Monthly Archives: September 2021

ЈАЛОВА ЉУБОВ

За каква љубов говореше г-ѓата Фон  дер Лајен во Скопје? Како за патерналистичка љубов кон мали деца со посебни потребни, за љубов од сожалување кон не баш многу интелигентни а згора на тоа и немирни клинци, за сочувствителна љубов кон една голема градинка од неколку милиони несозреани и не многу способни дечиња…? Зарем одеше толкав пат за тоа да ни го каже? Па ние тоа одамна го знае(в)ме, ја чувствува(в)ме таа нивна љубов цели триесет години, во континуитет, секојдневно, речиси без паузи. Многумина велат дека токму таа „љубов“ нѐ доведе ваму каде што сме, иако е тоа прилично дискутабилна теза: љубовта, па нека е и „љубов“, не може да ве направи поглуп, понеспособен, понеук… од тоа што сте. А ние сме тоа, и многу повеќе од тоа. И тука е грешката на Европа – што цели три децении не увиде дека има работа со шалабајзери, со полуписмени политиканти, со осмоодделенци во костуми за возрасни и со опинци во лакирани чевли, туку им даваше поддршка на сите такви кримогени структури кои се самопретставуваа како политички елити и беа подготвени да ветат сѐ што ќе им биде побарано. Што сѐ не поминавме низ овие три децении: од недефинирана бившојугословенска територија, преку заробена држава до хибриден режим – сето тоа поддржано од таа убиствена домашна и странска љубов.

Не е дека ние не возвраќа(в)ме соодветно, со еднакви – или речиси еднакво жешки прегратки и бакнежи – манифестирани низ тоталното уназадување на земјата, упропастување на сите ресурси – од природни до човечки, преку изборни кражби и буџетски „чистења“, низ целосно осиромашување на народот а во полза на политикантските „елити“ и група олигарси. И Европа за сето тоа имаше разбирање и љубов, и по некоја критика, колку да помине редот! Таквите „односи“ никогаш не завршуваат со хепи енд. Напротив. За тоа ли дојде дотичната г-ѓа, да ни каже дека е време оваа нездрава врска да замине во историјата, онаа неубавата?      

Кај нас пак (евро)скептиците и дел од поддржувачите на опозицијата го раширија уверувањето дека телеграфскиот престој во Скопје на шефицата на Европската комисија, а по неа и на одговорниот за ЕУ проширувањето, се пресметани чекори пред претстојните (според многумина особено важни, дури референдумски) локални избори и можеби набргу потоа и предвремени парламентарни избори. Кон тоа, секако, ќе се придодадеше и решавањето на „бугарското прашање“ – (дали?) конечната алка за нашето врзување за Европа. Сега, после онаа неочекувано реактуелизирана манифестација на (фингираната) љубов, се покажува ли дека сето тоа било само фасада, или вовед во поважното: соопштувањето – индиректно, секако – за прекинот на врската, за изморената од толку емоции Европа која, конечно, увидела дека во такви врски нема перспектива? Иако, се разбира, според нашиот стар добар обичај, сега на најсилно ќе бидат вклучени мегафоните на власта за да ни објаснат дека „љубовта“ на мадам Фон дер Лајен е сѐ уште вистинска, доволно жешка (или соодветно подгреана, сеедно), и дека нема место за тревога. Може и така, зашто госпоѓата е навистина фина, одмерена, се воодушевува дури и на оној стиропорен „барок“ како што, впрочем, и сите нејзини претходници ни раскажуваа бајки за нашиот напредок кон ЕУ. Но можеме ли да не му веруваме и на еден Ројтерс кога објавува: „The European Union, fearing a political backlash in member states, can no longer agree to give a guarantee of future membership to the six Balkan countries once promised a place in the club, according to four diplomats and an internal document.“[1] Можеме ли, смееме ли и тоа да го игнорираме и да продолжиме со нашите игри без граници со источниот сосед?

Впрочем, како што веќе напишав малку порано, историјата безмалу никогаш нема голем проблем со појавата на политиканти, автократи, дури геноцидни типови на чело на државите/владите, туку поголем – или најголем, ако сакате – проблем историјата (и другите науки) имаат со објаснувањето на нивното траење! Кога појавата на вакви човечки фалинки во одделни држави започнува да добива константност и континуитет, кога започнува да трае и триумфално да се одржува низ прифаќањето од огромен број граѓани дури и наспроти сознанијата за катаклизмичките ефекти од нивното владеење, е тоа ја збунува историјата и нејзините проучувачи. Како ова не можеше да го види Европа, или не можеше да го види на време? Или – го (у)виде, ама така им одговараше на европските политики? Не е можно да немаа доволно сознанија за некапацитетноста на македонските политичари, на нивното неразбирање на суштината на демократските процеси, на нивната потенцијална автократност и кримогеност? Од друга страна, се покажува ли (и) во овој миг пророчки точно навестувањето на еден екс-претседател пред некој ден: „Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е: ’Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.’ Го поставувам прашањето, а што ако не заради нас, не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување, на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна, дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива!“[2]

Како и да ѐ, ова шамариште од „фината госпоѓа“ кај нас ќе биде бргу заборавено токму од гореспомнатите причини: зарем мислите дека некој од актуелните политички раководства во изминативе години ќе го препознае црвенилото на својот образ од шамарот на Фон дер Лајен, зарем кај некого ќе проработи срамот, моралот, чувството на вина? И без оглед што станува веќе јасно дека ова било само „јавна тајна“ којашто нашиве слепци поодамна ја знаеле но молчеле, што пак само го зголемува епохалниот политички срам на овие простори, навестениот крај на триесетгодишната јалова „љубов“ ЕУ-МК нашиве политиканти многу бргу и со сите сили ќе се обидат да го извртат во нивна нова (се разбира – пирова) победа, потврда на нивните исправни политики и надчовечки напори, можеби ќе допуштат дека евентуално имало и некакво недоразбирање што бргу ќе биде надминато… итн. А на крајот, кога и последното светло ќе згасне, повторно кај нас ќе заигра Вавилонската придавка пред Европа како нејзино карактерно обележје, само таа ќе биде виновна за нашите историски неуспеси и бездни. Нормално, а кој друг? Уште утре ќе почнат да се разврзуваат приказни за нашата подготвеност којашто Европа не умеела да ја согледа, за нашата чесност и моралност, за сите реформи што за жал останале невидливи за Фон дер Лајен и нејзините „рицари“… па полека ќе се наводнува да прорти старото семе за вечната омраза на Европа кон Македонија (дури и Северна), ќе се потпалува гневот на масите дека повторно оној криминалецон од Будимпешта замешал прсти, па дека всушност опозицијата е таа што го кочела развојот на демократијата со нејзините бојкоти во Собранието а не оној полуписмен подофицер… па ќе излезе дека екс-еврокомесарот Јан Фигел нарочно не сакал да влезе во ќелијата на Камчев иако вратата му ја отворил лично министерчето за правда (а претходно детиште што глумеше и експерт за евроинтеграции), па и пљачкосувањата на градинките во Куманово ги вршел самиот Димитриевски директно поттикнат од ЕК а не некојси таму партнер на полуписменана „министерка“… а можеби, на крајот, и самиот Б.Ц. ќе излезе кабает бидејќи знаел што ни следува ама не сакал да им каже? Како и да ѐ, ќе имаме со што да се забавуваме, ако тоа воопшто може да се нарече забава!       


[1] Robin Emmott, EU no longer agrees on Balkan membership guarantee, diplomats say, Reuters, September 28, 2021

[2] Целиот говор на Црвенковски пред МАНУ: Кој живее од кредит, умира на рати, ФАКТОР, 27септември 2021

ГОЛЕМОТО „НО“

Во секоја наша современа приказна има по едно големо „НО“. И тоа се должи – повторно и по којзнае кој пат – на неукоста, нестручноста, непрофесионалноста… на македонската политика која мисли дека знае најдобро а всушност, очигледно е, не знае ништо. Или, можеме нештата да ги поствиме и поинаку. Меѓутоа, како кратко интермецо, ќе кажам дека во децениски, ако не вековен, континуитет она што ни недостасувало, и ни недостасува, е цивилизираниот (европски) поглед од дистанца врз локалните македонски – и не само македонски! – наративи, посебно кога станува збор за историјата. Нам тоа по правило ни е ускратено токму заради кусогледоста и/или локалната ограниченост на сите досегашни македонски политики, при што убиствената спрега на македонската политичка власт, која и да ѐ и каква и да ѐ, и медиумите под нејзина контрола, наметнуваат забарикадиран поглед на реалноста, на перспективите, на иднината. Оттаму и симулакрумот, нели. Како и да ѐ, ние само повремено и во мали дози добиваме странски мислења и ставови за нашите актуелни проблеми. Зошто е тоа така? На тоа треба да одговори некој друг, особено македонските медиуми, но и македонските власти, секако, но веќе одамна е јасна нивната усилба да го држат граѓанинот во „благословен мрак“ односно да ни ја продаваат/предаваат само својата вистина. А таа, многу често, е – половична, или барем крајно дискутабилна! Чудната приказна за македонските споменици е уште еден пример за тоа.

Зошто го велам ова? Затоа што многу работи во врска со „источниот спор“ ќе ни беа појасни ако некој, власта или медиумите, ни појаснеа некои нешта односно ни посочија од каде прозилегува целиот проблем. Поточно, речиси никој кај нас децидно не посочи на еден член од фамозниот Договор за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија, а на којшто посочува, на пример, „Брисел Тајмс“, укажувајќи на една „прилично чудна одредба“: „Неговиот член 8 став 2, на кој инсистира Владата на Борисов и кој е во основата на ветото на Бугарија, бара двете земји да формираат Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, со цел да придонесат за објективно, научно толкување на историски настани, засновани врз автентични докази и историски извори. Како што се чини според јавно достапни информации, оваа одредба се толкува дека експертската комисија треба да постигне заеднички наратив за различни настани од Средниот век до Втората светска војна. Исто така, видливо е дека и двете страни се обидуваат во оваа комисија да ги наметнат своите ставови како крајна историска вистина“.[1] Ако е тоа така – а така е’ – тогаш некој „стручњак“ кај нас завлегол во длабоки и опасни води! И треба ли некој да нѐ просветли за неговото име и презиме? Кој е тој што превземал таква обврска во име на државата? Зашто, извинете, но видовме до каде не’ доведе таа комисија. Или, ако баш сакате, Брисел Тајмс смета дека „доколку Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Северна Македонија ја немаше оваа одредба за историјата, Владата на Борисов ќе немаше вистинска алатка за притисок со псевдо-правна основа на која може да се потпре. Пред да ја обвините Бугарија за користење на оваа алатка, размислете зошто оваа одредба е дел од Договорот“.[2] Е па ајде да размислиме, или – ајде нека размислат партиите, зошто е тоа така направено?  

И сега, ќе одговори ли некој: кому, навистина, ова му требало? И кој тоа се согласил на ваква одредба и зарем навистина мислел дека таа ќе ги реши сите пројавени проблеми? Или таа одредба е таму токму заради тоа: да ги отвори и соодветно да ги затвори проблемите нотирани од бугарската страна, онака како што ќе посака бугарската страна? Што пак ќе рече: дали ние (повторно) самите, свесно, влеговме (и) во приказната со спомениците, но и во редица други историски приказни? Или ние, поточно власта, се раководела според логиката на Љубчо Георгиевски, најголемиот Бугарин во Македонија и кој проблемот го дефокусира кон Север велејќи „А еден да напишеше дека пред бугарската фашистичка окупација имаше 23 години српска окупација во Југославија занданата на народите. Во која ние бевме Вардарска бановина а ние јужно србијанци“.[3] А сега демек треба да бидеме западнобугаријанци? Каков шалабајзер!

Дали и денес, во еден ваков контекст, се актуелизира еден проглас на Коста Рацин од 1941 година? Еве што велел тој: „Братја Македонци! У какво положение сме ние? Ние немафме самостојателна држава. Ние не можефме со оружие во рака да се бориме против Хитлера. Ние ецкафме под кундакот на српскиот војнофашизам, и кога тој капитулира, смачкан од кучето Хитлер, ние дојдофме у искушение да станеме жртва на една најгнасна измама и лага: да мислиме дека баш многонародниот поробител, кучето Хитлер, е наш ослободител! У толку повеке што таја измама и лага стана страшно оружие во раците на Хитлеровиот вазал од Болгарија, цар Борис Трети и Последни и неговото народоиздајничко правителство, кои почнава да го обезоружувајат народот со својата архилага: како баш нимната политика довела да се „ослободи“ Македонија и „обедини“ Болгарија… Македонци! Таја архи-лага је отров над отровите, и вие не требе да и дадете место во вашата душа! Никога, ни кучето Хитлер, ни неговиот вазал Борис Последни, не можеле, не мислат, нити се пак достојни да мислат са слободата на Македонија! Подлеци по душа, крвопијци по занаат, најголеми непријатели на народните слободи – заре кучето Хитлер и вазалот му Борис да мислат за Македонија? Лага, и архи лага! Вистина е пак дека Борис Последни одамна се бореше против македонците во Болгарија, ги осудуеше на смрт и ги стрелаше по софијските улици како кучиња, и уште тогај за вечни времиња ја предаде Македонија на милост на великосрпските убијци.“ [4] Зарем е можно Македонците во 1941 да биле посвесни од Македонците во 2021 година?

Како и да е, одговори на многу јавно поставени прашање (ќе) мора да има. Ако не денес доброволно, тогаш во некое друго време, утре, тоа некој ќе го иницира со правни средства на принуда. Впрочем, таквите закани за во иднина веќе стануваат реалност ако се слуша дел од македонската опозиција, тие тврдат дека ќе бараат отплатата на „политичките долговите“. Тоа, секако, ќе го бара и историската наука, некогаш: зошто некој превземал хазардерски политичко-историски ризици, особено ако истите не биле неопходни? Или биле? Но кому, и за што? Па дури и да е така, тоа одговорни политичари мораат јавно да го кажат. По која и да ѐ и чија и да ѐ цена! Впрочем, има ли македонската јавност право да ги знае поединците кои – во име на државата и народот – така беневолентно застанале зад формирањето на една таква комисија, со такви задачи? Свесни ли биле за сите зла што ќе излезат од таа Пандорина кутија (што би рекол Б.Ц.)? Компаративните примери со слични мешовити историски комисии во Европа не се најдобар репер бидејќи станува збор за сосема различни историски ситуации и контексти. А ние сме морале тоа да го имаме предвид знаејќи го развојот на македонско-бугарските односи во последните шеесетина години. Или тие „стручњаци“ ни тоа не го знаеле? Но, од друга страна, дали големото „НО“ е повторно на сцена, а во светлината на вчерашната посета на шефицата на ЕК, и каква смисла ќе има од сето ова?


[1] Radosveta Vassileva, Bulgarian veto on North Macedonia accession talks shows the perils of political involvement in history, The Brussels Times, Friday, 25 December 2020

[2] Исто

[3] Георгиевски: Пред бугарската фашистичка окупација, 23 години бевме под српска!, Фокус, 24.09.2021  

[4] Коста Солев Рацин, “До целиот македонски народ! До сите честити Македонци!“. Машинопис, 2 л. 2 стр. 2 нег. 2 фот. 1941., МАНУ, Преглед на архивска граѓа на фондот Кочо Рацин (1908-1943), т.119  

ЗА ЕТНИЧКИОТ ПРЕДЗНАК

Она што навистина денес ни е неопходно е пристапување кон проблемот со ладна глава. Но не и без емоции, зашто тие, едноставно, не можете да ги исклучите. Тоа е невозможно, а тие често умеат да бидат и полезни. Иако велат дека политиката и емоциите е contradictio in adjecto. Ама не е, или не баш – сетете се токму на Втората светска војна и емоционалните говори на Черчил, на пример.

Но, македонската политика, таква каква што е – за жал неука и очигледно историски неподготвена за вакви предизвици – мора рационално и со визија за иднината да пристапува кон „бугарскиот проблем“. Зашто, неговото „решавање“ не може/не смее да се темели на избрзани импровизации, на лапсуси и шпекулации, на некомпетентни изјави и лични „ставови“. Едновремено, „визијата“ Европа по секоја цена веќе не е визија. Има многу други имиња за таквото политичко слепило. Една таква „визија“ викана „Преспански договор“ се покажа лажна токму во овој контекст. Следствено, кои се, какви се гаранциите дека и оваа нема да заврши така? Но дури и да ги има, гаранциите, а ги нема, зарем немаме и ние како држава некакви наши национални контексти, или лимити – да не речам граници – на попустливоста на штета на виталните национални интереси? Зошто го велам ова? Затоа што не сум сигурен дека македонската политика докрај ги домислила сите излезни решенија од оваа нова шизофрена „криза“, а уште повеќе што мислам, не само јас, дека ние сѐ уште не знаеме со сигурност дали бугарската налудничава рампа кон Европа навистина ќе се крене и после нашето удоволување на последниве нивни барања. Ако пак се крене, која е цената што ја плаќаме? Или – тоа не е важно?! Итекако е важно, на подолги патеки. А на релацијата на неисполнети ветувања, можеме ли да потсетиме на очебијното неисполнување не само на благоглаголивоста на „едната страна“ туку и на одредбите од „Преспанскиот договор“ за, на пример, обележувањето на патоказите кон нашата земја, што сега спадна на „прашање на волја“ на локалните власти кај јужниот сосед. Оттука, кои и какви се гаранциите и за Бугарија? И ќе бидат ли нивниве налудничави барања навистина последни?

Едновремено, дали македонската политика е навистина така сигурна дека бришењето на етничката пропадност на фашистичкиот окупатор е вистинското за нас решение? И кој тоа, поименично, така компетентно го согледал? Ако веќе не им се верува на историчарите, консултирани ли се лингвисти за најсоодветното за македонскиот јазик решение на формулациите и што тие кријат во себе? Или повторно некоја „мудра глава“ ќе каже дека тоа нема никакво значење? Од друга страна, ако и премиерот децидно посочува на „монархистичко-фашистичката влада на Бугарија“, во што е тогаш проблемот? Токму таа бугарска власт е кај нас на спомениците и во учебниците легитимирана како бугарски фашистички окупатор, а не бугарскиот народ! Како, и зошто, тогаш се појави „толкувањето“ за бугарски фашистички народ? И кој тоа, и зошто, подметнува такви формулации и толкувања наспроти објаснувањето на премиерот?

Од друга страна, не сум докрај сигурен дека подметнувачите., или македонската политика, навистина ги знаат баш сите варијации и разлики во значењата на можните формулации: бугарски фашистички окупатор, бугарски окупатор и фашистички окупатор!? Која од овие формулации е во духот на македонскиот јазик и што, која вистина ја одразува? (Само да потсетам: слична ситуација беше и со нашата обврска во „Преспанскиот договор“ дека ќе ги отстраниме сите симболи на „сонцето од Вергина“ од јавните објекти и простори – обврска превземена напамет, без да се познаваат вистинските димензии на „проблемот“). Ако основната формулација е „бугарски фашистички окупатор“ – која што де факто единствена одговара на историската вистина – што точно во македонскиот јазик означуваат другите две и какви потенцијални неповолности по државата можат да предизвикаат? На пример, учејќи според новите pdf-изирани учебници, секое просечно радознало дете нема ли да праша кој е тој „фашистички окупатор“ и што „учебникот“ подразбира под тоа? Ќе му одговори ли наставникот/наставничката и каков ќе биде тој одговор? Ако, како што впрочем и самиот премиер потенцира, имало германски нацизам, италијански фашизам, јапонски фашизам, бугарски фашизам… за кој фашизам (ќе) говори Споменикот на ослободителите на Скопје, на пример, токму оној пред којшто се сликаше премиерот? Оттука, со изборот на ова „решение“, не создаваме ли дополнителни забуни и немаат ли право за истото да се побунат Италија и Јапонија, на пример? Кој ни го дава тоа право да ги вметнуваме (и) нив во оваа локална крчма? Но, од друга страна, ако Јапонија е сепак предалеку да биде тој „фашистички окупатор“, Италија навистина била присутна на овој простор, и тоа токму како – фашистички окупатор (во Западна Македонија). Нема ли тогаш Италија право – ако се примени ова фамозно „решение“ – да реагира дека ѝ подметнуваме туѓи злосторства? Зашто, изворите говорат дека нивната окупација повеќе наликувала на „туристичко патување“, а ние сега де факто ги поистоветуваме – или ги идентификуваме, како сакате – со нечии туѓи крволочни злосторства. Ќе има ли право веќе утре Италија да ги блокира нашите идни „приклученија“ кон ЕУ? Со полно право!  

И, морам да кажам, не сум докрај сигурен дека ние целосно ги разбираме димензиите и историските последици на ваквото удоволување на барањата на источниот сосед односно бришењето на т.н. етнички предзнак – што е нонсенс сам по себе – пред зборовите „фашистички окупатор“. Ако во Бугарија деновиве се слави фактот дека (со нашето прифаќање на нивното барање) тие не се веќе окупатори, ни говори ли нешто тоа? Ни го појаснува ли опфатот на „етничкиот предзнак“? Ако тој „фашистички окупатор“ на Македонија 1941-1944 бил анонимен, ги подгреваме ли ние самите нивните тези дека тие никогаш и не биле окупатори туку всушност биле ослободители на сопствените територии, на сопствениот народ? Поточно, формулацијата „бугарски фашистички окупатор“ е историско бреме за великобугарските тези за Македонија бидејќи релативно јасно ја лоцира државата – а не „етницитетот“! – што ја врши окупацијата! Придавката „бугарски“ ама баш никако – дури ни во политиката – не може да се гледа како обвинување на цел еден народ и негово прогласување за окупатор. Таа придавка, во историски но и лингвистички контекст, сосема прецизно означува ДРЖАВА а не народ, зашто војни водат држави а не народи! Извртувањето на овој аксиом е само обид да се отстрани вината а апетитите да останат – исти. Ние, со нашата неукост и брзоплетост, хирушки прецизно им помагаме во остварувањето на нивните вековни амбиции. Или, ако сакате нацртано: на Бугарија не ѝ пречи зборот „фашистички“, тие и самите го употребуваат тук-таму низ нивните историски текстови сместувајќи го таму каде што припаѓа – во монархистичката власт на Борис едикојси. Тоа е само историја. Но, поимот окупатор е повеќе од историја, тој е опсесија, рушење на вековните стремежи и последна брана пред целосното оживотворување на великобугарските тези. Употребата на поимот „бугарски окупатор“ во македонската историја и секојдневие е – или подобро речено беше – најслабата алка во великобугарскиот синџир. Како можете да ја сметате Македонија како историски дел од Бугарија, а македонскиот народ како однароден дел од бугарскиот народ, ако тие ве гледаат и квалификуваат како освојувачи, окупатори? 

Оттука, од мигот на нашето бришење на придавката бугарски во нашето последно национално упориште викано „бугарски фашистички окупатор“ ние, прво, целосно ја симнуваме вината за злосторствата (не само во Втората светска војна) од плеќите на бугарските освојувачи, и второ, дефинитивно го отвораме патот на тезата еден народ во две држави, со надеж дека тие „вештачки“ конструкти набргу ќе станат тоа што треба да станат – една држава! И понатаму веќе не е воопшто важно дали тој великобугарски сон некогаш ќе се оствари. Не, важно е што тој добива живот, латентно ќе постои и ќе влева смут во македонско-бугарските односи.

СЕЕЊЕ БУГАРСКА МАГЛА

Не случајно минатиот пат ги наведов цитатите од Ангела Меркел како една можна илустрација како се прифаќа историското минато и како може и врз него да се гради иднина. Не случајно, велам, зашто кај нас веднаш има подготвени „интелектуалци“ – кои патем веќе година дена ни држат лекции за нашата заедничка историја со источниот сосед – под носот да ни поттурат „европски“ примери на помирување („Помирувањето меѓу Америка, Велика Британија или Франција со Германија не е на штета на исторската вистина“[1]), да се сокријат зад актуелните странски амбасадори како врвен аргумент (тогаш ќе сме разбрале „колку нашата историска мисла е компатибилна со светската“)… па згора ни советуваат и што е потребно за нашата афирмација! Да го споредуваш помирувањето меѓу Америка, Велика Британија или Франција со Германија и актуелнава катаклизма на источна шизофренија комбинирана со нашата незрелост и неукост, треба многу малку да знаеш и уште помалку да разбираш. И токму заради такви претпоставени „интелектуални“ тетеравења и блебетања повторно ќе ја спомнам Меркел. Или, ако сакате и Вили Брант, и редица други минати и сегашни германски политичари кои веруваат дека „Само сеќавајќи се на нашата историја и прифаќајки ја вечната одговорност што сме ја наследиле можеме да создадеме позитивна иднина“. И тие се сеќаваа(т), и ја прифаќаат вистината, и живеат со неа, и – се извинуваат, секогаш и секаде. Не мислам дека тоа е баш лесно, не мислам дека животот со такво историско бреме е едноставен, но тоа е единствениот вистински пат. Токму затоа и помирувањата помеѓу спомнатите држави може да функционира (иако „приказната“ дека „се најдобри пријатели“ е прилично лаичка и наивна).

Но, кога, и дали воопшто сме слушнале збор на извинување од нашиот источен сосед за сите злосторства направени во текот на нивната окупација на Македонија 1941-1945 година? Во минатото – поблиско или подалечно, вчера, денес… барем збор-два? Никогаш бугарската политика – не народ, туку политика! – не изустила што и да ѐ во врска со Македонија освен навреди, присвојување, негирање и фалсификување (на јазик, на идентитет, на територија, на историја), а не пак барем и најблага форма на извинување. И тука нема и не може да има пардон – најмалку историски – од „една страна“! Извинувањето е цивилизирана форма на комуникација помеѓу две држави (повторно: не народи!). Следствено, за какво помирување овде може да стане збор? Ние треба да покажеме државна/национална „доблесност“ а соседот тоа да го користи и понатаму да нѐ навредува затскривајќи се зад некаква лажна историја?

Понатаму, не мислам дека нашата историска наука е меѓу елитните во светот. Но не мислам ни дека нашата историска мисла не е компатибилна со светската, па нека тоа го тврди и американската амбасадорка (која, патем, не е историчар). Јас, еве, иако сум учел кај можеби најдобрата генерација македонски историчари, во оваа ситуација би прифатил – хипотетички – дека тие биле коминтерновски и ескајуовски/ескаемовски инсталации, дека биле инструирани и задоени со национализам, дека биле црни ѓаволи… и дека сѐ што напишале е фалсификат (што, повторно, ни го наметнува токму соседската историографија и нејзините политикантски инсталации во Македонија од „форматот“ на оној Георгиевски!). А во овој контекст, баш би сакал да знам дали и генерал Михајло Апостолски, долгогодишен претседател на МАНУ и директен учесник/сведок на настаните за коишто говориме, влегува во оваа „некомпатибилна“ категорија? Но, дури и да го елиминираме сиот до денес пишан историски збор (зборот на историчарите, сведоците, учесниците, странците…) како некомпетентен, што правиме со фотографиите? Со оние фотографии од стреланите младинци во Ваташа (чијшто споменик – намерно? – токму ние дозволивме да биде сквернавен пред само месец-два!), со фотографиите од депортацијата на Евреите во март 1943 година, или со фотографијата на неколку бугарски војници кои стојат до две отсечени глави (од 19 април 1941 година, при навлегувањето на бугарскиот окупатор во Струмица), со фотографијата на телото на мртвиот херој Корчагин… и уште стотици, илјадници други фотографии на окупаторските ѕверства во Македонија? Или и овие фотографии се коминтерновски производ, манипулација на некомпатибилната и некомпетентната македонска историографија? Па најголемиот дел од нив се снимени токму од бугарскиот фашистички окупатор како документ/сведоштво пред нивните власти за нивната успешна мисија во Македонија! Извинете, но овде е некој луд, или се прави луд, но тоа не сме ние.

Или, ако баш сакате, што со странските сведоштва за ѕверствата на „ослободителите“ од Бугарија? Што со сведоштвото од архивата на германскиот неделник „Шпигел“ од 26 мај 1969-та, насловен „Бугарија. Воени злосторства. Затворена врата“, а коешто се однесува на полковникот во бугарската царска армија, Иван Маринов, а за коешто пишуваше почитуваната Кица Колбе: „Пролетта 1941-та, кога Германците ја поделија Југославија и на сојузничките Бугари (sic! М.з.) им ја доделија цела Македонија,  дел од Србија, како и едно парче од со Албанци населеното Косово поле,  Маринов маршираше на челото на 15-тата бугарска дивизија која влезе во соседната земја за да оствари еден стар сон на Бугарија: да се востанови тоа бугарско царство, кое во десеттиот век  се простираше од  Дунав до планината Пинд во Грција и од границите на Албанија сѐ до Црното море, за подоцна тоа царство да биде уништено од  Византија”, стои во извештајот на  “Шпигел”. Во долгиот список на воени злосторства, за кои државата Југославија го товарела полковникот Маринов, тој е заведен под бројот  411/45. Извештајот е објавен во “Шпигел” 1969-та како вест за едно барање на југословенски делегати на 9-тиот конгрес на КПЈ упатено до владата во Белград, таа конечно да  побара од бугарската влада да го испорача  на Југославија воениот злосторник Иван Маринов. Познатиот македонски генерал Михајло Апостолски лично ја однел дебелата папка со документи од Скопје во Белград. Нему, на македонскиот партизан во Втората светска војна, му било познато името на бугарскиот полковник Маринов. Меѓу многуте злосторства за кои се товари Маринов, во извештајот на “Шпигел” се спомнува и убиството на момчињата во Ваташа. Југословенските власти брзо сфатиле дека воениот злосторник со број 411/45 нема никогаш да одговара за злоделата.“[2] И тоа ли ќе биде уште еден од низата југо-македонски комунистички фалсификати или подметнувања на македонската историографија?

И конечно, ако, според зборовите на Меркел, „Германија му донесе на светот незамисливо страдање“, зарем Бугарија не го стори истото во Македонија? Зарем сите оние фотографии што ги спомнав, и уште илјадници снимени и многу повеќе неснимени, не заслужуваат едно – извинете? И кој тоа, и зошто, денес се обидува да сее бугарска магла низ Македонија?


[1] Денко Малески, Помирувањето и историската вистина одат заедно, Либертас, 24.09.2021

[2] Кица Колбе, Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо, DW, 16.12.2017,  https://p.dw.com/p/2pRbP

(РЕ)ДЕФИНИРАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА

Многумина би рекле дека ако веќе можеме/сакаме да ја редефинираме современоста односно најблиското минато коешто сите повозрасни од четириесетина години одлично го паметат, зошто тогаш не би пристапиле и кон редефинирање на подалечната историја? И тоа е добра констатација зашто живите сведоци на, на пример, Втората светска војна и бугарската фашистичка окупација на Македонија – особено на нивните злосторства – од ден во ден се сѐ поретки. Следствено, кој би ни забележил?

Ама, има кој. Прва ќе биде токму Историјата, бидејќи таа не се „пишува“ и памети само кај нас туку лежи удобно сместена во светските архиви и историските книги. И е комотна, ужива, знае дека постојано има некој кој се грижи за неа. Ние – не мораме, што не значи дека нашите актуелни будалаштини ни историјата ниту пак светот баш така безрезервно ќе ги прифатат. Второ, и очигледно, судејќи барем според досегашните јавни реакции, и кај нас не минува баш така лесно оваа најнова „акција“ на Владата за целосно редефинирање на карактерот на Втората светска војна во Македонија, за „преименувањето“ на окупацијата 1941-1944 година, за сеењето (дали намерно?) смут и раздор во земјата… и за многу други нешта. Ако до запрепастување се чудевме на идејата за антиквизацијата на Македонија, на „откритието“ на нашите Александрови корени и наследство (коешто, се покажува денес, барем според актуелниот министер за правда, дека било „храброст“!), на онаа луксузна детска сликовница од проф. д-р Тупурковски (за којашто „истражуваше“ дури во Националната библиотека во САД!), на „Скопје 2014“ и продуктите на неговиот кич циркус… се чини дека најновиот изум на сегашната Влада ќе ги надмине сите претходни. Не само заради потенцијалната можност навистина цела држава да ја зафати новата епидемија на налудничавата пиши-бриши фискултура врз бројните споменици и спомен обележја од Втората светска војна каде што фигурира историската вистина за бугарскиот фашистички окупатор, не само заради таквото понижување на сопствената земја и сквернавењето на историската меморија, туку и заради една крајно навредлива реченица – за која навистина би сакале да е плод само на избрзана непромислена реакција – дека „Не сме биле ниту ние сите на страна на партизаните, имало и соработници на фашистите.“ Ставена во ваков контекст, тоа е тешка навреда не само на Народноослободителната војна, на партизанското движење, на сите историски придобивки од истите… туку и на целиот народ и држава. За жал. И таа изјава којашто го изедначува бугарскиот фашистички окупатор со окупираниот македонски народ мора веднаш да биде повлечена, со извинување – искрено, длабоко, чесно!

И ако нешто навистина станува банално, тогаш тоа е оваа наметната бугарска шизофрена „приказна“ со окупацијата на Македонија 1941-1944 година, со нивното наводно мирољубиво но убиствено „администрирање“ на македонската територија (иако окупацијата се протегала и на територијата на Јужна Србија и Северна Грција, за што постојат споменички сведоштва за коишто Бугарија не смее да писне), што на крајот, помогнато од нашата сервилност и – извинете – глупост, може да заврши како наше фактичко ослободување од самите себеси, или пак со извртената теза дека ние всушност сме фашистите а тие ослободителите. Што, повторно, не би ме зачудило. Но, зборот ми е: оваа веќе не само банална туку и навредлива, дури опскурна „бугарска приказна“ де факто ама баш ништо нема да смени во третманот на бугарската фашистичка окупација на Македонија во дадениот период. Илјадници семејства, потомства на жртвите на бугарскиот фашистички терор и понатаму ќе ја раскажуваат вистината на своите поколенија, историските книги напишани до вчера не ќе може дури ни оваа власт да ги поништи, снимените филмови и понатаму ќе се прикажуваат за наук и паметење… Но да, насилно „pdf-изираните“ учебници за потребите на оваа „операција“ ќе им раскажуваат на децата некаква и од некого измислена фалшива „историја“, ќе ги замачкуваат историските факти и ќе ги кријат имињата на македонските жртви од бугарскиот фашистички терор. Но тоа ќе трае кратко. Сигурно, зашто некои поумни од нас идни генерации тоа бргу ќе го закачат на мачката на опашката и така ќе заврши бугарската лага. Дефинитивно, инаку, ние навистина не би заслужувале да имаме држава.

Она на што некој исто така ќе мора да одговори, ако не денес-утре тогаш во блиска иднина, е зошто, и кому му требаше нашето влегување во оваа бугарска шизофренија. Зашто, ова нивно лудило е болест во поодмината фаза, ама не е и не би требало да биде заразно. И не е, освен ако некој не одлучи да се самозарази. Кој и зошто тоа го одлучува во наше име? Зошто сите мораме да ја делиме шизофренијата на соседот, заради која и каква кауза? Евроинтеграцијата веќе не може да биде оправдување за вакви налудничави „операции“ коишто ја навредуваат националната историја, државата, народот.

И повторно, по којзнае кој пат: нѐ убива неукоста, импровизацијата, неспособноста, провинцијализмот… Без основни познавања, без историски предзнаења, без компаративен увид во начинот на којшто поумните од нас ги решавале тие прашања, ние влетуваме во шизофрени соседски приказни, во умоболни историски креации што себеси милуваат да се нарекуваат „историски корективи“. Седум децении Германија себеси се нарекува фашистичка односно нацистичка кога станува збор за периодот 1933-1945 година, ама сега на шизофрениот денешен бугарски политички естаблишмент којшто во она време им бил џелатски сателит, тоа одеднаш – му пречи?! И ние доброволно им се наоѓаме при рака да ги прикриваме нивните историски злосторства? Дали навистина сме толку незрели како држава, народ, како политика… па не гледаме дека ваквото суштинско менување на националниот наратив, почнувајќи од т.н. Преспански договор а сега и со редефинирањето на историјата на НОБ во Македонија дефинитивно го разбива националното ткиво, внесува конфузија во националната историја, па и идентитет?

Ако навистина ѝ се восхитуваме на Ангела Меркел како политичарка што сериозно ја обележи новата историја и реалност во Европа во последниве петнаесет години, не умееме ли да научиме нешто од нејзините зборови дека Германија во Втората светска војна е запаметена по „злосторствата против човештвото“ (Merkel, May 29, 2018), и дека „во време на ерата на националсоцијализмот Германија му донесе на светот незамисливо страдање“ односно дека „Само сеќавајќи се на нашата историја и прифаќајки ја вечната одговорност што сме ја наследиле можеме да создадеме позитивна иднина“(Merkel, May 5, 2015)?[1]


[1] Carmen Sarah Lienen, J. Christopher Cohrs, Redefining the Meaning of Negative History in Times of Sociopolitical Change: A Social Creativity Approach, Political Psychology, Vol. 0, No. 0, 2021

(РЕ)ДЕФИНИРАЊЕ НА СОВРЕМЕНОСТА

Останува голема енигма дали „симболите“ што современиот симулакрум повторно ни ги наметнува денес низ „ликот и (не)делото“ на Георгиевски, Тупурковски и редица други во основа негативни историски фигури на македонската триесетгодишна транзиција кон демократијата е со некаква умисла или заради неукост, незнаење, непознавање на не така далечната историја… или тука се крие и нешто друго. Како не баш голем љубител на теориите на заговор против „македонштината“, таквиот мој хендикеп, таа моја „кратковидост“ не ми дава да ги согледам такви димензии (ако евентуално постојат, се разбира). Но, факт е дека останува чудно што, прво, некој денес навистина ги гледа овие ликови (и не само нив, секако!) како позитивни историски личности, второ, која е/каква е таа нивна позитивна страна односно позитивен придонес во овие триесет години, и трето, која е/каква е пораката што овие „симболи“ треба денес да ни ја пренесат?

Дали, на пример, треба да се идентификуваме со „бугарската лага“ на Георгиевски односно неговото (интимно?) чувствување за Бугарин (подоцна потврдено и со државјанство!), а коешто тој така вешто – да не речам подмолно – го криеше кога требаше да добива гласови во Македонија или некоја висока државна функција? Треба ли сите да бидеме така лажливи во животот, во работата, во извршувањето на нашите должности? Или можеби некаква современа доблест, или пример, треба да ни претставува фактот дека луѓе како него во Македонија преку ноќ стануваат – бизнисмени? Ако е тоа поентата, тогаш подобро да го поканеа оној криминалецон од Будимпешта, тој се покажа поголем махер во тие нешта. И мислам дека тој ќе дојдеше – се разбира ако му гарантираа безбедно враќање – и ќе нѐ просветлеше за сите тајни на хохштаплерајот во Нашата земја. Или можеби заложбата на Георгиевски за дефинитивна поделба на државата на две етнички племиња, со поделба/размена на населението, поддржава тогаш и од самиот врв на ману (малите букви соодветствуваат на реномето на оваа институција!)? Дали тоа е „концептот“ за решавање на меѓуетничките односи и на оваа власт? Знаеме дека не е, тоа директно пред ден-два го порачаа и Спасовски и Заев од Арачиново велејќи дека „Кога се случија политичките промени и кога некои се закануваа и предвидуваа федерализација и кантонизација, ние ветивме дека овде во Арачиново ќе изградиме канализација, новата, современа општинска зграда, локалниот пат кон село Грушино, како и шеталиште, пешачката и велосипедската патека со хортикултурно уредување во Арачиново тоа што го ветивме го исполнивме. Тоа е нашиот концепт за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани кој дава реални резултати.“ Тогаш, што бараше оној опскурен лик на фамозната тркалезна маса по повод триесетгодишнината од прогласувањето на независноста на државата? Кого тој претставува, кој дел од македонската историја, која современа – политичка, или демократска, или културна… – опција?

Или „Тајванската милијарда“ на Тупурковски, во двоец без кормилар токму со спомнатиот Георгиевски, е модел на однесување (политичко, државничко, демократско) што треба да се следи? Каков е тој пример, каков е тој „симбол“, и на – што? На мешетарење, на национално самоубиство (со сите познати последици што произлегоа од „Тајванската милијарда“), на политикантство… што денес треба да биде пример за македонската политика? Кои се и чии се тие и такви перцепции денес, што „симболизираат“ и кому му требаат?

И не се само овие тие негативни „симболи“ што ни ги поттураат денес, но тие се најсвежи, најактуелни. Зарем оваа држава, ако веќе така ја нарекуваме, не успе(в)а во овие три децении да изнедри вистински вредности што можеле/можат да бидат експоненти, вистински симболи на патот кон независноста, самостојноста, сувереноста? Зарем културата, науката, образованието… не придонеле ништо на тој пат или токму политиката – или политикантството, подобро речено – е таа светла страна на независноста? Или навистина „(…) сме обединети околу лични интереси наместо околу општествени вредности. Фокусирани на формата наместо на суштината. Импровизираме наместо целно и стратешки да делуваме.“ [1] Дали некој сериозно денес мисли дека македонска вредност, па нека е и политикантска, во овие триесет години се Герогиевски, Тупурковски… и остала братија од тој происход? Па со нив и Малески, кој отворено и јавно говореше дека македонската независност може да има, ама без него? И како и тој денес стана „симбол“ на таа независност, за кого и денес Георгиевски е „младиот харизматичен водач“?[2] Според кои и чии мерила? Дали тоа ние денес ја редефинираме македонската историја па онаа негативната сакаме да ја подметнеме како – позитивна?! Во книгата Governing by Looking Back: Historical Analogies and Crisis Management тројцата автори (Brändström, Bynander, & Hart) ја поставуваат тезата дека во мигови на големи промени, кризи и несигурност – а ние дефинитивно три децении живееме во такво време – политичарите посегаат по минатото барајќи примери што би ја легитимизирале сегашноста. Тоа впрочем три децении го правеа челниците на вмро-дпмне копајќи во подалечното минато, несвесни дека не може една негативна историја да ја легитимира еднакво негативната сегашност. Но, и оваа генерација политичари на власт денес, очигледно неуки и необразовани во историската наука, ја прават истата грешка: контекстуализираат негативни примери од поблиското минато (бидејќи не го познаваат подалечното!) во полза на афирмација на современоста. Или навистина не се свесни дека тие „симболи“ се негативни? И можеме ли, навистина, преку некакви смешни (безмалу) приватно организирани средби но под закрилата на „високо државно ниво“, да „преговараме“ за македонската историја, па нека е и во последните триесет години? Она што мене ме зачудува – да не речам запрепастува – е молчаливото однесување на македонските современи историчари, вклучително и на Институтот за национална историја. Зарем навистина секакви (да простите) политиканти ќе ја пишуваат македонската современа историја? Иако однапред го претпоставувам (евентуалниот) одговор за безнадежноста на научните реакции во земја како Македонија, сепак не можам целосно да се согласам со тоа. Зашто, сепак историската наука е таа којашто треба – поточно мора Како што, впрочем, останува нејасно што требаше да претставува онаа смешна „парада“, или „дефиле“, или како ли веќе ќе ја наречеме таа папазјанија: да ги презентира дострелите на Нашата земја во овие три децении, нејзиното богатство, мудрото водство на политичарите…? Тоа можеби и ќе наликуваше така да имавме што да покажеме! Или мислиме дека новите жолти чизми на пожарникарите – само за вакви славенички прилики – ќе ја импресионираат јавноста? Просто е неверојатно колкаво незнаење, неукост, непознавање на нештата, е сконцентрирано во кабинетите на власта денес, во нивните полуписмени советници, во министрите, пратениците… Згора на тоа, денес, во услови на пандемија и со секојдневно растечки број на починати да правите „парада“, е за тоа навистина треба гоооолем безобразлук. И затоа, всушност, „Не можеше да се случи поголем контраст на ’идеализираната слика’ на Македонија и ’автентичното јас’ од она што се случи на годинешниот 8 Септември, кога славиме 30-годишен јубилеј. Прослава со дефиле на ’богатството’ и моќта на земјата, со свечена музика, насмеани политичари на власт и аплаузи, а по спуштањето на завесите и достигнување климакс на самозадоволството, се случи трагедија, траор, очај и загубени 14 човечки животи во пожар во кој изгоре модуларниот ковид-оддел на тетовската болница.“[3]


[1] Ида Протуѓер-Вељковиќ, Кога системот се темели на лични интереси наместо на општествени вредности, Слободен печат (онлајн издание), пристапено на 19.09.2021

[2] Денко Малески, Средба во владата – панаѓур на суети? Не баш, Плусинфо, 20.09,2021 

[3] Исто

КОЈА РЕАЛНОСТ Е РЕЛЕВАНТНА?

Никако не сакам да кажам дека ние сме уникатен пример на Балканов, дека во Србија, БиХ, Албанија, Косово, Бугарија, Романија… не се случувале исти или слични општествени и политички катаклизми како нашиве во изминативе три децении. Многумина ќе речат дека само еден Слободан Милошевиќ „вреди“ колку повеќето наши триесетгодишни идиотизми. Ама не заборавајте дека и ние си имавме наши минијатурни Слободани, во маргинална форма, секако, но сепак приближно еднакво штетни за државата. Тие само не беа кадарни да предизвикуваат регионални војни, ама беа опасно блиску до локални етнички судири, до поделби, размени на население… Ги заборавивме ли, навистина? Не верувам, па сѐ уште живееме во нивната цврста прегратка. Впрочем, во историјата не е проблем појавата на такви егземплари од профилот на еден Милошевиќ, нашиот Груевски или Георгиевски, некои други ликови во соседството… туку поголем – или најголем, ако сакате – проблем е нивното траење! Историјата можеби има одговори, горе-долу, на причините за појавата на такви цивилизациски фалинки, како што тоа се прави во однос на појавата дури и на еден Адолф Хитлер во триесетите години на минатиот век. Меѓутоа, кога нивната појава започнува да добива константност и континуитет, започнува да трае и триумфално да егзистира прифатена од огромен број граѓани дури и наспроти сознанијата за катаклизмичките ефекти од нивното владеење, е тоа ја збунува историјата и нејзините проучувачи. Кој е, каков е тој „наратив“ што ги одржува така долго на власт, која е таа лага со којашто ги замајуваат луѓето? Или тие не-луѓе се само нивни клонови, копии? Ама, во толкав број, општо лудило, заслепеност? Или, како, и зошто, името на Груевски сѐ уште фигурира во потсвеста, или дури во свеста, на многумина во Македонија, зошто и како есенцијата на неговите „политики“ така лесно се пресликаа, се инфилтрираше и кај оваа власт? Зааради нејзината некапацитетност, заради нашата ноншалантност и глупост, заради неразбирањето на суштината на демократските процеси или заради нивното свесно отфрлање? Или, ако баш сакате, која и каква е таа „голема“ национална ролја на оној Георгиевски што дури и денес, после сѐ, и оваа власт го повикува на сериозни трибини коишто со неговото присаство стануваат – смешни!? Што воопшто можат тие и такви поединци сега да ни кажат, а не ни го (по)кажале пред толку години? Како ли оваа власт денес ги оправдува овие бесмислени потези, со какви ли тоа симпатии, и зошто, гледа на овој тип луѓе? Или тие се таму да го крепат „државното платно“ да не го дувне ветар, како будалине на отворањето на „Манаки“?   

И тоа, меѓу другото, се тајните на денес наметнатиот симулакрум во кој современиот македонски демократски граѓанин не може да се ориентира. Во кое тоа време се/нѐ враќа оваа власт, какви се тие дубиозни читања на македонската тридецениска историја во којашто Љубчо Георгиевски одиграл некаква значајна улога, па и оној Малески или Тупурковски…? Ако се тоа нашите историски „фигури“ во овие три децении, тогаш ни е јасно зошто сме сѐ уште овде, нели. Тие се токму оној македонски симулакрум, оние копии што ги опишуваат нештата што или немаат своја реалност или одамна го загубиле оригиналот. Или, парафразирајќи го токму оној Георгиевски, тие се оние лажни митови кои некој упорно ни ги поттура под нос како некаква историја, сега дури и под закрила на државата, што ќе рече – позитивна. Тие ли се симболите на нашата независност и за оваа власт, симболи на (божем) европската современост кои некој сака (повторно) да ни ги подметне? Дали, како што вели Бодријар, овие наши провинциски симболи „ја заменуваат реалноста“, ја изместуваат современоста, го поништуваа нашето искуство со некаква политикантска симулација? И која е нивната вистинска улога во оваа фарса? Овие наши провинциски симулакруми не се единствено просто „посредување на ртеалноста“, не се дури ни „лажно посредување на реалноста“ зашто тие се лажни самите по себе па следствено ниту имаат упориште во реалноста или пак можат да ја сокријат. Не, тие ни се сервирани за да нѐ убедат дека која и да ѐ друга реалност „не е релевантна за нашето сегашно разбирање на нашите животи“. Политиката (ако нашево воопшто може да се нарече со тој збор), културата и медиумите (истото важи и за нив)… се тука да ни ја поттурат нивната реалност како наша, да конструираат симулација на реалноста преку сурогати, преку фалш ликови без какво и да ѐ сегашно значење за нас и општеството во целина. Како во некој кошмарен сон талкаме низ нивната посакувана реалност, при што секој спротивен односно спротивставен глас е однапред осуден на пропаст, на дистанцирање, на општествена излолација. Затоа, можеби, и актуелниот целосен молк на македонскиот граѓанин можеме барем делумно да го оправдаме.

Од друга страна, ништо во општеството не се случува случајно. Такви случајности едноставно не постајат. Ние оваа „реалност“ ја градиме цели три децении, збор по збор, постапка по постапка, процес по процес: од култура кон некултура, од медиуми до мегафони, од негативна селекција до целосна партизација. Три децении не се мал период за конструкција на посакуваната реалност преточена во лесно прифатливи знаци/симболи што ве туркаат во саканата насока. И главните актери се секогаш исти – како впрочем и на посочената „трибина“ – само амбиентот е менлив односно прилагодлив на потребите. Во која фаза од македонскииот симулакрум се наоѓаме? Не знаеме. Која фаза е ова константно, секојдневно појавување на министерот за здравство во медиумите – оној истиот од кој јавноста веќе десет дена бара оставка – и дали неговото тврдоглаво арогантно наметнување со нови и нови изјави, со нови и уште побудалести предвидувања за неговото идно справување со пандемијата треба да нѐ убеди дека сѐ е во ред, дека тој е чист, недопирлив, дека реалноста на оние грозоморно загубени животи се случила во некоја друга земја? Мислат ли дека навистина јавноста баш така бргу ќе влета во нивниот најнов симулакрум? Или во оној замислен од министерката за образование со криењето на бројот на новозаразени деца во училиштата и играњето мижитатара со имињата на училиштата во коишто така брзо се шири пандемијата? И наспроти сите укажувања и предупредувања, така бескрупулозно ја наметнуваат својата „реалност“ дека сѐ уште е рано за аларм, дека нивните „проценки“ се добри, дека симулацијата на нормална состојба успешно ни ја продаваат…? Или, кога Министерството за култура вели дека очајните состојби во културата, особено во заштитата на културното наследство, не се резултат само и единствено на малите средства туку и на менаџирањето на институциите, заборава ли дека во реалноста токму тоа е надлежно за поставувањето на директорите во културните институции? Како што, впрочем, оној „директор“ на Управата за заштита по стоти пат „нѐ шета“ низ нивниот провинциски симулакрум велејќи дека треба да се изработи приоритетна листа за заштита и финансирање на спомениците на културата, небаре тоа треба да го направи некоја надлежна институција од Србија, или можеби од Германија, а не токму институцијата во којашто тој директорува! Но, културата е посебна „сива зона“ на македонскиот симулакрум и на неа ќе се навратам повторно.

СИМУЛАКРУМ

Во нашата вечна потрага по споредби, дефиниции и значења коишто на нашето совремие би му ја дале појасната светлина на „вистината“, која и да ѐ и каква и да ѐ, неминовно е континуираното навраќање (и) кон минатите искуства, знаења, суштини… не само наши односно никако (само) наши зашто тие се повторно нешто друго а не вистина и реалност. Ние и нашите „реалности“ повеќе наликуваме на излезени од приказните/алегориите на Борхес или хиперреалноста на Бодријар, нашиот свет – ако воопшто постои – е светот на „модели на реалното без потекло или реалност“!   

Кога Бодријар (Jean Baudrillard) во 1981 година го објавува трактатот за симулакрумот и симулацијата (Simulacres et Simulation), тој во него се повикува на пишуваната традиција на Еклезијастите – една од таканаречените „мудри книги“ од Стариот завет – и дефиницијата дека „The simulacrum is never that which conceals the truth—it is the truth which conceals that there is none. The simulacrum is true“. Односно: пишувајќи за симулакрумот и симулацијата на современата реалност/општество (а пред сѐ имајќи ги предвид културата и медиумите како негови суштествени репрезенти), Бодријар не само што го имал предвид минатото и сегашноста, туку и иднината: како да нѐ имал и нас на ум, дури и без да нѐ познава. Зашто македонското општество, македонската реалност, особено културата и медиумите, а се разбира и политиката како нивен ментор, речиси до буква го потврдуваат, го оживотворуваат трактатот на овој социолог и филозоф. Се разбира дека симулакрумот и симулацијата можете да ги барате и најдете во секое општество, па и во најдемократските – а Бодријар  ги пронаоѓал и во тогашна Франција, секако – но ние денес како да сме нагледен пример за овие поими.  

Кај нас сѐ е (како) привид, (како) копија на нешто што престанало да постои или воопшто и не постоело, како бајка која се раскажува на поколенијата – или ќе се раскажува, сеедно, како имитација на случувања од реалниот свет… Како во расказот „За егзактноста во науката“ на Борхес! Ние не ја поместивме туку ја заменивме реалноста со некоја друга, непостоечка но континуирано наметнувана, лажна но верифукувана од званичните политики, од медиумите и културата, изместена од реалниот контекст во некој и некаков друг имагинарен дискурс – симулакрумот за којшто пишува Бодријар се значењата и симболизмот на културата и медиумите што ја „конструираат“ претпоставената реалност! Но не се само тие – само културата и медиумите, се разбира – туку во таа конструкција е впрегнат и цел државен апарат, со што низ овој симулакрум сите значења стануваат безначајни – „процесија на симулакрумот“!

Изборот на културата и медиумите, како сугестибилен избор и на Бодријар, и не е некаков избор. Медиумите (кај нас) се само порудиментирана, попровинциска, погрда форма на симулација на вистината од онаа во културата. Културата е малку пософистицирана, но и позатскриена – помалку експонирана – форма на некаква хиперреалност во којашто веќе не знаете што е што и кој е кој. Ако воопшто „што“ и „кој“ сѐ уште реално постојат или пак сѐ е втопено во тој македонски симулакрум, во таа „недефинирана“ Медена земја како живописен израсток (повторно) од некоја мапа на Борхес! И сите се одлично соживеани со таа нова реалност, со таа друга вистина презентирана од медиумите, од културата, од политиката… што секое поинакво соочување со онаа реалност се отфрла како дегутантно, болно, непостоечко! За само неколку дена ние едноставно заборавивме на трагедијата во Тетово, а за неколку денови плус таа веќе нема ни да постои – симулакрумот ќе ја проголта, ќе ја избрише од меморијата.  Впрочем, го спомнува некој сѐ уште трагичниот Охрид, па и ова и вакво Скопје – современи урбани трагедии што проголтаа цели два града? Тие се типичен пример на македонскиот културен симулакрум. Кога вистинското повеќе не е тоа што било, носталгијата е замената, таа започнува да го претпоставува неговото полно значење. Затоа, кога денес ќе кажеме дека сме родени или живееме во Скопје, ние не мислиме на овој простачки конгломерат од грди градби, закрчени улици и кич споменици, туку повеќе се потсетуваме на она некогашно Скопје – градот од 3-400.000 илјади граѓани, со модернистички изглед и современо урбано решен простор, со дрвореди и тишина, со многу мани, секако, но некако симпатични, подносливи… носталгични. Кога велите дека одите во Охрид никако не мислите на онаа монструозна концентрација од куќи во самото срце на стариот град, на оние платформи среде езеро, на парапетчето на идиотон – за среќа неизградено, на еднакво шизофрените решенија на другиве идиоти… вие, едноставно, замислувате дека одите во некогашниот Охрид, онаа колевка на македонската писменост, оној велелепен и едноствен во својата убавина центар на сесловенството без грозоморнана „црква“ на Плаошник, без „папските“ резиденции и другите будалаштини посеани на истиот простор, одите во оној некогашен Св. Наум, Пештани… Ние придаваме постоење коешто де факто – го нема. Или, се сеќавате на Аквадуктот крај Скопје и колку (не)културни министри по ред се сликаа пред него убедувајќи нѐ дека работите само што не започнале? И, започнале или не започнале? Никој не знае. Сликата иста, се менуваат само суратите… не знаете што е вчера, што денес, што е утре… Симулакрум.

Следствено, ние веќе не знаеме во која реалност живееме. Неспособните власти – безмалу сите со ред – цели три децении ни нудат тиради и „знаци“ за некаква нивна реалност којашто ние никако не успеваме да ја видиме. И не само ние, не успева(ше), впрочем, ни Европа, дури ни најдобронамерните во неа. Кога (повторно) еден долгогодишен висок функционер вели дека „Иако за нас ЕУ нема алтернатива, тешко е да продолжиме со реформите и со европските политики ако нашите граѓани не видат дека ЕУ ги вреднува и дека ќе се забрза евроинтеграцијата“, на кои и какви реформи мисли? И кои се тие реформи за коишто власта упорно говори дека започнале или само што не започнале, но општеството никако не може да ги види? Кога министерката за образование вели дека „За секое дете кое нема можност, нема електрична енергија дома, може да ги користи книгите од библиотеката“, на кои библиотреки мисли?![1] И во која замислена земја? Знае ли министерката колку библиотеки има во државава, а колку училишта? И какви се тие библиотеки? Живее ли и оваа власт во некоја своја реалност – или свој симулакрум – каде сѐ е идеално, успешно, средено…? Па отворете го прозорецот, по ѓаволите, ѕирнете надвор, видите како е навистина!


[1] Децата кои дома немаат струја, нека земаат книги од библиотека (изјава на Мила Царовска, министерка за образование и наука), Вечер (on line издание), 14.09.2021

ЗАТВОРЕНИ ХОРИЗОНТИ

Не знам дали, и колку, македонскиот граѓанин е свесен за моќта што (формално) ја поседува, но едновремено и за хендикепите што истата таа моќ (фактички) му ја ограничуваат. Иако најважните државни дикументи, почнувајќи од Уставот, преку базичните закони (особено оние што ги тангираат и човековите права), па сѐ до меѓународните конвенции, му ги гарантираат сите права, тие во партократскиот хаос и диригираната „демократија“ редовно остануваат мртво слово на хартија. Праксата покажува дека сите сме еднакви само до извесен степен (којшто, патем, секојдневно сѐ повеќе бледнее), дека власта, која и да ѐ, константно ги узурпира тие права и наметнува само обврски, дека законите не важат еднакво за сите, дека системот секогаш има изговор и мала врата за одбегнување на одговорноста… итн. Покажуваме ли, докажуваме ли дека цели три децении се сепак малку за освојување на демократијата? Дека нашиот историски скок од она аморфно полуфеудално-полукапиталистичко општество во социјализам (или „социјализам“) а потоа и право во демократија (или „демократија“) бил само привид, фатаморгана, неуспешен експеримент, дека не може туку-така да се измами неодминливата еволуција односно дека револуцијата лесно се справува со сѐ но не и со еволуцијата на општеството? Има многу поучени за оваа материја и попаметни од мене, но тие очигледно или не си ја вршат работата или и тие болуваат од истата македонска болест – молкот – бидејќи како и многу други нешта, и овие важни за државата, за општеството, за поединецот, процеси некој бил должен да ги проучи и да ги презентирана пред јавноста. Секако, тоа пред сѐ била должност на македонската демократија, на власта/државата, на ману (малите букви соодветствуваат на реномето на оваа институција!), на универзитетите… Можеби на време ќе превземевме нешто?

Македонскиот современ граѓанин е сѐ уште мало, исплашено, молчаливо, понизно и крајно дезоириентирано суштество и на микро и на макро план, без рационална и конструктивна свест за себе и опкружувањето и токму затоа е подложно на политикантска и секаква друга манипулација. Без намера сето ова да прозвучи навредливо, но македонското секојдневие во последниве три „славни“ децении независност, самостојност и сувереност го потврдува токму тоа. Инаку, како, и зошто, би ни се случувало сето ова што ни се случува? Која е, инаку, разликата помеѓу некогашната великосрпска пропаганда на оној Стојадиновиќ и неговата позната „Па и деца ќе ви направиме“ и сегашните политикантски блеења пред избори? Како се случи отворениот хоризонт од 2017 година да се претвори во само уште една зачадена балканска крчма? Како „Шарената револуција“ се преоблече во своја спротивност, како демократијата се престори „хибриден режим“, како Европа заврши во „Балкан Опен“ а Македонија, дури и Северна, непосакувана и заобиколувана дестинација дури и во овој зачмаен регион? Сведоци сме дека покрај нас и нашата граѓанска не-свест поминаа: една криминална приватизација; Тајванскиот циркус вреден една милијарда долари кои граѓаните не ги видоа; терористичката 2001, а потоа и „консензуалното“ помилување на воените злосторства; „црниот понеделник“ и насилното исфрлување на опозицијата и новинарите од Парламентот во онаа 2012-та година; „Скопје 2014“; кражбата на цел еден државен буџет од страна на вмро-дпмне; „Диво насеље“; „27 април“; „филмското“ бегство на криминалецон во Будимпешта; внесување на заболени пратеници во скафандри во ек на пандемија само заради гласање во Парламентот; Законот за легализација на дивоградбите во целата држава; монструозно профитирање со лекувањето во приватни болници, немањето вакцини, катастрофалниот број на починати од КОВИД-19, пожарот во модуларната болница во Тетово… и уште едно чудо познати и непознати криминали што допрва (ќе) чекаат разврска. Се разбира, нашето „таинствено“, тивко до нечујност, потајно откажување од членството од Европската унија е само уште една црешка врз македонската губитничка торта. И што е уште пострашно, сето ова помина, и поминува, без каква и да ѐ реална политичка, морална и/или кривична одговорност.

Оттука, ние како држава веќе немаме право никого да обвинуваме, најмалку соседите, Европската унија или меѓународната јавност, а како граѓани го загубивме дури и правото да ја обвинуваме домашната политика за нејзините катастрофални неуспеси. Сето тоа де факто е наш личен пораз – нечиј повеќе, нечиј помалку, данок на нашата неукост, нестручност, плашливост, опортунизам… неспособност. Затоа и запрепастува – или можеби не, токму заради нашата индиферентност? –   самоувереноста на македонскиот политички врв во нивните фалби за постигнувањата, дострелите, заслугите… за бајковитата држава, општата благосостојба, среќата на народот со нивните водачи итн. Се разбира дека јубилеите од типот на изминатата прослава на 30-годишнината од независноста (од кого, од самозаробеноста, од себеси?) влеваат самоувереност, па и самобендисаност – особено кога немате достоен партнер во политиката – ама сепак да кажете (како еден долгогодишен висок функционер)  дека „Со храброст, работа и отвореност – постигнавме многу, а круна на нашиот труд е членството во НАТО“, е сепак премногу, нели? За која тоа „храброст, работа и отвореност“ станува овде збор? За оние примери што ги наведов, и уште стотина еднакво страотни што не ги наведов? За „Охридскиот договор“, за „Преспанскиот договор“, за пописов, за Охрид, за „Скопје 2014“… за што? За дел од наброеново е навистина неопходна „храброст“, ама тој тип на потенцијално национално самоубиство може да се нарече и поинаку. Или, дали овие „квалитети“ се потребни да се оправда отсуството на единствените двајца живи бивши претседатели на државата од прославата, што дополнително проблематизира многу нешта? И за тоа ли е потребна „храброст, работа“ и – затвореност?! Инаку, зборот „храброст“ е еден од омилените на македонските политичари, со којшто мислат дека (ќе) нѐ импресионираат, па во тој контекст и еден друг актуелен функционер посегнува по него, просветлувајќи нѐ: „Политичка храброст значи да направите тешки комромиси за доброто на граѓаните. Единствена храброст во времето на ВМРО-ДПМНЕ беше споменикот на Александар Македонски, но немаа храброст ни да го наречат Александар Македонски. Мислеа дека тоа е начин да се одбранат македонските национални интереси“ (sic). Таквата ли „храброст“ денес станува политички (или политикантски) репер? Затоа ли, впрочем, онаа креатура на Плоштадот „Македонија“ сѐ уште стои, бидејќи (и) овие ја сметаат за храброст и национален симбол? Се разбира дека треба политичка но и налудничава човечка „храброст“, ама таа „храброст“ се нарекува поинаку!

А „словото“/духот на оние сславопојки на „храброста“ провејува и во сите други обраќања на највисокото државно раководство, небаре ние сме малоумни деца кои не паметат ни што јаделе вчера, а камоли што се случувало во изминатите триесет години? Такво потценување на сопствениот народ е досега невидено во Македонија. Поточно – беше видено, но го сметавме за минато. Сме грешеле, очигледно. Па и претседателот на државата (малите букви соодветствуваат на рејтингот од само 4% на овој лик!), вели: „Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест“ (sic). Повторно „ќе биде“, после цели триесет години, во некое недефинирано идно време? А досега, што се случуваше досега во оваа нехумана експериментална политикантска лабораторија којашто наместо да отвора – затвора хоризонти? Зарем малку имавме вакви „ќе биде“ ликови, па ни требаа(т) уште? И за каква воопшто „труд“ и „совест“ можат да говорат вакви патетични ликови?

Дали ние, граѓаните и македонската политика, всушност живееме во некакви паралелни светови, тие во свет замислен како замена за вистината а ние во нашиот ни на небо ни на земја? Живееме ли сите во она што учените го нарекуваат симулакрум:„The simulacrum is never that which conceals the truth – it is the truth which conceals that there is none. The simulacrum is true“!?  


СПИРАЛА НА МОЛКОТ

Како што веќе напишав, македонската „спирала на молкот“ има свои долгорочни причини и релативно познати извори: вкупниот политички систем во Македонија веќе три децении се дизајнира за да му служи не на граѓанинот туку на власта. Сите институции, колку и да се неспособни и нефункционални, се такви за да не можат да ѝ пречат на власта, дури и да посакаат. А не сакаат. Тие не се осмислени, создадени и менаџирани за граѓанинот и остварувањето на неговите права и обврски. Тие се главната потпора на власта, која и да ѐ, во оствараувањето на нејзините интереси, (нај)често и контра волјата на граѓаните. Примерот со „поддршката“ на директорите на јавното здравство – сите до еден сместени во фотелјите токму од власта – за актуелниот министер е само уште еден пример во низата. Можеби меѓу подрастичните, поболните бидејќи доаѓа од професијата заколната да му служи на поединецот а не на власта, но имало и други слични.

Но, хипотетички, што би се случило кога/ако барем еден од посочените директори не се согласи со мнозинството и не ја даде очекуваната поддршка односно ако покаже поголем и посилен морал и професионална етика од останатите? Најмалку што може да му се случи е да биде изолиран од мнозинството, а уште поизвесно е дека набргу ќе биде и сменет. Впрочем, неодамна имавме токму таков драстичен случај (д-р Мирослав Гроздановски) со „славната“ неписмена табла (ДЕРМАВЕНЕТЕРОЛОГИЈА) во Поликлиниката „Букурешт“. Со ретки и чесни исклучоци, лекарската фела (вклучувајчи го тука и „моралниот“ министер!) уста не отвори во одбрана на колегата кој заради туѓа глупост и неписменост изгуби работа три години пред пензија. Вакви примери во културата се секојдневие, во образованието и науката исто така. Следствено, власта не само што успева да биде самоодржлива преку добрите политики, туку знае да биде и одмазничка и да казнува дури и заради беневолентна критика!

Оттука, во такви услови, кој – јавно и со полно име и презиме – би се дрзнал да укаже на нестручност, непрофесионалност, неморал, корупција, кражба…? Елизабет Ноел-Нојман, политиколог и творец на теоријата Die Schweigespirale, ги наоѓа нејзините корени во социјалната психологија и објаснува како можат да завршат „бранувањата“ во јавното мислење, особено во емоционално и морално „сензитивни“ случаи. Но, ние сме ги поминале сите скалила не само на јавните осуди, отворените пцовки и навреди од бедните партиски платеници, туку и подрастичните случаи – меѓи нив и погоре опишаниот. Ноел-Нојман ја разглобува нејзината теорија на повеќе клучни сегменти, и тоа: дека повеќето луѓе се плашат од социјална изолација; заради тоа луѓето внимателно ја опсервираат општествената клима за одредени прашања и често се приклонуваат кон (молчаливото) мнозинство дури и ако имаат спротивно мислење; луѓето го кријат сопственото мислење ако мислат дека тоа ќе предизвика нивна социјална изолација; „спиралата на молкот“ вообичаено е присутна во контроверзни случаи; стравот од социјална изолација и други мерки оперира подсвесно; јавното мислење функционира како вид на социјална контрола… итн.

Од друга страна, може ли молчаливото мнозинство да биде полезно за општеството? Можеби, во некои други општества и не за така сложени, контроверзни и витални прашања, како што тоа се случува кај нас. Во даден миг спиралата на молкот може да функционира дури и интегративно во општеството, но повторно во зависност од темата. Но кај нас контрадикторностите, спротивставеностите – не политичките, или „идеолошките“ (зашто такви одамна немаме) туку политикантските, социјалните, социолошките, културалните итн. – се поларизирани до таа мерка што молкот само ги продлабочува, секогаш на штета на граѓанинот. А власта, секоја власт кај нас, го користи молкот како одобровање и аргумент за секакви политикантски итроштини, дури и за фалсификување на изборни резултати, резултати на референдум итн. Спрегата партија/власт-администрација-медиуми по правило кај нас обезбедува проточност на сите одлуки, дури и најконтроверзните. Тоа, во секој случај, не е демократија. Особено кога станува збор за влијанието на масмедиумите – изобилно финансиски потпомогнати од власта – во креирањето на јавното мислење и нивната денунцијантска улога контра секој различен глас. Кога медиумите и платените „аналитичари“, а за тоа имаме „брилијантни“ примери во изминативе дваесетина години, константно ја поддржуваат власта, која и да ѐ, дури и во нејзините најригидни одлуки, тогаш поединецот, граѓанинот со поинакво мислење, нема никаква шанса и – победникот е однапред познат. Актуелното ураганско возвишување на министерот во оставка изнедрува и патетики за доброто менаџирање на кризата во земја на самиот врв во светот по бројот на починатите!

Граѓанскиот страв од најразлични реперкусии – од општествена изолација до губење на работното место – се темели на богато претходно искуство, заради што е и најважниот двигател во воспоставувањето на целосната контрола на власта врз јавниот простор. Онаа групација платени од буџетски пари партиски ботови и трутови од обете етнички провениенции кои демнат во виралниот македонски свет е само вид дополнително осигурување, back up на другите механизми на контрола. Сето тоа ѝ ја дава онаа неограничена моќ на власта и нејзините функционери да се чувствуваат комотно, недопирливо, да ја имаат поддршката на медиумите дури и за најголемите глупости и криминали во практикувањето на власта. Обрнете внимание токму изјавите на челните луѓе во државава по повод скорешниот „празник“ 30 години од независноста и ќе ја видите на дело моќта, некритичноста, губењето допир со реалноста итн. Заради тоа и чувството на вина кај граѓанинот треба да биде поголема.