Monthly Archives: April 2019

ЈУДИНИ СРЕБРЕНИЦИ

Бидејќи веќе ја спомнав МАНУ во контекстот на институциите кои што, по дефиниција, (треба да) почитуваат но и да градат, да предлагаат културни вредности, неизбежен пример за тоа е нејзината фамозна Македонска енциклопедија како епохално издание на глупоста и новиот „систем“ на не-вредности кај нас. Среќа, велат, истиот сепак не заживеа онака како што требаше, иако сите – повеќе или помалку – ја имаме дома, во една или во друга форма, најчесто електронска. Што ќе рече, системот на глупоста и неговите мецени секогаш си го наоѓаат местото меѓу публиката! Оваа системска идиотштина беше клепана долги години и со огромни државни пари делени шаком и капом од бескрупулознион и со сите бои премачкан мазен „академик“ кој си ја додели улогата на врвен цензор на македонсиот вредносен систем, а останатите мануковци молчеа (пот)купени со хонорарите што тој им ги поттурнуваше како јудини сребреници. И целата работа помина така како што помина: и волкот сит и овците мануковци на број. Божем изданието повлечено, никому ништо, извинете – се шегувавме, остануваме на енциклопедиските темели што уште одамна ги воспостави омразениот им комунистички ум на кој што овие безумниве не му се ни до колената. Новиов македонски „систем“ навистина беше нов, иако не беше систем, уште помалку беше систем на вредности. Тој „систем“ ни покажа и ни докажа на кој степен се наоѓа научната и културната мисла во државава, а ни ги потврди и старите вистини за нашето недоразвиено чувство за државност, за култура, за вредност. И коруптивност, се разбира.

Така се создава нов систем на вредности во држави како нашата, ама затоа и таквите држави немаат цена на светската цивилизациска берза. Односно имаат – токму триесет јудини сребреници!

Но шарената лажга наречена Македонска енциклопедија беше всушност дел од една поголема, покрупна, безмалу милениумска државна измама наречена „Скопје 2014“ како државен проект за октроиран систем на нови културни „вредности“ директно од партиското и државното седиште на група измамници и – подоцна се виде – злосторници односно криминалци. Тој државен „проект“ требаше да ни покаже, и докаже, кои всушност сме, од каде доаѓаме, каде треба да одиме, кои се нашите вистински културни вредности, која е нашата дотогаш криена историја и кои се нејзините првенци. И ни покажа, иако не ни докажа. И не’ чинеше (се’ уште) недоброени пари, засега велат околу 600 милиони евра, ама сигурно и повеќе. Не се знае (се’ уште) ни колку од тие пари навистина отидоа на покажувањето а колку во џебовите и странските сметки на докажувачите. „Проектот“ ни го навестија со една смешна видео презентација покажувајќи ни ги главните столбови на тој нов „систем“. И повторно – цела држава одмолча. Сите, од МАНУ, преку Универзитетот односно универзитетите, до македонската интелектуална јавност. „Сви ником поникоше …“ што би рекол соседон Вучиќ, или едикојси. Одреагираа (немоќни) поединци и на тоа заврши „јавната расправа“ за милениумскиот „проект“ за ремоделирање на вредностите на македончето. Станавме резил пред светот, ама кој кај нас за тоа бере гајле, нели? Не дека за дел од понудените вредности немавме веќе сознанија, ама тие требаа да бидат кулисите зад кои што ќе заиграат оние другине, помалку вреднине или целосно невреднине.

Но ние ни за тоа немаме решение. Еве, се покажува и денес, зашто целиот „нов систем“ е се’ уште меѓу нас. Актуелнана „Ќе те прашам бабо, право да ми кажеш“ не е ништо друго туку само еден од многуте рецидиви на таа милениумска измама! Ама зарем главниот актер во песната не си седи се’ уште на бронзениот коњ во Кисела вода и никого не го боли глава за тоа? А толку галама се крена околу една песна (за која што, мора да се каже, современиците од тие времиња велат дека била популарна и се пеела меѓу народот!). Но ние не умееме ни таквите нешта научно, со фактологија и аргументи да ги разрешиме. А рецидивите допрва ќе ни тропаат на (отворена) врата!

Како и да е’, она што злосторничкото здружение лесно го разбра и го спроведе во дело е фактот дека на овој неук народ можеш да му продадеш се’ – од рог за свеќа до квази-историја за наука. И дека никој нема да писне. Оние кои евентуално би можеле да кажат збор-два – онаа негова таканаречена интелектуална и политичка елита – се купуваат за триесетина сребреници. Го разбраа и тоа дека токму државата, па нека се и криминалци во нејзино име, е единствената надлежна за продавање вредности, дури и во форма на кич од типот на „Скопје 2014“. Зашто, токму сиот кич од тоа „Скопје 2014“ ги возбуди заспаните националистички духови меѓу македончето, им го поткрена адреналинот па оди сега прибери ги.

РЕЛАТИВИЗАЦИИ

Некои (компаративни) студии на темата културни вредности во различни култури велат дека, на пример, Западната култура повеќе се приклонува кон индивидуализмот, додека источните култури се главно колективистички; или дека поединецот воспитан во духот на Западната култура повеќе ги цени сопствените етички верувања, за разлика од Истокот каде се супериорни групните етички верувања (особено на компаниите, на пример); дури, велат, културните вредности длабоко влијаат и врз самото лидерство во различни земји, зависно од нивната култура, итн. Од друга страна, ние се’ уште се прашуваме каква е нашата вистинска (а не прокламирана) еднаквост – особено половата, сексуалната и др.; дали успехот, и кој / каков, е вредност или се’ повеќе кај нас почнува да се цени криминалот и девијантното однесување како начин за општествен просперитет; е’ ли навистина религијата како доминантна културна вредност независна од политичките / политикантските текови, и слично. Нели се овие теми за една сериозна, квалификувана претседателска расправа? Или, на пример, повторно, оној прогрес за кој што се залага премиерот: точно, и ориентацијата во времето / иднината е општествена културна вредност. Но ако ние, полека и (дали?) сигурно ги допираме оние две толку посакувани иднини – ЕУ и НАТО – завршуваат ли со нив и нашите проекции за иднината, немаме ли таа заа нас и други вредности / цели?

Па оттука, какво е македонското општество во овој поглед? Го негува ли / го фаворизира ли повеќе индивидуализмот или колективистичкиот (особено етничкиот, но и партискиот) дух? Кои и какви се нашите етички верувања и ги имаме ли воопшто? Кои се нашите морални норми, особено после широката (и изгледа се’ уште незавршена) „експлоатација“ на таканаречените „бомби“ кои предизвикаа вистински морален лом во општеството? Или, конечно, постои ли во / кај нас онаа т.н. културна интелигенција како „способност на единката да се адаптира низ интерактивноста со други од различни културни региони“ (Early, Ang и Van Dyne)? Нашето секојдневие сведочи дека ние (се’ уште) тешко се ориентираме и низ нашата културна различност, а камоли во некоја друга, вон нашите граници. Впрочем, слоганот „Едно општество за сите“ (паметно) инсистира токму на тоа, и тоа е еден од малкуте позитивни примери во оваа претседателска кампања! Иако, кога ќе видите дека се’ уште мораме да инсистираме на него, испаѓа дека многу малку сме направиле и во таа насока, која што, нели, ја смета(в)ме за апсолвирана. Ама, очигледно, не е односно и понатаму се потхранува некаква поделба, некаква различност на „тие“ и „ние“, барем во кампањата на другиот претседателски кандидат. Или, уште полошо, „тие“ комплетно се игнорираат, како и да не постојат! А за таа „опција“ гласаат речиси педесет проценти од излезените гласачи!?! Треба ли ние тука нешто да ревидираме или дотолку повеќе да инсистираме на единството?

Нашите културни вредности, ако ги имаме, а ги имаме но можеби недоволно ги знаеме, се нашата ориентација во општеството, ова овде ама и она надвор – во светот.И тие секојдневно се подложни на проверка, на доработка, ако сакате, но – се согласувам – и на релативизација, па и ревизија. Ако за тоа има аргументи. Ама ние дванаесетгодини не слушнавме еден нормален аргумент за, на пример, агресивното потхранување на митот / значењето како „културна вредност“ на Александар Македонски за ова парче земја и за овој народ, а ние како некакви потенцијални негови наследници, што ни го прикажуваа како некакво историско ДДВ, некаква додадена вредност на сегашноста. Современите пелтечења на „пастирот“ и неговата сурија апаратчици, некои и од историческа провениенција, беа навистина жални. Не велам дека и комунистичко-социјалистичката македонска историографија од периодот 1945-1992, па и подоцна, со целосното премолчување до игнорирање на прашањето – ама и со извесна (иако минимална) издржана аргументација – не направи соодветна штета во обратната насока, а на која што се налепија партискине балван-историчари. Токму затоа е неопходно и континуирано преиспитување на вредностите, најопштите – во смисла дали истите се се’ уште актуелни вредности, но и на некои поспецифични, како што беше прашањето токму на Александар Македонски, па на пример на „улогата“ на историското ВМРО и дел од неговите „видни“ личности во македонската историја и националното „освестување“ на овој народ ититн., па дури, ако се покаже како потребна, и релативизација на истите. Но на аргументиран, стручен, научен, компетентен начин … придавки кои што, повторно, во изминатите дванаесетина години, па и денес, не ги слушнавме. Секој, па и полуписмениот и докажано глупавиот добија право на учество па дури и на одлучување во преиспитувањето на македонските вредности, на бришење и допишување на листата на чинители/ вредности кои ја задолжиле оваа земја, итн. Впрочем, што беше фамозната Лустрациска комисија и она смешно човече на негово чело? Зарем некој сериозен ги виде како квалификувани, стручни, компетентни поединци? Напротив, тоа беше типична партиска (од обете страни) комисија за сечење неистомислечки глави, дури и на такви кои со децении биле сметани за културна вредност на оваа држава. Таквата партиска релативизација и ревизија на вредностите беше осудена од сите сериозни македонски интелектуални капацитети. Или, ако сакате, што значеше онаа гнасна изјава на еден македонски пратеник за основоположникот на македонскиот литературен јазик? Ако тоа не беше обид за минимизирање на значењето на една осведочена културна / историска вредност за оваа држава и кукавичко подметнување на релативизацијата на неговата улога, тогаш еве – се извинувам. Ама конкретната будала никогаш не се извини за изречените зборови, ако не повеќе барем на семејството на Конески, а оваа држава не го повика на одговорност. Што ќе рече дека секој шутрак може јавно да плука по македонските културни вредностии? Да, тоа тоа значи! Ако пак кон таа хајка го додадете она карикатурално „спомениче“ на Блаже Конески што стои пред МАНУ, божем подигнато во некова чест, а всушност токму на линијата на негово омаловажување, тогаш за каква културна вредност говориме? Зашто, белки, нема некој сега да почне да ме убедува дека тоа монструмче таму е во слава на Конески? Ако има и такви, особено во она МАНУ, тогаш кај нас умот и критериумите се дефинитивно урнисани. Плус, ако кажеме дека спомнатата карикатурална претстава на Конески пред МАНУ е подигната малтене во исто време односно само еден месец по споменикот на Александар Македонски среде плоштадот во Скопје (2011), тогаш не е ли тоа вистинско олицетворение на онаа гнасна изјава (која немам намера да ја повторувам)? И ако „јазикот е нашата татковина“, а неговиот кодификатор како наша културна вредност е така релативизиран – да не речам „ликвидиран“, и тоа со дивоградба – за какви национални вредности имаме воопшто образ да говориме?

„НОВИ“ ВРЕДНОСТИ?

Многумина денес сметаат дека „културниот систем“ се соочува со криза на легитимитетот. Ова го признаваат дури и во културно најразвиените земји, односно – особено тие. На пример Велика Британија каде што, велат, се се’ поочигледни: јазот / расцепот во државниот систем на финансирање (Arts Council England и Министерството за култура), радикалните буџетски кратења на нивото на локалната управа, панични тетеравења во инаку цврстото институционално функционирање итн. Познавачите (на пример Џон Холден) велат дека ова не е ништо ново туку трае веќе триесетина години односно дека политиката континуирано се мачи но не успева ефикасно да ја разбере културата. (Дури, како куриозитет, Департманот за култура, медиуми и спорт на Велика Британија јавно признава дека „не постои официјална владина дефиниција за културата“. Се разбира, тие пропуштиле да не прашаат нас како најумни во светот, зашто ние ова го дефиниравме уште во 1998 година во монструмчето наречено Закон за културата!).

А ова не(до)разбирање помеѓу политиката и културата ни е нам итекако блиско. Ние дури немаме ни криза зашто никогаш и не сме имале нормален однос помеѓу културата и политиката. Најмалку денес. Што е тоа што политичарите не го разбираат? Не знам, тоа сепак треба да го одговорат политичарите, ама мислам дека еден од можните одговори е – апстрактното мислење. Или, прво, културата, за разлика од, на пример, здравството или образованието, е премногу хетерогена и се бави со предолги и прекомплицирани дефиниции. Како на пример: културата е комплексен систем на значења и однесувања кои што го дефинираат начинот на живот на општеството; таа практично ги обединува социолошките шеми на однесување, ги вклучува верувањата, традицијата, уметноста, институциите … и сите останати „производи“ на човековиот труд и мисла, итн., итн. Предолго бре брате и премногу замрсено. И второ, згора на тоа, секој дел од можните дефиниции подлежи на нови специфични додефинирања, сите по ред апстрактни речиси во секој поим / збор од дефиницијата. А политика и апстрактното мислење ретко одат заедно! Политиката сака – конкретно!

Ама, спомнатиот Холден вели дека има нешто што политичарите го разбираат во културата. Тоа е културната вредност! Не знам дали сака да каже дека тие разбираат се’ што е „вредност“ само по себе односно во материјална смисла, или нешто малку попроширено, сеедно. Но зборот вредност и’ дава и на културата некаква посебна магнетна аура, и’ дава важност и значење кои што политиката се обидува да ги разбере! Тоа, секако, таа културна вредност не е баш нешто опипливо, иако може и да биде, не е нешто конкретно, ама дава основа за размена на мислења, за дијалог кој што инаку го нема помеѓу културата и политиката.

Но, оваа тема ја отворив во нејзината поширока, да речеме антрополошка и социолошка сеопфатност, а не во тесно културна (која никако не е за потценување). Односно, мислев на културните вредности во историска и социолошка смисла, на симболички вредности на едно општество, на духовните и естетските вредности … Или, на сето она кое само и сосема бегло се назира во нашите (се’ поретки) дијалози, а безмалу никаде не е јасно формулирано или дообјаснето, особено од страна на компетентната политика. Да, правната држава особено е културна вредност, ама не е само таа и не може само таа да ја движи државата напред. И да, прогресот, оној што го потенцираше премиерот, е исто така културна вредност, ама како истиот се манифестира, со / во што, и има ли прогрес само во една-две области а ви сите други имаме регрес? Тоа се нашите потенцијални и неопходни разговори, дури и во времето на претседателските кампањи, а особено во времето на парламентарните и локалните избори. И не само тогаш, зашто мислам дека најголемиот број луѓе во оваа земја не ги знаат основните културни вредности на кои што се темели државата зашто никој не се ни обидел да им ги објасни. Прашање е и дали тоа објективно го можат / умеат нашиве политичари, ама барем да се обидат, нели?! Или, кога се обраќаат на гласачкото тело – да, јас сум запнал на оваа тема, ама време е на претседателски избори а нон-стоп слушаме празни муабети – знаат ли воопшто во што верува Македонецот, Албанецот, Ромот … ? И не мислам на верувањето во религиозна смисла туку верувањето токму како општа културна вредност? Правна држава – да, прогрес – да, ама морал, чест, демократија, слобода … ? Важни ли им се, битни ли им се за нивните животи, за нивните семејства? ЕУ, НАТО … дали тие се замена или не дај боже компензација за вистинските културни вредности? Експертите велат дека културните вредности се разликуваат од култура до култура. Се разбира, она што е вредност во Америка, не е во Европа, уште помалку е во Јапонија, или Кина. Ама кои се нашите (културни) вредности и зошто никој не им се обраќа, не ги легитимира на соодветен начин? Повторно – правна држава? Ок, ама изгледа дека кај нас е важно кој говори за неа. Ако тоа го прави некој друг, тогаш тоа е само „излитена фраза“? Ама кога излегува од устата на од господ дадената – тогаш е вистинската вредност? Ма дајте, ве молам. Исто како кога го озборувате Јосип Броз а се’ уште живеете на неговото наследство!

Културната вредност на извесен начин подразбира не само рационално туку и емотивно „поврзување“, луѓето се „сплотуваат“ за општите вредности, па и гласаат за нив. Да, определбата (во политичка смисла) за десно или лево – а токму тоа го имаме сега, или така ни се претставува – е определба за една од тие две културни вредности. Значи ли сегашниот резултат на претседателските кандидати дека ние сме поделени фифти-фифти? Не сум сигурен.

Но, културните вредности во најширока смисла ги создава историјата / народот (особено преку митовите и фолклорот), ама во пократки (да не речам дневни) инстанци – денес – ги градат институциите и поединците. Од највисоките до најниските, од Собранието до еден локален музеј, од Владата до една селска библиотека. Не сум сигурен дека ова македонската политика целосно го прифаќа, уште помалку го имплементира. А прашање е и колку го разбира. Двете комисии што работат со соседите – Бугарија и Грција – работат всушност на „ревизија“ на културните вредности. Зашто не само односно особено не браќата Кирил и Методиј, па Самоил, Прличев, Делчев, НОБ … се исклучиво историски туку во најширока смисла се и културни вредности. Сигурен сум дека нашите претставници во овие комисии го знаат тоа, барем некои. Оттука, разговараме ли / преговараме ли ние и за „усогласување“ на културните вредности со соседите? Не знам, тоа треба да го кажат надлежните. Или, јасно ли ни е дека кога велиме дека некогашниот Градски стадион во Скопје ќе се вика стадион „Тоше Проески“ ние создаваме нова културна вредност? Која што ќе трае колку што ќе трае односно додека не се најде некој повторно да го смени ова целосно несоодветно име. И што е целосно несоодветно, исто како што беше и „Филип Втори“, ама и таканаречениот „музеј“ на Тоше Проески во Крушево? Дури не сум сигурен дали, и колку зборот таканаречен, и наводниците, реално го отсликуваат тој скандал? Зашто, дали навистина еден млад човек, колку и да бил популарен, колку и да ни прираснал на срце на сите, дали тој, имено, покрај се’ што е направено за него на државно рамниште, е токму таа релевантна културна вредност на оваа држава? Наспроти многу други, а зошто да не речам и повозрасни, посериозни, позаслужни, покомпетентни, повредни … ?! Како што, впрочем, беше апсолутно глупаво градењето на митот / култот кон Александар Македонски  па згора и предлогот за именување на Универзалната сала (како некаков конгресен центар) со неговото име?!

Дали кога вака ќе се постават нештата политичарите разбираат за какви всушност културни вредности станува збор? Повторно – не сум сигурен.

КУЛТУРА НА ВРЕДНОСТИ

Умните луѓе велат дека сите цивилизации – што ќе рече не само Западната – почиваат врз цврст систем на културни вредности како суштинско јадро на принципите и идеалите (не само) на современите општества. И го сакале ние тоа или не, тука повторно се јавува зборот култура / културни, оној збор кој кај нас малкумина сакаат да го слушнат. Апропо, слушнавме ли некој од претседателските кандидати да го спомне зборот култура, во кој и да е’, во каков и да е’ контекст? Не, се разбира, (освен онаа несреќна културологија на Пендаровски), зашто кај нас претседателот на државата не мора да е културен, не мора ни да знае што е тоа култура? Иако, велат (Блажевска), тие не спомнаа, или не знаеа, и многу другите работи кои ама баш би морале да ги знаат (број на војници, упразнети амбасадорски места итн.). Но, вели Блажевска, ќе научат. И ние секогаш со тоа се тешиме. Дури и кога е во прашање претседател на држава, судија во Уставен суд, академик, министер и слично! Ама сепак на сите им е / беше полна устата со „вредности“ – секакви, од демократски до правни – како тие да паѓаат од небо а не се прозвод токму на културата на една средина, заедница, држава. (Она актуелноно умоотпорно растение од Водно ја спомнуваше културата еднаш годишно, на отворањето на Фестивалот „Браќа Манаки“, па и тогаш главно трескаше глупости за филмот, за културата, глупости што веројатно некој друго растение од негов вид му ги пишувал зашто тој не би умеел да состави ниту една простопроширена реченица за културата. Исто ли ќе биде и со овие?).

А сепак, културата / културните вредности го моделираат начинот на кој што живееме, го фокусираат нашиот светоглед. Не дека не би можеле и без ова, без културните вредности, ама тогаш нема да не вбројуваат меѓу цивилизираните општества. Затоа, велат, културата е клучот за сите кризи во општеството, таа е и капацитетната „алатка“ која што ги носи промените кај луѓето / општествата со цел да обезбеди спокој и одржлив развој. Се разбира, тој клуч не е семоќен, особено ако не сакате да го користите! Апропо, затоа и мислам дека евидентната стагнација во нашиот културен развој од 1992 наваму односно нашата целосна културна деградација и неможност за развојно престројување се причината за нашата општа (културна) девастација и назадување на општеството. Државите „растат“, се развиваат, јакнат на темелите на културата. Ние – назадуваме на темелите на некултурата!

Затоа, впрочем, ако (Северна) Македонија денес по нешто загрижувачки дијаметрално се разликува или отстапува од (западно)европската цивилизација, тоа е т.н. систем на (културни) вредности. Поточно, по отсуството на што и да е’ што барем приближно би можело да се идентификува со некаков (дури и лабав, ориентационен) систем на постојани (културни и други) вредносни координати кои што ја стабилизираат оваа држава во нејзините севкупни политики. Зашто вкупните политики на една држава морат да се темелат на востановен систем на вредности во сите области – почнувајќи од историјата до здравството, од културата до образованието, од економијата до човековите права … Ако тоа го немате, немате ништо. Иако мислите дека имате. Ама тоа се вика привид, или лага, како сакате. Општествените норми се ништо друго туку усвоени (културни) вредности, иако (како што вели Харари) почиваат на заеднички митови. Во библиските времиња општествениот поредок, заснован врз универзалните и вечни принципи на правда, бил даден од Бога. А во тој поредок хиерарскиот принцип бил алфа и омега. И врз тој принцип се засновале сите (културни) вредности. Барем правнициве треба да го знаат Кодексот на Хамураби, кој утврдува дека „доколку некој од повисоката класа му го ослепи окото на друг од истата класа, тогаш и неговото око ќе биде ослепено“, ама „ доколку некој од повисоката класа му го ослепи окото на обичен граѓанин од пониската класа (…) ќе треба да му исплати 60 сребрени шекели“. Ете ја утврдената вредност, и кај класите – да се знае кој каде припаѓа, и кај очите, барем кај обичните граѓани. Но цена имале и другите нешта: животот на жена од пониската класа чинел 30 сребрени шекели, на жена робинка 20 шекели, пометнувањето на жена од пониската класа чинело 5 шекели итн. Очигледно Хамураби сметал дека оваа дистинкција на основните вредности, па и нивните цени, мора да се направи во неговата држава уште во 1776 година пред нашата ера, односно дека системот мора да функционира врз некои дадени / усвоени вредности, правила, норми.

Денес, и кај нас, се разбира, општествениот поредок е даден не од Бога туку од демократските институции во форма на Устав и закони. И во нив се опишани, или определни, ако сакате, нашите вредности во форма на парламентарната демократија како општествено уредување, вредностите како слобода на говорот, на уметничкото изразување, човековите права итн. Да, од таа страна сме покриени, што се вели. Но, кај Хамураби системот функционирал. Тој за себе велел дека е благороден крал, дека неговите одлуки се праведни и дека ја води земјата по патот на „вистината и исправниот начин на живот“. Иако, ова го велат и нашите институции задолжени за спроведување на основните вредности на системот. Ама сепак медиумите ни се полни со (најблаго речено) противречни искази за функционирањето на тој систем, за аномалии за кои што Хамураби без пардон би сечел нозе и раце зашто самиот тоа го запишал во неговиот Кодекс.

Но, добро, ова е едниот аспект на општествените / културните вредности. Современите држави денес не се повикуваат, како Хамураби, дека државата им е доверена на чување од боговите (Ану, Енлил и Мардук, како во случајот на Хамураби) туку дека тоа го прават – во името на народот. Иако и народот е подеднакво имагинарна категорија како и боговите. Кој „народ“, имено, бил консултиран при намалувањето на казната на пијаниот возач кој усмрти девојка, и нели токму тој „глас на народот“ низ устата на голем број медиуми и луѓе зборуваше токму спротивно? Но современите системи ја наметнаа, меѓу другото, и „кваката 22“ наречена – релативизација. Не само во правосудниот систем (со казните од – до) туку во сите сегменти на секојдневниот живот. На пример, сите се еднакви, само некои се поеднакви. На што ви личат сите оние привилегии на пратениците во највисокиот законодавен дом? А во отсуството на почитувањето и на најцврстите општествени / културни вредности (Устав и закони), на изградени стандарди и критериуми, царува токму релативизацијата. И ние сме цареви во тоа. Кај нас се’ е подложно на релативизација: од идентитетот до судските пресуди, од историската улога на ВМРО-то до Блаже Конески, од правната до партиската држава итн. Кога ќе почнете да ги релативизирате сите (наводни) вредности во државата, започнува крајот на истата, на државата. Зашто тогаш сечиј, и ничиј став е релевантен; секој е закон / судија / извршител; тогаш посилниот, помоќниот – а по правило тоа се (по)неспособните – е власт во државата. Уште Маркусе велел дека ќе дојде време кога самото општество ќе биде уметничко дело, а маестро Бојс ова го надградил со мислата дека секој човек е уметник. Ама сето тоа ние го сфаќаме буквално, и не само тоа, како што ја сфаќаме буквално и демократијата и ја трнсформираме во анархија односно (во нашиот пример) во власт на неспособните, неуките, неписмените. Сериозните демократии, па и автократии – а онаа на Хамураби е тоа во самата суштина – почиваат на функционирањето на вредностите, општествените и културните. За тоа, следниот пат.

(НОВА) МЕРКА ЗА ГЛУПОСТ

Не мислам дека нашата политичка (не)култура е најбитниот сегмент во културата на оваа држава. Ама е’ многу битен, односно многу нешта (ќе) зависат од нашата политичка (не)култура. Не знам колку власта е свесна за ова. Според некои назнаки – да, ама според праксата – воопшто. Оттука, не знаеме што е точно! Меѓутоа, колку и да сакаме да ја гледаме функцијата претседател на државата отприлика како нешто слично на британската кралица – а не е баш така – тоа сепак е многу важна функција во државава. Ни се допаѓало тоа или не, се вклопува ли тоа во нашите демократски определби, какви и да се’ односно ние тоа го цениме не според надлежностите туку според персоната што ја претставува таа функција, со наш (или не) амин / глас. И бидејќи еднаш спомнав детал(и) од кампањата на Пендаровски, не е во ред да ја оставам противкандидатката „недопрена“, особено заради фактот што таа, дури и (би рекол) несвесно, нуди особен материјал за јавна „прозивка“.

Зашто, некој ќе рече, ама јас ќе се согласам, што ќе ни е претседател кој не знае каде е, не знае кој датум е, не знае кога се изборите за претседател на кои што учествува итн. Некој ќе рече: неважно. Ама дали е баш така? Што ако таа, како евентуален претседател на државата, скраја да е, утре, на билатерални разговори со шефот на државата на Турција, мисли дека се наоѓа во – Грција? И почне да ги „пцуе“ турците односно да им дава поддршка на грците за редицата нивни нерешени меѓусебни спорови? Добро, знам, „нашава“ кандидатка никогаш не би отишла во званична посета на Грција, ама зарем веќе тоа не е гооолем проблем во нашите со крајна мака воспоставени пријателски односи на Балканов, па на нашиот пат кон ЕУ и НАТО, итн.? Или кандидаткава планира токму тоа и да го прави? Па зошто тогаш би ја гласале? Иако, да бидам искрен, воопшто не сум сигурен дека таа, како претседалка – скраја да е’ – баш тоооолку би се пренемагала да отиде во званична посета на Хеленската Република. Хелените, да не речам Грците, умеат да бидат извонредни домаќини, а нашава потенцијална претседателја – скраја да е’ – не е баш толку отпорна на „убави“ нешта.

Или, на пример: таа нема појма кој ден / датум во годината е, уште помалку има појма кога треба да се случи еден толку важен настан како што е гласањето за (нејзиниот) избор за претседател! Можете тоа да си го замислите? Тоа му доаѓа на исто како кога имате закажан состанок на тој и тој датум, а вие се појавувате на состанокот неколку месеци подоцна. И се чудите зошто нема никого, односно вие сте единствениот учесник на непостоечкиот тоест промашениот состанок. Дали ние навистина мислиме дека нам, сега и овде, баш во овој миг, ни треба таков претседател?

Иако, да бидам искрен, јас лично имам проблем и со логиката на актуелнава кандидатка за претседателската функција, што е речиси неспоиво со нејзината професија. Сакам да кажам, повеќе бев / сум, подготовен да се судрувам со „дупките“ во логиката на нејзиниот противкандидат, отколку кај еден (наводно важен, и наводно светски) универзитетски професор, кому логиката, барем елементарната, се претпоставува, му е малтене дневно добро утро. Што ќе рече, кога нашава кандидатка се буди наутро, кога и да се буди, првото „добар јутар“ треба да и’ биде со логиката, па со правото / правдата (дали онаа на коњон или некоја друга, не знам), па потоа со семејните обврски, ако ги има, и се друго со ред. Ама, спазете ја оваа „логика“ на нашава претседателска кандидатка. Таа вели (ја парафразирам Мирјана Малеска[1]): ако на претседателските избори победи кандидат на власта, тоа води кон апсолутна власт, што е (као) лошо за државата; ако пак победи кандидатот на опозицијата (тоест госпожава Силјановска), таа (Силјановска) очекува предвремени собраниски избори и победа на опозицијата, чиј кандидат е таа!(?). И         сега, да простите, јас немам проблем само со едната „професорка“, туку со двете односно со нивната логика. Имено, ако на овие претседателски избори победи Силјановска како кандидат на опозицијата, и ако – како што вели таа – со тоа се отвори процесот за победа на нејзината „политичка“ опција на предвремените парламенти избори, на кои што, нели, ќе победи опозицијата, нема ли тоа да значи воспоставување на нова апсолутна власт? Во случајов онаа опција на оваа кандидатка, плус остатоците на злосторничкото здружение сега модифицирано како реформирана партија? И зарем тоа (повторно) би било нешто различно односно не би било некоја нова апсолутна власт, или госпожа Силјановска е длабоко убедена дека таа ќе успее да се оттргне од шепите на злосторнициве и ќе делува самостојно и независно? Мислам – колку глуп треба да бидеш да го мислиш ова? Или колку наивен, особено политички, треба да бидеш за да веруваш во оваа будалаштина и сепак да се кандидираш за претседател на држава!? Или, ако баш сакате, зарем некој навистина може да верува во ова? Па тоа е елементарна логика, нешто што и мало дете би го разбрало како контрадикција сама по себе. А женава е (демек) универзитетски професор, позната ширум светот? Шио ми га Ѓура, велат србите, со точно / конкретно значење. А тоа е: има ли навистина будала која ќе поверува во овој исказ на професоркава, некој кој сериозно би гласал за вакви (да простите) полуписмени персони налепени на идејата дека пред да одат во (заслужена? којзнае?!) пензија, треба да се обидат, со помошта на разноразни бандити, да се доберат до врвната позиција да дрмаат со државата, а во интересите на вакво криминално здружение какво што е нејзината „партиска“ поддршка? Или, конечно, зарем некој сериозен претседателски кандидат би снимил нешто онолку смешно како „Другата страна на политиката“, или би ја премолчал онаа популистичка кичовизија со „правдана“ на коњ? Мислам, колку им треба на луѓето да видат дека нејзината наводна супериорност не е ништо друго туку елементарен сељачизам маскиран со надмена поза и божем воздржаност која што не е ништо друго освен невиден простотилак и зачудувачко незнаење?

И во случајов, не можам а да не направам компарација со сегашнава ситуација. Не баш со голем ќеф, признавам, ама мислам дека сегашнава македонска мерка за глупост и простотилак наречена „хорхе“ ќе мора да се менува, ќе мора да се вика „гога“. Без оглед на нејзината судбина како претседателски кандидат, иако, мислам, судбината е веќе јасна!

[1] Мирјана Малеска, За поделбата на власта и добтрата синергија“, Плусинфо, 17 април 2019

ПОЛИТИКАНТСКИ КИЧ

Не знам дали скоро сме виделе таков одвратен визуелен кич завиткан во „национална“ обланда како последниов „спот“ на остатоците на злосторничконо здружение и, за жал, нивната (наводно) непартиска кандидатка за претседател. Не знам што во него е политички, и културно, и визуелно поодбојно: дали она божем сонце од Вергина кое што злосторнициве, и професорката, не можат да го преболат, или оние пранги на рацете на „глумицата“ или вкупната аудио-визуелна патетиката … И кому всушност ова му требало? На асистентон, на професорката, на членството, или само да се потрошат парите на граѓаните дури и за такви глупости кои повеќе одбиваат отколку привлекуваат? И токму за тоа пишував и минатиот пат во врска со македонската политичка (не)култура: што замислувало дека ќе постигне злосторничкото здружение со овој невкус рекламиран во ударно време по македонските национални телевизии? Дека со него ќе привлече нови гласачи? А врз основа на што, односно – со што? Со сонцето од Вергина, заради кое јужниот сосед креваше (и крева) толкава врева, и со право? Сакаат дополнително да ги иритираат луѓето, не знаат што пишува во „Преспанскиот договор“, не сакаат да знаат? И тие себеси се нарекуваат политичари, сосе професорката заедно? Бандити невидени! И тука, од таа елементарна политичка некултура не може да се изземат и медиумите што, како платено рекламирање, ја емитуваат таа бљувотина. Зашто, значи ли тоа дека ако платите тие ќе емитуваат – се’? И буквално се’, дури и вакви идиотштини кои што директно завлегуваат во кревкиот политички процес и „Преспанскиот договор“ со Грција, вакви „творби“ кои се основано и сосема легитимно одбојни за еден голем дел од гледачите / граѓаните на оваа земја? Има ли нешто што македонскиве медиуми нема да го направат за пари? Има ли кај нив некаква политичка култура, или барем назнака за нешто такво, некаква (политичка, но и културна) селективност во однос на емитуваните содржини, без оглед дали некој за нив плаќа дебели пари? Не сметаат ли дека тоа е навреда на чувствата и достоинството на еден голем дел од нивната публика?

И тука повторно се навраќаме на нашата неукост, на нашето незнаење на елементарните нешта во врска со граѓанската култура и согледбите на пошироката публика во однос на вакви „идеолошко – политички“ содржини, како луѓето реагираат, што ги дразни, одвраќа, нервира, омаловажува од овој тип „програми“, итн. Ова особено е работа на медиумите, а првенствено оние со национална концесија.

Almond и Verba, едни од основоположниците на истражувањето на т.н. „граѓанска култура“ во рамките на политичката култура, велат дека граѓанската култура се базира на „комуникација и убедување, на култура на консензус и различност, култура што дозволува промени но и ги модерира“. Што од оваа дефиниција имаме овде, ако воопшто нешто имаме? Ништо, нула, празна слама. Ова ли е таа вмровска граѓанско-партиска (политичка) култура, во истовреме и на почитуваната натпартсика професорка, ова ли е нивен начин на комуникација со граѓанството, со нивното гласачко тело, нивен начин да ги убедуваат гласачите да гласаат за нивната „опција“? Кому всушност тие се обраќаат: само на своето гласачко тело, или и на неопределените, или дури и на спротивниот табор … кому? Ако е тоа само за нивна интерна употреба помеѓу членството и гласачите, нека си го прават тоа на нивните партиски журки. Но, вака ли, како „спотов“ размислува и професорката, вака ли таа би претседателствувала, на бел коњ во галоп, со доцртување на краците на сонцето од Вергина, со аболиција на сите партиски криминалци од Шутка, Идризово и другите македонски затвори преку симболичното кинење на прангите? Или, не’ подготвува ли овој „спот“ можеби и на потенцијалната (и најавувана) аболиција од умоотпорноно растение на Водно, на која што нашата правна држава не знае како да реагира, па ќе чека да се случи, ако се случи? Вака ли остатоциве од злосторничкото здружение ја гледаат граѓанската политичка култура и партиципацијата на нивните членови во граѓанските должности? Колку сме ние всушност назад зад светот, зад Европа, зад сериозното поимање на политиката, на културата, на политичката култура, на граѓанската политичка култура! Замислете еден ваков „спот“ во рамките на ЕУ!

Но, можеби овие (в)морониве навистина така и мислат. Сосе професорката. Мислат и понатаму да го иритираат соседството, ЕУ, САД, целиот свет? Ќе потонат ли уште некој брод ала „Гвадалкивир“, или барем ќе снимат ли спот и за таа алтернатива, ако не победат? Ама зарем националните телевизии и тоа би го емитувале, зарем тие мислат дека се обраќаат само на нивните гласачи, а не и на другите кои, ни криви ни должни, мораат да гледаат ваков популистичко простачки шунд? Да, ама овие плаќаат. Плаќаат, ама со наши, па и ваши пари. Или оние така си враќаат своите пари? И немаат ли обврска да го одбранат консументот од таков тип агресивни пораки? Нели едно време имаше некое „тело“ (или продолжена нога / рака), повторно плаќано од наши пари ама каде на чело (се’ уште) седи еден вморон, кое што беше као надлежно за вакви работи во аудио-визулениот сектор? Има некој да ги разбуди?!

И бидејќи ги спомнав основоположниците на истражувањето на т.н. „граѓанска култура“ во рамките на политичката култура, нивните истражувања селектирале три вида политички структури во рамките на т.н. граѓанска култура. Тие се: учесник (партиципиент), субјект и ограничен (парохијален). И нема овде да ги разглобувам кој субјект што значи и како се однесува, уште помалку ќе правам паралели со нашава реалполитика, ама факт е дека ние, повторно, не знаеме која / каква е политичката структура на нашиот граѓанин, уште помалку на нашиот гледач (еве, условно, како homo politicus). Оттука, дали партискиве обраќања / пропаганди се темпирани за некаков општ тип, некоја општа структура, дали нашите медиуми воопшто имаат појма каков прием имаат кај гледачите ваквите емитувани „содржини“, итн? Или токму заради тоа што не знаеме, дозволено ни е – се’?

ВИЗАНТИСКО-ОТОМАНСКИ МИКС

Не знам од каде „се извлекуваат“ дериватите на македонската политичка култура. Нејзината односно нашата политичка граѓанска историја е прекратка (иако не и културната), ама ние денес ни таква каква што е, кратка и безмалу двовалентна, не ја користиме. Едно време владееше некаква фама за (божем) вродената „византиска жичка“ во македонската политичка „мудрост“ и политичка „култура“. Не знам од каде го измислија тоа, а не, на пример, отоманското „политичко“ наследство кое што било присутно на овие простори цели пет века, се’ до Балканските војни? Тогаш, врз основа на што и на кои проучувања се темелат актуелниве претседателски избори и предвидувањата на политичките партии? Врз основа на анкетите? Смешно. Уште помалку знам зошто ние не би ги користеле светските политички искуства, или барем оние на Западната политичка / интелектуална традиција? Да речеме по примерот на Монтеские и де Токвил, и се разбира Фуко, дека политиката и владеењето се примарно културни конструкти, дека политичките граници се фундаментално културно прашање (Фуко)? Или ние сепак се гледаме себеси како некакви „ориенталци“, па поблиски ни се Византија и Турција, иако целиме кон Европа? Иако всушност кај нас никој не говори за овие нешта, барем не јавно, ниту пак се занимава со македонската реалполитика и делумно со политичката култура, повторно – барем не јавно. Односно, говорат многумина, и ќе ги спомнам подолу, ама исто како и да не говорат. Можеби и надлежните професори на факултетите нешто предаваат во таа насока, ама исто како да не предаваат. Или, понатаму, кои се најсветите колективни вредности и цели на македонската политичка култура, кои се нејзините стратегии, дискурси, па и митови, ако сакате, но и граници? Или, можеби, ние не говориме за политичката култура зашто и политиката, ама и културата, ни се големи, големи – непознаници? Да, се разбира дека го имам предвид историскиот развој на оваа земја / држава, имам и разбирање за тоа, ама како човек да разбере дека се бавиме со нешто што не го разбираме, ниту пак сакаме да го разбереме?

Но, сето ова што го пишувам за и околу културата и нејзината општоприсутност во општеството (дијалог, толеранција, вредности, демократија итн.) – во политиката особено, но како неприсуство! – испаѓа како млатење празна слама односно како некаков дијалог со себеси кој што никого не го интересира. Но не е баш така. Зашто, на пример, како продолжување на темата за „политичката (не)култура“ кај нас, можам овде слободно да ја цитирам целата најнова колумна на Сашо (Ордановски) насловена „Што ќе и е’ Грујо на Гордана“. Или на Џабир (Дерала) со наслов „Додека глумиме демократија“! Или ене ви ги сите текстови на Геровски последниве години. Сакам да кажам: не дека нема поединци кои континуирано пишуваат, потсетуваат, укажуваат на сите политички и политичко-културни фелери во оваа држава, ама – има ли кој тоа да го прочита, па дури и да го земе предвид како јавно искажано компетентно мислење зад кое што би се наредил едно чудо народ? Зашто, на пример, текстовите на Сашо се редовно читани од (најмалку) 3-4.000 луѓе. Малку? Не би рекол. Или, ако ги соберете читателите на сите други (Џабир, Геровски, Малески, Грчев, Тричковски, Вангелов, помладите Јовановиќ, Мицковиќ … во некои други времиња и Ѓунер, Милчин, па и Пендаровски … па неколку сериозни новинарски имиња како Младенов на времето или денес Блажевска, Костова итн., … да, знам, секое набројување е ризично заради можната заборавност, ама заборавените ќе ми простат, се надевам) кои главно пишуваат (стручно и аналитички) за политиката и политичката култура кај нас, ќе добиете добри десетици илјади народ. Добро, тоа (повторно) не е некаква политичка сила, ама по бројност е многукратно поголема од некои политички партии во Македонија кои биле / се’ некакви (коалициски) фактори во власта!

Зборот ми е: политичката култура во Македонија се градела, и се гради (и) со такви јавни „упатства“ за слабостите на системот, за некултурата во политиката, за провинциското политичко однесување на главните фактори во државава итн. Затоа, не можеме да кажеме дека немало укажувања. Прашањето кај нас секогаш е во прифаќањето на критиката, уважувањето на „туѓата“ перцепција, на спротивставеното / другото (освен строго партиското) толкување на нештата, на користењето на сите ресурси во полза на подобрувањето на состојбите. Нешта што во цивилизираниот (политички) свет функционираат одамна. Прифаќањето на јавната критика, јавното укажување, јавното посочување на можни подобри (политички и секакви други) решенија е составен дел од политичката култура и во сериозни држави е речиси незамисливо тие да се игнорираат. Политичарите-игноранти од тој тип бргу ја завршуваат кариерата! Е тоа кај нас не може да профункционира зашто официелната политика мисли дека е единствената меродавна сила во државата. И дека позитивниот изборен скор им ги дава сите права, дури и оние да ја упропастуваат државата. Па барем тоа го гледавме, и тоа цели дванаесет години, бевме сведоци на политичка некултура од најпростачки – да не речам најсељачки – тип, на фрустрирана самобендисаност и политичка неписменост што остави трајни не само политички последици во земјава.

Та белки не сакаме тоа повторно да ни се случува, нели? Ама, од друга страна, после речиси цели две години (северно)македонската Влада почнува да говори за проблеми во реформата на системот, за недостаток од компетентен кадар во државната управа (за што ќе пишувам подоцна), итн. А погореспомнатите „мрчатори“, и уште многу други, тоа го говорат од првиот ден! И политичката култура е нешто што се учи, се разбира, и ни политичкиот Запад не се родил учен. Ама учеле бргу, и прво на грешките. Ние грешките уживаме да ги повторуваме. Особено политичките. А рестловите на злосторничконо здружени, сега збогатени и со „професорски“ кадар во нивнава кампања, се обидуваат да не’ убедат дека е добро да се греши, дека треба дури и повторно да згрешиме. И дека историјата, и политиката, треба да имаат регресивен а не прогресивен пат.

Ако не повеќе, политичката култура во најшироката нејзина смисла или барем само некои нејзини елементи, ако се компетентни, со право ја предизвикуваат и легитимноста на некои политички одлуки, работата на некои политички институции и поединци. Не се сеќавам дека некаде сум ги прочитал или слушнал носечките идеали и вредности на македонската политичка култура. Американците велат дека за нив тоа се слободата, еднаквоста, демократијата итн. Кои се нашите? Веројатно се горе-долу истите, ама зошто никој не ги спомнува дури ни во претседателскава кампања? Та зарем тие не се битни за еден иден претседател? Па белки не се тоа само ЕУ и НАТО или „Правдата за Македонија“?

А впрочем, токму за политичка култура говориме кога дебатираме (и) за можната излезност на гласачите на овие избори! Ама, за да имате каква и да е’ претстава за политичката култура во земјата, па и во поглед на можната излезност на гласачкото тело, треба да ги знаете барем основните елементи на граѓанската култура на тие гласачи. И тоа е нашата стапица, една од нив. Може ли денес некој да одговори која е, каква е граѓанската култура на Северна Македонија, па граѓанската култура на одделните етнички групи односно нивното гласачко тело, итн.? Е баш би сакал да го видам одговорот.

ПОЛИТИЧКА КУЛТУРА

Чекав формално да заврши престедателската кампања на г-динот Пендаровски за да не испадне дека нешто, ете, му штетам. Воппшто немам таква намера ама дел од едно неодамнешно обраќање ми се вклопува во темите, по разни основи (култура, политика итн.). Па затоа и многу би сакал да го прашам, него или оној кој му ги пишува говорите, ако има таков, нели, што всушност подразбира(ат) под она дека „освен географски (sic! м.з.) се обидуваме и културолошки и политички да бидеме составен дел“ на Европската унија. Знам дека нема да имам шанса да го прашам лично, а друг нема да праша, па ваљда држи и вака јавно да се прашува? На пример: прво, знам дека не’ учеа дека и Балканот, па и ние со него, сме дел од континентот викан Европа, па не знам дали навистина сосе барањето за влез во ЕУ ние бараме и признание / потврда дека и географски сме дел од Европа? Белки не, или можеби грешам, односно можеби попат, по распадот на Југославија, некој со она ФИРОМ ни го одзел и тоа право па сега си го враќаме? Затоа мислам дека овој дел од обраќањето на Пендаровски е само еден од оние добронамерни гафови (Геровски) односно сакам така да го гледам. А, понатаму, или второ, се обидувам и остатокот од реченицата – оној што се однесува за културата – повторно да не го проблематизирам, иако ми зазвучува како некаков важен адут во кампањата. А можеби и е’ односно треба да биде. Ама не е.

Како и да е’, мене (најдобронамерно) одлично ми се вклопува во оваа серија за културата во нејзината најширока дефиниција и нејзините инволвирања во сите битни сегменти на општествениот живот. Па затоа, сакам да укажам дека поимот „културолошки“ е уште поголем лапсус зашто пишувачот на обраќањето веројатно мислел на зборот „културно“, ама ова „културолошко“ му прозвучало посилно, позвучно, постручно? За жал, поимот „културологија“, воведен поодамна од антропологот Лесли Вајт, сака само да ја означи новата научна дисциплина (културологијата) како самостојна наука во областа на социолошките науки, иако овој поим безмалу воопшто и не стекна право на жителство во науката. Освен во некогашниот СССР (Маркарјан, Лосев, Бахтин и др.). Многу појасен, поприфатен и повообичаен денес е англискиот поим културни студии (cultural studies), германски kulturwissenschaft. Инаку, културологијата како предмет на своето проучување би го имала феноменот на културата како историско-социолошко искуство. Па оттука, претпоставувам дека ние, со вклучувањето на овој поим во нашите напори кон ЕУ, ваљда не мислиме дека сакаме да бидеме дел од таа (европска) наука за културата? Сигурно не, зашто такво нешто не постои, ама можеби сакаме да бидеме дел од (повторно непостоечката!) Европска култура? Не го можеме ни тоа, се разбира, зашто и такво нешто – нема! Ние можеби сакаме, (иако мислам дека не сакаме, на многумина не им одговара!), да бидеме дел од европскиот културен хабитат, од европските културни текови, па и норми, стандарди и процедури, ама и тоа тешко ќе го постигнеме, барем во догледно време. Но, толку за културологијата како можен (повторно добронамерен или од незнаење) лапсус како адут во кампањи, па нека се и претседателски.

Од друга страна, а впрочем затоа и го вклучувам овој исказ во мојов серијал за нашите културни реалности – во случајов македонската политичка реалност – прашање е дали ние односно нашите политичари се сериозни кога се колнат во намерите да бидат дел од политичката реалност на Европа. Прашање е дали, и колку, нашата политичка стварност може бргу, и колку бргу, да се престројува и да биде дел од европските политички текови. Некои велат дека тоа е многукратна фантастична тоест невозможна мисија, бидејќи ние едноставно ја немаме ни таа политичка култура ниту пак таа реалполитика за рамноправен третман со / во европските политички односи. Иако нашиот процес на политичка инклузија, велат попаметни од мене, ќе биде „истуркан“, на мускули, што се вели, од ЕУ како своевидна награда, но и признание, секако, за напорите што оваа власт ги прави за нашето конечно приближување до цивилизирана Европа. Но, така и треба, ако баш сакате. Ама јас овде не говорам за награди туку за реалности!

Тоа ќе рече дека нашето политичко секојдневие, или „политичко сивило“ (како што го нарекува Вангелов), не само денес туку цели триесетина години, просто врие од примери за нашата политичка некултура и нашата политичка некомпатибилност со Европа. Речиси и не знаете што попрво да одберете. Замислете ги, еве, на пример, заедно, само последниве актуелни идиотски флоскули, ама поставени во некаков европски (политички) контекст: болшевичко-милитаристичкиот слоган „Татковината повикува“ на кандидатката за претседател предложена и поддржана од остатоците на злосторничкото здружение, и реченицата „Мислите дека на претседател на Врховен суд му прилега да се вози во Шкода?“ на оној кого го нарекуваат со разноразни сочни и звучни имиња, меѓу нив и „Превара“! И замислете ги, претпоставете си ги овие две малоумни флоскули искажани од страна на официјални лица на Европската унија! Колку часови би преживеале вакви типови во европската политика? Два, пет, дваесетичетири? Ама не повеќе, нели? Дури, мислам дека други ќе им ја напишат оставката и ќе им ја остават на бирото да ја потпишат!

Или, замислете, цела земја да се тресе од страв што ќе направи умоотпорноно растение од Водно: ќе склепа уште една аболиција, или не? Ќе станува деновиве на лева или на десна нога? Ама аболицијата била незаконска, ама било вака и било онака, но сите дерман немаат од неговите идни налудничави (политикантски) потези. Е тоа е, впрочем, македонската реалполитика, и тоа е македонската политичка „култура“ – да се плашите што следно ќе ве стрефи од вашиот „претседател“! Но, да не остане само на тоа, извонреден политикантски партнер во оваа скаламерија е изјавата на еден официозус од судот, во стилот: ќе размислуваме за можната аболиција на Иванов дури ако претседателот тоа го направи!!! Феноменално. Ние, такви какви што сме, т.н. homo politikus makedonikus, би размислувале барем пет-шест дена дури и ако на врата ни тропнат вонземјани! Зашто, размислувањето за нас очигледно е доста комплицирана работа, нели? А и политиката, секако?!

МОЛК НА СИСТЕМОТ

Нашата пословична (не)толерантност на сите рамништа и во сите битни сегменти заслужува уште некој збор, особено зашто едноставно не можам да поверувам, или не сакам, сеедно, дека Мухамед Зекири е единствениот „политичар“ кој има нешто да каже за реториката на поглаварот на ИВЗ. Или бидејќи тој е Албанец, па и муслиман, нему му препуштаме да се справува со проблемот? Тоа е, демек, „нивна“ работа? А г-динот Зекири го кажува токму тоа што треба: „Поглаварот на ИВЗ е срам за сите, узурпира со калашникови, шири говор на омраза“! И никој друг од албанско-македонската политичка заедница нема ништо да додаде, или да смисли нешто свое? Добро, ајде да претпоставиме дека тоа навистина е „нивна“ работа, иако не е, ама ете, не можам да ги следам албанските медиуми зашто, за жал, не го говорам тој јазик. Ама белки и „нашиве“ нешто ќе пренесеа, ако се случило? Иако „нашиве“, гледам, не пренесуваат ни едни интересни фотографии пласирани на албанските портали во врска со (прет)последниот скандал на (повторно) етничка „толеранција“ завиткан во некаква смешна и тешко веројатна „стручна“ обланда – мислам на оној со наводното одбивање на оркестарот на МОБ да свири за(д) еден албански тенор. Како тој да е прв, или ќе биде последен што гостувал на сцената на МОБ?! А фотографијата што ја спомнувам говори многу, но уште погласно говори и општото молчење. Не мислам за „случајот тенор“, таму практично се’ е јасно, ама оној со поглаварот на ИВЗ – не е. Иако Сашо (Ордановски) вели да му одбиеме на глупост односно дека „најдобро е овој резил да го оставиме да си го носи само Реисот, нему лично да му тежи и да му служи на честа“. Се разбира, и Сашо знае дека на овега воопшто не ќе му тежи, уште помалку ќе го мачи честа. Да беше така немаше воопшто да го каже тоа. Но, се согласувам, во интерес на толеранцијата, тоа е најдобриот начин. Иако постојано се прашуваме: како ќе беше да беше обратно? Дури и знаејќи дека тоа е најглупавото прашање што можеме да го поставиме – а го поставуваме, речиси редовно – зашто практично не води кон ништо. Односно води кон она библиското „око за око, заб за заб“, а тоа води право кон пеколот. Барем во оваа држава. Затоа – заборавете!

Но таквите пеколни прашања се појавуваат – и ќе се појавуваат уште долго, бидете сигурни – токму заради молкот на системот. Кај нас, од 1992 година, молкот е најдобриот, апсолутно најдобриот и најгласниот одговор на сите (да простите) срања што некој во државава ни ги сервира, знаејќи дека системот и овојпат ќе одмолчи заради „повисоки цели“, дека кај нас секое чудо трае три дена и слични будалаштини. И тој, едикојси, ќе си ја постигне целта. А де факто – така е. И џабе и Џабир се напрега во ударниот текст за нашите „слегнати раменици“ – тие впрочем се слегнати многу поодамна – за тешките фелери на разјадениот систем, за недоучените и неспособните националисти … Системот одамна беше разјаден, ако не и изеден. И не беше ресетиран кога требаше, па сега тоа ќе не’ следи уште долго време.

Толеранцијата во едно општество не може / не смее да варира согласно нечии лични желби, а особено не заради желбите на политиката. Тоа е недопустиво за едно цивилизирано општество. Особено не толеранцијата на говорот на омраза, на криминалот, на половата / сексуалната и друга нееднаквост, на детската дискриминација, на расната, етничката и конфесионалната нетолеранција итн. Овде намерно не ја спомнувам културата односно културната нетолеранција, за да не рече некој дека ја фаворизирам, иако таа самата по себе е меѓу најважните, но и заради фактот дека таа кај нас трае со децении и – никому ништо! Впрочем, ќе видите дека голем, дури огромен дел од овие суштински примери на нетолеранција се врзани токму за државата, за политика, за институциите на системот. Што е тотален апсурд, особено за држава која што себеси милува да се нарекува демократска, а згора на тоа и толерантна по сите основи.

Затоа, впрочем, оваа власт, особено оваа власт, мора во од да се ослободува – на кој и да е’ нормален, разумен начин – од сите, кои и да се’ што ја нарушуваат дури и онаа кревка и на државно ниво воспоставена толеранција. Не може, на пример, еден министер за култура да издвои буџетски средства за специфичните културните потреби / програми на т.н. ЛГБТ заедница во државава, дури и како претставник на државава да отвора нивни културни манифестации, а друг „министер“, само една година подоцна, крајно некултурно и со видливо непочитување да ги збрише сите тие напори! Тоа не само што говори за неконзистентни државни политики и за лични нетрпеливости „унапредени“ на политичко рамниште, туку на поединецот, кој и да е’, му дава за право во државните органи да спроведува приватни поделби врз нетолерантна основа. А впрочем изминатава година, во културата, тоа најчесто и го гледавме, не само во веќе спомнатиот случај, туку и во случајот со минарето на охридската џамија, со скопската стара чаршија итн. И тоа не се само културни „теми“ туку се и најчувствителните државни прашања врзани токму со етничката, верската и секако културна толеранција, што ќе рече лесно запалливи прашања со кои што некој упорно сака да си игра. И повторно имавме – молк на системот!

За жал, и оваа власт, и не само таа туку веројатно и неколку други идни власти, нема да можат да се ослободат од толеранцијата на глупоста, неспособноста, нестручноста, некомпетентноста, идиотизмот … што се безмалу составен дел на секоја наша власт уште од 1992 година, па и претходно. Ама ако во почетокот сметавме дека тоа се неопходните детски болести, за кои што ни др. Смрт не може да пропише задолжителна лукративна вакцинација, денес веќе ова е терминална дијагноза. Таа, за жал или за среќа, не се лекува – оперативниот зафат е единственото реално решение за преживување на пациентот. Па белки ќе бидеме паметни, нели? Иако јас лично се сомневам, ама тоа ништо не мора да значи, има големи (и платени) оптимисти во државава кои ќе ве убедат дека, повторно, е се’ во ред.

КУЛТУРА НА (НЕ)ТОЛЕРАНЦИЈА

Интересно е како наши високи функционери, кога се во посета на некоја / секоја земја членка на Европската унија, во нивните јавни изјави целосно и неотповикливо се согласуваат со нивните домаќини за главните (европски) принципи на демократијата што мора итно да се имплементираат и во оваа држава како некаков услов за нејзино членство токму во таа ЕУ. Тие / ние буквално с(м)е согласни со се’ што ќе ни посочат како наша слабост – а листата е богами долга – ама сето тоа трае додека нашиве не се вратат во земјава односно додека не ја поминат нашата граница. Тогаш сите согласности / ветувања паѓаат во вода или барем се забораваат односно одложуваат до некое подалечно време, до некоја идна посета. Ние упорно мислиме дека светот само нас (ќе) не’ чека, и ќе не’ чека безмалу до крајот на светот! Што всушност е можно, ама ние постојано ќе бидеме пред вратите, никако зад нив. (А тоа, велат, итекако им одговара на многумина, тоест на малкумина но кои уживаат да се претставуваат како гласот на народот!).

Ова, впрочем, ете, се случува и со последните изјави на германскиот еу-министер Рот каде тој по стоти пат, баш како расипана плоча ги повторува нашите клучни обврски за полноправно членство во Унијата, а ние, нели, по обичај, и очигледно не баш со ќеф, климаме со главите и ветуваме: еве, веднаш, уште утре ќе пристапиме кон полна реализација на обврските.

А обврските не се ни мали, уште помалку безначајни. И сите до една се културни, сто од сто, од демократијата до владеењето на правото, од дијалогот до толеранцијата, од рамноправноста до човековите права, итн. Еден цел корпус на (културни) принципи, на правила, на процедури за кои што нашиве „елити“ мислат дека се само викенд-смешки кои што никој, а најмалку Европа, ги почитува и спроведува. Што не е точно, се разбира. А во овој контекст, нашата осведочена (дали и вродена?) неспособност да водиме културен дијалог, за што пишував минатиот пат, понатаму се разлистува на сите други (повторно општокултурни планови), а за кои што ние упорно си создаваме слика дека сме ги надминале, дека дури и нема за што да разговараме на одделни теми итн. Меѓу нив секако е и прашањето на толеранцијата, во сите нејзини општествени сегменти односно во нејзината практична примена. За да нема дилеми, не мислам дека проблемот на толеранцијата е целосно решен каде и да е’ во светот, ама сведочиме на сериозни поместувања дури и во општества кои себеси не се нарекуваат мултикултурни или мултиетнички и мултиконфесионални, како што ние љубиме да се гледаме себеси. И не е само последниов (дури) неверојатен пример на поглаварот на ИВЗ и неговата реторика на омраза. Слични и многу почести имало и на „спротивната страна“, што пак не е и не може да биде оправдување за актуелниов скандал. Ама ние и преку тоа ќе поминеме, а божем во интерес на толеранцијата која тоа не е туку е поттурање на проблемот под тепих. И ќе се правиме дека и резултатите од Годишната програма за финансирање на културата се производ само на незнаење и нестручност а не и на суштинска нетолеранција во сите сегменти – долж и попреку, како милувате! Главно, ние мислиме дека ако запишеме во сите државни документи дека сме мултикултурно, мултиетничко и мултиконфесионално општество, тоа и автоматски стануваме и сите проблеми сами по себе се решаваат. Кога навистина би било така. Интересна е една мисла на Умберто Еко кој вели дека во овој милениум Европа ќе стане многурасен односно „colourful“ континент, а тоа ќе се случи го сакале ние тоа или не. Е сега, ќе се потсетиме на мигрантскиот бран и нашиот однос кон тие луѓе и како ги третиравме, каде и во какви услови (буквално) ги затворавме … што повторно станува актуелно и деновиве, барем според последниве назнаки? И нив ли ќе ги наречеме „диви племиња“, само што тие ќе бидат црни или какви ли веќе се?

Наспроти декларациите, ние апсолутно не ги решаваме ни најкрупните проблеми во нашата некултура на толеранцијата односно нашата нетолерантност, а камо ли да посветуваме сериозно внимание и на сите други нејзини („помали“) финеси за кои што дури и не сакаме да слушнеме. И повторно да се вратам на резултатите од онаа проклета Годишна програма за финансирање на културата: зарем некој сериозно мисли дека бришењето на „Викдендот на гордоста“ (во Скопје и Тетово) е само некаков превид, ненамерен пропуст? Па дајте, ве молам, белки не сме толку наивни? Или сме, и толку глупави? Можеби. (Имаше по овој повод Славчо Димитров една одлична „загатка“ за Министерството за култура, побарајте ја кај него на Фејсбук!). И секоја чест на Хелсиншкиот комитет што поднесе пријава за говор на омраза контра поглаварот на ИВЗ, ама не ќе беше на одмет да се позанимава и со овој сегмент, на пример. Ако толеранцијата е формула за цивилизирана коегзистенција на сите партиципиенти во општеството, што се тогаш оние со поинаква определба – која и да е’, каква и да е’ – од нашата? Различни, други, несоодветни, помалку вредни, помалку важни … ? И бидејќи веќе сум се фатил за таа Годишна програма за култура, проверил ли некој како таму стојат „другите“ (условно помалите, иако толеранцијата не признава такви!) етнички заедници и финансирањето на нивните програми, па другите депривирани групи, итн.? Или ни тоа не не’ интересира се’ додека двете „најголеми“ и „најважни“ се задоволени, со безмалу 50%-50%? А впрочем, кај нас дури и во Собранието, иако највисок законодавен дом на оваа држава, и поматаму се толерираат „нетолерантни“ (да не речам полош збор) пратеници кои шират отровни забелешки за „родово флуидни“ и слични граѓани на оваа земја? И сите актуелни примери, вклучувајќи и многу неспомнати но присутни околу нас, сведочат токму за некаква несфатлива „државна“ поддршка на нетолерантното однесување. Зашто и нерешавањето, одложувањето, игнорирањето на проблемот е вид на поддршка, на еден или на друг начин, а неспособноста на институциите да се справат зо ова зло, или дури нивното отворено одбивање да го прават тоа, е сигурен знак дека нетолеранцијата длабоко се вкоренила во системот! И тоа со поддршка на високи државни функционери платени за спроведување на државните политики. А ако ние заглавиме во оваа кал на нетолеранцијата, ни нема спас, дефинитивно.