Monthly Archives: February 2016

НЕВОЗМОЖНО РАЗБИРАЊЕ

или

НПЛ (9)

28.

Во секој случај, сега се појаснува одговорот на дилемата на Гелевски (од пред извесно време) зошто „цело време човек има впечаток дека станува збор за некаква грешка, збунка, дека кај и да е работите ќе се вратат во нормала, дека просто не е можно нешто толку лудо и искривено да трае повеќе од 24 часа“. Можно е, зашто, прво, синдромот на нарцисоидно пореметена личност прво го препознаваат токму оние со таков синдром, скриен или веќе изразен. И – автоматски се придружуваат на групата, така што таа веќе во старт се појавува како масовно „движење“. Не знам дали од самиот почеток „движењето“ зафаќа цели 31%, ама некои политички аналитичари на кои може да им се верува велат дека бројноста на оваа опција од стартот е завидна. Второ, ние останатите не умеевме докрај да ги прочитаме сите пораки – отворени и скриени – зашто го немаме тој „чип“ односно не умее(в)ме соодветно да ги декодираме пораките! Трето, тоа нема голема врска само со политиката односно изборот на политичката опција. Овде требаше да се препознае, да се декодира, еден „стил“, еден начин на (не)мислење, на (не)работа, на импровизација, на нестручност, на простотилак, непристојност …! И тоа не е така лесно. Судир на две култури!

Од друга страна, имаше такви кои можеби не успеваа да ги (про)читаат сите тие „пораки“, ама прочитаа дека со овие полуписмени нарцисоиди можат да играат многу игри, зашто меѓу слепите и ќоравиот е водач. И успеаа, прилично умешно, да се проврат низ сите иглени уши, да се поистоветат со синдромашите и сега се директори, амбасадори – ене го оној consigliere стаса дури до Бразил – началници, уредници, уметници … И сите тие сега, полека, (ќе) сакаат да се вратат меѓу оние 61%!

29.

Што требаше да се прочита веќе на стартот? Веќе на стартот мораше да се прочита, прво, специјалната терминологија што ќе биде употребувана сиве овие десет години и нејзините можни значења. На пример, дека секогаш кога ќе се спомне Македонија – се мисли на сопствениот џеб, дека секогаш кога ќе се воскликне нешто за патритизмот – се мисли на клиентелизмот, дека секогаш кога се говори за работа и работливост се мисли на шалабајзерство и неукост … . Понатаму, полната уста иднина на земјата значеше, и се’ уште значи иднина само за нивните деца (иако и тоа е доста релативизирано си настојчивото труење на целата популација); флоскулите за самопрегорот од типот 24/7 значеа дека тие, всушност, доаѓаат на работа после пладне, а остатокот од денот размислуваат што и како да украдат, итн.

Второ, веќе на стартот мораше да биде јасно дека е во игра простачка негативна селекција. Не само партиска и партизирана, туку баш простачка, сељачка, најординарна примитивна селекција која што не дозволува знаење, ум, интегритет. Таквите, се виде, беа не само непожелни туку и веднаш етикетирани на сите можни начини, долгорочно. И трето, дека моралот, етиката, совеста, се нешта што мора да се остават за подобри времиња! Така заокружен, нарцисоидниот синдром тргна во воинствен варварски поход ала фалангата на Аце Велики Македонски!!!

И затоа, впрочем, еден огромен дел од оние 69% кои не успеаа да ги декодираат, да ги „прочитат“ не само стартните пораки туку и целиот „филм“, потоа се најде во чудо. И, што е уште пострашно, се тешеа дека тоа сепак ќе трае – кратко.

30.

Што друго мислеше мнозинството од (ориентационо) 69%, слушајќи ги и гледајќите ги нарцисоидиве како се шепуреа првите денови од доаѓањето на власт. Претпоставувам – ништо. Токму заради тоа што мислеа дека тоа ќе трае кратко, дека нема шанси вакви празни глави да се одржат подолго време, итн. Некои велат дека тоа, поинаку кажано, беше некаква чудна (и секако виртуелна) верба во категоријата „народ“, односно верба дека народот ќе препознае со кого си има работа и бргу ќе стави крај на комедијата. Историска грешка – не си го знаеа народот, оној на Трпе и Трајче! И дека тоа може да трае до недоглед. Но тоа е друга тема.

Ваквото целосно промашување во читањето на јавните „пораки“ односно нивно погрешно интерпретирање Еко го нарекува аберантно (ненормално) читање односно аберантно декодирање. И наведува четири точки кога ваквото неуспешно читање е можно: кај луѓе кои зборуваат на различни јазици; при обидите да се интерпретираат значењата на минатите културни; кај луѓе кои не делат ист систем на верување; кај луѓе од различни култури. Ние, односно спротивставените 31% контра 69%, исполнуваме барем две од посочените точки – немаме ист систем на верување (на пример, тие веруваат дека Земјата е плоча, ние дека е сфера!) и доаѓаме од различни култури (тие од меланжот на античко-барокната култура, ние од модерната / современата)! Што ќе рече – во старт беше невозможно да се разбереме?! (Но, еТе, и г-ѓата Трајковска во „Вин-вин“ – дали заради некаква еснафска солидарност? – очекуваше токму мојот омилен лик од цртаните Горан Михајловски да ни ги објасни нештата).

31.

Кога би имале барем минимум сериозни елементи кои што оваа нарцисоидно пореметена десетгодишна катаклизма би ја вброиле во некаков извесен оперативно-мислечки систем, во барем некаков идеолошки или политички  концепт, тогаш би можеле да бараме и компаративни историски аспекти.  На пример, дури и онаа 1945 година како точка на судир на два света, две спротивставени идеологии, два системски концепти … и комплетното не(до)разбирање на едните и другите. Ама овде немаше ама баш ништо сериозно, баш ништо умно, баш ништо интелигентно, освен одлично изведена сценографија што ќе ја сокрие пљачката и лагата на векот! Па видете ја само скандалознава драмолетка на шарлатанине Канческа и Трајановски околу „Универзална сала“! Та оттука, колку и да се обидува да не’ убеди „цртанион“ Михајловски дека, демек, Груевски во 2006 година носел нешто ново, ние „новото“ го видовме и го почувствувавме на сопствената кожа, некои дури и за цел живот. И премногу ни беше!

ДЕПОНИЈА МАКЕДОНИЈА

или

НПЛ (8)

25.

Филмскава лента што секојдневно ја вртат нарцисоидно пореметениве типчиња секој ден забрзува. Не почитува ни филмски закони од 24 слички во секунда, уште помалку почитува морални, етички, професионални, човечки … пишани и непишани закони. Ја сведоа земјава на едно некултурно ќоше, на нарцисоидна депонија „Македонија“ каде кој како стигне „се празни“, си лечи комплекси и фобии, се истура врз јавноста не баре си ја донел од дома. Неверојатно недозреани, всушност зелени, детинести, тотално несериозни и непрофесионални, ја третираат и земјава и луѓево токму како нивна депонија! Па и она малечконо нарцисче што глумеше министер за труд и социјала се срами да каже која му е сопруга. Каков е овој народ инсталиран во земјава, од каде се спуштија – од кои и какви недојдии – овие шарлатани кои десет години ораат низ депонијава?

Довчерашен премиер и претседател на партија се лути како мало дете и не им доаѓа на состанок на претставници на меѓународната заедница, истите оние кои губат цела година со нас. Зошто? Бидејќи ќе му кажеле нешто што нема да му било по ќеф! Па извинете, ама ова детска градинка ли е па ќе им се лутиме на другите деца кои не сакаат да си играат со нас и ќе се тркаламе по земја некој ако ни пререче нешто? А и како би сакале кога сме, нели,  илеџии? Или можеби меѓународниве олеснувачи требаше да смислат два извештаи, две пораки – едната за „неговото височество“ нарцисоидното детенце а другата за целиот друг нормален свет? Така ќе му беше ли полесно? И во неговата да му кажуваат дека е најдобар, најумен, најпатриот, најлидер …?! Можеби ќе се кандисаше да се појави?

26.

И целата му партија пее и игра по неговата музика, како малоумни. Ете му се налутија и на Ван Хоуте, ни крив ни должен. Го навредувал македонскиот народ! А тие што правеа десет години? Зарем претворањето на државата во малоумна нарцисоидна депонија е некаков комплимент за македонскиот народ? Зарем ова што останува после нив, оваа граѓанска и интелектуална пустош е нешто со што треба да се гордееме? И какви теории на заговор, какви бакрачи. Едноставно и просто: му ја земаат на нарцисот играчката! Нему и на неговата клика, на истородните белосветски мангупи кои ровареа низ државава толку години.

Но затоа целиот филм не може да помине и без соодветен „коментар“ од медиумскана депонија, без оние хушкачи кои со години го с’скаат не само него туку и сите други со толкуцка мозок во главата. Штрбана баба повикува на вооружен бунт, на војна, бара крв. Дури и по етничка основа. (А Зврлевски, нормално, и ова ќе го преспие?). Го буцка нарцисон „ да собере храброст и да ја прекине оваа лакрдија“! Па „макар за да ја спаси сопствената кредибилност како политичар“. Која бре кредибилност, ниту била, ниту е’!? Но на нарцисиве толку им треба, а медиумскава депонија тоа веќе со години го простудирала. И – удри по суетата, по комплексите, по птичјиот мозок. Бараат 10-та рунда. Против кого, против светот? Односно, повторно, ние против целиот свет? И цел живот други ни се виновни, особено странците, а не нашиве неспособни шарлатани и нивните трабанти. Каква црна 10-та рунда кога нарцисон избега уште пред првата? Не се осмели ни да се појави во рингот. А бабана го гледа како војсководец, како некаков современ Аце, што ли? Бреее неизживеан народ!

27.

Нам не ни требаат „бутс он д граунд“, ама ни требаат даски в глава. Цела една пилана, ако може. И еден добар чистач што ќе ја зачисти депонијава. Па нека е и странец, дури и Ван Хоуте. Човекот солидно зачистува. Се покажа. А патем и мјаука. Милина! Затоа овие малоумниве и го праќаат на одмор, да шета низ градов. И да го посетел нивниот Музеј. И треба. Мислам дека ако човеков до сега не успеал да го види, задолжително да го посети. Зашто тоа е „нешто“ без што не може да се разбере „логиката“ на оваа депонија, оваа малоумност, оваа простотија. Јас му се нудам како водич, ако му треба. Мислам дека му недостасува само уште таа точка како врв на македонската интелектуална заостанатост, па целосно да ја согледа земјава. Луѓето веќе ги виде. За жал, оние болнине. Ама има време, ќе ги запознае и здравите!

КОНТРА ПРОЦЕНТ

или

НПЛ (7)

21.

И еве сега, како гром од ведро небо, кој друг ако не Илија Димовски, истрчува со нов податок за процентите. И, ни помалку ни повеќе, туку цели 60% биле против политиките на СДСМ, што ќе рече дека се за „политиките“ на неговата партија. Односно – целосно обратно од оние проценти што ни ги сервираше зелената Лиле, па дури спротивно и од (оптимистичките?) проценки на Ордановски. И ова комплетно личи на сите досегашни потези на оваа партија: секоја иницијатива на опозицијата, секоја акција, секој потег, секој збор да се блокира и дезавуира со контра иницијатива, контра акција, контра потег …! Се претворија во контра партија, или партија на контраши. За се’ имаат спремна контра, веројатно и за сопствените иницијативи, за секој случај, ѓаволот ни ора ни копа

И повторно – кому човек да верува? И врз основа на кои и какви критериуми?

И повторно – мораме да се потпреме на медиумите, немаме друг избор, ако не сакаме туку-така да веруваме на збор на политичар. Па и не е за верување, особено на овие контрашиве.

Медиумите, како така, даваат поцелосна слика за нештата. Барем денес. Оние куртон-медиуми останаа на истото куртон дереџе. Не пораснаа ниту за сантиметар. А и зошто им е кога и такви добро ги плаќаат!? Тие ја тераат својата приказна. Ама, другите, оние малку но многу послободоумни и попрофесионални, ја заокружуваат реалната слика. Колку – толку, како – така!

22.

На пример, овие вториве секојдневно известуваат за иницијативи, акции, протести … против актуелните политики на власта. Сакате стажанти, сакате стечајци, сакате ОХИс-овци или оние „изгорените“ од парното … сите на еден или на друг начин го искажуваат – јавно – своето несогласување со одделните или вкупните политики на шарлатаниве. Само пред неполн месец им се крена цела Битола против одлуката на Големиот архитект и Малечкана тендерка да го продаваат нивниот Офицерски дом. Слично им се случува и со Универзална сала. Уцвикаа, повторно, само што сега „архитектот“ не смееше да се појави, па го испрати градскион циркузант и тендерката! И – види чудо: не видовме ни битолска контра, па ни скопска. Не се крена никој во Битола – среќа, има таму умен народ! – на контра протест „за“ продавање на Офицерскиот дом. Како што не се крена никој ни во Скопје – овде не сум баш убеден во умноста, повеќе ќе да е мрзата – да бара да се спроведе во дело првобитната одлука за уривање на Универзалната сала. Каде отиде таа фаланга, да не спијат? И зошто не им дојдат на помош оние „милосрднине“ што ја уриваа Општина Центар, или оние богомолцине што ги тепаа студентите по архитектура на Плоштад? Да не снема сендвичи и сокчиња?

23.

Но затоа преку слободните медиуми, безмалу секојдневно, гледаме и читаме за масовен бунт против толку фалените политики на власта. Само што се огласија и младите архитекти од „Прва архибригада“, расипувајќи му го по којзнае кој пат мирниот сон на Големиот архитект. Му порачуваат дека нивното време доаѓа, доаѓа и „ … денот кога овие безвредни (а скапо платени) кичести, шупливи, псевдо-историски, срамни и лажни фасади ќе ги отстраниме од вистинското лице на архитектурата на градот! Ќе ја отстраниме стилската гипсана униформа која ја изработува една фирма, а со која се покриваат вредни дела на десетици македонски архитекти-автори од различни историски периоди!“. И му се мешаат и во втората љубов – археологијата, па ветуваат дека нивните акции ќе бидат „… фасадна археологија на која сите ќе и се радуваме – повторно откривање на вистинската историја на градот и сите негови културни слоеви – затоа што само вистината е убава и вредна! Порано или подоцна тоа ќе го сфатат сите, или барем повеќето граѓани“, велат младите архитекти. И ние им веруваме!

Пред некој ден слични „честитки“ му упатија и специјализантите на „нивниот“ министер, информирајќи ја јавноста под какви услови работат! И сега, каде се тие 60% проценти да се јават во одбрана на стиропорон, на кражбите, на тендер мафијата, на шарлатаните во здравството, образованието, културата …? Та 60% се сериозна сила која што секого би подзамислила и убедила дека цврсто стојат на кримогениот пат на партијата на власт, дека им го чуваат грбот, дека се со нив. Или тоа се само пусти желби на нарцисоидниве типчиња залутани во македонсково совремие? Па не мора да бидат ни некои не-знам-какви масовни поддршки, ама нека излезат еден-двајца сериозни поединци, некои со некаков темел, знаење, искуство, и нека ги демантираат гласниве протести на граѓаните. Ајде еден архитект (а не 60%) со малку посериозна стручна биографија нека излезе и нека се огласи „за“ актуелниов стиропор и кичерајсково пресоблекување низ Скопје. Ајде еден сериозен лекар нека ги демантира специјализантите, еден реномиран уметник (а не шарлатанине што секојдневно пискараат низ веснициве) нека ги оправда културните „политики“ на тендерџииве. И конечно, каде се оние „стручни“ шалабајзери што така „компетентно“ одлучуваа за Универзална сала? Имаат ли три чисти да пуштат глас? 60% се импресивна бројка која што навистина би не убедила во исправноста на власта. Ама, тие бре брате не можат да соберат ни два човека!

24.

И за живо чудо, ќе се случи зелената Лиле еднаш да испадне во право. Иако и таа всушност претерала – какви 31%, какви бакрачи! Веќе ги нема ни 10%. Та нели некој ќе излезеше – освен, повторно, лајачине низ куртон-медиумите – барем да се побуни против приведувањето на нивнине мафијаши? И што – труба, саксофон! Какви црни 60%!

ИГРА НА „ПОРАКИ“

или

НПЛ (6)

18.

Веќе не знаеме ни кому од анкетарите да веруваме, а кому не. Односно, знаеме, ама повторно ги примаме нештата со извесна резерва. Зашто резултатите се по правило радикално различни. Што ќе рече дека секој анкетар испраќа различни „пораки“ до гласачкото тело. Зашто, нели, иде време на избори. И според сите анкети никако не можете да го определите ни приближниот процент на припадниците на нарцисоидно пореметеното општество (оние 31% на зелената Лиле), но ни на оние (божем) 69% проценти кои никако не се согласуваат со актуелните криминогени структури! Можеби најточна е (порано веќе спомнатата) констатација на Ордановски за околу 40-50% неопределени. Но, неопределени – за што? Односно определени – (повторно) за што? (Не)определени да не се мешаат во партиските борби иако животот им зависи од исходот? Или определени да молчат по секоја цена и ставот да го „соопштат“ на денот на изборите? Не знам.

Но, проценти веќе фрчат на сите страни. Ене и „мадам Шуф“ илити Ивончето мафта со некакви 200.000 гледачи на куртон-медиумот. Ок, ама што  кажува тоа? Малку се или многу се? А на другите подеднакво куртонизирани медиуми? И таму хистеришат за не знам каква гледаност. И кога ќе им ги изброиш гледачите и читачите, испаѓаат повеќе од жителите. Како впрочем и на гласачките листи на ДИК!

А сепак, нешто знаеме. Знаеме дека нарцисоидниве идиоти, сосе нивните „професионални“ медиуми, дури не умеат ни да пресметаат 60 дена до избори зашто не знаат дека февруари секоја четврта година има 29 дена! А ќе отвораат уште еден универзитет. За тие што не умеат да спроведат ни една проста операција на собирање? Е па зарем треба некаква друга „дијагностика“?

19.

Но, велам, бројките и процентите самите по себе не значат ништо. Не значат ништо зашто „испраќачот“ не ги знае ефектите од испратената „порака“: разбрана е или не, целосно или делумно, итн. Со типичен пример деновиве излезе никој друг туку најголемиот вмро-вец од бугарска провениенција, како началник на сестринската ВМРО-НП. Човекот се жали преку Фејсбук дека „Во последно време на одредени сајтови поврзани со името на ВМРО-Народна партија одредени загрижени членови и симпатизери искажуваат несогласување со стaвовите на партијата. Лично сметам дека горенаведените структури или не ги дочитуваат соопштенијата или не ги разбираат доволно па им препорачувам два пати да ги прочитаат или некој им ги прераскажува“. Ова е еклатантен пример на лошо кодирана порака до симпатизерите, штом повратниот ефект говори за неразбирање на истата! Односно, не знаеме баш дали станува збор за неразбирање („не ги разбираат“) или е тоа само толкување на авторот на пораката, односно негово нарцисоидно оправдување. Човечето со „б“ наместо „п“ во името не сака ни да помисли дека можеби пораката му била лоша. Никако, туку веднаш ги обвинува примателите дека не ја разбираат доволно, па згора на тоа, повторно нарцисоидно, бара од нив да ја (про)читаат уште еднаш. Се разбира, врв на арогантната нарциосоидност е крајот на „пледоајето“ – дека тие, всушност (токму неговите членови и симпатизери) не ги ни читаат пораките (зошто, неписмени се?) туку „… некој им ги прераскажува“ (sic!). И што е најинтересно, истата приказна му се случува со две соопштенија по ред. Е сега, каде е проблемот, во испраќачот или во примателите?

Од друга страна, вакво нешто не се случува кај сестринската партија со наставката ДПМНЕ. Таму „пораките“ се секогаш целосно и безрезервно разбрани. И прифатени. Или не се, ама таму постои поголем тренинг кај членството, и  симпатизерите, па тие не ни смеат да пројават таков вид не(до)разбирање?!

20.

Уште еден пример од актуелната пракса е безмалу еклатантен: одлуката за одбивање на притворот на Основниот суд I во случајот „Титаник“. Таа одлука, или одлуки, е двострано кодирана порака, упатена до двете страни, значи и до оние 31% и до оние 69%. Затоа што подеднакво ги тангира интересите на обете страни. На пример, пораката до оние 31% припадници на нарцисоидно пореметеното општество е: што и да прави Специјалното обвинителство, што и да бара и какви мерки и притвори да предлага, ние сме тука да ги сопреме! И не само нив туку и секој друг што ќе се дрзне да чепка во (не)делата на актуелната власт, онаа иста власт што не’ намести тука. И таа порака е соодветно разбрана од засегнатата страна зашто очигледен е мирот во нивниот табор. Или е само привиден, а?

Но, од друга страна, немирот кај оние (условни) 69% е исто така очигледен, што пак говори дека и тие соодветно ја разбрале порака дека нема помин за нивните постапки! А не дека таквите пораки од македонските судови не беа очекувани или (ќе) претставуваа некаква мистерија. Особено имајќи ги предвид објавуваните од опозицијата аудио записи на власта, по коишто на македонското судство, со право, му беше лепната етикетата „сваровски судство“!

Или, ако сакате, ист тип на порака до опозицијата е и одново иницираната (еднаш отфрлена) кривична пријава против „Бобо Дајнерс“, само и единствено заради тоа што станува збор за блиска семејна врска на челник на опозицијата. И таа, во суштина примитивна порака, игра на картата на отворено навестување и на идни такви чекори, но и на заплашување, па дури и превенција на некакви потенцијални одговори на опозицијата!

Но ова во секој случај потсетува на што (Суад) Мисини го кажува, дека „имате власт што е аутистична во својата мафиократска примена на владеењето и имате граѓани коишто се аутистични во однос на спознанијата за сопствената сувереност“. Но, дури ни мафиите не чепкаа во семјествата, нели?! Што сорта ќе беа овие?

ЧИПИРАЊЕ

или

НПЛ (5)

15.

Не знам дали на оние 31% нешто им значи фактот дека „Репортери без граници“ ја рангирале Македонија (според слободата на медиумите) на 123 место во светот, а последно во Европа. Уште помалку, очигледно, тоа нешто им значи на куртон-медиумите, или на власта. Ама дали им значи на оние 69%, вклучувајќи ги тука и Лилето-на-тато-Блаже, оној Михајловски кој сега плаче а до вчера беше шеф во таков медиум, и уште многумина други должни да ги тангираат такви факти за оваа држава? И што, на пример, ако денес не’ убедуваат дека тоа нешто им значи? Што превзедоа тие – лично и персонално – низ годиниве за да се променат состојбите?

Но, се разбира, нам како сведоци на овој државен десетгодишен серијал во којшто главни улоги играа(т) нарцисоидно пореметени личности, не ни требаат од надвор да ни (у)кажат каде (и како) живее(в)ме. Ама уште помалку ни требаат Лилето и оној Михајловски како директни партиципиенти во серијалот. Нештата се одамна кристално јасни, ако сакаме да ги видиме, се разбира. Не само од 2011 година и затворањето на А1 телевизијата, како што смета Чадиковски[1], туку многу, многу порано и она малку демократија што ја имавме замина во историјата. Синдромот НПЛ („нарцисоидно пореметени личности“) не’ завладеа уште од 2007 година и беше многу јасно изразен низ сите постапки на властите. Дали и колку некој бил заслепен од тогашните громогласни ветувања – тоа е друго нешто. Ама, денес, ветувањата се уште погромогласни и помегаломански, нели? Па зошто не им веруваат?

16.

Затворањето на А1 Телевизија беше удар на македонската медиумска демократија, и тоа не е спорно. После тој coup de grace македонските медиуми повеќе не се опоравија. Набргу, (како што исправно потенцира и Чадиковски во „Фокус“), беа затворени и неколкуте слободоумни весници („Време“, „Шпиц“). Делот на слободоумна Македонија, оние (условни) 69%, останаа без релевантна информација, но и без простор за друго мислење.  На останатите медиуми слатки им беа парите. Оние од власта, како субвенции за клиентелизмот и понизноста, за куртон-вестите и прикривањето на вистината, а особено за спречувањето на политичките и другите опоненти на малоумната власт да го кажат својот став.

Со тоа практично беше заокружена стратегијата за бандитско завладување на целата држава, односно за формирање на милје во коешто ќе царува  токму синдромот на нарциосоидно пореметените личности. Дури болно точно  проф. Малески ги констатира трите основни столба на општественото пореметување: „Доволен ви е еден како Груевски во политиката, еден како Керим во медиумите и еден како Камбовски во науката и институциите се покриени и херметички затворени во сите три сфери толку важни за здравјето на демократијата на една земја“[2]. Со тоа практично е заведена целосна контрола врз нормалната пропулзивна моќ на едно општество во овие сфери, системот е тотално дисфункционален, низ клиентелистичкото решето поминуваат само оние „идеи“, личности и „мислења“ препознаени како „наши“, „патриотски“, „национално ориентирани“, иако всушност без сериозно конкретно значење, во основа шупливи и недвојбено нарцисоидно пореметени!

17.

Затоа, во едно вака „испеглано“ општество не е чудно што имаме курцшлус на сите линии на комуникација, што се’ се сведува на некаква неприродна (и процентуално неизбалансирана) биполарност и што еден голем процент (дали само 31%?) болува од секакви синдроми. Дури престанавме да се чудиме што живееме во два света, едни на топка други на плоча, едни во „земјата на чудата“ други во „земјата на мизеријата“. Уште „понормално“ е што оние од НПЛ серијалот меѓу себе одлично се разбираат, а нам ни изгледаат ко избегани од некое жолто комбе. Десет години се чудиме зошто  ние никако не можеме да ги разбереме!

Веќе спомнуваниот Еко вели дека секоја комуникација мора да биде  кодирана (во сет од знаци) од страна на испраќачот. И тоа кодирање мора да биде направено на разбирлив начин, но не задолжително за сите туку (барем) за оние на кои пораката им е упатена. Така, испраќачот има (некаква) гаранција дека истата (пораката) ќе биде разбрана од оној кому му  е наменета. И оттука, сите режимски медиуми оперираат со исти или слични „пораки“, кодирани за една целна група – токму онаа за која што (некои) мислат дека изнесува 31%, или дури 40-50%. И овие ги слушаат, и ги разбираат!

Но, би рекол, тие „пораки“ многу успешно допираат и до една доста поширока публика. Наоѓаат начини да допрат и до оној дел којшто, наводно, не е „нивни“. Не ретко некој прилично „разумен“ – разберете го ова како сакате – ќе ве изненади со цитат, констатација, теза токму од кутрон-медиумите. Некоја од типот „ама овие нешто прават“!

Од друга страна, и не се само медиумите тука во игра, иако тие се најдоминантни. Со истите „пораки“, со истиот или сличен вокабулар, истите или сличните примери или тези, оперираат сите јавни личности кои, на еден или на друг начин, се клиенти на овој нарцисоидно пореметен серијал! И тука извонредно се вклопува согледувањето на Тричковски за „чипираноста“ на една голема (или помала) групација која секојдневно, за жал, ја слушаме не само во медиумите туку и во највисоките врвови на власта, од „претседателот“ надолу. И не морате да ги следите мизерните седници на Парламентот и диригираните дискусии на парламентарното мнозинство, доволно е да слушнете неколкумина од нивните „експерти“ кои по наредба мораат да се појавуваат во јавноста. Сите тие свират една иста мелодија, атонална и налудничава до зла бога: ама зошто СЈО не почне со предметот „Пуч“; опозицијата прислушкувала и фалсификувала лични карти (за да загуби на изборите!?); сепак нешто се гради (па нека и се краде?!) … итн. Е сега, дали изворните „пораки“ / насоки ги добиваат од еден центар или тоа е навистина производ на еден заеднички синдром, не знам. Но личи на двете, зашто ако го немате синдромот во себе, не може да ве контролира никаков центар, па нека е и на оваа нарцисоидна власт!

[1] Младен Чадиковски, Твит-демократија, Фокус, бр.1062, 12 февруари 2016

[2] Денко Малески, Големата метла, Плусинфо, 13 февруари 2016

ШИРЕЊЕ НА СИНДРОМОТ

или

НПЛ (4)

11.

Проблемот на нашето општество е необразованоста, некултурата, неинформираноста, простотилакот, непристојноста … И тој проблем не е од вчера. Само навидум „… Пристојноста во македонското општество се загуби со подемот на демократијата“, како што вели проф. Малески. Таа била тука и порано, ама притаена, скриена, и си го чекала мигот. Зашто волку непристојност, волку простотилак, не се појавува од никаде. И не мислам дека тоа има врска со демократијата, зашто кај нас ниту имало ни има демократија во вистинската смисла на зборот. Оттука, немало ни подем на истата, што пак би ја потиснала, или затскрила пристојноста. Тоа само ние сака(в)ме така да си мислиме, за да не ни биде уште потешко. Ова е сепак Балкан, во најгрдата смисла на зборот, и не го перат ни најинвентивните оправдувања на (Марија) Тодорова!

Затоа и мислам дека оние 69% на Лилето-на-тато-Блаже, во коишто и таа и нејзините недозреани сега сакаат здушно да се вбројат, немаат голема врска со реалноста. За жал. Мислам дека тој процент е далеку, далеку помал, дури и со зелените! И не можеме сега да се чудиме, после толку години, како било можно ова или како било можно она, бидејќи се’ што ни се случува е резултат токму на необразованоста, некултурата, неинформираноста, простотилакот, непристојноста … а главни перјаници на процесот беа токму – медиумите. И тоа е веќе ноторен факт којшто токму истите медиуми толку настојчиво се обидуваат да го негираат.

12.

Е сега, колкав процент од оние 31% се верни гледачи и читачи (иако тука бројките се помали зашто ние, во принцип, не читаме!) на таквите медиуми? И дали нема такви и меѓу оние 69% наводно „нормални“? И колкав процент од обете групи уживаа(т) во бескрупулозното разнебитување на реалноста, на објективноста, на информацијата како таква … односно, како што прашува Геровски, колкав е процентот на оние кои уживаа(т) во претворањето на тие медиуми во „… оружје за политичко убиство во живо“?

Не мислам дека сите треба да мислат исто, уште помалку да известуваат идентично за нештата, па дури и (по малку) да не навиваат за (условно) својата (не само политичка) опција. Ама, тотално да ја задушиш вистината, да создаваш целосно поинаква реалност што секојдневно ќе му ја пласираш на народот зашто власта дебело те плаќа за тоа, па згора „мадам Шуф“ тоест Ивончето да ти држи кај бурекџијана предавање за медиумите – е тоа е перверзија. Од голем маштаб! Она што ние можеме да прашаме е: дали, и колку, луѓето што ги гледаат / читаат овие медиуми, веруваат во тоа што го гледаат и читаат, и зошто? Ама тука веќе би навлегле во полето на социосемиотиката!

Но, она што, всушност, би требало да е најбитно, не се процентите (31% со НПЛ наспроти 69% „нормални“, или 40-50% политички неопределени, или …) туку какво влијание во праксата, во реалноста, имаат „пораките“ пренесувани преку т.н. куртон-медиуми? Односно, дали навистина тие имаа(т) толкаво влијание во јавноста, дали синдромот на „нарцисоидно пореметени личности“ од којшто (и) тие се очигледно зафатени – мислам дека тука веќе нема дилеми – успеваат да го пренесат на голем (и колкав?) дел од локалната популација?

13.

За жал, ниту тоа не може кај нас да се измери. Прво, силата на политичките „пораки“ (ако нивната црна пропаганда воопшто може да се подведе под тој поим) пласирани преку медиумите, па и преку нашиве „медиуми“, се мери само и исклучиво на – избори. Како што, впрочем, успешната кампања (преку „пораки“) во маркетингот се мери според зголемувањето на продажбата на конкретниот производ. Значи, дали изборните победи на циркузантиве се резултат на кампањата на куртон-медиумите? Се разбира – не, како што не се ни резултат на нивната политичка понуда. Т.н. бомби покажаа како кај нас се добивале изборите! Што ќе рече дека лаењето на хохштаплериве во куртон-медиумите ниту е многу битно, уште помалку е пресудно. И тоа политичките циркузанти од власта одлично го знаеле, па прибегнувале кон други средства и методи за добивање на изборите.

Со ова не мислам да кажам дека влијанието на нашиве „медиуми“ во ширењето на синдромот на „нарцисоидно пореметени личности“ и во „кражбата на мислењето“ било никакво, но не било најбитно! Побитна, би рекол, била нивната улога во спречувањето на противникот да го каже своето мислење, својот став и програмски определби, својата идеологија. Односно, овие „медиуми“, како што извонредно се покажува денес дури и со оние малубројни настапи на опозицијата, одлично ја одиграле улогата на брана против другото мислење! И тука формулацијата на Заев за овие медиуми како политички непријатели е апсолутно издржана!

14.

Но, за да поцелосно се согледа улогата на грото на македонските медиуми во нашата катаклизма, не се доволни паушални оценки. Зашто, на пример, семиотичките модели на комуникацијата инсистираат на комплексно согледување на меѓучовечката комуникација. Тие (моделите) се „фокусираат на начинот на кој културните значења се произведени, кој ги произведува и на процесите на производството на значењето. Тие посветуваат подеднакво внимание на структурите во кои значењата се консумираат, на консументите и на процесите на консумирање на значењето. Над се’ тие инсистираат на согледувањето на тоталитетот на структурите, на целиот систем и на интерконективноста на процесите“,(Kress, 1988:11)! Значењето на „пораките“ пренесувани преку медиумите не е апсолутно, ниту пак е интринсично на содржината, туку е моделирано од интеракцијата помеѓу восприемачот / консументот и содржината („текстот“). Улогата на восприемачот / консументот не е исклучиво пасивна (како што обично се мисли), туку комуникацијата е согледана како генерирање на значења низ процес на размена.

Е сега, токму „активата“ на консументот ја определува наклонетоста на оние 31% или колку веќе се кон т.н. куртон-медиуми кај нас. Нивниот процес на размена на значења се одвива на едно просто рамниште и тие одлично се разбираат. Очигледно е: овде станува збор за целосно исти или слични  кодови на мислење, однесување и кодови на читање на пораките! Или, слушајте им го вокабуларот, гледајте им го однесувањето, гестовите, дрес кодот ако сакате … сето тоа упатува на НПЛ синдромот и на одлично меѓусебно разбирање. Ним не им треба декодирање на пораките, тоа е заеднички близок, веќе усвоен јазик!

И, извинете, ама одамна ми е преку глава од типови како оној Горан Михајловски кои еве, сега, на зајдисонце и демек освестен откако го шутнаа, го менуваат јазикот и ни порачуваат: „Да, грозно е. Ама згрозувањето не е доволно. И прашањето е што ќе направиш  ти за ова зло да не се повтори. Не само како гледач на телевизија. Туку како гласач на кој може ’ливче да му снема’“. Е па стварно е грозно!

 

КРАЖБА НА МИСЛЕЊЕТО

или

НПЛ (3)

7.

Логиката вели дека секој текст инициран во ова време треба да почне со зборовите „Почело је, почело“. Баш како на фудбалски натпревар! И тоа не би било ни непристојно ниту нечовечно, зашто луѓево, токму непристојно и нечовечно, ни одзедоа десет години од животот, сума сумарум. Кај некои можеби повеќе, кај некои можеби помалку, некои поминаа полошо, некои малку подобро … Но, генерално, огромен процент од македонското население преживеа тешки понижувања и тормозења – лични, семејни, професионални. Меѓутоа, можеби е прерано за којзнае какво лумпување, зашто ситуацијата не ни е за славење. Ама ќе биде, полека но сигурно!

Затоа, јас уште еднаш за констатацијата на Гелевски за нашата десетгодишна катаклизма, за тоа дека „цело време човек има впечаток дека станува збор за некаква грешка, збунка, дека кај и да е работите ќе се вратат во нормала, дека просто не е можно нешто толку лудо и искривено да трае повеќе од 24 часа“. И се покажа дека е можно, и тоа цели десет години. Зошто? Тоа ќе биде предмет на исцрпни идни студии и анализи, не само наши односно особено не наши. Ова се егземплари од глобален криминален импакт и тие допрва ќе се учат. Прашање е само дали некој странец може навистина целосно да го согледа нивото на бедата, мизеријата, криминалот, корупцијата, клиентелизмот … што царуваа(т) сиве години кај нас. Тие, странците, едноставно не се свикнати на лоповлук од такви размери и тоа директно под раководството на врвот на државата! Не мислам дека тие, странците, се особено цвеќе за мирисање, ама кај нив вакво нешто не поминува бре брате. Или – поминува еднаш и никогаш повеќе. Затоа сме ние пример за проучување, и за потсмев, се разбира.

8.

Она што во случајов сакам да го продолжам е нашата игра со процентите, оние на Лилето-на-тато-Блаже но и на некои други (Ордановски, на пример, посочува на 40-50% политички неопределени), распоредот на силите – некогаш и сега – и особено актуелните збиднувања со распределбите на оние со НПЛ синдромот и (условно) нормалните. (Иако многумина би приговориле дека после десет години во ваков казамат тешко некој да остане нормален, а јас глатко би се согласил. Тие што мислат дека останале нормални треба да ги причекаат „афтерефектите“ од нашава ситуација! А нив ќе ги има, гарантирано).

Играта на процентите на оние со НПЛ синдромот и „нормалните“ денес е особено битна за конечната разрешница на македонската ситуација, особено на јавно-медиумски план. И не случајно опозицијата инсистира на таа точка од „Пржинскиот договор“, без којашто, се покажува, нема „кредибилни“ избори. Последниве циркуски претстави со „Сител“ и „Канал 5“ само дополнително не’ убедуваат дека тоа е, всушност, главниот лост за добивањето на изборите во последниве 7-8 години. Комбинирано, се разбира, со сите други криминални методи, како поддршка на основната „кражба на мислењето“! Зашто овде се работи токму за тоа: за кражба на мислењето кај еден огромен процент на македонски граѓани, а преку коруптивните медиумски „политики“ на еден голем број јавни медиуми, дури и со национален предзнак.

Зошто мислам така? Па затоа што и најпаметниот денес првенствено се раководи од достапните информации. Во секоја одлука, особено во оние коишто потенцијално ви го менуваат животот на подобро или полошо. А изборите се токму тоа – избор помеѓу доброто и лошото, или кај нас радикализирано до крајни граници, до избор помеѓу живот и смрт! Звучи можеби патетично, ама имавме доволно примери каде животи, дури и на деца, зависеа од умот (што го немаа) на надлежните политичари. Затоа и мислам дека ова е кражба над кражбите, каде едно огромно мнозинство од населението е најкриминално и најбезобразно депривирано од соодветна информација како база за компетентно мислење / одлучување!

9.

Токму на овој план се води актуелната битка на опозициските челни луѓе и т.н. куртон медиуми на власта. А во тој контекст и некои дилеми за опозициското појавување на овие медиуми, отворено изложувајќи се на напади и омаловажувања од „новинарската“ клиентелистичка багра во нив, постојано закачена на поводникот на власта веќе цели десет години.

И повеќе сум склон да помислам дека е целосно јалова работа ваквото арчење на нерви и сили со таква багра. Иако, политички гледано, има свои ефекти. Прашање е колку тие се добро простудирани, што можеби и не е толку важно. Можеби најважно е дека оние 31% (или 40-50%, според Ордановски) ќе слушнат – ако им се даде можност, а ретко им се дава – што и како имаат да кажат првите луѓе на опозицијата. Нешто што не можеле да го чујат цели десет години, зашто главно се ориентирани на тие и такви „медиуми“, сконцентрирани токму на операцијата „кражба на мислењето“. И тоа воопшто не е случајно, зашто уште од МекЛуан медиумите се продолжеток на умот, и оттогаш наваму сосема е легитимно да се говори за силата на современата медиумска порака. Особено во едно општество како нашето и со ваквиот распоред на политичките (но и финансиските!) сили! Ние овде подеднакво легитимно можеме да го поставиме и основното прашање: дали, и колку, тие 31% (или 40-50%, според Ордановски) воопшто сакаат да слушнат што мислат луѓето од опозицијата? Веројатно не сакаат, но не знаеме со сигурност. Или знаеме?

10.

Оние кои знаат, на пример веќе спомнатите Еко (во „Kant and the Platytpus“, 2000) и Сонесон (во „Why the mirror is a sign – and why the television picture is no mirror“, 2003) го велат следното: Еко тврди дека телевизиската слика воопшто не е како другите слики туку повеќе е „синџир огледала што меѓусебно се репродуцираат“, дека телевизиската слика, како и телескопот или огледалото, се доживува како директен поглед во реалноста на која што може да и’ се верува! И ова особено кога станува збор за директните преноси на нештата, а вестите се (безмалу) токму тоа. И во тоа е силата на нашите куртон-медиуми.

Сонесон ова го дополнува со фактот дека модерните компјутерски техники се веќе толку софистицирани што и директниот пренос го прават лесно манипулативен и подложен на секакви модификации. И токму заради тоа на телевизиите има се’ помалку директни преноси а повеќе манипулации, дека телевизијата се’ повеќе се разликува од реалноста – на што македонската јавност е сведок десетина години! Впрочем, да се вратам на почетокот и пресот на Специјалното јавно обвинителство. Во т.н. куртон-медиуми, пресот во попладневните вести беше третиран со прилог од 40-50 секунди, за да на една телевизија веднаш по него се пласира анкета дека мнозинството граѓани не веруваат во СЈО; на друга телевизија поважна е поддршката на МАН за Латас отколку пресот на СЈО, којшто воопшто и го нема во главната најава на попладневните вести; уште една режимска телевизија смета дека е најважно да го пренесе ставот на проталот „Курир“ (?) … итн. „Медиумот е порака“, нели?

ОГЛЕДАЛЦЕ, ОГЛЕДАЛЦЕ

или

НПЛ (2)

4.

Ми фалеше констатацијата на Гелевски дека „цело време човек има впечаток дека станува збор за некаква грешка, збунка, дека кај и да е работите ќе се вратат во нормала, дека просто не е можно нешто толку лудо и искривено да трае повеќе од 24 часа“.

Ама, колку од оние 69% кои, наводно, а според „пресметките“ на Лилето-на-тато-Блаже, се нормални и не се зафатени од синдромот НПЛ, размислувале вака? Сите 69%? Да беше така, овие шарлатани одамна ќе ги немаше. И не ќе го изградеа ни нивното „монументално“ огледало на нарцисоидното пореметување на личноста среде градов. Да беше така, ова лудило навистина ќе траеше „една ноќ“, година-две преку сила! Ама не излезе така, нели?

Излезе дека многу повеќе од оние само 31% нарцисоидно пореметени личности маршираат зад нивниот водач и врхушката. Во македонската верзија на НПЛ филмот беа влезени, богами, многу поголем процент. И размафтани, богами, и со раце и со нозе, уривајќи се’ пред себе. Таа нарцисоидна фаланга можеби попатно се митареше низ годиниве, но јадрото остана нечепнато. И околу јадрото. Сите тие кои со својот глас ги донесоа на власт, а особено оние кои со кренатата рака или притиснатото копче за гласање низ државните институции им го продолжуваа животецот беден – во секоја смисла, освен финансиска, се разбира – се уште на куп, сплотени. Барем повеќето. И врескаат ко нездрави бранејќи го Големиот Нарцис и неговата играчка. Зашто без него, и без неа, и тие се готови. Капут, финито … И затоа сиот тој гнев, сиот тој пискот на немоќ и уличен вокабулар како оние на „Сител“ и „Канал 5“ неодамна, а ќе ги има се’ повеќе, од ден во ден, од месец во месец, се’ до конечниот слом. До конечното кршење на нарциосоидното огледалце коешто дефинитивно и неотповикливо ќе ги прикаже во вистинското светло. Затоа, ова е само почеток! Сега сите таложени девијантни пореметувања се концентрираат во супстрат на отворена омраза што (ќе) се искажува на различни начини, јавно и безкрупулозно, најбезобразно и уличарски, ко последна олош!

5.

Иако дефинитивно напукнато и со прилично заматена „слика“, нивното нарцисоидно огледало се’ уште (им) се чини дека дава беспрекорна проекција на она што сакаат да го видат, односно онака како што сакаат да се видат: сериозни, почитувани, интелектуалци, ценети, цитирани … И целата реалност да ја претстават како судир на две идеологии, на два начини на мислење, на две елити. Се разбира, од тоа нема ништо, ни „и“ од идеологија, ни „м“ од мислење, уште помалку од некаква елита. Веќе одамна е евидентно дека нивниот НПЛ синдром се темели на кримогено однесување, на фантазии и приказни за мали деца, на простаклук и шарлатанство. И тие веќе знаат дека светот знае, дека ние знаеме. Дека огледалото (сепак) го одразува само тоа што го „гледа“ – а тоа е, во нашиот случај, само и единствено грдата слика на нарциосоидни протуви, на ебиветри и шљам, на простаци и полуписмени вагабонти. Затоа и тој грч, таа омраза и бескрупулозност, тоа драње и навреди. Се’ со цел уште малку да потрае виртуелната слика!

Овие не го читаат Еко, дури не го ни знаат, претпоставувам. Инаку, би знаеле дека (според Еко), огледалото не сугерира / одразува содржина, туку само генерална идеја. На пример – човек. И можеби нивниот одраз во нарциосоидното огледало е човечки, ам не и хуман, уште помалку –  содржински. Тоа е само испразнета лушпа, глава без ум, форма без содржина. Беда без душа, или бездушна беда! И, за разлика од огледалото на Еко, нашево нарцисоидно огледалце во коешто секојдневно се огледува баграва има индексна вредност: кој и да застане пред него, ја отсликува целата булумента латасовци, мирки, ефтовци, груевци, хиповци, лигњи … Комплетна слика само преку еден лик!

6.

Од друга страна, Сонесон го побива Еко во некои елементи на неговите тврдења за огледалата. Особено во тврдењето на Еко дека огледалото не лаже. Ние сме жив пример дека огледалото лаже и дека Сонесон, во овој случај, е во право. Зашто нашево огледало излажа се’ по список, и дома и надвор, и лево и десно. И лаже толку години со ред, систематски, вдолж и попреку. И иако секој нормален човек знае дека нема совршено (нулта) огледало, оние наши 31% или колку веќе се, упорно веруваат во искривената, лажна слика што им го нуди нарцисоидното огледало на барабиве. Можеби подобро и не заслужиле?

НПЛ

1.

Неодамна прочитав фантастична, како за нас смислена дефиниција / дијагноза, скратено НПЛ, што би значело – „нарцисоидно пореметување на личноста“! Но, што е многу битно, велат дека може да се примени / припише на цело општество, а не само на поединци. Што ќе рече: општеството (преку водечките личности) доживува опсесивно самовосхитување, кое води кон целосно губење на чувството за морал и совест. Подобра дијагноза за нас одамна немам сретнато. Општество на нарциси, или нарцисоидно болно општество. Како тоа гордо звучи! И, велат, дека овој синдром е особено присутен во криминогените групации. Па, има ли нешто за нас посодветно? Ние опсесивно се самовосхитуваме дури и на неписменоста, неспособноста, простотилакот, па и криминалот (на)правен од врвот на државата, тоа за некои дури било нормално, а има и такви кои го сметаат за соодветен одговор на меѓународните „притисоци“! И сите други ќе пропаднеле, еве се веќе во фаза на распаѓање, и не само Вавилонскана да-не-кажам-што туку и САД. Само нарцисоидното самобендисано македонче ќе остане на Земјината топка. Пардон – плоча!

И ако ги погледнете само „водечките“ државни личности – мислам дека не морам да ги објаснувам наводниците кај зборот водечки – од Хорхета па надоле, ќе видите дека македонското општество дефинитивно болува од НПЛ. Сите општествени сегменти „горат“ од нарцисоидно пореметување на личноста, со екстензивно покачена температура, со особено „жешки“ кренати чела, со ококорени и зацрвенети очи, со агресивно однесување … дури и клоци и шамари се во игра … референтна слика и прилика на заболени луѓе. Нашево нарцисоидно пореметување стаса дури до Антиката, попат присвојувајќи се’ што стигна. Од потесното градско подрачје на Скопје, сега заразата (ќе) се шири накај античките зони на градот и неговиот пра-град Скупи! Ќе го средувале и него. Не знам дали ќе стасаат до Стоби и Хераклеа, ќе имаат ли време?

2.

Најтрагичното е што нема шанси за лекување зашто болеста е во поодмината фаза! Она што кај нас е, можеби, дискутабилно, е процентот на зафатеноста на општеството. Според последните пресметки на Лилето-на-тато-Блаже ние сепак сме биле се’ уште во „жолта фаза“ зашто само 31 процент од населението било зафатено со синдромот НПЛ. Останатите 69 проценти биле – здрави. Нормално, и таа и нејзините „зелени“, да не речам незрели, веројатно се самовбројуваат во здравите, односно во оние 69 проценти коишто, демек, го сочинувале здравото ткиво на државава.

Не знам кога оздравеа. И како. И не само тие, туку и уште едно чудо други, подеднакво незрели – да не речам зелени – кои десет години беа токму меѓу најзаболените, меѓу оние кои влетуваа директно во „црвената фаза“ на сплотеноста со нарцизмот на „врвот“, со подеднакви симптоми на пореметување до налудничавост. И Тито, и Пајо, и Столе … и цела булумента кои преку ноќ божем заздравеа, веројатно поткренати од „бомбите“ на опозицијата коишто навестија брза и дефинитивна но сепак кобна разврска на епидемијата наречена НПЛ. И дали заради епидемиолошките последици, ама заборавија на која страна беа, во кои проценти се самовбројуваа до пред година-две, за кого креваа нарцисоидна рака аминувајќи ги пореметените „политики“?

Ама сега тие ќе ги класифицирале другите, ќе им определувале кој каде е, и со кого е, и во кои и какви проценти спаѓа, дали боледува од НПЛ или може да се вброи во здравите сили на оваа нација.

3.

И знам дека на многумина овој синдром им е начин на живот. Тие поинаку не би опстојале. Спомнатите, секако. Или онаа Богатинова. Каде на друго место, во која друга средина таа би можела да се појавува на телевизија? Оттука, не сум баш сигурен во процентот што го кажува Лилето, процентот можеби е и поголем, ама сигурно не ги вбројува сите оние кои самите се сместуваат во него!

„Нарцисоидното пореметување на личноста“ како македонски општествен феномен завлезен во својата десета година направи пустош во македонското општество. Вкупниот ментален склоп на оваа нација е сериозно под знак прашање. Особено кога онакви како спомнатата булумента се обидуваат да не’ освестат каде сме сега, и каде сме биле. И не гледаат дека повторно запаѓаат во истиот синдром сметајќи се себеси за повикани да ни кажат што и како треба да правиме. Затоа, всушност, овој синдром го сметаат и за (речиси) неизлечив. Впрочем, ние, поправо – тие, му подигнаа и толкав споменик во центарот на Скопје во којшто секојдневно се огледуваат!

РЕСТАВРАЦИЈА

или

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ (10)

26.

Македонската култура и уметност немаат друга татковина. Тие можат и треба  да бидат регионално и европски интегрирани и глобално позиционирани, ама нивна автохтона почва била и ќе остане оваа држава. Затоа, не би требало да им биде сеедно – како што беше – што и како се случува во / со неа. И vice versa, како што не би требало на државата да и’ биде сеедно што и како се случува во / со нејзината култура и уметност. Како што е денес, и како што беше вчера и десет години наназад, кога државава, буквално, „ја заболе“ што и како се случува во културата и уметноста, кои ретроградни процеси се одвиваат, какви се’ тутурутки и шапшали се множат на културната и творечката сцена, паунесто глумејќи државни уметнички величини! Дури, во најголема мера, токму државата ги поттикнуваше овие медиокритетски процеси инсталирајќи свои малоумни возљубеници на раководни позиции долж и попреку македонската култура и уметност. И не само тоа, туку ги прогласуваше и за локални великани, ги наградуваше, радодајно им ги отвораше трезорите каде што овие ги полнеа бисагите, ги шеташе низ белиот свет не гледајќи дека освен срам назад не носат ништо друго!

Но тоа беше – таа држава! Новата држава, ако ја биде, се разбира, ќе мора сериозно да пристапи кон културна реставрација, буквално од првата буква на азбуката. Зашто, урнисано е се’, безмалу до темел. Иако Македонија никогаш не била особено културна земја (во широката лепеза на тоа значење!), а за што по правило сме наоѓале оправдувања во историските (не)прилики, сепак, низ изминатите седумдесетина години успеа да допре еден висок степен на културна свест, посакуван развој дури мерлив и споредлив во регионални рамки. За жал, од тоа ништо не остана, или остана само малку. Малку дух и малку волја, можеби. И малкумина подготвени да се зафатат со работа!

27.

Прашање е дали тоа е доволно за целосна обнова. За почеток – да, зашто и нема друг избор. Што е, тука е. За понатаму – не знам. Ќе се види колку и (по)младите се подготвени за уште еден почеток. Зашто ние нон-стоп како да почнуваме од нула. И потоа се враќаме кон нулата. Овој пат би требало да биде поинаку. Ако воопшто го биде!

Како и да е, не е едноставно да се крева буквално од пепел цела една култура. Објективно, можеби не знаеме што и како се случува(ло) низ сите  македонски институции зашто, практично, глас не им се слуш(н)а, како и да не постојат, но ако се цени според оние „поголемите“, „поважните“, состојбите се катастрофални. Не само во материјална туку и во секоја друга смисла. Зашто данокот на непрофесионалноста и неморалот, на расипништвото и криминалот (и) во културата го плаќаат токму институциите. Понатаму, фаворизирањето на неколкуте миленичиња на власта – шизофрени (не)дела на „големиот архитект“ – јаде(ше) најголем дел од културниот буџет. За другите остануваа трошки, ако воопшто нешто остануваше. Идната обнова ќе мора по список да ги бара сите ќилими и апарати, други движни и помалку движни предмети, сета непотребна роба купувана или увезувана според нечиј простачки ќеф, ќе мора да ги отвора сите архиви и депои и да се соочува со злосторствата, по азбучен ред. Голем дел од објектите, дури и „национални“, заличуваат на сенишни, напуштени места. Ако некој не верува, нека прошета до „Мала станица“! Некои други се во уште полоша состојба! Кадровската структура пак е на рамништето на „Македонски шуми“. И метафорички и фактички! Ништо подобра не е состојбата ни во Министерството за (не)култура. И од таму, впрочем, треба да тргне и возот на реставрацијата. Прво персоналната, па секоја друга, со ред. И таа реставрација мора да биде темелна, без пардон, без киксеви.

28.

Македонската култура мора прво да се расшрафи, демонтира целосно, да се исчисти од наталоженото „патриотско“ и „националистичко“ ѓубре и нивната празна фразеологија, па потоа одново да се монтира.

Едно чудо институции, особено новиве миленичиња на власта, просто плачат да бидат замандалени. И како концепт, и како реализација, и како програма, и како кадровски решенија! Тоа се само огромни машини за голтање пари и ништо друго. Не произведуваат ништо, освен срам, глупост и празни зборови! Споменици на една мегаломанска (не)културна свест. Добро би било паралелно да се подзатвори и некој од нивните (не само) идејни креатори, но тоа би била работа на г-ѓа Јанева, која би морала (час побргу) да вработи и еден спец-обвинител верзиран во културни злосторства.

Новата културна реставрација би подразбирала и ослободување од сите напластени административни небулози, омилени на „патриотиве“ а изразени низ формата на стратегии и тактики, закони и насоки, практики „политики“ … Сето тоа може ѓутуре да оди во ѓубре, дури и без второ гледање зашто, гарантирано, просто вреска од идиотштина. Таква судбина мора да доживеат и едно чудо профитерски фирми и фирмичиња, некои маскирани и како самонаречени невладини организации, што беа закачени на цицката на Министерството за (не)култура толку години со ред. Но со нив, прво, би требало да се позабави некој од тимот на г-ѓа Јанева. Има зошто!

Веќе тие први чекори би создале поповолна културна клима, нова благопријатна атмосфера за толку неопходен нов културен подем. И понатаму, политиката – новата македонска демократска политика – може многу да и’ помогне на идната реставрација на македонската култура. Но може многу и да одмогне. Зависи од многу фактори, а пред се’ од подготвеноста на политиката да и’ отстапи место на стручноста и професионалноста во оваа област.