Monthly Archives: January 2016

УШТЕ МАЛКУ ЗЛОСТОРСТВА

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (9)

23.

На овие очигледно им е малку. Сакаат да си ја дополнат листата (во случајов) на културните злосторства, да си ги збогатат лоповските биографии со уште некој скандал. Малку им беа и сите „фаланги“ и кражби на културното наследство, неговото разнесување низ светот, онаа безочна пљачка на векот во Музејот на Македонија … еве сега ќе го продаваат и т.н. Офицерски дом во Битола односно, како што стои во нивниот Список на заштитени добра (состојба до 31.12.2012): Битола, бр.52 Објект Дом на ЈНА, ул. „Маршал Тито“ бр.147! Што ќе рече – споменик на културата, изграден на почетокот на минатиот век, (некои го нарекуваат „бисер на Битола“), заштитен со закон. Со нивни закон, што тие го донеле! Ама им притребале пари, па законот веќе не произведува правни дејствија?

И џабе што „стручњациве“ и „патриотиве“ пишувале ли, пишувале колку тие го ценат и го сакаат културното наследство. Те дека „Културното наследство е темелна вредност на Република Македонија што се заштитува во секакви околности“, па дека „Заштитата на културното наследство е од јавен интерес и се остварува задолжително на целата територија на Република Македонија“, и дека „Културното наследство се заштитува според неговите вредности, значење и степен на загрозеност, без оглед на времето, местото и начинот на создавањето или кој го создал и во чија сопственост или владение се наоѓа, како и без оглед дали е од световен или религиозен карактер и на која конфесија припаѓа или дали е регистрирано“ (чл. 5 од Законот за заштита на културното наследство! Сето тоа важи за други, а за барабиве тоа е само мртво слово на тоалет хартија.

И како никој друг освен општинската организација на СДСМ Битола, невладината организација „Уфук“ и една политичка партија на Турците во Македонија да не е загрижен за тоа? А и зошто би биле, не е нивен имот, нели? Нека продава државата што сака и како сака!?

24.

Впрочем, истото беше пред некоја година и за еднакво големото скопско  злосторство – стиропорното преоблекување на ремек делото на модернистичката архитектура на Муличковски, познато како зграда на ЦК! Го збришаа дури кажеш „пиксла“. И тоа имаше третман на споменик на културата како дел од Урбана целина „Централно градско подрачје I“! И тогаш, освен малкумина навистина посветени, никој немаше што да каже, како и сега?! Ајде, некој ќе рече, ова во Битола е, демек, турски објект, па подоцна Офицерски дом на „омразената“ ЈНА, па не-знам-што. Ама објектот во Скопје? И никој од современиве историчари на уметноста барем глас да пуштеше? Читам, „професорон“ кој така верно им служи сиве години на оваа багра, многу се потресол од смртта на Дејвид Боуви и, ете, му посветил некакви „цртежи“ и текст. И „Слободен печат“ побрза да му го објави, зашто ќе бевме посиромашни без него!(?) Ама за се’ друго „стручњаков“ глас нема да пушти. Можеби и Боуви беше кај нас заштитен со закон, а да не сме знаеле?

25.

Иако, мислам, дека на времето и во случајот со злосторството врз објектот на Илинденска бб во Скопје посочив на одредбите од Законот за заштита на културното наследство – а тој објект дефинитивно беше културно наследство заштитено со закон – од тоа немаше никаква полза. Никој не покрена никаква постапка. Можеби битолчани ќе бидат поагилни зашто на располагање им стои чл. 5 т. 3 каде се вели дека „Со евидентирање, прогласување или друг начин на ставање под заштита, регистрирање и означување на културното наследство според одредбите на овој закон не може да се промени видот на сопственоста, ниту неговиот сопственик“. Објектот во Битола, т.н. Офицерски дом, е евидентиран, прогласен, регистриран и ставен под заштита! Што ќе рече дека, според словото на законот, не може да го менува видот на сопственоста ниту сопственикот!!! Освен, се разбира, ако хохштаплериве не решат поинаку, нели? Или оној ЕвоАдам(с) ќе измисли некое ново толкување?

И како што се’ друго им помина, ќе им помине и ова? Не, изгледа нема, зашто Офицерскиот дом во Битола, веројатно, ќе го користат како џокер во изборите. Демек – ќе ја почитувале волјата на народот, вели „лидеро“! Сега им е устата полна народ. Ама кога носеле одлука на седница на истата Влада не ги интересирал народот? Што Влада ќе беше ова, со вакви празноглави зборови?

И како во времето на приплескувањено на „белана шампита“ не се погодија некакви избори. Можеби ќе се откажеа и од тоа злосторство? Иако се сомневам. Во Скопје во тоа време сите молчеа како сомови. Особено архитектите, уметниците, историчарите на уметноста, критичарите …! А баграва тоа го прочита уште уште во 2007 година – дека ова веќе „смачкано племе“ можеш и дополнително да го мачкаш како сакаш, долж и попреку. И никој нема да писне.

Она што во културни, цивилизирани земји се смета за сериозно злосторство (не само) врз културното наследство, овде глатко поминува. На сељачанава и’ е побитен Дејвид Боуви, се разбира!

ПОСЛЕ НИВ НИ ПИРЕЈ

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (8)

20.

Неколкумина ме прашаа на кои „културни“ злосторства мислам. Многу се, би требало сериозно време и простор за опишување. А мислам и дека низ годиниве многу пати сум пишувал прилично конкретно. Но, сега, еве едно „тазе“ сведоштво од еден македонски уметник, Ранко Дакиќ, одамна на „привремена“ работа во Берлин: „Пред неколку дена се вратив од подрумот балкански. Бев во Национална Галерија, жените пред влезот шмркаат кафе и пушат, зјапаат во мене како во изгубен германец, влегувам и ја гледам диверзијата врз Томо Шијак распнат на зидовите без осветлување и без греење, на излегување ме прашува ’една’ со кљунот, строго: да не ви треба нешто господине“, ќутам, ги листам каталозите, … пак се јави кљунот „каталозите се плаќаат господине“, мислам дали да го вадам кубурот, молкум излегувам, а кљунот ме следи, зјапа у мене, зјапаат и другите кљунови што шмркаат кафе и пијат тутун, ’догледање’ реков и тргам накај Камени мост, си мумлам … leck mich auf Asch, би ве пратил на курс за љубезност, па на практикум пред селска кооперација таму да шмркате кафе и тутун“! Јасно?

Не знам дали Ранко отишол и до „Мала станица“, на пример, за да види уште еден нагледен егземплар на злосторствата во континуитет на (не)културнава сељачаана, да види како нивните пулени успеаа, за само неколку години, од репрезентативен изложбен објект да направат смрдлива гробница на уметноста! Да се јавеше Ранко, ќе го прошетав и до Чифте амам па да види на кое дереџе ги донесоа и спомениците на културата од тој тип, божем заштитени од државата. Тие што требаа да ги штитат завршуваат во затвори заради криминал, како славниот ни Паско, а овој новиов ЕвоАдам(с) заработува кривични пријави!

21.

Впрочем, ни тоа не е некоја новост. И само една кратка посета низ скопските (не)културни институции може секому „во живо“ да му ги предочи доказите за децениското урнисување на македонската култура и уметност, и физички и духовно. Просто е неверојатно како се’ што ќе допрат – уништуваат. По нив ни пиреј не расте! Не дека оние претходнине, оние од 1998 до 2002 на чело со Бугарон и неговите пуленчиња од форматот на Ганка и Димитров беа поарни, ама беа некако поприбрани. Барем во уништувањето. Овие бре брате ништат се’ пред себе. Како да се на таква задача! А можеби и се? Зашто кој друг, ако не е со таква „мисија“, така би се однесувал со културата и уметноста на сопствената држава?

Жално – саркастичното сведоштво на Дакиќ е само едно од последните, посочува на (пред се’) тажната и непристојна атмосфера во македонските (некогаш елитни) културни институции. А таа атмосфера на пораз, на духовна беда, на незнаење и непрофесионалност трае веќе цела деценија.

Оној кој сака да ги види злосторствата на оваа сељачана нека помине преку модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ и нека ја загледа неговата инсталирана „барокна“ ограда премачкана со боја за ќунци! И нека ги загледа оние рахитични лавови со големи глави – зашто лавот не бил лав ако нема голема глава, како што на времето не’ просветли „уметникот“ – а потоа и „релјефите“ на постаментите. Особено оние под газовите на лавовите! Или нека се загледа во оние другине, подеднакво идиотски лавови ала лего коцки, па нека помисли за дострелите на македонската култура и уметност во изминатава деценија!

Или, нека се наврати повторно на еден мост, оној кај славнион стиропорен ќумез што го нарекоа „Палата Сарафов“, или така некако, и нека ја загледа и таа ограда. Просто тежи од кич, од невкус, од незнаење … ќе го урне мостот, или самиот ќе падне, од срам.

22.

Инаку, Ранко е наш човек, од овие простори, па можеби и ќе замижи на едно око, иако, богами, со двете е одамна навикнат на германски однос кон културата и уметноста, однос на почит, на грижа, на ред и естетика. Ама другите странци нема да замижат. Напротив! И не еден директно се пожалил дека доаѓа во Даут пашиниот амам да ја види постојаната Поставка на националната ликовна уметност 14 – 20 век но, прво, или не може да го најде објектот (зашто со години е сокриен со тенекиени огради), билбордот пред објектот е компелтно уништен, а внатре гледа нешто сосема друго (како катастрофава наречена Томо Шијак, на пример!). Или овие мислат дека странците доаѓаат да им ги гледаат оние грозотиите низ центарот на Скопје?

И немав намера да го спомнувам „Скопје 2014“ зашто ми е преку глава ама, повторно, главниот „архитект“ ме влече за јазик. Пуштајќи една катна гаража, мудрува како „Единствено нешто по што беше познат Скопје беше Камениот мост, Старата чаршија и Скопското кале кои потекнуваат од време турско или далеку поред тоа“, ама сега дојде тој и ни го „модернизира“ градот! Какви шарлатани!!!

Единствено е точно дека, можеби, многу нешта ќе ги мериме токму според нив, односно пред нив и после нив. Ама по лошо, по катастрофално лошо, по невидено незнаење и неумеење, грабеж и пустош (и) во културата!

„КУЛТУРНИ“ ЗЛОСТОРСТВА

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (7)

17.

Ненормалното време во коешто живееме, време во коешто полуписмениве бараби и шизофрени политиканти ја инвалидизираа(т) македонската култура до непрепознатливост, безпоговорно ќе биде иден предизвик за сеопфатни проучувања, но и императив за итна културна реставрација. Како впрочем и за вкупната општествена, демократска обнова на вредностите и принципите, така драстично (по)газени изминативе години од наездата на варварскиве хорди. Но, паралелно со „надворешното“ чистење на општеството, културата ќе мора да иницира фаза на внатрешно самопрочистување, на диференцијација – колку тоа да звучи тврдо или ретроградно, на луфтирање не само на институциите туку и на сите придружни сегменти битни за непречено функционирање на културниот организам.

Во таа насока битна е првичната диференцијација на, според мене, активни злосторства / злосторници и злостори на молчењето / нечинењето. Или, ако сакате, на чинители и помагачи, на злосторници и соучесници, на егзекутори и посматрачи. За многумина, првата категорија е побитна. Не сум сигурен дека е така, јас ги гледам подеднакво важни. Или, дури, ако ја нема(ше) втората, ќе ја нема(ше) ни првата категорија. Или – се лажам: да го немаше првото, ќе го немаше и второто? А сепак, да го немаше оној „(…)   калкулантски однос (…) рамнодушен кон ’состојбите’ во нашата земја кои ја доведоа до раб на пропаста“ (А. Вангелов, Нашиот менталитет I), денес ќе говоревме ли на оваа тема? Веројатно – да, зашто ригидноста, тренираното насилие, простотијата и безобразлукот на овие не ќе се повлечеа до крај пред евентуалниот (интелектуален) отпор, ама сигурно сето ова ќе имаше поинакви димензии и лик.

18.

Но, тоа се приказни од типот „што би било кога би било“ односно што ќе беше да беше поинаку. Она што (прет)стои пред македонската култура како иманентна обврска, е да си го „обели образот“, самата, од внатре. Ако не може, ако не умее, не заслужува ни да постои. Односно, го заслужила сето ова што и’ се случува(ше).

Немам дилеми дека тој процес е мачен сам по себе, но неопходен, дека таквите диференцијации заличуваат на некои тешки (и за културата) времиња, ама и ова е такво време, „несоопштиво“, што би рекла претходно спомнатата Е. Михајлова, што „со природата на својот ужас (…) му пркоси на јазикот“! Зашто, всушност, се’ понеискажливо, понеопишливо станува македонското секојдневие, вклучувајќи го (особено) и културното. Само ретки мајстори на зборот успеваат да ги доловат сите „финеси“, како впрочем и за другите историски слични периоди, не само кај нас. Дури и по дефиниција неверните странци полека ги согледуваат димензиите и „раскошот“ на македонското (не)културно дивеење во изминативе десетина години. Или, можеби, има право Вангелов кога ова време го нарекува „нео-македонизам“ како антипод на „асномскиот македонизам“? Не знам, или сепак, посоодветна е почесто употребуваната формулација „груевизам“, зашто ги „врзува“ состојбите токму со конкретниот причинител, со изворот на целиов македонски јад и горчина?

Но, времето на (само) опишувањето на состојбите, колку и да е тоа полезно, треба да заврши. Доста беа кукумјавчења и поплаки. На самопрочистувањето на културата треба да и’ се помогне со факти и со податоци. Треба да се нотираат, колку што се може, сите културни злосторства на овој режим, по области, и поединечно, до детал. Ако тоа никој до денес не го правел – во што се сомневам, белки не сме толку депримирани – крајно време е да се започне. И, што се вели народски, секој во својот двор! Нам неизоставно ни треба „бела книга“ за културните злосторства на оваа булумента, документ што ќе остане за идните генерации кои, инаку, ќе се чудат на наследството што им го оставаме. Некои злосторства се видливи, особено материјалните, но остануваат и оние нематеријалните, духовните, што треба да се објават и обзнанат на светлината на новиот ден. Да се покаже со прст, јасно и гласно, на сите оние црни петна што ги оставаат овие културтрегери и нивните „политики“, да се посочат, по име и презиме, носителите на идеолошките хајки во културата, да се легитимираат составувачите на „црните списоци“, инспираторите но и на „редарите“ во културните редови. Командната одговорност не смее да се запостави, ама ни сите оние „капо“-и што и денес шетаат со стапот во рака по културната сцена!

19.

Оттука, можеби, Македонија повторно ќе спадне на некои 400 интелектуалци – податок од Крсте Црвенковски што често го спомнувам – колку што ги имало во не така далечната 1945 година. Па што? Како што излегле тогаш на крај, ќе се излезе и сега. Или, што ако сега ги имаме, можеби, 40. 000 илјади, кога од нив немаме ама баш никаква полза, кога, всушност, имаме само интелектуално слепа и глува орда подопашни послушници? Што ќе и’ се тие на една држава, па нека е и Македонија? Или таа Македонија е вечно осудена да ја јаваат токму такви празноглави и безрбетни суштества?

И каква полза, имено – пак ќе ги спомнам – имаме ние од една МАНУ, од толку еснафски друштва и асоцијации, од толку институции и интелектуалци (секоја чест на ретките исклучоци!), ако тие не можат да се изборат за една нормална, пристојна, демократска, европски ориентирана култура во една нормална, пристојна, демократска, европски интегрирана држава? И затоа, сигурно, Попсимонова потсетува: „(…) почитувани интелектуалци, професори, академици, писатели, филозофи, социолози, политколози, поети, односно сите вие кои треба да претставувате СОВЕСТ на едно општество, а сега нигде ве нема, мора да си ја понесете сопствената одговорност. Простете, ама вашето молчење е поддршка на злото наречено груевизам. И соучесништво во истото“. И соучесништвото мора да се казни!

Ако македонската култура самата не си го расчисти патот кон иднината, никој тоа нема да го направи за неа. А и не треба. Ако тоа треба да го направат политичарите, или г-ѓа Катица – која секако ќе го има последниот збор – тогаш оваа држава и не заслужува подобра култура. Ако повторно почнеме со братското помирување, па со колегијалности, па со критичната маса … подобро и да не почнуваме.

Белки ќе успееме. Иако – ме јаде јанѕа: а зарем сето ова не можеше да се направи и порано?

ИНВАЛИДИЗИРАНА КУЛТУРА

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (6)

14.

Ако е вистина, а вистина е, дека овие, како што вели Фрчковски, ни оставаат (благо речено) инвалидизирана држава, тогаш тоа е најевидентно токму во културата, образованието и науката. (Политиката и демократијата ни се одамна во количка!). Зашто, мислам, дека инвалидитетот прво удри таму, како во „најмеки“, најнеотпорни на притисоци сегменти, па потоа како епидемија се ширеше и низ другите области. Зошто? Зашто културата (и образованието, и науката) по правило се најлесно ранливи, особено фрагилни, пропулзивни за разноразни шизофрени егзибиции што ја тестираат нивната издржливост. Која се’ будала не „помина“ низ нив оставајќи своја „трага“ со мрсните прсти! Македонската култура особено, во принцип, е лесно ранлива, да не речам кршлива, не само заради нејзината некохерентност, релативна нестабилност и се’ уште прилично кусата (современа) историја. Иако вековните перипетии низ коишто, присилно, поминувал македонскиот културен дух требало да го направат посилен, поимун на насилијата и инвазивните пробои од различна провениенција, тоа изгледа не се случило. Ранливиот дух кај нас, се чини, е – константа! Особено во изминативе години, македонската култура покажа дека не е имуна на ломови, на лаги, на измами, на празни зборови / ветувања … Но тоа не е само македонски случај, се разбира, иако барем на балканиве ние потврдуваме дека (и) во тоа сме на врвот. Србија не е нешто многу подобра во овој поглед, ама сепак емитира(ше) сериозни знаци на отпор, на протест, на „подземно“ делување …

15.

Несомнено е дека потенцијалната склоност кон инвалидитет, како и кај физикусот, се должи на слабата структура на скелетот како целина, а потоа и на некои од виталните поврзувачки „линии“, па на малите но битни „зглобови“ што ја раздвижуваат целината итн.

Ако културата ја посматраме како (навидум) компактен физикус, тогаш нејзините институции би биле таа носечка скелетна структура врз која што почиваат, или се врзуваат, сите останати сегменти. Затоа таа структура, тој конгломерат од различни а сепак сродни и поврзани делови е толку битна за вкупниот изглед на телото на културата, неговата исправеност, функционалност, подвижност итн. И издржливост, се разбира. На секакви потенцијални ломови што водат кон евентуален инвалидитет. И затоа, впрочем, нападот врз нејзините институции беше атак токму врз костурот на македонската култура. Комплетното поништување на сите професионални, стручни и слободномислечки елементи во институциите значеше почеток на нивниот крај, тенденција кон целосна атрофија на нивните (не само витални) функции. Што впрочем го живееме денес. Кон таквиот развој на настаните придонесе милитантната инсталација на партиски мутанти и послушници без какви и да се’ допирни точки со културата, (рако)водени од полуписмени баби и тетки, стрини и чичковци на актуелнава врхушка, или некоја од оние подопшани продадени души седнати во директорските места. Тие црни анти-тела ги разоруваа институциите од внатре, директно предизвикувајќи целосен колапс на културниот организам.

Паралелно со атрофијата на институциите, втората насока кон инвалидизирањето на културата се движеше кон окупација на професионалните здруженија / асоцијации во областа на културата како можен контра баланс и битен сегмент во културниот крвоток. Во изминатиот период на видело излегоа сите прикриени гадинки, залегнати со години во еснафските здруженија, партиски војници или властелински послушници кои требаа да го следат малоумнуот курс на варварите и да помагаат „од страна“ во нивните идеи за превземањето и рушењето на децениските текови на македонската култура и уметност. И овие ја изиграа својата (и нивната) игра, сместувајќи се не само како „водачи“ на еснафите туку и како „експерти“ во сите можни комисии и тела на власта, особено во Министерството за (не)култура, подривајќи секоја конструктивна иницијатива и проект, отстранувајќи се’ што не смрдеше на измамите на власта! Наградите им не беа мали, и не само во форма на „заслужени“ хонорари, туку и присуство на разноразни „стручни“ собири, претставувајќи една целосно искривена слика за македонската култура.

16.

И кога ќе ги инвалидизирате носечките столбови во една област, преостанува да се справите со останатите „слободни“ механизми, поситни „зглобчиња“ и „шрафчиња“ што добиваат смисла само во функцијата на целата машинерија. Отсуството на синхронизација во целиот организам значеше колапс и на овие делови.

Некорумпираните интелектуалци, слободномислечките професионалци, моралните и чесни културни работници можат да водат лични битки, но тие се (нај)често однапред осудени на пропаст. Или, во најмала рака, на ограничени ефекти. Ним им е потребна силата на машинеријата, на заедницата, на професијата, на правдата … за да бидат ефикасни и, кога треба, убиствени. Со години немаа таква потпора во поширокото (не само) политичко опкружување каква што имаат последнава година. Не сум сигурен дека (политичката) опозиција и денес има големо разбирање за веќе очебијниот инвалидитет на македонската култура, иако од неа добива можеби мали но значајни поддршки. А за возврат (нај)често не дава ништо, или дава многу малку!

Но, културата, особено уметноста, во нормално време, ниту треба да се потпира на политиката, барем не на онаа за која што вообичаено говориме со израз на гадење на лицето, онаа што секојдневно ја гледаме низ мегафонските медиуми на власта. Но ова не е нормално време, веќе одамна. Затоа, на културата (ќе) и’ треба недвосмислена и јасна поддршка од политиката во идните расчистувања на состојбите и кревањето на инвалидот на (колку-толку) здрави нозе!

ПРОЦЕДУРИ

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (5)

12.

Паралелно со целосната некомпетентност, незнаењето и неспособноста во коишто имавме доволно време да се увериме низ годиниве, а коишто всушност станаа заштитен знак на булументава на власт и нивните подопашни клиенти, евидентна беше и неподготвеноста за соочување со јавноста, особено стручната, но и политичката, (не само) околу смерниците на развојот на државата, туку и за одделни стратегии, капитални и други важни проекти. Иако, за право, овие не ги интересираше ни развој ни бутур, ама добро глумеа. Попрво, би рекол, на дело се покажа стравот токму од дебата, политичка и секаква друга, несигурноста во сопствените одлуки, бегањето од квалификувана расправа, особено стручна, за сите витални прашања што ја тангираат оваа држава. Основната грижа на врхушката беше токму спротивното – избегнувањето на директното соочување со јавноста, комуникација преку наредби, соопштенија и видео „презентации“, се’ со намера да се елиминираат незгодни политички и стручни прашања, коментари, критики. Мислеа дека така ќе ги сокријат глупоста и неспособноста, а всушност само ги потенцираа!

Токму во таква насока, и според истиот манир, се одвиваше и од почетокот востановената пракса за, според Гошев, „заобиколување“ на задолжителните процедури. Вангелов пак смета дека таквите пориви биле раководени од „… потребата да се избегнат бирократските лавиринти“, кои пак „… по обичај, обесхрабруваат носители на мега-проекти и, на тој начин, стануваат не само потенцијална, туку и реална закана за нивната реализација“. Се разбира дека за нашиве тутмаци тоа воопшто не претставуваше обесхрабрување, напротив, тие одвај чекаа насилно да ги елиминираат сите од порано демократски поставени „пречки“ токму заради такви тутмаци. И тоа им поаѓа(ше) од рака, од најбанални до најсложени (и најскапи!) нешта. За нив процедурата беше ламја со сто опасни глави, па претпочитаа истата да ја остават заклучена во некоја попатна пештера отколку да им пречи во реализацијата на замислите.

Се разбира дека тоа нема(ше) врска ни со демократија, ни со систем ниту со закони – што вели Вангелов, процедурата е „синоним за демократија затоа што: имаш процедура, имаш демократија; газиш, заобиколуваш процедура, имаш диктатура! – ама тоа овие отворено го демонстрираа, секако подржани од медиумските мегафони и останатите бараби што нон-стоп ја ширеа лагата за величенственоста на нивните „проекти“! Последниве случувања со „распуштањето“ на Парламентот е само шлаг на врвот!

13.

Впрочем, кога така им помина самонаречениот проект „Скопје 2014“, се’ друго беше полесно. Само тој „проект“ прекрши едно чудо процедури, закони, дури и Устав, така што само тој е апсолутно доволен / парадигматичен за некои идни проучувања на начинот и методите на заобиколувањето на демократски донесените постапки. И кога тоа им помина, потоа поминуваше – се’! Од системот не остана ни „с“, од процедурите ни „п“. И бидејќи „Скопје 2014“ беше превасходно (не)културен проект – не само по содржината туку и по средствата вложени од културниот буџет – тој е парадигматичен и за останатите зафати во македонската култура во изминативе години. Инаку, во некои нормални времиња, со нормални политичари и преку нормални процедури, ниту на сон во Скопје ќе се инсталираше ваков хаос од стиропорни зданија, ретардирана или ретроградна „уметност“ и сето она што денес го придружува овој страобален провинцијализам и невкус. Уште помалку пак, низ стручни и објективни постапки, во Скопје ќе градеа такви полуписмени архитекти од профилот на оној во чии што „објекти“ глумици паѓаат низ врати што водат во провалии, или оној кој сместува археолошки музеј и државен архив на пет метри од луда река … итн., а богами не ќе можеа да се изживуваат со нивните кич-лудории ни „уметници“ од типот на коцкестине или рахитичнине лавови, или онаа серија на македонски војводи во стилот на каубојци од Дивиот Исток, неодминливите стрип фигури на Ацета и татко му како си отпоздравуваат преку реката, оној „авангардистон“ со малоумните фашистички копиии во улога на незнаен јунак и др. Или можеби некој сака да не’ убеди дека она т.н. интернет гласање за сегашниот изглед на „белата шампита“ беше – процедура?! Или дека оние шапшали што седеа во конкурсните комисии на Општина центар следеа процедури?

И кога такви нешта ќе ги поминат „културните процедури“, па уште и здраворазумските граници, тогаш во таа држава не останува веќе ништо од културата и уметноста. Затоа, впрочем, така поминуваа(т) и сите други „процедури“ – конкурси вакви и онакви, селекции, избори и слични будалаштини – во македонската култура спроведувани од Министерството ни за (не)култура, затоа на сите списоци гледа(в)ме едни те исти имиња, затоа и државните награди во културата ги добиваа(т) (според „процедура“, се разбира) имиња кои ништо не значеле / значат за македонската култура … Тие се таргетирани процедури, со однапред познати имиња и презимиња, избрани од страна на „стручњаци“ со непознати имиња и презимиња! Се’ е тука фиктивно, па затоа и имаме фиктивна, невидлива, непрепознатлива култура и уметност.

БЕСКРАЈНО ШАРЛАТАНСТВО

1.

За миг ќе ги прекинам текстовите со заеднички наслов „Празни зборови“, посветени на македонската (не)култура и незаборавното ни Министерство за (не)култура, заради еден најнов „бисер“, но повторно во режија токму на тоа Министерство. И човек веќе не може да процени кој е полуд, кој е поголем шарлатан – тоа Министерство, на чело со министерката, македонските уметници или сите заедно, комплетната македонска култура. Зашто, денес, овие очигледно не умеат да ги проценат не само туѓите дела и постапки, туку ни своите. И таман човек ќе реши да им даде кредит, „две слатке речи“ за нешто што, сигурен сум, не е нивна иницијатива туку го направиле по нечија сугестија, ама тие и тоа ќе го упропастат.

Станува, имено, збор за Спомен констурницата во Велес – едно од малкуте наши ремек дела на синтезата во споменичката област – објект што со години буквално пропаѓаше и за којшто, еве, Министерството за (не)култура се пофали дека е целосно саниран. Што ќе рече дека после толку години и јавни укажувања за вредностите на објектот, некој – и добро е што тоа е Министерството – се смилувал да му обрне внимание и да превземе сериозни мерки за негова заштита.

Инаку, Спомен костурницата во Велес е заедничко дело на Сава Суботин (архитект), Љубомир Денковиќ (скулптор) и Петар Мазев (сликар, автор на мозаиците во внатрешноста). Изградбата била започната во 1976 година, а завршена и свечено отворена на 11 октомври 1979 година. Истата година, на 9 ноември – ден на ослободувањето на Велес – во криптата на објектот биле пренесени и посмртните останки на борците од Велес и велешко!

2.

И сега, наместо да се застане токму тука – на успехот што воопшто е реализирана идејата за санирање и заштита на еден ваков објект, што во нашиов општ културен грабеж се нашле средства за таа намена, што работите (велат) се завршени на општо задоволство – наместо ова Министерство барем краткотрајно да се памети по едно добро дело, тие се фалат дека „во договор со директорката на Народниот музеј Велес, четири скулптури од Станко Павлески, кои се во музејското депо, ќе бидат поставени во внатрешноста на Спомен-костурницата, а претходно ќе се реставрираат со средства од Министерството“. Што ќе рече, седнале тие две „госпоѓи“, веројатно и тој „господин“ што глуми уметник, и решиле дека всушност не знаат што да им прават на четирите скулптури во музејското депо и дека најдобро би било да ги тупосаат во Спомен костурницата, директно и неотповикливо. Нека им прават друштво на мозаикот на Мазев, на скулптурите на Денковиќ, а впрочем тие автори и не се веќе меѓу живите па и не можат да протестираат! А веројатно, во нивната шарлатанска провинцијална логика, мислеле и дека прават добро дело?

Зашто, кому, впрочем, би му пречеле тие не една туку четири скулптури на едикојси кој, ете, можеби намислил да се мери со Мазев? И каква врска има што авторското трио Суботин – Денковиќ – Мазев имало проект, прифатен и реализиран, којшто предвидувал ентериерот на објектот да биде таков каков што е, и никако поинаку? И веројатно таа нивна провинцијална логика смета дека можеби го облагородиле објектот со тие не една туку цели четири скулптури? И кои стручњаци се, впрочем, и какви меродавни експерти се тие три сподоби – министерката, директорката и тој што глуми уметник и поттура негови скулптури – па да решат дека токму тие скулптури се добредојдени за Спомен костурницата? Или можеби во одлуката им помогна и градоначалникот на Велес, и тој како познат стручњак? И навистина ли за нас важи правилото дека тоа што можат три будали да расипат, не можат да поправат стотина паметни?

И зошто воопшто Народниот музеј во Велес ги купувал тие скулптури, па сега ги раздава? Или – морал, по наредба? А на „уметникот“ нели му е срам, барем малку? И нема ли во тој Велес друг простор што може да ги вдоми тие четири скулптури – ако веќе баш мора да бидат изложени – туку тоа мора да биде токму Спомен костурницата? И чија ли е таа идеја, ако не повеќе барем да му дадете некоја општинска награда за најидиотска идеја на деценијата?

3.

Токму затоа и мислам дека кај овие провинцијалци дури и успехот е случаен, резултатот е само плод на некаква среќа а не ум и разум. Тие не умеат да си ги ценат ни своите малубројни позитивни потези, оние неколку (веројатно случајни) иницијативи и реализации што заличувале, барем малку, на конструктивна културна акција. Токму ова е уште еден доказ дека тие всушност и не знаат што прават, дека сето ова само ја дополнува целоста на претставата за македонскиот културен циркус. Кај нив очигледно нема ништо свето, ништо недопирливо, ништо завршено … се’ е подложно на нивното шарлатанско видување на нештата, на нивното дилетантско одлучување во полза на нашата штета.

СУСПЕНЗИЈА

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (4)

10.

Еден од најчесто употребуваните поими особено во изминатата 2015 година – како да во претходните беше нешто поинаку – е поимот суспензија во неговото изворно значење на (времено) отстранување, замена, стопирање, задржување … на нешто, кај нас вообичаено употребувано во смислата на замена на системските институции со партиски, во сите сегменти, на сите рамништа, хоризонтално и вертикално. Таквата деинсталација на безмалу цел еден легален општествен систем и неговата замена со партиски односно партократски и (во суштина) илегален механизам, е нешто што го гледа(в)ме во континуитет повеќе години, ама за тоа почна понагласено да се говори  релативно од неодамна. Како божем не гледа(в)ме што се случуваше, па моравме изворно да чуеме низ т.н. „бомби“ на опозицијата. Впрочем, тоа ни е една од националните одлики: да не умееме да ги согледаме нештата, особено лошите, во нивниот зачеток, туку да чекаме истите да попримат катастрофални, дури катаклизмични размери па тогаш да ги вклучуваме сите можни аларми! Од друга страна, и таа суспензија трпеше дополнителни надсуспензии, односно тој нелегален партократски механизам во од беше надсуспендиран по разни основи, некогаш преселен исклучиво во премиерскиот кабинет или, од пред некој месец, во неговиот мобилен телефон што функционира како влада во постојано заседание!

Не можам да посочам конкретно во која / кои области прво се појави оваа суспензија и низ какви облици, но можам да сведочам дела културата секако беше меѓу првите. Впрочем, сите претходно спомнувани „епохални“, „извонредни“, „како никогаш до сега“ (само)наречени проекти спроведувани особено од Владата на РМ, но и на Министерството за (не)култура, се типичен пример на суспензија на одделни институционални права и обврски односно нивно насилно, незаконско превземање од страна на спомнатите. Зашто, извинете ама која влада во светот, освен македонската, се разбира,  нема попаметна работа туку се бави со издавање на едикакви едиции, па нека се и најдобрите, најепохалните? Дали навистина издаваштвото од типот на некакви „соѕвездија“ или „бисери“ се токму тој приоритет со којшто треба да се занимава еден премиер на држава, во земја како Македонија? Или тука има нешто друго, смрдливо и малоумно, депласирано и детско, популистичко и политикантско, небулозно и шарлатанско …? Впрочем, идентична е приказната и со сите други „ангажмани“ на премиерот и на Владата околу историјата, археологијата, спомениците, музеите, фасадите итн. Просто човек да се запраша: знаат ли овие луѓе што всушност треба да работат, кои и какви се нивните надлежности, јасно и прецизно дефинирани низ Устав и закони? Или, поедноставно е да се бавиш со полесното – да продаваш магла и флоскули за трето дете? Секако, истото важи и за Министерството за (не)култура, кое не знаејќи што и како треба да прави во македонската култура се зафаќа со броење на проектите на институциите што ги финансира, со популистичко одземање на нивните надлежности само за да се прикаже некаква грижа и активност, со ретроградни идеи од типот на „национален уметник“ или „амбасадор на културата“ и слични будалаштини. Мислам, односно се кладам, еден од оние двесте (или колку се) тутмаци во тоа Министерство, на чело со министерката, појма немаат кои и какви се всушност надлежностите и делокругот на работа на едно сериозно министерство за култура во нормална, демократска држава! Зашто тоа што тие го прават – да бидат прост финансиски сервис на пари од буџетот до корисниците – може да го работи која и да е сметководителна фирма во градов, или државава. За тоа ама баш воопшто не е потребно толкаво Министерство со толкав бирократски апарат. И мислам дека тоа го знае и Владата. Е па зошто не ја изврши таа (можна и потребна) замена?

11.

Се разбира, вакво какво што е, ова Министерство за култура, како впрочем и безмалу сите други министерства во т.н. општествени дејности, е тотално непотребно, безмалу луксуз. Неговите сегашни „функции“ се целосно и долгорочно заменливи. Но, тајната нишка на неговото постоење е токму во  потребата од суспензија односно трансформација на еден државен орган во партиска делотворна продолжена рака. Поточно, тоа Министерство односно оние неколкумина исполнители на врвот, мораа(т) да ја спроведат таа суспензија на способното со неспособното, слободоумното со партизираното, умното со глупавото, писменото со неписменото … во македонската култура! Тоа беше / е’ нивна основна и единствена задача!!! Впрочем, како што и сегашниве ликови седнале во нивните фотелји наместо некои поспособни и поподготвени за културните предизвици во оваа (во суштина) некултурна земја. Ваквата (партиска) суспензија на надлежностите и одговорностите на еден државен орган можат да спроведат само неуки, неодговорни и полуписмени поединци, подготвени беспоговорно да следат партиско штабни наредби за целосно упропастување на културата и уметноста на една земја. Оваа македонска состојба едноставно не може поинаку да се нарече!

Од друга страна, паралелно со леснотијата на реализацијата на таквите (и слични) кадровски суспензии на умот и одговорностите во хиерархискиот врв  на културата – многумина велат дури дека тоа било неизбежно односно невозможно да се сопре (?) – уште поедноставно одеше суспензијата на стручноста, професионалноста, знаењето, моралноста … низ културната пирамида, во институциите (национални и локални), во целиот систем. И таа замена, таа кадровска кастрација одеше релативно брзо и „безболно“ – како за кого, се разбира – до степенот кога во македонската (институционална) култура не останаа сериозни сили на евентуален отпор, на поинакво, слободоумно и професионално мислење и морално делување. Дури и во највисоките (културни и уметнички) институции на држава, оние од калибарот на МАНУ, Универзитетот, културните асоцијации итн. Морничаво, но и болно вистинито, звучат логорските асоцијации на Е. Михајлова и констатацијата дека „… добар дел од нашите ’херои’ на браникот на слободата (академици, професори, дејци, уредници) се во основа чуварите на Логорот“[1]! Суспендирањето на слободниот ум и неговата замена со подобни партиско клиентелистички и профитерски протуви беше македонската „Ноќ на долгите ножеви“. Кога се’ што можеше да им биде пречка во варварскиот налет на сељачанава беше отстрането, во институциите можеа да инсталираат свои „експерти“ кои хорски акламативно  ќе ги спроведуваат малоумните „проекти“ на врхушката.

Тогаш, веќе, можеше да почне планираниот пуч, што потоа лесно и ефикасно доведе до оваа денешна лиферација на празноглави флоскули за некаков културен напредок, за некаква грижа на државата за културата, за заложби „како никогаш до сега“, итн. Зашто, за тие кои ги слушаа седнати во првите редови, тоа навистина и беа „како никогаш до сега“ зафати. Само во една вака суспендирана и лоботомизирана култура можат овие да промовираат едикакви едиции и „проекти“, да градат „музеи“ како железнички вагони или налудничави конгломерати од типот на Музејот на македонскиот хорор (којшто, патем, веќе почна да се распаѓа!), да градат една филхармонија седум години небаре е кула ни на небо ни на земја, да подигаат бронзени грдосии на минорни ликови …

[1] Елена Михајлова, Фатени во матрицата на логорот, „Слободен печат“, 9-10.01.2016

КАКО НИКОГАШ ДО СЕГА …

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (3)

7.

И уште еднаш: не знам што мислат луѓево со нивните празни флоскули за некакви нови почетоци, за поставување нови репери, за некаков имагинарен натпревар со минатото … мислат ли дека сите во оваа држава се толку неуки, безмалу како нив, па не знаат да разликуваат сериозен од шарлатански пристап? И само нив ли ги чека(в)ме да дојдат и да не почестат со нивните идеи за некаков нов културен почеток? И зошто нов, што му фалеше на стариот, ќе ни објасни ли некој? Или токму барањето на ново е одраз на тоталното непознавање (и) на старото?

Ама не, и тие и нивната подопашна булумента решиле да ни докажуваат колку се големи, колку се значајни, колку нивните (не)дела се важни за нас. И постојано се натпреваруваат со некои духови од минатото, кои изгледа ги жежат како жарчиња. „Како никогаш досега, македонското образование и културата се збогатуваат со трајни културни, уметнички и цивилизациски вредности, како никогаш досега, нашите граѓани се здобиваат со можноста да ги прошират своите сознанија за областите кои се нивен интерес, како никогаш досега, младите генерации добиваат непроценливо богатство од литература која е во функција на нивна едукација и надградба“ – од петни жили се труди да не’ убеди министерката за (не)култура на неколку последователни промоции на којзнае која по ред „славна“ едиција, нејзина и на Владата. И можеби тој / таа кој/а и’ го пишувал тоа навистина верува дека овие нешто прават. Ќе издадат пет книги, и оп – промоција. И тоа било „како никогаш до сега“, како во минатото да не се печателе книги, како сега библиотеките да ни се празни и само ги чекаат овие полуписмениве да ги наполнат со нивното ѓубре!

8.

Но формулата „како никогаш до сега“ се покажа многу битна изминативе години, особено во културата. Зашто, изгледа, тука е најлесно да се лаже, да се манипулира, да се измислува. А впрочем, докажано, македончето и не е многу по културата. Можеш да го мафташ до сто и едно и назад.

А кога ќе кажат „како никогаш до сега“ овие првенствено мислат на непосредното минато, она во коешто на власт била опозицијата, која што демек ништо не правела за културата па сега тие се нашите нови преродобеници дојдени меѓу македончињата да сеат знаење и умеење. И да жнеат – профити! И јас верувам дека тие веруваат во тоа. Добро, барем некои, оние дибидус забеганите. Оние помалку забеганите гледаат да фатат ред во профитното одделение. Но, од друга страна, кога на битни државни позиции ќе се вгнездат незнајковци од актуелниот калибар, тие навистина мислат дека од нив почнува се’. Луѓе кои никогаш не влегле во библиотека веројатно мислат дека во државата нема доволно книги па ред е нешто да се направи во таа насока. А впрочем може и добро да се заработи, барем така велат поупатените. Или, оној што цел живот не влегол во музеј и појма нема што и како има низ македонските музеи, сега гледа шанса да се покаже и на тој план односно да ни (по)каже дека тие и тука имаат што да кажат. Онака, патриотски. А кога веќе се гради музеј, добро е да се набута во него се’ што ќе им падне на памет, се разбира ако музејот е доволно габаритен, како оној Музеј на македонскиот хорор. Ако не е доволно голем, односно ако го правел некој кој исто така во животот не влегол во музеј, ќе го направи тесен како вагон, како новион Археолошки музеј, ама пак во него ќе набута се’ што намислил, згора и уште две други институции. И ќе се гордее со тоа!

Затоа кога овие велат „како никогаш до сега“ тие си веруваат во тие празни зборови. А и зошто не би кога нивната простотија и незнаење понатаму пропорционално се множи низ пресликаниот по нивна матрица државен апарат што потоа им доаѓа на културните фешти и им ракоплеска. Зошто да не кога културниот естаблишмент ви е целосно лоботомизиран, кога раководните кадри ви се партиски мамлази и достојни спаринг партнери во незнаењето и простотијата. Тогаш навистина се’ изгледа прекрасно, „како никогаш до сега“, дури и Скопје им заличува на метропола! Културата и (за жал) уметноста поставена на такви „темели“ секогаш ќе вреска дека прави нешто невидено, нечуено, „како никогаш до сега“. Дури и оние болшевицине во 1945 година, (пре)задоени со советски идеолошки матрици, биле пообразовани, поначитани, попросветлени од оваа багра.

9.

Само во некаков таков контекст можете да ги разберете и зборовите на премиерот дека „Република Македонија во изминативе неколку години целосно се отвори за светската научна литература, а рафтовите во нашата држава станаа побогати за стотици нови книги од неколку капитални проекти“. А порано беше – што, затворена? И ги чекавме нив да ја отворат? А рафтовите во нашата држава беа празни? И овие ни го донесоа тоа што толку ни недостасуваше и не сме можеле без него да живееме? Па мислам, која и каква е оваа перверзија, и има ли во државава Друштво на писатели, Друштво на преведувачи, ПЕН или како ли им се вика тоа, па МАНУ … има ли некоја фирма да гукне нешто по повод овие бесмислици? Или, ако ова е точно, нека го потврдат, па барем да знаеме дека сето она што се случувало во минатото, дека сите оние претходни генерации живееле и работеле во мрак, немале поим што и како се случувало во светот, во науката, во уметноста …!

А за да изгледаат поумно, по правило на таквите промоции водат по некој (при)учен да им го чува грбот, или да каже два три збора како потпора на нивните „како никогаш досега“ флоскули. И (при)учениве се одзиваат. Не смеат да одбијат, (пре)платени се. И трљаат ли трљаат, и тие барабар со нив. И не помислуваат дека се понижуваат (и) себеси, зашто и тие се производ на тоа време кога рафтовите биле празни. Па како станаа доктори и професори, а немале од што да учат и од кого да научат? Ги немало Груевски и Канческа да им преведуваат и печатат книги, а овие станале научници?

И факт е дека „како никогаш до сега“ не сме имале ваква багра на власт. Македонија не познавала вакви полуписмени највисоки државни функционери, ваки тутулиња за министри, вакви тотално неписмени директори, вакви умислени типови кои всушност не знаат од носот подалеку. Не познавала ниту ваква „интелигенција“, така и толку послушна и секогаш подготвена да клекне пред власта. Како никогаш до сега формата не била тооолку поважна од содржината! А барем да е некоја форма. Но, по правило се’ се сведува на фактот дека државата, системот, се имагинарни категории. Тие се само производ на луѓето, состојбите се само копија на нашиот менталитет и способности!

КНИГИ ЗА ЛАДНО ВРЕМЕ

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (2)

4.

Како не се изморија цели десет години убедувајќи не’ дека којзнае што прават за нас и за земјата, иако ние од тоа ништо не можеме да видиме. Упорни се ко муви зунзари во брмчењето за некакви нови почетоци, за нешто што порано било тешко достапно ама тие, еве баш сега, ни го овозможуваат, за некакви нивни напори за нашето културно збогатување и слични идиотштини. Па што мисли оваа булумента, како живеевме пред нив? Немавме ли книги, немавме ли музеи, немавме ли филмови и кина …? Сето тоа тие ли ни го донесоа, од калливите сокаци на нивните полузамрачени умови директно во центарот на метрополата? Како ли се образуваа толку генерации без нивните фамозни едиции, како ли луѓето завршија факултети, магистериуми и докторати без нивните (фалшиво) преведени стручни книги? И мора ли се’ да читаме на (лош) македонски јазик, не бива ли да поднаучиме и некој странски јазик? И до кога со тие празноумни фалби на кои веќе и децата им се смеат?

Зашто, на пример, празноглавата фалба на самопрогласената министерка за (не)култура дека тие, ете, измислиле некаков нов па уште и „вистински модел за стимулирање на уметниците“ е резил сам по себе, но има ли некој малку поразумен, па да ја тргне на страна и да и’ каже дека говори глупости? Или навистина мислат дека некој се’ уште се лепи на таквите будалаштини? Освен онаа банда културтрегери, се разбира, за кои инаку не би знаеле ни кои се ни што се? Можно ли е македонската култура, па нека е и на ваквиве ниски гранки, да верува во таквите глупости? Или само чека да помине непогодава што се разви во катаклизма? Ама и да помине, што ќе остави зад себе?

Но таа кутрата не е ни толку умна ниту е толку умешна да види дека будалаштините од тој тип веќе не палат никого. Ниту пак некој верува во тоа што таа има да каже. Впрочем, научивме веќе дека и таа, и другите, само следат партиски инструкции за врглање во лер, за вртење една те иста и до зла бога расипана плоча. Онаа на „главниот архитект“, кој по потреба се преоблекува и во музејски стручњак, па во издавач, па во актер … во што ли не, се’ друго освен да засука ракави и да се фати за некаква сериозна работа. Но, велат дека има време, ќе го биде и тоа, таму каде што оди!

5.

Послушно следејќи такви глупави примери и директорката на Филхармонијата ќе почнела да создава „нова ера во македонската музичка култура“, само да им биде готов објектот што им го ветија уште пред цели шест-седум години. Ама тој, објектот, изгледа го градат баш онака, натенане, што би рекле, токму како за почеток на некаква нова ера. Или некој навечер им го разградува, за да посабајле почнат одново? Треба да проверат, зашто постојат и такви опции преку кои ќе се прикаже дека овде нон-стоп нешто се работи! Не знам зошто и навидум сериозни, прибрани луѓе следат налудничави примери. Тоа ли е клучот за (о)станување директор?

Шегата на страна, но навистина станаа здодевни со тие психо флоскули дека токму тие, од бога дадени или паднати од Плутон сосе Хорхета, се долгоочекуваните преродбеници на македонската култура, на македонската писменост, на македонската музеологија, на македонската архитектура … еве сега и на македонсакта музика. Се разбира, ги има и во другите области, како оној што мисли дека инсталира ново македонско здравство по пат убивајќи што ќе стигне, или оној двоецон во образованието излезени како од стрип, или … Ама културата им е сепак омилена област, тука се ко риба во вода, особено „архитектот“. И промовирајќи по којзнае кој пат една те иста „едиција“, кутриот вели: „Се надевам дека ваквиот избор и ладното зимско време ќе бидат одлична комбинација многу од овие книги да се најдат во рацете на нашите читатели. Добрата книга може секој да го поведе на долги неистражени патувања, во некои други топли краишта, меѓу разни други народи, во разни други галаксии и секаде каде што човечкиот мозок преку книгата може да отпатува“ – потенцира „главниот архитект“ на промоцијата на уште една тура соѕвездија од непрочитани книги. А можеби тие читаат само кога студи, кога не знаат што друго да прават? Не можат да проектираат, не можат да одат на расхотки по градилиштата, па земи и читај кога тоа не си го правел на време. И ни открива што всушност тие очекуваат од книгата: да ги води на патувања не баре нема други превозни средства, да ги стопли кога им студи а луѓето измислиле толку различни извори на топлина, да ги запознава со други (во дваесет и првиот век?), та дури и да им овозможи интергалактички патувања! И тоа се главните правци кон кои, ете, нивниот патриотски мозок ги насочува!!! А за да тоа си го овозможат, ние треба да плаќаме за нивните младешки пропусти, сега „осмислени“ како проекти од типот на „Ѕвезди на светската книжевност“? И зошто нивните родители не им овозможиле на време да прочитаат по некоја битна за детството книга, нешто од типот на Верн, Егзипери, Карл Мај, може и Бредбери …? Што сме ние должни со наши пари да им ги пополнуваме дупките во образованието и воспитувањето?

6.

И кога некому во цивилизираниот свет би му објаснувале со што се бави Владата на Република Македонија сосе Министерството за (не)култура – дека тие се најголемите издавачи, најголемите откупџии на дела, најголемите градители … – нема да ви верува. Ќе ве гледа со очигледна неверица, како да сте паднат од Марс, како лажго или нешто уште пострашно. Или можеби ќе поверува и ќе му се разјасни зошто Македонија е на ова дереџе, со такви „лидери“?

Ама затоа, би ги корегирал „издавачот“, зашто ние сме имале луѓе „кои знаат да сонуваат, планираат, дејствуваат и да веруваат во она што го замислиле“ (sic!). Океј, ама, прво, нам навистина не ни требаат луѓе кои сонуваат. Такви спанковци и ја доведоа државава до ова дно. Нека си дремат дома и нека сонуваат, а нас нека не остават раат да работиме. Второ, нивните планови ги видовме, ги почувствувавме на своја кожа. И доста ни е. Нека си планираат за нивните семејства. Трето, го видовме и дејствувањето. И од тоа ни е доста. Секаде каде што „дејствуваа“ – укакаа, унередија, упропастија … Нека си седат мирни, со жените и децата, или нека дејствуваат кај нив, меѓу нивните четири ѕида, нека заковаат некој клинец, нека подзачистат малку, нека одат на пазар. Такво дејствување им прилега, толку им стигаат способностите. И четврто, нека си веруваат во што сакаат, па и во Дедо Мраз или сонцето од Вергина, ама нас нека не остават со нашите верби. И нека ни се тргнат од сонцето!

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ

1.

Не знам зошто г-дин Тричковски се откажа (се надевам привремено) од неговите инвентивни споредби на Македонија со Северна Кореја, на Скопјанг со Пјонгјанг, на Ким Џонг Ун со нашиот Гру ев ски, ама неодамнешниот прес на Министерството за (не)култура, во полн состав, беше само уште една потврда за исправноста на неговите споредби. Зашто, ни помалку ни повеќе, актуелниве ни (не)културњаци, на чело со националната министерка за (не)култура, не’ просветлија дека тие ја исполниле нивната годишна програма за цели 98 проценти! Па таков процент навистина не остварува ни малион Ким, а нашиов Гру може само да сонува. И не само тоа, туку тие да ти реализирале цели 2.000 проекти во изминатата година, што со проста математика покажува импозантни (речиси) 5,5 проекти дневно!

Извинете, ама ова го нема ни во Франција, ни во Германија, за Америка муабет да не правиме зашто тие и немаат такво министерство туку кај нив културата е, изгледа, препуштена на улицата. И ако повторно употребите проста математика, испаѓа дека онака седнатото раководство – министер, заменик министер, државен секретар (за кого искрено се чудам што бара во такво друштво?)  – дневно реализирале по (околу) 1,5 проекти дневно. (Онаа половинка што преостанува ја оставаат на нивните бирократски глувчиња, да се радуваат дека нешто прават!). Ваква невидена ефикасност на едно министерство е несомнено за почит.

Само не знам дали тука влегуваат и оние проекти што ги работат заедно со владата односно со нашата копија на Ким Џонг Ун. На пример како онаа „славна“ едиција што никој не ја чита – зашто нивните изданија се буквално нечитливи – а овие (заедно) ја промовираа пред некој ден. И тоа, се разбира, е убава прилика и нашиот Гру ев ски да (се) покаже дека се грижи за културата. Како впрочем и малион Кореанец, кој се појавува дури и на  концерти во Пјонгјанг, на пример на Рускиот оркестар на 21от век, на Моранбонг државниот оркестар, посетува забавни паркови, стадиони итн. А ако ја гледате сценографијата – иста, плукната, пресликана! Само што Ким е многу попристојно облечен.

2.

И човек просто не разбира како не им е срам. После се’ што направија, после целава катаклизма во македонската култура изминативе години, после општата партиско профитерска пљачка во континуитет, тие онака седнати ко на лаф-муабет даваат годишен извештај за тоа што и како направиле, како (да простите) сјебале толку пари. И тоа – на збор, без еден лист хартија, без сериозен документ што би се нарекол извештај за работата на Министерството за (не)култура, тие ни раскажуваат бајки за тоа како тие (повторно да простите) сјебале цел еден годишен буџет.  И тоа се повторува од година в година: седнува „госпожа“ министерка, придружена (или не, како кога) од земјоделецот преоблечен во културен работник, и ни раскажуваат нивни скаски како, со крајни напори, успеале – а секогаш успеваат – да ги потрошат сите пари, до денар, на нивни будалаштини. Ете, овој пат, за цели две илјади „проекти“! И таму да ти има се’ и сешто: од четири долгометражни филмови, преку 84 премиери во театрите ширум театарскава орденосана земја, па учество на саеми на книги, други гостувања во странство … една (не)култура од која што боли глава. Буквално! Но тие тоа го гледаат и ни го продаваат како не-знам-каков успех, како нешто досега невидено – како да е многу тешко да потрошиш толку пари на глупости – како тие се, ете, оние кои се сетиле оваа земја да ја изнесат од некогашниот комунистички мрак пред светлото сонце од Вергина … Тие дури се фалат и со тоа од што нормалните, цивилизираните земји би се срамеле. Односно тие се фалат со фактот дека  „За  две години (2014 и 2015) се инвестирани 96.400.000 денари за стимулирање во сите дејности: откупи на уметнички дела, на композиции од класичната музика и на драмски текстови, како и субвенции на странски издавачи кои ќе објават македонски дела“, а што всушност претставуваше директно и типично цензорско мешање на државата во уметноста, дерогирајќи ги притоа законските ингеренции на одделни институции. Кан чев ска, во стилот на превеана пролеткулт првенка, знае што и како им треба на институциите, знае што е вредно во македонската уметност, музика, театар, издаваштво, и тоа го посочува како „вистински модел за стимулирање на уметниците“! Кога навистина би можела да разбере што всушност кажува, со каква глупост се фали!

А директорите на националните институции седат и блеат пред македонската министерска тројка. Ај што блеат тие зашто се и платени тоа да го прават, ама на еден новинар да не му текне да побара бројки, елементарни цифри за реализацијата на таа фамозна годиншна програма на тоа фамозно Министерство кое се’ работи на жими мајка, некој да побара нормален пишан извештај со финансиски показатели?! И никој да праша како тоа сите други се обврзани да доставуваат секакви извештаи до тоа Министерство, дури од таму да добиле и пет пари, ама тие од Господа дадени национални „културњаци“ не трба никому да поднесат извештај за милијардите потрошени државни пари? Или, ако не повеќе, некој барем да праша што навистина сработило тоа Министерство зашто сето наведено се програми на институциите. Или „госпожа“ министерка мисли дека нивна работа во Министерството е само да трансферираат пари од буџетот до институциите? И да се фалат со тоа како нивен најголем дострел?

3.

Но ние изгледа научивме да (им) веруваме на збор. Та нели се избрани од народот? И можат да прават што и како сакаат зашто како народни избраници тие знаат што треба да прават? А тие пак помислија дека е тоа вистина и се соживеаа со таа и таква улога. Нашите мали Шоиќи, нашите улични битанги и понављачи самопромовирани во министри и премиери, со купени или којзнае како стекнати дипломи, магистериуми за сенишни невени и докторати за инвестиции на Северниот пол, тие што секојдневно откриваат дека постоеле книги, па дека постоела уметност, па дека постои театар, е тие наши мали Шоиќи влегоа во филм дека разбираат и што е тоа култура. И пљампаат ли пљампаат за нешта што ни ги знаат ниту пак ги разбираат, редат празни зборови и мислат дека нешто – создаваат.

И, повторно на збор, в година буџетот ќе ги награди со нови 3,8 милијарди денари! Онака, ситно, да имаат за трошок, да се прошетаат повторно „да им дупе види пут“ и да ја „промовираат“ македонската култура и да обноват по некое парче од гардеробата. За тоа време блејачите ќе седат во директорските фотелји и ќе мислат дека и тие, ете, придонесуваат во развојот на фамозната „нова“ македонска култура, онаа на празни зборови и полноустни ветувања.