Monthly Archives: October 2020

БУДАЛИТЕ СЕКОГАШ ОРО ВОДАТ!

Се разбира дека ова е само парафраза или мала модификација на насловот на шлагворт-текстот на Ордановски „Кога експертите молчат, будалите оро водат!“, но мојата перцепција, барем во случајот со културата, па и не само таму, е токму онаа од мојот наслов: кај нас, во културата, дури и кога експертите говорат, будалите оро водат! И тоа не е од вчера, поточно будалите кај нас, барем во културата, но и пошироко, го водат орото ако не цели три децении, тогаш барем половината сигурно. Или, ако сакате попрецизно: од онаа 2006 година, до денес – гарантирано, (без оглед што денес многу персони од омилениот им протогеровски маштаб самите си ставаат ордени за храброст за тој период).

Денес ретко кој како Ордановски јавно ги спомнува „будалите кои оро водат“, дури напротив, власта, сегашнава, „на сва уста“ божем ги повикуваше сите стручни поединци да се вклучат во решавањето на натрупаните проблеми во државава, ама сето тоа останува само на повикот, до мигот додека експертските мислења не им ги посочат погрешните „политики“. И тука завршува се’. Тука повторно превземаат „ороводците“ – оние апострофирани во насловот. Но, се разбира, не е ова проблем само на културата, туку на целото општество. Ние имаме генерален проблем со стручноста, со експертизата, со знаењето… Бивши уличари денес ни се министри, понављачите ни се директори! Не е само актуелнава ситуација со пандемијата иницијалната каписла во здравството, или сличниот пандемиски „вирус“ во заштитата на културното наследство, или полуписменоста во образованието и неукоста во науката. Независниот академски синдикат (НаКС) предупредува дека исклучително ниското издвојување од 0.35% од БДП за истражување и развој ја рангира Северна Македонија на дното во Европа. А сепак, што ако издвојувањето за културата е повисоко кога не можете да видите каде одат парите? И? Ништо, молк,  партократијата едноставно не трпи друго мислење, особено ако е стручно односно спротивно на нејзиното! Уште потажна е вистината дека дури и стручноста, кога е партизирано вгнездена на раководна функција побудалува и се фаќа во орото на будалите! Здравството односно оваа криза ни е типичен пример за тоа. Но и образованието. Та зарем уште во оној февруари не и’ беше јасно на онаа Комисија што не’ чека? Или, ако сакате, цели осум месеци сите надлежни за образованието во државава кмишеа дома или дремеа на работните места, вклучувајќи го и фамозноно Биро за развој на образованието, а за децата им текна петнаесет дена пред започнувањето на наставата. И им смислија некакви сулуди протоколи за физичка настава, а „в оган“ први ги фрлија најмалите: прволачињата и оние до трето одделние! И сето тоа помина без оглед на одделни коментари (не само) во стручната јавност, без соодветна аргументација…

За волја на вистината, премиерот на почетокот на овој мандат побара поддршка од сите стручни луѓе во државава, експертска помош којашто би била добредојдена во сите сегменти на општеството. Истото го повтори и министерката за култура. И? Сега и шефот на Секретаријатот за Европски прашања вели дека ќе ни требале барем 4.000 стручни луѓе за идните пристапни преговори со ЕУ. И? Каде ќе ги бараат, во партиските редови?

Сакам да кажам: донекаде држи констатацијата дека експертите во многу ресори можеби молчат. Иако не сите и не секаде,  најмалку во науката, образованието, културата, па и економијата… Но проблемот не е во експертите, проблемот е дали некој е подготвен да го чуе нивното мислење. Барем да го чуе, па нека не го земе предвид, нека го отфрли, но аргументирано, со стручно образложение. За културата можам со полна одговорност да потврдам дека уште од 2007 година редица слободоумни експерти укажуваа на сите погрешни потези на Министерството за култура, на сите погрешни политики во културата, на дивјачкото арчење на сите ресурси, на партизацијата на културата… но и на молчењето на опозицијата (денес власт). И? Будалите го продолжија своето оро. Дали денес е нешто поразлично? Не знам, не сакам да сугерирам, нека процени јавноста. Но доволен е еден, и само еден сегмент од тие некогашни културни „политики“ што беа отворено, дури и по скапо платена цена, критикувани од неколкумина: СК 2014! Дали денес нешто се промени? Се промени само тоа што една цела булумента самонаречени активисти кои 3-4 пати прошетаа со „Шарената револуција“ и фрлија една кесичка со боја станаа партиски експерти за култура, за медиуми, за образование, за се’ и сешто. Дури, еден познат „колумнист“ со сите сили се обидуваше да не’ убеди дека не било битно кој „прв излегов во партизани“, сите сме биле исти. Е па не сме, извинете, не сме исти. Како што не с(м)е ни денес: таквите (повторно) се „експерти“ за се’ и сешто, а вистински стручните луѓе се (повторно) непожелни!

Оттука, не сум докрај убеден во првиот дел од тезата за молчењето на експертите, но вториот – оној за будалите и орото – е дефинитивно наше секојдневие. Добро, и не само наше, ги гледаме како се вијат тие ора и низ соседството, дали во форма на „ситно српско“, или „шота“, или „шопско“ и „право хоро“… сеедно. И немам ништо против ората, тие ни се традиција за којашто, сепак, јас многу не придонесувам, но – орото на будалите да ни стане современ заштитен знак на државата е сепак премногу, нели? Да не треба и да го заштитиме како културно наследство, во УНЕСКО? Ете, сега имаме и нова Национална комисија!     

ШТО СЕ ЧЕКА?!

Дали чекањето да поминат оние фамозни 100 дена нешто ќе смени во нашата перцепција за генералните насоки по коишто (ќе) се движи културата во наредниот период? Нема. Се кажа што се кажа, се укажа на „приоритетите“, се заврши најважната споредна работа – Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес, преостанува најважната (политичка, или политикантска, како сакате) главна работа: поделбата на парите! Ама на тоа ќе се чека до февруари, па следствено зимскиот сон во културата може да почне? Но, се заборави на главната работа – онаа проклета реформа во културата којашто им виси на вратот на сите министри од 2017та наваму. Некој циник можеби ќе забележи дека ако вака ги „цедиме“ низ сито реформите, по една годишно, тие ќе ни потрајат подолго од сезонска зимница, некаде до 2030 година, можеби и подолго! Па добро, тоа некој може да го нарече – долгорочно планирање!? Можеби, ама тоа ќе биде спрдачење со здравата памет. 

Сакам да кажам: оваа власт, и оваа (малку видоизменета) Влада, од самиот почеток (уште во 2017), покрај реформскиот курс, се залага и за целосна транспарентност и отчетност. Оттука, ако во најавата за идните насоки во културата кажете дека „клучниот документ што ја дефинира нашата мисија во културата е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година,“ тогаш, реално е да се очекува таа да биде не само грубата туку и онаа пофина, „понежна“ рамка во којашто ќе се движат генералните чекори во културата. Ама, ако тоа го кажете и едновремено го мислите, тогаш кажаното станува безмалу двојно обврзувачко. Зошто го велам ова? Затоа што и претходните министри, не само во културата, ги слушавме како тропаат се’ и сешто, се колнеа во ова и она, ама веднаш беше јасно дека, прво, не знаат што говорат, и второ, не веруваат во тоа што го говорат. Сега би требало да имаме поинаква ситуација, нели?! Но, реформите во културата, како впрочем и во сите други области, не се монета за поткусурување, не се мижитатара па сега ќе бараме/гатаме кој што треба да прави, и како, и каде се сокрил. Ако пак се повикуваме на онаа Стратегија, тогаш таа вели дека тоа Министерство – такво какво што е’ – не само што е неспособно за реформи во неговиот најголем дел туку е и нивна главна кочница, тогаш – што? А во таа насока тогаш која е логиката и на укинувањето на едно експертско тело викано Координативно тело за спроведување на реформите во културата? Или, ако во спомнуваната Стратегија се вели дека ќе се спроведат анализи за обемот на штетата што режимот ги остави од физички и финансиски аспект со „проектот“ СК 2014 и тие анализи се направени, што тогаш се чека? Односно, ако се вели дека низ демократска и правна процедура ќе се отстрануваат сите штетни последици од неодговорното владеење на груевизмот, особено во сферата на идеолошките конструкти, произволните игри со идентитетот и историјата и другите симболски фантазми што доведоа до конфликти и поделби во народното ткиво, ги загрозија демократските темели на земјата, внесоа тензија во меѓународните односи и го нарушија угледот на земјата, тогаш, повторно – што се чека? Ако одамна е констатирано дека постои отсуство на иницијативи за суштинска реформа на културниот сектор, особено од аспект на: децентрализацијата, приватизацијата, воведувањето на пазарни механизми во процесите на создавање и дистрибуција на културните продукти, алтернативни форми и извори на финансирање, реформа на системот на државно финансирање, развој на статистика и индикатори, креирање на механизми за активно вклучување на независниот сектор во процесите на одлучување, поттикнување на културните и креативните индустрии итн., тогаш – што се чека? Првиот снег да покрие брег, или дури пролетта, кокичињата… ?

Губењето време и грешките во чекори само ги охрабруваат регресивните сили во културата, противниците на реформите, аспирантите за статус квото во коешто неспособните и понатаму ќе дивеат, ќе си допишуваат биографии, ќе се маскираат и преоблекуваат, ќе се самопрогласуваат за некакви критичари или откривачи на „нови бранови“, дури и експерти (да те бог сачува!), ќе ни поттураат под нос некакви нивни „заслуги“ кои не се ништо повеќе од провинциски игранки со ним сличните (во оној добро простудиран протугеровски подметнувачки манир), ќе си го штитат овој партиски жабурник заедно со полуписмените им етно-директори со битпазарски идеи за „зрели“ уметници…? Ќе го шириме ли до бескрај царствово на медиокритетите, абонентите и кочничарите во теретните композиции со уплав од high-speed возовите на професионализмот, стручноста, моралот…? Зарем партиските викачи и подлизурковци се навистина дел и од оваа „нова етапа“ на реформите во културата? Или, ако заштитата на културното наследство ни е навистина приоритет, со кои и какви институции и експерти ќе ја „сервисираме“? Со петте де јуре и де факто нелегални/непостоечки институции за заштита коишто всушност ги покриваат најсензитивните за културното наследство региони во земјава? И до кога ќе се правиме на триипол по тоа но и по многу други суштински прашања? Странски експерти тоа нема да ни го решат. Или ако со години домашните експерти пишуваат за неспособната Управа за заштита на културното наследство и нејзината системски лоша поставеност, тогаш – што со неа? Ако сето остане по старо – тогаш кој е тој фактор што ќе иницира промени во заштитата? Министерството? Тимот на министерката? Јавноста мора да знае на што се темелат ориентирите за некој, некаков нов курс во културата, за некаква нова политика во заштитата, на кои луѓе – стручни, се разбира – на каква (ре)организација, на каков систем? Ако пак со културата почнала да се занимава и Државната комисија за спречување на корупцијата, нели е тоа сериозен сигнал дека многу нешта се навистина трули во македонската култура? И зарем повторно ќе гледаме реактивирани поддржувачки машинерии составени од генерално неуки и неспособни за ништо друго луѓе?    

Оттука, многу прашања и дилеми ама сите без одговор. Што се чека, по ѓаволите, ќе одговори ли некој? Годо, да ги убие Владимир и Естрагон?!?

СПОМЕНИЧКА МЕМОРИЈА

Не знам дали е пресилно ако се каже дека меморијата – материјалната и духовната – на еден народ е всушност единственото нешто што тој народ навистина го поседува. Сето друго е минливо, менливо, „кршливо“, подложно на уништување. Впрочем, македонскиот народ, ако не друго, барем тоа би требало да го знае, имајќи ја предвид неговата историја, па и сегашност. Кога ќе видите што се’ се врти во главите на водачите на источниот сосед, ќе ви стане јасно дека дури ни историјата не е тоа што сме мислеле, уште помалку е доказ за нешто. Ќе дојдат диви и ќе посегнат и по неа, ќе ви го одречат и правото да ја имате, ама сепак не можат да ви ги земат сеќавањата на неа, колективната меморија за она што и како навистина било. Добро, некој ќе рече дека од тоа нема голема полза, ама ќе згреши. Има, и тоа баш – голема. Спомениците се дел од таа (материјализирана) меморија. Но, од друга страна, меморијата на еден народ не може/не смее да биде волунтаристички селективна, односно да „се сеќава“ само на едни настани, а другите да ги заборава. Нашата меморија не може/не смее да прескокнува векови и да се задржува само на, на пример, Курбиново, Матејче, Нерези… а да го заборава она што било речиси вчера, пред само 60-70 години. Зашто, не знаеме кога тоа „од вчера“ ќе ни затреба, нели?

Поточно, во случајов сакам да укажам на една многу важна точка од првиот прес на министерката за култура, а којашто еве баш сега се покажува исклучително битна: онаа најава за нејзината заложба за соодветен третман на спомениците од Народно-ослободителната борба на македонскиот народ. Таа светла, можеби најсветла точка во неговата современа историја денес во праксата но и во меморијата е едно од најтемните петна во неговата сегашност. Зашто, освен неколку споменици во слава на настани и личности од тој дел на македонската колективна меморија, другото е речиси – уништено, заборавено, во фаза на пропаѓање/распаѓање! Зошто? Никој нема одговор на тоа прашање. Односно – има, ама не сака да го изговори. Причините се, во еден дел, идеолошки, но многу повеќе таа причина е само параван зад којшто вообичаено се крие нашата веќе позната негрижа, немарност, отсуство на одговорност (пред се’ државна!), на вандалско однесување, на провинциски менталитет…

Како мала, но многу актуелна дигресија: некој од власта, а може и од онаа македонска комисија за „договарање на историјата“, треба да отиде до Ваташа (поточно до Моклиште) и да види во каква состојба е споменикот на 12-те стрелани младинци од бугарскиот фашистички окупатор. Го спомнувам токму овој споменик зашто многу често го среќаваме кај многумина, не само на социјалните мрежи, како историски пример за нашиве „расправи“ со источниот сосед. А и го видов неодамна, а знам и како изгледал во минатото! Толку. А овој споменик е дури и во релативно добра состојба!!!

  

Со спомнувањето на потребата Министерството за култура да посвети должно внимание и на овие меморијални споменици министерката за култура, макар само и за миг, внесе нов (иако всушност прилично стар) фокус, или нов дух ако баш сакате, во заборавената надлежност на Министерството за култура. Зашто, де факто, како што е света должност на државата грижата за сите оние вековни т.н. споменици на културата, сосема ист третман – иако не и докрај законски спроведен – мора да имаат и спомениците од НОВ и борбата против фашизмот. Грижа, поточно обврска којашто повеќето министри за култура, и влади, во континуитет, свесно или не – уште полошо ако е несвесно, што е еднакво на катастрофално незнаење! – целосно ја игнорирале. Зошто? Не знаеме, а одговор на тоа прашање кај нас нема да добиете од ниту еден надлежен.

Како и да е’, актуелизацијата на оваа надлежност на Министерството за култура значи, (или значеше, релативно кратко, не повеќе од 5 мин.), обновена свест и за тој сегмент од културната политика на државата. Но, зошто пишувам во минато свршено време, иако ова потсетување од страна на министерката се случи само пред помалку од триесеттина дена? Затоа што, за жал, како и многу други нешта кај нас, спомнувањето на ова важно прашање остана само на тоа – на спомнување, на некое недефинирано идно време на кое ќе мора да почекаме! Како впрочем и до сега. Зошто го велам ова? Затоа што, прво, таа обврска на Министерството за култура, и на државата во целина, како што веќе реков, не е од вчера туку трае децени назад. И сите ја игнорираат, со делумни проблесоци на укажано внимание, ако на тоа се сетел некој од учесниците во НОВ. А второ, самото спомнување на проблемот – а тоа е проблем, голем, иако министерката изгледа не сакаше баш така да го адресира – не е автоматски и решение, односно спомнувањето на еден „проблем“ е недоволно ако не се понудат и излезни решенија, краткорочни и долгорочни! А такви назнаки не добивме. Зошто? Не добивме, за жал, такво „уверување“ ниту низ неодамна објавениот конкурс за Годишната програма за 2021 година! Зошто?  

ДИКТАТУРАТА НА НАЦИОНАЛНИОТ ИНТЕРЕС

Отсуството на спомнување на клучниот поим во културата наречен КВАЛИТЕТ во пријавите за Годишниот конкурс за проекти од национален интерес може да е случајно. Може, но и не мора да биде. „Случајностите“ не можат да се провлекуваат со години. Од друга страна, целата македонска реалност е веќе преполна со чудни „случајности“ што човек објективно започнува да се сомнева. И да станува параноичен, нормално. Или и оваа веќе радикална неспособност во справувањето со пандемијава но (наводно) успешно маскирана со замена на тези е резултат на некаква „случајност“ или на нечија неспособност? Некој ќе каже дека и делегирањето на оној довчерашнион… – ај да го премолчам квалификативот – за наш претставник кој на источниот сосед ќе му ги објаснува нашите позиции за јазикот, идентитетот, историјата… е исто така случајност? Или (и) тоа е можеби – национален интерес?

Како и да е’, националниот интерес најчесто го подметнуваме кога не знаеме да го објасниме неквалитетот, нестручноста, неукоста… односно другите намери коишто не сакаме да ги именуваме. Па така и во културата, а следствено, со години, и во тој фамозен Годишен конкурс за проекти од национален интерес. А всушност, тој национален интерес (raison d’État) не е ништо друго туку некаков симплифициран збир на државни цели и амбиции главно во зачувувањето на уставниот поредок, надворешната политика, одбраната, евентуално економијата… Ама во културата? Зошто, ве молам, би била национален интерес нечија изложба во Скопје или Прилеп, на пример, или поставувањето на некоја претстава во театарот во Битола или во Драмскиот театар во Скопје? Будалаштина! Некој веројатно мислел дека со тоа и’ додава на културата некакво значење, но попрво е дека овде тој национален интерес е употребен во смислата што му ја дава Pierre Lemieux нарекувајќи го алатка на тиранијата бидејќи го оправдува наметнувањето на преференците на едни врз други. А кај нас, во културата, воведувањето на алатката викана „национален интерес“ е токму тоа: власта, преку органот надлежен за работите во културата и министерот одговорен за тој ресор буквално наметнува своја волја/избор на проекти наводно битни за културата во државата. Тоа, понатаму, се трансформира во соодветен механизам за задоволување на партиските односно партократските интереси на малцинството (партиско, или коалициско) врз мнозинството (непартиско, неопределно, но во одреден дел и опозициско). И понатаму, во најлошата негова варијанта, тој (самонаречен) национален интерес во културата се промовира како замена за не толку звучниот, помпезниот, сугестибилниот поим – квалитет! А тоа вешто го користат партиските официозуси наметнувајќи радикална диктатура на националниот интерес врз квалитетот. Следствено, еднаш добиената налепница на уметник од национален интерес – а дури и денес ги имаме неколкумина, зашто тоа „право“, велат, не можело да им биде одземено – во општества како нашево ви трае речиси цел живот. Неотповикливо, незаменливо, неодзимливо… Впрочем, што мислите: зошто инаку беше воведена онаа категорија „национални уметници“, од којашто и денес не можеме да се ослободиме? И зошто воопшто е наш национален интерес на неколкумина во културата да им даваме по илјада евра државни пари? Немаат доволно свои? Па како не, кога секоја година дополнително ги алиментираме од сите други ставки?! Тој и таков „национален интерес“ служи токму како маска за некаков претпоставен а ретко кога оправдан квалитет! И ја носите додека дишете и никој ништо не ви може – вие сте од национален интерес. И понатаму, во постојниот Закон за културата како еден од најголемите монструми што се појавил во македонската култура, има уште редица нелогичности, небулози, контрадикторности во врска со тој „национален интерес“ и културата. На пример, т.н. дејности во културата не се од национален интерес, ама се финасираат со средства од националниот интерес; национален интерес можат да остваруваат и поединци (!?) – можеби нешто слично како оној Љ.Г. денес во Бугарија, што ќе рече дека и тој човек ни е од национален интерес?! – и уште редица други. И сето тоа како параван поединци, групи, институции…  годишно да инкасираат средства доволни за комотно преживување, дури и благосостојба.

Впрочем, кај нас нема гаранции дека и кога ќе се донесе – ако се донесе – новиот закон за финансирањето на јавниот интерес во културата нештата ќе бидат поинакви. Ние како општество не сакаме такви нагли и драстични промени. И ни треба време (божем) да се прилагодиме. А впрочем, претходниот министер, оној „лекар“ за културата, вметна такви небулозни додавки и придавки во текстот што и тој закон сега, уште недонесен, може да оди во пензија! Зашто, мислам дека, прво, дури го донесеме тој закон, веќе и поимот на јавен интерес нема да биде тоа што треба да биде. Второ, поимот јавен интерес во светот ќе претрпи редица нови трансформаци а ние повторно ќе останеме на опашката на случувањата. И трето, целата онаа багра апаратчици, клиенти, абоненти… од партиска и коалициска провениенција само ќе ја смени налепницата од (партиски) „уметник“ од национален интерес во (партиски) „уметник“ од јавен интерес. Суштината на квалитетот повторно ќе биде делотворно избегната, оставена за некои подобри времиња коишто кај нас никако да дојдат! И понатаму ќе имаме луѓе/култура без квалитет, ама од национален/јавен интерес!!!         


   

КВАЛИТЕТОТ КАКО ЗАБОРАВЕН ПРИОРИТЕТ

Наспроти нашите лични, некој дури ги смета и за субјективни, иако не се, забелешки за редица „слепи места“ во пријавите и на овој конкурс на Министерството за култура – обично плод на нестручноста на тамошните служби – едно, веќе „општо место“, просто боде очи: никој, никаде, не говори за квалитет!? Сите пријави се занимаваат со процедури, со постапки, со формалности, со рокови и проценти (туѓи но не и на Министерството!), но речиси никаде не можете да го прочитате зборот – квалитет. Зошто?

Прво, затоа што квалитетот како категорија е одамна изгонет од проектите на овој конкурс. Тој, квалитетот, едноставно не е condition sine qua non туку – напротив: тој се маскира со секакви други формалности коишто, божем, наметнуваат некаков услов во дејноста/областа т.е. во пријавата на проектот, но всушност тоа не е така. Затоа, на пример, кога пријавата во приоритетите вели дека, на пример, во визуелните уметности Министерството за култура поддржува „проекти со кои во 2021 година се одбележуваат значајни јубилеи и датуми на домашни автори и институции“, или „проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог“, или „проекти кои применуваат алтернативни, гранични и експериментални уметнички изрази“, или „проекти кои стимулираат интерсекторско поврзување меѓу јавниот и независниот културен сектор“ (кај интердисциплинарните проекти) итн., никаде не можете да го прочитате зборот КВАЛИТЕТНИ проекти во дадената област. Што ќе рече дека е поважно да имате „проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог“, но не и квалитетни проекти кои поттикнуваат интеркултурен дијалог, или е поважно да потенцирате дека „предност ќе имаат младите автори до 35 години кои досега не биле поддржани од Министерството за култура“, но не и КВАЛИТЕТНИ проекти на млади автори до 35 години (кои досега не биле поддржани од Министерството за култура). Или, повторно, младоста ја гледаме како квалитет per se и мислиме дека таа логично носи и квалитетен проект? Ситуацијата, за жал, е токму обратна: поимот квалитет не морате да го врзувате за еден Душан Перчинков, на пример, Илија Кочовски, зашто самото нивно име е гаранција за квалитет, или, ајде да излеземе малку од Скопје, еве, за еден Данчо Кал’чев, или Атанас Атанасоски… но и за многу други веќе повозрасни уметници. Не дека и тие немаат осцилации во творештвото, ги има секој, ама онака, „на слепо“ да претпоставувате дека нечија младост се римува со квалитет, па уште да го додадете и небулозниот услов „кои досега не биле поддржани од Министерството за култура“ е навистина нонсенс. Или, на пример, толку ли ќе пречело ако веќе во воведната реченица – инаку иста за сите пријави – која гласи „Министерството за култура во 2021 година ќе поддржи проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата во Република Северна Македонија (…)“, пред зборот „проекти“ стои КВАЛИТЕТНИ? Квалитетот, имено, токму пред зборот „проекти“, ќе станел онаа суштинска одредница којашто веќе во стартот ќе инсистирала на селективност. Или за некои токму тоа би било проблем?   

Поимот квалитет прв пат се спомнува во глава III (Оцена, критериуми и мерила), во воведната реченица: „Стручна комисија врши оцена на проектите во согласност со приоритетите, убедливоста (аргументираноста) на Пријавата, издржаната конципираност на Пријавата и оцената на квалитетот на проектот, како и професионалните капацитети за нивна имплементација“! Ама, очигледно, квалитетот е последниот „критериум“, зашто поважни биле усогласеноста со приоритетите, убедливоста (?), издржаната конципираност (?)… Извинете, кој ги смислува овие будалаштини, кој така одважно реди зборови кои без соодветно толкување не значат ама баш ништо?

И понатаму, во т.н. Евалуациска матрица односно во делот на оценувањето на проектот, се појавува фамозниот квалитет како одредница „Квалитет на содржината на проектот“, но со различни вредности. На пример, за соодветен квалитет во Пријавата за интердисциплинарната дејност ќе добиете само 25 бодови од можните 100, но во пријавата за меѓународна дејност тој „Квалитет на содржината на проектот“ носи 30 бода (зошто, таму е попотребен квалитетот отколку дома?), истиот број бодови (30) стои и во пријавата за издавачка дејност и за визуелни уметности итн. Што е уште поинтересно, во заштитата на културното наследство, како врвен приоритет на државата, исто така никаде претходно не се спомнува овој клучен поим, иако се говори за „Вршење конзерваторско-реставраторски работи“ ама не и за КВАЛИТЕТНО вршење конзерваторско-реставраторски работи, се говори за „Конзервација (…) на музејски материјал“ наместо за КВАЛИТЕТНА конзервација на музејски материјал, па за квалитетни изложби итн. Инаку, и во заштитата, иако приоритетна област, „Квалитет на содржината на проектот“ носи само 30 бода!

Се разбира, клучно е прашањето дали дури и со инсистирањето на навистина квалитетни содржини овој конкурс би бил на крајот многу поразличен од сите претходни. Но сепак, тоа е нешто што останува да го видиме!       

СИТЕ СМЕ МАГАРИЊА!

Секој ден, во секој поглед, се’ повеќе напредуваме! Стасавме и до прво место по смртност од ковидот во Европа. Па зарем, како што вели Тричковски, очекувавме нешто друго, нешто полошо? Ние сме секогаш аспиранти за прво место. Веројатно сме и првите што се нафатиле да дресираат магариња. Зошто па да не, бидејќи тие не биле, нели, така смешни како што се сакало во јавноста да се претстави, а згора ако е тоа вносна работа… што па да не!? И сето тоа има добри изгледи да успее, ама се’ уште со тоа прво место не се фалиме зашто чекаме да стивне оваа измислена бура во јавноста предизвикана од некои сапиенси со лоши намери по власта и државата.

Едно време сите бевме Мартин Нешковски, потоа сите бевме Кежаровски – се надевам нема да ми забележат што ги спомнувам во ваков конктест – па бевме и СЈО, бевме дури и „шарени“… а сега – сите сме магариња! И ни личи, мора да се признае. И тоа дресирани магариња, и мислам дека токму од таму е идејата за еден таков „проект“ којшто, де факто, се покажа како многу успешен врз статистички примерок од околу 2 милиони помагарчени сапиенси. Можеби и оние дотични магариња сместени во програмата „Еразмус“ после три децении дресура ќе покажат некаков напредок? Па покажавме и ние, нели? Затоа: секој ден, во секој поглед, се’ повеќе напредуваме! А можеби тие дури и ќе проговорат македонски бидејќи ние веќе нема да смееме односно ќе мора постојано да нагласуваме дека говориме на западен дијалект на бугарскиот јазик? Зошто? Затоа што така сакал бај Борисов, па „г-жа“ Захариева, па оној телетабис Ковачев… А и зошто да не им удоволиме кога веќе ќе има други магариња кои ќе го говорат вистинскиот македонски јазик? Па можеби ќе ја поднаучат и историјана, којашто ние, со нашиот магарешко-сапиенски ум никако не успеавме. И тука, и во таа област, не’ учат соседите!  

И не знам зошто ова магарињава директно асоцираат на – културата? Можеби таму ги има најмногу? Не сакам да тврдам, ама со најновиот конкурс – веќе објавен – останува да видиме. До вчера, резултатите од тој конкурс беа полни со тренинзи на магариња, само во друга форма – културна, замотана во убава хартија и панделка на врвот. Особено во т.н. креативни индустрии, ни продаваа не магариња, не фризераи, туку и фигурички од овошје и секакви други идиотлуци коишто, божем, потоа ќе прераснеле во не-знам-што.

А според сегашниве објави и пријави, се плашам дека нема да отидеме многу подалеку. Иако, впрочем, ниту сакаме да одиме подалеку зашто и тука сме, вообичаено, на првото место. Тоа сите ни го признаваат, дури и УНЕСКО, нели!? Особено во филмот. Ете, онаа „критичаркана“ не’ убедува дека сме постигнале такви успеси што мислам дека бргу и тука ќе не’ прогласат за прваци. Иако не знам во што, ќе видиме. Ама и тука останува нејасно дали сите оние творци, вклучувајќи ги луѓено од „Медена земја“, па сега младиот Унковски но и сите други, воопшто и ќе помислеа да се бават со филм (не пак да го сработат) да не беше нашава фамозна Агенција? Ги тренира од мали? Исто како и онаа што тренира магариња! А попатно, онака како хоби, сите такви тренери откриваат туѓи криминали кои никако да ги видиме. Или тие треба да се само ќебенце за покривање на нивните? Којзнае, останува да видиме!

Како и да е’, ме плаши дека нашево помагарчување е одамна започнато и тое е процес што лесно не се сопира. Особено во културата. Сега се актуелни младите магариња, на нив светот останува, оние постарите веројатно се веќе зарибани и тешко им оди тренингот односно учењето. Иако, во оној „Еразмус“ веројатно има и такви ставки: образование на возрасни магариња? Па нема ли некој друг бербер во земјава кој би се нафатил и на таква работа? Ќе добие пари, гарантирано, зашто огромен процент од локалниве магариња се веќе во поодмината возраст. Младите, оние кои останаа, се веќе истренирани, а другите, оние поумните – си заминаа на тренинг во странство!

ЧУДЕН ПОЧЕТОК

Она за што (најчесто буквално) цела година живее македонската култура – Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата – конечно се појави и сите се среќни и весели: ќе имаат со што да се занимаваат цела следна година! Ако државата не им даде пари, што ќе прават со себе? Некој само ќе чепне во азното, други богами сериозно ќе заграбат, трети ќе останат со прстот во уста… А најсреќно, кој друг ако не Министерството за култура?! Тие инаку не би ни знаеле што да прават со себе. Впрочем, тој конкурс им е омилена играчка и на сите министри за култура: тука почнуваат и завршуваат сите ветувања и приоритети, тука се верификува партиската припадност и поддршка на „своите“, тука е можноста за секаков тип на притисоци и влијанија… сето друго во културата е „гола вода“. Кај нас конкурсов е почеток и крај, или подобро речено, таму каде што европоските култури започнуваат – ние завршуваме. И по стоти пат ќе напишам: Министерството за култура не е и не смее да биде сервис за пари, за задоволување на апетитите на власта и нејзините апаратчици и подлизурковци. Тоа што со годишниот конкурс го прави македонското Министерство за култура е чисто техничка работа што во Европа и цивилизираниот свет ја вршат соодветни фондови со по десетина вработени! Министерството за култура (треба да) се бави реализацијата на Националната стратегија, со евентуалните реформи, со политиките во културата, со креирањето соодветен културен амбиент на целата територија на државата… Јасно? Не е, се разбира, односно никој не сака да биде јасно зашто, како што се вели, *бати власта ако не располагаш со пари со коишто ќе се прчиш пред пријателите и истомислениците!

Но, ајде, прво за првото: ако членот 62 од (важечкиот) Закон за културата вели дека „(1) Министерството за култура,  во септември (подвлеченото мое)  во тековната година за наредната година објавува годишни конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата (во натамошниот текст: годишните конкурси)“, тогаш зошто овој конкурс се објавува на почетокот на октомври? Добро, неколку дена не се проблем? Ама проблем се, зашто се крши законот и тоа не смее да го прави државен орган надлежен за спроведување на тој закон! Ако требало да работат 24/7 за да го „фатат“ рокот – ќе работеле 25/7, и така цела година спиеја! Или, некој може да праша: ако одделна пријава по конкурсот задоцни односно пристигне 7-8 дена после наведениот рок за пристигнување на пријавите, ќе се толерира или ќе се отфрли како невалидна? Сакам да кажам, роковите се поставуваат за да се почитуваат, особено роковите во законите. По стоти пат се навраќаме на истата тема: дека токму државниот орган надлежен за работите во културата е должен да ги почитува законите што самото ги донело!!!

Второ, уште во 2017 година се утврди еден (европски) концепт на пријавите по дејности, сосе текстовите, критериумите и слично, за да потоа, секоја година, секој министер – а ги дал господ – си допишува свои желби и „критериуми“, свои „политики“ и „толкувања“, се напушти се’ што отскокнуваше од балканскаво (не)културно мочуриште, за да истото се случува и денес. На пример, приоритетот на/за младите е приоритет, ама не е и не може да биде – критериум! Таква замена не постои, не е можна. И приоритетот веќе беше кажан, пораката испратена, можела да се повтори во општите назнаки во пријавите и – толку.

Трето, ако Законот (во чл. 62, став 2, алинеа 3) вели дека Годишниот конкурс содржи „процент на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите“, не може/не смее Министерството да си го толкува тоа како што е сега дадено во Општите информации (т. 3) дека „Процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите е во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во културата во Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година и ранг-листата од стручната комисија од дејноста, односно областа“. Пак ли ќе гледаме/читаме циркуси со „бодовните“ односно „ранг“ листите на „стручните“ комисии, пак ли ќе се тресат од ракав процентуални износи зависно од пријавениот… ? Зошто, и кому (повторно) му треба ова? И за што? Ако не повеќе, не можел ли да се даде барем максималниот процент на учество на Министерството? Или и тој е варијабилен, ама во зависност од што? И од кого? Премногу непознатици, премногу тајни за еден ваков конкурс.

Четврто, акцентот на младите како приоритет не смее(л) да се претвори во облик на дискриминација во конкурсот. Што инаку значи дека „Правните и физичките лица може да конкурираат само во две различни дејности, односно области, утврдени во општите информации од овие Годишни конкурси. Овој услов не се однесува на физички лица до 35-годишна возраст кои се невработени“. Како тоа, и зошто, и врз основа на што некој утврдил дека физичките лица до одредена возраст, плус невработени, можат да конкурираат во сите дејности? Што треба овој конкурс да им биде на таквите лица, годишен извор на приход, плата, што? И што ќе се случи ако некој „неранимајко“, незадоволен, покрене постапка пред Уставен суд за дискриминација? Ќе се прогласи ли целиот конкурс за незаконски?

Или, ако сакате, ако Годишниот конкурс е најважното нешто во работата на Министерството за култура или, некој лошко би рекол единственото важно нешто, тогаш толку ли е голем проблемот барем тоа нешто да се заврши како што треба? Зашто, наведениве „дребулии“ се само еден незначителен дел од пропустите, фатени онака, „во лет“. А кога повнимателно ќе ги прочитате и пријавите… Некој ситничар повторно ќе рече дека онаа глупава Европа токму затоа инсистира на професионална администрација која си ја врши стручно работата навреме и независно дали има министер или не, независно од која и каква партија/коалиција е министерот итн. И тоа е уште еден голем аргумент плус во неопходноста од диференцијација, детоксикација, деполитизација… на целиот државен апарат.

Ако пак почетокот на конкурсот е ваков, каков ли ќе биде крајот?

СПОМЕНИ ОД ЕКСКУРЗИЈА

Видот/жанрот на фотографија произлезен, „врзан“ за „статичните слики“ од нашите лични или семјени екскурзии, во сериозните класификации за фотографијата – не постои, односно (потенцијалниот) израз „екскурзиска фотографија“ е моја измислица. Но, тоа беше релативно најблаг израз, зашто нештата сепак мора да се класифицираат за да бидат функционални, но и разбирливи, барем за познавачите на нештата, па и за пошироката јавност. Уште Хана Арент во брилијантниот предговор на „Илуминации“ од Бенјамин беше рекла: „Ниту едно општество не може соодветно да функционира без класификација, без подредување на нештата и луѓето во класи и пропишани типови“! Следствено, ако таква фотографија од насловот не постои, зошто јас ја измислувам? Па затоа што наведената изложба не можете да ја сместите никаде во познатите (позитивни) класификации на фотографијата, ама сепак – кај нас – ја гледате во најпрестижната уметничка институција во државава. Зошто?

Тоа, имено, е првото прашање што се наметнува при дури и беглото соочување со оваа изложба. Зарем во градов, па и во државава, немало друга институција која се занимава со аматерска, туристичко-екскурзиска, (условно) импресионистичка… фотографија туку баш во Музејот на современата уметност? Но, ако знаете дека и двете претходни изложби на Манчевски беа вдомени баш таму, а беа целосно на истото рамниште како и оваа, тогаш започнуваат да ви недостасуваат зборови како објаснение на оваа несекојденвна појава. Зашто, да беше „изложбава“ организирана во „КО-РА“, во некое од бројните кафулиња низ градот, евентуално во Културно-информативниот центар на Скопје, многу нешта ќе беа поинакви и поразбирливи. И повторно – зошто? Затоа што во Музејот на современата уметност ретко кога, ако воопшто, сме виделе изложба на некој од бројните реномирани македонски мајстори на фотоуметноста, луѓе кои целиот живот се бавеле со фотографијата, со компетентни верификувани – кај нас но и во странство – резултати во оваа уметност. Оттука, вака, изгледа дека е важно името но не и квалитетот, врските но не и резултатот. Така впрочем беше и со првите две „изложби“!

Почнав со класификацијата на фотографијата, но не случајно зашто уште Барт луцидно се бавел со неа класифицирајќи ја на: емпириска (професионалци и аматери), реторичка (пејзажи, предмети, портрети, актови) или естетска (реализам, пикториализам) итн., (Barthes 1981 : 4). А овде не знаете што да класифицирате, па морате да измислувате. Зашто, што инаку значат оние миговни улични „импресии“ од градовите низ кои rubbernecking се движел Манчевски, па како разбигрижа го имал фотографскиот апарат да му прави друштво? Тие фотографии, имено, можеби се валидни за во домашен албум, како потсетник за патувањата, за некои само нему релевантни сеќавања/спомени, но што и зошто нешто би ни значеле нам? Зборот ми е дека е тоа толку анахрона и во суштина безизразна фотографија што просто ве запрепастува со нејзината неинтересност, бегла илустрација на некој момент,  улична импресија (без експресија!) и во суштина здодевна фотографија со некаков архаичен фотожурналистички пристап релевантен во фотографскиот исказ пред стотина и повеќе години. Во нив го нема дури ни оној познат „decisive moment“ на MAGNUM-овци и Картие-Бресон, нема есенција на можната „приказна“, нема дури ни приказна, има некаква спонтаност но тоа е апсолутно недоволно за некакво сериозно инволвирање на гледачот. Зашто, повеќето теоретичари се согласуваат дека значењето што ние им го даваме на сликите (фотографиите) е примарно и поврзано (и) со културните аспекти односно со специфичните културни асоцијации. Но ние дури не можеме да допреме ни до примарната интенција на овие фотографии – онаа којашто (наводно) им ја дал тој што ги создал. Токму затоа веќе спомнатиот Барт во „Реторика на сликата“ вели дека „гледачот на сликата едновремено прима перцептивна порака и културна порака“ (Barthes, 1964/1977: 36). Што примаме ние? Безмалу ништо или, можеби, испразнета или конфузна порака, некаков немушт фотографски „јазик“, затворени канали на трансмисија… Гледачот, се разбира, е допрен – не може да не биде, впрочем – од денотативните значења на фотографиите, ама тоа е рамништето (ако тоа е воопшто некакво рамниште) кадешто оваа фотографија застанува.

За жал, никаква помош во барем некаква сериозна, стручна експликација не добивате ни од „кураторот“ на изложбата (Бојана Шемова) која вели дека во тие фотрографии „има некоја дефинираност којашто не е дефинирана“ (sic!), односно дека „боите и композициите, се’ е во служба на доловувањето на емоцијата којашто Милчо ја гледа на улиците низ целиот свет“!?! И – што?   

За жал, и оваа „изложба“ е уште еден показ на нашиот институционален и професионален однос кон фотографијата и фотоуметноста, па и кон културата, ако баш сакате! Зашто, ова не само што е далеку, предалеку од каква и да е современа фотографија, туку е токму нејзин антипод. И на најбезначајните „клубски“ изложби низ државава, да не говорам за оние подобрите, или меѓународните, ќе видите поголема фотографска писменост, поголемо знаење, изграден современ концепт или барем солидно компонирани фотографии. Поточно: современата македонска фотографија има што да понуди, но ова апсолутно не е тоа!

„ЗРЕЛО“ ИЛИ МЛАДО, ПРАШАЊЕ Е СЕГА!

Се разбира дека политичката коректност наложува на новата Влада, што ќе рече на сите ресори, па и на културата, да им се дадат вообичаените „поштедни“ денови – не сум сигурен дали баш сто зашто сите, или повеќето, се оние „старите“ – на прилагодување на функцијата, на новиот „амбиент“ (иако тој никако не е нов туку е до зла бога стар!), на затекнатите (повторно стари) „кадри“ во системот, во старите институции… Па (уште еднаш) и во културата, иако таму со години ништо значајно не се менува: ни во Министерството, ни во системот, ниту пак во институциите. Не знаеме дали тие сто дена навистина се „трошат“ за нешто конструктивно, или се само алиби за… што и да е’! Затоа, во недостиг на конкретни информации и превземени чекори, она што сега може јавноста да го прави е да ги цени првите настапи, ветувањата, спомнатите приоритети. Но сепак не онака бегло, на прва рака, туку малку попродлабочено, дури и со интенција да се помогне при ориентацијата во некој ќорсокак. А ќе има многу ќорсокаци и ќорсокачиња, неверојатно многу, македонска култура е навистина богата со нив. Вистински лавиринт! Ги има толку што само едно Министерство, дури и да е најкапацитетно, не би можело да постигне. А вакво како нашево… Говорам за културата, секако, ама се чини дека и во другите ресори не е баш многу подобро?!

Сакам да кажам: за да одредите некакви, па и најопшти приоритети, нека е и во најобична, секојдневна работа, ви треба претходно истражување, темелно колку што е можно, со егзактни резултати врз коишто, подоцна, ќе ги темелите мерките што ќе ги превземате за иднината. Во овој контекст, најчесто спомнувана во оваа насока е Националната стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година, како (засега) најважен стратешки државен документ. Но, тој документ дава само насоки. Да, констатира состојби, нуди почетни чекори, но наложува натамошни активности/истражувања што целосно ќе ги отворат проблемите, па следствено ќе понудат и решенија! Но, ова како да се заборава.

И бидејќи од спомнуваните приоритети, па и оние од т.н. мандатно писмо, еден од посочените столбови се младите – што тоа и да значи – во културата, столб којшто јас го видов како прилично лабав, нејасен, необразложен… еве ќе се задржам на него. Но, прво, ако за нешто НЕ постојат соодветни истражувања во македонската културата, тоа е ова прашање! Следствено, како ќе развивате приоритет и ќе го решавате со соодветни мерки ако не ја знаете состојбата со проблемот „вчера“ (поточно: барем 10-15 години наназад) и особено денес? Дали овој приоритет значи само форсирано финансирање на младите во културата? Може и така, ама во кои дејности/сектори, или – во сите? А зошто во сите, и според кои критериуми? Само заради тоа што станува збор за млади? Па, извинете, ама младоста не е квалитет сам по себе! Оттука, да акцентирате еден таков сложен проблем како што се младите во културата како приоритет, мора претходно да имате „дебело“ досие за сите клучни сегменти на прашањето!

Од друга страна, дали и колку овој премиерско-министерски приоритет, како впрочем и другите, претставува обврска за институциите (барем националните) за имплементација во нивните програми? Треба да претставува, ама доколку наведениот приоритет е соодветно, поопширно елабориран, како и мерките, очекувањата и сл. (Иако, кај нас, секоја „национална“ институција си има некакви свои провинциски „приоритети“, коишто најчесто се на сосема спротивствени страни со оние на државата!) Но, ова да не биде напразно говорење, еве што се случува во праксата: пред само неколку дена во Националната галерија на Македонија завршил „Конкурс за зрел уметник“ (sic!)!!! Намерно го потенцирам овој „конкурс“ заради повеќе аспекти: прво, ужасната неписменост на една национална институција. И малограѓанштина, секако. И второ, кој и каков е тој „зрел уметник“, имаат ли тие луѓе некаква дефиниција за „зрелост“ во уметноста, и која би била таа? Дали „зрелоста“ се бира според годините, според бројот на изложбите, според белите влакна во косата (ако ја има „зрелиот“ уметник!), според бројот на создадени дела… како? Или го чукнувате по главата, како лубениците, па ја проценувате „зрелоста“? Понатаму, ако една национална институција во оваа област – којашто, патем, претендира да биде меѓу водечките – не умее самата да си ја состави програмата, туку треба да објавува конкурси – згора на тоа глупави! – можете да замислите каква работа извршува и кои/чии критериуми задоволува. Впрочем, токму оваа институција одамна не задоволува ни селски, а камоли национални критериуми, но за тоа, очигледно, никој не води сметка. Па следствено: како овие ќе одговорат на приоритетот на премиерот односно министерката, кога нивни „приоритет“ е – „зрел“ уметник?! А под тој поим можете да замислите што се’ тие подразбираат?

Или, понатаму, ако само во Скопје – но не и во државата, што е посебен проблем – има еден т.н. дом на млади или Младински културен центар и само еден Детски културен центар, плус еден Театар за деца и млади (повторно во Скопје), како тоа ние ќе го реализираме овој приоритет на премиерот односно министерката? Се претпоставува дека тоа ќе морат да го прават другите национални, па и градски/локални институции (иако тие, по природата на нештата, можат да имаат и други приоритети!). Но, како што посочив во актуелниот пример со нашата фамозна Национална галерија, ситуацијата не е ништо подобра ни во националните институции од друг тип – сите си имаат некакви свои „приоритети“ и „фаворити“, имаат свои „стратегии“ и „политики“, зависно од директорот, неговата партиска односно етничка припадност итн. Некој ќе рече – хаос, и можеби ќе биде во право. Впрочем, не случајно токму спомнуваната Национална стратегија ги карактеризира националните институции за затворени, себедоволни, недостапни за најширокиот дел од творците и публиката. Тие, ете, да ти барале – зрел уметник! Можеби им треба и зрела публика?! Некој ќе рече дека незрелите бараат зрело. И можеби ќе биде во право!?