Monthly Archives: January 2019

ОД ЦУНАМИ ДО КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА

Велат дека сите револуции завршуваат неславно, односно си ги јадат децата (што е сепак различно, нели?). Не знам, не сум сигурен бидејќи никој никаде прецизно не дефинирал што пак значи тоа – славно!? А во тој контекст не знам како би ја дефинирале македонската „Шарена револуција“ во корелација со денешните случувања на македонската политичка сцена, особено во светлината на ветените реформи во државата. Славно или неславно? Но, тоа не е темата на овој текст, ама ќе биде на некој друг. Сега сакам да потенцирам дека на силината на демократскиот земјотрес што во Македонија го покрена „Шарената револуција“ успешно се надоврза цунамито на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, заедно со сите други прогресивни сили во државава здружени во епската борба против Злото. И тоа цунами, сосе неговиот иницијален ударен „бомбастичен“ бран, требаа да го разбијат режимот во парампарчиња. И тоа (делумно, и само во почетокот) го направија: како кула од карти го растурија црниот замок на самобендисанион азилант, а него го испратија на ѓубриштето на историјата. Па нека тоа ѓубриште се вика и Будимпешта! Сето друго требаше да биде историја со веќе напишано заглавие и прва страница, со горе-долу познати актери, со дефинирана платформа која што требаше да ја реализира третиот, четвртиот партиски ешалон во соработка со првиот тим на независниот, невладин сектор со подеднакви заслуги во „револуцијата“. И дотука е се’ ок, според сценариото, напишано или замислено. Освен што тој трети-четврти партиски ешалон, успан уште во времето на Злото и тешко расонлив, сосема незаслужено залегна врз грбот на државата – а овде пред се’ мислам на културата – покажувајќи се тотално неспособен (што де факто и е’!) да се носи со предизвиците. Затоа и цунамито го загуби почетното забрзување и сила зашто овие нивниве едноставно не можеа да се носат ни со времето ни со реформската работа што им стоеше пред носот. Затоа впрочем и привиот бран целосно потфрли, зашто беше млак, распекмезен, славодобитен, небаре тие ја извеле револуцијата на своите плеќи (а вистината беше сосема спротивна!), беше лукративен и бесполезен. Ама сакаше позиции и командни места, иако целосно незаслужено. Тоа пак, наместо создавање реформска атмосфера и „ударнички“ дух, доведе до разводнување на акциите, нивна некоординираност, залегнување во лукративните ровови и кукавичко денфување на првичната експлозивност на „новата културна револуција“. Заради сосема лични причиини и – да не се лажеме – неспособност, овој божем победнички партиски ешалон целосно се трансформираше во контрареволуција на дело!

И токму затоа: ако сите патишта во македонската некултура водат кон Министерството за култура, што впрочем не е само моја констатација туку и на сиот разумен културен свет кај нас кој имал некаков допир со културата во изминатава деценија, тогаш нема(ше) друг реформски пат освен реорганизацијата и трансформацијата на тој државен орган во нормален, современ, компетентен и професионализиран орган што сериозно ќе се грижи за осмислувањето и развојот на културните политики во државава. И тука нема никакви дилеми, особено заради фактот – кој што веќе го спомнав неколку пати – што и Владата и Собранието, потпишувајќи се под спомнатата Национална стратегија за развојот на културата во РМ во периодот 2018 – 2022 година, практично застанаа зад таа неопходност. Првиот, основниот чекор во насоката на таа реорганизација и трансформација беше / е’ неговата департизација!

Што тоа (не) значи? Тоа секако не значи дека партијата на власт, која и да е’, треба да се откаже од услугите на своите стручни, професионални кадри во Министерството за културата, или каде и да се на друго место во културата. Од највисоки до најниски позиции. Тоа не значи дека партијата на власт, која и да е’, го нема правото на своја кадровска политика не само во Министерството за култура туку и во целата култура. Тоа никој разумен не може да го бара, ниту пак некој го имал на ум пишувајќи ја Стратегијата. Но, кај нас на дело беше / е’ сосема обратниот процес: партиските кадри, дури и оние најнестручните, најнекомпетентните, најнеискусните … да се поставуваа(т) на највисоки позиции во Министерството и во целата култура. На таа погубна навика, демонстрирана на најдиректен и најгруб начин, сведочевме цели дванаесет години. Од неартикулирани и полуписмени (партиски) советници до директори дилетанти со полна уста национализам, од партизирани самонаречени уметници до провинциски шарлатански експерти. Впрочем, токму тоа искуство, како и редица претходни, беа непосредна причина за сите квалификации и барања во овој сегмент на Националната стратегија. Се разбира, ова како современ и демократски став не се однесува само на културата. Но, што се случи? Токму спротивното: принципот на верност и лојалност кон партијата како замена за стручност и компетентност (о)стана наша локална забава. (Иако не само наша зашто, ако ни е некаква утеха, тука можеме да се споредуваме со уште неколку бившојугословенски земји од опкружувањето, ама тоа не е баш за фалење, нели?). Затоа, впрочем, во овие средини проблемот на департизацијата најчесто се нарекува „фамозна департизација“ на културата, секогаш најавувана – никогаш неспроведена! „Ќе ни требаат натчовечки напори за да тргнеме по патот на закрепнување и напредок“, рече на една од јавните расправи по текстот на Националната стратегија тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски. И некому, ама само на некој неупатен, тоа можеби ќе му заличеше како апел за формирање баталјон на супермени, спајдермени, иксмени и други „мени“ за претстојните битки во културата. Ама тоа навистина беше така зашто во културата заруваше неукоста, незнаењето, импровизацијата, хохшташлерајот, клиентелизмот … Проблемот е што се’ уште е така! Затоа сега ќе ни требаат барем два баталјони разноразни „мени“!!! Или, ако некој навистина се загрижи за културата, ќе ни требаат педесетина умни, писмени, морални, професионални поединци кои работата ќе ја завршат уште годинава.

Заради многу причини културата често ја нарекуваат и синоним за слободата и благосостојбата на едно општество. Таму каде што ја нема, таму каде што таа е маргинализирана – а партизацијата е токму тоа! – говориме за заробено општество / култура, за манипулација, за клиентелизам. Сигурни ли сме дека тоа е она што ни треба? Како континуитет со претходните злосторнички политики?

МЕСИ ЗА ПРЕЦЕДНИК!

Никој многу не верува во народните „мудрости“ – се’ додека не не’ удрат по глава и ни покажат дека по правило се точни. На пример, онаа дека сите во државава (претспоставувам главно од машки пол, иако не сакам да бидам сексист) се разбираат од фудбал и политика. На пример, потпрашајте кого и да е’ на улица – еве, не мора да е баш машко – и веднаш ќе ви го издиктира потенцијално најдобриот состав на македонската фудбалска репрезентација, сега ама и во минатото, иако таа, репрезентацијата, главно игра во балканскиот потсојуз, а на светско рамниште е некаде после 100-то место. Или напреднала, а јас сум пропуштил нешто? Според истиот терк ќе ви го издиктираат и најдобриот состав на македонската влада, сега ама и во минатото, сосе став и за заменици министри и државни секретари. А можеби успут ќе добиете и нацрт програма за работа на таа влада, се разбира ако се почитуваат желбите на прашаниот.

И тоа не е ни толку страшно. А сличности има. Помеѓу македонскиот фудбал и македонската политика. Обете се играат на ниво на потсојузи. Регионални. Тоа ни го кажа и оној Даниелсон, ако некој сака да го чуе, и разбере. А истиот тој Даниелсон велат дека се сретнал и со оној „стручњакон“ за фудбал и политика Жмицковски, кој често се претставува и како лидер на опозицијата во Македонија и иден премиер и селектор на македонската фудбалска репрезентација. Што ќе рече две, или дури три во едно. (Заев никогаш така лажно не се претставувал, барем не и како селектор на фудбалската репрезентација!). И сега, што вели тој супер-познавач на македонските прилики во политиката и фудбалот, а патем и во нашето пристапување во Европската унија? Тој вели дека нам во Македонија ни недостасува Тоти во политиката, а Жмицковски во фудбалот! (Изгледа го крие неговиот адут за шеф на пристапните преговори со ЕУ, ама со голема доза на веројатност можеме да претпоставиме дека тоа ќе биде или Кире Лазаров или оној Николовски).

Она што за сите нас ќе остане вечна тајна е фактот како оној кој често глуми шеф на опозицијата во државава и едновремено селектор на македонската фудбалска репрезентација – а, велат поупатените, имал и неколку хидроцентрали, што ќе рече дека навистина е способен за оние работи – дојде до името на Тоти за шеф на државата. Прво, дали Франческо Тоти (Er Bimbo de Oro) воопшто и бил консултиран дали е заинтересиран да си го напушти местото директор на спортскиот клуб Рома и да претседателствува во една селендра како Македоња? Не сум сигурен. Но, можеби, секое претседателствување со една држава е примамалива понуда. А Тоти, практично, и нема попаметна работа. Плус, го исполнува условот да има над четириесет години, што е битно зашто малолетни деца не се многу претставителни на тоа место, ако веќе не станува збор за престолонаследник. А актуелноно пустинско растение од Паљурци кое што беше зафатило корени на Водно не успеа да процвета – а и како би? – односно да воспостави династија и да устоличи престолонаследник. (Плус, се’ си мислам дека ќе го папа, кад-тад, ама ајде да не му баксузирам!). Само што не знам од каде оној селекторон на потсојузната политичк–фудбалска репрезентација на Македонија успеа да го ископа овега Тоти за претседател, па нека е и на Македонија, од толку актуелни одлични, капацитетни, способни играчи? Мислам дека и тоа е резултат на нашата вродена неспособност да гледаме малку посмело, подалеку, понапред, не кај истрошените, фалбаџиите, клукајдрвците, туку кај навистина способните, кај ѕвездите, ако сакате. Што, на пример, би му фалело на еден Меси да биде прецедник на државата предложен дури и од селекторот на македонската потсојузна политичка репрезентација? Или на еден Неимар, на пример? (Овој вториов и така има два-три месеци пауза заради повреда). Сакате класа играч – ете ви. Каков Тоти, какви бакрачи! А му се чудам и на Геровски, Тоти бил надежен? Ма каков надежен, не е ни за клупа, плус многу е глуп бре брате, а плус и прилично фашизоиден со оние негови гасни комори ко од пред толку децении. Ја знаел цела Македонија? Од каде бре брате Тоти и Македонија? Шетањето по митинзи не е и знаење. А и таквото знаење одговара за поштар, за инкасатор … за такви занимања, а не за прецедник. Еден Меси не би се фалел со тоа. Би се фалел со постигнати голови, со освоени златни копачки, со освоени богами и други светси трофеи. Што има Тоти? Труба – ништо!!!

Исто, впрочем, како и оној Жмицковски кој аплицира за некаков селектор, на репрезентација ли, на влада ли, не знаеме точно. Добро, секој има право да аплицира, ама овој – со што? Со тоа што си играл на мали голчиња со некој маалски Тоти? Со тоа што бил асистент кај татко му? Па дајте, ве молам, тоа е само доказ за неговите склоности кон одредени нешта, а не е препорака! Е сега, имал хидроцентрали, дури пет. Па ни тоа не е препорака. Тоа може да биде препорака за наводнување на државата, ако затреба. Прашање е и како ги стекнал и некој треба со тоа да се позанимава. А впрочем, каква врска имаат хидроцентрали со фудбал, или со политика?

И тоа е всушност нашиот генерален и вековен проблем: ние не гледаме повисоко и подалеку од сопствените ограничувања. Добро, тие не ни можат, се разбира, ама дајте да најдеме луѓе чие ограничувања се безгранични, чии далечини се немерливи. Такви ни требаат. Луѓе со визии, а не маалски „играчи“ од рангот на „Тоти“!

Ако некому мојов текст му заличи како пишуван од некој „стручњак“ од почетокот на текстот, сличноста е сосема случајна!

ПРВИОТ БРАН

Денешната констелација во македонската култура, гледана од аспектот на диригираното (од кого?) статус кво односно неспроведувањето на (не само) ветените реформи или, во голема мера, токму директното спротивставување (од незнаење, немоќ, неукост или нешто друго?) на истите, наведува на редица логични заклучоци кои, сигурен сум, кога актуелната власт ќе ги согледа а тоа (ќе) мора да се случи – нема да и’ се допаднат. Зашто, во голема мера, состојбите работат во полза на нејзината штета, контра нејзината програма, спротивно на предизборните ветувања, спротивно на здравиот разум. И тука немам дилеми, ама баш никакви, како што не би имале ни тие – мислам на водечките партиски луѓе од коалицијата на власт – ако некој намерно, или од незнаење / неукост, им го саботираше целиот процес на реализација на „Преспанскиот договор“. Ова е исто, само на подолг рок, и со одложено (ама далекусежно) дејство!

Меѓу битните нешта, освен оние веќе спомнати во минатите текстови, е фактот што целата актуелна раководна постава во македонската култура, инаку аминувана токму од сегашната власт и поставена на тие места со една и само една цел, целосно потфрли. Таа една и само една цел беше / е’: разоткривање односно јавно разобличување на криминалните политики и дејствување на злосторничкото здружение во институциите во изминатата деценија, вклучувајќи го тука и Министерството за култура. Што пак, едновремено, ќе претставуваше верификација, доказ дека сето она што го говоревме во изминатите десетина години е – точно! Ако, за среќа, еднаш, Министерството за култура – ама само во првата година по доаѓањето на власт на оваа Влада односно само до јуни 2018 година – постапувало логично и согласно ветуваните определби, тоа не беше случај со институциите под негова надлежност, тоест таканаречените национални институции каде што токму тој орган ги беше поставил првите тоест раководните луѓе на тие институции, но и составите на нивните управни одбори. Тие „кадри“ практично требаа да бидат првиот бран на реформите, основната карика која што на македонската јавност ќе и’ ги сервираше сите факти и докази за криминалите на бившата власт, што пак ќе беше предуслов за нивно евентуално (кривично) гонење, но ќе беше и важен дел во исполнувањето на првиот чекор кон најавуваните реформи. Културата, сепак, го немаше проблемот на правосудството односно на она на што сега се жали г-ѓата СЈО шефица Јанева: наспроти судовите со сите нивни стари коруптивни структури, новите директори во културата, заедно со управните одбори со новите претседатели / членови предложени од новата власт, ги имаа сите права и должности (тоест одговорности!) да ги спроведат од нив бараните постапки. Со конкретни резултати! И што се случи? Ништо, и буквално – ништо! Директорите преспаа по два в.д. мандати – некои и повеќе, целосно незаконски и без одговорност за министерот за култура! – (божем) работејќи на „консолидација“ на институциите и осмислувањето на нови програми за работа на истите. Што, всушност, никој и не го бараше од нив, односно тоа беше нивна втора должност, после заокружувањето на процесот на преиспитување (и пријавување, секако) на криминалите на претходниците! Или, мислиме дека во културата има помали / помалку криминали од оние што ги открива министерката Царовска? Треба ли да потсетиме на „кражбата на векот“ во Музејот на Македонија и ниту за милиметар непоместените работи во таа насока? Или таму немаше криминал, само „позајмица“ на највредното културно наследство? Или општата кражба во Музејот на македонскиот хорор, каде не се знае кој пиел и кој плаќал, и за што, и кој се’ шетал во Украина, на пример, и зошто, и кој набавувал и плаќал, и за што … и каде се денес едно чудо вредни работи купени со државни пари? Или онаа чистка на „уметничкото“ ѓубре од ателјеата на вмронските „уметници“ плаќана со државни пари, а ѓубрето сместувано во Музејот на современата уметност и Националната галерија на Македонија како вредни музејски експонати? Или „сувенирите“ (во милионска вредност) со производи од самонаречениот проект „Скопје 2014“ изработувани во илјадници парчиња, што сега (се’ уште) чмаат во Музејот на Македонија? Или оној „книжевен“ контингент по нарачка на будимпештанскиот азилант и библиотекарот-академик, кој што по „производството“ се најде складиран во подрумите на неколку национални институции? Или сите оние партиски и во основа незаконски вработувања во, на пример, Македонската опера и балет, во Танец, и во сите други национални институции? Излезе ли некој од тие директори во јавноста со податоци за сите криминали, мали и големи, а ги имало од двете категории, и со барање за истраги, со посочување на виновниците? Или, нивното молчење треба да значи – нешто друго? И зошто сето тоа се толерира? Дали тоа е намерна узурпација на реформските процеси, свесно прикривање на криминалот (што пак би значело и соучесништво!) или, повторно, нешто трето? И – што? Многумина, па и јас, се склони тоа да го припишат на редица надворешни и внатрешни фактори, меѓу кои и (наводната) колегијална толеранција, евидентната неспособност на еден дел од директорите, дури и слухови за некакви чудни / необјасниви спреги на овие со претходните, што никако не соодветствуваат на ветениот реформски курс на оваа власт. А тука, секако, на самиот врв на листата и некомпетентноста и неспособноста на Министерството за култура. Особено денес, после уште малку па цели две години од смената на власта. Што ќе рече – половина мандат. И ако таа половина се потрошила вака залудно, каква ли ќе биде втората половина? Ако пак во сиот овој неразбирлив молк активно учествуваат безмалу сите фактори во културата – почнувајќи од повторно заспаната независна културна сцена, па Синдикатот, па државниот орган надлежен за работите во културата, дури и Владата на РМ, тогаш зошто воопшто ни беа потребни промени во културата? И сите ние кои толку години со запрепастување пишувавме и ги набројувавме криминалите на пуфлата и нејзината „елита“, испаѓаме ли, најблаго речено, смешни пред јавноста, неаргументирани, некомпетентни … ? Што и не е некој проблем, зашто во тоа и за тоа време, де факто, пишуваа само неколкумина. Најголемиот дел од овие кои сега седат во фотелјите на власта или се криеа или отворено соработуваа со криминалното здружение. И сега од нив бараме реформи?

КРСТ ВО ГР(О)БОТ

Во контекстот на оние на кои ама баш никако не им одат во прилог какви и да се реформи во културата, а кои што јас сосема благонаклоно ги нареков категорија неспособни, освен „културната“ администрација, институциите и еден голем дел од партиските директори, остана уште една не така мала и никако занемарлива група: таканаречените „национални“ творци, онаа група без која што, според некои, ние всушност и немаме уметност, па ни култура, и кои ревносно шетаат низ земјава со отворени торби во кои што континуирано се слева еден голем дел од државниот културен буџет. Но, пред тоа, деновиве читам / гледам дека реформите – или подобро речено нивното отсуство од нашето секојдневие – се главна тема и во други (некој ќе рече поважни, но јас нема да се согласам) области од функционирањето на државата. Добро, укажувањата се се’ уште благи, повторно со доза на оправдување базирано на „Преспанскиот процес“, но и со убедување дека еве, сега, речиси веднаш, тие ќе започнат со засилено темпо. Ок, да се надеваме на таква разврска и во културата иако, повторно, јас лично се сомневам дека тоа ќе оди така лесно. Зошто? Професорот Малески, некако благо разочаран – или само ми е таков впечатокот? – од развојот на ситуацијата со предлозите за претседателски кандидат, вели: „вистина, логиката на секоја власт е да контролира се’ што може да се контролира …“! И тука нема што да се одземе или што (битно) да се додаде. И токму затоа Националната стратегија инсистираше на департизација на културата, што го потпиша и оваа Влада, а го усвои ова Собрание. Добро, далеку од умот беше да се земе здраво за готово фактот дека ставањето потписи под тој документ веќе ја гарантира целосната слобода на културата, нејзината јавна департизација односно беневолентното откажување и на партиите од оваа власт за контрола врз културата. Видовме веќе на почетокот дека тоа така нема да функционира. Токму заради политичката логика што ја потенцира професорот Малески. А впрочем, ќе беше и предобро, и прелесно. Кај нас ништо така добро и лесно не поминува, без борба, без убедувања, без полемики и докажување … Иако, всушност, ништо ни од ова (се’ уште?) немаме, но можеби, со време, ќе се развие дијалогот и за неопходноста од конечното спроведување на реформите? Којзнае.

Логиката на власта, секако, е онаа што ја спомнува професорот. Дури и на најдемократската. Што и не би било голем проблем кога кај нас политичките партии би биле така добро кадровски потковани што тие смени и контроли би биле безмалу и добредојдени. Ама македонската реалност е поинаква. И тука, токму во спомнатата логика, особено се оцртува веќе спомнатата категорија неспособни, кои кај нас го претставуваат рбетот на партиската власт – „културната“ администрација, институциите и еден голем дел од партиските директори – на кои, во случајов, треба да им се придодаде и последната, но не и најневажната група, онаа на таканаречените „национални“ уметници со сите други кај нас познати предзнаци (национални пернзии, културни амбасадори, национални величини, сиви еминенции …). Овие ги двојам во посебна фиока на категоријата на неспособните зашто тие главно функционираат самостојно односно во помали групи, во спрега/и со неколкумина други, ги обиколуваат важните кабинети, делат совети, по малку озборуваат како стрини (да не речам кодошат, а меѓу нив и моето „пријателче“ режисерче-кодошче, кое, слушам, пак шета низ градов и кодоши!), мешетарат национално важни „проекти“ (главно лични, се разбира) без кои што наводно државава не би била тоа што е’, договараат начини како да ги заобиколат и онака лабавите процедури за добивање пари „за да не се сетат власите“ итн. Овие гниди, простете на изразот, се многу поопасни од сите други во категоријата неспособни зашто реално се влијателни, односно ја користат својата во суштина лажна „ѕвезденост“ да ги удоволат провинциските амбиции на македонските политичари за дружба „со познатите“! Секоја власт, па и најдемократската, паѓа на такви финти, а овие тоа го знаат. Тоа е првата лекција што ја научиле кога решиле, ете, и тие да станат уметници. Особено – национални! Затоа пак власта богато возвраќа (а зошто и да не, не трошат свои пари!), патем градејќи си имиџ на поклоници на културата и уметноста и, како што еднаш ги нарече лудион Сарајлија, современи мецени!

Како и да е, целата оваа категорија, сосе „нашиве“ национални, свесно ги подриваат дури и идеите за какви и да се реформи зашто тоа за нив значи не само губење на влијанија туку пред се’ губење на – пари! Пресметани однапред како сигурен приход за неколку години. А тука веќе нема лабаво, тогаш се игра остро, на ѓон. Затоа, културите кои „паѓаат“ на „политиките“ на такви поединци или групички, заличуваат на оваа нашава партиско-„ѕвездена“ игранка без почеток, средина и крај. Односно, почетокот и средината ни се познати, видени, само крајот не можеме докрај да го исцртаме. Иако, всушност, и тој е лесно предвидлив зашто се врти во круг, при секоја промена на власта ги гледаме истите филмови, истите сцени на улизување и мазнење, тапшање по раме и ветување брда и долини … Ниту една култура во европското нормално – зашто, извинете, има и ненормални! – демократско опкружување не зависи така и толку од поединечни и групни, етнички и партиски интереси како оваа игранка што се случува кај нас. Уште помалку им зависат најавените реформи од нечии лукративни фантазии. Зарем филмот на едикојси самопрогласен „национале“ е поважен од развојот на интеркултурниот дијалог или од културното наследство, зарем собраните дела на некој од самопромовираните ни „инженери на македонските души“ се побитни за оваа култура од децентрализацијата, од деметрополизацијата на културата, од развивањето на партиципативноста во културата … ? Се согласувам, некој ќе рече дека треба и/и, а не или/или, ама кај нас се’ е поставено врз основите на или/или. Бидејќи, што ќе остане во културниот буџет откако ќе се задоволат лукративните страсти на „ѕвездите“ и нивните кланови, па етничките и партиските апетити, па институционалните себедоволни „програми“? Ништо, или премалку за сериозно бавење со вистинските културни теми.

За жал, изгледа дека оваа „логика на власта“ продолжува и денес, со оваа власт, што за македонската култура може да биде погубно. Бидејќи, изгубивме веќе два-тринаесет години, па вчера пионерски започнавме нешто што можеше да заличи на сериозни реформи, и – застанавме. Без рационално објаснување, без транспарентен отчет, без разумни аргументи. Туку-така, како од шега! А не е шега, не е ни за шега. Ако веќе загубивме година и половина, а на повидок е уште една, тогаш оној „блескав“ крст од Водно можеме комотно да го симнеме и да го збрцаме во гр(о)бот на македонската култура. Ако воопшто и остане некаков гр(о)б?!

ЗА НЕСПОСОБНИТЕ

Најкусиот одговор на прашањето од претходниот текст („кому му конвенира ова статус кво во културата“) веројатно е: на неспособните! И тоа едновремено би бил и релативно (нај)точниот одговор на дотичното прашање. Само неспособните овде можат да пливаат во оној македонски загаден некултурен жабарник. Се разбира, некој може да приговори дека таквиот одговор едновремено е и највоопштен, округло па на ќоше односно недоволно јасен и селективен одговор. И ќе биде во право, таквиот (воопштен) одговор бара појаснувања, се разбира. Но тоа и ми е намерата, ама појаснувањата ќе ги давам понатаму, во континуитет, одделно за различни сегменти од актуелниот жабурник кој што некој сака да ни го продаде како културна политика, згора и реформска. А белки ќе бидам доволно јасен за да неспособните бидат препознаени, па и самите да се препознаат, ако воопшто имале некакви дилеми.

Сепак, во случајов, само како вовед, ќе дадам пошироки назнаки кому се’ му оди во прилог ваквиот статус кво во културата. Пред се’ тоа е државниот орган надлежен за работите во културата со безмалу вкупниот негов административен и функционерски состав, кому неизвесноста од она евентуално „ново“ што би дошло утре му влева разбирлив страв. Зашто, ако реформскиот процес апострофиран во сите разговори за културата пред и после падот на режимот говореа / говорат за основниот реформски услов: реорганизација и трансформација на Министерството, во согласност со новите стратегиски цели, преку вградување на принципите на стручност, професионално усовршување, транспарентност и отчетност во работењето, тогаш на што би можела да се надева оваа (до крајни граници неука и партизирана) администрација? Ако заробената држава некаде функционираше без запирка, тоа, меѓу другите, беше и културата. Е па тогаш кој нормален, освен нас, се разбира, би трпел таква администрација и згора би ја сметал за компетентна да изведе некакви реформи? И во име на што би го правел тоа? Освен, нели, ако јавната односно државната администрација не ја сметаме за социјална служба каде е дозволено вработување на шуто и рогато, на приучени и/или тотално неспособни партиски „кадри“ од кои и понатаму ќе ни зависи иднината во многу области. Културната администрација требаше да биде тој прв ешалон неспособни поединци со кого државата мораше да расчисти. Дури тоа и да не беше напишано, усвоено од Владата и Собранието, печатирано и заверено. Зашто, ниту една реформа, некаде, била изведена од кочничарите на реформите преоблечени преку ноќ во реформатори, од оние на кои апсолутно не им оди во прилог каква и да е’ промена во културата. И тоа веќе толку пати досега беше напишано што веќе станува депласирано!

Но, тој прв ешалон, за жал, не е единствениот. Има и втор, и трет и … Институциите во областа на културата, особено националните, беа првата мета (по Министерството за култура) за партизација и пополнување со неспособен „кадар“ што не го бива за друга работа. И таму, како и во Министерството, воопшто не беше битна стручната подготвеност и професионалната компетентност за извршување на (често) сложени стручни работи и задачи, туку влезници за овој државен рај на неработници се добиваа со партиски, етнички, лични, групни препораки небаре станува збор за семејни фирми во кои што не е важно кој колку знае и кој колку може. (Иако, денес, и во семејните фирми способноста и компетентноста е основен предуслов!). Националните институции – а и за тоа говори Националната стратегија – беа систематски и на долг рок окупирани од сите кои (во периодот 2007-2017) умееа да најдат приклучок (од секаков тип: партиски, пријателски, коруптивен) кај шефот на злосторничкото здружение и неговите пајташи, а денес кај еднакво важните луѓе во владеачката структура, особено онаа од партиска / етничка провениенција. Така и сега, денес, и утре, се „екипираат“ (каков еуфемизам!) националните институции, особено со „кадар“ со етничка провениенција, имајќи ја предвид етничката припадност на министерот и една цела редица етнички директорски кадар во националните институции. И кога тој крајно неспособен „кадар“ ќе легне врз грбот на културата, само еден господ може да помогне. А него никако го нема, без оглед што и тој беше ветен!

И понатаму, токму спомнатите директори во културата, особено во националните институции, продолжија да бидат третиот важен неспособен чинител во актуелниов миг, наспроти сите заложби искажувани во јавноста но и во званичните државни документи. Добро, да не се правам и јас паднат од Марс, нормално е владеачката коалиција да поставува свои кадровски решенија на клучните места во администрацијата, па и во културата. Ама – кадровски, не исклучиво партиски, што ќе рече приучени тоест недоучени, некадарни тоест неспособни, непознати за јавноста, неуки за струката / професијата. (Чул некој порано за актуелниот директор на Конзерваторскиот центар на град Скопје, или за директорот на Спомен-куќата на Мајка Тереза, или за повеќето сегашни директори на националните или локалните културни институции? Ако тоа го правеа оние вмронине, мора ли „политиката“ на поштари и слаткари и остало „особље“ да ја продолжува и оваа власт?). А такви ги има(в)ме (пре)многу, особено оние по етничкиот клуч! Што ќе рече дека нештата не се мрднати ниту за педа од минатиот „систем“ за кој што имавме фермани оправдани забелешки. Тогаш: за кои и какви реформи овде станува збор? За замена наместо промена? За Курто наместо Мурто? За едни неспособни заменети со други (по)неспособни? За едни партиски војници отповикани од други партиски војници? Тој филм, имено, го гледаме денес, и овде, во клучниот миг за македонската култура, снимен небаре како во златното време на пуфлата и онаа нејзина тропорста „директорка“ која така беневолентно ја вдомија во Управата за заштита на културното наследство? Како што, ве молам, како некаков експерт? Како впрочем и едно чудо еднакво некомпетентни анонимни вмровски директори кои си се вратија на незаслужените комфорни позиции во институциите односно нивните дуивистички коалициски кадри кои само го сменија дресот. Ама умот им остана, за жал, а ние и тоа мораме да го толерираме заради некаков претпоставен (со)живот!?

*

mural_benksi

А бидејќи го спомнав загадувањето (и во културата!), мислам дека мистериозниот но во секој случај величествен Банкси го промашил градот. Наместо во Порт Талбот (Велс) требал да го наслика она детенце во Скопје, деновиве, или можеби Прилеп. Ќе беше на место, целосно ќе одговараше на нашите состојби со загадувањето. Иако, сигурен сум, и Банкси знае дека ние не сме баш за таква врвна уметност – веднаш ќе се најдеше некој локален „Банкси“ и ќе го „досликаше“ делото. Ако претходно не беше уништено од некои други „стручњаци“, како што кај нас обично бидува, нели!? А Банкси деновиве е актуелен и по едно друго ненадејно откриено дело: она симпатично стаорче со чадор во рацете, кое сосема случајно било откриено на една врата на станицата Хиноде во Токио. И што има тоа врска со нас? Па никаква, освен што Јапонската влада не се срами јавно да побара експерт за графитите на овој уметник кој би утврдил дали „стаорчето“ е навистина дело на Банкси. Можете да замислите таков потег од некоја македонска влада, која и да е’, некоја која ќе признае дека нешто не знае? Особено во културата, и уметноста? Таква влада кај нас не се родила. Кај нас владите секогаш знаат се’, дури и она што докажано не го знаат. А сето тоа понатаму се пресликува во целата држава, особено во администрацијата, која што смета дека таа е на рамна нога со министрите, замениците, државните секретари … па ако се тие нестручни за функциите што ги вршат, зошто пак овие би требало да бидат нешто многу постручни? Не убива таа пуста нестручност, тоа незнаење, збајатеност на мислата. И токму тоа беше еден од главните приоритети и на новата културна политика која што, ете, чека некој да се сети (и) на неа. Ако пак до вчера „Преспанскиот процес“ беше главното оправдување за отсуството на некои други реформски процеси во државава, тоа не може да биде и за истите во културата. Особено не за реформите во самиот државен орган надлежен за работите во културата како основен двигател на сите понатамошни реформи. А тоа не е само вообичаена флоскула, напротив. Зашто и таму, се’ уште, царува приказната за неспособните!

banksi staorec

СТАТУС КВО

Како што веќе потенцирав, еден од најважните стратешки приоритети на македонската култура во изминатата 2018 година – а и денес (можеби) не е доцна! – беше трансформацијата на Министерството за култура. И во најважниот стратешки документ што оваа Влада и ова Собрание (досега) го донеле е нотирана исклучително важната улога на Министерството во сите реформски процеси во културата, почнувајќи од ослободувањето на македонската култура од стегите на партискиот режим („Владата на Република Македонија и Министерството за култура владеењето ќе го заменат со раководење, ќе ги отворат процесите на одлучување и ќе соработуваат со граѓанскиот и со деловниот сектор“), спроведувањето на департизацијата и нормализацијата на културата, отворање на процесите на децентрализација и деметрополизација на културата, преод од т.н. мултикултура кон интеркултура и стимулирање на кохезивни и инклузивни програми и проекти во рамките на годишните планови и програми, грижата за разноликоста на плуралните културни идентитети (и) преку „формирање на извршно тело при Министерството за култура за оперативно планирање и работа во овој сегмент“ како и создавање регистар на институции, организации, заедници, волонтерски групи и граѓански инцијативи кои активно учествуваат во остварување, помагање, организирање и финансирање на културниот живот на овие категории граѓани, суштинската улога на Министерството во сегментот наречен културата и развојот … итн. Поточно, ова е само еден дел од клучните активности кои што овој државен орган мораше да ги планира и реализира веќе во изминатата 2018 година, а евентуално дел од нив да пренесе во оваа 2019 година. И? Труба, или „тапа џонсон“, како што милуваше да каже премиерот! А кога тоа би било се’ односно кога тука би се исцрпувале активностите на овој орган. Односно, целата, и буквално целата Национална стратегија на културниот развој во идните четири години (зашто една веќе измина, залудно!) се темели на активностите на Министерството за култура – од институционалната култура до независниот културен сектор, од законодавството до фискалните мерки, од условите за уметничкото творештво до авторските права итн. И следствено, најбитен чекор во таа насока беше / е’ внатрешната трансформација на овој орган во насоката на негово оспособување за стручно и компетентно извршување на планираните процеси. Крајната цел на системот, се разбира, како и крајната цел на оваа реформска власт, треба(ше) да биде општа и целосна демократизација на културните процеси како пандан на она против што до вчера се боревме. А таа крајна цел (ќе) можеше да биде остварена ако веднаш се пристапеше кон интерна трансформација на Министерството за култура. И ни тука немаше што многу да се умува или комбинира зашто и тие чекори, речиси до детали, беа планирани во Националната стратегија: преиспитување на сите организациски, технички и финансиски аспекти на неговото функционирање и поставување нови, демократски стандарди во работата; гарантирање на автономијата при изборот на програмите и проектите врз основа на јасни критериуми и јавно презентирање на образложени одлуки; реорганизација и трансформација на Министерството, во согласност со новите стратегиски цели, преку вградување на принципите на стручност, професионално усовршување, транспарентност и отчетност во работењето; темелна реорганизација на секторите и на одделенијата во Министерството и востановување нови професионални критериуми за постојниот кадар, како и за идните вработувања, итн. Е па ако и ова не е доволно јасно и конкретно, не знам што е’!

А ако е доволно јасно, зошто никој не се бави со овие поставени приоритети? И зошто никој не прашува зошто никој не се бави со нив? А ако сите велиме дека тоа Министерство беше центарот на сите зла во културата ама го оставаме исто, кому тоа му одговара? Не гледа ли Синдикатот на културните работници – кој што, патем, со право стана референтен синдикат во културата, на што треба да му се честита! – дека таму лежат основните пречки за реформските процеси во културата? И зошто никој не прашува зошто Министерството за култура упорно не објавува годишни отчетни извештаи за неговата работа? И зошто никој не бара годишен извештај за спроведувањето на Националната стратегија? И зошто никој не бара објавување на одлуките / образложенијата на комисиите по годишните конурси, како што беше ветено? И зошто никој не бара образложение за стручноста на тие комисии, особено на овогодишните, како што (исто така) беше ветено? И зошто никој не прашува до каде се процесите за ревизија на сите оние противзаконски грдотии изградени во Охрид (Плаошник), па и Скопје (особено за објектот на Старата железничка станица), и одговорност за криминалите?

Повеќе од јасно е дека ниту еден закон, ниту една стратегија може преку ноќ да го смени системското потценување на културата односно самопотценувањето на сета онаа збирштина заседната дури и денес на клучните места на одлучување и реализација. Уште помалку ќе може да го сменат нашиот средновековен начин на размислување за културата и особено за улогата на Министерството за култура. Во овој контекст сликовити ама и болно точни се констатациите на Тричковски дека  „Функцијата на културата, па според тоа и на Министерството за култура е да го менува идентитетот, односно да го извлекува од неговата провинциска, народњачка, паланечка, скржлива, сеирџиска, злобна, неквалификувана димензија и да го поместува кон светскоста, да го извлекува од неговиот локален формат и да го прави колку се може, нели, респектабилен фактор во средбата со другите култури“. Го правеше ли, го прави ли ова нашево Министерство за култура? Ако го правеше, односно ако го прави, ќе требаа ли онаа Стратегија и сите барани реформи? И кој, и зошто не сака ова да биде како што треба да биде? Кому му треба вакво Министерство, ваков (како што вели Тричковски) „редистрибутивен центар на народните пари за свирки што ќе му свират на народот додека тој се начукува во својата кафеана: фестивалчиња и маскенбалчиња, одвратност до одвратност, бесмислени романи и поетски збирки, глупави филмови, здруженија, организации, споменици, театри без идеја и енергија, филхармонијата во формат на Танцовиот оркестар на Студио Скопје, претсмртни звезди на мртвиот рок …“!

И навистина, кому сето ова му треба, кому му конвенира ова статус кво во културата?

КАМЕН ОКОЛУ ВРАТОТ

Се’ ми се чини дека операцијата „Преспански договор“ беше најлесниот дел од нашето приклучување кон посакуваната Европска унија. Спремен сум дури и да се обложам на тоа. Притоа не мислам на самата постапка за обезбедување на потребното мнозинство за прифаќање на Договорот и менувањето на Уставот. Во нормални земји, со иоле (што би рекле Србите) умни и разумни пратеници, таа „операција“ би одела глатко, ко подмачкана. Колнењето во „едно име имаме“ и слични будалаштини паметните луѓе ги решаваат за пет минути и им обележуваат простор на другите каде што можат да протестираат. Толку. А потоа доаѓа најтешкиот дел – неопходните реформи за усогласување со европските барања, стандарди и законодавство! А тоа пак значи работа, и тоа високостручна, експертска, за која што во оваа држава има сосема мал број луѓе, а уште помал е бројот на тие кои би се зафатиле со предизвикот. Поточно, во оваа држава најтешко е некого да натерате да работи, дури и да го сработи она минимално за кое што прима плата. Не така мала, ако се земат предвид платите во државната администрација. А таа, администрацијта, по дефиниција, треба да биде (барем) најстручна (не мора да биде и најпаметна) во одделни сегменти неопходни за чекорите што следат. А не само што не е, туку е токму спротивното: таа е каменот околу вратот на целата држава. И тоа е констатирано не само во анализите на таканаречената меѓународна заедница туку и на сите домашни рамништа. Но, државниот односно партискиот апарат ги крепи партиите, тој е нивното сигурно гласачко тело на кое што може во секој миг да се смета. (Што и не е баш најточно). И заради тоа се толерира нивната тотална но прескапа неспособност.

А токму заради неспособноста и нестручноста на администрацијата, за спроведување на реформските процеси во културата беа формирани повеќе експертски работни групи кои требаа да ја завршат работата на оние првите, инаку со години плаќани токму за тоа. Впрочем, слично како и во случајот со пишувањето на порано спомнатата Национална стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година. Ако тоа беше оставено на „културната“ администрација, којзнае каков унгарски гулаш наместо стратегија ќе добиевме! Тоа ќе рече дека по усвојувањето на Стратегијата од страна на Собранието на РМ, за изработката на сите неопходни анализи и осмислувањето на можните конкретни реформски чекори во одделни сегменти во културата беа барани педесетина стручни луѓе „од надвор“ за да ја завршат работата што требало многу порано да ја сработат двестотини некадарни државни службеници, со едно чудо државни советници, со едно чудо звучни титули и уште едно чудо земени пари на име плати сиве овие години. (Кога би почнал да ги објавувам „предлозите“ што беа добивани од овие највисоки државни службеници за, на пример, подготовката на спомнатата Стратегија, тоа би бил долгогодишен хит на социјалните мрежи!). И тука, мислам, почнува и, за жал, ќе заврши приказната со реформите во културата. Односно, не случајно и во Стратегијата е апострофиран токму државниот орган надлежен за работите во културата како причина и последица, како виновник но и можен коректор на состојбите во културата и основен носител на неопходните реформски зафати. Ама оној нов орган, она ново Министерството за култура кое што би било реформирано, трансформирано, проветрено, остручено до тој степен да се носи со новото време и новите барања. Или, ако сакате, како што упатува мојот драг пријател Фарук (Омерагиќ), „Министерството за култура е врвот на пирамидата на системот во кој се негуваат врвните приоритети на културното творештво, неговата презентација и зачувување“. Односно, упростено, и поедноставено до крајни граници но многу точно за нашите состојби: се’, сета култура во државата (во административна смисла), почнува и завршува во Министерството за култура. Така е поставена културата кај нас, за жал, а кога и како ќе се смени е друга приказна. Но, додека е така, тој државен орган е алфа и омега на сите случувања во културата – на административно рамниште, се разбира – па следствено е и најодговорен за истите. Тоа што таму некој, и некои, „успешно“ се оградуваат и затскриваат зад некакви квазидемократски небулози за самостојноста на институциите, тоа се приказни за мали деца. Или, ако сакате, како инаку еден в.д. директор би можел да добие четири продолжувања на в.д. мандатот од министерот, ако законот дозволува само – два?!

Но, како и се’ друго во културата, државата го гледа тој орган со анахрона и дисторзирана диоптрија, како тендерска односно субвенциска машинерија за задоволување на партиско етничките апетити на поединци и групи. И тука, уште еднаш, почнува и завршува неговата улога, за жал согледана така дури и денес, од оваа власт која што, како ретко кога, ја доби безмалу целосната поддршка на културата во походот против режимот. А таа поддршка ја изневерува на ваков начин! Токму оваа реформска Влада на Република Македонија, а по неа и Собранието на Република Македонија токму во овој состав, кренаа два прста „за“ формулациите / барањата на Националната стратегија, меѓу другото и за трансформација на државниот орган надлежен за работите во културата и департизација на културата. Овие два сегменти требаа да бидат носечките столбови врз кои што понатаму ќе се градеа сите други реформски потези. И не случајно Националната стратегија констатира дека „Културниот контекст во Република Македонија го карактеризираат застарените модели на управување наследени од средината на минатиот век, како и анахрони и себедоволни културни програми што не соодветствуваат на вистинските потреби на граѓаните и на нивниот интерес. Поголемиот дел од културните институции не ја знаат сопствената мисија во општеството, уште помалку имаат визија за својата иднина. Едновремено, речиси сите главни културни институции се тукуречи целосно разнебитени, со запуштени објекти, структурно и кадровски онеспособени и програмски дезориентирани. Од друга страна, независната културна сцена е во голем расчекор меѓу потребите и можностите, особено во споредба со институционалната култура. Финансирањето во културата е заробено од централизираната волја на политиката, која настојува да создава партиска култура и уметност. Ваквите тенденции особено дојдоа до израз во изминатата деценија влечејќи ја културата назад и оневозможувајќи вистински развој“. Сето ова паѓа врз грбот на Министерството за култура, она од времето на пуфлата, но и оние претходно, ама останува и денес. Зашто, ако Министерството за култура останува недопрено од реформските процеси, ако во него и понатаму царува истата структура, истата „мисла“ за тоа што и како треба да се прави во културата, тогаш за какви реформи можеме да говориме? И кому тоа, на кои сили им погодува задржувањето на статус квото во македонската култура? Ќе ги откриеме ли, еднаш за секогаш, и ќе ги елиминираме ли од клучните позиции во културата?

Не сакам да имплицирам дека баш сите изгледни работи кај нас, дури и оние громогласно најавувани како предизборни ветувања / прогласи, а особено оние потоа напишани и потпишани како званични државни документи – траат најкусо. Но токму така испаѓа со реформските процеси во културата кои што, така барем изгледа, се трансформираат во трн во окото и на оваа власт.

КОЧНИЧАРИ

Мојата дребност нема никакви дилеми каде всушност се наоѓа главната сопирачка на реформите во културата. И тие треба / мора да се именуваат, кога-тогаш. Како што впрочем ги именувавме и оние претходно, оние од таборот на злосторничкото здружување. Зашто големи разлики изгледа – ќе нема. Овие узурпатори на процесот на реформите за жал многу бргу може да се трансформираат во истото зло како и претходното. Но, ако некој знае повеќе, ако некој знае подобро, отворен сум за дебата, за размена на мислења зошто (се’ уште) работите во културата не мрднуваат од мртвата точка иако поминуваат уште малку па цели две години од наводното започнување на реформските процеси и со тоа и трансформацијата на македонската култура во насоката на некакви – нека се и сосема маргинални – компаративни модели / концепти / решенија блиски до разбирањата на културата во (се’ уште) далечниот недофатлив хоризонт викан Европска културна заедница. Но, она што особено загрижува не е фактот дека има нешто спорно во концептот на најавуваните реформи, дека некои сегменти се несоодветно поставени или дека некој знае / умее подобро. Не, оваа денешна игранка со реформите во културата е поставена единствено и исклучиво на лични основи – делумно лукративни но многу повеќе егоистички, егоцентристички, самобендисани – и тоа набргу ќе стане видливо. Многу бргу ќе се види кој / кои имале лични интереси во игранкава, кој бирал музика, кој диригирал, кој го играл тешкото … Се разбира дека можам уште сега да посочам барем неколку имиња, но тоа би било непристојно. Не дека јас нешто многу инсистирам на пристојност во вакви случаи но сепак тоа би било токму на нивното рамниште, на муабети како на гумно средсело, што е сепак стил на другите, не мој. Ама кога нештата ќе се подрасчистат а главните актери повторно ќе си ги сместат задниците на посакуваните места, нема да заборавам да ја потсетам јавноста. Зашто, ако оние претходнине ги обвинуваме за целосна приватизација на културата, овој dance macabre не е ништо подолу. И цели токму на релативизација на започнатите реформски процеси, на уште една приватизација на институциите, на узурпација на партиската моќ и влијанија за лични интереси.

Но, работата на кочничарите сепак нема да биде лесна. Како што спомнав во воведниот дел на овој серијал, сите паметиме дека реформските процеси во македонската култура беа прилично самоуверено најавувани во документот наречен „План за живот во Македонија“ од 2016 година, а потоа и во програмата на Владата на РМ за периодот 2017-2020 година (а претходно во сите официелни стратешки документи на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија). Тие беа и основата, се разбира проширена и надградена со стручните согледувања на една група независни експерти, на Националната стратегија за културен развој на Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година. Овој реформски документ, засега единствен од овој вид во овој период, практично го трасираше курсот на новата културна политика во Македонија и ги помина сите неопходни официелни филтери во државата (десетина јавни дебати, Влада на РМ и Собрание на РМ), озваничувајќи ги на тој начин проевропските визии за развојот на македонската култура во наредниот петгодишен период. И уште еден многу битен аспект сврзан со оваа Стратегија: можеби за прв пат во поновата македонска историја, тоа беше / е’ реформски документ креиран од целосно независни, непартиски експерти (вклучувајќи го тука и тогашниот министер за култура!). Злобниците ќе речат: можеби тоа и беше главниот проблем со овој документ? Можеби, иако не мислам така, или барем не сакам да мислам така зашто, повторно, основниот курс, барем во неговите главни црти, беше веќе нотиран во партиските документи на тогаш опозицискиот СДСМ (повторно со учество и на бројни непартиски експерти). И тоа, се осмелувам да речам, беше големата, непроценливата (од денешнава клаустрофобична перспектива) придобивка на тоа неодамнешно време. Плус, тоа беше прва во поновово време голема победа на стручноста и експертизата над партијноста, што пак беше и несекојдневна пракса во македонската (не само културна) политика произлезена од тогаш опозицискиот Социјалдемократски сојуз. (И на ова ќе се навраќам и подоцна, почесто, со причина. Овде, и сега, ќе спомнам само дека еден голем дел од сегашниве партиски актери во македонската култура не само што не беа дел од тие процеси туку и никаде ги немаше на културниот хоризонт. Беа зафатени со свои лични тезгарења и дилови со тогашната власт, а сега се незаменлив владејачки кадар. Неверојатно!). Оттука, овој темелен документ, како единствен од овој вид, не може / не смее да се заобиколува при која и да е’ анализа на зацртаните правци на новата културна политика во Македонија и, за жал, нејзината нереализација. Односно, сите успеси и порази – а вториве се многу побројни и неспоредливо понадмоќни – на македонската култура во изминатата 2018 и дел од 2017 година мора да се проценуваат низ призмата на овој документ зашто друг – не постои! И единствено низ него (ќе) се согледува и процесот на остварувањето на реформите, иако има очигледни напори тој документ да се минимизира, прескокнува, као заборава итн., па дури сведочиме и на напори на званични државни органи истиот да се дерогира како безначаен, што повторно е една ноторна македонска идиотштина самите да не си ги почитуваме званичните документи!

РЕФОРМИ

или

КАКО ПОНАТАМУ СО КУЛТУРАТА? (2)

Од претходниот пат останаа многу прашања, а малку одговори. Прашање е и колку се воопшто можни рационални одговори за сите ситуации како нашиве. За тоа, се разбира, се потребни сериозни анализи кои што овде никој не ги (на)прави, а оние пак направените никој не ги почитува. Или, ако сакате: како ќе се придвижи културата напред ако сите започнати реформски процеси, а особено оние што допрва треба да започнат – стојат во место? Па и назадуваат, ако баш сакате. Смената на власта очигледно не значеше и очекувана промена во културата, во културните политики, во културните процеси. Како што вели една млада девојка, се случи замена но не и промена! Дури и она малку што се сработи на почетокот, на крилјата на ентузијазмот и иницијалниот елан, и тоа застана. И престана!

Очекуваните промени требаа да се движат по неколку колосека, но првенствено на теорискиот и на практичниот правец. Паралелно, се разбира. Теорискиот – поимот теориски овде треба да се разбере сосема условно – требаше да укаже на слабостите, на анахроната структура на мислата за културата во државава, но и да упати на можните нови насоки на развојот, на потенцијалниот нов концепт на културата. Требаше во извесна смисла да посочи и на неискористените потенцијали во македонската култура, особено на оние во т.н. независен културен сектор, требаше да потенцира некои неискористени модели, итн. Зашто, структурата на македонската култура (како концепт) дури и во дваесетипрвиот век се’ уште беше заробена во мноштво одамна надминативни и во основа регресивни квазисоцијалистички принципи, тотално некомпатибилни со европските процеси. Ние и во културата сакавме да седиме на две-три столчиња, неуко комбинирајќи некакви болшевичко-комунистички практики со божем либерално демократски елементи и, нормално, со наши локални зачини. И таа мешавина не функционираше, односно функционираше во интерес на тесни, главно партиски структури и нивните пулени, вешто маскирани во таканаречениот „национален интерес“. И во тој „систем“ министерот, кој и да е’, беше оној од Господ испратен да дели пари небаре лично негови, да наредува, поставува, сменува, унапредува или разрешува, неказнето да крши или неспроведува закони итн.

Практичниот пак требаше во праксата да ги реализира договорените „теориски“ насоки. Тоа е во делот „што требаше да се направи“. Еднакво битен дел во реформскиот процес што од 2016 година стои пред македонската култура е и кој треба истиот да го спроведе. И тука нема(ше) дилеми: државниот орган надлежен за работите во културата (Министерството за култура) и културните институции, особено националните.

Се разбира, објективно легитимно е да се постави и прашањето дали воопшто беа потребни реформи во културата? Многумина, особено носителите на централната власт од минатиот режим и нивните сервилни миленици во културата ќе одговорат негативно. Нормално, ним се’ им беше потаман! Но, ако се преслушаат сите препораки / упатства што доаѓаа од т.н. меѓународна заедница и од еден (сепак помал) број домашни експерти, реформите во сите сектори не само што беа неопходни туку беа и основен услов за било какви преговори на државата за членство во Европската унија. (Иако, за волја на вистината, културата тука не игра којзнае каква улога и ЕУ е најлиберална во поглед на „локалното“ средување на процесите во културата). Но, мора да се потенцира дека после сите криминали во македонската култура во изминатата деценија свеста за потребата од реформи дефинитивно созреа и беше многупати јавно потенцирана и од голем дел од демократски ориентираните носители на културните процеси во државава уште за време на владеењето на злосторничката банда. И понатаму, ако баш сакате, свеста за реформите (и во културата) како condition sine qua non во македонската демократска јавност зрееше подолго време и беше моторната сила и на „Шарената револуција“ и прогресивните демократски партии предводени од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. И тоа не е спорно и е запишано во документот „План за живот во Македонија“ од 2016 година кој што едновремено претставуваше предизборна програма на оваа партија. Таму, меѓу другото, сосема солидно е разработен и планот за реформи во културата. За македонската култура тоа ја претставуваше долгоочекуваната платформа за промени, но и сериозно ветување на оваа партија за иднината на културата! Дел од таа платформа набргу потоа стана и составен дел на програмата на новата (реформска) Влада. Впрочем, говорејќи за реформските процеси, не случајно, и еврокомесарот Хан само пред некој ден повторно не’ потсети дека реформите се клучниот збор за Македонија. Истото веднаш го потврди и вицепремиерот Османи тврдејќи дека Владата е подготовена во 2019 година да ги испорача неопходните реформи.

Оттука, претпоставувам, ни тогаш ниту пак денес некој (отворено) ја оспорува(л) клучната улога на реформските процеси (и) во културата. Но кај нас секогаш најтешкиот дел од патот лежи на делницата помеѓу идејата и реализацијата. Зашто, таа делница, (и) во случајот со културата, е по правило тешко проодна заради апетитите што енормно се мултиплицираат, заради растечкиот број на оние кои по силата на некои партиско политички и етнички спреги мора да бидат задоволени (без валидно образложение, се разбира), бидејќи регресивните сили како составен дел дури и на најдемократски ориентираните партии тендираат да задржат што повеќе недемократски механизми што би им обезбедиле влијание / моќ / пари, заради разноразни партиски врски и „фракции“ што влечат секој на својата страна … Но, во крајна инстанца, и тоа може(ше) да се сведе на поднисливи (да, кај нас секогаш говориме и за некаква подносливост, дури и во криминалот!) размери ако генералната линија силно и недвосмислено ги поддржува реформите. Што кај нас не беше случај, или тој став не беше доволно јасно искажан. А тој став се искажува не само со декларации туку и со дела. А тие делат значат дека мора да се исполни ветеното, дека ветувањата се поткрепуваат со примери, дека врските со криминалното здружение во културата се кинат без пардон, дека нема „заслужни“ и „незаслужни“ кога станува збор за непринципиелни / лукративни / лоповски дејанија во културата (па нека се и од „врвни“ автори!), дека реформите продолжуваат дури и по тешката цена да се стигматизираат одделни поединци и групи не заради нив самите или заради нивната „идеолошка“ ориентација (таква „идеологија“ македонската култура не познава!) туку заради злоупотребите направени во бившиот режим, итн. Ако сите овие нешта не се дел од најавуваните реформи – а биле – или ако сите овие нешта едноставно се (и)збришат како со гумичка во името на некаков иден (небулозен) културен просперитет или потенцијална недопирливост на една во суштина мизерна „шака јада“ творци со некакви „силни“ партиски или други врски – како што впрочем и се случи, односно се случува – тогаш не може да стане збор за некакви реформски зафати во дадената област односно во културата. Ако (и) за тоа не сме свесни односно ако некој мисли дека со простото (да не речам простачкото) продолжување на живуркањето на македонската култура врз чиј што грб се закачени едно чудо партиски и ини профитери или божемни мирољубци со скриени лични лукративни интереси, тогаш не сме свесни ниту за непоправливите штети што и’ ги нанесуваме на културата. Што пак се осветува, но на долг рок. Иако овде, очигледно, за она утре никој и не мисли. Таквите „мислители“ сметаат дека времето, па и државата и културата сосе неа ни се дадени само нам, денес и овде, дека се само наши а не и на претците и идните генерации, и дека се’ се решава во овој миг. Да беше така, не ќе го имавме и ова малку културно наследство што ни е оставено во аманет, но не нам лично и поименично туку како на генерации кои треба да го пренесат (во најдобрата можна состојба!) на оние кои доаѓаат по нас. Или, навистина можеме да бидеме толку себични и да уништиме се’ што ни е оставено од предците? Е токму за тоа говореа, и говорат реформите во културата а не за ситносопственичките интереси на партиски поединци и групи, за живуркањето во овој некултурен жабурник на еден огромен процент на самонаречени уметници и културни работници, за баснословните хонорари на сите оние македонски „ѕвезди“ ухлебени во овој скромен буџет со години, да не речам со децении.

ЖИВО(С)Т

или

КАКО ПОНАТАМУ СО КУЛТУРАТА?

Насловот слободно можеше да биде и: кому навистина му пречи македонската култура? Ама, ќе беше претенциозен, нели, а тоа сега не ни е потребно. А и одговорот е, мислам, познат. Нејсе.

Во контекстот на мојата подготвеност да му изразам благодарност на Министерството за култура и на министерот, не знам како подобро би го направил тоа освен со една серија текстови како потсетување на она „шчо напраифме и шчо требит да напраиме за однапред“. Уште денес, утре е веќе доцна. А белки тоа ќе го прочитаат и оние „културни“ сиви еминенции од секаква (во случајов властодржечка!) провениенција кои се шлепаат на културата во секое време и/или невреме, оние кои добро беа ухлебени и во времето на злосторничконо здружение, а денес глумат реформатори и културна елита!

Нејсе, не знам каков општ впечаток имаат (условно) неутралните посматрачи, дури и „партиципиенти“ – овде главно мислам на т.н. публика – за „живоста“ на македонската култура зашто тие, сепак, на извесен начин, би биле / се еден прилично меродавен „судија“ во проценките од ваков тип. Иако не се најважниот, се разбира, но и тука има различни (стручни) мислења. Но, овде, под „живост“ не мислам само на присутноста односно на зачестеноста на културните настани во средината, туку и на нивниот квалитет, современост, опфат, достапност / инклузивност, јавност итн. Сите овие поединечни аспекти, и уште многу други, би го сочинувале квалификативот „живост“ на една култура односно она што јас (овде) го подразбирам под тој поим. Се разбира, не е лесно сето тоа да се збие во неколку реда текст, а и немам таква намера. Но, првиот впечаток што го има поединец, не само јас, во Скопје, на пример, како центар на културниот „живот“ во државата, е прилично обесхрабрувачки, да не речам поразителен. Иако, не може да се одрече дека речиси секој ден има по некој „културен“ настан. Некогаш и повеќе од еден, ама постојано како нешто да недостасува. Како да недостасува некаква дополнителна енергија, некаква гласност, споделување … живост!

Ние, всушност, некако и свикнавме на сивилото – да, не се малку дванаесет години шундовизија! – дури и во културата, па можеби така ги гледаме и настаните кои што самите по себе не се такви односно заслужуваат поголемо внимание. Ама вистинската димензија за живоста на една култура се гледа не само во податокот дека нешто се случило / одржало, и тоа онака, колку да се помине редот, односно Министерството да прибележи дека парите дадени за некој „проект“ се наменски потрошени, туку и во квалитетот на проектот – изложба, претстава, книга, концерт итн. – па неговата посетеност, одзивите во јавноста (медиумите) и слично. Ние, за жал, оперираме само со бројки: на пример, финансирани се толку и толку проекти во текот на годината, потрошени се толку и толку пари (овде, се разбира, импровизирам, зашто никој де факто не спомнува дека тоа се нечии односно наши пари, од даночните обврзници!), сосема ретко се нотира посетеноста на настанот (повторно: изложба, претстава, филм, концерт итн.), или бројот на купени книги и др. Тие и такви податоци за нас се небитни! Но, ајде, да речеме, дека се и навистина небитни, иако во суштина не е баш така, некогаш се и најбитни, но што навистина останува како податок за нивната битност, за нивната суштина, за нивниот квалитет? Ништо, бидејќи во Македонија одамна веќе не постои уметничка критика (театарска, ликовна, литературна, музичка, филмска тук-таму, што е за почит …), електронските медиуми наречени телевизија целосно ја игнорираат културата како и да не постои – а можеби и со право, уметниците (од сите профили) веќе одамна не одат на изложбите, претставите, концертите на нивните колеги. Една општа темна страна на културата каква што одамна не сме виделе! Веќе е и заморно да ја гледаме културата како бројка, само како статистички показател (иако и тој најчесто погрешен!), како алиби за потрошените пари – за Министерството, за институциите, за државата! Спласна почетниот елан, возбудата дека нештата ќе се придвижат енергично, стручно, професионално – напред. Не’ убива инерцијата, и тоа онаа најлошата, од вмронско-шарлатански тип, која како да ни се враќа како бумеранг. А зошто и да не, ако немаме подобра понуда? Ако пак имаме, треба да ја покажеме. Ова секако не е тоа! Се сеќавате на атмосферата, на „живоста“, на животноста пред само две години, на оние „перформанси“ контра режимот во Театарот „Комедија“, на „ајкулите“ во Вардар итн? Апропо, не мислам дека последново „бојадисување“ на Министерството е на нивото на оние што ги спомнувам. Повеќе личи на молерофарбарска задруга. А името „Млади Македонци“, нешто како оној конкурс ноншалантно наречен „Млади Европејци“? Ма дајте, ве молам.

Културната понуда во изминатата година како одвај да чекаше да се врати во повеќегодишното клише, во деценискиот стереотип наметнат од минатиот режим и по инерција се влече и понатаму. (Ха, да се врати, па тие и не сакаа да излезат од клишето, човек со клешти требаше да ги извлекува!). Клишето делумно е неизбежно во одделни сегменти на културата, особено во делот на „традиционалната култура“ наречен заштита на културното наследство (археологија, конзервација, музеи, библиотеки …) зашто тоа, условно речено, е и еден од темелите на нивната работа. Но матриците, особено лошите, се убиствени за оние таканаречени креативни дејности – театарот, визуелните уметности, музиката, литературата, филмот … итн. Можеби е на место прашањето: заморена ли е македонската култура? И од што? Од старите навики и отсуството на нови импулси? Од незавршената смена на генерациите? Од лошите матрици и наметнатите стереотипи? Од разочарувањето во политикантските калкулации и во културата? Од незапочнатите реформи? Или се собрало од се’ по малку, а нема иницијална сила што би не’ придвижила напред, барем малку понапред од оние црни дванаесет години, па и оние пред нив? А Министерството, ќе го враќаме ли во 19от век?

Толку ли бргу се заборавија предизборните ветувања? Толку ли брзаа сивите еминенции да седнат во фотелјите и да игнорираат што се очекуваше / бараше од нив? Кога би биле параноични би рекле дека некој смислил пеколен план контра македонската култура, ама сигурни ли сме дека навистина не знаеме кои се, и каде живуркаат тие некои?