Monthly Archives: May 2023

ВО ЧЕСТ НА МЕМЕТ КАМБЕР

Современите демократски држави, оние што претендираат да се сметаат за цивилизирани, се препознаваат не по односот кон големите нешта туку кон грижата за малиот човек, за обичниот граѓанин без оглед на возраста, полот, етничката или религиозната припадност, а особено по грижата за оние од ранливите категории. Кога државите потфрлуваат на овој план, го губат правото да се нарекуваат цивилизирани. Оваа „држава“, којашто одамна не е тоа за што се претставува, потфрлува на сите рамништа. Особено на грижата за своите граѓани и особено за оние од ранливите категории. Но тие кои го „бетонираа(т)“ нашиот идентитет, не ги интересираа(т) луѓето без идентитет како Мемет. Тие ионака – не постојат.

Да не беше потресниот текст на Ѕвездан Георгиевски и неколкуте потсетувањата во некои медиуми, многумина, а особено државата, веќе заборавија на Мемет Камбер. Онаа „госпожа“ министерка гледа „бледо“ кога ја вознемируваат прашувајќи ја за Мемет. Појма нема кој е. Оној министерон за здравство не ни разбира што го прашуваат! Премиерот никако да го тргне погледот од бесценетата љубовна врска со „историските коридори“, во којашто нема место за такви „маргинални“ граѓани. А претседателот, оној глумец во ролјата на „татко на сите граѓани“, не кажува ни збор за Мемет туку како стара тужибаба ги повикува странските амбасади да си ги повлекуваат средствата од проектите и невладините организации! И потпишува „закони“ работниците да бидат уште подолго експлоатирани од работодавачите.

Се разбира дека државата не може комплетно да застане, но нејзините највисоки функционери, и не само тие, можеа/можат да издвојат пет минути од нивното драгоцено време и да му оддадат почит на еден граѓанин од ранлива категорија чија смрт во секој случај оди на нивна душа. Иако, веројатно, Мемет тоа не би го очекувал. Можеби и не би го сакал, којзнае. Но секако дека сакал да биде легален граѓанин, со идентитет односно лична карта, да биде – Човек. Тоа оваа држава и овие луѓе кои (наводно) ја раководат не му го овозможија.

Ако пак, како што велеше премиерот, и со тоа особено се гордееше пред Советот на Европа, Бугарија ни го прави нам истото што Русија го прави на Украина, што му направи Македонија на Мемет Камбер? И претходно на Тони Сали и на уште којзнае колку други слични но (засега) непознати примери? Или потенцијални идни, за кои допрва ќе дознаваме?

И што впрочем е тоа идентитет и како се докажува? Како малите, ранливите луѓе докажуваат кои се и што се – а живеат тука со години – и што треба да направат за тоа да го докажат? И кому тоа треба да му го докажуваат? На својата држава? Па што тогаш креваме врева кога Бугарија бара од нас да докажеме кои сме и што сме? И – од кога сме? И дали и Мемет, ако имаше доволно евра или денари, ќе успееше да си издејствува лична карта и/или пасош како и онаа група ноторни криминалци што шетаат низ светот со македонски идентитет?

И колку такви примери на „лица без идентитет“ има во Македонија? Ако говориме за суштината на зборот идентитет, тогаш има многу такви лица кај нас, особено во политиката. Но кога говориме за оние кои не по сопствена вина останале сами, напуштени, „нерегистрирани“, колку може да ги има? Десет, дваесет… сто? И ќе пропадне државата ако им најде брзо и ефикасно решение за да тие не умираат како „Н.Н.“, па и после смртта да бидат дискриминирани и да бидат оставени во некакви „фрижидери“ додека некој нешто не докаже?!

И јас, како и многумина други, не можам да кажам дека сум го познавал Мемет. Но го знам, односно го знаев како лик кој мирно ви приоѓа и со насмевка ви нуди „Лице в лице“. Не беше здодевен, не беше настојчив, напротив. И после Мемет, токму тоа „Лице в лице“ како метафора на ова општество сѐ повеќе ќе ни недостасува. Ова општество, на чело со оваа власт, одамна не може да се погледне ни во огледало, не пак да застане лице в лице со граѓанинот. Оваа и ваква бездушност, не само на државниот врв туку и на сите оние квазиорганизации за човекови права, УНХЦР, комитети и поткомитети… е просто неразбирлива, нехумана, неприфатлива. Сите вредности што Македонија „ги извлече“ од некогашна Југославија и ги внесе во Уставот како темелни вредности – од демократија до социјална држава итн. – низ годиниве избледеа и се трансформираа во своја спротивност благодарејќи на еден грст алчни простаци, некултурни и необразовани духовни пигмејци, политиканти без свое „јас“. Човечкиот живот стана најефтиното нешто во земјава, невреден ни колку црното под нивните нечисти нокти! И раце, сега измачкани и со крв.   

АВТОРИЗАЦИЈА НА ЖИВОТОТ

Да не беше евроинтегративниот процес не ќе знаевме кои сме и што сме, да не беше налудничавава „нова“ бугарска политика кон Македонија не ќе знаевме кој јазик го говориме, да не беа одредени судијки со нивните дилетантски историско-доказни „поуки“ не ќе знаевме како некои народи се однесувале уште од времето на Илинденското востание. А како најново упатство за иднината ни доаѓа сознанието дека ние, всушност, го трчаме небулозниот владин „прогресивен“ маратон за подобар стандард од некои европски држави! Целава оваа дилетантска политикантска гарнитура запнала да авторизира некои свои идеи за минатото, сегашноста и иднината, за целиот наш живот, како ние да не знаеме кои сме и кои сме биле. Но, не знаеме кои ќе бидеме!

Така некако можат да се сумираат овие „надчовечки“ напори на новиве македонски бранители на државноста, идентитетот, историјата и иднината, олицетворени во нивните смешни „државнички“ активности: претседателот на собранието дури од Ватикан ни го брани јазикот, премиерот од „Плаошник“ (или Плаошник, како сакате) ни го објаснува идентитетот, судијката организира историска парница и од нас бара докази… Толку бранење на јазикот, идентитетот, историјата и актуелните „политики“ не сме имале повеќе од половина век, но сегашново „мириса“ само на атмосфера на блиски избори. А повишените тонови, пресијата и димензиите на ветувањата – но и заплашувањата! – премногу заличуваат и на периодот непосредно пред менувањето на името на државата, кога сите, со рачињата на срцата, се колнеа во непроменливоста на „вечното име“!

И тоа беше „авторски проект“ – праматарско пазарџиски, ноншалантно политикантски и историски налудничав – што требаше да донесе безбедност, сигурност, стабилност… и отворен пат кон ЕУ. Но и таму „авторизацијата“ отиде во други раце, и насоки. Затоа сега истите „автори“ заканувачки мафтаат со прстот, а новите „идеолози“ на нашите животи молчаливо се кријат зад нив и ни нудат олимписки натпревар во стандарди.

Последниве десетина години македонските политички – или политикантски, како сакате – „елити“, загубени во лавиринтот на хаотичното управување со државата, како компензација се зафаќаа(т) со „историски“, дури судбински прашања, се занимаваа(т) со идентитетски и јазикотворни „проблеми“, со имиња и презимиња на државата, со знамиња и споменици…, односно со сѐ што е далеку вон нивното знаење и способности. Со најбезобразна самобендисаност си припишуваа некаква таинствена моќ на убедување на граѓанинот, на објаснување на минатото и сегашноста и светлата иднина. И тоа по правило завршува(ше) со – фијаско.

Оние претходнине со „СК 2014“ помпезно и „романтично“ се обидуваа да ни наметнат нивна авторизација на некаков антички идентитет редејќи скулптури пред зградата на Владата во стилот на паланечки Акропол среде Скопје, садеа „споменици“ кај ќе стигнат коишто потоа ќе бидат „дообјаснувани“ со глупави таблички итн. Тој „проект“ испадна налудничав, апсурден, неуспешен и прескап за минорниот резултат што го постигна. Кога луѓето така едноставно би се прекрстувале, покрстувале, преименувале, реидентификувале… антиквизирале!

Овие денешниве тогаш не бираа зборови да го исмејат тој шизоиден „потфат“, за да веднаш по доаѓањето на власт со уживање ги окупираат наследените кич ентериери, да се забавуваат во насуканите „галии“, да положуваат цвеќе пред карикатуралнине „споменици“. Сега и да слават на „Плаошник“ што не е никаков Плаошник туку нечија фикс идеја за тоа место, а за којашто предлагаа и да апсат луѓе. И преку тој ист „Плаошник“ сега се обидуваат да спроведат нивна авторизација на македонскиот јазик!

А всушност, сакаат одново да преоткриваат, авторизираат и докажуваат – што? Сопствениот јазик, јазикот на државата, на народот, јазикот на првите црковни книги и псалми, јазикот на претците и современиците, минатото/историјата и традицијата…, што? И кому? Себеси, нам, на соседите, на Европа…? И зошто? Не знаеме кои сме, кој јазик го говориме, каде и што сакаме? Или како што „СК 2014“ откри некаков скриен страв, или дилема, кај тогашните шушумиги кои сме и што сме, сега овие ги јадат други јанѕи?

 Но, поновите македонски искуства говорат дека овде ништо не е баш така „бетонирано“ и свето – најмалку животот! – дека сѐ е подложно на нови политикантски авторизации, наши или од „меѓународната заедница“, како што не беше ни името на државата, првото знаме коешто сега го прогонуваат како еретичко итн. Зошто тогаш вечни би биле идентитетот, јазикот, историјата…? Па кога веќе го спомнувам: како се случи, и со чија авторизација, првото државно знаме на самостојна и независна Македонија по 1991 година сега да е – неподобно? Исто како и новата „авторизирана историја“ и онаа фашистичка окупација од 1941 година којашто преку ноќ ќе треба да стане – административно управување? А можеби било и самоуправување, а? Кои и какви студени ветришта дуваат низ овие умови, зарем нивната глупост по многу прашања мора да стане – национална политика и симбол? И сите да се раководиме според нив? Може ли утре некој од „умниве прогресивци“ од оваа гарнитура да го забрани и спомнувањето на името на Киро Глигоров, или Бранко Црвенковски… па и на оној Иванов… како претседатели на државата?

Или сега, и преку дилетантска „авторска теза“ да проблематизираме дали кај некои граѓани „немало одредено однесување со кое негирале или работеле против формирање на оваа држава“? Само за да ги внесат Бугарите во Уставот? А потоа и да се наостриме за напад на стандардот за да ги престигнеме Полска, Чешка, Словачка, Бугарија…?

Ваквото загадување на јавниот простор со провинциско и до зла бога неуко и неприкладно однесување е крајно неумесно и не служи никому. Односно – служи: барем му покажува на граѓанинот дека и сегашниве политикантски „елити“, слично на оние со „СК 2014“, се обидуваат (одеднаш) да се прикажат како загрижени еврофили, јазикоборци, стандардизатори…, сѐ со цел да ги камуфлираат сите останати фијаска на надворешен и внатрешен план, на патот на евроинтеграциите, на демократизацијата на земјата и закочените реформи. Сегашниот нивен обид за некаква нова авторизација на идентитетските, историските и јазичните политики, на животниот стандард на граѓанинот кого де факто го гледаат само како кочница за нивните лукративни планови, е одраз само и единствено на несигурност, страв, простотилак…, но и (дали?) на некои и некакви скриени намери. Или ветувања, некому? Слично на она за името на државата, за Бугарите во Уставот, на она за „историските коридори“ како уште една новоисториска минхаузеновска бламажа, како впрочем и сѐ друго што ни сервираа во изминативе пет-шест години. Баронот навистина може да им завидува!

Во услови на ваква профитерска контаминација на државата не е примерено дури ни да се прават историски паралели и да се спомнуваат сериозни имиња од минатото во која и да е област. Ние денес, особено младите, не можеме ни да замислиме што ќе се случувало на овој простор ако ги немало оние историски великани кои стрпливо и методично ја граделе, ја авторизирале големата државотворна идеја како национален проект. Младите можеби никогаш веќе нема ни да дознаат што и како се случувало во историјата на овој простор зашто – очигледно е – нема кој тоа да им го каже. Овие забрзано работат на агендата на заборавот! Сегашните генерации се оставени без патокази, втренчени во оваа политикантска непогода, во оваа историска, идентитетска и јазична катаклизма, предводена од никој друг туку од самиот државен врв.

Но оние кои малку подолго паметат мораат да си го подмират долгот, мораат да остават траги за историските вистини, за настани и личности од извонредно значење за Македонија чиј безвременски труд оди во неповрат – запустен, игнориран, заборавен. А сепак, во историски релации, ваквите периоди се само миг, трепет на крилјата на пеперутката, но со големи штети по иднината. Но не се ненадоместливи, никако. Инаку, цивилизацијата, па и на овие простори, одамна ќе ја немаше!

ЦЕНАТА НА СЛОБОДАТА

Ние по правило милуваме да ги игнорираме минатото и историјата не само заради фактот што не успеваме и нив да ги провреме низ „иглените уши“ на нашата позната историска неписменост и современо политикантство, но и заради тоа што тие историски искуства во миг би ги урнисале сите минорни „политики“ на актуелната власт и уште еднаш, отворено, би им ја плеснала в лице нивната тотална неукост и неспособност. Зашто, сегашнава отворена лицитација – метафоричка но и реална – за цената на слободата на државата сведочи токму за тоа: неспособните, неуките, коруптивните и аморалните структури преоблечени во европрогресивци не умеат на друг начин да се справат со проблемите.

Затоа и ова неумесно и крајно бласфемично наддавање за сѐ во државава: од онаа мутантна група за уставни измени и задоволувањето на најниските националистички страсти на одделни малцинства, преку шизоидноно пелтечење за некакво „жртвување за националниот интерес“, па до најновиот изум со директор(к)ите на градинките како новопечени културно-уметнички цензори во редовите на власта. Сѐ во името и за потребите на македонските евроинтеграции. Отворена аукција – кој ќе даде повеќе! Сега и слободата добива цена.

Дури и да застанеа тука, ќе беше лошо. Но овие не умеат да сопрат во походот контра здравиот разум: несфатливо и целосно ирационално стасавме и до повикување на странска амбасада, „секогаш присутна во поддршката на реформските процеси“, и овојпат да интервенира и да го реши случајот! И, што е уште поинтересно, повиканите се одзиваат, делат лекции „за среќа“ и особено за „транспарентност“ и „законитост“ среде тотален мрак ала 1948. Прст пред око не се гледа во апсурдно матната „историска зделка“, ама тие знаат дека ние ќе сме скокале од радост. Брисел нѐ чека а ние бараме влакно во европското јајце! Затоа, историскиот лозунг е повторно ист, или сличен, со советско-путиновски призвук: Кој не е со нас, против нас е; Татковината повикува, или Родина-мать зовёт, сеедно; Сите се болни, само ние сме здрави… итн.! А сега го дополнуваат и со најактуелниот, смислен веројатно во релација со „интервентната“ странска помош: кој е против „Бехтел и Енка“ е против НАТО и ЕУ. Ма немој.

Мислевме дека таквите политикантски граничници, тој диктат на квазиидеолошки конфронтации од типот „Тито да, Сталин не“ или „Кој не го брани ставот на нашиот ЦК, тој не стои цврсто на линијата на нашата Партија“, се минато. Не биле. Затоа и денес слушаме како мегафоните врескаат, како во времето на Резолуцијата од 1948та, дека тие не се сомневаат дека „(…) има доволно здрави елементи, верни на марксизмот-ленинизмот, верни на интернационалистичките традиции (…), верни на обединетиот социјалистички фронт.“ И дека нивна задача е да ги принудат нивните лидери и сите други „(…) отворено и искрено да ги признаат своите грешки и да ги исправат, да го напуштат национализмот, да му се вратат на интернационализмот и со сите сили да го зајакнат обединетиот социјалистички фронт (…)“. Каков историски вокабулар преточен во 21от век!

Само што сега таквите резолуции не ги пишува Сталин или неговите наследници, туку таканаречената „меѓународна заедница“. Секој нивни емисар, како и последниов од Германија, ни допишува по некој страв во ЕУ резолуциите. Сега и за нашата „неизвесна иднина“ ако еден грст Бугари не бидат внесени во Уставот! И со тоа, всушност, се занимава фамозната „демократска“ ЕУ и низ такви „параметри“ ја проценува не само иднината на нејзините потенцијални членки, туку и нивната самостојност, независност, слобода…! Просто, човек да праша: немаат ли тие луѓе попаметна работа во животот, за што добиваат плата? Кутриот Жан Моне, на какви наследници спадна: на „политики“ на заплашување, на уцени, на изнудувања… Истото може да се каже и за Јошка Фишер, Петра Кели, Јозеф Бојс… како некогашни видни предводници на Партијата на зелените во Германија, чиј претставник сега дели ум и закани низ Македонија.

Но, во принцип, а како што реков на почетокот, нашиве ретроградни европрогресивци се особено податливи за политикантски уцени. И „совети“ и „поуки“ од секаков тип, само за да се постигне целта. Којашто, де факто, никој и не ја знае, особено не нашиве слепи за минатото и иднината „елити“. Зашто, за нив сѐ е едноставно и лесно, дури и распродавањето на основните принципи/темели на државноста и слободата. А впрочем, нив тоа никогаш и не ги интересирало – тие имаат лични агенди штимани во дослух со инсистирањата на „меѓународната заедница“. И се одзиваат на зборовите: амнестирање на сите криминали доколку се исполни задачата!

Да се однесувале македонските политичари од поновата историја на таков начин, Македонија никогаш не ќе ја имала ни онаа 1945 година, ниту пак 1991 година. Да, времињата се различни, условите можеби уште поразлични, но целта била една. И тогаш, а би требало да е и – денес. Да имаа чувство за државност, слобода и демократија, актуелниве македонски политиканти – особено овие од последниве неколку години – ќе размислуваа(т) и ќе се однесуваа(т), меѓу другото, и со „ретроспективен ум“, низ не така дамнешни историски паралели. Ако не повеќе тогаш барем во однос на минатите политики на двата соседи, јужниот и источниот, и поуките од тоа минато. Ако не повеќе, тогаш барем т.н. Преспански договор ќе имаше една фуснота дека истиот престанува да важи доколку во рок од една година по неговото потпишување Македонија не ги започне пристапните преговори со ЕУ. Меѓутоа, тоа е „длабока вода“ за македонската политика, нели!?

Како што впрочем не беше тешко да се предвидат и некои потези на источниот сосед по потпишувањето од наша страна на онаков идиотски договор за „пријателство“. Особено пак ако се имаат предвид не така далечните историски релации. Но, и после сѐ, но и наспроти сѐ, сите во хор нѐ убедуваат дека тоа се само технички прашања, дека ништо страшно не може да се случи, дека  „изборот е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава“! И кога сето тоа би било така…, како во бајките… зошто тогаш се потребни оние закани и заплашувања од европските емисари?

Но, и оние предупредувања од добронамерни експерти дека барањата на источниот ни сосед нема да сопрат со внесувањето на Бугарите во Уставот. Или, зошто никој не ги коментираат изјавите на важни луѓе во американската политика пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот? Дека одлуките што треба да се донесат се „политички доста тешки“ (Шоле), или дека „Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега“ (Ескобар). Што е тоа „доста тешко“ кога нашиве слепци нѐ убедуваат дека сѐ е лесно и безопасно, и зошто онаа додавка „мислам засега“ на Ескобар? А после, што ќе се случува после, или ние не треба да мислиме на тоа?

А всушност, ние можеби и не треба, ама идните генерации – мораат. Тие што ќе останат овде, се разбира. И на кои им е важна слободата, независноста, самостојноста… Да, знам, според нашите квазизападни лукративни „стручњаци“ такво нешто во современиот свет не постои, особено ако сте мала земја. И мали луѓе, како нив. Ама не сите се чувствуваат баш така и толку мали, нели? Белки некои од нас малку пораснаа?     

ПОКОРНА СТРУЧНОСТ

Дали трагичниот факт дека девојчето рането во пукањето во Белград почина, ќе смени нешто и во нашиот однос кон прашањето на малолетничкото насилство? И ќе се најде ли барем еден воспитан и сочувствителен висок македонски функционер кој – барем сега! – ќе изрази сочувство? Веројатно – не. Но затоа останува фактот дека целото општество ги чекаше „мерките“ на двоецот Шаќири/Мерко за унапредување на механизмите за безбедност во училиштата и превенирање на меѓуврсничкото насилство, за да дознаеме дека до вчера децата можеле да си играат со мобилните телефони за време на наставата, дека мерка за безбедност е и воведувањето на униформи за учениците и наставниците, дека треба да се зајакнат превентивни програми за промоција на добросостојба на учениците (што и да значи таа глупост) итн., итн. Би било смешно да не е трагично.

И факт е дека сето тоа ни го сервира државата олицетворена во МОН и Владата, како ова општество да е комплетно малоумно и без стручни институции, асоцијации и поединци, оставено на милост и немилост на два-тројца приучени што делат лекции на сите. Како во ова општество да не остана ни минимум стручност што би можела компетентно и современо да укаже на слабите точки во досегашниот систем и да понуди излез од овој македонски провинциски жабурник. Навистина ли ја прифативме власта/државата како замена за струката, науката, професионалноста… знаењето?!     

Ако веќе одамна нема одговорност за стореното и/или нестореното, ако заборавот форсирано „ги голта“ и најтрагичните настани, ако надежта сме ја прогласиле за мртва…, тоа веројатно не значи дека се збришани до нула професионалните асоцијации, граѓанските здруженија, невладините организации, институтите и универзитетите. Зарем сите овие сегменти на едно современо општество и негови елитни стручни столбови се замолчени од силата на партократијата и нејзините експоненти, зарем професионалецот, но и граѓанинот, е подготвен гласно – и незаинтересирано! – да молчи пред налетот на самоволието и дилетантизмот?

Постојат ли во државава стручни здруженија од областа на детската заштита, од областа на психологијата и психијатријата, немаат ли тие што да кажат и да советуваат во врска со сите овие настани со децата кај нас и во регионот? Работат ли спомнативе нешто, ги следат ли јавните случувања, можат ли да нѐ просветлат – нас и децата – со стручен совет наместо да ги слушаме глупостите на слепциве од власта? Или – не смеат? И зошто? И заради кого? Постои ли на Филозофскиот факултет катедра за психологија, постои ли на Медицинскиот факултет катедра за психијатрија и имаат ли тие нешто да кажат?

Зошто никој не го спомнува силуваното дете во Чаир и што превзеде струката и општеството за тоа? Повторно не говорам за политиката односно власта, тие никогаш и ништо не превземаат, туку говорам за оние погоре спомнатите. Не ги допира тој случај, поважни се списоците што ги прават децата во училиштата мерејќи ни го умот? Не мислам дека тоа треба да се игнорира, напротив, но уште еднаш: кои мерки ги превзеде струката, а со неа и целото општество, контра таквите опасни играрии? И зошто и опозицијата молчи за овие нешта? Не ги смета овие случаи за доволно провокативни примери за неспособноста и негрижата на оваа власт за сопствените деца? Зарем навистина најважната работа во државава се коридорите, оние што ги градат и преку нив нѐ крадат? Па дури и да е така, зарем децата и нивните проблеми не заслужуваат барем еднакво внимание од нивна страна?   

Струката, во принцип, молчи само и единствено – од страв. Но, од кого, и од што? Ќе ги загубат работните места ако дадат совет како да се постапува после вакви шокови, ако посочат на евентуални превентивни мерки, па дури и ако ги критикуваат постојните состојби? Постои ли во државава здружение на педагози и имаат ли тие нешто да им кажат на родителите?

Да, знам, има и такви кои ќе речат: што па овој запнал за оваа тема? Но, сигурни ли сме дека со новиве „мерки“, комбинирани со нашиов молк и незаинтересиран однос, утрешнината на децата е безбедна? Гледаат ли надлежните што сѐ (сепак) се случува во Србија и како тоа општество, какво-такво, се самоорганизира за помош на учениците? Чекаме ли и кај нас да се случи најстрашното зашто културата на насилството е доминантна култура во државава?

Вакво срамно однесување на стручната јавност сме гледале многупати во изминатава деценија и половина. По разни поводи. Никој не пушти глас – со чесни исклучоците – кога степенот на загаденост во државава нѐ однесе на првото место во светот. Овие деца овде го дишеа тој воздух, не оние кои учат во Солун, Рим, Париз или Брисел. Денес, никој веќе не ја ни спомнува загаденоста во Скопје, небаре не постои. Имаме поважни проблеми? Кои? И ќе се решеше ли нешто во таа насока со оние 15,5 милиони евра што власта буквално ги исцица од буџетот за да си ги покачи платите?

Кога гореше модуларната болница во Тетово со сите пациенти внатре, ниту еден лекар не кажа ни збор. Да не го налути тогашниот „министер“? Но молчеше и кога нивен колега заврши како обвинет за пожарот! И зошто никој од стручните архитектонско-градежни асоцијации, инаку редовни буџетски абоненти, не објасни како биле проектирани и градени тие „болници“?  

Кога никнуваше „Скопје 2014“ ниту една – ниту една! – стручна институција или здружение (Факултет за ликовни уметности, Катедра за историја на уметноста при Филозофскиот факултет, Средно уметничко училиште, Музеј на современата уметност, Национална галерија, ДЛУМ итн.) не кажаа ни збор за грдотијата и кичерајот што беше на повидок. Дури напротив, сите гледаа како бргу да се престројат и да чепнат нешто од богатите хонорари што ги делеше тогашната власт! „Видни“ уметници, „реномирани“ критичари, „поетеси“ и „писателки“, „филозофи“ и „професори“ и остала лукративна братија без срам се втурнаа во лов на сребреници заборавајќи на струката и стручноста во којашто инаку се колнат. Се случува ли денес истото и со проблемот со малолетното насилство?

Ако само малку се препрочитаат регионалните информации за узбуната што ја крена „белградскиот случај“, точно ќе се види каде сме ние. Никаде! Ако алармот за малолетничкото насилство е вклучен на најсилно во регионот, кој тоа кај нас мисли дека исклучувањето (?) од училиште на ученичка која правела „список“ е – соодветен одговор? Или дека овие „мерки“ се оние очекуваните? И за тоа ли нема струката да каже барем два збора и навистина ли ќе им ја препушти и науката на коекакви партиски протежеа и шушумиги?

Оттука, историјата на нашата молчалива стручност е долга. И болна. Денес само се дополнува со нови и нови шизоидни контроверзи, меѓу нив и актуелниве произволни квалификации на огромен дел од граѓанството за „психопатолошко“ бидејќи не се согласувало со начинот како власта го води процесот на евроинтеграциита, или она бесрамно и до зла бога малоумно ламентирање за некакво „жртвување за националниот интерес“ (sic!), итн. Кои се овие ликови, која е нивната стручност за овие прашања и навистина ли нема кој да им одговори? Па и на најновиве „мерки“: што воопшто тие можат да решат?!

КОГА АНТИХЕРОИТЕ ГОСПОДАРАТ

Воопшто не е случајно што една Тејлор Свифт ја пее „Антихерој“ (2022). Кога упорно повторува: „Здраво, еве ме, јас сум проблемот“, или „I end up in crisis, I wake up screaming from dreaming“, таа знае што и кому говори! Таа го знае пулсот на младите генерации, оние кои одат на нејзините концерти и скапо ги плаќаат нејзините песни.

И секоја генерација и секое општество си има свои антихерои. Но веднаш да појаснам: поимот антихерој овде, во контекстот на нашето општество, ги подразбира македонските властодржечки гарнитури и нивните приврзоци последниве две децении само како генеричен поим, како блага метафора за генерации и генерации криминално коруптивни и аморални политикантски структури во оваа земја што продефилираа пред нашите очи. И оставија катастрофално деструктивен печат врз македонското секојдневие. Денес, ги береме тие „плодови“. Особено младите генерации! Тие кај нас пеат за локалните криминалци како нивни херои, за нивните врсници – деца на македонските политичари – на кои им е сѐ дозволено, за системот што продуцира лажни икони и приглупи политиканти, за полуписмени медиумски ѕвезди и фрапантно неуки инфлуенсерки, дивеат низ звуците на турбо фолкот и „сјајот“ на кичот што ги опкружува. Кога имате политички „елити“ од коишто првата од едно модернистичко ремек дело на архитектурата прави грозоморен кичерај, а другата комотно се вселува во истиот и се чувствува како дома, тогаш што понатаму очекувате од овие млади? Ако кај нас криминалот само се констатира но не се гони, ако корупцијата е азбука на системот…, какви мислиме дека ќе бидат младите генерации, оние кои така лефтерно ги „пушти низ вода“ еден од актуелниве „херои“-праматари?

Следствено, општество во коешто антихероите владеат, кога тие се доминантен дел од јавниот живот, не може да биде конструктивно, нормално општество. Општество во коешто и најголемиот дел од медиумската „политика“– особено во електронските медиуми! – се конципира околу такви личности, не може да биде здраво, прогресивно општество. И кога и во образованието, културата, науката… општеството прифаќа исти или слични прототипови, тогаш тоа општество си потпишува смртна пресуда. Но потпишува смртна пресуда и за својот подмладок, што така радикално го гледаме денес. А утре ќе биде полошо!

Ние сѐ уште не можеме да го објасниме овој процес. Додуша, не се ни обидуваме. Не се обидовме ни кога среде Скопје го поставија оној „грандиозен“ воин на коњ, ни кога пред судовите никна споменикот на Ќосето, ниту пак кога со државни пари се градеа, и се градат, споменици во слава на убијците во етничкиот конфликт од 2001 година. Кога едно општество безгласно ќе потклекне пред налетот на „концептот“ за идентификација со такви антихерои, тогаш патот за денешниве е многу полесен. Многу пати пишував дека штетите од „Скопје 2014“ се/ќе бидат долгорочни и во многу насоки убиствени. Иако за нив буквално никој не одговараше. Еднакво убиствени се и страотните културно-образовни штети од последниве политикантски „елити“, а за коишто, повторно, никој не одговара. За нив и „Кум“, во сите три дела, е детска играрија. Ама за Корлеоневци барем семејството/децата беа светиња.

Во таа насока, младите немаат други примери за идентификација освен овие што секојдневно им ги пласира македонската реалност: криминалот како modus operandi, насилството како метод, неказнивоста како политичка мерка. Впрочем, имате вицепремиерка која после толку години во власта (9 години пратеник и 2 години вицепремиер за добро владеење) вели дека „Има промена во начинот на однесување кај некои функционери, во зголемување на свесноста, меѓутоа тоа е прашање на време, не се случува преку ноќ“, тогаш ќе се прашате: а колку години трае ноќта во Македонија? Предолго, нели? А со ноќта и овие политикантски гарнитури коишто се како амеби – се размножуваат по пат на митоза односно саморепродукција.

Случувањата од Србија, и не само таму, логично се прелеваат и кај нас, како што и српските антихерои – од Аркан па наваму – во разни форми се појавија и овде. И поттикнаа коекакви локални будали. Прашање е само колкави размери ќе добива тој „увоз“ и какво ниво на деструкција. Но, кој овде мисли на тоа? Никој друг туку градоначалникот на Општина „Центар“, кој очигледно нема соодветен работен ангажман во својот ресор бидејќи му ги одземаат надлежностите кој како и кога ќе стигне. Нему пред нос среде Скопје повторно му никнуваат дивоградби како во времето на Трајановски, на Водно владее хаос, ама тој се преоблекува во педагог и им објаснува на децата дека списоците не биле „игра или шега“! И дека „со таа тема нема играње“. Какви „високостручни“ совети! Па и полицијата, немајќи попаметна работа, а по сугестијата на некаков смешен градоначалник или директор на училиште кој не умее да „врзе“ простопроширена реченица, ќе се впушти во рации по училиштата ловејќи деца со списоци.

И сега тие деца, чија суштина на постоењето во тие години е токму играта – да, често со трагични последици, но благодарејќи на нечија тотална неспособност и негрижа – ќе го разберат сериозно паднатиот од Марс Герасимовски и ќе престанат со списоците? Или можеби тоа треба да им го каже оној Ковачевски, кој со месеци ги замајуваше со решавањето на проблемот со заканите со бомбите, или со учебниците, или со матурите… или со коридорите итн.?

И не дека нема кој да каже два нормални збора, но или не доаѓа на ред од партискине приврзоци и квазиексперти – меѓу нив и она налудничаво барање децата да бидат секодневно тестирани за наркотички супстанци – или молчи бидејќи, нели, само тие имаат работа, само тие имаат семејства, само нив им зависи животот од оваа власт. Молкот на струката, на професијата – не само за акутните проблеми со младите коишто одамна прераснаа во хронични – односно препуштањето на полето за акција на секакви партиски шушумиги, само ја апострофира сложеноста на проблемот и неможноста за негово успешно консолидирање.

Власта, очигледно е веќе, ги гледа децата само како инструмент во одделни политики, во нивните унии на млади сили како инкубатори за оние политикантски саморепродуктивни амеби или како штит пред критичките тонови на јавноста. Затоа, впрочем, им го праќаат оној Герасимовски, онаа „професоркана“, и сите останати партократски згоени министерски и пратенички персони на кои играта со мобилните телефони им е поважна од темата за младите. Следствено, од кого ние очекуваме сериозни решенија на проблемите? Од овие слепци?

Да не остане некажано, уште еднаш: секоја генерација има свои антихерои. Во едни дамнешни времиња, тоа беа бит и хипи „антихероите“, Џек Керуак и Боб Дилан, Џони Штулиќ и Мик Џегер… кои го предизвикуваа естаблишментот со нивното слободарско однесување и спротивставувањето на малограѓанските митологии. Но не беа – криминалци! Кастро, Че, Лумумба… беа сепак борбени, револуционерни личности со херојски, или „антихеројски“ епитети, но пречесто беа злоупотребени за политички цели („Црвени бригади“ и др.). Но зошто младите денес не се угледаат на еден Асанж, на пример, или Грета Тунберг? Затоа што дома ја имаат само локалната варијанта на корлеоновската лоза, затоа што никој одамна не говори за позитивни примери, туку им ги сервира медиумско рекетарскиве пијавици што одработуваат за оној кој повеќе плаќа. И ние мислиме дека младите не го гледаат тоа? И не избираат што е поприфатливо за нив, кога веќе не можат да студираат во Солун, во Париз или Лондон, па и во Њујорк, зошто да не, нели?    

15 МИНУТИ СЛАВА

Не знам дали со неговата позната реченица дека „во иднина секој ќе биде славен во светот за петнаесет минути“ Енди Ворхол мислел и на овој тип „слава“ што деновиве се случува во Србија, но и кај нас со, за среќа, не такви трагични размери. Во САД, неговата татковина, тој тип на „слава“ одамна стана секојдневие. Нашите деца, очигледно, се движат по таа острица на „западните вредности“, прифаќајки ги како свои. Ние – а под тоа „ние“ ги подразбирам македонските власти, сите, последниве петнаесетина години – во тоа сесрдно им помагаме, речиси ги охрабруваме!

Целото општество е „димензионирано“ како монструозна, искривена копија на некаков Запад, за којшто „креаторите“ и промотерите немаат ама баш никакви познавања или ги имаат низ перспективата на нивните опинци преку ноќ заменети со скапи „Vuitton“ или „Testoni“ чевли. Кога ќе ја сведете државата на еден таков „западен светоглед“ виден со очите на неизживеани и неморални провинцијалци, го добивате ова што го имаме денес. А децата трескавично го живеат својот дел од тој „светоглед“, очекувајќи ги нивните 15 минути слава, или „слава“, како сакате. И ги добиваат. За жал, и на ваков ужасен начин.

Не можете да не се согласите со еден пост на Геровски дека „ние ништо, или речиси ништо не знаеме за нашите деца, посебно за оваа генерација тинејџери“. И секој родител (ќе) си го носи тој свој крст низ животот. Плус – товарот дека државата/општеството сме ги препуштиле на милост и немилост на криминалци, незнајковци, аморални и неспособни уличари маскирани во ЕУ душегрижници и прогресивци. Тогаш државата/општеството како вредност на децата им нуди избор помеѓу петнаесет минутна „слава“ или богатство стекнато преку криминал! 

За жал, но ние ништо не знаеме, и не сакаме да знаеме, ни за светот, па нека е и овој западниов што ни го издигаат на некаков пиедестал прогласувајќи нѐ за евроскептици, за еврофоби, за „патопсихолошки случаи“ итн. Тие имат нивни „методи“, нивни „кадри“ проверени низ партиските штабови кои веднаш повикуваат на „акција“. Каква – не е важно, важно е (божем) да се реагира, да се крене партискиот глас, иако сето тоа доаѓа апостериори и е до зла бога неуко и предимензионирано. Да не речам хистерично. И веднаш (ќе) забрануваме сѐ што може дури и да заличи на потенцијална опасност од сличен вид. Дури (во соседството) ќе воведуваат и – смртна казна. Но прво „госпожата“ премиерка во Белград ќе ги обвини социјалните мрежии, а кај нас веднаш ќе се појават слични кои ќе бараат итна забрана прво за тик-ток. За другите – ќе видиме подоцна. Сопствената неспособност ја решаваат со забрани.

И се разбира, министерот за образование – оној истиот кој две години не успева на учениците да им обезбеди учебници – веднаш ќе се „закачи“ за таа сламка и ќе прави „итни проценки“ на безбнедносните ризици од социјалните мрежи. Не му текнува да направи проценка на штетите од немањето учебници. Или на немањето обезбедување во училиштата. Дури и кога имаше закани од бомби. Тогаш мерката беше: промена на меил адресите! И замислете, не дај боже, некоја закана да беше вистинита, ама стасала на веќе променетата адреса? Ние сме општство на реакција, не на акција!

Додека не се случи трагедија, немаме власт. Односно имаме, ама таа служи за други работи: за „историски проекти“ без фиксна цена, за купување државно земјиште по багателна цена, за бескрупулозно самопокачување на платите, за немањето средства за полициско обезбедување на училиштата… Истите оние „експерти“ кои со години ги преспиваа(т) сите проблеми (не само) во училиштата, па дури и персони кои разводот го прогласуваа за патолошка општествена појава а разёведените за психопати, сега повторно срипаа од дремката и делат лекции на сите страни.

И тоа е редовна појава после секоја трагедија кај нас: после автобуските несреќи, после онаа поплава кај Стајковци, по катастрофалните земјотреси во соседството… итн. Секогаш кај нас хистеријата трае два-три дена, власта се појавува како џокер што веднаш ќе ги превенира идните такви трагедии преку стратегии и здружени акции. Впрочем, колку примери на вресничко насилство – за среќа не со онакви димензии како во Србија – имавме изминативе неколку години? Од булинг до меѓуетнички тепачки, од неодамнешното силување на малолетник од страна на негови врсници во Скопје до пријавени физички напади во Тетово, а целиот општествен ангажман се сведува на ветувања за „итна акција“ која што по правило никогаш не се случува. И што беше тешко да се отвори таа фамозна спасителна и-меил адреса пред две-три години? Ако пак тоа бил „клучот“ за превенција, колку ли такви „адреси“ отвори Норвешка после оној Бревик? И конечно, како што некои од нашиве „експерти“ умееа да го вознесуваат до небо нивниот екс-лидер дека е „Храбар, мудар и доблесен секогаш да се соочи со секој предизвик“, можат ли сега тие да се соочат со себеси?

Меѓутоа, децата не се така неуки и неинформирани како што мисли власта и нејзините „кадри“. Некогаш треба и да се слушнат нивните предлози: на пример овој за тестирање на училишните психолози и социолози дали се подготвени односно дали знаат да се справат со проблемите на учениците. Но тоа е само еден сегмент што веројатно повторно би го развиорил орото со општите состојби во образованието, со мизерните плати на учителскиот и наставничкиот кадар, со условите за работа… итн. Па некој ќе праша: а како се најдоа толкави пари за она бесрамно покачување на платите на функционерите а никогаш нема за образованието, културата, науката и здравството? И понатаму, ако го прифатиме тој предлог, пак некој ќе праша зошто истата мерка што ја нуди Сојузот на средношколците не би ја примениле и во другите ресори/области? На пример во судството, во државната администрација, во Собранието…? Или таму нема трагедии со такви размери? Ама има, некогаш и поголеми и со подолгорочни последици, а „славата“ не трае само 15 минути.

Ако се започне со таква разврска каква замислуваат и бараат децата, од ова „општество“ ќе остане прав и пепел. Плус оние 15 минути слава за сите криминалци (и нивните семејства)  што поминаа преку македонската политичка сцена. Ама што се 15 минути према цел еден живот и зошто власта да си го ускратува тоа задоволство? Затоа нивните „експертски“ пулени повторно ќе ја замајуваат јавноста со стратегии и итни акции, со имеил адреси и дежурни телефони на коишто никој не се јавува, ќе ги тешат децата дека нивните лидери бдеат над нив. Да, веројатно, како оној „храбрион и мудрион“, како овој „мирољубивиов“ или некој трет…, ама сите до зла бога неуки, неспособни, незаинтересирани за ништо што би им ги пореметило долгорочните криминални планови.

А впрочем, колку долго трае македонското сеќавање? Два-три дена? На пример: го спомнува некој групното малолетничко силување од пред десетина дена? И што, и како ќе му помогнеше на тоа кутро дете оваа новосмислена имеил адреса?!? Или забраната на тик-ток? За жал, ова општество е длабоко, длабоко болно. Од врвот па надолу, пирамидално, и безнадежно.

TERRA NULLIUS

Актуелните расправии околу менувањето на Уставот, што започнаа со наводно бенигните промени само на преамбулата но сега се развиваат и многу пошироки амбиции, не поаѓаат – како впрочем и сѐ друго во „државава“ – од експертски, научни, компаративни сознанија, туку од политикантски притисоци на актуелните неспособни „елити“ поставени на власт само и единствено заради нивната подготвеност за колаборационизам со најступидните барања на ЕУ и дел од останатата „меѓународна заедница“. Впрочем, тоа е евидентно и од самиот состав на т.н. Комисија за менување на Уставот – не слободномислечки интелектуалци, уставни експерти, луѓе со „конструктивна сомнеж“, туку со поединци спремни веднаш и на слепо да потпишат што се бара од нив. Потоа – ќе си ги достават своите барања во партиските штабови! Речиси е несфатливо на што сѐ се подготвени и оние малкумина умни во кои некогаш верувавме.

Оттука, како што вели и почитуваниот Гошев, ние всушност се занимаваме со апсурдни тези за некаква и нечија сопственост над земјата/државата и „лекување на фрустрациите на малите народи, кои својата значајност ја бараат на погрешна адреса“. Или, и ние тоа го правиме со нашето инсистирање на „национална држава“? Веројатно, иако овие наши фрустрации имаат своја „историска подлога“. Меѓутоа, нели ги надминавме уште со АСНОМ и потоа во 1945-та година? Или малку ни се виде тоа, сега ние сакаме да „господариме“ со другите? Зашто, де факто, сѐ се сведува на тоа, нели! И, да не заборавиме, ова сепак е Балкан, а 21-от век тука допрва треба да дојде. Затоа, сѐ уште, сѐ мора да си има „газда“: и жената, и семејството, и земјата, и државата, па нека е и во наводници!

А токму нашата денешна реалност сведочи за редица суштински контрадикторни состојби: дека од онаа некогашна држава не остана речиси ништо, ни материјално ниту духовно, дури ни името ниту пак народот. Освен границите, барем засега. Но прашање е до кога и тие ќе опстојат? Зошто? Затоа што ние сѐ повеќе наликуваме на онаа „ничија земја“ – terra nullius од учебниците – којашто е „отворена“ за запоседнување, за оосвојување, за грабеж…! Многумина ќе речат дека овој поим е само историски реликт од доцниот 19 век и примерите со Австралија, Канада и др. Но не е така, се разбира. До денес опстојуваат неколку такви (парадоксални?) „територии“ (на Антарктикот, во Африка, во Азија…), но и во нашето соседство – парчиња земја помеѓу границите на Србија и Хрватска. А говорејќи за историски реликти, има ли поголем од Македонија, барем според „очите“ на соседите, но и на некои вжештени глави во ЕУ?

Но, се разбира, македонската  terra nullius засега е само метафора на нашето современо постоење, но која разочарувачки нѐ враќа во некои не така далечни историски периоди на Македонија како фактичка „ничија земја“ и Пандорина кутија на Балканот. А сепак, метафорите на ова тло добиваат силна тенденција да се трансформираат во (пред)видлива реалност. Ако некогашна Австралија окупаторите сакале да ја видат како terra nullius само заради фактот што домородечкото население не било заинтересирано да ја обработува земјата туку биле собирачи, како ли денес ние му изгледаме на светот со нашава целосна неспособност да се справиме со еден, барем еден минорен проблем во државава?

И ние, впрочем, одамна не ја обработуваме земјата, а она малку земјоделци што останале го фрлаат родот или го оставаат на нивите да скапува. И ние, впрочем како и Абориџините – со сета почит и без зла намера – сме затворени во (етнички) касаби налик на гета, опивани од меморијата, националистичкиот звук на зурлите и чекорот на „тешкото“ или „шота“, ни отвораат казина и коцкарници за да ја бараме среќата таму а не во образованието, наука и културата… Или, поточно, зарем самите не му даваме на светот сигнали дека сме недоветни и неуки да си ги решаваме проблемите, дека еден грст криминалци можат да ја завладеат целата територија и сите ресурси само со едни „избори“, при што милионско население нема соодветен одговор на таквото силеџиско насилие освен тапиот поглед и молкот? Како да с(м)е сите дрогирани од ветената слобода што никако не доаѓа, од пропаднатите надежи за некаква демократија што одамна се преоблече во автократија, од преголемите желби коишто некои си ги приватизираа(т) а потоа ни ги продаваат за скапи пари…?!

Фактот дека ние, со нашите самофалби, среде ОН, дека во изминативе 30 години сме донеле многу тешки одлуки, „тешки, но визионерски и храбри одлуки“, сакаме да ја надитриме историјата и денес да ѝ наметнеме став за вчера што таа ќе мора да го почитува утре, е само ефтина измама на неуки луѓе. Зашто, впрочем, барем некои од нас беа/се сведоци кои и какви одлуки НИЕ носевме, а какви одлуки – ни носеа! Но точно е дека веќе утре некој ќе нѐ праша што сме правеле денес, како што денес се прашуваме зошто не сме дејствувале вчера туку – сме молчеле. Судот на историјата, едноставно, не можете да го измамите!

А во тој поглед ние сме голема Лекција бр. 1. Не само заради оваа игра со Уставот, или онаа со пристапната рамка за ЕУ, или за безочната девастација на природното и културното наследство, или за свесното уништување на образованието, науката, културата и здравството… Нашите измами на историјата, со папагалското повторување дека имаме „заштитен и признат македонски јазик, идентитет и култура“ не можат да нѐ вратат во редот на европските демократскии. И нам не ни треба (само) мир, ни треба – ум!

Но, веројатно нештата биле слични  и во која и да е друга terra nullius? Кај нас историјата се повторува, многукратно, во различни изданија и епохи: ние сме најновата „ничија земја“ на 21-от век, само уште отворено не ни го кажале тоа! А ние, за жал, сме преглупави тоа да го согледаме. Нештата, или историјата, како скате, постојат за умните да црпат искуства и знаења како да (не) се однесуваат. Тие нешта, или историјата, како сакате, само се менуваат, се трансформираат и осовременуваат, па треба да ги препознаете. Ако умеете, и ако сакате. Ако не умеете, а особено ако не сакате, тогаш ви/ни нема спас! Крајот е секогаш некаков вид на спас, но може да биде и болен. Но, македонскиот мазохизам умее да поднесе болка, голема болка.  

А таква ќе биде и оваа загатка со Уставот. Ќе биде голема. Не случајно БГНЕС предупредува дека внесувањето на Бугарите во Уставот е само почеток. На што? На крајот? Ама никој не смее да праша, нели? Како што друг почеток ќе биде и она со бришењето на фамозните 20 проценти. Ама и за тоа никој не сака да говори. И сите тие што молчат за најважните прашања при отворањето на Уставот, не сакаат да проговорат за друга можна опција: на пример за граѓански устав, без преамбули, племиња, фрустрации, мавтања со знамиња и симболи…!? Но тоа, понатаму, би морало да се инкорпорира и во реалниот живот односно реалполитиката. А на тоа, очигледно, никој не е подготовен.

Па нам, по ѓаволите, мазно и на невидено ни поминуваат два коридори од милијарда и половина евра, ама ние истражуваме кој го развеал абориџинското знаме од Кутлеш во Охрид! Следствено, и повторно: не ни треба (само) мир, ни треба – ум!