Monthly Archives: November 2016

КАКО СО ЗЛОТО

rили

ЗЛО (13)

Конечно, клучното прашање денес е: како со Злото? Ако се следи христијанскиот кодекс – а и барабиве, нели, „проповедаат“ христијански конзервативизам – ние, повторно, би требале да го свртиме другиот образ. Иако, впрочем, ништо друго и не правевме десет години туку наизменично ги вртевме образите. Сега не знам кој е на ред – левиот или десниот? А христијанскиве кознервативци еднаш да добијат по носот? Како ли би изгледало тоа? Или тоа не е христијански?

Некои од упатствата на г-динот Заев како водач на опозицијата насочуваат кон почитување на христијанските норми на однесување. Не директно, можеби, и не баш (повторно) да го свртиме другиот образ, но да бидеме христијански милозливи кон барабите. Зошто? Кога тие во овие десет години се однесуваа христијански кон некого, особено кон некој од (условно) спротивставениот табор (иако кај нив и тоа беше недефинирано зашто секој кој мислеше поинаку, за што и да е’, беше противник!)? Во целава оваа предизборна гунгула, со сите реклами и малоумни спотови, се појави и еден вистински лик – не глумец, не „случаен минувач“ – кој говори за неговите лични искуства со Злото во државната администрација. Иако сум сигурен дека во земјава веќе нема единка која, ако не од прва тогаш барем од трета рака, не слушнала барем една епизода од серијалот „Како ја украдовме државата“, овој човек директно во камерата говори за „третманот“ што го добивал во еден државен орган (Министерството за (не)култура) заради неговата политичка припадност, заради понаквото мислење, заради слободата на определување и говор …

Ако и тоа ни недостасуваше, ете – го добивме. Имаме пред нас образован човек фрлен на најдолното скалило од силната им злосторничка државна администрација само заради „идеолошката“ обоеност; имаме човек кому не му е дозволено да ја врши работата за која што е стручен (постручен и од министерката) само заради политичката определба; имаме државен службеник кој отворено посочува на Злото и неговите методи на понижување и справување со неистомислениците! И повторно: не слушнав(ме) да се огласи ниту еден орган во државава надлежен за таквото бесрамно однесување на власта. Не слушнавме ниту еден од „независните интелектуалци“ да допраша за што всушност се работи, да побара одговорност … Ама затоа ја слушнавме фамозната  министерка за администрација дека немало притисоци врз администрацијата, дека обвинувањата се неосновани и неточни. И без оглед што го гледа секој ден на телевизиите толкав човек како прецизно посочува што се’ преживува од нејзината администрација, таа шушумига смета дека тоа не е ништо!? И баш би сакал сега да се обрати и „многупочитуваната“ министерка за (не)култура, макар и на лепом српском језику! Но, зошто би се мачела и таа кога и така никој од неа / нив не бара ни одговори ниту одговорност?

Ако овој извонреден пример го простреме во изминативе десет години и го претпоставиме како некакво можно, очекувано правило на однесување односно борба против Злото, веројатно денес не ќе ја имавме оваа ситуација. Зашто, дури и таква централизирана полуписмена бирократија базирана на насилство и мобинг каква што изгради Злото кај нас, неминовно паѓа пред силата на јавниот аргументиран истап! Впрочем, следејќи ги поуките од другите тоталитарни системи, особено од фашизмот, македонското Зло успешно изигра на картата на популизмот, на групните (партиските) права наспроти индивидуалните. Затоа и индивидуалниот истап, посочениот но и потенцијално многуте други ќе придонесеа, и ќе придонесат за конечно раскринкување на ликот на Злото.

И, да се вратам на почетокот на овие текстови за Злото, на Хана Арент која вели дека власта е специфичен извор на сила, на моќ. Но, кај нас власта, особено оваа власт, се покажа како извонреден извор на зло, трансформирајќи ги раководните структури во злосторничко здружение а методите на практикувањето на власт во отворено и грубо кршење на сите човекови права и цивилизациски норми. Апсолутната власт не само што апсолутно корумпита туку и произведува апсолутно зло. Методите на борбата против такво количество Зло не можат да бидат поединечни. Такви, впрочем, и беа изминатава деценија и не дадоа резултати. Моментот на „улицата“ покажа дека всушност Злото има уплав од – народ, од луѓе („социјални сили“, Арент) здружени со една цел и решени истата да ја остварат.

КАКИСТОКРАТИЈА

или

ЗЛО (13)

Ако еден искусен дипломат (во еден мандат стационирана во Макекдонија) и секако интелектуалец од формат како г-ѓата Гудрун Штајнекер изрече дека „Никола Груевски, кој важеше за ефективен технократ, ја узурпираше прво партијата, а потоа и државата со нејзините институции воспоставувајќи клиентелистички систем“, за да потоа заклучи  дека „по десет години владеење на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, Македонија стана дисфункционална држава“, тогаш тоа се сериозни констатации што треба да се земат предвид при секое (идно) промислување на состојбите во оваа земја. А ако малку попластично се разглоби поимот „дисфункционална држава“, резултатот е оној на Бранко Тричковски: дека „нефункционална држава не е држава“! И точка.

Да, но со тоа би морал да го завршам и овој текст, а баш ми оди добро. Затоа можам повторно да го проширам со уште еден Тричковски, дека „Дисфункционална држава по дефиниција не е држава, тоа е територија на која тоа што некогашните државни функции се остваруваат како најтешки можни деформации на злосторничкото здружување на власта и на инертивното потчинување на луѓето со постојано производство на нови стравови“. Што е одлично дообјаснување на г-ѓата Штајнекер и упатување во поимот што јас сакам да го воведам. А тоа е поимот какистократија, збор на кој што неодамна и сосема случајно налетав, а ми се чини како уште еден во низата што одлично се вклопуваат во нашето секојдневие.

Инаку, поимот какистократија, како и другите „кратии“, потекнува од грчкиот збор κάκιστος (најлош), а во целина значи – владеење на најлошите! И тоа кај нас е веќе ноторен факт потврден од сите значајни инстанци, пред се’ од историјата и силата на сите битни показатели, во локални и меѓународни рамки. Приврзеници на нашава какистократија останаа само еден грст самонаречени интелектуалци и збирштина уличари, кецароши и мангупи платени и понатаму да ја замајуваат јавноста со „успесите“ на власта. И, се разбира, се’ уште посветени останаа и оние три клиентелистички институции кои што ние сака(в)ме да ги видима како наши општествени темели: МАНУ, Универзитетот и МПЦ! Иако и тоа е речиси очекувано зашто постапното но сигурно распаѓање на целиов клиентелистички дисфункционален систем значи и распаѓање на нивниот свет: губење на привилегиите и изворите на дополнителни (и не така мали) приходи, изместување на центрите на моќ и нивната важност во општеството, крај на идолопоклонството кон златното теле и формулирање на нов морален кодекс … Сето тоа им ги расипува плановите, им ги поместува концептите за иднината така фино замислена врз грбот на другите.

Затоа впрочем и повикувањето на кооперативност, на мирни транзиции, на идни амнестии. Затоа всушност и непрежаленион ни андерграунд „мислител“ плаче заради тоа што опозицијата им ги ремети плановите, зашто „… таа успеа да ги измести општествените хиерархии и хармонии, нарушувајќи го поредокот и создавајќи кризен амбиент, непријатен за сите“[1] (sic!). Замислете, ги изместила „општествените хиерархии“ каде на врвот заседнаа бараби и криминалци, уличари и ситни џебџии, а типови како „мислителот“ налегнаа на грнето и – вадат ли вадат. Во таквите нивни „хармонии“ тие беа сигурни дека во текот на годината ќе инкасираат толку колку што испланирале и никој тоа не може(ше) да го промени. Во таквиот нивен клиентелистички поредок некој сега се осмелил да создава кризи и да ги ремети во нивното мирно и разиграно испразнување на сите државни ресурси за нивни лични потреби? И нормално дека таквиот амбиент е непријатен, зашто ги изложува на дополнителни стресови – ете дел од нивните газди почнаа да се шетаат по не многу популарни рути, како што се судовите и Специјалното јавно обвинителство. А таквиот почеток значи и сигурен крај, само што се’ уште не се знаат финесите! Но, греши во едно. Таквиот амбиент не е „непријатен за сите“. Таквиот амбиент е непријатен за еден дел од нас – односно непријатен е токму за нив – зашто најголемиот дел од нас нема за што да биде загрижен. Ама тие – имаат! Имаат, и тоа многу. И, како што оди времето, ќе си платат, секој според ограбеното, секој според заслугите. Кај некои тие се големи, многу големи, особено во редовите на македонските „интелектуалци“!

А сепак, едно има право нашион „мислител“. Има право дека на македонскава какистократија и’ се нарушија сите хиерархии и хармонии. И дека кризниот амбиент ескалира од ден во ден. И ќе ескалира и понатаму се’ до уривањето на оваа дисфункционална какистократија на Злото, невидено во македонската историја! Изборите се всушност само спас за какистокративе. За некои, додуша, не за сите. Некои, малкумина, ќе можат да се „правдаат“ дека, ете, загубиле на избори па (ќе) мораат да се повлечат. И понатаму ќе разглабаат за чадори, за притисоци од „меѓународната“, за жолти комбиња. Ама врхушката на Злото и сите нејзини пипци нема да ја имаат таа среќа!

[1] Александар Станковски, Слонови, Република online, 21.10.2016

НЕОПРЕДЕЛЕНИ

или

ЗЛО (12)

Со сиот ризик веднаш некој да ме обвини за пристрасност, повикот на Заев до т.н. неопределени ми изгледа во моментов најумесен: „Сега, при очи ќе се правиме слепи, при уши глуви, при уста ќе молчиме?!“! Зашто, главно, на тоа се сведува целата работа со т.н. неопределни. И го потенцирам тоа таканаречени зашто не можам искрено да поверувам дека во моментов, во Македонија, може да постои таков „неопределен“ човек. Ако постои, сигурно живее во некое свирипичино, без струја и вода, далеку од сите цивилизациски комуникации, без основни информации за тоа што се случува(ло) околу него … Но тој / таа тогаш не се неопределни, туку се само изгубени во просторот и времето и бијат своја битка со животот. И со бедата. И не велам дека нема такви во оваа пуста Македонија. Можеби ги има многу, зашто ова наше локално Зло ја запусти буквално цела држава! Но, повторно, тие не ги гледам како т.н. неопределени, зашто тие тоа не се. Но и тие се обесправени, комплетно, и тие се жртви на Злото, иако можеби тоа не го знаат. И повикот на Заев веројатно и не е упатен до нив. Тие и така нема да го слушнат.

Цитираниот повик, и не само тој, е упатен до оние т.н. неопределни кои точно, до запирка, знаат, и знаеле што и како се случувало во оваа земја цели десет години, кои гледаат, слушаат и читаат – ако не повеќе тогаш последниве две години зашто тоа и не можеле да го одбегнат – како се разорувал еден систем и како се пљачкосувале државни пари. Сето тоа го виделе, на еден или на друг начин, го слушнале, го прочитале, ама – не ги интересира? Ма немој, а кога ќе / би ги интересирало? Ако некој од нивното семејство биде убиен среде плоштад, или во сомнителна сообраќајка, или ако го притворат на неопределено време и го фрлат клучот, или ако му го малтретираат семејството, потесно или пошироко, заради „поинакво мислење“ …? Или ако не можат да се вработат заради „политичка неподобност“? Дали тогаш – ќе се определат?!?

Затоа приказните за некаква неопределеност, неутралност, незаинтересираност за политика и слични bullshit изговори ги сметам (најблаго) за таканаречени, а всушност станува збор за саможивост и себичност, кукавичлак, опортунизам, простотилак, ако сакате. Ако и денес не е јасно дека изборот е еден, а неопределеноста е глас за дефинитивна смрт на државата, тогаш кога ќе им се разјасни? Тогаш кога ќе дојдат и тие на ред?

Злото, впрочем секое зло, па и нашево, игра на тие карти, на таквите човечки (во основа недоблесни) карактеристики, на вртењето глава и неотворањето уста, на ситните а богами и крупните услуги, на трката со животот … Т.н. неопределни секојдневно го хранат организмот на Злото, му го продолжуваат векот и моќта за метастазирање во сите пори на државниот систем односно на она што од него останало. Веројатно нема правило за таквото однесување. Секој има своја („неопределна“) приказна, како во легендарната „Приказни од 1001 ноќ“. Дури некои, како нашиот „Сократ“, се жалат дека никој не ги прашал за мислење, па заради тоа и не кажале ништо. Цели десет години!

Но, се разбира, како и во сите други ситуации, и во контекстот на т.н. неопределени Злото смета на секогаш несебичната помош на македонскиот „интелектуалец“. Оној „непрашаниот“, оној „неопределениот“, оној „незаинтересираниот“. А меѓу нив и некои кои се тука за да ја смират  реториката, да ја умртват затегнатоста, дополнително да го анестезират  „неопределниот“ и да го убедат во исправноста на неговата пасивност. Македонскиот „интелектуалец“, улежан во комодитетот и синекурата на секојдневието, сторен ѓон во образите и црна дупка во совеста, (ќе) му раскажува бајковити приказни за убавините на есента или кукавички ќе го советува на „мудар ескапизам“: „окружување со благородни нешта, убавина, поезија и литература, многу музика, квалитетно време со најблиските, особено децата кои се контаминирани од сите општествени зла – и природа! Само убавината (можеби) ќе го спаси светот, а и нас во него“[1]. Се разбира, само македонскиот „интелектуалец“ од таков најдолен вид може во македонското зовриено до крв секојдневие да ужива, да бара убавина и благородни нешта. И да ја наоѓа, веројатно, зошто да не. Впрочем, нели, велат дека и арсонистот Nerō Claudius Caesar Augustus Germanicus уживал во опожарениот Рим? Иако не свирел виолина – уште не била измислена – ама танцувал облечен во театарски костим! А велат (Такит) и дека христијаните ги потопувал во масло и ги палел навечер за да има светлина во неговата градина. Можеби и нашиве го чекаат, со уживање, тоа?

Подлата игра на македонскиот „иинтелектуалец“, ете, не престанува ни во најчувствителните мигови за земјата, кога и буквално се решава нејзината судбина. Интелектуалната агентура работи како и Владата – 24/7 – измислувајќи нови и нови начини за дополнително апатизирање токму на неопределените. Бара од нив добро да размислат што (ќе) прават, да се опуштат и веројатно да се сетат како режимот добро се грижел за нив. Упатуваат на „… смирение пред да го заокружите тоа што ќе го заокружите: возете бавно, размислувајте бавно, погледнете ги минувачите и нивните лица… Гласајте за полн, богат живот. Не станувајте принудно од луѓе – инсекти, заведени од политичките светлини на градот“[2]. Светлината на иднината заслепува – мракот е изборот! Црното ќе го прават бело, зашто за тоа се платени. Уште разноразни будали (ќе) се држат до офуцаните скаламерии за некаква „градителската и инвестициска ренесанса“, за  шизоидното „Скопје 2014“ како „… вистинско освежување и охрабрување – но тоа се и економските зони, изградбата и реставрација на железницата, патишта, гасоводи – изразено преку бенифитите за фирмите, зголемување на вработувањето, бруто-домашниот производ, извозот, високорангираните и светски верифицираните позитивни услови за странски инвестиции, макроекономска стабилност, релативно низок буџетски дефицит…  “[3]. И сето тоа со засилено темпо и насочено токму кон т.н. неопределени зашто, прво, сега тешко ќе се крадат изборите, и второ, да не би некој од тие да се премисли. Важен е секој глас!

[1] Билјана Ванковска, Време е за одмор, Нова Македонија, 21.11.2016

[2] Венко Андоновски, Принудни инсекти“, Нова Македонија, 21.11.2016

[3] Аљоша Симјановски, Лавовите, мостовите, тркалото, Утрински весник, 20.11.2016

СОУЧЕСНИШТВО

или

ЗЛО (11)

Но, македонската интелектуална кооперативност не се задржуваше само на можната блага форма на значењето на тој збор. Најчесто таа кооперативност се трансформираше во порадикалните форми наречени клиентелизам и   (ин)директно соучесништво во сите криминали на Злото, беспоговорно вртејќи ја главата на другата страна од сите докази и актуелни случувања во земјата. И мислам дека веќе кај никого во државава нема дилеми дека неколку (условно) врвни македонски институции, дури, ако сакате, симболи на македонската државност и самостојност – паралелно, се разбира, со една цела булумента самонаречени „независни интелектуалци“ – се самоетикетираа како (не ретко) инспиратори и (многу често) носители на тој клиентелизам и соучесништво. Впрочем, тие неколку пати ги спомнував и овде, а беа најчесто спомнувани, дури и стигматизирани и во јавноста како примери на апсолутна кооперативност, или пак невообичаена пасивност и молк пред налетите на авторитарната власт што, во крајна линија, се граничеше со соучесништво. Тие, секако, се Македонската академија на науките и уметностите како врвна научна, културна и уметничка институција кај нас, потоа Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ како најреномирана и најстара високо-образовна институција и, секако, верските заедници, пред се’ Македонската православна црква и Исламската верска заедница како верски столбови на општеството. Некој можеби би можел поконкретно да го измери придонесот на секој од овие сегменти во поддршката на развојот и етаблирањето на Злото кај нас, но тоа и не е толку битно. Она што останува за историјата е нивната срамна повеќегодишна тотална индиферентност кон случувањата во земјата, вообичаената отворена (поединечна или групна) партиципативност во редица одлучувачки тела и политики на власта, слугувањето на политичката врхушка во подјармувањето на сопствениот народ, а со сето тоа и премолченото соучесништво во сите криминални активности во изминатава деценија. Овие научни, образовни и верски темели на државата до крајни граници се самопонижија и делегитимираа преку нивната кооперативност и соучесништво во „културната  антиреволуција“ (Климе Поповски), образовната контрареволуција и целосниот морален колапс во државата! Зашто, ако тие беа кооперативни – таква беше и интелигенцијата, ако тие соработуваа – соработуваа и (грото од) интелектуалците, ако тие молчеа – молчеше и (грото од) народот.

Македонската академија на науките и уметностите, каде претседателствувале и членувале и такви македонски умови како Блаже Конески, Никола Мартиноски, Михајло Петрушевски, Михајло Апостолски, Јордан Поп Јорданов, Јордан Грабулоски, Христо Илиевски, Харалампие Поленаковиќ, Исак Таџер и многу други, се спушти на најниските можни гранки во своето постоење бесрамно затворајќи ги очите пред сите варварски налети врз македонските наука, култура и уметност, пред директното понижување и на некои нејзини видни членови, пред уривањето на целиот макотрпно граден вредносен систем, (ин)директно потврдувајќи го воспоставувањето на партиското начело на врхушката: „државата – тоа сме ние“! Врвната македонска научна, културна, образовна и уметничка институција не најде за потребно да реагира дури ни во најкритичните мигови за државата (раситнувањето на образованието, уништувањето на културното наследство, тоталното игнорирање на науката, воведувањето на кичот како уметничка вредност итн.), или реагираше погрешно, како во 2001 година со застанувањето зад тезите за можна територијална поделба на државата. Македонските академици (со чесни исклучоци од типот на највозрасниот меѓу нив Ѓорѓи Филиповски!) буквално се продадоа за грст проекти, за членувања во властодржните партиско-политички одбори и комисии, за објавени книга-две, напуштајќи го светото академско начело за борба за вистината. Нивното  коруптивно слепило не успеа да го види ни распадот на образовниот систем, ни студентите по скопските улици, ни нагрдувањето на градот и уништувањето на културното наследство, не го виде ниту енормното задолжување на државата, разнебитувањето на економијата … Тие беа, и се’ подготвени да не’ продадат сите топтан заради личниот им интерес и комодитет!

Универзитетот, се разбира, беше приказна (во траење) за себе, конгломерат на партиски инсталации, селски суети, непотребни или препишани магистратури и докторати за влијанието на гама зраците врз сенишните невени – една неверојатна збирштина од полуписмена булумента која дури и во Хорхета виде потенцијал! Со чесни исклучоци што можат на прсти да се избројат, тој и таков Универзитет застана рамо до рамо со политичката врхушка во сите нејзини марифетлуци и манипулации, популизми и небулозни „проекти“. Покрај еден толкав Универзитет поминаа и сите кршења на Уставот и законите, едно цело „Скопје 2014“, „сваровски“ судството, „реформите“ во образованието и здравството … итн.

И третиот столб, оној (не само) на верата во Севишниот (без оглед на неговото име), благоглаголиво се стопи со политичката криминална врхушка, држејќи им страна и проповеди во секоја прилика, удостојувајќи ги со приеми и гоштевања по повод верските празници, аминувајќи – јасно и гласно – на сите криминални дејанија што го втурнуваа нивното стадо во беда невидена на овие простори последниве половина век. Ниту една верска заедница, а особено најголемите две, не најдоа ни збор критика за кримогените пустошења низ земјава, за убиствата и прогоните, за малтретирањата, за партизацијата дури и на верата … Македонското свештенство – со, чинам,  само еден исклучок – цела деценија не успеа да се отргне од бандитската прегратка на власта, од заедничкото шурување дури и во најголемите злодела од типот на еден Плаошник, па и цел Охрид („Балканскиот Ерусалим“!), ако сакате. Наспроти честите јавни прозивки и критики за таквиот вулгарен верско-политички брак од интерес, како и против очигледно раскалашниот за наши услови живот на македонските владици, одговорните во МПЦ се однесуваа како самобендисани недопирливи божји пратеници на земјата, најмалку заинтересирани за верските, но и за моралните поуки. Зашто, Црквата белки не е само инструмент за прибирање пари од народот, туку и глас за моралните вредности, за Правдата и Светлината, за Духот на Вистината? Или нашиве, целосно далдисани по земните уживања, комотно му се препуштија на Злото и неговото водство?!

КООПЕРАТИВНОСТ

или

ЗЛО (10)

Што би се случило кога ние би имале (сличен) пример како Салман Рашди? Човекот веројатно не ќе издржеше долго. Впрочем и Рашди ќе го стасаше лоша карма ако се ослонеше (само) на владата на Тачерица која дури и се подготвувала да се извини за објавувањето на неговата книга. А сепак, гласот на британските интелектуалци, особено на неговите колеги писатели, беа пресудни во подигањето на свеста на јавноста за слободата на говорот, а со тоа и на пишаниот збор, за слободата на изразувањето, за човековите права во целина – вклучувајќи ги тука и на Рашди – што потоа резултираше и во акција на власта за заштита на писателот.

Ние, за среќа, немаме таков случај, но имаме два во кои што двајца новинари, Томислав Кежаровски и Зоран Божиновски, беа (Кежаровски) затворани односно се во затвор (Божиновски). Не дека немаше јавна опозиција во двата случаи, посебно од нивните колеги, но кај Кежаровски таа или доцнеше, или беше прилично млака и еднострана (главно од новинарската фела), додека во вториот случај речиси целосно изостанува вниманието на јавноста, вклучувајќи ги тука пред се’ „интелектуалците“, за случајот! „Слободата на говорот е самиот живот“, вели Рашди, но кај нас и тоа е релативно. Што, повторно, го потврди и неодамнешната „светска“ конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема „Миграцијата и предизвикот на интеграциите низ дијалог помеѓу религиите и културите“, одржана во Битола, каде што на архиепископот охридски Јован, претстојател на ПОА, не му било дозволено да учествува! Што всушност и не е чудно за една „во суштина провинциска манифестација“ (Давид Нинов). Ама, повторно, никој од нашава „интелигенција“ не најде за сходно да се огласи, нели? Или да излезе и протестира барајќи право на збор за Јован, или кој и да е’ друг?! Или тој Јован е еретик, шизматик, што ли, па нема ни право да зборува? До таму ли ја дотеравме со слободата (и правото) на говор?

Но затоа, македонскиот „интелектуалец“ претплатен на секојдневните јасли кај власта во изминативе десетина години успешно ја применуваше формулата за слободата само на личниот говор кога сакаше да ги пласира своите небулози за демократичноста на владеачката клика, за нејзините големи дела и добри намери … А од таа власт навистина свикнавме на многу нешта, на нешта тотално неспоиви не само со демократијата туку и со здравиот разум, а тој, македонскиот „интелектуалец“ во таа општа дегенерација даде несомнен придонес. Дури беше и иновативен, би рекол, во измислување на сто и една причина за слугување на власта, за молчењето, за нереагирањето на очигледните криминали … за целосната и недвосмислена поддршка на Злото. Меѓу последните е и вистинскиот бисер на еден наш писател, кој не’ просветлува дека „Нашето поимање на политиката, за жал, е воено-територијално, а не кооперативно однесување низ просторот на општеството“[1]! И мора да се признае дека не така често се слуша таква  интелигентна формулација за соживот помеѓу опресорот и потлачениот, ограбувачот и ограбениот, помеѓу злосторникот и жртвата … помеѓу Злото и останатиот дел од светот! Тоа е препораката за македонските (потенцијално бунтовни) генерации – а можеби тоа им го предаваат и на студентите? – кои би посакале и денес, па и во иднина, бескомпромисно да се справат со вакви режими и нивните злосторства: дека кооперативноста е лекот за сите можни неволји, сегашни и утрешни. Тоа воедно е и спасоносната формула на македонскиот „интелектуалец“, проверена со децении назад, а последниве години особено! Зашто „воено-територијалните“ потфати се ризични, несигурни, можат да резултираат во расипување на комодитетот, останување без пожелните хонорари и синекури, без раката на газдата која што умее да помилува, кога треба. Ама умее и да замавне, ако треба. Затоа кооперативноста е така ценета кај нас бидејќи обезбедува мирен и лагоден живот, чорбичка во чинијата, паричка во џебот, нема потреси и смутови, нема пикови. Секојдневието е рамна линија, како кога срцето е мртво. Асистола! Зашто, во нашиов случај, кооперативноста е токму тоа. А тоа е целта и на секој режим, па и на нашиов – тотална кооперативност, по можност проповедана ex catedra (на сите рамништа и во сите институции на системот)!

Таа кооперативност, впрочем, е на дело веќе десет години и нејзините резултати се евидентни. Не ги гледаат само оние кои не сакаат да ги видат. Таа (веќе историска) македонска интелектуална кооперативност, иако до денес неспомната вака отворено и јавно, обезличи цел еден народ, уништи цела една (не само) современа култура, прогна речиси една третина од работоспособното население по белиот свет! Таа наша веќе чуена кооперативност на Трпе и Трајче затвораше очи пред сите грозомории што секојдневно ни се случуваа, дури и пред убиства и апсења, пред епохалните грабежи и разнесување на државата, пред воспоставувањето на уличарски систем на вредности и односи. Да живее кооперативноста, вели македонскиот „интелектуалец“ и застанува во редицата да биде погален од газдата за доброто однесување!

[1] Венко Андоновски, Конструктивни катастрофи, Нова Македонија, 07.11.2016

ДОКАЗИ

или

ЗЛО (9)

Не знам дали после денешниот прес на Специјалното јавно обвинителство нешто им се појасни на повеќето македонски „независни“ интелектуалци кои две години, (божем) со неверување, па со спинови, со нелогички и во основа налудничави конструкции се обидуваа да го минимизираат скандалот со прислушуваните разговори (без судска наредба, се разбира, што ќе рече – незаконски), со коршењето на човековите права, на Уставот и законите … Не знам дали јавните обвинителки, изнесувајќи (само делумни) податоци за тоа кој и колку бил прислушуван им ги појаснија работите (кои што, сепак, им беа јасни на сите нормални во оваа земја!) околу опфатот односно димензиите на монструозното „големо уво“ на нивните непрежалени газди? На пример, дека е точно дека биле прислушкувани 20.017 телефонски броеви, дека одделни луѓе, особено од опозицијата, но и новинари, биле континуирано незаконски прислушувани – Заев најмалку 1.150 дена на едниот број и најмалку уште 400 дена на другиот број, Верушевски 600 дена, неговата сопруга 816 дена, дека прислушкувањето незаконски продолжило и по 31.12.2015 година односно траело и во 2016 година …? Што ли сега ќе смислат македонските „независни“ и „сомничави“  интелектуалци? За која запирка ќе се фатат?

Ама, види чудо, нивниот миленик Пастирот – не бил прислушкуван! И како тоа, ако прислушкувањето го организирала опозицијата, или оние проклети странски служби, тие прислушкувале се’, само најважниот во тие години – не? Зошто? Тој немал што интересно да (им) каже? И не им говори ништо ли фактот дека тој ист нивни Пастир во огромни количества си ги слушал и најблиските соработници: Гордана Јанкулоска била прислушувана незаконски најмалку 732 дена, Миле Јанакиески на едниот телефон 732 дена, на вториот 553 дена и на третиот најмалку 816 дена,  Али Ахмети бил прислушуван најмалку 338 на едниот број и 867 дена на другиот број, Муса Џафери најмалку 1.658 дена …!

И заклучокот дека доказите недвосмислено упатуваат дека прислушкувањето било вршено во Управата за безбедност и контраразузнавање, факт што ни го соопшти уште Извештајот на Прибе. И дека целиот тој ѓаволски пир бандата го започнала уште во 2008 година!

И сега, на кои, и какви темели ќе го градат „неверувањето“ во пеколниот план на нивните газди да ја прислушкуваат безмалу цела држава односно оние субјекти кои им биле од голем непосреден (политички и бизнис) интерес? Каде сега ќе се вкопа она фамозно „трето мислење“, онаа (бар да е) салонска (квази)интелектуала и мудрувања и какви причини ќе смислат повторно и повторно да ги отфрлат веќе бетонираните докази за тоа што се случувало во државава за време на владеењето на нивните миленици? Или сега ќе почнеме, се’ почесто, да гледаме и слушаме посипување со пепел по главите? Нешто како ова што сега го прави нашата непрежалена МАНУ која  одеднаш, буквално преку ноќ, прогледа и низ устата на актуелниот претседател виде дека Република Македонија поминува низ сериозна политичка криза, анимозитет и антагонизам меѓу политичките партии, нетолеранција и што ли не друго? Или дека постои нетрпеливост помеѓу партиите, како што тоа го формулира бившиот претседател на МАНУ, ама никако не заборави да потенцира и дека морало да има „една нормална демократска политичка битка, во дијалог кој мора да се одвива низ еден цивилизиран начин, без грубости, насилство, омраза и без газење на човечкото достоинство“. И повторно не знам како сето ова не успеаја да го видат и вчера, и задвчера, и пред неколку години, и како и зошто не побараа и тогаш да има толеранција, да нема грубости, работите да се решаваат на цивилизиран начин …? И да не се крадат избори, и да не се убиваат и затвораат луѓе …?

Ваквата превртливост на македонскиот „интелектуалец“ е дури посрамна и од неговото еднодецениско слугување на истите газди против кои сега полека го крева гласот. Првичното неверување по проектот „Вистината за Македонија“ и сето она што тој го донесе – шок, запрепастеност, молк, збунетост – додатно ги мотивираше да се впрегнат уште поактивно и побезумно во одбараната на системот и неговата криминална врхушка. Но, развојот на настаните, особено континуираното отворање на случаите од страна на СЈО и презентирањето на доказите, без оглед и на многуте опструкции, ги уверуваат дека одбрана е всушност невозможна. И затоа, сега, воланот се врти во другата насока, полека (ќе) се детектираат и другите „анимозитети и антагонизми“ во државава, ќе се отвори и пеколното дувло на македонското судство, па на криминалите околу „Скопје 2014“ и што ли не друго. И така овие полека ќе се престројуваат, ќе кооптираат други маски за новиот маскенбал. Освен ако не ги зафати некое локално цунами, нешто од оној тип на радикална реформа планирана и за судството, која што всушност би била добредојдена во целата администрација.

Можеби суштественото прашање (и) денес е: може ли да им се верува? И треба ли? Заслужиле ли или е крајно време да ги отстапат местата на некои други? Ако не поумни, а и такви има, тогаш барем – почесни!?

КОНСТРУКТИ

или

ЗЛО (8)

Кај нас, во принцип, а особено помеѓу интелектуалците, намерно и настојчиво се мешаат поимите и квалификациите или се прави збрка / какофонија од тези и полутези – иако, во суштина, најчесто станува збор за извртени полувистини и спинови – со цел да се прикрие отворената поддршка на Злото заради секакви, а главно лукративни причини. Зашто не е логично, дури не е ниту возможно, еден интелектуалец да не може да направи разлика помеѓу Злото и сето останато (намерно не го употребувам поимот Добро за да не прејудицирам!), да не го гледа криминалот, кршењето на човековите права, притисоците и партизацијата на целото општество … Теориите за заговор на светот против нас, за притисоците од страна на меѓународната заедница, за мешањето (демек непокането!) во внатрешните работи на државата (а во услови кога таа иста држава буквално се распаѓа по сите шевови!) … оперираат токму со полувистини, извртени тези и спинови во служба на натамошното задржување на власта во рацете на една криминална врхушка. И ако тоа, можеби, не е така лесно видливо (а сепак е’)  за т.н. обичен народ исцрпен од борбата за секојдневно преживување, речиси е апсурдно тоа да му промакне и на интелектуалецот. Освен, се разбира, ако не е на задача односно ако не е клиентелистички (об)врзан по било која основа. Зашто сите тие извртени тези за заговори и чадори, колку и да звучат „патриотски“ и барем за миг не’ дислоцираат од вистината за нашава пропаст и владеењето на Злото, сепак се само приказни во функција токму на преживувањето на тоа Зло!

И сега, кога божем од сериозни луѓе слушате / читате квалификации дека проектот „Вистината за Македонија“ наводно фаворизирал само една страна – како да сето тоа што го слушнавме може да се сведе на страни! – односно ја компромитирал само партијата на власт, што треба да мислите? Прво, и тука подло се подметнува тезата дека „сите се исти“ односно дека криминали сигурно (?) има на двете страни, при што прилично детинесто се бара(ше) неселективно објавување на прислушуваните разговори и на опозицијата. Што ќе рече дека и таа местела избори? Дека и таа убила некого на партиско славје среде Скопје? Дека и таа организирала насилни протести пред Општина „Центар“, дека и таа уривала некаков „Космос“, дека и таа преговарала за промена на името … итн? И зарем некој нормален може да верува во тие приказни освен, се разбира, македонскиот „независен“ интелектуалец? А зарем да имаше такви монструозни случувања во редовите на опозицијата власта немаше да најде начин да ги објави? Како што подло го објави кукавички снимениот разговор во кабинетот на бившиот премиер? Или снимката на неодамнешниот слалом на она недоделкано министерче, во негова зачудувачки наивна одбрана?

Што сака да ни порача македонскиот „интелектуалец“ со ваквите смешни конструкции во одбрана на Злото? Дека ние сме мали ретардирани деца и може секој да не’ лаже, кога сака и како сака? Или сака уште еднаш да им потврди на газдите дека, ете, прави усилби црното да го претстави бело, и обратно?! И згора, не’ убедува дека токму заради таквите „селективности“ не се кренал целиот народ. А малкумина ли се кренаа? Или онаа река народ низ Скопје и Македонија не беше баш народ туку сите до еден беа симпатизери на опозицијата? А другите, тие ли се народот, македонски?

Или „тезата“ дека во времето на протестите граѓаните веќе изгубиле ориентација што е вистина а што не е, зашто медиумите известувале различно. И ете, луѓето не знаеле што е точно! А како „доказ“ се спомнува, меѓу другото, и онаа несреќна амбулантната кола што кружеше низ Скопје и сакаше пошто-пото да ги пробие блокадите. Се разбира, „интелектуалецот“ нема да ја спомне во тој контекст и епизодата со проверката на тоа амбулантно возило, која што покажа дека било – празно. Е тоа не му одговара, како што не им одговараше и на режимските медиуми коишто не го објавија тој („мал“) детал. Па затоа и македонскиот „интелектуалец“, напојуван на медиумските извори на Злото, никако не успева(л) да ја разбере вистината! И нормално, тие исти „интелектуалци“ никогаш не го поставија прашањето зошто толкава дискрепанца помеѓу режимските и малкуте независни македонски медиуми во информирањето за еден ист настан? И зошто сите прорежимски медиуми раскажуваат една иста верзија, од збор до збор? Не им засмрдувала ли по малку таквата идентичност на известувањето? Но денес веќе и таа „тајна“ е пробиена: „Во последнава година ситуацијата отиде толку далеку од реалноста што владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ испраќа видео изјави од Груевски или другите министри. Тие се веќе монтирани, така што ги избираат поентите од нивните говори на кои што наша екипа веќе присаствувала. Но новинарот кој бил присатен за време на изјава е само декорација. Тој или таа потоа доаѓа во собата за вести и ја чека партијата да го испрати видеото и текстот што потоа ќе го прочитаат. Понекогаш еден прилог за Груевски може да трае дури седум минути бидејќи партијата заклучила дека тие седум минути се важни. Седум минути за него во вести 30 минути“[1]!

Можеби ова ќе им помогне на македонските „интелектуалци“ да разберат што им се случува(ло) во државата? Ако навистина не знаеле! Или подобро е да гледаш преку плотот, во другиот, и кај него да го бараш злото, како што тоа го прави нашиот непрежален Сарајлија блуејќи оган контра СиЕнЕн („Во својата чиста форма, телевизиската компанија „Си-Ен-Ен“ е екстремно зло, куќа на сеништата и на приказите, служители на нечестивиот, корумпирани и суетни трабанти …“[2])?

[1] Saska Cvetkovska, The Control Room: Political Interference in the news production of Macedonia, Sout East European Media Observatory, 27.10.2016

[2] Александар Станковски, Чиста Си-Ен-Ен, Република online, 28.10.2016

СИТЕ СЕ ИСТИ

или

ЗЛО (7)

Морам уште еднаш да се навратам на онаа запрепастувачки перфидна мисла на една г-ѓа академик пласирана неодамна која, навредена што и нејзиното име се нашле помеѓу спорните гласачи, „мудро“ порача дека таа и така „не знае за кого би гласала утре во однос на партиите што ни се нудат”! Не може никој да ме убеди дека тоа е направено без размислување (зашто тоа апсолутно не доликува на академик во поодминати години) или дека дотичната не била свесна што и како порачува со една ваква изјава. Но, мотивите ни можам, ниту пак сакам да ги истражувам зашто, верувам, прилично се блуткави, да не речам недостојни, срамни. Ама, има еден аспект во таа изјава што е актуелен веќе подолго време – затоа, впрочем, таа изјава беше и така акцентирана од провладиниот печат! – а тоа е тезата „сите се исти“. Всушност, Ордановски точно потенцираше дека тоа е една од основните тези (и) на онаа лумпен-интелигенција, односно една од суштинските нејзини задачи последниве години. Односно, вели Ордановски, „ … целта им е значаен дел од публиката да се откаже и од самата желба да размислува и да ја мери и оценува веродостојноста на приказните и втемеленоста на спротивставените позиции. Целта им е публиката да каже ’сите се исти’, а бидејќи се ’сите исти’, зошто дополнителен напор за промени?[1]“.

И кога претставници на интелигенцијата односно платеници на власта настојчиво инстистираат да креираат токму таква слика во јавноста, особено кај гласачкото тело, дека не се битни криминалите, односно дека сите крадат, дека не се битни провизиите односно дека сите ги земаат, некои поголеми некои помали, дека дури и убиствата, рекетите и кражбата на изборите се нешто вообичаено во македонската политика, тогаш навистина зошто луѓето би се мачеле да гласаат за некакви промени?

Големиот Мирча Елијаде, објаснувајќи ја Книгата Проповедник (Qoheleth)[2],  упатува на еден сличен (протоисториски) контекст и појаснува дека, всушност, станува збор за древна дилема на човекот, за немоќта да се носиме со судбинската предодреденост – а кај нас токму така се пласира оваа флоскула – и го посочува рефренот „се’ е напразно и бркање ветер“. Односно, на сцената стапува еден вид песимистички рационализам, убедување дека ништо не може да се промени, а дури и да се промени резултатите повторно ќе одат во истата или слична насока. Тоа е невидена до сега кај нас подлост пласирана од страна на македонската квази-интелигенција, но поддржана и од многумина видни претставници на општествената мисла. Веројатно не треба пошироко да разглобувам колку ваквите тези денес стануваат опасни, а особено на македонското тло одамна веќе разнебитно и растргнато помеѓу безнадежноста и немоќта, резигнираноста и апатијата … И тоа е евидентно на секој чекор. Зашто, во изминатава деценија кај нас беше безмалу целосно елиминарано она што Рашди го нарекува „неограничената република на јазикот“, а подлиот упад на клиентелистичката интелигенција допринесе креативниот дух да биде  „… третиран како непријател од оние силни или безначајни моќници кои ја отфрлаат силата на уметноста да гради слики на светот којшто спори, или ги подрива, нивните попрости и помалку отворени погледи“. Таквото општество нема ни сегашност ниту иднина. Иако, некој ќе рече, па нив не им е ни грижа за иднината. Ако под тоа „ним“ ја подразбереме бандитската врхушка на власт – можеби. Зашто тие ниту ја планирале нивната иднина овде. Но остатокот од оној беден интелектуален џган кој секојдневно се улизуваше заради место во престижен управен одбор, издадена книга повеќе или едноставно зачувување на некакво директорско место – нема каде да оди.

Или, ако сакате, тезата за некакво „трето мислење“ („Да се има свој став, кој не се совпаѓа ниту со ставовите на толпата ’А’, ниту на толпата ’-А’, тогаш кога и едната и другата толпа тврдат дека ја имаат вистината како тапија, тоа – од страна на толпите се смета за – немање став“[3]) би била и те како функционална односно блиска до позицијата на независниот интелектуалец денес, па и кај нас. Но – кога, и во какви услови? Или, кое е, и какво е „третото мислење“ во однос на потенцијалното убиство на еден млад човек на партиско славје среде главниот град? Или во однос на нерасветлената смрт на еден заштитен сведок? Или на подеднакво мистериозната сообраќајка на еден еминентен македонски новинар? И кое, и какво би било третото мислење во однос на затворската казна од четири и кусур години за вербален деликт на еден новинар? Меѓу црното и белото, третото мислење би било – сивото. И тоа сосема одговара на статусот на македонскиот интелектуалец во изминатата деценија. Токму тоа сивило, токму тоа (наводно) трето мислење му одеше на рака на Злото да се инсталира во сите пори на општеството. И сивилото сосема солидно сивееше, дури блескаше покрај црното! Зашто, се разбира дека поединецот, особено интелектуалецот, има право дури и на презир кон политиката, кон ангажманот на една или на друга страна; се разбира дека конструктот за  противречноста во членувањето во една партија, клан, групација има секаква смисла … но само до мигот на заживувањето на Злото. После тоа, тоа се вика – соучесништво! Обилно поткрепено не само со „стоење на страна“ туку и со бројни примери на вулгарен клиентелизам, на учество во редица (најблаго речено) проблематични „акции“ на власта, во константното легитимирање на криминалот во сите сфери на државното работење! Каде е тогаш тука наводното „трето мислење“ ако проповедникот на истото го гледаме на сите властелински клиентелистички списоци? Кому, тогаш, македонскиот „интелектуалец“ му продава рог за свеќа, кому соли памет за можното „трето мислење“ ако неговото однесување констатира едно, и само едно, прозаично, перфидно и кукавичко слугување? И уште колкумина ќе се (по)јават утре, задутре, како претставници и заговорници на тоа божемно „трето мислење“ барајќи приклучок и во новата поделба на улогите? Или, тие секогаш во малото џебче имаат подготвено по некое апологетче за да им ја напише Одбраната и последните денови?

[1] Сашо Ордановски, Апостоли на лагата, Слободен печат, 5-6.11.2016

[2] Една од 24те канонски јудаистички книги

[3] Венко Андоновски, Сема и сома, Нова Македонија, 06 јуни 2016

ЧУДНОСТ ВО УМОТ

или

ЗЛО (6)

„Чудност во умот“ бил насловот на новиот роман на Орхан Памук. Соодветно, за авторот. Зашто Памук е една од ѕвездите кои, паралелно со нашиве тутмаци, продефилираа преку македонската културна сцена со затворени очи, уши и уста, и се задржаа доволно долго да си го земат белото плико – или можеби било во боја, не знам, на пример црвено, како за Памук – со наградата што им ја додели нашиот шарлатан, а во име на нивните не знам какви интелектуални дострели. Со него тогаш беше и некое русче (независно!) кое сепак се покажа доблесно да каже два-три збора апропо гробиштата среде центарот на Скопје, а по нив дојде и нобеловката Херта Милер, Том Стопард исто така се вброи (барем формално) во добитниците на оваа награда од нашиот голем љубител на книжевноста (како впрочем и на сите други кукултурни нешта) итн. (Го потенцирам зборот формално, и не само во контекстот на Стопард, зашто никаде во нивните актуелни биографии, дури ни на нивните официјални сајтови, освен кај Памук, нема да најдете податок дека се добитници на оваа награда! Што е приказна за себе, се разбира).

И, некако, за сите соодветствува насловот на последниов роман на Памук, зашто кога ќе ги погледнете нивните биографии, и животни / интелектуални заложби, тие се апсолутно спротивни со се’ што оваа „награда“ (може да) претставува! Дали е тоа и современата слика на европскиот интелектуалец?  Па баш и не е! Што пак за нас не менува ништо.

Колку за илустрација, истиот тој Стопард, кој глатко ја прими наградата на нашиот (бивш) премиер, во 2011 година јавно протестирал односно, заедно со Кевин Спејси и Џуд Ло, учествувал на маршот за слобода на изразувањето во Белорусија и ослободување на политичките затвореници, а контра тамошниот претседател Лукашенко. Истиот тој Стопард не слушнал никогаш дека и нашиов паташон, кој ужива да се претставува како премиер, го нарекувале токму Балкански Лукашенко? Ама тоа не му пречеше да си ги земе парите? Или славниот Памук, борецот за човекови права во Турција? Се правеше глув и слеп дури и на директното обраќање на еден македонски новинар на свечената церемонија, кога си го ставаше пликцето в џеб. Или г-ѓата Милер, како некогашен активист на „Aktionsgruppe Banat“ и борец за слобода на говорот и контра цензурата? И таа не знаеше каде доаѓа и каква е состојбата токму со слободата на говорот и цензурата во оваа земја? Ако ништо повеќе, можела да ја праша Германската амбасада во Скопје. Белки ќе и кажеле, во главни цртички? И токму таа г-ѓа се најде да протестира против доделувањето на Нобеловата награда на кинескиот писател Мо Јин и тоа да го нарече „шамар во лицето на сите оние кои работат за демократијата и човековите права“[1]?

Од друга страна, можеби треба да се запрашаме поинаку: толку ли е Македонија далеку од европските интелектуални коридори, толку ли е непозната, безлична, празен простор … за којшто европските интелектуалци немаат ама баш никакви информации па си дозволуваат вакви егзибиции? Тоа, се разбира, не е баш така и не може да служи некому како изговор дека не знаел каде, и кај кого доаѓа, и во чие име ја добива таа награда. Зашто, ако не повеќе, ама барем последниве две години Македонија е постојано во жижата на европската јавност, ако не за друго тогаш сигурно заради аферата со прислушувањето и објавените криминали на власта. И на премиерот кој им ја благословуваше наградата! Такви оправдувања, барем во овие случаи, се неодрживи.

Од друга страна, може ли (сосем оправдано) да се постави прашањето: учеше ли нашата интелигенција од вакви примери? Не, тоа повторно би било (само)оправдување без основа. Зашто, прво, ваквите примери дојдоа релативно подоцна, откако голем дел од Злото фати корен а најголемиот дел од злостортствата беа направени. И второ, нашиве имаат доволно долга историја на вакво однесување, така што не им требаат странски примери. Но, кај нас се појави еден друг куриозитет: во првите редови на таканаречената, или самонаречената (како подобра варијанта) одбранашка интелигенција  застанаа минорни типови, вистински аутсајдери, уличари и лумпен-интелектуалци со калливи опинци, приучени шарлатани и секакви други кецароши, подготвени да гинат за криминалите на газдите. Секакви будали, млади и стари, инсталирани од Злото на сите клучни места, се сметаа(т) за повикани навивачки да коментираат, да држат лекции за се’ и сешто, а највеќе за работи што воопшто не ги разбираа(т). Правници говореа за сликарство, сликари за политика, лекари за не знам што … една невидена какофонија од глупости впрегнати во одбраната на Злото, а со печатот на „интелигенцијата“ на челата. Иако знаеа дека нивниот суд е само клиентелистичка верзија на лук и вода, дека не вреди ни пет пари и е со километри далеку од вистински интелектуален ангажман, тие како да мораа(т) верно да си ја одработат задачата. Секогаш спремни за повикот на газдите и судир со вистината!

Еден од можеби најеклатантните примери за тоа беше подемот и развојот на т.н. „Шарена револуција“, која што набргу стана вистински трн во окото на власта (но и на некои самонаречени независни интелектуалци, само заради фактот што не беа дел од истата!), заради што беа повикани на помош сите расположиви војници – од новинари до сликари, од колумнисти до глумици, од професори до продавачи на магла … И овие распалија од сите оружја оцрнувајќи ги младите и сите кои маршираа низ скопските (и македонските) улици, прогласувајќи ги дури и за џихадисти! Но, повторно, таквите примери не ги посочувам единствено како онаа темна, клиентелистичка, авторитарна и поданичка страна на ангажманот на македонските интелектуалци – да, и овие, за жал, спаѓаат во категоријата интелектуалци – туку и како илустрација до каде може да оди човечкото самопонижување!

[1] theguardian, Mo Yan’s Nobel nod a ‘catastrophe’, says fellow laureate Herta Müller, 26 ноември 2012

ЛУМПЕН-ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ

или

ЗЛО (5)

Карл Мајнхам вели дека „од социолошка гледна точка решавачкиот факт на модерното време, за разлика од ситуацијата во Средниот век, е дека е скршен монополот на кастата на свештениците врз еклесиастичката интерпретација на светот (…) а се издигна слободната интелигенција“[1]. И ние таа разлика можеме да ја направиме, дури и со „омразеното“ време на социјализмот, каде слободата на мислата, на говорот, на дејствувањето, сепак, беа познати нешта. А тоа нешто беше целосно заобиколено, дури поставено на глава, во изминатава деценија, која што не’ врати во времето на партиското „свештенство“ кои ја проповедаа(т) едната и единствената вистина – онаа на Лидерот! А околу нив цела сурија лумпен-интелектуалци и гласноговорници, застани во редица за ветениот им грст сребреници!!!

Но, суштественото прашање кај нас (не само) во овој миг би било: до каде може да оди релативизирањето на се’ во државава, па дури и на криминалот, особено од страна на интелектуалците? Која е границата на срамното приклучение на интелектуалците кон бандата на власт или таква граница веќе нема зашто заедничкиот криминален маскенбал трае(ше) предолго за да може лесно да прекине? А сепак, колку исклучоци може да се прават од принципите, од законите, од Уставот … од моралниот и вредносниот код на интелектуалецот? Еден, десет, или безброј, додека е тоа потребно оваа власт да се извлече, по можност неказнето или со минимална штета?

Или, кај сите е омилена флоскулата на една група македонски „интелектуалпатриоти“  кои уживаат да се претставуваат како некакви припадници на македонската „андерграунд“ сцена: anything goes, или – се’ е дозволено! Што ќе рече – и криминалот, и насилството, и вечните притвори, и рекетот, и кражбата на изборите … ? Дали баш на тоа мислел Ворхол? Не би рекол, и никој нормален тоа не би го разбрал така освен, се разбира, македонските лумпенинтелектуалци, преку што (мислат дека) ја бришат првенствено личната вина во долгогодишната партиципација во сите криминални активности на власта, особено во културата и уметноста. И затоа ќе ги повикуваат на помош сите кои ќе им паднат на ум, од Бодријар и неговиот симулакрум до староперсиските мудрувања дека „ништо не е вистинско и се’ е дозволено“! Колку ова убаво звучи во контекстот на македонскиот маскенбал! Да, ама дури ни таквите (божем философски)  флоскули никако не го перат десетгодишното аздисување. Во таков еден контекст можете дури и да се насмеете, иако кисело, на типичното провинцијалното – да не речам сељачко – мудрување на еден Гиш кога вели дека како клинец ламентирал „за таков тип на градска антипаланечка филозофија“ од типот на идиотското „Скопје 2014“ (пази – да сонуваш стиропор!), или на сите оние испрдоци на славниот ни Станковски кои во блиска иднина некој веројатно ќе ги собере во егземпларна македонска книга на лудоста. Или, ако сакате, последната изјава на неуништивиот Даштевски за „говорот на Груевски, моќен и победнички“ (sic!), што „успешно“ го смести пред 20.000 луѓе, но во сала проектирана за 8.000!

Но ако на лумпенинтелектуалците дури и можеме да им ја простиме срамната но сепак (за нив) колоквијална (и дефинитивно проѕирна) матрица на клиентелизам за грст сребреници, тоа не може да биде случај со безмалу комплетни видни и врвни институции од типот на МАНУ (почитуваниот академик Ѓорѓи Филиповски е се’ уште само еден исклучок!), на пример, или МПЦ, или Универзитетот … Едноставно, кога еден член на таа МАНУ ќе констатира дека „не знае за кого би гласала утре во однос на партиите што ни се нудат”, која и каква порака испраќа до граѓаните? Дека не се битни криминалите, дека не се битни провизиите, убиствата, апсењата, рекетите, кражбата на изборите …? Ако не е така, од каде тогаш таква дилема, и таква срамна споредба на едните со сите други? И овде веќе не станува збор за некакво лично мислење или став, овде станува збор за прикривање на вистината, за безочна лага, за (свесна) измама и срамен обид за манипулација со вистината. Друго толкување на еден ваков извртен став не може да има!

Впрочем, многубројни се примерите на извртување на вистината, на спиновите, на отвореното навивање, на (себе)понижувањето. Тоа веќе стана секојдневна пракса, особено низ медиумите. Повеќето од примерите не завредуваат спомнување зашто доаѓаат од „интелектуалци“ главно од категоријата на клиентите или директните учесници во криминалните дејанија на власта. За нив се’ што доаѓа од „другата страна“ – а тоа, по правило, е опозицијата, меѓународната заедница, малубројните независни  интелектуалци и слично – не е валидно односно е неточно и произволно, злонамерно, насочено контра успесите на власта итн. Дури и т.н. „Извештај на Прибе“ – инаку најмеродавен документ за состојбите во државава во изминатата деценија – најчесто е прогласуван за произволно четиво произлезено во спрега со опозицијата, бидејќи го сработил некој „од надвор“, а најмеродавен за оценка на состојбите во државава бил – народот!

Инаку, повеќепати спомнуваната Арент тврди дека секој тоталитаризам – а ние бевме (сме?) длабоко загазени во такво зло – има некаква, речиси заводлива моќ за интелектуалците. Таа посочува на можната примамливост на мистичната и егоцентрична „целост“, или, кај нас, би рекол, на (во суштината первертираната) идеја за цврста и неделива нација, за лажниот сјај и моќ … којзнае?! Или фалшивиот активизам – иако без реална насока и со предвидливи последици – има таква привлечна сила, потоа блуткавите теории за разноразни заговори, екстремниот цинизам за (не)моќта на демократските институции итн? Којзнае што се’ се мотка(ло) низ полупразната глава на македонскиот (лумпен)интелектуалец?!

[1] K.Mannheim, Ideology and Utopia, 8th edition, London, Routledge and Kegan Paul, 1966, стр. 10