Monthly Archives: August 2014

КАКВО ОТКРИТИЕ!

1.

Порано важеше поговорката „Прост народ, силна држава“. Мислам дека денес веќе ја надминавме. Народот не е баш толку прост, иако некој сака така да го гледа, туку се појавија попрости од него. Денес важи поговорката: „Прости медиуми, уште посилна држава“. Зашто, како што тргнале нештата, македонскиве медиуми – и пишувани и електронски – се претвораат не само во проста простотија, туку во легло на полуписмени идиоти и незнајковци чија што основна дејност е да го заглупуваат народот.

Денес веќе не важи ни онаа: „Што нема во медиумите, не се случило“. Не, денес повеќе важи: „Што има во медиумите, лага е“. Зашто македонскава новинарска селекција, со чесни но сепак малубројни исклучоци, толку навикна не само да ја спинува вистината туку да тресе такви зелени што веќе ни самите не знаат што е точно и во што да веруваат. Пишуваат едно – мислат друго – говорат трето!

Не знам која и каква е денешната функција на медиумите, особено на македонските. Односно претпоставувам, зашто ги читам и ги гледам. Ама, во едно време, медиумите, во принцип, како некаква основна функција,  прибираа(т) и препраќаа(т) информации и податоци. Денес амбициите се пораснати – сакаат да го обликуваат јавното мислење, да ја обликуват вистината. Но, овие денешниве македонски медиуми, такви какви што се’, собираат и шират глупост, незнаење, неписменост, простотија, мрзеливост … „обликуваат“ народ со зелени полјани во главите. За вистина веќе никој и не говори!

И тука, во нашиве услови,  очигледно нема шанси за подобро. Зашто една информација – нека е и колумна, критика, приказ, што ли … – поминува низ неколку очи / глави, сите прости и тупави до зла бога. Што ќе рече дека, ако еден полуписмен створ, кого некој го излажал дека е новинар, напише ординарна глупост, а таа глупост понатаму, низ процесот на издавање на весникот, или емитување на програмата (ако станува збор за електронски медиум), помине покрај еден уредник на рубрика, па главен и одговорен уредник, па не знам кој друг по ред … и глупоста се појави пред јавноста, тогаш не можеме да го обвиниме само „новинарот“, нели? Кога сето тоа поминало, и поминува, покрај неколку чифта (глупави) очи, плус пред очите на сопственикот на весникот / телевизијата, за што тогаш говориме, за какво новинарство?

Стасавме до таму, како што допрва ги учат децата да мијат раце, да ги учат новинарите што е надворешна а што внатрешна политика, што е образование, што се меѓународни организации, што е буџет … а оние од културата, како проверено најнеписмени, мора да ги учиме што е култура а што уметност, да им држиме кратки курсеви по македонска и светска уметност, да ги пратиме на часови по македонски и барем еден светски јазик  итн. 

MARINA I ULAY

Марина Абрамовиќ и Улај, „Големиот ѕид“

2. 

Зашто ако, на пример, една „новинарка“ при промоцијата на Паркот на скулптури во Даут пашин амам бараше да ги види скулптурите на Личеноски, денес друга новинарка не’ известува дека лауреатот ќе му биде врачен на поетот  тогаш и тогаш, трета „уредничка“ на културна рубрика ни го „разубавува“ денот со идиотски детски вежби „како го поминав годишниот одмор“ додека во културата се случуваат земјотреси, тогаш – за што говориме? Се’ бисер до бисер, цела низа! Појма немаат ни што говорат, ни за што говорат.

И ако „новинарот“, денес, во втората деценија на дваесет и првиот век напише како наслов дека „Ликовната уметност излегува на улица, плоштад, во парк“, што ќе помислите? Дека станува збор за некаква (нова) револуција во македонската ликовна уметност, дека се случува нешто невообичаено во оваа инаку зачмаена ликовна средина, дека конечно македонскиот уметник нашол соодветен одговор за задоволувачка комуникација со публиката, дека …? Но кога ќе продолжите со читање и ќе видите дека „исто како што импресионистите гласно се спротивставиле на академизмот кон крајот на 19 век, македонската ликовна сцена во последниве години полека, но сигурно излегува од галериите и музеите“, е тогаш се’ ви е јасно. Јасно ви е и со што и со кого си имате работа. И понатаму: „ Ако под поимот изложба порано се подразбираше слики закачени на ѕидови, скулптури наредени на постаменти, па дури и инсталации и перформанси во четири ѕида, денес изложбите се отвораат на плоштади, во паркови, во монтажни галерии, кафулиња, дури во приватни станови. Ликовната уметност излегува на улица“, воскликнува весникот. Ма није ваљда? Какво откритие! Нас, односно нив, воопшто не ги засега фактот што ликовната уметност во светот е излезена вон фамозните „четири ѕида“ барем 70 – 80 години. Најмалку, дури и ако ги заборавиме првичните концептуални и минималистички обиди на историските авангарди, па на дадаистите, на De Stijl, на т.н. ленд арт итн. Дури и да останеме само на ленд арт-от како директна и отворена побуна против музејските и галериските простори, против комформизмот во уметноста и слично, па дури и да го заборавиме проектот на Ногучи во Њујорк од 1941 година, пак ни остануваат добри шеесетина – седумдесет години од времето на Смитсон, Лонг, Морис и др. Па и тоа што, на пример, една Марина Абрамовиќ 9 часа „вртеше“ кругови со едно комбе, па подоцна шеташе по Кинескиот ѕид, или сето она што се случуваше со уметноста во Европа по 1968-та година, тоа за нашиве локални ајнштајни не значи ништо. Им се свирка ним што светската уметност во последниве стотина години пет-шест пати излегуваше и се враќаше во галериските простори. Тие тоа го гледаат денес, и тоа во Македонија!

Па и во таа Македонија, уште во седумдесеттите години на минатиот век Шемов и Фидановски ја „пре-откриваа“ природата и интервенираа во неа. И не само тие, туку и неколку генерации помлади после нив, негуваа творечки искази што беа мотивирани токму од „протестот“ кон институционалните простори. Или, што неа „просторните дела“ на Драган Петковиќ и Глигор Стефанов, на Глигор Стефанов и Петре Николовски итн.? Па ене им го и Атанас Атанасоски во Прилеп, нека го прашаат како почна пред дваесеттина години!

И кому сега овие продаваат ум што го немаат?

 

GLIGOR STEFANOV

                                                        Глигор Стефанов

3.

А за да биде целата будалаштина поуверлива, ете „новинарката“ ни нуди „стручни“ видувања на македонски уметници кои, нели, повторно ја преоткриваат топлата вода констатирајќи дека „уметноста ја има мисијата да биде огледало на општеството“, при што било лесно „да се создава затворена, елитистичка уметност, која секако ќе допре само до еден тесен, ограничен круг на публика“. Каква мудрост! Но проблемот е што денешната македонска уметност, токму онаа која што ја создаваат тие последниве години, не допира до никого! Кога би имале барем тесен, елитистички круг, би биле среќни. За жал, имаат само широк круг антиквизирани малоумници за кои „фиќо“ кренато на пет метри е врвна уметност!

Нашето новинарство денес, особено она се префиксот „културно“, а каде што изгледа се собрал кремот на тупаците во новинарството, придружено со „елитата“ на нашата современа циркузијада завиткана во обландата на уметноста, како да се здружиле во темелното онеписменување на нацијата. И добро им оди. Зашто, ем има доволно такви „медиуми“ за оваа средина, ем богами се намножиле и уметници-циркузанти кои под овој шатор гледаат своја шанса. И ја користат, греота би било да ја пропуштат. И нека ја користат, ама за нешто паметно. Ако не повеќе, нека си ги стават парите в џеб и нека молчат. Нека не прават ништо. Нивната уметност нека биде уметност на богатењето. По тоа и ќе ги паметиме. Кој колку може, односно кому колку му треба (според омилениот им социо-комунистички принцип во којшто до вчера беа вљубени, а на чело со маалскиот им идеолог со калливи опинци што си наденал прекар Рембрант!).  

Зашто, ваквите нивни сматоци можеби се’ уште поминуваат во градинките и забавиштата (и во македонските медиуми, се разбира!), но не и кај сериозната публика или критиката. Тоа што тие (заедно со новинарчињата им) денес ја откриваат улицата / плоштадот како алтернативна творечка локација, тоа што тие (заедно со новинарчињата им) вчера разбрале што е видео и мултимедија а веќе денес се „големи“ видео и мултимедијални  мајстори … тоа е сепак нивен проблем. Тоа што тие како „свој поглед на општествено ангажираната уметност во јавниот простор“ го гледаа(т) седењето по автобуски станици, и тоа е нивни проблем. Но во нивните лични проблеми од непознато потекло ја вовлекоа и целата современа уметност!

 

А сепак, не е ни македонската уметност од вчера, ниту пак сите сме толку заборавни да не ја паметиме релативното кратката историја на алтернативните творечки обиди на овие простори. Ако не повеќе, има останато по некој текст, по некој видео запис и слично. А тоа што денес пет-шестмина излегле од немајкаде и досада на Плоштад заради којзна какви причини, а „новинарчињава“ тоа го гледаат како творечка авантура, е само уште еден израз на нашата простотија и заглупавеност. Но и тоа веќе никого не го чуди. Свикнавме.     

Но, „Медиумите не се играчки; тие не би требало да бидат во рацете на раководители како Мајката Гуска и Петар Пан*“, вели Маршал МекЛуан уште во далечната 1954 година. И продолжува: „Тие можат да им бидат доверени само на нови уметници, бидејќи тие се уметнички форми“! Едновремено, и уметноста не е поле за перчење за полуписмени новинарчиња и квазиуметници. Таа, сепак, би требало да се препушти на професионалци.

———————————

* Личноста на Мајката Гуска можеби не би била доволно разбирлива за наши услови. Тоа е измислен, американски архетипски лик на селска жена. Немам соодветен македонски еквивалент. Можеби „Баба Велика“? Петар Пан е сепак попознат лик, иако и тој би можел да се замени со, на пример, Силјан Штркот?

ЦАРСТВО НА СЕНКИТЕ

1.

Ние сме чуден народ. Дефинитивно. Не дека и другите не се чудни, ама ние … ние повеќе почнавме да наликуваме на сенки отколку на луѓе. Поводливи, зависни, бараме некакви чудни самопотврди – да се препознаеме во светот на светлината. Што никако не е лесно ако си сенка. Ама упорно гледаме се’, слушаме се’, имаме време и желба за се’ друго што се случува во светот, освен за она што ни се случува пред носот. Сенката се поведува по светлината. Или е обратно?

Желба да се биде дел од пошироката светла слика, ама во која што сме всушност невидливи. Зашто сме сенки. Настојчив мерак да се прикаже припадност и таму некаде далеку  во тој свет кој што, нели, според локалните  дефиниции, не’ мрази и не сака со очи да не’ види. Сака да сме сенки. Ама ние зме запнале, па тоа тие. Почнаа дури да се полеваат и со мраз студена вода за да покажат дека се тука, дека и ним им е гајле. А за што? Ако ги прашате – појма немаат. Тие мислат дека АЛС е Алајбегова слама. Тоа им доаѓа како некаква забава, како актуелна мода, па сите ги активираат дворските црева и замрзнувачите, за што побргу да фатат пет „ѕвездени“ минути од светската актуелност. Иако, нели, никој не ги поканил. А и зошто би?

А зарем ние немаме наши нешта за коишто би се полевале? И тоа не со студена туку со изгор жешка вода. Онаа со сто и нешто целзиусови. И не знам зошто тоа не го прават? А тоа би сакал да го видам – како се ошуруват со врела вода зашто една фабрика со децении труе цел еден град, зашто за нас и една банална листерија е светска мистерија од која што испоумреа толку луѓе па ќе им треба и некој локален Шерлок Холмс да ја расчисти, зашто кај нас и еболата се третира како заебанција, зашто веќе го снемало Ацета во сувенирниците, зашто општина Кисела вода во 2016 година за прв пат ќе добие културен дом, зашто допрва треба да уќиме да миеме раце, зашто … Од „трчањето по Запад“ не можат да си го видат Југот. И неговата сенковита сенишност.

Иако, и на оние „белосветски“ што се полеваат со мраз студена вода Чарли Шин им покажал како тоа треба да го прават: ставил десет илјади долари во кофата и „се полил“ со нив! Ама полесно е да се фатиш за кофа отколку за џеб, нели? Е баш би сакал (и) такво поливање да видам кај нас. Иако предност му давам на она ошурување со вриечка вода, а заради наши локални АЛС и други проблеми. 

2. 

Светлините на велеградот, оној вистинскиот а не нашиов од стиропор, отсекогаш не’ привлекувале. Иако ние, по правило, повеќе ја сакаме сенката. Таа пружа сигурност. Ние сме царство на сенките. Кај нас на дело се потврдува теоријата дека сенката е најбрза, највитална, најсеопфатна. Светлината и темнината не можат со неа. Сенката е најбрза и покрива се’. Особено она што е светло, јасно, вредно, што се обидува да ја пробие темнината. Зашто нам не ни требаат пробиви, не ни требаат хоризонти и перспективи, ние сме сенковити животни.

Во прегратките на сенката царуваат луѓето-сенки. Се препознаваат меѓу себе дури и во натемните сенки. И работат. Нивните операции се токму со таква цел: понатаму да фрлаат сенка на се’ друго. И се’ да останува во нивната сенка.

Велат дека движењето на сенката е само привид. Таа е всушност статична и само ја менува својата форма онака како што светлината се повлекува. И недофатлива е. Таа е илузија на некакво движење, лага за мозокот, лага за животот дека нешто се случува. Всушност, се’ се врти во кругот на сенката. Секој обид да се излезе од нејзината прегратка однапред е осуден на пропаст. Светлината, барем овде, ја нема таа пробојна моќ. Не може да се справи со сенките што извираат од секој агол. И ништат се’ пред себе. Во ова царство на сенките се’ е веќе статично. Дури и сенката која што не сака да ја смени сопствената должина, за да се знае дали е утро или пладне. Подобро е да не се знае, подобро е да се знае само дека сенките царуваат сигурно и перманентно.

Кај нас сенките се побрзи од својот ментор, од својот извор. Се инсталираат со брзини поголеми од брзината на светлината. Го окупираат просторот и бришат се’ пред себе. Го ништат и изворот. Денот и ноќта се едно – сенка!

СЕНКИ

3. 

Сенката не сака алегориски приказни од типот на ден и ноќ, светло и темно, и нивните метафори за некакво добро и зло. Нема врска. Сенката ја сака монохромноста, рамномерното сивило, единственоста на вечната полутранспарентност. Тоа е нејзина териоторија во која што светлината и мракот се првите непријатели. Нештата да се назираат, да се малку видливи а повеќе невидливи, да создаваат привиди … На што? На се’!

Избраните луѓе-сенки потамина се движат низ просторот стеснувајќи го до крајните граници на препознатливост. Едноставно, како да го „јадат“. А со него и се’ друго. Видливиот свет станува сопствен привид, минатото и историјата сопствена карикатура. Каков Фукујама, каков крај на историјата. Во царството на сенките се’ се повторува бескрајно, безброј пати. Перпетум мобиле!

Јамашита вели дека сенките се извонредна експресија за луѓето кои повеќе веруваат во варијабилноста на светот отколку во неговата конзистентност. Можеби. Ние сме најдобрите сведоци на неговата теза. Нам конзистентноста ни е туѓа, непотребна. Во неа не знаеме што би правеле и како би се однесувале. Но затоа варијабилноста се шири на сите страни. Подобро е се’ да е несигурно, релативно, непостојано … Ние се задоволуваме со сенишните вариетети на реалноста, на животот, на постоењето. Се’ ни е сенка, привид, еднобојност. И чекаме. Што – никој не знае. Не знаат ни оние луѓе-сенки задолжени за нашата индоктринација.

Сепак, важно е да се чека. Нешто, па нека е и, можеби, некаков извор на светлина? Или темнина? Се разбира, и чекањето е привид зашто знаеме дека ништо не доаѓа.

4. 

Некој умен, некогаш, и кај нас ќе праша: постои ли сенката, навистина? Се разбира – не. Сенката не е „нешто“, не е објект, таа е само концепт. Вие само мислите дека сенката значи нешто, но таа ништо не значи. Таа само ја блокира светлината!

GAME OVER

или

МАКЕДОНСКИОТ УМЕТНИК ДЕНЕС (9)

1.

Се разбира, колкава и да е’, во принцип, важноста на македонскиот уметник за развојот на македонската уметност, овој денешниов баш и не се покажува  толку важен. Затоа, и овие размисли за неговите реалности и постапки, за евентуалните (творечки) „дилеми“ и премрежија денес, треба да се приведат кон крајот. Особено и заради фактот што, гледам, спомнатите се лутат како мали деца. Вртат глава, не кажуваат ни добар ден. Ок! Така требало да биде. Денот е добар и без нив. Впрочем, целиов нивен „творечки“ живот последниве години е приказна за мали деца. Ќе ја раскажуват на внуците. Ама и други ќе раскажуваат, за жал, или за среќа. И тоа прилично потажни верзии на истите приказни.

Но ние отсекогаш сме биле такво општество, општество на најмалку две вистини. Едната за „по дома“, другата за „по надвор“. Па верувајте во која што сакате. Ама не е баш така. Ниту може да биде. Интерпретацијата на  Вистината објективно може да зависи од точката на гледање, ама фактите – не, тие се неумоливи.

2. 

Во таа насока, еве еден цитат: „ … уметникот се наоѓа на еден или на друг начин во ’наемна положба’ во однос на инвеститорот, а со самото тоа е доведен во состојба на зависност која не му овозможува секогаш долседен творечки ангажман; нарачателот, од името на општеството, на уметникот му наметнува одредени барања, како од идеолошка, така и од естетска природа; тоа дава можности за остварување на политичко – идеолошки тенденции, па дури и манипулации со уметникот, скриени под паролата на демократизација на уметноста (во смисла на барање споменикот да биде разбирлив за ’широките народни маси’, што значи, всушност, вулгаризација на уметничкото творештво). Ликовниот уметник реагира со создавање на дела што не се секогаш на нивото на високи естетски дострели (кич споменици), за кои не е заинтересиран поинаку отколку во поглед на материјалниот надоместок за својот труд“!

Цитатов не е ни вчерашен, ниту пак завчерашен. Стар е безмалу триесет години и е извлечен од книгата на Антоанела Петковска од 1986 година,  а се однесува на аспектите на монументалното споменично творештво во Македонија до осумедесеттите години на минатиот век. А како да е напишан денес. Односно, како ништо да не се сменило во изминативе 30 – 40 години. Кругот се затворил! Се менувале само уметниците и политичарите, системот / времето – замрзнало! И го одмрзнуваат по потреба.

Ако времето на кое што се однесува цитатот, со извесни нијанси, говори за таквата положбата на уметникот во таа Македонија, а тоа време го класифицираме така како што го класифицираме – ригиден социјализам, едноумие, еднопартиски систем, црн комунизам … – какво е тогаш ова време во кое што состојбите се идентични? Ако пак македонскиот уметник, и во она  време и во онаквите состојби, успеа да изнедри и монументални дела како Спомен костурницата во Велес, споменикот на Климент Охридски во Скопје, Споменикот на Слободата во Кочани, Македониумот во Крушево … зарем е можно денес да не успева да се избори за своето творештво? И да направи барем една пристојна споменичка скулптура? Ако пак ваквите прашања ги поставуваат сите други освен уметникот, тогаш – кој и што навистина е тој уметник денес, и овде? И што воопшто прави тој уметник денес? Раскажува митови и исправа „криви дрини“, ламентира врз творештвото на другите и го убедува народот дека е глуп и неписмен да ја разбере неговата уметност? Ама – му ги сака парите!? Има ли воопшто право да се нарекува себе си – уметник? 

3. 

Но сепак, базичната дилема во случајов не е кој е кој и што е што туку, повторно,  дали македонскиот уметник денес, токму оној од генерациите што беа неколку пати спомнати како потенцијално надежни и творечки носечки во изминативе години, дали тој уметник дефинитивно ги прокоцка сите шанси што се навестуваа отворени на хоризонтот? Говорам токму за тие (веќе спомнати) неколку генерации зашто денес само тие, односно само тие уметници, и постојат на званичната македонска уметничка сцена. Сето друго е буквално збришано. Напикано во глувчја дупка, или во оној мал „кафез“ што глуми независна галерија. Ама, кога нема подобро … Постарите генерации веќе нема ни кој да ги опцуе, а камо ли да ги праша за здравје, помладите талкаат низ партиско – творечки лавиринти борејќи се за некакво место под сонцето. И бараат „спонзори“ – уметнички (од постарите) или политички (од помладите), некој што ќе им даде иницијално забрзување, можеби „спин“ (?), во кругот на „посветените“. Потоа е се’ полесно! Затоа денес шушумиги на четириесетина години добиваат ретроспективи (божем имаат што да покажат!) и монографии од чиишто луксуз ви застанува здивот. Хаџи Бошков доби (некаква, каква-таква) монографија на 82-годишна возраст! Се сеќавате ли како се кочоперно се шепуреше Станковски алиас Сарајлија на неговата „ретроспектива“, сосе монографија, и сосе „таткото“ на нацијата до него, да му чува страв? Обично во такви декадентни перверзии завршува секој самонаречен авангардизам, па и овој наш, маалски! Но затоа едно чудо сериозни македонски уметници, оние кои навистина ја задолжиле оваа држава но немаат политичка задница, ќе чекаат на ред дури и за пристоен каталог.

Зашто, во ликовната уметност кај нас последниве години се испреплетува буквално се’. Освен квалитетот, се разбира. И се’ друго е поважно, освен квалитетот на делото. Погледнете кој се’ не отиде во Венеција како македонски претставник, не баре венециското биенале е некаква национална променада, локален панаѓур на суети. Или – дај додека се може? И малку ни беа нашиве беда и јад, туку моравме да ја почестиме оваа манифестација и со „коктел“ од стаорци. И? Се случи нешто битно? Сите паднаа во несвест од нашата инвентивност?   

Или, погледнете кој ја застапува, кој говори – или подобро речено пелтечи – за и во македонската ликовна уметност денес. Погледнете ги сите тие сподоби што се шетаат низ македонската уметничка сцена во својство на „директори“, „куратори“, „теоретичари“ … видете како македонскиот уметник безгласно се повлекува пред најлошите во неговите редови препуштајќи им ја сцената, а за возврат очекувајќи некое ковче и за себе … да има на што да си ги истри забите … и зошто македонскиот уметник денес ги толерира и највулгарните аматерски натрапници кои своите мачканици ги прогласуваат за уметност и секоја година јадат пари колку за три пристојни изложби … и не само тој и тие … и за што му е на уметникот онакво Друштво коешто всушност работи против неговите интереси … и не постои ли навистина поинаков модус операнди за македонскиот уметник денес освен свиткана кичма? Или целата ова ситуација всушност му погодува, му држи убава ладовина, и лете и зиме? И не мора којзнае колку да се труди зашто има кој да мисли за него? И ќе прифати дури и дека сликањето „по музика“ (па нека е и од Боб Дилан!) на дилетантон е некоја творечка иновација, или пак дека „перформансите“ од типот на седење на автобуска станица се ангажирани и нешто и’ помагат на уметноста и државата, или дека денес, навистина, секој и буквално секој може да се нарече уметник извлекувајќи ја како џокер мислата на Бојс? 

4.

Ако македонскиот уметник денес чека некој друг да му ги реши суштинските проблеми на творештвото, ќе се изначека. Тоа никој нема да го направи за него. Слободата, вистинската творечка слобода се извојува во судирот на уметникот со делото, во конфликтот со средината и времето, во развојот а не во стагнацијата, во жестокото „јас“ а не помирливото „ние“. Ова што денес го гледаме како производ е токму тоа милозвучно и помирливо „ние“ зад кое што се кријат цели генерации како исплашени глувчиња, непрепознатливи до зла бога. Не знаеш кој е кој и секој може да го потпише делото на другиот. За среќа, македонската историја на уметноста, и поблиската и подалечната, им дава доволно примери за стојноста и постојаноста на моралните вертикали во уметноста, за патиштата на изборот и моралните дилеми во творештвото. Неповторливиот Танас Луловски, во една прилика навредено одбивајќи секаква помош, велеше дека ако тој самиот не може да си ги реши  проблемите кога е пред белото платно, тогаш никој и во ништо не може да му помогне!  

Но овие денес не се подготвени за таков харикири. Не се подготвени да војуваат и извојуваат победа на сопственото творештво, не се подготвени да влезат во клинч со секој и сешто, па нека се вика и држава, заради сопствените творечки права и слободи. Но затоа се подготвени на компромиси од сите видови: на селекција низ идеолошко – партиска диоптрија, на бесчувствително искористување, на пери-носи дневни (зло)употреби, на двојни стандарди и целосна деперсонализација на сопствениот ракопис, на тотална вулгаризација на уметничкото дело. И сето тоа, по се’ изгледа, и колку и да звучи чудно, не им пречи!? Како да токму така ги подучувале нивните постари колеги-професори (што, се разбира,  апсолутно не би било точно), како да на таков однос ги упатува историјата на уметноста, македонска и светска.  А сепак, се’ додека таквиот однос останува во сферата на нивниот личен интерес, нивната лична уметност, можеби и не би требало премногу да не’ загрижува! Нивна е, и што сакаат нека прават со неа. Ама – не е така. Односно нивното стана и наше, а нивните потклекнувања и незнаења утре ќе станат потклекнувања и незнаења не на нивните туку на нашите идни ликовни уметници. На овие кои денес, и утре, (ќе) учат од нив! Е тоа веќе не е само нивна лична работа, зашто во прашање е едукацијата на идните генерации македонски ликовни уметници.

БАЛЗАК ГЛАВА

Роден, Споменик на Балзак, (детал)

5. 

Ако уметноста не оди пред своето време, тогаш ќе трча по него. И тоа нам ни се случува. Македонската уметност, вљубено заталкана во минатите векови, ќе се најде еден ден во чудо и ќе започне луда трка по времето кое неповратно и’ бега. Дефинитивно. И не ќе може да го стаса, зашто во меѓувреме светот ќе отиде уште понапред. Ако до вчера доцневме минимум педесеттина година зад светската уметност, денес веќе говориме за цел еден век. Утре – којзнае колку. Ако постарите генерации македонски уметници со судни маки ја приближија некогашна ликовно полуписмена зографска Македонија до модерна Европа, овие денешниве неписмени пауни ја вратија три века поназад. Не само како уметност / дела, тие се всушност најмал проблем, туку како начин на мислење, на однесување, на општествената положба на уметникот и уметноста, на едукацијата на генерации и генерации млади луѓе кои ќе растат опкружени со сеништа од минатото.

Не знам колкумина го паметат Роденовиот споменик на Балзак (во Париз) и целата негова историја. Но треба да се памети, зашто ова ремек дело на Роден, според многумина и првата вистинска модернистичка скулптура, чекало речиси четириесет години да биде поставено на една раскрсница на Монпарнас. Зашто, едноставно, никој не можел да го замисли големиот Балзак така како што го видел Роден, кој всушност ја моделирал „суштината на писателот“, неговата авторска сила, а не – авторот. За Роден овој монумент бил „животен резултат, оска на мојата естетика“. И иако  нарачателот (Societe des Gens de Lettres) одбил да го прифати споменикот, а Роден ги вратил парите, имало други заинтересирани (приватни) купувачи кои сакале да го откупат делото. Роден, се разбира, никогаш не го отуѓил, чекајќи го времето кога јавниот „вкус“ барем малку ќе се доближи до неговото творечко кредо. Дури во 1939 година Париз ќе му ја оддаде должната почит на уметникот и на споменикот ќе му најде соодветна, достојна локација.

Можеме ли да замислиме, денес, некој од нашиве уметници да го портретира Делчев, или Карев на таков начин? Или ајде нека не е револуционер, туку нека е некој од писателине наредени како тролчиња на мостчено!? И да истрае во својата уметничка идеја наспроти сите притисоци? Или, ако некој подобро го памети творештвото на Роден, можеби ќе се сети и на неговата студија за истиот споменик, онаа каде што Балзак е – гол! Можете ли да замислите кај нас, денес, студија на акт на Чуповски, на пример? Или на некој од Миладиновци? Јавно изложена? Колку ли „субкултурни“ (според глаголивиот Аџиевски) здруженија и поединци ќе се јават во заштита на јавниот морал?

БАЛЗАК ГОЛ

Роден, Балзак, студија за споменик

Но, затоа, Игор Митриќевски, пред околу триесетина години, сосема нормално изложи еден тотално апстрактен портрет на Св Климент Охридски, на една изложба по повод некаков јубилеј на светецот. И според мое скромно мислење, тоа беше најдоброто дело на изложбата.

Но, повторно, можеме ли да замислиме нешто такво, денес? Е, кога ќе можеме, тогаш ќе можеме да говориме и за поинаква клима во македонската уметност. И за поинаков македонски уметник!    

6. 

Затоа, како што говореше Луловски, уметникот и денес е сам со својот крст. Секогаш и бил. Помошта од кој и да е’, па нека е и државата, е само привид. Таа не му ги решава основните творечки проблеми. Напротив – само ги мултиплицира. Како што во тоа одмагање огромна улога има и дел од македонската таканаречена стручна јавност (само не знам според кои и какви параметри е стручна!) која, извесно и докажливо, го манипулира заради свои интереси. Вклучувајќи ја тука, се разбира, и мојата професија претставувана од неколкумина наши „врли перјаници“ со докторски титули.

Впрочем, уметноста денес, особено денес, е комплексен збир на многу фактори. И сите тие играат некаква ролја во дефинитивниот производ. Но, сепак, главната оска е уметникот и преку него се прекршуваат сите останати фактори. Доколку неговата творечка компресија е лесно издишлива, подмитлива и подложна на манипулација, од кого и да е’, тогаш од уметноста не останува ни трага. Се претвора во нешто друго. И тука нема помош.

УМЕТНИКОТ КАКО „СПОНЗОР“

или

МАКЕДОНСКИОТ УМЕТНИК ДЕНЕС (9)

1.

Еден од последните битни сегменти во овие размисли за и околу македонскиот уметник денес, иако веројатно сум испуштил и многу други, е нашата најнова  измислица како локален и типично македонски придонес кон светските уметнички „искуства“ – трансформацијата на уметникот во (сопствен) „спонзор“. Не можејќи, како и обично, да смислиме ништо конструктивно, паметно, па нека е и ретро постмодерно, ние успешно се надоврзуваме на дискутабилните регресивни искуства на понижувачкиот третман на уметникот како палјачо. Или дворски шут, како сакате.

Се разбира, некој можеби ќе смисли подобар епитет за ваквата негова состојба, но суштината ќе остане иста. Денес, имено, кај нас, наспроти вековните искуства во уметноста и нејзината поддршка преку разни општествено – приватни облици (спонзорство, меценатство, донаторство  итн.), се воведува целосно нова, да не речам извртена, перспектива на „поддршка“ на уметноста. Денес, кај нас, уметникот се трансформира во спонзор на уметноста, и тоа главно на уметничките желби и потреби на – државата! И тоа не е еден и единствен случај, што инаку би можеле да го прогласиме за куриозитет (дури и во светски рамки), туку ова станува правило да сите, или повеќето, македонски скулптори – инаку евидентирани на списокот на лиферанти на дела во рамките на „Скопје 2014“ – потоа се јавуваат во улога на спонзори на други, нови (сопствени) дела во истоимениот „проект“! И волкот сит, и овците на број!?

2. 

Зашто не е само последниве информаци што ги пренесуваат (нормално, без коментар) речиси сите наши медиуми дека четворица, или колку и да се,  скулптори ќе „донираат“ нивни скулптури / споменици во рамките на омилениот им „проект“. Таква пракса се воведе уште веднаш со започнувањето на „Скопје 2014“, односно омилената градска скулпторка, автор на „најкомплексните“ и по димензии најголемите споменици во Скопје, понатаму (мораше да?) се претстави и како „донатор“ на уште едно чудо други споменици. Нејзини, се разбира.

Праксата на овој вид приватно / општествено помагање на уметноста, дури и во светски рамки, не познава ваква „наопаку трансформација“. Историјатот на поддршката, помагањето на уметничката пракса, која што според некои проучувачи достигнува дури до бардовите во Велс, е горе-долу проучена односно позната, и во теоријата и во праксата. И поминала низ различни развојни форми, но секаде со иста суштина: дека уметникот / уметноста, заради редица причини, треба / мора да биде (материјално) помогнат(а). 

Уште од времето на дворските поети властелините ја согледале неопходноста за некаков вид покровителство над уметникот, поддршка која што ќе му овозможи да преживее, но тој за возврат ќе му биде приврзан на властелинот, ќе ги опева неговите добри и јуначки дела и слично. Тоа секако бил двонасочен однос, како впрочем и секој друг облик на таква поддршка, при што, едновремено, тоа е и првиот вид на институционализирање на уметникот. Односно, како што потенцира Вилијамс, „ова е почеток на еден премин … кон општествените односи на свесната размена …“. Понатаму ова ќе се развива низ видот на покровителство на некој моќен двор односно властодржец (куќите на Медичи и Сфорца, династијата на Комнените во Византија, дворовите на Франсоа I, Чарлс I, Филип V во Европа итн.), особено изразено во ликовната уметност (сликарството). И многумина (големи) уметници поминале низ тој тип на „вазалски“ однос, иако притоа уметникот ги задржувал сите, или повеќето, белези на професионалец. Тука никако не смее да се заборави и христијанската црква (во сите нејзини варијанти)  како еден од најголемите поддржувачи на уметниците / уметноста, и денес можеби сопственик на најголем број уметнички ремек дела, движни и недвижни.

Овој тип на поддршка изразен низ спонзорство, меценатство, донаторство и други финеси на истата форма, продолжува до денес низ патронатството на фондови и фондации – приватни, парадржавни или државни – се’ со цел да се стимулираат и одржат „во живот“ и таканаречените несигурни, некомерцијални уметности, односно оние кои што не би можеле да го преживеат притисокот на пазарот.  

3.

Колку и да се разликувале сите овие форми на поддршка на уметникот, иако најчесто во прашање биле само нијанси, некои битни карактеристики се задржале до денес. Особено оние на страната на поддржувачот односно покровителот. Тоест, како и да се вика формата на покровителството, покровителот задржува одделни права, привилегии и / или бенефиции за себе. Врз делото и / или врз уметникот. Зашто, „во рамките на разновидните форми на самодефинирање на почестите или одговорностите што одат заедно со таквата привилегија, покровителот е дефиниран како оној што може да ја даде или ускрати својата нарачка или поддршка“. Па оттука, некогаш уметникот бил должен јавно да го слави покровителот и неговата милост и добродетел, или јавно да го истакнува неговото име како благороден покровител (услов што опстанал до денешен ден!) и слично. Целата оваа ситуација создавала, и создава, во најмала рака, контроверзни односи, но односи што строго се почитуваат од двете страни.

Денес, со значителното опаѓање на моќта на црквата, државата се јавува како најголемиот и најсилниот „покровител“ на уметникот / уметноста. Се разбира, во овој случај поимот покровител мора да се лоцира во наводници, зашто станува збор за индиректно покровителство, покровителство со туѓи пари. Иако еден наш полуписмен новопечен „теоретичар“ од редот на „генијалните“ македонски уметници во една прилика торжествено ја прогласи и Владата за мецена, тоа сепак е само бедно улизување без вистинска основа. Зашто, во принцип, таквите форми на „покровителство“ се всушност исполнување на долгот на државата кон уметноста. Нормално, некој „умен“  може да забележи дека државата не е должна да ја поддржува уметноста / уметникот и може тие средства да ги насочи на други приоритети. И тоа би било точно, но во некои други времиња, можеби во некој среден век, но денес – не. Зашто, таквата пракса, барем во денешните европски демократии, би била рамна на политичко самоубиство!

4. 

Ако повторно се вратиме на домашен терен и нешто од ова пресликаме на нашево секојдневие и состојбите за кои што овде стануваше збор – дека четворица, или колку и да се,  скулптори ќе „донираат“ нивни скулптури т.е.  споменици – можеби ќе ја увидиме комплетната нелогичност (да не кажам потежок збор)  на тоа што (ќе) го гледаме. Зашто, која е, или би била, причината македонскиот уметник денес да се јавува како донатор, спонзор, дарител … на сопствено дело на, во случајов, градот Скопје? И овде не станува збор за каква и да е’ донација односно спонзорство на уметникот, туку спонзорство во форма на споменик, и тоа во рамките на т.н. проект „Скопје 2014“!?

Поточно, вест од типот дека еден или повеќе македонски скулптори одлучиле на градот да му подарат по едно свое дело, онака, без некоја посебна причина, би предизвикала вообичаено внимание, дури почит, но не и чудење. Дури и ако се знае дека, случајно или не, сите уметници се и учесници во „Скопје 2014“. Она што ја чини веста нелогична, чудна и невообичаена дури и во светски рамки, е поврзувањето на фактот дека, случајно или не, сите уметници се и учесници во „Скопје 2014“, а потоа и фактот дека сите подаруваат – споменици!? Зошто? И зошто никој не наоѓа за потребно да ги побара тие уметници и да ги праша за причините за таков подарок односно самоспонзорство? Уметникот се спонзорира себеси во рамките на еден државен проект? Зошто?

И понатаму, аналогно, дали треба да очекуваме писатели да почнат да самоиздаваат книги и да и’ ги подаруваат на државата, или режисери да си ги самофинансираат филмовите и потоа, исто така, ги подарат на градот, државата? И зошто истиот принцип не се спроведе и во забавната и народната музика, па наместо Минситерството за култура да дава огромни пари за наградените композиции, истите нека бидат подарок од композиторите и певаљките – на државата? Или, можеби, во иднина и архитектите ќе градат со свои средства и ќе донираат на градот? Бидејќи ваква дарежливост, сигурен сум, нема да видиме во другите културно – уметнички области, останува чуденката зошто тоа се форсира токму во ликовната уметност? И зошто уметнициве прифаќаат?

Зошто, на пример, не прашаат, јавно, што станува со можностите за спонзорство од други персони, на пример оние кои доволно заработиле врз грбот на државата, па е ред нешто и да вратат? Или, можеби, токму они доволно заработиле, па сега враќаат? Сепак, не мислам така. Мислам дека во оваа држава има подоста поединци – нека се и олигарси, или доволно богати луѓе – кои можат да спонзорираат еден-два споменика. Ама тоа не го прават. И за тоа одговор има кој друг ако не непрежалениот ни локален „Рембрант“. Впрочем, човекот има искуство, па вели: „Помислата да се одвои дел од богатството, со кое би се спонзорирале одредени активности со спортот и културата, им е вистински ноќен кошмар. Во ваквите стратегии за непродуктивно инвестирање на креативните изблици во општеството, олигарсите гледаат залудно арчење на сопствениот финансиски потенцијал“. И понатаму: „Е сега парадоксот доаѓа до својата кулминација: овие бизнисмени, богаташи, олигарси своите профити ги прават токму од ресурсите и потребите на државата, а кога треба да се донира нешто, да ѝ се возврати на државата за зделките што токму со неа се направени (зошто овие злојазни крлежи не се способни да направат зделки и профити на интернационалниот пазар), тие игнорантски вртат со главите и упатуваат повторно кон скромните капацитети на државата. Еднаш криминалци во душата, засекогаш криминалци. Нивната неетичност се шири околу нив, како неподнослива реа на неморалот, злобата и глупоста. Ова просто го тера човека да ги избегнува со презир овие изроди на совремието“. Ама – ги избегнува ли?

5.

Од друга страна, голема грешка би направиле кога туку-така, непромислено,  би го прогласиле македонскиот уметник за општествено несвесен, за незаинтересиран, дури за саможив и циција… Тоа, едноставно, не би било точно зашто македонскиот уметник секогаш бил подготвен да отстапи свои дела, без надомест, за пошироки општествени потреби. Па половина од делата во Националната поставка во Националната галерија на Македонија се сопственост на уметниците! Што ќе рече, воопшто не е чудна добрата волја на македонскиот уметник да подари свое дело, но зошто тоа би бил споменик на едикојси, и зошто во рамките на „Скопје 2014“, каде што, докажано, фондовите се неисцрпни?

И изгледа, повторно се враќаме на почетокот, на оној чуден двоен идентитет на македонскиот уметник денес, на онаа недефинирана „потреба“ да се изразува во паралелизми, а не во личниот, автентичен творечки исказ. Бидејќи, повторно, зошто македонскиот уметник – или конкретните уметници, или на пример авторот на „фиќо мо(ну)ментот“, од каде што и почнав – не го подари на градот токму тоа дело, или некое друго, ама сепак негово препознатливо (на пример „Пат“), туку би подарил – споменик на едикојси? Иако, можеби повторно неправедно го земам овој уметник за пример, бидејќи  тој не е посочен како можен (само)спонзор. Но, зошто воопшто еден уметник би (само)спонзорирал нечиј споменик? На пример, нека е и на Михајло Апостолски? Ако е, можеби, во некакви роднински врски, блиски или далечни, или ако се чувствува близок до некои негови животни, професионални или идеолошки гледишта, или можеби, едноставно, го почитува делото на тој човек, тогаш, повторно можеби, тоа би било разбирливо. Иако денес не постојат такви сознанија за некој од можните уметници-спонзори. Но, иднината ќе ни ги појасни и овие нешта.

Или, ако сакате, како што вели Гешовска, „ Отсекогаш најважната страна на уметноста е да изнајде ’нестабилни ситуации’. Уметноста има задача да создава ’конфликтни ситуации’, во една аристотеловска смисла. Конфликтност која води до ослободување, катарза. Уметникот е одговорен да го прави тоа, инаку не е уметник“. Но кај нас, денешниот македонски уметник ужива да плива низ струјата. По можност грбно. Да не се преморува премногу. А впрочем, и не сака да биде уметник. Тоа е, очигледно,  пренапорно. Полесно е да се биде занаетчија! Иако овој занает баш и не го „испекол“ како што треба. Попрво е калфа отколку мајстор во уметноста, а најобичен чирак во историјата, со која што, сакал-нејќел, започнал да се бави.

6. 

Не така одамна, пишував за една сериозна дебата во САД, во рамките на нивната Асоцијација на музеи, а во врска со зачестените донации, подароци, спонзорства … од страна на уметниците, или нивните семејства, наследници, колекционери и слично. Еден цврст заклучок остава впечаток, а тоа е дека музеите треба сериозно да ги преиспитуваат сите аспекти на ваквите „подароци“, зашто најчесто во нив се крие некаква „квака 22“. На пример, една од можните „кваки“ е дека транспортот на подареното / донираното / спонорираното … дело чини баснословно скапо, повеќе од неговата базична вредност. Вториот можен, а битен аспект е дека музејот веќе поседува дела од истиот уметник и нема потреба од нови, со приближно исти вредности. Но, ми се чини дека најважниот аспект е дека, најчесто, подаруваното „дело“ ги нема неопходните вредности да се најде дури ни во депото на некој музеј. Што ќе рече – делото е безвредно и неговото чување и заштита ја надминуваат неговата базична вредност.

Ако е тоа така, а така е’, зошто еден град би прифаќал спонзорирани (ни мање ни више) споменици? Кои, и какви, би биле мотивите на еди-кој-си град, а камо ли на „метропола“ како Скопје, да прифаќа некој, па нека е и „xy“, да прифаќа такво спонзорство? Поговорката „на подарениот коњ не му се гледа во забите“ овде не важи, зашто подарениот „коњ“ понатаму бара одржување, чистење, заштита … А ќе побара и нешто друго, можеби! Затоа, зошто да се става здрава нога во трње?

Од друга страна, дури некој и да се амбицира на градот да му подарува – или спонзорира – споменици, која и каква е гаранцијата за квалитетот на истите? Истата онаа „гаранција“ што ги посади сегашниве споменици? Односно, ако и новиве, спонзорираниве, заличат на претходните, неспонзорираните, а немаме гаранција дека нема така да биде, тогаш – кому навистина му се потребни тие спонзорства? Ако пак тие „спонзорства“ биле договорени од претходниот такозвани ТИНЕКС градоначалник на Центар, зошто не му ги однесат дома, во дворот, или каде ли веќе живее? Па нека ужива во нив! Или во таа „спонзорирана“ грмушка се котат други зајаци?