Monthly Archives: February 2020

ТРЕТА НЕПРИЈАТЕЛСКА ОФАНЗИВА

Третата фашистичка офанзива (април-јуни 1942 година) се водела главно на подрачјето на Босна и Црна Гора, а ги вклучувала здружените германски и италијански сили, како и локалните усташко-домобрански единици (нормално, без локалците никогаш не се можело!). Оваа офанзива имала кодно име Операција Трио, што во нашиов случај се покажува како неверојатно симболично совпаѓање. Подоцна ќе објаснам зошто.

Елем, нашава современа Трета непријателска офанзива во културата се врти, разбирливо, околу актуелната Годишна програма за финансирање проекти од национален интерес во културата. (Само за потсетување: првата офанзива беше за филмот, втората за законот за остварувањето на јавниот интерес во културата!). Впрочем, и логично беше еден таков повод да биде искористен за нов фронтален напад на непријателот врз власта (и културата,  се разбира). Такви шанси не се пропуштаат во војни од овој тип. Ама човек треба да умее да ги искористи, нели, односно треба, прво, да знае, второ, да разбира, и трето, да е способен да срочи елементарно писмен говор/текст со којшто ќе ги поткрепи сите напади. За среќа, овој и ваков непријател олицетворен во рестловите на груевистичкиот режим, дури потпомогнат и со локални „домобрански“ лајачи со кодно име „новинари“, ги нема овие предуслови. Затоа и оваа офанзива „ѕвони“ како петпарачка петарда од Бит-пазар купена за нова година да се радуваат децата, и малоумните. Дига гаалама ама нема ефект! Но, секој со своето, нели.

За воља на вистината, не дека Годишната програма, таква каква што е, е нешто со што власта треба да се гордее. Напротив. И тоа и јас јавно го напишав, дури со многу поостри зборови од овие што сега ги пласира непријателскава офанзива преку нејзините јуришници од разна провениенција, партиска и околу партиска односно домобранска. Проблемот секако е во перцепциите, но и во знаењето. Перцепциите се важни зашто преку нив доаѓате до елементарните податоци коишто понатаму, низ процесот на обработката водат до сознанија за димензиите – длабочината и суштината – на проблемите/грешките во оваа ( и не само оваа) Годишна програма. Коишто понатаму можете да ги развивате во тези и теории за сите аспекти кадешто промашувањата се направени, ако се направени, каде се потклекнало на некакви притисоци, кадешто струката била дагласана итн. Знаењето пак е особено важно ако сакате сериозно да дебатирате за фактите, дебатата да ја поткрепите со аргументи и слично, колку сиот „дијалог“ да не заличи на муабет средсело. Сакам да кажам: ако сте подготвени за такви стручни и компетентни расправи за концептот (всушност за „концептот“!) на оваа Годишна програма, за соодветни примери но и понудени решенија – бујрум. Ако не с(т)е, како што не с(т)е зашто никогаш и не се бавеле со културата во вистинската смисла на зборот, тогаш превземате офанзива со плукање и викање, со лаги и подметнувања, надевајќи се дека тоа некако ќе ви помине. Нормално, во оваа и ваква Македонија се’ поминува, иако (за среќа) за кратко, па тој тип плукачко-подметнувачки офанзиви по правило завршуваат како сериозен дебакл, пораз до колена. До некоја наредна – иста или слична – офанзива, по некој друг повод! И до некој друг пораз!!!

А впрочем, кој во оваа груевистичка културно-штабна квартира на остатоците од злосторничкото здружение воопшто во животот сериозно се бавел со културата како појава, како политика, па сега да расправа за нејзините модалитети, за стандарди, за критериуми…? Оној глумецон кој глуми прецедник на комисија и лаже на сите страни? Некој друг во неговото поблиско „културно“ опкружување? Кој? За нив култура е седење во бифето на театарот или рецитирање патриотски рефрени на партиските протести. Затоа и офанзивите им се такви никакви, со ќорави куршуми и самоубиствени заседи, со будалаштини што ги пласираат во нивните лојални „медиуми“ а овие потоа ги шират лагите како корона вирусот? Нивните забелешки за Годишната програма „глумецон“ ги сведе на лични пресметки, главно измислени, на лаги, на фантазии и слично, па на човек дури и му доаѓа незгодно да му одговори. Зашто, што ќе му одговориш на таков грев, на такви лаги? Да го тужиш, да губиш време за него по македонскиве судови? Не можам да кажам за сите други чии имиња „глумецот“ ги избербати со неговите лаги, ама можам да кажам за мојата дребност дека не сум ни конкурирал за средства на таа Годишна програма, па следствено не сум ни можел да ги добијам! Ама, оди па докажи кога идиотите ќе ти пуштат лажна вест како почеток на нивната офанзива?

Но, впрочем, за тоа служат штабните игри: подготвуваат „тактики“, припремаат терен за влез на „специјалните единици“ во униформите на разноразни плиткоумни новинарчиња и зајадливи режисерчиња, кои токму како три баби – Операција Трио (под раководство на gauleiter Момировски) – седнати пред селска чешма ги разглабаа лажните вести што им ги поттурна штабната kulturkomande на злосторничкото здружение. Си приредија свој late night show на една национална телевизија триве полуписмени бабички прераскажувајќи ги лагите и подметнувањата на културкомандата, алапачисувајќи и оговарајќи до степен да ти се приповраќа и – никому ништо. Си отидоа среќни и весели мислејќи дека извојувале којзнае каква победа! Какви идиоти, мајко мила, што се’ трпи македонскиов етер!!! И тоа де факто беше крајот на Третата непријателска офанзива, сега божем насочена кон Годишната програма ама всушност кон луѓе со име и презиме, дали им се трн во окото или за нешто друго се работи, истрошија едно чудо ќорфишек муниција, се избламираа толку бива… и повторно сите радосни и гушнати.

Затоа и мислам дека кога вака ги тераат културниве непријателски офанзиви, кога се самоприкажуваат во вакво сељачко светло „љуби га мајка колико је глуп“, тешко да видиме други, идни офанзиви, барем во културата. Зашто, повторно, таквите простаци мислат дека културата е пцуење и оговарање, седење во кафана или прераскажување трач уличарска рубрика. Е па не е. Ако баш сакате да се бавите со култура, научете барем нешто, глупандери!

ВТОР БАСТИОН

Ако (не)културната администрација, особено онаа еднаш инсталирана и засекогаш оставена од бившиот режим во вид на коекакви полуписмени државни советници и раководители, е/ќе биде првиот одбрамбен бастион во борбата против ослободувањето на културата од стегите на државата, кој е вториот? Ги има повеќе, се разбира, но како групација којашто може да создава сериозни проблеми односно силно да застане на страна на контрареформацијата бранејќи ги сопствените интереси секако е онаа булумента „заслужни уметници“, „национални величини“, „културни амбасадори“ и секакви други пришипетљи кои се нон-стоп до власта и на кои ама баш никако не им одговараат промените во културата, особено не на оние од проевроспки тип  и нејзиното ослободување од долгите прсти на власта. Зошто? Затоа што и тие, како впрочем и (не)култураната администрација, не би можеле да опстојат во друг „систем“ освен овој, некултурниов. Само во ваков „систем“ тие се „некој“ и „нешто“, само овде тие можат да бидат и останат катагодишни абоненти на касата на државниот културен буџет кадешто никој не прашува зошто по ѓаволите токму тие мораат секоја година да добиваат огромни средства – за ништо, за никакви резултати!? Една сериозна идна културна револуција во овој сегмент носи и свои предизвици во формата на контраудар односно лаење на овие во јавноста, ширење дезинформации и лажни вести, барање „спас“ и поддршка кај меѓународната заедница итн. Тоа, се разбира, (ќе) треба да се издржи, иако мислам дека и нема да биде многу тешко зашто овие знаат дека во едно такво сценарио само тие губат! Секогаш и неповратно.

Кога посочувам на оваа групација „заслужни уметници“ не мислам само на поединци, никако, туку и на повеќегодишни абоненти од типот на разноразни селски манифестации, карневалчиња, фестивалчиња, институции кои со децении не покажале ни елементарен однос кон македонската култура но редовно добиваат средства од буџетот, како и редица други на коишто дури ни името не им го знаеме. Голем, огромен дел од овие беа и активни поддржувачи на режимот на злосторничкото здружение и она налудничаво мало фирерче, кои во борбата за популарност и поддршка во широките народни маси се потпираа и на вакви (не)културни протуви. Мислеа дека тоа им обезбедува имиџ на културна власт, на мецени (како што ги нарече еден нивни долгогодишен обожавател-абонент!), на културни луѓе а не примитивни пробисвети какви што де факто беа. И нашиве „големи уметници“ несебично им ја даваа својата поддршка во замена за бескрајни алиментации од културниот буџет, се појавуваа на нивните партиски митинзи и други „патриотски“ забави, беа најбарани гости на електронските медиуми за да речито ја дообјаснат големината на режимот и лудото фирерче и и нивната заслуга за процутот на културата во државава. А „процутот“ беше лесно видлив – и се’ уште е’ – на секој чекор низ градов, и државава! Истиот „филм“, истата „приказна“ се обидоа да ја продадат и по падот на режимот односно со новата власт. На некои им успеа, на некои не. Но без оглед на тоа, сите здушно мора да се третираат како скриени непријатели на секаков вид промени што би ја насочиле оваа културата од битпазарски амбиент кон проевропски демократски курс. Белким толку научивме од вчера? Притоа, мора да се има предвид дека овие „заслужниве“ ќе ја имаат и „медиумската“ поддршка, од оние исти „медиуми“ – особено телевизии и портали – коишто беа/се главните вувузели и на режимот на злосторничкото здружение и малото лудо фирерче. Сетете се само на неодамнешната валкана кампања контра укинувањето на профитерската титула „национален уметник“ и „национални пензии“! Впрочем, таквите протуви си се препознаваат по мирисот и потоа – вечна дружба. Голем дел од медиумите апсолутно ќе бидат една од главните потпори на културната контрареформација, како што тоа го прават и денес (иако власта се прави слепа за овој факт, што дебело може да и’ се одмазди, ене ви ги впрочем оние дунстери од Алфа! ), но тие сепак се грижа на други фактори. (Иако, ако погледнете, денес и нема сериозен медиум, или новинар, што воопшто ја разбира културата и нејзините проблеми. Но, и тоа е посебна приказна!).

Верувам дека во оваа групација, во прво време, по грешка или заради забуна, а поведени од претходнине бараби, ќе се вклучат и одреден број сериозни македонски уметници и културни работници исплашени можеби од најавуваните промени и непредвидливото утре. И тоа утре навистина е/ќе биде непредвидливо, за многумина. Односно, нема да ги има – или барем не би требало да ги има – досегашните партиски, пријателски, роднокрајни, еснафски… гаранции за добивање на средства и/или бенефиции по сомнителен автоматизам, туку само и единствено според квалитетот на сработеното (предложеното) и јавниот интерес на истото. Таквото утре е навистина несигурно, непредвидливо, често и крајно дефетистичко, но и тоа спаѓа во вкупната цена на слободата. Оттука, велам, голем дел слободоумни, демократски настроени и квалитетни уметници и културни работници, исплашени токму од тоа неизвесно утре, можат времено да пријдат кон оној втор бастион. Но, мислам, не за долго, а тоа ќе зависи од начинот на подготовката на новиот систем во културата, степенот на јасност и транспарентност во елаборација во јавноста итн.

Уште една голема непознаница ќе влијае на расположението меѓу уметниците и културните работници кои де факто секогаш биле и се на страната на прогресивната македонска културна реалност. Тоа се најновите „застрашувања“ од страна на власта – кому ли ова му треба пред избори? – за преминување на дел од административците во приватниот сектор. Тоа е уште една „баба рога“ којашто (ќе) оди во прилог на регресивните сили во културата, особено оние на опозицијата и верните поклоници на култот на злосторничкото здружение, со којашто ќе бидат застрашувани оние не така многубројни симпатизери на реформските процеси во културата. Не само што ја фрлија културата во бездната на јавната администрација туку сегашните коалициски власти почнуваат и целосно нејасна и неприлагодена на мигот кампања за преминување на дел од административците во приватниот сектор. И тука, знаејќи го односот на оваа власт кон овој сегмент, никој нема да може да ја убеди културата дека ќе биде изземена од овој процес, иако според многу показатели би требала.

ПРВИОТ БАСТИОН

Можеби би дошле до некакви посигурни сознанија за потенцијалите на културата во нејзината (хипотетичка) борба за ослободување ако тргнеме по обратен редослед од логичниот, односно со прашањето: кому не му одговара слободна (конурентна, транспарентна, проевропска, демократска… ) култура и владеење на правото во неа, кој се’ припаѓа во тој круг и поставува секојдневни бариери воопшто и да се разговара за тие прашања? Ако од овој круг ги изземеме политичарите како посебна категорија (лути и особено проактивни) противници, сепак не сме останале само со пасивен отпор од некакви ситни локални/еснафски „банди“ кои со безбол палки ги спречуваат демократските процеси во културата. Напротив, останува голем, да не речам огромен број други чинители – нарочно ги нарекувам така, чинители, зашто навистина се влијателни! – на кои, реално, секое поместување во нашето сегашно разбирање и практицирање на културата и нејзиното претпоставено одвојување од скутот на државата не им одговара зашто ги изместува темелите на нивното постоење/опстојување. Често сум ги спомнувал поименично речиси сите вакви „чинители“, но сега можеби треба да се групираат и дефинираат попрецизно. Чисто за да се издвои црното од белото, плевелот од цвеќето. Иако не сум сигурен колку во таков случај ќе остане од белото, и од цвеќето. Да не биде(ме) премалку? Но, и тоа треба да се знае, нели, треба да се знаат силите со коишто во даден миг би можела да располага културата при отворањето на главниот фронт – битката со власта!

На пример, многу силна групација е (не)културната администрација – државна и градска/локална – на која несомнено и’ одговара континуитетот на лошите културни политики бидејќи влече мноштво познати но и скриени бенефити од ваквите состојби во културата. Прво, нивната бројка можеби и не е така импресивна, ама нивните можности – се. И на нив мора да се смета како на сериозен непријател. Ќе посочам и примери, подоцна. Тие, го сакале ние тоа или не, практично диригираат со редица сложени механизми и процеси од коишто зависат многу нешта во културата, на централно и на градско односно локално ниво. Достапни им се сите алатки за кочење на процесите, за скриени манипулации и малверзации и влијание врз состојбите во културата. Тие се вкопани во рововите на старото, лошото, закостеното, профитабилното… и не ги интересираат никакви реформи или слободи во културата. И тоа не се должи на некои нивни сознанија и ставови за ваква или онаква состојба во културата и нејзините вистински потреби туку единствено и исклучиво се темели на нивната себичност, незнаење и примитивизам, но секако првенствено и на нагонот за самоодржување. Ним ваквиот статус кво им е животна неопходност, гаранција за натамошно живуркање и опстојување на државните јасли – или на наша сметка, како сакате – со мотивиација плус: да влијаат, не баш скромно или беззначајно, на сите процеси, одлуки, планови, реформи… Или, ако сакате, ене ви го сегашното Министерство за култура и состојбите што тоа ги генерира, а се должат првенствено на нерешителноста на оваа власт да расчисти еднаш за секогаш со полуписмените вмронски (но и свои) „кадри“ во тоа Министерство, да го реформира истото, да вработи компетентни и писмени луѓе кои ќе бидат гаранција за брзи и темелни реформи. (Да, знам, тоа звучи како оксиморон: ништо не се случува брзо а темелно, ама сепак мислам дека ние би можеле да го совладаме и тој „оксиморон“ само ако се држиме до договореното и усвоеното!). Но, не е само Министерството за култура, туку и, на пример, градската администрација во којашто речиси и да нема клучни промени на полето на културата, а сосема слично е и на локално ниво низ државата. Сетоа тоа се одразува катастрофално на процесите во културата, особено на обидите за менување на состојбите и имплементирање на бараните (и од државата еднаш усвоените) реформи. Згора на тоа, (за жал) неуките директори поставени и од оваа власт безрезервно ги користат „услугите“ на оваа во суштина непријателска администрација – особено на т.н. државни советници кои се до еден културно неписмени! – дури и за најсложените работи во културата (на пример стручна помош во насоката на промена на законската регулатива!), при што речиси сите до еден заглавуваат во стручните ќорсокаци сугерирани од наведените. Но, тоа е всушност и улогата на оваа „петта колона“ во културата/државата, за којашто ни оваа власт, иако свесна за последиците, не најде решение!

Од друга страна, оваа и ваква „културна“ администрација е тесно поврзана – се разбира главно лукративно, но често и пријателски – со остатоците на бившиот режим олицетворен во поединци, групи и професионални здруженија и невладини организации, а оваа власт не успеа ни тука ништо да промени. Тие лукративни врски (иако овој поим е прилично благ, да не речам несоодветен на нивните најчесто кримогени взаемни релации!) се движат од мали, „ситни“ услуги на едните за другите, до многу, многу поголеми. На пример, бирократот ќе протурка „проект“ на кримогениот партнер а за возврат ќе добие платено патување во странство при реализацијата на тој „проект“, или на некој друг, сеедно, за да евентуално не биде сомнително. Или, обратно, партнерот, најчесто позната „невладина“ организација предлага проект во којшто однапред е вклучен бирократот, и сето тоа мазно поминува низ сите „структури“ – државни или градски/локални. И тие мислат дека никој ништо не разбрал, дека сите ние сме глупави и не умееме да собереме два и два, дека е дури нормално администрацијата којашто решава да биде дел и од поделбата на парите во културата. А всушност и сме глупави, зашто сите молчат, од уметници до чесни невладини организации, од колеги бирократи до шефовите на администрациите. Молчат и највисоките власти – една општа молчалива калакурница во којашто не знаете кој со кого „општи“! Ако кажам дека токму во моментов се одвива една таква „зделка“ во блиското западно соседство, ќе ви текне ли за што се работи? Нема, веројатно, но знаете колку такви изложби, концерти, гостувања… се случувале низ минативе триесеттина години? И како поинаку би опстанале низ годиниве толку полуписмени „уметници“ и невладини организации? И во овие релации, најчесто кримогени, се разбира, дури веќе се губат и партиските граници, оние коишто порано беа многу силни, соработуваат едните со другите, и обратно, а ги поврзува заедничкиот ќар. И тоа е општо место, јавна тајна!

(Не)културната администрација оттука е првиот и еден од најважните бастиони против промените во културата, особено против нејзината идна транспарентност, стручност и компетентност. Тоа се трите столба коишто на оваа и ваква „администрација“ никако не и’ одговараат зашто таа е целосно нетранспарентна, нестручна и некомпетентна. И против тие столбови таа не би можела да се бори, уште помалку да опстане и ровари контра реформите. Затоа, во сите идни „воени планови“ на културата за ослободување, (не)културната администрација би морала да биде една од првите цели. Но, мора и тоа да се нагласи, овој бастион е само продолжена рака на партиите, на власт или во опозиција, сеедно, што само по себе го прави уште понепробоен односно потежок за симнување од власт. Ако власта/политиката не даде јасен сигнал за почеток на таа битка, овој бастион уште долго ќе опстојува и ќе биде една од најголемите пречки за ослободување на културата.

КОЈА Е ЦЕНАТА НА СЛОБОДАТА?

Според многу „проценки“, целава оваа приказна со културата и државата/власта реално би требала да заврши со таканаречената Годишна програма  за финансирање на националниот интерес во културата. Зашто тоа е „круната“ на сите релации – ако кај нас воопшто и може да стане збор за „нешто“ како релации – помеѓу двете инволвирани страни, тоа е крајот на она што најчесто го нарекуваме сублимат, или синтеза, на испреплетувањето на нишките што ги поврзуваат државата/власта (која и да е’ во изминативе триесет години!) и културата. Ама јас не мислам така односно не ја почнав оваа серија текстови за така да ја завршам. Зашто тоа е, прво, депресивен завршеток, и второ, таков крај можеше да се смести во само неколку страници, а не вака.

Оттука: како би можела да заврши оваа „приказна“? Всушност, нема многу начини, ако се оди според логиката на очекуваните (идни) процеси и (посакуваните) резултати односно ако сите заедно цениме дека Европа т.е. Европската унија е единствениот и вистинскиот избор за Македонија! Се’ друго би била импровизација (како што беше неколку децении наназад), би била деградација и потценување на културата, би било цементирање на ретроградните процеси за коишто не сме докрај сигурни каде ќе не’ одведат – нас и македонската култура. Или некој мисли дека тоа е патот? Ако е така, тоа треба да се каже. Јасно и гласно, и недвосмислено. И ако културата и во тој случај премолчи, како што молчеше цели три децении, тогаш сите ќе знаат на што се. (Иако не сум сигурен дека ЕУ во таков случај нема да ни удри сериозна клоца во задниот дел од телото! Но, и тие нешта полека се менуваат, како што гледаме, и нивните критериуми, ако некогаш и ги имало, се приземјуваат до зла бога.).

Заради тоа, уште еднаш: која е цената на слободата? Културата, но и државата, мора да ја знаат црвената линија до каде може да се оди, а сето друго ќе се реши со преговори/договори, и со однапред (горе-долу) предвилив резултат. Зашто, целосната слобода се постигнува само и единствено со револуционерни чекори, а барем тоа оваа земја имала прилика да го види на дело. Но мислам дека во случајов и не постои такво нешто како целосна слобода, се’ дури културата е со папочна врска врзана за државата. Затоа, во игра ќе бидат мачни и долготрајни преговори/разговори, но тоа е најдобрата страна на политиката денес. Нема подобро решение од тоа, особено зашто е очигледно дека македонската култура не е подготвена на револуции, дури ни на востанија и бунтови. Нема сили, нема капацитети, нема потенцијал. Токму затоа ќе мора да седне на „зелена маса“, да понуди излезни комрпомисни решенија, да прифати и загубени битки. Впрочем, голем дел од овие нешта беа/се понудени во предлог-законот за остварувањето на јавниот интерес во културата, оној предлог-закон којшто глупердине од злосторничкото здружение, особено оние од неговиот тотално неписмен „културен штаб“, едноставно не можат да го согледаат. Иако не се единствени т.е. се обидувам да најдам некоја поразумна причина зошто власта не го предложи овој закон порано, пред распуштањето на Собранието?! Или и таа е на истата воена патека контра културата како и „белата палата“? Не би сакал да верувам во тоа, ама многу индиции упатуваат во таа насока. Зашто кому, впрочем, му треба слободна и независна култура, култура со интегритет и творечки капацитет, култура вон партиските стеги и диктати? Изгледа никому, па дури ни на културата!

Но, еве, споредено со неодамнешниот „Марш за правда“, кадешто, велат, имало меѓу десет и дваесет илјади луѓе, колку би собрала културата во еден таков хипотетички „Марш за слободна култура“? Сто, двесте луѓе, или и тоа се преоптимистички проценки? Или правдата е сепак поважна од културата? Ама, ако нема култура нема ни правда, но малкумина ја согледуваат (и) таа димензија! Моите проценки за сто-двесте луѓе не се од ракав туку се темелат на споредбите со оние неколку протестни собири пред Министерството за култура изминативе две-три години, на коишто учествуваа не повеќе од спомнатата бројка. Според тоа, со што би се пазарила културата, со што би „уценувала“ или притискала ако утре, задутре, дојде до (условно) некакви „преговори“ со власта за подобар статус, за повеќе пари, за поинаква распределба на парите, за подиректно учество на претставници на културата во таа распределба, за демократизација и транспарентност на процесите итн.? Речиси и да нема со што. Затоа можеби и почитуваниот Веле Митановски гледа дека е неизбежно да се (у)давиме во морето навртено во реката? Којзнае.

Како и да е’, секоја слобода има своја цена. Таа некогаш е висока, превисока можеби, зависно од аголот на гледање. На оние „горе“ во македонската културата, оние малкумина партиски миленичиња и групно-еснафски кутриња вечно на поводникот на власта таа цена им се чини огромна и ќе направат се’ да не ја плаќаат. Ама нив сепак ги има малку, иако можеби некои и со „звучни“ имиња. Но токму „звучните“ имиња не’ доведоа до ова дереџе, аминувајќи ги сите злосторства во културата заради сопствениот лукративен мир. Така впрочем функционираше и злосторничкото здружение, и тие со/во него, не сакајќи да размислуваат во пошироки рамки и за „туѓи“ потреби. За нив секоја цена беше/е’ превисока!

Но, оние другите мора да бидат подготвени да платат дури и превисока цена за слободата. Кои се тие „други“? Тоа допрва ќе се утврдува, како што ќе се утврдува и цената на слободата. И ќе се обидам тие нешта да ги дефинирам во наредните текстови. Но она што дефинитивно и целосно фрапира е фактот дека ние цели триесет години се мачиме со односот држава – култура и се’ уште сме на почетокот. Споредете го тоа загубено време со оние 70 000 години што му беа потребни на хомо сапиенсот да стане господар на планетава! Какви се тоа разлики, епохални, и погубни, за нас, се разбира. Или, да не одиме толку широко: споредете ги состојбите во Македонија (не само во културата) во 1945 година и каде се стаса за 40-50 години, а ние во таа толку посакувана самостојна и независна држава цели три децении се шуткаме во лавиринтот на неуки политичари и неспособна култура!!!

НИЕ СМЕ ЛУДАЦИ

Звучи познато, нели? Ама кога би можеле деновиве, по објавувањето на резултатите од т.н. Годишна програма за финансирање на националниот интерес во културата, да наслушнеме некои разговори токму помеѓу луѓе од македонската култура, верувам дека многу ќе ни заличат на оние „бомби“ од типот „ние сме лудаци, трошиме на чоколадо а немаме леб“! Се разбира, ова нема јавно да го слушнете, како што впрочем ни на времето никој не го кажуваше јавно ниту она изворното, од „бомбите“. Зашто, спомнатата актуелна Годишна програма наликува токму на тоа, иако таму нема дури ни трошка чоколадо да замириса туку само некаква недефинирана црна смеса што главно остава горчлив вкус во душата. Впрочем, чоколаден вкус немаше ни во времето на груевистичкиот режим, тоа што тој го „посеа“ (не само во културата) највеќе заличува(ше) на еден смрдлив „производ“ со друго име! Ама тоа не е никаква утеха, нели.

Ама суштината е иста: културните институции, особено т.н. национални, навистина немаат ни за леб додека таканаречената Програма се расфрла со пари за испрдоци на шестокласни „уметници“ и дилетантски „проекти“ на селски здруженија, сето тоа во режија на самопрогласени „експерти“ вгнездени во оние комисии во Министерството за култура! Тоа ли е цената за мир во културата? Можеби, разбрана на македонски начин. Но таа цена е превисока и ја плаќаме долго, предолго. И изгледа ќе ја плаќаме и во иднина. Или, поточно, можеби (и) овогодишниот грабеж на културниот буџет наречен Годишна програма ќе претставува пресвртна точка во односот на културата кон државата? Зашто, која е, колкава е цената на слободата, на ослободувањето на културата од скутот на државата? Од 2006 година до денес се потрошија четиринаесет годишни културни буџет, огромни пари за ваква држава, а се постигна – нула! Зошто? Зарем навистина треба некакво специјално објаснување? Па излезете надвор и прошетајте низ институциите. И дали навистина треба специјално објаснување и за овогодишната „програма“, кадешто повторно се алиментираат сите партиски и пријателски конекции, сите симпатизери и едикои и едикакви миленичиња наместо вистинските потреби на културата? Се разбира дека ваков очебиен грабеж нема да ми одзема многу време и простор, но секако ќе ми биде (уште еден, најнов) шлагворт за основната теза: до кога македонската култура ќе биде послушниче на политиката, инструмент на власта/државата за остварувањето на нејзините политикантски и квази-миротворни цели и интереси, за криминални дејанија и делење на провизии и профити?

Јас секако не сум тој кој треба да одгори на овие прашања. Има многу други, наводно покомпетентни. Ама тие, „компетентните“ – молчат! Зошто? Заради личните и(ли) групните интереси – тие и таквите вообичаено ги претставуваат како еснафски интереси, ама тие тоа никако не се! – заради партиските инсистирања, заради „мир в куќи“? И каков може да е тој мир каде се ограбува цела една култура, каде се уништува највредното во македонската култура, каде лоповлукот се стимулира и се цени повеќе од стручноста? И каде што за најсензитивните прашања во културата решаваат примитивци, незнајковци, партиски пришипетљи… ? Дали навистина ние сме лудаци?!?

Значи, уште еднаш: која е цената на слободата во македонската култура? Ова, ваквата распределба на културниот буџет? Партиската палка, да не речам цевка, во културата којашто тендира целосно да не’ разнебити, да не’ парчоса на партиски делчињаа, да не’ дезавуира за најважните културни прашања: заштитата на културното наследство, музеите, библиотеките, книгата, уметноста, театарот, филмот… ? Зашто, ова е – тоа, токму тоа што ни се нуди. И тука, сега, повторно, го внесувам „протестот“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, од кадешто и почна оваа „приказна“, па сега и неодамнишените барања на Друштвото на филмските работници на Македонија (коишто, за жал, како и оние на ДЛУМ, ќе останат за некои подобри времиња бидејќи никој од власта не ги удостојува со каков и да е’ одговор). Тоа впрочем ќе го направам и јас, не дека тие не заслужуват сериозен одговор/анализа туку сегашниот миг тоа едноставно не го дозволува. Но, од друга страна, ако не сега – кога, ако не тука – каде? Сеедно, јас ќе се навратам на тие предлози на ДФРМ, ама сигурен сум дека државата/ власта, која и да е’ – нема. Зашто нема што да каже! А впрочем, и не сака. И’ се може! И, верувајте, тие тоа така го гледаат. Буквално! Зашто, ја „заболе“ (да простите) државата дали Македонија ќе има филм, каков и да е’, а најмалку некој каков што е „Медена земја“. Таа има свои фаворити. И оние „награди“ доделени на екипата се чиста лага, форма, блеф… смислен да се затворат неколку усти и се’ да продолжи онака како што си беше. Таа, државата/власта, или коалицијата, која и да е’, си има свои галеничиња коишто ќе ги поддржува и утре, и задутре, се’ дури културата молчи. Како вчера, како денес, како утре. Какви оскари, какви бакрачи!

И сега, гледам еден автор, писател, вели дека нема критериуми во одлучувањето за средствата. А тој би сакал да ги знае, зашто сака да знае како неговите предлози „ќе поминат“ на конкурсот. Па стварно не знам како луѓево не разбираат: нема да поминат, тоа и е’ целта на „конкурсот“! Заради тоа и нема критериуми, или истите се изигруваат, свесно, и со цел, ама затоа, како ваше „право“, ве упатуваат на некаква (полуписмена партиска и стриктно бирократска) воторостепена комисија којашто нема три благе везе со култура, да не говориме со уметност.

Оттука, дали навистина сме лудаци, или сакаме да глумиме лудаци, или државата/власта не’ насочува – да не речам уценува – кон една таква ролја? Не знам, но гледам, одамна, дека многумина веќе не се сметаат за дел од оваа култура бидејќи никако не успеваат да проникнат во нејзините (непосточеки) заложби, цели, стандарди, критериуми.

ДВА ФАКТОРИ ЗА СЛОБОДАТА

Кој е тој фактор којшто може да реши дали културата ќе биде слободна или не? Има само два битни фактори: едниот е државата/власта, вториот е самата култура.

Јасно е дека државата, односно власта, која и да е’, барем во блиска иднина, нема такви амбиции, уште помалку намери. Да имаше, ќе го направеше тоа уште минатата година и ќе и’ ја дадеше слободата на културата „прогласувајќи“ ја за државен приоритет број еден со статус вон бирократските лавиринти на јавната администрација. И тоа ќе беше вистински потег, онаков каков што се очекуваше (барем) од оваа власт. Ќе го направи ли тоа во наредната прилика, на пример – по изборите на 12ти април? Којзнае, тоест јас знам: нема! Зошто го велам ова? Прво, заради тоа што навистина би сакал оваа власт да порасне и да ни се прикаже многу поголема од ова што секојдневно го гледаме, барем во културата. И второ, го кажувам ова како предизвик за исполнување на предизборните ветувања од пред 3,5 години! Извинете, но некој (и) таму мора да памети што и како ветува(л) и што од тоа исполнил.

Сепак, поголем проблем, барем за мене, е фактот што ни културата не покажува амбиции да биде слободна! Да беше поинаку, прво, уште минатата година власта ќе се соочеше со сериозни протести и потсетувања на ветувањата дадени за времето и по „Шарената револуција“. Да беше поинаку, второ, културата тогаш (а може и сега!) ќе прогласеше мораториум (на неодредено време) на сите културни активности – музеи, театри, концерти, изложби… и се’ друго што и’ припаѓа според описот и пописот на работите – па ќе видевме како е да се живее без култура. (Знам, многумина ќе кажат дека никој, особено власта, немаше многу да се потресе заради тој „недостаток“, ама јас повеќе типувам на одгласите од еден таков чекор, особено во ЕУ, па и низ светот! Посебно после „Медена земја“!!!). Да беше поинаку, трето, културата ќе ги полнеше сите македонски медиуми – добро, не баш сите, има и такви кај коишто културата едноставно е заборавена именка – со објаснувања на причините и целта на протестите и заложбите да се добие статус каков што заслужува.

Арно ама – не беше така, беше поинаку. Зошто? Затоа што културата (не само кај нас, но особено кај нас) не е еден компактен организам, не е политичка партија, не е здружение на граѓани… Тој организам, иако кај нас релативно мал, и нејак, „дише“ со различен ритам и потреби, со непредвидлива динамика и експресија, обединува наука, образование и творештво, се обраќа на популација од 7 до 77 години, итн. Ништо, или речиси ништо не може да го обедини тој чуден организам освен заедничкиот интерес во елементарното нешто: слободата (читај: самостојноста, независноста, интегритетот, стручноста, професионалноста, компетентноста…). Знам, многумина ќе речат дека тоа се недостижни идеали. Ама – не се. Односно, ако се достижни на други места, дури и само на едно место (или во една држава), тогаш се достижни и овде, нели? А оние кои се малку подетално запознаени со културните политики во земјите од Европската унија, знаат дека таму нештата се дијаметрално спротивни од овие кај нас и дека (и) тој идеал е достижен. Не велам дека на култуно високоразвиените земји од Европската унија културните системи и политики им паднале од небото и тие само ги имплементирале на лице место. И тие се смислени од луѓето таму, од спрегата со умните политичари односно демократската држава. Немаме такви луѓе тука, немаме такви политичари?

Но, освен двата најбитни фактори во процесот на ослободувањето на културата како наша се’ уште имагинарна цел, има еден дополнителен чинител, не така беззначаен, што може да ја обедини културата: синдикатите. Знам дека нема само еден синдикат, што би било идеално, ама нека се и два, нека се и пет, меѓутоа логично би било тие да работат во полза на културата – нејзините членови – а не контра. И тоа најчесто според партиски диктати! И сега, да претпоставиме култураата под водството на синдикатите да беше организирана во битката и за нејзиниот статус во државава на начин ист како што тоа беше направено и за Колективниот договор, на пример, ќе имавме ли поинаква ситуација? Апсолутно! А сепак, тоа не се случи. Зошто? Дали затоа што и во синдикатите, тоест особено во синдикатите, имате целосно спротивставени концепти – повеќе или помалку – за се’ друго освен за платите во културата. А платите ги дава никој друг туку државата/ власта! „Catch 22“, некој би рекол?! Ама не, културата, македонската култура, е изгледа заинтересирана првенствено за платите, па после за се’ друго. За слободата – најмалку!

Се разбира, во таа претпоставена слобода на културата нештата мора да бидат докрај дефинирани, особено нејзиниот однос со власта/државата, во сите битни сегменти, особено статусот и финансирањето, но и многу други специфики од типот на управувањето со институциите, одлучувањето, учеството на културата во подготовката на сите важни државни документи од значење за неа итн. Или, тоа повеќе би биле некакви права на културата во однос на власта. Ама, културата ќе мора да прифати и редица обврски коишто, сигурен сум, нема многу да и’ се допаднат, особено отчетноста, стручноста и професионалноста, делумното самофинансирање итн. Се разбира, кога ќе се тргне по тој пат, ќе искрснат и редица непредвидливи нешта, нешта коишто културата нема да сака своеволно да ги прифати, но слободата има цена, нели?!

МАКЕДОНСКА ЦЕВКА

Се разбира, насловот е алузија на насловот / текстот на Сашо Ордановски[1], но не како реплика или полемика туку токму како согласност којашто, сигурен сум, секој од нас барем еднаш во овие триесеттина години ја помислил, ако не и изговорил. Зашто нашево, очигледно е, нема крај, а оние во Брисел, уште поочигледно е, имаат недостаток на цевки. Од оние железнине, или какви и да се ама да се тешки, само да не се пластични зашто тие не вршат никаква работа со „политичари“ како нашиве – тврди им се главите! Бидејќи ние низ историјата сме научени само на корбач, или на железна цевка, никако на арно, на добар збор, на учен совет. Да не беше така досега ќе бевме на друга планета, вакви „паметни“, и „работливи“! Но, за разлика од Сашо, Ивица Челиковиќ, како фактички резидент во таа Европа која ние (малкумина?) ја посакуваме, не’ поучува дека „ЕУ брза полека на Балканот“[2], што ќе рече дека таму не играат никакви „цевки“ туку интереси, политики, агенди, но и себичност. Не знам што повеќе ни одговара, тоа белки подобро го знаат барем некои од македонскиве политичари и аналитичари, но лично мислам дека со „цевка“ полесно би поминале. Сето друго е многу помачно, понеизвесно, предооолго… Од друга страна, ако веќе говорам за културата, мислам дека таму нема да има многу варијанти во игра, а ЕУ најмалку е заинтересирана за таа област на општественото живеење, односно главно ја препушта на локалните политики (но со некои генерални насоки, се разбира).

Дали затоа односот на македонската политика е таков каков што е’ односно каков што го опишував – често дури и многу благонаклоно – во изминативе текстови? Бидејќи Брисел нема многу да ги притиска заради состојбите во културата? А сепак, како што посочив, не е дека ЕУ, преку Советот на Европа, не укажала на одделни (неодржливи) состојби. Добро, и јас се обидувам да бидам „кооперативен“ па говорам во деминутиви (на пр. „одделни“ и слично!), а всушност говориме за цел еден анахрон, закостен, нефункционален систем во којшто културата е се’ само не култура, во којшто целата власт (извршна, легислативна, финансиска …) е сконцентрирана во рацете на Министерството за култура односно кабинетот на министерот (кој и да е’!), каде се’ уште е во сила тотално неписмен и неук Закон за култура којшто разглаба за некаков поединечен интерес во културата, за локален интерес во културата „ … што е јавен интерес од локално значење за граѓаните во единиците на локалната самоуправа“ (sic!), итн., итн. И кога-тогаш ЕУ ќе ни ги повтори сите нешта што во разни други, но сепак ретки прилики ни го говореле ама немало кој да ги слушне. Бриселски цевки нема да играат, се разбира, ама некој ќе се срами – сигурно. И тогаш можеби ќе заиграат македонски цевки? Којзнае. Ние секогаш го чекаме последниот миг да ги решаваме работите, последната секунда. И затоа најчесто и – грешиме!

Но, досега, во комплексниот, често контрадикторен и напати ступиден однос помеѓу македонската власт/држава и македонската култура, поголемо внимание обрнував  на „заробената култура“ од аспект, или од страна на државата. И тоа би била едната страна на медалјата. Онаа другата, со којашто де факто и почнав – протестот на ДЛУМ како пример – останува да биде (барем делумно) разјаснета, колку толку. Зашто процесот на „заробувањето“, како и секој друг процес, е двостран: заробувач и заробен, освојувач и освоен, господар и слуга… Јас по правило ја согледував и опишував културата како заробена, осовоена, завладеана од страна на државата. Така мислам и сега, но дури и да е така, сами по себе се поставуваат редица потпрашања, а меѓу нив основното: а дали македонската култура сака да биде слободна/ослободена?! Зашто, во принцип, тој што сака слобода, тежнее да ја добие, на секаков можен начин. Ние, македонската култура, чинам тоа не баш го сакаме. Или не го сакаме којзнае колку. Или тоа го сака еден дел, ама поголемиот – не, или… Се разбира, има многу варијанти на одговорот на тоа прашање – ние впрочем ни за тоа немаме соодветно истражување! – ама според мене еден е најмеродавен: заробениот не чека ослободување! Впрочем, ако таков беше примерот со заробената држава, зошто би бил поинаков со заробената култура? (И овде повторно се наметнува поимот „македонска цевка“ како некакво евентуално помошно средство за ослободување, ама за тоа понатаму).

А во овој контекст и еден значаен пример. Во целата мината 2019 година во културата, при подготовката на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, повеќе неформално отколку формално се одвиваше „драматична“ расправа за идниот статус на културата во државава: слободен стрелец или во состав на јавната администрација. Нема да ја објаснувам овде суштината на целата „расправа“ (тоа заслужува многу поширока елаборација) туку само неколку поенти. На пример, статусот на културата односно нејзиното „ослободување“ од стегата на јавен сектор илити јавна администрација наметната од претходната власт беше едно од крупните барања/пораки и на дел од „Шарената револуција“. И најде место во сите програми на тогашната опозиција, сега власт, па дури се најде како отворена, јасна и недвосмислена заложба и во онаа толку спомнувана Национална стратегија за развој на културата во РМ во периодот 2018-2022 година. Истата стратегија усвоена од Собранието на (тогаш) РМ како највисок претставнички односно законодавен дом. И? И – ништо. „Повуци-потегни“, како што викаат комшиите, заигра македонската административна цевка и културата си остана таму каде што беше – во цврстите административни прегратки на државата. Како и зошто, со кои и какви „аргументи“ веќе не е ни битно, (иако е’, ама во друга прилика!), туку тоа беше уште едно гоооолемо, огромно прекршување на ветувањата и игнорирање дури и на потписот на највисокиот претставнички односно законодавен дом во државава. Но, да речеме, и тоа не е битно – иако е’, многу е битно! – но најбитно е што културата како таква не мрдна со мал прст за својата најважна цел, не пушти глас во сопствен интерес, а камоли да излезе на улица, да протестира, да бара слобода, да се повикува на ветувања… Ние сме научени на „цевка“, на корбач, што ли? Зашто, токму ова беше првиот и најважниот чекор кон слободата, кон ослободувањето на заробената културата. А кога не го правите првиот чекор, кога ви е поудобно седењето во нечиј скут отколку самостојното движење, тогаш сте фатени во стапицата којашто Фром ја викаше – бегство од слободата, нели?

[1] Сашо Ордановски, Бриселе, земи цевку и работи!, CIVILMEDIA, 06 февруари 2020

[2] Ивица Челиковиќ, ЕУ брза полека на Балканот, Либертас, 06.02.2020

„МЕДЕНИ“ ХОРИЗОНТИ

Се разбира дека и овие денови, како впрочем и претходните, уште ќе ја спомнуваме „Медена земја“ (без оглед на исходот на приказната со „оскарите“, секако) заради многу нешта, а можеби највеќе заради фактот што, како што многумина кажаа, времето во македонскиот филм и македонската култура ќе ги мериме како „пред“ и „по“ овој двократен наш кандидат за најпрестижната филмска награда во светот. А всушност, ќе имаме за споредба и многу други аспекти, ако сакаме да ги користиме, нормално, а би требало, поучни се. Еден од нив е токму темата за којашто подолго време пишувам: државата / власта и културата! Па во тој контекст, и особено дрското присвојување на државата (и) на овој фантастичен успех на филмот небаре таа којзнае што направи за неговата реализиција. Така впрочем беше и со „Пред дождот“ (го ставаа филмот дури и во промотивни политички кампањи!), така е и сега – државата експресно се организира како да го искористи овој успех, на кој начин да им „возврати“ на филмаџиите од „Медена земја“ (и тука главно со глупави предлози и уште поглупави „образложенија“!), кој да се нацрта во Холивуд на доделувањето на наградите итн. Кај нас тоа секогаш така се случува! Можеби сега државата, власта (која и да е’), ќе разбере дека на културата во ваква мала земја не и’ треба аплауз (и пари) апостериори, дека на културата / уметноста им треба соодветна финансиска и секаква друга поддршка пред и во фазата на создавањето на културниот / уметничкиот производ. Но, врз основа на сосема поинаков параметри, однос и поставеност во одлучувањето. Ако тоа ни сега не го разбереме, нема да го разбереме никогаш.

Од друга страна, можеби овие денови некој треба да ги искористи и за темелно преиспитување на државните приоритети и безрезервни поддршки во многу други области, ставајќи ја (со причина, па нека е и „медена“) овојпат културата во прв план. И повторно: не велам дека државата / власта не ја помага културата / уметноста. Но таа помош е, прво, селективна и често дискриминаторска, второ, е лошо насочена, трето, е премала, четврто, често е контрапродуктивна, петто… Има уште многу, многу! Наспроти сета помош, иритира економската узурпација на државата / политиката врз културата или, подобро речено, неправедниот, потценувачкиот (најблаго речено) нејзин однос кон културата, кон уметничкото творештво, кон се’ што за политиката е најчесто нејасно. Иако таа, културата, враќа многу во оваа држава, многу повееќе од другите државници миленичиња, враќа дури и често невидливи за пошироката јавност одгласи, шири позитивни бранови низ светот и прима возвратни симпатии за коишто државава дури и не е свесна. Некогаш се „медени“, некогаш се поинакви, ама секогаш се во полза на земјата од кадешто доаѓаат. Па во тој контекст сетете се само на краткото обраќање на Самир Љума на доделувањето на наградата за најдобра кинематографија во „Медена земја“ (од страна на Американската асоцијација на кинематографери) и аплаузот при спомнувањето, на пример, на Фестивалот „Браќа Манаки“ и сите оние светски имиња кои биле почестени таму со награда за животно дело, а во тоа време се наоѓаа во салата им ракоплескаа на македонските добитници. Е сега, во таа насока, смее ли да се праша: кој македонски бизнис „фактор“ има(л) такви реакции во светот? Кој македонски извозник предизвикува таква „треска“ во државава и во светот како што тоа го правеше еден филм подолго од цел месец? Според кои параметри, и приоритети државата ги оценува придонесите на една област визави друга, според кои критериуми се доделуваат државните бенефиции, субвенции, награди и сл.?

Не случајно го велам ова зашто неодамна, од еден (велат) економски „експерт“, слушнавме дека државата треба „… да ја остави бизнис заедницата на мир“ (sic!). Да бидам искрен, бев не затечен туку – запрепастен. Мислев, односно не само мислев туку можам да приведам и барем стотина контра примери каде што токму таа фамозна македонска бизнис заедница бара(ше) поголем ангажман на државата во економијата, во нивните „зделки“, бара(ше) да им најде пазари, да им обезебеди ова или она … стопанските комори речиси секојдневно плачат дека немаат соодветна поддршка од државата, дека економијата мора да има не некаков туку апсолутно приоритетен приоритет во Македонија и дека сите други овде с(м)е малтене излишни илити вишок, осудувајќи не’ на прогонство и непотребност. И сега не знае што човек да мисли – што всушност сака бизнис заедницата? И што сака државата? Наспроти реалноста дека бизнисот во Македонија, сосема неоправдано, е некрунисан цар во државава чиишто наредби беспоговорно се слушаат и исполнуваат, „бизнис-експертите“ имаат образ да се жалат!? Ако кон ова го додадете и фактот дека македонската бизнис заедница доби и таква привилегија да предложи потпретседател на Владата одговорен за економски прашања, тогаш конфузијата станува уште поголема. Кога културата, на пример, добила шанса да предложи министер за култура?

Но, се разбира, немам намера да се бавам со секогаш (во Македонија) проблематичната спрега помеѓу државата и бизнисот и нашата зависност од нивните игри без граници но, повторно, можеби сега е вистинскиот миг да се прераспределат некои приоритети, да се подвлече црта и да се постават поинакви насоки/хоризонти? Или лекцијата на „Медена земја“ уште не е научена? Многу држави од македонски „формат“ поминале низ слични премрежија, па и ние, ако сакате, овие три децении. Затоа „економските“ лекции за културата, ако веќе не ги учиме од другите, може(в)ме да ги (на)учиме и на сопствените лоши примери, без да ги повторуваме. Без оглед на вложеното, културата/уметноста секогаш враќа повеќекратно, и тоа во случајот со „Медена земја“ само се потврди. Какви би биле македонските резултати на ова поле кога би воделе сериозна економска политика во културата (а едновремено и покултивирана политика во економијата)? Ехото што сега го добивме ја потврдува ориентацијата на (делови на) македонската култура за потполна независност и барање (и) финансиска поддршка вон земјата. И тоа секако е вистинскиот пат, но ако оваа држава продолжи со потценување на културата/уметноста, може ли да се случи и овој дел од младата популација полека да почне да ја напушта земјата? Може, апсолутно, тимот на „Медена земја“ ги отвори и овие хоризонти.

*           *           *

Апропо добитниот „Паразит“, нашиот „гнев“ заради губењето на македонското парче од „Оскарот“ не треба да не’ тревожи. Голем дел од американската критика, наспроти некои наши кои го нарекуваат дури „просечен“, го смета „Паразит“ за ремек-дело, и тој филм де факто е прв филм од 1929 година од неанглиско говорно подрачје што ја добива најпрестижната награда од Американската академија за најдобар филм. Затоа, нашиот „пораз“ – ако веќе сме решиле (неоправдано) тоа така да го гледаме – е „пораз“ можеби од подобриот? Којзнае, но уметноста, ако е веќе Уметност, не прифаќа такви „рангирања“. А наградите, па тие се само составен дел од циркусот околу Уметноста!

ШТО НИ КАЖУВАА(Т) СТРАНЦИТЕ?

Не знам зошто оние препораки на Советот на Европа во нивниот (претходно спомнат) експертски извештај апропо документот наречен Национален извештај за културната политика во Македонија (2003) многу ме потсетуваат на оној извештај на пустиот Прибе. Ме потсетуваат многу не само заради актуелноста на препораките, се разбира, туку многу повеќе заради суштинската вивисекција на соодветните области на коишто се однесуваат. Просто е вчудовидувачки како странските експерти лесно ја читаа(т) нашата неподготвеност да се соочиме со најважните проблеми во дадените области, како им е јасен целиот наш „крпен систем“ и нашето неприфаќање да ја согледаме реалноста поинаку и да ги смениме нештата во очекуван проевропски правец. Не знам дали навистина веруваме дека така успешно ги лажеме странците користејќи го нашето „историско“ гостопримство – подразбирајќи го тука она познато прекумерно јадење и пиење во локалните биртии небаре они се (како нас) прегладнети и ненапиени! – или пак мислиме дека уживаат да ги слушаат нашите (не)убедливи ламентации колку сме умни и способни ама светот никако тоа да ни го признае! И еве, Европската унија конечно го објавува основниот „закон“ за пристапните преговори – владеењето на правото, што ќе рече дека не ги интересираат нашите домашни специјалитети во локалните меани, уште помалку нашата несреќна историја и белосветските заговори против Македонија. Иако ова и не е нешто посебно ново и не дека не било присутно и претходно иако, можеби, ЕУ претставниците не инсистирале на нив заради некои свои (некогаш дури и лични!) „причини“. Секогаш всушност било така, секогаш се барало прво владеењето на правото па се’ друго, ама ние – па и тие – често сме се правеле мутави дека не разбираме што тоа значи.

Но, да се вратам на оној експертски извештај на Советот на Европа од 2003 година. Тоа е прв и ми се чини единствен таков меѓународен извештај што целосно ја тангира македонската култура односно системот на културата во рамките на државата. Претходно, Македонија односно македонската култура, системски, беше tabula rasa за Европската унија, и тоа функционираше на двете страни подеднакво. Од 2003та, со нашата намера да се вклучиме во процесот на евалуација на културните политики на државите членки на Советот на Европа, тој процес се отвори, но и – веднаш се затвори. Зошто? Затоа што ние како држава очигледно немавме интерес да го продолжиме! И тоа се однесува во прв ред на остатокот од мандатот (иако сепак краток) на владата (2002-2006) којашто де факто го откочи овој процес, и на којашто всушност и’ остана само една година за нешто да направи, но особено на власта на злосторничкото здружение кое всушност го користеше Министерството за култура како криминална маша а не реформски државен орган. Спомнав дека владата 2002-2006 го откочи учеството на Македонија во процесот на евалуација на културните политики на земјите членки на Советот на Европа (во рамките на проектот Mosaic) бидејќи истиот беше целосно закочен од Министерството за култура во претходниот состав (1998-2002), коешто направи таков хаос со нашиот национален извештај држејќи му на Советот на Европа познати историски вмронски „лекции“ за Александар, Филип и слични будалаштини, за реституцијата на културното наследство итн. Во него се раскажуваа приказни за се’ и сешто освен за елементите на културната политика на државата. Заради тоа тој „национален извештај“ беше неколку пати одбиван од надлежните во Советот на Европа односно враќан на доработка којашто никогаш не беше завршена од тогашните структури.

Но, ајде да ја оставиме историјата. Националниот извештај за културната политика на (тогашната) ФИРОМ беше на дневен ред на 2та пленарна седница на Комитетот за култура на Советот на Европа во Стразбур кон крајот на 2003 година и беше усвоен со забелешките / препораките на нивната експертска група. А таа експертска група беше составена од сериозни експерти, луѓе со биографии во културата, поединци на нивото на еден Прибе во правото: Норберт Ридл, директор на Департманот за меѓународни односи (сектор за уметност) во Владата на Австрија; Делиа Мучика, советник во Кинотеката на Романија и Вјеран Катунариќ, професор на Философскиот факултет во Загреб, како и Жан-Филип Гамел, раководител на проектот „Mosaic“ и Фредерик де Фортуние, проект-асистент во „Mosaic“.

И, за да не бидам здодевен, нема да ги цитирам од збор до збор сите препораки, туку само побитните. А меѓу нив две интересни и амбициозни надежи: дека културната политика на Македонија во иднина ќе биде поврзана со главните правци на политичкиот, економскиот, социјалниот и друг развој на државата, и дека дострелите на културната политика на земјата ќе станат меѓу најзначајните на патот на земјата кон Евроинтеграциите!

Што ни предлагаа странците уште пред шеснаесет години? На пример:

– Да се подготоват повеќекратни критериуми за евалуација на пријавените приграми во културата на база на визијата за современите и идните трендови во различни области во културата и културниот развој;

– Да се изработи стратешки документ што ќе ги дефинира долгорочните цели на политиката и културниот развој којшто, наместо четиригодишна програма, ќе служи како база за составување соодветни документи за културната политика;

– Понатаму да се амендира и модифицира Законот за културата со цел да биде поконцизен за одредени прашања, дефиниции и концептуални аспекти и да се обликува како рамка за специјалните закони;

– Да се изгради нова улога на Министерството за култура како главен претприемач во културата и пример за принципите на праведност или споделена одговорност во трансформацијата, еднаков пристап, квалитет и делотворност;

– Воведување на принципот на „должина на раката“ преку доделување на соодветна одлучувачка улога на Советот за култура и подготвување на патот за востановување секторски и локални совети, што е неопходно за обезбедувањето поширока партиципација и професионалност во одлучувачкиот процес во културата, итн.

Како што реков, имаше уште многу препораки, дури и детални, но овие се, да речеме, најопштите и најважните. А воедно и најзанемаруваните односно „забораваните“ – намерно или заради незнаење – што е и денес евидентно зашто препораките се се’ уште актуелни! И затоа, не ви заличува на препораките на Прибе, само што овие се постари?!

ИСКУСТВА

Еден можен контраодговор на моите констатации во претходниот текст за улогата на државата – поточно на нејзините високи политички претставници во т.н. Министерство за култура – во распределба на парите по фамозниот Годишен конкурс би бил дека тие де факто на ниту еден начин не учествуваат директно во изборот на проектите што добиваат поддршка од Министерството. И со тоа веројатно би се направил (добар) обид да се релативизира тезата за економскиот монопол на државата врз културата тоест врз нејзиниот најчувствителен сегмент: годишните субвенции на еден широк круг корисници, вклучувајќи тука и голем број уметници, здруженија на граѓани, целата независна културна сцена итн. Тука не ги спомнувам годишните програми на националните и локалните културни институции, мислам дека тоа се подразбира. Па следствено: станува збор – метафорички но и буквално – за целата македонска култура, за сите пари што таму на некој начин се влеваат односно трошат! Е сега, ако е тоа така, а ако оние кои ги делат (повторно метафорички, но и буквално!) ги бира директно кабинетот на министерот за култура (кој и да е’, денес или пред петнаесет години!) според свои критериуми, тоест „критериуми“, тогаш дали се разбираме? Иако последниве години јавноста, во оние малубројни реакции, најчесто ја посочуваше токму оваа „алка“ во „системот“ како една од најслабите, таа сепак продолжува да функционира, на општо „задоволство“.

И ова не е неаргументирано изразување на отворено сомневање во добрите намери на тие што ги составуваат комисиите или пак на поединците кои „работеле“ во тие комисии. Напротив, за тоа речито говорат „резултатите“ односно оние списоци со културно-партиска клиентела, или абонентни, како сакате, коишто со години на ред ги читаме како наш „национален“ интерес во културата. А на тој и таков начин се трошат најголемиот дел од средствата во културата! Кој е ефектот од ваквиот начин на распределба на културниот буџет? За културата – никаков, или минимален, но за власта – огромен, зашто само така може да се сервисира партиската и симпатизерската клиентела, секоја година, со години по ред. Нема друг начин зашто партиите од власта никако не би сакале да трошат нивни партиски пари за своите културно-партиски клиенти. Нивните пари се за други намени, а државните пари се – ничии, па следствено припаѓаат на оној / оние кои располагаат со буџетот, најчесто неконтролирано. Затоа ми се чини сосема оправдана тезата за седумдесетгодишната директна економска зависност на македонската култура од држава / власта. Да не го збуни некого бројката од седумдесет години зашто оваа зависност – како што впрочем и претходно истакнував – не е од вчера туку датира од првиот миг на создавањето на современата македонска држава. Иако тука мора да се направат извесни разлики. И да се посочат и позитивни искуства.

На пример, системот на целосна економска државна контрола над културата во времето на социјализмот, со уставните реформи од 1974 година и воведувањето на самоуправните интересни заедници беше напуштен односно децентрализиран. Тие станаа дел и од тогашниот Устав на СРМ од истата (1974) година. Дејноста на овие СИЗови беше прогласена за дејност од посебен општествен интерес, а средствата ги прибираа од утврдени придонеси од доходот на (тогаш) организациите на здружен труд и придонеси на личниот доход (плата). Го знаеме тоа искуство, не велам дека било идеално (иако, на хартија, така изгледаше!) но беше – функционално. Прво, де факто државата ја загуби одлучувачката (економска) улога и истата беше „делегирана“ на таканаречените СИЗ-ови, коишто сепак беа организирани на поширока и (условно) подемократска основа, каде во комисиите за распределба учествуваа и директните корисници на средствата итн. Тогашното министерство за култура (Републички комитет за култура) беше економски развластено и беше одговорно за се’ друго во културата, како што впрочем и треба да биде, освен – за парите! Тој систем беше прилично близок со тогашните европски „фондови“ за одделни културни дејности. Едновремено, такви самоуправни интересни заедници беа формирани и во општините – таканаречените општински сизови – чија надлежност беше економската поддршка на културата во општините! И, колку за пример, во таа „никаква“ Македонија, во тоа време, во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век на грбот на државата беа само 4-5 национални институции (што ќе рече целосно финансирани од државата!) наспроти сегашните 60 и кусур. Општинските културни институции беа финансирани од општинските сизови, се разбира добиваа средства и од Републичката СИЗ за култура но за одделни проекти и капитални инвестиции. Ако некој не може / не умее да ја согледа оваа суштинска разлика, не можам да му помогнам! Се разбира, на крај памет не ми паѓа да идеализирам еден пропаднат систем, ама сегментите во којшто тој сепак се покажа функционален, многу пофункционален од нашиов денес, треба да се посочат.

Со осамостојувањето на државата на почетокот на деведесетите години на минатиот век и со целосната централизација на сите функции, врз државната каса падна целата култура – сите културни институции, од врвните национални до последната локална институција. Тоа во секој случај беше значителен товар за државата, но – не слушнавме дека некој се пожали. Дури, во јавноста стана познато и често повторувано „епското“ прашање: а кој би сакал да биде министер за култура без пари? Е таквите наши локални мудролии не’ доведоа до ова дереџе: министерот (условно) да располага со целиот културен буџет и истиот да го дели според некои свои – лични и групни / партиски – убедувања. И ова највеќе дојде до израз во времето на стравовладата на заробената држава, во времето на пуфлата и нејзината клиентела, кога дванаесет години никој не смееше ни да праша каде и како се трошат државните пари, кога се измислуваа „ставки“ коишто никој не можеше да ги контролира, кога министерството со години не објавуваше никаков финансиски извештај (периодичен и годишен) итн. Токму тоа е таа заробена држава, токму тоа е и таа заробена култура чиишто корени, изгледа, завлегле толку длабоко во системот што ни оваа власт не успева да ги пресече.

И ова не се некои нови сознанија, нови констатации за неотпорноста на еден ваков систем, за недемократичноста и нетранспарентноста на распределбата не само на средствата. Уште во 2003 година – значи пред злосторничкото здружение – Советот на Европа, во нивниот експертски извештај а по повод документот наречен Национален извештај за културната политика во Македонија, констатираше редица „слаби места“ во културната политика на Македонија, при што низ 22 препораки сугерираше што и како треба да се менува. Нормално, оваа држава гледаше што побргу да ги заборави тие препораки!