Category Archives: Uncategorized

КОНТРАРЕФОРМАЦИЈА

Знаел Лутер, точно знаел против кого и против што тргнува, и дека клинот во вратата на црквата Сите Свети во Витенберг е забиен директно во срцето на Папството и неговата моќ и влијание (не само) во Германија. Впрочем, како што веќе напишав, прашањето „Зошто Папата, чие богатство денес е поголемо од богатството на најбогатиот Крас, ја изгради базиликата Св. Петар со парите од бедните верници а не со негови пари?“ е токму македонското прашање денес, поставувано толку пати во изминативе година-две: зошто фирерчето, и неговата камарила, не го градеа, на пример, „Скопје 2014“ со свои пари, туку грабаа од нашите? Зошто не ги хранеа своите банди во медиумите, во културата, во администрацијата … со свои денари и евра туку тоа мораа да го прават од државниот буџет?

По истата логика, претпоставувам, како и Лутер, знаел и Заев кој и каков пекол отвора со т.н. бомби. Ама знаела и бандата и нивните јатаци дека секоја наредна „бомба“ е нов клинец во нивниот сандак. А ги имаше доволно. „Бомби“. И секоја погаѓаше во целта, а сандаците се множеа со геометриска прогресија! Иако, можеби, недоволно за наш вкус. Или ќе беше премногу половина држава да се смести во сандак, закован? Можеби, којзнае.

Како и да е’, Лутеровата реформска мисла, велат, се раширила низ Германија за само две недели, а низ Европа за само два месеци, што за тоа време (16 век) е како директниот пренос на „бомбите“ на Заев на една-две македонски телевизии. И намерно ги спомнувам тие една-две (ајде да не ги именувам, сите се некако нервозни!) зашто сите други ја држеа македонската јавност во тотален мрак, негирајќи ги дури и очигледните случувања во државата! Борбата за вистината на тогашната македонска политичка опозиција – времето и историјата ќе покажат – е време на голема смелост, речиси дрскост контра еден фашизоиден режим организиран според цврстите правила на тој тип тоталитаристички режими. Особено во медиумите, што денес се заборава! Затоа, можеби, македонската јавност деновиве (или барем оној нејзин дел кој што добро памети што и како се случуваше на овие простори во изминатата деценија) има разбирање за чувствителниот, па и трнлив пат на реформацијата на македонската демократија, сега и тука. Иако, според манифестациите, тоа разбирање некако се стеснува, се витка под притисокот на (се’ уште) неисполнетите докрај ветувања, а често дури и под пресијата на одделни груби грешки во чекорите. Но впрочем, пред крајот на животот и Лутер, бидејќи и тој само од крв и месо, запаѓа во неразбирлив антисемитизам кој што во голема мера го засенува неговото дело односно го прави прилично контроверзно. Се разбира, не мислам дека сегашната власт е непогрешлива, уште помалку дека таму се собрани светец до светец – сите кој од кој позаслужен за македонската демократска пролет и без право на грешка. Но стравот во јавноста, некогаш дури и прегрубо манифестиран, е страв од контрареформацијата, од регенерацијата на Злото, од опашките на криминалната банда и нивните ќосиња залегнати на сите клучни места во државава, особено во медиумскиот простор. Ним им треба само мал поттик – можеби како оној одглумен од гаулајтерчето во Собранието – за да пред приврзениците воскликнат: фирерот е жив, ништо не му можат. Таквите грешки се непоправливи во една демократија, особено во ваква од македонски тип, кревка и кршлива до зла бога! Ако Лутер само ги заковал тезите на вратата на црквата и се свртел и си отидел кај неговата Катарина (добро, во тоа време уште не ја познавал, ама можеби кај некоја Магдалена?), ако не го измарширал папскиот пратеник Тетцел, а со него и самиот Папа, ако не постапувал понатаму така како што постапувал … од Реформацијата ќе останела само прав и пепел. Затоа, впрочем, и македонската јавност покажува знаци на нервоза, на недоумици каде застанаа – и дали? – реформите, свежината на духот на некогашната опозиција, големите зборови што ветуваа големи дела. Зашто, ако, повторно, мораме да ги гледаме маневрите на фашизоидните строеви на бандата, нивните поддржувачи и јатаци како пак креваат глава и ни продаваат сила, ако може секоја хистерична будала да урла и да ни држи предавања за демократијата а реформаторите гледаат в земја или бројат чавки на небото, тогаш повторно нешто не е в ред. Зашто, нештата се прилично едноставни: нема реформи со криминалци, нема промени со истите луѓе на клучните места, нема живот ако „демократијата“ ни ја диктираат пулените на малото фирерче! На контрареформацијата, нормално, (ќе) и’ пречи секој пробив напред, секој успех, секое обновено демократско право и развој. Особено (ќе) и’ пречи потсетувањето на нивните злосторства! И токму затоа се уште понервозни. Но и поопасни. Ама ако моторите на реформацијата шлајфуваат в место, без видлив ефект или со очебијна (и нејасна!) попустливост кон криминалците, што тогаш? Граѓаните во прв ред очекуваат владеење на правото, нов концепт на правдата, осуда на криминалците, но и заштита од нив. Ако овие и натаму дивеат низ македонскиот простор, а реформаторите го вртат погледот на другата страна, тогаш нешто сериозно не е в ред, нели?!

Advertisements

РЕФОРМАЦИЈА

Кога Мартин Лутер во 1517 година ги заковал неговите Деведесет и пет тези контра Папските индулгенции на вратата на црквата Сите Свети во Витенберг, точно знаел што прави. И знаел што да очекува односно дека ќе има поддршка од мнозинството Германци на кои што преку глава им биле Папските привилегии, богатства и аздисувања. И не случајно во 86та теза Лутер прашува: „Зошто Папата, чие богатство денес е поголемо од богатството на најбогатиот Крас, ја изгради базиликата Св. Петар со парите од бедните верници а не со негови пари?“. И знаел дека погаѓа точно во сржта на проблемот – во богатството! Лутер бил смел човек. Ако пак напишам дека Зоран Заев е смел човек, многумина тоа може да го разберат погрешно. Сеедно, но неговите „бомби“ – на времето, во просториите на неговата Партија но и пред „белата шампита“ која што се’ уште глуми Влада на РМ – тогаш ги доживеав токму како чеканот на Лутер и неговите тези контра римскиот Папа. Заевите „тези“ контра нашето фирерче (со тогаш изгледни шанси да биде наш доживотен „папа“) де факто беа почеток на крајот на криминалната банда. И кога тој велеше дека ќе го урне режимот само со пенкало, малку кисело се потсмевнуваме. Како што, впрочем, му се потсмевнувале и на Лутер во неговот време.

Ама, на крај памет не ми е да пишувам некаква ода за сегашниот премиер – ни тој ниту јас, претпоставувам, имаме потреба од тоа – но сепак, сите настани во денешна Македонија многу ме потсетија на улогата на Лутер, неговата смелост и далекувидост, и историската потврда на неговиот храбар чин. Сигурен сум дека и улогата на сегашниот премиер историјата глатко ќе ја потврди, особено после вчерашните случувања во Собранието на РМ. Демонстрацијата на сила од страна на малото фирерче – по којзнае кој пат во изминативе дватринаесет години – само не’ зацврсти во уверувањето дека се’ што се случува(ло) наназад неколку месеци било на место и дека се’ требало така да се одвива. Зашто ние и нема(в)ме друг пат освен сериозна пресметка со Злото на сите фронтови. Е сега, фронтовите некако ни се стеснуваат, или не се отвораат доволно бргу за наш вкус. Не знам, но кога човек го гледа она насилно чудовиште – иако сето тоа повеќе е популистичка глума за тврдокорен патетичен народ кој не умее да разликува магаре од човек – како самоуверено се шета низ Собранието (токму како оние на 27 април!), како се заканува, како истура вода (иако строго контролирано, знае дека ако малку го смени правецот ќе му го залепат мевот за грбот!), велам, сепак, наспроти целата глума, тоа веќе не е демократија. Како што впрочем не беше ни она на црниот 24 декември, или она на црвениот 27 април … па и сите оние дванаесет изминати години. Ама, мислевме, готово е. Прашањето е: зошто ние треба да толерираме насилници од тој тип? Само затоа што се пратеници, или што биле партиски и државни функционери? За сосема исти или слични постапки некои негови симпатизери со месеци се „на одмор“ во Шутка, или Идризово, или каде и да се. Или зошто, и до кога, треба да ги поднесуваме сите опашки на Злото во администрацијата, во медиумите, во културата, во образованието …? Како тоа ним, се’ уште, се’ им е дозволено, па дури и да се „возбуди“, на пример, цела една телевизија ако им напишете „три слатке речи“? И како никој од тие фолиранти не се возбудуваше на црниот 24 декември, на црвениот 27 април, на „развлекувањето“ на тогашниот лидер на опозицијата при неговите интервјуа во куртон-медиумите? Зошто, повторно, на барабите во оваа држава се’ име е дозволено, па и да се „возбудуваат“ ако некој ги спомне, а ние, дури и кога ни се закануваат – истите бараби кои го поддржуваа цела деценија она чоечено, несудениот глумец, кое вчера изведе „патриотска“ претстава во Собранието на РМ – немаме право на заштита? Или заштита тоа право го имаат само богатите, и злите?

А кога сме веќе кај тоа, Лутер не случајно го спомнува Крас – римски генерал и политичар – чие што богатство се проценувало (според Плиниј) на околу 200 милиони сестерции, а според Плутарх дури на 229 тони злато (што во денешни мерки е околу 9 милијарди долари!). Сепак, никој, па ни Лутер, не знае(л) колку навистина „тежи“ Папата, како што никој (па ни Заев) не знае ни колку навистина во злато тежи нашион статист. Ама не знаеме ни колку тежат сите други бараби кои секој ден ни се силат и не тормозат со нивното богатство, кое што е всушност – наше богатство!

Затоа, за крај: историските мисии мора да се одиграат докрај. Или – го губат значењето на историски мисии. Остануваат само со некои / некакви периферни значења што бргу бледнеат. Тогашната Лутерова реформација стана историска мисија за Германија, но и многу пошироко – обедини половина Европа. Нашата „реформација“, дури и да остане само наша, мора да се одржи како силна демократска мисија за Македонија, или – отидовме сите по ѓаволите!

СТАРО-НОВИ РАНИ

Мојот имењак Лозановски (Злате) е безмалу болно во право кога вели дека овде, кај нас, „преземањето нов чекор во крајна линија е или продолжување на некоја од старите рани или отворање нова“. Ние немаме и не можеме да имаме „нови чекори“ зашто старите, проклетите, не’ следат како сенки, јавнати ни се на вратот и од нив куртул нема. Џабе ни е и живот, и нова култура, и божем нови барања и очекувања кога мафиите си функционираат по принципот дај-дам, кога сите имаат некакви стари долгови, или отворени рани / сметки, за лекување или за враќање.

Всушност, Македонија е цел живот на крстопат: помеѓу вчера и денес, историјата и иднината, личното и општото, локалното и глобалното. Оној Аце заакал дури до Индија, ама што фајде. Оставил расклатена „држава“, попат умрел, генералите му го развлекувале пленот, телото и „државата“ … Дури ни од 1990тите не успеавме да воспоставиме владеење на правото и системот, на квалитетот и вредноста пред се’ и над се’. Затоа цело време се бавиме со старонови рани, ги залекуваме ама пак се отвораат зашто лекот ни е лош, бабин, неефикасен. И постојано ни стои некаква грутка во грлото која што не можеме ни да ја голтнеме ниту пак да ја исплукаме. Судбина!

Таа грутка, тој чемер и јад збран во неа еден ден ќе ни дојде до главата. Во неа се стуткани сите зла од оваа земја, сите неспособни и самоумислени, сите бараби и гниди што цели дваесетина години дефилираат низ јавната македонска сцена продавајќи ги своите фрустрации, лаги и идиотизми како народно добро и современа замена за квалитет. А ние ги одгледуваме како национална вредност, несвесни дека бргу се множат, напредуваат, јакнат во нивниот убиствен поход контра се’ што може да заличи на некаква европска Македонија.

Но и тоа не е од вчера. Тие не се паднати од Марс или дојдени од најмрачните тунели на Адот. Сме ги гледале и сме ги слушале пред многу години, не придавајќи им којзнае какво значење односно мислејќи дека се навистина неважни, невредни, неспособни односно некадарни да пореметат којзнае колку во вредносниот систем на државата. Премногу бевме сигурни во себе! А тие ебиветри и секакви други психо типчиња се муваа низ сите благополучни професии, по разноразни периферни и тотално ступидни медиуми и нивни ретардирани рубрики (деск, скопска, некакви „музички“ емисии и сл.), одеа на сите отворања на изложби и други културни настани, беа во првите редови на коктелите и приемите само за да се сликаат со важните политичари … И не било за џабе зашто – оп, преку ноќ, на крилјата на распафтаниот националистичко – злосторнички подем на некоја новокомпонирана номенклатура со фашистички происход во потрага по нова распределба на моќта, тие стануваат важни директори, новинари, професори, уметници, културњаци. Но не само тоа, туку тие се осмелуваат да диктираат што е што и кој е кој, да водат кадровска политика, да расправаат за вредности и истории, за мината и иднини. До вчера се криеа од дневната светлина, бараа поголеми камења под кои што ќе се пикнат за да не ги спржи свежата македонска идеја која што, во суштина, тие ниту можеа да ја разберат. Ама затоа одлично го разбираа(т) говорот на парите и наредбите на малото фирерче. И се строеа. И се зацврстуваа во рововите, (полу)свесни дека ова нивново сепак не може вечно да трае. И уште се во строј! Некои дури и со мисла дека шаткестоно фирерче и неговите мрсни арамии ќе се вратат и тие повторно ќе бидат први виолини. Ама ние како да не сакаме тоа да го видиме? Па и да поверуваме дека и тоа е можно!? Староновите рани ги оставаме незараснати, ама сепак се стремиме кон Европа. Иако тие упорно ни велат дека така не може! Дека раната мора да зацели, да се затвори! Дека на неспособното, на криминалното, на глупото, на некадарното мора да му се каже отворено каде му е местото ако сакате да градите здраво општество. Вака, секоја будала, секој психотик ви диктира темпо, ве вовлекува во негови шеми, ви вреви под прозорец како нездрав за да ја прикрие личната неспособност и, евентуално, криминал. А всушност нема што да се крие зашто овде се’ е веќе јавна тајна!

Затоа и гртуката тендира да расте и да задушува. Не поединечно – тоа е дури и најмалиот проблем, денес бил, утре не си – туку колективно: на здраворазумско, демократско, морално, етичко … рамниште. Како тоа секоја втора бараба стана поважна од чесниот човек во оваа држава? И зошто?

Грутката ќе порасне – и ќе не’ задуши.

ЗА МЕЧКАТА И ЗА ФИЛМОТ

Г-дин Тричковски не’ информира за најновиот (национален, се разбира, тие ништо под национално!) продукт на рифеншталките, филмот „Дупката на Триумфекалната капија“. Едната режисјорка, другата – разбира се – продуцентка и главна актерка! Добро е да се знае, кога веќе надлежните не не’ информираат. Не знам дали во филмчето – пардон: во филмиштето, зашто тие ништо не прават под супериорната големина! – ќе има место и за нашана локална ѓоа Аманпур шмизла, која што милува да зауздува. Би и’ личело со двене, нели? Иста школа. Ама ова и не е некаква вест.

Но, каква врска имаат мечката и филмот? Никаква, се разбира. Освен што, за мене, еднакви по неверојатност се двете вести: мечка му украла две пушки на ловец и Агенцијата за филм успеала да врати 300.000 евра од хрватскион „продуцент“! Затоа и ги поврзувам, заради неверојатноста на постапките, заради фантастичноста на дејствијата – чиста научна фантастика! Тозија со право се фали „на сва уста“, што би рекле, дека вратил барем една третина од украдените пари. Повторувам: се фали со право зашто за изминативе месеци не слушнавме некој да врати некакви пари. Освен Финансии што враќаат главно странски кредити. Другите – земаат! Дури и за бизнис класа, зашто патот им бил долг. Па кој ѓавол тогаш одиш таму, џенем, дури во Аргентина? И јас би, додуша, ама нема кој да ми плати, па нека е и економска класа. (Роберт како да се исплаши од шмизлана, што ли? Иако, за право, ни јас не сум многу за по патиштата!)). Што стана бе со ова младиве, од старт па – на луксуз? А ние што патувавме автостоп, на времето? Да, ама друго време беше.

Но, зборот беше за филмот, општо, ама и поединечно. Бидејќи тој, македонскиот филм, се престори во општа забава – да не речам заебанција – во која се вклучува кој како ќе стигне, а особено во актуелниве продолжетоци на (демек) рашомонијадата наречена „серија Македонија“. Што всушност целосно одговара и на нашите дневнополитички збиднувања, речиси како пресликани, каде што едни напаѓаат, други се бранат, трети гледаат сеир, оние кои инкасирале малку треперат … не од студ туку од страв … оние кои сакаат да инкасираат малку повеќе се двоумат зашто веќе нема гага по системот мама на тате, тате на бате, бате на едикојси. Но, всушност, дојдовме дотаму да оценуваме треилери наместо серии, адвокати – по правило неписмени за култура, со чесни исклучоци – да ни држат предавања дека веќе покренале тужби и слични будалаштини. Тужби – за што? Затоа што нивниот клиент имал рок да сработи тоа што требал да го сработи, а за што земал милион евра, ама – не го сработил? И сега се вади со треилер? Божем тоа е исто како епизода, или епизоди – колку и да се – за една серија? Па ако е и од адвокати, многу е. Знам дека тие гледаат првенствено да инкасираат – демек од тоа живеат, а ние као живееме од нашите огромни наследства, акции и дивиденди – ама до толку да не’ прават луди? Или нивните клиенти се еднакво луди, па се надополнуваат? И никој, особено не оној „продуцентон“, ама и неговиот адвокат, не кажуваат зошто чоекот не испорачал ниту минутка од серијата, ама ги земал парите? Кое е образложението? Барале пролонгирање на терминот? Ма немој, а што правеле во изминатиот период? Палеле свеќи во црква – католичка или православна сеедно, нели Господ е еден – и се молеле за нова победа на баграта? И после: све ќе то народ позлатити, по стоти пут!? Ја ги мислев тоа Хрватите малку попаметни, признавам. Па веќе се во ЕУ. Ама изгледа дека тоа не е никаква гаранција. Еднаш бараба – цел живот бараба!

И сега, повторно за мечката и повторно во врска со филмот. Веста што ја цитирав вели дека мечката му украла на ловџијата две пушки. Можете да ја замислите мечката како го прави тоа, како се камуфлира, се прикрадува, лази … и цап – отидоа пушките. И тоа двете. Е јас така го замислувам и директорот на Агенцијата за филм кој, според зборовите на „продуцентот“, го сторил тоа „незаконски и самоиницијативно“, без Финансиска полиција или Јавното Обвинителство. Го замислувам Медо како се шуња, женска чорапа на глава обавезно, влегува во банката каде што е сметката на „јадрановци“, и цапцарап – отидоа 300.000 евра! Не знам во што би можел да ги стави, не се малку пари, сигурно имал некој куфер на тркала – од оние поскапите, зашто тој е по скапите работи, така велат – или во некоја вреќа, што е помалку веројатно. Како и да е’, и мечката и Медо се офајдиле!

Извинете, ама колку наивни, и глупи, не’ мисли оној Хрватон? И недоквакани? Па ако навистина ги има бараните (според Договорот) епизоди односно целата платена прва сезона, зошто не ги даде таму каде што треба? Или нека испрати копии до премиерот, на пример, до цела Влада, до медиумите? Зошто дополнително се резили со некакви трејлери од 3-4 минути кои што, демек, треба да заменат цела една сезона? Мислам, добро, јасно е дека со претходнине македонски званични претставници, особено во филмот, странците и домашните можеа да прават што сакаат. Дури, како мечката, да украдат две пушки од ловџијата. Овие испокрадоа стотици милиони евра! Ама уште да играш на таа карта? Е па треба да си многу глуп.

Апропо овој потег, се’ си мислам дека таква „операција“ мораше да се направи во целата култура, уште летото. Требаше да се одземат од сметките на „корисниците“ сите од пуфлата однапред дадени пари за реализација на будалаштините на нејзините клиенти. Ќе се спасеа добри пари. Вака, половина година клиентите си шетаа со парите в џеб, ги реализираа – делумно или целосно – замислените глупости со фирмата на Министерството на чело, и никому ништо. Алуминизиранион сликар отиде дури во Полска, не го собра цела Македонија. И сите ја претставуваа(т) – македонската култура.  Како да не!

За крај, не знам дали Тозија ќе ги отвори и случаите со рифеншталките, со оние дистрибутерски кражби на ЕУ фондови, со сите оние македонски „филмски“ идиоти кои така здушно и мафијашки работеа со/во тотално заробената (филмска) држава … Или, посоодветно: дали ќе му дозволат? Зашто ние секогаш имаме два аршини, еден за „наши“, друг за странци. И по правило, „нашиве“ се секогаш привилегирани. Како да ни е полесно кога „наши“ не’ крадат?!

 

РЕФОРМИ?

Ќе се навратам за миг на парадоксот, или парадоксите – а ги живееме речиси секојдневно – на обидот, од многумина, во Злото да се бара нешто добро, нешто хумано, нешто морално. И што веќе не застанува само на обид туку се трансформира во некаква општествена „акција“. Што пак се сведува на она „what the fuck, бре“ на Фрчковски односно на „непристојното и неетичко“ мудрување дали и како ќе се реформирала злосторничката партија. А како тоа би можело Зло да се реформира? Помоќу магије, што би рекле Србите? И кој е тој маѓионичар од таков формат кај нас? Оние од „реформското“ крило кои начекаа (речиси) мртов индијанец па маваат по него? И зошто не се огласија (барем) пред две-три години, па и да им поверуваме?

Некој ќе рече: прашањето е филозофско, не е прагматично односно дневно политичко, зашто во дневната политика се’ е можно, особено кај нас. Добро, можеби, ама нели оние од „најпатриотската“ партија се сите (по список) верници? И зарем Господ не ќе го реформираше Сатаната, ако тоа беше можно и така лесно како што тие замислуваат? И во што би се реформирала една во основа анахрона, глупаво идиотска, малоумна профашистичка организација што сака себеси да се претставува како – партија? Во блага десница, или десен центар, или – што? И зарем има некој кој навистина верува во тоа? Единствената можна реформа на таа и таква партија е нејзиното заминување во најцрната историја, од каде што впрочем и излегла и каде што навистина припаѓа.

Знам дека многумина го гледаа(т) „бело“ Миро Грчев кога пред многу години ја започна серијата текстови за очебијно сличните предзнаци илити симптоми што бившиот режим – од ден во ден, од година в година – ги пројавуваше споредено со минатовековните фашистички односно нацистички диктатури, особено оние во Германија и Италија. Јас не бев исклучок. Ми се чинеше „натегната“ тезата. Ама, тоа само така изгледаше, зашто кога ќе почнете поодблизу да копате по историјата на фашизмот, па ќе читнете делчиња од Еко, па ќе ги споредите сите сознанија со македонските состојби, дури, ако сакате, и во „најмеките“ општествени области како што се културата и уметноста, тогаш како да ве удира чекан по глава. Зашто – сличностите се фрапантни! Како некој да ги пресликувал состојбите (особено во културата и уметноста!), како да тајните советници на режимот целено и сериозно консултирале соодветна литература – или истата им била просто турена во црпките – и ја примениле во сите сегменти на државната управа! Впрочем, целата македонска држава многу бргу беше устроена според тие „организациско – партиски“ принципи. Па ко воли нек изволи. Тие што не можеа да се вклопат, или не сакаа, сепак не беа носени во партиските седишта каде би им бил туран рицинус во грлата (како што милувале италијанските дучеовци!), ниту во влажните подруми на тајната „СС“ полиција каде што би им ги кинеле ноктите или би ги приклучувале на „слаба“ струја. Се разбира – не. Тоа се дваесетовековни методи и тоа денес веќе не е во мода, не се прави. Та и фашистите имаат право да се модернизираат, нели. Денес, односно до вчера функционираа посуптилни методи. Структурната организација на „партијата“ беше иста, применлива дури и во шемите на државната управа, ама методите почнуваа со благи убедувања, па разрешувања, па мобинг и слични „фини“ малтретирања, не само на односниот туку и на целата поблиска и подалечна фамилија, па игнорирање на стручноста и експертизата – ти само седи и уживај, и примај плата, се разбира, не мораш ништо да работиш – сите државни врати а богами и прозорци беа затворани за одделни непожелни персони, нивното име не смееше да спомнува во дадени контексти итн. Или, ако веќе сакате, земете ги сите т.н. годишни програми за финансирање на националниот интерес во културата па ќе ги видите сите лепотани, по име и презиме, целата таа (не)културна булумента која што ни кроеше капа цела една деценија. И сега – тие ќе се реформираат?

Некој ќе рече: добро де, ништо страшно. Можеби, ама многумина завршуваа и во затвор, со наместени судски процеси и долгогодишни казни, беа жигосувани на сите можни начини, во културата, велат, одделни непослушници завршувале со бироата и во вистински подруми … Или, ако сакате, каква е таа реформа во некоја fucking партија која што ќе поднесе предлог за аболиција на онаа багра која што упадна во Собранието со намера да убива? Како имено ќе реформирате убијци? Или, ако веќе сакате, прочитајте ја – ама убаво – онаа Владина одлука со која што се определува на бившиот воен злосторник да му се даваат цели пет илјади евра месечно, цела година, за лепе очи. Тоа ли е Влада, тоа ли е Одлука, каде нема ниту збор за што на тој и тој му се даваат толку пари, наши / ваши, чии и да се? А ако Владата им била таква, каква им била – државата, па во неа и културата, па образованието, па науката, па здравството …? Ние се’ уште имаме нивни директори – оние, приученине, партискине, полуписменине – имаме се’ уште нивни клиенти во сите пори на општествениот систем – онакви гниди и профитери кои се дрзнуваат дури и да пишуваат писма како демек, биле онеправдани и цензурирани, а банкарските сметки им се ко око полни – па имаме загрижени театарџии од типот на бившион директор на Драмски кој се’ уште уста лепи од фалби за бившиот режим … Е тие ли ќе се реформираат? И ние ќе им веруваме?

ЗЛОТО – ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ

Помеѓу Еуфоријата и Злото, јас одбирам да пишувам за второто. Зашто, Еуфоријата (ќе) ја опишуваат многумина други. Заслужено, се разбира. Бидејќи е голема, огромна, можеби неочекувана – барем не во такви размери – речиси величенствена, а како што тврди многупочитуваниот Тричковски, ја враќа вербата во Народот. И така е. Оној Народ против кој често пишувавме годиниве, кој ни ги кинеше живците, не’ побудалуваше со неговото незрело однесување, со веднењето глава, со безмалу неизлечивата (дали историска?) покорност пред силата и моќта. Иако пак ќе пишуваме, ако во некоја друга прилика продолжи така да се однесува. Но, барем сега, го обели образот. Својот и нашиот, и на поколенијата. Му требаше долго, цели единаесет години. Иако, некој ќе каже, Народот и претходно си гласаше како што треба, само што му ги крадеа гласовите, му ги префабрикуваа, ги „крстеа“ со нивна злосторничка водица! Добро, тоа е неговата олеснителна (повторно историска?) околност!

Еуфоријата ќе потрае. Се надевам – не предолго, зашто за тоа едноставно нема време. На оној Народ му беа ветени многу работи заради кои што, мислам, гласаше така како што гласаше. Се разбирам, не се сомневам во неговата – народната – зрелост да направи разлика помеѓу Зло и Живот. Иако, ме јаде јанѕа: ќе беше ли вака, ќе се гласаше ли вака да не беа „бомбите“? Ама во Еуфоријава некои прашања нека останат (барем привремено) неодговорени. Иако, некој со право ќе ми префрли: а што беше „Шарената“? Нели беше – Народ?!?

И повторно: не го негирам правото на Еуфорија. Предолго траеше Злото за да си го ускратиме задоволството да ја прославуваме победата над него, кој како знае, сака и умее. Некој дури и со претерувања, со огномети – а ги пцуевме злосторниците кога го правеа истото. Ама добро, еднаш секогаш е подносливо!

Не знам колку де факто гласови (повторно) освои Злото. Колку и да се – многу се. Премногу, за наши услови. Зашто нашево Зло беше преголемо зло, во секој поглед. Немаше ама баш ни трошка доблест, добрина – парадокс е, имено, во Зло да бараш добрина! – морал, образ. Се’, и буквално се’ беше црнила. Се’ што допреа, секаде каде што стапнаа избербатија, засмрдеа, уништија, испоганија. А сепак: победено ли е Злото? Не знам. Она смешно мало човече, предводникот на нашево современо еднодецениско Зло, иако поразено и посрамотено, тетеравејќи се како грогиран селски боксер, сепак собра сила да се појави на полноќ, како вистински македонски Дракула, и да критикува, да се вади, да се правда пред грстот преостанати новоерци. Како впрочем и оние историски слики на полудениот Адолф, во преголемиот шинел, на улиците на разурнатиот Берлин како ги храбри и орденисува германските дечиња спремни дури и да умрат за него. Од таа перспектива, последните денови на нашето Зло се можеби и најопасни. Скршените, детронизираните умислени „лидери“ се најопасни токму во нивното последно лудило. Особено кога се оставени речиси сами, кога се напуштени, и напуштани и од најверните испрдоци на Злото, оние од типот на разноразни „професионални“ гниди од сите подопашни провениенции – новинарски, културни (особено филмски, оние од рифеншталски тип!), бизнисменски, политички и др. Тогаш, осамени во лудилото, подготвени се на се’, дури и да повлечат со себе во Адот и недолжни души. Тогаш сите други се виновни за историскиот пораз. Тој степен на лудило не смее да му/им се дозволи!

Она на што исто така ќе сведочиме, со задоволство, иако малку кисело, се разбира, во овие последни денови ќе биде прелетот на преостанатите зли гуски и мисири во победничкото јато. Меѓу нив и некои вистински и безрезервни ударни тупаници на Злото. Особено во културата, во бизнисот и во политиката. Но, впрочем тоа беше филм што во последователни репризи го гледа(в)ме последниве шест месеци. И иако некому тоа можеби му изгледа нормално, дури симпатично и пожелно, не може а да не се предупреди дека таквото метастазирање на Злото е најопасно. Така всушност се брише границата помеѓу Доброто и Злото, моралот и неморалот … сите стануваме исти, еднакви во нечесноста. Се валка дури и Еуфоријата, како што едно време, некои од истите, со нивното присутво ја извалкаа и „Шарената“. А тоа ваквата победа сепак не го заслужува! Иако, ете, токму некои од тие разноразни „експерти“ веќе пуштаат гласови дека СДСМ не победи толку колку што загуби ВМРО! Ма немој, богати. А како тоа, вака одеднаш, па – загуби? Што би рекле Србите: с неба па у ребра, а?

Затоа, дури и се плашам да ги крстам деновиве како последни денови. Се плашам од таквите камуфлажи, или мимикрии, како сакате, од такви инфилтрации што понатаму го разјадуваат здравото ткиво. И тоа, повторно, е всушност видена работа, токму од следбениците на она некогашно Германско историско пан-зло кое така вешто, и брзо, се претопи во новата Аденауерова администрација како новопечени демократи, социјалисти и што ли не друго. Но, тоа е друга тема, а ние белки ќе умееме да учиме и од нечии туѓи историски грешки?

ТРОЕН ОКСИМОРОН

Да продолжам каде што застанав: кај тројниот оксиморон наречен „успешни македонски бизнисмени“ кои, еве, по цела деценија подаништво, очајна подлизурштина, коленичење и бацување рака таму каде што треба – а требало, богами, на многу места, и не само рака – сега почнуваат да делат совети, па дури и да бидат вицкасти. Новите реформски даночни мерки на Владата, демек, да ти биле „робинхудовска демагошка приказна“ за „постигнување краткорочни пи-ар ефекти“, па и дека со воведувањето на прогресивното оданочување бизнис заедницата ќе го извлечела најдебелиот крај односно дека тоа било „казнување на најуспешните“ и слични гадости недолични за сериозни луѓе какви што сакаат да ни се прикажат македонскиве бизнисмени. Зашто, прво, ако некој влечел „краеви“ од секаков тип, а особено лукративни, тогаш тоа биле тие. Побудалеа од влечење. Посебно во изминатата деценија, само ако беа умни, покорни и молчаливи. И беа, токму такви: предеа како мачиња пред хунтата, а ваму изигруваат некакви лавови. Плишани додуша, ама ете – креваат глава зашто сега ќе морале да плаќаат повеќе. И тие да ти биле најуспешните? Во што? Тоа му доаѓа исто како флоскулите за и околу успешните македонски уметници во изминатите десет години, со кои што ги честеше злосторничкото здружение сите оние гладни, голи и боси – разбрано метафорично, се разбира и сконцентрирано главно во (не)мислечката сива материја во главата – во македонската култура и уметност, а кои беа подготвени да бидат оние паљачовци кои ќе го величаат Пастирот и неговото стадо на чело со пуфлата предводничка, па ќе ги нарекуваат дури и од Господ дадени мецени. Со наши пари, се разбира. Така и меѓу нив се појавија заслужни и најзаслужни, успешни и најуспешни, и следствено и беа наградувани. Со „стимулативни“ мерки, но и разноразни други што ќе ги смислеше злосторничката братија – а овие тука беа ненадминати! – во полза на „најуспешните“ македонски творци.

Некогаш, некој умен ќе направи ранг листа токму на најуспешни помагачи на деценискиот режим. Зашто, историјата вели, ниту еден режим не може(л) да опстои сам и во сиромаштија. Особено режими од типот на нашиот. Преку вековната формулата на взаемодејствие помеѓу бизнисот и политиката, на овие простори цутеле такви партнерства. Порано ги викаа петоколонашки. А таму, на тој список, сигурен сум, на самиот врв ќе бидат овие наши оксиморонисти, по име и презиме, што ним веројатно ништо не им значи зашто образот им е веќе ѓон сторен. Овие богати умобедници не ги тангира очебијното раслојување на општеството, нееднаквоста, сиромаштијата – безмалу бедата во која што живее значаен процент на нивни сограѓани – не знаат што значи зборот солидарност, хуманост, користење на јавните добра и услуги. Ним им е битен само џебот односно сметката в банка, по можност истата да е во некој далечен економски рај каде што новите власти нема да можат да ја допрат.

Добро, секој се определува во животот: некој за паљачо, некој за битанга, некој дури и за бизснисмен како „професија“ што ги обединува првите две, барем кај нас. И тоа е нивно право да се определат да бидат тоа што сакаат да бидат, тоа што највеќе одговара на нивните ментални капацитети и конституција. И нека си ги трошат парите. Ама може ли барем малку поскромно, потивко, малку – што се вели – со усул. Барем овие најгласниве, кои до вчера беа „има слика – нема тон“! И климаа и ракоплескаа на сите „виртуозни“ таламбаси на партиско-владината врхушка кога не’ убедуваа за нашето (не само) економско односно бизнис место во светот, за да веќе вториот ден по падот на криминалците – преку една госпожа која, претпоставувам глумела некаков претседател на некаква нивна комора, една од многуте – почнат да не’ убедуваат дека економијата е пред, или веќе во, клиничка смрт, дека нема ова и нема она, дека ним им било битно да имаат стабилен систем за да можат да продолжат да работат итн. Бреее, а нам не ни треба, ние можеме, и мораме да работиме и во услови на режим и хунта, и злосторничко здружување, ама тие – оксиморонските македонски бизнисмени – биле научени само на мир и стабилен политички систем. Се разбира, зашто каде на друго место можете само од една зделка да инкасирате цели седумнаесет милиони евра, како оној вкочанетион кој помина неколку месеци на „службен пат“? А видовме и нешто друго: дека воопшто не е точна констатацијата на приватниот сектор односно на бизнис заедницата дека таа ја носи на грб државата односно администрацијата – што грбои ќе имаа, богати?! – туку дека попрво државата, колку и да изгледа имагинарен тој поим, ги носи нив на грб. Зашто, ако само од една откриена зделка „бизнисменот“ инкасира седумнаесет (и со цифра: 17) милиони евра, колку набутал во џебовите од другите неоткриени зделки? Пута единаесет години, колку изнесува тоа? И кого тоа они носат на грб? Какви се тие нивни бизниси што демек „ја држат“ државата? И зошто тогаш постојано ги гледавме како сенки на локалниве арамии, закачени на нивните рамења и упикани во нивните задници?

Затоа, веќе одвратно е, грдо е тоа нивно директно брцање в око, лепење шамари лево и десно за нивната важност и успешност во државава, нивната  божемна загриженост. И не велам, и не мислам дека баш сите македонски бизнисмени се такви. Ама, извинете, се изнагледавме полуписмени мрсулковци кои здушно навиваа за злосторничкото здружение и кои десет години не кажаа ни збор за газењето на човековите права во Македонија, за апсењето на нивни „проблематични“ колеги, за континуираните кражби на изборите … за оној „црн понеделник“ или за неодамнешниот „крвав четврток“? Или – тие не знаеа за сето ова? Беа занесени во нивната „успешност“? Ма дајте, ве молам, па не сме од вчера!

ФЛЕКИ

Флеки, или дамки, како сакате – ама штом Ристо Лазаров го употребува зборот, немам дилеми во неговата точност – токму оние флеки од „намерно и несовесно раководење на државата“ (како што вели тој), ама кои што никако не можат да се исперат ни со „бабачки“ машини за перење флеки. Зашто нашиве десетгодишни флеки не се ни обични ниту пак вообичаени, тие се лочки, кажано народски, инкриминирачки маслосано-валкани траги на кожата на државата, на образот на многумина, но и на душите на сите оние кои беа сметани за неподобни, несоодветни, несакани, непријатни, па и, демек, непријателски настроени. Овие вториве, оние кои не припаѓаа(т) на збиените редови на партиското злосторничко малцинство, се некако збунети, се’ уште воздржани, како да им фали поцврст ориентир во времето, па и во просторот, ако сакате, зашто целана онаа лочкосана булумента на партиски поддржувачи, следбеници, ракоплескачи и главоклимачи, па и оние кои, ете, и денес се онесвестуваат од зборовите на лидеро (баш и не мислам на детено, има такви и повозрасни од него), уште се тука, црвени и згоени – ене оној Цветко, „учитело“ по фискултура, уште сакал да добива 90.000 денари плата, Амди и понатаму коле и беси (стока де, ама сеедно) на улица – и како да никој ништо не им може?! Како да се’ уште не се знае кој добил, и што, на изборите, кој формирал влада, и кој и што прави во државава. Лочкосанине дебили распределени во дури десет „пратенички“ групи во Собранието се можеби и најмалиот проблем. Тие се веќе толку изрезилени што никому, или на сосема мал број идиоти од сличен калибар, им оставаат некаков впечаток. Ама останаа другите. Ене ви го оној – некојси „скот“ – кој не само што ги тера работниците да работат на државен празник, се разбира со амин на Владата, поранешна или сегашна, не се знае, туку уште и ги тужи да му платат оштета, цели три и кусур илјади евра за еден ден! Скот, и формално и фактички. И сега, флеката не знаеме каде е: кај оние минатите, или кај овие сегашниве? Кој на „скотот“ му дава такви права, или кој не му ги одзема(л)? Тоа што работничките самите си дале отказ, тоа ли ќе ја избрише лочката од образот на државата? Или можеби фактот дека „скотот“ ќе ја повлече тужбата, ама работничките ќе останат без работа? Та не сме белки толкави идиоти. И што ако „скотот“ го избркаме од државата, сосе бизнисот? Толку ли ќе осиромашиме? Навистина?! Или ќе сме дале „лош сигнал“ на меѓународниот „дуинг бизнис“? Па таков сигнал баш и треба да дадеме, на такви „скотови“. Тие не се за „дуинг бизнис“, тие се дерикожи! А и повееќе ќе остане за нашиве, од истата провениенција, оние „успешнине“ за кои „робинхудовскиот“ данок бил само убава приказна. Пази – успешни македонски бизнисмени! Па тоа е троен оксиморон!!!

Или како да ќе пропадне светов ако не го викнат оној „аналитичарон“ во емисија, оној кој за две-три години инкасирал повеќе од половина милион евра за „анализи“ и „истражувања“ на јавното мислење? Та немаме ли барем малку поумни – а од него имаме, сигурен сум, само треба да прошетаме низ Скопје, Битола, Кавадарци, Богданци … – и поефтини луѓе? И уште ли тој ќе ни продава памет, која што, патем, ниту ја има? Па колку треба(ше) во оваа држава за да видиме кој е кој, и што е што? Џабе и транспарентност, објави за грабеж преку картици и сите останати начини на пљачкосување државни пари ако тоа остане само забава за народ. Такви забави баш не ни недостасуваат. Ги гледавме десет години! И да е само „аналитичарон“, туку се повампируваат и секакви други бараби и битанги гледајќи го беневолентниот однос он нив? Луѓе без сработен ден во изминативе деценија и кусур – некакви божем „конзерваторки“, фотографчиња, писателчиња што им ги издавале химните на  дилетантчињата – сите полека излегуваат од сенките и почнуваат да ни се поттураат како стручни за нешто. За што: за неработа, за махинации, за манипулации и подлизурковство? Еден сега надобуден „писател“, па уште и издавач – токму на една од контрацептивните химноспеви на некоја од оние партиски тутурутки – многу е загрижен за македонската култура и секој ден соли памет. Лочка. До вчера беа сраснати со злосторничкана дружина, лочкосани се од глава до петици, премачкани со сите маслени и акрилни бои. Ај што уште им даваат плати, ама да ги слушаме како „експерти“? Културата ни е се’ уште полна со химнописци и климоглавци, со неспособни и некадарни, со недоделкани профитери од сите провениенции. Во кој момент впрочем човек станува соучесник во крминалот? Кога директно учествува во него или кога само молчи за истиот, потполно свесен што и како се случува околу него? Да, тоа никој не успеал да го измери, велат, ама дали е баш така?

Мислам дека како општество се’ уште не сме доволно свесни што ни случувало во изминативе десет-единаесет години, какви и колкави се димензиите на лудилото спрострено низ сите пори на државата – особено таму каде што никако не би смеело да го има: во администрацијата, во образованието, културата, медиумите, економијата … дури и среде Владата со оние стотина (или колку и да се) суртуци што не доаѓале на работа! Како да се’ уште не ни е јасно дека оставањето на лочкосаните и црвосаните во здравото општествено ткиво е рамно на постапно самоубиство. Таа навидум мртва војска во распаѓање одвај чека да крене глава. Како во „Игра на тронови“. Впрочем, беше инсталирана во системот токму за тоа. Не пледирам дека јас сум еден од малкуте свесни или освестени, напротив – социјалните мрежи вријат од вакви и слични укажувања. Ниту пак мислам дека нештата можат да се расчистат преку ноќ. Напротив, ама некои – можат. Што вели Героски, тие што тврдат дека „не може“ – не знаат. Ниту знаеле. Знаеме и дека санацијата на целиот систем од штетите ќе трае барем двојно подолго од неговото траење, а некои нешта, или луѓе, никогаш нема да се отрезнат од лудилото. Силен збор? Можеби, но како и да го наречеме ова што се’ уште го гледаме и слушаме во јавниот простор, во крајната инстанца ќе се сведе на некаква форма на лудило. И голема, мрсна флека, лочка на кожата на државата.

ДЕВЕТ КРУГА

Има голема симболика (политичка, социолошка, криминална, но и психопатолошка) во она опозициско стадолико опкружување на собраниската говорница, штитење на микрофонот и тогашниот говорник, недозволување на тековните процедури односно продолжување на сега и физичката заштита на колаборационистот на криминалното здружение кој, кога ќе биде сменет, а тоа ќе биде бргу, може и да „пропее“, или не, сеедно, но кулата од карти наречена „најпатриотска“ македонска партија ќе се урне речиси преку ноќ. Затоа, впрочем, злосторничкото здружение трансформирано во десет пратенички групи сега изигрува партиско СЈО чувајќи му ги гласните жици на нивниот главен  заштитен сведок – некогашниот јавен обвинител на оваа држава. Другите бивши јавни обвинители ги ангажираат како нивни адвокати! Кај нас и тоа е, велат, нормално! А зошто па да не, кога пред очи и така ни се одвива и друг неверојатен процес: на трансформација на главните бранители на идеологиите на злосторничкото здружение во први критичари на истото! Просто од нив не можете веќе да дојдете на ред да кажете нешто. Ене го и „професорон“ – препишувач се загнал секојдневно да ги полни страниците со негови „критики“ на омилениот му т.н. проект „Скопје 2014“, зашто сега веќе тоа е полукративно отколку одбраната на истиот. Колкумина такви ќе се провлечат низ познатиот македонски систем на неодговорност и неотчетност, на релативизацијата на се’, до крајни граници? Очекуваме, наскоро, да се огласи и лудиот „архитект“ и категорично да ги отфрли односно демантира  сите врски со истата будалаштина која што, веројатно, некој или му ја подметнал додека спиел или тоа уште еднаш е некое масло на Сорос и неговите поданици во Македонија! И целата таа кружна симболика, повторно, е наша симболика – на нашата политика и култура, на нашиот морал, на нашиот професионализам, ама и на нашиот познат нагон за самоодржување / преживување, тестиран цели неколку века, а кој што редовно дава „добри“ резултати. Иако губи во најважното, во достоинството, ама кој пак денес, или кога е да е’ на овие простори, мислел на тоа?!

Ако пак релативизациите на нивните учества во злосторствата не поминат, тогаш тука е обрачот – онаков како во Собранието, заштитен стадовиден круг кој што, мислат тие, (ќе) ги штити од правдата што ја бара народот. Можете да замислите што и како ќе се случува кога ќе дојде ред за апсења? Или кога, можеби на чело со „професорот“-препишувач сега во стилот на голуб превртувач (во улога на Вергилие?), во некоја блиска иднина, ќе тргнат багерите кон Ќосето и останатата споменичка дружина? Тогаш ќе се формираат дури девет одбрамбени круга околу Андона Лазов, околу лудиот „архитект“ и неговата дружина, околу Ацета Велики … во кои што, според Дантеовите приказанија, ќе се наредат сите локални „патриотски“ сили на некогашниот режим. Тие ќе го бранат, како што вели Данте, царството на оние кои ги отфрлиле духовните вредности, давајќи им предност на бестиалните апетити или насилството, или искривоколчувајќи го нивниот хуман интелект во измама или омраза кон останатите.

А не случајно во предворјето – во вестибулот – на деветте круга Данте ги сместил неопределените, онаа безлична, безоблична маса опортунисти кои за ништо немаат мислење и став освен за својот личен интерес. Тоа е ордата на оние кои наводно политиката не ги интересира, но кои настојчиво им даваа легитимитет на злосторнициве цели единаесет години. Тие се вистинските врати на Пеколот за сите нас зашто низ нив поминуваа(т) таквите како оние во Собранието на РМ кои што потоа концентрично се редат околу говорницата бранејќи го неодбранливото. Тие молчаливо гледаа како се растура една држава, како се ограбува и разнесува се’ што ќе допрат, собирајќи патем, ако можат, трошки и за себе. Тоа е таа бедна во духот толпа која што молчеше и на 24 декември, и на 27 април – двата најцрни датуми во македонската демократија. Тие се и сега тука, и такви: ги одмеруват силите на едните и другите, ставаат се’ на нивната лична вага па каде ќе натежне, меркаат од сенките и ќошињата дали добро процениле. А сепак, нивниот кордон би бил најлесен, најаморфен, таков како и тие самите – безличен. А понатаму, преку првиот круг (Лимбото), ќе се редат во нивна одбрана сите поддржувачи на злосторничкото здружение. Или можеби – не, можеби ќе се разбегаат „куд који мили моји“ пред тупаницата на правдата – онаа иста тупаница со која што ни се закануваше идиотон со големо „уметничко“ име, а сега кога му секна режимот го нема да гукне – оставајќи ги криминалците сами? Ќе видиме, бргу!

QUOD LICET BOVI …

Да, знам дека старата латинска оди поинаку, ама за нашите сегашни потреби токму оваа варијанта е најпогодна. Зашто, кога ќе ги чуете сегашниве „најпатриотски“ опозиционери како рикаат баш како bovi заради актуелните смени на директорските и на другите места во сите можни управни, надзорни и којзнае какви лукративни одбори, ништо попаметно не ви паѓа на памет. Да беа некои посаглам, некои поприбрани, повоздржани, почесни и поморални, па и да се обидете да правите паралели со Јупитеровото покровителство. Ама овие беа и останаа македонска беда на духот, пример за бесчестие и алчност … а сега и на веќе неподнослива реа на недостоинство и кукавичлак. Зашто, не може поинаку да се гледа на целава актуелна ситуација освен на единствениот можен начин: дека тие, додека беа на власт, можеа да прават што сакаат и како сакаат, заборавајќи притоа дека власта, колку е слатка, толку е и кратка. И дека се’ има свој крај, па дури и стравовладата на режимот на лудиот „архитект“. И во таа деценија се однесуваа баш како Јупитерови потомци, иако празот постојано им ѕиркаше од задникот. Ама не можеа да си го видат, пустите. А камоли да размислуваат за божествени соѕвездија. Иако некои замислуваа дека се дел од Пантеонот, дека за нив навистина не важеа ни Устав ни закони, ни прописи ни правила! Сепак, се покажа дека повеќе се дел од зелените пасишта отколку од Пантеонот.

Е, а потоа доаѓа ова што сега дојде – разрешувања! А со тоа, богами, не само намалувањето на прилично богатите приливи во домашните буџети, туку и губење на редица други привилегии, а кај многумина (ќе) следува и политичка и кривична одговорност, кои што можат дополнително да им го комплицираат животот ви блиска или подалечна иднина.  Тука очигледно ќе нема пардон. А и не треба да има за такви злосторници, зашто наследството што го оставаат е катастрофално!

Е ама кај волињата меморијата е куса, ако воопшто ја има. Кај овој локален македонски тип очигледно ја нема односно тие се однесуваат како типични домашни трнорушки штотуку разбудени од илјадагодишен сон – ништо не паметат. Ни што правеа, ни како правеа, одеднаш се’ им изгледа најголемо, најстрашно, најнедемократско, најбрзо … смените на нивните полуписмени директори им доаѓаат некако преку ноќ (или мислеа дека новиве ќе ги остават уште да лудуваат?), позицијата крајно недемократски не им прифаќала амандмани (заборавија дека на клоци ја бркаа тогашната опозиција од седници во Собранието за да не поднесува амандмани), та дури и пожарите во државава биле најголеми досега бидејќи, нели, и природата се буни против комуњариве! Веројатно и Центарон за слепи деца во Велес се отворил сам од себе, онака природно, а дудуцине Спасов, Димовски и другите таму се врткале во потрага по росна трева? Нивната пропагандна машинерија (која што, патем, очигледно полека но сигурно се распаѓа) сега спаднала на онаа групичка ќосави партиско платенички историчари кои, ни мање ни више, открија Америка дека сегашнава позиција, инаку, нели, наследник на светлите традиции на КПМ, онаа која што ги судеше Албанците по Втората светска војна, сега, ете, коалицира со нив! Мислам, навистина колку ниско може човек да падне па да тресе такви глупости, онака јавно, да го гледа семејството, деца, жена, татко, мајка …? И како да они последниве години коалицираа со марсовци а не со тие исти албански партии кои сега не им чинат. Или тие се добри само кога се со нив? Како впрочем и се’ друго што и самите го прават, кога се на власт. Онаа другана пак, „професоркана“, се тужака како стара баба по судови што ја разрешиле од некаква си комисија. Ќе стигне и до Стразбур, веројатно. Сака уште, малку и’ биле десет години! Па станаа и колумнисти, па радио водители, па експерти за се’. Затоа и старата латинска за говедчето и Јупитер им лежи. Во извртена, инверзна форма!

И се разбира дека тие сега горат од желба преку ноќ да ги заборавиме сите срамови и неправди што и’ ги нанесуваа на државата цела деценија, во домашни и меѓународни рамки. Изрезилија се’, од име до историја, од политика до култура! Неписмени жаби преку ноќ си се видоа расни липицанери и кренаа нога – да ги потковаат. Не им текнуваше дека освен со опинци поинаку не умеат да одат!