Monthly Archives: January 2023

ДРЖАВНО-„СЕМЕЈНО“ СИЛЕЏИСТВО

Однесувањето на поединецот, па макар тој бил и висок државен функционер, европратеник или „само“ политичар, не може да се поистоветува со официелните политики на неговата држава. Тоа е елементарен факт што мора да се почитува, дури и на Балканот. Следствено, персоналното силеџиство, некултура, невоспитаност и безобразие, дури и на високи политички и јавни личности, не смее да се припишува како однесување на целата држава.

Но за нас, како и обично, не важат истите правила како за остатокот на „цивилизирана“ Европа: еден крајно нејасен, но според сите податоци проблематичен (и со потенцијална криминална позадина) личен физички конфликт, каде што подебелиот крај го извлекол поединец кој се декларира како Бугарин (случајно или не и секретар на Бугарски клуб во Охрид), се трансформира во шлагворт за (нов) соседски силеџиски напад, идентификувајќи ја целата држава како насилна и полна со омраза кон таквите свои граѓани, и не само кон нив, а целиот македонски народ се прогласува за насилнички, тепачки, пиштолџиски… Дури, и неговата историја се прикажува како „традицијата на палење, пукање и насилство врз луѓето“, и тоа од страна на највисоки бугарски државни функционери.

И, можеби, токму овој (дали и последен?) несакан охридски инцидент ни ги открива сите темни страни на оваа македонска интегративна приказна, безобразлукот на главните играчи во неа, но и нашите заблуди во однос на таа приказна. Зашто, дали е на тест македонската издржливост на навреди, плукања, именувања со секакви валкани придавки (не само) од страна на нашиот „ментор“ на овој ЕУ пат, или попрво треба (и) на овој актуелен миг да гледаме како на час за отрезнување? Веројатно обете тези се валидни и важни за нас. Но нашата „издржливост“ – иако има и многу други зборови што посликовито би ја исцртале оваа ситуација! – е веќе докажана. Затоа, не треба ли конечно попрецизно да ја именуваме втората теза, онаа за односот кон нас?

Во едно семејство (а ЕУ ужива да се прикажува како такво), кога започнува семејно насилство, завршуваат сите цврсти семејни врски. Семејството можеби нема да се растури/распадне, членовите ќе продолжат да живеат заедно заради лични и групни интереси, но таа заедница веќе не би можела да се именува како – семејство. Во што е нашата ситуација поразлична? Речиси во ништо. Освен, како што милуваат тоа да го потенцираат одредени македонски политиканти и „аналитичари“, фактот дека ние бараме да бидеме дел од тоа семејство, дека тоа е наша долгорочна цел, дека без тоа ние остануваме (?) мали, безначајни, никој и ништо. А со „семејството“ бо пораснале, би станале – некој и нешто?! Но, никој не сака да одговори дали нашата желба, нашата цел, да бидеме дел од тоа семејство претпоставува дека треба да истрпиме секакви навреди, малтретирања, обвинувања, уцени… односно, со еден збор, државно силеџиство од најлош вид? И што нѐ прави таквото наше слепо настојување? Мазохисти?

Зашто, сѐ што се случува во и со оваа држава последниве неколку години, од Преспа па наваму – да не речам од 1991 година! – е ординарно и најбезочно државно силеџиство манифестирано од некакво измислено „среќно ЕУ семејство“, коешто воопшто не е ни блиску до една таква состојба на среќа. Американската асоцијација за психологија го дефинира силеџиството како форма на агресивно однесување, при што постојано и со намера на другиот му се нанесува непријатност, вознемиреност, неспокојство итн. Во што е различно ова однесување на ЕУ и источниот сосед од силеџиството во семејството, во училиштето, на работното место (како мобинг) и др.?

Ние, се разбира, можеме на овие случувања да гледаме и низ розова оптика и да ги нарекуваме „убедување“, „политика“, „препораки“, „сугестии“ и слични будалаштини, но во суштината на ова ЕУ и бугарско однесување лежи тешко силеџиство, малтретирање на послабиот само заради пројавена/искажана желба односно намера да стане членка на една заедница на којашто природно, културно и историски – припаѓа. А ако веќе ја спомнуваме историската припадност кон Европа, тогаш навистина можеме да упатиме и неколку отворени прашања од типот: а од кога бугарските племиња стануваат дел од Европа и нејзината приказна? И кој во овој поглед би требал да има предност или денес за тоа одлучува географското растојание од/до Русија а на ЕУ, во уплавот, ѝ требаат тампон зони? Ако пак кон сето ова го приклучиме и историскиот, културниот антифашистичкиот… придонес на Македонија за Европа – мерено во однос на некои други, секако – приказната добива сосема други димензии, нели? Или токму тие нешта, особено онаа вековна страст на источниот сосед за (лажлива) самоидентификација со историјата на ова парче земја, тој нивен вечно горлив територијален и културен жар за сѐ што е инхерентно на историјата на овој простор, е главниот мотив за силеџиството?     

Впрочем, сите интензитетни пориви, а агресијата/силеџиството е еден од таквите, имат длабоки корени. И ние, со години, ги слушаме, сите, не само од источниот сосед. Звучи параноично? Можеби, но не е. Зашто, повторно, кои се и какви се причините за ваквото непријателско однесување на ЕУ и источниот сосед кон Македонија, за онаквата повеќегодишна неизбалансирана употреба на сила врз помал и послаб „противник“? Натписите на македонските споменици за бугарскиот фашистички окупатор, историските учебници, фактите за депортацијата на преку 7.000 евреи во концентрационите логори…, физичката пресметка на неколкумина во Охрид? Или нешто многу, многу подлабоко и поголемо? И сето тоа под закрилата на „семејството викано Европска унија“?

Ако Министерството за одбрана на Велика Британија во 2000-та година го дефинирала силеџиството како „the use of physical strength or the abuse of authority to intimidate or victimize others, or to give unlawful punishments“, зарем целава ситуација со Македонија не е токму тоа? Зарем оваа агресивна „злоупотреба на моќта“ на ЕУ, па и на сите – или повеќето – земји членки врз Македонија не е тоа?! Посебна приказна е токму молкот и неспротивставувањето на таквата „политика“ од страна на некогашните федерални ЈУ републики Хрватска и Словенбија, сега членки на „семејството“. Зарем Македонија молчеше кога тие беа притиснати, дури и воено, од српскиот Милошевиќевски фактор? Или тоа бргу се заборава во меѓународната политика? Само што тоа веќе не се нарекува политика туку за таквото однесување постојат многу побезобразни изрази.

Другата, еднакво темна страна на овој вид „семејно“ силеџиство, е однесувањето на домашните политички фактори, чија што понизност, страв за функциите и неодговорното попуштање на сите форми на притисок го става силеџиското однесување на пијадесталот на политика. Ако нешто не е политика, тогаш тоа е токму оваа меѓудржавна форма на силеџиство! Но таа дава резултати, како впрочем и секоја друга агресивна форма на однесување. Отсуството на отпор само поттикнува осмислување на нови и нови форми на заплашување („прекин на преговорите“), пресија („Бугарите во Устав или нема ЕУ“), агресија („целосно одлагање на интегративниот процес“) и др. Денес, полека но сигурно, доаѓаме до целосно изедначување на надворешното (ЕУ) и внатрешното (власта) силеџиство чијашто жртва дефинитивно е граѓанинот, Уставот и законите. Последната т.н. декларација на бугарското Собрание е само уште едно камче во овој насилнички мозаик, повторно без соодветна реакција од „среќното семејство“.

Впрочем, ако интенционалната државна агресивност, во македонскиот случај подигната на највисоко рамниште, е прашање (и) на демократијата односно демократичноста на државата и нејзините институции, што говори целата оваа силеџиска кампања за источниот сосед, за ЕУ, за целото „среќно семејство“?

МАКЕДОНИЈА КАКО НУЖНО ЗЛО?

Просто е неверојатно со каква ноншалантна ароганција државниот врв им пристапува на секојдневните скандали – сега веќе и насилни! – со источниот сосед коишто, очигледно е, прераснуваат и во безбедностен проблем. Претседателот на државата онака малолетно се истрчува со осуди за нејасни кафеански инциденти, министерот за надворешни работи спокојно слуша како за неговата земја велат дека ја продолжува „традицијата на палење, пукање и насилство врз луѓето“ и изјавува дека не го интересираат резултатите од истрагата туку што кажал еден од повредените во тепачката, министрите за полиција и одбрана мирно гледаат како странски авиони пред нос им слетуваат во државата и земаат со себе актер во кривично дело…! А од другата страна на границата – закани дека ќе сечат раце! Како сето ова за нашиве да е некаква фикција или се случува во некоја друга земја.

Освен ако тоа не е нова, таинствена агенда за домашно поткопување на евроинтегративниот процес и диригирано дополнително разгорување на веќе манифестираното нерасположение на јавноста кон истиот, натамошно поттикнување на пројавената нетрпеливост кон источниот сосед од страна на поединци и групи итн.? Цинично карикирам, нели? Се разбира, зашто никако поинаку не може да се протолкува ваквото плитко размислување и недоветно однесување на целиот државен врв.

Тој кој ќе рече дека, всушност, ваквото запрепастувачки недугаво однесување на власта стана правило во овие пет години, ќе биде во право. Но тоа не е ништо ново. А сепак – ново е, бидејќи во јавноста тие, заедно со нивните трабанти, секојдневно трубат за вложените напори за надминување на сите проблеми на европскиот пат на земјата, а во праксата тие „напори“ самите ги минираат и ги распламтуваат ионака силните пламени јазици на евроскептицизмот кај македонскиот граѓанин.

Од друга страна, станува повеќе од очигледно дека овие политикантски „елити“ не можат да ја одиграат оваа историска партија на достоен, морален, и за државата доблестен начин. Нивната провинцијална егоистичност и самобендисаност се покажува неспособна да го одбрани достоинството на државата и граѓанинот во неа. Или, тие не мислат така? Но, како мислат, ако воопшто мислат? И кој, како и со што го мотивира македонскиот граѓанин да ги надмине оваа беда и безизлез, да ги заборави тридецениските залудно потрошени/украдени годишни државни буџети, криминалните приватизации и уште побандитските распродажби на виталните државни ресурси? Односно: кој е, и каков е, ЕУ наративот денес во којшто македонскиот граѓанин треба повторно да поверува и да се пронајде себеси во него?

И веднаш да кажам – не се вбројувам себеси меѓу евроскептиците, напротив. Но, ако го слушате главниот македонски „идеолог“ на нашата евроинтеграција дека ЕУ е таа што ќе ни донесе „инфраструктурни проекти (…) и реформи во сите сфери на општеството?“, зарем не ве фаќа очај? Зарем ЕУ нам ни треба за „(… фондови и подобра економија, подобри институции, реформи и држава по европски стандарди (…)“? Ако власта и денес, после сѐ, така ја пропагира неопходноста од нашата интеграција во ЕУ, тогаш чудно ли е што толкав број граѓани преминуваа(т) во таборот на евроскептиците? И зарем некој навистина верува дека ЕУ самата ќе го сработи сето тоа и „на тацна“ ќе ни донесе подобри институции, реформи, европски стандарди…, а ние само ќе уживаме лежејќи и трошејќи ги нејзините фондови? Во такви филмови веќе ни децата не веруваат! Не треба ли некој, конечно, да ги смени таквите ЕУ наративи, и очекувања? Или, ако сакате, дојдовме ли до клучниот, можеби пресвртниот, момент на нашето разбирање на евроинтегративниот процес? Ако власта нема еден писмен човек кој би можел разложно, и релативно објективно, на граѓанинот да му ја предочи приказната „Македонија во ЕУ“, тогаш нели е подобро воопшто и да не ја раскажуваат?

Едновремено, во рамките на овие процеси, некој умен мора(ше) навреме, отворено, и не само пред македонската јавност, да ги предочи суштинските двигатели на соседските „политики“ кон Македонија, од каде што, потоа, произлегова проблемите со името, со историјата, со јазикот итн. Нема(ше) ли барем еден компетентен во онаа Историска комисија за лустрација да ги отвори соседските анахрони рецидиви/мотиви на „страв и страст“ кон Македонија, што понатаму релативно сликовито ги објаснува нивните современи чекори?

Следствено, очигледно е, веќе одамна, дека проблемот на евроскептицизмот кај нас има две исходишта. Едниот е т.н. „ЕУ политика на проширување“, а во тие рамки и нејзиниот свесно таргетиран потценувачки и дволичен однос кон Македонија, третирана не како суверен политички субјект туку како провинцијално нужно зло. А можеби и – ненужно, нели? Оваа држава сѐ уште во многу европски (празни) глави е видена како експериментална територија, молчалив консумент на сите лоши еу политики и криминални зделки (уште од времето на оној Солана, Хан и компанија, сега Вархеи и остала политикантска булумента!), ѓубриште за нивниот опасен отпад (човечки, нуклеарен, медицински и друг!) итн.

Но, вториот, нашиов локален криминално-коруптивен елемент е сепак главната фигура на политичката табла за (веќе одамна) недоверливиот македонски граѓанин. Лошите политики, малоумното и во основа безобразно простачко практикување на власта, непочитувањето на сопствените граѓани и неукоста на врхушката да ги објасни позитивните аспекти на ЕУ концептот за државата, експоненцијално го зголеми евроскептицизмот. Без оглед што Македонија природно – географски/геополитички, културно и др. – припаѓа кон Европа, канцерогениот континуитет на катастрофалното локално владеење го дистанцира граѓанинот од сериозната верба во способноста на овие „елити“ да се справат со интегративниот процес на начин што би ги гарантирал суштинските уставни определби на државата и основните човекови права на граѓанинот. Или, и власта всушност си ја гледа државата како – нужно зло?!    

Приказната дека сѐ треба да се подреди на отворањето на преговарачкиот процес со ЕУ, дека тоа нема цена, дека мора да замолчиме и да затвориме очи пред отворената уцена од оваа евро-постава и нивната бескрупулозна узурпација на моќта на „посилниот“…, веќе одамна е заматена. Бугарија е само капакот! Затоа, впрочем, и овој наплив на ЕУ скептицизам, па дури и свртување на македонскиот граѓанин кон некои други „политики“, коишто пак тоа вешто го користат. И, се разбира, да не губиме од вид дека децата родени во онаа 1991 година денес се веќе триесетгодишници, заглавени – барем оние кои останаа овде – во овој жабурник на идиотизмот на македонските политикантски првенци!

Граѓанинот веќе не сака да прифати дека и тој и државата се нужно европско зло, дека Македонија и понатаму ќе биде црната дупка на Балканот, дека ќе служи за потсмев и поткусурување помеѓу соседите и ЕУ званичниците. Некогашниот македонски образовен систем (со сите негови мани), и не само тој, прилично точно лоцирал дека целата историја на Европа поминала низ Македонија, а македонската историја – го сакал некој тоа или не – е неделив (во одредени моменти и клучен!) дел од историјата на Европа! И тоа тешко ќе го променат не само нашиве слепци или оние преку источната граница, туку и, веќе осведочено, историски полуписменине ЕУ званичници. Просто е неверојатно како оваа власт, но и ЕУ, не можат да видат дека „политиката на мускули“ веќе не го плаши македонскиот граѓанин, дека тој е заморен од детски флоскули од типот „(ќе) дојде живот“ кога ќе влеземе во ЕУ. Но заморен е и од гледањето на бескрајната претстава на овие „елитни“ бескичменици и нивниот понизен танц на глупоста долж и попреку европската агенда.

Впрочем, ако една Шведска, дури и под безбедносни закани, смета – како што пишува Челиковиќ – дека не може, заради нечии барања, „да се откаже од Уставот“, зошто тоа би требала Македонија? Или, зошто во таа иста Шведска политичката елита едноставно не потклекнува пред странски уцени, а Македонија тоа го прави веќе три децении? Е, ама тоа е Шведска, таа не е нужно зло, веројатно би одговориле нашиве слепци. Но, помислуваат ли дека и македонскиот граѓанин има достоинство, дека ги избира своите политички претставници не заради тоа што се многу лични и/или умни туку заради мотивот земјата да се доближи до цивилизациски стандарди слични на тие во Шведска?


КРОСДРЕСЕРИ, ИЛИ ЗА ПОЛИТИЧКАТА ТРАВЕСТИЈА

Втората голема честитка за Новата 2023 година ја добивме од двајцата највисоки политичари кои се осмелија да етикетираат медиуми како вакви или онакви, па дури и непријателски. Едниот пак, се дрзна да ја посочи и поврзаноста на сопственикот на една телевизија со енергетскиот бизнис, заборавајќи притоа дека и неговата сопруга е во истиот бизнис. Првото не е ама баш никаков грев, ама второто?

Како и да е, поскандалозно, посрамно соголување на двајца важни политичари во македонската квазидемократија одамна не сме виделе на политичката сцена. Но тоа не е поентата на мојот текст. Тоа е само шлагворт, или уште еден пример, за катастрофалното поимање на практицирањето на власта на македонските политички „елити“, но во поширок контескт и на нивното разбирање на демократијата, државата, општеството, слободата на говорот и независноста на медиумите итн.  

Го гледаме ли, конечно, вистинското лице на македонската политика? Не баш, односно не е така фрапантно зашто со него, во секакви форми, се соочуваме веќе цели три децении. Но, одлично е во годината на нашите „забрзани“ евроинтеграции да се знае дека ние, всушност, не сме ни мрднале од стартната линија, од онаа некогашна 1991 година!

Затоа и насловот на овој текст, иако поимот „кросдресери“ може да предизвика мали забуни. Но, бидејќи немам ни проближно соодветен превод на англискиот збор cross-dressing односно cross-dresser, го оставам зборот во оригинал, со следното појаснување: зборот произлегува од поновиот вокабулар на LGBT заедницата односно TR (трансродниот) речник, заедно со неколку други. На пример TS (транссексуалец), TV (трансвестит), па следствено и CD односно – кросдресер. Во самата суштина, зборот упатува на лице кое се облекува во алишта од спротивниот пол! 

Без каква и да е умисла за (навредливо) мешање на спомнатата LGBT заедница со македонската (не само) политичка сцена – којашто, патем, е посебен тип „трансвеститска“ заедница кај нас – го позајмувам зборот како најсоодветна метафора за отсликување на вкупните состојби во државава, којашто сѐ уште, и по цели три децении, е – во транзиција. Што ќе рече дека потенцијално е „трансродова“, „трансвеститска“ т.е. кросдресерска. Односно, таа транзиција ја прави државата трансдржава, држава/систем во премин (ни социјалистичка ниту капиталистичка) – народот би рекол ни риба ни девојка! – како впрочем и сите сегменти од витална важност за нејзиното нормално функционирање. И тоа не е само познатото поистоветување на партијата со државата, што пак, во крајна линија, доведе до заробената држава којашто така немилосрдно е закачена на вратот на граѓанинот.

Оваа држава во премин сѐ уште има државна/монополска економија; лажлив и во основа недемократски изборен систем; неприкосновен договорен меѓуетнички пакт за формирање на извршната власт (при што во коалициската структура секогаш се една од двете македонски партии како менлив дел, а придружната албанска партија е константа!); квазидемократски процедури на одлучување во највисоката законодавна институција во државата; авторитарно поставена извршна власт; социјалистичко образование, култура и наука, итн. Во Македонија нема суштинско разграничување на трите власти, нема отворен пазар на знаење и труд, нема конкуренција на идеи и политики… Сето тоа, и уште многу други нешта, ја прават оваа држава „TD“ односно трансдржава, со кросдресерството како подкатегорија.

Впрочем, што остана од сите оние цели набележани дури и во Уставот на РМ во не така далечната 1991 година? Македонија „(…) да се конституира како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава“; „да се воспостави и изгради владеењето на правото како темелен систем на власта“; „да се гарантираат човековите права, граѓанските слободи и националната рамноправност“; „да се обезбеди мир и сожителство на македонскиот народ со националностите кои живеат во Република Македонија и да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот“. И? Гледате ли „на дело“ некоја од овие цели? Сите, до една, се изманипулирани, превртени наопаку, прекршени, искривени, заборавени… „преоблечени“!

Следејќи некои свои квазиуставни „нормативи“, раководните структури на власта полни триесетина години континуирано се модифицираат – или преоблекуваат, како сакате – себеси и Уставот, зависно од ситуациите, потребите и партнерите. И тука, повторно, не алудирам на некакви потенцијални сексуални конотации истражувани од бројни научници низ времето (Hirschfeld, Ellis, Carpenter и многу други понови учени) туку на политичката травестија којашто станува доминантен израз на современата македонска политичка сцена. Следствено, тука најмалку станува збор за некакво пресвртно („прогресивно“) политичко однесување или за обид да се предизвикуваат традиционалните социјални/општествени норми со цел да се воведат европски стандарди. Напротив, целата оваа политикантска шарада е насочена кон камуфлирање на антипросветителските политики и ригидната регресивност на власта, одржувањето на општествениот/државниот статус кво во полза на политичките „елити“ и личното/групното богатење.   

И ова не се случува само и единствено во „високата политика“. Сите нешта во Нашата земја веќе со децении подлежат на костимиран карневал на конструкции и лаги во една вистина – онаа на власта, која и да е и каква и да е. А сите ние одамна сме прогласени за нивни непријатели! Дали е тоа заради сѐ уште актуелната транзиција – во којашто особено важен дел е и оваа навика за cross-dressing на реалноста – од која не можеме да се одлепиме толку време, заради длабоко вкоренетото автократско, а со него и кримогено, однесување на речиси сите власти во оваа држава? За жал, таквите методи не се дел само од македонската политичка сцена туку тие го корумпираа и целото општество заробено од такви и слични кросдресери кои (наводно) сакаат да нѐ поштедат од суровата реалност па информациите ни ги преоблекуваат во боите на виножитото.

Но, ако воопшто има утеха, пострашна од нашава провинцијална кросдресерска реалност е само оваа травестија на т.н. меѓународна заедница, на западната култура кон која стремиме: во „центарот“, дома, посветена на цивилизациските вредности и стандарди, а овде, на периферијата, на еден грст кримогени политиканти; демократска и интегративна на збор, а на дело со поддршка на бруталната сила и историско-културниот геноцид. Дали Македонија се претвора во типичен пример на континуираното слепило на супериорност на „демократскиот“ Запад (Солженицин), дали нивниот (сѐ уште) империјален cross-dressing шмек навистина ќе ја моделира Македонија според некои/нечии закостени националистички апетити?

СРЕЌНА НОВА (БУГАРСКА) МАКЕДОНИЈА!

Подобра честитка за Новата 2023 година од онаа што ја искажа европратеникот Џамбаски среде Скопје пред некој ден – поточно: на денот на смртта на Мара Бунева – не сме можеле ни да посакаме. Па ни да сониме, for that matter. Зашто, така да ја започнеш годината на (наводното) разрешување на сите проблеми со нашите пристапни преговори со ЕУ, е голем подарок. Токму од срцето на Европа, од Европскиот парламент! Може да каже кој што сака но таа институција е тоа: формално најважната институција на демократска Европа, како што и другите парламенти во другите европски земји се неприкосновено најважните демократски институции. А Џамбаски е дел од таа „структура“!

И кога велам подарок сериозен сум, зашто само уште оваа честитка ни недостасуваше под елката на 2023-та година, годината на остварувањето на вековните надежи на Македонецот. Кои? Да биде Бугарин, а Македонија да биде бугарска Македонија? Не знам, можеби, но тоа подобро го знаат историчарите од онаа комисија за историска лустрација. Па и Владата, се разбира, и Собранието, и другите македонски државни институции! За кои ова прашање е – забетонирано, решено. Како? Како што вели Џамбаски? Ни тоа не го знаеме.

Но не го вели тоа само тој. Само неколку дена порано, сличен подарок, а во функција на некаков пролог за македонската епопеја на глупоста, веќе добивме од силите на т.н. меѓународна заедница, во форма на вообичаениот повишен тон на господар на световите – his master’s voice! – за нашите обврски во оваа година. Коишто малку или воопшто немало да болат! Македонската орална традиција има многу добри одговори на вакви „честитики“. Некои се малку и безобразни, па нема да ги спомнувам. Барем некој да ја задржи пристојноста.

И просто е фрапантно како меѓународната „демократска“ сушност останува само „за по дома“, до границите на нивните земји, а кај нас се преоблекува во онаа другата, гостинската односно потемната, командната. И знаат што и колку боли, и дали воопшто (ќе) боли. Нивната улога е една од клучните во оваа претстава: тие се/ќе бидат и демократи и автократи, и лекари и надрилекари, и реалисти и визионери, и возачи и скретничари…, задолжени да го држат македонскиот недугав „воз“ на вистинскиот колосек. Да не забега, или избега вон шините, како оној кај Кадина река. Навистина ли, како што вели г-ѓа Куновска, нѐ сметаат за јагурина народ? Веројатно. И со право!

Се разбира, и тие, како и званичниците во втората „столица“ на бугарска Македонија – онаа „од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море“ (како што поентира Џамбаски) – ќе го одмолчат овој новогодишен и Божиќен подарок од источниот ни сосед. Пушти будала, ќе речат. Така и треба. Иако забораваат дека историјата е полна со такви будали на кои, демек, никој не сакал да им обрнува внимание. Па предизвикувале катастрофи. А едновремно, забораваат и дека токму будалите, некогаш викани шутови, биле единствените кои на царевите/кралевите смееле да им ја кажат – вистината. Таков шут ли е и овој Џамбаски, нарачан да ни ја каже вистината? Колку и да е болна?!

Но, громко ќе го одмолчиме ние и ова, како и многу други нешта. Најумни сме кога – молчиме. Та ние, со мали „инциденти“, сме успеале да одмолчиме цели пет века под „пусто турско“. Впрочем, деновиве, целата оваа „предигра“ е само подготовка да ги одмолчиме и оние неколку години помеѓу 1941 и 1944 година, кога некои на овие простори решиле повеќе да не молчат. Ама нивните деца, и внуци, еве, повторно се враќаат на старата „добра“ навика: наведната глава сабја не ја сече, нели? Додуша, сече сѐ друго, ама важно главата да е на рамена.

Иако, во вакви инсценации, веднаш, како нарачка, власта вклучува некој од оние неколкумина локални шутови кои уживаат во своите јавни ролји. Тие вообичаено милуваат да нѐ нарекуваат мали, па и малоумни, ни држат лекции за „тешките реалности на надворешната политика“ или пак, како да сме ретардирани, нѐ подучуваат каде всушност ние припаѓаме! Зашто ние не знаеме, тие – знаат. Можно ли е навистина 2/3 од граѓаните – барем според анкетите – да се малоумни и ретардирани и ништо да не разбираат, а само овие шутови да се сопственици на големата Вистина?

Но, во овој македонски Хајд парк веќе секоја будала може да се качи на столче и да ви држи лекции кои сте, што сте, каде припаѓате, што треба да правите, и дали тоа што ќе го направите ќе ве боли или не. Па зошто тогаш не и некој Џамбаски, нели? И на нас останува дали ќе му/им веруваме. Но тоа е така само во приказните. И на телевизија, можеби, во македонските „дебатни“ емисии.

П.С.

Во мигот кога сакав да ставам точка, ете го како по нарачка министерот Османи, нарекувајќи го шутот Џамбаски – маргиналец. И бара Софија да се огради од него. Ама зошто Софија, по ѓаволите? Зошто не Европа, зошто не Европскиот парламент, чиј член е шутот? Или зошто не локалнава амбасадорска фела? Или пак во тоа осино гнездо министерот не смее да чепне?

А всушност, ние сме свикнале на маргиналци. Полни ни се Владата и Парламентот со нив, та што е еден Џамбаски помалку или повеќе?   

САБОТАЖА НА СИСТЕМОТ

Тешко дека некој некогаш ќе успее да нѐ убеди дека сето ова, ова повторно раѓање на монструмот викан заробена држава не било планирано, или барем разгледувано како прифатлива опција и за актуелнава партиска врхушка којашто ја спроведува оваа реанимација на злото. Можеби имале еден услов: да не биде баш целосно пресликана Прибеова заробена држава, туку да се најде соодветна и малку камуфлирана/„порозова“ форма – па нека се вика и хибриден режим – но суштината сепак да остане иста!? Зашто, во друга сушност освен ваква монструозна, може ли така бескрупулозно да се лаже, мами и краде?

Или, всушност, оваа опција требаше да ни биде читлива веднаш по онаквиот крај – она „пуштање низ вода“ на „Шарената револуција“, по оние неколку снимки што се појавија во јавноста со пазарџијата во улога на (екс)премиер, по „кадарот“ што го сместија во најважните институции…? Веројатно, но секоја наивност се плаќа, особено политичката односно демократската! Зарем навистина не можевме да видиме дека овие слепци воопшто и немаа намера да се занимаваат со демократија, со политика (внатрешна и надворешна), со економија, образование, култура, наука…? Или не сака(в)ме да видиме? А сѐ ни беше предочи, сервирано на „тацна“ уште со влегувањето на новата власт во стиропорната резиденција на старата власт, со радикалното напуштање на сите реформски насоки, со кадровската инфилтрација на неспособни и неуки партиски војници итн. 

Затоа е логично, се разбира, што сѐ почесто во јавноста слушаме – иако сѐ уште само од малкумина – прозивки и критики на власта за нејзината катастрофална неспособност и неукост да се носи со проблемите во државата. Освен оние абоненти од „магарешката клупа“ на коалицискава „елита“ и нејзините мутави пратеници во Собранието, речиси никој во државава, нема еден нормален збор за нив. А и не може да има, имајќи ги предвид нештата околу нас и речиси катаклизмичните предвидувања на експертите во сите области.

Но малкумина, или речиси никој, во еден ваков катастрофален актуелен контекст, не го спомнува зборот нечинење односно непостапување како можен, и би рекол клучен, именител односно базична оска во владеењето на оваа коалиција во изминативе пет години! Зашто, колку и да е неспособна оваа корумпирана „елита“, колку и да се неуки сите заедно и секој поединечно во таа Влада, колку и да е слепо, глуво и мутаво она Собрание…, некои нешта – или буквално сите нешта, целава fucking состојба во земјава – во однесувањето на оваа власт се, најблаго речено, рационално необјасниви. Бидејќи дури и полуписмен човек, па и необразован или недоволно образован, нестручен и некомпетентен за местото на коешто седнал (а такви се сите овие, до еден!), некои нешта би умеел да ги согледа, па некако и да ги сработи. Или, ако не повеќе, барем би се обидел да „купи ум“, да ангажира некој кој знае да ги сработи наместо него!

Актуелново „мерење мускули“ околу Судскиот совет и Апелација ја потврдуваат ли тезата за свесно, намерно, смислено непостапување односно нанесување штета на државата, а во полза на поединци, кои и да се? Веројатно, како прочем и она смешно првоодделенско „објаснување“ на претседателот на државата за случајот „Таргет-Тврдина” како „клучниот предмет“ односно дека од нелегалното прислушување произлегува сѐ друго, па следствено „(…) ако го немаме ова како дело, немаме ништо друго“? И што треба јавноста да заклучи? Дека слепциве мислеле дека ќе се појават на суд само со УСБ стикчето со прислушуваните разговори и пресудата веднаш ќе дојде? Мислеле дека не треба ништо друго да сработат?

Но, се разбира, овој – сепак најактуелен, но и најтипичен – сегмент е само делче од предолгата листа на апсурдни чекања, колебливи премислувања, необјасниви одложувања, (цинични) извинувања, (лажни) оправдувања… за несработеното, што резултирало во веќе очебијното и отворено нечинење односно непостапување на штета на правото и правдата, функционалната држава, системот, спроведувањето на законите, па и на изборните ветувања. И сето тоа, заедно со повторното изедначување на партијата/партиската врхушка со државата, е еден од главните генератори на одржувањето во живот на системот на старите навики од времето на заробената држава во македонското општество.

Сликата станува уште пострашна кога ги читате/слушате јавните укажувања – колку и да се малубројни – од поединци, невладини организации или дури и опозициски партии, кои стручно и компетентно упатуваат на можните патишта за решавање на проблемите, потенцираат погрешни одлуки и посочуваат на вистинските односно неопходните итн. Власта, оваа неписмена власт којаштои со прст не мрдна да исполни барем едно предизборно ветување, сето тоа упорно го нарекува себепромоција, квазиекспертско рекламирање, и сл.

Сакам да кажам: на едната страна имате молк, криенки, нечинење односно непостапување во полза на државата, од другата страна имате докажани експерти кои ви укажуваат на грешките и ви нудат решенија, но таа – власта – ги игнорира! Зошто? Кој има полза од ваков хаос во државава, кој инкасира огромни добивки од фантастичните цени на струјата (ефектуирани само во Македонија!), кој профитира од билданите цени на сите витални продукти, во чии џебови се слеваат буџетските пари за (наводен) ПР за ОБСЕ, за вработувањата на миленички и миленици од редовите на врхушките на власт… итн.? Заедницата, граѓаните, или само еден грст семејства од владејачката коалиција? Дали заради тоа вака вештачки се одржува хаосот во државава?   

Зашто, кога еден форматен експерт од рангот на Петар Гошев вели дека „Нема никаква дилема дека главните структурни дефекти во нашата економија и слабиот капацитет за одговор на кризи од актуелниов вид, суштински се само акумулирани субјективни грешки (неодговорности и тапоумности) на нашите владејачки гарнитури, во период од повеќе изминати децении (…)“, зошто сите се оглушуваат на тоа? И не само на тоа укажување, се разбира, туку и на сите досегашни, вклучувајќи го и она за споредбената инфлација кај нас и во ЕУ (на чијашто „криза“ слепциве се повикуваат)?!

Или, зошто упорно се игнорираат сите компетентни укажувања за (веќе историските!) фелери во правосудниот систем? На пример оние на еден проф. Калајџиев, но и на редица други експерти за тие прашања? Кој тоа во оваа коалиција е постручен и покомпетентен од него/нив па така одважно се прави глув, и слеп? Актуелново туристичко министерче, или претходноно, сега унапредено во вицепремиер за забава со ЕУ?

Или, дали навистина македонското образование спадна на оние Царовска и Шаќири, културата на Бисера, историјата на Драги Ѓоргиев… итн.? И колкав е процентот на незнаење, нестручност и некомпетеност односно на „грешки“ кај нив? Само 30%, 50 или дури 100%? И како воопшто една нормална, рационална, демократска… и просветителска држава смее да си дозволи такви нешта?

Или, ако баш сакате, наредете ги сите ликови во владите од 2017 година наваму и означете колкумина министри, заменици министри, владини советници, директори и остала братија, освен неколкумина, биле навистина стручни и компетентни – теориски и практично, односно поткрепено со соодветна биографија – за ресорите што ги запоседнале? Па следствено, уште ли ќе се чудиме зошто ова ни се случува?

Се разбира, главното прашање е: дали сето ова е плод на случајности и ненамерни грешки или во оваа петгодишна (и во претходната петнаесетгодишна!) македонска епопеја на глупоста има систем? Зашто, дури ни во Македонија не е можен таков, и толкав, збир на случајности едноподруго, таква распиштоленост и аздисаност на целиот државен апарат и ни трошка срам од неукоста, неспособноста, игнорирањето на законите односно непостапувањето по нив и по силата на здравиот разум! Речиси е невозможно во сите овие влади да нема(ло) еден нормален човек кој би се засрамил од целиот тој хаос на нечинење/непостапување, на игнорирање на Устав и закони, на тотална негрижа за граѓаните и државата.

Следствено, нема друг одговор на оваа долготрајна епопеја на глупоста: форсираното непостапување – или, дури, во дадени ситуации и спротивно постапување! – и неразрешување на натрупаните катастрофични проблеми во државава е договорно и планско. Во најмала рака тоа, како што веќе напишав минатиот пат, не е ништо друго туку отворена саботажа на системот со цел негово целосно деградирање до степен на неупотребливост. Но и за тоа постојат одредби во уставот и законите.

Но она што граѓанинот, веќе денес, може да придонесе за конечната разрешница на ова лудило е инвестирањето во нови луѓе, нови политики – и партии, се разбира – коишто, прво, ќе ја докажат својата неинволвираност во сегашниве процеси, но и стручноста, компетентноста и пред сѐ моралниот интегритет пред македонската јавност. Впрочем, токму во ЕУ има такви и слични примери. 


ДИВИНА ОД УЖАСИ

Секое резиме за изминатата година, вообичаено во овој период, за македонски прилики – не само политички – би наликувало на правење „дупка в море“, односно набројување на (нерешени) криминали, скандали, лаги, промашувања, неуспеси…, со еден, во основа катастрофичен, именител. А впрочем, таквиот резултат, и именител, би биле применливи и за сите претходни години сметано од 2017-та наваму, како сѐ поевидентно пропаѓање на една визија за држава што ветуваше, за некаква потенцијална иднина, за некаков живот.

И ова воопшто не е срцепарателна тирада насочена контра власта и состојбите во земјава, затоа што тоа не е ни блиску до сето она што таа самата си го прави себеси. Сите нејзини досегашни „политики“, и „резултати“, во сите државни/општествени сегменти се несекојдневна слика на политичко – буквално и метафорично – самоубиство на една партија! Како што тоа, впрочем, беше и со случајот на нивниот политички антипод, онаа друга македонска партија која што така прилежно се самоубиваше во периодот 2006-2017 година со низата аналфабетски политики. Овие пак, сегашниве „прогресивци“, со нивната глупост и неспособност, буквално ги кренаа од гроб!

Но тоа не би бил наш проблем кога сѐ би останало само и единствено во рамките на актуелнава владејачка партија и нејзините сателити, клиенти, абоненти… Меѓутоа, и нашите животи односно нашето секојдневие е непосредно поврзано со тоа нејзино континуирано политичко самоубиство, прелевајќи се во егзистенцијални кризи (економски, енергетски, финансиски, политички, културни, образовни, научни, безбедносни… и др.) што директно влијаат врз опстанокот на најголемиот дел граѓани на оваа држава!

Дали најдобар знак/показател за оваа целосна суицидална и во основа авторежирана пропаст на власта е „бунтот“ на т.н. „огнени“ во редовите на една албанска партија? Веројатно, зашто оваа „фракција во најава“ прецизно го увидела тоа самоуништувачко делување на владејачката коалиција, ги лоцирала „слабите“ точки во своите редови и бара итна интервенција. Македонскиот дел од власта, вообичаено и самобендисано – спие! Таква самоубиствена ароганција до сега не сме виделе на македонската политичка сцена. Просто е неверојатна не нивната неукост, не нивната некапацитетност, туку неспособноста да се согледаат димензиите на нивната криза и адските длабочини во коишто ја водат партијата. А со неа и – државата, за жал.

Наместо реформи, демократија, еу стандарди, правда и право… гледа(в)ме безобразно профитерство и гола борба за превласт, гангстерски препирки и подметнувања, непринципиелни кримогени групировки и сличен мизансцен. Македонскиот политички казан дефинитивно заличува на провинциски политикантски театар на апсурдот каде нештата никогаш не се именуваат со вистинското име туку со некакви смешни деминутиви и/или алузивни придавки што најмалку соодветствуваат на состојбите. Затоа кај нас политичкиот јазик „плива“ врз најпростачките замени на тези, па катастрофалните состојби се нарекуваат „значајни резултати“ а историската неспособност на власта се преименува во успешен „тим на владата“; енергетскиот и ценовниот хаос ги претставуваме како последица од руско-украинската војна; за бившиот министер за здравство не се говори како за најодговорен за илјадниците изгубени животи во пандемијата – цел еден град! – туку се потенцира дека тој дежура за време на новогодишните празници; премиерот и претседателот на државата безобразно бараат помош (sic!) од граѓанинот во справувањето со проблемите заборавајќи дека токму тие не се украсот на државава туку примаат плата за да ја работат својата работа… итн.

Во истиот дух, и на истиот граѓанин – кого, патем, во реалноста отворено го понижуваат на секој чекор – наместо сопствената работа и одговорност приглупи дечишта-политичарчиња му ја подметнуваат ЕУ како некаква гаранција за сигурност, реформи, подобра економија… и, се разбира, неограничени фондови! Коишто, повторно, ќе се слеат во џебовите на коруптивните политичари и нивните партократски банди. Некој лош писател од форматот на оваа „елита“ би рекол дека ние живееме во некаква романескна фикција. Но ова е – нефикција, ова е македонска антилитературна реалност. Нам ни најцрниот филмски или литературен бран не ни е рамен! Што би рекле добрите филмаџии (а не нашиве идиоти): одлично сценарио, добра драматургија, ликови како излезени од најцрното подземје…, недостасуваат уште само елементи на поголемо насилство.

И во тоа има голема доза вистина зашто, впрочем, Македонија денес повторно заличува на она нејзино историско минато слично на црна пустелија на Балканите низ којашто јаваат и пљачкосуваат “родољубиви“ орди, палат села и заплашуваат народ. Со таа разлика што арамиите сега се преселени во градовите, а народот бега од земјата. Но и тоа не е голем проблем зашто народот полека свикнува и на таа реалност. Поголемиот проблем доаѓа утре, кога оваа територија ќе се претвори во дивина од ужаси! „Приказни од дивиот исток“? Ха, којзнае што Горан ќе напишеше денес!

Државата како да остана без ниту еден трезвен и морален политичар кој би можел да го сопре пљачкосувачкот поход на највисоките функционери и нивните семејства во енергетскиот бизнис, застрашувачкиот колапс на целиот здравствен систем, дивеењето на правосудната и урбанистичката мафија, континуираното групашко ограбување на културните фондови, образовната „црна дупка“ во којашто државата – со закон! – дозволува употреба на учебници со 30 проценти грешки во материјалот… итн. Добиваме ли така 30% фалични граѓани и треба ли, можеби, да го покачиме тој процент? Па да биде барем 50%? Ќе ги задоволи ли тоа овие полуписмениве дилетанти?! Па следствено, што понатаму можете да очекувате од „држава“ која што озаконува 30% процентен фаличен подмладок и речиси 100% нестручна и некомпетентна партизирана јавна администрација? Спомнатата дивина од ужаси како неизбежен след на овие состојби?  

Прашање е дали ние, денес, воопшто можеме да говориме за правна држава, за систем, за Устав и закони, за институции, кога ништо од тоа не функционира туку владее законот на силата и политичката моќ, се наметнува превласта на криминалните коруптивни групации што приграбуваат сѐ што им е на дофат на раката и ја околчуваат државата како свој атар. Дали во оваа општа системска хаварија учествува и т.н. меѓународна заедница? Се разбира, зашто, извинете, не гледаме дека тие нешто многу се потресуваат околу состојбиве во државава. „Казнените експедиции“ не излегуваат со резултати, амбасадорите главно молчат и си гледаат сеир…, завршена ли е веќе општата распродажба или уште има надеж? Не заслужуваме ли некој барем тоа да ни го каже? Калето, фон дер Лајен… anybody?

Граѓанинот, во големо мнозинство, чувствува дека (повторно) е на – распродажба. Сосе државата, се разбира. Заинтересираните купувачи се домашни и странски. Предност, секако, имаат домашните, бидејќи тие ги определуваат правилата на играта и условите во главниот тендер. Странците, секако, не ги добиваат само трошките. Сѐ си има своја цена! Изгледа дека сега, македонската „елита“, со помош на „меѓународната“, е свесна дека може да си ја откупи државата – онака, топтан – за багателна цена, платена не со нивни туку со буџетски пари. Нешто како што беше и онаа „приватизација“, но сега со многу поголеми влогови.

Зашто сѐ – особено „кризава“ – мириса на тоа. Комплетниот распад на системот укажува дека форсираното пропаѓање на „државата“ од страна токму на оние избрани и платени да ја штитат има своја идеја, и цел. Неразбирливото нечинење односно непостапување по Уставот и законите не е ништо друго туку јасна и гласна саботажа на системот со цел негово целосно деградирање до степен на неупотребливост. Потоа, (ќе) се активираат други механизми. И сценарија, се разбира!