Monthly Archives: May 2016

„УМЕТНИЧКИ“ КВАНТИФИКАЦИИ

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (5)

14.

Уметноста не може да се сведе на егзактна наука каде што вредностите, особено вредноста на едно дело – ако е дело, и тоа уметничко – можат да се калкулираат преку готови математички формули или слични операции. Ниту пак може така едноставно да се определи односно квантифицира „цената“ на еден уметник тоест прецизните цени на неговите дела. Уметноста во голем дел е субјективна материја која што не поделжи на стриктни фундаментално научни проценки. Тоа, иако не целосно, се однесува и на уметничкиот пазар.

Сепак, ние во секојдневието сакаме да функционираме според одредени шаблони, ако може квантифицирани, за да нема конфликти и нејаснотии. Затоа и во уметноста се определуваат одделни репери, се поставуваат стандарди и критериуми според кои што секој би можел, повеќе или помалку, да се раководи. Се’ со цел во стартот да се намалат, ако не елиминираат, можните недоразбирања. Тоа обично го прават уметничките здруженија (во поголемите земји) квантифицирајќи ја цената на „работната сила“ на уметниците која што би требало да ја плати работодавачот, за секоја ситуација одделно. И тие квантификации некогаш навистина изгледаат импресивно зашто се грижат за секој детал, за секоја ситница која што на обичните смртници им изгледа неважна но за уметникот е битна ставка во неговата работа!

Австралиската Национална асоцијација за визуелни уметности, на пример, има разработено цел „Кодекс на практики“ во којшто се нотирани повеќето  можни, или најчести, ситуации на ангажмани на сите видови визеулни уметници, со утврдени цени за секоја ситуација. И таму, нормално, цените варираат во однос на реномираниот уметник и почетникот, во однос на карактерот и времетраењето на проектот, постојат цени за позајмување дело за изложби, па цена за учество на групни изложби итн. Поточно, ништо не е препуштено на пазарења или договарања што би можеле да предизвикаат забуни или истите се сведени на најмала можна мерка.

15.

Оттука, цените во уметноста во цивилизираниот свет не се формираат врз основа на нечии желби, уште помалку барања, ниту пак паѓаат од небото како великодушен подарок за уметникот. Тие се градат врз основа на стручни (споредбени) методи, искуство, врз основа на стандардите на средината, состојбите на пазарот и слично. Безмалу идентично како и кај сите други производи. Или, на пример, ако кај нас успеете да продадете „Застава 101“ од 1988 година за 2.000 евра, тоа значи дека би успеале и веќе спомнуваниот споменик на Васил Чакаларов да чини повеќе од 500.000 евра, при што уметниците добиле цели 120.000 евра на име „најповолна понуда за изработка на идеен проект и модел на скулптура на Васил Чакаларов“[1], плус оние 250.000 денари како прва награда за идејниот проект, плус некакви 10.000 евра хонорар[2]!

Односно, во рангирањето на можните ангажмани на заедницата, но и на уметникот, овој вид општествен ангажман во т.н. јавна уметност е најсложен зашто обединува цела низа претходни, тековни и завршни постапки битни не само за процесот туку и за резултатот, а кои што наложуваат сериозно искуство и знаење. Овој вид ангажман најмалку е од типот „брцни прачка, пиј вино“ – како што очигледно ги терале работите Општината „Центар“, Министерството за (не)култура и Владата, случајно или намерно – и или се води професионално или ги добивате Филип II со „лидерска мудрост“ и Чакаларов со „психолошки ефекти“! Или пак, кога се знае каков незналица и дунстер стоел зад целата работа и за што всушност служел целиот „проект“, работите стануваат појасни?

16.

Секако дека е интересно да се разбере зошто Специјалното јавно обвинителство избрало да се позанимава баш со оние четири споменици (Воин на коњ, Воин, Ченто и Цар Самоил)? Или тие се само прва фаза? Како и да е’, кај сите, според достапната документација, има вистински бисери, а за некои од нив (Воин на коњ и Воин) веќе нешто напишав. Но другите два се посебно интересни, особено заради материјалот во којшто се изработени.

Имено, споменикот на Ченто е изработен во бел мермер и за него се потрошени близу 900.000 евра. Авторот на идејното решение и на гипсениот модел – што е посебен куриозитет зашто тој не ја работел скулптурата во мермер – доставил до Општина „Центар“ неверојатна пресметка од околу 87.000 евра, со трошковник од соништата. Човекот барал се’, и буквално се’ да му биде платено, за да тој натенане се посвети на гипсениот модел цели десет месеци! Ни помалку, ни повеќе. Колку ќе му требало самиот да ја сработи и во мермер, ако знае(л), се разбира? Десет години? И слепцине од Општината му плаќале: изнајмување на хангар по тридупли цени од нормалните, соработници (демек – дипломирани вајари) со плата од 700 евра месечно цели девет месеци, па други соработници (тие веројатно биле неквалификувани!) по 300 евра цели девет месеци … И „уметникот“ имал 4 соработници-дипломирани вајари, цели девет месеци, плус 3 „обични“ соработници, повторно цели девет месеци, што ќе рече 7 луѓе, плус „уметникот“. За што? За еден гипсен модел висок 5 метри, а како да од гипс го правеле кинескиот ѕид!

Па наплатувале струја, па греење, па вода, па храна, па кафе, па мафе … па кино, па излет, па диско … и сето тоа за 87.000 евра! Што ќе рече – споменикот не ни мрднал од место а овие веќе спичкале околу 100.000 евра, и тоа во некој си хангар во Скопје! А за да биде работата навистина готова, морале да ја ангажираат „Галерија Пјетро Базанти и син“ за ни мање ни више туку 785.000 евра да им ја изработат скулптурата во мермер! Италијаниве веројатно и Микеланѓело ќе го сработеа за помалку пари, но: случајност ли е што оваа Галерија е всушност изложбена галерија на нам познатата „Fonderia Artistica Ferdinando Marinelli“ од Фиренца, онаа леарница каде се лееа и повеќето други бронзени споменици? Ќе го испита ли и ова СЈО?

[1] Решение за избор на најповолна понуда во постапката за набавка на идејно решение со преговарање, Бр. 08-3949/8 од 18.10.2011 г., потпишано од тогашниот градоначалник Владимир Тодоровиќ

[2] Според „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН

ПИОНЕРСКИ ИГРИ

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (4)

11.

Уметничката активност, согледана во најшироката смисла на зборот, е беспоговорно индивидуален (иако не ретко и групен) креативен чин којшто, за жал, не секогаш завршува со уметничко дело. Како што и не секој кој завршил некоја, некаква уметничка академија е – уметник! Но тоа е придавка која колоквијално, денес, ја употребуваат безмалу за секого, па и за нашиве „уметници“ од „Скопје 2014“. И иако многумина, особено власта, сакаат да ја забошотат оваа работа, тоа е првото што паѓа во очи: дека речиси осумдесет проценти од „спомениците“ и „скулптурите“ (и овие два поими ги ставам во наводници зашто голем дел од нив тотално не одговараат на познатите дефиниции!) распослани низ централното градско подрачје се поединци, или „уметници“, апсолутно без каков и да е’ доказ, или показ, како сакате, за нивната уметничка способност! И на такви луѓе државата им доверува творечки / уметнички ангажман од таков обем? Сомнително до зла бога. Зошто? Па затоа што, прво, не можете да бидете сигурни во проценките, второ, не можете да бидете сигурни во резултатот што ќе го добиете или дали временските рокови ќе бидат запазени, и трето, државата покажува голема незрелост и несериозност! Тоа му доаѓа на исто како на лекар од општа пракса од некоја селска амбуланта да му дадете да ви буричка во главата!!! И уште дебело да го плаќате за тоа „задоволство“!

А нашиот случај со „Скопје 2014“ е токму таков: лекари од општа пракса од приградските скопски амбуланти оперираат тумор на мозок. На живо, и за огромни пари! И истото потполно важи и за „архитектурата“ со која што не’ почестија, со „мостовите“ и се’ друго што наводно изградија во Скопје. И уште пострашно е што тие – илинекој од „тие“ – навистина мислат дека нешто изградиле. Никако да го сфатат обратниот процес – дека упропастија еден цел град!

Но, како и да е’, првото прашање за СЈО е: зошто беа одбрани токму тие и такви „уметници“?

12.

Уметничкиот резултат како краен производ на уметничкиот процес не е сигурен дури ни кај познати и признати уметници, а камоли кај занаетчии пионери. Затоа што, повторно, уметноста не е баш така лесно предвидлив процес, и резултат, дури и кога претходно имате приложена скица, или модел (во соодветен размер). И токму затоа за проценувачи на потенцијалната „уметничност“ на предложеното се бираат стручни, искусни луѓе со (условно) тренирано око но и претходни познавања. Зошто тоа не беше направено во ниту еден „производ“ од „Скопје 2014“, туку се’ беше препуштено на тотални (општински) дилетанти и/или партиски послушници? Па згора на тоа, се правел и типичен провинцијален шверц на македонски „стручњаци“ како членови на меѓународно жири?

Односно, ќе објасни ли некој, некогаш, на македонската јавност, или можеби на СЈО, какво било тоа Меѓународно жири за фамозната „монументална целина на фонтана со коњаничка скулптура на Александар Македонски со можна пропратна фигуративна содржина“ составено од акад. Крум Томовски како претседател и Светлана Коруновска Аџигогова како член[1]? И каде тоа виделе Тодоровиќ и неговите од Општина „Центар“ меѓународно жири составено од двајца македонци? Или можеби едниот глумел странец, и кој? Па биле пата-пата?! А на кој јазик комуницирале?

Или, може ли некој да објасни зошто Одборот за подигање на спомен обележје – скулптура „Воин“ едновремено глумел и жири комисија? Или – и  овојпат им снемало меѓународни членови? И може ли претседателот на тој Одбор, извесен Димитар Богески како, веројатно, еминентен стручњак, да појасни што значи образложението  дека „Фигурата на Воинот ја покажува грациозноста, лидерската мудрост и храброст, а софистицирано одбраните декоративни елементи го зголемуваат чувството на продлабочени и диференцирани психолошки ефекти“[2]?!

Истата приказна се повторува и кај споменикот на Васил Чакаларов, каде што целата постапка ја спроведува Одборот за подигање на спомен обележјето, и повторно претседателот, овојпат локалниот филозоф Саркањац, не’ просветлува дека „Авторите (Дарко и Елена Дуковски, м.з.) комплетно одговориле на предизвикот за сериозно, аналитичко и современо решение. Истото се одликува со сериозен пристап и тоа не само во многу рафинираната моделација и имплементираните ликовно естетски содржини туку и во успехот и наметнувањето на дополнителни психолошки ефекти. Монументалноста и динамиката во композицијата создаваат една целина , претставувајќи го ликот во најсилно историско значење. Деталниот портрет најавтентично ги доловува физичките способности на Васил Чакаларов“[3]! Машала, човекот е професор и доктор по филозофија!!! А целиот овој испрдок на филозофскиот ум се однесува на оној медиокритетски каубоец што го глуми комитата Чакаларов.

13.

И вакви примери има кај сите „градби“ од „Скопје 2014“. Што, секако, не е случајно. Да беше пропуст – ќе се појавеше еднаш, двапати. Вака?

Инаку, некој може да приговори дека властите, нели, и самите пионерчиња и според искуството и според знаењето, а богами и според умот, имале право да фаворизираат млади (творечки) сили. Зошто да не, по ѓаволите. Треба и децата нешто да работат. Иако не „проекти“ со таков обем и значење – ако тие воопшто и имаат некакво значење за нас – и секако не имајќи ги предвид буџетите. Или, ако веќе некој решил да им даде шанса, тогаш се планира и соодветен коректив преку силни стручни комисии и консултанти кои би можеле во од да ги корегираат сите пропусти и фалинки. Или – токму вака требало да биде, заради сосема други причини?

[1] Општина Центар, Скопје, Комисија за јавни набавки, Бр. 05-471/4 од 23.09.2007 (според документацијата на БИРН)

[2] Општина Центар, Одбор за подигање спомен обележје – скулптура на „Воин“, Бр. 2739/5 од 27.10.2008 (според документацијата на БИРН)

[3] Општина Центар, Одбор за подигање спомен обележје на „Васил Чакаларов“, 31.08.2011 (според документацијата на БИРН)

ВЛАСТ СО ШИРОКА РАКА

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (3)

8.

Овие десет години ја навикнаа македонската култура (и уметност, се разбира, иако од уметноста одвај „у“ остана) на расипништво и клиентелизам, на непринципиленост и партиска фаворизација, на волунтаризам и неодговорност, на кич и општа нивелација на вредностите. И тоа во сите сегменти, од горе до долу, по хоризонтала и вертикала. Сите македонски шапшали запишани во тефтерите на власта се самопрогласија за уметници и културни работници, што понатаму резултираше и во таквото финансиско „вреднување“ какво што (особено) наметна налудничавото „Скопје 2014“.

Таквата општа кражба, каква што имавме прилика да гледаме во рамките на тој „проект“, ги надмина и најфантастичните сништа на нашиве локални молери и заварувачи, кои пак власта великодушно ги прогласи за „национални уметници“. Впрочем, и тоа ќе треба да се испита: зошто и како токму тие беа извлечени за уши од партиските тефтери, нели?

Којзнае колку децении македонската култура и уметност нема видено толкави пари на едно место, за жал фрлени во неповрат по идиотштини и приватни џебови. А барем да вредеше, да има барем еден сегмент за кој што може да се каже дека „има нешто“ во него! Оваа власт се покажа така широкорака и великодушна кон еден (минорен) дел од македонската култура што тоа предизвикува сериозно кревање на стомакот.

9.

Историјата на уметноста памети секакви примери: на непотизам, на фаворизирање, на расипништво, на кражби … ама мислам дека ова што ние го живеевме овие години, со овој „проект“, е нешто ненадминато. И непојмливо за современи цивилизирани средини!

Мал излет вон „Скопје 2014“: познати се молбите на еден Дирер, на пример, за некаква (прилично бедна) пензија од буџетот на градот Нирнберг. Дирер му пишува на намесникот на Саксонскиот изборен кнез дека „стоте форинти што ми ги вети Неговото Царско Височество (царот Максимилијан, м.з.) … секоја година до мојата смрт, господарите (магистрати) сега ми ги оспоруваат. Така што под стари денови живеам скудно (…) сега кога видот ми слабее и раката потешко се движи, со мене ќе биде лошо“[1], пишува Дирер. Уметникот ја уживал таа ветена „пензија“ одвај осум години! Се разбира, познати се и многу други случаи со подеднакво големи имиња од уметноста кои умираат во сиромаштија додека нивните дела потоа вредат милиони. Сите импресионисти, на пример, или Ван Гог! А расправиите околу парите помеѓу Микеланѓело и папата Јулие II се веќе класика!

Но затоа нашиве властелини на време им делеа, и делат, национални титули и пензии кому ќе стигнат, дури и на четириесетгодишници! И ги наградуваат нивните недела со милиони. Евра, се разбира! И за овие седумдесетина години државност и самостоен развој во културата и уметноста, македонското општество едноставно не памети такво расфрлање пари на почетници, на луѓе без професија, на некадарници … Во бивша Македонија, онаа од времето на социјализмот, неколкумина уметници можеа да се пофалат со сериозни за тоа време хонорари за нивната уметност, главно сврзана со реализацијата на неколкуте капитални монументални зафати. И велеа дека со парите можеле да купат кола! Е сега, можеме да компарираме што тоа како вредност значело за седумдесетите или осумдесетите години на минатиот век или пак какви коли се возеле односно купувале во Македонија. И еве, не морало тоа да биде „фиќо“ или „101“, нека била некоја „буба“ или друга странска марка. Ама не чинела повеќе од сегашни 15-20.000 евра!

Ако пак го споредите тој износ со хонорарите исплаќани на сегашниве тутмаци, распонот се движи од 1:10 до 1:100. А ако ги споредите уметничките вредности на неколкуте монументални дела од минатото со овој кич од сегашноста, распонот е повторно ист, или сличен, ама во полза на некогашните дела.

10.

Затоа, впрочем, беше и вчудовиденоста на македонската културна јавност кога се обзнанија хонорарите што овие „антикниве“ ги укнижија. Особено кога ќе се направеше споредба со минатото и квалитетот на којшто бевме навикнати!

Но, повторно, што е спорно во цената, и не само цената, на вкупниот самонаречен проект „Скопје 2014“ и каде таму би се нашло Специјалното јавно обвинителство?

Па, спорно е речиси се’: од процедурите (спротивни на законите) за подигањето на спомениците и постапките спроведувани во општината, преку  договорите со уметниците и тендерите, па се’ хонорарите на уметниците. Сето тоа влегува во т.н. цена на „уметноста“ со која што не’ закрпија бандитиве! Или, ако сакате, не е можно никој во таа полуписмена општина, во подеднакво полуписмената Влада или која и да е’ друга државна инстанца, да не знаел дека веќе во старт го кршат Законот за меморијалните споменици бидејќи подигаат нешто што не е во нивна надлежност! Или, не може никој да не знаел како се спроведуваат сериозни конкурси за такви големи нарачки. Или дека „уметниците“, во трошковниците, им подметнуваат двојно или тројно повисоки цени за нештата. Или дека уметникот, ако е уметник, треба да си има и соодветен алат, а не набавката да ја вметнува во трошковникот. Или, како би изгледало ако распишувате тендер за такси услуги, а некој од пријавените во цената да ја калкулира и набавката на возилото со коешто би се вршеле такси улугите? И вие тоа да го плаќате – се разбира, од туѓи пари – без прашање? Впрочем, кога сите тие ставки, и многу други, вклучувајќи ги тука и хонорарите, ќе се ѕидаат една врз друга, стиропорната зграда наречена „Скопје 2014“ достигнува фантастични 600 милиони евра одлеани во нечии џебови!

[1] Richard Fridental, Istorija umetnosti kroz pisma velikih stvaralaca (od Gibertija do Gejnzboroa), Jugoslavija, Beograd,1967, стр. 61

(НЕ)КУЛТУРЕН КРИМИНАЛ

или

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (2)

5.

И бидејќи неизбежно, и постојано, се спомнува т.н. „Шарена револуција“ и (апсолутно исправниот!) однос на младите (барем во Скопје) кон грозотиите што полуписмениве бандити ни ги оставаат во градот, (уште) една паралела во однос на памфлетистон кој толку години глумел писател, за да конечно видиме кој е и што е’. Тој, имено, во неговиот епохално ретардиран текст[1] постојано хистеризира за некакво наводно уништување на спомениците низ Скопје, дека се „напаѓаат темелите на македонската историја и култура, македонскиот национален идентитет“, итн., итн.! И можеби газдите му беа задоволни, ама тој си доби соодветен третман низ социјалните мрежи, но и еден жежок шамар во текстот на младата Калина Малеска[2], која сите негови „тези“ ситно ги исечка токму како за во македонска салата.

И на тоа јас немам што да додадам, освен едно-две прашања за сите такви газоглави загриженици за „трајните белези на државноста“. Зошто, на пример, не (се) прашаат зошто младиве не ги „уништуваат“ другите институции, оние од времето пред „Скопје 2014“? На пример, Народната и универзитетска библиотека, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Музејот на современата уметност … итн., туку баш се намерачиле на идиотскине „белези“ на државноста на памфлетистот и неговите чипирани пајташи? Или зошто на мета на таа „агресија која треба да доведе до обезличување на македонскиот народ“, како што плаче загрижениов „македонист“, не се најдоа, на пример, споменикот на Св. Климент пред НУБ, на Кирил и Методиј кај истоимениот Универзитет, Гоце Делчев во Градскиот парк и други? Зарем тие не се симболи на македонскиот идентитет или „трајни белези на државноста“, ама сепак младиве не ги чепкаат? А уживаат да го искажат нивниот гнев токму врз производите на малоумните газди на шарлатанов? Или, во крајна линија, зошто ваквите шутраци со светоглед на мравка се прават дека не гледаат дека дури и новите Делчев и Груев, оние на плоштадот – а на кои што, патем,  местото воопшто не им е таму! – остануваат поштедени? И тоа ништо ли не им кажува?

6.

Но, темата сепак е друга, аво тој контекст и СЈО и предметите сврзани со самонаречениот проект „Скопје 2014“. Оттука и прашањето: со што конкретно би се бавело Специјалното јавно обвинителство сврзано со овој „проект“? Сигурно не со проценката дали нешто од реализираното има каква и да е’ врска со уметноста, културата, архитектурата … Тоа не им е работа, ниту пак се, претпоставувам, квалификувани за тоа. А и не ги интересира. (Тоа, во некоја идна понатамошна постапка, треба да ја интересира државата, за да знае што и како да прави со тоа ѓубре!). Нив ги интересира – криминал! Е сега, за жал, и уметноста и културата никогаш, и не само кај нас, не биле имуни на криминални дејанија. И иако кај нас, во случајов, речиси воопшто и не станува збор за култура и уметност сврзано со овој налудничав „проект“, но дури и да е’ така, да се тоа не знам какви ремек дела, на тоа ќе треба да се гледа како и на секој друг производ кој се купува односно продава. Зашто, нормално, и уметноста има своја цена – иако некои мислат дека таа може да се формира слободно и како што некому ќе му прдне на памет. Може и тоа, ама само кога станува збор за лични пари што ги трошите како што сакате. Кога трошите државни односно буџетски средства, мора да ги трошите рационално, според одредени критериуми и параметри, и секако според некакви (барем) ориентациони пазарни вредности! Се’ друго би било – кражба на државни пари и/или злоупотреба на службена должност!

7.

Налудничавиот (самонаречен) проект „Скопје 2014“ е, како што многу пати било констатирано, пример за неодговорно, расипничко, нерационално трошење на државни пари за невредни нешта. Односно, пример за тоа како не треба да работи едно Министерство за култура или која и да е’ државна (или локална, сеедно) институција!

Она што до сега е познато за финансиските дубиози сврзани со овој „проект“, а тоа се извештаите што ги направи Комисијата на Општина „Центар“ и базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“ на БИРН, директно и недвосмислено укажуваат на висок степен на присуство на криминал во спроведувањето на постапките, во реализацијата на спомениците итн. Или, сумирано, јасно се укажува: на свесно кршење на Законот за меморијалните споменици, на  немање надлежности на Општина Центар за изведување на одделни градежни активности, за непостапување на градоначалникот  согласно својата законска надлежност и должност за контрола на законитоста на прописите што ги носи советот на општината, на сериозно  нарушеното функционирањето на правната држава односно владеењето на правото, на незаконското насочување на парични средства од централниот буџет на сметката на Општина Центар, на реализацијата на проектите без јасно видлива и ефективна контрола и на начин што создава простор за нерегуларности и злоупотреба на буџетските средства, итн., итн. Сето тоа говори за присуството на елементи на (не)културен криминал што мора да се расветли!

И кога на сето тоа ќе се додаде и цената, односно парите платени за добиениот кич – како на пример вкупниот хонорар само на една „уметница“ од околу 3 милиони евра, пари што и за еден Микеланѓело би биле незамисливи – тогаш многу појасно се исцртуваат линиите на потенцијалниот криминал што може да биде предмет на истражни постапки на Специјалното јавно обвинителство.

[1] Блаже Миневски, По спомнеиците, „Шарената револуција“ ќе се сврти кон библиотеките и книгите?!, Дневник, 07.05. 2014

[2] Калина Малеска, Палењето книги е апсолутно неспоредливо со боењето на спомениците, Слободен печат, 17 мај 2016

ЦЕНАТА НА УМЕТНОСТА (1)

1.

Онаа концентрат идиотштина наречена „Канго музика“ и платена со девет илјади евра буџетски, што ќе рече пари што можеле да се потрошат (барем) за нешто покултурно, дополнително дотури, и дотура, бензин на огнот на народниот гнев. А покажа и колку е пораснат интересот на јавноста за малоумните „вложувања“ на културниот денар во секакви  полуписмени партиски пиони кои сега испорачуваат високи сметки за нивните услуги. А „госпожа“ Канческа – плаќа! Око не и’ трепнува и продолжува околу себе да ја шири реата на кичот и тоталното обесмислување на поимот култура!!!

Но, кога ова би бил некаков преседан или инцидентен пример. За жал, ваквите скандали станаа пракса односно систем низ годиниве што поминаа, само што јавноста или не ги знае(ше) или се правеше дека не ги знае. И токму тука, во глумењето незнаење, се лоцира и злосторството на молчењето и неправењето (што толку ги погоди трабантине!), особено изразено во културата и уметноста, но никако помалку нити во визнос сферата, здравството, образованието итн. Некои нешта можеби не и’ беа така очигледно поттурани под нос како примеров со непрежалениот им Канго уфуран во филмот на Џими Хендрикс на кочански начин. Иако не гледам голема разлика помеѓу него и сите оние други шушумиги кои последниве години го празнеа културниот буџет, почнувајќи од кафеански музиканти од секаков профил до налудничавине „креативни индустрии“ од, на пример,  прехрамбени производи, па изложби на секакви ретарди или некаков квазидизајн во изведба на разноразни јавни и тајни соби, итн. Сиот тој шљам со години е закачен на касата на Министерството за (не)култура, поклопувајќи ги безочно вистинските македонски културни и уметнички вредности кои бандитиве едноставно сакаат да ги уништат, како крајна цел.

И во тоа (делумно) успеваа(т). Како што впрочем успеаа да уништат цело централно градско подрачје, претворајќи го во кичесто село од нивните  провинцијални соништа! Коешто, сега, младите се обидуваат да го „разубават“. Иако тоа мораше да се направи многу, многу порано!!!

2.

И сега, насловот лесно би можел да биде и „Цената на уметникот“ (имајќи го предвид „уметникот“ од почетокот) иако тоа не е исто, се разбира. Барем во нормалните државите. Кај нас, налудничавата (не)културна пракса извитопери се’, па и тоа, така што дури може и да се постави знак на равенство помеѓу (цената на) уметноста и уметникот. Односно, најчесто, со државни пари се плаќа / купува уметникот, а не уметноста. Особено ако уметникот има партиска книшка или ако е симпатизер. А може и да е одработувач – како гласноговорник на власта, а во вид на „колумнист“, „експерт“, „контрапротестант“ и слични нам знани и незнани новосоздадени професии. Иако, најчесто, во македонската пракса воведена последниве десет години, речиси и да не станува збор ни за уметност ниту пак за уметник туку за нешто сосема десетто, најчесто будалесто и кичесто, коешто државата го плаќа безмалу со суво злато и нам ни го „продава“ како нејзина уметност.

Оваа превара особено беше армирано забетонирана преку самонаречениот проект „Скопје 2014“, но и преку неколку владино партиски акции во културата, како онаа од типот (п)откуп на уметнички дела, па на (п)откуп  на кафеански песни и игри, но и на се’ друго во културата на што можеше да се налепи некаква цена. А богами во оваа сиромаштија такви „производи“ не ни недостасува(т).

3.

Но, „Шарената револуција“ и нејзиниот ангажиран однос (и) кон малоумните испрдоци од гореспомнатиот самонаречен проект „Скопје 2014“ оваплотени низ т.н. Триумфална порта, ступидната фонтана среде центарот на градот,  лавовите на мостот „Гоце Делчев“ и други, повторно ја потенцираше „белата“  лажга со којашто не’ замајуваа – за партиското „културно“ наследство и неговите реални вредности! Впрочем, односот на младиве кон тоа наследство сосема точно и прецизно ја дефинираше таа цена, денес и за во иднина.

И некако едновремено, некој, неодамна – случајно или намерно – повторно го оживеа оној список на „уметници“ и нивните авторски хонорари за кичерајот со којшто не’ опкружија. Што е добро, зашто тие податоци не треба да се заборават. Напротив, бидејќи веќе утре можеби ќе треба да се прават нови проценки, некакви нормални (и стручни) превреднувања, за да се знае на што сме. А на што се и тие! Поточно, мислам, ако СЈО вели дека украдените пари мора да се вратат без оглед што починители се помилувани, зошто тоа не би важело и за културата? Односно, она што го гледаме како (преплатен, или пљачкосан) производ низ градов, иако ни беше сервирано како култура и уметност, не е ништо друго туку црн грабеж на народни пари. Колку и како навистина добиле уметниците (и „уметниците“) лесно ќе се утврди. Тие сами ќе кажат, како што своевремено „најголемата“ (или најскапата?) македонска скулторка се истрча дека таа одвај и да добила некоја цркавица од парите што и’ се припишуваат на хартија. (А ќе дојде време кога ќе каже и каде отишле!). И настана ука-бука во Министерството за (не)култура, преку деманти и слични будалаштини, како да сме сите мали деца и веднаш ќе им поверуваме!

Или, ако сакате, производите од „Скопје 2014“ не можат да уживаат поинаков (ниту подобар) третман од сите други далавери на бандитиве, оние од типот „Транспортер“, „Тврдина“ и другите што ќе дојдат на ред. Сето тоа е една голема кражба и ништо друго. Едните кражби се камуфлирани како транспорт на деца до училиштата, другите како изградба на автопати и попатни провизии, третите се спакувани како култура и уметност, со наводници, се разбира!

4.

Затоа и мислам дека превреднувањето на нештата допрва доаѓа, а почетниот импулс го искажаа младите од „Шарената револуција“ покажувајќи ја вистинската вредност на „проектот“ на пастирот и нивното почитување на истиот. Впрочем, вистинската вредност на целото тоа малоумие го покажа веќе самата власт и нејзините „експерти“ брзајќи да го протнат сиот тој кичерај како културно наследство. Страв од иднината? Се разбира. А забораваат дека секое такво безумно допишување веќе утре подлежи на умно бришење. Како дошло – така отишло! Или мислат дека некој ќе има грижа на совест за тоните стиропор и мермер што не е мермер ама изгледа како мермер?

А таа иднина е веќе денес, и тука. Последната вест дека Специјалното јавно обвинителство иницирало четири предистражни дејствија поврзано токму со „Скопје 2014“. Што е сосема логично ако се има предвид дека станува збор за криминал тежок преку 600 милиони евра! Или ајде да бидеме малку пофини (ако тоа некому му ја ублажува душевната болка) и да ја почитуваме презумпцијата на невиност: станува збор за сомнеж за тежок криминал вреден преку 600 милиони евра.

И ние сега можеме да шпекулираме околу што (ќе) се вртат спомнатите предистражни постапки. Но ред е на луѓето таму да им помогнеме, колку можеме и колку знаеме. Барем во некои детали, но и за целината, која што, еве повторно, сугерира сомнеж за голем криминал. И иако и во изминативе години доста пишував за оваа скапа идиотштина, не е на одмет некои нешта да се повторат во неколку наредни текстови. Можеби ќе помогнат, нели?

МАКЕДОНИЗАЦИЈА

1.

Марија Тодорова, во нејзиното ремек дело „Замислувајќи го Балканот“, некако полуналутено – полунавредено, иако многу инспиративно и елоквентно, го коментира терминот „балканизација“ како придонес на овој простор во светската историја, односно како од еден поим од чисто географска провениенција се добива (пежоративна) политичка смисла. И вели дека терминот „балканизација“ бил воведен како споредба по падот на Австро-унгарското и Руското царство, што пак најмногу потсетувало на распадот на Отоманската империја и веќе тогаш се здобил со „силна негативна конотација“.

Тодорова посочува дека терминот „балканизација“ прв пат се појавува во весникот Њу Јорк Тајмс на 20 декември 1918 година предвидувајќи „балканизација на Европа“, каде германскиот индустријалец Ратенау го употребил терминот за да ги изрази стравувањата од „речиси апокалиптичното уништување“. Тодорова вели дека најзначајно е тоа што „терминот е употребен како инструмент за заплашување“!

Се разбира, низ историјата терминот „балканизација“ ги менувал односно ги проширувал значењата: од апокалиптичната визија на Ратенау, преку дезинтеграцијата односно поделбата на мали територии (Хобсбаум), па „безнадежно измешани раси (…) назадно население (…) насилни изблици на сопствените страсти“ (П.С. Моурер), до синоним за деспотизам, убиства и атентати итн.

2.

Се разбира, Македонија, како впрочем и сите други Балкански држави, има  големи заслуги во зацврстувањето на поимот „балканизација“ во неговото подбивно, пежоративно значење. Не мислам на оваа денешна Македонија – за неа ќе стане збор подоцна – туку за онаа од Балканските војни, Првата светска војна и особено периодот помеѓу двете светски војни и налудничавите крворполевања што одат на душа на тогашната партија со светите четири букви.

Еден од најдобрите описи на поимот „балканизација“ го дава австриецот Александер Водоповец велејќи: „Балканот – тоа некогаш беше синоним за нестабилност, зачмаеност, корупција, неодговорност, лошо раководење, замаглување на овластувањата и на законските граници, и уште многу дурги нешта“. Од денешна перспектива чудно е што Водопивец употребува минато свршено време. Не верувал дека тоа „некогаш“ повторно ќе ни се врати? Мислел дека сме доволни паметни да не ги повторуваме грешките, денес?!

А сепак, денес го живееме – „активно“ до зла бога – повторниот наш придонес во европската, ако не и светската, историографска терминологија: се почестото спомнување на поимот „македонизација“ како пример за општ хаос во една држава, ако воопшто и може да стане збор за држава со сите неопходни атрибути! Цели десет години – иако некои пукнаа да ја ублажат оваа бројка – Македонија е пример дека една мафија навистина може да киднапира цела држава, дека спрегата мафија-партија-држава не е измислица на лошите криминални филмови или привилегија само на некои и од Бога заборавени ќошиња од земјинава топка, дека и највисоките државни институции од калибарот на Претседател на држава, Уставен суд, МАНУ и други можат да се (само)блокираат според диктатот на криминалците, дека цела една доброволечка административна војска, помогната од интелектуалниот „крем“ на државата навистина можат да ја суспендираат дури и демократијата, итн.

3.

И некои, очигледно, се дури и задоволни со таквите состојби. Се подготвуваат и понатаму да го ефектуираат нивниот „придонес“, дури и преку еднопартиски избори! Па ако треба и за втори, и трети. Во втората деценија на дваесет и првиот век ние се однесуваме безмалу полошо и од пред стотина години.

Терминот „македонизација“ му доаѓа нешто како онаа некогашната „да даде бог да ти ја гледаме куќата на СиЕнЕн“ од времето на ексјугословенскиот конфликт. Само што е пострашна по значење, и обем. Овде гори една цела држава, сосе народот (или барем поголемиот дел од него), Уставот и законите им служат за заебанција на криминалците и нивните пајташи. Тоа денес се означува со поимот „македонизација“, а од него се плашат дури и такви „држави“ (без навреда!) како Република Српска!

И затоа би било интересно сега да ги имаме „во живо“ сите оние главучи од некогашната организација со историските четири букви. Па да ги прашаме за мислење за овој наш најнов придонес за светската историја или за став дали да правиме избори на 5 јуни! И веднаш потоа нови, и пак нови, ако затреба. Се’ додека сите не кренат раце од нас, вакви какви што сме.

А можеби и тие ќе ја видат „Шаренава револуција“ како „антимакедонска револуција“ според „однапред доставено сценарио од странство“, како оној памфлетистон кого го нарекуваат дури и писател? Иако – се сомневам. Мислам дека дури и оние патриоти пред стотина години, со мали (иако крвави) исклучоци, беа далеку поумни од овие кои им го валкаат името. Тие имале цел, а некои средства биле неминовни!

Не дека и овие денес немаа(т) цел. Основната веќе ја исполнија: префрлија огромно, непоимливо богатство преку границите! Втората цел е исто така видлива, иако вешто маскирана за слепци како памфлетистон и останатата нивна братија: нова „балканизација“ преку „македонизација“ на регионот. И пошироко, ако се може! И како и тогаш, мораа да се замешаат „големите сили“ зашто со слепци нема разбирачка. Нивната парола „што полошо тоа подобро“ функционира цел еден век. Ама белки и странциве научија нешто?

ЗА ИНКЛУЗИВНОСТА, УШТЕ ЕДНАШ

1.

Ние можеме, се разбира, да се убедуваме до сто и едно, и назад, ама веројатно тешко ќе се разбереме. Тешко ќе се разбереме зашто едните, божем, настапуваат од христијански позиции (за фрлање некакви камења), плус демократски, а другите се демек нешто наакани да ја киднапираат за себе „Шарената револуција“, плус како првоборци (благовремено) да фатат позиции. И затоа им пречеле колаборационистите.

Се’ ми се чини дека тука има некаков друг проблем. Се’ ми изгледа дека нашиве христијани и штотуку преоблечени демократи ни пет пари не даваат за колаборационистиве чии имиња најчесто се лицитираа деновиве. Не, тие се позагрижени за себе зашто на капите им стои една (ако не повеќе) голема зелена мува говнарка, а нема кој да ја ишне. Па тие ја ишкаат самите, да не би некому му текне да спомне дека и тие до вчера беа (прилично истурен, да не речам ангажиран) дел од бандава. И плукаа по се’ што сега си го присвојуваат! Некои на време се свестија, ама тоа им дава ли за право да држат лекции? Згора што тие низ нивната христијанско демократска „загриженост“ подло ги користат оние два-тројца за свои лични цели.

2.

Можеби навистина е преуранета темата за првоборството. А всушност, не се сеќавам ни кој ја наметна? Се’ ми се чини дека, повторно, беше подметната, зашто не се сеќавам некој себеси да се нарекол така. Беше подметната од истите причини – за да се потенцира дека нема никаква разлика кој што бил и што правел, дека, ете, сите се исто бидејќи „се борат“ за иста цел и дека, нели, „карактерот на Шарената револуција е токму нејзината инклузивност и разнобојност“[1]? И дека „се потребни нови борци“!

Можеби, ама некако е очигледно дека овие не сакаат да се борат, дека се’ уште им е добро под закрилата на режимот, дека мислат дека не е баш се’ готово, а згора на се’ пастирот може да се налути и да открие и некакви пикантерии … Или, можеби, загрижениве со мувиве мислат дека треба да се спроведе некаква присилна мобилизација, да се тргне по куќи и ваквите некогашни македонски „ѕвезди“ да се вадат од домовите и да им се даваат „пушки“ в раце? Дури и спротивно на нивната воља? Зашто – еднаш веќе беше речено – кој им брани да се приклучат? Или овие со мувиве мислат дека тие ќе дадат подобар легитимитет на народниот гнев од масата народ што секојдневно се движи низ македонските улици? Да не ги преценува малку, и малку повеќе, или и себеси се гледаат како такви – толку важни за овој историски миг? Иако и за нив стои истото прашање: а што правевте вие до вчера? И со кое право пак тие нешто сакаат, или не сакаат?

Згора на се’, овие со мувиве сакале, богати, во „Шарената револуција“ да ги видат и пратениците од криминалнава банда – токму оние кои десет години се прават луди и креваат рака наспроти здравиот разум? Зошто им се пак тие? За полесно да се сокријат во таквото мноштво? А ќе ги прашаат ли оние кои беа приведувани на информативни разговори, оние кои заработија притвор или оние кои ќе треба да ја надоместуваат заедничката штета, дали и тие би сакале да гледаат меѓу себе баш секакви бараби? Особено такви?

И кој утре, и со какво право ќе им забрани и на сите аболирани да излезат на улица и да протестираат – против себе? И зошто и Хорхе не би излегол да протестира против неговата аболиција? Нема ли и тоа да биде придонес кон  инклузивноста на „Шарената револуција“? А ГДОМовци, зарем тие не се луѓе, македонци? Па ако тргнало кон некаква бурлеска, нека биде барем добра!

3.

И уште, зошто народниов гнев би бил посилен, поуспешен, полегитимен, ако меѓу протестантите се вклучат и пет-шестмина, нека се и десет, од ѕвездиве кои десет години молчат и цицаат? Што се добива со нив? И нема ли целиот отпор да испадне баш смешен, да се престори во својата спротивност ако оние „од национален калибар“, кои со години го легитимираа режимот пред светската јавност, сега се појават како негови опоненти? Нема ли луѓето да помислат дека станува збор за уште една македонска заебанција, баш како што мислеа кога и овие со мувите говнарки на капите се приклучија? Од немајкаде, ама ете!? Или овој навистина мисли дека некој му верува дека  „се покајал“?

Ако на ваквиот народен гнев навистина му се потребни токму пет-шестмина, нека се и десет, онакви „од национален калибар“, ако без нив навистина не се може, тогаш станува збор за однапред загубена работа. А ако некој со такво потценување гледа – а гледа – кон тие илјадници луѓе по улиците, тогаш и не заслужил да чекори со нив. И уште да соли памет. Иако, всушност, јасно е како бел ден зошто е / се таму, сосе мувите, зунзари.

Но, најдолното, најподлото подметнување коешто, патем, јасно покажува дека ним воопшто и не им е грижа за оние „од национален калибар“ туку дека тие им служат само како параван, е (повторно христијанското) дека „нема невини“. Што ќе рече дека сите сме исти говна како нив, дека сите исто шурувавме со режимот, кој повеќе кој помалку, дека со микрофоните на уста го лажевме овој народ за божемните исправни политики на барабиве и придонесовме, барем делумно, во безочното раскрчмување на државните пари!

Можеби такви има многу, дури верувам дека ги има. Сигурен сум и дека многумина такви веќе се инфилтрирани – или се подготвуваат, а овие им спремаат терен. Меѓутоа, верувам и дека најголемиот дел од оние што маршираат се токму невини, тоа можам да го кажам и за себе и за многумина што ги познавам. Затоа и мислам дека ваквите подметнувања од мувиве гомнарки е само обид нештата да се релативизираат, да се изедначат и џелатите и жртвите, да се воведе посакуваната урамниловка и утре сите да си продолжат, среќни и весели.

Не знам, белки нема да им успее, барем овојпат!

[1] Зоран Димитровски, Првоборците и револуцијата, Фокус, бр. 1075, 13 мај 2016

ОПШТЕСТВЕНА НЕОДГОВОРНОСТ

1.

На Черчил му се припишува умната сентенца дека „живеачката ја правиме со она што го добиваме, но животот го правиме преку она што го даваме“. И оваа мудрост веќе одамна е мото во деловната култура на сите сериозни компании во светот, без оглед на полето на нивната работа. Тој сегмент вообичаено се нарекува „општествена одговорност“ – некаде и „корпоративна општествена одговорност“ – и главно упатува на стратешката цел на компанијата да и’ служи и на пошироката општествена заедница, а не само на множењето на профитот односно капиталот. Тоа од пред неколку години почна да се појавува и во портфолијата на некои (поголеми) македонски компании. Не кај сите.

И низ таа нивна „општествена одговорност“ главно се гледа грижата на компанијата за суштествените проблеми на заедницата, нивните напори (преку финансиски вложувања, донации и спонзорства) за унапредување на развојот на заедницата каде делуваат и, во крајна линија, сето тоа испраќа порака до потрошувачот дека тие не се заинтересирани само и единствено да ги земат нашите пари туку нешто и да вратат во името на поширокиот интерес. И тие обично го прават тоа низ помагање на проекти во заштитата на животната средина, во културата и образованието, во здравството итн. (Иако долги години кај нас под општествена одговорност се промовираа и сите спонзорства на фолк „ѕвездите“, на поп пеачите и слични глупости). И главно има еден битен принцип: колку поголема (читај: побогата) компанија, толку поголема општествена одговорност. И уште еден: државните компании имаат најголема општествена одговорност!

2.

Во Британија, на пример, одамна е востановена наградата „Награда за одговорен бизнис“ и се доделува секоја години на угледни фирми кои постигнале најмногу на полето на општествената одговорност. За оваа 2016 година номинирани се фирмата за брза пошта „УПС“ за нивната програма за помош на подрачја настрадани од природни катастрофи, компанијата „Унипарт“ за помошта на млади таленти итн. Или, на пример, компанијата „Филипс“ од Холандија, горделиво ја потенцира нивната програма за помош на заедницата преку специфични програми: 100 светлечки центри во Африка и Јужна Америка, опремени со најнова соларна лед технологија, за заедници во кои што нема електрична енергија; програма „Жените на Африка“, каде што се обезбедува основна здравствена заштита за 500 милиони жени на овој континент, итн.

Пресликајте го сега овој принцип на нашана (државна) компанија ЕЛЕМ илити „Електрани на Македонија“ и нивниот актуелен (благо речено) налудничав „проект“ наречен „Рајски парк“, којшто божем ќе бил најголем парк во Скопје, со разновидна вегетација и животни, а треба да се гради во скопската населба „Аеродром“ и да чини неверојатни 15 милиони евра! Зошто, и кому ова му треба? И дали компанијата извршила некакво прелиминарно истражување на желбите / потребите на жителите на населбата Аеродром, и колку проценти од нив се определиле токму за ваква будалаштина без којашто не можат да живеат? И со што, односно како оваа малоумност ќе им го подобри животот на луѓето таму? Ако добро паметам, Аеродром нема ниту еден културен објект, нема ни кино, мислам дека нема ниту библиотека, за музеј или нешто слично да не правиме муабет? Има крстови, да, до таа лекција стигнале општинарите. И има некакви смешни црквички за џуџиња, ама нешто за културата – нема! И не ли им треба? Барем едно пристојно, современо кино? Тоа веројатно не би чинело толку многу пари?! Или дом на културата?

3.

Компанијата ЕЛЕМ се фали: „Ние општествената одговорност ја сфаќаме како традиција и ќе продолжиме да помагаме бидејќи тоа е наш интерес и наша долгорочна цел“. Добро, ама кој им барал баш ваква „помош“? И кога, и каде била истата искажана? Баш таква, со срни, фазани, пауни, пони коњчиња, мајмуни и други животни и разни видови птици, коњи со пајтони и сите други идиотлуци што може да ги смисли некаков налудничав ум?

И има ли некој од тој нивни фамозен Управен одбор да излезе и да ја образложи оваа идиотштина? И да каже зошто тие седуммина седнати во тоа тело мислат дека токму за ова треба да поарчат толку државни пари? И ако им е толку мерак да се шетаат меѓу срни, фазани и пауни, зошто не си ги купат со лични пари? Веројатно имаат добри плати и други надоместоци во една од најбогатите македонски (државни) компании!

И нема ли навистина никакво компетентно државно тело / институција која што може да сопре седум будали да се заебаваат како што сакаат со државни пари? Ако тие нешто му должат (на пример – за личните позициии) на „лидеро“ и неговите налудничави идеи за нашето „добро“, нека си го враќаат долгот со нивни а не со наши пари.

ЗБОРОТ ШТО НЕДОСТАСУВА

или

НАРОДЕН ГНЕВ (13)

34.

Да, можеби се потрошија премногу зборови за ништо. Дури и навредливи зборови што во случајов немаа(т) никаква функција зашто, прво, работата не е за навреди, и второ, и така нема кој да ги чуе. Глувиот останува глув, глупиот – глуп. И мисли дека и во овие мигови треба да се солидаризира со газдите, ако не со друго тогаш барем со споредбите од типот на космодиск. И изгледа дека таа направа навистина функционира!? Овие сите ја провериле, богати!

Но, иако барем кај мене беше неколку пати спомнуван, еден збор остана недоволно потенциран. Тоа е зборот чест, кој низ перото на проф. Малески[1] го добива вистинското место, но и значење. Односно, правејќи паралели помеѓу употребата на поимот кај Франческо Џуикардини (пријател и критичар на Макијавели) и славниот Џејкоб Буркхарт, Малески суптилно ни го соопштува главниот проблем: отсуството на чест! Односно, ако Џуикардини сметал дека само „честа како морална сила е најсилното оружје против злото на неморалноста“, а Буркхарт пак тврдел дека чувството на чест „… може да коегзистира со многу себичност и со големи пороци и може да биде жртва на запрепастувачки илузии, а сепак, сите доблесни елементи кои останале во уништениот карактер, можат да се соберат околу овој извор и да црпат нова сила… “, мислам дека тоа прилично точно погаѓа во целта на нашава актуелна ситуација. Или, ако сакате, ја соголува целата (често јалова) дискусија и непотребни докажувања на најбитната супстанца: честа. Или ја има, или – ја нема. Тука трето нема и тие можат да се пењават до сто и едно, и назад, да си стават и три пара космодиск и сите собрани и избрани дела, филмови и музики, песни и танци на куп … честа со тоа не се надоместува!

35.

Никогаш не сум мислел, ниту сум кажал, дека Македонија нема, или немала, творци и интелектуалци од (барем) европски ранг. И дела, се разбира. И тука не палат подметнувањата од „професоркана“ која живи жаби блуе што не е во центарот на настаните, на која што сенешто и фали кога таа не е алфа женката (а како и би можела да биде?), ама затоа солидно се навикнува на оној кичерај низ центарот на градот врз којшто, ете, некои си правеле „пеинтболс забави“. И тие да не ти биле народ, оние другине да ти биле „отуѓен и професионализиран граѓански сектор“, а минатогодишните протести да ти биле „караоке-шоу и пеење пада влада“[2]! Каков „интелектуален“ простаклук! Ем долетува ко кокошкана во „Фчерашни новости“, ем научила три имиња од македонската култура и дели лекции. А  ако оние стигнаа вакви да ги бранат и да ни посочуваат на нивните вредности, тоа е сепак нивни проблем!

Зборот ми е: ние тука не говориме за вредности / дела, не говориме за тоа кој и со што ја задолжил оваа држава. И колку. Иако може и за тоа да се разговара, на пример за добивањето национални пензии на педесет годишна возраст, за титули амбасадори (па некка се и културни!), но тоа во некоја друга прилика. Овде говориме за она основното кај човекот, особено кај интелектуалецот, говориме за – честа. Ја имаш или ја немаш, застануваш на страната на правото и правдата или на страната на режимот и бандата, умееш да го одделиш доброто од злото, позитивното од негативното … или не. И тука не помагаат никакви флоскули од типот „тој за државата направи тоа и тоа“. Сиот минат труд, сето направено стои и тоа никој не го чепка. Ама ја чепка совеста, честа, образот, па и кичмата, без оглед дали користи космодиск или не. А и тој не верувам дека многу помага. Ене, што не му помогна на неговион „изумител“ на Водно? Ни три чифта не го исправаат!

Можеби дотичниве, па и „кокошкана“, сметаат дека тоа е застарена вредност, нешто што совремиево го избришало од регистарот на човечки квалитети и го заменило со клиентелизам, или подлизурство. А можеби мислат дека таа човечка одлика умрела со партизаните? Па денес е на цена нешто ново, нешто според новиот „систем на вредности“ на оној consigliere на аболитичарот и иден амбасадор? А сепак, сиот оној народ, „шарен“ и сплотен, секојдневно докажува дека таа вредност кај нас се’ уште опстојува!

36.

Затоа, зборот што недостасува е токму зборот чест. Сега и тука, вчера и денес, и само низ таа призма деновиве се ценат луѓето. За среќа, или (некому) за жал! Зашто низ тие секојдневни поворки – оние кои онаа не ги смета за народ – секој поединец, без оглед на образованието, делата, полот итн., гордо ја носи својата чест. Она нешто кое што космодисковите не можат да го надоместат, уште помалку да го исправат. Меѓу нив се провлекува и по некој „црн“, но тоа и не е толку важно. Нека ги има и нив. Што помалку тоа подобро. Но овие веќе не се ни црни, не се ни сиви, овие се тотално безлични, безчесни, безобразни … А нивните дела ќе останат, се разбира, и без „тешката артилерија“ од калибарот на Ахил и Хектор, на Херострат, Расел и компанија. Тие најмалку им помагаат. Напротив, само ги прават уште помали!

Затоа, срамот не е од нивните дела, туку токму од нивните недела и нивната нечесност. Кон себеси и кон македонската култура!

[1] Денко Малески, Чувството на чест, Плусинфо, 09 мај 2016

[2] Билјана Ванковска, Молкот на народот, Нова Македонија, 09 мај 2016

СЕ ПОТРОШИЈА И ОБРАЗИТЕ

или

НАРОДЕН ГНЕВ (12)

31.

Се разбира дека никој не може некому да му ја забрани личната перцепција на нештата, дури и на овие историски кај нас случувања, па и на „проблемот“ на домашните квислинзи. (Иако тука и не гледам некаков реален проблем, но тоа е мој проблем!). Секој, согласно личните мотиви и разбирања на моралот (пред се’ друго), ќе ја толкува клиентелистичката позиција (инаку сосема јасна) на многумина во македонската култура и нивната улога во легитимирањето на режимот и злосторствата (овој пат говорам за културните злосторства) на бандата. Претпоставувам дека на крај памет не му е некому да им држи лекции на поединци, сериозно навлезени во возрасни години но сепак со пубертетски „дилеми“, за должноста на интелектуалецот, за неговата (не)морална димензија и слично. Секој со своето, што би рекле!

Но, деновиве кај еднa ФБ пријателka се појави краткиот напис (со фотографија) насловен „Премиерот Груевски ја презентира својата книга пред академиците“, објавен во Утрински весник, на 5 ноември 2007 година! И повторно ни го враќа во сеќавањата тој срамен миг на поклонување на званично најпаметната македонска институција пред првата книга на еден премиер! Можеби и некој од овие кои сега умуваат биле на промоцијата, дури и чекале во редот за потпис, со посвета? Или, ако овој настан им е премногу стресен, можат да се потсетат на неодамнешните случувања во „златниот театар“ и доделувањата на премиеровите награди на видни книжевници. И лигавењата на некои од нашиве „заслужни“? Можеби некои од овие кои сега умуваат биле „на лице место“? И сега тоа ги глочка како кол?

32.

Но, да речеме дека ни тоа не е битно. На многумина им требаше цела една деценија да видат каде им се наоѓа денес земјата, што всушност се случувало низ овие десет години „преродба“, а „бомбите“ на опозицијата ги освестија со кого си имале работа. И од кого чекале потпис, со посвета. Или можеби уште не им е јасно?

Како и да е’, проблемот со нашиве квислинзи не е ни мал, ниту е беззначаен. Но не е мал, ниту е беззначаен ни народниот гнев упатен кон нив! Ниту пак на преостанатата академска заедница, колку и да е мала. А не се мали богами ни парите поарчени за повеќегодишните аздисувања на клиентиве кои, сега, треба да добијат пардон зашто биле нешто многу заслужни! Иако, како што потенцира Геровски, „Па кој им забранил на Милчо, на Венко, на Влатко и на другите да дојдат на барикадите? Кој ги оспорува нивните дела? Кој му забранил на Милчо да направи еден спот за протестите? Кој му забранил на Венко да говори против режимот, а на Влатко да ни отсвири една бунтовна песна?“! И зошто воопшто им се потребни дрвени адвокати? И зошто дрвените адвокати мислат дека треба да ги бранат или не дај боже спасуваат од револтот на колегите, но и народот? Или навистина мислат дека и овде, и овој пат, треба да функционира онаа христијанската за другиот образ? И до кога? Нели веќе се потрошија и образите низ оваа мрачна деценија?

Или, ако баш сакате, многу почесно и поотворено беше епохалното демонстрирање на дел од режимските „културњаци“ против опозицијата, соќеманињата и тарабуки по скопските улици, отколку одглумената незаинтересираност или божемна неутралност, ама со двете раце во златното грне!

33.

Дрвените адвокати, дури и неповикани, ќе беа во право ако македонскава клиентелистичка интелигенција покажеше макар мала, минорна желба за пресврт, макар скромна подготвеност барем да замолчи и искрено да се приклучи кон народниот гнев. Дури и фингирано, да не речам лажно, дури и да одглуми. Па луѓе божји, среде најжестоките протести, оној дојде дури од Кентербери да ни држи предавања за балканските стереотипи! А зошто не за стереотипите во балканските диктатури, кога веќе студентите маршираа низ скопските улици!? Е сега, учеството во „Шарената револуција“  не се хонорира и можеби (и) тоа е еден од проблемите за нивното апстинирање.

Оттука, можеби арчиме премногу зборови и време за „шака јада“, за луѓе кои тоа не го заслужуваат и кои одамна одбрале страна. Не мислам дека тоа е страната на злото, зашто нив такви страни не можат да ги привлечат, едноставно не ги интересираат. Тие немаат такви мерки, уште помалку имаат осет за моралната димензија на професијата, на постоењето. Единствената мерка е мерката на парите, а ова сенародно движење тоа (се’ уште) не го нуди. И прашање е дали во блиска иднина ќе може да го понуди. А кога ќе може – без гајле, тие ќе бидат тука, ќе се вратат како што и заминаа, како ништо да не се случило. И, за жал, ние ќе ги прифатиме, повторно ќе им го свртиме и другиот образ. А тие пак ќе плукаат! Зашто ние не сме Норвежани па топтан да им ги вратиме книгите, филмовите, песните … А „гусларите“ (авторство Фрчковски) ќе гуслаат – онака споро, здодевно, нервирачки, баш по црногорски – тоа им е работа. А ќе се види и за која цена!