја, територија, духовни вредности и содржини кои ја сочинуваат културата на еден народ. Република Македонија е нашата татковина“, каде Грција излегува и на Јадранско море, итн. Затоа, впрочем, и овој и оваков центар на некогаш модерно Скопје, затоа впрочем и „културна“ манифестација „Денови на Крали Марко“ во Прилеп, затоа впрочем и сите оние ракијади и пастрмајлијади, за да го држат народот во солиден приземен дух!

Оние пак неколкумина вечни клиенти кои веќе свикнаа да служат секогаш и секому се подеднакво упросечени во мислењето коешто мора да одговара на званичната линија. Како инкау оној кутар екс-амбасадор би смислил дека „Од првиот момент, Вашингтон не го прифати Груевски бидејќи не беше спремен за прекрстување на земјата и разнебитување на македонскиот народ“, а овој увелико не само што ја прекрстува туку и ја изнесува на Белизе? Или уште помалоумната изјава дека „Ако опозицијата, со нелегални средства, добие техничка влада и, сепак, дојде на власт, нема да профитира – ќе ја рушат на ист начин, со сила. Во меѓувреме, државата ќе пропаѓа“. Мислам, колку човек треба да се успросечи, колку треба да се клиентизира, колку да се понижи себеси за да се спушти на рамништето на оваа и ваква македонска „идеологија“ и „политика“?

ВРЕДНОСЕН ДАЛТОНИЗАМ

или

НЕСПОСОБНОСТА КАКО СУДБИНА (2)

1.

Во (пре)широката лепеза на нашите (судбински) неспособности, последниве месеци особено дојде до израз неможноста, неумеењето / неспособноста да ги препознаеме нештата во мигот на нивното настанување / п(р)ојавување на општествената сцена, нашиот веќе вроден далтонизам во старт да не ги согледаме сите колоратурни нијанси на маските на измамата. Плус, нам по обичај црното ни се гледа бело, злото добро.

Или, ако сакате, не можам да кажам дека бев претерано изненаден од некои локални самонаречени политичари и нивните обиди сега (сосема неуспешно) да си ги перат гревовите за погрешните проценки, за лошо одбраната страна (што во случајов звучи само како деминутив), за садењето тикви со самиот ѓавол. (Ако сакате пример, ене ви го, најдобар: ДОМ ќе учествува на протестите на опозицијата!). Но и кај многумина рационални, разумни и следствено на тоа сериозно профилирани политичари и интелектуалци забележлива е, се’ уште, дозата на неверување, збунетост, зачуденост од развојот на нештата во т.н. „бомби“, од разоткривањето на самата суштина на овие персони кои толку години се претставуваа – а и ни ги претставуваа! –  како македонска политичка елита. Та дури и Заев (пре)често ни сугерира да сме слушнеле „до каде отишла“ забеганоста на Груевски и врхушката! Овде забеганоста не отишла, не ескалирала, таа е тука од самиот почеток!!!

Зборот ми е: навистина ли веруваме дека дотичните биле нешто друго, та сега се исчуручиле; зарем некој навистина сака да не’ убеди дека доброто туку-така, преку ноќ станува лошо; зарем е можно нивните проценки да се толку драстично различни за само неколку години? Не верувам, зашто такво нешто не е можно. Односно, можеби е можно во сапунски опери и турски серии, можеби е можно и во крајно стресни тоест драматични пресврти во животот на единката, ама – до толку? Поточно – до волку, едни (наводно) примерни политичари да се престорат во криминалци, една партиска елита да се трансформира во група преваранти, бајчиња преку ноќ да навлечат волчја кожа? Можеби и тоа е можно, ама само во нашите нерационални умови.

2.

Или, ако сакате, како е можно (како што не’ убедуваат некои) во првите години „премиерчето“ да ти било за пример, а после се’ почесто му текнувале парапети среде Охридско езеро и сите други глупости што денес се општонародно „богатство“ слично на оставштината на Итер Пејо? Или, како што пишува друг, во него прво да гледале современ (иако тој отсекогаш да ти бил барокен), млад (се покажа дека и тоа може да биде мана!), менаџер (што ли изменаџирал?) и човек (веќе и тоа е доведено под прашање), а потоа тој се престорил во својата спротивност. Како може да се размислува дека  „Епизодата со Хунзите ја сметавме за детска фантазија, апсењата на неколку деловни луѓе од СДСМ за битка против корупцијата а ситните екцеси со контролата на медиумите како логичен реванш кон претходниот режим“? Па зарем некој / некои навистина мислеле дека е нормално да ги сметаш Хунзите за побратими од детската фантазија, а пак ако била навистина детска зарем дете ни требаше на премиерската фотелја? Или дека апсењата на неколку луѓе (ама само од СДСМ!) да ти било „битка против корупцијата“, а сета останата олигархиска багра да се остави и понатаму да хара низ македонското секојдневие? И зарем посакувањето „контрола врз медиумите“ може да биде само „екцес“ (и впрочем гледаме каде тој „екцес“ не’ доведе) и зарем една сериозна влада треба да се бави со реванши кон други политички партии, особено опозициски?

Или, ако сакате, како звучи ланската карактеризација за македонскиот  „претседател“ („Не си подготвен да бидеш независна личност, немаш желба да излезеш од рамките на партијата, стана човек без нови идеи од полза за иднината на Македонија. Забележувам дека сакаш да бидеш повеќе зависен отколку слободен и дека повеќе го гледаш личниот, а помалку јавниот интерес“) дадена од неговиот ментор кој пред повеќе години го предложи и поддржа за таа функција? Зарем главните карактерни црти кај еден возрасен човек – што ќе рече: над педесеттата година – можат толку драстично да се променат? Ако човекот вчера не бил подготвен да биде независен, зарем бил пред пет години кога го предлагале за функцијата, и како може човек од идеи да стане „човек без нови идеи“ …? А кога пак ги слушам бајковитите прикажувања на некои возљубеници за комунистичко – социјалистичкото минато на истава тутурутка, па како Македонија била среќна што има(ла) таков човек во младински и други партиски форуми на Југославија (коишто овој настојчиво ги крие во неговата биографија!), просто ми се повраќа. Да не говориме за интелектуалните капацитети на дотичниот, начинот како влегол во факултетските структури и сл. И некои мислеа дека од таков „материјал“ се прави претседател, ама после увидоа дека се / не’ излажале?!

3.

Ние дефинитивно боледуваме од вредносен далтонизам. Не умеме (или не сакаме?) да препознаеме вредност, доблест, стручност, професионалност, чест, одмереност … И можеме да продолжиме во истиот стил и да прашаме: а кој беа интелектуалните потенцијали, човечки вредности, професионални постигнувања на безмалу сите овие кои денес ги слушаме и читаме низ транскриптите и коса ни се крева на глава. Се гадиме и од нив и од самите себеси. Како тоа никој не знаеше кои се и што се овие кои цели девет години и’ ебаваа мајката и на државата и нам? Како тоа преку ноќ се станува заменик премиер, министер, директор, амбасадор … само и единствено заради партиски заслуги и климање со глава? Што во животот сработила, кои се резултатите на онаа која сака да истребува цели дваесеттина проценти население? И на сите оние бараби кои, со име и презиме, уживаат да го  заиграат танцот на смртта на македонска почва? А оној кој, според сопствено признание „колку повеќе гледа толку помалку разбира“, па уште и тајно смислува ново сложено име за државата? Та зарем тој шустер – поносен „германски ученик“ со ситносопственички селски менталитет – ќе ни ги решава највиталните национални прашања?

Дилемата пак дали не умееме или не сакаме ја поставувам само условно, иако сум сигурен во одговорот, сигурен сум дека таа не игра кај нас. Или – барем кај еден поголем дел нас. Не дека ги нема, и тоа во голем број, и оние кои најбезобразно не сакаат да ги видат фактите, не сакаат да ја видат вистината за нивните пулени, уште помалку сакаат да ги читаат транскриптите. Зашто, демек, биле сечени, лепени, монтирани … Ама оваа власт не е? И сечена, и лепена и монтирана?

А ги читаат, гарантирам. Зашто и тие се радознали да видат до каде може(ла) да оди човечката идиотштина, колкав замав земала манијакалноста на нивните „играчи“. И после тоа добро да го уновчат. Но тие целат на други цели, тие ги слават заради други причини. Зашто само меѓу такви уличари можат себеси да се видат како нешто значајно, како нешто важно за македонското општество. И да ќарат нешто, се разбира. Крупно, ако може! Впрочем, тоа е таа (сепак мала) група која што хистерично бараше превреднување на вредностите, бараше нов вредносен систем со барабиве на чело, пишуваа и говореа панегирици за најголемите криминалци во македонската историја. Со нив го градеа новиот вредносен систем! Преку нив и тие се гледаа како властодршци. На лагата, се разбира.

4.

И кога списокот би застанал тука, кога би можеле да кажеме: е па добро, сепак беа малкумина во споредба со толку народ. Ама – дали е така? А онаа булумента т.н. државна администрација која што овие ја напикаа во системот и којашто, спред некои, брои дури двесте илјади (загубени) души? Зарем тие се во нешто подобри од првиве? Па ако тоа се помножи „пута три“, па ако тука се додаде една сериозна бројка којашто сосема успешно „соработуваше“ во сите криминали со властодршциве, од бизнис секторот до „уметниците“, до која цифра би стасале? Па ако ја додадеме онаа (не мала) групација пословични скептици и неранимајковци кои уште се држат до тезата дека тие ја бранат државата а некој друг (читај: опозицијата) ја урива, па сите оние ремонтирани трабанти од некакви групички и партиички подготвени и за сто евра да сјебат се’ што ќе им се нареди … тогаш до која бројка би стасале? Се разбира, тука ја имам предвид и извонредната поента на Васил Мицковски дека „новинарите се само посредници помеѓу елитите и пошироката јавност и дека нивната основна задача е да ги разбиструваат работите…“, но и луцидниот негов заклучок дека кај нас тие одбрале само да  „ја забавуваат и да ја залудуваат публиката“.

Не дека сум песимист – иако сум, барем во овој поглед – ама иднината ќе биде тешка, за многумина. Кој и како, (ако веќе до сега не успеал), ќе им докаже на овие далтонисти дека се’ што лета не се јаде? И всушност, се лечи ли е далтонизмот, воопшто? Се разбира – не, барем на кратки патеки.  Ваквиот тип на далтонизам е прашање на време, на стабилни системи, на освоена и практицирана повеќедецениска демократија, на (ре)валоризирани вредности.

НЕСПОСОБНОСТА КАКО СУДБИНА

1.

Не’ уби(ва) неспособноста. Вдолж и попреку, од горе до доле, од лево до десно. И метафорички, и буквално. Константно, и историски. Просто – немаме како да се одбраниме! Само погледнете околу себе и доволно е. Или само повнимателно слушнете што и како говори врхушката на власта низ „бомбите“ на Заев. На страна сите други епитети што им ги доделила судбината – од арогантност до глупост, од простотилак до нечувствителност, од идиотлук до омраза – ама неспособноста како да царува. И тоа не само неспособноста да се делува во соодветна (нормална, исправна) насока, туку и неспособност рационално да се промислува, да се чуе и другиот, да се послуша совет, да се согледат ефектите од постапките … Неспособност да се разбере времето, да се прифати реалноста, да се биде современ народ во современа држава!

Но, не верувам во предодреденоста на лични судбини. Некако, сам човек, во одреден миг, во дадени околности, секогаш може да ја измами судбината, да го надитри дури и ѓаволот. Нормално, со малку среќа. Поединецот учи и на грешките, учи да биде повнимателен, да не верува слепо …

Ама цели народи – никако. Тие се влечат и низ историјата како долги слепи змии никогаш не пронаоѓајки го вистинскиот излез од пустината. Зашто нивната судбина не е запечатена некаде таму „горе“. Напротив, таа е запечатена тука некаде долу, во нивната неспособност да учат од минатото, да се прилагодуват на историските околности, рационално а не слепо да веруваат, никогаш да не проверуваат. Тие по правило не умеат да изберат. Самите си ја избираат несреќата, самите се кумови на својата пропаст, самите си ја копаат дупката.

2.

Ние како да сме таков народ! Погледнете ја само историјата наназад илјада-две години и се’ ќе ви биде јасно. Или – нема? Односно, да ни беше јасно, ќе ги повторувавме ли истите грешки?

Или – погледнете ја сегашноста. Има ли подобар пример? Историјата и не ни е потребна, се’ ни е тука, пред очи. Ако ги имаме да видиме. Ако, повторно, ги немаме … е па кој ни е крив? Ни се повторуваат години и векови како на филмска лента од браќата Манаки: веќе изветвена, очајно контрастна, тргни – застани … По којзнае кој пат истите приказни за мали деца, истите измислици и лаги, машината на неспособноста повторно ставена во погон. (Или таа воопшто и не се исклучува?).

Кај нас неспособноста е хиерархиска, по вертикала. Секогаш. Потоа се распостила како излеана река, насочена тече и по хоризонтала. Што ќе рече – неспособноста како да ни е во гените, како да ја наследуваме, или континуирано ја учиме и ја дополнуваме, надградуваме. Некој ќе приговори дека сите народи имаат светли и темни мигови, сите имаат подеми и падови, сите … не знам што. Арно де, ама сите други народи учат на сопствените грешки! И учат од другите. Или барем се обидуваат. Ние – не! Ние како да имаме зацртана (историски димензионирана) линија на неспособност, некомпетентност во пошироки размери, неусогласеност со светските цивилизациски текови. Па дури и за небески „Зета Македонци“ тоа е премногу – ние катастрофално пропаѓаме!

Во еден целосен општествен распад распукан по сите шевови, „системот“ глуми власт. И држава. Како што оној сугерира да глумат некаков петпарачки водвиљ околу неговиот возљубен „Mercedes-Benz S600 Guard B6“. Сосе телевизор, за малечките! И за што му е, ќе ги гледа протестите на 17 мај? Собранието пак (демек) работи и избира нови министри, Владата (демек) исто така е залауфана и никој не може да ја сопре во економските подвизи, институциите уште потрагично ги играат доверените маргинални улоги не баре се главни глумци на сцената … Владинине пак подлизурковци го опсипуваат народот со топло-ладна бласфемија за државава како најдобра од сите можни!

3.

Или, можеби, ние (и) на ваквите општествени катастрофи гледаме како на природни појави, па како што лесно се помируваме со природните непогоди – прст божји? – така некако виткаме глава и пред овие нечовечки но судбински животни катаклизми? Можеби, зашто на овие простори сите видови суеверија и атавизми се’ уште егзистираат. Фактот дека ние самите го бираме злото не менува (пре)многу во тој контекст! Зашто, инаку, зарем циклично би ни се повторувале вакви нешта? И со безмалу исти или слични неспособни типови во главни ролји? Која е разликата во историското perpetuum mobile на овие простори, ова денес и она пред стотина и нешто години на преминот на вековите, или уште стотини години поназад, па ако сакате и се’ до Самуила, па и пред него? Кои се разликите? И како тоа само за нас и нам слични важат некакви (напумпани до зла бога) „историски неприлики“, „неповолни времиња“, „меѓународни кризи“, „рецесии“ и слично, како алиби за сите наши неспособности во справувањето со процесите? Па каде, по ѓаволите, изветреа, ако го имало, тој фамозен дух на боговите „зето-македонци“, или мудроста и воинственоста (да не навлегуваме во другите карактеристики!) на големиот Александар?

Да, знам дека „експертите“ од типот на „госпожана“ и некогашниот „уставотворец“, со нивната неверојатна академска алхемија, би имале (демек) многу што да противречат, ама тие, и не само тие, си противречат на самите себе веќе толку години. И не само тие, туку и една цела булумента новоиспилени „аналитичари“ и „стручњаци“ за македонската вековна (не)способност. И како по правило, сите во хор дрндаат против единствениот сериозен историски потфат – НОВ и Револуцијата –  кога овој народ (или барем дел од него) се осмелил да ја земе судбината во свои раце. А овие неспособниве шарлатани ќе ги нарекуваат „комуњари“ а не се достојни ни чевлите да им ги чистат? Тој единствен по слободарските референци период настојчиво се брише од македонската историја зашто, всушност, боде очи, излегува од вековниот зацртан колосек на судбинската неспособност. И не само фактот дека токму тогаш дојде до остварувањето на сонот за самостојна држава, и не само тоа, или најмалку тоа, ако сакате, туку тоа значеше вовед во општествена, културна, образовна, научна … еманципација на Македонија во рамките на постојните Балкански држави. Се разбира дека и за тој епохален потфат биле неопходни одредени историски предуслови, особено Македонската Преродба, на пример, ама – видете каде заврши таа: седната на смешни нео-фотелји лево и десно од самонаречената „Триумфална порта“, или нацуцулени како тролчиња на она мизерно мостче што води директно во Јавното обвинителство! Иако, додуша, и кремот на историски поблискиот македонски ум од водечка институција се трансформираше во онаа геријатриска попатна станица наречена МАНУ за по 500 евра месечен надомест!

4.

Нашата актуелна неспособност станува светски егземплар, токму за неа ќе се учи во историските учебници, а не за акциите (како што вели монструмчено) во коишто изгинаа толку полицајци. (И тоа – за ништо!). Цел цивилизиран свет отворено ни посочува каде ни е проблемот, амбасадори нескриено се приклучуваат кон протестите на опозицијата, ама народов – мртов ладен. Како да станува збор за некој друг народ, некоја друга држава. И не само државата туку и народот, особено неговите „лидери“, стануваат светски сертифициран примерок за историски дилетанти и игноранти, за дрва недоделкани седнати на врвните државни позиции. Можеби за Туѓман со право велат дека измислувал (хрватски) зборови, а за еден соседен претседател дека ги движи усните кога чита, ама што да се каже за нашиве? Како денес, после се’, звучи изјавата на македонскиот „претседател“ дека     „За оваа група во почетокот на 2015 година писмено информиравме 17 партнерски служби на земјите од Европската унија и НАТО, како и земјите во регионот. Можам да констатирам дека размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата не даде резултат“? И кого тоа  убедува „претседателот“, и кој му верува? Нормално, полесно е, повторно, другите да се виновни. Особено странците. И тука божем никаква врска нема нашата неспособност, нашата глупост, наша недоветност, нашиот команден дилетантизам од врвот па надолу, нашиот Ахмети, нашето шурување со мрачните сили на злото … не, полесно е кога другите се виновни. А особено кога тоа се странците. И нашите, ама оние „другите“. „Мора да се надминат тесно-партиските интереси … За оваа цел да престанат личните и меѓупартиските конфронтации. Видовме што тие ни донесоа“, настојчиво вергла и даље „претседателот“, поттурнувајќи ја и понатаму вината, сега врз  домашните „странци“!

Ние сме, исто така, наклонети неспособноста и сите други „фалинки“ да ги врзуваме за еден-двајца, главно челни луѓе, што во принцип и би било доволно, па со тоа да извршиме мнозинска замена. Не дека првиве, главниве, не се тоа што се, ама со тоа правиме повторно злосторство амнестирајќи цели ешалони еднакво неспособни дилетанти заседнати на државни позиции. Зашто, кај нас „не се саде тие“. Ги има (пре)многу за било какви амнестии. Впрочем, не постои амнестија за глупост, неспособност, недокваканост и останати „карактерни“ црти.

Кога само би тргнале низ културните институции и нивната персонална карта, не би требале да одиме понатаму. Или, не дај боже, да ги споредуваме актуелниве културтрегери со оние генерации кои пред себе ја имаа задачата да ја кренат од нула македонската култура и уметност пред шеесеттина, седумдесет години! Или кога би ги погледнале годишните (културни) програми, јавната творечка сцена, професионалните здруженија … Е тоа е слика и прилика на македонската неспособност!

И затоа: уште колку „бомби“ ќе бидат потребни, уште колку докази за неспособноста, за криминалите, за узурпацијата, за хохштаплерајот на целава гарнитура, за сите ешалони кои сплотено дејствуваа(т) во насоката на уништувањето на земјата и она малку (фала му на бога) нормални луѓе? И што тие би промениле? И ова што досега го слушнавме и видовме е без преседан во современата (барем) европска државна историја, верификувана  диплома за сите можни светски рекорди во глупоста, неспособноста, во лагата и измамата ама и (до)вербата на еден народ, во шизофрените идеи но и манијакалната сплотеност на власта и дел од „интелигенцијата“, на општото губење и образ, и достоинство и историска одговорност за идните генерации. За жал, тоа едновремено може да значи и конечно губење на последната верба, и смисол, и чувство на чест и обврска токму кон оние млади кои покажаа како треба да се реагира. Затоа, овој 17-ти, којшто монструмчето намислило да го гледа на мониторот во својот скап Мерцедес, треба конечно и еднаш за секогаш да покаже – сме или не сме!

„АМБАСАДОРИ“

1.

Не знам луѓево гледаат ли што се случува, слушаат ли, читаат ли? Иако, знам, најчесто не се тука, далеку се, кој ваму низ Европава кој таму преку Океанот, ама – и таму има телевизии, има весници. Дури тие некогаш се и подобро информирани. Иако не баш и за деталите. Тие ја бараат „Големата слика“! Можеби и нашиве станале такви, гооолеми?

Или можеби мислат дека ние овде сме со кратко паметење, не знаеме дури ни вчера што и како се случувало, дека сме затупавеле уште повеќе и секој може да ни продава муда за бубрези. Не дека не може, се’ уште. Ги има многу такви, нив повеќе од другине, понормалнине. Или само така ми се чини? Можеби, зашто кога ги гледам младиве, богами, веќе никој не може ништо да им продаде.

Ама, пустото, уште се обидуваат. Уште мислат, особено двајцава, дека оваа балканска крчма (ете, и ова е само уште еден закоравен стереотип!) е истата дупка калакурница како и пред години. Не е баш така, за среќа. Луѓето порачуваат: „Барајте не’ на улиците! Живееме во држава каде немаме никаква контрола над својот живот – ги поминуваме деновите во милост и немилост на оние кои некако се истркалале до врвот, оставени сме на нивната каприциозност, немарност или пак ситни интереси. Сите демократски граѓански механизми кои му даваат сила на нашиот глас, кои се мегафон на нашата волја се угушени, се уништени или пак се блокираат целосно успешно. Одземени ни се медиумите, без кои не можеме да креираме јасна слика за нашето опкружување. Живееме во нечиј сон, конструкција, живееме во кошмарот на несигурноста, незнаењето и стравот!“ (tamaraatanasoska. wordpress.com).

Ама ова „амбасадорчињава“ наши мислат дека тоа се улиците на Њујорк, или Кентербери, каде се’ тече според (веќе здодевните) правила, каде секој може да каже што сака (на одредени за тоа места, се разбира), каде што системот – функционира. Ги заболе нив, да простите, што и како се случува на нашите улици!

2.

Затоа и така се однесуваат. Затоа и се избрани за нивни „амбасадори“, додуша „културни“, ама сепак. Знаат нашиве со кого како можат. И кој за што е. И за колку е!

А ние сме, за едниот, само „… две завојувани страни. Едни веруваат дека јајцата треба да се кршат само од тапата страна, а други исклучиво од заоблената. По тоа прашање се води војна од памтивек и луѓето се замразени. Навиваат строго за своите и ги обвинуваат оние другите дека се на погрешната страна на историјата“. Иако, можеби и добро сме поминале. Сме можеле да бидеме и оние Брехтовите луѓе „… со обли глави против оние со зашилени глави“. Опипајте си ја главата, видете во кои спаѓате. Можеби полицијата џабе ве тепа кога вие, според главата, сте – нивни!?

И добро е што човеков ни остава право на избор дали ќе бидеме јајца со зашилени или заоблени страни или сепак „луѓе“, па нека сме и со „обли“ или „зашилени“ глави. Мислам, тоа е таа европска култура – ти дава право на избор. Нашиве таму бргу ја учат. И стануваат многу попроникливи, помудри, го гледаат и тоа што тешко одовде се гледа. На пример, гледаат дека „И двете страни имаат одамна воспоставени системи, хиерархии, војски и полиции, приоритети, агенди, херојски традиции, навики, селективно паметење, здруженија за негување на ова или она, деноноќна индустрија на спин, армија на медиуми, мрежи за комуникација, дресирани клиенти, трабанти, вешти лица, вљубеници и платеници кои се хранат и живеат исклучиво од негувањето и одржувањето на ваквата поделеност. Секој обид да се артикулира и застапува некаква средишна позиција се доживува, напаѓа и отфрла како трула неутралност, пакт и капитулација“! Ние тоа од овде не можеме да го видиме. И мислиме, се разбира погрешно, дека само оние имаат оружје, војски и полиции, дека само оние имаат индустрија на спин и армија на медиуми.

Но, затоа човек треба да има свои луѓе надвор, зашто од таму подобро се гледа и тоа што не се гледа. Дури тоа и да не е точно, ама Тој знае, Тој е – од Европа! И бидејќи во таа и таква Европа секогаш нештата се артикулираат мирно и трезвено, а не вака диво како на Балканов, затоа и сме грешеле што не прифаќаме средишна позиција, која и да е’, каква и да е’, па нека е и онаа што дефинитивно означува смрт на слободата. И впрочем, што е тоа слобода? Можеби и тоа е надмината работа во нивните средини?

Нам ни е, ни вели Тој, „топло во толпата“. А можеби ним таму им студи? Ама, како да им помогнеме? Немаме време зашто, ете, ко’ ненормални „Тргаме на една демонстрација, па на втора, па логично и на трета, па потоа сме вовлечени во митинзи, манифести, политички говори, прогласи и колумни, па одговори на напади, па контранапади, па силни акции, па уште посилни реакции, па мафтање со партиски книшки, па итни вонредни седници со анализа на новонастанатата ситуација, па широк ангажман со сечење глави на противниците“! И кому тоа му треба? Само на балканскава беда која решила да се избори за нешто! Тие таму тоа не го прават. А немаат ни зошто. Колку ли им е здодевно?

И вака подучени, наполнети со европски демократски дух, можеби сите треба да почнеме да мислиме со неговите мисли, да мечтаеме со неговите мечти: да замолчиме, да си ја негуваме својата меланхолија и весела мизантропија, да сонуваме и зборуваме само за своите дела?! Да „амбасадоруваме“! Кому воопшто му треба нешто друго, нешто од она за коешто, овде, младиве, ама и старите, излегуваат на улици, секој божји ден, како не им е здодевно, и протестираат – а за што, нели? – да си бараме некој друг живот без политика, по можност некаде надвор, да си најдеме некој колеџ да предаваме … И да, повторно – да „амбасадоруваме“!

3.

За разлика од онега, другиов „амбасадор“ и режисјор некако ми заличува на еден друг, постар режисјор – ама театарски – но во повој, во пелени, што би се рекло. Со сите предиспозиции да се доразвие како и битолчанецон! Зашто, како и тој постариот, нон стоп плаче и реве, крокодилски солзи реди како него сите го мразат, како е на сите црни листи, како дерман за него нема во оваа земја …

Ама упорно е тука. И се чуди. И тој, како и оној од Кентербери, се чуди како тоа во оваа проклета (м.з.) Македонија човек „не може, прво, да биде независен, а потоа и независен интелектуалец“? Дури тоа било „страшно, и тажно“. Некој овде како да измешал некој лончиња, особено во поимањето на зборот интелектуалец и неговата улога во општеството. Ама, веројатно тоа сме ние, ние овде во оваа македонска дупка. Зашто, кога човек гледа од Њујорк, на пример, почестен заради „независноста“ со неколку (наши) милиони евра, тогаш навистина е за чудење. Велат, којзнае дали е точно, дека и Британската кралица постојано се чудела како тоа кај нас не може да се биде независен? Независен амбасадор, на пример?!

Ама, тоа не значи дека нашиов е неутрален. Никако, тој “уопште не е неутрален кога се во прашање идеи, ставови, постапки“. Добро, некој лош како мене ќе праша: а извинете, г-дин њујоршки „интелектуалец“, а зарем сега – денес и овде – не се работи за идеи, ставови и постапки? И зарем во Њујорк, и во САД, не протестираат заради убиства на малолетници, заради кражби, проневери, милионски провизии …? Ама тој всушност да ти бил неутрален само „кога се во прашање племиња, партии, навивачи, групи“! И тој „размислува со своја глава“! Види мајката, што знаеле овие „независни“ интелектуалци? Како ним им изгледал овој „племенски“ танц низ улиците на Скопје?! И со чија / чии глави ли размислуваат ова младиве, па и постарите, низ Македонија? Кое ли слободоумно племе живее во тој Њујорк? Иако, во друга прилика, на пример за Aljazeera, вели дека „луѓето се секаде исти / мали се разликите“! Ама изгледа, навистина, ние сме најлошите?!

И навистина, којзнае како ним, оттаму преку Океанот, им изгледа ова диво племе овде? Нон-стоп се млатат по улици, ене сега гинат и полицајци, и – како да фаќаш страна? И сигурно си велат: ма дај, батали го тоа племе, што такво бараш таму. Освен, се разбира, кога ќе ти затребаат пари. И титули. И ретроспективи. И книги. Тогаш племево, навијачиве и имбецилниве групи се тука да помогнат со по некое милионче. Долари, или евра, се разбира. Ама, всушност, мислам дека тоа му го должиме. Та тој работи само за нас, да не’ прослави низ светот. Иако ние, во принцип, нему и на таквите „независни великани“ им враќаме со најлошо. Прво, ги правиме амбасадори. Потоа им даваме милиони за филмовите, за рекламните спотчиња (апропо спотчињата што ги работел за другарчето му Г……и препорачувам да се прочита Петар Гошев во „Окно“!), за се’ што ќе намислат, за да веднаш потоа ги ставаме на – црни листи! И никако да разбереме дека човеков „не дозволува парите, нечија суета или политичките потреби да му го диктираат уметничкото дело …“, па затоа да ти бил „… на црна листа во мојата татковина“! Неверојатно, ама вистинито. Ама, зошто тогаш земаше пари директно од Владата, од другарму Г.? И не знам дали воопшто нешто друго и може да се очекува од вакво племе, овде. Иако, повторно, останува нејасно како тоа него „и левицата и десницата (го) плукале во нивните медиуми и во Собранието“, ама тој да ти работел за „… уметнички дела и мои соговорници и работодавачи се луѓето кои припаѓаат на оваа култура, значи граѓани на Република Македонија“! Ама кои бре брате граѓани, оние племенски суштества, оние навивачи, оние групи коишто, ете, нон-стоп се по улиците? И бараат преку леб – погача? И ги млатат токму неговите финансиери и некогашни другарчиња?!

И кој сега му ја финансира таа монографија од ни помалку ни повеќе туку 650 страници? И која будала ги дава тие пари, ако смее да се праша? Оние што го ставија на наводните црни листи или оние племиња што шетаат по улиците?

4.

Ама мислам дека, после подолго време, ми станува појасна работата со овие „независниве“ и нивниот однос кон нас, зависните (од крв, од јад, од војни, од – што?). Тој вели дека „не сака да биде врзан со групи кои се некритични. А ние гледаме дека нашите групи тука се некритични“! Токму нашата некритичност е идејата водилка на „независниве“. Токму нашето (некритичко)   отсуство на здрав разум, рационална проценка, валидни критериуми … е причината што тој не сака да се врзува со нас, ама ни ги сака – парите. Па кога ќе му затребаат, веднаш е тука. И нормално, некритички групи можат ли да проценат што и како треба да направат? (Не, да имаше некој критичен, ќе го / ги избркаше за пет минути!).

П.С.

Сето погоре кажано не треба да се доведува во врска со досегашните творечки резултати на нашиве, пардон – нивниве, „амбасадорчиња“. Ама, некогаш е тешко да се оддели човекот од творештвото, нели?

А сепак, не можам да не спомнам дека ако ги соберете сите монографии за Никола Мартиноски, за Петар Мазев, па и за Чемерски, нема да достигнат бројка од 650 страници, заедно! Добро, некој ќе рече: прашање на проценка, на вредности, на мерка …! Можеби, а повторно, многу ме интересира и текстот на Абаџиева „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“ (?). Мислам, што е многу – многу е’! Па нека е и Манчевски, нека е и Абаџиева!

СТИРОПОРНИ „ЗАШТИТЕНИ“ ЦЕЛИНИ

6.

Некој ќе рече: село гори баба се чешла, ама веќе ни е јасно зошто селото гореше, а започнатава тема ветив дека ќе ја завршам.

Па така, точно знам како се пишуваат законите кај нас, особено оние во културата, и кој ги пишува. Затоа и се’ такви: неразбирливи или двосмислени, ретроградни и / или ретардирани, смешни и / или жални … Оној Закон за заштита на културното наследство е еден од водечките токму такви. Расприкажан до зла бога а се губи во основните нешта, (непотребно) воведува едно чудо категории „културно наследство“ безмалу спротивни или спротивставени една на друга, остава простор за секакви толкувања како кому му (а највеќе на „струката“) одговара! Всушност, како и повеќето други закони кај нас (не само во културата), очигледно е напишан „да служи“, да не се применува односно да се применува само и исклучиво „со толкувања“ и сл. Затоа можеби и никој не го есапи за сериозно? Или – така повеќе им одговара?

Да се вратам на темата, односно проблемот: ако во оној импровизиран „Национален регистар на објекти кои се заштитено културно наследство“, или (нагалено) „Список на заштитени добра“ со состојба до 31.12.2012 година, кај Општина Центар стои (точка 37) дека Урбана целина „Централно градско подрачје Iе културно наследство односно заштитено подрачје, односно целина, нели е логично прашањето – како таму можело толку да се гради, да се преградува, да се менуваат фасади …? Или тоа што таму го пишува е само за малите деца, а не и за власта? Или пак „струката“ (читај: Управата за заштита на културното наследство) издава(ла) специјални дозволи за градба, или …? Многу „или“ и прашалници за една сериозна работа како што би требало да биде културното наследство!

7.

Или, ако сакате, ако целите на заштитата на културното наследство се: зачувување на културното наследство во изворна состојба, создавање на што поповолни услови за опстанок на културното наследство и за задржување на интегритетот на сите податоци што тоа ги носи во себе како сведоштво, извор или своевиден документ, пренесување на културното наследство на идните генерации, па ако културното наследство е темелна вредност на државата итн., тогаш како се случило тоа културно наследство заведено во 2012 година како Урбана целина „Централно градско подрачје I да доживее таква катастрофа? Некој, во државава, треба ли да одговори на ова прашање? Ако пак „Заштитата на недвижното културно наследство се остварува и со негово задолжително вклучување во просторните и урбанистичките планови и во плановите  и програмите за заштита на животната средина и природата, како и со негов третман како фактор на одржливиот економски и социјален развој, особено во насока на развојот на културниот туризам, домувањето, специфичните занимања и едукацијата“ (чл. 6 од Законот), како тогаш низ ова заштитено културно наследство во Општина Центар помина таква кичерајска фурија, како Управата и Министерството го дозволија тоа?

Од друга страна, како е можно тој фамозен Регистар да говори за „Урбана целина“ како културно наследство кога таква дефиниција не постои во Законот за заштита на културното наследство. Додуша, постои нешто слично – „Споменички целини се урбани, рурални и други населби или нивни делови и остатоци …“ (чл. 13) – ама тоа сепак не е исто и не е јасно дали „стручњациве“ мислеле токму на тоа? И дали целата наша „заштита“ на културното наследство е само една голема – импровизација?

8.

Меѓутоа, ако нашиве „заштитари“ можеме да ги обвиниме за нестручност, некомпетентност, простотилак, полтронство … сепак не би можеле да ги обвиниме и за неажурност. Зашто, прво, видовме како ургентно реагираат кога ќе им свирнат шефовите и прогласуваат за културно наследство се’ што ќе им се принесе за потпис. А второ, ако случајно се обидете да го консултирате уште еднаш спомнатиот Регистар (мојата копија беше симната од веб страната на Управата кон средината на 2014 г.), него веќе го нема. Никаде. Ни на веб страната на Управата, ниту на веб страната на Министерството за (не)култура.

Ама ептен ако запнете, Википедија (сосема случајно) ќе ви отвори страница со „Список на објектите прогласени за културно наследство на Македонија според евиденцијата во Регистарот на културно наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН) заклучно со 30 септември 2014 г.“! Што ќе рече – нешто најтазе. Е ај сега речете дека се неажурни!

Ама таму добивате сосема други информации, сменети речиси за 360 степени во однос на стариот Регистар (барем за Општина Центар). Па така, наместо некогашната (точка 37) „Урбана целина Централно градско подрачје I, сега стои (точка 38) „Урбана целина Централно градско подрачје II!(?) Што се случи со „Урбана целина Централно градско подрачје I“? Не се знае. Да не ја заштитија комплетно, или попрво ја уништија, па сега веќе не треба ни да се спомнува?

Ама тоа не е единствената новина во однос на состојбата од 2012 година. Сега, односно лани, на „стручњаците“ од Управа им стасало од газот до главата дека во Општина Центар има и други објекти што би требало да ги уживаат бенефитите на заштитено културно наследство, па ги внеле: Споменичка целина „Дебар маало“, НУ Национална и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, ЈНУ Институт  за македонски јазик „Крсте Мисирков“, НУ Филмски центар „Вардар филм“, Градска библиотека „Браќа Миладиновци“, МСУ и Музеј на Македонија! Да, некој ќе рече – па добро де. Ама, овие објекти „стручњациве“ не ги знаеа во 2012 година? Или не ги беа валоризирале, иако некои од нив се постари и од 50 години? Ама затоа, веднаш односно за само неколку години, ги „валоризирале“ Музејот на македонската борба и Спомен куќата на Мајка Тереза и ги вметнале во Регистарот? Врз основа на кои и чии критериуми, врз основа на кои и чии стандарди? И сега, треба да ги изедначиме објектот на Музејот на современата уметност со оној монструм наречен Спомен куќа на Мајка Тереза? Или објектот на Националната и Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ со оној безличен Музеј на македонскиот хорор? Тоа ли е таа силна македонска заштита на културното наследство и нејзините критериуми? Па тоа ни на Паскота не би му се случило!

9.

Но, се разбира, јас / ние можеме до утре сабајле да се спрдачиме со овие шарлатани и полтрони кои сакаат себеси да се нарекуваат „заштитари“. Меѓутоа, работава не е за спрдачење зашто овие како што почнале ќе понат да си ги прогласуваат и сопствените куќи за културно наследство, и плевните од селата од каде што дошле, а семејствата и роднините уште сега ќе си ги прогласат за историски личности.

Но, запрепастува агилноста и подготвеноста на македонската заштита да се спушти на нивно рамниште, да стане крпа за бришење прашина од некогашниот сјај на професијата, од оние имиња кои некои до денес ги изговараат со пиетет. (By the way, да не има „академик“ Грозданов нешто да каже по повод најновово дополнување на списокот на културното наследство? Или да се огласи Институтот за историја на уметноста?).

Или, ако сакате, ако веќе македонската заштита спаднала на такви ниски гранки, не умееше ли никој до сега да ги пролиста овие нешта пред да презема одредени чекори? На пример Општина Центар не знаеше ли што и како од нивната територија се наоѓа под заштита, каква-таква? Или Сојузот на архитектите, кога веќе започнуваа битка против „Скопје 2014“, па за спас на ГТЦ и слично? Немаше ли некој да покрене тужби вакви и онакви, претставки, поднесоци … вакви или онакви? А зарем сега е доцна? И ќе побара ли некој да ги види образложенијата со којшто оној кичерај е прогласен за културно наследство? И тоа ли не може да го направи Општина Центар? Толку ли е тоа тешко?!

„ОПЕРАЦИЈА“ ПРОФЕСИОНАЛНО САМОУБИСТВО

1.

Знам дека е најлесно (самозадоволно) да се каже: па нели ви реков! Ама тоа евентуално самозадоволство не ни носи ништо, не ни ги оправа работите. Се разбира, говорам за последната „феноменална“ одлука на актуелнава власт да ги прогласи за културно наследство сите оние налудничави градби нацуцулени во Скопје последниве години, а во рамките на самонаречениот проект „Скопје 2014“. Зашто, нели, по референдумот за ГТЦ, како можно продолжување на акцијата за спасување барем на овој објект, беше идејата дека „следен чекор е ГТЦ да се прогласи за културно наследство“! Јас ваквата најава ја видов како некако задоцнета зашто, веројатно, тоа требаше да биде првиот чекор?! Меѓутоа, ја видов и како прилично несоодветна, да не речам незрела, недоволно промислена … заради една, и само една причина. Поточно, и тогаш прашав: се сеќавате што се случи со џамијата на Мехмед Втори на Имарет? Којашто, патем, одамна беше прогласена за споменик на културата (според старата терминологија), а којашто глатко и без око да му трепне на Паскота и компанија ја урнаа за да му направат место на започнатиот „проект“ Плаошник. И прашав дали заговорниците на идејата за барање ГТЦ да се прогласи за културно наследство знаат кој сој „стручњаци“ седи во онаа калакурница наречена Управа за заштита на културното наследство? И што „сработиле“ изминативе години, на чело токму со оној кој е „надлежен“ за прогласувањето на архитектонски дела за културно наследство? И знаат ли кој „стручњак“ таму директорува?

А прашав и зошто луѓево уживаат однапред да ги откриваат чекорите што планираат да ги направат?

2.

Е па сега, се’ си мислам дека им дадоа идеја на мафијашиве од културата што и како да прават со сето ова архитектонско и скулптурално ѓубре наталожено во централното подрачје на Скопје. Не дека тоа нешто ќе им помогне, ама сепак. Тие си мислат дека со прогласувањето на ова вчерашно ѓубре за културно наследство, утре никој не ќе смее да го чепка, уште помалку да го – руши.

Се излажале, се разбира. Зашто такви будалаштини од типот на прогласувањето за културно наследство на (квази) Спомен домот на Мајка Тереза, на (квази) Триумфалната порта, на Музејот на македонскиот хорор и другите лепешки изнаредени долж левиот брег на Вардар и центарот на Скопје нема ама баш никого да сопрат во справувањето со тие тони стиропор! Односно, како што има „прогласување“, така има и губење на својството културно наследство. И таа постапка оди подеднакво брзо како и првата. Ако не и побрзо! И стварно ли мислат дека со овој десператен акт нешто ќе спречат?

А сепак, наспроти сите наши досегашни искуства со оваа струка којашто себеси сака да се претстави како заштита на културното наследство, добро е уште еднаш да ги (у)видиме, на дело, сите нивни „квалитети“ и „способности“. Не дека не ги знаевме, нели, ама мислам дека сега не’ изненадија. Не’ фатија на препад, или на спиење. Мајстори се! И тоа безмалу во истиот ден кога во Министерството за (не)култура бил конституиран националниот совет за културно наследство. Машала, како ја почнале работата – ептен стручно! И уште кога ќе ги видите таму испоседнати се’ од „стручен“ постручен, милина.

Во едно мораме да се согласиме, независно од тоа што и како мисли овој новоконституиран Совет: да прогласиш за културно наследство објекти изградени пред само неколку години, е тоа е навистина врв на стручноста. И професионалноста, се разбира. Да ги изедначиш во значењето, и третманот, овие стиропорни квазибарокни лепешки од типот на Триумфалната порта, Археолошкиот музеј, Музејот на македонскиот хорор и сите други будалаштини испилени од малиот мозок на главниот архитект во државава, со еден Пантелејмон во Нерези, со Стоби, со Курбиново, со Шарената џамија во Тетово, со Самоиловите тврдини, со Св. Климент …? И повторно, не дека не знаевме какви „стручњаци“ се котат во македонскиве институции последниве години, ама – до толку?

3.

И навистина е глупо сега тука да се наведуваат сите можни дефиниции на културното наследство, на недвижното културно наследство и слично. Иако сите главно се вртат околу УНЕСКО-вата дефиниција дека (недвижното) културно наследство е завештание, оставнина од минатите генерации, згрижено во денешнината а наменето за бенефитот на идните генерации. И сега нашиве „стручњаци“ сакаат да ни кажат дека наведениве објекти од налудничавото „Скопје 2014“ се нашето завештание за идните генерации? Можно ли е толку да се полтрони, толку да се послушници, толку да не смеат да писнат пред диктатот на актуелната политика? И да мислат дека тоа ќе им помине, туку – така?

Не знам што и како мислел оној „професорон“ кој во работно време прогласува вакви лепешки за културно наследство а во слободно време пишува „книги“ за Ацета, не знам ни што и како мислела целата таа „стручна“ багра сокриена во т.н. Управа за културно наследство, под пазувите на милното им Министерство за (не)култура. И прашање е дали воопшто нешто мислеле, и дали воопшто таа операција на сивите мозочни ќелии е својствена за такви персони. Но, нема дилеми дека еден ваков скандалозен чин од (наводно) стручна организација не’ вбројува директно меѓу талибанските држави во светот. Да, некој ќе рече дека ова е само шлаг врз нивното толкугодишно нереагирање на се’ што се случуваше во Скопје и во државава, и – ќе биде во право. Но, некако, склон сум во изминатите нивни ступидарии да побарам и видам очекуван притисок од полуписмени министерки и политички авантуристи, да помислам дека повеќегодишната нивна неработа не може да резултира во нешто подобро. Ама сепак, ова чудо е еднакво на професионално самоубиство на вкупниот „стручен“ екипаж на таа институција, на чело со оној шарлатан кој глуми директор! Иако, да бидам искрен, немам ништо против таквиот нивен самоубиствен чин. Безмалу – време беше! Ама мислам дека со тоа дефинитивно ја убија и струката којашто, во некои други времиња, беше ценета професија во Македонија. Со значајни и евидентни успеси на полето на заштитата и на движното и на недвижното културно наследство. Дури не дојде ваква багра, се разбира!

4.

Но, за да нема импровизации, еве како гласи и нашата дефиниција за културно наследство: „Културно наследство во смисла на овој закон се материјални и нематеријални добра коишто, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење и заради нивната заштита и користење се наоѓаат под правен режим согласно со овој и друг закон“.

Е сега, дали нашиве локални лепешки, според Законот – добра, навистина имаат вакви својства? И какви: археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и / или други научни или културни вредности, својства, содржини или функции? Или, можеби, сите заедно, како и што доликува на сегменти од еден самонаречен проект каков што беше „Скопје 2014“?

Не знам, но она што сега би било интересно е да се објави стручното образложение врз основа на коешто е изведена операцијава „професионално самоубиство“! Кој го составил, кој го потпишал … што се’ е внатре наведено како оправдување  за стореното злосторство? Ако не го видиме сега, ќе го видиме утре, задутре, некогаш. Таквиот професионален срам не може да остане вечно сокриен. Зашто, вака, кога човек слуша или чита низ медиумите дека овие будали направиле тоа и тоа, некому може и да не му изгледа налудничаво. Ама кога би се прочитале образложенијата, оправдувањата за таквиот „стручен“ потег – е тоа би била посластица пар екселанс!

Знам дека ќе се јават душегрижници кои веднаш ќе кажат дека тие таму работеле под притисок, дека било вака и онака. Како да само тие работат под притисок. И што значи тој притисок, дека треба да си ја скинеш дипломата и да ја фрлиш на ѓубриште? Ако воопшто ја имаш, односно ако воопшто си се помачил да ја добиеш. А и новоформираниот Национален совет работи под притисок? И чив? Имаат ли барем тие малку срам? Се разбира, да имаа, барем некој ќе реагираше!

Ако пак сите тие „стручњаци“ така се однесуваат „под притисок“, тогаш зошто и’ се на оваа држава? Нека си седат дома, можеби таму немаат притисоци. И впрочем, ова е уште еден нов пример на таа македонска „стручна“ јавна администрација, онаа што ќе не’ однесе во Брисел. Онаа која што ќе седне и ќе преговара со бирократите од ЕУ за нашата подготвеност за влез во Унијата. Токму тоа се тие втори, трети … петти ешалони за коишто пишуваа некои, а коишто требале да стават прст на глава и помислат што прават. Каков прст, каква глава, кога ја немаат? А ако ја имаат – празна е!

И токму тие ќе треба да останат на истите работните места, со државна плата, со сите други принадлежности, заради „мир в куќи“? Кому воопшто му требаат такви какви што се? И што и како ги учи студентите оној „професор“ кој наводно директорува со таа Управа? Ако таа и таква багра едноставно не се разбрка, никогаш нема да имаме ефикасна и стручна администрација? Освен ако под тие поими (ефикасна и стручна администрација) не подразбираме луѓе подготвени на секакви, па и најцрни компромиси и злосторства!

5.

Колку за крај: во еден документ што овие од Управава го нарекуваат „Национален регистар на објекти кои се заштитено културно наследство“, или (нагалено) „Список на заштитени добра“ со состојба до 31.12.2012 година (а којшто е приказна за себе, но за тоа во друга прилика!), се наведени поименично сите заштитени објекти во Македонија, по општини. Па така, во Општина Центар, од овој тип на понови јавни објекти, за ставен под режим на заштита се смета само „Објект на Градската болница“!(?). Знам, многумина ќе се чудат, некој и ќе се прекрсти, ама на тоа дереџе ни е оваа струка. Го нема, се разбира, Градскиот трговски центар, ама ја има „Македонска куќа“ во Стара чаршија, го нема (додуша веќе ни физички!) објектот на некогашната ЦК на Муличковски, ама има уште други куќи низ Чаршијата, иако таа е целата заштитена целина, итн.

Но, во тој „документ“ постои и ваков запис: т. 37, Урбана целина „Централно градско подрачје I“! И сега, прашања: ако Урбаната целина „Централно  градско подрачје I“ е сместена во овој (импровизиран) „Список на заштитени добра“ со состојба до 31.12.2012 година, тоа значи дека таа урбана целина била законски заштитена според одредбите на Законот за заштита на културното наследство. Па, тогаш, како се правени сите овие глупости во изминативе години, како се градени, преградувани, рефасадирани објекти токму во таа Урбана целина „Централно  градско подрачје I“? Можно ли е никој да не ја испитал (бидејќи никој и не ја спомнува!) оваа трага?

Но, за тоа, во следната прилика!

ХАРТАЛ

1.

Ние немаме таков збор. Таков збор е својствен на поголемите јазици, поискусните, можеби оние со побогата историја. Хартал на гујарати јазикот (индо-аријски јазик од Западна Индија) буквално значи ден на жалост, на тишина, на молчење. Но, како што вели Ружди (Салман) „во златните денови на Махатма, кога дури и јазикот ги почитува упатствата на Гандиџи“, тој збор добил нови призвуци, нови значења. Кога големиот Бапу ќе прогласел Хартал, во Индија застанувало се’. И буквално – се’, дури и возовите. Чукале само индиските срца како едно, заедно со големото срце на нивниот „мал“ Бапу, против британското владеење во таа земја.

Хартал не е само генерален штрајк, не е само граѓанска непослушност, не е само протест … хартал е сето тоа заедно, и многу повеќе.

2.

Не знам зошто ние немаме таков збор. Но некој требаше веќе да го измисли по вчерашниот пеколен ден, и ноќ. Зашто после сето она што се случуваше во Скопје, пред стриропорниот симбол на македонскиот криминал и узурпација, во Македонија денес требаше да биде прогласен „хартал“. И да застане се’. Буквално се’: од возилата до градскиот сообраќај, од медиумите до училиштата (коишто ионака не работат), од кафеаните до коцкарниците … Бидејќи, сигурен сум, секој од нас имал по некој близок или подалечен помеѓу оние деца кои овие (ни имињата да не им се спомнат!) веќе ги нарекуваат со секакви погрдни називи, уште малку третирајќи ги како терористи врз коишто треба да се стрела. И тоа не со гумени куршуми!

Ако вчера извадија „желки“ и водени топови против своите деца, утре ќе извадат тенкови и митралези. И ќе убиваат. И ќе ги фалат тие што убивале дека добро си ја завршиле работата. И ќе ги наградат со нови 10% на платата!

HARTAL

3.

Мора некој да прогласи македонски „хартал“ зашто срамно е децата да се остават сами во оваа битка. Како што останаа сами (со чесни исклучоци) и студентите, како што се горе-долу сами и средношколците. Во вакви кризни времиња не може да има ништо поважно од општата унисоност по прашањето на опстанокот на нацијата и државата. Зашто до таму е дојдена работата. Овие не се и не можат да бидат ни едното ни другото. Едноставно – не сакаат да бидат! Поважен им е криминалот, парите.

Но прашање е дали можат да се победат онака како што почнаа децава. Можеби можат, ама на младиве им треба поддршка. И тука престанува да биде важен бизнисот, работата, патувањето, весникот да излезе, телевизијата да зрачи, машината да работи … Сето тоа мора да застане!

Или, ако не можеме да им помогнеме, барем да не им одмагаме. Како оние „новинари“ (на пример на „Телма“) кои не умеат да направат разлика помеѓу поимите „толпа“ и „демонстранти“, кои контејнерите ги викаат „контењери“, како оној бесрамниот „директор“ Бранко Цветковски кој на живи очи не’ лаже дека во Библиотеката било се’ нормално …!

Можеме ли поднесеме уште еден Мартин Нешковски?

ХАРТАЛ 2