Monthly Archives: March 2020

СЦИЛИ И ХАРИБДИ

Насловот најмалку треба да сугерира некакво застрашување, иако и тоа не е на одмет. Можеше да биде и, на пример, „Добар ден“, или „Кој смее да биде волшебник во времето на пандемија“… или што и да е’ друго, како некаква фингирана милозвучност за нашево (не)време, нашиве (не)состојби коишто, во недостаток на сериозна темелност, уживаат да ламентираат – баш сега – за некакви/секакви денес тотално неактулени нешта коишто ние, глупавите простосмртници, ете, ги забораваме исплашени од актуелната пандемија. Ама таквите во основа дијареични профитерски лапрдања (интересен српски збор!) не ве оставаат дури ни да се концентрирате на поважни нешта. Не, тие се секогаш дежурни да не’ потсетат и на такви глупости коишто (наводно) ги пропуштаме. Како да сме малоумни деца, недоквакани шутраци, не умееме да се радуваме на „историските моменти“ и случувања коишто, можеби, ќе ни го обележат идниот дел од животот – ете, беља, не можеме да прославуваме, да завртиме некое оро на Плоштад, да се натрескаме, да имаме огномет… или ни држат лекции за тоа кој може да биде Хари Потер или Дамблдорф, итн. Какви будалаштини, во ова време!

Затоа, сериозно: читајте/слушајте паметни луѓе, форматни поединци кои навистина имаат што да кажат, кои го чувствуваат времево и го посматраат од „дистанца“ на епохи, милениуми, но и микроскопски блиско, со сите негови Сцили и Харибди исправени пред нас. А ги има, тие митолошки катастрофични опасности, и допрва ќе ги има – страшни и предизвикувачки, пострашни од оригиналните зашто тие не размислувале во пандемичен опфат. Тие биле самостојни и самомислечки: Сцила како шестоглаво морско чудовиште на Калабриската страна од Месинскиот морски теснец, Харибда како морски вртеж на спротивната, Сицилиската страна. И да, тие делувале речиси синхронизирано, ама Хомер вели дека Одисеј бил советуван сепак да го избере Сцила бидејќи загубата ќе била само во неколку морнарски животи наместо целиот брод да му биде зафатен од Харибдскиот вртеж од којшто сета посада, сосе него, ќе отишла бестрага! Или, ако сакате, како да избереш помеѓу две зла, како што ние умееме да кажеме?

Ама: и тоа е избор! Ние ни тој луксуз денес го немаме зашто имаме само едно Зло, но невидливо, „софистицирано“ и алчно како неброени зла викани Сцили и Харибди. Поточно, Хомеровите митски морски чудовишта сега наликуваат на мали деца во однос на овој илјадаглав COVID-19 којшто се заканува да прерасне во супергладна светска чума на 21-от век и да ја исчисти планетава од трагите на хомо сапиенсот! Зашто токму тој хомо сапиенс се заканува(ше) да го стори спротивното: да ја исчисти Земјата од присуството на која и да е’ друга форма на живот. Што не беше паметно, никако, зашто на секоја акција следува реакција: та тоа е еден од основните физички закони! Ама кому да кажеш, нели.

Харари (Yuval Noa Harari) – еден од тие форматни поединци кои едноставно мора да се слушаат – вели дека „мораме да бидеме брзи и одлучни. Мораме да ги земеме предвид долгорочните последици од нашите одлуки“. И „не само како да ја совладаме моментната закана туку и во каков свет ќе живееме кога невремето ќе помине“! Ама некои наши „стручњаци“ тоа не ги интересира, тие си пополнуваат агенди, па нека се и славенички, во ова време: НАТО, ЕУ… опозиција и се’ друго по список. Ни продаваат, да простите, онакво за бубрези. Или (и) тие оваа пандемија ја гледаат како чиста заебанција, закана за прост народ од којашто тие се, нели, амнестирани заради нивната „умност“ и особено политичка ориентација којашто ја менуваат по потреба? Како оној Вучиќ, како оној Трамп, Џонсон… ? Чисто политикантско профитерство какво што светот нема видено.

Сите наши славја во ова време мора да имаат еден контекст: во име на што? Во име на она некакво утре за коешто не знаеме какво ќе биде? Во име на тие – колку ли ќе бидат? – кои ќе останат, ако останат? Тоа се плитки води – Сцили и Харибди – таму скокаат само будалите. Харари не’ предупредува: нашите одлуки во овој период ќе го обликуваат светот во наредните години, дури децении. Тие нема само да го одредат здравствениот систем туку и економијата, политиката и културата. (Иако си ветив дека овојпат нема да ја спомнувам, ама ете и некој друг ја спомнува културата во ова време?!). „Мораме да бидеме брзи и решителни“, вели тој. Мислам дека не сме, дека трчаме зад настаните, тие не „газат“, како што милуваат да кажат македонските телевизиски новинари. И тоа е голем проблем. Но проблем плус е очајната компромитираност на политичките елити и неукоста на македонската интелигенција, филувани со коекакви аматери, „општествено-политички работници“, кои сега би славеле или во сето ова гледаат само како снегот ги попарил цветовите на овошките! Цел свет е попарен, ама ајде.

Никој кај нас не говори за – утре. Зашто не знае, нема појма какво ќе биде тоа утре. Ние не сме свикнале да мислиме за утре, затоа и сме на ова дереџе. Ама тоа утре е условено (и) со ова денес, со секоја минута од него, но ние како да не знаеме што ни се случува ниту денес. Но ете, добро е кога има ранобудници да ни кажат. Па дури и ако не потсетуваат дека не сме прославиле!

Сепак, интересно е, повторно, што и како мислат умните, далекувидите луѓе за она утре, промислено низ ова денес. Спомнатиот Харари ни вели дека во време на вакви кризи имаме два важни избори: „Првиот е помеѓу тоталитарниот надзор и граѓанските слободи. Вториот е помеѓу националистичката изолација и глобалната солидарност“![1] Зошто никој кај нас не размислува во ваква софистицирана широчина, во ваква филозофска длабочина – и таа, повторно, и нормално, исполнета со секакви скриени и крајно опасни Сцили и Харибди – зошто никој не се обиде на луѓето да им отвори некои други видици, па и хоризонти, иако можеби не баш благопријатни? Ќе им/ни требаат!

Она што кај нас во моментов влева надеж е ладнокрвноста на Владата во однос на нашиве дневни лапрдања!

[1] Juval Noah Harari, Svijet poslije koronavirusa, Buka portal, 24 mart 2020

„ЗАКОНСКА“ ДИСКРИМИНАЦИЈА

Едно од прашањата што веднаш се наметнува во поглед на спомнатата Иницијатива односно „Барање за воведување на специјални мерки за помош на домашната вонинституционална културна сцена како резултат на кризата со корона вирусот” од страна на Асоцијацијата ЈАДРО и Синдикатот на културните работници на РМ е: ќе имаше ли воопшто некаква реакција на Владата и/или Министерството за култура во врска со евидентните загуби што ги трпи (и) културата во ова време на коронавирусот да не беше ова барање? Глупаво е човек да се клади во вакви работи ама ако безмалу до последниот ден од овој месец никој од спомнатите тоа не го направи, што ни навестува да ќе го направеше подоцна? Ништо, се разбира, но не значи и дека немаше – подоцна! – нешто да се направи. Можеби културата, како и обично, ќе останеше на крајот, на опашката на настаните, ама сепак ќе беше спомната и веројатно „згрижена“ со некоја/некаква мерка. Иако, да бидам искрен – не верувам. А во прилог на тоа, повторно, би посочил на веб сајтот на Министерството за култура како главен барометар за случувањата во културата кај нас, каде состојбата во македонската култура е редовна, нормална, нема криза, нема корона… па зошто би имало и мерки, нели?

Но, ајде претпоставките да ги оставам настрана. Бидејќи Иницијативата односно барањето на вонинституционалната сцена беше доставено до највисокиот извршен врв во државава, тоа сепак не можеше да биде игнорирано. И следствено, како што известуваат иницијаторите, веднаш бил одржан состанок на претставници на Иницијативата со министерот за култура, а во присуство на Националниот координатор за култура. И го добиле следното објаснување за предложените мерки: по т. 2 од нивното барање (итна исплата на средствата доделени за финансирање на проекти од 2019 година од страна Министерство за култура) дека Министерството во моментов работи на тоа и сите неисплатени рати од реализираните проекти од 2019 година ќе бидат исплатени за оние корисници кои доставиле наративен и финансиски извештај; по т. 3 (за финансирање на проектите поддржани во 2020 година итно авансирање на 70% од доделените средства по потпишување на договор) исто така добиле релативно задоволителен одговор. Ама, нормално, запнале на т. 1 односно на барањето на иницијаторите за формирање на специјален фонд за доделување на субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена, при што тој фонд би опфатил средства за исплата на месечни надоместоци за период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечно бруто плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечна нето плата за невработените – хонорарно ангажирани уметници и културни работници, на кој ќе го покрие персоналниот данок на доход.

Се разбира, ова е во суштина „најкомплицираната“ мерка за нашиот „систем“ на промислување на културата којшто, во принцип, на вонинституционалната култура гледа како на „вирус“ сличен на короната, или барем како на занаетчии кои одлучиле да си отворат „културен дуќан“, ама сега кога имаат проблем бараат пари од Владата. Иако, Комората на занаетчиите и званично бара субвенции и компензации од Владата, па зошто тоа не би го правела и вонинституционалната култура, нели? Како и да е’, барањето во т.1 е сосема пристојно срочено, одговара на европските заложби и во принцип не станува збор за којзнае колкави пари. Можеби рокот е предолг (6 месеци) и може да се скрати на 3-4, но суштината е иста. Ама заборавиле дека Министерството секогаш има скриена „квака 22“ во џебот, којашто овојпат се викала – Закон за култура! Поточно, им објасниле дека во Министерството „(…) немаат законска основа (согласно актуелниот Закон за култура) да формираат специјален фонд“ и ги упатиле (повторно!) на Владата и секторот за економија.

Што е тука спорно? Многу нешта! Но, прво, немањето воља дури и да се размисли дали нешто може да се направи, туку веднаш – законот не дозволува! А кој закон дозволува воведување на полициски час, со вакви односно волкави ограничувања на делови на популацијата? Наводно – за нивно добро?! Сакам да кажам: ако Владата во ова време може да носи такви уредби (со законска сила, како што дефинира Уставот), зошто не може да донесе нешто и за културата, на предлог на министерот за култура? Тоа не би бил никаков преседан зашто овој месец се изнагледавме преседани. Или министерот смета дека таква мерка не треба да се донесе? Ако е така, така требале да одговорат, а не – Законот за култура не дозволува. Па барем да е некој закон, туку ајде. Сакам да кажам дека се пропуштила реална шанса, особено од страна на поднесувачите на барањето кои очигледно отишле недоволно подготвени, или пак необјасниво попуштиле, пред „аргументите“ на Министерството. Тоа не се аргументи, не во даденава ситуација. И мислам дека ќе згрешат ако не одат понатаму: да бараат Владата да донесе итна мерка! Ако институционалната култура веќе месец дена не работи, а голем дел од персоналот седи дома и прима цела плата, каква тогаш е оваа дискриминација? Или, повторно: така вели Законот за (не)култура?

НЕ Е СЕ’ ТАКА ЦРНО

За да ја привршам темава за кризната/вонредната состојба и културата, или некултурата, заради нејзината фактичка невидливост во овие времиња, со причина го избрав насловот: Не е се’ така црно. Во културата, се разбира. Иако можев да ставам и дека една ластовичка не ја прави пролетта. Ќе беше еднакво соодветна.

Сакам да кажам дека бев речито демантиран дека македонската култура спие, дека дури не умее ни да побара а камоли да се избори за некакви свои „права“ во вакви времиња наспроти гласноста на сите други во државава, особено т.н. бизнис сектор. Бев демантиран од – морам да кажам – оние од кои и се очекуваше такво нешто: еден мал но агилен, активен и успешен дел од оној независен, или вонинституционален сегмент од македонската културна сцена, којшто, патем, и го спомнав, иако не поименично, во еден од претходните текстови. Сега, поточно пред неколку дена, тие (Асоцијацијата ЈАДРО и Синдикатот на културните работници), обединети околу иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“, упатиле повик, Иницијатива, за помош на овој важен сегмент од македонската култура. Иницијативата била упатена до: премиерот, заменик премиерот за економски прашања, министерот за култура и градоначалникот на Скопје. И тоа де факто е одличен почеток на разврзувањето на мистериозното за оваа држава клопче викано – македонска култура. Иако, повторувам, Иницијативата на невладиниот сектор – Асоцијацијата ЈАДРО обединува повеќе субјекти од македонската независна културна сцена – се однесува на проблемите што тие ги чувствуваат во овие мигови и нивните предлози, нормално, сугерираат решенија токму за тие состојби. Впрочем, би било нелогично (а можеби и не?) тие да се залагаат за некакви системски решенија што би ја тангирале целата култура. Велам „а можеби и не“ зашто, да речеме, таму има многу поумни и постручни за културата луѓе од сите актуелни директори на националните културни институции – чест на исклучоците, ама малку се! – вклучувајќи го тука и целото Министерство за култура, така што можеа во Иницијативата барем да им нафрлат неколку неопходни мерки, колку за показ. Сеедно, можеби вака е и подобро, за да се види кој, што и како работи. И (не) знае!

Елем, во Иницијативата фигурираат три точки, три барања: 1. Формирање на специјален фонд за доделување на субвенции како месечни надоместоци за припадниците на домашната вонинституционална културна сцена, погодени од кризата со корона вирусот. Фондот да опфати средства за исплата на месечни надоместоци за период од 6 месеци, почнувајќи од март 2020 година, во износ од просечно бруто плата за вработените во правните лица и ТП самостојни уметници влезени во системот на бенефиции на Министерство за култура, и износ од просечно нето плата за невработените – хонорарно ангажирани уметници и културни работници, на кој ќе го покрие персоналниот данок на доход; 2. Итна и неодложна исплата на средствата доделени за финансирање на проекти од 2019 година од страна Министерство за култура и единиците на локална самоуправа; 3. Итно потпишување на договори за финансирање на проекти поддржани во 2020 година помеѓу Министерство за култура, Град Скопје, другите единици на локална самоуправа и корисниците, прилагодување на планот и роковите за нивна реализација согласно состојбите на терен, префрлање на 70% од доделените средства по потпишување на договор и признавање на досега направените трошоци за организирање на програмата, и покрај откажувањата или доцнењата во нивната имплементација (на пр. откажани авионски билети, трошоци за тековно работење и слично).

Има барем две интересни нешта со оваа Иницијатива. Прво, не видов дека добила некаков посериозен одглас во јавноста, или во пресовите на Владата, или во медиумите… Повторно молк, штама, како да се работи за барања на некој непознат и целосно ирелевантен екстратерестријален субјект. Поголема гласност добиваат барањата на занаетчиите! Ок, нивната работа е можеби поважна за државата, ама културата би можела во некоја друга прилика соодветно да одговори и да ја упати истава држава на таа адреса. Па нека се чуди! И второ, таа открива дел од т.н. „слаби места“ во функционирањето на независната културна сцена, но посредно укажува и на некои сулуди состојби кај нас. На пример фактот дека се’ уште има неисплатени средства за проекти од 2019 година, а веќе е април 2020 година! Ама кого тоа го интересира, нели? Најмалку јавноста, или не дај боже Владата?! Во претходните текстови укажував како другите европски министри за култура и влади се однесуваат кон културата во нивните земји, каква гласност им даваат на нејзините барања итн.

Сепак, бидејќи оваа Иницијатива беше доставена директно до врвот на Владата, не можеше целосно да биде игнорирана. За разврската – следниот пат.

ЗАБАВНА КУЛТУРА

Сепак, интересно, дури и вчудовидувачки, без оглед колку државата и во вакви не-услови ја игнорира културата, таа – или барем еден мал дел од неа – сепак се гледа себеси како припадник на европската културна сцена и наоѓа сили да даде свој уметнички/културен придонес во полза (и) на имиџот на државата, инаку целосно врекната во „потребите“ на бизнис заедницата. Зашто, гледајте го тоа како сакате ама примерите на уметници од форматот на еден Симон Трпчевски, па и на Влатко Стефановски и нивните творечки „посвети“ на катастрофалните состојби со вирусот во Италија или земјотресот во Загреб не се само нивни лични, тие се пораки и во името на македонската култура, ама и во името на македонската држава. Којашто, нели, и за жал, не ги ни спомнува во ова катастрофично време. Ама затоа се грижи за сечии други интереси, дури и на странските фирми во Македонија, па на бифеџии, скараџии, кондураџии… (без намера истите да ги потценувам на кој и да е’ начин, ама споредени со Трпчевски…), ќе дели бескаматни кредити дури и ако овие не побараат – самата ќе им даде за да им покаже колку им е тешко, итн.

Но, ќе се сети ли таа иста држава да го праша токму Симон Трпчевски дали, можеби, треба да субвенционира барем дел од загубениот негов приход од откажаниот концерт во Загреб? Зашто, неговите концерти, каде и да се, се по правило со полни сали и не баш ефтини билети. Всушност и не можеме да претпоставиме колкава е финансиската загуба на Трпчевски со откажувањето на концертот во Загреб, ама тоа никого и не го интересира, нели. Тоа веројатно се перцеприра само како негова ЛИЧНА загуба, ама загубата на секоја шушумига која глуми бизнисмен во Македонија е работа на власта, и наша, зашто власта го обештетува со – наши пари!? Или, пази богати, загубите на автомобилската индустрија, во којашто ние како држава изгледа имаме огромен удел? И за сето тоа ќе ни рааскаже оној потрчконо на Пастирот?

Во сосема истиот „дух“ функционираат и македонските медиуми кои се’ уште културата ја третираат на ниво на забава па во овие мрачни времиња мислат дека на гледачите им го разубавуваат денот со Влатко Стефановски и Симон Трпчевски. Впрочем – да, делумно, ама барем тие можат да прашаат и нешто сериозно, нели? На пример, можеа да го постават прашањето на обештетувањето на Трпчевски за пропаднатиот концерт во Загреб, или за некои други концерти, исто така откажани? Или можеа да прашаат дали државата на некој начин се сетила на нив. Ама затоа потрчконо на криминалецон надолго и нашироко ќе ни ги раскажува неговите „проблеми“ во ова време? Или, ако веќе сакате, кај нас под култура, сосема ноншалантно, ни го сервираат и оној кој на жените и мајките им честиташе 8-ми март, „освен на тие што лошо пушат“ (sic!).  Па мислам, извинете, корона, пандемија… ама невкусот и апсурдот мора да имат граници!? Ама немаат, зашто државата, званично, преку Фондот за иновации и технолошки развој, ќе фрли во ветар уште 10 милиони денари за некаковси „повик“ крстен „Креатон – остани дома, спаси живот, биди креативен, помогни“! Како да креативноста клечи зад првиот агол и само чека некој за уши да ја измолкне и презентира, а Фондот да ја награди со 10 илјади евра (по „проект“). Ако веќе државата бара(ла) креативност, каде ли, по ѓаволите, ќе ја најде? Преку оглас, кај граѓаните, или можеби во културата, кај професионалците, на кои секако им должи барем некаква поддршка?! И пристигнале, замислете, цели 546 иницијативи, или „проекти“. И сите – креативни!?

Добро, можеби и јас претерувам, поточно – очигледно дека моите разбирања за креативноста и оние на државата се разликуваат, често дијаметрално, како во спомнатиот случај, иако и не само таму. Како што врпочем моето мислење за бизнис или бизнисмен се разликува од она во коешто се, или ќе бидат, вклучени и сите сендвичари, скараџии, гранапи итн. Повторно, секогаш постојат начини како државата може да им помогне, дури и во вакви не-услови, на цели сектори – економски, медиумски, културни, образовни, научни… (иако последниве два-три никој не ги ни спомнува!).  И да, можеби некој, или ние, мислиме дека навистина се’ е креација/креативност, дури и „решенија за одржување на физичката кондиција и дух“ (sic!), или „решенија за справување/превенција со ширење на лажни вести“, или што и да е’ друго, се разбира, ама повторно останува прашањето: дали е тоа приоритет на оваа држава, дали тие пари што некому му останале и не знае што да прави со нив не можат да се насочат и на попаметни нешта? И дали културата е тоа попаметно нешто? Можеби не е, и очигледно не е ако/кога никој не ја спомнува, во медиумите викаат разонодувачи, профитери и коекаква друга булумента, а културата и понатаму им служи за забава, дури и кога станува збор за малкумина сериозни уметници од форматот на еден Трпчевски. Или, ако сакате, каде се’ не се пренесе „веста“ дека, ете, во времето на корона вирусот, ние, „повластените“ ама горди Македонци, преку Јавниот ни сервис (дали за тоа им беа дадени оние пари од АВМУ?), ќе сме имале уште една (во низата) „светска“ ама сега ТВ премиера на фамозното македонско филмско промашување викано „Врба“. Како божем МРТ да го гледа цел свет! А впрочем, ќе беше добро да го гледа, зашто тогаш Јавниот ни сервис ќе наплатуваше дебели пари за пренос низ светот, бидејќи, нели, светска (тв) премиера, па можеби и ќе ги вратеа оние 30 милиони? Мислам, до кога некој мисли дека ќе не’ лаже? И режисерчено, ама и „државнана“ телевизија? И која и каква е таа „светска премиера“ којашто се гледа само во една држава со телевизиски буџет од 11,7 евра по глава на жител, „што ја рангира Македонија меѓу земјите со послабо развиен телевизиски и медиумски пазар“ или кадешто само 33,8% од граѓаните го вклучуваат телевизорот намерно односно кога сакаат нешто да гледаат и кадешто само 35% од граѓаните на домашните телевизии (не задолжително МРТВ) гледаат филм .[1]  Згора, според последните истражувања, МРТ не е ни меѓу првите седум телевизии на коишто повеќето гледачи гледаат филм![2] Така што, која црна „светска премиера“, и белки режисерчето и неговиот „тим“ не мислат баш дека сме мали деца?! Или, можеби – сме? Некој е’, сигурен сум, особено оние кои се’ уште му даваат толкави пари, а згора и му овозможуваат таква „реклама“. А впрочем, некој можеби и ќе праша: а ќе има ли и прва „кафе премиера“ во некој кафиќ, па „ресторан премиера“ во некој од познатите скопски ресторани, па „гранапче премиера“… и тако даље? Колку да знаеме, и да се подготвиме! А можеби ќе има „премиера“ и на мобилен?!

[1] АВМУ, Студија за утврдување на оправданоста за објавување на јавен конкурс за доделување дозвола за телевизиско емитување на државно ниво преку дигитален терестријален мултиплекс, април 2018.

[2] АВМУ, Истражување на мислењето на публиката во Република Македонија, декември 2017

SIC ERAT SCRIPTUM

Просто не можеш да не им завидуваш на оние од т.н. бизнис заедница и Стопанската комора на Македонија. Луѓето на време си формирале Кризен штаб за следење на ситуацијата и помош на членките, посочуваат со име и презиме поединци кои во секое време се достапни за совети, ќе имаат редовни контакти со власта преку неколку од Владата назначени лица за постојана соработка итн. Добро, таму кризата е најголема, а се вртат, и се губат, големи пари. Впрочем, од нивната „ликвидност“ – или барем на дел од нив – зависи и вкупната ситуација во државава. Не можеш дури да не го разбереш и она расфрлање со државни пари на име „донација“ (sic!) – каков оксиморон! – на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во износ од 105 милиони денари, од кои 103 милиони на радиодифузерите, а остатокот на Македонската радио телевизија (30 милиони), и на МВР и Министерството за здравство по еден милион денари (sic!). Оваа државна Агенција парите ги „донира“ на име финансиска помош за справување со последиците од коронавирусот. Добро, не сме толку глупави да помислиме дека тоа го прави Агенцијата на своја рака, или од некои навистина нејзини пари, ама токму тоа и е’ проблемот. Повторно државата помага таму каде што мисли дека треба да помогне, ама тоа повторно го прави селективно и најблаго речено – нејасно. На пример, за радиодифузерите, и тоа и комерцијалните и непрофитните (од кога тоа тие две категории се ставаат во ист кош?), за (наводно) „(…) заштита на своите вработени преку набавка на заштитни средства, за трошоци поврзани со производство, набавка и емитување на програма, за санирање на негативните последици врз нивното економско работење поради коронавирусот и овозможување нивно непречено функционирање“ (sic!).[1] Добро, можеби не е доволно јасно на кој тоа начин на радиодифузерите им пречи коронавирусот за „нивно непречено функционирање“, ама ајде да речеме дека е така, плус со тие пари ќе купат заштитни средства за неколку генерации однапред, ама и тоа ајде нека е така, но што пак сега АВМУ им дава пари – и тоа некаква цркавица – на МВР и Министерството за здравство? Она пак на ЈРС Македонска радио телевизија (sic), цели 30 милиони денари… мислам… за што?

Го читам и г-динот Наумов (директор на Развојната банка), за кредитирањето – бескаматно, се разбира – на (наводно) најпогодените „бизниси“ (угостителство, туризам, товарен транспорт…), ама повторно ја нема културата. Таа  не е погодена, или не и’ требаат кредити, или таа не му треба на ова општество/држава, итн. Иако г-динот Наумов остава некаква заднинска резерва дека „(…) поддршката со бескаматните кредити ќе продолжи и ќе се прошири на другите сектори кои дополнително ќе се утврдат“ (sic!). Што е добро, како надеж, нели, особено заради фактот што г-динот Наумов едно време беше познат како близок до културата! И Владата уште минатата недела извести дека ќе обезбеди директна финансиска поддршка за задржување на ликвидноста на микро, малите и средните компании (sic!) и субвенционирање на придонесите за април, мај и јуни, како дел од првиот сет мерки за справување со последиците од пандемијата. Добро, ама но кои и какви, од која област микро, мали и средни компании, дали и на оние кои исправаат влакна ама ќе им текне да аплицираат, или можеби имаат некој близок до Владата, дали тука се вбројуваат и сите оние кои и на сите други можни начини низ годиниве добивале субвенции по разни други основи, и што значи дека сите мора да штедиме (sic!) – па ние, ако тука се мисли на народот, ништо друго и не правевме во овие три децении – и дали и на МПЦ ќе и’ се дадат субвенции заради загубени/спречени верници, со што барем времено ќе се стопираат оние „попски конвои“ низ градовите во внатрешноста, и дали… и дали… и дали целата оваа ситуација со пандемијата кај нас не започнува да заличува на некаков лош театар на апсурдот?

Немаат ли, на пример, македонските издавачи/книжарници загуби во ова време и во какви бизниси се сметаат тие? Или не се сметаат никаде? Да, некои издавачи се богами и те како големи „бизниси“, особено оние во континуирана соработка со Министерството за култура, ама има и такви кои реално можат да се сметаат за сериозни, компетентни, престижни „фирми“. Саемите на книги, писателите, преведувачите… не трпат ли штети? Во Австрија се бара т.н. „disaster fund“, претседателот на германското Здружение на писатели бара податоци со цел од властите да измолкне фонд за помош на писателите фриленсери… првиот пакет во Данска (за фриленсери во културата) изнесува 113 милиони евра… во Франција се планирани 22 милиони евра како почетна помош (10 милиони евра за музичкиот сектор, 5 за изведувачките уметности, 5 за секторот книга и 2 за визуелните уметности)… Па нели и ние сака(в)ме да бидеме дел од таа Европа?

[1] АВМУ донираше 100 милиони денари на радиодифузерите, МВР и Министерството за здравство, nezavisen.mk, 23/03/2020.

ПЛАТИ

Сепак, и главниот адут на СОНК и другите синдикати по прашањето на драстичното намалување на платите во јавниот сектор – дека никаде во регионот нема таква мерка – се покажува неточна, или пак тие од регионот ги следат случувањата во Македонија и им текнало дека можат да предложат нешто слично. Елем, Хрватска најавува намалување на платите во јавниот сектор за 10-15%, исто така и БиХ. Но, таквите најави многу се разликуваат од предлогот на СДСМ (дали во дослух со Владата?) за уравниловка односно порамнување на сите плати во јавниот сектор на нивото на минималната плата во државата. Како и да е’, тој „адут“ на синдикатите веќе не игра, мора да бараат други аргументи. А ги има, треба да ги побараат!

Неодамна посочив на некои примери како се платени музејските работници во Америка во споредба со нашите овде. Односно, директорите на музеите во Америка, на пример, заработуваат околу 30.000 долари месечно, нашите директори тешко доаѓаат и до 40.000 денари, што е разлика во светлосни години! Исти се разликите и кај останатиот персонал: главен куратор во американски музеј има месечна плата од околу 15.000 долари, а кај нас не повеќе од 30.000 денари; најслабо платени места (во Америка) се: чувар (околу 34.000 долари годишно), асистент во образовното одделение (37.800 долари годишно) и асистент-куратор (42.458 долари годишно)! Кај нас чуварите немаат повеќе од 16-17.000 денари месечно, односно годишно не повеќе од 204.000 денари, што одвај изнесува 3.500 долари годишно или она што нашиот чувар го заработува за една година американецот го заработува за еден месец! Уште подрастична е разликата кај директорските плати на годишно ниво: американските директори заработуваат околу 293.000 долари годишно, а нашите не повеќе од 8.500 долари годишно, што е 34 пати помалку! Добро, платите и во Европа се доста помали во однос на Америка, ама не претерано. На пример, главен куратор во некој од поголемите холандски музеи заработува годишно околу 55.000 евра, нешто слично и во Велика Британија (во националните музеи); директорите на музеите во Велика Британија, Холандија, Франција и Германија се разликуваат во годишните плати за околу 10.000 евра во полза на Холандија и Британија (меѓу 50.000 и 70.000 евра годишно) итн. Да, знам дека ваквите споредби никому ништо не му значат, дури ни на културата. Ама добро е да се знае.

Од друга страна, синдикатите можат овие бројки да ги споредат со фамозното GDP per capita со спомнатите земји. Чисто информативно. Поточно, ако Македонија имала GDP per capita 5.394,30 американски долари во 2018 година, и тој бил еквивалентен на 43%  од просечниот светски GDP. Што и не е така страшно, сепак. Или, во истата година, фамозното GDP per capita во Велика Британија било 42.986 американски долари (што е, да речеме, 8 пати поголемо од нашето, ама платите во музеите се многу пати поголеми!), или во Холандија бил 55.041,10 американски долари, во Франција 43.663,60 итн. Но, да речеме тоа е Европа, стари империјални сили, еднакво стари демократии… Ама еве една нова демократија, балканско-европска, Бугарија, со фамозното GDP per capita 8.651,10 американски долари (што не е богзнае колку поголемо од нашето), ама со директорска плата во музеите од 35.000 лева, што е еднакво на 17.500 евра годишно! Што пак е (минимум) двојно од платата на нашите директори. А нивното GDP per capita не е двојно поголем од нашиот! Романија, на пример, во овој однос е нешто друго: таа има GDP per capita 11.534,90 американски долари, што е повеќе од двојно поголемо од нашето, а директорската плата во музеј е околу 14.500 евра, што му доаѓа слично како и кај нас. Ако пак овде почнеме да ги калкулираме и просечните трошоци за живот во спомнативе земји и кај нас, нашата слика станува уште полоша. Само за пример, во Франција, трошоциет за исхрана и здравство го имаат индексот 10/10, што ќе рече дека се најефтини, кај нас индексот е 8/10, а Франција има речиси десет пати поголем GDP, итн.

Но, во крајна линија, ништо од ова не мора да биде релевантно, никакви компаративни податоци не мораме да земема предвид за да на културата сепак за влакно и’ ја подобриме ситуацијата. Впрочем, тоа никогаш и не го правиме. Ама доволно би било да ја споредиме состојбата со платите и другите принадлежности во културата со другите сектори кај нас (освен образованието и здравството, кои се на речиси исто дереџе). Тогаш можеби не би ни биле потребни  зборовите на техничкиот премиер кој, апропо безусловната препорака за преговори со ЕУ,  говори за усвојување на европските вредности во државава. Да, и тоа ќе дојде, ама ние прво треба да ги усвоиме односно да ги вратиме нашите вредности, оние кои до вчера ги имавме, додека не станавме „бизнис“ држава! А не смее – техничкиот премиер и Владата – да  заборават дека и културата е сериозно голем, да не речам најголем, дел од тие вредности.

КОЈ (ТРЕБА ДА) МИСЛИ НА КУЛТУРАТА?

Кај нас званично никој не бара помош за културата. Најмалку таа самата. За себе. Изгледа им се погоди сегашното неодење на работа и на друго не мислат. Не сакаат да мислат. А и зошто би мислеле, нели? Уште помалку мисли Министерството за култура. А зошто и тоа да мисли: ги подели парите за оваа година, можат слободно сега да си одат дома. Иако, за разлика од сите нив, дури и скопските занаетчии се организираат, бараат антикризни мерки, бараат ослободување од плаќање на придонесите за вработените и самовработените… Само културата не бара ништо! Во такви услови некој може и да рече дека штом не бараат – не треба ни да им се даде. За одделни сегменти/институции дури и би се согласил, неволно, ама не и за целата култура.

Европската културна фондација вели дека кризата со вирусот, покрај другите предизвици, е и културен предизвик. Повикува на културна солидарност! И е’ културен предизвик, во самата нејзина суштина, зашто сега доаѓа до израз токму нашата култура, онаа основна, човечка, хумана… ако воопшто ја имаме. Но, поставено поинаку, културната солидарност подразбира дека и другите треба да помислат на културата, барем еднаш, ако не постојано.

Во Чешка, на пример, Уметничкиот и театарски институт (ATI) веднаш спровел анкета/истражување меѓу т.н. амбрела организации во културата, професионалните здруженија и уметниците за состојбите во културата по воведувањето на кризните мерки. Резултатите покажуваат дека најпогодени се изведувачките уметности: музиката (44.3%), театрите (21.1%), танцот и современиот циркус (6.4%) итн. Истражувањето едновремено утврдило и некои генерални мерки за надминување на кризните состојби, и тоа: генерални мерки (невраќање на средствата за откажани настани; намалување на кириите во државните културни објекти; одложување на веќе утврдени грантови; менување на условите за грантовите, особено за индикаторите на бројот на посетители итн.), индиректни инструменти (неплаќање на социјалните и пензиските придонеси за време на кризата, особено за самостојните уметници; продолжување на рокот за даночни пријави; одложување на VAT плаќањата; добивање на безкаматни заеми итн.), компензации (приходни компензации споредено со истиот период минатата година; компензации за изгубен профит за уметниците; создавање на фонд за помош на културата во соработка со јавниот и приватниот сектор итн.) и други мерки (повик за граѓанска солидарност односно небарање на поврат на средства за продадени билети за културни настани; поддршка за лајвстриминг на социјалните мрежи; вклучување на уметниците за работа во други области итн.).

И сега можеме да листаме и понатаму кој и како во европската култура се справува со кризата, ама тоа ќе не’ доведе само до поголем срам, и можеби резигнација. Зашто, ако дебело платените за тоа државни службеници и функционери не водат никаква сметка за областа за којашто се одговорни дури и во вакви времиња, ако самата култура не смета дека трпи загуби што би требало да се надоместат и дека државата мора да донесе итен план и за оваа област, тогаш за која и каква македонска култура и за кои и какви „одговорни“ луѓе говориме? Она што беше јавно обзнането е фактот дека само Друштвото на филмските работници на Македонија, заедно со Агенцијата за филм, веднаш по воведувањето на кризните мерки во културата, го посетиле Министерството за култура за да го информираат за потенцијалните штети што нивните членови односно филмската „индустрија“ кај нас  (ќе) ги трпат при стопирањето на сите започнати или во подготовка филмски проекти. (By the way, ова е регистрирано на сајтот на Министерството за култура. Но, инаку, се’ друго на тој сајт е како во редовна состојба, и тоа со податоци/настани од пред една година. Неверојатно!). Се разбира, секој паметен ќе заклучи дека во Македонија односно во македонската култура постои само филмот и луѓето во и околу филмот, зашто само тие се грижат за својата „фела“. И утре, кога овој хаос ќе помине, и луѓето во и околу филмот но и сите ние ќе можеме да ја потсетиме културата како (не) се грижеше за своите интереси!

Знам дека кај нас ништо не е лесно, особено со и во културата. Кај нас го нема и она што е невообичаено да го нема, она што е темел на секоја култура: ние немаме објективна културна статистика (она што го прави Државниот завод за статистика е само мало парче од неопходното, често и тоа неточно!), со сите релевантни показатели, не знаеме колку уметници имаме (за самостојните не говорам, тие се се’ само не уметници!), колкав е нивниот ориентационен годишен приход… Во такви услови е тешко да планирате мерки, се разбира, ама за тоа државата „организирала“ цел државен орган (божем) надлежен за работите во културата. Ама кога ќе ја видите таа „екипа“ таму, на чело со оние советници уште од времето на пуфлата, кои појма немаат ни каде се наоѓаат а камоли да планираат некакви мерки, тогаш ви станува јасно дека културата е дефинитивно оставена самата на себе. Односно, тука многу може да помогне оној таканаречен независен/невладин сектор, каде има луѓе кои ги познаваат состојбите и бројките, ама тие пред се’ ќе се грижат за својот „сектор“, нормално. А и зошто тие би испорачувале барања за националните и локалните културни институции, зошто тие би се грижеле за таканаречените дејности во целина? Заради некаква солидарност, онаа прокламирана од Европската културна фондација? Па нека се впрегнат оние неспособнине ама до зла бога умислени етно-партиски полуписмени директорчиња сместени во фотелјите само за да примаат плата. Што друго им е работа?

Сепак, конечно, се огласи едниот од синдикатите во културата: СОНК! Имало Господ, нели!? Ама се огласи за платите, таму ги боли највеќе, не фактот што (и) културата трпи штети коишто никој нема да ги надомести. Меѓутоа, од аспект на синдикат тоа е, верувам, соодветна реакција, особено забелешките за најавеното намалување на платите во т.н. општествен сектор – каде де факто тие се и најмали, да не речам мизерни – но и со уште еден аргумент: никаде во регионот нема таква мерка! Се чини дека ова е доволно силен адут на синдикатот, иако речиси сигурно нема да биде прифатен. Ние сме свикнати да ги решаваме нештата преку колено, едно за сите, без оглед на нијансите, на разликите, на спецификите…

ЗАБОРАВЕНА КУЛТУРА

Односот на државата, но и на целото општество кон културата најдобро се очитува во кризни ситуации. Пандемијата со корона вирусот е една таква состојби, екстремна секако, каква што не сме имале досега. Но, од друга страна токму во такви ситуации се „мерат“ вредностите, принципите, се креираат соодветни итни политики во коишто се вклучени приоритетните области, се осмислуваат соодветни мерки/одговори со коишто најбезболно – ако такво нешто постои во вакви случаи – би се одговорило на предизвиците. Токму затоа и го напишав минатиот текст за лелекот на македонскиот „бизнис“, којшто објективно (ќе) трпи најголеми штети, но и ќе биде обештетен, секако, толку колку што се може. Добро, тоа не ја елиминира автоматски потребата од гласност на бизнисмените, ама кога ќе видите кој се’ урла и бара да му се надоместат „штетите“, и на каков начин, ви доаѓа да… Ама, што да кажат другите, оние кои немаат толку гласни „жици“ или доволно пријатели во врвовите на државата?

И повторно ќе кажам: се разбира дека ми е јасно дека во ова време-невреме на малкумина им е дојдено до култура. Барем кај нас. И речиси никој не ни помислува на неа односно дека и таа, можеби, трпи некакви штети од ваквата состојба во земјата. И не се прашува како таму ќе се средат работите. Не се прашува дури ни Владата, па ни Министерството за култура. Или – тоа не е важно, важно е бизнисот на одделни луѓе да им оди како што треба, другите пајташи да бидат обештетени, (дури и оние за кои се знае дека бесрамно им земаат половина од утврдената минимална плата на работниците), итн. Никој не ни помислува, барем јас не сум слушнал такво нешто, дека во земјава има и други сектори коишто исто така трпат штети од состојбава, дека Македонија има и културни институции, дека има дури и уметници кои и тоа малку „промет“ што до вчера го имале сега го немаат, дека и приватните галерии се затворени (повторно со штети за сопствениците), дека целата култура – институционална и вонинституционална – е комплетно блокирана! Ама штетите таму се, нели, безначајни, ефемерни, маргинални… за нас и за македонската држава? Се разбира дека тоа не е работа на министерот за здравство, ама оваа држава има ли министер за култура?

Минатиот пат, исто така, напишав дека не знам какви се сега состојбите со културата во Европа во ова време на вонредна ситуација, освен општопознатиот факт дека и таму сите културни институции се затворени. Ама европската културата веднаш се организираше и во такви не-услови, така што веќе има податоци за мерки што (ќе) се превземаат. Па така, уште на 12 март владата на Холандија забрани масовни собири, што автоматски ја вклучи и културата во „дистанцираните“ од јавноста (музеите, галериите, театрите, концертите итн.). Веќе на 15 март мерките односно забраните отидоа чекор подалеку и беа затворени училиштата, градинките, рестораните, кафеата… и сите други простори каде се  собира поголем број луѓе. И веќе за неколку дена холандскиот министер за образование, култура и наука излегол во јавноста со првична проценка дека културата во оваа земја ќе трпи штети од 60-100 милиони евра неделно. Да, неделно! Да не заборавиме, само во Амстердам ги имате неколкуте од најдобрите светски музеи (Ван Гог, Ријксмузеум, Стеделијк, Музејот „Око“, Мадам Тисо, Кобра итн.). Има некој во Македонија таква проценка? (Можеби Министерството за култура? Да, знам дека многумина ова ќе го разберат како виц – така и треба, се разбира). Згора на овие проценки, околу 60% од вработените во културата во Холандија се самовработени (категорија слична на нашите самостојни уметници, ама со многу разлики). Веднаш по објавувањето на таквите (поразителни) проценки, спомнатиот министер за образование, култура и наука јавно истапил со ветување дека Владата на Кралството Холандија ќе ги има предвид загубите на културниот сектор и ќе ги вклучи во нејзините идни итни калкулации за државна помош. Кај нас се’ уште никој воопшто не ја спомнал културата како поим и субјект погоден од кризата, а камоли да вети некакви мерки. Но, од друга страна, паралелно со владините најави, самиот културен сектор во Холандија веднаш иницирал и свои мерки за самопомош и следење на состојбите. Така, организацијата Kunstenbond (Холандско здружение на уметници) веднаш отворило „жешка линија“ на специјално за таа прилика отворен веб-сајт за независните уметници и фриленсери во културниот односно креативниот сектор, каде што тие можат да пријавуваат проблеми но и загуби во приходите. Фондацијата „Бекман“, којашто неодамна го превзеде и раководењето со познатиот сајт Compendium od Cultural Policies & Trends, исто така континуирано апдејтува податоци и свои истражувања за загубите во културата во овој период.[1] Веќе на 17 март, националното здружение Kunsten ’92 (обединува 350 здруженија од сите области во културата, нешто како нашето „Јадро“ и слични) испратило писмо до министерот и пратениците со свои предлози за пакет-мерки за поддршка на културата од страна на Владата на Холандија, итн.

Но, некој може да приговори дека е нормална грижата на холандската влада за состојбите во културниот сектор бидејќи тој придонесува околу 3.8% во националното GDP. А колку придонесува македонскиот? Нормално, никој не знае, ама тоа во вакви услови не е ни важно. Овде сепак говориме за погоденост на цел еден сектор не само од пандемичните состојби туку и директно од вонредните мерки на Владата. Ред е таа Влада, или барем Министерството за култура, да ја спомне културата како потенцијален „губитник“ во овие состојби, со можност за некои, некакви идни субвенции. Тие не можат и не би требало да бидат на рамништето на Холандија или некоја друга развиена европска држава кадешто културата навистина е бизнис, сериозен и компетитивен (за разлика од некои наши „бизниси“, нели) но ако не повеќе тогаш барем заради имиџот на „грижлива држава“ некој би требал да каже два збора и за културата.

[1] Заинтересираните можат да го следат на оваа адреса:  https://www.boekman.nl/actualiteit/online-cultureel-initiatieven/

ЧЕТВРТА НЕПРИЈАТЕЛСКА ОФАНЗИВА

Ако трите непријателски офанзиви за коишто досега пишував се одвиваа со ограничен радиус и претежно во културата, оваа Четвртата е нешто сосема друго. Таа е распослана на два фронта, по целата земја, и има двоен карактер сообразно на непријателските сили. Базичниот фронт е реално голем, безмалу територијата на целата држава, а главниот непријател е речиси невидлив ама – смртоносен. Го викаат COVID-19 и светот не го знае, засега, односно не знае како да се одбрани од него. Да, тој заличува на фашистичката армада од Втората светска војна – објективно, и воено, страшна за тоа време сила, беспрекорно организирана, обучена, вооружена, верна на оската на Злото. Многумина ја сметаа за непобедлива! Таков е денес COVID-19, „организиран“ според хиерархиите на исконските мрачни вирозни сили и со една цел: да се шири, да освојува lebensraum. За нас, тоа е воена офанзива којашто не се одбива така лесно, уште помалку брзо. Особено заради фактот што силата е непозната. Но човештвото има една – добро, има повеќе ама оваа е една од поважните – особина која што се вика организација, соработка, вмрежување… Што ќе рече дека човештвото, сапиенсот, е научен да си помага во неволја, да се организира кога е „густо“. И сите проценки се дека светот ќе го совлада и ова Зло, порано или подоцна.

Ние, засега, се држиме како што треба. Тоа е барем мислењето на компетентни луѓе (не само) во државава, иако со многу „дупки“ во одбраната. Фронтот не го држиме како што треба, пропулзивен е како „швајцарско сирење“, вооружувањето ни е слабо – да не речам никакво – од командниот кадар дали имаме десетина саглам обучени поединци. Ама, ние сме свикнати не герилско односно партизанско војување, нели? Иако со оваа армада не може така да се војува. Неопходни се ред и дисциплина, а тие некој мора да ги обезбеди. Токму затоа и е измислен зборот „сили на редот“ – се мисли на полицијата, а во вонредни случаи и војската – а ние не само што се соочуваме со токму таква вонредна состоба туку таа е и званично прогласена на целата територија на земјата. Што тогаш ни пречи посоодветно да се организираме, онака како што наложува мигот? Ама ако во Главниот штаб има само еден искусен и посветен на одбраната човек – па нека е и министер за здравство – а сите други вртат прсти и фаќаат кривини, каде ни е алот? Ако веќе и доктори реагираат, информираат и укажуваат дека македонската одбрана има премногу дупки, дека македонски граѓани се шеткаат по фронтот како на корзо, дека немаат соодветна заштита зашто никој не ги проверува и, по потреба, казнува, тогаш ние во оваа офанзива сме исправени пред сериозен проблем. Хамлетовското „да се биде, или не“ почнува наврапито да ни виси над главата. Некој ќе рече дека битките ги изгубивме уште на границите. Можеби, ааама сега во прашање е опстанокот на државата, иако де факто таа и не е цел на непријателот. Тој си има своја еволуциска агенда и против такви е најтешко да се бориш: нема идеологија, нема програма, нема команда… има само впишан код што го насочува, го тера да се шири! Експанзијата е главната идеологија на овој непријател, негова изборна и завршна програма. Ако пред таков непријател нам ни требаат не знам колку денови да произведеме 100 заштитни маски и дури и тоа да го славиме како некаков успех, да сечеме ленти или да правиме торти, тогаш не сме на висината на задачата. И историјата тоа нема да ни го прости, иако велат дека неа, историјата, ја пишуваат победниците, а овој нашиов непријател дури не умее ни да пишува. Неписмен е, ама силен.

Но, вториот непријател во оваа офанзива е малку пописмен, додуша не многу ама доволно за да прави смут, да внесува нервоза, да провоцира и оцрнува. Да, тој го контролира вториот фронт на којшто се води битката во оваа офанзива – некои во историјата го викаат петтоколонашки фронт, така барем пишува – којшто де факто е во нечија/сечија друга служба освен на својата држава. Или татковина, како што милуваат да ја нарекуваат во нивниот „патриотски“ занес. Ама ако е така, нели треба да и’ помогнат на татковината, а не да одмагаат? Зашто ова што се прави на вториот, внатрешниот фронт е без преседан во современата историја не само на оваа држава. Но, токму таква улога низ таа историја играл и „патронот“ на овие сили, онаа терористичка квазимакедонска организација којашто соработувала со сите непријатели на овој народ. Просто е неверојатно како овие остатоци на претходниот режим брзо и вешто се реорганизираат и од опозициско војување преминуваат во отворен, фронтален напад, каков речник користат, какво задоволство им се чита од лицата ако видат макар и една трага од некакво неуспешно справување со главниот непријател. Кога ќе им ги чуете обраќањата, навредите, фалбите дека тие имаат некакви спремни тимови… извинете ама како да слушате недозреани особи со сериозни проблеми. Ја користат секоја точка и запирка, секој прашалник за да се посомневаат во напорите на власта, да шират дефетизам, страв, недоверба. Но, впрочем, во воени услови петтата колона токму така и треба да работи. Баш како од учебник! И не е проблем дали едикојси туткун како оној охриѓанецон, денес стокмен во „ала франка“ костум наместо во опинци, ќе излезе и ќе сее омраза и пцовки низ етерот. Или неговиот шеф – газдата сепак не му е тука! – познатиот „асистент на тато“ ќе прогласува крај на меден месец и ќе се самопромовира во некаков лидер на нацијата ама ex-katedra, ламентира за состојбите во здравството ама не кажува дека токму тој и неговиот газда го доведоа здравството до ова дереџе… Затоа и мислам: четвртава здружена непријателска офанзива е можеби најсилната досега контра слободната македонска демократска територија. Меѓутоа, без оглед на сплотените надворешни и внатрешни непријателски сили, власта има должност да ја спречи оваа офанзива дури и по највисока цена. Затоа е впрочем власт, со мандат добиен од граѓаните на оваа држава!

ЛЕЛЕКОТ НА „БИЗНИСОТ“

Се разбира дека ми е јасно дека во ова време-невреме на малкумина им е дојдено до култура. Ама тоа кај нас е перманентна состојба, нели. Којашто, барем сега, може да се толерира. Иако не целесно, зашто ако сте осудени да седите дома речиси 24 часа во денот – што ќе правите? (А и сите спортски натпревари се откажани!). И тука, за жал, македонската култура (повторно) доцни зад Европа, иако во случајов „само“ барем две децении. Колку културни институции имаат добри веб-сајтови каде граѓаните – особено помладите – можат да се релаксираат, едуцираат, да „прошетаат“ низ виртуелниот простор на музеите и нивните поставки, да видат можеби некоја театарска претстава… и слично? Можете да ги наброите на прстите на едната рака, или ајде нека бидат двете. И толку! И за што ги плаќа државата нејзините партиски пулени директори ако ни тоа не знаат да го сработат? Една сосема непретенциозна виртуелна прошетка низ македонскиот културен простор нема којзнае колку да ве просветли ама, на пример, може да ве заинтересираат неколку примери, меѓу кои и сајтот #седиДОМА #заштитиСЕ, работен во соработка со Музејот на град Скопје, а во светлината на неговиот неодамнешен јубилеј, со интенција да им ги доближи на граѓаните најдобрите дела од нивните збирки; потоа понудата на Македонската филхармонија од нивната видео архива (неколку постари концерти преку you tube); Македонскиот народен театар ќе ве изненади со интересна порака наречена „МНТ во вашите домови“: од денес пушта онлајн неколку нивни претстави (повторно преку you tube); Театарот во Куманово наредните денови онлајн ќе ги постави нивните детски претстави; Македонската опера и балет отвора лајвстрим со претстави од Виенската државна опера; веб страницата на Археолошкиот музеј нуди опција е-музеј, како и виртуелна посета на нивната изложба „100 години Требениште“ (но којашто функционира прилично лошо!), итн.  Зошто ниту една друга национална институција нема денес такви обиди? Што прават нивните директори? Кмишат дома? Или мислат дека тоа не е нивна работа? А чија е? Моја? Што прават македонските музеи со нивните зборки и зошто истите не се достапни on line за граѓаните да можат во вакви ситуации барем виртуелно да уживат во нив? Или пак ќе кажат – нема пари? А колку тоа пари треба? Сто илјади евра, двесте… ? Импровизирам, се разбира, ама за што примаат плата тие луѓе ако не да ни ги доближат ремек-делата од нивните колекции на секој можен начин, особено на начин којшто во вакви услови ни е единствено достапен? Или ним толку им е грижа за потенцијалните посетители, и „посетители“? Од друга страна, мора ли баш секој граѓанин, дури и оние од Дебар – независно од актуелниот карантин, или од Гевгелија, Ресен итн. – да дојде во Скопје и да го посети нивниот музеј? Тоа е таа незаинтересираност, тој егоцентризам, па и егоистичност, на националните институции, тоа е впрочем и нивната тотална некомпатибилност со времето во коешто живеат и работат. Ако ја разврземе сега приказната за дигитализација, со којашто ние не сме ни почнале а другите одамна завршиле, којзнае каде ќе стигнеме! Но тоа не е мојата намера, барем не сега, и овде.

Односно, намерата ми беше баш обратна: да потсетам дека и културата, и тоа меѓу првите, трпи штети заради ситуацијата со пандемијата во земјава. Но, како и обично, неа никој не ја спомнува, ама затоа сите медиуми, сосе власта, во хор плачат за бизнис заедницата, се договараат како ќе им ги надоместуваат штетите, овие пак – т.н. бизнисмени – на крај памет не им паѓа да ги ослободат вработените, да придонесат во целата ситуација со нешто. Напротив, тие веќе почнаа да испорачуваат сметки, со силна поддршка на некои македонски телевизии. А да викневте некого од културата, некого од театрите или од другите културни институции кои исто така „живеат“ од публиката односно (и) од тие и такви приходи? Не се тоа којзнае какви приходи, се разбира, ама крпат некоја дупка во буџетот. Меѓутоа, за лелекот на македонскине современи робовладетели секогаш има простор и време!

Некој ќе рече дека и тоа ја покажува кај нас на дело релевантноста на културата за државата, за власта. Не знам сега како е Европа, ама знам дека пред неколку години имаше иницијативи (во Франција, на пример) на највисоко ниво, музеите еден ден во неделата да работат бесплатно со цел да бидат поотворени за граѓаните. Ама, кога некои големи музеи испорачаа колку дневно заработуваат и прашаа кој ќе (им) ги надомести тие пари – немаше одговор! Се разбира, македонските музеи, па и другите културни институции не можат ни на сон да помислат за такви приходи, ама и тоа малку што го заработуваат, во вакви услови никој не им го надоместува. Ама за плачковцине – веднаш се свикува седница на Влада! Или, зошто семјствата Унковски и Стефановски се должни да се откажат од авторските права за децата да можат во овие не-услови да ја следат дома „Бушава азбука“, ама македонскиот „бизнис“ никако не може да се откаже од неколкудневни, па ако треба и месечни приходи?

Ако ги знаете и платите во културата, коишто некаде, со некаква цркавица, се „покачуват“ од сопствените приходи, нештата стануваат уште потажни. Зашто, македонската култура, дури и со овогодишните нивелирања, (се’ уште) е на дното. Ако директорите на музеите во Америка, на пример, заработуваат околу 30.000 долари месечно, нашите директори тешко доаѓаат и до 40.000 денари, што е разлика во светлосни години! Исти се разликите и кај останатиот персонал: главен куратор во американски музеј има месечна плата од околу 15.000 долари, а кај нас не повеќе од 30.000 денари![1] (Што пак е одличен пример и за урамниловката во македонските плати во културата: ако во Америка директорот има барем двојно поголема плата од главниот стручен кадар, соодветно и на неговите одговорности, кај нас тие се речиси изедначени!). А колкави се платите во т.н. бизнис заедница, споредено со културата?

Да немаме недоразбирање: немам ама баш ништо против т.н. бизнис заедница во Македонија. И јасно ми е дека без економијата, особено во вакви услови, настанува целосен колапс во општеството. Ама, прво, секој што отворил „фирма“ за исправање влакна да го нарекуваме бизнисмен е навистина сулудо. А згора и да го обештетуваме од буџетски средства. И второ, во вакво не-време и важните, големите бизниси ќе трпат штети и тоа ќе мора самите да си го надоместат. Не на наша штета! Се разбира дека има дејности без коишто државата не би можела да функционира и тие секако ќе бидат субвенционирани, ама дали и оние кои десеткратно ги покачија цените на заштитните маски, на пример, во услови на пандемија, а за коишто примери известуваат граѓаните? И знае ли некој во државава како ги викаа(т) таквите и што им следуваше? Ако е ова време на војна, како што впрочем истакнуваат сите светски државници, ние ќе ги субвенционираме воените профитери?

[1] За ова повеќе во: Julia Halperin, Here’s How Much Money Museum Employees Really Make, artnetnews, June 29, 2017