Monthly Archives: November 2017

БРАВО, ПРОФЕСОРИ

„Нека ме уапсат мене и целото раководство, само нека ги остават на мира граѓаните од 27 април“, велеше неодамна главниот злосторникот. И треба, тоа би било најправедно, ама – заедно, заедно со оние „граѓани“ од 27 април. Но, денес ја смени плочата: тој, односно тие (не знаеме кои се, ама ќе разбереме) ќе биле „на браникот на слободата и слободната мисла на народот“. Он, и злосторничкото здружение, ќе ја бранат слободната мисла? Сега веќе не се нуди апсење – знае дека не му бега!

Но чија тоа „слободна мисла“ ќе бранел овој? Можеби на „професоркана“ која отвори јавна лицитација, која плаче по оперскиот певец – не баре таквите како него треба да бидат амнестирани или се имуни на криминал – па ни лепи етикети на сите дека сме биле „сеирџии и злоради“ што, ете, ни се допаѓала акцијата на полицијата за приведување на баграта организатори од 27 април. Не да ни се допаѓа туку одвај чекавме, да бидеме искрени. Зошто? Е тој што ќе го постави тоа прашање очигледно има проблем не само со себеси туку и со државава, единаесет години наназад. А ги има такви, дури премногу. И тоа, виѓи врага, главно помеѓу професорскиот кадар, особено оние од „елитните“ – Правен, Филозофски и др. Бреее што солзи ќе излеаа. Цуцуловски плачеше на „Алфа тв“ дека апсењава биле дефокусирање од актуелната продажба на државата! Браво професоре. За тоа апсење јавноста говори уште од вечерта на истиот 27 април, кога немаше никаква „распродажба“ на државата. Ама тогаш на клиентиве не им се слушаше. Сите беа убедени дека пучот – а тоа не беше ништо друго туку најкукавички пуч за смена на власта! – ќе биде успешен, дека „народот“, со фантомките на главата, ќе изврши преврат. И никој не кажа ни збор! Онака, професорски, образовно, што би се рекло. Каде бевте тогаш, под јорган планина? А ден пред апсењава, во дует, на „24“, се саморезилеа со Скаловски релативизирајќи се’ што можеа, а особено „Скопје 2014“. „Секоја држава е заробена држава“, вели едниот, онака баш професорски, и филозофски. Оној другион пак (божем) се мајтапеше прашувајќи дали и тој е криминалец бидејќи бил советник во Градот. Па токму таквите што креваа два прста ги држеа злосторницине на власт цела деценија. Плус и заштитени како бели мечки за поддршката на злосторствата! И, нормално, ќе беше несвојствено ако на крајот, деновиве, не им се придружеше и „врховниот“ пајташ од Правен – лудакон од Водно и неговите теории за реваншизмот!

Зборот ми е дека ние, како општество, допрва ќе мора да ги цениме придонесите на сите структури во Злото и неговите злосторства наназад цела деценија. Не заради молкот – кој што, инаку, е несвојствен токму за интелектуалци за какви што овие ни се претставуваа(т) толку години – туку заради очигледното повладување на постапките на тогашната власт, дури и во нивната одбрана денес. Се разбира дека имаат право на свое мислење – секоја будала го има. Ама ако е тоа мислење на македонскиот интелектуалец, на универзитетски професор … тогаш овде многу лончиња се измешани!

Или, ако сакате, ако целиот овој терористички акт со обидот за смена на легитимно избраната власт – а кој што цел свет со запрепастување го следеше во живо на телевизиските екрани – сега некои дефинитивно помрачени умови сакаат да ни го банализираат со квазифилософски, квазиправни и квазихуманистички тези, тогаш повторно ние си имаме проблем. Зашто, нивното „философирање“ не е ништо друго туку фрапантно повторување на репликите на водачот на злосторничката група. А тој беше мајстор за релативизација, како впрочем и за криминал! И овие ги следат неговите мисли, неговите идеи. Какви се тие долгови што клиентелава ги отплаќа? И чии се? И когашни се? И до кога така, како дрвени адвокати, ќе ги мултиплицираат „големите“ мисли на малоно човече? Та нели се професори, интелектуалци, умеат ли да скоцкаат нешто свое? Криминалот се докажува пред суд, вели „философот“ за „Скопје 2014“. Е па ене ги сега, ги изведоа пред суд, ама пак ни тоа не му чини. Тоа било дефокусирање. Или, како тоа „Скопје 2014“ ќе се рушело, кога има луѓе кои се противат на тоа, пак прашува „философот“. А кога се инсталираше тоа исто „Скопје 2014“ немаше ли луѓе кои се противеа, и физички – почнувајќи од децана од „Архи бригада“ – до јавно низ медиумите? И? Имаше тоа некаква полза? Или „философот“, кому само галиите му пречат, има толку кратко паметење? Или памети само тоа што му одговара, дневно? Пајташот му, пак, не’ просветли дека за вкусовите не се дискутирало. Па вие каков вкус што имате, ни гомната, да простите, не ви пречат. Та не гледате ли дека токму со тоа е полн центарот на градот? Или вам не ви смрди? Па што носови имате бре? А заради вас и ние ли треба да живееме во „естетска“ смрдеа?

ЗА МЕЧКАТА И ЗА ФИЛМОТ

Г-дин Тричковски не’ информира за најновиот (национален, се разбира, тие ништо под национално!) продукт на рифеншталките, филмот „Дупката на Триумфекалната капија“. Едната режисјорка, другата – разбира се – продуцентка и главна актерка! Добро е да се знае, кога веќе надлежните не не’ информираат. Не знам дали во филмчето – пардон: во филмиштето, зашто тие ништо не прават под супериорната големина! – ќе има место и за нашана локална ѓоа Аманпур шмизла, која што милува да зауздува. Би и’ личело со двене, нели? Иста школа. Ама ова и не е некаква вест.

Но, каква врска имаат мечката и филмот? Никаква, се разбира. Освен што, за мене, еднакви по неверојатност се двете вести: мечка му украла две пушки на ловец и Агенцијата за филм успеала да врати 300.000 евра од хрватскион „продуцент“! Затоа и ги поврзувам, заради неверојатноста на постапките, заради фантастичноста на дејствијата – чиста научна фантастика! Тозија со право се фали „на сва уста“, што би рекле, дека вратил барем една третина од украдените пари. Повторувам: се фали со право зашто за изминативе месеци не слушнавме некој да врати некакви пари. Освен Финансии што враќаат главно странски кредити. Другите – земаат! Дури и за бизнис класа, зашто патот им бил долг. Па кој ѓавол тогаш одиш таму, џенем, дури во Аргентина? И јас би, додуша, ама нема кој да ми плати, па нека е и економска класа. (Роберт како да се исплаши од шмизлана, што ли? Иако, за право, ни јас не сум многу за по патиштата!)). Што стана бе со ова младиве, од старт па – на луксуз? А ние што патувавме автостоп, на времето? Да, ама друго време беше.

Но, зборот беше за филмот, општо, ама и поединечно. Бидејќи тој, македонскиот филм, се престори во општа забава – да не речам заебанција – во која се вклучува кој како ќе стигне, а особено во актуелниве продолжетоци на (демек) рашомонијадата наречена „серија Македонија“. Што всушност целосно одговара и на нашите дневнополитички збиднувања, речиси како пресликани, каде што едни напаѓаат, други се бранат, трети гледаат сеир, оние кои инкасирале малку треперат … не од студ туку од страв … оние кои сакаат да инкасираат малку повеќе се двоумат зашто веќе нема гага по системот мама на тате, тате на бате, бате на едикојси. Но, всушност, дојдовме дотаму да оценуваме треилери наместо серии, адвокати – по правило неписмени за култура, со чесни исклучоци – да ни држат предавања дека веќе покренале тужби и слични будалаштини. Тужби – за што? Затоа што нивниот клиент имал рок да сработи тоа што требал да го сработи, а за што земал милион евра, ама – не го сработил? И сега се вади со треилер? Божем тоа е исто како епизода, или епизоди – колку и да се – за една серија? Па ако е и од адвокати, многу е. Знам дека тие гледаат првенствено да инкасираат – демек од тоа живеат, а ние као живееме од нашите огромни наследства, акции и дивиденди – ама до толку да не’ прават луди? Или нивните клиенти се еднакво луди, па се надополнуваат? И никој, особено не оној „продуцентон“, ама и неговиот адвокат, не кажуваат зошто чоекот не испорачал ниту минутка од серијата, ама ги земал парите? Кое е образложението? Барале пролонгирање на терминот? Ма немој, а што правеле во изминатиот период? Палеле свеќи во црква – католичка или православна сеедно, нели Господ е еден – и се молеле за нова победа на баграта? И после: све ќе то народ позлатити, по стоти пут!? Ја ги мислев тоа Хрватите малку попаметни, признавам. Па веќе се во ЕУ. Ама изгледа дека тоа не е никаква гаранција. Еднаш бараба – цел живот бараба!

И сега, повторно за мечката и повторно во врска со филмот. Веста што ја цитирав вели дека мечката му украла на ловџијата две пушки. Можете да ја замислите мечката како го прави тоа, како се камуфлира, се прикрадува, лази … и цап – отидоа пушките. И тоа двете. Е јас така го замислувам и директорот на Агенцијата за филм кој, според зборовите на „продуцентот“, го сторил тоа „незаконски и самоиницијативно“, без Финансиска полиција или Јавното Обвинителство. Го замислувам Медо како се шуња, женска чорапа на глава обавезно, влегува во банката каде што е сметката на „јадрановци“, и цапцарап – отидоа 300.000 евра! Не знам во што би можел да ги стави, не се малку пари, сигурно имал некој куфер на тркала – од оние поскапите, зашто тој е по скапите работи, така велат – или во некоја вреќа, што е помалку веројатно. Како и да е’, и мечката и Медо се офајдиле!

Извинете, ама колку наивни, и глупи, не’ мисли оној Хрватон? И недоквакани? Па ако навистина ги има бараните (според Договорот) епизоди односно целата платена прва сезона, зошто не ги даде таму каде што треба? Или нека испрати копии до премиерот, на пример, до цела Влада, до медиумите? Зошто дополнително се резили со некакви трејлери од 3-4 минути кои што, демек, треба да заменат цела една сезона? Мислам, добро, јасно е дека со претходнине македонски званични претставници, особено во филмот, странците и домашните можеа да прават што сакаат. Дури, како мечката, да украдат две пушки од ловџијата. Овие испокрадоа стотици милиони евра! Ама уште да играш на таа карта? Е па треба да си многу глуп.

Апропо овој потег, се’ си мислам дека таква „операција“ мораше да се направи во целата култура, уште летото. Требаше да се одземат од сметките на „корисниците“ сите од пуфлата однапред дадени пари за реализација на будалаштините на нејзините клиенти. Ќе се спасеа добри пари. Вака, половина година клиентите си шетаа со парите в џеб, ги реализираа – делумно или целосно – замислените глупости со фирмата на Министерството на чело, и никому ништо. Алуминизиранион сликар отиде дури во Полска, не го собра цела Македонија. И сите ја претставуваа(т) – македонската култура.  Како да не!

За крај, не знам дали Тозија ќе ги отвори и случаите со рифеншталките, со оние дистрибутерски кражби на ЕУ фондови, со сите оние македонски „филмски“ идиоти кои така здушно и мафијашки работеа со/во тотално заробената (филмска) држава … Или, посоодветно: дали ќе му дозволат? Зашто ние секогаш имаме два аршини, еден за „наши“, друг за странци. И по правило, „нашиве“ се секогаш привилегирани. Како да ни е полесно кога „наши“ не’ крадат?!

 

ЈАВНОСТ

За да ја завршам темата за нашата наводна „жед(ни) за реваншизам и деструкција“, за нашата „монокултурност“ и сеењето на истото „семе на реваншизам“ – што пак, така срочено, веројатно треба да подразбере, а богами и да не’ заплаши дека тоа, кога-тогаш, и ќе го жнееме – неопходно е едно потпрашање: а според која тоа јавност, според чии стандарди ние денес сме реваншисти, па монокултурни, па (безмалу) жедни за крв и одмазда? Според „стандардите“ на нашиве крминалци овде, или на нашите „учени“ таму некаде, во светот? Ни јавноста и стандардите на овие, ниту пак на оние, не се вистинските јавност и стандарди кои што можат да не’ (о)судат за стореното или за она што допрва (ќе) треба да се стори во целото општество, без пардон. Да имаше за што – веќе ќе бевме јавно (о)судени, од компетентна јавност со високи морални и други стандарди!

Бидејќи веќе пишував за вистинскиот (историски) реваншизам наречен „Скопје 2014“, еве да ѕирнеме и во таа монокултурност за која што сме „обвинети“. Но, повторно, според кои, и какви стандарди можеме денес да говориме баш за монокултурност на македонското општество? И што воопшто е тоа монокултурност? Ако овој поим означува систем што генерира ниска или никаква различност, тогаш таа етикета ама баш никако не може да му се залепи токму на овој систем. Дури и да се земе предвид она „пиарчење“ (Геровски), па и други актуелни нешта. Попрво со тоа име може да се прозива оној претходниот систем, омилен на многумина наши „учени“ и не(до)учени, систем кој што доби светски „признанија“ како наследник на подеднакво „славните“ сталинистички и нацистички железни монокултурни системи. Нашиот – бивш, за среќа – се претвори во вистинска Орвелова 1984, се изгради цела империја од медиуми кои што работеа 24/7 во полза на криминалците, со инсталирани мегафони и вувузели речиси на секој агол. Скопјанг на Балканот, како што велеше Тричковски. Таквата контролирана (преку пари и клиентелистички методи) медиумска и апсолутно монокултурна империја всушност и ги одржа криминалците на власт толку долго! (Впрочем, тоа евентуално може да биде и објаснувањето односно разликата помеѓу денешново „пиарчење“ на власта – која што де факто нема „свои“ медиуми, го нема дури ни јавниот сервис, или не сака да го има (?) па мора да работи преку пиар служби – и она на претходниците односно на злосторничкото здружение!?). Затоа, ако говориме за некакви (монокултурни) стандарди во оваа област, тие веќе ги преживеавме и мислам дека во догледно време ниту еден нормален нема да сака ни да им се доближи.

Но затоа, ние денес се соочуваме со една друга крајност, со еден друг „стандард“ според кој што јавност е се’, а особено силна јавност се социјалните мрежи (имаме дури и „фејсбук активисти“!), или некои порталчиња, но и новинарчиња кои почнаа да фураат нова, квазидемократска диоптрија на јавни прозивки. И тоа е, се разбира, наш локален провинцијален изум, каде цела држава ќе се поведува по две-три будали кои не знаат што да си прават со времето па седат на Фејсбук и чешаат прсти, или пак толерираат разноразни шмизли кои сакаат да делат лекции особено на министри – а кутрите голи и боси до зла бога! – но нудат и узди, онака, да се најдат, глумат некакви аманпуровски ведети-двојнички ама размислуваат само со џебот,, и задникот, можеби. И како добро се синхронизираат со рестловите од онаа бивша криминална империја, особено со укоченана телевизија, да се чудиш! Таа „јавност“ подеднакво не се темели ни на знаење ниту на некакви стандарди, особено не на западнодемократски, иако се’ би дала така да ја третираат. А така и се „облекува“, и се „шминка“ – се’ продемократски, а во основата профашистички. Исто, впрочем, како и онаа претходнана орвеловска империја. Таа и таквата „јавност“ – особено онаа на социјалните мрежи – има своја тежина и никој (најмалку јас, кој подеднакво ја користам) нема право да и’ одзема на гласноста, ама сепак. Сепак, недостојно е сосема неаргументирано и паушално, дури и со големи дози на лични анимозитети, да се валкаат луѓе кои тоа (се’ уште) со ништо не го заслужиле! А тоа, на општ ужас, го прават и т.н. борци од „Шарената револуција“, престорувајќи се во својата (несакана?) спротивност. На таа и таква јавност, повторно, никој не треба да и’ го негира правото на збор и коментар, ама тоа сепак останува во доменот на – парајавност. И ништо друго.

Затоа, наш стандард во јавноста сепак не може да биде Фејсбук и/или Твитер, некакви човечиња-порталчиња или умислени провинциски новинарчиња, уште помалку дозите на битпазарски или буњаковски трач муабети со силни инекции на омраза. Впрочем, таквите и не’ доведоа до ова дереџе. Нам денес ни е неопходна стручна, експертска јавност која што ќе биде коректив на власта, на секоја власт, а не кокошки кои кокодакаат во хор една те иста „мелодија“! Таа експертска јавност ја има и на мрежите, се разбира, ама некако поголемо внимание им посветуваме на оние пцости и анимозитети, на лични пресметки и придобивки. Но мислам дека тој тип на „општа јавност“ бргу ќе се изживее. Ворхоловите „пет минути слава“ минуваат бргу. Сега тој тип на парајавност е можеби на врвот, понесена од куртулот од криминалната банда. Но ќе спласне, сигурен сум, кога нештата ќе земат нормален тек. А впрочем: вистинската македонска јавност беа оние речиси петстотини илјади гласа во гласачките кутии. И тука нема што да се одземе или додаде!

ЗЕМЈА НА (НЕ)РЕВАНШИЗМОТ

Ене погледнете ги узансите и „стандардите“ за реваншизам и одмазда на малоно фирерче: се’ што нему и на неговите гаулајтери сега им се случува, и допрва ќе им се случува, сето тоа било намештаљка, реваншизам, одмазништво, па дури и висока политика и геостратегија. Не ги спомнува покредените милијарди, упропастената земја, заробената држава, понижениот народ, туку и дополнително се заканува со некакви ора што се вртеле. Абе какво оро тебе треба да ти свртат, ќе ти се заврти во глава! Како да она што тој и неговите до вчера го правеа не беше форма на чист реваншизам и одмазништво, од епохални размери но и од најниски побуди?! Тоа беше есенција на злосторнички реваншизам врз општеството за сите негови / нивни лични комплекси и фрустрации, за сите ниски страсти и побуди, незнаења и неумеења, некадарности и неукости. Таков злосторнички реваншизам врз сопствената држава и народ е својствен само на болни поединци, оние од типот на историскиот фирер и фашистичката му булумента, кои мразат се’ што не разбираат.

Типичен пример на тој некадарнички реваншизам поттикнат од лични комплекси и фрустрации беше токму шизоидната идеја за „Скопје 2014“, онаа умоболна умисла за тотално поништување односно редефинирање на историјата и меморијата на еден цел град, на која што умисла ние денес, ете, велат некои „учени“, сме и’ дале дури „метафизичка димензија“! Но таквата умисла ја имаше токму болната димензија која што целеше кон префабрикување на минатото на градот, па и на државата и народот, во нешто целосно нејасно, непознато, туѓо, но очигледно блиско до затемнетите страни на умот на неколкумина од тогашната македонска криминално политичка врхушка. Нивната тотална некомпатибилност со совремието и процесите во Европа и светот, необразованоста и неукоста за вредностите на македонската Модерна и особено архитектонските дострели на постземјотресното Скопје – факт што го признаваат и најголемите светски експерти на ова поле – комбинирани со фриволната неограничена моќ да се пљачкосуваат сите државни ресурси, ни наметнаа кичовидна провинцијална перцепција на нештата, на развојот, на перспективите. И згора на се’, тоа „нешто“ – грдо, анахроно, недоквакано … – ни го продаваа како архитектура, како скулптура … како уметност и култура! И тоа, ние, според некои наши „учени“ на времена работа по странски школи треба да го оставиме на лицето на оваа земја, овој град, само за да не креираме „анти-вмровска реалност“, за да не бидеме прогласени за реваншисти? Фактот што тие креираа тотална налудничава вмровска квазиреалност на која што се смееше цел свет за „учениве“ ништо не значи? Или нивната ученост не може да се справи со тој факт, ама се грижи за нашето CV?! Таа „логика“ веќе се трансформира во опасна, крајно нецивилизациска и нехумана методологија која што од нас се обидува да (пре)создаде аналфабети, некритички луѓе, дури монструми кои свесно ќе си ги осудат децата, внуците, идните поколенија на безумно талкање низ остатоците на шизоидното „Скопје 2014“ само заради колективното CV.

И, повторно, ваквите „стручни“ умувања и изблици на божемна грижа за актуелните случувања во државава се само уште еден чекор во насоката на узансите и „стандардите“ не само на малиот екс-фирер туку и на неговата потесна и поширока придружба, а понатаму и кон општата амнестија на сите бараби и криминалци од црноно десетгодишно дивеење. Вклучувајќи го тука и лудакон на Водно, очигледно тотално релаксиран бидејќи веќе никој не спомнува некаква негова (огромна!) мината одговорност во сите грозотии на режимот. И кога така ќе ги поставите работите – дека справувањето со „Скопје 2014“ би било реваншизам и креирање на „анти-вмровска реалност“, дека „Воинот на коњ“ е само обично спомен обележје (sic!) високо 14,5 метри и со цена од 8,5 милиони евра, дека со онаа грдотија од „скулптурална композиција“ ала Фонтана ди Треви, а кај нас наречена „Споменик на Мајка Тереза“ навистина се оддава почит на таа жена, ако прифатиме дека сите оние дилетантски коњаници и остала гамад се навистина современи скулптури итн. – тогаш на сите некој треба да ни издаде тапија, или уверение, како сакате, за поматена свест. И тогаш чуму воопшто грижа за некаква криминална серија што требала да изеде околу 5 милиони евра од културниот буџет и што таму се заплеткани прстите на едно чудо високи државни службеници, почнувајќи од брбушкана од Агенцијата, па нејзиниот Управен одбор на чело со советници од Министерството за култура, и уште дузина знани и незнани ситни бирократчиња? Или оној „епохален“ лажнокнижевен а всушност особено лукративен „проект“ на библиотекарон академик (и неговиот одбор!) и издадените 869 – или колку точно ли беа? – тома со стотици илјади книги што сега скапуваат по мемливи магацини? Зошто пак за тоа некој би требало да одговара? Или што пуфлана така крвнички ја провирала службената картичка низ сите знајни и незнајни европски апарати пазарејќи „брендови“ за да изгледа министерски?

И кога се’ така убаво ќе изрелативизираме, па ќе го завиткаме во нереваншистичка обланда и обилна доза на шлаг, тогаш на врвот пак ќе се појави она фирерчено и неговите ора, стапот со два краја и слични идиотштини. И никој нема да ни биде виновен! Тогаш и Кежаровски можеби ќе реши да напише уште една книга, или некој друг (ги имаше премногу) насловена „Во земјата на нереваншизмот“?!

РЕВАНШИЗАМ?

Актуелизирањето на поимот реваншизам во сите форми токму сега, кога конечно се на повидок мерките – дури и судски – против баграта што до вчера малтретираше се’ живо низ државава, не е случајно. Особено кога на поимот, и на личните права, се повикуваат главните гаулајтери на малиот фирер, оние милевистичко канчевистички сељачиња кои му ги вршеа валканите работи. Кога ние ги спомнувавме нашите права – ним не им се слушаше. И овде не мислам (или најмалку мислам) на „случајот Бакрачевски“, кој што, вака гледано од страна, е форма на чист реваншизам. Ама, поимот подразбира и дека некој се реваншира некому за истите нешта што ги претепел! Дали така било и во овој „случај“ – не знам. Но, ако некого го интересира, можам да наведувам лични, но и примери на блиски, во изминативе десет години, (па и денес, ако веќе сакате!), кои трпеа слични форми на малтретирање. Што, некој ќе каже, не е оправдување за слични постапки. Којзнае, не сум сигурен? Во природата на човекот е реваншизмот, да не речам одмаздата. Иако не ја препорачувам, уште помалку ја оправдувам. Ама – повторно ама – да ги набројуваме ли случаите кога токму колеги на дотичниот Бакрачевски беа малтретирани, дури затворани, им беа местени „случаи“ …? Се јави ли дотичниот во нивна одбрана или колегијална заштита? Некој ќе рече – не е исто. Ма како не е, исто е, и чисто е, како солза.

Сепак, поединечените поименични случаи тендираат да ја заматат пошироката слика што, ете, се појавува (веќе) во вид на наше стигматизирање како „жедни за реваншизам и деструкција“, како „монокултурни“ и “сеачи на исто семе на реваншизам“[1]! Иако, се убедувам себеси дека е добро да видиме што тоа, и како, мислат луѓето во т.н. западни демократии односно токму во лулката на европската демократија. Па и заради тоа што можеби, само можеби, ние навистина не сме во право, дека ги гледаме нештата со закрвавени одмазнички очи, со искривената диоптрија, па нека е и на луѓе малтретирани цела една деценија од група бандити, што повторно не ни дава (легитимно?) право некого да обвинуваме за тоа. Којзнае, можеби ќе треба дури и да ги наградиме? Ни ги тренираа нервите, ни го тестираа трпението и храброста, некому му ја тестираа и издржливоста во Идризово на долг рок … И излеговме победници, можеби уште посилни од вчера. Што ќе рече: она што нема да не убие (иако имаше и такви нешта!) – ќе не’ направи посилни?! Не сум сигурен. Како и да е, добро е да се знае дека сме перцепирани како натпреварувачи „… кој поумешно ќе ја продаде идејата да се срушат спомениците (давајќи им метафизичка димензија), да се срушат барокните градби, да се пуши внатре или надвор и многу други обиди да се креира анти-вмровска реалност.  Дел од водечката интелегенција на социјал-демократијата, или во најмала рака на СДСМ, е заглавена во волјата за реваншизам“. Иако некој ќе каже дека не мора баш секој да ја знае / познава македонската приказна во изминативе десет-единаесет години, не мора баш секој да знае како се изградени тие „метафизички“ споменици и барокни градби, каков криминал стои зад целата таа операција, не мора да знае ниту колку пари вкупно се покрадени од државава (иако тој податок ни државата уште не го знае!). Не мора, се разбира, ама мора ли баш секој да ни држи лекции по демократија и добро воспитување, и тоа онака, од надвор, и „са висине“? Особено типови кои, очигледно појма немаат што и како се случувало овде? Или дипломите и позициите на странските престижни универзитети им го даваат правото на универзалната вистина? И дали тие баш така беневолентно, и „са висине“ делат совети, па и навредуваат, во тие странски средини каде што живеат? Или таму им е се’ потаман, ама овде не чини, овде се’ смрди на реваншизам, недемократија, простаклук? А до вчера, во онаа „вмровска реалност“ цутеа рози? Од сите бои?  И згора, не’ потсетуваат, да не сме заборавиле, „дека секое рушење, како и градење, сносува културно-политички импликации“. Уууу, богати. Станувало „дел од колективното CV на овој народ, го сакале тоа ние или не“. Што ќе рече дека е подобро овие грдотии, овој шизофрен кичерај околу нас да ни остане вечно, да труе генерации и генерации, од мали нозе да им го убие чувството за уметност, за естетика, да не ги спомнувам сознанијата за право, правда, морал, етика …?

Не сум сигурен какви школи учат луѓево во тоа странство, односно дали баш вакви глупости ги учат на тоа престижните школи? Не верувам. Попрво мислам дека тоа се нивни „тези“ и „теории“ од малиот мозок па малку десно, или лево, како сакате. „Тези“ и „теории“ што во нивните средини би биле исмеани, ама овде ни ги пласираат како меродавно мислење. Како што и онаа будала Мико во некогашен „Дневник“, од којзнае која америчка вукојебина ни продаваше (за скапи пари!) вајатерповски приказни на македонски начин.

И сега наречете ме параноичен, ама се’ си мислам дека вакви шушумиги ќе има се’ повеќе, вакви душегрижници за нашето колективно CV ќе се (по)јавуваат позачестено, на разни теми – не само за „Скопје 2014“, па ќе има гласови за некакво општо помирување (и можеби братимење?)? И тоа е можно. Како што наближува часот на судењата, на расчистувањето со крминалите (а „Скопје 2014“ не беше ништо друго!), на враќањето на парите … така че зачестат и предупредувањата за реваншизам, ваков или онаков, за нецивилизиран однос (како да оние беа цивилизирани!) итн. Некој можеби и ќе попушти, ќе се замисли, можеби и сите ќе се замислиме – со некакви исклучоци, се разбира – ама тоа е, мислам, поопасниот пат. Многу поопасен од реваншизмот, дури и од одмаздата. Зашто тогаш веќе не ни останува ни надежта за некаква правда, право, за некаков одговор на мрачната македонска деценија 2006-2017!

[1] Иво Рангеловиќ, Каде почнува животот?, Politika.com.mk, 9 ноември 2017

КОЛКУ СМЕ – ТОКМУ (ЛИ) СМЕ?

Во сите наши муабети за културата – велам муабети, малку пежоративно, ама нивното рамниште ретко преминува во нешто посериозно – па дури и оние за и околу новата стратегија во културата, ретко, сосема ретко ќе го чуете зборот Европа или европски. Мислам и дека сме заборавиле како се изговара тој збор, како „звучи“, барем во културата. До неодамна, речиси пред само неколку дена, кога на една расправа (во Штип!) се појави прашањето (парафразирано): а кога Македонија ќе почне во културата да работи според европски норми и стандарди?! Е ај одговорете, кога ние се’ уште се препелкаме да излеземе од нашево македонско селско мочуриште, па да се обидеме да не’ прифатат како дел на регионалниот балкански културен жабурник … па понатаму … Кој во такви услови да мисли и на Европа? Како и да е, пред да бидам зауздан, или замолчен, да ја завршам темата. Зашто, очигледно, малку ни беа она началницине од куртонските медиуми. Сега се појавуваат нови, од „демократските“, со нивни нарачки. Но и тоа е, всушност, балканско медиумско односно европско прашање. Таквите, што сакаат да зауздуваат, во секој сериозен европски медиум ќе беа „исшамарани“ и ќе и беше покажана вратата!

Елем, локалните (не мали) проблеми на македонската култура може, донекаде, и само донекаде, да го оправда отсуството на сериозна расправа за нејзините европски перспективи. А таа расправа не смее да се сведе на претходно спомнатиот (главно од кафеански тип) муабет – особено не со локално провинцијални „новинарски“ ѕвезди – зашто тоа дополнително би ја убило надежта за каква-таква регионална и поширока афирмација на македонската култура. И тука суверено влегува во игра уште една теза на Фрчковски, онаа за судбината на македонската култура да запне три, пет пати повеќе, со сета сила, буквално да се вложи себеси во компетитивен натпревар со регионалните култури. Зашто тие се (номинално) поголеми култури од македонската – Србија и Бугарија околу пет пати, Албанија двапати, Грција седум пати итн. – што ќе рече дека нам ни требаат толку пати поголеми напори да го постигнеме нивното рамниште на културен и уметнички развој. (Да не говориме за историските развојни не-услови како дополнително оптоварување и наше омилено оправдување!). Плус, ова што денес го имаме како македонска култура не е ни блиску до она што го имавме пред десет години! Што може да значи дека предизвиците се зголемуваат со математичка прогресија.

И тука има две битни прашања: можеме ли и сакаме ли да се „натпреваруваме“, прво регионално а потоа и пошироко? Не сум сигурен ни за првото, ниту за второто. Зашто тој натпревар не е ни лесен ниту едноставен, повеќе заличува на маратон отколку на спринт, а со спринтови во културата ништо или сосема малку се решава. Но сепак, посигурен сум дека можеме отколку дека сакаме. Поточно, сигурен сум дека можеме во нашиот Музеј на современата уметност да имаме барем приближно добра поставка како новата во Музејот на современата уметност во Белград. Само ни фали верба, повеќе стручност и добра државна поддршка. Но, затоа, сигурен сум дека не можеме да имаме Археолошки музеј како оној во Атина. Зошто? Па не само заради третокласниот материјал, туку заради отсуството на стручност, визија и – сериозна државна поддршка. Такви, имено, музеи не се градат од шутраци како оние од груевизмот! Тие градат хорор музеи. Или, можеме ли да имаме филмска манифестација од типот на ФЕСТ? Па се разбира, веќе ја имаме, зашто Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“,на пример, не е ништо подолу од ФЕСТ, дури е и поспецифичен бидејќи „ги слави“ оние без кои филмот навистина не би постоел – кинематограферите. Ама, повторно, не можете да (на)правите компетитивен во европски рамки фестивал со педесеттина и нешто ситно илјади евра. Но, од друга страна, можеме ли да направиме телевизиска серија како актуелнава „Сенките над Балканот“? Е тоа сигурно не можеме, заради многу причини, а пред се’ заради актуелната филмска мафија исповрзана помеѓу себе со фамилијарно пријателски и клиентелистички ортоми. А, бога ми, и како да ни недостасува знаење, барем во стручниот (филмски, продуцентски) домен. Ама затоа царови сме да правиме филмови по директна политичка нарачка од самите партиски врвови – сакате историски, сакате современи, сеедно, нашиве клиенти испорачуваат се’, како келнери во зачадена балканска меана, само со огромен бакшиш! Некој ќе каже дека со 800те (или повеќе?) милиони евра фрлени за „Скопје 2014“ ќе направевме чуда во културата. Можеби, да беа паметни, како што не беа. И тоа со голема, огромна помош токму од културата, од оние кои само молчеа и инкасираа, токму оние за кои што пишувам целово време.

И тука е всушност дилемата: не само дали можеме туку и дали сакаме? Зашто, на многумина им е одлично овде, во ваква зачадена меана каде тие се келнерите кои примаат и испорачуваат нарачки. Зошто тие, впрочем, би се натпреварувале со некого од опкружувањето? Како беше она – подобро прв у село …?! Или можеби има право Тричковски кога вели дека нашиот проблем не е само во одделни провинцијални „ѕвезди“, во некои лабилни митоман(к)и и остала клиентелистичка багра, туку (и) во „… неподносливо тесниот јазичен простор во кој за исто ниво на остварување со светот, се потребни тројно поголеми напори, а ние сме мрзи!“? Не знам, можеби. Можеби сета оваа македонска меана е комбинација на сите наши лоши карактеристики? Веројатно, ама едно е сигурно: време е онаа позната сентенца на Гане Тодоровски малку да ја модифицираме и да се запрашаме – колку сме, толку сме, токму ли сме?

КОЛКУ ЧИНИ ДОСТОИНСТВОТО НА МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА?

И да продолжам со оној „репутациски ризик“ или „убиец на вредностите“ кој ни го објасни Геровски, а за кој што, наречен со многу други имиња, ги пишував изминатите текстови. Ако тоа „нешто“, тој „репутациски ризик“ важи за бизнисот, за политиката, за медиумите, односно за сите кои произведуваат и продаваат некакви вредности, зарем тоа не важи и за македонската култура? Или таа НЕ произведува и продава вредности па низ неа може да шетаат сите локални бараби од минатиот режим? И тоа со државна поддршка? И со тенденција таа иста држава да ги обедини, просто да ги вшмука со својата беневолентност и сите балкански и белосветски бараби? Ако промената на власта по деценискиот мрак за луѓето на овој простор навистина значеше и промена на системот на вредности – иако оние претходнине всушност воведоа систем на невредности! – и (повторно) враќање кон принципите на демократијата, зарем тоа ќе ја одмине културата, и тоа само заради дваесетина-триесет битанги перјаници на криминалната банда, кои сакаат повторно да се наметнат како „вредност“ и во новото време? И зарем, најблаго речено, луѓе со „оштетена репутација“ (повторно Геровски) – а мислам дека за овие тоа е преблаг израз! – повторно ќе бидат „нашите“ (наводнициве потенцираат дека тие битанги всушност никогаш и не биле – наши) културни вредности што ќе ги промовираме пред младите овде и пред светот таму? Да се разбереме, уште еднаш: тие никогаш не биле наши вредности! Тие секогаш биле профитери наметнувани од власта – која и да е’ – а која што имала потреба да се прикажува како патрон на културата и уметноста. Особено онаа минатата, криминална власт која што од нив направи локални провинцијални брендови (типичен оксиморон!) и ги шеташе како бели заштитени мечки докажувајќи ја преку нив својата демек културна ориентација, уметничка поддршка, иако, за право, бандитите ништо од тоа не разбираа. Ама си ги закачуваа како значки на реверот – денес еден пистел биограф, утре едно режисјорче, задутре една продуцентка … и се’ така со ред, па ќе им ги причуваа децата, ќе им дадеа понекоја комисија со дебел хонорар – а овие среќни и весели се шепуреа ко пауни и паунки (белки има женски пауни?) пред колегите. Сељачаната комотно се препушташе на таквиот „третман“, сите, комплетно – од филмаџиине до писателине, од издавачине до уметницине, музичките „брендови“ до естрадните палјачовци. Сите се редеа на поклонение пред газдите, на баци-рака, ама и со својата рака подадена, јавно или скришно, за платичка, за „донација“, за „проектче“, за пензиичка … И зарем сега, преку ноќ, се – сменија? Читам еден од нив, еден наш познат биограф, „многу“, ама баш „многу“ се загрижил за младите во државава кои живеат во некакво страшно секојдневие. Ама до вчера не беше толку страшно? Им беше супер? Или, рифеншталкине се загрижени за цензурата во државава? Бреее, а она до вчера, она што им ги котеше милионите беше – демократија? За да перверзијата биде целосно заокружена, главниот архитект обвинува за украдени избори, за насилие, за поткупи. А на оној неговион десен (или беше лев?) малоумник му даваат дури и скапо платено тв време да ги дообјасни ставовите на шефот! Репутациски ризик, тоа е.

Но, поимот „репутациски ризик“ професорот Грчев (на една од дебатните емисии на тв „24“ каде што избриша патос со секогаш конјуктурниот македонец од она смешноно здружение што го сквернави Ангелот од Курбиново) го опишува со прашањето: колку чини достоинството на македонската култура? И тоа прашање, вака поставено, е можеби второ – или подобро речено еднакво – по важност како и прашањето на континуитетот и дисконтинуитетот (на Фрчковски) во македонската култура. Зашто, на крајот на краиштата, се’ се сведува на тоа: на достоинството, на моралот, на етиката … на образот. И само тоа останува во животот, и од животот, (барем овоземниот, за другиот – не знаеме). Сето друго е подложно на расипување, разграбување, разнесување, уништување – од материјалните богатства па надаље. И тоа е поентата која што не смееме да ја забораваме во секојдневното практикување на нештата, а особено не во општествените / државните релации. Зашто ако самите го бришеме достоинството од клучните сегменти / аспекти на нашиот идентитет, култура, секојдневие … тогаш тоа им го дозволуваме и на другите. А тие тоа одвај го чекаат. И, како и „репутацискиот ризик“, достоинството – односно неговата негативна варијанта – е нешто што ги убива вредностите во општеството: во културата, во образованието, во науката, во здравството … во политиката.  Да, дури и таму, во политиката, таму каде што, нели, важат други правила и односи. Е не, не важат. Тоест – да, можеби и важат, овде, во оваа вукојебина, ама достоинството е сепак, и пред се’, на прво место. И во политиката. А овој народ, барем оној негов дел кој со срце и душа гласаше за оваа политичка опција, тоа го бара од нивните избраници. И не само „го бара“ како некакво негово имагинарно право туку, ако баш сакате, и се избори за него. Затоа и не случајно ги спомнав примерите на вистинското решавање на проблемите – она со онаа идиотска серија, како што впрочем сета почит ја заслужуваат и потезите на новиот градоначалник на Скопје: прво со стопирањето на префасадирањето, онака, баш промптно и без многу помпа и убедување, како што би требало да следат и редица други (не само негови) потези во сите општествени сегменти што не’ гушеа во изминатата деценија. И буквално и фигуративно! Инаку, почнавме да се претвораме во ѓубриште, баш во културна депонија каде секоја будала остава дел – прилично голем, особено во обемот и „квалитетот“ на загадувањето – од својот неморал, недостоинство, патетики и лицемерие завиткано во обландата на некаков национален културен производ, а не е ни едното, ни другото ниту пак третото. Таа депонија мора итно да се затвори, замандали, отпише како опасна по здравјето на културата!

(ДИС)КОНТИНУИТЕТИ

Барабите се групираат. Впрочем тие секогаш се групирани. И вршат притисок. ОНИ вршат притисок (!), одат по кабинети, пишуваат писма, звонат на телефони. И наместо да ги вратиме под камењата од каде што излегле, ние им оставаме дополнителен простор да се размафтуваат! И да мислат дека се’ уште се главни, дека командуваат, распроредуваат и прераспоредуваат … Зошто? Бидејќи некои од нив (велат) биле угледни творци и културни работници, професори-писатели, актери и не-знам-што друго. Луѓе божји – бараба е бараба, без оглед на професијата. И угледот, ако навистина го имале. Ама – каков углед? Една безобразница ми пишува дека сум бил против нашиот единствен „бренд“. Што имам јас да бидам против некого, бренд или не? Немам попаметна работа? Ама, кога таков „бренд“, го чека шефот на криминалците час и половина за да започне со концертот, е извинете ама тој за мене е само клиент и ништо друго! А и сите други клиенти на криминалната банда беа одлично платени од газдите за нивната верност. И углед, кој што го ставија пред нивните нозе. И сега – повторно ќе го почнуваме истиот филм?

Затоа проблемот на контнуитет и дисконтинуитет што го потенцираше Фрчковски е витално прашање на македонската култура, денес и овде. Ако ние, денес и овде, не покажеме, и докажеме, дека дефинитивно сме раскрстиле не само со клиентелизмот (и не само) во културата туку и со главните клиентелистички перјаници на бившиот режим – можеме да одиме да се сликаме. За едно групно фото, сосе нив, во гобленска рамка. Зашто токму на тоа ќе ни лични културата: на групен кич портрет во позлатена гипсена гобленска рамка! Нешто сосема слично на „проектот“ на Томче „Тинекс“ и кураторот му Саркањац – да, онаа будала која што се потсмеваше на Телекомуникацискиот центар (популарно „Пошта“) на Константинов, а австриски стручњаци го сметаат за едно од најважните дела на архитектот! – за овогодишното Биенале во Венеција! А да го кандидираме уште еднаш, овојпат за утрешното архитектонско биенале? Којзнае што ќе смислат две луди глави?

И ако многумина говорат за, на пример, „радиоактивен отпад“ (Мишолиќ), „набабрени, мрсни гадинки кои се закачуваат на здраво место и цицаат крв“ (Дерала) и уште редица слични сочни дијагнози за нашиве актуелни „брендови“ растрчани низ владините кабинети како најдолни баби оговарачки – а меѓу нив, богами, и по некои разгоропадени „шарени“ кои почнуваат да темнеат – тогаш што е и каква е нашата актуелна дилема? Дека македонската култура ќе остане без („угледни“) творци, без „брендови“, без – што? Та дури и да е така – а не е – зарем е тоа оправдување да толерираме разноразни бараби уште цела една деценија, можеби повеќе, безмалу до пензија? И што ќе им кажеме на оние кои беа вистински малтретирани, понижувани, прогонувани, дискриминирани сиве овие години токму од сега растрчаниве пулени на македонскиот културен клиентелизам? Едно учтиво извинете, какво што, веројатно, ќе добие и Кежаровски за неговото неколкугодишно лежење во апсана, сега после дефинитивната разврска на случајот во кој што беше и тој обвинет? Или, можеби, навистина некој мисли дека со нив на чело одново ќе почне изградбата на македонскиот културен систем? Со лабилни митомани, офуцани актери, измислени величини, вечерношколски курсисти и остала багра? Со оние двене, трампаџиката и библиотекарката – сега реактивирани – а кои во името на партијата (и „државата“, се разбира) плаќаа илјадници евра за ѓубре, прогласувајќи го за национално богатство? Со дивине копачи со солидни државно-управни плати кои „службено“ (и пак во името на партијата) го разнебитија македонското културно наследство? И впрочем, зошто добиваме дозирани информации за хонорарите, на пример, само на она смешноно театарско-дипломатско чоече-режисјорче кое едновремено изигрувало и сценограф, читач, преведувач, костимограф – пардон, тоа била ќерка му – а не и за сите други гниди за нивните „сценарија“ од по петнаесет-дваесет илјади евра, за нивните филмски рифеншталски актробации од по милион евра, за нивните алуминизирани хонорари за секој испрдок на нивните болни мозоци? Колку, на пример, не’ чинеше изложбата на „госпожана“ говорник и нејзините пет реченици пред тврдокорните, и таа очигледно алуминизирана, или јонизирана, којзнае, заедно со нејзиниот? Та нели и таа беше угледна уметница, уште малку па бренд? Па дајте да ја искористиме, сега за некоја друга пропаганда!

Сепак, сигурен сум дека ние всушност и немаме дилеми во однос на (дис)континуитетот. Но, тоа мора да се покаже и на дело. Ако не денес, барем утре. Ама да се покаже – јасно, јавно и цврсто! Секоја релативизација на очигледното е во полза на континуитетот. А континуитетот е во полза на криминалната банда и нивните трабанти. И тоа е толку јасно што појасно не може да биде! Ако ништо повеќе, македонската култура им должи (барем) шанса на сите оние генерации кои едноставно не успеваа да го пробијат кордонот (и буквален и фигуративен) на клиентиве и соработнициве на минатиот систем. А таа шанса не може да се добие со истиве повторно на државни јасли и во првите редови. Таков резил и бесрамен континуитет нема да може да издржи ниту една култура, не пак македонската култура, сега се’ уште во нокаут од минатиот систем, но со првични оправдани надежи што мораат да бидат порешително потврдени.

П.С.

Апропо, во светлината на континуитетот и дисконтинуитетот: може некој рационално, логично – особено во контекстот на „репутацискиот ризик“, за кој пишува Геровски – да ми го објасни доделувањето на плакета (за некакви заслуги, што ли?) на Камчев? А зошто тогаш не и на Груевски, на пример?

СИМБОЛИКИ

Само што го завршив претходниот текст за рецидивите, се појави како одличен демант информацијата за преземените ургентни активности од страна на Агенцијата за филм и Владата на РМ во врска со „мега- серијата“ наречена „Македонија“ (а како поинаку, нели?!), а нарачана (не) се знае од кого, и со цена од чудовишни 4,5 милиони евра. Нешто како македонска „Игра на тронови“, само во сељачко вмронска односно провинцијална варијанта, со акцент на она првото, се разбира, и со главна поента на уште едно отворено пљачкосување на државниот буџет. Зашто, извинете, ама кој лудак може да смисли такво нешто? Да, знаеме кој може, ама уште колку лудаци ја прифатиле идејата, па сценариото, па буџетот, па општествената оправданост …? Земља лудака? Се разбира. Потврдено и запечатено!

А посебно брилијантна е општествената и финансиската оправданост. Според зборовите на продуцентот, прво, од дистрибуцијата на серијата ќе се врателе, ни мање ни више, туку цели 200.000 долари, (што е помалку од 200 илјади евра)! Уууу, јеботе, каков математичар овој продуцентов, а богами и неговите финансиери – она приврзочено на пуфлата Бетка кое глумеше директорка на Агенцијата. И впрочем, токму тоа е прочуената вмронска математика, нешто по што светот уште долго ќе не’ памети: дај 4,5 милиони евра, за да вратиш помалку од 200 илјади! И они тоа го кажуваат мртви ладни, онака као ние треба дури и да бидеме презадоволни, па уште и рацете да им ги љубиме. И, као, дури ни прават услуга. Мечкина, се разбира, иста како онаа со „славното“ Скопје 2014, како и сите други нешта до кои се допреа. А се допреа до многу нешта, и до многу пари. И втората битна поента со серијата: таа ќе била прикажувана низ целиот свет! Ееееј, шта се баби хтило, то јој се и снило, вели една српска. Низ кој свет? Во Свазиленд, Лесото, Њуфаундленд …? Кого мисли дека замајува продуцентот? Или мисли дека вмроните се уште власт па се’ ќе му помине?

Затоа, потегот на Агенцијата, и на Владата, се разбира, има (барем за мене) симболичен карактер, дури и ако ме демантира во одделни сегменти (континуитетот, непостапувањето, рецидивноста и слично). Дај боже да ги има повеќе, мислам вакви деманти. А впрочем, јас цело време само за тоа и говорам. Ако не повеќе, тогаш барем низ овие текстови. Зашто нам, на македонската култура, ни требаат вакви симболични гестови што ќе покажат дека некој нешто работи, дека некој превзема соодветни чекори, дека некому му е грижа за она шти ни се случувало во минатото, но и денес. Зашто она барабине од филмот – не само „странците“, како во случајов – само чекаат успани и релаксирани од победата фактори, некој кој ќе заборави, или ќе биде присилен да заборави, што и како се случувало, што и како се случува, некој кој ќе се препушти на еуфоричното течение што води во – неповрат!

Не знам зошто никој (или само малкумина) не разбира дека нам ни се потребни, неопходни, токму такви симболики односно симболички потези: потези што потврдуваат дека некој мисли, превзема дејствија, работи … во интерес на иднината на државата (и нејзината култура, во случајов)! И ни требаат многу повеќе такви потези, во културата особено, но и во генералната политика. Оваа влада не смее да остави зад себе непрочитани страници (како што вели Фрчковски). Или, уште полошо – погрешно прочитани страници! Едноставно, таа нема мандат за тоа. И во таа насока, и лошите потези стануваат симболични потези, но не на правдата туку на неправдата. И потегот со „Шител“ е таков потег, без оглед на сите можни дилеми и божемни оправдувања. Ако ние сега, или тие, сеедно, почнат да ги користат истите куртонски медиуми, пораката е јасна: тие добиваат признание, какво-такво, дека и до вчера си ја работеле работата, само за некоја друга власт, дека тие „новинари“ таму не биле платеници само на една страна туку можат да бидат и на другата … итн. Тоа е погрешна симболика, тоа се лоши пораки. Може да ги има, во брзањето, во првите денови, во еуфоријата, но тие тендираат веднаш да станат систем. Кога почнувате криминалецот да го употребувате за свои цели, без оглед колку се тие доблесни, ви се криминализира, сакала-нејќела, и целата идеја, структура, постапка! Некој мора да мисли (и) на тоа.

Истата вистина важи и за одолговлекувањето со очекуваните (од мнозинството) потези. Зошто, се поставува прашањето, не се преземаат од мнозинството очекуваните, дури посакуваните (симболични) потези? Зошто се затапува ударната игла на вистината и правдата? Зошто се продолжува со континуитетот на галењето на гнидите (во културата, ако не пошироко)? Таму каде што прибирањето факти и аргументи, како и неодминливите законски и други процедури наложуваат забавено дејствување – како на пример справувањето со шизоидното „Скопје 2014“ – просторот за недоумици е речиси минорен. Но, не сите ситуации, особено во културата, се такви, или толку сложени за да отсуствуваат дури (само) и симболични потези кои на јавноста ќе и’ стават до знаење дека криминалната вмронска клиентелистичка ера е завршена. Ако истите луѓе повторно роварат и мешетарат, ако се повикуваат на некакви нивни (по правило измислени) заслуги за државата и нејзината култура и истите (повторно) се прифаќаат како факт независно од нивното криминално и клиентелистичко однесување и соработка со првенците на режимот, тогаш и тоа е лоша симболика, погрешна порака до јавноста дека (повторно) некои се амнестирани од одговорност. Та дури да се сите тие гниди и Пикасо и Орсон Велс „главом и брадом“ – а ние од таков формат личности немаме, за жал или за среќа – повторно ќе треба(ше) да бараме задоволување на правдата. Заради другите, заради целата култура која што тоа го очекува!

РЕЦИДИВИ

Зошто запнав со овие текстови за некои рецидиви, за (не)решавањето на некои состојби во културата, особено (не)расчистувањето со криминалот и неговите носители, со клиентите и пулените на груевизмот кои вешто се пресоблекуваат во од или си ставаат некоја од петпарачкине маски како „ремек-делото“ на нашиот Томче „Тинекс“ во неговото видео за Венециското биенале? Запнав токму заради тие причини, и многу други, а особено затоа што не научивме да учиме од искуството. А тоа, барем кај нас, е – драгоцено. Памети некој што ни се случуваше во културата во времето на претходното вемеро? Она на бандата на љупчовистите? Не, сигурен сум. Ги заборавивме и оние негови министри шарлатани? Едниот ќе се бореше со кичот, другиот ќе му подаруваше скулптури на светот и пошироко, третата дозволи трампа на дела со статус национално богатство небаре се пипер и патлиџан на пазар … само некои од нивните директори заглавија зашто премногу крадеа … главната трампаџика како гоооолем вмровски стручњак потоа се муваше во сите комисии и на пуфлата (впрочем, ене ја повторно, сега пишува за Мазев во Националната галерија на Македонија, заедно со библиотекарката!) … и уште еден куп други партиски војници кои работеа исклучиво според клиентелистички налози. И после, сите среќни и весели си се враќаа(т) на животот. Не знаеме дури ни дали онаа бараба што од (не)културен стана министер за одбрана одлежа за тоа парите, или не?! Е па затоа ни се случуваше и она во изминатите десет години, а и ова сега. Забораваме дека барабите се прилично умни и умешни, дека лажат и крадат со насмевка на лицето, дека шуруваат со црниот ѓавол но и господ Бог, дека се во состојба дур трепнеш да извлечат дете од мајчина утроба! И сите тие нивни марифети, и многу други, ги видовме во текот на изминатите десет-единаесет години. И сега треба да се правиме мутави, како ништо да не било? Но, да речеме дека и тоа не е така тешко, ама најопасна е нивната тивка и непречена, а очигледно и од многумина овозможувана, (повторна) инфилтрација во културниот систем – без консеквенци, без казни, без правда.

Апропо темата, не знам колкумина го гледале филмот „Државата против Фриц Бауер“, Германски филм, поучен, базиран на вистински настани во повоена (Западна) Германија во шеесетите години на минатиот век. Што ќе рече: цели петнаесет години по Втората светска војна и падот на фашизмот / нацизмот. Ама не баш! Зашто Фриц Бауер е во тоа време државен обвинител бр.1, човек кој се бори да ги изведе пред суд (Auschwitz-Prozess) преостанатите нацистички главешини – меѓу нив и еден Ајхман – ама е принуден да води отворени битки со истите тие бивши нацистички моќници веќе инфилтрирани во сите пори на државниот систем, од тајната полиција до судовите итн. Впрочем, тоа и е’ причината зошто судењето на Ајхман се одржува во Израел а не во Германија: бидејќи отпорот на нацистичите гаулајтери во германскиот систем го оневозможува Бауер да си ја врши работата, па тој е принуден тајно да го извести Израел за местото каде се крие Ајхман, за да потоа Мосад го киднапира и однесе на судење во Ерусалим.

Да, многумина ќе речат: каква врска има тогашна Германија и нацизмот со сегашна Македонија и оние „културнине“ криминалци? Па, можеби никаква. Или – секаква, ако човек сака да учи од историјата, туѓа, но и наша. И ако гледа што ни се случува. Но, уште еднаш, со што тоа не’ задолжија таквите луѓе за да повторно им обезбедуваме профитерски ангажмани, повторно учество во културниот живот на државата која што тие (не само) еднаш ја изрезилија? Ако некого задолжиле, онака вистински, тоа беше бившиот режим. И за тоа беа солидно наградувани. Та зарем, оние двене спомнати погоре, инаку клиентки на двата вмронски режими, да беа некакви сериозни стручњаци, ќе прифатеа улога на чистачи на ѓубрето од ателјеата на партиските сликари и негово префрлување во депоата на Музејот на современата уметност, Националната галерија и неколку други институции? Зашто, извинете, но токму тие две беа „експертките“ во сите комисии на пуфлата кои ни ги наполнија институциите со кичест бофл вмровски „дела“. И сега, повторно, двете, како награда, ќе ни пишуваат за Мазев? Па згора и оној монументално посрамотенион лигав „професор“, инаку љубител на восокот од Музејот на македонскиот хорор?! Што му доаѓа на исто и со оние филмаџиките, за чии што последен филм тројца еминентни македонски критичари напишаа најлоши можни критики, а ние повторно ги честевме со половина милион евра, за нов филм! Зошто? Затоа што и „Еуроимаж“ ги честел со стотина илјади бидејќи таму, се’ уште, седи уште една ситна брбушка, приврзок на пуфлата? Па што не им ги дале сите пари, ако се толку добри? Што пак, повторно, му доаѓа на истото како честењето на госпожата лична „скулпторка“ на Ацета и семејството со место на Факултетот за ликовни уметности, онака, со уметничка биографија на празен лист хартија. И кога сум кај уметноста, а бидејќи веќе го спомнав оној „Тинекс“-Брекеров копирант, инаку наш овогодишен претставник во Венеција, а за чиј „проект“ македонски (но и странски) посетители пренесуваат дека бил резил над резилите во нашата понова уметничка историја, можеби треба и нему да му ги освежиме заслугите со некој нов проект, можеби некој нов споменик, колку да ги провериме уште еднаш неговите способности за copy-paste? А можеби го поднаучил и латинскиот (или беше каталонскиот, што би било актуелност пар екселанс?) јазик?

Е токму затоа ги пишувам овие текстови зашто вакви инциденти, да не речам скандали, ама баш воопшто не и’ требаат на македонската култура. Доволни ни беа минатите. Дури и премногу. И македонската култура, сигурен сум, ќе преживее и без „творештвото“ на вакви гниди. И ред е шансата да се даде и на некој друг, барем на некој помлад, а ги имаме, доволно, и добри. Ги мерат улиците низ Македонија, или – се иселуваат!