Monthly Archives: February 2022

ВОЈНА

Нема праведни војни, тоа е чиста лага. Освен, можеби, одбранбените и ослободителните војни. А сепак, Русија ја смета и оваа инвазија врз Украина за – одбранбена војна! Дали тоа ги оправдува, пред себе и пред другите? Од друга страна, што се граѓанските војни? На пример Американската граѓанска војна 1861-1865 година, Русија 1917-1923, Шпанија 1936-1939 година… итн.? Како нив би ги карактеризирале од тој „праведен“ аспект? Секоја војна, без оглед на карактерот, на крајот резултира со – човечки жртви и уништување на материјални добра. Оттука, овој аспект е најубиствениот, аспект што не дозволува да се поведувате по „карактеризации“. А сепак, каде ќе бевме ние во 1945 година ако не беше Народноослободителната војна? Тешки прашања, се разбира, прашања на коишто најчесто нема рационален одговор.

Или, како денес ќе разликувате која војна е праведна или неправедна, одбранбена или ослободителна… покрај оваа специјална медиумска војна? Пред некој ден Ивор Мицковски ја повтори најноторната вистина во вакви ситуации: кога ќе почне војната, умира секоја вистина! И таа вистина ја гледавме толку пати во „врвните“ медиуми од калибарот на CNN, BBC, New York Times… итн., почнувајќи од онаа фамозна сапунска опера викана War on Terror (започната и долго водена токму од посочените „медиуми“), па Сирија, претходно Либан, Палестина… ги има премногу. Ова што се случува денес во Украина делумно е (повторно) резултат и на таквите пропаганди. Човекот едноставно не сака да научи, уште помалку сака да се откаже од доминантно најомилената „активност“ низ историјата на цивилизацијата – војната. Ја злоупотребува за секакви цели: освојувачки, империјалистички, религиски, етнички, одмазнички, истребувачки, хазардерски, стратегиски, тактички, одбранбени, ослободителни (или „одбранбени“ и „ослободителни“!), со секогаш ист краен резултат – насилство, уништување, страдања, неброени човечки жртви.

Многумина мислат дека во уметноста може да се најде дел, макар делче, од вистината за војните, кои и да се и какви и да се. Но не е така – и уметноста многу често е подложна на злоупотреба во пропагандни цели и специјални војни. Многупати сме го гледале тоа. Сетете се само на нацистичката уметност во Германија, филмовите на Рифентштал и др. Впрочем, и советската уметност веднаш по Револуцијата во 1917 често има сличен пропагандно-агитаторски призвук. Ама има и естетика, за разлика од нацистичкиот кич!

Како и да ѐ, Пикасо е сепак друга приказна, а особено неговата Герника – дело што (о)стана симбол на страдањето и ужасите на војната. Многумина ја сметаат за вистинска икона на модерната уметност, Мона Лиза на денешницата. Герника (1937, масло на платно, 3.49х7.77 м., Мадрид) е монументално дело во секој поглед, неповторлив уметнички запис како творечка и интелектуална реакција на уништувањето на гратчето Герника од ескадрилите на Луфтвафе во времето на граѓанската војна во Шпанија, за потоа да стане величествена парадигма за катастрофичноста на секоја војна. Зошто е тоа така, зошто светот најчесто посегнува по ова дело како „илустрација“ за стравотиите на војната? Не само затоа што Пабло Пикасо објективно е еден од најголемите светски уметници (не само на 20-от век), туку и затоа што „наративот“ и симболиката на сликата не се занимаваат со приказните „кој прв почна“ или со идентификацијата на силите на злото и силите на доброто (иако тие се познати, нели), со „амблемите“ на револуцијата и контрареволуцијата… итн. Сликата не навива туку сведочи, таа „говори“ за ужасот и хаосот како последици од секоја војна, не само од граѓанската војна во Шпанија. Пикасо не бил во Шпанија во времето на граѓанската војна, ниту бил во Герника за време на бомбардирањето на гратчето. Неговото „знаење“ за масакрот во Герника било од „втора рака“, прераскажано прво во извештаите на журналистот George Steer – директен сведок на бомбардирањето – и на исказите на други сведоци. Впрочем, не случајно Пикасо се смета за родоначалник на модерната уметност.

Инаку, многу книги, есеи и тези се напишани за Герника, секоја интересна на свој начин, осветлувајќи одделни важни сегменти за разбирањето на комплексноста на целото дело. На пример, често се потенцира дека бикот и коњот се многу чести симболи во Шпанската уметност, па заради тоа користени и од страна на Пикасо. Впрочем, познато е дека уметникот во неговото ателје имал голема маска на бик, па следствено некои го поставуваат и прашањето: дали бикот е всушност самиот Пикасо? Но, на пример, има толкување и дека бикот всушност ја симболизира Франковата фашистичка Шпанија, па дека бикот и коњот го претставуваат судирот на доброто и злото итн. Историчарката на уметноста Patricia Failing сепак вели: „Their relationship is a kind of ballet that was conceived in a variety of ways throughout Picasso’s career.” Самиот Пикасо никогаш целосно не ги потврдил овие претпоставки, дури напротив. Позната е имено неговата изјава: „… бикот е бик а коњот е коњ… ако им давате значење на одредени нешта во моите слики тоа може да биде многу точно, но јас немам идеја да им давам такви значења… Јас ја сликам сликата заради сликата. Јас ги сликам предметите заради тоа што тие претставуваат.“ Но, уметникот никогаш не го негирал антивоеното чувство во сликата: „My whole life as an artist has been nothing more than a continuous struggle against reaction and the death of art. In the picture I am painting — which I shall call Guernica — I am expressing my horror of the military caste which is now plundering Spain into an ocean of misery and death.“

Се разбира, Герника не е единственото современо антивоено уметничко дело. Бројни се уметниците кои искажувале силен протест против војната и военото насилство, почнувајќи од Keith Haring, Annette Lemieux, Donald Moffett, Carol Summers, Peter Kennard, Марина Абрамовиќ… и многу други. Денес, секако еден од најпознатите, но и најтаинствените, е Банкси – „уличниот“ уметник и неговите моќни антивоени пораки. А сепак, Герника некако остана амблематично антивоено дело, претстава на бруталната „кореографија“ на војната и уништувањето што таа го носи со себе.

Но, има уште еден интересен контекст што сакам да го спомнам во врска со ова дело. Желбата на уметникот била сликата да не влезе во Шпанија додека фашистичкиот генералисимус Франко е жив. Таа желба на Пикасо била почитувана и Герника е превземена во Шпанија во 1981 година и е сместена во Националниот музеј на кралицата Софија во Мадрид. И тоа отсекогаш ме чудело: зошто не токму во Герника, баскиското гратче на кое делото му било посветено? Денес Герника е современо гратче – кој може треба задолжително да го посети – со историскиот прв Баскиски парламент, со познатото Дрво на Герника итн. Герника е апсолутно способна да се грижи за едно такво дело како истоимената слика на Пикасо, па зошто тогаш треба да се наоѓа во – Мадрид?!    

ФАТИ ГО ДЕНОТ

За да не биде онака како што завршив минатиот пат, односно да се чудиме кога некој од актуелниве политиканти, самопрогласени „теоретичари“ и „стручњаци“ некогаш ќе се сети на културата и ќе почне да ламентира за нејзината важност во општеството, ќе прашам: кога последен пат сме имале сериозна расправа за македонската културна политика и дали воопшто имаме нешто што може така да се нарече? Безмалу никогаш, иако во времето на подготовката на онаа веќе одамна заборавена Национална стратегија за развој на културата во периодот 2018-2022 година, беа организирани повеќе расправи низ државата, но главно за целите и задачите на таа Стратегија со (главно) ограничен радиус, во едно специфично време по падот на заробената држава/култура. Но тоа беше друго време, други услови, беа неопходни релативно краткорочни решенија и насоки, а не „филозофии“. Едновремено, за жал, многу бргу се покажа и дека ни „новото општество“ односно новата власт не беа баш така пријателски расположени кон културата и нејзините барања за суштински промени, односно и од таа Стратегија, во реалноста, не остана ништо. И чија, впрочем, била должноста да иницира такви – ако треба и жестоко полемички – расправи за културата, за соодветноста на овој „модел“(ако сегашнава лакрдија воопшто може да се нарече модел?!) што денес (но и цели три децении) го живееме, за нејзиниот актуелен миг и перспективи…? Чија задача било тоа ако не на државата олицетворена во Министерството за култура, министерот за култура, собраниската комисија за култура, оние бројни таканаречени невладини организации од областа на културата така грчевито закачени за државниот културен буџет… чија? И зошто впрочем таа самопрогласена „независна културна сцена“ (инаку во ништо поразлична од остатокот на културната властелинска клиентела) и нејзините „културолози“ и „теоретичар(к)и“ цели пет години молчат за секојдневното упропастување на македонската култура? А беа онака гласни во времето на заробената држава, кога некоја друга „независна сцена“ профитираше? И зошто барем некој од нив не иницирал сеопфатни аналитички расправи за тој наш фамозен „културен модел“ од сите аспекти: каков културен модел е најсоодветен за оваа држава, добри и лоши страни, кому и како му одговара ваквата распределба на средствата во културата, какви се резултатите од истата и какви се компаративните европски искуства во тој поглед, итн.? Или барем „да гукнат“ за резултатите од последниов конкурс на Министерството? За жал, се покажува, дефинитивно, дека и таа „сцена“ останува заробена во нашиот/нивниот „одраз на раскршените огледала на политичкото“, се огледа самата во себе и во материјализираниот миг „seize the day“. Нивното самобендисано „критичко промислување“ останува за жал на рамништето на стерилното, декларативното, провинциското… заробено токму во она против што мислат дека се борат – „травестирани популизми, политички и уметнички процедурални бирократизми и центрирани ’демократско-граѓански’ авторитаризми“. Апсолутно идентичен е и жабурникот на македонската медиумска сцена, онаа во која поимот култура е изгонет збор или препуштен на дилетанти кои во него гледаат шанса за себепромоција. Сите според паролата – фати го денот односно буџетот!

Следствено, во едно такво генерално некултурно опкружување, речиси е илузорно да очекувате општествен/државен фокус врз културата. Но, треба ли тоа да значи и дека професионалците во културата, во сите области подеднакво, смеат да ја препуштат културата на забот на (не)времето и на коекакви шалабајзери накитени со „независни“ ордени? А всушност, токму тоа ни се случува, пред очи, како на филмска лента се урнисува цела една македонска културна сцена градена со децении, па и векови, се распаѓа не само бесценетото културно наследство туку сѐ што има некаква културна/уметничка вредност. Оттука, делувањето на професионалците е од особена важност во повеќе насоки: и како генерална критика на постојната ситуација и/или одделни примери, но и како упатство/укажување за неопходноста на менувањето на матриците на однесувањето во посакувана насока. Лелекот по загубените илузии, по потрошеното време за ништо, нема да даде резултат! Или – повторно ќе го даде денешниот (поразителен) резултат.           

На крај памет не ми паѓа да кажам дека дефинирањето на соодветна културна политика на една држава, особено од неук и игнорантскиот тип како Македонија каде сите се стручњаци за сѐ, е лесна задача. Напротив. Имајќи ја предвид широчината на поимот култура и сите нејзини специфики, дури и самиот поим на јавна културна политика е прилично магловит, тешко објаснив, навидум неконзистентен во самата негова суштина. Но сепак, да се изразам „пазарно“: мора да одберете „производ“, поточно модел, за којшто мислите дека може да биде најфункционален во дадените услови. Или, дури, да фаворизирате структура за којашто сте убедени дека по неколку години – но не децении – би вродила плод, ќе даде некаков резултат, а државата ќе може да каже: ете тоа е производ на актуелната македонска културна политика! За жал, ние – поточно власта, која и да ѐ и каква и да ѐ – нема ама баш никаква идеја што и како сака во културата. Освен дека сака сѐ да остане исто! А таква и никаква друга идеја за културата во Македонија имаат и оние извиканине самобендисани „теоретичар(к)и“, чии флоскули дека, ете, „мора да се дејствува“ (но цели пет години „дејствуваат“ само во своја полза), дека мора „да се понесе секој товар“ (иако тие и такви ликови главно „носат“ материјализирани клиентелистички товари)… итн., служат само како поза за јавноста. Таквите и слични „критички“ перцепции – ако воопшто луѓево имат претстава што тоа во стварноста значи – не само што не помагаат на македонската култура, туку токму тие, денес, особено денес, се трансформираат во нов одбранбен ѕид пред можноста за реформи, делувајќи токму во насоката на оној привид дека овде нешто се случува, дека тука некој нешто прави, дека ние создаваме (демократска) култура и др.

Или, ако сакате, ако во една држава, па нека е мала и како Македонија, или особено заради тоа што е мала како Македонија, ако во културата немате доволен број конзерватори, ако немате квалитетни историчари на уметноста или драматурзи, уште помалку имате списанија и критика; ако во здравството немате педијатри, ако во дипломатијата имате келнери, поштари и презентерки што глумат дипломати, а општествените науки – особено историските, на пример – ви се на рамништето на 19-от век; ако надлежните со години ги игнорираат укажувањата дека во државата има дефицит од македонисти; ако секоја умислена персона не само што се самодефинира како квалитет туку и владејачката партија тоа го наметнува како модел… тогаш во таа и таква држава вие немате култура, немате наука, немате образование… немате ни политика во тие области туку имате само политикантство, и ни запирка повеќе од тоа! Културата, но де факто и целата држава, останаа не само без огледало во коешто би си го виделе грдото лице, туку и без глас кој барем би им дошепнал колку се грди, неуки и неспособни!

ГЛАСНОСТА КАКО ПРОФЕСИОНАЛНА ОБВРСКА

Поединецот дефинитивно може со сопствениот пример да укаже на неопходноста од менувањето на дадена општествена матрица, да побара поткренување на стандардите и нормите на однесувањето во општеството, но ја нема превратничката сила на промената. Таа, промената, доаѓа со нивелацијата на свеста на мнозинството за потребата од менување на матриците, на ситуациите и наметнатите – од поединци или групи (партии) – шаблони во јавниот, политичкиот, културниот… живот. Под мнозинство тука не го подразбирам вообичаеното просто гласачко мнозинство 50%+1, тој процент не е строго зададен, барем не во почетокот, но сепак свеста за потребата од нови матрици мора да биде поддржана од групи – невладини или стручни здруженија, па и партии, помали или поголеми – чија бројност секако ќе додаде гласност на поставената цел. Впрочем, така во светот, па и кај нас, беше „протуркана“ т.н. зелена свест односно ултимативниот миг за започнување на борбата за спас на планетата Земја!

Но, она со што ние се среќаваме денес е речиси обратен процес: кај нас влијателни групи и политички партии, силно поддржани од клиентелистички невладини и струкови организации, наметнуваат привид на демократија, благосостојба и соживот, на имагинарни задоволни граѓани и функционални институции, промовирајќи идеја за неменување и статус кво за состојбите во општеството. Таквиот симулакрум е плански поткрепен од одделни медиуми и медиумски личности, од грст самопрогласени „аналитичари“ и „експерти“ за сѐ и сешто, кои сеат магла и фингирано задоволство од состојбите во општеството, па дури и страв од некакво непознато утре ако некој се осмели да ја менува нивната заработена сегашност. Божем самиот ѓавол чека позади вратата што би се отворила за демократски трансформации во државата! Во еден таков силно наметнат страв односно недоверба во можниот квалитет на промените, кај поединецот систематски се подрива (да не речам убива) желбата за отпор и вербата во самата смисла на менувањето на општеството. Затоа денес, пет години по „Шарената револуција“, кај нас не само што нема идеја за борба туку таа се претопила во бесмисла и недоверба во каков и да е напор за промена. Комплетниот систем како да функционира во празен од, сите главни општествени карики се строго контролирани, а одделни сегментарни пројави на критика најчесто се задушени уште во самиот старт од за тоа обучените партиски кербери! Во таква атмосфера на манипулација и лажен сјај општеството како да чека некој друг да му ги реши проблемите.

Состојбите во македонската култура се безмалу нагледен пример за сето погоре кажано. Еуфоричноста на 2016/2017 година спласна толку бргу што почнавме да се преиспитуваме дали воопшто и постоеше некаква надеж за пресврт или и тоа беше само наш отсонуван сон. Вообичаената молчаливост на македонскиот уметник и културен работник како „ново нормално“ за македонската култура во последниве петнаесетина години, ги одживеа во тие две години своите „пет минути“ – иако и тогаш низ гласот само на малкумина посмели – за да повторно, сега со поголема жестина и манифестиран страв, се врати во вообичаената безбедна кожурка на очекување на некакво чудо. А такви чуда, како што потенцирав неколку пати порано, веќе не се случуваат. Денес веќе не знаеме што е тоа што би ја покренало македонската култура да дејствува во насоката на одбрана на свото право на постоење и рамноправност во ова општество, на правото на стручност и компетентност, на правото на слобода на изразот… Што сѐ не ѝ поминува прекуглава, какви сѐ протуви и аналфабети не ѝ поттури политиката за министри и други државни „стручњаци“, колку милиони денари и евра се одлеаа во џебовите на партиски уличари и клиенти преку оние годишни „конкурси“… што сѐ успеа да упропасти оваа македонска политикантска мафија во областа на културното наследство, во филмот, во уметноста… А културата – молчеше! Молчеше дури и на онакви провинциски дилетанти како претходнана министерка кои ја вежбаа својата ароганција и самобендисаност врз неа, на оние кои ја дисциплинираа забранувајќи филмови или самоволно спроведувајќи „политики“, немаше забелешки ни за сите партиски полуписмени директори кои ја командуваа и ја уназадуваа… итн. 

Иако ја земам за пример македонската култура, ситуацијата е иста или слична во сите сегменти на општествениот систем. Актуелните игри околу македонските конзули во САД и гласниот молк на македонската дипломатија во врска со тоа се само уште еден пример. Или ситуацијата со пандемијата и неверојатниот процент на смртност кај нас, или општото замешателство со „преговорите“ со Бугарија, „толкувањата“ на историјата – поблиска или подалечна, и слично. Говорам за македонската култура и за состојбите во истата како огледало за целото општество бидејќи, прво, ми е блиска како област, и второ – културата секогаш била репер за нештата во државава. И трето, верувам дека менувањето на закостените анахрони општествени матрици може и треба да започне со поединецот – секој во својот домен односно експертиза, во битката за некои други стручни, политички и општествени стандарди. И не мислам дека тие битки се лесни. Но тие се, покрај другото, и професионална обврска на поединецот. Зашто, инаку, која е смислата на стручноста и компетентноста на поединецот во една област ако не и заложбата за унапредување на стандардите на професијата? Или и тоа треба да го препуштиме на партиските дилетанти и самопрогласени експерти, како и сѐ друго во државава? Што тогаш останува од нашиот морал, од нашата професионална етика и однесување ако секоја будала има право да ни попува за културата и уметноста? И колкумина такви ни поминаа прекуглава во изминативе три децении мафтајќи со нивните партиски книшки наместо со дипломите?

Ако пак личниот придонес на секој професионалец во културата/уметноста е речиси секојдневно присутен во јавноста, на еден или на друг начин, зарем тоа не ќе произведе нова општествена ситуација, нова мотивација барем кај помладите колеги? Ако во мозаикот на новата општествена матрица секој професионалец барем се обиде да го вгради своето камче, толку колку може, зарем тоа нема да ја смени и сликата за целото општество? Не е ли крајно време оваа држава да покаже дека сепак има некаков интелектуален потенцијал, дека има стручни и компетентни поединци кои можат да предложат нови општествени концепти/матрици во дадени области со што конечно и оваа држава ќе влезе во 21-от век? Не мисли ли македонската интелигенција – ако воопшто сѐ уште ја има – дека е крајно време за пробив на стручноста, компетентноста и квалитетот во врвен приоритет на државата? Секоја чест на тридецениските приоритети викани НАТО и ЕУ, но зарем не требеше прв приоритет да ни биде демократијата, втор стручноста, трет моралноста… итн.? Просто е неверојатно како луѓе кои сте ги мислеле за дел од ова македонско интелектуално милје дури денес го откриваат еден Крсте Црвенковски, на пример, утре ќе ги „откријат“ Грабул и Мазев, Петре М. Андреевски, Михаил Петрушевски…! Па каде живееле и што правеле тие сиве овие години? И мораме ли и ние одново да ги учиме нивните никогаш научени лекции? Слично, некогаш, ќе биде и со културата како витална област: одеднаш – можеби веќе утре, некој како онаа „госпожа“, една од многуте со т.н. семејна лоза, а која се самодефинира како теоретичарка на културата (sic!) – ќе се најде некој да ја открива и преоткрива македонската култура, нејзиниот подем во втората половина на 20-от, бројните допирни точки со развојот и дострелите на југословенската и европската култура итн. И ќе почне да нѐ подучува дека нашите СИЗ-ови всушност беа претходница и на европските фондови, дека за спомениците и спомен обележјата во едно подалчено време се грижеа патрони (училишта, работни организации и др.), дека за културата одлучуваа стручни и компетентни луѓе посветени на нејзиниот развој, дека уште во не така далечната 2003 година Советот на Европа ни даде децидни упатства во кои насоки треба да се развива македонската култура во новите општествени услови итн. И ние, слепци, и тоа молчешкум ќе го голтнеме. Зошто, заради што?     

ФАШИЗАМ

Од фамозната изјава во едно интервју за Агенцијата БГНЕС на екс-премиерот Заев дека „Тоа не е така, Бугарија не е фашизам, таа е нашиот пријател“, филувана дополнително со „откритието“ дека „имало некој пат некоја администрација, во тој момент, на почетокот, после тоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот…“[1], помина речиси година и половина, а тотално извртената теза за природата на таа бугарска „администрација“ во Македонија во периодот 1941-1945 година само се дополнува, надградува, проширува, со крајно дискутабилни и во основа смешни ламенти на таа тема. И за неа се наоѓаат (само)квалификувани да говорат секакви шушумиги, дури и оние кои во животот одвај да прочитале една историска книга, но сега, по некаква налудничава команда од власта, сите се историчари и особено компетентни за расправи за фашизмот воопшто и за бугарскиот фашизам посебно! Притоа, секако, се губи од вид дека со тоа се негира целата македонска антифашистичка борба за време на Втората светска војна, се поништува АСНОМ како акроним што посебно го истакнува антифашизмот, се прогласуваат за малоумни односно налудничаво тенденциозни седумте изминати децении на Македонија во рамките на екс-Југославија, кога на спомениците и спомен обележјата најнормално се пишуваше вистината за бугарската фашистичка окупација и жртвите кои таа така грозоморно ги однесе. Згора, поедини „историчари“, дури и со статус на академици, раскажуваат приказни за некакви фалсификаторски црни петна во македонската историографија особено во однос на „б’лгарскиот проблем“, но не наведувајќи ниту еден пример на таков „фалсификаторски“ однос. И сето тоа, за жал, повеќе наликува на селски муабети пред кооперација, со шише жешко пиво и еднакво трајножаречка глава отколку на издржана, квалификувана расправа за така важни теми од македонското минато.

За темата на фашизмот, впрочем, пишувале и такви умови како Еко, Адорно, Арент… маестрално ги исцртале сите негови срамни дијагонали на постоењето, така што нашиве минорни – и во крајна линија смешни! – репрезенти од „форматот“ на некакви провинциски политиканти и неквалификувани „историци“ таму не можат ништо да променат. Да ги користевме искуствата на спомнатите големи умови и со нивните тези и објаснувања да го водевме „источниот спор“, него ќе го немаше за многу кратко време. И, секако, да ги користевме домашните извори – пишани и материјални, особено оние директно произлезени од Втората светска војна и фашистичката окупација, вклучувајќи ги ѕверствата на бугарскиот окупатор – нештата секако ќе се одвиваа во друга насока. И тука, на пример, мислам на записите на генерал Михајло Апостолски (директен учесник односно командант на македонските ослободителни сили), на фото архивите во македонските музеи и архиви, потоа на материјалните сведоштва од типот на бројните споменици и спомен обележја директно посветени на реални настани од тоа време итн.

Еден од тие е Споменикот на 12-те стрелани младинци во Ваташа, и го издвојувам заради две битни причини. Едната е ѕверското убиство на тие млади луѓе (Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев), и споменот на нив што живее(ше) во Кавадарци, околината, но и во цела Македонија, дополнет со вонредното дело на доајенот на македонската скулптура Јордан Грабул. Спомен костурницата, со рељефот на Грабул, била откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот стоело запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето бил подигнат спомен парк со посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци. Јордан Грабуловски (1925-1986), автор на идејниот проект и на бронзениот релјеф на споменикот на стреланите младинци во Ваташа, е еден од најмаркантните македонски повоени скулптори, творец на бројни споменици низ државата, меѓу кои и Македониумот во Крушево. По својот естетски ракопис споменикот и релјефот во Ваташа (1962) се вовед во фазата во којашто спаѓа и монументалното дело Меморијален комплекс на НОБ во Бутел, Скопје, 1964 година (во соработка со арх. Душко Пецовски). За разлика од линеарната конструкција/концепт на Меморијалниот комплекс во Скопје, релјефот во Ваташа е послободно третиран, речиси интимен, замислен повеќе амблематски, како круг на животот и прераното згаснување на младите животи. Композицијата на релјефот го сугерира мигот, грчот пред стрелањето, пред судбоносната „средба“ на телото со убиствениот куршум. Кружниот „ланец“ симболички ги поврзува 12те младинци во една идеја, една заедничка прерана претсмртна прегратка.

Зошто за споменикот пишувам во минато свршено време? Затоа што, прво, тој стана еден од многуте симболи на нашата негрижа за споменичкото културно наследство, скрнавен и вандализиран неколку пати, за да, на крајот, ни од рељефот ниту пак од буквите не остане – ништо. Само голи ѕидови, како сведоштво за кавадаречкиот, но и македонскиот срам пред себеси и пред светот! Меѓутоа, како што обично кај нас се случува, ние успеваме и големиот срам да го нарпавиме – уште поголем. Во името на некаква одеднаш измислена грижа за споменикот и делото на Грабулоски во спомен на стреланите младинци во Ваташа, Општина Кавадарци и Музејот на град Кавадарци, преку „проект“ за реконструкција (добиен на конкурсот на Министерството за култура токму во времето на „министерката“ која никој не ја беше прашал што сработила!), го „реконструираа“ железниот релјеф на Грабулоски – во полиестер! Такво незнаење, нестручност и срам, не само од страна на „министерката“ туку и на сите други инволвирани – вклучувајќи го и „уметникот“ кој се нафатил на такво злодело – не е виден во Македонија. Барем до денес. Но, од друга страна, целата фарса околу „реконструкцијата“ на Споменикот на 12-те стрелани младинци во Ваташа, речити говори и за односот на оваа држава кон својата историја – особено кој оној херојски дел од Втората светска војна, за неспособноста и неукоста на нејзините најважни институции во културата – Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство (споменикот е заштитен како споменик на културата!), на локалните власти и нивните „културни“ институции итн.

Можеби токму затоа, денес за фашизмот – и особено за бугарскиот фашизам – говорат случајни луѓе, поединци малтене собрани од улица да претставуваат некаква власт и јавност во државата. Оние кои сакаат посериозен поглед на ова материја, па и на нашиот „проблем“ со источниот сосед, нека го прочитаат последниот текст од почитуваната Кица Колбе („Обработка на минатото“: Траумата на Македонците и табуто на Бугарите, Плусинфо, 14.02.2022), како и некои нејзини постари текстови на оваа тема. Патем, кога македонската политика би била барем малку поотворена и подготвена нешто да научи, ќе се замислеше над нејзиното потсетување на мислата на големиот Адорно дека „во куќата на џелатот не треба да се зборува за јаже, инаку ќе има непријателство“, како и на фактот дека „На спомениците не стои дека ’Бугарите се фашисти’, туку дека некогаш имало бугарска власт која како сојузник на фашистичка или националсоцијалистичка Германија ја окупирала Македонија и извршила воени злосторства“!

Ако пак и тоа им е малку, можат да го прочитаати извештајот на ГШ на НОВ за стрелањето во Ваташа, од септември 1943 каде пишува: „Младинците се изрешетани од куршуми од митралези, па потоа се избодени со бајонети. На некои им се исечени рацете и извадени очите и притоа сите биле ограбени“. Подобар опис на бугарскиот фашизам од Втората светска војна веројатно не ќе најдат. Едновремено, и да не остане некажано: главните раководители и учесници во масакрот во Ваташа – полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков – биле предадени во 1945 година од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти,  а Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт. Истата судбина ги снашла и полицискиот инспектор Димитар Раев и агентот учесник во овие настани, Борис Жуглов. Двајцата биле осудени на смрт во Скопје и стрелани.

И сега, актуелниве македонски бранители на „администраторите“ ќе покренат ли и ревизија на тие процеси, ќе посакаат ли и да им платат оштета на потомците на овие крвници?


[1] https://www.youtube.com/watch?v=hJPu3H43CWM

УЛОГАТА НА ПОЕДИНЕЦОТ ВО МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО

На темата, или тезата, за улогата на поединецот во историјата, или нека е во современите случувања што можат битно да влијаат на историјата, не треба да се гледа со потценување. Светската историја памети многу такви личности без чие силно лично дејствување светските настани/процеси веројатно ќе земеа поинаков тек. Се разбира, таа улога може да биде позитивна и негативна, но во случајов ќе се задржам на позитивните примери, од форматот, на пример, на еден Ленин во Октомвриската револуција или Сталин и Черчил во Втората светска војна, Тито во развојот на југословенската држава, улогата на Кенеди како битен фактор во мирното разрешување на Кубанската криза, Вили Брант и неговиот пример на „прифаќањето на вината“… итн. Дејствувањето на овие личности не само што битно ја менувало историјата, туку ја менувало и матрицата на однесувањето не само во нивните земји. Или примерот на Мандела и неговиот однос на нереваншизам по соборувањето на режимот де Клерк во Јужна Африка. Меѓутоа, има и спротивставено гледање на оваа теза: историјата има свој пат и индивидуата не може многу да влијае. Ако не бил Наполеон, на пример, ќе бил некој друг; ако не бил Линколн, ќе се појавел друг таков државник итн. Еден од поборниците на таа теза е и Бизмарк, кој вели: „Ние не можеме да ја создаваме историјата. Мораме да чекаме таа да се случи“! А сепак, Плеханов – чијашто книга „Улогата на индивидуата во историјата“ се смета за негово капитално дело – тврди дека „поединците можат да влијаат на судбината на општеството“!

Не можам да тврдам дека Македонија во нејзината современа историја имала личности од тој и таков формат. Гоце Делчев сигурно – бидејќи и тој секако е дел од историјата на 20-от век – иако ние можеби најмалку ја согледуваме неговата улога од овој аспект, потоа дел од поединците што ја изведоа македонската антифашистичка борба… веројатно претседателот Глигоров со неговото мудро, сталожено и умно политичко размислување и однесување… итн. Но тоа се сепак историски примери, свртени повеќе кон менувањето на историските правци по коишто се движела државата. Темата за матриците што би го промениле нашето вкупно денешно однесување во некаква европска насока е сепак малку поспецифична тема. И тука – да: примерот со екс-премиерот Заев, што го посочува и „The Economist“, во еден таков европски контекст, е можна матрица што треба да се следи. Ако се следи! Чинот на преземање одговорност за политичките порази е доблесен чин, толку потребен во македонскотои општество. Или примерот со претседателот Пендаровски во Гостивар со малата Ембла – однесување на коешто Македонија сѐ уште не навикнала мислејќи веројатно дека покажувањето емпатија е слабост за политичарот. Напротив, инаку зошто претходно го спомнував Вили Брант и неговото клекнување во знак на почит и извинување пред споменикот на жртвите во варшавското гето.

Оттука, личниот/поединечниот пример, особено кога/ако доаѓа од висок државен функционер, е еден од можните начини за менување на матриците на однесување во секоја држава, па и во Македонија. Само што таквите примери ние ги броиме речиси на прстите на една рака, за жал. Зашто, едно е да се држат секојдневни говори за нашите (утрешни) евроинтеграции, а во реалноста токму говорниците да се однесуваат дијаметрално спротивно. Двата политички табори само во изминативе две пандемиски години покажаа таква бесрамна дволичност во пропагирањето на почитувањето на протоколите наспроти личното однесување, нешта за коишто јавноста се згрозуваше, и (сѐ уште) се згрозува (на пример: случувањата во манастирот Бигорски, отворањето на оној East Gate Mall, или последнава седенка на опозицијата на софра среде црква, итн.). Тоа е недопустиво јавно однесување на високи политички личности коешто испраќа спротивни од посакуваните сигнали кај граѓаните. Таквото бахато, недолично однесување во кризно време говори за недговорни политичари кои само од другите очекуваат одмереност, примерност и почитување на правилата, но не и од себеси. Или, ако веќе говориме за голема енергетска криза и загадување, зарем не е власта првата што требаше со рестрикции – на пример во употребата на возниот парк – да му даде пример на граѓанинот како треба да се постапува во такви услови? Или ним сѐ им е дозволено? Кога гледате еден (екс)министер за здравство како пред камери фингира вакцинирање на внуката, но ги повикува останатите родители да ги вакцинираат нивните деца и сето тоа поминува без јавни консеквенци, што треба да мисли јавноста? Се разбира, не мора човек да е висок политичар за јавноста да го следи – него и неговите морални постапки – односно истите да имаат некакво пошироко општестествено влијание. Познати уметници, луѓе од јавниот живот, реномирани спортисти, па и угледни стопанственици исто така можат да постават позитивни – или негативни – примери што (условно) ќе менуваат некакви локални искривени матрици на однесување, особено кај младите. Кога гледате врвен спортист како рекламира коцкарници, која е, каква е пораката?

Или, конечно, ако нашата најважна, пресудна државна/општествена матрица цели три децении се врти околу нашето членство во ЕУ, колку примери на вистинско европско однесување можеме да наброиме во највисоките врвови на власта последнава деценија? Сите оние коруптивни и криминални скандали, од на пример „СК 2014“, преку договорената изградба на Коридорите 8 и 10 без тендер (иако оспорена од Антикорупциската комисија“) вредна 1,3 милијарди долари, до сегашниве признанија за лажирање на изборите од страна на највисоки државни функционери…? Тоа се типични македонски примери последнава деценија што еманираат сосема спротивна матрица на однесување од потребната. Или Плеханов сепак бил во право кога напишал дека „Индивидуалниот карактер е ’фактор’ во социјалниот развој само каде, кога и до кој степен општествените релации му го допуштаат тоа“! Навистина ли како општество сѐ уште не сме зрели за демократија, за владеење на правото, за легитимни избори, за нормални политичари…? Секојдневието, односите помеѓу власта и опозицијата, релациите со соседите… како да го навестуваат токму тоа, иако ние не сакаме да веруваме во такво нешто. Но кои сме тоа – „ние“? И колку сме, и можеме ли да ги промениме општествените матрици?! И на кој начин?   

ПРИКАЗНИ ЗА МАЛИ ДЕЦА

Погледнато низ призмата на неопходноста, дури итноста, на менувањето на општествената матрица, дали нашата „нова реалност“ сега наречена демократија со недостатоци, ќе ја претставува таа нова македонска матрица? Се разбира – нема. Засега – што од временска гледна точка е крајно апстрактен поим – сигурен сум, сѐ ќе остане како што беше: ни волкот сит ни овците на број! Се надевам дека нема потреба поконкретно да објаснувам кој е волкот а кои се овците, нели? Но, секако, интересно е ова македонско придвижување на скалата на демократијата, па нека е и со „недостатоци“. Но, уште поинтересно е што Индексот на демократија на „The Economist“ не успева во Источна Европа да види целосна демократија („full democracy“), дури ни во една Естонија, Чешка, Словенија, Латвија, Литванија… коишто се на самиот врв на табелата (со над 7.00 поени од 10.00 можни), ама и тие сепак – со „недостатоци“. И знам дека македонското политикантство, а особено оние добро платени лакејни „аналитичари“, ќе знаат ова да го искористат и да почнат кампања на наше изедначување со овие држави, иако од нив нѐ делат речиси цели два индексни поени. Или две светлосни години. А од Украина, која сѐ уште е хибриден режим, „бегаме“ за само 0.46 индексни поени! Но, интересни се некои позиционирања и оценки според дадени области. На пример, спомнатите на врвот (Естонија, Чешка, Словенија, Латвија, Литванија…), во изборниот процес и плурализмот имаат оценка 9.58, а ние 7.42; во политичката култура тие (главно) имаат над 6.5 поени (Чешка дури 7.50), а ние само 3.13 – помалку дури и од оние со етикета „хибриден режим“ (Украина, Азербејџан, Узбекистан, Туркменистан… 5.00 поени; Таџикистан 4.38; БиХ 3.75…) итн. Меѓутоа, има уште една интересна страна оваа табела: и Србија, онаа којашто (според нашите „аналитичари“) е „диктаторскиот режим“, е три места погоре од нас, со вкупен резултат од 6.36 поени, наспроти нашите 6.03. Но тоа не е сѐ: таа Србија и минатата година била „демократија со недостатоци“, кога ние бевме „хибриден режим“! Таа минатата година имала вкупен резултат од 6.22 поени, а ние 5.89 поени. Впрочем, минатата година и Албанија премина од „хибриден режим“ во „демократија со недостатоци“, ама ние таквите нешта не сакаме јавно да ги регистрираме, нели?! Но, од друга страна, сосема држи и видувањето на Никица Корубин, која (за Србија) прашува: „(…) како на пример е дојдено до оценка од 8,25 за изборен процес и плурализам, што сам по себе е највисока оценка на земја која преговара за услови на оддржување на избори со посредство на ЕУ, по примерот на пржинските преговори кај нас; кога не се сметавме себе си за демократија, туку за заробена држава. Чудно во најмала рака.“[1]

Она што за нас, за македонската демократија, би требало (според мене) да биде најбитно, се точките на нашето демократско поместување напред односно погоре на табелата на демократијата во светот. И тоа е многу едноставен процес, ако сакате да го видите резултатот, се разбира: се прави со едноставно споредување на табелите од 2020  и 2021 година и се гледа дали и каде сме напредувале. Но, и тука имаме чудни споредбени бројки: во 2020 година, кога сме биле хибриден режим и 2021 година кога сме пораснале во демократија со недостатоци. Со ова апсолутно не сакам да го намалам „успехот“, но бројките говорат самите за себе. На пример, и во 2020 и во 2021 година, во четири оценувани категории (Изборен процес и плурализам 7.42, Политичко учество 6.11, Политичка култура 3.13 и Граѓански слободи 7.06) сме имале ист број поени, а само во една категорија – Функционалност на владата – во 2021 година сме добиле оцена 6.43, што е за 0.72 индексни поени подобар резултат!  Оттука, што подобро сме направиле ние во 2021 година (кога сме биле демократија со недостатоци) во однос на 2020 година (кога бевме хибриден режим)? Бројките, велат, никогаш не лажат, па и овде: сме ја подобриле само и единствено функционалноста на владата, и тоа за 0.72 индексни поени! Знам, некој ќе рече дека ако владата е функционална тогаш и државата ќе биде таква. Не знам, не сум сигурен со што би можела да се поткрепи таквата евентуална констатација, особено кај нас. И што тоао значи во праксата односно каде се/ја гледаат таа „функционалност“? Дали ако владата ни е „функционална“, и „демократијата“ ќе ни биде таква, функционална? Приказни за мали деца! Но, тука има друг битен момент: во текстуалниот дел за Северна Македонија посебно се истакнува оставката на екс-премиерот Заев („In response to his party’s defeat in the elections, the prime minister and leader of the ruling party, Zoran Zaev, said that he would take responsibility and step down from both of his positions“). И сега, прашањето: тоа ли треба да е посебното политичко достигнување и функционалност на владата во 2021 година!?

Зошто го поставувам ова прашање? Затоа што имаше премногу славопојки околу таа оставка кај домашните вувузелни „аналитичари“, имаше дури и плачки – чудо повторно не го кандидираа за Нобелова награда? – но се заборава, на пример, дека и неговиот претходник Груевски си поднесе оставка од сите политички/партиски функции! Под кои и какви притисоци – не знаеме, ама не знаеме ни за евентуалните притисоци врз Заев, нели? Понатаму, ако добро паметам, и Шеќеринска, по двата последователни порази на СДСМ кога таа беше негов претседател, си поднесе оставка. Оставка си поднесе и Црвенковски во 2013 година, па по него дојде Заев. И сега, зошто за „The Economist“ некаков (политички односно „демократски“) репер е оставката на последниов, ама не и на претходните? И кој воопшто го тепаше по уши тој Заев да си поднесува оставка после локални избори, ако тука немало и некакво друго замешателство, за коешто ќе разбереме после некои 20-30 години? Ако е и од „The Economist“ – многу е!

Но, новата македонска форма на „демократија“ („со недостатоци“), барем според „The Economist“, поставува една друга важна теза односно друго важно прашање, и тоа токму со спомнувањето на оставката на екс-премиерот Заев: за улогата на поединецот во менувањето на општеството/општествената матрица. Зашто, како што посебно потенцира Индексот на демократија 2021 во врска со оставката на екс-премиерот Заев, ако тоа бил пресуден миг за нашиот трансфер од хибриден режим во демократија со недостатоци, тогаш таа улога е поголема одошто ние мислиме?!


[1] Никица Корубин, фејсбук статус 11 февруари 2022, https://www.facebook.com/nikica.korubin

TRISOMY 21

Се двоумев помеѓу две „жешки“ актуелни теми: фашизмот во толкувањата на дел од македонските политиканти и квазиисторичари, и лицата со попреченост, особено децата со Дауновиот синдром, олицетворени низ „случајот Ембла“. Се разбира, се определив за второто, заради многу причини. Или, ако сакате, требаше да изберам помеѓу знаење и емпатија – обете „нешта“ во страшен недостаток во оваа држава. Сепак, во случајов, емпатијата превагна. Зошто?

Затоа што ние со децении со бориме со/за човековите права (главно, тука, подразбирајќи ги правата само за себеси!), со почитта за и кон секој граѓанин на оваа држава (и повторно, и овде, подразбирајќи го тоа право само за личното и партиското опкружување!), со манифестантните (да не речам политикантските!) облици на подрршка на лицата со попречености (и тоа, особено, ако за тоа нѐ „мотивира“ некој од дипломатскиот кор во државава!)… А во овој контекст, којзнае колку пати сме ги слушале речиси сите „важни“ државни официозуси како (со задолжителната рака на срцето) слаткоречиво ломотат – особено пред некакви избори – за нашите симпатии и општествената должност кон нив: некои само говореа, некои (божем) трчаа, некои возеа велосипеди и слични будалаштини, но ниту еден од нив не покажа вистинска грижа за тие луѓе. Сѐ до неодамна, до мигот кога јавноста разбра за „случајот Ембла“ – девојчето од Гостивар со Даунов синдром, страотно понижувачки дистанцирано од нејзините школски другарчиња (поточно: од нивните родители!) – и гестот на претседателот Пендаровски со чекорењето со Ембла, нејзината рака во неговата, на пат кон училиштето! Сакам да појаснам: до тогаш, најчесто, претседателот Пендаровски обично (ако воопшто) го спомнував во негативен контекст и без неговата функција којашто, иако гласав за него, мислам дека во голем дел ја изневери. Но, од „случајот Ембла“, тој повторно ја има мојата доверба, без оглед дали тоа некому нешто му значи. Мислам, верувам, дека тоа е првата „функција“ на еден политичар – да биде хуман, да покаже разбирање за своите сограѓани без оглед на возраста, верата, полот, политичката определба…, да искаже емпатија на дело без помпа и тв екипи, без вообичаениот ПР, а тоа соодветно одекна и во светот. Претседателот Пендаровски токму тоа го направи во овој случај!

Е сега, зошто никој од извршната власт – од фамозната Влада на РСМ, вклучувајќи го тука министерот за обазование, за труд и социјала, за култура, за-не-знам-што – не почувствува потреба од таков гест? И намерно го употребувам зборот „потреба“, чувство што не е целосно свесно диригирано туку е генерирано „од внатре“, од емпатијата, нешто што нема врска со политиката туку со човечноста! Наместо цела Влада на РСМ да отиде во Гостивар и да ја испрати Ембла во училиште, тоа го направи само претседателот Пендаровски. Наместо сите министри, секој ден, да се менуваат во испраќањето на девојчето во училиште пркосејќи им на родителите на нејзините школски другарчиња, тоа го направи само претседателот на државава! Сака некој да каже дека имаа(т) поважни работи? Е па токму тоа е генералниот проблем на оваа власт: селекцијата во „работата“ и чувствата – ако ги имаат, се разбира, во нивните политикантски и хумани приоритети и сл. И ова беше уште еден тест за нивниот генерално провинциски менталитет што не го положија!

Инаку, фотографијата е на познатиот американски визуелен уметник и фотограф Томас Дод (1961), а на неа е американската актерка и модел Лили Мур. Фотографијата е дел од книгата насловена Radical Beauty Project во којашто се претставени фотографии од познати личности со Даунов синдром. Меѓу нив и британската глумица Сара Горди (фотографирана од позната модна фотографка Зузиа Завада) и други. Креативен директор на книгата е Даниел Ваис, кој укажува на редица тешкотии во реализацијата на проектот, но сепак вели: „I didn’t necessarily want crowd-pleasing images. Some people find that disturbing. They don’t want to empower people with Down’s syndrome. They don’t see them as powerful people. So they resist it.” Но, ова не е единствен проект на Ваис за луѓето со Даунов синдром. Тој е основач и на компанија Culture Device со балетски играчи со Даунов синдром, која соработува дури и со Кралската опера во Велика Британија. Проектите на Culture Device допреле до 12,5 милиони луѓе во светот!  

Дауновиот синдром – или уште нарекуван Trisomy 21 – е состојба при којашто луѓето имаат еден екстра хромозом. Хромозомите, имено, ги има во човечкото тело во мали „пакувања“ на гени и тие практично одредуваат како кај бебето се формира телото и неговите функции во текот на растењето за време на бременоста на мајката и по раѓањето. Вообичаено, бебињата се раѓаат со 46 хоромозоми, но бебињата со Даунов синдром се раѓаат со една екстра „комија“ на хоромозоми – хромозомот 21 (состојба медицински наречена trisomy). И таа екстра копија на хромозоми го менува развојот на телото и мозокот на бебето, што може да предизвика физички и ментални проблеми за бебето.

И ние, наводно, се грижиме за децата со ваква состојба, наводно постојат и едно чудо гражански здруженија и владини мерки и стратегии, но во случајот со малата Ембла сето тоа падна во вода. Остана само гестот на претседателот Пендаровски како јавна поддршка не само за девојчето туку за сите луѓе со посебни потреби.

А бидејќи се задржав на оваа тема, морам да го спомнам и следново: во 2017 година, еден еминентен македонски музички уметник кој главно живее и работи во странство (во случајов нема да му го спомнам името бидејќи немам негова директна дозвола) му предложи на Министерството за култура повеќегодишен развоен мултидисциплинарен проект со деца со посебни потреби. Ајде погодете што се случи со понудата?

ФОРМА СО НЕДОСТАТОЦИ

Ние дефинитивно живееме во интересни времиња: заспиваме како режим, се будиме како – демократија. Добро, „со недостатоци“, или како што (повторно) нѐ крстел „The Economist“ – flawed democracy! Којзнае со какви чудни алгоритми или други операции се служи нивниот Индекс за демократија кога таа, демократијата, зависи буквално од еден човек? На пример, преминот од заробена држава во хибриден режим зависеше од екс-премиерот Груевски: тој избега а ние преминавме во повисок степен на демократија викана хибриден режим. Сега, новиот трансфер повторно зависел од другиот екс-премиер кој си поднесе оставка и ние веднаш станавме демократија со недостатоци! Оној кој ќе помисли дека овде, всушност, станува збор само за форма без суштина, или за форма со недостатоци – ќе биде во право. Само, „The Economist“ не ни кажува дали ние сега треба да се гордееме со прекрстувањето, дали веднаш, баш преку ноќ, треба да ги заборавиме минатите пет години и сето она што ни се случуваше во симулакрумот викан демократија а всушност де факто хибриден режим? И каков сега ќе биде симулакрумот, демократија ама со недостатоци? А реалноста? Некој сепак ќе мора еднаш да ни ја каже вистината за реалноста во којашто живееме. Иако, мислам дека ЕУ тоа не сака отворено да ни го каже туку ни го – покажува. Па кој разбрал, разбрал!?

Дали сега новава „ситуација“ на форма со недостатоци значи и дека стравот од демократија вкоренет во македонските политичките партии – подразбирајќи ги тука, секако, не само оние со македонски етнички предзнак – уште од времето на нивното основање во далечната 1991 година исто така ќе го снема преку ноќ? И ќе ги снема и оние нивни комедии со „демократски внатрепартиски избори“ како театри за мали деца. Се чини дека сепак тоа нема баш така бргу да се смени и политикантските врхушки во сите македонски партии ќе продолжат да бидат леглата на недемократичност односно авторитарност, автархичност и ретроградност, непотизам и кронизам…

За жал, ние нема туку-така, само заради еден „The Economist“, да го надминеме стравот од демократија, иако тој не ни е единствениот. Сите други граѓански стравови ни се на еднакво – застрашувачко високо – рамниште: стравот од (неконтролиран) прогрес, од непредвидлива иднина, од опкружувањето и соседите, од Европа и светот… страв од современа култура, образование, наука… од хуманост, од отвореност, од гласност, од добро воспитување и убав збор… страв од конкуренција, професионализам, стручност, способност… страв од себеси… страв од СЛОБОДА! Сите овие стравови ги демонстрираме, на еден или на друг начин, цели три децении, особено последниот – стравот од слобода. Слобода да се мисли и делува самостојно и непречено, слобода да се работи стручно и професионално, слобода да се одлучува за сопствениот живот… слобода да се даде личен пример што и како треба да се направи во оваа држава. Слободата сѐ уште ја доживуваме само како визија, често речиси недостапна, а таа ни е тука, на дофат на раката, ама како да не ни е дадено да дојдеме до неа. Неспособната макеодонска политика го чувствува тој страв – сите стравови! – кај граѓаните и ги поттукнува, ги негува на сите можни начини. Неа ѝ одговараат тие стравови, особено стравот од слободата, таа од него се храни и се множи, секаде и на сите страни: во администрацијата, во културата, во образованието и науката, во спортот… итн. Слободата е најтешкото бреме за Македонецот зашто не умее да ја живее!  

Ние се плашиме да проговориме во сопствена заштита и одбрана дека никој нема право да нѐ суди и тормози заради искажано негативно мислење, ние добиваме уплав ако треба да кажеме, јасно и гласно, дека цел еден град од 8.500 луѓе го умреа неспособни политичари и лекари, дека болници (па нека се и модуларни) не горат за 3 минути, уште помалку толкави автобуси за истото време; нам ни попуштаат гласните жици кога треба да кажеме дека екс-министерката за култура за само година дена упропасти сѐ што можеше во културата, а особено во културното наследство, ние молчиме како „залиени“ за злосторот со Споменикот на 12-те стрелани младинци во Ваташа (инаку споменик на културата!), па и за монструозното уривање на т.н. монопол во Кавадарци, иако објект значаен како индустриско наследство; само тук-таму во јавноста се јавуваа гласчиња за теророт што во образованието го спроведуваше онаа умислена екс-министерка, небаре не се работеше за нашите деца и внуци; не дај боже да отвориме уста – јасно и гласно – дека власта, оваа или која и да ѐ, нема право тајно да преговара во наше име за што и да ѐ, дека ни е доста од аналфабети во власта и во политиката; уште помирни и помолчаливи сме кога слушаме колкави милиони, па и милијарди се одлеваат од буџетот за „санирање“ на долгови на јавни претпријатија но и приватни фирми, божем ние сме ги направиле тие долгови за наши ќефови…! Фактот што министерот Бектеши онака театрално ни спелува дека Е-С-М не е Е-В-Н или Б-Е-Г односно дека Владата не субвенционира приватни туку државни фирми – како да тие се плаќаат некаде од Марс а не од истиот државен буџет – е, повторно, сцена како од „Зелената гуска“. Да дадете 170 милиони евра дури и на државни фирми што континуирано произведуваат катастрофални загуби, е еднакво на злостор кон сопствениот народ! Исто како што божем покачувате минимална плата а потоа ги субвенциионирате фирмите да му ја дадат на работникот. Тоа веќе не е ни форма со недостатоци, тоа е форма без покритие, без суштина!

Зошто токму политиката ја зауздува слободата? Затоа што, велат умните, слободата на говорот е најважната слобода – низ неа ја оваплотуваме вистината и доброто, толеранцијата и отвореноста, хуманоста и љубовта… но ги откриваме и лагата и криминалот, корупцијата и непотизмот, неукоста и измамата. Токму заради тоа, за некого кај нас слободата е бреме а за некого визија! Секако, умните велат и дека слободата не се подарува, таа се зема. Но сега одредени полуписмени фаци запнале да нѐ убедат дека и во тоа грешеле нашите татковци во 1945 година и дека она не било окупација, уште помалку – фашистичка. Ќе излезе дека нашиве претци се бореле самите против себе!? Во што уште сме грешеле? Сме грешеле во проценката на демократската и слободарската капацитетност на сите политички партии во Македонија. За нив слободата е само и исклучиво лично адресирана и де факто лукративно интерпретирана: слободата – тоа сум јас, односно слобода е она што мене и само мене и на мојата партија ни одговара, ни повеќе ни помалку. А сепак, слободата им ја подаруваме токму ние, на еден или на друг начин, на избори – со гласање „за“, „против“, па дури и поништување на гласачкото ливче. Сите три варијанти кај нас, во моментов, и години наназад, се само агрегати на неслободата, на кризата, на заробената држава или на хибридниот режим. Јазот помеѓу политиката и граѓанинот станува сѐ подлабок. Граѓанинот е само формално слободен но реално (општествено и државно) ограничен – не само со законите – и без можност да делува или да промени нешто во своја полза; само политиката ги има и силата и ресурсите да настапува во името на граѓанинот, но нејзиното делување е исклучиво себично и по правило лукративно мотивирано. Слободата започнува и завршува кај единката, кај граѓанинот – ако тој се чувствува неслободен, не е слободно ни општеството! Затоа впрочем и ова морално и духовно назадување: слободата е темелот на создавањето и почитувањето на вредностите во општеството, таа е можност да се делува во насоката на Вистината и Доброто (Susan Wolf). Ние, впрочем, веќе одамна го загубивме и првиот столб на слободата: капацитетноста да работиме во насоката на нашите најважни цели! За жал, ние загубивме и многу повеќе: самото чувство за слобода, но и субјект кој ќе ја превземе во нацијата – како што велел Џ.Ф. Кенеди во неговиот говор во Конгресот на 25 мај 1961 година – „the role of leader in freedom’s cause“!

Оттука, рефренот на C-Murder „Give me freedom or give me death!“ всушност и не е некаков избор бидејќи без слободата сме ионака мртви!

СТРАВ ОД ДЕМОКРАТИЈА?

Всушност, нема зошто многу да се говори и опишува пост-шарениот период од јуни 2017-та година наваму. Тоа беше речиси вчера и сите, сакале или не, ги паметиме безмалу до еден секојдневните мали или големи скандали на етикетираниот со хибридна лепенка режим. Комплетната криминогена матрица од времето на заробената држава (2006-2017) како да се преслика во однесувањето и на новата власт, дури и во нејзините највисоки редови и во сите сегменти на системот. Екс-генсекот на Владата и случајот против него е слика и прилика на тоа. Дали заради тоа ова време може да се нарече време на изгубени илузии? Не, не само заради тоа бидејќи кај нас секојдневно се откриваат нови и нови узурпации на власта, дури и онаму каде најмалку се очекуваше – кај човековите права и слободи. Затоа можеби посодветна е констатацијата од насловот: страв од демократија? Веројатно.

Поточно, ако јавноста, па и „Шарената револуција“, некаде беа децидни, јасни и гласни за неопходноста од целосно менување на постоечката матрица тогаш тоа беше кај демократските процеси и човеките права. Коишто де факто не мрднаа од мртвата точка! Не знаеме какви сѐ узурпации (и) на оваа власт ќе открие блиската или подалечната иднина во оваа насока бидејќи кај нас и во оваа област има премногу тајни, но последниот пример со Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета е речит пример на односот (и) на оваа власт кон основните човекови права и слободи. И кон демократијата, се разбира. Овој пример не само што громогласно говори и за односот кон блиското минато и барањата на „Шарената револуција“, туку е и базичен пример за демократската некапацитетност на власта, за целосното игнорирање на ветуваните реформи во оваа област (како, впрочем, и во сите други!), како и за комплетниот тоталитарен преврат во толкувањето на основните слободи и права на човекот. Безмалу буквално прошверцуван од јавноста, со замолчени институции и сите оние самобендисани граѓански организации – на чело со Хелсиншкиот комитет – кои беа онака гласни во времето на заробената држава, дури и самиот обид да се протури еден таков закон после сѐ што доживувавме во периодот 2006-2017 година, е скандал од несогледливи размери. Згора на тоа, и во време кога министер за правда бил токму еден од „граѓанските“ фаворити, кој сега дури доби и унапредување во вицепремиер за евроинтеграции!

А во оваа насока, сегашните „деманти“ дека формулацијата во однос на предлог Законот за граѓанска одговорност, каде за навреда се одговара и за „негативно мислење“, е грешна формулација за што ќе се интервенира веднаш во амандманската расправа, е само фрлање прав во очи на јавноста и пост фестум реакција по откриениот скандал. Зашто, се разбира, секој нормален ќе се праша: а како е можно воопшто да излезе таква формулација од Министерството за правда, тајновито да прошета до Владата и Собранието, да биде на расправа веројатно во некоја комисија, да се појави на прво читање на пленарна седница…? Како сето тоа е можно во третата деценија на 21-от век, во еден (самопрогласен) демократски систем? И што всушност сака(ше) да ни порача тогашниот министер за правда, сосе неговиот тогашен шеф премиер и цела Влада, сите „демократ“ до „демократ“? Дека ќе мора да молчиме за сите нивни будалаштини, криминали, коруптивни афери…? Зарем навистина мислеле дека така ќе можат да се сокријат? И што ли мислеше целото она надобудно „граѓанско опШество“ што така континуирано повладува на сите глупости (и) на оваа власт?

Но, извинете, во Воведот на текстот на предлог-законот се наведуваат и уште редица други (демократски) фактори во државава, како и оние од меѓународната заедница, на чело со Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите, судии од Основниот граѓански суд во Скопје и Основниот суд Велес и др. И сите го превиделе тоталитарниот дух што се крие во предлог-законот? Ако е тоа сликата на демократскиот амбиент во Република Северна Македонија, тогаш – на здравје! А дали навистина го превиделе и „објаснувањето“ на подносителот на предлог-законот дека „Начелата врз кои се заснова Предлогот на законот се истите кои се дефинирани во постојниот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета“ (Глава II, ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА)? Бидејќи, постојниот Закон, во чл. 6 вели: „(1) За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед.“[1] А во новиот предлог-закон големите демократи крајот на реченицата го дополниле со суштинските зборови „(…) ќе изрази омаловажувачко, понижувачко или негативно мислење.“ Поточно сега, прогресивниве демократи смислиле дека не подлежи на санкции само „понижувачко мислење“ како во постојниот Закон, туку санкциите ги дополнуваат и контра „омаловажувачко“ и “негативно мислење“. А стариот односно постојниот Закон беше донесен во времето на т.н. заробена држава, а овој се предлага во времето на прогресивната демократија викана – хибриден режим!  

Што всушност сака(ше) да воведе оваа власт, каква матрица има на ум и каква држава сака(ше) да направи? Онаа проверена матрица на држава на молчаливци, на плашливци, на хибридни луѓе без свое „јас“, на акламативна аморфна маса која ќе им ракоплеска на сите нивни глупости? Тоа ли беа целите и на „Шарената револуција“, на оние повеќемесечни протести низ Скопје и неколку други градови во Македонија, на барањата за целосна трансформација на општествената матрица и демократизација сега и тука? Или сето тоа беше само провинциска квазидемократска маска ала „Струмички карневал“ за окупација на институциите? Со помош на оние најгласни „граѓански“ здруженија, а всушност само минорни подопашни општествени паразити?

Ваквиот македонска страв од демократија, таквата наша матрица за некаква „дозирана демократија“ е убиствена замисла на политикантските елити и нивните партии. На тој и таков начин македонското општество буквално нема никаква шанса за демократски преврат, освен ако не се случи чудо. А чуда одамна не се случуваат (не само) во Македонија, уште од времето на Исус. Дали во една таква историска ретроспектива, сега и чудото на 1941-1945 година смислено и целно се доведува под сомневање? Онака како што се обидува да нѐ убеди „историчарон“? Мисли ли некој од актуелниве политиканти и на таа димензија или навистина сѐ е само фарса, театар на апсурдот во времето на губењето на сите (демократски) илузии?  


[1] Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, Сл весник на РМ, бр. 143/2012

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

Без намера да запаѓам во национални или не дај боже националистички реторики, сепак 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев е датум којшто во светлината на актуелните бугарско-македонски современи приказни станува уште поинтересен, дури и од уметничка страна. А едновремено, споменикот на овој великан – дело на бугарскиот скулптор Љубомир Далчев – е веројатно првата визуелна претстава за Делчев кај многу повоени генерации, иако споменикот е денес речиси заборавен и често подложен на секакви малограѓански изживувања. Како и за човекот кому му е посветен, и за споменикот постојат барем две верзии како истиот пристигнал во Скопје: едната (на Wikipedia на македонски јазик) вели дека споменикот е подарок од градот Софија на Скопје од 1946 година[1]; втората верзија, бугарската, во единицата за скулпторот Далчев, говори за „Паметник на Гоце Делчев в Скопие, подарен от Любомир Далчев през 1966 г.“[2] Од друга страна, постои една фотографија на група луѓе фотографирани пред овој споменик, а во легендата стои: „Сестрите и Потомците на Гоце Делчев пред неговиот споменик во Градскиот парк во Скопје (1946).“ И сепак, за да нема неизвесности како за некои други детали за Делчев, споменикот дефинитивно датира од 1946 година. Меѓутоа, интересен е фактот што на 2 август 2019 година, на бугарскиот сајт bTV се појави прилог насловен „Гоце Делчев с неизвестен досега паметник в Скопие“ од новинарката Теодора Енчева, каде таа дури тогаш го „открива“ овој споменик. Околу споменикот се плете приказна дека братот на уметникот, поетот Атанас Далчев, престојувал во Скопје со задача да го монтира споменикот на Делчев по желба на Љубомир Далчев, а е цитиран извесен Огнен Христов, докторанд за творештвото на Далчев, кој смета дека „Споменикот е монтиран во текот на 66-та и целосно се разликува од стилот на Љубомир Далчев во времето на 60-тите. Сакал да се допадне на народот и да го прифатат“![3]

Можеби ова е и (нај)точната констатација за овој споменик, но не во онаа пежоративната смисла којашто овој бугарски историчар на уметноста, свесно или не, ја користи. Споменикот секако е класична фигура, монументална скулптура во вистинската смисла на зборот и за тоа време е веројатно единствениот можен творечки исказ за Делчев. Далчев се определил за претставата на Делчев како комита, револуционер, неговата де факто животна улога и претстава сѐ уште жива кај македонскиот народ. Сепак, монументалниот споменик на Делчев во Скопје не е карактеристичен за творештвото на уметникот. Следствено тој, на пример, не се ни спомнува во повеќето реперни книги за бугарската скулптура од тоа време (на пр. Българска скулптура 1878-1974, Национална художествена галерия, 1975, София, стр. 81). Како и да ѐ, ова е прв споменик на револуционерот Делчев во Македонија и, се чини – најдобар: стилски кохерентен, одмерен и без патос или патетика, сталожен во наративноста… По него се направени уште неколку споменици на Делчев (Струмица, Делчево, плоштад Македонија во Скопје и др.), како и во Бугарија, секако, но се чини дека ова дело на Љубомир Далчев најдостоинствено го претставува ликот на револуционерот, стамено и длабоко рефлексивно, занатски одлично изведено.

Едновремено, и личноста и делото на самиот уметник Љубомир Далчев се посебно интересни. Далчев е роден на 27 декември 1902 година во Солун, во семејството на кукушкиот – ете повторно врска со Делчев! – правник Христо Атанасов Далчев и прилепчанката Викторија Матеева Димшова. Тој е најстариот од браќата, поетот Атанас Далчев и на архитектот Борис Далчев. Во 1926 година завршил живопис во Сликарската академија во Софија во класата на проф. Никола Маринов. Две години подоцна завршил скулптура на Римската академија на уметности кај проф. Лупи, во истиот клас со Алберто Ѓакомети и Сретен Стојановиќ. Продолжил и завршил специјализација по пластична анатомија кај проф. Анри Мез во Школата за убави уметности в Париз во 1929 година. Во 1979 година со сопругата Ана Далчева (исто така скулпторка) емигрира во САД, каде умира во 2002 година Бугарија му се одолжила на уметникот со повеќе одликувања и награди: ордените „Народна Република Бугарија“, II степен (1959), „Кирил и Методиј“, I степен (1963), Димитровска награда (1971) и орден „Стара Планина“, I степен – во 1989 г. Го добил и почесното звање „Народен уметник“ (1971).

Не можев да најдам податок дали ние на каков и да ѐ начин сме му се одолжиле на Далчев. Дури и македонската историја на уметноста многу ретко го спомнува овој уметник и неговото дело во Градскиот парк во Скопје, како што впрочем денес се целосно заборавени многу историски генерации македонски уметници. Од денешен аспект интересен е фактот што речиси првиот споменик во Македонија по ослободувањето во 1945 година е овој на Гоце Делчев. И е дело на бугарски уметник (иако со „мешано“ потекло). Останува некои други генерации подетално да ја истражат целата сторија за споменикот, за уметникот, кој и како го поставил итн. Како и да ѐ, останува и фактот дека за многу генерации овој споменик бил прва и веројатно незаборавна средба со македонскиот револуционер Делчев.


[1] Споменик на Гоце Делчев (Градски парк, Скопје)

https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%A1%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D0%BA_%D0%BD%D0%B0_%D0%93%D0%BE%D1%86%D0%B5_%D0%94%D0%B5%D0%BB%D1%87%D0%B5%D0%B2_(%D0%93%D1%80%D0%B0%D0%B4%D1%81%D0%BA%D0%B8_%D0%BF%D0%B0%D1%80%D0%BA,_%D0%A1%D0%BA%D0%BE%D0%BF%D1%98%D0%B5)

[2] Любомир Далчев, https://bg.wikipedia.org/wiki/%D0%9B%D1%8E%D0%B1%D0%BE%D0%BC%D0%B8%D1%80_%D0%94%D0%B0%D0%BB%D1%87%D0%B5%D0%B2

[3] https://btvnovinite.bg/svetut/goce-delchev-s-neizvesten-dosega-pametnik-v-skopie.html