Monthly Archives: December 2017

ТРОШКА ОПТИМИЗАМ

Дијагнозата наречена „тапа џонсон“ искажана од премиерот Заев само пред неколку дена не се разликува којзнае колку од мојата наречена Jurassic Park. Тука некаде се, иако премиерот не ја употреби неговата во кумулативна смисла, за целото општество, туку само за еден нејзин сегмент наречен Антикорупциска комисија. Во мојот македонски „Парк Јура“ таа комисија односно нејзините членови се на рамништето на најниското скалило во исхраната на средината, нешто како глувци, или стаорци, кои што јадат се’ и сешто, главно отпадоци. И биваат изедени од предаторот наречен – политика. Овие нашиве некако преживеале, премиерот ги гледа дури благонаклоно, ги остава да одживеат уште некој месец односно ги препушта на предаторот време.

Но не е само таа разлика, се разбира. Исказот на премиерот од пред некој ден, кога беше спомната „дијагнозата“, сепак беше оптимистички, надежен, дури зачудувачки смирен и добронамерен. Моите дијагнози не се такви. Во мојов / нашиов „Парк“ односно во нашата нова стварност (главно прострена на културата) нема место за таков оптимизам. Или  – ајде да бидам малку добронамерен пред истекот на годината – има сосема малку. Оптимизам, нели. Тој се темели на неколку нешта: на волјата за квалитативни промени, на знаењата / можностите за истите и на довербата на еден добар дел од македонската култура вложена во новата стварност. Да, постојат уште извесни сомнежи – па и кај мене, ако сакате – ама генерално како да струи некој беневолентен дух, некаква нова верба во конечното ослободување на креативните потенцијали. Иако бројни се „тапа џонсон“ поединците и групациите (и) во културата, залегнати или заседнати врз нејзиниот грб во очекување на првите погрешни потези. Гласна е вревата на бившите агитатори и послушници. Па дури и на оние, и онакви, од заштитата на културното наследство, чиј што директен производ е и „Скопје 2014“, покрај останатото. Е сега тие ќе биле кооперативни, дури партнери. Ма ајде, ти се молам.

Но, слободата е нешто што се учи. Зашто, македонската култура де факто никогаш не била слободна во западнодемократската смисла на поимот. Се разбира, ние тоа го оправдува(в)ме со историското наследство (до 1945), со идеолошките стеги (до 1952, плус некоја), ама после тоа не може(в)ме да најдеме соодветно оправдување за случувањата во и околу неа. Како и да е’, периодот од седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век сепак произведе култура ослободена од многу идеолошко политички стеги, иако тоа не ја подразбираше и целосната, очекуваната слобода во вистинската смисла на зборот. Идеолошкото, но и секое друго заложништво се’ уште беше присутно, Партијата не така лесно ги тргаше рацете од културата, а богами и политкомесарите беа прилично агилни. (Кога сега би цитирал некои „искази“ на наши денес „видни“ академици и нови „демократи“, младиве би останале запрепастени!). Сепак, крајот како да беше видлив. Деведесеттите и новата демократизација на општеството ветуваа подобри перспективи. Се’ до криминализациите во 1998-2002 година, а потоа и од 2006 година наваму, кога се случуваше процесот на целосно киднапирање односно заробување на културата. И тој процес траеше малтене до вчера, а во некои сегменти трае и денес. И ќе трае. Она „инцидентно“ откажување на претставата во МНТ беше (само уште еден) доказ за тоа! И тоа важен, безмалу парадигматичен за актуелните состојби, па и за нивното натамошно ексалирање, ако сакате.

Зошто? Затоа што на еден огромен дел на македонската култура не и’ одат во прилог најавуваните промени. Тие сакаат – по старо, иако нудат кооперативност. Така им беше добро, во заробената култура неработниците беа примадони, некадарниците првенци, неспособните добиваа награди и државни пензии … Се добиваа според партиски заслуги или лични симпатии. И таквите не беа малку, напротив. (Ене ја, впрочем, онаа „националнана“ држи тврдокорни говори во странство! Ама ајде, и неа ќе ја издржиме.). Десетгодишната манипулација односно замена на квалитетот со квантитет и на неспособноста со партијност продуцираше исклучиво таков провинцијален (не)културен кадар кој што системот ни ги претставуваше како наша културна елита. Сега ги живееме неговите резултати! Прашање е само дали ќе ги преживееме!? Се разбира, немам намера подетално да се навраќам на таа лоша „театарска“ епизода иако, повторно, ја гледам како парадигматична, како чин на демонстрирање на силата контра новиот систем. Зошто? Па, на пример, затоа што никој, ама баш никој од таа „фела“, особено младата, не протестираше против барањето на употреба на гумени куршуми од страна на една нивна колешка, а контра „шарените“ протестирачи? Или и тоа им беше – нормално? А кога онаа покондирена тиква – повторно нивна колешка – бараше „долги ножеви“, и тоа ли беше нормално за македонската култура? И за нив како нејзини припадници?

Но, повторно, добронамерноста и оптимизмот наложуваат преку некои нешта да се премине зашто ова време е време на нов предизвик за македонската култура. И на дефинитивно ослободување. Време кое што мора добро да се (по)троши умно, рационално, разумно, реформски. И никако теснопартиски, уште помалку волунтаристички, популистички, „добронамерно“. Зашто поправен ќе нема, а од „добри“ намери стигнавме до пеколот. Трошките оптимизам се трошат многу бргу, а она малку неизвалкано што остана од македонската култура се троши најбрзо. Поточно, се троши нивниот ентузијазам, верба, доверба. А тоа се нешта што најтешко се враќаат. Ако еднаш се раслои и тоа ткиво, ако ветените реформи не ги дадат и посакуваните резултати, клекнатата македонска култура дефинитивно ќе падне.

JURASSIC PARK

Го читам г-дин Грчев како се воодушевува од цивилизацијата на Ѓобекли Тепе од времето на (не така) далечниот Неолит. И тоа навистина изгледа импресивно, дури и според денешни стандарди, особено наши, а сведочи за нечиј цивилизациски потфат од пред 10-12 илјади години! И тие масивни мегалити, седуметарски високи столбови / „платна“ од камен варовник многу ме потсетуваат на овие армиранобетонскиве во нашана „скулптурална композиција“ на плоштадон, кои што така самобендисано затворија цела една улица. А ги поврзува уште нешто заедничко: ни за оние на Ѓобекли Тепе науката се’ уште не утврдила што претставувале, ниту пак нашава сегашност има поим за што треба(ло) да служат овие нашиве. Сосе целата композиција. Некакви чудни историско актуелни мистерии и култови на луѓе од некои други времиња! И мислам, односно сигурен сум, дека футуристичките археолози во некоја далечна иднина исто или слично ќе се чудат кога ќе ги откопуваат нашиве култно вотивни монструми наречени според Аце Велики, татко му Филип, но и некои наши понови историски личности, набуткани на две-триста квадратни метри како некакво идиотско светилиште на еден малоумен изгубен народ.

Што пак ме враќа на мислата дека ние отсекогаш повеќе сме живееле во историјата отколку во сегашноста. Иако денес сме се вратиле многу, многу назад, можеби дури до времето Јура, што ќе рече повеќе од двесте милиони години во минатото. Или, за оние кои повеќе обичаат филмски метафори, во времето на познатиот „Парк Јура“ ! За (моја) жал, компарацијава не е моја, на еден пријател е, ама греота е да не се искористи. Зашто – сликовита е, точна е, сочна, животна. Дозволувам дека тоа е можеби само мое чувство, иако не е, сигурен сум, ама ние навистина почнуваме и амбиентално и психолошки да наликуваме на „Паркот Јура“ и сите оние негови праисториски жители, на еден целосно закатанчен некомпатибилен систем / амбиент со дваесетипрвиот век, на некаков историски себедоволен реликт апсолутно таинствен и речиси невозможен за разбирање. За другите, секако. А ние си се разбираме, „функционираме“, како впрочем и животинките во филмот на Спилберг. Инаку, и оној Isla Nublar, каде што е сместен измислениот „парк“, е чиста фикција, каква што впрочем е и оваа наша фантазмагорична FYROМакедоња во очите на светот, со нејзиниот „спор“ за името, со нашите историски специфики непојмливи за современиот човек, со толеранцијата за онаа „мека“ децениска профашистичка диктатура се’ уште неосудена од новата стварност на „островчево“, со сите наши актуелни глупости неспоиви со идејата за цивилизиран народ во втората деценија на дваесетипрвиот век.

Овој македонски Jurassic Park демонстрира речиси идентични или многу слични реалности како и оние филмските, особено во политиката, културата, образованието, науката, здравството … каде што владеат крвожедните t-rex (партиски, етнички, еснафски) банди што го тероризираат милјето, секој своето, се разбира, каде што, од друга страна, стада миловидни и милозвучни тревопасни диносаури шетаат низ зелените пространства несвесни за стапиците и опасностите што ги демнат, каде што силата (разбрана политички, етнички, економски)  секогаш била / е’ пред умот, каде се’ е можно и ништо не е остварливо ако е во рамките на некаков нормален, реален свет. За разлика од оној филмскион, нашиов „Парк“ веќе не е ни еколошки туку е до зла бога загаден од се’ и сешто, иако надлежните не’ убедуваат дека горењето дрва (кај не повеќе од 5% од жителите на Скопје) е изворот на оваа убиствена полуција, а не застарената „технологија“, немањето филтри, оние десетици диви депонии, стоте илјади „олдтајмери“ и автобуси токму од времето на Јура по улиците на главниот град итн. Целата стварност ни е на ниво на филм, само што не го режира Спилберг туку секакви примитивни маалски локални и национални будали кои од мали замислувале токму таков свет во кој што тие ќе бидат предаторот што ќе го тероризира комшилукот. Но затоа токму нашите филмови се (споредбено со бројот на жителите и финансиските можности на државата) поскапи и од оние на славниот режисер; нашите институции креираат свои виртуелни реалности во кои што имаат посета од дури десетици илјади посетители иако фактичкиот број на продадените билети е стопати помал; во македонската култура и модните „креатори“ се самостојни уметници (не знаеме само кога тоа ќе станат и берберине и чевларине!); кај нас професори по филозофија одлучуваат за споменици а сликари предаваат филозофија, оперски певци и театарски актери во слободно време се бават со државни удари а политичари смислуваат музеи и плоштади; оперски певици со инстант национална етикета од илјада евра месечно се плачат пред странски новинари како уште да се во времето на железните завеси … Ние дури имаме и радио-аукции на „уметнички дела“! И тоа со оној Кривиќ. Мислам, алооо, во кој тоа век живееме?

Далеку сме ние и од Ѓобекли Тепе и од секаков современ тип на цивилизација. Нашиот „FYROM Парк Јура“ е еднакво нестварна творба како и филмскиот Jurassic Park зашто е во некоја недефинирана тунгузија вон редовните европски дестинации, каде се’ е доволно реликтозно и мистериозно но и недоволно пролуфтирано од разноразни бараби со (божем) национални чувства. Но сепак, ќе не’ откопаат еден ден, токму како и Ѓобекли Тепе или Jurassic Park, белки и за нас ќе светне ден без (пра)историја и предатори! Или нема?

ИСТОРИСКИ СУДИР

На втора мисла, жално е сето ова што ни/им се случува. Многу жално. Мислам на оние оперски и други „културни“ певци, глумци и остала братија во притвори – затворски или домашни сеедно – кои глумеа патриоти, па на оние кои сега се преоблекуваат за да се солидаризараат со нив (иако, всушност, тоа не им е потребно зашто на челата им пишува кои се и што се!), но и на оние една-две директорки потенцијално обвинети за криминал(и) (или злоупотреба на службена должност, кажано нагалено!), а за некоја ситна сума во споредба со шлеперите пари однесени од културата. Добро, упатените велат дека „ќе падне“ и уште некој чувар, хигиеничарка или архиварка, односно таквите ќе одат јабана за сметка на крупните ѕверки кои, сега засега, остануваат скриени во еснафско партиските дувла и гледаат сеир. Иако, сигурен сум, и нивниот страв е реален, секако, подеднакво како и кај оние другине кои така здушно, дури жестоко, застануваа на говорницата на тврдокорните, дневно подбуцнувајќи ја толпата за конечниот крвав пир на 27 април. Жално е што такви луѓе, на еден или на друг начин биле или се дел од оваа македонската култура, со нивен поголем или помал придонес во нејзиниот развој, ама биле дел и од една онаква црна, злосторнички инструирана и убиствено криминална културна „политика“. Но, многумина од нив – велат: со право – се надеваат дека потрагата по злосторниците тука и ќе запре, ќе се застане на тие неколку „случаи“ како пример за другите. Можеби, иако тоа никого нема да излаже, уште помалку да амнестира. Како што не амнестира, уште помалку залажува и ова сегашново демек намерно преоблекување и идентификување со баграта. Некои злосторства едноставно – не застаруваат! Не само правно, туку и реално, животно, во меморијата на луѓето, во помнењето на македонската култура. Така што ние денес – или само тие – (ќе) можеме да глумиме дека сме ги заборавиле оние ороводци, па оние трагачи по злато, оние Александрови „вљубеници“ кои демек од патриотски побуди го следеа со државни пари секој негов историски чекор, не’ уверуваа дека му се на трагата, еден дури ни велеше дека на Аце Велики не му требал пашапорт да ја преминува границата. Тие истите градеа врз археолошки локалитети – ене им го цел Плаошник на показ, па Скопското кале но и сите други локалитети, други пак го ораа светот со државни пари и дневници во потрага по „стручни“ лични возбуди, трети стануваа национални продуценти и режисери со летни курсеви и полупразни глави, четврти израснаа во локални полуписмени културни шерифи кои се’ уште седат на директорските места. А ние ги толерираме. Да се чудиш!

Некои сакаа(т) тоа да го сведат на инцидент. Ама луѓе – инцидент не трае десет години! Ниту нешто кај она барабине беше случајно. Сите тие беа специјално бирани за извршување на одделни задачи во културата. И – ги извршуваа, без да трепнат, без да зуцнат. И сега ќе ни изигруваат мамини мази, културни галеничиња, пак истите ќе пеат по плоштадите, пак истите ќе се редат во редот за национални и локални проекти, па дури и за државни награди? И ќе се сокријат зад две обвинети сукњи? И културата ќе рече: па добро, доста беше, се прочистивме?!

Та зарем „Скопје 2014“ се самоизгради, како што некои денес сакаат во тоа да не’ убедат? Кој ги проектираше, кој ги градеше тие „згради“, тие „споменици“, низ кои и какви комисии поминуваа, кој потпишуваше во „државно“ име? Јас, вие? Или – тие: архитекти и градежници, философи и уметници, министри и заменици …? И каде отидоа толку пари? Кај мене, кај вас?

„Ние имаме судир на злосторничкото, митоманско и неуко општество, со цивилизацијата“, „судир на примитивците со демократите“, напиша неодамна Александар Цветковски[1]. Историски, епоален судир, би додал. И тоа, засега, е најточната дефиниција на македонските состојби во изминатава деценија. Но и денес, зашто состојбите не се битно променети. Примитивците се се’ уште тука, околу нас, во администрацијата – која што немало да се чепка! – во културните институции – каде исто така немало да има отпуштања, истите примитивци се се’ уште дури и на раководни места. Веќе утре притаените мотомани пак ќе тргнат во потрага по гробот на Ацета, другине полуписмени ќе најдат друг Плаошник да го ораат и да градат врз него, неукине од Управата за разнебитување на културното наследство ќе им издаваат нови дозволи и одобренија, ќе им даваат и нови пари, архитектине и другине пришипетљи ќе смислуваат нови циклуси „проекти“ ако не им се одземат лиценците … И културата уште ќе молчи, или ќе гледа сеир, па дури нема да и’ пречи ни фактот што веќе сите, цел свет ги сместува во истиот кош со тие, ги гледаат како обични криминалци?

[1] Александар Цветковски, Македонско-македонски судир?, Плусинфо, 01 декември 2017

ПРЕСВРТ, ИЛИ …?

Дали се навестува некаква нова македонска (културна) стварност со неодамнешниот „протест“ на филмските професионалци? Можеби, зашто секој протест, па и ваков, е показател на некои нови односи, поинакви размислувања, дури и иницијативи, или обид, како сакате, за одговорно вклучување во разрешувањето на децениските проблеми во македонската култура. Иако, признавам, не верував дека токму филмаџиите ќе бидат тие што ќе го кршат мразот на наталоженото „незадоволство“ или, подобро речено, на жалта за минатите добри (и богати!) времиња. Е сега, некои зборови ги ставам во наводници („протест“, „незадоволство“ и сл.) зашто пројавеното и не е баш некоја добра илустрација за поимите односно нивните основни значења. На пример, „протестот“ и не беше некој протест заради кратењата во филмскиот буџет, зашто барем половината од присутните имат однапред обезбедена работа за две-три години. Платена со наши пари, а ветени од пуфлана која глумеше министерка. Или, ако сакате, кога на тој „протест“ ќе ја видите и едната од дуото рифеншталки – демек еве и тие се бунат – се’ ви станува (по)јасно! Тоа некако му доаѓа исто како кога онаа тв шмизлана која милува узди му се потсмева на македонскиот клиентелизам.

Но, ова не значи дека немам почит кон „протестот“ на филмаџиите. Напротив. Иако, велам, очекував некој друг да го крши мразот. На пример, ликовните уметници – инаку заспани како локални дремливи трнорушки во децениски зимски сон – или можеби писателите, (не само) апропо последените циркузантски делења на светоклиментовите награди туку и заради сите нивни клиентелистички „колеги“ – од библиотекарон академик па надолу – кои така помпезно го извалкаа поимот писател во македонската култура … Но, повторно, филмаџиите изненадија, пријатно, се разбира, особено и заради самокритичката интонација на „протестот“. Велат: „помеѓу делата кои ги создаваме има катастрофални промашувања“, „меѓу нас, за жал, има и залутани поединци и нечесни профитери“ итн. Тоа не е лесно да се признае. Но – значајно е! Зашто само така може да се тргне напред. А тие очигледно тоа го сакаат. Прашањето е дали само преку еден „протест“ може да се измие сиот гнилеж наталожен во македонскиот филм?

Од друга страна, дали „протестот“ ќе се случеше ако нештата продолжеа по старо односно ако буџетот за филм останеше на рамништето на претходните години? Веројатно – не. И тоа е најголемиот проблем не само на македонскиот филм туку и на целата македонска култура. Ако некој сака да го види, се разбира. Некој ќе рече: мирот во македонската култура секогаш бил купуван со пари! И ќе биде во право, нормално. Ние не ги решаваме проблемите, ние ги (от)купуваме. Со пари – буџетски, односно народни. Вети повеќе пари и сите проблеми се решени. Филмаџиите не седнаа, како што впрочем доликува на една сериозна „фела“, целосно и професионално да ја разврзат приказната околу сите скандалозни „творби“ финансирани со државни пари а во партиски интереси, почнувајќи од разноразни александри и самоили, денови со или без име и слични идиотизми. Тоа впрочем (се’ уште) не го направи никој во македонската култура! (Освен, делумно, Министерството за култура!). Никој, а најмалку професионалните асоцијации или најважните македонски културни институции, не излезе во јавноста со прецизни показатели за сите криминали, узурпации и злоуптреби што ни се случуваа во културата во изминатата деценија. Та зарем злосторничкана банда самата ги правеше сите злодела во културата: во заштитата на културното наследство со пишење и бришење на заштитеното наследство, со градење на оној галиматијас на Плаошник но и во Скопје, со идиотштинине на скопското Кале … та зарем само во Охридскиот завод имало криминал … а во Управата за заштита не …?; во филмот, со сите оние преплатени „сценарија“ за наводни историски теми и личности, или за онаа демек мамутска серија (за која што сепак некој ќе одговара, ама благодарејќи само и исклучиво на нечии лични напори!); или во издаваштвото за сите оние стотици томови што сега скапуваат по разноразни магацини а беа одобрувани од библиотекарон кој за тоа беше промовиран во академик, но и од многумина други „еминентни“ писатели / професори, дополнително наградувани и со сите можни државни награди; па во театарот, почнувајќи со оној несреќен „нов“ објект за кој што (се’ уште) никој не одговара, ама заборавајќи ги и сите скапи „премиери“, па нововработени „глумци“, па самоволно зголемени плати …; во музеите со сите идиотски „поставки“ и криминални директори, со сите оние партиски кадри кои со години не одеа на работа а земаа плата, и се’ уште се таму а компањоните ги кријат дури и по повикот од Владата …? Зарем немаат ни професионалните асоцијации ништо да кажат за неколкугодишното бесрамно расфрлање со буџетски средства на име на божемно „откупување“ на слики, скулптури, нарачување сценарија, музички композиции и секакво друго „творечко“ ѓубре? Ќе почне ли културата самата да „се чисти“ и отсрамува одвнатре, наместо тоа во нејзино име да го прави политиката? Или македонската култура се’ уште мисли дека сите оние пари изнапикани по џебовите и сметките се – заслужени? И треба да се побуни само ако некој чепне во нив? Како и да е’, можеби пресвртов со филмаџииве најавува некаква возбудлива зима?

СПОРЕД ТЕНЏЕРЧЕТО – КАПАЧЕТО!

Нашата стварност се’ уште е онаа од типот на „Лоша клима, ладно е, луѓето настинуваат …“, како што вели оној алуминизираниот „интелектуален“ ветеран на бившата банда, или дека „Алијанса и Беса веќе почнаа да размислуваат да прават коалиција со ВМРО-ДПМНЕ …“, според другион (божем) вистински ветеран на бандата, додека пак еден трет, за кого навистина не се знае што е и кого го глуми, вели дека за тероризмот на 27 април се приведени 36 лица, што ќе речело (демек) исто колку и бројот на приведените за „Диво насеље“ … И сега, навистина како човек да знае што сакаат да кажат луѓево односно можно ли е нормален современ човек, па и во оваа ненормална Македоња (што би рекол Грчев) да се бави со вакви „стварности“, со будалаштини од вакви димензии? Ама може, ги има и такви, како и во секоја друга средина, само што кај нас се множат пута 100. Море пута 1000! И затоа што секогаш има некој кој ќе им стави микрофон пред уста. А овие зависни од тоа нештото – толку бива. И збори, и збори … а кленови слушаат, и голтаат.

Како и да е’, ако погоре цитиранине не ги разбирам – што секако е мој проблем – ја разбирам „мислата“ и „поентата“, или философијата, како сакате, на еден друг компањон од редовите на нивната фела, оној кој што милува да говори во метафори: за тенџерчињата и капачињата. Онака, по актерски. Мислам, видете, тоа е толку македонски, и токму македонски, ова за тенџерчињата, зашто ние сме во суштина гладна нација и се’ гледаме преку и низ стомакот. Ако помине таму – минува секаде. И мислам дека така мораме да ја посматраме и толкуваме и нашата историја. Каква-таква, наша е, ама мора да го најдеме вистинскиот клуч. А тоа е стомакот, или тенџерчето, како сакате. Зашто, ако нема тенџерче, ќе нема ни капаче, а тогаш ќе нема ни стомак зашто стомакот зависи од тенџерчето, па тенџерчето од капачето … па до сто и едно, и назад. Иако, како што се гледа, многумина, па и цела една „партија“, дури најнационална, испаѓа дека зависела од едно капаче. Какво – такво, ама капаче. И размислувала со стомакот, преку џебот.

Елем, мудрецов вели за неговиот шеф и едновремено шеф на сите капачиња и тенџерчиња во Македоња: „Да не беше таква неговата црта на карактерот (он имал карактер! м.з.) денеска тврдам и гарантирам со сета своја чест (а овој имал чест! м.з.) дека оваа земја ќе се викаше Република Тенџере, ФИРОМ или северна е мила мајка“. Уууу, јеботе, каква ненадмината мудрост, како од записите од времето на Тајната книга! И понатаму: „Република Тенџере ќе не натераа да ја викаме и тоа без капак, оти ако има капак има димензија, ќе го ливелираш ќе го подотвориш ќе го подзатвориш ќе курдисаш некоја манџа. Ама без капак како ќе излезе така ќе го јадеш“, кажува „актерот“. И ова, се разбира, задира не само во философските (а според мене и во историските) димензии на постоењето на Големиот Македонец како таков, туку и во онаа банална ама важна работа која што се нарекува кулинарска вештина, или – готвење. Некој поумен би рекол дека готвењето и историјата не се далеку едно од друго зашто историјата не е ништо повеќе од една голема готвачка мајсторија, ама јас не би навлегувал толку длабоко. А сепак, не знам дали некој така умно ги открил и така пластично ги опишал врските помеѓу тенџерото и капакот, па сето тоа го нивелирал на рамништето на цела една држава, нејзиното име, нејзиното постоење. Токму во стилот на еден философско-историски калпазан капак!

Како и да е’, овој тип на философија ми се виде како некаква парадигма на македонските современи, но и не толку современи ситуации. Сведени, се разбира, на тенџер(ч)е и соодветно капаче. На пример, која е, и каква е таа потреба кај луѓето самите да се пикаат во разноразни тенџерчиња и да се покриваат со капачиња? Па нека се и „национални“, партиски, „патриотски“ тенџериња со историски димензии? Односно, ако малку ја прошириме тезата, дали ние навистина цела една деценија, и повеќе, живеевме во тенџер(ч)ето склепано од една група злосторници, цврсто притиснати со подеднакво недокваканото капаче као нивни капо, а кое (ни) се поистоветуваше со целата држава, со сиот народ збран во него односно под него? И зарем е можно тоа рѓосано, излупено, недоквакано тенекиено капаче кое што така цврсто ја држеше оваа земја во својата замислена рецептура веќе да им недостасува на луѓето, да им фали вкусот на онаа негова отровно блуткава манџа зготвена како наша стварност на притисоци и репресија, на закани и депресија, на апсења и прогони, на диктатура на злото врз цела една држава? Можно е, очигледно, некои да се по природа свикнати да живеат во тенџерчиња покриени со такви тенекиени капачиња. И згора на тоа истото да го препорачуваат како лек за сите наши проблеми.

Таа, таква и на неа слични „национални“ манџи зготвени според рецептурите на едикоиси, а од леснорасипливи или веќе во стартот засмрдени продукти треба дефинитивно да си го најдат патот до најблиската канализација. Таму им е местото. Или да останат покриени – онака цврсто, силно, херметички – со некој нов капак што добро ќе пасува за да не шират реа. И потоа нека се крчкаат во сопствената саламура. Зашто ништо полошо од расипана, усмрдена манџа. Ти ја засмрдува куќата! А нашана беше веќе во стартот појдена.

НОВА СТВАРНОСТ

Не знам дали завршија сите државни награди за годинава. Веројатно, освен ако нема и некоја новогодишна. И белки сите што требаше – ги добија. Или не? Има уште уште за делење, старине одбори, сосе академицине на чело, уште ќе не’ нервираат, ќе не’ јадосуваат, ќе „подметнуваат кукавички јајца“ (што би рекол еден драг пријател), постојано ќе ни го враќаат филмот на ликовите на секакви протуви што маршираа(т) низ македонската стварност изминативе единаесет години. Како во loop! И уште ли има академици кои не биле претседатели на тие одбори, кои доаѓаат со готови списоци на добитници во џепчињата? Па дајте и нив нека ги сместат, доста ни е од библиотекарон, па од правников, па и од сите други беспослени но и безрбетни арамолебци, да ги поминеме и другите за година-две па да бидеме раат. И зарем уште не ги добија сите посакувани награди овие разноразни пезевенковци и илинденки? Па цела деценија се самонаградуваат, дури и за успесите / резултатите од времето кога оделе во забавиште! И зарем не знаат дека Министерството ги укина оние вмронски (квази)национални пензии и останати привилегии на кои што овие клиенти се беа намерачиле? Што би рекол Тричковски, „ако се наградите знак за вредносната ориентација на општеството, тогаш може да се каже дека Македонија оди у курац“! Ако веќе не е отидена, со карта во еден правец. Којзнае дали има повратна?

Сегашниов климентовец – што ли пак тој светец ни има згрешено па да го туткаме во сечии нечесни раце – не’ подучува од свечената говорница: „без филм, филмска критика и филмологија, без драма, театар, проза, без музика, без историја нема стварност“. Поетски, нема што. И можеби автобиографски, зашто тој е од се’ по малку. И тие сите (а веројатно и оние претходнине славодобитници наназад десет години, зашто тие си одат на куп, како што треба) да ти биле вградени во нашава стварност. Како плакари – цврсти, стамени и во сите бои. Со доминантната црвено-црна, националната. (Иако бојата е всушност лесно менлива, по потреба!). А така и беше. Тие де факто беа вградени во сите пори на бившиот режим, до даска. И затоа, впрочем, беа и наградувани, по сите основи. Добија се’ што може овде да се добие. Треба уште? Веројатно, таквиот тип клиенти никогаш не знае за доста. Сега, велат, голем дел од нив пишуваат писма на сите страни, особено до премиерот, и се претставуваат како жртви. Па која жртва била толку наградувана од нејзините џелати, слепци ниедни? И кој режим така ги наградува жртвите? На сите годишни конкурси, со сите државни награди, со откупи вакви и онакви?! И нашата стварност навистина беше окупирана од вас, сите до еден, искокнувавте како зомби од секое ќоше, зад секое вратиче, солевте памет, грабавте се’ што може(в)те и што ќе стигне(в)те. Па има ли доста од вас? Ќе не’ одморите ли барем малку од вашата бандитска, клиентелистичка, поданичка стварност? Онаа во која што вие, и само вие бевте писатели, сценаристи, драматурзи, театарџии, филмолози и секакви други „ели“, „урзи“, „ози“ и „исти“ … токму сите – исти?! Онаа стварност во која што сите си личевте ко јајце на јајце, со толкави шепи и уште поголеми усти, со незаситни стомаци и џебови без дно? Еве сега ги лапнавте и овие награди, сити ли сте, конечно?

Нам дефинитивно ни треба нова стварност. Поинаква, различна од вчерашната, па и денешнава, шарена како што и започна па некаде попат боите почнаа да и’ бледнеат. А овие барабиве тоа и чекаа(т). Токму тоа е планот, затоа се и писмата, потсетувањата дека се уште тука. Играат на трпение, на кондиција – а тие ја имаат, проверено – на паметниот попушта. И доста ние се правевме паметни па попуштавме! Можеби Груевски навистина е минато, ама овие се се’ уште наша сегашност. И тоа наградена, со државни почести! За што, за тоа што се беа „вградиле“ во режимот кој што не’ гушеше цела деценија?

Е, и мириса, навистина мириса, да не речам – смрди. Труе насекаде околу нив – токму како од веце школка – просто не знам како луѓено им одат на честитање. Од куртоазија ли, по службена должност ли, што ли? Ама мириса, корне, ако сакате, и околу оние кои ги наградуваат, сите оние божем академици кои исполнуваа режимски наредби не само за тоа кој и кога ќе биде награден туку и многу пострашни.

Оттука, пред новата стварност стои голем предизвик. Прво да не’ куртули од ваквата смрдеа, ако треба и со нови награди, на истите, по стоти пат, само нека си одат, а потоа со повеќе ум и достоинство, доблест и морал. Си ја должиме таа нова стварност!

КОРЕКТИВИ

Ех, кога сето ова, односно таканаречениот современ македонски хуманизам би можел да се сведе само на куриозитетно малоумните инциденти од типот на „актерине“ од МНТ, дикоглавите (Геровски), на фалсификаторине на лекови и остала „хумана“ багра, односно кога тоа би биле само муабети уз кафе во некое саботно пладне. Не се сомневам – веќе не’ има секакви – дека некој можеби така и ќе (сака да) ги види: како изолирани мини скандалчиња, како детска игра, непромислено однесување на безобразни актерчиња, правничиња, фармацевтчиња, иако сето ова и не е така „мини“, ниту е пак изолирано. Иако, според реакциите, тие се сепак малцинство. И секогаш биле, освен на изборите фалсификувани од бандитине! Но, мислам дека таквите „хумани инцидентчиња“ нема да застанат тука, ќе ги има уште, допрва. Зошто? Па затоа што пипците на заробената држава се долги, сеприсутни, се’ уште активни. Ако тоа не го гледаме тогаш сме слепи. Или барем ќорави. А видливо е од километри! А богами добиваат и достојни следбеници. Оние кои Милчин (со право) ги посочува како „рецидивисти“ но и како „братство по оружје“. А Кристијан Ристевски, во еден негов парадигматичен текст на „Окно“ („Парапетче околу нормалноста“), меѓу рецидивите кај нас ја сместува и целата култура и уметност. И не греши, никако!

И сега јас можам да почнам со (по којзнае кој пат повторените) тези за системските инсталации на бившиот режим во културата но и во целото општество односно со нивните рецидиви оставени во (нај)важните институции, со нивните „инвестиции“ распоредени на стратешки места, со тромавото справување со таквото „наследство“, дури и со евидентно прикривање на одделни ороводци. Што добиваме со тоа? И државата, односно системот глуми некаков хуманизам во новата македонска ренесанса? Хуманизмот и ренесансата не одат задолжително во пар, како што вели историјата. Тие можат и да се раздвојат, особено денес, зашто поминале многу векови од историскиот поим. Поточно, постои и хуманизам без ренесанса, како што постои и ренесанса без хуманизам. (Особено во услови кога барем еден поим – оној за хуманизмот – е лажен, ништовен, фалшивен!). Како така? Па така што треба да се направи разлика кон кого сакаме да бидеме хумани: кон бившите и/или кон сегашните клиенти, или пак кон остатокот од граѓанството? Кон оние/овие кои упорно климаат со главите или кон оние кои нештата сепак ги гледаат и критички а не само повладувачки?! Не верувам дека постоело, или дека постои, општество што може да ги задоволи обете страни. И впрочем, барем јас не сум подготвен да ги гледам како две страни, зашто едната – онаа бившосегашна клиентелистичка – никако не може, не смее да биде рамноправна страна. Иако се обидува, со сите сили, влегува „под кожа“ таму каде што треба и каде што може. Но таа, повторно, е страната на мракобесието, страната што влече назад во безумието на коруптивната држава. Зошто тогаш таква благонаклонетост кон нејзините протагонисти, таква лажна хуманост кон клиентите од сите бои, а особено кон оние од минатиот режим но и новоиспилениве? Каква полза воопшто може да има новиот систем од „рецидивите и рецидивистите“ освен на црв во кошница зрели јаболка? А тој црв работи, сериозно … И колку такви се’ уште ги има во самото срце на системот? И кои се тие работи што можат квалитетно да ги сработат токму оние кои така послушно ги следеа наредбите на бившиот режим, без поговор и/или приговор?

Македонското општество, сигурен сум, веќе никогаш не може да се врати во предшарената состојба односно во оние темни времиња на плашлива молчаливост, свиена кичма, уплав и депресивност. Впрочем – каков парадокс! – за тоа сведочат и оние стотина будали кои секојдневно се собираат божем во протест против притворот на пучистите. Шарената гласност дури и ним им ги осоколи гласните жици па врескаат ли врескаат. Главно глупости, нормално, ама и ним очигледно им се допадна новостекнатата слобода на говорот. Веќе утре тие (ќе) можат да викаат и против своите.

Оттука, јавната и критичката мисла не е непријателот на оваа власт и оваа држава. Таа беше тоа за минатата ненародна, профашистичка власт. За оваа може да биде само добронамерен коректив, каков што всушност и треба да биде кон една демократска јавност. Тоа што (навидум) сериозни поединци, како оние дикоглавине, тоа не можат или не сакаат да го разберат, тоа е сепак само нивни проблем. И таа јавност ќе функционира, во медиумите, но и на социјалните мрежи и секаде каде што ќе најде за потребно. Тоа е неповратен процес! Иако секогаш ќе има ловци во матно, затскриени зад нивната божемна стручност, но многу повеќе зад партијноста, зад врските, зад клиентелизмот. Но, не е баш дека Македонија е навикната на корупција, како што некои сакаат да ни подметнат. Или, ако сакате, како што има навика – има и одвика. И тоа оди малку потешко, ама функционира. А во тој процес токму јавноста – новата јавност! – во сите нејзини облици и манифестации, е главниот нејзин коректив. А во таа нова јавност го гледам и присуството на луѓе од „власта“ на протестите против Казандол. И тоа е, можеби, нашата идна верба, некоја наша нова стварност, за утре, и понатаму!

ХУМАНОСТ

Нашата хуманост нема граници. Како впрочем и нашиот патриотизам, искажан на различни, најчесто и криминални начини. Докажано, од повеќе страни, меѓу кои што најактуелни се барем две: откажувањето на претставата во МНТ – пред полна сала – заради „хумани“ причини, и враќањето на парите од страна на членовите на ДИК, повторно во хумани цели. Државава врие од хуманост, иако согледана од сосема искривена (да не употребам друг, посилен збор) диоптрија. Иако во целото замешателство околу „хуманоста“ секако можат да се вбројат и протестите на оние стотина „хуманисти“ контра одлуките на Кривичниот суд за притвор на ороводците на крвавиот пир до 27 април. Какви изблици на хуманизам во новава македонска ренесанса! Ако пак се покажат точни и наводите за фалсификуваните лекови на македонскиот здравствен пазар, тоа ќе биде и наш современ прилог во новите облици на хуманизам во светот!!!

Театарскиот „хуманизам“, но не единствено тој, е само првиот чин, или воведот, во трагедијата. Современа, секако. Античките немале таков (комичен) расплет. Нашиов, македонскиов, можеби изгледа најболен, ама не е. Уште поболни, барем мене, ми изгледаат обидите за „објаснување“ на необјаснивото од страна на поединци-учесници или пак молчењето на другите, повеќемината „хумани протестирачи“, според системот „што сакате мислете ние го сторивме своето“. И едното и другото е најблаго речено смешно. И трагично, се разбира. Но, затоа и вредеше да се почекаат токму таквите реакции, за да се види до каде може да оди објаснувањето, или искривувањето, како сакате, на „хуманоста“. И ги има, секако, реациите. На пример оној глумецон. Демек, тоа била „хумана рекација“, вели дотичниот. Ќе си речете дека тие ја откажале претставата заради сиромаштијата во земјава, заради бездомниците, заради фалсификуваните лекови можеби … а за што имаа стотици прилики во минатото, па и денес. Или, на пример, дека протестираат заради прокиснувањето на “новиот“ театар, со кој што ги честеше пуфлана.  Ама не, нивната „хуманост“ не допира дотаму туку се сведувала на протест против одењето на еден нивни колега во (заслужен) затворски притвор! Види богати, а домашниот притвор не им правеше проблем – беше хуман? А другите што се во затворски притвор? Ни тоа не им е проблем, ама зошто баш оној, нивниот? Та нели само носел вода? Е па изгледа не било само така, ама овие би сакале да е само така, па протестирале. И детево со тоа се фали токму на Фејсбук, ни мање ни више. До каде стаса македонската театарска  „хуманост“!

Или „објаснувањето“ на ДИК-овци: ќе ги донирале парите – инаку правично и според закон земени – во хуманитарни цели! Аман бе, а да не бевте фатени, што ќе се случеше со хуманитарните цели? Ќе му ги закачевте на опаш на мачорот, нели, сосе ваша „хумамност“? А пак, ако веќе се’ е по закон и по пропис – зошто ги враќате? Само заради хуманост и заради тоа што г-дин Бејли ви врза дебела шамарчина? Па човекот е сепак само амбасадор и тој не ги разбира докрај „македонцките работи“. Или, сепак – ги разбира, дури и повеќе отколку што мислиме? Ама и кај ДИК-овците гледаме само поединечни одгласи, главно смешни, пробутелски, што би рекле, и на линија со оние на театарџиине, иако овие, наводно, би требало да бидат многу посериозни. И поиздржани. Таква им е природата на работата, иако некои од нив, да не речам сите, се чиста спротивност на тоа. (Ако во случајов ја издвоите само Силванева, ќе направите голема грешка. Жената си е на место, money oriented, и тоа не го крие со некаков хуманизам). Ама такви се какви што се, односно – никакви, чисти хуманитарни лепешки кои сега сакаат да се сокријат зад такви проѕирни гестови!

И тогаш, кој ќе може / смее утре да им го одрече правото и на оние кои ќе бидат обвинети за фалсификуваните лекови да станат и да речат: да, го правевме тоа, ама од – хумани причини! Инаку, да не беше така, тие лекови ќе беа прескапи за македонскиот сиромашен граѓанин и не ќе можеа да стасаат до тие на кои им се најпотребни. Вака, со фалсификат но и со пониска цена, тие се достапни за сите. Е не лечат – е па не можат да лечат, зашто се фалсификат. Како што впрочем имало и фалсификат претстава – односно ја немало, како што впрочем и хуманоста на ДИК-овци е фалсификат тоест ја нема. Ама затоа нас не’ има. Ние вообичаено блееме на најновите „хуманистички“ рецепти на македонската ренесанса и на нив гледаме како на нови детски болести. Но не ќе е така, односно така никако нема да биде зашто овие детски болести се по правило врло веома заразни, епидемични што би се рекло. И мора да се лечат веќе во самиот зачеток. Радикално!

ПАПА ШТРУМФ И КАБИНЕТСКИТЕ ШУТРАЦИ

Лично немам ама баш ништо против духовитите карикатури што „Слободен печат“ речиси редовно ги објавува на насловните страници, ама постојано ми остануваше тајна зошто повеќе не се користи фотографијата за таа намена. Зашто таа, фотографијата, е речиси незаменлив медиум токму за такви ударни „пораки“, особено фотомонтажата – со силен акцент на оригиналните проблесоци на овој план на Дојранлиев – која што како техника е прсто „измислена“ за секојдневие како нашево. И токму последнава, онаа „спорната“ односно онаа што го предизвика бесот на штрумфчено од Водно, е типичен пример на навремена и најсоодветна реакција на актуелните дневни настани: видоизменететото односно „преработеното“ доделување на некаков си орден од страна на штрумфчето баш на оперскион певец, сега во затворски притвор, со соодветен фон, позадина што го смести каде што му е местото. Зашто, сакал(е) тој/тие или не, токму таа позадина е една од неговите заслуги за притворот, додека не се докаже спротивното или не му се налепи уште нешто, ако го има. И нашево секојдневие просто плаче за такви остри, цинични, симболични коментари тоест (авторски) упатувања на вистината односно вистинскиот поглед на настаните.

Што тука најде спорно штрумфчето односно некоја полуписмена будала од неговиот кабинет за да срочи онаква „реакција“, онакво аналфабетско плачење по честа и угледот на растението што во странство и по дома ни ја претставува држава како божем претседател? Нашле многу нешта, а меѓу другото будалата која ја составувала „реакцијата“ и будалата која ја одобрувала го виделе тој оригинален и автентичен насловен „третман“ како почеток на Volkischer Beobachter (!?), па на тоа накалемиле „рушење на угледот“ на растението, па „омаловажување и деградација“ на признанијата и одликувањата на истото, итн. Од збор до збор – ама ич не им се бендисало делото на Дојранлиев. Плус, тоа било „обид за создавање искривена перцепција во јавноста“! На што? На улогата на едниот и на другиот во настаните во позадината? Ма немој? Можеби е искривена перцепцијата во однос на нивните улоги во градењето на оваа држава, ама во разградувањето не е, воопшто! Дури напротив.

Се разбира, јас не сум адвокат на „Слободен печат“, ама кога во кабинетот на растениено навистина има такви будали – на чело со него, се разбира – кои овој весник можат да го споредат со спомнатиот „Народен набљудувач“ (едно од главните дневни гласила на Хитлеровата Нацистичка партија), тогаш со тоа треба да се позанимава и ЈО. А ние кои одвреме навреме се наоѓаме на неговите страници веројатно би можеле тоа да го решаваме со приватни тужби, а?! Па да го влечкаме лудакот по судници секој два-три дена, да не знае главата каде му е. Иако, сигурен сум, тоа и така не му бега. Ако не од нас, тогаш од процедурите на власта. А впрочем, и нему еднаш ќе му заврши мандатот, нели?!

Но, што е толку страшно во таа фотомонтажа на маестро Дојранлиев што толку го раздрма кабинетот на штрумфчето? Ставањето на ликот на растението во контекстот на настаните од 27 април? И што тука има чудно, или необично? Уште помалку – навредливо? Та зарем таа сподоба навистина мисли дека граѓаните на Македонија не се свесни за сите негови ролји во изминативе десет години, вклучително и таа? Или му запречи свастиката а на будалите околу него им даде шлагворт за споредбите со Volkischer Beobachter? Ебави тоа кабинетските шутраци кога не умеете да најдете подобар одговор туку одите на прва импресија, и тоа – утната до зла бога. И, впрочем, зарем орденот не му беше доделен на певецон само десетина дена по крвавиот пир во Собранието? Како награда – за што? Само за јубилејот на Македонската опера и балет? Па тој орден, да имаше некој паметен во кабинетот на растението, ќе му го врачеа на било кој друг, на првата хигиеничарка, а не на ороводачот на пирот! А сепак, што покажаа, или што докажаа со ваквата „реакција“ и кабинетот и растениено со специјални потреби? Го докажаа само она што и досега го знаевме и говоревме: дека не живеат во ова време и овој простор, дека се тотално неуки, апсолутно неспособни да ги разберат случувањата во државата, уште помалку се свесни за нивната улога во истите. Но, тие приказни ќе им ги раскажат некои други, во формата на обвиненија, се надевам во блиска иднина. Ако не повеќе, барем за вакви реакции имаа цели десет години за време на вистинската фашистичка стравовлада на злосторничката банда. Или тие тоа навистина го сметаа(т) за – народна власт?

Но, кога веќе сакаат да буричкаат по историјата, а не ги бидува, никако, тогаш да ги потсетам на извесен Хелмут Херцфелд, попознат како Џон Хартфилд, исто така Германец, берлински дадаист, човек кој меѓу првите во поновото време ја употреби фотомонтажата како силно политичко оружје. И тоа токму против нацизмот. Знам дека кабинетскине пацови на растението се тотални дунстери и за уметност, како впрочем и за се’ друго, ама нека ја отворат Википедија – зашто друго и не читаат – и ќе видат кој бил човекот. Хартфилд буквално ги побудалувал нацистите со неговите исмејувања на нивните водачи, нивните „политики“, нивниот антисемитизам. Неговите фотомонтажи не се едноставни шеги со слика и (евентуално) збор – како впрочем и оние на Дојранлиев – туку тоа се симболични, провокативни дела што допираат повеќе рамништа, со прецизно калкулирана организација на просторот, читливост но и понуда за дополнителни размислувања за темата. И заради тоа нацистичкиот погром, и прогон во 1933 година, го води прво во егзил во Чешка, па во Британија. И затоа тука, сега, и со полно право, ние можеме, и треба, да влечеме паралели со оваа „реакција“ на кабинетот како типична нацистичка СС реакција контра „Слободен печат“ / Героски / Дојранлиев. И тоа не е ништо ново за таа кабинетска банда и за растениено кое веќе непресметливо се расправа со се’ и сешто што му пречи. Такво беше впрочем и целото негово марионетско „претседателствување“, во сенка и по диктат на македонската варијанта на германскиот нацизам, како самопрогласен интелектуалец а всушност безрбетна балерина на навивање, една од најсмешните политички протуви во македонската историја!