Monthly Archives: June 2021

ФОЛИРАНТИ И ПРЕВАРАНТИ

За нештата да бидат појасни, мора да се каже – и уште стопати ако треба да се повтори – дека новата македонска „политика“ по 2017 година со Охрид и регионот доживеа прво фијаско во Баку во 2019 година, на 43-та сесија на Светскиот комитет за наследство на УНЕСКО, токму заради несвесните, или неосвестените поединци кои и тогаш глумеа некакви шефови за Охрид, предлагаа смешни закони, „се возеа“ на импровизации и нестручни дрдорења мислејќи дека УНЕСКО е некаква провинциска кооперација пред којашто со шише пиво в рака седат беспослени луѓе. За жал, шамарот што тогаш го добивме не освести никого, најмалку надлежните структури во власта. Им веруваа на своите полуписмени пулени кои тогаш прв пат во животот воопшто слушнаа дека постои некое УНЕСКО, таму некаде, ама мислеа дека лесно може да се манипулира со нив на истиот начин како и дома. И истите луѓе останаа на истите позиции, ги правеа истите глупости – односно не правеа ништо – министрите за култура од коалицискиот партнер баш уво ги болеше за некакво УНЕСКО или заштита на културното наследство… па се случи нова реактивна мониторинг мисија од експертите на оваа организација во јануари 2020 година и – излегоа на виделина сите нешта „криени под тепих“. Целата наша неспособност и немарност, нашата лажна загриженост за наследството, се раскокодакаа разноразни официјални фаци префрлајќи ја вината на некои и некакви неидентификувани субјекти… а Комитетот не ја крие разочараноста од наодите на таа Реактивна мониторинг мисија сметајќи дека е направено премалку да се запре уништувањето на урбаниот и поширокиот пејзаж со несоодветни конзервација, реконструкција и развој.

И секогаш кај нас е така: сите освен нас се разочарани, депримирани, загрижени за состојбите со нашето културно наследство (Охрид пред се’), а ние се бавиме со самите себе, со нашите локални политики и политиканти, со Георгиевски и Мерко и нивната провинциска кратковидост, надлежните во „централата“ – којашто, се покажува, нема комплетна власт и опипливи ингеренции на целата територија на државата – упорно глумат лудило неразбирајќи дека сите правни и практични механизми се во нивните раце… двајцата министри за култура токму во тој период (2018-2020) никој не ги ни спомнува како одговорни за состојбите, уште помалку бившиот претседател на Националната комисија за УНЕСКО… актуелната министерка (и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО) ламентира зачудено за некаква  и нечија неоодговорност во целиот случај (исклучувајќи се себеси, се разбира)… И во целата таа државна карамкаша ние до денес, значи цели пет години, не добивме една сериозна расправа на ниво на државата за проблемите на Охрид и регионот, со застапеност на повеќе компетентни експерти, невладини организации но и целиот државен врв кој по силата на нештата е најодговорен за состојбите таму! Власта тврдоглаво до бесвест продолжува со оние исти фолиранти кои ги преспаа годиниве (не затоа што се ненаспани или изморени, а впрочем и од што?) туку заради фактот што немаат поим што и како треба да се направи, заради фактот што сите глумат некакви политичари и експерти а всушност се ординарни преваранти, меѓу нив и такви кои уште во времето на „славното“ вемеро, Паско и криминалецон од Будимпешта, ја затруја манџата викана Охрид. Истите тие фолиранти сега само ги сменија газдите, ги примија во друштвото и придојдените преваранти од новата власт и сега со здружено заедничко незнаење повторно царуваат на сцената на древниот Лихнидос. И измислуваат нови и нови „стратегии“, „планови за управување“, „закони“… односно ги препишуваат оние истите од времето на вемерото и им ги туткаат под нос на официозусиве од власта кои ионака ништо не разбираат!

Мислам дека е само прашање на време кога УНЕСКО целосно ќе крене раце од нас и од Охрид и регионот зашто, едноставно, нема партнер за дијалог, нема кому да му ги објасни сите оние финеси што ги подразбира неговата позлатена налепница на еден град/подрачје, оние истите што нивните мониторинг мисии ни ги повторувале со години, ако не и децении: дека градот заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство не е нечија прчија во којашто секоја будала ќе прави што и како сака, дека градоначалникот на тој град/градови не се газди на градот, дека езерото не е нивна сопственост, дека високите објекти близу најтесниот појас до до езерото, слабиот архитектонски квалитет на изграденото, и несоодветната и претерана употреба на крајбрежјето за туристичка инфраструктура имаат големо негативно влијание на универзалната вредност на Охридскиот Регион, дека старото јадро на Охрид не е рингишпил на провинциските суети која ќе изгради поголем и погрд објект со или без базен, дека логиката на развојот на еден таков град не е иста со логиката на развојот во другите (незаштитени) градови… итн.

И токму затоа, и заради уште многу други нешта, немаме причина да се сомневаме дека предлог-одлуката на УНЕСКО за Охрид и регионот ќе биде како што наведува македонскиот портал: „Комитетот за Светско наследство одлучи да го впише Природното и Културното наследство на Охридскиот регион (Албанија, Северна Македонија) на Листата на Светско наследство во опасност. Комитетот за Светско наследство бара од двете земји да развијат детален стратешки план за санација и акциски план во фази поврзан со јасно дефинирани цели и исходи за да се ублажат заканите на краток и долг рок. Комитетот за Светско наследство, исто така, бара од двете држави, во консултација со Центарот за Светско наследство да развијат предлог за посакувана состојба на заштита која кога ќе биде постигната би се отстранил на Охридскиот Регион од Листата на Светско наследство во опасност, како и пакет на корективни мерки, вклучувајќи временски рокови за нивна имплементација“. И, дури, таквата одлука, ако остане во таква форма, е преблага, добронамерна, со тенденција дури и да подучи, а всушност нема кого. А тоа го знае и УНЕСКО, секако, знае со кого си има работа и дека безмалу ништо не е променето од 2006 година наваму. Само ликовите се други – иако оние „стручните“ се исти – а менталитетот си трае. Вечно.

Но тонот на УНЕСКО не смее да не’ залаже. Тој е секогаш таков, но мерките и активностите (веќе) нема да бидат. И ќе се радикализираат, несомнено, во догледно време. Ако тоа не го знаеме, ништо не знаеме. И последиците ќе бидат многу полоши. По нас, се разбира. Иако, очигледно е веќе, ние – поточно делови од власта – се изгледа во страшен ќорсокак со критериумите, вредностите, ветувањата и остварувањата, со дефинициите за стручност, храброст и лудост… Зашто, според некои отворени изјави за некакви и нечии храбри политички одлуки, особено оние од „СК 2014“ провениенција и неговите „бисери“, ние сме веќе тотално без културен/цивилизациски компас. Впрочем, нејасно е зошто одредени истурени партиски кадри сметаат дека е неопходно да коментираат и нешта што се далеку од нивниот домен и познавања, но да го квалификувате како „Единствена храброст во времето на ВМРО-ДПМНЕ (…) споменикот на Александар Македонски“ е, недвојбено, глупост на годината, ако не и на мандатот. Но таквите коментари, особено таквите изјави појаснуваат многу нешта за коишто се чудиме еве веќе петта година. Прво, сега е јасно дека таа „храброст“ на злосторничкото здружение што глумеше политичка партија им е недофатлив идеал на актуелниве „демократи“, и второ, не би се зачудиле ако и кревањето на рацете од Охрид и УНЕСКО некој таму не го смета за „политичка храброст“. Па градот, по ѓаволите, мора да се развива, економски и на сите рамништа, луѓето мора да живеат… а не да бидат ставени во некаков културен „кафез“, воскликнува еден наш аналитичар. И, се разбира, нашата сељачка логика секогаш победува, за што имам и предлог: а зошто не го телепортирате Ацета од центарот на Скопје во центарот на – Охрид?! Нема ли тоа да биде апсолутно невидена политичка хараброст, еден од оние „тешки комромиси за доброто на граѓаните“? Па знаете ли колку туристи ќе привлече таа лудост, пардон – храброст? Та нели криминалецон од Будеимпешта заради тоа и го стави среде Скопјево: да привлекува туристи? Само што нне не успеавме да ги видиме, освен неколку загубени души што случајно се нашле во оваа вукојебина. Ама, можеби Аце ќе има подобра среќа во Охрид, којзнае?! И што воопшто е битно што Аце наш нема врска со Охрид? Нема врска ни со Скопје, ама ене го, со исукан меч на плоштадон.  А ако зад него, на Букефал, го сместат и Самоила, нема ли тоа да биде дури и светска атракција и уште поголема „политичка храброст“? Ајде да пробаме, Охрид ионака е загубен случај, па барем да го дозагубиме во стил!

НЕСВЕСНИ ЛУЃЕ

Ако може да им се верува на (дел од) македонските медиуми, а може, барем на некои (еве, на пример, порталот sdk.mk), УНЕСКО веќе ја напишал „предлог-одлуката Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на Светско наследство во опасност на претстојниот состанок на Комитетот за Светско наследство во Фужоу, Кина, кој ќе се одржи од 16-31 јули“.[1] А зошто и не би ја напишале, нели? Или ние мислиме дека и нив можеме да ги лажеме какошто го лажеме сопствениот народ?

Непросветената демократија секогаш, по правило, функционира на приземната – да не речам простачката – логика дека тој што е на власт е – во право. Нам ни после триесет години не ни се просветлува умот дека овде, во „Нашата земја“, на таа „логика“ треба секогаш да се гледа обратно: власта речиси никогаш не е во право! Зошто? Затоа што (а и оваа власт само, за жал, барем досега, го потврдува правилото), во најистурените редови ги става најтупавите партиски членови, несвесните за проблемите луѓе и, притоа, недораснати за работата што треба да ја извршуваат, ама како партиска обврска и долг за функцијата се подготвени и змеј да јавнат само речито да се оддолжат на Партијата. Нивната тупавост и недоветност, нивната тотална неподготвеност да се носат со актуелните проблеми, ја води државата во катастрофи од невидени размери речиси во сите области: во културата (и особено заштитата на културното наследство), во образованието, во науката… итн. Намерно не ја спомнувам политиката, особено надворешната, којашто стана играчка не само за мали туку и за прилично неуки деца, при што цехот го плаќа државата, или „Нашата земја“, како сакате, и ние сите!

Таквите типови секогаш оперираат со некакви „аларми за будење“ (иако такви аларми ни ѕвонеле во ушите десетина години назад ама они тогаш спиеле длабок зимски сон), или пак, како врв на глупоста, главниот идиотски „џокер“ им е дека „ние не сме биле свесни“! За што? За проблемите што „Нашата земја“ ги има во сите клучни области, па и во културата? За потенцијалните негативни случувања што не’ очекуваа(т)? Па ако власта и нејзините советници не биле свесни, кој требал да биде? Ние? Ама ние сме биле свесни и сме реагирале навреме, сме пишувале, сме опоменувале… ама бандоглавите советници и нивните работодавачи си спиеле на ушите или едноставно – не сакале да слушаат? Особено не сакале да слушаат непартиски експерти. Е па – voila! И како е можно сите властелински тутурутки да се вадат на истиот штос: „ние не сме биле свесни“? Прво директорот на Управата за заштита на културното наследство, потоа министерката за култура… сега советникот на премиерот за не-знам-што (а меѓу другото и за УНЕСКО)…?! Па кога навистина с(м)е така несвесни, зошто воопшто тие луѓе се’ уште се наоѓаат на истите функции? Зарем во државава, или во „Нашата земја“, како сакате, нема луѓе кои биле свесни за тоа што не’ очекува – не само за Охрид, не само за Струга, не само за Курбиново… не само за дигититализаацијата во образованието… не само за Бугарија, не само за ЕУ…? Ако е пак така, со кој ум ние, така несвесни, ќе одиме во друштвото на европските демократии? Не дека јас ги мислам грото европски демократии многу посвесни од нас, ама дека се многу попросветени – апсолутно. Иако ние и тој факт го земаме како за подбив.

Но, повторно ќе се навратам на Охрид како некаква парадигма на неспособноста и на оние партиски шутраци кои мислат дека управуваат со „нешто“, но уште повеќе на нивните работодавачи кои едноставно дозволуваат некој да ги шета по кровови – или лаже, како сакате – дека нешто знае и умее, ама од тоа, ние, бел ден не гледаме. Сега, кога после толку години, а особено последниве пет, некој, буквално НЕКОЈ, без име и презиме како некаква можна биографија, ни кажува дека „(…) предупредувањата кои ги добивме во 2017 и 2019 навистина не’ турнаа напред (…)“, ние треба да паднеме в несвест? Како да проблемот со Охрид и регионот започнал во 2017 година, кога тоа дете станало советник на премиерот? А претходните години, ќе ги игнорираме или, по обичај, светот почнува – од нас (кога сме на власт)? И замислете што и како го советува тоа дете премиерот за проблемите со Охрид и регионот кога оно не било ни родено кога се појавил проблемот? Па уште овие менториве не се ни свесни во какви дупки ги става велејќи дека „(…) целата проблематика беше игнорирана и заташкана (…) Никој не беше свесен колку уствари тешки и суштински прашања се кријат под тепих од првата Мисија која дошла 2014 година“. Ако оваа власт смета дека е ова компетентна изјава на советник на премиерот, јас се повлекувам. Особено ако некој ова го смета за сериозен став и одговор за сите проблеми натрупани во дотичниот регион. Ама сепак, дополнително ќе прашам: знаат ли кога беше таа 2014 година? Дека тоа, извинете, беше само пред СЕДУМ ГОДИНИ, или (и) оваа власт ги смета годините од мигот кога влегла во „Белата шампита“? Зарем навистина не знаеа кога почнаа проблемите на Охрид и регионот, ама сепак посакале да ги решаваа, сосе „советников’ на чело? И, згора не се’, тој не’ подучува: „значително време е изгубено“! Чие време, извинете? Мое, наше… или твое/ваше, коешто и понатаму го губите не знаејќи што и како да правите? Или мислите дека заштитата на културното наследство, а особено на Охрид и регионот, е играчка за мали деца, особено за оние со „длабинско познавање“? Па ве молам, за што не’ сметате?

И, се разбира, шлагот на шампитата доаѓа на крајот: „Никој не беше свесен, со мали исклучоци, колку уствари тешки и суштински прашања се кријат под тепих (…)“, вели советникот! Извинете, ако премиерот има такви советници кои не се свесни за тежината и суштината на прашањата сврзани со Охрид, и не само со Охрид, за што тогаш ние овде дебатираме? Или – се обидуваме да дебатираме, ама всушност сакаме да ги „криеме под тепих“ сопствените неспособности и незнаење, не само во врска со Охрид? Што всушност ние правиме овде со такви тутурутки кои не знаат колку се тешки и суштински охридските „прашања“? И не само тие, туку и прашањата за целата македонска култура? И дали навистина оваа држава, и оваа култура, цели триесет години ја водат луѓе несвесни за проблемите што им се пред носот па следствено нашава „епопеја“ трае волку колку што трае и никој не знае кога ќе заврши? Што ли се’ било „криено под тепих“, какви ли се’ домашни и меѓународни циркуси „гостувале“ на ова парче земја викано – Наша? И после се’, зарем некому уште му е чудно што сме на ова дереџе (не само) во културата?


[1] М. Илиоски, УНЕСКО ЈА НАПИША ОДЛУКАТА ОХРИДСКИОТ РЕГИОН ДА БИДЕ СТАВЕН НА ЛИСТАТА НА СВЕТСКО НАСЛЕДСТВО ВО ОПАСНОСТ, ОСТАНУВА САМО ДА СЕ ФОРМАЛИЗИРА НА СОСТАНОКОТ ВО КИНА, sdk.mk, 22 јуни 2021

НЕПРОСВЕТЕНА ДЕМОКРАТИЈА

Секој кој ќе приговори дека прогресот, во неговата полна форма и содржина, во голема мера зависи (и) од политичката ситуација во земјата, од нејзината не само внтрешна туку и поширока геостратегиска стабилност, односите со соседите и големите сили итн., ќе биде во право Тоа, се разбира, е точно иако – повторно ќе се навратам на 1945 година – тогашна Југославија по Втората светска војна и Македонија во нејзините рамки немаше баш идеална политичка ситуација и внтрешна и надворешна стабилност во првите децении по конституирањето на државата. Па сепак властите, ете нека биле и „комуњарски“, од заостаната речиси феудална земја за десет-петнаесет години поставија темели на современа европска држава, нели?! Сиромашна – да, но со развојна стратегија во сите сегменти. Меѓутоа, тоа сепак беше друго време и поинакви услови, па и геополитички, со Америка (тајно или јавно, сеедно) како важен (економски и воен) партнер на таа држава, потоа големината на државата, носечките интелектуални и други капацитети на Словенија, Хрватска и Србија итн. Сега, оставени сами, иако (повторно) со САД како стратешки партнер, нештата очигледно одат потешко, условите се покомплицирани, државните капацитети ни се речиси безначајни… итн.

Но има уште еден битен сегмент којшто речиси никој не го спомнува: просветената држава (Enlightment) како главен мотор на прогресот. Или, поинаку поставено: непросветената демократија како суштинска кочница на прогресот, толку очигледна кај нас, денес и овде. И тука се поставува можеби клучното прашање: дали континуитетот на идејата за „просветена држава“ – како она интелектуално движење наречено Просветителство во Европа во 17от и 18от век – е суштината и на прогресот? Веројатно, зашто Просветителството во Европа, без оглед на повремените политички и воени катаклизми (Првата и Втората светска војна, фашизмот/нацизмот и др.) сепак остана главната идеја водилка на државите, горливо поддржувана од тамошните демократии. Кај нас не само што периодот на Просветителството доцнел речиси цел еден век (втората половина на 19от век), туку неговите придобивки доживувале страотен дисконтинуитет, се’ до денес. Стабилните периоди – на пример оној од 1945-1990 година – бргу биле заборавани, потценувани, поттурнувани на маргините на историјата! Зошто? Затоа што – можеби – биле недостижни за политичките гарнитури по 1990-тата? Историјата ќе одговори и на ова прашање, како што одговорила на многу други.

Но, многу, премногу, не само актуелни примери, посочуваат на фактот дека непросветената демократија кај нас им одговара на сите конзервативни и квазидемократски политички сили во државата, а особено на прилично дискутабилната „просветеност“ и демократичност на т.н. политички елити и нивните се’ поголеми афинитети за апсолутистичките форми на владеење. Речиси во сите сегменти, особено во економијата и општествените области, од самиот почеток на самостојната и независната „нова“ држава бележиме евиденти дисконтинуитети, падови и ломови, ниска политичка свест и безнадежна непросветеност. И голо политикантство, секако, зачинето со доминантните криминал и корупција а отсуство на визија за развојот на (сега) суверената држава! Како инаку освен со непросветената демократија да се објасни она националистичко лудило во 1992 година и застанувањето на речиси половина милион народ на страната на полуписмени политиканти од профилот на еден Љубчо Георгиевски и неговата групација? Но и се’ друго што нисе случуваше во изминативе децении? До денес, се разбира, и дали овие конзервативни и квазидемократски политички сили во државата го конституираат тој блок што странците го нарекуваат „хибриден режим“? И тоа не знаеме, никој дури не се ни обидува да ги дефинира овие нешта!

Затоа, меѓу другото, зошто денес посебно би се чуделе на оваа монструозна сеча на дрворедот на „Орце Николов“, на актуелниот пример со катастрофалната состојба во Националната и универзитетска библиотека, на девастацијата на Охрид и Струга, претходно на СК 2014… нешта што ќе не’ следат уште долго како класичен егземплар на неспособна но и неука, непросветена држава/демократија. За секој малку разумен човек „објаснувањето“ на Министерството за култура за одбивањето на барањето на НУБ за средства од ставката за инвестиции за оваа година со зборовите дека тоа „имало пропусти“, е – недоветно; исто како и „образложенијата“ на градоначалникот на Струга за непостапувањето по барањето на Владата (и УНЕСКО!); исто како и оние смешни и во основа простачки – или, ајде, непросветени – објаснувања на криминалецон во Будимпешта и неговата „визија“ за СК 2014 (но и сегашните одбивања тоа ѓубре да се отстрани од центарот на главниот град!), итн. Сето тоа, и уште многу друго – ајде, на пример, да не завлегуваме во едно чудо други примери, почнувајќи од состојбите во највисокиот законодавен дом и неговиот „претседател“ и речникот со којшто тој се служи; или приземната свест на власта за заштитата на човековата околина, особено со последните случувања со отровниот мазут; или нашата не-свест за климатските промени и ситуацијата во Македонија на тој план итн., како „слика и прилика“ на македонската непросветена демократија, на нејзините политички „елити“, на интелектуалната јавност, на медиумите и др. Таквите состојби по правило се враќаат како бумеранг, но не само на нивните причинители туку на целото општество. Едновремено, не смее да се запостави и фактот дека во дадени ситуации „рајата“ – или, ако сакате, она што вообичаено се подразбира под непросветената јавност/демократија – кај нас покажува поголем сенс за демократичност, за просветеност, за правичност, историчност, култура… од локалните политикантски „елити“ впрегнати во кочиите на „прогресот“ на големите и мали олигарси. Оттука и честите прашања во јавност за функционалноста на македонската демократија (просветена или непросветена), појавата на генерален сомнеж во способноста на македонската политика дури и за краткорочен развој/прогрес, за отворен демократски и компетентен дијалог со јавноста по сите горливи прашања…

Ако пак во ваков контекст ги ставите и оние секојдневни изблици на оној неук, простачки,  анахрон „демократски концепт“ на подземните остатоци на злосторничкото здружение, нивниот силеџиски „јазик“ – којшто, за жал, многу бргу го прифаќа и власта! – и ширењето на неразумна агресија, тогаш е повеќе од јасно дека го допираме дното на оваа непросветена демократија. Или можеме и подолу? Не знам, но, на пример, оние аудио снимки од „обраќањето“ на онаа „госпожа“ која љуби гумени куршуми не се така лесно надминливи, нели? Дека една таква политикантска и непросветена збирштина дури се бори „(…) со Брисел, со Вашингтон“, дека на дело е некаква „(…) стратегија на декомпонирање, да се заврши она од 1913, во Букурешт што не се заврши. И оваа мала Вардарска што ни остана и таа да ја земат, бидејќи е папокот на светот. Оти е патот свилата. Нам не ни треба ЕУ, ние и требаме на неа. Ние имаме „Алшар“, ние имаме води, ние имаме жито, ние имаме рудници, ние имаме ниви, ние имаме од Бога талентиран, убав, кроток, мил, народ“?

А сепак, колку и да е ова иреално, налудничаво, неуко и подбуцнувачко, таквите приказни за мали деца и умоболни „стратегии“ секогаш се градат врз нетранспарентноста, битпазарската „дипломатија“, неинформираноста… па и неукоста на власта како треба да се управува со информациите денес, дека нема и не може да има тајни и лични дилови што го тангираат целото општество, дека на демократијата денес треба да и’ се туѓи лагите и криенките… Како целосно да ги заборавивме темелите, принципите, широчината на демократскиот опфат за којшто толку се говореше во онаа 2016 и 2017 година! 

МЕРЛИВОСТА НА ПРОГРЕСОТ

Ако државата, односно власта, која и да е’, го нема прогресот како приоритет и визија пред себе, што друго би работела? Ќе одржува статус кво? Ама на – што? На сиромаштија, на неукост, на некултура и шарлатанство…? Таквата држава, таквата власт бргу би пропаднала. Оттука, прогресот е првиот, ако не и единствениот приоритет на држави како Македонија што де факто доцнат минимум половина век зад цивилизирана демократска Европа. Не ја знам еволуцијата на поимот прогрес кај нас, но секако не бил поим во употреба пред 1945 година, нели? Во Европа пак, поимот се воведува во раниот 19-ти век, во времето на Просветителството. И не случајно го спомнувам ова!

Но, со прогресот има еден голем проблем: прогресот е мерлива категорија, по многу основи. Преку сетови специфични мерки можете да го измерите економскиот прогрес, техничкиот прогрес, научниот, политичкиот итн., потоа растот на т.н. GDP е еден од важните ориентири на прогресот, или GPI (Genuine Progress Indicator) како метрички систем што треба да го замени GDP-то, потоа индексот на социјален прогрес и др. Следствено, денес е едноставо да измерите дали државата/власта ја говори вистината или не во однос на прогресот. Затоа и реков: прогресот може да биде и голема стапица, ако се манипулира со него. Од друга страна, некои нешта се видливи и со голо око, не ви требаат дополнителни механизми за мерење: состојбата со (повторно) НУБ „Св. Климент Охридски“ нели е очигледен механизам за „мерење“ на состојбите во културата? Ни требаат некакви дополнителни механизми, објаснувања од Министерството за култура, од Владата, од некој друг…? Има некој нешто да каже или за оние морбидни слики од оваа некогаш врвна национална институција некој мора да понесе одговорност? Или и тоа ќе го релативизираме? Можеме, но и понатаму ли ќе говориме за прогрес во развојот на културата?

Бидејќи претходно говорев за прогресот во образованието со посебен акцент на дигитализацијата, еве некои податоци: OWID (Our World in Data, една од најреномираните научни on line публикации за „мерење“ на прогресот) вели дека само 50% од светската популација користи интернет. Македонија во тој поглед прогресира со 72% (во 2016 г.). Но сепак околу 30% од популацијата кај нас нема интерент заради низа причини. Како тие ќе бидат дел од дигитализацијата ако се знае дека тој поим не подразбира само pdf учебници, нели? Но, тоа и не е најзагрижувачки податок. Според Државниот завод за статистика, 4 основни училишта во Македонија се од периодот 1912-1929 година, 15 се од 1930-1945, 50 се од периодот 1946-1963, 88 се од 1964-1980, 132 од 1981-1997 година… што вкупно изнесува 289 училишта со прилично сомнителни општи услови за настава, а камоли за современо образование! Или, понатаму, податоците говорат дека бројот на основните училишта континуирано се намалува (од 1052 во 2008/9 на 1042 во 2018/19), како и бројот на учениците (од 217.685 ученици во 2008/9 на 189.236 во 2018/19), па следствено се намалува и бројот на наставниот кадар. Тоа ќе рече дека станува збор за регрес а не за прогрес. Да, има „оправдувања“ со намалувањето на демографскиот прилив, со иселувањето итн., но тоа се нешта што мора да се земаат предвид при долгорочни реформи. Понатаму, битен сегмент е техничката опременост на училиштата и нивната подготвеност за современи наставни методи (од типот на „дигитализацијата“), како впрочем и технолошкото ниво и искуство на наставниот кадар итн. Оттука, дури кога ќе ја имате целата слика, или мозаикот, како сакате, и тоа го презентирате на јавноста сталожено, аргументирано и со такт, па дадете реални проекции на приоритетите по години (дури и со предност на „дигитализацијата“), сте ги добиле и најголемите песимисти на своја страна! Инаку, се’ е џабе. Прогресот и приоритетите во истиот се градат врз основа на комплексна и комплетна долгорочна стратегија којашто фактички самата во прв план ги „исфрла“ приоритетите.

Само колку за пример, и во здравството – за коешто никој не говори! – нештата не стојат најсјајно. Бројот на болнички кревети опаѓа (од 9.306 во 2008 година на 8.754 во 2018 година), бројот на лекари и друг медицински персонал во јавното здравство исто така континуирано опаѓа, персоналот сведочи за катастрофалните услови во коишто работи… а сепак никој не се зафаќа со неопходните реформи во здравството?

Во културата состојбите се горе-долу (иако нецелосно) отсликани во Националната стратегија, но таму се посочени и сите неопходни мерки и активности за надминување на истите, по години, со акциски план, со носители и учесници во активности итн. И од тоа – само труба, или саксофон, како сакате. Повторно, сликата на Националната и универзитетска библиотека е сликата на македонската култура денес. Ни помалку, ни повеќе! И повторно – никого не го боли глава од податоците, од фотографиите, од реалноста…? Или сметаме дека така треба да биде? Ама сепак, говориме за прогрес, за реформи…? Од друга страна, сите индикатори на публиката (посетители) се во благ пораст последниве десет години (театри, кина, музеи…), што ќе рече дека јавноста има интерес за културни збиднувања, но генерално, ако ја погледнете состојбата со објектите во културата (освен кината, делумно) како да гледате во слики од пред 40-50 години! И морам да го кажам и ова: во Министерството за култура, како остаток од сериозната стручна работа на повеќе комисии во 2017/2018 година, „лежат“ сокриени повеќе важни документи/анализи со пресек на состојбите во неколку области во културата (музеите, заштитата на културното наследство, филмската дејност, театарските манифестации, ликовните колонии итн.), со предлог мерки за надминување на состојбите. Никој, таму, едноставно не сака да ги погледне! Зошто? Па нели говориме за прогрес, за реформи, за подобрување на состојбите…? Или тоа важи само пред гласачите? Ова само како потсетување на одделни недоветни персони дека во блиското минато некои експерти сепак нешто и сработиле – да не речам сработиле многу, многу повеќе од партискиве ботови и трутови денес – ама тоа очигледно никому ништо не му значи!

Е сега, дали вакви документи/анализи/истражувања има и во другите министерства – на пример она за образование и наука, за здравство и др.? Не знаеме или не сакаме да знаеме? Ама сакаме да говориме за прогрес и кочници на прогресот? Може ли, впрочем, самата држава да се појави како главна кочница на прогресот, на реформите, на визиите напред наместо на конзервирањето на состојбите бидејќи тоа им одговара на одделни интересни/партиски групи и поединци? И понатаму: кога говориме за прогресот во една држава, не може да се ограничите на една-две области и постојано тие да бидат во прв план. Прогресот се мери на општ план – на планот на целата држава и во сите области. Зошто одделни сегменти во општеството би биле така привилегирани, а другите целосно запоставувани?

На крајот, уште еден интересен податок: бројот на работоспособното население, по категории, упатува на раст на категоријата со основно и средно образование! Затоа и ја спомнав непросветената демократија како некаков наш репер што не заслужува пофалба. Поточно: дали ние како мала држава сметаме дека е прогрес ако стимулираме работоспособно население со низок или несоодветен степен на образование, или ако мислиме дека секоја партиска будала има право да навредува експерти како сака и кога сака без некој шеф да го потегне за уши? Прогресот е обврска – огромна, сериозна, надпартиска и надетничка – за да тоа прашање се остави на релативно некомпетентни (и суетни) поединци со партиски книшки и симпатии од лидерот, при што нивната неукост и некомпетентност ќе се наметнува преку партиските мускули во државната хиерархија. Таквиот „прогрес“ секогаш ќе не’ враќа назад, на почетокот без крај, како партиско перпетуумобиле што само на поединци и интересни групи им носи некаков бенефит.   

ПРОГРЕСОТ КАКО СТАПИЦА

Секое општество, па и нашиов мал „свет за сите“, е подложно на влијанијата на главните движечки (економски, социјални, политички и други) сили/категории, меѓу нив и онаа викана прогрес како некакво (неминовно, очекувано?) придвижување напред, кон подобрени, репрограмирани односно реформирани состојби во општеството. Неколку години претходно, речиси сите сметавме дека „баучот“ на прогресот кружи низ македонскиот микросвет и ги очекувавме неговите бенефити. Се разбира, кружењето започна некаде во втората половина на 2017та година со падот на заробената држава. Но дали застана со воведувањето на налепницата „хибриден режим“? Впрочем, може ли „режим“ да биде – прогресивен? Или придвижувањето сепак продолжи, ама ние некако не успеваме да го забележиме? Не велам дека има и такви кои едноставно не сакаат да го забележат. Некои нешта просто не можете да не ги видите: на пример, последната вест за (званично) растот на транспарентноста на Владата и нејзините институции за цели 18%. Меѓутоа, кога веднаш потоа ги гледате призорите од ентериерот на Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ коишто наликуваат на некогашен Чернобил, тогаш – што? Прашањето на прогресот е уште едно клучно прашање на спојувања и разидувања во државата, при што никогаш не можете прецизно да определите колкав е процентот „за“ односно „против“ бидејќи тој процент е менлив зависно од подрачјето односно темата. Но, тешко е да се определи и дали, генерално, граѓаните во државава, во нашиов „микро свет“, поддржуваат прогрес од каков и да е’ вид, или повеќе држи онаа констатација дека ние сме сепак традиционална земја и сомничав народ каде таквите нешта како прогресот се добредојдени, но да ги гледаме на одредена дистанца, прво кај некои други можеби, па потоа и кај нас? Прогресот умее да биде и лоша стапица, и за политиката однсно власта и за опозицијата!

Ако, на пример, цените според актуелните најави за реформата во образованието, којашто очигледно наидува на најголем отпор, тогаш оние кои генерално, и јавно, се спротивставуваат на „прогресот“ во образованието, се значи тие традиционалисти, старомодни, анхрони… т.н. „организирани сили“ на регресот (барем таква етикета добија). Дали е сето тоа баш така или овде сепак станува збор за отсуство на вистински дијалог, на размена на мислења, особено стручни, дури, би рекол, некаква чудна тенденција за говор на различни јазици и дисквалификации!  Како кај двете „страни“ да не постои  желба навистина да се разберат. Што е нонсенс, зашто зарем има родители кои не сакаат нивното дете да учи според современи методи? И дали следствено доаѓаме до клучното прашање: навистина ли не сакаат прогрес, или не сакаат – таков прогрес? Или сакаат прво современи стандарди па потоа современи методи? Но ни тоа не го знаеме бидејќи немаме ни такво истражување, ниту пак некој се обидува да ги разјасни овие нешта. И ете – стапица, а во неа паѓаат двете „страни“. Поточно, ние, по обичај, немаме никакво релевантно истражување коешто, прво, би ја прикажало целосната слика во образованието – просторни услови, хигиенско-технички услови, кадровска екипираност, технолошка екипираност… итн., па од неа да произлезат прогресивните зафати односно прироритетите, меѓу нив и т.н. дигитализација. Дали, кога тоа би го имале и кога врз основа на таков еден пресек би се издвоил приоритетот на дигитализацијата, некој навистина би имал против? Ако ги оставите родителите да избираат помеѓу современи санитарии (секогаш со достапни средства за дезинфекција, тоалетна хартија, брисачи за раце…) – замислете, ние се’ уште, во 21 век, говориме за „современи“ санитарии – и „дигитални“ учебници, зарем има дилеми што ќе изберат? Од друга страна, дека една иста држава – добро, со различна власт – за релативно краток период различно гледа на тоа што е прогрес говори и фактот дека прво што новата власт направи во образованието беше да го укине „Кембриџ системот“ и „екстерното полагање“, нешта кои еднакво бомбастично беа во блиското минато најавувани како прогресивни реформи. Но и тие беа воведени – или натурени, како сакате – набрзина, со половични или уште полоши „истражувања“ на состојбите, со „огромна“ поддршка од партиските мегафони и слично. Оттука, што за нашиот микросвет е прогрес: партиското видување на прогресот или…?  

Од друга страна, интересно е што „прогресот“ во образованието наиде, и наидува, на таков отпор, но не и прогресот, или реформите, во другите сегменти на општеството. Зошто немаше вакви протести за најавуваните реформи во културата? Народот не го интересира културата или мисли дека таа не ги тангира нивните деца како образованието? Е, вистински прогрес би бил кога надлежните министри, но и Владата, ќе поведат сериозна кампања да му објаснат на народот дека обете реформи се од исклучителна важност за нивните деца. И за целата држава. Што е уште почудно, некогаш најавуваните реформи во културата – од коишто, за жал ни „р“ не остана во реалноста – не продуцираа(т) таков одиум во општеството, дури ни кај опозицијата. Освен поимот „јавен интерес“, којшто тие едноставно не го разбираат, ама мислат дека нивниот „национален интерес“ е – нешто повисоко, нешто подобро, нешто помакедонско?! Ниту било, ниту ќе биде така зашто кај нас, во културата, во моментов, го нема ни јавниот ниту пак националниот интерес! Има други „интереси“, ама тоа е друга приказна којашто, еднакво, не ја интересира јавноста. Ама оние од опозицијата, сеедно, да си (по)кажат колку не разбираат. Иако не си кажаа кога требаше – во времето на носењето на Националната стратегија за развој на културата – туку молчеа како сомови!

Или, на пример, дали „народот“ онака би се противел на некои, некакви реформи во здравството? Не знаеме, зашто никој не спомнува нешто такво. Министерството молчи, а пациентите ги полнат приватните болници (ама тоа, одговараат надлежните, било нормално!). Дали, навистина, не ни требаат реформи во здравството или такво нешто не смее да се спомне, особено од нас „малограџаните“? Или под реформи се смета најавената изградба на новиот Клинички центар? Тоа секако би бил дел од потенцијалните реформи, но и тој предлог, како и „реформите“ во образованието, поминува без поширока јавна расправа, без учество на повеќе експерти, со некакво наметнување „од горе“ што особено ги иритира оние кои сметаат дека имаат што да кажат на таа тема итн. Или, на пример, дали постои реална потреба од некакви, макар и минимални, прогресивни реформи во научната дејност во државава? Зарем е можно никој ни да „зуцне“ збор-два на таа тема, или се исплашија од случувањата со Толковниот речник? Но, следствено, токму тие случувања потенцираат дека и во таа област се неопходни итни реформи, ама тие би морале прво да се одвиваат во „универзумот“ на политиката, па потоа на науката. Зашто, ако политиката започнала да диктира што е наука а што не, тогаш за каков прогрес би говореле? А впрочем, зарем криминалецон со седиште во Будимпешта не ги бираше научните дела што се преведуваа во неговите славни едиции, а под цврстата уредничка палка на еден библиотекар- академик и уште едно чудо други високопрофилирани македонски „интелекти“? И во знакот на прогресот поарчија – има и подобар збор, ама безобразен – милиони без око да им трепне. И повторно, во име на „прогресот“ – не одговараше никој. Како и да е’, како и во се’ друго во ваков себедоволен микросвет, и зборот прогрес – слично на зборовите правда, еднаквост, право, култура, образование, судство… – е осуден на двосмисленост, на негирање и/или омаловажување, на различни толкувања итн. Сето тоа доаѓа заради еден голем државен фелер: немање на визија за развојот на државата, на соодветни целовити стручни стретегии за одделни области како и непочитување на постојните, потоа пресудни политички влијанија во тесно стручни (дури научни) области каде де факто не смее да има никакви импровизации, отсуство на експерти во владините и министерските кабинети… и др. Оттука и мешањето на поимите прогрес и регрес, односно напредување и назадување, дури потценувањето на секое поинакво, па и стручно мислење, пласирање на наводно прогресивните реформи ex officio и никако поинаку, што остава мачен впечаток… сето тоа никако не е знак на прогресивно општество за сите или, уште помалку, за демократско општество. Ако ние не умееме, или не сакаме, отворено да разговараме за нештата, особено за оние што ги нарекуваме реформи во сите сектори, не само во општествениот сектор – да не ги заборавиме политички реформи што почнаа и итно завршија на идејата за една изборна единица! – тогаш нашиот „прогрес“ се сведува само на дилетантски „шарања“ низ мапата на државата, силно поткрепени со армијата полуписмени ботови кои оставаат уште победен впечаток во јавноста!  

ПАТОТ ДО БРИСЕЛ ВОДИ И ПРЕКУ КУЛТУРАТА

Насловот е парафраза на еден одличен текст од Ида Мантон („Патот од Скопје до Брисел не поминува преку Софија“[1]) којшто прецизно ги разглобува турбулентните – и во суштина непотребни – македонски надворешнополитички патешествија низ Балканскиве метрополи, за да извлече заклучок дека „И бугарската и македонската страна покажаа длабок недостаток на дипломатско чувство и вештина и тие дополнително би имале корист од интензивни обуки за преговарачки вештини, подготовка за процес на преговори, стратешко планирање, ефективна комуникација, анализа на конфликти, методологии за помирување и други теми што треба да се идентификуваат во проценката на потребите.“ Слично чувство на поразителна неукост и неспособност, на неоправдана ароганција и дури дрскост, македонската држава покажува и наспрам домашните прашања што кога-тогаш ќе бидат предмет на разговори/преговори со Брисел. Меѓу нив и за состојбите во културата, културните политики – или „политики“, како сакате – кои пак разговори/преговори, со нашата тотална неупатеност во клучните европски културни вредности и однесување, можат да значат и целосен фијаско на тој план. Иако, можеби, Европа ќе покаже милост и ќе не’ пренесе преку тоа поглавје без оглед на празните глави бидејќи, де факто, не можете да надокнадите децении и децении некултура, отсуство на систем, непочитување на сопственото културно наследство но и сегашност… Дури, би се осмелил да кажам, Европа ќе покаже и екстра сочувство, па и милост, за состојбите во културата бидејќи ја знае македонската историја, ги познава сите наши премрежија што како менгеме ни го држат умот заробен во некое соцреалистичко минато, во некакви провинциски односи и диктат на квази-вредности од самиот политички односно културен врв! Впрочем, самата квалификација за Македонија како „хибриден режим“ ги носи со себе овие нешта, и многу други, кои Европа/светот ќе се обидат за миг да ги заборават ако ние не успееме да ја отстраниме таа налепница.

Но, останува она големо НО: дали ние сме подготвени да ги заборавиме, да ги прескокнеме, да ги надминеме само заради некаква благородна идна цел, и – зошто би го направиле тоа? Дали сме подготовени и понатаму полуписмени самобендисани провинцијалци да ни држат лекции кој е кој и што е што во македонската култура, да ни бараат свидетелства за нашите квалификации за да кажеме нешто што на нивните ограничени умови можеби нема да им се допадне; приучени селски „сликар(к)и“ се’ уште мислат дека историјата на уметноста е нешто што егзистира само во други галаксии, филмаџиите (како тоа гордо звучи!) би на суд да тужат ако некој им напише лоша критика за нивните клепаници; македонската музикантска сцена смета дека го фатила Господа за онаквото и никој не смее да им пререче за глупостите што ги прават…; секој со својата банда фатил бусија и не дава никој да пријде на неговата обележена територија мислејќи дека ќе му земе дел од колачето! Тоа е македонската култура: вчера (само)заробена, денес хибридна, утре веќе „длабока култура“, за жал со сесрдна помош од власта и Министерството за култура чие ниво не е ни за милиметар погоре од онаа актуелна провинција во нејзиниот ресор. Следствено, со кого, утре, ќе разговара Брисел, и за што? Македонско прашање за милион долари, енигма што можеби ќе ја разреши некој од оние погоре спомнатите, а во својство на „културен“ меинстрим во државава? Или можеби дел од онаа „ботовска култура“ како предвесник, вовед во владеењето на „длабоката култура“? Ќе видиме. Но, сепак, во чие ли име овие харангираат, и мислат ли дека Европа баш со симпатии (ќе) ги слуша нивните хајки како што тоа го прави оваа држава? Не знаеме, иако и тоа е можно, или многу веројатно дури, само и заради нашиот полесен премин од Балканот кон Европа, па и по цена на културата?

Иако, мислам, дека нема баш се’ да оди така мазно. Зашто, ако „креативното“ дно на државава мисли дека туку-така на Европа ќе и’ продава тези за излишноста на дијалогот и правото на поинакво мислење,  ако мислат дека соцреализмот и сталинизмот повторно ќе се вратат… се излажале. Или мислат дека и Европа ќе ги толерира нивниве „ингениозни“ изблици на глупоста, оние за историчарите на уметноста и критичарите кои, ете, сакале да им ја толкуваат уметноста, или ако филмаџиине се надеваат дека нивните дилетантски „филмски вежби“ – коишто, патем, ни ги продаваат за огромни пари – ќе им ги протуркаат на нешто повисоко од шестокласни паланечки фестивалчиња? Или можеби овие актуелниве музикантски банди ќе можат и понатаму на почетокот на секоја година да си го планираат редовниот приход од македонските фестивали и фестивалчиња, дека баш така едноставно ќе ја замолчат и Европа да каже што мисли за нивната работа, како што се обидуваат да ја замолчат македонската јавност? И, патем, заради ова ли – веќе две цвели години – се минира новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата бидејќи, можеби, ќе затвори голем дел од изворите на приходи на овие банди?

А можеби – грешам? Можеби баш оваа и ваква Европа сака вакви самоубијци, вакви самобендисани анафалбети-тутмаци кои не умеат/не сакаат да разликуваат јавен од личен интерес, уште помалку ги интересира јавното мислење (особено ако се коси со нивните лукративни скаламерии!), помогнати од крајно безобразни сељачиња кои виделе свет еднаш во животот и сега на сите ни држат лекции дури и за културата? Мислам дека тоа ќе ни биде опцијата, зашто ако сакате – обесете се, поништете се, ставете си бомба во устата ако ви е така полесно… ќе ни рече оваа Европа. А зошто и не би? Да не’ брани од себеси? Да ни дава поддршка за нашите бравурозни културни лупинзи? Тоа оваа Европа никогаш нема да го направи, како што не го правела ни во минатото. Впрочем, не дека нема разлика помеѓу онаа и оваа (современа) Европа – ете, ако сакате, таа се извинува дури и за геноцид (меѓу другите и за културен!) – ама никако не е подготвена сега, во третата деценија на дваесет и првиот век, некому да држи предавања за култура, за културни политики, за јавен интерес во културата… Сакате да се самоубиете? Повелете! Дури ни тоа не би и’ било туѓо на Европа.


[1] Respublika, 04 јуни 2021

СВЕТ И СВЕСТ

Сигурен сум дека многумина ќе се обидат да ја релативизираат  и „приказната Трпчевски“ како ненамерен, инцидентен случај на вообичаена македонска немарност, можеби неупатеност или заборавност, па дури би ја искористиле и состојбата со пандемијата како „аргумент“ и слични глупости. Како што успева(в)ме да релативизираме и пострашни нешта, на пример свесното труење на сопствениот народ, ама и обидот за јавен шверц на кримогена легислатива за суштински работи во државата, па распродажбата на земјата и се’ друго по список… Нашиот минијатурен македонски „свет“, па и светоглед, тоа по правило го прифаќа, особено кога имате цела булумента пазачи на јавниот збор, метлари добро платени за одржување на јавната свест во добра партиска хигиена и кондиција. Кои пак, згора на се’, се толку озилени што во паузите од чистењето почнаа да ни испорачуваат и нивни небулозни биртијски менија на сите досегашни „успеси“ во кои, повторно, сите заслуги се нивни а граѓаните треба само да им се поклонат на работливоста, ажурноста, умот… Каква лакрдија! Па  уште и како во 1945 година, не’ плашат со надворешни и внатрешни непријатели, а се погодило баш они да се тие кои не’ бранат од сите такви опасности и „болештини“. А ние, никакви и – неблагодарни! Просто да липаш од жал.

 Ама, се разбира, тоа е таа локална специфика на овој наш „микро свет“, оној некомпатибилен со (очигледно) недостижната цел викана Европска унија, каде нештата функционираат многу, или барем малку, поинаку. Затоа и нашиве заложби за евроинтеграциите делуваат уште посмешно бидејќи веќе е јасно дека нам вака ни е убаво, ептен погодено, а не да злосреќиме по умот на некои таму европејци и нивните самобендисани критериуми.

Секако, не сум баш вчерашен и толку неинформиран да мислам дека таа Европа е баш китка рози со прекрасен калеидоскоп бои и мириси. Напротив, и таму има тешка смрдеа, ама има и радикални санкции кога смрдеата ќе излезе во етерот. Е тогаш – нема (политичка и друга) милост за никого, а тоа сме го гледале десетици, ако не и стотици пати до сега. Затоа, впрочем, многумина веќе прашуваат дали приближувањето на нашите два света навистина е реалност или е само политикантска игранка за замајување на народните маси заради главната цел – „посветла“ иднина? Не знам, секој ќе цени според своите разбирања и критериуми. Но проблемот е што конфликтот помеѓу „системот“ наметнуван од власта – која и да е’ – и мнозинството граѓани кои по правило секогаш се изјаснувале „за“ нашиот пат кон ЕУ, е речиси неразрешлив и секогаш на штета на граѓанинот. Затоа што, едноставно, сите контролни механизми, и добрите и лошите, се во рацете на власта, која и да е’, којашто ја диригира интонацијата и нотите во „системот“, во (дис)хармонијата на нашиот „свет“ на очигледен ЕУ безизлез. Граѓанинот е заробен во лавиринтот на ветувања, полувистини и ноторни лаги, норматива со (квази)европско знаменце наспроти суровата балканска реалност во патолошка македонска варијанта. Поединецот нема шанси наспроти „системот“, особено во оваа негова налудничава форма. Дури и катастрофалниот извештај на УНЕСКО за Охрид и регионот „системот“ умее да го релативизира до таа крајност што, ете, сега сите сме одговорни за тоа. Е па, прифатете ја сопствената одговорност, драги сограѓани на Северна Македнија. Што ќе рече дека вие сте еднакво виновни со градоначалникот на Охрид – кој, ете, баш сега, по стоти пат, ќе започне(л) со уривањето на дивоградбите – па со Владата, па со Министерството за култура и сите досегашни неспособни министри… ама сепак сите, сите до еден, дебело платени со народни пари!

Македонскиот граѓанин по 1945 година и (евентуално) 1992 како некаков (условно) трет Илинден, само со „Шарената револуција“ имаше шанса да го победи системот. И го победи, барем на хартија и евентуално како содржина во некои идни историски pdf „книги“ (ако воопшто ги има после „реформите“!), но во реалноста претрпе тежок пораз. Од победата полза имаа не повеќе од десетина, петнаесет наводно водечки луѓе, кои успеаа да ги узурпираат сите бенефити и да се спогодат со идната тоест сегашната власт! И тука – револуцијата заврши. Некои велат: се трансформираше во контрареволуција! Но, и тоа е, мислам, прашање не само на „свет“ туку и на свест за светот! Поточно, претпоставувам дека не случајно во македонскиот јазик овие два збора ги разликува само една буква. Таа буква „с“ во зборот свест наспроти свет се покажува како пресудна за минатото, сегашноста и особено за иднината на овој народ односно за неговото разбирање на светот. Таа свест е се’ уште на рамништето на зачадената балканска крчма заради којашто на хоризонтот никако не може да се појави оној друг, европски „свет“. Маглата е прегуста, затестена, непробојна. За тој друг „свет“ неопходи се ориентири во локалната свест која што, за несреќа, ние ги немаме. Свест за себеси, за сопствениот идентитет, за државноста, за самостојноста и независноста коишто никој не ни ги подарил (иако партииве не’ убедуваат дека тоа ни е нивен подарок!). Но, за жал, нашиот „свет“ уште долго ќе остане на другата страна од европската галаксија. Трагично е само што има и такви кои мислат дека тоа е добро! Нашиот провинциски страв од цивилизацијата, особено од европската, има длабоки корени, што ќе рече дека не е само денешна или вчерашна, таа е вкоренета со векови назад, но тоа сепак сега не смее да биде наша европска реалност. Без оглед колку политиката ќе се стреми да не’ убедува дека ние, во теоријата, имаме само една опција, а во праксата тие – овие партии – ни се единственото решение. И ние, како абдали, оние од вчера и овие од денес, ќе им поверуваме? Ако е така, ако не поединецот туку граѓанството – без оглед на неговата партиска припадност – навистина така мисли, тогаш нам ни нема спас. Затоа и „случајот Трпчевски“ е само уште една парадигма на целата македонска ситуација, не (само) политичка туку – цивилизациска. Колку побргу го разбереме тоа, толку побргу ќе го најдеме излезот од безизлезов!  

ПРОВИНЦИЈАЛИСИМО КОНТРА МАКЕДОНИСИМО

А го слушавте ли Симон Трпчевски? Не? Сте пропуштиле многу, особено за подобро разбирање на состојбите не само во македонската култура туку и во македонското образование, во она наше „едно општество за сите“ итн. Зашто, маестро Трпчевски сепак не е кој и да е’ во оваа земја. Ние одамна – или никогаш? – не сме имале таква меѓународна уметничка ѕвезда во самите врвови на светската уметност (во случајов музичката). Дали е тоа прашање на судбината да се родиш во ваква земја? Се разбира, ние ќе почнеме да веруваме во се’, па и во бабини деветини и судбини, освен во сопствените способности коишто никому во оваа и ваква држава не му значат ништо. Да имавме систем (што го немаме), да имавме вредности (што одамна ги загубивме), да имавме култура… можеби ќе беше поинаку. Ама не е, ги немаме тие нешта, инаку својствени на нормални држави. Но, од друга страна, не е така баш за сите, нели, односно според многу лагодниот живот и приклученија на актуелни орди тутмаци кои се многу, многу копја подолу од Трпчевски, кај нас (не само) во културата може идеално да се живее. „Јачи су од судбине“, што би рекол еден наш политичар, од системот, од општеството. Такво нешто нема речиси никаде во светот, но мора да исполните еден голеееем услов: да сте абонент/клиент на власта, која и да е’! Тогаш сите врати ви се отворени, ги добивате сите пасворди на најважните државни трезори, се’ што ќе намислите е – остварливо. И никој не ви бара отчет за претходно сработеното или за квалитетот на истото – такво нешто не постои за државните галеничиња – името ви минува на сите државни конкурси без утка и со големи пари… Па што повеќе би посакале? 

Трпчевски, барем во однос на оваа власт, не е тој тип на абонент. Некој ќе рече – ама беше кај претходната. Не знам, не сум сигурен, иако во неколку наврати во тоа време пишував (и) за него и неговите потенцијални симпатии за таа власт. И не бев во право, зашто политичките симпатии, па и на јавни личности како Трпчевски, се сепак лична работа. Но, мислам дека бев во право кога пишував за неговиот непотребно понизен однос при отворањето на новиот објект на Македонската филхармонија и чекањето од час и половина со почетокот на концертот заради доцнењето на криминалецон од Будимпешта! Такво нешто не му доликува(ше) на музичар со такво реноме. Ќе беше логично да беше обратно, но – не беше! Но, дали тоа денес е неговиот главен грев или има и нешто друго? Не знаеме, зашто таквите подземни реперкусии – а коишто станаа наш специјалитет – кај нас поминуваат тајно, необјаснето, молчешкум. Во Македонија, како ретко каде во светот, просекот секогаш ги влечел удолу оние од врвот! Одговорните пак немаат ни толку доблест некому да му кажат нешто в лице. Но, сепак, знаеме/познаваме многумина кои биле многу покооперативни со минатата власт, ама прилично безболно се прешалтуваа во прегратките и на оваа власт. И цели четири години ги гледаме на сити „листи“, дури им даваат и некакви локални награди. А не му се ни до колена на Трпчевски! Тоа ќе рече дека таквиот тип на клиентелизам е веќе длабоко вкоренет во македонското општество, при што угледот, квалитетот, релевантноста во професијата и во светот се речиси последните нешта што генерално ја занимаат власта, која и да е’!  

Како и да е’, појавата на Симон Трпчевски деновиве во македонската јавност – велам појавата бидејќи тој денес кај нас е речиси како сенка, ние како целосно да го заборавивме! – не’ потсети на нашата немарност, некултура, невоспитание, неблагодарност… бидејќи, повторно, станува збор за меѓународна ѕвезда посакувана на сите елитни светски музички сцени, освен на домашните. И, претпоставувам, многумина ќе се „наострат“ да полемизираат на оваа тема: треба ли Трпчевски, или кој и да е уметник од негов формат – а таков друг, за жал, немаме – да конкурира секоја година на јавниот Годишен конкурс на Министерството за култура, да го „проценуваат“ разноразни партиски аналфабети и да му го вреднуваат „проектот“ дали е, или можеби не е, од „национален“ интерес?! И во секој друг случај би се согласил со таков контракоментар зашто македонските состојби, не само во културата, просто прштат од привилегирани узурпатори, од галеничиња на политиката, од lap-dog интелектуалци и самопрогласени „уметници“, така што на јавноста и’ е преку глава од толку привилегирани. Но, кога веќе говориме за маестро Трпчевски, кој, кај нас, би ги проценувал неговите „проекти“, да не речам концерти? На пример – последниот проект наречен „Makedоnissimo“? Комисиите за музика во Министерството за култура? Па дајте ве молам. Ако тој проект на „Трпчевски и пријателите“ околу него бил одличен, мајсторско дело за десет земји во светот,  зарем нема еден паметен човек во земјава, во Владата, во Министерството за култура, кој ќе праша: а зошто го нема кај нас? Или ние/тие по правило се задоволни со просекот, нивниот просек, нивното рамниште на разбирањето на културата, уметноста…? И нема да ги разубеди дури ни BBC Music Magazine со оценките „Performance 5* / Recording 5* … an immensely enjoyable, foot-tapping listen … imaginative, intricate and wonderfully warm-spirited this is a joy of a disc?” Или Gramophone: „… it’s the rhythms – and their harmonic by-products – that get you … It is frequently as delicate as Mozart chamber music. Listen carefully and you hear the light-fingered brilliance of Trpčeski’s playing?”

Веројатно – не, за жал, но тоа ни е нивото. Провинцијалисимо секогаш е посилно од Македонисимо!