Monthly Archives: February 2015

ЕМ МРЗЛИВИ, ЕМ АРОГАНТНИ (2)

5.

Немав ама баш никаква намера повтoрно да се бавам се „дневничињана“ и нивната артифициелна парцијална, и во основа „теолошка“ фокусираност на животот и приклученијата на Пастирот. Оној со железната волја, како го опишува „проф“ Додовска. Ама не издржува моево срце јуначко, ене ја „уредничката“ – токму онаа задолжена за културата – како повторно ја занимава паствата со нејзините патешествија (на чива ли сега сметка, дали пак на онаа што мериторно си нарачува теми во „Сител“?).

И „уредничкава“ тоа го прави со години: знаат читателите за сите нејзини одмори и распусти, патувања и логорувања … правења зимници … стоења пред шалтери … ама не знаат ама баш ништо за македонската култура. За онаа реалната, секојдневната, каде што веќе се случува општ куплерај и ништење и на она малку што остана од вистинската вредност во некогашната македонска култура. Наместо веднаш да прочитате сериозен уреднички коментар за оние „документарци“ од 500.000 евра и Пастирот како врвен филмски ментор, таа не’ „просветлува“ со нејзините „мисли“ за менталитетот, оној македонскиот, а особено оној опозицискиот низ т.н. социјални мрежи, којшто, нели, според „госпожава“ бил со „фрапантно … немерливо количество омраза … Како целата омраза на овој свет да се вгнездила тука, на овие простори, иако избор секогаш постои – човек да се насочи кон себе или кон тој што ја побудил“! За жал „госпожава“ заборава дека другите си немаат свој дневен весник што би им служел за пласман на нивните ментални мастурбации, плус добро платени. И дека истите тие дневни весници – оние на „Срџана“ – се буквално замандалени за секое друго, а особено различно од званичното „теолошко“ мислење на Пастирот и негово потесно стадо научено константно да блее за неговите успеси и победи.

Или, можеби, кај „уредничкава“ потсвесно, онака, што би рекле Фројдовски, искрснува токму македонскиот (поданички) менталитет за којшто ама токму сега пишува? Да не мисли на менталитетот на нејзините газди, ама како покритие и’ служат – другите?

6.

Или, на пример, да не го подразбира, повторно онака Фројдовски, под тој ужасен македонски менталитет и однесувањето на нејзината (туристичка) менторка од Министерството за култура и објавените маркетиншки договори со „началникот“? Или нејзиното експресно бегање од пред камерите и можните прашања во дадената насока? И глупавото климање со главата и наместената (ама жална) насмевка?

Ама не, ни неа, ниту пак раскупусаноно дневниче тоа навистина не ги интересира. Поважно за македонскиот читател и македонската култура да ти биле еди којси кој плаќал струја на шалтер, еди којаси која ја „озборувала“ Македонија (како да нема за што?!) пред странци, а всушност требала да ја фали (за што?) … Тоа е уредничкото ниво на дотичнава „примадона“ која очигледно мисли дека е всушност некаков писател, некоја македонска книжевна величина, што ли?

Но, добро, знам дека таа нема ни толку смелост, уште помалку доблест и професионалност, да проговори за вистинските проблеми во оваа држава, особено во културата: за целокупната партизација на македонската култура, за партиската одвратна нивелација на годишните програми, на делењето пари од ракав (како што беше презентирано!), за негативната кадровска селекција, за криминалите на „Скопје 2014“, за бескрупулозната злоупотреба на културна администрација …

Напротив, и во ова раскупусано весниче и во сите текстови за културата – особено во уредничките „коментари“ на дотичнава – нема да најдете ни збор за тековните (не)културни проблеми што го разјадуваат културното ткиво на оваа држава. Она малку што останало, впрочем. А немаат доблест ниту да објават еден демант, најобичен.

7.

Просто е неверојатно каков е ракурсот на оваа „уредничка“, како е можно да гледа се’ розово, не само во македонската култура туку и во македонската држава, како за неа сите нешта – од сите самоволија и произволности, од сите погрешни инвестиции до карневалски меѓународни претставувања, од сите деградирачки „проекти“ до провинцијални манифестации – буквално се’ што нејзината главна уредничка во Министерството за култура ќе стокми станува репер за македонските вредности. Која ли е таа фамозна диоптрија? Може ли да се клонира па да им се дели на сите локалци и странци, и сите да уживаме во таквите културни „дострели“ на Македончиштето?

И не отвори ниту едно проблемче, да не речам проблем во македонската култура, што би било логично во однос на позицијата уредник на културна рубрика. Или проблемите не се важни, поважни се патувањата, зимниците, социјалните мрежи и омразата на нив …? Во едно интервју од 2007 година со тогашниот државен секретар, а сега долги години министерка за култура и нејзин главен (туристички) ментор, уредничкава послушно пишува за започнувањето на градбата на објектот на Македонската филхармонија. Каде што, впрочем, како и што доликува во такви идеологизирани културни матрици, при ставањето на камен темелникот се изнаредија сите, од директорката на куќата до целиот ансамбл. Ама сега, по цели осум години во безмалу иста состојба, никој од нив глас не пушта, најмалку „уредничкава“, никој да ја праша министерката абе што бидна со тој објект ни на небо ни на земја? Или, што би рекле кратовци: итра була во празна кула? Или, како тоа кај нас, и нашето надвор, е секогаш безмалу генијално, како впрочем и онаа неодамнешната изложба во Виена, ама во македонската амбасадата, а нашава уредничка била импресионирана што „просториите биле претесни да ги примат сите заинтересирани“! Колкумина, дваесеттина посетители, или дури триесет? И за која што, повторно „госпожава“ специјално известуваше дури од престолнината на Австрија. И не’ извести, нема што!

И како тоа ама баш сите нејзини текстови се како јајце на јаце штом се спомне културата, и сите се разиграни и распеани, виолетово колорирани со жолтеникави нијанси сосема во склад со хистеризираните содржини? И како ниту еднаш не се допре до оној монструм наречен „Скопје 2014“ што изеде стотици милиони евра од македонската култура? Или тоа се небитни теми, ама менталитето е’? Чиј, на Пастирот, на Канческа, на „Срџана“ …?

kondom

8.

Нема да кажам никаква новост дека токму македонските медиуми – печатени и електронски – и ваквите одработувачи на македонската приватизирана „кауза“ се токму вториот ешалон (ако не и првиот?) на клиентелизмот, корупцијата и криминалот во оваа држава. Токму тие со години ја потхрануваа(т) сликата за „Macedonia timeless“ (не спомувајќи го неморалот до гуша!), за „Нашата прекрасна Македонија“ (не спомнувајќи го криминалното однесување на нејзината политичка „елита“!), за некаков реформски и инвестициски бум (не спомнувајќи ги, секако, клиентелизмот, корупцијата, непотизмот …), за некаква македонска култура (не спомнувајќи ги никако провинцијализмот, партизацијата, глупоста, незнаењето …). Впрочем, да не беа скандалите преголеми, тие ќе ги сокриеа – како што впрочем и се обидоа – и студентските протести, и прислушкувањето, и монтираните процеси …

Ниту една влада не ќе можеше да спроведе вакви манипулации без медиумите и измеќарите од типот на овие (не)главни, (не)одговорни, (не)уредници, (не)новинари … Вакво непримерено непрофесионално слугување веројатно има соодветни историски примери, ама длабоко закопани во минатото за никогаш повторно да не се појават. Прашање е дали македонското општество ќе ја имаа таа сила да се справи со нашиве?!

А всушност, како да имаше право оној на „Шител“ дека сите станале куртони на власта?! И ги употребуваат кога сакаат и како сакаат? Тоа ли е вистинскиот одговор и решението што со нив, понатаму?!

ЕМ МРЗЛИВИ, ЕМ АРОГАНТНИ

Жалам што привремено ќе ја напуштам темата за актуелниот ни (не)морал во сите пори на општеството, веќе така длабоко вкоренет што просто не можете да си ја препознаете земјата. И не мислам тука на оние „министри“ што си пцујат мајка преку државни телефони, уште помалку на онаа пратечка  банда „бранители“ кои одамна ги симнаа маските, а сега се само со свирче  повикани да си ги платат долговите. Најмалку мислам на нив, на таквите типични македончиња измеќарчиња кои слугуваат за секој „ко да више“. А впрочем, и не би сакал да си ги валкам ниту мислите со такви бараби. Повеќе мислам на оној поголем дел од народов кој како да е хипнотизиран со децении, хиберниран до непрепознавање, отрпнат дури и на малтретирања и понижувања од актулениов „демократски“ вид.

Но, и темата во продолжетокот не е далеку од македонскиот неморал, овој пат од журналистички тип, инаку еден од најчестите кај нас во последно време. И не е, се разбира, од репертоарот на денешната „бомба“ – за неа (ќе) треба други да си го кажат своето.

1.

Не дека не можам да ја разберам глупоста, незнаењето, простотијата, неинформираноста (помалку, сепак) … Толку дал севишниот и тоа е. Не можат сите да бидат и паметни, и начитани, и учени, и информирани … Ама се’ потешко, или никако, можам да ја разберам непрофесионалноста, намерната лага, тенденциозноста. Особено кога човек им укажува дека грешат, дека пишуваат неточности, дека лажат (намерно, веројатно), дека не се придржуваат до основните правила на професијата. Ако пак сето ова се пренесе на теренот на македонските медиуми – и пишани и електронски – безмалу секој ќе рече дека тоа воопшто и не е некоја новост, дека тоа е речиси вообичаена состојба. Добро, не дека и за тоа не сум свесен, особено за сето ова што деновиве се случува низ државава и дека оние гангстерски медиуми немаат друг излез освен – да лажат.

Ама случајов не е од таков калибар: нема странски служби, нема прислушување, нема „пуч“. Има (повторно) само незнаење, мрзливост, непрофесионалност, простотија … и тенденциозност, злоба, безмалу омраза! Не само лични – на одреден новинар – туку медијски, што ќе рече на цел еден (некогаш угледен) дневен весник, сега трансформиран малтене во тоалетна хартија на која што потписи остава цела дива орда незнајковци.

2.

Е сега, што е проблемот? Речиси и го нема, минорен е, ама набиен со лоша „енергија“ и, повторно, со чист волунтаризам и непрофесионалност.

Односно, по којзнае кој пат, едно мастиљаво моливче на дневниот весник „Дневник“, пишувајќи за културата – или, подобро речено, за тема која што за неа е буквално шпанско село – сметала (без очигледен повод) за потребно да ламентира за некакви македонски состојби, овојпат во проценката на дела од современата ликовна уметност, за да веќе на почетокот самоуверено констатира дека „… во земјава нема лиценциран вештак кој ќе процени колку ви вреди делото“. Речиси сум сигурен дека таа, кутрата, не знае ни што е тоа лиценциран вештак, ни што е тоа дело, а за процесот и валидноста на евентуални проценки можеби гледала само на филм. И тоа странски!

Нејсе, констатацијата не само што е произволна, туку е и целосно – неточна. За да делумно се „покрие“ во своето незнаење, „новинаркава“ веднаш потоа „се вади“ со реченицата дека кај нас „има искусни критичари и историчари на уметноста кои може да ја одредат цената на одредено дело, но нивниот збор нема да има вистинска тежина на суд“.

И за да овие две клучни „констатации“ ги обликува и со малку текст, мастиљавово моливче тртља едно чудо глупости за состојби во македонската уметност, за некаков мал пазар, за почести кражби на пари или накит отколку на дела од Кондовски, и – што не. Се’ бисер до бисер, паушални реченици една до друга како слика и прилика на нашево неписмено културно новинарство.

????????????????????????????

3.

И сега, иако не знам зошто оваа „тема“ некому му се видела интересна, ама произволностиве на нивната „новинарка“ – веројатно со амин на подеднакво „стручната“ и’ уредничка – го издвоиле како некаков уводник. Демек – јака ствар!

И навистина не гледам зошто една ваква будалаштина би била тооолку битна за македонската култура, за мене уште помалку, освен што е – целосно неточна. Врие од незнаење, произволности, мрзливост, глупост … И дезинформира! Намерно или не, не знам, ама сее мрак и таму каде што нема потреба од тоа.

Поточно, уште од 2009 година, со еден колега, а веројатно во меѓувреме има и други, сме регистрирани судски вештаци за современа ликовна уметност! Со Решение (заведено и со сите печати) од Основниот суд II, со нагласка дека станува збор за „… постојан судски вештак од областа на современата ликовна уметност“ итн. Како впрочем и толку други судски вештаци за други области.

Нејсе, знаев колку не знае мастиљавово миливче, ама не знаев и колку е мрзливо. Односно, сметав дека треба да реагирам на јавната дезинформација, и – реагирав, на единствениот можен начин што го нуди овој и ваков раскупусан „Дневник“: преку веб коментар, упатувајќи на неточноста на пласираната информација, со замолница да објават исправка. Зошто преку веб коментар? Па затоа што оваа „редакција“ се крие како овие новиве „анонимуси“, не дава телефонски броеви (на единствениот редакциски телефон никој не се јавува со денови!), не дава меилови на новинарите и уредниците … Како да се некакво тајно здружение! Реагирав дури два пати преку веб формуларот што го нудат, и повоторно – ништо. И немам намера повеќе секојдневно да арчам пари на нивниот „весник“ за да проверувам дали нешто објавиле.  Се прават ли луди, слепи, глуви …? Или се токму такви – луди, слепи, глуви …? Или можеби ќе објават нешто – догодина?

И не дека ова е некаква витална информација за државава, за здравјето на луѓево, за безбедноста … ама кога оваа новинарска булумента се оглушува од исправки и за вакви бенигни теми, како ли би се однесувала кон сериозни деманти за витални државни прашања?

4.

Но, од друга страна, целиов „случај“ го видов и во едно друго светло:  (повторно, за жал) за состојбите во македонското новинарство, за (не)професионализмот, за (не)моралот. Мрачна и мачна состојба на дефинитивно разнебитување на сите стандарди и критериуми во оваа професија. Иако многумина ќе речат дека и тоа не е нешто ново, ама сепак. И не е тука во прашање само оној најдолен вид на клиентелизам што чека наредби со раширени нозе, пардон – раце, и за што се изнаслушавме деновиве. Не е само тоа, зашто ако нема клиенти, нема да има ни наредбодавачи! Да одбиваш да објавиш исправка за најобична (дневна) дезинформација – намерна или ненамерна, сеедно?! Зошто?

Неколку дена всушност се мислам – зошто? Кому му оди во прилог ваквата убиствена трансформација на медиумите во оружје за контрола и пресметка? Дури и за најпроста информација? Иако овде всушност станува збор за самоубиствена трансформација, зашто и во „случајов“ но и во целокупната нивна „политика“ тие континуирано се самоубиваат. Секој ден! Не се свесни за тоа? Не знам, можеби и не, ама тоа е тогаш уште една нова цртка во менталниот склоп на луѓето што таму работат.

И не дека не знаев(ме) дека покрај т.н. политички (или подобро речено политикантски вид) новинари, втори клиенти се оние „културњацине“ илити културтрегерни мастиљави моливчиња кои ни „к“ не разбираат од култура. Ама сепак, ај што не се знае ништо, ај што им е тешко да свртат еден-два телефони до надлежни органи и да прашаат, туку едноставно не сакаат да објават ни демант! Зошто, ќе излезат поглупи од тоа што се? Не бре тутмаци, веќе сите ви ја научија простотијата, незнаењето и глупоста. А ниту вака пак ги криете!

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (8)

28.

И сега? После она задвчера, има нешто да каже Ачковска за злосторствата во Македонија? За предавниците? Или оној битолскион режисјор што ужива да лови сомови во матно, не баре е во слаткарницата на татко му? Да не го фати сомот за таквото, па да му извадат уште некои факти од семејното минато?! За моралот ли ќе говориме, или …?

Иако повеќето луѓе денес, едноставно, се гадат од политиката во сите нејзини пројави, од неа не можеме да избегаме. Таа стана составен дел на целокупниот живот, и на моралот, се разбира. Затоа, иако е во право една ФБ пријателка која вели дека, на пример, „Скопје 2014“ е првенствено естетски проблем, тоа сепак е – и политички проблем. Par excellence! Зашто токму актуелната политика го „смисли“ и реализираше наспроти многустрани укажувања, отпори, несогласувања … Контра сите анкети, контра три пати прегласуваните избори во „Центар“ и упорното губење на истите, зарем тоа не беше доволен доказ за расположението на граѓаните?

Оттука, токму тоа е нашиот повеќегодишен проблем: мешањето на политиката во сите сфери на животот, па и во уметноста / естетиката. Такво нешто не си дозволија ни омразените комунисти, барем не толку долго и не со таква жестина. „Мора сите да ги сотреме“, велат. Ок, ама и тоа ли не е политика? Или луѓево мислат дека сотрувањето се однесува само – на другите?

Затоа, нема место за залажување: кај нас се’ е политика! И тоа онаа најниска, одвратна, неморална, вагабондска … дури не е ни улична туку е баш – уличарска! И тоа не можат да го сменат ни сто движења, форуми, одбори, портали … коишто веќе хистерично ловат вештерки низ Македонија, а уловот се всушност самите тие. Дури и да се најдат толку беневолентни опозициски политичари, некои со прешироки срца и хоризонти што би допирале и вон сите утврдени криминали, не верувам дека ќе можат да ги амнестираат сити идиотштини што ги живеевме овие години. Дури и се’ да се заборави, не може да се заборави Глупоста, Незнаењето, Неспособноста на комплетниот државен врв, на сите структури на власта, на сите ешалони. Токму затоа и сме на ова дереџе. Дури после таа еклатантна неспособност и незнаење во сите области доаѓаат веќе објавуваните криминали и перверзии невидени во македонската историја! И одат рака под рака, на некое ѓубриште.

29.

Но, да се вратам на злосторствата / жртвите во културата што, сегментарно и од негов аспект, ги спомна Гелевски – тој издавачката, јас ликовната дејност. Издавачката дејност и визуелните уметности се полни со примери на бескрупулозни манипулации непознати во досегашниот развој на македонската култура и уметност. Или, поточно, ретко ќе најдете нешто што излегува од тие рамки, а е содржано во т.н. годишни програми од божемен национален интерес во културата. Нешто што промакнало, случајно се провлекло под окото на цензорските ножици на „стручњаците“ во Министерството за култура и пошироко, всушност само го потврдува правилото за комплетната аутистична партизација на македонската култура во овие сегменти. Зашто, секоја божја година ги читате истите (главно неспособни) имиња, со „проекти“ (книги, изложби, саеми, гостувања во странство …) за кои што во Гевгелиско има еден извонреден израз – „од г’з м’кнеж“! И никогаш не им беше доста, никогаш не се свртеа да погледнат каква пустош оставаат зад себе. Почнаа и јавно да си нарачуваат работа, да ја започнат уште веднаш и да инкасираат, зашто не се знае што носи утрешниот ден.

Се разбира, некој друг вон овие области на духот, ќе посочи и други веќе неизлечиви метастази проширени во македонското културно ткиво. Некој веројатно ќе посочи на безочното пљачкосување на културниот денар од страна на онаа булумента естрадни селски „ѕвезди“ и врескави фолкер(к)и кои актуелната културна „политика“ ги промовира во национални големини.   Некој засегнат филмаџија пак, со потполно исто право може да констатира дека токму филмот е една од најголемите жртви на македонската културна „политика“ – токму заради најголемите средства што таму се вртат – со она беневолентно владино расфрлање на (огромни) државни пари само на неколку филмски миленичиња, прекршувајќи ги сите правила и процедури, со покривањето на енормните направени долгови заради некаков недефиниран мир в куќи, со негативната кадровска селекција итн. И сето тоа се правеше, онака, узурпаторски, насилнички, како да се тоа нивни наследени пари од гологузи дедовци и баби, како никој во оваа замја да нема право ниту да праша кому служат таквите мафијашки зделки од неколку милиони евра, се’  до оние 800.000 на божем банкротиранион двоец, летнати в небо како никогаш и да не биле. И сето тоа без срам, безобразно, простачки, со набилдана улична агресија од една страна и со политика „не се замерувај“ и премолчен амин на еснафската фела од друга страна, или со одвај чујни коментари / прашања на кои никој не се ни труди да одговори. И наместо да бидат јавно шамарани и сместени таму каде што им е местото, тие уште бараа третман на национални „ѕвезди“! Токму „ѕвездите“ од тој тип избербатија се’ што можеа, како впрочем и она миленичено кое сега се солидаризира со студентите и испраќа поздрави, а всушност повторно се самопромовира, се упикува за пак преку ред да фати некое крапче. Малку им беше, шупелки!

30.

Не знам до каде би стигнала листата на жртвите на актуелното Министерство за култура, но овој македонски културен холокауст трае премногу долго. Како впрочем и целокупното дивеење, сиве овие години, на грст полуписмени ама дебееело лукративни бараби, кои воведоа стравовладеење на мракот и насилието, на незнаењето и неспособноста, во сите пори на општествениот живот. Зашто, од каде, инаку, онакви неморални протуви во образованието, културата, здравството, науката, новинарството … од каде им смелоста воопшто да се појавуваат во јавноста со нивните аморални сурати и провинцијално профитерско „размислување“? Кој и зошто им даде таква моќ, да подјармуваат една култура макотрпно градена со децении? Идејата за „нов вредносен систем“, како што тртља оној Двоцевски? Па како можат да градат вредносен систем луѓе – без вредносен систем, без морал, без знаење …?

Јас не знам што и како мислат и оние во Министерството за култура, можеби дека нивните злосторства и неморал континуирано вршени години, ќе застарат, ќе бидат заборавени? Или дека некој, утре, едноставно ќе сврти нова страница и овие грозомории ќе бидат заташкани? Не сум сигурен во тоа, премногу жртви оставаат, премногу ненаплатени долгови …

Подеднакво интересно ќе биде да се види дали ќе има еден, барем еден, не само од културата, што ќе смогне сили да застане и да му се извини на овој народ за сите криминали и ујдурми, марифетлуци и лева-рака-десен-џеб филозофии, за сите кодошења и предавства, за сиот овој неморал во којшто ја турнаа земјава? Да собере храброст да застане и да каже во стилот на оној незаборавен лик на Бата Стојковиќ: „Јесте, крив сам, јео сам говна“!? Ако не заради себе, тогаш барем заради неговите потомци? Или таквите гестови едноставно се спротивни со нивниот (не)морал?

Македонската општествена трагедија во изминативе години како да се сведува на луцидната мисла на веќе спомнатиот Кедар Јоши: „The most fundamental tragedy of my life is that the ones who I see do not exist
and the one who exists I do not see“?!

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (7)

24.

Се разбира, неморалниот образ на македонската интелектуала, особено во последниве години, е толку нечист, избразден до бесвест, „гмо“ мутиран и оплоден со најниските страсти и подлости што човековиот ум може да ги смисли, што неколку текстови не можат да ги осветлат / набројат сите валканици од политички, образовен, културен, уметнички … карактер, коишто нашава „интелигенција“ ги усоврши како елемент на беспоштедна борба против Другиот, особено против неистомислениците. Дури и денес сме сведоци на тотално поларизирани разбирања на сопствениот (не)морал и (не)одговорност пред генерациите: оние на „професоркана“ која преку ФБ бара поддршка да се исклучи од интернет светот (о, ќе има ли таков Господ?), до мрсулковци од маштабот на еден Митревски како режисјор на привремена печалба преку водата кој, гледајќи дека лотката дефинитивно отиде у п.м., бара начин да се (божем) самокритикува, ама со себе да го  повлече и она малку што останало пристојно и чесно во оваа fucking Недојдија! Нешто како нова колективна одговорност, за да си го сокријат сопствениот нечист газ, односно да ги онечистат и сите други. Е па – „неќе моќи ове ноќи“, буразеру!

Гелевски пак, на пример, од негов аспект, потенцира дека „издаваштвото е една од поголемите жртви на груевизмот“. И не дека нема вистина во тоа тврдење. Јас пак би ја одбрал визуелната уметност како најболно и дефинитивно уништен дел од македонската култура. Ако издаваштвото е (само) жртва, ликовната уметност е – масакрирана. Не дека немам почит кон книгата и македонскиот писател – или барем неколкумина од нив – а особено кон неколкуте сериозни издавачки куќи чија примарна цел, од основањето, не беше профитот и само профитот. Впрочем, тоа лесно би се видело и проценило преку некаква споредбена анализа на издавачките програми на овие, со оние актуленине миленичиња на Министерството за култура.

vlada-na-rm

25.

Но, зошто велам дека би ја одбрал ликовната односно визуелната уметност како најголема жртва во лепезата творештва на македонскиот културен простор во изминативе години? Прво, тука, како шампион на шампионите, го сместувам венцоносниот по небулозност т.н. проект „Скопје 2014“ како еклатантен пример на ништење на сите историски и современи придобивки на слободата на творештвото во ликовната уметност во изминативе седумдесеттина години! Овој т.н. проект уништи се’ здраво и нормално што постоеше во македонската ликовна уметност. Го поттчини македонскиот уметник под границите на елементарната пристојност, диктирајќи му што и како да мисли и работи, понижувајќи му го и минатиот и сегашниот творечки труд односно буквално фрлајќи му го на буништето на историјата. Како и да не постоел! Целата историја на македонската ликовна уметност на дваесеттиот век е збришана од полуписмени туткуни со невидени амбиции, од недоквакани „уметници“ и политичко-уметнички спонзоруши, но со премолчен амин и на се’ уште бројните живи доајени на македонската уметност. И токму тие, оние кои ги вознесувавме како типични претставници на современата македонска уметност, како некакви наши некогашни авангардни никулци во зачмаената балканска уметничка крчма, токму тие со нивната понизност и жед за сребреници ги урнисаа со нивното молчење и последните столбови на некаков творечки дух и автентичност кај нас. Целата македонска ликовна сцена беше / е’ препуштена на импотентни лукративни фалсификатори, подготвени да го визуелизираат и црниот Ѓавол ако тоа носи некаков профит. Музејските и галериските простори беа и се’ препуштени на аматери и дилетантни, на непродуктивни имбецили и стерилни шупелки, кои дури ги испраќаат со државни пари да шират некултура и неписменост низ светот. Која се’ будала не отпатува во Њујорк и Софија, во Париз и којзнае каде, носејќи ја во папка и сопствената но и државната провинција на заверка пред светот. Ех, кога така би се правеле изложби и проекти како што замислуваат шапшаливе. Просто, на човека да му згади! Згора на се’, токму македонската „интелектуала“ авторски ни сервира богато платена „публикација“ на оние плакатни илустрации во Музејот на хоророт, претставувајќи ни ги како – уметнички дела!?

Но, да речеме дека таа веќе несопирлива поплава на обесчестување на уметникот е дури и поднослива во споредба со катастрофалните ефекти на идиотштината што околу себе ја прошири т.н. проект „Скопје 2014“. И се’ уште (ќе) ја шири. Дури и не толку по веќе констатираните и од Марс видливите финансиски шашми и ујдурми, туку особено по наследството што (дури и привремено) го остава на македонските млади генерации. Зашто, дури и децата кои се родија со започнувањето на овој интелектуален гангстерај, сега веќе имаат шест-седум години, растат и се развиваат меѓу она монструозно опкружување во центарот на Скопје. И мислат дека така треба! Оние пак кои тогаш тргнуваа во прво одделение, денес се во пубертет и за нив тоа е единствениот можен „уметнички“ исказ. Зашто друго не постои, или е направено да – не постои! Смрдеата на тој шизофрен „проект“ дополнително ја шират токму македонски „интелектуалци“ со сивоќелијна маса достојна на мравка, но богато наградувани и стимулирани за нови и нови интелектуални злосторства. Впрочем, тоа е токму тој шестокласен македонски „интелектуален“ ешалон, токму оние улични и кафеански орди секогаш подготвени да служат! Тоа е истиот ешалон на актуелни домобранители и форумџии, подготвени да ја продадат и сопствената мајка за грст евра.

26.

Не дека мислам дека книгата нема подеднакво широко влијание, особено на младите. Ама сепак – нема толкаво, зашто „придобивките“ од „Скопје 2014“, барем до некоја блиска иднина, (ќе) трујат генерации и генерации млади луѓе кои немаат можност да видат подобро. Книгата нема такви злосторнички влијанија, ниту пак македонците навистина читаат толку. Што пак не е никаква утеха, се разбира.

А во рамките на веќе класичното културно – идентитетско злосторство наречено „Скопје 2014“, е вгнезден уште еден беспримерен неморал, уште едно од интелектуалците – или грото од нив – премолчено шизофрено изживување на еден грст неранимајковци врз архитектонското богатство на Скопје и градителското мајсторство на неколкумина македонски архитекти. И тоа е можеби уште поголемо злосторство: да се покрие, сокрие, преоблече, камуфлира … што ќе рече – уништи за секогаш, два / пет / десет  архитектонски објекти по коишто овој град беше препознатлив, коишто за многу генерации беа токму топоси, а конечно, претставуваа и некаква професионална гордост во биографиите на нивните творци. Ваквата бесрамна постапка, смислена и туркана од очебијно болни умови, наиде на блага, да не речам никаква осуда од страна на македонската интелигенција. Или, ако сакате, токму „чевларот“ излезе во одбрана на Градскиот трговски центар – ремек делото на Живко Поповски и постземјотресната скопска архитектура – додека грото интелектуалци ги посматраа од околните кафеани, со редовното кафе и чашка ракија. Онака, воајерски. Токму „чевларите“ на овој град, предводени од мала група архитекти, се кренаа симболично да „го гушнат“ ГТЦ и на тој начин да му ја искажат љубовта и верноста пред надојдувачката разорна стихија на паланечките малоумни орди.

nova-fasada-na-vlada-3

27.

Јас не мислам дека будали се раѓаат само во Македонија. Никако. Ги има низ целиот свет. Ама само овде можат да бидат властодршци и да прават што сакаат. Може ли некој да посочи барем сличен современ странски пример еквивалентен на ваквиот вандалски однос на Македонецот кон своето историско наследство во сите творечки области, денес? Ако го изоставиме еднакво шизофреното нацистичко modus operandi, друго има ли во поблиското минато? Не дека немало секакви болни поединци кои сакале да ја рушат Ајфеловата кула, на пример, или на кои не им се допаѓал берлинскиот монумент на Холокаустот, или … Ама, да ја пресоблекува Ајфеловата кула во налудничав барок или (квази)неокласицизам, е таков не се родил. Ниту пак средината би му допуштила да мрдне со малиот прст. Како е можно вакви нешта да се случуваат само овде? Та дури и религиозната егзекуција на Имарет, изградбата на кичестион Плаошник, скулптурине пред Владата и многу други – сите како специјална ретардирана фиксација на оној притвореникон Кузман, потпомогнати од интелектуалната му ергела – да ти биле само вовед во завршниот чин!

Малоумниот самонаречен проект „Скопје 2014“, сосе вкупната македонска интелигенција закачена по правило на финансиските цицки на државата, не само што не покажа трошка почит кон живите македонски архитекти, туку не мрда со прст да го заштити ни пиететот кон починатите. Ако, да претпоставиме, Муличковски можеби и потпишал некаква согласност за уништување на сопственото дело (што пак е посебно дискутабилно прашање сврзано со авторските права!), Живко Поповски тоа секако не можел да го направи. И? Се јавија ли „експертите“ за авторски права? Се јави ли некој негов колега од Архитектонскиот факултет да протестира против одлуките за неокласицистички стиропорен make-up на ГТЦ? Се кренаа ли сериозни протести на архитектонската фела против овој нов тип на современо дивјаштво? Да, неколкумина. Другите пак си ги чекаат своите пет минути во рамките на „Скопје 2014“!

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (6)

19.

„Ништо не ја открива подобро природата и карактерот на еден режим, од видот на луѓето на кои тој режим им пружа шанса“, го цитира проф. Малески Макс Вебер (1864 – 1920). Знам дека е, најблаго речено, непристојно да се дополнуваат умови како Макс Вебер[1], ама тој е сепак само – германец! Не е Македонец, или Македончиште. (Евентуално би поминал како македонче).  Зашто, можеби во Германија во неговото време, режимите навистина „им пружале“ шанса на одделни луѓе. Ние не се служиме со такви деминутиви, кај нас луѓето по правило се (зло)употребуваат, се користат како крпи за бришење на сета нечистотија и потоа, главно, се фрлаат. Се разбира, претходно убаво се исцедуваат. Па купени се, пари се дадени за нив, по ѓаволите. Понекогаш, се оставаат во некоја темница – до следната прилика!

Некој, некогаш, можеби и во блиска иднина, ќе ги отвори сите ќелеш-тефтери и ќе ги објави сите оние на кои што овој режим „им пружи шанса“. Ама и оние на кои не им пружи ништо, односно направи се’ да им го зацрни животот. Тоа, се надевам, ќе биде уште една морална лекција во низата што македончиштата ќе мора да ја научат. Заедно со онаа дека секоја власт е корумпираа, а апсолутната власт е корумпиран – апсолутно. И краде апсолутно, и лаже апсолутно, и мами апсолутно, и прислушкува апсолутно …

20.

Очигледно дека ќе има многу за гледање, и слушање. Можеби по нешто и за читање. Ќе се отвораат сите снимки и досиеи, ќе се реконструриаат архивите, ако не тогаш ќе се пријавуваат самите да ги кодошат газдите само за да спасат глава, и плата, ќе се врти циркус ден и ноќ. Ова е само брегот на сантата мраз што ја мрзне земјава безмалу цела деценија!

Она што мене ме прави среќен е фактот дека дојде поддршка за студентите и од Милчо Манчевски. Еееј, мислам дека без тоа децава ќе беа некако полуголи, полубоси, полубунтовни. Сега можат да буфтаат со сета сила кога и овој е на нивна страна. Можеби децава ќе му ги заборават и оние милиони евра директно „од џебот“ на другар му – оној де, кој неотповикло (?) им го смести фамозниот Закон за високото образование – па нивните романтични ноќни шетања по сетови, па …? А ние, и ние ли ќе му заборавиме, или можеби неговите колеги на кои им го земаше цел филмски буџет само за себе? Се разбира, овој не спаѓа во онаа категорија на „пружени шанси“, ама често умееше да изглуми – дури и подобро отколку да режира – дека он не е од тука, дека нема појма што и како се случува во државата, дека парите што ги добива и преку ред и преку сите процедури е нешто што нему логично му припаѓа, дека всушност прашање е дали ние воопшто и ќе постоевме ако он не се појавеше на мекадонскиот хоризонт!

Вистински „хало ефект“, како на Урал. А и зошто тоа би и’ било дозволено само на природата, а не и на луѓето. Тоа, на окото да му се прикажуват појави како (лажна) три-слика. Три сонца, на пример. Зошто и човекот да не може да им се прикажува на другите во три слики, по една за секој скептик, фан, или што и да е’? Овој, и неколкумина други, толку се извештија во тоа што мислам дека и природата ќе попуш(т)и! Само да е доволно студено, како деновиве, да може да така тера уште месец-два, што се’ нема да видиме. Мислам дека на крајот сите, сосе Владата и Хорхе на чело, ќе ги стават тоа маските со ликот на Кежаровски, или на Жорота, анонимусите или на студентите, и ќе тргнат низ улиците!

21.

Сепак, назад на Вебер и „шансите“. Ајде да го усвоиме овој демонутив, пардон деминутив, како наш односно и како наше огледало на македонските прилики. Што во превод би значело тоа, од аспектот на власта, да не речам режимот зашто некои веднаш се ежат? Да се прифати и поддржи нечија способност за нешто, нечија креативност, на пример? Да му се помогне – на секој начин, па и финансиски – на потенцијално креативниот, на талентираниот, на умниот, на докажаниот во одделни области … Но тоа би било позитивистичкото гледеање на „пружањето шанса“, некаква позитивна дискриминација која што државата би требала да си ја дозволи. Што би значела негативната, зашто (само претпоставувам) дека има и власти, да не речам режими, што можат и така да ја разберат? Таа негативистичка варијанта, односно негативна селекција, би значела правење спротивно во се’ што предвидува позитивната дискриминација. Поточно, тоа би значело дека се поддржува сето она што никако не може да донесе позитивен резултат на ниту едно поле, што било / е’ докажано неспособно и во минати времиња (да не речам режими!), со одамна обнародена тапија за спсобност само за марифетлуци, превари, криминал, незнаење, простотија … На тие и таквите треба да им се „пружи шанса“? Секој (по)нормален би рекол – не, зашто „пружањето шанса“ на таквите по правило дава катастрофични резултати, на државно ниво! Ама, ние никогаш и не сме си (из)гледале баш  како – (по)нормални, нели?

22.

Читам кај некои ФБ пријатели, се исчудуваат на „моралниот“ лик на одделни актуелни протуви, ги споредуваат со тоа што некогаш (божем) биле („вчера фраер, денес мивка“), дури не можат ни да поверуваат во тоа што го гледаат. Не дека и јас не сум се чудел, и се чудам, и не дека толку пати не сум се излажал во едно чудо (условно) пријатели во македонскиот „уметнички“ свет, некои кои дури и дома ми доаѓале … Ама, мислам дека, прво, вистинските карактери на луѓето се појасно видливи во кризни времиња, и второ, мислам дека, барем јас, не сум им придавал толку големо значење на тие нешта. Други биле условите, друго било времето, други биле „шансите“. А зошто пак и да не им се пружат шанси на луѓето? Да, ама да го знаевме тогаш ова што го знаеме (и гледаме) денес, не знам дали така ќе размислувавме?! Односно, сигурен сум дека тие и такви протуви секогаш биле такви, ама успешно се маскирале, се мимикрирале во сјајни бои како најотровните печурки. И чекале нивни пет минути да сјебат се’ до што ќе можат да дојдат! И секого!!!

Читам и Ризаов има некакви дилеми, се прашува „… дали се ова оние исти луѓе кои лично ги познаваме во едно сосема друго светло. Боже, што им направија на луѓето“. Абе исти се луѓето, идентични, ама „ферментирале“, се отвориле, си ги покажуваат роговите! Никој ништо ним не им направил. Ни порано, ни денес. Камо среќа да им направиле. Затоа, денес, тие прават!!!

И повторно, и во тие „други времиња“, некои им „пружаа шанси“, меѓу тие и јас, ако не повеќе тогаш барем како повик за натпревар, како можност да си ги покажат  капацитетите. И ги видоа / видовме, ама ги толерираа, се разбира на некое пониско рамниште, ама никој не ги тормозеше. А можеби требаше? Зашто, ако тогаш беа поставени на нивното вистинско место, денес можеби ќе имавме понормални, поморални, повоспитани поединци, со некои секојдневни и полезни занимања – поштар, столар, чевлар итн. – а не сите до еден „ајнштајни“!?

Ако една актерка со неприкосновено реноме вели дека „вистинските уметници не им велат благодарам на министрите“, ама друг „актер – бранител“ се гледа себеси само како „државен службеник“, за какви „пружени шанси“ говориме ние? И какви резултати можеме од тие да очекуваме? Се сеќава ли некој на оној наш „чувен“ режисјор и некогаш комунистички миленик, кого го направија дури и претседател на парламент, па амбасадор, како скокаше како млад мајмун низ Собрание? И нему ли некој нешто му направи? Или оној „Рембрант“ што се влечеше како приврзок по елитата на опозицијава, ама сега е пун себе па веројатно веќе ни добар ден не им кажува? А маалсконо филозофче, до вчера усран голуб, а годиниве во улога на obersturmbannfuhrer кој дури одлучува и за национални споменици? Кој, и што ли, ним им правеше та се исчуручија во вакви „патриоти“? Кој воопшто порано го имаше на ум како стручњак за уметност она човечено од Архитектонски факултет што ни го посра градов со оние „скулптури“, од „Тешкото“ па на даље? Или сите оние други што седат по разноразни форуми и движења, почнувајќи од хармоникашон до квазиисторичарине, и глумат интелектуалци? Што ли толку им згрешила оваа држава, па и ние со неа, или тоа е само израз на немоќ, на потиснати фрустрации и комплекси што ги дочекале петте минути?

23.

Од каде може оваа мала земја да издржи толкава „интелектуала“? Нема шанси, ни простор. И за беља, минатиот систем беше претерано толерантен во тој поглед: сакаш глумец – може, сакаш режисер – може, сакаш писател – сигурно, сакаш сликар – обавезно … Точно е дека Македонија секогаш имала дефицит на интелектуалци (по 1945 година велат дека сме имале околу 400 горе-долу писмени луѓе), ама некогашната хиперпродукција мораше да испорача сметка, кога – тогаш! Денес ги гледаме резултатите. И го плаќаме цехот на шупливата интелигенција, на неморалниот интелектуалец.

[1] Karl Emil Maximilian “Max” Weber (1864 – 1920), германски социолог, филозоф и политички економист, заедно со Карл Маркс и Емил Дуркхајм се смета за основоположник на социологијата.

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (5)

15.

Лагата е неизоставен дел на неморалот (не само) на интелектуалецот – дрската, безобразна, безочна, отворена лага што од денот прави ноќ, и обратно. Го слушате обвинителот како не’ убедува дека тоа што сме го чуле, не сме го чуле, дека нема врска што (нај)високи функционери прецизно ја   лоцираат персоната на злосторството? И мотивот. In flagranti! Ама не, што сте чуле – не сте чуле, што сте виделе – не сте виделе, се бранат. И така (проѕирно) и понатаму ќе се бранат, сите до еден. Не бев јас, држ’те го крадецот! Ќе има ли навистина такви будали што ќе им (по)веруваат?

Се разбира, најмлаку обвинителот, уште помалку останатата политичка братија ги сметам за интелектуалци. Ама, значи ли тоа дека им е дозволено да лажат? Иако велат дека на политичарите тоа им спаѓа во опис и попис на работите. Но токму затоа, вели Чомски во еден свој постар есеј (The Responsibility of Intellectuals), „интелектуалците се во позиција да ги разоткријат лагите на владите, да ги анализираат акциите согласно нивните причини и мотиви и често скриени намери“!

Педантните американци прецизно утврдиле дека во врска со кризата во Ирак во 2003 година администрацијата на Буш официјално и намерно лажела во изјавите за наводното оружје за масовно уништување што (повторно наводно) го поседувал Садам. И лажеле сите, од претседателот Буш до Кондолиза Рајс, од потпретседателот Дик Чејни до Колин Пауел, од Пол Волфовиц до … Буш имал вкупно 259 намерно лажни изјави (од кои 231 за оружјето и 28 за врските на Ирак со Ал-Каеда), Колин Пауел лажел 244 пати, итн.

Ќе се најде ли некој да пресмета колку пати нашиве излажаа за овие години? За сите наши „реформи“ и „економски успеси“, за сите наши „лидерства“ и “надградени и проширени резултати“ …? Ќе се најде ли некој да ги прегледа / преслуша сите фамозни тв-дневници на националните ни канали(зации) и да ги изброи сите спинови и намерни дезинформирања на јавноста?

16.

Чомски дури ги смета интелектуалците за „привилегирано малцинство“ кое ги поседува и можностите и образованието да ја бара вистината. Ако сака, се разбира. Нашава интелигенција – не сака. Неа и’ е удобно во скутот на власта и не ја боли уво за ништо, најмалку за некакви вистини. Односно Чомски, за жал, не дава рецепт како да се постапува кога и интелектуалците лажат (и крадат) барабар со владите, кога линијата што ги раздвојува овие два света е одамна избришана, кога интелектуалецот е само puppet on a string дури и за најнеспособните политичари? Ако пак ваквата неприродна, неморална понизност на (грото од) интелектуалците кон власта е редовна состојба за македонското „интелектуално“ општество, што ли му останува како избор на „обичниот“ човек? Но, ако пак можат студентите, со нивните (горе-долу) дваесеттина години да ги согледаат сите небулози на образовниот систем во државава, како е можно МАНУ, со сите оние бели глави внатре, се’ уште да нема став по ова прашање? И кој, и зошто (прилично обилно) ги плаќа тие луѓе таму, од месец во месец, од година в година, со народни пари? Навистина ли никој нема што да каже?

Се ми се чини дека ние всушност и немаме работа со интелектуалци, туку со некаква затекната псеудоинтелектуала, со самопрогласена безидејна интелигенција со неколку поднаучени интелектуални фрази, неформални пајташки групички без насока, цел, морал. Односно, со една единствена цел: да се живее лагодно на грбот на другиот! Зашто, да беше поинаку, зарем ќе бевме на ова дереџе? Ако беа поинакви, зарем немаше до сега да ги покрене лагата на другиот, неморалот, кражбите, Тамара, студентите …? Зарем „believing bullshit“ може да биде животен став на интелектуалецот?

17.

Надоврзувајќи се на Dwight Macdonald, Чомски го побива моето размислување за можна „одговорност на народот“ (и) кај нас. Како впрочем и за одделни катастрофични случувања во поблиската светска историја, оние од типот на одговорноста на германскиот и јапонскиот народ за злосторствата на нивните влади во текот на Втората светска војна, на потенцијалната одговорност на американскиот народ за атомските бомби на Хирошима и Нагасаки итн. И Чомски и Мекдоналд сметаат дека нема место за утврдување на таква „одговорност на народот“, а Чомски го проширува списокот на американските државни злосторства и на Виетнам на пример, притоа инсистирајќи повеќе на вината на интелектуалците отколку на народот.

Се разбира, кога поумните говорат, треба (барем) да се слуша. Иако никако не можам да ги заборавам сите оние документарни снимки од Хитлеровите паради во Минхен и Берлин, истото одушевување и на јапонската маси при нивните освојувачки походи, или лагодните години на „американскиот сон“ додека се водеше крвавата војна во Виетнам. Се разбира, никогаш не е добро да се обвинуваат цели народи, уште помалку (ќе) може да се направи некаква прецизна селекција кој бил „за“ а кој „против“ злосторствата. Но можеби токму затоа и се генерализира вината и се префрлува на цел еден народ?

Исто како што и кај нас не може да се каже дека целиот народ знаел за криминалите и притисоците, за прислушувањата и малверзациите на властодршците. Ако не повеќе, оние два-триесеттина илјади што ги претпоставува Ордановски, тие што на некој начин искажале отпор или згрозување од таквите постапки, тие би се побуниле ако ги ставиме во ист кош со приврзениците на ваквите „политики“, или пак со оние кои се правеле недоветни, слепи и глуви дека ништо не гледаат и ништо не слушаат. Ама, сепак, барем за мене, „одговорност на народот“ и не е така апстрактна категорија. Или, можеби да ја крстиме – неморалноста на народот?

18.

Оттука, да простите, по малку ми се смешни (да не кажам друг збор!) оние писма до некогашното другарче, каде ќе ги повикуваме „xy“ да се потсетат на идеалите на генерацијата, да се освестат, да се преобратат … Па тие се до гуша во г…., тие изградиле кариери на туѓата мака, стекнале богатства. Каков член 151 став 5, какви бакрачи? Да не треба и на сладолед да ги однесеме?  The game is not over, yet!

Ако таквата багра се’ уште седи во темните подруми смислувајќи пеколни контраудари и не им текнува да излезат на дневна светлина да ги види народ, ако нивниот морал е стуткан во некакво нечисто шамивче и фрлен во некое ќоше, тогаш за каков член има тука да се разговара? Ако никој од актерите нема трошка доблест барем да се извини за тоа што го правел со години, за какво „трескање на вратата од надворешната страна“ може да стане збор?

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (4)

12.

Знам дека секоја генерализација е меч со две острици, при што ставот дека на страната на неморалноста по правило повеќе (или највеќе) натежнува интелектуалната групација е (можеби?) произволност од таков тип. Но сепак, некако и низ историјата е потврдено дека интелектуалецот во принцип е поподложен на морален пад од „обичниот“ човек. Заради многу причини,  можеби и заради фактот што нему му се подостапни релациите со власта, која и да е’ и каква и да е’, нејзините коруптивни / кримогени  механизми и марифетлуци, подофатлива му е леснотијата да се препушти на неморалната стихијност на животот и практикувањето на „слободата“. Или, многу подостапно и полесно од „обичниот“ човек, од чевларот, ако сакате! Што секако не значи дека секој интелектуалец – на власт, близок до власта или сосема независен – е неморален, коруптивен, кримоген. (Иако морам да направам локална дистинкција: се’ уште не сме виделе, барем кај нас, годиниве, некој од интелектуалците на власт, или блиску до власта, а да е – чист!). Ниту пак јас, сега и овде, и со оние претходни продолженија, ќе ги откријам причинско – последичните односи на интелектуалецот и моралот, интелектуалецот и власта, интелектуалецот и ниските страсти.

Меѓутоа, последниот пример со (некогаш) мојот омилен писател Орхан Памук – оној истиот што дојде и во Македонија да прими некаква награда, се разбира парична, директно од рацете на оваа власт за која што се правеше дека не знае каква е’ и која е’ – е тоа исто „бело памукче“ повторно го крева гласот за состојбите (ама само) во неговата земја велејќи дека „Луѓето шепотеа кога зборуваа“, дека турската влада „отстапува од рефомите и ги поткопува човековите права и слободи и независноста на судството“. Кога тоа се обидуваа да му го кажат и за Македонија, да му појаснат каде дошол и чија награда прима, „белото памукче“ се правеше мутаво. Не разбира, демек, што му говорат, не е од тука! Не го свести дури ни оној Саше Ивановски, кој среде „златниот кафез“ се обиде да му ги отвори очите. И ушите. „Белото памукче“ остана слеп и глув, ама си ги зеде парите! И замина, како и „независното“ русче.

ВОЛК ЈАГНЕ

13.

Во 2011-та година „The Boston Globe“ објави интригантна сторија за една консултантска група со седиште во Кембриџ, инаку основана од група професори од Харвард. Сите со звучни имиња. Меѓу другите услуги што ги пружала оваа група биле и услугите на некогашниот Либиски диктатор Гадафи. За 250.000 долари месечно, во текот на периодот 2006 – 2008 година, харвардскиве алчни интелектуалци му обезбедувале широка лепеза услуги на Гадафи, меѓу другото носеле и видни личности во Либија за средби со него, работеле на генерирањето позитивни вести и одгласи за земјата и диктаторот, а подготвувале и книга за Гадафи. Меѓу оние кои доаѓале во „посета“ на диктаторот на база на предлогот на групава биле и Joseph Nye (поранешен декан на Kennedy School of Government на Харвард), лорд Anthony Giddens (поранешен прв човек на London School of Economics), познатиот политички филозоф Francis Fukuyama и многу други. И тие сите сигурно не биле на гости кај Гадафи „за лепе очи“, што би се рекло. И никој од нив тоа не го бележи во своите биографии! Врв на скандалот било откритието дека харвардската група била платена и да му помогне на синот на Гадафи, Саиф, со неговата докторска дисертација на London School of Economics! Покрај општиот резил, еден од резултатите на оваа интелектуална проституција била и оставката на сер Howard Davies од местото директор на London School of Economics и ветувањето дека целиот случај со синот на Гадафи ќе биде истражен до крај.

И сега, уште колку вакви и слични примери можат да се изнесат во прилог на тезата за неморалноста на интелектуалецот? Премногу. Или, некој ќе рече: ако таквото однесување му е дозволено на еден Фукујама, кои сме пак ние да не го практикуваме? Се разбира, и таков „одговор“ би бил некаква мерка на (не)моралот.

Не случајно Вирџинија Вулф вели за интелектуалецот дека е како „жива на закосена табла“, по малку нехуман но многу мил, како и сите нехумани луѓе! И иако Вулф ова повеќе го прецизира за John Maynard Keynes, еден од водечките економски умови на Велика Британија и светот во дваесеттиот век, но и познат расист и антисемит, нејзината дескрипција е валидна за сите интелектуалци од тој профил!

14.

Не умеејќи подобро да ја сокрие својата зависност од милувањата на власта и уживањето во благосостојбите спечалени преку туѓата несреќа („Додека на еден не му се стемни, на друг не му осамнува“!), интелектуалецот наоѓа засолниште во глумењето недоветност. Не гледа, не слуша, не знае што и како се случува во неговата земја. Ако пак никако не може да не види и не чуе, е тогаш тој „не е од тука“, паднат е од Марс или Венера, гледа и слуша дека нешто се случува ама обично не знае „кој го тоа направи“! „Но, кој тоа го наложил, на кого, за кои поединци, органи, за колку илјади граѓани“, се „прашува“ апропо монструозното прислушување оној Мирчев глумејќи малоумен? И не заборава да додаде дека „… државата сепак се движи напред“. Еееј, каква интелигенција! Каде напред, во провалија? Мислам, нормално, и глумата се плаќа, ама да изигруваш Лоренс Оливије на стари години, или нечиј шут …? Некоја граница во животот белки треба да остане?!

И овој тип фингирана недоветност кај нас е на дело веќе десеттина години. Никој ништо не видел, не чул, или во најмала рака – ако видел и / или чул – е тогаш нема појма кој стои зад гнасотиите што ни се случуваат. Зашто преголем е безобразлукот ако се правите комплетно мутав и слеп. Не поминува. Ама ако сте привремено (па нека се и цели десет години) „хендикепиран“ во таквите базични перцепции, ако глумите млад мајмун кој заради измислицата на оној Њутн случајно паднал од некоја гранка и му треба барем една деценија да се свести од падот, можеби некој и ќе поверува во таквиот разбој на настаните?! Сето ова што денес се слуша и гледа е само кулминација на една десетгодишна „развојна политика“ која од граѓаните, а особено од интелигенцијата, измеси безоблична непрепознатлива маса, податна и за дополнително гмечење низ разни низ вековите опробани начини на анихилација на духот. Но и тоа, се разбира, не (може да) се прави без отворена или прикриена поддршка пред се’ од интелигенцијата, без нејзиното (главно премолчено) одобрување и учество. Некогаш учеството е искажано жизнерадосно, неморалот е последната инстанца на која што некој помислува, но понекогаш тоа се прави камуфлирано, претпазливо, особено при крајот, кога веќе целата фотографија тендира да се осветли. Кога само за миг би го вратиле филмот наназад и би ги погледнале оние платенички неморални „интелектуални“ орди што маршираа низ македонскиот образовен, културен, уметнички … општествен живот ништејќи се’ пред себе, воведувајќи го нивниот „нов“ алајбеговски „вредносен систем“! Ќелеш тефтерот на Унко е мал да ги собере сите протуви што ни држеа лекции за се’ и сешто, а највеќе за она што тотално не го разбираат, како впрочем и онаа беззуба баба која „стручно“ ни го објаснува „… феноменот за цутот на академската и експертска неписменост и дунстерај во епопејата ’Скопје 2014’“, дека Европа немала ексклузива или тапија на барокот, па зошто  Македонија да „… има забрана за користење архитектонски стилови“, па дека дури и антиката не е „грчка ексклузива“, и се’ така со ред! Гиш и „Рембрант“ во споредба со неа изгледаат како мали деца.

И не знам зошто и шуто и рогато, а главно оние полутки-интелектуалци, прво се пикаат во културата и уметноста и (ни) ги објаснуваат нивните „теории“ собрани по некои калливи патишта и зачадени крчми? Кога некој би седнал да направи список на сите протуви што кумуваа (генерално, но и по области) на ваквите состојби во културата, уметноста, образованието, здравството … политиката, колкав ќе биде списокот? Колку гишовци и станковци, величковци и хаџи-пуљевци, каракамишевки и ачковки, тодоровци и аспазијки, мирчевци и жоровци, саркањци и други усранци може да собере еден ќелеш-тефтер?

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (3)

9.

Е па ене го повторно оној шарлатан на „Телма“ како бистри политика и морал – та дури и се надмудруваат – со уште еден шарлатан, некогашен самонаречен студентски „водач“ од 1997 година, оној ист чии „студенти“ со него на чело бараа и гасни комори. Сега, со олабавен оглавник од старо-новите стопани за да р’жи, па и да касне по малку, еве сега открива „странски служби“ и ново-стари непријатели, не’ убедува дека два-тројца луѓе од опозицијата можат да прислушкуваат цела држава, загрижен (повторно) за идентитетот на македончето ни ги посочува столбовите на кои што сме почивале, а не сме знаеле. И тоа е морал, се разбира. И тоа на релативно млад човек, со „д-р“ по филозофија. Ама веднаш умее и себе си да си придаде значење дека и тој, можеби, е еден од прислушкуваните! Ма није ваљда? И штп ли некој би чул од тебе?

Кој е тогаш, каков е, и до каде стасува моралниот праг на македонскиот интелектуалец, со или без наводници? И можат ли вакви шарлатани нешто ново да ни кажат? И зошто воопшто ни го арчат времето? И кој тоа ги плаќа?

Па дали доволна референца за сето ова што (наводно?) ни се случува според екс-студентскиот „лидер“ и остала оглавничка мафија е пишувањето на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и македонските паралели со „Штази“? Но, во дадениов контекст, може и треба да се постави и прашањето на моралната димензија, уредувачката политика, свеста и одговорноста на медиумите – во конкретниов случај на шарлатанон што глуми новинар на „Телма“ – за сервисирање на „ставови“ и „мислења“ и на вакви сподоби кои сакаат да баратат и со гасни комори! Зашто, што си мислеше „новинаров“, со што ќе не просветли „докторов“, со некоја нова „мудрост“ за тоа кого и како треба да сместиме некаде? Или дека младиве нешто ќе научат од него? Или дека неговиот став и мислење се релевантни за земјава? Та зарем не ни е доста од непораснати и недораснати „македончишта“ кои во се’ гледаат само непријатели и

10.

Немам илузии дека одржувањето на моралот во перманентна кондиција, особено во вакви (локални) услови, не е лесна работа. Ама, преку такво ми се приказните од типот „мене ме мотивираше погибијата на Младенов“, „мене ми ги отвори очите апсењето на Кежаровски“ и слични каденци коишто всушност играат на тенките жици на заборавањето (или кратката памет, што би рекле), на псеудо мотивацијата, на барањето лажно алиби … Зашто, да не се случеше погибијата на Младенов (кога навистина би можеле да го вратиме времето!) ќе си останеа ли во старото трло на мегафоните со оглавници, да не го бутнеа Кежаровски во затвор (кога и тука навистина би можеле да го вратиме времето!) ќе се свестеше ли оној со б’лгарски прекар дека работи за силите на злото? А што ли не’ чека, каква лавина од измислени или дури самоповерувани „објасненија“, кога ќе се отвори казнено-правниот процес за малата Тамара? Па другите процеси?

И што се’ ќе се изнаслушаме во времето што доаѓа, уште колку стотици, илјадници такви ступидарии, такви монтирани изговори за не-чинењето? Дали навистина некој верува дека еден настан, колку и да е немил, колку и да е трагичен, тажен или било каков, може да го сврти моралот кај интелектуалецот (со или без наводници) за цели 360 степени? Можеби и може, не се осмелувам да тврдам, ама имам право да се сомневам, нели? Зашто, тоа може да му се случува на дете, или адолесцент, а не на возрасен, зрел човек, и (условно) – интелектуалец! Зашто, еве, повторно го слушам некогашниот (од само пред четири-пет години) „капо“ на „Дневник“, сместен во таа фотелја директно од кабинетот на премиерот, како сега држи говори против тој ист премиер, како му испишува психолошки профил, како да докторирал на него! А можеби токму тие најблиските најдобро и ги познаваат таквите, знаат (од искуство) како функционираат моралот и другите нешта во македонската „политика“?

11.

Јасна Котевска, во еден нејзин постар блог, го цитира Френк Слејд (Ал Пачино) од филмот „Мирисот на жената“: „… нема ништо пострашно од сликата на ампутиран дух, затоа што за тоа нема протеза“! Ама, можеш ли да ампутираш нешто не постои, што го нема, што никогаш не заживеало? Дали се тоа фабрички / генетски грешки, или атрофирани сиви ќелии, или – едноставно препуштање на стихијата? Но, препуштањето е и намалена свест за себе, и за другите, недостаток и на одговорност – за себе и за Другиот;  земањето книга в рака и фрлањето во огинот, или камен во главата на Другиот, како впрочем и повикувањето на гасни комори, не е само криминално, неморално, несовесно … однесување. Тоа е и – нехумано, антицивилизациско однесување. Претпоставувам дека голем дел од тие што гореа книги, фрлаа камења, бараа гасни комори … денес се срамат од сопственото минато. И си ги учат децата поинаку. Освен онаквите кои му се очигледно по мерак на шарлатанон новинар, па и денес им ги сервира на гледачите како некаков десерт, што ли? А впрочем, повторно, што ново можат да ни донесат такви типови, освен да дуваат во старите фобични жарчиња со страсна желба повторно да ги распалат? Ампутацијата на духот не зависи од средината, од системот, од идеологијата. Духот е свој и независен, додека не реши да се предаде некому, најчесто на злото, зашто тоа секогаш е полесната варијанта. Ниту некогашниот комунизам / социјализам можеше на овие простори да ампутира (или импутира), уште помалку тоа може(ше) да го стори денешниов систем, како и да се нарекува. Секогаш има избор, а секој избор се плаќа!

Затоа, кога Котевска исто така вели дека „Етичкиот гест се состои од невидливата граница“, дека „Таа граница навидум е бесплатна и навидум лесно се пречекорува“, не заборава да го вметне зборчето „навидум“, навидум малку а всушност многу важно. И тоа е така, зашто границата помеѓу моралното постапување и непостапување е подеднакво тенка, можеби за некого невидлива, ама не е – бесплатна. Барем во цивилизираниот свет. Зашто таму прескокнувањето на моралните граници чини многу, понекогаш – се’: реноме, репутација, професија. Само кај нас се’ е бесплатно, па и исплатливо, дури и лагата, криминалот, несовесноста, неморалноста … омразата кон Другиот!

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?! (2)

6.

„Ако треба“, вели госпожата докторка. Таа не чувствува ама баш никаква одговорност за тоа што (не) го направила, па ќе поднесе оставка – ако треба!? И тоа – оставка само и единствено на членството во некаква надрлилекарска партиска комисија, но е и на клиника, нема да си ја искине ни дипломата … Не можат да и’ ја одземат, за жал, ни тие што и’ ја дале, зашто не знаеле во што ќе се изроди. А повеќето од нив веројатно и не се живи па нема од што и да се срамат.

Но, токму тоа „ако треба“ е вистинското огледало на отсуството на секаков вид морал. Токму тие два (кондиционално искажани) збора говорат за отсуството на какви и да се’ морални кочници. Зашто моралот, сведено на наједноставното, е токму тоа: инструмент / кочница што го спречува човекот да се однесува како животно, што му наложува да се социјализира сообразно општествените норми, што го спречува да лаже, да краде, да убива … Законите се подеднакво ефикасни – некој велат уште поефикасни – ама моралниот код всаден уште во детството е базата. Моралните норми се првата брана против нечинењето, после доаѓаат законите. Зашто ако вам лесно ви паѓа на ум дека можете некого да убиете, ограбите, осакатите, излажете … ако идејата за злото не е контролирана од моралот веќе во зачетокот … тогаш лесно ќе ги прежвакате и законските одредби, какви и да се!

Впрочем, нема закон што ве спречува онака безобразно да лажете како шарлатанон министер кој вели дека направил(е) се’. А госпожава го офира дека наредбата да се причека со операцијата дошла „од повисоко место“. Додека не се отворел спиналниот центар, па некој да се обучува на девојчето! А зошто не ги чувате вашите деца, родители, браќа и сестри за такви државни ролји на заморчиња за македонското „велелепно“ здравство?

И инаку, што друго да и’ се каже на онаа надрилекарка која без срам, широкоградо, нуди да си даде оставка во некоја си таму Комисија – ако треба? Абе жено божја, ти треба да си одиш од здравството, и ти и таквите како тебе, сосе шарлатанон кој го прифаќате за министер. И бидете среќни ако не ве стигне некоја затворска казна, набргу. Зашто вашето е одамна излезено од сферите на моралното и навлегло во сферите на – кривичното! А впрочем нели имаше некој кривичен член што го санкционира токму – нечинењето? И нема ли бре брате во Велес младина што ќе дојде пред Министерството за здравство и ќе бара оставки? И пред онаа Аспазија, и дома и на работа? Та само Скопје ли има млади??? Па и не мора да се само млади?

7.

Не можам а да не се согласам и со Атанас Вангелов дека „пцовката е семантички празна и – афективно полна (Е. Бенвенист)“, и дека таа во суштина „зборува за некој долго собиран бес кој бара да се излее затоа што ’чашата се преполнила’“. Ама, прашањето е: зарем, и зошто, чашата се преполнува само кај 1-2% од македончињата, ама она остатокот, она македончиштана, ја голтаат ли голтаат истата преполна чаша со „blood, sweat and tears“? Затоа, полесно ми е да им кажам: ма гоните се у п.м., па нека е тоа израз и на семантичка празнотија! Ама (афективното) срце ми е полно!!! Некако е полесно кога (барем) ќе ги опсуеш!

Како и да е’, македонската морална приказна, ако некогаш се пишува, а особено во овој период, ќе биде помала и од албанскиот телефонски именик, или збирката италијански јуначки песни. Се шегувам, се разбира, и тоа беше некаков глупав виц од пред многу децении, и не знам колку денес се’ уште е точен, ама ова за нашава морална приказна секако е’.

Зашто да ги сведете, онака (квази)филозофски, актуелниве македонски случувања на „егзибиција и воајеризам“, треба нешто да ви фали. Не малку – мнооогу! И тоа веќе не е ни цинизам ни сарказам, хумор најмалку, тоа е безобразлук и гангстерај заедно, и типично отсуство на секаков морален код кај македонскиот (квази)интелектуалец. Иако многумина ќе речат дека монструозното прислушкување и провоцирана смрт на едно девојче немаат врска. Дали? Имаат, и те каква! Како и се’ друго што ни се случува. Зашто кај нас веќе се’ има врска со се’, зашто кај нас токму тоа отсуство на морални кочници претворија една група луѓе во гладна глутница која ништи се’ пред себе. И тоа во името на македонштината. И нема кој да им каже – НЕ, благодариме!? А тие што ќе се обидат, е тие ќе бидат – егзибиционисти!? Какво перверзно „размислување“!

berlin_book_burning

И токму тука стапуваат на сцена интелектуалецот и чевларот на Тодоров (Цветан), наш Бабо од чаршија и „големион“ ни писател-воајер. Токму тука се гледаат обврските на едниот и другиот, и чинењето односно не-чинењето. И не случајно Тодоров (Цветан) смета дека имаат различни обврски (барем теориски, иако ни тоа не може да биде сосема точно!): интелектуалецот е тој кој мора прв да го препознае злото и неморалот и да укаже на истите, а не оние што тоа ќе го направат наместо него да ги прогласува за „егзибиција и воајеризам“. Општеството, смета Тодоров (Цветан), очекува токму од интелектуалецот (а не и од чевларот?) да застане на браникот на моралот и правдата. Општеството сака, има потреба, треба да му верува на интелектуалецот дека го покажува вистинскиот пат, а не некои козји патеки на лукративност и безидејност. Онаа, на пример, новинарска багра, видена низ оваа призма токму како група чевлари, не може (и не смее) да биде израз на народната волја, иако инфицира / привлекува групи чии умствени капацитети се горе-долу на истото (минус) рамниште. Беззубата безреферентна баба бара референци за професори, правници, адвокати, лекари … а не и за Димета Спасов, од Шпиро, Адеми … од претседателот и’, премиерот и компанија!? Тие се, демек, референтни? Каде, во која паланка, во кое маало, на „референтната листа“ на Аминта трети ?

Токму интелектуалецот е тој кој може да го направи потребниот пресврт. Ако е’ интелектуалец, се разбира, а не козоводач или фашизоиден нечовечен примерок! И токму тука има право Литовски кога посочува на историската трагедија на европскиот (германскиот) интелектуалец, онаа фотографија од 10 мај 1033 година и палењето книги, дека „… таа фотографија од книгоцидот е најдобриот, најочигледниот, најјасниот, најнепорекливиот доказ дека национализмот, лажниот патриотизам, фашизмот се заразни болести од кои доста лесно и масовно се разболуваат и ’интелектуалците’ и ’културната елита’“!

dog pulls on leash

8.

И не можам да не се согласам и со Гелевски токму на оваа линија, дека кај нас дури и еден Гиш – онаков никаков, едно интелектуално пиже – станува метафора за цела една група кучиња на синџир што секојдневно ја чекаат корката леб од газдата. „Без газда и без синџир ‒ тоа куче чувствува дека ќе умре“. Иако, што се однесува до мене, мислам дека на онечистенава кутра земја од такви и нему слични и’ е преку глава! Ако македонската интелектуала навистина спаднала на такви гишовски и рембрантовски гранки, ако трчи-прчи писателчиња (квази)филозофчиња мислат дека можат да се подјебаваат и мајтапат и со студентско движење, и со безразложната смртта на едно девојче и со моснтруозните објави на Големото уво, тоа е нивна работа, и нивни (не)морал. Личните синџири нека си ги обвиткуваат околу сопствените вратови колку сакаат. Додека не се удават. Но не смее да се дозволи да не’ заплеткуваат и нас!

(И) ЗА МОРАЛОТ СЕ РАБОТИ, НЕЛИ?!

1.

Моралот и не е така апстрактна категорија како што изгледа на прв поглед. Може да биде растеглива, односно доволно растеглива за да се прилагоди на одредени општоприфатени стандарди, ама и растегнувањето има граници. Ако не повеќе, тогаш барем до десетте божји заповеди!

Но кај нас веќе нема никакви стандарди, па за морални не можеме и да говориме. Затоа ова македонска интелектуална, државна и … (сосема на крајот) политичка катаклизма е со немерливи размери. И во прв ред – неморална. Зашто тој збор веќе не постои во вокабуларите на луѓето. Никој не го спомнува, зашто не е битен. И затоа Геровски има право кога се чуди и не ги разбира „… повиците Тодоров да поднел оставка од морални причини. Аман бре, луѓе, каде се наоѓате вие? … Со кого живеете? Овие луѓе што ја водат државата се скарани со моралот и ќе направат се да останат на власт по секоја цена. Тие никогаш нема да помислат на оставка. Баш секој ден да умира по едно дете како Тамара, око нема да им трепне“. И тоа е најстрашната вистина што не’ удира среде лице секој божји ден. Од неа пострашна е само вистината дека има луѓе, дури интелектуалци (со наводници, се разбира), кои во тоа не гледаат ништо спорно! Ништо спорно?! Дури ни во фактот дека „одлуките“ за Тамара биле договарани – по телефон? Згора и со притисоци од „повисоки места“ кои овие бездушници дури и отворено ги признаваат? Како тие луѓе ќе се појават утредента на работа, и оној Тодоров, и онаа Аспазија, и онаа шушумигана од Фондот …? Ама се појавуваат, и на работа, и на улица, и дома …? И се сликаат! Па имаат ли родители, деца, роднини … немаат ли никој норамален по дома да земе по една суроица …?

Има ли оваа држава Лекарска комора, има ли некаков Суд на честа меѓу овие (надри)лекари?

2.

И колку и да го растегнуваме значењето на поимот морал или морално(ст), не можеме да одиме подалеку од прагот според којшто низ принципот на  моралот / моралноста ги правиме разликите помеѓу правилното и неправилносто, доброто и лошото однесување, чинење … Низ тој и таков компас ги „мериме“ / разликуваме намерите, одлуките, делата, чиј распон не е којзнае колкав. Дури – мал е, иглата на компасот бргу варира од едниот пол до другиот, некогаш пребргу, за многумина.

И како што денес сосема згодно го проширивме изборот на одговорности од времето на социјализмот (колективна и, многу ретко, лична) сега измисливме неколку нивои на одговорности – од кривична, па полукривична (во обид!), па политичка, па партиска … па маалска или сакам-нејќам одговорност … А моралната никој и не ја спомнува, туку и за неморалноста измислуваат повеќе „категории“ низ коишто сакаат да се протнат. И во тој поглед секогаш „почесно“ ми изгледале асли неморалните, оние кои отворено покажуваат презир кон сите морални придобивки на цивилизацијата, кои едноставно не сакаат да се повинуваат на пропис, закон, на морал најмалку. Иако, велат, дека на улицата – разбрана во најпежоративното значење – владее(л) некаков морал. Разбран на специфичен начин, се разбира. Дури и мафиите имаат свој „морал“, или код на честа (верност кон организацијата, нецинкарење, не мешање на семејствата итн.). Со нив точно знаеш на што си. Или „џа“ или „бу“.

3.

Оние другине, оние божем интелектуалнине, оние лигавине кои сакаат се’ да наштимаат според нивната фалшива мелодија, тие се, да простите, вистинскиот шљам. Тие немаат три чисти да бидат свои и да застанат на својот став ако не го измерат со владеечкиот, тие не смеат да писнат ништо контра ако тоа не им го одобри некој од „горе“. Или, постојано бараат мала врата низ која ќе се протнат а никој да не сети, вратиче од типот „па секогаш се прислушкувало“ и слични будалаштини. Или ќе здогледаат можен излез во сомневањето во се’ што им се „сервирало“, па ќе глумат дека го избираат идеалот или животот … а во суштина од гласот им ечи стравот. И фацијалисот им и физикусот им прштат од глума, прикривање, несигурност, недоверба … Не смеат дури ни да кажат дека режимот е Орвеловски. И најбезболно е да се каже дека „демократијата има повеќе вистини“. Ма немој? Ама ова кај нас – демократија ли е? И дајте еднаш кажете ја – вашата вистина! Па белки ја имате, по ѓаволите, некоја друга освен онаа, монетарната?

Или ќе бараат засолниште кај големите умови, цитирајќи ги а всушност извртувајќи им ги тезите онака како што ним им одговара: те Фукоови лекции дека ова ти било лудило, или ќе се закачат за Цветан Тодоров и обврските на интелектуалецот наспроти чевларот, ама во животот по правило ја бираат позицијата на – чевларот. Ама одлично платена, се разбира. Извинете, ама и наш Бабо во Чаршија – токму оној кој цел живот чисти туѓи чевли – е па и тој точно знае што е коза, а што рог. За моралот и обврските кон општеството да не правиме муабет!

Оттука, навистина, за кој црн морал можат тие да говорат? Зарем навистина нашево актуелно секојдневие е само форма на егзибиционизам и воајеризам? Зарем за такви интелектуални травестити една ваква патолошка субверзија како прислушкувањево, со монструзни размери, е само – егзибиција? Па каде, и како, живеат овие луѓе, со кого разговараат, ако разговараат, со кого разменуваат мислење, ако воопшто го прават тоа? Егзибиционизмот и воајеризмот се парковски и спалнособни активности, а не општествени и државни. И се применуваат токму таму – во парк или во спална соба! Ама токму таквите ментални мастурбации сместени во центарот на општественото ткиво, плус филувани со Фуко и Тодоров, го доведоа ова општество на рамништето на бесна глутница!

Гледаат ли што се случува надвор? Или се’ додека „структурите“ им фрлаат по некое ковче, пердето доброволно го навлекуваат на очи?! Каков е тој став дека тие не се политички определени, ама можат да политизираат? Од која тоа перспектива се гледаат како политички неопределени? Од интелектуалната? Ама кога другата перспектива ќе им затропка со кесенцето со сребреници – како се вика таа? Та и оној веќе изветвен шут кој глуми новинар а не знае во чие студио ја води емисијата, та и тој ли стаса да говори за морал? Чиј, негов?

4.

И ние тука не разговараме за којзнае какви високи морални стандарди, коишто патем никогаш и не функционирале кај нас, ниту пак за не-знам-какви филозофски дефиниции на моралот и моралноста, нивната онтологија или епистемологија, туку за наједноставниот тип на диференцијација на црното од белото, лошото од доблеста, лагата од честа, злото од доброто … Ние сме, за жал, се’ уште на тој првобитен стадиум на моралното, но и тоа го немаме, или го загубивме и она малку што го имавме. Зарем навистина не можеме да препознаеме вина во една група надрилекари, на чело со полуписмен министер, за смртта на едно девојче? И за уште цела една редица небрижни, несовесни и во основа неморални пропусти, осакатувања, лоши дијагнози, “експертутски“ (Вангелов) промашувања? Зарем навистина не можеме да се откачиме од онакви лигави новинари кои коленичат и мешетарат по сите телевизии, од квазиинтелектуалци кои се затскриваат зад квазифилозофски флоскули, од партизирани професори кои служат како крпи за бришење на промашувањата на актуелната политика …? Кој и каков е тој јавен македонски морал што не’ присилува секојдневно да гледаме и слушаме ќелеш аналитичари на кои сето ова им било – малку? А што сакаат овие улични песови, да им презентираат снимки на колење и бесење, барем? Па отворите си некој садо-мазо сајт и гледајте до миле воље, што викаат Србите. Зошто и нас не’ правите учесници во вашите перверзии?

И немам јас никакви илузии дека ова се случува(ло) само овде и сега. Такви филмови, впрочем, гледавме до неодамна во соседството (Србија, Хрватска, Босна … Грција … Бугарија …), за светот да не говориме. Неодамна некој го спомна дури и Хајдегер во сличен контекст. Ама кај Хајдегер, и нему слични, го гледаме делото, не човекот. Зашто човекот исчезнал во неморалот, засекогаш! Па и не само тој, туку можеме овде да наведеме илјадници такви примери – локални, регионални, европски … – чии имиња се’ уште се спомнуваат со доза на гадење. Но не и нивните дела, ако ги имале. Но нашиве немаат ни „х“ од Хајдегер или другите, не им се ни до колената, а камо ли до органот, за да се споредуваат и да ни продаваат евтини филозофии за тоа дека “The real doubt is the doubt that doubts that it doubts” (Кедар Јоши)!

5.

Но ние можеби треба сериозно да разговараме и за моралот и моралноста на една цела нација – со исклучок, како што вели Ордановски, на две-триесеттина илјади кои креваат некаков глас, а впрочем тоа го покажува и бројката на прислушкуваните – која сака, и може, да остане глува, слепа и нема на се’ она што и се случува? Зарем е можно да не ги допре смртта на тоа мало девојче заради нечија лична неодговорност, зарем не ги тангира ама баш воопшто фактот дека некој овде се разбашкарил и дури им влегува во приватниот живот на луѓето, кога сака и како сака? Едно здраво општество не би требало да биде загрижено за моралот на оние малкумина – и навистина се малкумина, се бројат на прстите на двете раце – кои блујат гадотии низ неколкуте медиуми. Уште помалку за оние пак кои им доаѓаат во емисиите, седат со нив и божем бистрат политика. Тоа се нечистотии со кои едно сериозно општество лесно се справува. Но кога цела една нација, и овде нескриено мислам токму на Македонската нација, се тутка и шутка, се ведне и крие, се прави недоветна дека ништо не гледа и ништо не слуша додека злото лично не им затропа на вратата, е тоа треба да не’ загрижи. Онака, длабоко!

Зашто филозофските констатации од типот „Хуманоста е злосторство, Господ е криминалец“ (повторно екстравагантниот Кедар Јоши) се дозволени во салонските расправи, ама не и за нашиве состојби, сега и тука.