Monthly Archives: May 2018

ЗОШТО?

Конечно, реално е, нормално е човек да праша: зошто? После се’, после дванаесет години (не)културен терор, партиски и клиентелистички протекционизам, владеење на произволоста, нестручноста и глупоста … мислам дека многумина од нас го имаат и тоа право да прашаат: зошто? Зошто мораме сето тоа и понатаму да го трпиме – во редуцирана варијанта, се согласувам, ама сепак? И за какви (повторно ли?) повисоки цели? Дали оваа држава, и нејзината култура, образование, наука, на пример, нема да преживеат без кримогените структури на бившиот некултурен режим, без оние умислени национални величини пумпани до распукнување цела една деценија, без оние партиски поддржувачи и хушкачи, внесувачи на раздор и профитери, оние незаслуж(е)ни носители на сите (до една!) национални награди кои што им ги билдаа платите и пензиите? Дали оваа држава, и нејзината култура, образование, наука, на пример, толку ќе се обезличат, безмалу до непрепознатливост, без нивното катагодишно присуство во националниот буџет, толку ли, навистина, ќе (о)паднат сите вредности во македонската култура ако тие режимски стаорци останат без нашите пари барем година-две, па и повеќе, ако може?

Овие, и многу други, се вистинските прашања што треба да си ги постави не само македонската култура, образование, наука, туку пред се’ македонската политика. Зашто, сигурен сум, македонската култура, образование, наука … немаат којзнае какви дилеми околу тие прашања. Иако најголемиот дел од нив – молчеше, и молчи, се’ уште. Ама, сепак, нека е и оној (по)мал дел –  тие тоа го покажаа и во екот на протестите против режимот и во акциите на „Шарената револуција“. Тие едноставно го отфрлија тоа туѓо тело од нивните редови. Имаше инфилтрации, се разбира, ги има секогаш, зашто барабите умееа да се престројуваат во од, да се камуфлираат: мажот кај „шарените“, жената онаму – кај овчарот и пуфлата, или обратно; или и двајцата и ваму и таму (тактика: збунити непријатеља!); дури, оние најбезобразните, по паѓањето на режимот отворено се нудеа кај високите претставници на новата власт како загрижени за македонската култура, како заколнати патриоти кои, ете, морале, за да преживеат, да ја понижуваат и целата македонска култура, итн. Многумина, пак, ја започната претставата со глумење лудило – дека тие всушност и не знаат што тоа се случувало во изминатиот период, дека тие не ги ни познаваат оние луѓе, дека сигурно е некаква грешка нивното поврзување со мрачните сили на злото. И, за живо чудо, се најде некој дури и да поверува во тие бајки. Како онаа на рифеншталкине, на кодошон, на глумецон и певецон, на оние силни претседатели на стручни асоцијации кои уста не отворија цела деценија ама сега први се редат во редиците пред буџетската каса. Фали уште Сарајлија, жената му, оние ракотворцине од „Скопје 2014“, па маалскион философ и остала багра, после кои би се ределе и сите оние медиумски платеници почнувајќи од Миленко и Миленка, гаѓурестана шителица, аналнине мегафони, цепаницана од Алфа … Еееј, каква колона, се’ безгрешни, кој од кој. И патриоти, докажани.

Затоа, објективно, прашањето зошто мора да добие одговор бидејќи никој нормален не може да ги види бенефитите од нивното продолжено јавање на грбот на развојот на македонската држава и култура, освен за нивен личен ќар. Или – може? Ако може, тој некој(а) мора да објасни: зошто ние односно македонскиот културен буџет мора – зашто тоа дури се поставува и како императив – да подржува бараби од тој полтронски и профитерски формат кои до вчера си ги думкаа децата со пуфлата, го шетаа овчарот на сет, одеа (и не само што одеа, туку и урлаа) на сите партиски митинзи на „најпатриотската“ македонска партија што ја зави државава во црно, некои дури и раководеа со митинзите, па после и со протестите на „тврдоглавите“, оние „стручнине“ упорно ги премолчуваа злосторствата во заштитата на културното наследство итн. Или некој планира нова тура „епохална“ и „вонвременска“ едиција на преводи на белосветски наслови бидејќи се откриени најнови празни магацини каде што тие би биле сместени? Па повторно ќе го активираат библиотекарон – академик, или некој друг изветреан од таа фела, па истата „стручна“ комисија која ќе не’ „крсти“ со нови милиони евра …? Зашто, добро е да знае, нели!

Можеби јас, но и многумина други, недоволно, или воопшто, не ги разбираме придобивките за нашава разнебитена култура од нивното натамошно прекумерно и апсолутно октроирано наметнато присуство на македонската културна сцена. Некој сака да каже дека ние не би опстанале како култура без нивниот (не)културен производ? Многу би сакал да слушнам аргументи во прилог на таа теза. Ако ги има, се разбира. Или ние сега развиваме некакво ново братсво – единство, овојпат со непријателот – да, знам, тежок збор, ама немам подобар, барем не засега. И, да го дообјаснам зборот: некој можеби сака да ми каже дека тие бараби не знаеа што и како се случуваше во македонската култура за време на теророт на пуфлата и пастирот, инаку  нивни „културни“ ментори? Не знаеа колку луѓе се целосно и буквално избришани од македонската културна сцена само заради нивните поинакви идеолошки погледи и неприфаќањето на диктатурата на неписмените? Пак ќе прашам: некој сака да каже дека оние силни награди и пензии на тотални анонимуси се оправдани; дека оние маестрални, дури епохални „национални“ филмски промашувања (вклучувајќи ги особено „делата“ на рифеншталкине, на кодошон и редица други) во изминатава деценија се само случајност; дека оние „грандиозни“ според парите (како оние на непрежалениот ни Сарајлија!) но никако според резултатот изложби се некакво наше достигнување во визуелените уметности; дека истото такво наше учество на меѓународните уметнички манифестации – особено она т.н. Red Carpet на шалабајзерот, „философот“ и пионерот на Венециското биенале – се некакво наше позиционирање на европската и светската уметничка сцена; дека оние театарски „спектакли“ на којекакви трагични будали – еве сега ни рекламираат уште еден таков – навистина нешто значат за оваа култура? Можеби некој навистина ќе ме просветли, и не само мене, ќе ми укаже на нивните вистински вредности кои што, не само јас, никако не успевам(е) да ги согледам(е)?

Или, можеби, нам, денес, се’ уште ни е битна онаа деветнастовековна флоскула дека е добро да се говори за Македонија, дури и во негативен контекст: Ако е така – добро би било (и) тоа да го знаеме. И да се однесуваме соодветно. Иако, сигурен сум, малкумина се подготовени на такво нешто како барабине се’ уште тинтрани од власта! Зашто вистинскиот творец и културен работник има (и) некакво достоинство. Тоа беше доволно видливо во минатото, иако денес помалку. Затоа што сериозниот, демократскиот дел од македонската култура едноставно не сака да создава проблеми. Сака да остави простор / време за посериозно промислување на иднината на македонската култура. А таа можеби нема веднаш да биде спектакуларна, венцо-овенчана и лавоносечка, ама ќе биде чесна, достоинствена, професионална. А верувајте, тоа се битни атрибути во секоја култура, особено во македонската. Погледнете ја, впрочем, судбината на еден Weinstein, некогаш врвен продуцент – денес обичен злосторник, силувач! А зарем нашиве беа многу поинакви, зарем не ја силуваа целата македонска култура – законски, процедурално, монетарно, професионално, се разбира со нивните газди на чело – заради личен ќеф / профит?

ЃУБРЕ

Ако го читате Ордановски, а знам дека сите го читаат, тоа барем се гледа од бројките на неговите колумни – освен, се разбира, ако самиот не си „клика“ по десетина илјади пати, што е вон памет, зашто за тоа би му требале денови – ќе заклучите дека во државава баш се’ е „згодно споиво“, само ако некој тоа сака да го види. Особено највисоката извршна власт со криминалното здружение, нешто што нашето минато искуство го потврди и што функционираше беспрекорно толку години. А по правило баш државата (односно нејзината извршна власт) би требала да биде она „око соколово“ кое гледа се’ (а не мора баш да слуша се’, како што правеа претходнине!) и – да постапува сообразно на законите, тоест на правото, ама и правдината. Зашто, повторно, држава без правдина не бидува. Таа и таква творба е само гомора, само некакво свирипичино во кое што владеат ајдуци и мафиози, калпазани и шупелки. Савиано вели дека југот на Италија, особено делот на крајбрежјето околу Наполи и пошироко, всушност е изграден врз смет, врз отпад (главно токсичен!) складиран од страна на криминалните банди познати во италијанската историја под различни имиња, а кои на тие зделки заработувале огромни профити. Токму на тоа почнува да ме потсетува и Македонија – фактички и метафорички – која што сака да продолжи на патот кон ЕУ и НАТО ама не сака да се справи со своето ѓубре. Односно, сака да гради нова држава – нов живот, што се вели – ама врз отпадот од старата. Тоа досега никој во историјата не успеал. И токму тоа, по којзнае кој пат, ни го кажува оној non-paper. Дури ни поголеми, побогати, посилни, повлијателни држави од нашата не успеале на тој не-начин да се справат со сопственото ѓубре. Иако во тие – поголеми, побогати, посилни, повлијателни држави од нашата – има поголема маса чесни граѓани кои полесно би ги „абсорбирале“ криминалците. А имаат, богами, и сериозни закони, обвинители, судови, па и затвори, кои што туку-така не ги пуштаат во домашен притвор осомничените за тероризам и обид за пуч! Ќе биде ли оној non-paper некакво освестување?

Една професорка вели: силните прават тоа што сакаат, а слабите тоа што мораат! (Убаво кажано, а особено нејзиниот пример со знамето од времето на Илинден, и не само тоа, што денес, од страна на „јужниот сосед“, јасно и гласно беше протолкувано како уште еден израз на иредентизам). Ок, ама мора ли оваа држава секогаш да изигрува – или навистина е’? – слабак, па и кукавица во секој поглед, па дури и кога станува збор за внатрешни работи како што е справувањето со криминалните банди од минатото, безмалу сите со очигледни докази за дивеење против државата и народот? Ако државава мора на надворешен план да го толерира – како поблаг израз од „трпи“ – диктатот на посилните од ЕУ, а во името на некакви повисоки цели (кои што, патем, не се спорни!), зарем мора тоа да го прави и на внатрешен план, со целата бившорежимска структура? И зарем оној non-paper не говори токму за тоа? И уште колку пати ќе мора да ни повторат?

Тешко е да се поверува дека, ете, некој се нафатил да ги аминува, да ги помилува, туку-така, сите нивни злосторства, а во името на некаква иднина на државата, ама се’ некако натаму оди мислата. Јас (се обидувам) во тоа (да) не верувам, а сигурен сум дека тоа никој нормален и не би го направил. Или, ако го направил, тој си потпишал смртна (не само политичка) пресуда неговото име целосно да биде отстрането на македонската историја. И, патем, тоа никако не би била некаква новост во историјата на човештвото: стариот Египет е преполн со изгребани имиња на фараони од ѕидовите на храмовите, почнувајќи од Хатшепсут, преку Екнатон, па наваму.

Но, македонската современа приказна започнува да остава премногу такви и слични сомнежи кои што, секојдневно, како да се дополнуваат и потврдуваат, а никој не се ни обидува да ги оспори. Добро, можеби таквите „дребности“ се’ уште не се ставени на дневната агенда. Можеби, прво, е битно да се сместат таму када што им е местото оние од врхушката, а за стадото ќе се мисли подоцна. Ок, ама премногу нешта почнуваат да бодат очи, да излегуваат од рамката на случајностите, барабите повторно креваат глава и ни брцаат прст во око, а ние – што треба да правиме? И понатаму да ги толерираме? Не знам дали луѓето од највисоката власт ги читаат, или им ги читаат, постовите / коментарите на социјалните мрежи од некои видни  – добро, видни е глупав израз за тие поединци, тие никако не се бореа за да бидат „видни“ – учесници (не само) во „Шарената револуција“? Па и не само од нив, нели, ама човек мора малку да се подзамисли! (Но и да праша: абе, извинете, што се случи со оние неколкумина од „шарените“ кои заседнаа во Парламентот? Занемеа? Да не е тоа заразно?). Коментарите по социјалните мрежи, сакале ние тоа да го признаеме или не, се одличен индикатор за расположението токму на оној дел од симпатизерите, приврзениците, соборците на оваа власт, а тој дел беше / е’ голем. И ѓаволски му пречи толерирањето на квислинзите и петтата колона, чудното игнорирање на нивните улога и заслуги за толкугодишното функционирање на режимот на овчарот, дури, во одделни сегменти, приоритетното задоволување на сите нивни потреби и денес. Заложбите за поставеноста на новиот демократски поредок – а овој мора токму таков да биде, нов и демократски, инаку нас нема да не’ биде – едноставно се неспоиви, спротивни и спротивставени на форсираното премолчено толерирање на отпадот од бившиот режим. И не само тоа, туку и нивното се’ погласно барање некакви права – како да ние ги имавме во времето кога тие дивееа на овие простори! – кои не се ништо друго туку потсмевање и, да простите, отворена заебанција со целиот чесен народ во оваа земја. Зашто, ако еден „градежник“, без оглед што градел насилно и противзаконски, бара да му се платат сите трошоци што ги направил ако властите ги сменат дуп-овите, а одговорните молчат, на што упатува тоа? Да не’ ќе треба сега на таквите повторно да им се долеваат народни пари, сега на име надомест на „штета“? Или ако погледнете кој се’ во културата повторно се богати – снима „филмови“, издава „книги“, прави „претстави“ … – на грбот на буџетот, и тоа, велат, со интервенции од највисоки места, тогаш што треба да мислат оние кои беа репресирани, дистанцирани, депривирани, малтретирани цели дванаесет години токму од пајташите на овие бараби? Се задушувавме во нивното ѓубре цели дванаесет години, малку ни беше? Моравме да ги гледаме нивните срања наречени филмови, да ги читаме нивните испрдоци крстени книги, да се воодушевуваме на нивните деветнаесетовековни „спектакли“ во театрите, да се смееме на нивните идиотски стенд-ап шеги … Гомората наречена Македонија стана културна депонија на библиотекари-академици, на алуминизирани до лудило сликари, на дилетанти самопромовирани во скулптори, на митомански писатели, на партиско маалски философи, на дилетантски сестрински филмски мануфактури и разлигавени режисерски кодошчиња …, малку ни беше? Па добро, дајте уште, да видиме колку можеме да издржиме! Или барем, ако веќе некој не може без нив, издвоите ги, изолирајте ги од нас, да не им ги гледаме суратите и слушаме паролите за големата љубов кон народот и татковината, дајте им еден цел буџет само за нив, нека се глодаат меѓу себе ко гоморски пци, зашто друго и не се, а нас нека не’ остават раат. Гоморното ѓубре нека скапува заедно и нека не ни ја труе околината!

(ДЕ)ЛЕГИТИМИРАЊЕ

Да, во отсуство на морал, стандарди, критериуми и професионализам, кај нас се’ е можно, па дури и да поверуваме дека некој, ете така, преку ноќ, сонил дека на државата и на народот им сторил лошо – ма како лошо, да е лошо добро е, туку ги лажел, ги манипулирал, ги омаловажувал, ги правел мајмуни … – па му паднало некако тешко и решил – да се извини. Ете така, из чиста мира! И ние почнуваме да му ракоплескаме, да го тапкаме по грб, браво мајсторе, дај петка, така треба. Ние, па и судот, дури и’ поверувавме и на онаа шителова гаќарка дека се покајала и се извинила за затајување данок. Па се разбира дека се покајала – за да не оди во Шутка. А кој не би? И приказната завршува со тоа? А зошто овие кои сега наводно се извинуваат не побараа на времето да му се овозможи и на Кежаровски да се извини, на пример? И така да избегне затворска казна? Ама не, тие ја пумпаа јавноста со штабквартирните соопштенија за вината на новинарот, нели. Или, ако баш сакате, зошто никој не го праша овчарон, пардон – пастирон, дали се кае? Зарем тој не би се покајал за да куртули од првите две години во бајбок, после кои што, веројатно, ќе следат уште многу други, дај боже? И тој постојано ли ќе се кае? Или, да останам во сферата на медиумите: кога ќе видите каде отишол премиерот на тв дуел со „лидерот“ на опозицијата – во самото штабквартирно дувло на бившорежимската застрашувачка медиумската манипулација – повторно ви се наметнуваат прашањата за нашите критериуми и стандарди, но и за многу повисоки нешта, ако такви постојат. А постојат, се разбира, и треба да се почитуваат. Безрезервно, во сите сегменти, во секоја ситуација

Едно од тие е дека со нашите постапувања ги верификуваме, им даваме (додаваме) или им одземаме значење на нештата. Особено ако сте висок државен функционер, ако се залагате за чест, морал, право и правда. Затоа, во наши услови, такви какви што беа, и се’ уште се, секој контакт со „манекените“ на бившиот режим и особено со првите виолини (може да) се толкува не само како слабост, и никако како доблест, туку како гест на релативизација на нештата, особено на злосторствата и криминалот, како чин на некакво прифаќање, помирување или дури нивно легитимирање, што е уште полошо. Да, знам дека највисоките функционери, по природата на работата и позицијата, мора да се среќаваат и со погореспомнатите, па во некоја прилика и да седнат на иста маса со нив. И добро е кога им говорат дека безочно ја пљачкаа државата и треба почесто тоа да го прават но, би рекол, нека биде тоа повеќе од дистанца отколку од иста маса. Нека биде тоа од, на пример „24“, од „Алсат“, од нована телевизија, од свирипичино, ако треба, но никако од некогашните медиумски инструменти на злото. Нам, денес, ни треба токму такво делегитимирање – јасно, јавно, цврсто, непоколебливо – не само на тие медиуми, туку на целата македонска реалност. Без оглед до кои и какви „височини“ допира. А впрочем, добрата страна, ако воопшто смее такво нешто да се каже, на криминалниот режим е што ни го покажа токму нивото на македонските некогаш неприкосновени „височини“, почнувајќи од МАНУ, преку новинарската фела, културата итн.!

И знам дека секогаш (ќе) постои аргументот дека Македонија е мала, најчесто не можеме да ги избегнеме контактите дури и да сакаме, но Македонија на актуелниов начин на справување со остатоците од режимското ѓубре ќе станува се’ помала и помала, додека да ја снема. Зашто, државите ги нема и кога се тука, или само мислат дека се тука, ги има на географската карта но во реалноста се само сенки, одвај се гледаат од криминалот и бандите што ги задушуваат! Таквите држави се ѕидани врз ајдучки темели, врз лаги и манипулации, врз пљачки, па и (нерасветлени) убиства. Тоа се, за жал, гомори, не држави. А ние натаму одиме со нашиот не-третман на припадниците на бившиот режим, со нашето помирливо ракување со секакви криминалци, со секое наше добар ден на барабите кои до вчера буквално ни го крадеа животот. Особено на перјаниците – не оние неколкумина кои веќе секојдневно ги гледаме пред судот, зашто тие самите, колку и да беа вични на криминалот, не ќе можеа да го постигнат тоа што го направија на оваа држава – на гласноговорниците, на хушкачите, на јатаците, на полтроните … Ние дефинитивно доцниме со процесот на делегитимирање, јавно, јасно и гласно, на таквите поединци, групи, медиуми, институции. А секој изминат ден е уште една цигла плус во гомората, во зацврстувањето тие подземни сили што буквално ја растураа државата, нашето секојдневие, нашите вредности. И тоа ќе го прават и во иднина, ако им се дозволи. А им се дозволува. Та, само пред месец дена една новинарска цепаница водеше хајка на една од „националните“ телевизии против можеби во моментов најстручната музејска комисија, нарекувајќи ја дилетантско партиско активистичко тело само заради фактот што се дрзнала да го преиспитува основањето и општествената оправданост на оној Музеј на македонскиот хорор! И кога тоа би бил навистина стручен и аргументиран став, ама цепаницата нема врска ни со култура, ни со уметност, со музеи најмалку, што ќе рече дека подземните центри се’ уште лиферуваат соопштенија, наредби, квалификации, пресуди … а мегафоните – пренесуваат. Токму како во времето на овчарот, пардон – пастирот.

А ние? Ние спиеме мислејќи дека некој друг ќе ни ја заврши работата!?

(НЕ)НАДОМЕСТЛИВА ШТЕТА

Многумина низ призмата на актуелниве правни разврски гледаат почеток на владеење на правото односно ги „читаат“ не баш срамежливите зачекорувања на правдата во државава. Тоа право тоест правда, ете, доаѓа по своето, прво во вид на пресуди – што ќе рече: некакви правни компензации за направените штети – а потоа ќе мора да дојде на ред и материјалната компензација преку процесот на враќање на опљачканото. И секој нормален и правдољубив човек ја поздравува таквата разврска на настаните. Иако сите знаеме, како што веќе често спомнував, не само јас, се разбира, дека многумина, па и опасни криминалци односно политикантски (намерно не велам политички, зашто тоа никако не се!) преваранти, ќе останат вон дометот на правото и правдата, заради редица за обичниот човек неразбирливи причини. Меѓу другите, на пример, и т.н. претседател на државата, прво како член на злосторничкото здружение, а понатаму и за сите негови познати и непознати активности со кои тешко ја оштети државата, демократијата, правдата. Иако многумина, меѓу другите и „седмата сила“, отворено прашуваа(т): што се чека? Но, тоа е друга тема. Сега и овде е битно дека процесот конечно започнува, дури и со пресуди со јасно и гласно определени материјални обештетувања по имотот на државата тоест парите на граѓаните што ќе мора да бидат надоместени од страна на криминалците. И таквите случувања, веројатно, ќе продолжат со забрзано темпо! Притоа, секако, никако не ќе може да стане збор за комплетна материјална компензација бидејќи, прво, многу злосторства нема да бидат откриени и пресудени, а кај голем дел од пресудените тешко дека ќе може да се наплатат побарувањата зашто тие лежат којзнае каде во таинствените пештери на даночните раеви.

Ама, јас овде повеќе би се занимавал со оние другите, оние т.н. ненадоместливи штети што оваа држава и овој народ односно неговата култура, наука, образование, здравство … ги претрпеа во континуитет од повеќе од една деценија во оваа страдна, заробена земја. И најчесто, за жал, таквите штети се и најголеми, немерливи, ненадоместливи, неповратни.  Како, на пример, ќе го „измерите“ повеќегодишното стагнирање на науката во оваа држава (преку механизмот на недоделување средства за научни истражувања), нешто за што дури и „највисоката“ научна институција во земјава молчеше ко заливена? Каде беше оној денешен Фити да крене глас контра таквата појава? Или си го препрочитуваше, за да го научи напамет, ако му затреба, магистерскиот труд на неговиот газда, за чиј што потпис сите мануковци ко прволачиња стоеа во редица? Или, зошто истиот тој, ама и многумина други, збор не спомнуваат за децениските штети во културата на оваа држава, за изманипулирани и убиени во поим генерации и генерации млади, и не само млади творци и културни работници, за упропастени и клиентизирани редица еминентни македонски уметници (иако, за волја на вистината, тие само докажаа дека го немаат токму она суштинско уметничко во себе кога дозволија да бидат инструментализирани од шупелки како пуфлата и пастирот!), за неповратно упропастеното културно наследство, за враќањето на културата барем два-триесет години назад, што за една држава како Македонија е погубно, итн. Зарем тој Фити, кој, верувам, знае за културата и уметноста колку јас за рударството, ама и сите други во таа „врвна“ институција, особено оние во Одделението за уметност, не знаеа, не гледаа што се случува во државава на планот на културата? Зарем не гледаа дека нивниот пајташ Грозданов како претседател на Советот на пуфлата само ги аминува сите криминали на злосторничката банда, криминализирајќи се не само себеси, туку и целата „институција“ што го делегирала на таа позиција? Толку ли се слепи и, ќе си дозволам – глупави, тие луѓе кои ги плаќаме со суво злато толку децении? Та не знаеа ли ни што се случува во Охрид, каде си го имаат летниковецот во ликот на куќата на Робевци, или пак, ако смеам – тоа ли беше цената за молкот на МАНУ во изминатата деценија? Ефтино, ефтино до зла бога! Или, да го спомнеме, ако навистина треба, „Скопје 2014“? Кое би било оправдувањето за тој монструм? А сепак, ваквите штети, се’ уште, никој не ги спомнува, ниту пак ги процесуира?!

Или, да не го заборавиме здравството: зарем во тој „врв“ на македонската мисла нема академици од тој ресор, или тие се таму само за украс, нешто како гоблени на ѕид, зашто тоа им е единствениот репер? Како тоа барем еден не зуцна за разнебитувањето на јавното здравство, за уништувањето на Клиничкиот центар, за партизирањето на целиот овој витален сегмент за една современа држава? И каков ќар имаа од тоа? Па образованието, особено високото – зашто ако го спомнам основното образование ќе треба да говориме за геноцид! – каде повторно посебно се истакна еден мануковец, оној „големион“ по физикус ама дури бедно мал по капацитет, кој седеше во сите комисии и одбори за акредитации и слични будалаштини и малку фалеше да продолжи со неговата активност и денес? И тој ли, и тие ли, ќе поминат туку-така, како и се’ друго во државава што не е врзано со конкретен злостор, кражба, купување на возило, наместен тендер и слични будалаштини? Ако има некој професионален и барем малку повешт и освестен обвинител, тој би седнал, би превиткал бел лист хартија и таксативно би ги редел, од еден до сто, ако треба и до илјада, ваквите случаи на извршена долгорочна и ненадоместлива штета против државата и народот. Зашто, токму спомнатите штети, и многу други овде неспомнати, се неспоредливо поголеми од, на пример, набавката на едно или триста возила. Ако тоа некој не може да го види, и разбере, тогаш имаме сериозен проблем, како држава, како систем, како право и правда. Некој попаметен, а многумина се такви, ќе ми сугерира дека, можеби, такви злосторства не се предвидени во КЗ. Штета ако е така, иако не сум сигурен дека навистина сме биле толку глупави да не согледаме дека се можни и такви злосторства против државата и народот.

Или, можеби, некој сака да ги заборавиме и медиумите и нивното историско, антидржавно, антинародно, ненадоместливо злосторство, тој медиумски холокауст во целата измината деценија контра македонскиот народ? Можеби некој мисли дека она простачко, лицемерно, надуено, пробисветско „извинување“ на директорот, или што и да бил, или е’, на довчерашната режимска анална вувузела треба да биде џокерот што ќе ги изземе од гонење? Се разбира, се’ е можно кај нас, па дури и тоа, но за тоа следниот пат.

ИНТЕЛЕКТУАЛНИ (У)СЛУГИ

Како што, според многумина умни, македонското правосудство тешко или воопшто нема да допре до вистинските инспиратори на оној злосторнички 27 април, како што впрочем не ги откри ни директните иницијатори за оној 24 декември, така и (не само) во културата, очигледно, нема да дојдеме до вистинските ороводци на сите злосторства во изминатата деценија. И затоа, можеби, не би било баш фер сите криминали да и’ се стават на душата, или грбот, само на пуфлата која, објективно, нема(ше) сериозни капацитети – од кој и да е’ вид – за којзнае какво планирање на високоумни или високостручни „операции“ какви што ни се случуваа во изминатата деценија. Таа беше едно бедникаво извршителче на туѓи монструозни идеи и замисли за разнебитување на македонската културата, со сосема други, далекусежни цели. Не велам дека таа не се офајди – дапаче! Тоа барем е јавна тајна. Каде и да чепнете во Министерството за култура ги гледате трагите на нејзините прсти! Ама и на претходните министри, да не се лажеме. А нив никој не ги спомнува. Зошто?

Иако, од друга страна, знаеме и многумина други од таа узурпациска фела, по име и презиме. На пример, ако говориме за она што го наведов минатиот пат – оние тешки и за жал неповратни историски злосторства во срцето на Охрид – тогаш, повеќе или помалку, познати се сите персони и по командна и по извршна и по секоја друга одговорност. Само што не гледаме дека некој со нив навистина се бави! Или, на пример, кој (дури и законски) ја аминуваше преобразбата на истото тоа Министерство за култура во градежна „гг“ фирма? Цела бивша Влада, сосе Собранието? И кој се’ имаше конкретна, дебела финансиска полза од тие активности, па чии се’ фирми учествуваа во девастацијата на главниот град, итн., итн.?

Или, ако говориме за оние кои Ризаов некако воздржано, да не речам по малку нагалено, ги нарекува само „соучесници во инсталирањето на груевизмот, креатори, апологети и слуги на режимот“ во македонските медиуми, и таму ли, поименично, не ги знаеме злосторниците односно наредбодателите и извршителите? Па дури ни оној човек-шише, што би рекол Тричковски? Не ги знаеме ли ниту режимските вувузели што ни ги силуваа ушните тапанчиња со нивните пискаво хистерични гласчиња, или оние во т.н. пишани медиуми кои на ист начин, секојдневно, црно на бело ширеа омраза и навреди низ македонскиот медиумски простор? Та не сме белки толку заборавни?

Е сите тие, за разлика од ордите што слепо се влечеа по нив, можеби и можат да доползат до онаа група на „идеолошки противници и/или интелектуалци“ на г-дин Нацевски, иако со не мала резерва. Не можеме да им ја одречеме, секако, интелектуалната подлога, ако под тоа се подразбира – а кај нас само тоа се подразбира под тој поим – завршената (некоја и некаква) висока школа, главно со шестки, нели, колку да се протурка тоа што се мора. Но тоа не е некоја битна разлика во однос на ордите следбеници, бидејќи и во тоа стадо има(ше) многумина со факултетски дипломи, магистратури, докторати. Можната разлика е, веројатно, во самиот тип на „интелектуалниот“ ангажман на првиве: тие беа некакви „водачи“ според моќта и дострелот на нивните медиуми, особено кога тие медиуми беа на врвот на силата, обилно финансиски дарувани од режимот за нивните услуги. Но, кога од оваа дистанца ќе се потсетите, ќе ги препрочитате или дури прегледате нивните медиумски ангажмани во полза на криминалната банда, гледате дека таму всушност нема ама баш ништо интелектуално, туку сето тоа е само една огромна планина од омраза, медиумско насилство, нестручност, непрофесионалност и, што е најлошо – необразованост! Сето тоа што на времето беше говорено и пишувано во полза и за сметка на режимот беше плитко до зла бога, неуко, популистичко, одвратно хушкачко.

И токму зборот услуги е она нешто, мало но битно зборче кое што фрла појасна и повеќеколоритна светлина врз мотивите за тој нивен интелектуален ангажман и, што е уште поважно, врз нивната потенцијална идеолошка определба. Тоа мало но важно зборче е токму идеолошко интелектуалниот праг, или границата, која што го дели вистинскиот интелектуалец од платеникот (со диплома, или дури докторат!) ангажиран во гласноговорничката мрежа на еден режим со огромен криминален аутпут. (Впрочем, нели и зборот слуга потекнува од услуга, или беше обратно? Како и да е’, повторно се сведува на исто, а нашиве „интелектуалци“ беа жив пример за тоа!). Зашто тие не вршеа никаква интелектуална или друга работа освен што му правеа услуги на тој – се покажа – ненароден режим. За дебела надокнада, хонорар, плата … наречите ја како сакате, што новата Влада го обелоденува денес преку листата на советници на умислениот народен водач. И кога таа листа ќе ја прочитате убаво, натенане што се вели, и кога ќе ги видите биографиите, па и фаците на тие на неа, работите стануваат многу, многу појасни околу интелектуалните капацитети не само на тие персони туку и на оваа држава. Таму дури, црно на бело, стои и човекот-шише, сопственикот и управувачот на т.н. медиумска македонска империја, кому, ете, му дошло и до тие 2.500 евра месечно од парите на народот! Тогаш ќе го видите сиот неморал, сета црнила на македонскиот интелектуалец и, ако баш сакате, ќе ви стане појасна македонската историја барем стотина години наназад, и повеќе. Зашто тој список, тој македонски интелектуален „крем“ – зашто мора да бидете тоа за да влезете на списокот на советници на премиерот, нели? – е „крем“ во типична балканска варијанта: запиперен, забиберен, пелиносан, изгор лут и горчлив, а одозгора карамелизиран со дополнителен чили додаток. За да ве пеплоса целосно, докрај! И сега, кога еден таков список на злосторници ќе прострете низ сите државни органи, зашто секој министер, секој директор од таа криминална банда имал свој список на советници, тогаш уште појасни стануваат димензиите на учеството на македонскиот интелектуален „крем“ во злосторствата против државата и народот. Вклучувајќи ја тука и неизбежната, се разбира, МАНУ, која што, ете, сега дури се дрзнува да држи и лекции дека никој нема право да преговара за прашањата на националниот идентитет. Што, се разбира, е така, ама кога еден режим правеше се’ за да го урниса тој национален идентитет, да го трампи дури за антички, да ја пљачкосува државата токму со учество и на нивни членови, истата таа МАНУ – молчеше. А тие се, нели, кремот на кремот?! Страдна (Илинденска) Македонија со такви интелектуални капацитети!

МАФИОЗИ, ПРОБИСВЕТИ И КРИМИНАЛЦИ

За нештата да бидат појасни, треба да се имаат на ум зборовите на г-динот Нацевски (Бошко) кој јасно вели дека ние, во принцип, немаме работа со идеолошки противници и/или интелектуалци, туку со мафиози, пробисвети и криминалци. Токму тоа се, и ништо друго, оние 10-20 илјади, или можеби дупло повеќе, бившорежимски бараби во јавната администрација, и не само таму, кои се’ уште ги уживаат сите граѓански благодети, вклучувајќи и плати од парите на македонските даночни обврзници. И точно тоа и, условно да речеме, ништо друго не е проблем во оваа јавна администрација, вклучувајќи ја тука и културата која пак себеси не сака ни да се гледа како дел тоа – демек како јавна администрација – туку како нешто посебно, привилегирано, ама особено неотчетно, неодговорно, нетранспарентно … што ќе рече како нешто што не подлежи на овоземните закони во државава. А впрочем, токму така и се однесуваа(т) поедини персони во македонската култура изминатава година, вклучувајќи ја тука и фантазмагоричната желба на ороводецот на упадот во Собранието на 27 април да пее на годинешниве Мајски оперски вечери. И, веројатно, му дозволиле, нели? И после – цацко ни е виновен? Или можеби Грците? (За Албанците муабет да не правиме, тие се дежурни виновници, како што впрочем ни „сугерираа“ едни „креативни“ сестри, миленички на пуфлата!). Ако / кога македонската култура не може, не умее, или не сака самата да се справи со чирот во нејзиното ткиво, со гнојот што ја контаминира одвнатре и ги убива и здравите млади, нови клетки, тогаш со тоа ќе мора, за жал, да се бави некој друг. А нема друг освен државата со нејзините одбранбени казнено – поправни и превентивни механизми што и’ стојат на располагање.

Но, ние, денес и тука, се соочуваме со друг, безмалу невиден во праксата проблем, а тоа е одбивањето – отворено или прикриено, сеедно – на сите односно единствените компетентни фактори да се справат со очебијниот проблем. Не велам дека тоа справување е’ или би било лесно. Напротив. Но тоа се обврски, па и жртви што секоја нормална – освен нашата – држава мора да ги исполни. Освен ако, се разбира, не мислиме дека една таква важна област како културата треба да биде целосно контаминирана и превземена од оние мафиози, пробисвети и криминалци од почетокот на текстот. А богами, со последните случувања, натаму одиме. Као – кој ја есапи културата за сериозна државна работа. Таа е добра само како ресор за трампа, како мечкини или волчји кожи во минатото. Можеби во вакви држави тоа е така, ама кога таа култура и’ се удира од главата на државата, мноооогу боли. Тоа го почувствувале некои претходни власти. Затоа, мора да се има предвид дека нема ама баш никаква разлика помеѓу спомнатите категории (мафиози, пробисвети и криминалци) и нивните пандани во културата. Ама баш никаква, без оглед колку оние наши актуелни пробисветски братства и сестринства, и не само тие, продавале пуфки околу нивната наводна национална опција. Тие на тоа не мислат, ниту ги интересира. Некој ќе каже – и не треба да ги интересира. Добро, ама зошто тогаш бараат пари од овие даночни обврзници? Зошто не ги бараат во „ујорк, во Брисел, во Париз или Истанбул?

А, впрочем, пред законот, ако добро паметам, нема никаква разлика ни помеѓу извршителот на злосторството и соучесникот во истото. Е сега, кај нас, можеби е прашање на пропорции односно егзактни бројки колку има директни извршители а колку соучесници (на еден или на друг начин) во злосторствата против македонската култура. Но и тоа се утврдува низ процесот на селекција, или ревизија, ама ние никако да го почнеме тој процес. Кој што процес тукушто започна. Оттука и прашањето: кому, директно или индиректно, му пречи отворањето на тој процес (и) во културата? Или, ако сакате, која е, и каква е, имено, разликата помеѓу набавката на оној maybach што чини околу 600.000 евра и исто толку, но често и многу повеќе, пари фрлени за еден „филм“? А кај одделни мафиози, пробисвети и криминалци таквите зделки течеа континуирано, секоја или секоја втора година! И тоа им го овозможуваше никој друг туку криминогената јавна администрација во културата и т.н. културни работници. И секогаш имаше за сите по нешто: за големите многу, вреќи пари, за помалите – малку, некое патување во странство, подароче вакво или онакво, некое ситно задоволство … Кога би ги собрале сите културни буџети во изминатата деценија на една страна и она што со таа планина пари било направено како културен производ од страна на македонската „култура“ и „уметност“, дури тогаш би можеле да ги согледаме вистинските димензии на културниот злостор во државава. Иако, за умни луѓе, и „Скопје 2014“ е сосема доволно!

Впрочем, токму затоа многумина велат дека во изминатава година не се направи најважното (ама барем се започна) – токму правото и правдата односно казната за големите и малку помалите криминалци кои ја запустија оваа земја и нејзината култура, наука, образование, здравство, економија до границите на вистинска катастрофа и невиден во македонската историја грабеж на државен имот. И да, некои од најголемите сега се влечкаат по судови, таму каде што им е местото. Ама многумина, па и јас, говориме за ордите шти ги следеа, што беспоговорно ги слушаа и ги спроведуваа нивните наредби. На пример, оние кои половина град Скопје го избришаа од листата на заштитено културно наследство а на негово место впишаа кичерски стиропорни градби за потсмев во целиот цивилизиран свет. Говорам за злосторства од такви димензии кои ја чинат оваа држава не само углед и пари туку и историја, идентитет, традиција. Или она мегаломанско злосторство на Плаошник, започнато прво со неказнетото уривање на остатоците од џамијата на Имарет? И за тоа ли требаат дополнителни докази кога таму не само што се’ уште стојат монструозните градби туку уште и се гради?! А инспираторите, креаторите и реализаторите и понатаму се на државна плата?! И тоа ли се сака да се заташка? Или, на пример, онаа која бараше ноќ на долгите ножеви, сега продолжува како факултетски наставен „кадар“? Ќе ги подучува студентите на – што, на кратката историја на победата на нацизмот во Германија? Или некој сака да игра на картата на заборавот? Ама токму тие забораваат дека младите, студентите, беа тие кои први ги почнаа протестите во државава против криминалната банда. А тие, богами, ќе паметат уште долго. Прашање е како ние можеме да им помогнеме. Можеме. На пример, можеме, како што почнав, јавно, јасно и гласно да ги набројуваме криминалите на не само на главешините на претходната власт туку и на оние кои ги следеа нивните наредби. Слепо, беспоговорно, крајно поданички, целосно клиентелистички!

РЕВИЗИЈА

Кога Тричковски вели дека „без радикална ревизија (…) нема ништо, (…) ни Култура, ни Општество, ни Нација, ни Држава“, тоа никако не е вообичаена флоскула за некакво неопходно (и, во крајна линија, можеби последно можно) демократско освестување во државава туку, по се’ што видовме, се покажува и како императив за преживување на демократијата на овие простори. Да, тоа звучи прилично дефетистички, дури безнадежно, зашто сите тие последни шанси ние по обичај ги пропушт(в)аме и не сум сигурен дека ваквите историски мигови – мигови за сериозни и важни одлуки – се баш така лесно повторливи. Се разбира дека ниту една власт не може да ги исполни очекувањата на сите, често дури и на најогнените нејзини приврзеници, па и соборци. Но овде воопшто не станува збор за тоа. Уште помалку станува збор за остварување / изневерување на некакви (утописки?) идеали, можеби во Шилерова смисла, кои, верувам, многумина ги имаа во таа „македонска пролет“, односно за тоа дека сега и тука сите ќе бидат задоволни и се’ ќе биде прекрасно. Далеку сме ние од таквите идеали! Ние, со „нашено“ Скопје 2014 кое изгледа е смртоносно отровно и никој не смее да го допре, сме предалеку дури и од враќањето некои веќе стекнати естетски идеали, инаку природни за овие простори. Значи, тоа се нешта кои и понатаму ќе продолжиме да ги сонуваме, до некој поубав ден, ако воопшто.

Но, ние денес, речиси една година по воспоставувањето на новата демократска власт, се’ уште ламентираме за очекуваниот конечен демократски пресврт во целокупното функционирање на државата, за трасирањето не идеален туку барем безбеден пат за демократската мисла и иднината на таа толку чекана демократија. Поточно, голем дел од (не само) интелектуалната јавност ја разбираше демократската обнова и како проветрување, пребројување и ревидирање на македонските демократски и интелектуални потенцијали преку јасно и гласно поставување на границите – ако треба и жар црвени – на толеранција на антидржавното и антидемократското (што му доаѓа на исто!) однесување. А во таа насока и ревизијата за која говори (не само) Тричковски, и тоа во сите сегменти на државното функционирање. Зашто, ако онаа Бришковска сега повторно ни ги пишува законите, ако оној Дурловски директно од притвор се враќа на сцената на МОБ, ако уште илјадници режимски профитери и осведочени клиенти се’ уште ни солат памет што и како треба да се прави во државава, тогаш – да не сме згрешиле некаде, да не сме го утнале правецот? Или, како што пишува Ризаов, ако оние гериз медиуми и уште погериз новинари, „соучесници во инсталирањето на груевизмот, креатори, апологети и слуги на режимот“ сега ни ги/се „претставуваат како храбри праведници“, која и каква е тогаш поентата на демократските (медиумски) промени во земјава? Тие ли се, повторно, новите демократи, реформатори, професионалци …? Па тогаш и она глупоно фирерче ли ќе продолжиме да го гледаме и слушаме како мерило за право и правда во државава? И впрочем, зборовите на Ризаов можете комотно да ги спрострете во секоја област од македонското живеење, од медиумите, преку културата до бизнисот, и резултатот ќе биде идентичен: сите режимски бараби сега се преродбеници, реформатори, „шарени“ или барем повеќебојни, прогресивни и демократски настроени. Тогаш, ви доаѓа да (се) запрашате: па добро, кој the fuck го поддржуваше режимот толку години? Има ли некој одговор на ова прашање ако сите, денес, сме со Заев и со новата Влада, проширена и надградена?

И во таа насока, а следејќи ја логиката на цитираната поента за медиумите, ако некој мислел дека, ете, малубројните сериозни новинари / медиумски личности во државава – па нека се и десет, а повеќе се – цврсто ќе застанат во одбрана на професијата и нејзините демократски стандарди дури ако тоа подразбира и одземање на лиценци, концесии и дозволи за работа и се’ друго што следи после онаква дванаесетгодишна медиумска харанга каква што преживеа македонското општество – тој некој дефинитивно се излажал. Ама не се излажал само за медиумите, туку комплетно ја утнал приказната во сите важни државни државни сегменти – во образованието, во културата, во здравството, во науката, во бизнисот. Многу е? Епа – многу и беше, односно илјадници криминалци и режимски профитери во сите овие државни сегменти заработуваа на туѓата мака, врз грбот на деградираните и дискриминираните, грабаа за себе и за партијата од данокот плаќан од сите граѓани на оваа држава. Ако само јас можам да набројам стотина такви бараби во културата, зарем не можеме сите заедно да дојдеме до некоја приближна бројка во државава што одговара на реалната состојба со овие македонски гниди? Или – не сакаме? Зошто? Бидејќи ни се колеги? Јас, извинете, такви колеги ни прифаќам ниту пак ги есапам за живи, денес и овде. И тоа не е ригиден став, тоа е само сериозно обмислен одговор на нивното довчерашно однесување кое што ја чинеше државава не (само) пари, не (само загубено) време, туку углед во Европа и светот и назадување во процесите за кои што мислевме дека сме ги надминале! И нема да поставувам прашања за други области кои што, да речеме, ми се подалечни, иако не се, ама ќе прашам, на пример: немаше ли, денес, ИКОМ друг модератор на престојното советување освен бившата претседателка која ја преспа целата измината деценија и комплетно го премолча најголемиот злостор во македонската музејска практика – незаконското полнење на депоата на македонските музеи со вмровско „уметничко“ ѓубре? И тоа е е едно од најбенигните прашања што можам да ги поставам, сега и тука, за македонската културата и барабите кои се’ уште (дури кочоперно!) шетаат низ македонското културно милје.

Затоа, да се вратам на Тричковски: ако една држава, која што претендира да биде сериозен европски партнер, не умее да се справи со 2-3, па нека се и 10-20 илјади, или дури и повеќе, бившорежимски бараби во нејзината администрација, за што тогаш ние разговараме? За демократија, за прогрес, за стандарди, за идеали?

(САМО)ПОНИЖУВАЊЕ

Не мора сетилата да ви се специјално изострени кон јавниот но и кулоарско кафеанскиот збор за да ги фатите сите оние озборувања последниве месеци дека некој – во превод: новата власт – запнал да ја омаловажува и понижува културата, да не ги следи и сервисира нејзините вистински потреби и слични будалаштини. Дури, еден „стручњак“, генсек на некаква-си-партија со име (лично и партиско) целосно анонимно за македонската културна сцена, јавно се беше загрижил дека, демек, Министерството за култура ги брка македонските уметници од земјата. Бреее, каква грижа за домашната култура, ќе си речете дека некои луѓе просто сон не ги фаќа од такви и слични грижи и  проблеми, а културата им е пред очи дури и кога ќе успеат да заспијат. Нешто слично како онаа грижа на Таки Фити и мануковците за „опасната ситуација“, која што (за нив, и според нив) не беше нималку опасна кога барабине цели дванаесет години пљачкосуваа низ земјава, ни ебаваа (да простите) мајката како сакаа и умееа, киднапираа градови, па и целата држава … а „загрижениве“ – ни да писнат. И сето тоа време никој во културава не се почуствува понижен, оној партискион „стручњак“ не помисли дека токму таквите состојби ги бркаат уметниците од државава, а заспанине мануковци не намирисаа „опасна ситуација“ не само за државава туку и за народов и неговата култура? (Патем, зошто никој надлежен во/за МАНУ малку не помисли за самораспуштање на институцијата? Зашто, извинете, ама изминативе години навистина докажаа дека државава, а особено народов, немаат ама баш никаква полза од нив!).

Ама сега, ако во културата смените некој од алчнине криминални директори – ја понижувате институцијата? Или ако ги терате да работат по ПС, што ќе рече чесно и професионално, пак ги навредувате. Ако пак им ги ускратите довчерашните бандитски привилегии – автоматски им станувате најголем непријател. А башибозукот што владееше дванаесет години и ја одведе струката – која и да е’, сите со ред – во водите на дилетантизмот, на пљачкосувањето, на волунтаризмот и клиентелизмот, е тоа не било понижување на дотичната институција, на нејзините вработени, на професијата? И тие исти вработени, „стручњаци“, кои беспоговорно ги следеа и учествуваа во сите далавери, но и оние кои не учествуваа ама не смогнаа сила јавно да кренат глас против новата фашизоидна културна политика на „патриотите“, тогаш не се (по)чувствуваа понижени? Оттука и прашањето: кој навистина во оваа држава може, и треба, да се чувствува понижен, омаловажен, деградиран, депресиран …, тие – или ние? И тука, извинете, ама правам јасна и како брич остра дистинкиција меѓу нив и нас, меѓу тие и ние, меѓу демократската и тоталитарната јавност, култура, професија итн. И не прифаќам, ама воопшто, поместување на границата помеѓу злосторникот и жртвата, не прифаќам христијанско или какво и да е’ друго (квази)милосрдие зашто злосторот, ѓаволот, мракот … едноставно не се простува!

И тука, токму во таа насока, не можам да се оттргнам од чувството, или фактот, како сакате, дека започнуваме да живееме некакво интермедијативно време, или меѓу-време, кога злото се престорува, тоест престројува во некакво фиктивно добро, во наш соборец а всушност душман, во прогресивна а всушност регресивна и ретроградна сила. Не ги знам точно, уште помалку сакам да шпекулирам за носителите на овие тенденции (не само) во македонската култура. Иако не е тешко да се насетат заговорниците на таа „опција“ како некаква нова државна струја. Но, се’ уште се обидувам да верувам, иако се’ помалку, во (само)прочистувањето, во (само)диференцијацијата или, конечно, во личната желба да се биде различен од злото, од непријателот. Затоа кога и да прочитам за некакви слични ситуации во регионот и за сериозната реакција на вистинските професионалци и интелектуалци засегнати во слични случаи како нашиве, секогаш се прашувам истото: добро, што е нашиот проблем? На пример, ако во Хрватска единаесет новинари се откажуваат од некаква еснафска награда заради фактот дека истата ја добива и некаква шушумига која што, според нивните стручни критериуми и стандарди, тоа не го заслужила, зошто такво нешто не се случува и кај нас? Како е можно сега, после се’, сите се’ уште да седат заедно, да си се смешкаат или тапшаат по раме, дури си гостуваат во емисии, а до вчера (па и денес, ама ѓоамити малку подзатскриено) оние иморални гериз медиуми ги плукаа(т) и посочуваа(т) како македонски предавници и национални изроди? И како е можно, се’ уште, после сите зла што ги нанесоа на државата и народот, такви иморални медиуми да имаат национални лиценци, низ медиумскиот простор да шетаат коекакви самоумислени шмизли „на проект“ и оние исти мегафон новинарчиња кои еднакво успешно роварат и подготвуваат терен за нова контрареволуција? Па дури заедно со нив ќе се правеле и реформи во медиумскиот простор?

Што е апсолутно исто, или слично како и во културниот простор, каде никој, ама баш никој во, на пример, македонските уметнички асоцијации дванаесет години уста не отвори против злосторствата што и’ се случуваа на киднапираната од незнајковци и партиски протуви култура и уметност, а веќе денес, после првиот шок и притаеност во новата ситуација, истите бараби се сега реформатори, дури као и не слушнале за тој некаков бивши режим, се токмат, слушаме, дури и за просветлени нови директори во истата култура која што ја гмечеа толку години. Какви се’ злосторства не се направија низ градов и низ државава на културен план, кои се’ шушумиги не добија престижни државни награди, национални пензии, станаа дури амбасадори на културата, партископомазаните и клиентелистичките културни бараби тероризираа се’ што не беше по нивни ќеф, ама македонските уметнички асоцијации и творци – чест на ретките исклучоци, ама навистина се ретки – се грижеа само за сопствените задници. И сега, пак тие се онеправдани и понижени, пак ним и само ним нешто им фали! Како некој друг, сосила да ги тераше да се редат под барјакот на злото, како некој друг а не тие да профитираше цела една деценија од сопствената понизност и молк!?

Оттука, муабетите за некакви денес онеправдани, дури понижени персони во македонската култура се само димни бомби целени да го затскријат блиското минато и нивното тогашно однесување. Зашто никој не може толку да ве понижи колку што можете да се самопонижите. А тие тоа го правеа цела деценија, до даска, за пари, за позиции, за профит. И врз грбот на другите, не водејќи сметка за нивните права, животи, кариери.

РАЗЛИКИ

Е сега, кои се тие суштински разлики што не’ прават толку различни, но и разделени, толку спротивставени во ставовите или, ако сакате, во убедувањата, демек тоооолку битни (не само) за македонскиот идентет, самобитност, самостојност и не знам што уште се приведува во контекстотот на ова (велат) битно (не велам дека не е) прашање, туку и генерално, или (и) идеолошки – ако слепцине воопшто и знаат што тоа значи – и во секоја друга смисла, вклучувајќи ја тука и културата, се разбира. Но, прво за првото: на пример, зошто некои, односно токму оние довчерашнине шупелки и сите нивни полуписмени „патриотски“ сателити, мислат дека се’ друго е побитно од културниот идентитет? Или, ако сакате, слично како кај нашиот „јужен сосед“ (што би рекла една ултранационално „освестена“ гласноговорничка на јавниот сервис која го меле истото речиси цела деценија и нема кој да ја сопре!), зошто и кај нас би било битно кој е македонец (антички или којзнае каков друг) по род, и зошто некои од нас толку сакаат да веруваат дека баш тие се оние вистинските Македонци, а другите – не се? Како што, впрочем, е случајот и кај другите етнички табори во оваа држава, кои се бројат и пребројуваат исклучиво на национална основа. И не само што така мислат за себеси, туку и на другите им го оспоруваат правото на тоа. Дали тоа прашање е прашање на избор, каде што секој од нас комотно, според сопствен ќеф, ќе си ги открива (или попрво – мистифицира!) претците и ќе тврди дека токму тој – и баш само тој – е вистинскиот Македонец, ама не и сите ние со него? Или ќе си ги преиспитуваме корените преку дедовците и бабите, и прадедовците и прабабите (што пак не е многу упатно заради редица историски причини, со многу дискутабилен резултат)? Видете, јас немам проблем дури и тоа да го правиме, ама не сум сигурен каде ќе стигнеме. Зашто, да беше тоа валиден научен метод, или инструмент, зарем немаше да го примени она малоно глупо фирерче? Ама, како ќе го оправдаше тоа што целата македонска јавност имаше прилика да го види како негова (соседно)семејна „јужнососедна“ предисторија?

Затоа, таквите националистички и во основа шовинистички предистории на овие простори мора да се остават закопани инаку, да простите, сите сме наебале! Никој од нас не знае кои и какви навистина му се (ин)директните корени / предци, кои и какви припадници на слните војски што минувале низ овие простори замешале некој прст кај неговите претци. Дури и оние меѓу нас кои се колнат во некакви непогрешливи национални изртувања директно од најчистата македонштина тоа можат да го направат максимум до некои стотина години наназад, па и тие „втемелени“ на некакви турски (да не речам алваџиски) дефтери, или врз основа на муабети од баби и прабаби, дедовци и слични „…овци“ кои, нормално, имаат историска обврска семејната лоза да ја претстават во најдоброто можно национално светло! Нам, денес и овде, тие приказни ама баш воопшто не ни се потребни. Културниот идентитет сепак не се докажува со (лажни) наследства. Културниот идентитет денес повеќе се покажува отколку што се докажува, иако често и тоа погрешно го толкуваме и мислиме дека покажувањето на припадноста кон одредена (културна) група е основното мерило за идентитетот. Или – удирањето в гради дека сме тоа што (мислиме дека) сме! Токму таквите (у)мисли не’ доведоа ваму каде што сме.

Затоа, ако културата – никако случајно избрана како клучен сегмент дури и во идентитеските прашања – не’ ослободи од наводно историската обврска да размислуваме само во рамките на вековните идентитетски прашања, зашто всушност тие, на овие простори, се прилично дискутабилни, и не’ ориентира да се бавиме со современите културни и уметнички дострели, тогаш сме постигнале голем напредок. Македонија, или како и да посака некој да ја вика утре или задутре, нема голема полза од докажувањето што била, туку – што е’. Денес, и што сака да биде утре! Минатото, дури и најдалечното, па нека е и Тумба Маџари или Говрлево, маските од Требениште или тетовската Менада, па и Курбиново или Нерези (иако мои омилени!), не говорат за национални туку за културни и творечки идентитети и се сепак само дел од историјата. Не мислам дека не треба да се бориме за националната историја – иако најчесто различно ја толкуваме – ама мислам дека попорво треба да се избориме за нашата (европска) сегашност. А таа е – ова што го имаме денес, како квантитет од кој што треба, ако може, да се испили некаков квалитет како творештво што треба да го пласираме во современиот свет, како културен / уметнички производ што веќе денес, а особено утре, ќе не’ легитимира и пред светската културна заедница. Зашто нашето минато, поблиско или подалечно – Требениште, Говрлево, Нерези итн., – е веќе валоризирано, повеќе или помалку, на еден или на друг начин. Не како национално, зашто такво не било односно не можело да биде, туку како дел од светското културно наследство со кое што се гордееме. Но, што имаме да покажеме денес како врвна културна и уметничка вредност? Денес и последниве десетина, дваесет години?! Кога последен пат во изминатава деценија сте виделе сериозно конципирано уметничко дело, или изложба, на пример; или музејска поставка, а да не е претоварена со партиска и друга фалшива историја; или театарска претстава за која што ќе се говори (па нека е и во кафеаните!) подолго од пет минути; или просечно добро филмско остварување (нешто налик на оние современине романски, на пример, каде реалноста ве удира директно в лице; и да, го имам предвид „Исцелител“, токму како одлично ползување на таа формула!), итн.? Како може безмалу целата култура да биде ориентирана главно на минливо-менливи блуткави политикантски и националистички теми, но не и дилеми; на ситнопрофитерски „проекти“ кои уште на стартот го бројат само ќарот но не и создаденото; на бомбастични но плиткоумни и најчесто тотално неаргументирани „културни“ расправи или на квазиисториски конгреси и семинари што ја величаат „славната“ ни античка историја? Како може современиот македонски творец комотно да плови низ рифеншталските води и да мисли дека создава уметност? А сето тоа да се финансира со пари на даночните обврзници?

Оттука, современиот македонски културен миг навистина еманира „опасни ситуации“ (што би рекол Таки Фити како претседател на МАНУ), ама не таму каде што ги бара тој или неговите изматуфени ко-мануковци од кои, буквално со децени, трпиме само штета дебело платена со народни пари. Ама тие ситуации не се решаваат со националистички или шовинистички пристап кон националното тоест идентитетското прашање, уште помалку со барањето „чисти македонци“ – што дефинитивно е оксиморон, како впрочем и „грци по род“ и слични будалаштини – туку со „потрага“ по современ културен и творечки „идентитет“, со безвременска уметност и врвен културен производ што едновремено ќе зрачат и ќе брендираат европски височини! И тоа важи не само за „македонците“, туку и за сите други кои со парите на даночните обврзници продаваат националистички етнички пуфки кои што немаат ама баш никаква врска ни со културата, уште помалку со уметноста, а најмалку со идентитетот или европскиот дух.

НЕКУЛТУРАТА КАКО ОПЦИЈА

Извинете, ама човек навистина веќе не знае што уште треба да се случи, уште колку будалаштини, резили или дури и нов напад на агресивност треба да ги зафати оние од „најпатриотската“ партија, за да народов конечно разбере со кого си има работа? Или се’, навистина се’, од почеток до крај, нема врска ни со симпатии или со здрав разум, уште помалку со идеологија, туку само и единствено со некаква нерационална омраза кон се’ што е различно, малку можеби и попаметно, постручно, покултурно, повоспитано …? Зашто, да беа тоа некои нормални современи граѓани – и, нека извинат, и чест на исклучоците, ама навистина го мислам тоа – односно луѓе кои сериозно, разумно, културно им приоѓаат на важните државни / општествени прашања, дури и кога понудата се разликува од нивното поимање на нештата, прво, сите до еден од највисокото раководство на „најпатриотската“ партија кај нас после оној 27 април ќе си поднесеа оставки, а некои можеби доброволно односно самоволно ќе отидеа да се пријават таму каде што, по правда и земните и божјите закони, им е местото. Тоа, се разбира, не се случи. Ама се случија уште редица други буквално антидржавни и антимакедонски потези токму од страна на врвот на таа ѓоамити најпатриотска партија, политички потези кои не само што и’ носат ненадоместлива штета на државата туку овие „патриоти“ ги легимитираат токму така како што им личи – како непријатели на државата! Зашто, еве и според најновиот пример, и после сите злосторства што го направија (и) во културата, да гласаш контра една Национална стратегија за развој на културата во државава која што се залага за демократизација на културата, за нејзина департизација, за рамномерен развој, за инклузивност, за европски перспективи … тоа значи дека си или лут непријател на државата или имаш некоја „подобра“ варијанта. Трето – нема! Односно – има, ама тоа значи дека имаш сериозни проблеми од различна провениенција, што повторно не им оди во прилог. Иако, би сакал малку да го расчленам прашањето во насоката дека не мислам дека баш сите (поточно: оние кои истата ја претставуваа, и ја претставуваат во законодавниот дом) во таа „најпатриотска“ партија се такви. (Се обидувам да) верувам дека има и такви кои умеат да мислат со своја глава. Иако, претпоставувам, се малку, а и раководството им е такво какво што е’. Ама, сепак, да слушневме глас контра таквото самоубиствено гласање во Парламентот? Да слушневме глас дека некој и од таа „партија“ ја разбира Стратегијата, нејзината визија и мисија, нејзините заложби за демократска и надпартиска култура, за плурален, секуларен, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој заснован на рамноправен пристап и учество? Или тоа треба да им се нацрта, како на мали деца? И има ли некој нормален во таа партија кој разбира што е тоа стратегија и дека таков државен документ не е алваџиски тефтер за допишување на партиски планови и проекти? Или подобро, тоест предобро, ја разбираат културата токму како некултура, како она што го спроведуваа дванаесет години разнебитувајќи се’ по ред во македонскиот културен простор? И сега ако некој се залага за професионализација, институционална и вонинституционална автономија во културата тие тоа не можат да го разберат? Па и не можат, сигурен сум. Ама, повторно, има ли некој таму нормален да стане и да каже дека не се согласува со таквите ставови на нивното раководство? Не, нема, никогаш нема ни да има зашто, очигледно, таму (се’ уште) царува мракот и силите на злото. Нема кој да запали светло!

Затоа, македонската култура мора – иако знам дека тоа нема да го направи, барем не сега – да се обрати директно до најтесното раководство на таа „партија“ и да праша: а за каква култура се залагате? Односно, ако не ви се допаѓа демократска и департизирана, автономна, децентрализирана и професионализирана, транспарентна и партиципативна, современа и европска култура, каква ви се допаѓа, каква култура сака „најпатриотската“ македонска партија? Алтернативата е: онаква каква што оставија по нивното аздисување низ културните институции, онаа корумпирана, клиентелистичка, криминална, подла, нестручна односно непрофесионална „култура“ која функционираше само и единствено врз база на блиските релации со партиското раководство! Та дури и да е така, ако се баш толку сигурни, нека кажат дека тоа е нивниот културен идеал – она што го оставија во наследство како нивен дострел во архитектурата, градежништвото и уметноста преточени во кичот на „Скопје 2014“ кое се самораспаѓа пред наши очи? Ама и оние „сувенири“, па томови и томови изданија што гнијат по темни магацини, па она уметничко ѓубре со кое што ги наполнија музеите божем поддржувајќи ја современата уметност, па оние милиони евра фрлени во ветар за „проектите“ на нивните клиенти и пулени од кои веќе наредниот ден не останува ни трага!? Сето тоа е очигледниот производ на нивното разбирање на културата.

Или, можеби, (зашто и тоа е дел од културата), како нагледен пример за култура и културно однесување треба да го сметаме и оној скандалозен простаклук на нивниот „амбасадор“ на привремена работа во САД кој не се појавува ниту на официјални средби во Пентагон? Тоа ли е културата и културното рамниште што треба да се озваничи во оваа држава, тоа ли е идеалот на таа и таква „најпатриотска“ македонска партија, а се’ што е вон тој простачки, малограѓанско провинциски културоглед ним им е неразбирливо, туѓо, нејасно?