Category Archives: Уметност

СТАОРЦИ НА ПОБЕДИТЕ

Ловот во матно нема овде да застане. Сезоната на овој вид лов кај нас е отворена 24/7, 365 дена во годината. Се отвори уште во 2006 година со доаѓањето на онаа политикантска багра обединета во злосторничко здружение (иако има и своја предисторија) и – трае до денес. Независно од избори вакви или онакви, нечии победи вакви или поинакви … Баграта секогаш лови во матно, тоа и’ е начин на преживување во овие краишта, а ние се правиме дека не гледаме. Не знам зошто, тоа ми останува една од најголемите мистерии во нашево современо живеење, тоа вртење на главата во спротивен правец, тоа правење на триипол, тоа „мочање од високо“ – демек ние сме над таквите приземни нешта! – онака во стилот на оној „јачи смо од судбине“ и слични примитивни глупости. Као: тоа се изолирани два-три случаи, па нека се и десет, па што ако некоја нова, или стара, бараба земе три-четири илјади денари повеќе на име незаслужена плата, та светот, уште помалку Северна Македонија нема да пропадне од тоа, итн. Све нешто хуманисти, човекољупци, типови „не замери се“ … као да барабите ни се браќа и сестри, којзнае каков род … па и да се’, бараби се бараби и зошто ние би требало нешто да им прогледуваме низ прсти? Особено ако тоа „нешто“ е незаслужено, украдено, ушиќарено, како што беше впрочем и претходно направено со барем половина од платите во културата? Ама ние сме као галантни, ние ни не сакаме да видиме како Европа ги решава работите, ама сакаме да бидеме дел од неа. Можеби мислиме дека таму уште полесно ќе ни одат шмеќерлаците зашто европјаните се по правило глупи и наивни и ние ќе си тераме по свое? Цели шест месеци ние не можеме на еден докажан и осуден криминалец, водач на злосторничка банда, да му го земеме пратеничкиот мандат. Сега – бил неоправдано отсутен! Не можеме ни на Интерпол да го објавиме. А Курц ги чисти криминалците за 24 часа!!! Замислете австрискиот „случај“ да се десеше кај нас. Тоа ќе беше вистинска политикантска драма за цела една театарска сезона. Хит!

Е сега, кога не можеме да го решиме ни водачот на бандата, зошто би ги решавале неговите ситни потрчковци во земјава, онаа боранија заостаната низ институциите на системот, сите оние стаорци научени токму да ловат во матно, да лажат, да измислуваат се’ што треба за да и понатаму уживаат во незаработеното, во незаслуженото? А во секоја институција ги има барем десетина, ако не и повеќе, секогаш спремни во спрега со заостанатите партократски директорски миленичиња да се впуштат во минхаузеновски враголии за лична корист. И ние пак ќе ја вртиме главата по принципот „ајде сега кој ќе се расправа за тоа“, „па тие ни се коалициски партнери“ итн.

А македонската култура, елаборирано е, одамна страда токму од таквите бирократско административни стаорци залегнати во институциите кои го грицкаат буџетот од сите страни по малку, од секого по нешто, а во своја полза наречена месечна плата (и други привилегии) кои по правило ни половината не ги заработуваат. Не знаат, не умеат, неспособни се, ама секогаш победуваат, сите победи се – нивни! Таквите бирократски бараби измислија дека дури и правникот може да биде конзерватор-советник, па и да има повисока плата од стручните конзерватори! Тие стаорци смислија дека секретарот може да е раководител и со поголема плата од уметник-првенец. И културата секогаш молчеше, односно беше замолчувана токму од таквите стаорци во службата на сите власти. Молчи и сега кога повторно се игра истиот неквалификуван циркус, кога разноразни бирократски бараби, сега затечени од т.н. нивелација, повторно се престројуваат во „стручњаци“ без кои што институцијата не може да функционира. И културата повторно молчи, сега заедно и со Синдикатот кој фактички и се избори за добивањето на повисоките плати за носителите во културните дејности. Која што, нели, тие носители тешко ја добиваат. А кај барабите оди лесно, тие не се помируватат дека повеќе не се „раководители“, дека не се „стручњаци“ и дека дејноста ќе функционира и без нив? Никако. Тие и понатаму „копаат“, „работат“. А Синдикатот како да водеше битки за нивно добро, зашто тие, повторно, се победниците!

Знам дека многумина во оваа држава, дури, се осмелувам да речам еден огромен дел, денес би сакал некако да се ослободи од неодамнешното минато, она на злосторничкото здружение и неговите „политики“. А со тоа и од своето учество во истото, својот колаборационизам, сопствениот срам. И би направиле се’, дури и би платиле многу за тоа да се случи. Што е невозможно, се разбира, не само заради фактот што постојат будали (вклучувајќи се тука и себеси, се разбира) кои постојано потсетуваат на блиското минато, туку и заради фактот што, навистина, историјата – памети. Колку и да ја бришеме, манипулираме, сечеме и лепиме, таа ќе остане тука, меѓу нас. Ќе останат и оние кои добро профитираа од тоа време-невреме, а сакаат и сега да профитираат сметајќи на нашата индиферентност, заборавност, помирливост, човечност, некои велат и – глупост. И токму затоа денес Синдикатот, ама не само тој туку целата културата, не смее да дозволи барабите повторно да се проврат низ главата на иглата. Нека е и еден случај на „украдена плата“, на незаконско покачување, на нивелирање на административни места (правник, секретар, сметководител, благајник, потрчко на директорот …), на (веќе) препознатлива глума на носители на дејност и шверцување на тој начин за повисока плата. Од таквите, веќе – преку глава. Ако пак Синдикатот не умее ни за тоа да се избори, како што се’ повеќе покажува дека не умее ни многу други работи, особено да си избере сериозни и посветени претставници, тогаш нека си одат дома и нека им ја препуштат борбата на други, не можеби поспособни но посмели, поитри, поагресивни, па ако сакате и поумни. Ако Синдикатот, па и целата култура, и сега се поистовети со некаква политикантска партија и почне да го игра орото на компромис – нема крај. А орото е веќе почнато, луѓето се фатиле во него, секој со различни очекувања.

И, колку да појаснам: лично немам ама баш никакви очекувања ни од Синдикатот, уште помалку од нивелацијата. Повеќе од петнаесет години не побарав унапредување во (одамна заслужено) стручно звање за да не им дозволам на партиските апаратчици и нивните „стручни“ идиоти-пулени да си играат со мојот труд. Тоа не го барам и денес, ама гледам / слушам дека разноразни бараби укинуваат звања по институциите, допишуваат систематизации, партиски директорчиња трчкаат на релацијата институција – Министерство за да на своите одамна укиселени полтрончиња им обезбедат некоја илјадарка повеќе. И тоа го толерира и Синдикатот, ама и Министерството! И во двата фактори, изгледа, повторно оро водат мувлосани „коалициски“ стаорци. До кога, извинете, ќе одговори ли некој?

ОПЕРАЦИЈА НА ОКО

Насловот, се разбира, е парафраза на исказот на Бобан „Авалон“ Милошевски за третманот на културата (како вредност) во државава, не само сега туку во децениски континуитет. И е посебно актуелен денес, во екот на потрагата по нив министер за култура како следен во редот да се зафати со сложената „операција на око“ без еден ден претходно искуство во областа. Чудењето на Милошевски за тоа како некомпетентни поединци од профилот на еден Асаф се нафаќаат „да оперираат“ таков сложен механизам каков што е културата – или „окото“, сеедно – не е само негово туку е веќе општо место и задира во самата суштина на моиве (знам, залудни) написи за нашите вредности, особено (не)културните. Зашто ако токму одговорниот за тие вредности, токму министерот за култура, минат или иден, нема ама баш никакви допирни точки не само со културата во потесната смисла на зборот туку токму со културата како темелна вредност на државата, тогаш сите наши разговори се passe. А компарацијата на Милошевски со окото е вистинската, зашто ако една држава добива „поглед“ во минатото, сегашноста и особено иднината, тоа е преку културата. Токму таа е „окото“ на државата, на народот, на системот. И фактот што ние особено во изминатава деценија бевме слепи при очи, што разноразни бараби не’ дефокусираа(т) или ни одредуваа(т) погрешна диоптрија е причината што стасавме на ова дереџе. Нашата целосна партизација, вон секоја логика и ум, направи поделби не само во владините ресори, онака – за вечност, туку и во институциите во културата, па денес точно се знае која институција (национална и локална) кому му припаѓа, повторно онака – за вечност! И тука воопшто не е битно дали дотичната партија има соодветен кадар за тоа место, дали дотичната персона е кадарна за изведбата на зададената „операција на око“. Битно е да се спроведе договореното и да се задоволат суетите. И апетитите. Таквиот „систем“ и сега, еве дури и за овие нецели две години, ги покажа „резултатите“. А тој „систем“ држи во заложништво цели ресори, па и целата држава, на (пре)долг рок.

Логиката на вредноста нема ама баш никакви допирни точки со таков „систем“. Таму таа „не игра“, и не може да игра. Затоа и резултатите се такви какви што се. Затоа и министеротот Манчевски неодамна ја соопшти јавно констатацијата која „тајно“ сите ја знае(в)ме веќе цела деценија: дека ние немаме компетентни луѓе во „системот“ за сериозни преговори за членство во ЕУ. Ние, дапаче, немаме компетентни поединци, особено партиски и особено денес, како и вчера, дури ни за некаква замислена балканска културна трка. А и како би имале, ве молам, со оваа македонска партократска „логика“? Ако државниот апарат, системот, е единственото мени за задоволувањето на (проверено) незаситите партиски апетити, тогаш од таа држава не останува ништо освен трошки. А и тие ќе ги изедат, кога-тогаш. Некомпетентна администрација не може да произведе / сервиса компетентен систем, па следствено некомпетентен систем не може да произведе нови вредности. Не може дури ни да се носи со оние „старите’, со трајните, што беше очигледно токму во толку често спомнуваното „Скопје 2014“. А ќе го спомнуваме уште многу, многу долго зашто тој монструм се трансформираше во симбол на некомпетентна, партизирана, политизирана, неука и дефинитивно заробена држава. А во такви држави има една и само една вредност: „вредноста“ на владетелот, на окупаторот, неговите / нивните „критериуми“, нивните „стандарди“, нивните „поимања“ за државни вредности. И со нив се’ уште (божем) се справуваме, односно не се справуваме. Што ќе рече дека ги профаќаме нивните (не)вредности? Не, во тоа се’ уште не верувам, но состојбите денес односно нашето нечинење токму во насоката на нашите (проверени) вредности говори за некаква чудна, необјаснива индиферентност, за рамнодушност кон се’ што значело и значи културен континуитет во оваа држава, барем од 1945 година наваму. И мислам дека наведов доволно примери за тоа. А ги има дури премногу за една ситуација која себеси сака да се види како нова, демократска, компетентна, проевропска … културна!

Како и да е’, само пред некој ден, најголемата културна мрежа во Европа наречена Culture Action Europe упати писмо до претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, потсетувајќи го дека „културата е темелот на она што сме како човечки суштества и на нашиот заеднички живот“. Притоа, го потсетуваат Туск деке токму Римската декларација (2017) се обврзува да гради таква Европа „каде граѓаните имат нови можности за културен и социјален развој“ односно „Унија која го чува нашето културно наследство и промовира културна различност“. И поентата, секако, цели на ЕУ самитот на  Заедницата во Сибиу (Романија), и вели: „да ја направиме културата интегрален дел од иднината на Европа во Сибиу“!

Каде сме ние во едни вакви процеси – не знам, односно знам, ама не сакам да кажам. Можеби некому ова ќе му звучи премногу песимистички. Ама, дали ова звучи пооптимистички: една вест – можеби е лажна, не знам – вели дека за нов министер за култура во игра е дури и пуфлата! Зошто? Па заради нејзините „заслуги“ во прифаќањето на „Преспанскиот договор“. Само што, мислам, има еден проблем: таа нема врса со операција на око, таа е „стручњак“ за операција на мозок!!!

ПРОСТОТИЈАТА КАКО ПРОЦЕС

И бидејќи ја отворив и темата за простотилакот: тој, имено, не се добива со раѓање, не се наследува, не е заразен односно не се стекнува преку контакт со „заразена“ особа … Иако знае да биде заразен, се согласувам. Особено во државни рамки. Не е дури ни генетски пренослив, иако „се движи“, барем во почетокот, во рамките на семејството. Во суштина, простотилакот е индивидуална „болест“, а најчесто се добива во раната возраст. И за таа „болест“ (иако, за среќа, не е терминална) нема лек, а нема ни вакцина, па следствено нема ни кој да тргува со неа! Или, замислете, министерчено да прогласи дека во прво одделение нема да се запишуваат простаци?! Ама може да се бираат за претеседател на држава, како се’ уште актуелниот, па следствено и да конкурираат за тоа место, како неговата колешка! Односно – лек има, ама ние како да не го знаеме, или не сакаме да го знаеме. Иако лекот е секогаш прирака, чини безмалу „само 10 денари“ – така барем велат постарите – ама треба да знаеш да го најдеш. Истото важи и за државата, односно исклучиво важи за неа: таа е лекот, и таа е единствениот чинител во елиминирањето на простотилакот во нејзините рамки. Ако сака, се разбира, и ако умее да се справи со тоа. А простотилакот е рак-раната на оваа држава, особено на оваа администрација наследена токму од самиот извор на „болеста“: од остатоците на администрацијата на Будимпештанскион криминалец и простакон од Водно се’ уште камуфлиран во претседател на оваа гревче држава. Впрочем, што е она што така беневолентно го нарекуваме со неутрален израз „Скопје 2014“ ако не – простотилак на дело? (Криминалот таму доаѓа апостериори!). Понатаму, тој ординарен простотилак се прелеа како некаква скапоценост, како „вредност“ и во државните / националните институции особено преку директорскиот кадар (патем, дел од нив се’ уште си седат во фотелјите!), овие како дванаесетгодишна епидемија го раширија низ сите пори на институциите, и ете ви – пандемија! И тоа со кумулативно и непредвидливо дејство. Ако ние ни тоа не го гледаме, ништо не гледаме. Што пак станува наше секојдневие. А таа пандемија на простотилак најчество ги вклучува оние суштествени „додадени вредности“ на културата: граѓанската, стручната односно професионалната, колегијалната култура … итн. Целата македонска државна администрација – со чесни исклучоци, се разбира – е еден простотилак во континуитет, но и во дополнителен подем. Или, ако сакате, сите актуелни случаи со кои што сега се бави Антикорупциската комисија се случаи на простотилак!

Токму затоа битката против простотијата требаше да биде приоритет на оваа Влада тоест барем еден дел од граѓаните тоа го очекуваа од неа. Фијаското на тој план е фијаско на линијата на културните вредности. Ок, нека биде дека „големата слика“ беше приоритет, ама ако таа голема слика се вика ЕУ, плус НАТО, тогаш простотилакот токму заради тоа требаше да добие првенство! Или, апропо актуелниот Саем на книгата и поразителната статистика дека, наспроти оние грдни пари што секоја година се излеваат од буџетот на Министерството за култура за издавање книги во Македонија, во текот на годината граѓаните читаат 0,8 книги по глава, што ќе рече ни една цела книга годишно? Има ли подобар показател за нашиот простотилак, за нашиот растечки некултурен индекс кој што безмалу во сите културни дејности е близок до нулата? Добро, книгата и читањето повеќе во минатото биле на чело на листа на општи културни вредности, денес тоа можеби е филмот, или визуелните уметности, или можеби театарот. Ама ние и таму (статистички) стоиме очајно иако и во тие сегменти се истураат едно чудо средства за македонските „творци“. Кога во нашите (идни) пристапни преговори со ЕУ некој би ни ги сервирал статистичките показатели за нашата партиципативност во културата и потоа би ни ги покажал европските, преговорите би завршиле уште пред да започнат. Не можете а да не се стаписате пред информациите кои денешната реалност секојдневно, речиси минутно ви ги сервира и разликата во перцепциите, во визурите, во реалноста помеѓу нас и таа Европа. Додека германската министерка за култура неодамна бараше зголемување на културниот буџет за цели 353 милиони долари односно 23% во однос на претходниот, а веќе од 2013 година, од кога е на таа функција го зголемила истиот за цели 38%, што мислите, што правеше наш Асаф? Ништо, се разбира. Е па тука е разликата, ама ако сакате да ја видите! Иако, некогаш и неправењето е подобро од она што го правеше пуфлата, на пример, и нејзиниот шеф, односно простачки не’ убедуваа дека култура било и дивото и незаконско подигање споменици, уништувањето на културното наследство, државното чистење на „уметничките“ ателјеа од наталоженото ѓубре во нив и неговото сместување во државни институции, издавањето „светски“ едиции потоа сместувани по разни подруми итн.

ПОГРЕШНИ ПОРАКИ

Можеби кај нас власта, која и да е’, не разбира дека секој нејзин потег, секоја одлука, иницијатива, закон особено, значи воведување, или промена, на одредени (културни) вредности. Ако тоа не го знае – не треба да биде власт, дури ни во оваа држава. Зашто, на пример, во контекстот на мултипродолжениот викенд наречен Велигденски празници (а за што приватно немам ништо против, дапаче!) одлуките за државните празници се – вредност, а во таа насока сосема е нејасно од каде во една мултиетничка односно мултиконфесионална држава, каде религијата е одвоена од државата, се воведуваат религиозни државни празници? Односно, оваа власт истите ги наследи, како и многу други глупости, ама изгледа и’ се видоа функционални и не покажува тенденција дека сака од нив да се ослободи! Зошто? Е’ ли оваа власт навистина религиозна, а социјалдемократијата не би требало да биде таква, односно има ли власта точни податоци колкумина од нејзините поддржувачи, што ќе рече гласачи, се навистина верници на кои што овие празници нешто им значат? Нема, се разбира. Тогаш, кому се наменети овие „празници“? На верниците? Ама нели државата е одвоена од верата?! Ако верниците сакаат нека си ги празнуваат, никој не треба / не смее да им пречи, ама тоа ќе биде после работното време, нели?  Или кај нас законите континуирано се посилни од Уставот зашто некој сака „мир“ со т.н. верски заедници? А во спротивно ќе има – што? Немир? Ма није ваљда, велат Србите. Кој и каков „немир“, ве молам? Имаме ли ние воопшто истражување колкав број од населението се верници, наспроти атеистите? Немаме, иако и да имаме, дури ни тоа не би бил којзнае каков аргумент за државното празнување на мали и големи богородици, на бајрами и курбан-бајрами … а особено и заради фактот што меѓу тие државни религиозни празници немате ниеден, ниту еден, што припаѓа на некоја друга религија, да речеме хиндуизмот, јудаизмот … – а има кај нас граѓани и со такви верувања – или некој религиозен празник на Ескимите (зашто јас, од ФБ познавам барем два-тројца ескими во Македонија, вклучувајќи се и себеси!) итн. Оттука, религијата дефинитивно е културна вредност, ама не и во поглед на државното значење односно празнување зашто, прво, е спротивно на Уставот, и второ, врши дискриминација односно сегрегација на религиозна основа.

Или, ако баш сакате, земете го случајот со невакцинираните деца, кој што прераснува – со волја и по инсистирање на министерчено за профит – во контрадикторен случај пар екселанс. На пример, според него – а кога доктор ти коментира законодавство тоа секогаш е класична идиотштина – испаѓа дека некои закончиња се посилни и од Уставот кој што вели дека основното и средното образование се задолжителни. Ама не се – ако немате вакцинален картон кој што го бара човечено, контра Уставот. И никој нема коментар: дури ни државниот правобранител, заради дискриминацијата и сегрегацијата на толку невакцинирани дечиња?

Што, имено, во случаиве, порачува власта? Порачува дека религијата е одвоена од државата, ама и не е кога се однесува до празниците. Порачува дека образованието (основно и средно) е задолжително, ама не е ако тоа го посака некој министер, а во интерес на велепрофитните фармаколошки компании. Зашто Уставот, извинете, не прави ама баш никаква разлика во поглед на условите на исполнувањето на таа одредба односно не вели дека тоа не важи во случај на (форсирани) епидемии и слични нешта. Или, ако баш сакате, ако Уставот вели дека „темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се (алинеа 1) „основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со уаставо“, тогаш – што? А член 44 алинеа 1 од истиот Устав тврди дека „Секој има право на образование“, значи без исклучок, плус дека (алинеа 2) „Образованието е достапно на секого под еднакви услови“, тогаш – која и каква е пораката на власта преку министерчето? Дека тој / тие одлучуваат што значат „достапни“ и „еднакви услови“? Ако вака екстензивно почнеме да го толкуваме Уставот, особено во доменот на основните човекови права, каде ќе стасаме, и ние и оваа власт? И, бидејќи се избори, и бидејќи во РСМ има околу 50.000 таканаречени „антиваксери“, што мисли власта дека ќе се случи во вториот круг на претседателските избори? Или, како и обично, кај нас законите се над Уставот?

Но, да не заличам и јас на „Лејди Гога“ (Кокаланов) во однос на правото и правдата, ама ако јас, како тотален дудук за правото можам да ги видам овие нешта, замислете што се’ може да согледа сериозен правник. Но, понатаму, а бидејќи веќе ја спомнав „Лејди Гога“, уште еден пример на целосно неадекватно толкување на нашите културни вредности е третманот на т.н. „Шарена револуција“ во претседателските изборни препукувања. Зашто, ако Македонија во последниве којзнае колку децении имала сериозен, автентичен културен производ кој светот го признал како таков, тоа без поговор е – „Шарената револуција“. И навистина зачудува потценувачкиот, дури понижувачкиот став на едниот од претседателските кандидати кон ова (културно) движење. Зошто? Зашто таа не била дел од тоа движење, зашто не умеела да ги препознае неговите вредности, зашто тоа се измолкнувало од нејзините (сепак) ограничени светогледи (барем во културна смисла) … ? Таков гаф – што е несоодветен збор, зашто всушност станува збор за типично (македонско) академско игнорирање на она што не се разбира – е неспоив со еден универзитетски професор, а особено таков кој пледира на функцијата претседател на држава. А нејзиното одбивање да се сретне со претставниците на „Шарената револуција“ е простаклук пар екселанс, што ќе ја чини „госпожата“ барем неколку десетици илјади гласови! Зашто, повторно, ние лично можеме да мислиме за тоа движење што и како сакаме, ама нашето (лично) мислење не е секогаш релевантно. Да се разбереме: „Шарената револуција“ е културен „проблем“, паралелно со сите други негови атрибути, особено политички. Тоа движење, имено, започна како граѓански отпор контра тогашната власт, полека прерасна во културно движење, но заврши (и) како политички отпор преку вклучувањето на опозициските политички партии (главно СДСМ), што не го сметам за негативно. Ама, ако сте запнале да ги негирате придобивките (глупав збор!) од „Шарената револуција“, ако навистина го немате тој битен сенс да одделите што е што, што е вистина а што лага – а „Шарената револуција“ беше дефинитивна вистина, и вредност – тогаш навистина немате право да говорите ни за право и правда!

ИГРА НА ВРЕДНОСТИ

Знам, некој, можеби и со право, ќе приговори дека сега не е баш време за вакви муабети, дека сме само на неколку дена пред гласање, ама – што врска има тоа? И знам дека сум се фатил како слеп за стап за таа култура и тие културни вредности, ама: нели луѓето, гласачите, треба да знаат за кои и какви културни вредности се залагаат претседателските кандидати? Кои се нивните вредности, кои се нивните културни опции? ЕУ, НАТО, правна држава? Па тоа, извинете, ќе си дојде само по себе, благодарејќи (прво) на актуелните политики, и второ, како притисок од меѓународната заедница, а не по нивна заслуга. Што ли пак токму тие ќе допринесат во тоа? Ништо, зеро, нула, ама ќе се „возат“ на нечии заслуги. Зборот ми е: ние – а тука ги вбројувам и партиите – како да не сакаме да препознаеме вредност, квалитет, нешто што отскокнува од оваа (мизерна) средина. Зашто, видете, ни госпожана навистина ќе воведе правна држава, ниту пак господинов ќе не’ одведе во НАТО и ЕУ. Тоа ќе го направат некои други! Ама, од друга страна, дали навистина е размислено за оние, како што читаме, ордени со имињата на некои македонски претседатели? Е’? Добро, ама смее ли да се праша – за што? Односно, ајде да речеме дека е разбирливо за првиот претседател на РМ, ама за што ние би вовеле орден со името на оној претседател кој тоа стана само заради една реченица, која понатаму го промовираше за претседателски кандидат на едно малку постаро злосторничко здружение, со слична провениенција како и она после него? Направена ли е сериозна анализа на ваквиот предлог, сосе опцијата колку гласови ќе бидат загубени заради оваа (најблаго речено) чудна изјава / одлука? Разбираме ли дека востановувањето на орден значи и востановување на – национална вредност? А во случајов – за што? Заради самиот факт што некој, во едно време, а со помош на едно криминално здружение, станал претседател на држава? Па малку ли привилегии добива неговото семејство за тоа? Или некој (денес) не (сака да) мисли така, бидејќи сега шефот на таа тогашна криминална групација ни е божем некаков коалициски „пријател“, пајташ, значаен чоек, што ли е, господ ќе го знае? Извинете, ве молам, ама навистина не е до претседателот на државата да си воведува ордени на едикојси на кои им служел во кабинетот!

Или, извинете, она простачко кокетирање со потенцијалната мажачка за Албанец? Па ве молам, за што се кандидирате вие, „Гога“, за директор на селска задруга, за претседател на управен одбор на некоја културна манифестација? И во што треба да не’ убеди вашата потенцијална мажачка: во некаква вредност? Заради тоа ли ние издвојуваме цели 3 милиони за вашата налудничава кампања?  Сакам да кажам, на пример: барем спомнете ја, обајцата, девојкана / женана (Ана Чоловиќ-Лешоска) која баш сега доби престижна меѓународна награда бидејќи со своите дела го „спасила“ Маврово и балканскиот рис, „фатете се“ за неа, качете ја на бина, препознајте барем еднаш вистинска вредност! И се разбира, има уште многу луѓе во македонската култура, од македонската уметност кои можеле да бидат центарот на вашата кампања, а не ордени со октроирани „претседатели“ или приватни пикантерии кој со кого сакал да се мажи.

Но, проблемот е токму во разбирањето на луѓето кај нас дека секој, и буквално секој во оваа држава – а особено државата сама по себе олицетворена во нејзините највисоки „демократски“ органи – има право на секаква глупост, па и на најголемата: предлагање на ордени, подигање на споменици, именување на училишта и улици со (главно) случајни луѓе итн. А кога граѓаните гледаат дека нема критериуми, дека се’ е дозволено, дека секој може да донесува (конечни) неаргументирани судови, тогаш ја започнуваме играта без граници наречена „Игра на вредности“. И таа игра нема правила, нема судии, нема ни почеток ниту крај. Се’ поминува, важно е да се игра. Ама дали е баш така?

Ние, изгледа, навистина мислиме дека „улицата“ ги формира културните вредности. Ама тоа не е така. „Улицата“ само сака тоа да биде така, односно секој од нас да си формира свој вредносен систем според кој што ќе се раководи. И тоа е’ така, ама на лично рамниште, не на државно. Кога ќе ги помешаме личните и државните тогаш веќе немате држава туку имате – улица, односно „улица“, што се сведува на исто. И препознавајќи го токму овој актуелен „поглед на вредностите“, баш „улицата“ се натпреварува што и кого да промовира како неприкосновена (културна) вреност во државава. Затоа, впрочем, и имаме такви ексцеси – кои што, патем, малкумина ги забележуваат – поединци да формираат јавно мислење, да прогласуваат (главно лажни) вредности. На пример, денес е во оптек една сосема лична но финансирана со државни пари идеја дека, на пример, еден уметник е, ни мање ни више туку „… најголемот и најважниот македонски уметник на дваесеттиот век“. Just like that! Ама затоа, како контратеза, еден друг „стручњак“ тврди дека еден друг уметник „се смета за еден од најголемите живи балкански сликари“. Извинете „стручњаци“, ама дали уметноста е некаква трка на 100, 200, 400 метри … или можеби на 1.500 метри, ама ние тоа не сме го знаеле? Како што, впрочем, еден македонски „новинар“, токму за велигденските празници, ни ја прогласи новоизградената црква на Плаошник за најубав македонски храм! Она чудо(виште) на Плаошник, наспроти Св. Софија, Св. Климент, Св. Наум, Курбиново, Нарези … ! Но тоа е кога државата нема мерка, нема усул, нема критериум; тогаш и граѓаните се чувствуваат (само)повикани да лицитираат, да гласноговорат, дури да промовираат културни вредности.

ЈУДИНИ СРЕБРЕНИЦИ

Бидејќи веќе ја спомнав МАНУ во контекстот на институциите кои што, по дефиниција, (треба да) почитуваат но и да градат, да предлагаат културни вредности, неизбежен пример за тоа е нејзината фамозна Македонска енциклопедија како епохално издание на глупоста и новиот „систем“ на не-вредности кај нас. Среќа, велат, истиот сепак не заживеа онака како што требаше, иако сите – повеќе или помалку – ја имаме дома, во една или во друга форма, најчесто електронска. Што ќе рече, системот на глупоста и неговите мецени секогаш си го наоѓаат местото меѓу публиката! Оваа системска идиотштина беше клепана долги години и со огромни државни пари делени шаком и капом од бескрупулознион и со сите бои премачкан мазен „академик“ кој си ја додели улогата на врвен цензор на македонсиот вредносен систем, а останатите мануковци молчеа (пот)купени со хонорарите што тој им ги поттурнуваше како јудини сребреници. И целата работа помина така како што помина: и волкот сит и овците мануковци на број. Божем изданието повлечено, никому ништо, извинете – се шегувавме, остануваме на енциклопедиските темели што уште одамна ги воспостави омразениот им комунистички ум на кој што овие безумниве не му се ни до колената. Новиов македонски „систем“ навистина беше нов, иако не беше систем, уште помалку беше систем на вредности. Тој „систем“ ни покажа и ни докажа на кој степен се наоѓа научната и културната мисла во државава, а ни ги потврди и старите вистини за нашето недоразвиено чувство за државност, за култура, за вредност. И коруптивност, се разбира.

Така се создава нов систем на вредности во држави како нашата, ама затоа и таквите држави немаат цена на светската цивилизациска берза. Односно имаат – токму триесет јудини сребреници!

Но шарената лажга наречена Македонска енциклопедија беше всушност дел од една поголема, покрупна, безмалу милениумска државна измама наречена „Скопје 2014“ како државен проект за октроиран систем на нови културни „вредности“ директно од партиското и државното седиште на група измамници и – подоцна се виде – злосторници односно криминалци. Тој државен „проект“ требаше да ни покаже, и докаже, кои всушност сме, од каде доаѓаме, каде треба да одиме, кои се нашите вистински културни вредности, која е нашата дотогаш криена историја и кои се нејзините првенци. И ни покажа, иако не ни докажа. И не’ чинеше (се’ уште) недоброени пари, засега велат околу 600 милиони евра, ама сигурно и повеќе. Не се знае (се’ уште) ни колку од тие пари навистина отидоа на покажувањето а колку во џебовите и странските сметки на докажувачите. „Проектот“ ни го навестија со една смешна видео презентација покажувајќи ни ги главните столбови на тој нов „систем“. И повторно – цела држава одмолча. Сите, од МАНУ, преку Универзитетот односно универзитетите, до македонската интелектуална јавност. „Сви ником поникоше …“ што би рекол соседон Вучиќ, или едикојси. Одреагираа (немоќни) поединци и на тоа заврши „јавната расправа“ за милениумскиот „проект“ за ремоделирање на вредностите на македончето. Станавме резил пред светот, ама кој кај нас за тоа бере гајле, нели? Не дека за дел од понудените вредности немавме веќе сознанија, ама тие требаа да бидат кулисите зад кои што ќе заиграат оние другине, помалку вреднине или целосно невреднине.

Но ние ни за тоа немаме решение. Еве, се покажува и денес, зашто целиот „нов систем“ е се’ уште меѓу нас. Актуелнана „Ќе те прашам бабо, право да ми кажеш“ не е ништо друго туку само еден од многуте рецидиви на таа милениумска измама! Ама зарем главниот актер во песната не си седи се’ уште на бронзениот коњ во Кисела вода и никого не го боли глава за тоа? А толку галама се крена околу една песна (за која што, мора да се каже, современиците од тие времиња велат дека била популарна и се пеела меѓу народот!). Но ние не умееме ни таквите нешта научно, со фактологија и аргументи да ги разрешиме. А рецидивите допрва ќе ни тропаат на (отворена) врата!

Како и да е’, она што злосторничкото здружение лесно го разбра и го спроведе во дело е фактот дека на овој неук народ можеш да му продадеш се’ – од рог за свеќа до квази-историја за наука. И дека никој нема да писне. Оние кои евентуално би можеле да кажат збор-два – онаа негова таканаречена интелектуална и политичка елита – се купуваат за триесетина сребреници. Го разбраа и тоа дека токму државата, па нека се и криминалци во нејзино име, е единствената надлежна за продавање вредности, дури и во форма на кич од типот на „Скопје 2014“. Зашто, токму сиот кич од тоа „Скопје 2014“ ги возбуди заспаните националистички духови меѓу македончето, им го поткрена адреналинот па оди сега прибери ги.

„НОВИ“ ВРЕДНОСТИ?

Многумина денес сметаат дека „културниот систем“ се соочува со криза на легитимитетот. Ова го признаваат дури и во културно најразвиените земји, односно – особено тие. На пример Велика Британија каде што, велат, се се’ поочигледни: јазот / расцепот во државниот систем на финансирање (Arts Council England и Министерството за култура), радикалните буџетски кратења на нивото на локалната управа, панични тетеравења во инаку цврстото институционално функционирање итн. Познавачите (на пример Џон Холден) велат дека ова не е ништо ново туку трае веќе триесетина години односно дека политиката континуирано се мачи но не успева ефикасно да ја разбере културата. (Дури, како куриозитет, Департманот за култура, медиуми и спорт на Велика Британија јавно признава дека „не постои официјална владина дефиниција за културата“. Се разбира, тие пропуштиле да не прашаат нас како најумни во светот, зашто ние ова го дефиниравме уште во 1998 година во монструмчето наречено Закон за културата!).

А ова не(до)разбирање помеѓу политиката и културата ни е нам итекако блиско. Ние дури немаме ни криза зашто никогаш и не сме имале нормален однос помеѓу културата и политиката. Најмалку денес. Што е тоа што политичарите не го разбираат? Не знам, тоа сепак треба да го одговорат политичарите, ама мислам дека еден од можните одговори е – апстрактното мислење. Или, прво, културата, за разлика од, на пример, здравството или образованието, е премногу хетерогена и се бави со предолги и прекомплицирани дефиниции. Како на пример: културата е комплексен систем на значења и однесувања кои што го дефинираат начинот на живот на општеството; таа практично ги обединува социолошките шеми на однесување, ги вклучува верувањата, традицијата, уметноста, институциите … и сите останати „производи“ на човековиот труд и мисла, итн., итн. Предолго бре брате и премногу замрсено. И второ, згора на тоа, секој дел од можните дефиниции подлежи на нови специфични додефинирања, сите по ред апстрактни речиси во секој поим / збор од дефиницијата. А политика и апстрактното мислење ретко одат заедно! Политиката сака – конкретно!

Ама, спомнатиот Холден вели дека има нешто што политичарите го разбираат во културата. Тоа е културната вредност! Не знам дали сака да каже дека тие разбираат се’ што е „вредност“ само по себе односно во материјална смисла, или нешто малку попроширено, сеедно. Но зборот вредност и’ дава и на културата некаква посебна магнетна аура, и’ дава важност и значење кои што политиката се обидува да ги разбере! Тоа, секако, таа културна вредност не е баш нешто опипливо, иако може и да биде, не е нешто конкретно, ама дава основа за размена на мислења, за дијалог кој што инаку го нема помеѓу културата и политиката.

Но, оваа тема ја отворив во нејзината поширока, да речеме антрополошка и социолошка сеопфатност, а не во тесно културна (која никако не е за потценување). Односно, мислев на културните вредности во историска и социолошка смисла, на симболички вредности на едно општество, на духовните и естетските вредности … Или, на сето она кое само и сосема бегло се назира во нашите (се’ поретки) дијалози, а безмалу никаде не е јасно формулирано или дообјаснето, особено од страна на компетентната политика. Да, правната држава особено е културна вредност, ама не е само таа и не може само таа да ја движи државата напред. И да, прогресот, оној што го потенцираше премиерот, е исто така културна вредност, ама како истиот се манифестира, со / во што, и има ли прогрес само во една-две области а ви сите други имаме регрес? Тоа се нашите потенцијални и неопходни разговори, дури и во времето на претседателските кампањи, а особено во времето на парламентарните и локалните избори. И не само тогаш, зашто мислам дека најголемиот број луѓе во оваа земја не ги знаат основните културни вредности на кои што се темели државата зашто никој не се ни обидел да им ги објасни. Прашање е и дали тоа објективно го можат / умеат нашиве политичари, ама барем да се обидат, нели?! Или, кога се обраќаат на гласачкото тело – да, јас сум запнал на оваа тема, ама време е на претседателски избори а нон-стоп слушаме празни муабети – знаат ли воопшто во што верува Македонецот, Албанецот, Ромот … ? И не мислам на верувањето во религиозна смисла туку верувањето токму како општа културна вредност? Правна држава – да, прогрес – да, ама морал, чест, демократија, слобода … ? Важни ли им се, битни ли им се за нивните животи, за нивните семејства? ЕУ, НАТО … дали тие се замена или не дај боже компензација за вистинските културни вредности? Експертите велат дека културните вредности се разликуваат од култура до култура. Се разбира, она што е вредност во Америка, не е во Европа, уште помалку е во Јапонија, или Кина. Ама кои се нашите (културни) вредности и зошто никој не им се обраќа, не ги легитимира на соодветен начин? Повторно – правна држава? Ок, ама изгледа дека кај нас е важно кој говори за неа. Ако тоа го прави некој друг, тогаш тоа е само „излитена фраза“? Ама кога излегува од устата на од господ дадената – тогаш е вистинската вредност? Ма дајте, ве молам. Исто како кога го озборувате Јосип Броз а се’ уште живеете на неговото наследство!

Културната вредност на извесен начин подразбира не само рационално туку и емотивно „поврзување“, луѓето се „сплотуваат“ за општите вредности, па и гласаат за нив. Да, определбата (во политичка смисла) за десно или лево – а токму тоа го имаме сега, или така ни се претставува – е определба за една од тие две културни вредности. Значи ли сегашниот резултат на претседателските кандидати дека ние сме поделени фифти-фифти? Не сум сигурен.

Но, културните вредности во најширока смисла ги создава историјата / народот (особено преку митовите и фолклорот), ама во пократки (да не речам дневни) инстанци – денес – ги градат институциите и поединците. Од највисоките до најниските, од Собранието до еден локален музеј, од Владата до една селска библиотека. Не сум сигурен дека ова македонската политика целосно го прифаќа, уште помалку го имплементира. А прашање е и колку го разбира. Двете комисии што работат со соседите – Бугарија и Грција – работат всушност на „ревизија“ на културните вредности. Зашто не само односно особено не браќата Кирил и Методиј, па Самоил, Прличев, Делчев, НОБ … се исклучиво историски туку во најширока смисла се и културни вредности. Сигурен сум дека нашите претставници во овие комисии го знаат тоа, барем некои. Оттука, разговараме ли / преговараме ли ние и за „усогласување“ на културните вредности со соседите? Не знам, тоа треба да го кажат надлежните. Или, јасно ли ни е дека кога велиме дека некогашниот Градски стадион во Скопје ќе се вика стадион „Тоше Проески“ ние создаваме нова културна вредност? Која што ќе трае колку што ќе трае односно додека не се најде некој повторно да го смени ова целосно несоодветно име. И што е целосно несоодветно, исто како што беше и „Филип Втори“, ама и таканаречениот „музеј“ на Тоше Проески во Крушево? Дури не сум сигурен дали, и колку зборот таканаречен, и наводниците, реално го отсликуваат тој скандал? Зашто, дали навистина еден млад човек, колку и да бил популарен, колку и да ни прираснал на срце на сите, дали тој, имено, покрај се’ што е направено за него на државно рамниште, е токму таа релевантна културна вредност на оваа држава? Наспроти многу други, а зошто да не речам и повозрасни, посериозни, позаслужни, покомпетентни, повредни … ?! Како што, впрочем, беше апсолутно глупаво градењето на митот / култот кон Александар Македонски  па згора и предлогот за именување на Универзалната сала (како некаков конгресен центар) со неговото име?!

Дали кога вака ќе се постават нештата политичарите разбираат за какви всушност културни вредности станува збор? Повторно – не сум сигурен.

ПОЛИТИЧКА КУЛТУРА

Чекав формално да заврши престедателската кампања на г-динот Пендаровски за да не испадне дека нешто, ете, му штетам. Воппшто немам таква намера ама дел од едно неодамнешно обраќање ми се вклопува во темите, по разни основи (култура, политика итн.). Па затоа и многу би сакал да го прашам, него или оној кој му ги пишува говорите, ако има таков, нели, што всушност подразбира(ат) под она дека „освен географски (sic! м.з.) се обидуваме и културолошки и политички да бидеме составен дел“ на Европската унија. Знам дека нема да имам шанса да го прашам лично, а друг нема да праша, па ваљда држи и вака јавно да се прашува? На пример: прво, знам дека не’ учеа дека и Балканот, па и ние со него, сме дел од континентот викан Европа, па не знам дали навистина сосе барањето за влез во ЕУ ние бараме и признание / потврда дека и географски сме дел од Европа? Белки не, или можеби грешам, односно можеби попат, по распадот на Југославија, некој со она ФИРОМ ни го одзел и тоа право па сега си го враќаме? Затоа мислам дека овој дел од обраќањето на Пендаровски е само еден од оние добронамерни гафови (Геровски) односно сакам така да го гледам. А, понатаму, или второ, се обидувам и остатокот од реченицата – оној што се однесува за културата – повторно да не го проблематизирам, иако ми зазвучува како некаков важен адут во кампањата. А можеби и е’ односно треба да биде. Ама не е.

Како и да е’, мене (најдобронамерно) одлично ми се вклопува во оваа серија за културата во нејзината најширока дефиниција и нејзините инволвирања во сите битни сегменти на општествениот живот. Па затоа, сакам да укажам дека поимот „културолошки“ е уште поголем лапсус зашто пишувачот на обраќањето веројатно мислел на зборот „културно“, ама ова „културолошко“ му прозвучало посилно, позвучно, постручно? За жал, поимот „културологија“, воведен поодамна од антропологот Лесли Вајт, сака само да ја означи новата научна дисциплина (културологијата) како самостојна наука во областа на социолошките науки, иако овој поим безмалу воопшто и не стекна право на жителство во науката. Освен во некогашниот СССР (Маркарјан, Лосев, Бахтин и др.). Многу појасен, поприфатен и повообичаен денес е англискиот поим културни студии (cultural studies), германски kulturwissenschaft. Инаку, културологијата како предмет на своето проучување би го имала феноменот на културата како историско-социолошко искуство. Па оттука, претпоставувам дека ние, со вклучувањето на овој поим во нашите напори кон ЕУ, ваљда не мислиме дека сакаме да бидеме дел од таа (европска) наука за културата? Сигурно не, зашто такво нешто не постои, ама можеби сакаме да бидеме дел од (повторно непостоечката!) Европска култура? Не го можеме ни тоа, се разбира, зашто и такво нешто – нема! Ние можеби сакаме, (иако мислам дека не сакаме, на многумина не им одговара!), да бидеме дел од европскиот културен хабитат, од европските културни текови, па и норми, стандарди и процедури, ама и тоа тешко ќе го постигнеме, барем во догледно време. Но, толку за културологијата како можен (повторно добронамерен или од незнаење) лапсус како адут во кампањи, па нека се и претседателски.

Од друга страна, а впрочем затоа и го вклучувам овој исказ во мојов серијал за нашите културни реалности – во случајов македонската политичка реалност – прашање е дали ние односно нашите политичари се сериозни кога се колнат во намерите да бидат дел од политичката реалност на Европа. Прашање е дали, и колку, нашата политичка стварност може бргу, и колку бргу, да се престројува и да биде дел од европските политички текови. Некои велат дека тоа е многукратна фантастична тоест невозможна мисија, бидејќи ние едноставно ја немаме ни таа политичка култура ниту пак таа реалполитика за рамноправен третман со / во европските политички односи. Иако нашиот процес на политичка инклузија, велат попаметни од мене, ќе биде „истуркан“, на мускули, што се вели, од ЕУ како своевидна награда, но и признание, секако, за напорите што оваа власт ги прави за нашето конечно приближување до цивилизирана Европа. Но, така и треба, ако баш сакате. Ама јас овде не говорам за награди туку за реалности!

Тоа ќе рече дека нашето политичко секојдневие, или „политичко сивило“ (како што го нарекува Вангелов), не само денес туку цели триесетина години, просто врие од примери за нашата политичка некултура и нашата политичка некомпатибилност со Европа. Речиси и не знаете што попрво да одберете. Замислете ги, еве, на пример, заедно, само последниве актуелни идиотски флоскули, ама поставени во некаков европски (политички) контекст: болшевичко-милитаристичкиот слоган „Татковината повикува“ на кандидатката за претседател предложена и поддржана од остатоците на злосторничкото здружение, и реченицата „Мислите дека на претседател на Врховен суд му прилега да се вози во Шкода?“ на оној кого го нарекуваат со разноразни сочни и звучни имиња, меѓу нив и „Превара“! И замислете ги, претпоставете си ги овие две малоумни флоскули искажани од страна на официјални лица на Европската унија! Колку часови би преживеале вакви типови во европската политика? Два, пет, дваесетичетири? Ама не повеќе, нели? Дури, мислам дека други ќе им ја напишат оставката и ќе им ја остават на бирото да ја потпишат!

Или, замислете, цела земја да се тресе од страв што ќе направи умоотпорноно растение од Водно: ќе склепа уште една аболиција, или не? Ќе станува деновиве на лева или на десна нога? Ама аболицијата била незаконска, ама било вака и било онака, но сите дерман немаат од неговите идни налудничави (политикантски) потези. Е тоа е, впрочем, македонската реалполитика, и тоа е македонската политичка „култура“ – да се плашите што следно ќе ве стрефи од вашиот „претседател“! Но, да не остане само на тоа, извонреден политикантски партнер во оваа скаламерија е изјавата на еден официозус од судот, во стилот: ќе размислуваме за можната аболиција на Иванов дури ако претседателот тоа го направи!!! Феноменално. Ние, такви какви што сме, т.н. homo politikus makedonikus, би размислувале барем пет-шест дена дури и ако на врата ни тропнат вонземјани! Зашто, размислувањето за нас очигледно е доста комплицирана работа, нели? А и политиката, секако?!

КУЛТУРА НА (НЕ)ТОЛЕРАНЦИЈА

Интересно е како наши високи функционери, кога се во посета на некоја / секоја земја членка на Европската унија, во нивните јавни изјави целосно и неотповикливо се согласуваат со нивните домаќини за главните (европски) принципи на демократијата што мора итно да се имплементираат и во оваа држава како некаков услов за нејзино членство токму во таа ЕУ. Тие / ние буквално с(м)е согласни со се’ што ќе ни посочат како наша слабост – а листата е богами долга – ама сето тоа трае додека нашиве не се вратат во земјава односно додека не ја поминат нашата граница. Тогаш сите согласности / ветувања паѓаат во вода или барем се забораваат односно одложуваат до некое подалечно време, до некоја идна посета. Ние упорно мислиме дека светот само нас (ќе) не’ чека, и ќе не’ чека безмалу до крајот на светот! Што всушност е можно, ама ние постојано ќе бидеме пред вратите, никако зад нив. (А тоа, велат, итекако им одговара на многумина, тоест на малкумина но кои уживаат да се претставуваат како гласот на народот!).

Ова, впрочем, ете, се случува и со последните изјави на германскиот еу-министер Рот каде тој по стоти пат, баш како расипана плоча ги повторува нашите клучни обврски за полноправно членство во Унијата, а ние, нели, по обичај, и очигледно не баш со ќеф, климаме со главите и ветуваме: еве, веднаш, уште утре ќе пристапиме кон полна реализација на обврските.

А обврските не се ни мали, уште помалку безначајни. И сите до една се културни, сто од сто, од демократијата до владеењето на правото, од дијалогот до толеранцијата, од рамноправноста до човековите права, итн. Еден цел корпус на (културни) принципи, на правила, на процедури за кои што нашиве „елити“ мислат дека се само викенд-смешки кои што никој, а најмалку Европа, ги почитува и спроведува. Што не е точно, се разбира. А во овој контекст, нашата осведочена (дали и вродена?) неспособност да водиме културен дијалог, за што пишував минатиот пат, понатаму се разлистува на сите други (повторно општокултурни планови), а за кои што ние упорно си создаваме слика дека сме ги надминале, дека дури и нема за што да разговараме на одделни теми итн. Меѓу нив секако е и прашањето на толеранцијата, во сите нејзини општествени сегменти односно во нејзината практична примена. За да нема дилеми, не мислам дека проблемот на толеранцијата е целосно решен каде и да е’ во светот, ама сведочиме на сериозни поместувања дури и во општества кои себеси не се нарекуваат мултикултурни или мултиетнички и мултиконфесионални, како што ние љубиме да се гледаме себеси. И не е само последниов (дури) неверојатен пример на поглаварот на ИВЗ и неговата реторика на омраза. Слични и многу почести имало и на „спротивната страна“, што пак не е и не може да биде оправдување за актуелниов скандал. Ама ние и преку тоа ќе поминеме, а божем во интерес на толеранцијата која тоа не е туку е поттурање на проблемот под тепих. И ќе се правиме дека и резултатите од Годишната програма за финансирање на културата се производ само на незнаење и нестручност а не и на суштинска нетолеранција во сите сегменти – долж и попреку, како милувате! Главно, ние мислиме дека ако запишеме во сите државни документи дека сме мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество, тоа и автоматски стануваме и сите проблеми сами по себе се решаваат. Кога навистина би било така. Интересна е една мисла на Умберто Еко кој вели дека во овој милениум Европа ќе стане многурасен односно „colourful“ континент, а тоа ќе се случи го сакале ние тоа или не. Е сега, ќе се потсетиме на мигрантскиот бран и нашиот однос кон тие луѓе и како ги третиравме, каде и во какви услови (буквално) ги затворавме … што повторно станува актуелно и деновиве, барем според последниве назнаки? И нив ли ќе ги наречеме „диви племиња“, само што тие ќе бидат црни или какви ли веќе се?

Наспроти декларациите, ние апсолутно не ги решаваме ни најкрупните проблеми во нашата некултура на толеранцијата односно нашата нетолерантност, а камо ли да посветуваме сериозно внимание и на сите други нејзини („помали“) финеси за кои што дури и не сакаме да слушнеме. И повторно да се вратам на резултатите од онаа проклета Годишна програма за финансирање на културата: зарем некој сериозно мисли дека бришењето на „Викдендот на гордоста“ (во Скопје и Тетово) е само некаков превид, ненамерен пропуст? Па дајте, ве молам, белки не сме толку наивни? Или сме, и толку глупави? Можеби. (Имаше по овој повод Славчо Димитров една одлична „загатка“ за Министерството за култура, побарајте ја кај него на Фејсбук!). И секоја чест на Хелсиншкиот комитет што поднесе пријава за говор на омраза контра поглаварот на ИВЗ, ама не ќе беше на одмет да се позанимава и со овој сегмент, на пример. Ако толеранцијата е формула за цивилизирана коегзистенција на сите партиципиенти во општеството, што се тогаш оние со поинаква определба – која и да е’, каква и да е’ – од нашата? Различни, други, несоодветни, помалку вредни, помалку важни … ? И бидејќи веќе сум се фатил за таа Годишна програма за култура, проверил ли некој како таму стојат „другите“ (условно помалите, иако толеранцијата не признава такви!) етнички заедници и финансирањето на нивните програми, па другите депривирани групи, итн.? Или ни тоа не не’ интересира се’ додека двете „најголеми“ и „најважни“ се задоволени, со безмалу 50%-50%? А впрочем, кај нас дури и во Собранието, иако највисок законодавен дом на оваа држава, и поматаму се толерираат „нетолерантни“ (да не речам полош збор) пратеници кои шират отровни забелешки за „родово флуидни“ и слични граѓани на оваа земја? И сите актуелни примери, вклучувајќи и многу неспомнати но присутни околу нас, сведочат токму за некаква несфатлива „државна“ поддршка на нетолерантното однесување. Зашто и нерешавањето, одложувањето, игнорирањето на проблемот е вид на поддршка, на еден или на друг начин, а неспособноста на институциите да се справат зо ова зло, или дури нивното отворено одбивање да го прават тоа, е сигурен знак дека нетолеранцијата длабоко се вкоренила во системот! И тоа со поддршка на високи државни функционери платени за спроведување на државните политики. А ако ние заглавиме во оваа кал на нетолеранцијата, ни нема спас, дефинитивно.

КУЛТУРА НА ДИЈАЛОГ

Тезата дека културата објективно е темел на општеството треба да се докажува само во општествата каде таа е изгонета на маргините (или целосно збришана, како уште полоша варијанта) и на неуки и во основа некултурни луѓе кои потегнуваат пиштол или друг вид силеџиски инструменти на спомнувањето на нејзиното име. Ќе се воздржам да давам квалификации за нашево општество – иако веќе многупати тоа сум го направил, некогаш и сум зажалил – зашто тие кај нас немаат никаква улога, уште помалку можат да иницираат некаква суштинска промена. Примерите се можеби малку поделотворни, но и тие траат од денес до утре, и толку.

Како и да е’, повторувањето, дури до здодевност, е сепак еден од можеби повлијателните начини ова општество конечно да ја разбере културата и да ја согледа малку посериозно, ако не заради сегашниве генерации тогаш барем за идните. Иако и тие полека но сигурно ги губиме заради нашата неукост, некултура и ноншалантен однос кон сите сериозни општествени теми. Впрочем, токму културата на јавниот дијалог е еден од клучните сегменти што недостасува во македонското општество, не само на политичката сцена – каде можеби го има дури и највеќе, независно од „формите“ и „резултатите“ – туку во најважните сегменти како образованието, науката, здравството, културата (разбрана во нејзиното потесно значење) итн. Без негувањето на културата на дијалогот, на јавното соочување и полемика, токму од оној крајно нецивилизиран односно сељачки тип кој што цели дванаесет години го стимулираше злосторничкото здружение маскирано во политичка партија, а кој што по некаква инерција продолжува и денес, ризикуваме да останеме во маѓепсаниот круг на јавното едноумие, интелектуалната (ре)пресија, па и лековерието, незнаењето, исклучивоста … Кај нас дури и на актуелниве кампањи и дебати помеѓу претседателските кандидати гледаме крајна некултура, подметнивање, провинцијализам … а не „судир“ на аргументи, на програми, на политики. Како луѓево никогаш во животот да не виделе како се водат тие дебати во други (цивилизирани) земји, како да не прочитале барем една-две книги за културата и особено за културата на дијалогот, а сепак се китат со професури, магистратури, докторати. И повторно, велам, дури и во такви не-услови, некој можеби ќе констатира дека барем постои некаков јавен (квази)политички „дијалог“, па нека е и под притисок. Кандидативе сепак мораат – иако во минатото баш и не мораа – да се сретнат очи в очи барем неколку пати, да разменат по некоја навреда, ама и конструктивна реченица, кој колку може, што не е случај во другите области. Се разбира, погрешен би бил заклучокот дека политиката ни е најцивилизирана, најкултурна. Тоа ни оддалеку не е така, односно македонската политика, особено онаа „високата“, е притисната од други нешта, особено од меѓународниот фактор, да се среќава, да „разговара“, па дури и да носи одлуки. Квалитетот на тој јавен дијалог е сосема нешто друго. Без да давам поединечни квалификации, тој, „дијалогот“, е разочарувачки, особено заради фактот што станува збор за претседателски кандидати, за луѓе кои себеси се виделе како подготвени за највисоката функција во државава, а така богами изгледа ги виделе и нивните предлагачи.

А сепак, политиката, барем на Балканот, отсекогаш била предмет и на забава на публиката, па зошто тоа да ни се ускратува денес? Прашањето е поинакво: како тоа да го обезбедиме во сите витални сегменти на општеството, оние што се од директен интерес на граѓанинот? Како да се обезбеди рамноправен јавен дијалог, па нека е и во форма на кавга, во културата, во заштитата на природната средина, во образованието, во здравството … ? Како горливите проблеми да не бидат презентирани единствено и исклучиво од позицијата на сила / власт и таа, власта односно нејзините претставници да го имаат монополот на вистината? А ако, впрочем, мислат дека ја имаат вистината в џеб, зошто бегаат од дијалогот со „другата страна“? Зошто, впрочем, мора(в)ме да ги слушаме оние полуидиотски теории за изворите на загадувањето во Скопје и уште поидиотските мерки истото да се спречи кога најголемите и на сите граѓани познати загадувачи по правило беа премолчувани? Или зошто мораме да го трпиме правото на само негова „вистина“ на оној што мавта со прстето и дели моронски лекции за правата на родителот и правата на децата, а неговите „експерти“ отворено лажат во јавноста само заради фактот што нема и друга страна која што, можеби, ќе отвори и некоја друга вистина? И зошто никој од тие „експерти“ не каже јавно дека токму таа ММР вакцина е забранета во Јапонија уште пред седум години? А она шупликавоно новинарче и на јапонците ли ќе им порача да си најдат друга држава? Или зошто во културата не се одржа ниту една јавна дебата со неколку (заинтересирани, па и спротивставени) страни во врска со резултатите од Годишната програма и фрлените во ветер толку пари од државниот буџет? Зарем само Министерството има монопол на јавно објавување и објаснување како малиот Ѓокица ја замислувал распределбата на буџетските пари и што сакал да постигне? Нема ли никој друг во државава кој има нешто да каже по тоа прашање, да изнесе други, поинакви аргументи, па и да постави конкретни прашања? Ако дури Собранието покажа интерес за одржување на надзорна расправа на оваа тема, како е можно медиумите, но и власта да не ги интересира клучното прашање во културната политика на оваа држава: кој и како ги троши културните пари?

Или јавноста не смее, нема право да ги вознемирува министрите, да им поставува скокотливи, па и незгодни прашања за нивната работа и раководењето со ресорите? Како да (и) овие, како и претходнине, ние сосила сме ги терале да станат министри, па дури дошле и со нивни пари кои денес демек ги трошат за наше добро (а всушност како сакаат, знаат и умеат) и никој нема право ништо да каже? Фактот дека нивните одлуки ги тангираат нашите животи, најчесто и суштински, а згора трошат и наши пари, ни дава апсолутно право на јавна прозивка, барање одговори и јавен дијалог. Доколку тоа го нема, како што го немавме цели дванаесет години, нашата демократија стои на стаклени нозе. Во демократските и цивилизираните општества секогаш (ќе) има различни ставови и гледања по многу суштински прашања. Но ниту една страна, па ни власта, не може да има монопол на вистината и право на еднострана информација, за што и да е’ што ги тангира животите и благосостојбата на нејзините граѓани. Токму затоа цивилизираниот свет инсистира на таа таканаречена култура на дијалог зашто само низ еден таков процес се разбиструваат фактите и вистините, се доаѓа до суштината на значењето на поимот дијалог како заедничко испитување насочено кон поголемо разбирање, поврзаност и можности. Ако во тој дијалог постои само една страна, за какво разбирање и поврзување говориме? За каква демократија, за каква култура? Ако злосторничконо здружение повеќе од една деценија ни наметнуваше една и само една вистина, еден и само еден поглед на светот и видовме до каде дојдовме, зарем не ја научивме лекцијата?

А впрочем, бидејќи веќе ги спомнав и претседателскине кандидати, зарем е можно никој јавно да не реагира – правните факултети во земјава, стручните здруженија, поединци (освен ретки исклучоци) итн., – на така одлесно пласирани морски конструкции за тоа колку едноставно можел да се поништи Преспанскиот договор, колку тоа било добро за земјава и слични будалаштини континуирано искажувани од еден од кандидатите? Исто како што ниту едно стручно здружение во културата јавно не реагираше со барање за соочување со „министерот“ за самоволијата околу поделбата на буџетските средства во културата, исто како што ни Лекарската комора или друга стручна организација не реагира на едностраното (и лажно) информирање на граѓаните за актуелниот проблем со дискриминацијата на една категорија деца, како што не реагираат ни здруженијата за заштита на децата, па „Меѓаши“, Хелсиншкиот комитет и др.? Нивна обврска, ако не повеќе, е да се залагаат за отворена јавна расправа, за соочување на аргументите на сите заинтересирани страни наспроти монополското однесување на поединци од власта!