Monthly Archives: December 2016

ДВОЛИЧИЕ

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (13)

Сето ова што сега (постизборно) се случува, сите овие физички и морални хистерии и дивеења се само вистинското лице на фашизоидноста на режимот и неговите „елитни“ одреди, токму како и оние Schutzstaffel во (деновиве често спомнуваната) Nacht der langen Messer. Бидејќи тоа е нивната умствена (не можам да кажам интелектуална, зашто таму нема никаков интелект) матрица на платена орда, без оглед кој на каква функција се нашол. Тие егзистираат во такви дволични рамки: од девет до пет божем функционери, од пет натаму – десна рака на Ќосето. Кај нив нема јавна свест, општествена одговорност, морал. Попладнето ќе барате „ноќ на ножевите“, вечерта ќе седите во првиот ред на Божиќната миса! Или ќе урлате како нездрава за „нашиот“ идентитет и традиција олицетворени во шизоидното „Скопје 2014“, кои што всушност тендерски сте ги соголиле до гола кожа, а за што веќе ве чешла Специјалното јавно обвинителство!

Се разбира, сето наше опкружување, вклучително и спомнативе карикатурални ликови, не се производ само на една историска ситуација или менталитет на една (прилично поголема) група, туку се резултат и на незаживеаната демократија на овој простор, нејзините млади и слаби корени, заедно со нашата необјаснива толерантност односно неспособност да ги видиме вистинските лица на овие околу нас. А тие беа тука, вплеткани во сите општествени случувања, се движеа по маргините одвратно понизни и најчесто речиси невидливи, свесни за својата неспособност и неморалност но и со истенчено, безмалу предаторско чувство за искористување на мигот, за моментна трансформација и молскавично приклучување на силите на злото! Се разбира дека историјата познава многу такви ликови, особено на ова парче земја но и на целиот Балкан како колевка на современите варијанти на тероризам, вклучувајќи го тука секако и фамозниот Ќосето и неговиве денешни деца како наш придонес во регионалната црна историја.

За да сликата добие посакувана заокруженост се погрижи ликот кој недостасуваше, кој вообичаено е во сенките на децава зашто веројатно се чувствува само како посвојче во една ваква констелација. Лик кој инаку, во ниту една варијанта, ниту еден нормален човек кој (и) политички мисли, не би го ставил на ум, без оглед што човекот толку години глуми претседател на државава, замислувајќи се како некаков фактор (политички, интелектуален, морален, човечки …) на страниците на оваа македонска историска бурлеска. Па и сега, именуваниот сака да ни се претстави како „татко“ на нацијата и „детенце“ на Ќосето, а не е ни едното ниту другото. Првото не може да биде заради редица суштински фактори, меѓу кои особено начинот / легитимитетот на неговиот избор, потоа неговиот локален и меѓународен рејтинг (кој речиси никогаш не ги помина оние фамозни 1,5%), неговото делегитимирање (или детронозирање, како сакате) од страна на првата по големина (и значење) малцинска заедница во државата, неговите бројни интелектуални и морални фелери непримерени за еден човек кој сака да се претставува како „татко“ на нацијата и шеф на државата итн. Ни второто никако не може да биде зашто е таков каков што е’, некадарен дури и за недела за кои што е сепак потребна доза на решителност и смелост а не тутурутка со карактер на шибицар, квазипрофесор со крајно сомнителни етички стандарди и типичен провинцијален „фоб“ од сите категории, лигава, аморфна материја која што сосема случајно добила некаков човечки облик. Дури, не можам да сфатам како овие воопшто и го прифаќаат како „брат“ односно рамноправен член на нивната ќосава заедница. Што пак доволно говори и за нивните „стандарди“ и „критериуми“, дури и кога се работи за такви важни, „братски“ реалции!

Затоа впрочем и никаде досега не го спомнав како некаков фактор во овие македонски фашизоидни времиња, иако неговиот придонес никако не е мал. Ниту безначаен. Зашто тој шарлатан, кој не умее да склопи ни две простопроширени речиници ако не му се напишани, беше врвната официелна поддршка на режимот сиве овие години, речиси два цели претседателски мандати, циркузант кој неразмислувајќи ни секунда се впушта(ше) во секакви, дури и најопасни вербални акробации – како оние од вчера – веројатно знаејќи дека неговите зборови и ставови некому не му значат ништо, ниту пак можат нешто да променат во оваа сомнабулна „држава“. Затоа и велам дека ужива да се претставува (и) како „детенце“ на Ќосето, иако знае дека неговиот божем цврст и комитски став по сите „национални“ прашања е само лакрдија што предизвикува смеа дома и во светот. И токму заради тоа и неговово последно обраќање – а сериозно се надевам дека ќе биде последно во неговото во суштина очајно одглумено претседателствување – не го сметам за сериозно и функционално, туку само како уште еден замав во насоката на автодеструкцијата, само уште еден доказ за неговата незрелост, неспособност и недостоинственост.

Зашто, да не заборавиме, колку и да е функцијата на претседател на државата кај нас на рамништето на „англиска кралица“ – што ќе рече нефункционална, парадна и „свечарска“ – за еден сериозен политичар, човек, интелектуалец, таа функција можеше да биде пресудна ако не за стопирањето на фашизоидната хистерија тогаш барем за нејзиното ставање под јавен сомнеж! Барем толку можеше во овој миг, а и порано, да направи еден вистински претседател на македонската држава, па нека се вика и Хорхе. И толку ќе беше дури и доволно во даденава ситуација во земјава изминативе години: еден искрен, човечки сомнеж во насоките на државата, во работата на институциите, во моралот и чесноста на јавните функционери итн. Наместо тоа, тој упорно – и со последниот „говор“ – настојува да ја одглуми докрај улогата на посвојче на Ќосето, заканувајќи се дека тој нешто нема да дозволи, или ќе дозволи, дека од него нештата зависат, па дури и односите и интересите на светските сили за овој простор, си го зема правото да говори во нашето име не баре сите со него сме береле калинки немајќи попаметна работа во животот итн.

И овој наш лакрдијаш е уште една тажна фигура на современава македонска историја заедно со булументата ќосави деца на кои запнал да им припаѓа, но и уште еден показ како функционираат системите од овој тип на овие простори. Тие бараат неподелена припадност и послушност, а за возврат не прашуваат за минатото. Зашто, инаку, како овој лакрдијаш како сегашно нивно посвојче а некогашна „универзитетска“ рожба на минатиот (и омразениот им) систем ќе станеше ова што стана? Но не само тој туку и редица други во чија што неморалност и сегашна безпоговорна припадност на злото се уверивме низ годиниве. Ваквите фашизоидни инсталации како да се измислени за простори како овие, за народи како овој. Плодноста на оваа почва за култивирање на едноумни режими од секаков тип допрва ќе треба да се испитува. Тоа секако зависи од карактерната структура на луѓето, од интелигенцијата, од културата и образование … сето она што во голема мера недостасува кај нас. А не дека сме го немале, во одделни периоди. Но тоа се чудните историски пресврти, цикличните наезди на некои варвари кои ништат се’ пред себе и потоа мора да се започнува од почеток. Но, велат, а што друго би правела историјата, нели?!

ЗАРОБЕН(И) УМ(ОВИ)

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (12)

Еве, по некоја случајност, да не се појавеше онаа снимка од мобилен  телефон на која што се гледа како во 2012 година собраниското обезбедување (или некој друг, уште до крај не е утврдено!) брутално ја исфрла опозицијата од салата за седници во Парламентот, и тоа во присуство на тогашната министерка на полицијата и министерот за финансии кој лефтерно командува со операцијата, плус сите останати пратеници на позицијата кои задоволно го посматраа скандалот без преседан во европските демократии? Прво, да ја немаше таа снимка, дали светот, а и ние со него, ќе разберевме што и како се случувало на тој црн ден на 24 декември 2012 година? Се разбира – не, зашто на првото спомнување кај нас  ќе се вклучеше платеничкиот медиумски трубачки квартет, или квинтет, и цели денови ќе слушавме како опозицијата била таа што предизвикувала проблеми во Собранието при носењето на буџетот и дека веројатно станува збор за некаков мал инцидент. И таквата приказна ќе го обиколеше и светот, особено бирократските кулоари на Европската комисија, и сите ќе ја жалеа власта каква лоша опозиција има!

Тој настан, тој 24 декември е некаква мала почетна точка – големата ќе дојде во 2014 година –  или пресвртница во дотогашното помирливо однесување на опозицијата, но и во пољубопитната внимателност на погледите на светот и ЕУ кон нас. Но тој настан извонредно ја отсликува и моќта на современите медиуми и можностите за бескрајни манипулации со вистината и реалноста во која што живееме. А во таа точка и заробениот ум што завладеа во Македонија од самиот почеток на инсталацијата на криминалнава фашизоидна власт на децата на Ќосето. Таков сеопфатен поданички медиумски клиентелизам не се памети во поновата историја на европските демократии! Нам би ни позавиделе и најцрните автократи и диктатори, а теоретичарите на медиумите и на јавното мислење би останале запрепастени како теоријата може и буквално да е спроведлива (дури и надмината) во праксата! (Хабермас, на пример, говори за „тенденции кои што во дадени околности делуваат во правецот на создавање на јавното мислење“, но кај нас тие „тенденции“ беа заменети со целосно заробување на медиумите, а дадените „околности“ се еден комплетен демократски систем во зачеток!). И потоа, кога на тоа ќе ги надградите сите (како од учебник) исцртани линии на инсталација во администрацијата, во судството, во културата и образованието, во војската и во црквата, потоа неограниченото и неприкосновено партиско располагање со државните ресурси и буџетот, добивате прилично успешна формула на тотална тиранократија со фашизоидна ориентација.

Ако медиумите беа првите и најважните клиенти, администрацијата беше вториот битен сегмент кој што, делумно, и самиот, уште на почетокот крена раце во знак на предавање, а потоа беше и целосно окупиран и замолчен од новоформираните партиски трупи преоблечени во државни чиновници. И потоа, школски, парцијално но континуирано паѓаа односно беа освојувани – со сила или со пари – останатите бедеми на демократијата кои што, за воља на вистината, кај нас никогаш не биле којзнае колку цврсти! И овде може да се парафразира Вангелов[1] и неговите извонредни „што“ и „како“ за македонската литература односно дека „нема добра литература само со „како“ а без „што.“ Или, само со „што“, а без „како.“! Според истиот принцип, нема добра диктатура од современ тип ако не знаете „како“ тоест со „што“ истата се прави. Овие знаеја. И „како“ и со „што“. Ама не знаеја, или немаа – со кого! Зашто третиот принцип (кој што веројатно го нема во литературата зашто токму писателот е тој кој „ракува“ со своето „што“ и „како“) е со „кого“ го правите тоа што го правите или сте намислиле да го правите односно кои се вашите експоненти кои треба да ја убедат јавноста во исправноста на практичните политики. Е кај овие, за среќа, тој (по многу нешта клучен) сегмент целосно промаши! Зашто, тие буквално немаа со кого да го прават намисленото односно мораа да се задоволат со „тенката“, полуписмената  партиска инфраструктура и по некој пребег од малку поспособните „интелектуални“ структури во државата. Затоа и резултатите беа такви какви што беа!

Впрочем, тоа е судбината на сите такви диктаторски системи: нивната кадровска структура е еднаква на нивната идеолошка матрица. Што ќе рече прилично банална, проѕирна – умствено и практично, неинвентивна и трома, амбициозна но неспособна … Но – „образована“! Поточно, и кај нашиве уличари со фашистички манири речиси и да нема министер, директор, функционер без оние задолжителни „м-р“ и „д-р“, иако тие нивни титули, во нормални услови, не можат да се поистоветат ни со најпросечно високо односно факултетско образование. Зашто, уште кога ќе ги видите, па кога ќе им го чуете говорот, па кога ќе им го видите однесувањето … веќе ви е јасно со каков „кадар“ имате работа. Инаку, од тие идеолошки и лукративно заробени умови никој и не би имал којзнае каква полза, затоа впрочем и биле поттурнати настрана од главните текови на општествените процеси во изминативе дваесеттина години. Но сега си најдоа „ментор“ по мерка, некој рамен на нивните „капацитети“ и „идеи“ и ги добија нивните пет минути. Кои што, за жал, се растегнаа на цели десет години. Ама тоа не беше, повторно, резултат на нивните (не)способности, туку на нашата лежерност, летаргичност, арогантност и самобендисаност, ако сакате, мислејќи дека тоа ќе трае еден миг. Ама потраја цела вечност. Или само така изгледаше?

Но не, оваа деценија (ќе) ја плаќаме дебело (со акцент на „о“!), нивните заробени умови ја заробија државата, избркаа од неа една третина од најспособното население – среќа ни останаа „Сократ“ и компанија! – што е уште една битна димензија на режимите од овој тип: расчисти со интелигенцијата, со младите и образованите, со потенцијалните противници! Задржи го сето неспособно и остарено и – вежбај режим!

[1] Атанас Вангелов, Ѓонија, Плусинфо, 26 декември 2016

РЕПЕРИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (11)

Ако некому му прави проблем, непријатно му е да ги нотира некои од главните правци на апострофираната фашизоидна инсталација во македонската држава од 2006 година наваму, може да тргне по спротивниот пат, односно може да ги набележи општите, генералните пунктови на секоја (нормална) либерална демократија и да се обиде истите да ги имплементира на нашиот локален терен во дадениот период (2006-2016), ако тоа повеќе го/ги усреќува. Резултатот ќе биде горе-долу ист тоест многу малку, или ниедна точка нема да успее да се одржи во македонската општествено политичка пракса во изминатата деценија. Без оглед како ќе ја „крстиме“ – неофашизоидна автократија (тиранократија), „традиционална демократија“ (sic), или „нелиберална демократија“, како што тоа нагалено сака да го претстави колумнистката на „Вашингтон пост“[1] за случувањата во Полска! Иако и таа признава дека е тоа „несреќен поим“ бидејќи „лидер кој ги прекршува правилата на демократијата воопшто не треба да биде нарекуван ’демократски’ туку поинаку, можеби – ’диктаторски’“. И тоа е вистинскиот израз кој што и’ треба на колумнистката, а тоа би бил и резултатот ако посериозно ја разглобиме онаа флоскула за „традиционалната демократија“!

Но, да се вратам на можната имплементација на генералните пунктови на секоја (нормална) либерална парламентарна демократија на наш терен и резултатите што би ги добиле со една таква игра.

Па така, веќе првата точка која што од либералната демократија бара спроведување на реалната, вистинската моќ од страна на избраните народни претставници е во колизија со нашите реални состојби каде што, се покажа, народните претставници беа само декор, „демократски“ кулиси кои што требаа да го скријат приграбувањето на стварната моќ од страна на една политичка врхушка, исповрзана меѓу себе преку семејни и пријателски врски. Или принципот дека извршната власт е (уставно) ограничена и одговорна пред парламентот и останатите институции на власта како судството, на пример? Зарем еднаш било констатирано дека македонското собрание цели десет години е само играчка во рацете на владата во функција на мајоризација на опозицијата и безусловно спроведување на барањата на владата? Или потсмешливата етикета за „сваровски судството“ и неговата клиентелистичка подреденост визави владата како најдобар доказ за односите помеѓу овие две власти? Или третманот на (независниот) омбудсман од страна на македонската влада?

Понатаму, партиската припадност ги замени сите гарантирани во либералните демократии културни, етнички, малцински и други права, правејќи ’ршум во системот на селекција и поддршка на „туѓите“ права, иницијативи и проекти. Цели десет години ние живееме во комплетна партиски покриена култура, образование, наука, со комплетно нетранспарентен процес на одлучување. Паралелно, апсолутно се диференцирани и „туѓите“ невладини организации, а општествено ранливите категории се целосно маргинализирани. Или, можеби некој ќе се осмели да ја спомне медиумската сцена во Македонија во изминативе десет години односно демократското право на граѓаните на алтернативно информирање преку независни медиуми? Можеби доволно за оваа точка говори рангирањето на Македонија во земјите со лимитирана слобода на говорот и безмалу целосно зависни медиуми? Ваков сеопфатен, целосно извитоперен  поданички медиумски клиентелизам каков што гледа(в)ме во Македонија последниве десет години не се памети во поновата историја на европските демократии!

Понатаму, ако според принципите на либералните демократии граѓаните се суштински слободни во искажувањето на мислењето, тогаш каде, на пример, во изминатава деценија можеше да се чуе поинакво мислење од она кое што го застапуваше власта и нејзините мегафони? Кој простор и’ беше достапен на опозицијата, или на независните мислители и активисти за јавно и аргументирано искажување на ставовите по сите горливи општествени прашања во државава? Или, може ли некој да се потсети само на обидот за протест на, на пример, „Архи бригада“ против деструктивноста на самонаречениот проект „Скопје 2014“ и како заврши истиот? Или обидот за протест на новинарите пред Музејот на македонскиот хорор, итн., итн.?

Или можеби некој сака да ја разгледа состојбата со владеењето на правото и рамноправноста на граѓаните пред законот?

Се разбира, ни ваквата споредба не би одела во прилог на приврзениците на нашава шизофрена „традиционална демократија“, како што впрочем никако не им се допаѓа сличноста на основите на таа наша „демократија“ си носечките репери на совремните фашизоидни инсталации со различни имиња, а меѓу нив и нашава. Нашава „традиционална демократија“, или „нелиберална демократија“ (според меракот на Еплбаум), или поточниот израз „диктатура“ односно фашизоидна диктатура во локална варијанта, едноставно е неспособна да го премине ни прагот на теориите за демократијата, не може да го задоволи ниту минимумот за да се нарече дури и псеудодемократски систем. Бидејќи, извинете, ама ние овде не само што не можеме да говориме за елементи на демократија, туку сериозно можеме да говориме за диктаторска многустрана инсталација, редена една врз друга според пирамидален принцип, се’ до самата врхушка како нејзин инспиратор и реализатор.

[1] Anne Applebaum, Illiberal Democracy comes to Poland, Washington Post, December 22, 2016

ОКУПАЦИЈА ВО МНОГУ СЛИКИ

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (10)

Секојдневниве памфлети на подопашните мегафони на децата на Ќосето имаат една и единствена задача: да ја искриват вистината (дури и во историски димензии) и да ја наметнат новата, ним и на газдите им неопходна  стварност. Зашто, паметењето е кратко, но записот останува. Останува за генерациите. Затоа, нашите сведоштва за изминатава мрачна декада не треба да останат само на рамништето на потиснати сеќавања, закопани некаде длабоко – иако, всушност, ни од нив не може да се избрише создадената историја. Таа, историјата, не функционира на рамништето на нечии желби и наредби. Но мора да и’ се помогне! Затоа и мислам дека е неопходно да се активираат здравите национални (барем оние што преостанале!) механизми за стратешко и секако долгорочно меморирање на злосторствата на овој фашизоиден режим, што понатаму ќе послужи за исцртување на генералните линии на македонската историја во изминатиов период на владеењето на децава на Ќосето.

Во таа насока времето помеѓу Прологот и неодамнешниот Епилог е време на македонската современа варијанта на автократски инсталиран „мек фашизам“ помеѓу 2006 и 2016 година, тоа е чиста историја во течение зашто тука ни се на дофат сите елементи што треба да бидат експонирани за соодветната претстојна преоценка на идните генерации. За тој десетгодишен историски вакуум во македонската држава – зашто тоа време никако не може да се квалификува според други, нормални параметри – секој од свој стручен аспект (ќе) треба да ги исцрта основните координати на подемот и падот на македонската фашизоидна инсталација, со што ќе даде придонес во општото и дефинитивно разобличување на овој период. Така ќе паднат односно ќе бидат изложени на потсмев и актуелниве малоумни спинови и безумни конструкти кои што лебдат низ македонскиот медиумски и политички простор обидувајќи се да создадат смут, недоверба и лажна слика.

Токму во тоа време помеѓу можат да се нотираат некои од главните правци на апострофираната фашизоидна инсталација во македонската држава од 2006 година наваму. На пример претходно посочениот наплив на популизам,  кој што беше можеби првиот сигнал што требаше да ѕвони на тревога. Зашто тоа типично тоталитаристичко (фашистичко / сталинистичко) подлетнување на крилјата на „народот“, неговото постојано повикување и дејствувањето во негово и ничие друго име, беше нешто што, ако не сме го доживеале, тогаш доволно за него сме читале. И од книгите се излеа и во македонската неодамнешна реалност, влезе во екраните и на страниците на весниците во чистата фашизоидна форма: дека токму народот така сака, дека тие се избраниците на народот и ја следат неговата искажана воља итн. Иако многу години подоцна се покажа како всушност била фалсификувана и манипулирана таа „искажана“ народна воља и што всушност следела властодржната врхушка сиве овие години.

Паралелно со популизмот како битен инструментализиран фашизоиден спецификум, во истиот тој народ се насели и стравот како втор важен тоталитаристички изум за државна контрола. Инициран и потхрануван (повторно) „во името на народот“, а реализиран помпезно (повторно) со широко медиумско покривање, со апсења и малтретирања, со измислени предавници и антидржавни заговори … „патриотите“ како според учебник градеа своја држава во која што Уставот и законите беа искривувани и/или формализирани до крајните можни граници, а всушност се спроведуваше личната и групната воља на врхушката „избрана“ од и во името на народот! На тој начин беа маргинализирани не само политичките противници, туку во  многу случаи беа елиминирани, на еден или на друг начин, и сите неподобни и сомничави кон власта поединци.

Понатаму, ако ги имате соодветно разработени овие два битни елементи, надополнети со брутална медиумска хајка преку клиентелистички окупираниот медиумски простор со платеници од секаква провениенција, патот кон целосна фашизоидна тиранија изразена низ останатите форми на само ним знајната „традиционална демократија“ беше целосно отворен. Се разбира, попатно ќе бидат заробени во клиентелистичките или коруптивните стеги и сите потенцијално независни или парадржавни институции и тела – пред се’ Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот и Црквата, а потоа спортските, културните, уметничките и другите слични здруженија и асоцијации – со што се добива едно унисоно, истомислечко и општествено погубно аморфно тело кое понатаму се нарекува „широка јавна и стручна поддршка“, која што ни беше јавна ниту беше стручна туку ги претставуваше подземните партизирани фашизоидни сили на неспособноста, неписменоста и незнаењето издигнати на степенот на државен идеал! Тоа кај нас се изведе многу бргу, безмалу во првите две-три години, некаде на јуриш или „самоволно“, некаде со мали или поголеми притисоци, така што веќе од 2008 година оваа послушна  машинерија беше функционална и во полн погон! Веднаш потоа и’ се придружи и партизираната државна и локална администрација, систематски надополнувана и тренирана како сива бирократска паравојска подготвена за „граѓанско“ справување со сите видови опозициски отпор и евентуална непослушност.

А потоа можете на „народот“ да му продадете што сакате. Можете да почнете да го замајувате со историја и традиција (од типот на блуткави националромантични приказни од нашето минато и самонаречени проекти од типот на „Скопје 2014“), со странски „инвестиции“ (каде државата повеќе дава отколку што добива), со „реформи“ во сите општествени сегменти (кои што се граничат со чиста фикција извлечена од нечии недозреани умови), со „јавни“ градежни активности (кои што се покажаа само како извонредна форма за „ѕидање“ на тендерите и бескрупулозно богатење на поединци) итн. Сето тоа беше секојдневно филувано и со изблици на ниски страсти и малограѓанштина, со одмазнички реваншизам кон поединци но и кон се’ што нивните автократски умови не можеа да го разберат (особено во архитектурата, културата и уметноста!), со зацврстувањето на врските помеѓу Црквата и Државата во формата на некаква анахрона клероконзервативна полуписмена пифтиеста маса, со дефинитивното киднапирање на сите државни институции и нивното целосно партизирање и ставање во функција на властодржната врхушка.

Така се созададе заокружена автократско фашизоидна инсталација – или окупација во многу сликички – која што буквално и неприкосновено ја имаше сета власт во своите раце. Таквото саморастечко чувство понатаму доведе до кај нас дотогаш невидени напливи на самољубие, горопадништво, насилништво и пизма, што пак резултираше во оној 24 декември 2012 година, кога опозицијата и новинарите насилно беа буквално исфрлени од Парламентот! Можеби тогаш во Европа (и светот) се запали црвеното сијаличе за тревога? Па и во некои наши локални глави?

НОВА „СТВАРНОСТ“

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (9)

Реално е да се претпостави дека простачки бламажи од типот на оние пред и околу ДИК веројатно нема да ни недостасуваат ни во времето што доаѓа. И тоа ќе биде време на иритации и срам, на ступидности и целосно (до)разголување на многумина, на притисоци и фашизоидна реторика која што допрва ќе (треба да) ја бележиме за иднината. Зошто го велам ова? Затоа што за историјата остануваат и другите записи, оние на приврзеници на ова безумие, кои деноноќно, по задача, го труеа – и тоа се’ уште го прават, дури и на „стратешко“ ниво – македонскиот јавен простор со панегирици (или оправдувања) во слава на тиранократијата на власт. Тие измислуваа(т) и наши нови вредносни системи „втемелени“ на два-три случајни и во основа жални примери од минатото, кроеа и нова историја и традиција, ново (не)образование и (не)култура, за да, на крајот, кукавички го подметнуваат на другите сето она што самите го правеа (од кражби и манипулации до политичка и етничка дестабилизација, итн). И тие записи, и таа „реторика“ останува за иднината, за некои нови (пр)оценки.

Таа, „реториката“ – иако овој збор навистина несоодветствува на вулгарните спинови и малоумни тези што се вртат низ провладините медиуми – всушност започна пред цела една година, кога се виде дека темелите на македонската фашизоидна инсталација се одамна сериозно разнишани. Заради тоа, паралелно требаше да се измисли и по улиците да се спростре една нова стварност, која што ќе врши деноноќна пресија врз неопределеното гласачко тело, врз колебливите симпатизери и генерално  врз целата јавност. Требаше да се создава смут, да се спинуваат сите демократски напори на опозицијата, да се оцрни и самата демократија како систем ако не е од оној нивни „традиционален“ фашизоиден тип.       Безобѕирноста тогаш стаса и до обвинувања за џихадизам („Шарената револуција“), а денес дури и за фашизам (sic!) виден од нивните „експерти“ во сите обиди за европеизација и амортизацијата на кримииналните процеси во државава и наспроти „традиционалната демократија“ што конспиративно ја инсталирале децава на Ќосето. Тоа е всушност познатиот репертоар на навистина перидни но во основа умоболни тези и контратези кои што црното треба да го прикажат бело, фашизмот да го преименуваат во „традиционална демократија“, а криминалциве да ни ги отсликаат (сега) како пожртвувани патриоти. И сето тоа сега се засилува, особено по ваквиот изборен резултат, а веројатно ќе се засилува уште повеќе веќе утре, кога нештата конечно ќе се разбистрат.

Затоа сега им е потребна таа нова стварност која што некако бргу ја заборава и антиката, и Александар и Филип, и историјата, и „барокот“ и сите други наивни измислици со кои што го труеа народот. Сега децата на Ќосето се ангажирани во преформулациите на темелните вредности: сега „денешната левица, социјалдемократијата и либералите, се радикална профашистичка идеологија“[1] (sic!), СДСМ се „неофашистичка авторитарна групировка“[2], дека некој друг, а најверојатно опозицијата ја држи заробена државата а не криминалнава организација, дека „македонските ѓуленисти успеаја со својата дрскост и безобразност да ни продаваат класична режимска вистина како демократија“[3], дека сега токму опозицијата тепа старци по улици и се заканува дека ќе убива деца, а згора на се’ и Албанците гласаа за Заев зашто „сакаат да ги видат Македонците како зборуваат албански“[4], итн. И како што ја поставија на глава и целата историја, образованието, културата, здравството, науката … така сега треба да ја спинуваат и целосно извртат и сегашноста небаре луѓево се навистина малоумни и веднаш ќе поверуваат во сервираното. Сето ова сега треба да убеди некого дека овие криминалци не се тие што ги слушавме, дека некој друг изнесе половина држава (ако не и повеќе, допрва треба да се утврди) по островските даночни раеви, дека некој трет рекетираше, корумпираше, клиентизираше низ државава, дека токму опозицијата е виновна за сите нешта во државава односно дека таа е всушност – режимот! Некогаш е дури уживање – коешто, сепак, бргу преминува во презир – да се слушаат и читаат навидум сериозни луѓе, некои божем и новинари и професори, како одново и одново кројат некакви нови басми да го облечат соголениот Ќосе.

Но тоа треба да биде и мотив повеќе за целосно разветлување на сите темни петна на фашизоиднава историја што последнава декада го зароби македонецот. Не само заради утре, туку и заради денес, овие сомнабулни конструкти мораат да бидат целосно разобличени зашто, како што имавме прилика да видиме (не само) пред ДИК, децата на Ќосето се цврсти „идеолошки“ верници, подготвени да ја „купат“ и новава стварност што им ја нудат. Се разбира, се’ дури е комбинирана со сендвичи и „брља“, бесплатен превоз и легло (па макар и во болница) … а потоа ќе му ја мислат!

[1] Мирка Велиновска, Избор меѓу фашистичка диктатура и традиционална демократија, Дневник, 27.11.2016

[2] Исто

[3] Тања Каракамишева-Јовановска, Македонските ѓуленисти се распослани насекаде, Дневник, 20.12.2016

[4] Ирена Радовановиќ, Албанците гласаа за Заев за да имаат почист воздух, Дневник, 22.12.2016

ЛЕКЦИИ

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (8)

Безмалу сите години од осамостојувањето добива(в)ме слаби оценки по сите предмети и сходно на тоа добива(в)ме и лекции од други држави, од меѓународни институции и од поединци за тоа како треба да се однесуваме во новата (за нас) светска констелација во која што влеговме како прволачиња. Но иако почетници, барем во значајните демократски процеси и белосветски игри, дури и во периферните нешта се покажавме тотални дунстери, па дури и без елементарно домашно воспитување, без сенс за основните (човечки) норми и стандарди на однесувањето во цивилизираниот свет. Само последниве две години се наредија едно чудо такви звучни меѓународни шамари, меѓу нив особено болен и со најдлабоки траги т.н. Извештај на Прибе кој што не смести на вистинското место на недемократските (не само европски) скалила. И ние можеме и понатаму да се правиме на триипол, дека тоа се само инциденти, дека им се случувале и на други земји кои влегувале и излегувале од транзиција, ама тоа се само утехи за малоумни.

Последнава лекција, онаа од Ван Хоуте, не е најболната, но доаѓа во вистински час. Доаѓа токму во здивеното време на децата на Ќосето, кога овие изгледа сакаат со сила да ни докажат дека се тотално демократски неспособни, дека сите домашни и странски обвинувања за автократија, тиранократија и фашизоидна инсталација не се само празни приказни на беспослени поединци. Реченицата на Ван Хоуте е затоа типична, парадигматична за нашава измината деценија: дека за зборовите што деновиве ги слушаме на јавна сцена од високи државни и партиски функционери, во нормални демократски земји може да се лежи и во затвор и тоа на подолго време!

Некои имаат проблем што таа лекција дојде баш од овој за многумина омразен Белгијанец кој не така одамна на дел од македонските политичари им држеше и други лекции, оние од домашното воспитување, од културата на меѓусебното однесување, за одржувањето на зборот итн. И тоа, се разбира, ним не им се допаѓаше. Ама баш никако.

Но, овде не говориме за лични или партиски допаѓања. Овде говориме за општествени системи односно за еден систем за кој што мислевме дека одамна се бевме определиле и за еден друг, инсталиран од страна на една криминална организација, а маскиран како „традиционална демократија“ (М. Велиновска), што е првокласна глупост по себе.

И затоа велам дека таа куса лекција на Ван Хоуте е парадигматична зашто точно ги сместува децава на Ќосето на нивното место. И ја отсликува генералната линија на македонската фашизоидна инсталација која што изминатава деценија глумеше „традиционална демократија“ зачинета со  неофашистички зачини. А неодговорноста, односно самоволието, беше главната зачинска состојка, понатаму комбинирана со криминал, клиентелизам, насилие, корупција … И оттаму таквите разлики: сето она што во демократските (барем европски) држави се смета за нормално, кај нас е ненормално односно преседан, инцидент, чудо. Во демократиите се одговара политички, морално и кривично за лага, манипулација, корупција, криминал, насилие (лично и државно) … Во македонската автократска фашизоидна инсталација за сите овие нешта не само што не се одговара, туку се напредува – лично, кариерно, политички! Затоа сме ние тоа што сме, затоа европските демократии се тоа што се. Иако некои, токму заради добиените лекции но и оние што следуваат, сакаат да ги претстават како непријатели на Македонија, како црн ѓавол и белосветска проститутка.

И веднаш после Ван Хоуте, како синхронизиран продолжеток, дојде и лекцијата од Стејт департментот, која што мериторно ја осудува „потпалувачката реторика од некои политички лидери, напаѓајќи ги демократските институции и амбасадорите акредитирани во Македонија“. И сега баш би сакал да видам како децава на Ќосето ќе се обидуваат (ако се обидат, зашто Стејт департментот сепак не е „некојси мачкар, Белгиец“) да контрираат. И со што. Иако за тоа ги имаат секогаш рафално подготвените комити меѓу нивните медиумски мегафони .

Како и да е, токму ваквите мали лекции се можеби најдобриот ориентир за времето и нештата во оваа земја во изминатава деценија. Иако тој ориентир можеби не е неопходен за нас кои директно сведочевме на подемот, но и на падот на македонската фашизоидна варијанта, тој сепак е сведоштво за остатокот на светот кој што нема целосни информации за случувањата тука. А ќе биде и квалификуван материјал за некои идни проучувања на оваа македонска деценија, ако, се разбира, се појават – а ќе се појават, верувам – сериозни историчари наместо нашиве тезгари.

КОЛЕКТИВНА ПОТЕРНИЦА

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (7)

Тие кои подобро паметат можеби ќе се присетат на првичното популистичко парадерство со отворени односно јавни седници на Владата на кои што се делеа субвенции „шаком и капом“, но и нови и нови ветувања за Швајцарија на Балканите, која што само што не беше пристигнала на белиот вмровски липицанер. Тоа веројатно беше Прологот за македонската фашизоидна претстава, навестувањето дека „ВМРО не е само партија, ВМРО е организација која има и длабока идеологија“, но идеологија која што набргу го покажа нејзиното вистинско црно, подземно и антиисториско лице. И следствено на таквиот почеток, се очекуваше и сличен крај – следеше неодамнешната поента од Епилогот на „Лидеро“: „да останеме свои на своето“, што ќе рече тие на нивното а ние во некој ендек! А за тоа помеко да се спроведе во дело на „организацијата“ никогаш не и недостасувале идеи, меѓу кои и оние од спомнатиот славен Епилог: да се расчисти со наследството на мис Стон односно таквите „елементи“ или да се ликвидираат или барем да се протераат од земјата!

И бидејќи таквиот Епилог прозвучи запрепастувачки кај сите нормални луѓе во земјава и вон неа, изреченото веднаш мораше да се релативизира, да се денфува како и многу пати претходно, за да маските се задржат барем уште некое време. А таа задача својствено и самопрегорно ја извршуваат веќе познати „олеснувачи“ кои беа, и се’ во состојба најголемите црнила да ни ги претстават во розови нијанси, како довчерашниот претседател на МАНУ Камбовски, кој во Епилогот на македонскава фашизоидна инсталација гледа само неумесност  и личен односно партиски став!(?). И ништо повеќе? Што пак, погледано  ретроспективно, воопшто не зачудува, зашто ни тој, ниту пак институцијата која што ја раководеше во времето на најжестоките антидемократски хајки низ државава, не најдоа за потребно глас да пуштат. Беа зафатени со „научни“ акумулации! Ама сега, во својство (дури) на  претседател на тинк-тенк тело на МАНУ за истражување на глобалните стратегиски прашања, не’ просветлува дека тоа била само некаква детска шега на довчерашниот му шеф и газда на државава изречена на приватна журка како загревање за претстојната слава Св. Никола. За да, понатаму, не остане само на тоа туку и да го прошири бајковитиот приказ за локалнава Црвенкапче дека и омразата кон волкот олицетворен во странските амбасадори било само личен став „и најверојатно се однесувало за поединци во амбасадите, инаку, ако би било спротивно, не би било добро“ („Плусинфо“). И на кои тоа поединци се однесува тоа? На вратарите можеби, или на возачите? Ваквото спрдачење и со странските амбасадори и со целава држава, и тоа од највисоко (и „политичко“ олицетворено во Груевски и „научно“ олицетворено во Камбовски) ниво е дури веќе типично за „системи“ како нашиов.

И не знам дали сите се правиме недоветни или навистина не гледаме, како „академикот“, дека Епилогот на „Лидеро“ им испрати на децата на Ќосето „колективна потерница“ (Љ. Симовиќ) во неколку точки, колку да ги потсети, да не заборават што и како треба да прават во наредниот период и кои се нивните вистински непријатели. И таму се поименично, како на листа за отстрел,  наведени сите „неумесни“ предавници на македонската национална кауза, од поединци, преку невладини и соросоиди до вкупната меѓународна јавност претставена преку нејзини вратари и чувари во амбасадите, и по некој амбасадор (со неизбежната црна лента, се разбира). Сите се поименично нацртани во неумесниот и личен Епилог за да Ќосето не заборави некого!

И никој, се разбира, од останатите успани „академици“ не смета дека конечно некој од таквите неумесни колеги треба да ги делегираат не во тинк-тенк тела туку во градскиот парк, на клупа, каде што можат да бистрат своја политика и стратегија до судниот ден. И никој, нормално, ни од „академиците“ ниту од останатата интелектуална фела не гледа дека конечно се стегаат фашизоидните пранги околу целата држава која што дефинитивно сакаат да ја претворат во малоумен резерват со електрична ограда од висок напон низ која што ќе можат да минуваат само „идеите“ од Пјонгјанг, Москва и евентуално Будимпешта, но и „идеалите“ на Ќосето? А од говорниците низ градовите и преку медиумите (и понатаму) ќе урлаат полупијани или полуписмени министри, државни функционери и директори. Можеби последнава колективна потерница конечно ќе иницира раздвижување на некои и нечии умови, ако не од нашиве тогаш барем од „меѓународните“ кои исто така, умесно или неумесно, се најдоа на неа. Зашто другите потерници, локалниве и интер-ресорските, одамна ја исполнија својата задача. Тие безусловно ги елиминираа од јавниот и стручниот живот непожелните во културата, образованието, науката, администрацијата, дипломатијата … Децата на Ќосето на тоа поле беа повеќе од ефикасни.

ЕПИЛОГ

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (6)

Не знам, не се сеќавам дали фашизоиднава тиранократија на децава на Ќосето имаше свој званичен (вербален или пишан) пролог кон нивното еднодецениско дивеење низ земјава. Онаа нивна самонаречена политичка програма тоа не може(ше) да биде зашто таа беше само едно форсирано залажување на публиката / гласачкото тело (инаку незадоволно од бучковистичкото малоумно „полтичко“ пимплање и дилетантизам), но и самозалажување на членството и симпатизерите бидејќи ништо од тоа (освен само некои маргиналии) не беше исполнето. Вистинското лице се покажа дури во практикувањето на власта, ако сиот овој десетгодишен криминал и насилие над демократијата може и понатаму така да се нарекува. Оттука и не знам навистина што толку ги привлече тиранољубителиве (или гласачкото тело, кажано нагалено) кон нив освен, се разбира, клиентелизмот и (за мнозинството) ситните привилегии – иако некогаш, или често, изразени низ основните потреби како леб и вода – додека врхушката и тие околу нив инкасираа десетици милиони (во евра, се разбира) на сметка на инструментализираниот популизам.

Денес, и не само денес е јасно дека реакцијата дојде како последица на неспособноста на претходните, на бучковистичката фингирана  (социјал)демократија и паланечкиот „елитизам“ на тие кои го опкружуваа. Но, претпоставувам дека никој, или барем никој нормален и со здрава аверзија кон насилието како такво, особено ако доаѓа директно од државниот врв, не очекуваше ваква замена во стилот на Ќосето и неговите деца со исукани наострени ножеви. Иако нивниот профил беше видлив речиси од самите почетоци. Сета онаа полуписмена љубчовистичка булумента само се прелеа кај ќосавиве. Затоа и денес малку чудно ми звучат изненадените и вџашени гласови апропо ова што се случува(ше) особено последниве години. Дека, демек, прво било симпатично, потоа смешно, ама сега е застрашувачко! Играњето со оган, и со фашизоидно ориентирана паланечка толпа секогаш е такво – од дистанца изгледа интересно, потоа се профилира налудничавоста, за да на крајот течат потоци солзи и крв!

Затоа и велам, без оглед што нашево историско соочување со ваквите домашни (зашто сите претходни беа увозни!) фашизоидни форми не ни беше  директно тутнато под нос во некаква прокламирана писмена или говорна форма, симптомите беа видливи речиси од самиот почеток. Барем за оние кои сакаа(т) да гледаат, и да видат. Нејсе, отсуството на прологот пред некој ден беше надоместено, или заменето, како сакате, со Епилогот во директна изведба на „Лидеро“. Јасно и гласно, на отворена сцена, пред ДИК, право во микрофон и во ушите на целата држава. И меѓународната јавност. Некој тоа го нарече политичко самоубиство од заседа. Можеби, но јас таму видов евентуално само заседа, зашто од политика немаше ни „п“, а самоубиството всушност беше поодамна завршено. Заседата е единствената сакана опција на децата на Ќосето!

Но, да не должам, Епилогот веројатно ги отрезни и последните изданоци на тиранократската лоза. (Оние кои го слушаа „во живо“ пред ДИК не верувам дека бргу ќе се отрезнат!). Бидејќи, конечно, сосема отворено им го плесна в лице она за што многумина пишувавме низ годините: дека нивното разбирање на демократијата е само кога таа е во нивна полза; дека сите легитимни одлуки на кој и да е’ орган се незаконски кога, повторно, не се во нивна полза; дека сите други се криминалци освен тие самите, иако целосно ја опљачкаа земјава и народот и изнесоа повеќе од шест милијарди евра; дека никој не е добредојден во оваа недојдиа, а особено странските претставници / амбасадори, ако гледаат со отворени очи и посочуваат на неправилностите во државата; дека нив не ги интересира никаков политички дијалог и дека тоа што до сега се правело било само успешна глума за замајување на лековерните и купување на време; дека сите нормални човечки и демократски стандарди ним им се „хибридни“ и „нестандардни“ зашто им ја  поткопуваат моќта; дека децата на Ќосето воопшто и не се заинтересирани за некаква Европска унија и Евроатлантски интеграции зашто ним им е најдобро овде, помеѓу нивните истомисленици натопени со греана интоксикација и поттикнувани на насилие … за да, ете, „останеме свои на своето“!

И сега, веројатно, повторно некои умни глави кај нас ќе бидат фрапирани од ваквиот Епилог на деценијата, ќе го анализираат и ќе се вчудовидуваат, како да сето искажано не беше до вчера – државна политика! Но, почетокот и крајот, прологот и Епилогов се само две точки на едно (исто) црно време.  Она што треба да се проучува и толкува е застрашувачката македонска приказна помеѓу тие две точки, тие десет години за кои што треба да се исцртаат сите линии на инфилтрацијата, узурпацијата и окупацијата на јавното како општо добро, за да идните генерации полесно ги препознаваат и реагираат на време. Дел од тие линии ќе биде и мој интерес во наредните текстови. Иако течението на самата приказна, контекстот на секојдневните (не)дела како  наследство ќе не’ следи уште долго време. Тоа фашизоидно тиранократско наследство денес е сеприсутно, иако веќе и притаено во некои општествени сегменти, во некои државни и парадржавни институции, чекајќи ги разврските. Токму затоа и треба да се разобличува, секаде и постојано!

ЖЕД ЗА КРВ

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (5)

Се кладам дека Ќосето не знаел дека има и ќерка. И тоа токму таква, како него – воинствена, ладнокрвна, доволно крволочна и со голем мерак по ножевите. Ја видовме и слушнавме пред некој ден пред Државната изборна комисија во сета нејзина „убавина“. И свирепост. Бараше „ноќ на ножевите“, токму во стилот на децата на Ќосето и актуелната фашизоидна линија на македонштината. Ќе добие, веројатно, „ноќ на малите к*риња“ (како што извонредно објаснува Огнен Јаневски). Дали и колку ќе биде задоволна, останува да се види. Но, според пренесените интерпретации, таа да ти била мераклија и на куршуми. Не еден, туку (по) два. Со толку, таа вечер, предавниците во ДИК ги убивале „Гоце и Ченто“! Не знаеме дали и куршумите биле мали – Јаневски не се изјасни(л).

Да, можеби ваквите манифестации е подобро да ги земаме на шега, бидејќи за сериозност се премногу вулгарни, свирепо вистинити, убиствено транспарентни. И само докажуваат дека повикувањето на Ќосето никако не е случајност или лапсус и гаф, напротив. Тоа беше отворен повик за потенцијален линч, нивна „фатва“, нарачка по која што ќе тргнат жедните за крв. И ете ги, тргнаа.

Јонеско вели дека „само зборовите се важни, сето друго е брборење“. И Еко се согласува со него и го дополнува дека „лингвистичките навики се често важни симптоми на скриени чувства“! Бидејќи искажаниот збор е резултат на веќе (во главата) изведеното дело, дури и хипотетички. Односно, од зборот до делото е краток патот. Премногу краток.

Но, ваквата (не само на зборови) агресивност е токму една од одликите на (нео)фашистичкото однесување. Агресивност кон се’ и секого кој не се идентификува / согласува со нив. И кога таа потенцијална агресивност ќе се залее со добра доза соодветна греена течност или, кај други (оние поважните) со солиден износ на банкарските сметки, тогаш се губат кочниците и на јазикот и на делата. Доволно е да се слушнат оние од врхушката кои се редат пред толпата пред седиштето на Државната изборна комисија и да се добие целовита (и грозоморно впечатлива!) слика не само за партискиот естаблишмент. Дури и она малоно Диме, сега повторно осилено, бара некаква правда!? Се разбира, таа ноќна скопска фашизоидна променада не може без нивните културни подопашници кои денес го претставуваат раководниот срам на македонската култура. Но, за нив, повеќе, подоцна.

Ваквите слики кои навистина наликуваат на „Ноќта на долгите ножеви“ и за кои, сигурен сум, никој нормален не претпоставувал дека ќе ги гледа во едно  Скопје во втората деценија на дваесет и првиот век, се навистина фрапантни. И сето тоа веќе нема врска ни со избори, ни со партија, ни со подрршка за ова или она. Тоа е концентрација на чиста фашизоидна агресија контра се’ што е нормално и демократско во оваа земја. Таква концентрација впрочем читаме и во оние „меинстрим“ весници кои подеднакво урлаат што и као треба да се направи во земјава, кој да се избрка, кој да се исчисти, но и „дератизира“, кој кому да дели „заушки“ … или да му даде „џамче од пелистерка“. И според истиот рецепт треба да се набркаат сите странски претставници зашто се, нели, непријатели на оваа земја и, всушност, тие се тој главен „дестабилизирачки ентитет, да не кажам субверзивец маскиран како неутрален добронамерен бел шлем“!

И сето тоа, целата таа хистерична логореа истурена низ улиците или страниците на печатот, преку малите екрани или интернет порталите, не’ позиционира како реално водечка ваква тиранократска фашизоидна сила во Европа. На што можат да ни позавидат сите неофашистички групации низ стариот континент кои тук-таму се бават со мигранти и слични будалаштини, и тоа во слободно време. Ние ги имаме впрегнато сите државни ресурси – од јавна администрација, преку култура, образование (на сите нивои, сосе носачи на крстови), бизнис елита – во битката против демократијата и сопствениот народ. И велам дека ова (заедно со загадувањето, природно и духовно) ни е навистина реално прво место според многу објективни   проценки, а не како оние од типот на „дуинг бизнис“ и сличните, билдани според „општи“ стандарди или наши пумпани статистики.

И овде повторно ќе се навратам на Еко кој вели дека тоталитарните режими- а фашизмот е секако еден од нив – не можат денес да се појават во некогашната изворна форма а во други историски услови. Тоа не оди така. Но, лицето на злото е трансформибилно, адаптибилно, иновативно. „Фашистичката игра може да биде играна на разни начини, но името на играта не се менува“, вели Еко. Токму затоа и зборот фашизам (а не нацизам, кој е единствен) станал „синегдоха“ – стилска фигура во која целината е претставена преку својот дел – тоест збор што може да биде употребен за различни тоталитарни движења / системи. А ние навистина би се изненадиле колку сличности можеме да споделиме не само со „оригиналниот“ фашизам туку и со сите негови (европски) варијанти / деривати во последниве седумдесеттина години!

Овие манифестации што ги гледаме низ скопските улици се само едниот, секако важен, елемент. Често, таквите фашистички променади што повикуваат на крв и ножеви завршувале трагично. Зашто, секогаш има и друга страна! Затоа, можеби, повиците на ум и разум треба да бидат послушани, но мора да дојдат од двете страни. Оние хистерични беззаби или со лоши вештачки вилици баби некој мора да ги скроти!

ФАШИЗОИДЕН МОЗАИК

или

ДЕЦАТА НА ЌОСЕТО (4)

Во некоја не така далечна иднина некој сигурно ќе се амбицира да ја  (пре)оцени од сигурна дистанца фашизоиднава деценија во македонската историја. Некои, веројатно поладни и посмирени глави од нашиве, а сигурно многу постручни и пред се’ поумни од актуелниве македонски тезгари  историчари кој за Ќосето ни раскажуваат бајки за неговата револуционерност и херојство – од кога ли убијците почнавме да ги викаме херои? – ќе можат да согледаат подлабоко и пошироко од нас. Ќе можат, веројатно, да проникнат и во повеќе аспекти на нашево секојдневие, па следствено ќе дојдат, повторно можеби, и до поинакви заклучоци.

Ние сме, претпоставувам, повеќе или помалку оптеретени (и) со небитни детали на големата слика, (параноично) гледаме можеби (и) нешта што не се баш така очигледни … Што секако може делумно да влијае на одделни сегменти на нашата моќ за опсервација и потенцијални синтезни заклучувања, но никако не го намалува значењето на директното искуство / учество во настаните. И врз основа на сето тоа не случајно велиме дека ова што не’ опкружува, и што не’ опкружуваше цели десет години, одвратно мириса(ше) на фашизоидна инсталација во македонското ткиво. Повикувањето на Ќосето беше само шлаг на фашизоидната торта, директна јавна потврда на еден цел систем на случувања во прилог на тезата!

Целата македонска слика во последнава деценија ќе биде некогаш напишана, ние денес можеме само да помогнеме во избиструвањето на одделни коцкички на мозаикот.

А коцкички нема многу зашто ни мозаикот не е особено голем. Еден негов дел, без наша помош од страна, е составен од самата криминална организација што ја раководеше државата годиниве. Тие самите, впрочем, особено со нивните искази и дела, ги исцртуваа линиите на препознавање на фашизоидната инсталација. И тоа трае до денес. Штотуку завршените избори само се потврда на претходните линии и на искажаново. Низ дел од македонските медиуми, инаку познати долгогодишни поддржувачи на ваквиот курс на македонската држава, трае националистичката хистерија околу, како што велат, гласовите на „албанскиот електорат“ што „се слеале на контото на коалицијата предводена од СДСМ“! И тоа е катастрофа за македонскиве „чистокрвни патриоти“ од фашизоидна провениенција ако македонска партија добие и албански гласови. Тоа е малтене национална катастрофа. И тоа е само надоврзување на налудничавите епитети со кои што беа честени малцинствата во државава, нарекувани „шиптари“, „индијанци“, „цигани“ … влечени за уво да гласаат за тој што мора да гласаат итн. Иако, нели, на нивната „политичка“ врхушка никако не и’ пречеше осумгодишното пајташење со сродната „политичка“ врхушка на „индијанците“!

Или, ако сакате, онаа малоумна „учителка“ со крстот со името на лидерот на опозицијата не е ништо друго туку само уште една украсна машничка на „идеолошката“ и секаква друга омраза со која што во изминатава деценија беше честена политичката опозиција и сите други кои мислеа и делуваа спротивно на желбите и однесувањето на власта.

Таквиот подем на фашизоидни манифестации, инициран и особено потхрануван од владеачките структури, е невиден во поновата македонска историја. И несвојствен за овој простор дури и во подолги временски релации. Или – се лажеме? Можеби недоволно добро, односно лошо ги толкуваме настаните од, на пример, Втората светска војна и влегувањето на бугарските окупациски сили во Македонија, поздравени силно и резолутно од дел од домашното население? А сепак, колку и да имала таа фашистички ориентирана соседна окупациска сила поддршка од еден (мал?) дел од македонското жителство тоа сепак не е (историски) знак на некакво пошироко македонско шурување со фашизмот. Плус, уште од самиот почеток на окупацијата имало и сериозни форми на отпор, што не е беззначајно.

Се навраќам на тие историски настани барајќи некакви можни корени на нашево современо фашизоидно однесување на (повторно – дел од) македонското население во дваесет и првиот век. Или, треба да се вратиме поназад во историјата, кон крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век и основањето и делувањето на Организацијата? Многу тогашни методи, особено „правосудните упатства“ и начин на делување на таа организација потсетуваат на црнилата на фашистичката идеологија. Па „тројките“, па камата и кубурата, па „долга е раката …“, присутни до денес во менталниот склоп на овие!

Како и да е’, оваа македонска деценија ќе биде (пр)оценувана низ призмата на сите случувања во државата. Се разбира, на прво место се идеолошко политичките аспекти, но и целиот општествен амбиент кој што пулсираше со разорниот ритам на неофашистичките коцкички во македонскиот општествен мозаик. И тука, секако, ќе се анализираат радикалните пресврти не само во политиката, туку пред се’ во односот кон совремието и традицијата (антиквизацијата и барокизацијата наспроти модернизмот и постмодернизмот); автократијата и тиранократијата наспроти демократијата и либерализмот; ирационализмот наспроти просветителството;  партизацијата и популизмот наспроти индивидуата и нејзините права; ксенофобијата, омразата кон другиот (различниот) контра отвореноста и хуманоста; кичот и шундот наспроти културата и уметноста итн. Некој велат дека е сосема доволно да се преслушуваат само прислушкуваните разговори, дури не сите туку само еден дел, и тоа е доволен материјал што ги покрива сите коцкички во мозаикот на брилијантен начин, директно од устите на главните протагонисти! И тоа е веројатно точно, со резерва дека се’ уште не знаеме што се крие и во остаток, огромен според најавите, што сега е складиран во Специјалното јавно обвинителство. Тоа е изворен материјал за многу докторски дисертации и научни истражувања за појавата и развојот на неофашизмот во современа Македонија. Тоа, и прелистувањето / преслушувањето на неколкуте провладини мегафони – оние т.н. „меинстрим“ весници и телевизии – во последниве седум-осум години кои како да беа инсталирани од самите Гебелс и Химлер на секој ќош во македонското гето и служеа за заглупување на широките народни маси и сервирање на „успесите“ на „новата македонска политика“ која што гледаме, како во директен пренос, како завршува на буништето на историјата. Единствено (се’ уште) не се знае судбината на главните протагонисти, но штом бункерот еднаш се отвори – веќе нема назад!