Monthly Archives: April 2014

РОЗЕТНИ МАКЕДОНЧИЊА

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (2)

1.

Le Carre` вели: „Кризите се академски прашања. Скандалите не се. Не разбравте ли веќе дека е важна само надворешноста?“. Ние навикнавме да живееме на површината, да ја живееме формата без содржина. Да реагираме само на полуидиотски надворешни дразби а не и на суштински проблеми. Но и тоа е искуство, стекнато колективно знаење, коешто предупредува дека ако чепнеме под површината – не’ чека гнилеж. Скршете го сјајното огледало и ќе потонеме. Сите до еден, во матнион Вардар. Загребете ја обвивката и се појавуваат вистинските лица. Затоа мора да бидеме лицемери, да веруваме во лицемерството, зашто тоа ќе не’ доближи до доблеста. Лицемерието ни е новата вера, што и да мислат оние во црквата. Та и наминувањето во нивните „храмови“ е само уште една форма на еклатантно лицемерие. Зашто веќе на излезот продолжуваат со уште поголема хипокризија.

И’ служиме на надворешноста, на формата, на иноксираната површина како оние три саксии среде заробенана со мостови река. И жалнине врби во нив, пожални дури и од нас. И’ служиме на маската, на шминката врз Ништото, на празниот збор и мислата без корен. Позлатата ни стана фетиш, стиропорот приход.

Писателон божем егзалтирано извикува: „Негуваме јасно изразена некрофилска естетика“, и заминува да му даде награда на памучниот колега. Е зашто баш „некрофилска естетика“? Па куклите во излозите немале – глави. Бреее, каква длабокоумност! А всушност, не сакајќи, токму погаѓа во центарот. Разбирањата за естетиката ни се толкави, одвај допираат до куклите во излозите! Ама, побарувањата ни се поголеми, така (што би рекол Сарајлија)?

2.

Далеку од секаков сомнеж е фактот дека идеологијата – која и да е’, каква и да е’ – ги окупира свеста и сетилата, го поттикнува обликувањето на нашите верувања и погледи, како на светот во целина така и на одделни витални прашања. И тие наши верувања и погледи ни ја даваат онаа неопходна животна цврстина да (мислиме дека) постапуваме исправно, дека сме – во право. Иако, (нај)често, како што е тоа во нашиот случај, ни знаеме што е тоа во што веруваме, ниту пак на кои основи истото се темели. Зашто таа икона на нашето ново вјерују не е насликана, зашто тоа никој не ни го објаснил! Само бегло натрупаните поими од типот традиција, конзервативизам, идентитет, корени, либерализам … без сериозна теориска / научна поткрепа, а особено без секојдневен позитивен пример токму од страна на пропагаторите, е само смешно сеење магла. Комунистите, со право, беа / се обвинувани за одродувањето од сопствената идеологија (која што, патем, барем во почетокот, ја живееле), но тие се покажуваат како мали деца споредени со денешнава идеолошка фарса. Кога денес отворено би било објавено дека никој нема потреба ни од идеологија, уште помалку од идеолошки објаснувања, играта би била почесна. Но не е така. Луѓето имат потреба од некакви (идеолошки) смерници, очекуваат (идеолошки, системски, темелни) ставови; (сакаат да) веруваат во некакви визионерски насоки за сопствената и иднината на своите деца, ако не повеќе тогаш барем пред мигот кога одлучуваат на избори.

Па оттука, она што најчесто се вергла во јавноста, дури и од највисоки државни, црковни и не знам какви други инстанци, а поврзано со таа толку сакана традиција, со некаков современ конзервативизам (наспроти гнасниот либерализам), за нашиот идентитет, морал, херојско минато и иднина … има ли поткрепа во барем некакви конкретно разработени / елаборирани (но и научно верификувани) тези, студии, ставови …? Или доволно е да се именуваат нештата како такви (конзервативни, традиционални, морални …) и идеолошката приказна е – завршена? И секојдневието не е битно, постапките не се ценат или земаат предвид … туку само зборовите!?

Ако (конзервативно) се пропагира силата на индивидуата, зошто истите индивидуи се „сортираат“ по етнички и партиски принцип? И зошто државата би била – пред се’? Ако децата се центарот на грижата на семејството и на државата, од каде такво непримерено детско хулиганство по улиците и низ училиштата? Ако (конзервативно) се пропагира (социјалната) грижа за другите, за оние кои немаат, зошто тоа се прави со цел да ги направиме зависни? Ако е (конзервативно) идеолошки исправно less government is better, како сеудавивме во морето прописи, регулации, укази, покази …? Ако е неопходна конкуренцијата, тогаш – каде е? Ако централизираната власт е либерална измислица, зошто се’ уште ја имаме? Ако свртувањето кон традицијата и корените ја подразбира грижата за таа традиција, дали тоа ги подразбира ракијадите и пивтијадите, или пак вистинската грижа за културното наследство, за јазикот, за уметноста? И уште многу ако …?! Или ние, повторно, измислуваме некој нов наш пат во … што?

РОЗЕТА КАМЕН

3.

И повторно, каде и како да ги прочитаме – директно или индиректно – назнаките за новата филозофија на нашето живеење, на новата идеологија што ни се проституира, пардон процесуира, пред очите секој божји ден? И како да ги откриваме тие (општи или поединечни, или заеднички?) наклони кон конзервативизмот, кон традицијата, кон корените …? Онака, како „претседателон“ со седумка просек, ама и менторот му, за кои нашето „читање“ на каменот од Розета е – научен факт, верификуван од Паљурци до Табановце? И треба да го вметнат во нивниот учебник? И тоа да го учат студенти?

Оттука, ако формално збунува отсуството на сериозна елаборација (барем) на темелните вредности – ако воопшто има такви – на актуелната „идеологија“, или нејзините стратешки поидовни точки, дотолку позбунувачки е воинствениот фанатизам на (очајно очајните малкумина, дури и со еден „претседател“ и неговиот ментор!) нејзини мегафони во пропагандистичкиот поход за новото македонче. Или тоа по правило оди обратно пропорционално? И што всушност од новата идеолошка матрица ни покажаа последниве години пресоблечениве „филозофи“? Веќе ги спомнав социјалистичките „гревови“ на минатото од типот на „Гранит“ и „Бетон“ (што, всушност, воопшто не е подалеку перверзното поистоветување на естетиката со кукли во излогот!), па фактот дека гостите од Америка ни се потсмевале заради „Дракстор“ и слично, ама, на пример, токму денес тие бетонско гранитни реликти од минатото се повторно во цврста идеолошко монетарна спрега низ државава. А богами и во умот на едно човече: „Првпат во сопствената историја моќна македонска градежна оператива („Бетон“, „Гранит“ и редица други) гради свој плоштад, со свои содржини, споменици, музеи, порти. Првпат во историјата скромните Македонци – Трајче, Мирче, Стојче, Страше… се исправаат и стојат гордо се фотографираат со Воинот, Гоце, Јане, Карпош“.Та ете го новото македонче на новава идеологија, ете го каде се криело, пардон – се исправало. Ете ги новите мали трајчиња, мирчиња, стојчиња … сосе уште помалите аљошчиња (sic) … како „горделиво“ се фотографираат со нивните претци. А што друго и би правеле со нив? И фотографиите ќе ги носат во Манитоба или Минхен, Сиднеј или Норчепиг,Зигарамурди или некое друго свирипичино … и ќе ги покажуваат на децата. Оние кои веќе не знаат ни збор од македонскиот им јазик!

Или можеби ќе бидат погорделиви и посамосвесни ако почнат да се препознаваат во каменот, оној од Розета? Дали така ќе станат – розетни македончиња? Што му доаѓа нешто како гранитни, базалтни или од што ли веќе беше направен тој фамозен за нашето потекло камен?

4.

Понатаму, битен сегмент во „новиот“ идеолошки дискурс е билдањето на националното чувство, идентитетот, етногенезата и консензуалните корења во длабокото минато. Како она погоре: нема веќе скромни македончиња, има Розетни (демотски) Македонци. Што ќе рече: што подлабоко, тоа подобро! Ние, via Розета, успеавме да стигнеме и до древната Македонска династија, до Филип, Аце и целото им семејство, натопорени на високине столбови и константно разладувани од бистрата фонтанска вода од Рашче заради пресилните емоции предизвикани од нивното враќање меѓу нас. (Се’ си мислам дека толку не биле бањати цел живот).

Но, патем, „новата“ идеологија како полека да се откажуваше од целокупното друго наследство, материјално и нематеријално, се’ со цел да се стаса подалеку напред во минатото. Иако, и тука, вообичаено, кај локалниве  гласноговорници се јавуваа(т) непријатни и прилично аматерско дилетантски  разлики, несвојствени за овој тип „умни“ расправи. На пример, ако за едни настојчивото прекинување со словенските корени на македончето, (пардон, Розетните Македонци), е qonditio sine qua non, кај други идеопамфлетисти, како на пример непрежалениот ни Сарајлија, се јавуваа темни петна во идеолошката матрица, па дури и Антиката ја промовираше во происход на Антите!

Паралелно со сечењето на сопствените корени и нивното пресадување на поплодна античка почва, нашиве длабокоумни дилетанти и нереализирани историци ги испосекоа и корените на другите на балканиве. И тоа онака, ко Гордиев јазол, што ќе рече александровски „гордо“ и аристотелски „мудро“, и му обзнануваат на светот дека Грците дошле од Месопотамија, иако всушност биле измислица на Ото од Баварија; дека Етрурците паднале од Марс; дека македонските корени ги наоѓаме длабоко во предисторијата итн. За нашиве идеопамфлетисти историјата не е magistra vitae, туку ќуп со злато!

5.

Ваквиот наш херојски пат низ минатото – подалечно и поблиско – како да стана шаблон за принтање „нови“ и „нови“ читања на историските настани, преточувани низ сите достапни сегменти на општественото битисување, од музеи, спомен куќи, цртани, документарни и играни филмови и серии и слично. Идеолошки е опортуно и особено важно да се говори за нашиот историски вознес, за нашите подвизи од типот на црешовото топче и други глупости, без оглед на контекстот, историските факти и аргументи, вистината … Дисторзијата на перцепцијата се движи до тие височини што и културното наследство се посматра низ призмата на новата идеологија пресоблечена најчесто во националистичка облека. Веќе спомнатоно човече од точка 1, потпишано како „режисер и публицист“, се пени: „Досега секоја разгледница и секој документарен прилог низ ТВ-мрежите низ годините, како по правило, беа визури со Ристиќева, Настиќева палата, мотиви од отоманското минато, Чаршијата, Јајапашината џамија, амамот… со ред градби што се проектирани и направени во македонското ропско минато“.

На ваквите, да простите, идеолошки имбецили, кои до вчера пелтечеа за Нам Џун Пајк а денес го трампаат за Аце Македонски, дури и не може човек да им забележи. Па дури ни фактот дека само неколку месеци подоцна, и денес, паѓаа(т) во несвест по велелепниот стиропор на обновениот српски театар. Е како тој театар не ги потсетува на „македонското ропско минато“? Или, идеолошката директива вели поинаку?

Сосема во стилот на латинската Asinus asinum fricat (Магаре чеша магаре), нашиве хомо новус идеолози го простреа чаршавот на омразата и каде што може и каде што не може, и каде што по нешто знаат и таму каде што ама баш ништо не знаат. Меѓутоа, диктатот на квазипатриотскиот идиотизам, бескрупулозно поттикнуван и поддржуван во јавниот збор, доведе до безмалу целосно негирање на сета претходна историја, култура, уметност … сиот општествен живот и мисла, цртајќи „морална и интелектуална бедотија на етаблираните македонски културни и научни работници“ кои што, ете, „не постојат за европската и за глобалната наука и култура“, ни порачува полуписменион „аналитичар“. Кохортиве налудничави самопрогласени експерти и интелектуалци, низ призмата на т.н. македонски комунизам, просто збришаа се’ што постигнаа првите херојски генерации по 1945та година и оние по нив до 1990 година.

Но затоа, која е замената за таа некогашна „бедотија“? Ова што го гледаме денес, овие џуџуња со бели листови наместо биографии, инсталирани само и исклучиво преку одделни неписмени партиски центри и одговорни единствено пред неморалните канони на властелата? Тие ли ќе ни ги отворат прозорците кон светот, и кон кој свет? Од маргините кон центарот? Од шљам во наука?

6.

И токму ваквите медиокритети не можеа да ја поднесат сопствената потпросечност, личната кратковидоста и мизерија на духот. Затоа и воинствените походи за уништување на се’ што било создадено, идеолошко  негирање на постигнувањата и замена на очигледните вредности со фразеологија и дилетантизам. Залегнати ко двоножни крлежи врз вратот на цела држава, создаваат илузии дека токму тие се нашата интелектуална големина, нашите нови идеолози. А всушност и понатаму живеат на маргините, и нивни и наши, на перифериите на вистинскиот македонски, одработувајќи за секој кој е спремен да плати. И, како што вели Гошев во една прилика, „слугите се секогаш на голема мака. Никогаш не се сигурни дали доволно одработиле за газдите. Постојано трчаат да ја натфрлат нормата. Но колку повеќе се трудат, појансо се гледа нивната ретардирнаост на сите други полиња“.

А на газдите пак не им пречи што, на пример, само пред десетина и нешто години, во едни поинакви политички услови, истиве локални платеници, меѓу кои, се разбира, и омиленото ми маалско „филозофче“, па она сарајлијче, па она човечено што се потпишува како „режисер и публисцист“ и уште неколкумина такви стрип ликови, со некои сосема други „очи“ (или беа џебови?) ги гледаа македонскиве политички прилики. Не само оние од блиското минато, воздржано воспевајќи ги и социјализмот, и титоизмот, и југословенскиот марксизам … и творештвото во дадените услови. Ништо тогаш не им пречеше, дапаче. Дури и Тито беше фраер, а титоизмот (кој доби третман на идеологија) и сталинизмот беа ко бог и шеширџија. Арно ама, со стекот на политичките прилики и следејќи го звукот на парите, зашто одеднаш касата се преврте, благонадежниве станаа традиционалисти, народњаци, кознервативци од прв ред, иако тој ист конзервативизам едно време го беа нарекувале круто и догматско запирање на една стварност! Што е дефинитивно точно, и поинаку не може да биде. Освен ако не запнете со сила и го претворите во најпосакувана идеологија на балканите. Некогашните модернисти и постмодернисти, копнежот по елитизам, никогаш остварен, мораа да го трансформираат во популизам. Одеднаш, улизувајќи им се на новите властелини и вршејќи ја својата поништувачка функција, „новоосвестениве“ популконзервативци ги определија сите останати идеологии – а со нив и луѓето – за невалидни, ирационални, неиздржани.

Затоа, за овој тип идеолози не важи латинската Чувај се од човек што прочитал само една книга. Тие тој проблем го немаат зашто очигледно прочитале повеќе од една книга. Но кај Андриќ, низ устата на Мустафа паша Скопљак, извира една друга мудрост којашто вели дека не е будала оној што не прочитал ниту една книга, туку оној кој верува дека е вистина тоа што го прочитал!

„НОВА“ СЕГАШНОСТ

или

ИДЕОЛОГИЈАТА И УМЕТНОСТА (1)

1.

Еден генијален писател, уште во доцните шеесетти на минатиот век – врвот  на Студената војна – како да ја имал пред очи Македонија денес, па напишал: „Секогаш исто: во светот на сивилото очајнички посегнуваме по апсолутните вредности. Антифранцуски, профранцуски, комунисти, антикомунисти. Суштинска бесмислица, ама постојано ја повторуваме“. Или кај нас, денес, во бесперспективноста и длабокото црнило, во аморалноста и општествената деструктивност, во неможноста да се реализираат пред се’ како луѓе а потоа и како професии, кај многумина таквиот тип на демаркациони линии им стана секојдневие. Безмалу насекаде – во медиумите, на актуелниве митинзи, низ институциите на системот – разулавено се вреска: патриоти и предавници, (повторно) комунисти и антикомунисти (само сега црвеното е наше а плавото нивно), обожуватели и хејтери, pro et contra (небитно за што), поданици и владетели, платеници и домољупци, демократи и автократи … Ние прво ги претпоставуваме симптомите, па веднаш потоа ја поставуваме саканата дијагноза. И терапијата, се разбира. Којашто не ретко се темели на куршум в чело како најсигурен лек. По правило, се’ темелиме на сакано или несакано, на желба, на емоција или импулс … the unconscious mind! Нема рацио, нема систем, нема дебата, нема дилеми, нема – ништо! Еден зачаден свет замандален во сопствената несвесна реалност.

2.

Ваквите апсолутни поделби дефинитивно сведочат за дотолку поапсолутно (!?) и  немоќно, несреќно општество, општество без вредности и цели, без константи и перспективи. Вчера е денес, а денес е … којзнае кога. Минатото пред се’, сегашноста – кога ќе притреба. Најчесто никогаш. Особено на младите. Не им треба. За иднината – заборавиле и дека постои.

Ние и не сакаме да се разбереме. Нам како да ни треба конфликтот по себе и за себе, како да се храниме – ние или нашите ега – од немоќта или поразот на другиот. Каинавелија. И победата за нас никогаш не е доволна. Напротив – дури тогаш почнува вистинската војна. Ни треба дополнително понижување, мачење, уништување … и на последниот непријателски хромозомод инаку идентичното ДНК.

Прогресот за нас е регрес, сакаме да се исчистиме од просперитетот барајќи го мечот на Александар Македонски и копјата на неговата фаланга. Ако веќе толку го сакаме и знаеме минатото, како што тврдат некои, зошто не учиме од него туку ги повторуваме неговите грешки? Од ден во ден, од година во година. И кого всушност го казнуваме на тој начин? Нашите родители, дедовците и бабите? И зошто со таква омраза ги казнуваме, како она инквизиторчено и неговата тајфа хиени? Затоа што верувале во нешто? А ние веруваме во – што? Во казната? Туѓа?

Boris Kustodiyev_bolshevik

3.

Веќе дваесет и кусур години ние имаме проблем, свесен и несвесен, со бараниот систем, со идеологијата што би ни била водилка низ мрачниов тунел на долговечната транзиција. Како слепци се влечкаме низ несвесните ходници на автоматската мисла, не’ раководат искршени меморабилии, сомнителни афекти и налудничави мотивации. Кои се нашите денешни вредности, кои се нашите перспективи за нашите деца и внуци, кои се / каде се идеите што (би требало да) го водат овој народ?

Во светлината на нашиве тукушто испилени ранобудни заговорници (дали и репрезенти?) на новите вредности во нашево општество, дали тие и нивните постапки / „дела“ ни ја посочуваат идеолошката матрица на нештата? Што ќе рече, ако, како што најчесто милуваат да тврдат, стариот систем беше идеолошки – што и не е некое откритие дури во 21от век и за коешто не треба којзнае колкава памет – и тоа го потенцираат како најголема мана, тогаш: дали нашава „нова“ сегашност функционира (ако воопшто функционира?) според некоја друга идеологија? И која е таа, кој ќе ни ја објасни?

Се разбира, прв можен чекор во таа насока е да се согласиме што е тоа идеологија, дали ја препознаваме кај нас и како истата функционира, за конечно да знаеме и каде да ја бараме? Но ако за тоа не се согласиле бројни умни филозофи (нормално, мааалку поумни од нашиве!) во последниве два-три века, како би можеле ние? А сепак, претходно, не’ просветли ли некој од нашиве бели глави – малкумина побелени од мудрост, многумина од тешка глупост – со сериозна, издржана студија за нашите претходни идеолошки (и системски) ќорсокаци, за нашите грешки и талкања низ мочуриштата на бившата идеологија (и систем на вредности), за нашите идеолошки недоследности …? И, следствено, ако не ги знаеме слабите точки и пропустите на старата идеологија, како сме / би граделе нова, и врз што?

(Се разбира, овде се надевам дека нема некому да му текне како адут да го извлече она маалско божем конзервативно и божем филозофче, кое во своите „критички“ опсервации на стариот систем како врв на злото го виде фактот што „на прекрасното Охридско езеро имаме хотели што се викаат „Гранит“ и „Бетон“!(?). Или „Дракстор“ во центарот на Скопје, заради што неговите „гости од Америка ни се потсмеваа и чудеа“!!(??). Се надевам и дека никој сериозен нема да помисли на онаа наша локална налудничава варијанта на Сима Милутиновиќ – Сарајлија престорен во Ацо Станковски, а кој се претставува какоуметник здраво зацапан во алтернативните „научни“ варијанти наречени религија, мистика, минхаузенштина, алашверизам и слични изми. Има, нормално, и други примери, ама би не одвлекле од темата. Не знам дали овде влетува и примерот на идеолошкото „теоретизирањето“ на човечено што пристигна од Бугарија и сега секојдневно некаде држи банка убедувајќи не’ дека „членството на Македонија во ЕУ ќе ја претвори во колонијална држава“, а пак членството во НАТО „може да ги одврзе рацете на некои од македонските соседи, членки на тој пакт, да влезе со војска во Македонија“. Sic!).

Концептот на идеологијата во лексикографска смисла заокружува цела низа политички, социјални, религиозни и други ставови иманентни на човечкото однесување и дејствување. Како и да е’, ако идеологијата сепак, наједноставно, ја видиме како повеќедимензионален однос помеѓу индивидуата (доминантната класа) и општеството, односно како сет на идеи и сфаќања во еден општествен склоп, тогаш нашава актуелна идеологија е токму нашава стварност. Или, кога би го парафразирале Мухиќ, неа (идеологијата) првенствено би требале да ја бараме на улица, таму кадешто е случувањето / животот! Поточно, аналогно на тоа, ако темата ни е Идеологијата и Уметноста, тогаш веројатно треба да бараме токму на местата – пред се’ јавни – кадешто уметноста е презентирана. Што ќе рече дека станува збор за важечка и откриена идеологија, онаа што е очигледна, којашто еманира и се наметнува, или подобро, којашто сака да се наметне и да се претстави како доминантна, односно: токму доминантната идеологија во уметноста на доминантната класа во општеството!

ЛЕНИН

4.

Паралелно со повеќезначноста, но и дискутабилноста и често  спротивставеноста накурентните дефиниции на поимот идеологија, безмалу со истите дилеми може да се означи и прашањето на врските на идеологијата со уметноста, или: дали уметноста е идеолошки означена, тоест дали баш секоја уметност е идеолошки озрачена? Претпоставувам дека првичните аналогии во овој контекст би оделе накај уметноста на (некогаш) големиот Октомври, како еклатантен пример на врските на уметноста со идеологијата. Но во оваа насока треба да се има предвид  ставот на Луси Липард (од средината на осумдесеттите) дека „до сега е јасно дека секоја уметност е идеолошка и дека секоја уметност е употребена политички од десните или од левите, со свесна или несвесна согласност на уметникот. Нема неутрална зона. Уметниците кои остануваат тврдоглаво неинформирани за социјалните и емоционалните ефекти на нивните слики и нивната поверзаност со други слики вон од уметничкиот контекст се најлесно манипулирани од превладувачките системи на дистрибуција, интерпретација и маркетинг“.

И овде некој може да се обиде да дебатира со оваа прилично цврста формулација, не лично не гледам што би можело да се одземе или додаде на оваа констатација, зашто безмалу и да нема општествено битно прашање  што останало недопрено од директниот, ангажираниот или пософистицираниот јазик на уметноста. На еден или на друг начин. Што подеднакво важи и за сите (не само) современи уметнички правци, вака или онака. Дури и историски согледано, што ќе рече низ целокупниот историски развој на уметничката мисла, од Алтамира, ако сакате, па до денес, идеолошката нишка се провлекувала директно или индиректно, отворено или подзаскриено … На пример, ако кралот / фараонот во стариот Египет е „на земјата засекогаш, да му суди на човештвото и да ги помири боговите, да воспостави ред во нередот“, каква ќе биде (и) уметноста што му е директно подредена? Вилијамс, Логан и другидури сметаат дека уште во карпестата уметност на Преддинастичкиот Египет постојат „политички и религиски инспирирани иконографски секвенци“, односно дека дури и таа уметност е идеолошки устроена, дека таа утврдува „визуелен синопсис на многу важни политичко – религиски должности“!

Толку за тоа.

ДЕЛАКРОА

5.

Ако идеологијата е, повеќе или помалку, некаков (кохерентен) систем на идеи што му се нудат на поединецот, систем што треба да го привлече кон себе и да го насочи кон прифаќањето на понудената идеологија, да изврши влијание на неговото мислење и неговото јас, што би се рекло – да го (пот)купи, тогаш логично е прашањето: која е таа идеологија којашто денес го (пот)купува нашето јас?

Комплицирано и тешко прашање, и не сум сигурен дека има единствен издржан одговор. Зашто, ако ние (се’ уште) не знаеме да ги кристализираме ни идеолошките матрици на нашето блиско минато – зашто, ќе дозволите, погледнете кој се’ го прави тоа денес во наше име, сите до еден со жар црвени тетоважи под кожата! – тогаш како би умееле да се справат со некаква нова идеолошка матрица?

Или, ако навистина се живее идејата дека се турка некаква бајковита идеологија, може ли некој компетентен да ни објасни што е ова што го живееме, што го гледаме, што ни се случува …? И што ни се продава како – идеологија? Или нема такви, компетентни? Или нема што да се објасни? Ако пак го вративме изветвениот но неприкосновен шаблон „прост народ – силна држава“, кадешто токму државата е единствениот работодавач, единствениот инвеститор, единствениот налогодавач и единствениот исполнувач, а сега дури и ќе ни ги плаѓа сметките, тогаш кон каква држава сме се вратиле? Па оттука, држи ли констатацијата дека за денешната (не)постоечка идеолошка матрица, може и мора да се суди само според надворешните, пројавните – видливите и откриените – симптоми и назнаки. (Скриените ќе се извлекуваат на светлината на денот со текот на бледнеењето на декларираните „аури“).  И понатаму, валидно ли е (а  зошто пак не би било?), во отсуство на идеолошка аргументација, приказната / реалноста да се цени токму според манифестациите што иманентно содржат – идеологија? А со тоа и за денешната идеологија во уметноста?

ГАРВАНИТЕ НАД МАКЕДОНИЈА

1.

Знам дека насловот звучи збунувачки, ама не еден македонски писател Македонија му заличува(ла) на платното „Житно поле со гарвани“ од Ван Гог. (Колку ли позбунувачки би звучел насловот „Ван Гог и Македонија“?). Се разбира, македонскиве писатели, безмалу сите до еден, покрај писателството им, се махери и за се’ друго. Па така и за сликарство. И во тоа никој не може да ги разубеди. Тие сосема „рамноправно“ пелтечат и за македонската уметност, и за македонско – светската политика, и за македонско – светската историја … што ли умови ќе беа сконцентрирани во оваа наша локална фела?!

Нормално, познавањата, (и) во уметноста, им се на рамништето на првични импресии и детски аналогии, целофанизирани со „високоумни“ сувопарни метафори. Ама тоа никако не ги спречува настојчиво да позајмуваат од ликовната уметност – не знам зошто тоа не го прават од литературата, или филмот, или физиката …? – кога треба нешто посликовито да поентираат? Односно, веројатно, суштината е токму во зборот – сликовито. Што ќе рече, тие по правило ја гледаат ликовната уметност како илустрација на реалното, како супермаркет со сликички коишто можат да заменат цели здодевни описи на ситуации и состојби. И навистина мислат дека уметноста во изминативе стотина години не мрднала од местото, од онаа „дефиниција“ според којашто уметникот (сликарот!) го слика она што го гледа.

Како и да е’, ова дело на Ван Гог, ко за беља, е и едно од моите омилени дела. Ама не заради тоа што ми личи на Македонија, туку заради неговите инхерентни сликарски вредности. И навистина вреди да се види „во живо“. Наспроти релативно малите димензии (50 х 100 см), делува импозантно!

ВАН ГОГ (1890)

2.

Е сега, што навистина гледал Ван Гог кога го сликал „Житното поле со гарвани“? За живо чудо, експертите за творештвото на овој сликар не се срамат да кажат дека не знаат што точно имал на ум сликарот кога го работел ова дело. Тие утврдиле дека делото е сликано последната недела пред самоубиството на сликарот (јули 1890), но не се сигурни дали тоа е навистина негово последно дело. И понатаму, сликарот има уште едно чудо дела на оваа „тема“ – со или без гарвани – сликани во континуитет. Добро, ова дело е можеби највпечатливото! Постои некаков записза ова дело во писмата на Ван Гог, каде што тој вели: „Четкичката речиси ми падна од рацете … Немав никакви потешкотии во изразувањето на тагата и самотијата“.

Се разбира, тоа што експертите не го знаат, го знаат нашите пистели. Дека делово личи на – Македонија. Можеби. Дали во тагата и самотијата? Ако јас би избирал, тоа би бил мојот тип. Ама мислам дека нашиов пистел мисли (и)  на нешто друго. А сепак, житни полиња не недостасуваат на Балканот и во Европа, така што тоа не би можел да биде бараниот репер на сличноста. Можеби излоканите селски патишта што водат – никаде? Тука сличноста е огромна. Ама, сигурно ги има уште тук-таму низ балканиве? Понатаму,  Македонија никогаш немала такво темномодро небо, дури ни во сликарството. Оттука, мислам дека писателот мисли на нешто друго.

На пример, на гарваните. Тие се разлетале низ сликата, пардон – низ Македонија – ко јато вистински грабливци, онака црни, разгракани, злокобни … Дали тоа е таа асоцијација? И кои ли се тие црни гарваништа, од кој род предаторски, што така надвиснале над земјичкава и ни ги нервираат писателиве? Се’ ми се чини дека наслутувам, ама не знам зошто тој не ја завршил мислата? Или не’ држи во исчекување, па ќе ни каже во некоја друга прилика?

Но, добро, писателов барем покажал пристоен естетски избор / афинитет. Не сум сигурен дека слично би се повторило кај еден негов колега, кому оваа држава пред некоја година му даде татковина, го прифати како свој, а кој сега мудрува и не’ продава на Русија. Тоа ни била најдобра опција: да бидеме нова Источна Германија. Па биди си ти источногерманец, шапшал ни еден блгарски. Ама, си мислам, каква ли слика нему му се врти во умот – или во тоа нешто што му се наоѓа во главата – како ли тој ја гледа Македонија? Како променада за некое идно дружење на Брежњев, Живков и Хонекер, можеби?

БРЕЖЊЕВ ЖИВКОВ

3.

Како и да е’, ако веќе писателиве запнале да се држат до сликичките со кои милуваат да ја (и)лустрираат – каква коинциденција, една буква многу значења – нашава реалност, можат барем малку повеќе да се потрудат. И да пронајдат поефектни асоцијации, паралели, метафори … што ли … за да не’ поистоветат со одделни уметнички дела (и) од поновата продукција. Зашто, и современата визуелна уметност, без оглед на нејзините радикално изменети исходишта, на вакви „познавачи“ им нуди безброј ефектни „совпаѓања“. Добро, тие, „познавачиве“, како што реков, се главно заспани во деветнаесеттиот век – некаде околу Сан Стефано, мање више – па можеби и не ги знаат современиве ѕвезди.

Ама, еве, на пример, едно поново дело, душа дало за вакви детски читања и првоодделенски асоцијации: „Акт со костур“, Марина Абрамовиќ, 2005 година. Тоа всушност е перформанс на уметницата, ама сеедно, одговара за намената. Зашто, Македонија секако може да се идентификува со една убава жена како Марина, без оглед што таа е Србинка со црногорско потекло. Значи, ако таа е Македонија – денес и тука, иако може да се гледа и историски – костурот врз неа сосема прецизно, безмалу ко швајцарски саат, ја отчукува нашата (перманентна) ситуација. И двете тела, живото и неживото, функционираат како Едно. (Што, впрочем, е една од поентите на овој перформанс на Марина Абрамовиќ, каде што нејзината „анимација“ / стимулација на костурот симултано ги прави видливи животот и смрттта, и нивното единство. А и тоа, впрочем, не е далеку од нашата реалност!). Има ли, навистина, подобра „слика“ за денешна Македонија, сосе нејзините писатели (за)качени на нејзиниот грб? Или стомак, како сакате!?

АБРАМОВИЌ

4.

Но, знам дека на писателиве им се прилично тешки, комплицирани и некако природно далечни современите аспекти на уметноста денес, особено овие од типот на Марина и други. Тие бре брате сакаат се’ да видат одеднаш, да не му ја мислат многу, да не се потат откривајќи слоеви или некакви можни длабочини, опасни зашто човек може и да се удави. Иако тие по дефиниција се пливачи. И тоа добри. Пливаат на сите страни.

Затоа, се сетив на едно друго дело, постаро и поедноставно за гледање и читање. А еднакво ефектно. Станува збор за една литографија / карикатура на Домие наречана „Вчера, денес, утре“ (1834). Инаку мала по димензии – 21 х 19,6 см – оваа литографија кажува големи нешта. Можеби е тешко ова грдо лице да се согледа како персонификација на Македонија (а всушност го претставува кралот Луј Филип) зашто земјата ни е сигурно многу поубава од него, ама изразите на тоа исто лице одлично ја опишуваат нашата состојба. И вчера, и денес, а особено – утре! Домие како да не’ имал токму нас предвид работејќи ја литографијата. Белки ова им е полесно за „читање“ на писателиве?

ДОМИЕ

5.

Не знам дали има смисла човек да се спушта на писателсково ниво и да избира омилени асоцијативни дела, понови или постари сеедно. Ама некако мами самата идеја, просто претставува предизвик да се размисли и открие – не мора баш онака, на прв поглед, како нашиве писатели, може и на втор – некаква асоцијација, можна метафора … во делата (не само) на современите уметници. Знам, многумина веднаш помислуваат на „Бродот на будалите“, на “Црниот квадрат“ и слично, коишто, се согласувам, се безмалу верни копии на нашево секојдневие. Ама, не знам најточно зошто, мене Македонија денес многу ми заличува на делата на Џексон Полок!

Што ќе рече, во неа се’ „функционира“ онака како што не треба. Токму како во делата на Полок. Тој не го става платното на штафелај, туку го кове на под или на ѕид. Гази по него, го валка, го малтретира. Кај него нема подготовка, нема скица / цртеж, нема свест, нема ratio. Се’ се одвива во даден миг, силно, некогаш експлозивно … Нема вообичаени (сликарски) алатки туку се работи со стапови, мистрии, ножеви, со раце … во бојата има се’ што не треба да има: песок, стакло, отпадни парчиња и секаков друг (несликарски) материјал. За среќа, барем кај Полок, сето ова функционира(ло)!

ПОЛОК

 

ГОЛ ГАС ТАЛАМБАС

или

(ПОВТОРНО) НОВ ВРЕДНОСЕН СИСТЕМ? (2)

1.

Џабе му е на „претседателот“ (решив, во неговиот случај, да ги задржам наводниците) што сега се вади на некакви технички или печатни или незнам какви грешки. Не е проблемот во грешките, тие секогаш се препознаваат. Овде проблемот е во менталниот склоп, во знаењето, во умот, ако сакате. И не е точно дека некои медиуми ги прават луѓето тоа што не се. Барем во овој случај. Зашто ниту еден медиум не може зелката да ја направи – роза. Дефинитивно! Но, затоа, секој, и буквално секој, може да излезе на бина и да треска глупости. И народот ќе го слуша. И ќе „гласа“ за него. Ама тоа автоматски не го прави – претседател!

Затоа, сигурен сум, еден ден, и повеќето главни актери на сегашнава македонска јавна сцена (политичка, културна, медиумска, образовна …) ќе се вадат на истото. На техничките, на печатните,на медиумските, на градежните, на финансиските … на незнам каквите грешки. Ама не ќе можат баш сите да се вадат на грешки. па белким некој нешто направил и свесно? Или, ќе биде типичната за нас амнезија, од типот: кој, јас, не бе, немам појма, не сум бил таму, не ги ни познавам …!?

2.

Како и да е’, потрагата по „новиот вредносен систем“ – кој и да е’, каков и да е’ – се разбира, не би требало да се ограничи само на елементарните нешта од типот на хорхеизираниот „татко“ на нацијата како некаков политички репер, и на „велелепните“ но сепак длабоко ретардирани архитектонско – естетски и скулптурални изблици на македонската творечка неписменост. „Новиот вредносен систем“ (во понатамошниот текст наводниците треба да се подразберат), за да биде сеопфатен и навистина систем, треба да се препознава (и) во сите сегменти на реалноста, на сите рамништа на општествениот живот. А пред се’ во суштинските прашања за една нација!

Според тоа, дали доградбата / преградбата / изградбата / потрагата … на / по  идентитетот(до кога, по ѓаволите, ќе го бараме?) е такво стратешки суштинско прашање за новите вредности на Македонецот? Веројатно, штом толкави таламбаси се кренаа околу губењето на сегашниот и барањето / наметнувањето на некој нов идентитет. Иако сите се плашат да речат, ако воопшто и знаат, дека таа наша вечна потрага по етногенезата и идентитетот е всушност резултат на „неконсолидирана национална држава и криза на општествениот идентитет“ (Тодорова)!

И никој не кажува кој идентитет би го загубиле? Овој Фиромски, оној некогашен Македонски, оној уште подалечен македонско – балканско – отомански, или најактуелниот антиквизациски или древномакедонски? Кој идентитет ни го оспоруваат соседите, а кој идентитет го браниме ние? И дали, случајно, ранобудноно  „филозофче“, кое се прашуваше себеси „а кој сум јас?“ по распадот на СФРЈ е реперот според којшто сите ние нема(в)ме појма кои сме и што сме, па се побаравме во антиката? Ни мање ни више?! И – се пронајдовме!? Можеби некому навистина му импонира да се гледа како потомок на Ацета и да се замислува онака качен врз Букефал со мечот во раката, ама тој имиџ веќе му служи за потсмев на светот. А и кај нас одвај се крепи врз очајно мемливите сомнабулни приказанија на маалските ни историчари и археокриминалци. Тоа се, докажано, приказни за претшколска возраст или за поодминати пензионери со шише пиво пред кооператива! И овие нашиве „стручњаци“, за интерни потреби можат да изѕидаат уште стотина такви бајки. Ама до таму ли спаднавме тие да ни го градат новиот систем, на темелите на нивните роднокрајни дијалекти и приказни од средсело?

Sk 2014

3.

Понатаму, евидентно е дека новиот ни систем на роднокрајциве се обидува да се налакти и на одделни такозвани (или самозвани) нови институции. Особено во областа на културата. Ги сакаат новиве зашто, како што вели Синоличка, старите не ги чувствуваат како свои. (Во времето на старите македонски институции тие изгледа биле нешто друго?). Дел од новиве – особено оние од поблиското ни колонијално минато – им се посебно прираснати за срце и веќе беа спомнати во претходниот текст. Оние од „блескавоста“ на позлатените фолии во театарот „Александар I Караѓорѓевиќ“ како симбол на некогашната културна асимилација и туѓа доминација, како и идниот Офицерски дом (алооо, вие нормални ли сте, па поарно инсталирајте една убава и сјајна војничка чизма!). Меѓу овие „носители“ на новите вредности неодминлив секако е и Музејот на македонскиот хорор – институција несфатлива за една (национална) култура во 21-от век, „музеј“ во којшто нема ни „м“ од дејноста што треба да ја извршува, објект спуштен директно со политички падобран покрај Вардар во вид на „восочен музеј“ што бесрамно лаже дека добива некакви меѓународни признанија само за да пред газдите го оправда (не)постоењето?

Или можеби носители на новите вредности се такозваната Спомен куќа на Тоше Проевски или на Мајка Тереза? Или тоа ќе биде новиот Археолошки музеј, исто онака падобрански атериран на самиот брег на реката, и кој ќе прикажува вредни копии на вредни артефакти како сензација за туристите од целиот свет? И со којшто неговата идна „директорка“ се фали заради  „неговата уникатност … по две основи, по својата архитектонска грандиозност и раскошната архитектура, и по местоположбата“!

Меѓутоа, како што неодамна напиша една од малкуте мислечки новинарки кај нас, културните институции не се само градби. Особено не институциите што треба да бидат носители на новото во еден систем. Тие треба да произведат резултат, да создадат вредност – па нека е и стара, не мора веднаш нова, тие треба да бидат носители на новата естетика, на компетитивниот со светот прогрес во културата, треба да покажат дека умеат и знаат што е уметност а што травестија. И – покажаа ли, произведоа ли, прикажаа ли …? Повторно: гол гас таламбас!

КОЊСКИ ПОЛУТКИ

4.

Па оттука, ако се’, и буквално се’ заедно со новиве „институции“ и новокомпонирани „вредности“ повеќе заличува на драгачевски дувачки оркестар отколку на нов вредносен систем, за што трубат тоа мегафоните? И ако во слични немузикални медиокритетски насоки се движи и остатокот од реперниот јавен живот / простор, тогаш каде е сокриен тој нов систем, по што го препознаваат? По 123-то место по слободата на медиумите, по 80-тото место во фудбал, по новата Академија за реалистичко сликарство (?) во Штип, по … што? По оние „реформи“ во здравството со коишто не’ учат како се ословува лекарот а како сестрата? Дали новата естетика се крие во оној луд галоп на коњски полутки во фонтаните преку Вардар?

Тоа ли е тој долгоочекуван „нов дијапазон на иницијации во новата идеализирана стварност, која, потпомогната од финансиите на моќните заинтересирани страни, добива сеопшта пропагандистичка улога во постојните општествени структури“, за којшто сладострасно булазни Сарајлија? Или тој навистина го доживува  општеството како некоја тајна братија од Долногаштани па измислува соодветни иницијации за прием во истото?

Или допрва треба да не’ изненадат новите „… европски аеродроми, европски институции … европски стандарди на нашите производи што се повеќе се извезуваат од Македонија“, како што  тртља „претседателон“ кој со седумка просек станал редовен професор. Па дали навистина некој уште верува во таквите будалаштини?

За жал, нашата неидеализирана стварност, нашиот болно реален светоглед понуден од новиот вредносен систем е токму „претседател“ со седумка просек, „уметник“ за кој алтернатива на науката се „религијата и сите други видови мистицизми, како и мистерии“, „филозофи“ кои во средината на животот се’ уште не знаат кои се и што се, „историчари“ на восочна национална историја, археокриминалци, аутистични културни институции, полуписмени партиски бастиони во форма на државен апарат …

„ЗА СЕБЕ И ПО СВОЕ“

или

(ПОВТОРНО) НОВ ВРЕДНОСЕН СИСТЕМ?

1.

Човек навистина може долго време да шета низ градов ко блесав, да помине горе-долу секаде,да се распрашува кај луѓето, ама никаде нема да го види, ниту некој нешто ќе му каже за толку пати најавуваниот нов вредносен систем. Можеби ќе забележи по нешто, некакви визуелни назнаки, главно низ „велелепнион“ центар – зашто, нели, токму центарот е симболот –  кај „Пелистер“ или „Тренд“, околу Ацета … ама секако не ќе забележи што и да е’ што би еманирало пораки од типот: еве, јас сум новата вредност! Ниту пак ќе забележи дека луѓето се однесуваат поинаку, некако во духот и квалитетите на тој нов вредносен систем, дека се други, нови … Затоа е навистина веќе бесмислено инсистирањето на нешто што не се гледа, не се слуша, не се чувствува, ама поединци настојчиво инсистираат на тоа.

Затоа и толку боде очи повтореното, од пред некој ден, на пенисологон Сарајлија, секако наш навистина најреволуционерен незнајко, закачување за него. При што, онака патем и ноншалантно налудничаво, буквално избриша патос и со дијалектичкиот материјализам, и со аутистичката наука денес, и особено со (нему љубимите!) крипто-комунисти кои, ете, се’ уште, сакаат да го одржат овој „во голема мера неодржлив систем на вредности и вистини, систем што се руши по сите вектори и кој произведува фрустрации и забуни на сите страни и во сите сегменти“!(?). Што пак наведува на помислата дека можеби грешиме што првенствено бараме да видиме назнаки на новото, можеби треба да наслушнуваме, значи: звуци на пукање, на рушење на старото, да ги почувствуваме вибрациите на тие „фрустрации и забуни“ …? Ама ги нема ниту нив, иако можеби луѓето се обидуваат баш „на сите страни и во сите сегменти“. Ништо, штама.

2.

Се разбира, пенисологон не е ни од далеку тој (буре)весник на пролетта на новиот вредносен систем. Тој, како и секогаш, е само мегафон.  Ама пред него уште неколкумина, подеднакво настојчиво – како да им е вграден тој ист фајл во малите мозоци – пропагираа одново и одново рушење на старион систем на вредности (иако и за тој не сме сосема сигурни дека го имаме!), паралелно фалејќи го тој друг, денешен и нов систем на вредности којшто ние така упорно го бараме. Еден од тие новозаговорници беше и оној самопрогласен „аналитичар“ кој, сепак, беше дури и доволно „смел“ – дали наводниците овде доволно силно ја отсликуваат вистинската состојба на духот? – да ни посочи и адекватни примери во ликот и делото на, на пример, Венко Марковски. Е на тие основи (ќе) почивал тој нов вредносен систем. Добро, не можеме на луѓето да им го земаме незнаењето за зло. Можеме само да ги жалиме.

Но, за право, парафразирајќи го Хавел за моќта на зборовите, ништо во реалноста не се случува, без оглед дали и колку е монструозно или за воодушевување, без претходно да не е поттикнато низ доменот на зборовите. Што ќе рече, овие две првачиња само се калемат на првичните ранобудни (монструозни?) гласови кои уште во 2010-та борбено распалија по сите „интелектуалци кои се образувале во стариот систем…“кои, богати,„… мислат дека го поседуваат сето знаење и култура“. Што, нормално, „тешко може да се разбере“, заклучува „филозофски“ – дали наводниците и овде доволно силно ја отсликуваат вистинската состојба на духот? – поборников на новото. Што пак беспоговорно не’ тера да помислиме, пред се’, дека овие  ангажирани воинственици на новото буквално паднале меѓу нассо „новиов систем“ директно од Плутон, со образование од којзнае кој вонгалактички напреден систем. И којзнае какви тоа школи учеле, и каде!?

2014-02-21 13.15.363.

Но, добро, иако не ни даваат прецизни назнаки според што и како да го препознаваме тој нов вредносен систем (освен, се разбира, според веќе спомнатиот Марковски), ниту пак имаме назнаки каде и како (ако има некакви тајни кодови?) да го бараме, елементарната проникливост би не’ упатила на неколку (условно) логични сензации, од различен тип. Прво, се разбира, оние од политичкото милје. Зашто кој друг ако не политиката би требала да биде вдахновен промотор на новото, па нека е и новиот вредносен систем? И во тој контекст токму актуелната политичка растрчаност низ целата држава, кога од сите страни се ори глас за новите победи и старите победени. И мислам дека тука треба да се почне, токму од гласовите на првиот (ај да не му ставам наводници?) ни човек на државата, таткото (наводници?) на нацијата. Впрочем, тој, по многу нешта, е од слична високооооумна провениенција, дури ментор на првион ранобуден глас. И тој, на оваа тема, малтене вчера, вели: „Затоа се направени реформи во секоја област. Секаде се менува животот во Македонија. Има уште многу работа, многу треба да се работи. Но затоа имаме чист образ, повторно да дојдеме и да ја побараме вашата доверба“. Можете ли / смеете ли да не му верувате на првиот (ај да не му ставам наводници?) човек во државата, кога тој ве убедува дека реформите биле направени?

Или малку порано, истиот беседи: „Ми велеа сум одел многу по такви манифестации, по ракијади… Па таму е народот, таму сум и јас. Каде се граѓаните кои што ги почитуваат своите обичаи, својата традиција, таму сум и јас“.

Оттука, претпоставувам, ракијата односно ракијадите, заедно со пастрмајлијадите, пивтијадите, ајваројадите и останатите јадови, се битен сегмент во тој нов вредносен систем. Барем што се однесува до манифестациониот дел. Што пак, едновремено, многу говори и за рамништето на културата на нашиов народ, односно за рамништето коеим го припишува довчерашниот им претседател. Тоа, вели тој залетано, да ти бил нивен обичај, нивна традиција. И што ли тоа значи? Дека народов е нон стоп пијан и затоа гласал за него? И дали овој наш традиционален столб е’ / ќе биде задржан во новиот вредносен систем? И дали тоа значи дека вистинскиот наш народ може да се најде само по тие ракијади и слични значајни културни манифестации каде што одел „претседателот“ ни (сепак се решив за наводници!), а го нема низ музеите, галериите, библиотеките, театрите и сличните бидалаштини? Но, ако е тоа традиција, па уште и во духот на новиот вредносен систем …!

2014-02-21 13.16.36

4.

Значи, ако самиот политички врв е највисокиот репрезент на „новиот вредносен систем“, тоа би требало да е составен дел илити животна определба што се рефлектира(ла) и во неговото минато. Односно: целосна реформска ориентација и посветеност. И дали токму за тие потреби, односно за да биде препознаен како таков, „претседателот“ си напишал во својата биографија дека „уште за време на студиите започнал со политички активизам во либералните, реформски младински организации“, па уште и „бил активен во напорите за реформирање на политичкиот систем“. Сепак, повозрасните ќе се сетат дека во тој комунизам имаше само една младинска организација. И таа тешко да беше либерална или реформска. Освен ако повторно не се мисли на онаа „реформиранана“ на Плутон кадешто, можеби, членувал и тој и неговите гласноговорници?! И како ли тоа овој човек го реформираше оној стар политички систем? Да не можеби он, заедно со другине „реформатори“, бил иницијаторот за рушењето на Ѕидот? А ние, затарабени во старите вредности, да не сме знаеле со какви величини си имаме работа?!

Внесува ли некакви (дополнителни) дилеми и фактот дека многумина му го одрекуваат не само таквото подалечно минато, туку и она поблиското? Од времето на деведесеттите, како (велат) цврст поборник на југоносталгијата, или од времето на 2001-та, како храбар и голем патриот (не знам каде попрво да ставам наводници!)?

Оттука, ако ни е ова политичкиот врв на новиот вредносен систем, треба ли на него да се угледаме и, понатаму, неуморно да работиме во изградбата на новата среќа? Треба ли по негов терк да си ги фризираме биографиите, за да се вклопиме во новиов вредносен систем што тој ни го претставува?

5.

Втор громогласен експонент на новите ни вредности може да се бара во визеулните сензации со коишто сме соочени секој ден, особено со оние во  центарот на „метрополата“ – зашто центарот не е само просторна одредница туку е и срцето, симбол на новото, на новите вредности и верувања во општеството (Шилз). А особено зашто порано (повторно според ранобудниот „филозофски“ глас) градот ни бил „касаба, паланка, без традиција и градска историја“, а сега „сами одлучивме да правиме нешто … Да направиме нешто за себе и по свое и да не бидеме предмет на нечиј експеримент“. Каква „длабока“ филозофска осмисленост на постаментите на новиот систем!

Е сега, дали овој „филозофски“ и втемелувачки ракурс навистина сака да не’ убеди дека токму ние, ама баш ние, „сами одлучивме“ да го направиме ова што денес го гледаме околу нас во центарот на „метрополата“? Кога и како сме го сториле тоа? Може ли некој барем да не’ потсети на тој историски чин кога граѓаните на овој град, мртви гладни за нов вредносен систем, се одлучија токму за ова околу нас? И баш за: циркус „Македонија“, филмски кулиси покрај Вардар, едно големо Ништо, „културен“ нарцизам и изолационизам,  идиотизам …!? И понатаму, кога велат „за себе и по свое“, мислат на: старо-новиот театар „Александар I Караѓорѓевиќ“, некогашниот Офицерски дом, или вртелешкана за будали, или очекуваното Големо Тркало … или можеби пивтијадата од „неокласика“ со елементи на „барок“ …? Тоа ли е долгоочекуваното наше, „за себе и по свое“, и за кои тоа „себе“ и за чие тоа „свое“ говорат? И ако за ракијадите и пастрмајлијадите дури и можеме да најдеме историски корени, каде би ги барале овие „за себе и по свое“? А дали, можеби, тоа „за себе и по свое“ крие ненамерно излајан друг контекст / концепт, што ќе рече други и поинакви амбиции и намери коишто немаат врска ни со нас ни со нашето?

2014-02-21 13.18.46

Понатаму, дали во тој нов вредносен систем спаѓаат и сите оние „скулптури“ низ централното градско подрачје? Сите оние плагијати, најдрско искрадени преку интернет и тупосани среде град да се чудат луѓето? Што ќе рече дека  примерот на новите вредности се оние рахитични лавови со огроооомни глави кои не’ пречекуваат пред модернистичкиот мост „Гоце Делчев“ со веќе рѓосана  плехана „барокно“ разиграна ограда премачкана со златна боичка? За тој ли вредносен систем говориме? Или, ги загледал ли некој оние стотици метри „релјеф“ под „спомениците“, ја видел ли таа новотарија од страв и ужас, на луѓе пресечени до колена, со неартикулирани движења и несразмерни делови на телата, со кошмарни ликови …? Или оние ѕидови и парапети од стиропор, премачкани со трошка малтер?

Тоа ли е новото што го нудат овие „нови“ лумпентеоретичари и квазиестети?

2014-02-21 13.17.03

ЗЛОСТОРСТВО И КАЗНА

или

БАКНЕЖОТ НА СМРТТА (3)

1.

Не е којзнае каква сатисфакција, барем не во нашиве услови, ако човек рече: „Е па, баравте – гледајте!“. И тоа „баравте – гледајте“ кај нас може да важи буквално за се’ во таканаречениот ни јавен живот, од политика до комунални дејности. Ама, во случајов, се совпаѓа како идеална завршница на нашите неморални (не)културни односи со власта, а особено со она незаборавно Министерство за леб и игри, (наводно) одговорно за состојбите во (не)културата кај нас. Поточно, ни мање ни више туку на самото заминување предизвикано од т.н. самораспуштање на таканаречениот ни парламент, културните работници, сосе уметниците, беа почестени од власта (ама и од опозицијата!) со Закон за измени и дополнувања на Законот за културата. И тоа баш онака тајно, низ мижи-бутај процедура, никој да не види и не чуе, на мала врата илити капиџик, си донеле тие закон, а вие мислете му.

Така, фамозниот ни Закон за културата како вистинско „ремек-дело“ на македонската пословична глупост во (не)културата, ја завршува својата авантура со целосна негација на се’ што значи уметност, творештво, здрав разум … а во полза на полуписмените бирократизирани структури на власта, едни или други, кои одвај чекаат законски механизми конечно да ја ликвидираат културата од нашето секојдневие.

2.

Како гром од ведро предизборно небо, иако не и претерано изненадувачки, имајќи ги предвид умствените капацитети (не само) на ова Министерство, доаѓа веста за веќе изгласаните измени во тој таканаречен Закон, каде дефинитивно се доуточнуваат одамна (1998) започнатите процеси на делегитимизација на македонската култура и творештво, на Уметноста, на здравиот разум. Малкуте јавни гласови против, вклучувајќи ја и мојата маленкост, како да согледуваа подолгорочно какви се’ негативни процеси и малверзации се отвораат со самото носење на еден таков закон, особено со таков наслов. Зашто кој, ако не глупавото македонче, може да помисли дека треба со закон да ја регулира целата култура, дека културата требала да подлежи на норма, дека тој и таков закон ќе бил устав (држ’ ме мајко) во културата и слични будалаштини. И кога на будали ќе им дадете такво оружје во рака, ќе ви е… мајката. Нормално!

Затоа, од тој аспект, воопшто и не ме изненадуваат најновите изблици на нашава (не)културна бирократија која мисли со газот а не со главата, или не мисли со ништо зашто, конечно, и именуваниот заден дел на телото си има важни и витални функции. Тие таму, во Министерството за леб и игри – немаат. Немаат никакви функции, особено не нормални, човечки, мислечки. Тие како да се таму да исполнуваат желби на други будали, кои сепак имаат некаков план. А тој се вика – уништи се’ што можеш. И повторно, не е проблемот во нив, тие си работат по задача. Ама затоа, ниту едно злосторство не минало без соучесници. Што ќе рече, злосторникот не може да направи се’ сам. Му треба помош, ваква или онаква, секаква. Особено од типот на помошта од претходните текстови како животно дело на нашава „интелектуална“ братија. Плус, оној вид конкретна уличарскаи секаква друга  помош, каква што беше искажана на оние монструозни демонстрации на македонските „културни работници“ против опозицијата. Гол гас таламбас. И виолините на оној „донаторон“. Е таква помош е драгоцена во вакви неморални општества. Ама сега, истите тие што демонстрираа, кукаат и се чудат како било можно вакво нешто. И се закануваат со штрајк. Бре, бре, бреее, ај и тоа чудо да го видиме!

3.

Се разбира, како и многу пати досега, нашава неморална интелекуално – копулативна културна збирштина заборави дека за секое злосторство има и награда во вид на – казна. Парадоксот е, а ние сме по обичај полни со парадокси, што овде казната доаѓа од наредбодателот на злосторството. Па така, целава наша „културна“ братија, онаа демоснтраторска ама и онаа, да простите, гомнојадачка, е почестена со „наградата“ во вид на новите дополнувања на Законот за култура, коишто од уметници ги направија „даватели на услуги“. Но, впрочем, тие и се покажаа како такви. Зарем малку услуги им испорачаа? Е па, ова им е наградата!

Ама овие кутриве се упорни, па плачат дека тие не ти биле „даватели на услуги“, туку ти биле – уметници!? Пази богати, уметници што шетаат по улици и демонстрираат против опозицијата. Зашто не го носела буџетот. Е па ете ви го буџетот, на квадрат И плус ќе ги оценуваат странски комисии, да видат кој колку сребреници вреди. Ама кога тоа го воведоа ДЛУМ-овци (и тоа оние баш од мерино класата!), кога викаа белосветски куратори да „жирираат“ низ македонските галерии, кога ги понижуваа своите колеги, овие  другиве си свиркаа. Е па сега на вас ви е редот. И пак да си свиркате, овој пат како „даватели на услуги“!

Но, што е поинтересно, оние „високине“ македонски (?) „уметници“, оние што се на листите, едни или други – парламентарни или донаторски – тие молчат. Ко заливени, што би рекле соседине, а богами и оној „непартискион“ директор на МНТ, ама и тој донатор, плус „давател на услуги“. Не смеат да писнат. Иако им се откри рецептот како се станувало денес директор. Непартиски. Ама остана тајна какви се услуги (ќе) даваат овој тип „уметници“? Само парични донации, или и друг тип услуги? Мислам дека Законот во овој поглед не е доволно прецизен. Како впрочем и се’ друго што фати и упропасти ова Министерство. Но, тоа е друга тема.

Од друга страна, молчат (повторно ко заливени) и оние кои исколеничија (зборов дури ми звучи и како комплимент) до титулата национални уметници. И ќе молчат, се разбира. Иако сега се „национални даватели на услуги“. Браво. А и (пре)платени се да молчат. Како и да е’, сите го добија заслужениот и конечен смртоносен бакнеж од газдите!

4.

За крај, не гледам сериозна потреба да се анализира (пресилен збор) најновиот испрдок на надлежните мали мозоци на Министерството за леб и игри. Тоа би било само губење на време.

Но, сериозна анализа е потребна на однесувањето на опозицијата во оној и онаков македонски парламент (ако некој се чуди зошто е напишан со мала буква, нека се јави, ќе му објаснам), особено по повод донесувањето на овој закон. И навистина не знам како некој ќе го (о)правда тоталниот молк на опозициските пратеници по ова прашање: со незнаење што и како им се случувало, со незаинтересираност, со апатија зашто повеќе не се на листите, избегаа од тој час и отидоа во кино утро … што? Што им беше работа на тие персони, за што беа платени секој месец со толку пари колку што едно просечно македонско семејство не гледа во текот на цела година? Како може да има оправдување за таквото однесување? Ќе ги повика ли некој на некаква, па нека е и политичка, одговорност во нивната партија / партии? Или пак, по којзнае кој пат, ќе се премине преку нивните будалаштини, детското однесување, незнаењето и глупоста …? Зарем навистина некој ќе може да го оправда целокупното однесување на опозицијата во врска со носењето по итна постапка на еден ваков закон? И нивното молчење!? Имаат ли тие појма што и како било изгласано со или без нив, сеедно? Кажал ли некој барем два збора? Или културата и за нив е последна дупка во нивното кавалче-мозоче? Или пак културата не е доволен предизвик за нивните мегасуети, како на пример надворешната политика, социјалата, здравството …? Или изигруваа увреѓени величини што не се повторно на листите, па кој им е.. матер и на опозиција, и на партија, и на култура …? Па онаа будала пушташе мустаќи во знак на солидарност со не знам што, а ваму му поминуваат закони ко низ путер? Ќе има ли еден, барем еден, пратеник од нивните редови да и’ се извини на оној мал преостанат сериозен дел од македонската култура за таквиот ароганет пропуст?!