Monthly Archives: June 2018

ПЕТА КОЛОНА

или

(САМО)ЗАРОБЕНА ДРЖАВА (2)

И ете, дури ни веќе претходно спомнатиот Прибе, иако кадарен рентгенски длабоко да го согледа „системот“ на заробената држава, не е доволно стручен, компетентен, умен да стане некаков (дури ни) надворешен, придружен, прикопчан или којзнае каков член на „нашана“ МАНУ. Ама сите оние безрбетни поданици, оние режимски слуги кои глас не пуштија цели дванаесет години контра злосторничкото здружение, е тие, и само тие, да ти биле кадарни за таа чест. И повторно некој нека каже дека тоа е нашата највисока, најкомпетентна, најдрагоцена институција во државата! Впрочем, навистина не знам зошто никој не размислува како да ја затвори таа ѕверка. Што уште треба да направат тие бесрамни старци кои што изиграа значајна улога во самозаробувањето на државата? (Апропо, и без навреда, но не чувствува ли никој во таа ману – малите букви се избрани заради нивната соодветност со моралот и угледот на институцијата – да објасни како тоа господата Боев и Калеши се поугледни за нивното внимание од еден Прибе?)

Како и да е’, прашање е колку навистина ќе бидат откриени и пофаќани сите конци и  марифетлуци на злосторничкото здружение кое што, со сесрдна помош на многу чинители – на пример петоколонашки ориентираното „граѓанството“, вклучувајќи ги (особено) и оние погоре спомнатите – ја (само)зароби државата. Еден дел од деталите како функционирале мафиозите изнесе и спец-обвинителката Јанева (на конференцијата насловена „Заробена држава – илустрирана преку случајот – изградба на проектот Скопје 2014“ во организација на Транспаренси интернешнл) во сегментот на овој јавен грабеж среде главниот град на државата. И тој „проект“, повторно и по којзнае кој пат, се покажува како извонредна илустрација на вкупното македонско самозаробување и тоталната неподготвеност, неорганизираност, неосвестеност, но и незаинтересираност на македонскиот граѓанин за неговите права, можности и „алатки“ за одбрана на интересите на државата и освојување односно зачувување на демократските процеси. Зашто, ако, можеби, не знаевме за провизиите и криминалот околу изградбата на автоделниците низ државава, ако не знаевме за она половинамилионско возило-тврдина на Овчарот и за уште милион други бандитизми на мафиозите, не можеме да кажеме дека бевме тотално слепи за сиот оној куплерај што го манифестираа Министерството за култура, Собранието на град Скопје, Општина „Центар“ и сите други директни и индиректни бараби вклучени во монструозното нагрдување на центарот на Скопје. Зашто, извинете, ама, ако ништо повеќе, барабиве секојдневно се фалеа со „постигнувањата“, со спомениците, со зградите, со галиите … ги снимаа и емитуваа нивните „дострели“ сите визуелни медиуми со (и без) национална концесија. И „граѓанството“, повторно – молчеше.

Затоа, можеби, овде е мигот да се дообјасни, ако навистина е потребно, а изгледа е’ потребно, употребата на зборот петоколонаши во контекстот на (само)заробената држава. Се разбира, овде не станува збор за вообичаеното, „чистото“ совпаѓање со изворната дефиниција на петата колона како помош главно на надворешен непријател, но сепак, ако се има предвид улогата на нашата пета колона, повеќе од очигледно е дека станува збор за исто. Имено, ако петтата колона, прво конспиративно а потоа и отворено, соработува / му помага на окупаторот во остварувањето на неговите непријателски цели, која е тогаш разликата со нашата ситуација? Ако огромен дел од (неосвестеното) граѓанство беше, на многу начини, соработник на злосторничкото здружение во неговата целосна окупација, дестабилизација и упропастување на државата, има ли навистина некаква разлика со изворната дефиниција? Дали само фактот што злосторничкото здружение не беше дојдено однадвор, туку на реверот носеше локална значка, менува многу? Никако, битен е процесот, и резултатите од истиот, а не финесите надвор-внатре! Така што, локалната македонска пета колона преку, прво, нејзиниот целосен молк и неинтервенција, а потоа и отворена и аплаудирачко избирачка поддршка, ја заврши истата работата како и познатите историски примери. И тоа беше многу битен елемент во себе-егзекуцијата односно самозаробувањето на државата зашто ниту еден окупатор, интерен или екстерен, не може да очекува успешна операција без внатрешна поддршка базирана на (пот)купливоста на петтата колона. А нашево криминално здружение „свиреше“ на многубројни тенки жици особено интересни за нашиве петоколонаши: лукративни, кариеристички, историско – идентитетски, локалпатриотски, одмазнички итн.

Понатаму, уште една битна ставка во сумирање на овој процес на самозаробување е одговорноста односно директното и индиректното (со пасивност!) учеството на граѓанството (со наводници) во разнебитувањето на државата, на демонтирањето на системот и неговите демократски институции. Зашто токму ниската односно никаква граѓанска свест можеше мирно да го следи целиот процес без око да му трепне, да ги гледа дури и случувањата како оној на „црниот понеделник“, после кој во институциите на системот не остана ни „д“ од демократија. Начинот и вехементноста на самозаробувањето на државата, впрочем, ни покажа, или докажа, како сакате, дека ние всушност и немаме граѓанска демократска свест во неговото вистинско (заападноевропско) значење. Ни потврди дека кај нас свеста за правата но и обврските на граѓанството во градењето на државата, но и во зачувувањето на демократските процеси, се на степен блиску до нулата. И тоа и понатаму, се’ уште, секојдневно го манифестираме.

(САМО)ЗАРОБЕНА ДРЖАВА (1)

Кога Прибе пред неколку години ни дошепна дека сме ништо друго туку заробена држава, како да добивме рамка во која што пасент ќе ја сместиме сликата на сиромашката Македонија вклештена во канџите на злосторничкото здружение илити локалната политмафија преоблечена во (на почетокот) ефтини костумчиња на државни функционери. Како што нивните костумчиња со време стануваа се’ поскапи и поскапи – иако, повторно, не ги личеше ни во нив, сељак е сепак, дури и во „Армани“ или „Бриони“, свикнат е на опинци – така и сликата за нивниот криминал стануваше се’ појасна. И како што дури и дадената рамка на заробената држава стануваше претесна за сите нивни бандитско профитерски криминални измислици, така истиот, криминалот, имено, нараснат до размери невидени за една современа „демократска“ држава со кандидатски ЕУ статус, полека почна да им се удира од главата. На крајот, се виде, односно се гледа, (ќе) им дојде до главата. Поточно, додека малкумина од нас се занимаваа со играчката што ни ја подари Прибе и се обидуваа – безуспешно, секако – да ја сместат нашате реалност во дадената рамка, димензиите на пљачкосувањето, на крадењето избори, на сомнителните сообраќајки и отворени убиства конечно го запали црвеното светло и кај меѓународната заедница како знак дека оваа држава и оваа „демократија“ самите не можат да се справат со бандата. И би тоа што би!

Но, дефиницијата на заробена држава уште долго остана односно (се’ уште) ќе ни биде легитимна играчка низ чии што лавиринти ќе го истражуваме опфатот на марифетлуците на криминалното здружение. Така впрочем и треба да биде, зашто Македонија во изминатите дванеаесетина години е навистина меѓународен егземплар, школски пример, лекција во учебник за тоа како се киднапира држава, како се корумпира државната администрација, како се криминализира општеството, како се крадат избори и се’ друго што ќе посакате само ако сте дел од власта. Ако не сте – тешко вам. Злосторничкото здружение смисли односно ги усоврши старите опробани (не само) балкански мафијашки методи, успешно користејќи ја сиромаштијата на народот, податливоста за корупција на партиите и политичарите, неукоста и необразованоста на „елитите“! Денес, со феноменот на заробената македонска држава се занимаваат повеќе надлежни државни органи, агенции, невладини организации и други. Прво заради утврдување на кривичната и друга одговорност на припадниците на криминалната банда маскирана во државни функционери, и второ заради утврдување на процедурите, постапките, механизмите, инструментите преку кои што бандата ја заробуваше државата. Низ овие процеси можеби ќе дојдеме до (речиси) главните точки на превратот, на ударот на бандата врз Уставот и законите на државата како некакво наше (можеби драгоцено) искуство и придонес во меѓународната политичка пракса. (Иако, македонскиот пример, всушност, не е нешто многу поразличен од нацистичките и фашистичките искуства од минатиот век – сепак без одделни драстични искуства, што и не е некоја утеха зашто геноцидот, логорите и сличните масовни злосторства сепак не можат така лесно да се сокријат во современиот технолошки свет! Но затоа ги применивме сите други механизми на дисциплинирање на минатовековните репресивни системи).

Она што е сосема ретко присутно во јавниот македонски збор за нашето неодамнешно повеќегодишно ретроградно искуство е рационалното и непристрасното појаснување на процедурите, практиките, формулациите поврзани со заробената држава, но третирани од аспектот на втората „инволвирана страна“ (С. Тасева). Имено, зборот ми е, веќе подолго време, дека криминалната банда не влезе во државава како некаква десантна единица преку една од македонските граници, па со вперено оружје да ја заробува државата и освојува власта туку тоа го изведе (навидум, барем во првиот мандат) сосема легално, на легитимни избори. И како им тргна … тоа траеше и траеше (повторно, се’ „легално“ и „легитимно“!). Сакам да кажам: оваа држава, ако беше заробена, беше заробена од домашни / локални „сили“ поткрепени од домашна / локална петта колона! Оттука, ние попрво можеме / треба да говориме за самозаробена држава – факт што никако не смее да се заборава и кој што битно влијае и на должината на „мандатот“ на заробеништвото, како впрочем и на самиот чин на ослободување (ако сметаме, нели, дека сме се ослободиле).

Можеби во оваа смисла на самозаробена држава сме вистински феномен во светот зашто, во некои слични историски примери во светот, тој тип на „домашно“ самозаробување одел главно преку употребата на воените односно вооружените сили, што кај нас не беше случај. Кај нас се’ одеше „чисто“, „мазно“, преку божемни избори, преку демократија, преку – народ! Е тој народ, тие македонски граѓани – подразбирајќи ги тука сите етникуми, без исклучоци – беа примарниот инструмент на самозаробувањето. Тие се онаа втора инволвирана страна, тие со нивното (не)однесување ја легитимираа и легализираа криминалната страна на заробувањето, односно – тие се самозаробија! И ако за тоа не беа целосно свесни на самиот почеток, кога им се чинеше дека бандата им гради демократска држава, тоа секако беше јасно веќе година-две по нивното устоличување. И не беше доцна уште тогаш да се тргнат од власта, да се детронизираат и фрлат каде што им е местото. И ќе си го доделам тоа право да потенцирам дека уште на самиот почеток, во 2008 година, кога стана јасно со кого и со што имаме работа, имаше цврсти и аргументирани гласови, вклучувајќи го тука и мојот, кои јавно опонираа и укажуваа на (веќе пројавената) природа на оваа власт, на нејзините амбиции и очигледно непријателски начин на владеење. За жал, тие гласови беа малубројни, а самозаробувањето земаше се’ поголем замаф, до пропорции на вистински режим и стравовлада. А потоа веќе беше доцна!

ΠΟΛΙΤΙΚΆ

Политиката, дури и во денешна смисла, односно осообено во денешна смисла, недвојбено е процес / активност кој(а) што суштествено влијае – позитивно и(ли) негативно – врз животите на поединецот, но и на цели народи. Но тоа отсекогаш било така, дури и пред античките Грци да го сковаат зборот πολιτικά во значењето на „работи на градовите“ – некогашните градови држави, подразбирајќи го во тој поим донесувањето одлуки, управувањето, операционализацијата на цел еден систем што го тангира животот на градот (тогаш) односно на државите (подоцна), а богами и судбината на светот и човештвото во денешната, современа смисла. Оттука, всушност, политиката – волно или „неволно“ – се наметнува(ла) како најважната активност на човекот уште од почетокот на цивилизацијата каква што ние ја разбираме, до денес. И тоа никој не може да и’ го оспори, колку и да се труди или да потсетува и на сите оние негативни страни на оваа активност која што, често, себеси сака да се нарекува и уметност или наука на владеењето (управувањето)! И колку и да некому му е одбивна, политиката управува со нас, на дневна, годишна, животна основа! Но, всушност, не ни е одбивна политиката per se, туку токму нејзината негативна страна – политикантството, „црната политика“, корупцијата и криминалот како нејзини пропратни „активности“ итн. Ама, зарем нив ги нема во другите човечки активности, та сега ќе плукаме само по политиката, и политичарите? Пресилно ли ќе е ако кажеме дека да не беше политиката човекот се’ уште немушто ќе седеше покрај племенскиот огон, досадувајќи се?

Македонската денешница е нагледен пример, малтене жив доказ за моќта на политиката. Како инаку ќе се разрешеше оној апсурден – со или без наводници, зависи од страната која што го проценува – спор за името? Со војна, можеби? И кој против кого? Александровите потомци против Александровите потомци, што ќе рече некаков современ „братоубиствен“ колеж? Зашто, ако се следат (еден дел од) реакциите на двете страни и полагањето на правото дека (само) едните или (само) другите се токму од Александар миропомазаните, тогаш зборот браќа, или барем братучеди, и не звучи така еретички, предавнички, непатриотски …? Или сепак некој би ме бесел заради таквата констатација? Како и да е’, победата на политиката во овој „спор“ е (уште еден) доказ за нејзината современа моќ. Но, од друга страна, овој „спор“ докрај ги разголи и сите нејзини лоши страни, особено неспособноста, некомпетентноста, глупоста и ирационалноста на голем дел (не само) од македонските политичари. Или, подобро речено – политиканти. Зашто, што се’ не слушнавме од нив: за Грците, за нас, за историјата, за политиката, за совремието … да те бог сачува! Македонската политика – зашто не сакам да говорам за соседските политики и политиканти – уште еднаш, јасно и гласно го покажа сето свое незнаење, немоќ за дијалог, својата регресивност и неверојатна етноцентрична самобендисаност. Неспособноста да се разбере и другиот, да се согледа прашањето / проблемот од сите аспекти и инсистирањето на некакви изживеани националистички тези што водат само и единствено во меѓународна изолација предолго, веќе речиси три децении ја држеа земјава во егоистичните мракобесни илузии на неуките и прости политиканти. Или, ако сакате, само игноранти и илитерати односно политиканти и мутикаши кои не ја познаваат ни грчката ниту македонската историја не можеа / не можат да ја согледаат комплексноста на спорот за името! Зашто, ако „Првата страна“ (Грција), во членот 7 точка 1 инсистира дека термините „Македонија“ и „македонски“ ја означуваат „… не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден“, таа (Првата страна) ни го повторува ноторниот факт пресликан и со илјадници години елабориран низ нивната историска и современа политичка диоптрија. Тоа е (политичко, историско, идентитетско, географско и секакво друго) наследство кое што оформило специфичен светоглед актуелен до денешен ден. „Првата страна“, имено, со овој член само уште еднаш го потенцира многувековното грчко (античко, елинистичко, византиско …) идентитетско вјерују дека опфатот на грчкиот идентитетски корпус допира(л) на исток дури до Украина, на Запад стигнува(л) и до Марсеј, а на Север … И тоа е сознание, историографија, наука, политика, секојдневна библија со која растеле генерации и генерации во таа земја. Па дури и во времето на полисите односно настанувањето на зборот πολιτικά – значи во отсуство на една отелотворена држава – тие така го опсервирале и промислувале грчкиот идентитет кој што, недвојбено, ја опфаќал и територијата на тогашните Македонци, Филип и Александар, кои (велат тие) говореле само на некој расипан грчки дијалект. А Демостен и неговите „филипики“? Демостен (велат) бил само еден премногу ревносен, да не речам хистеричен човек, кој уживал Македонците да ги нарекува варвари истакнувајќи го така приматот на атињаните. Ако ова не го знаеме – ништо не знаеме. И ако „Првата страна“ (Грција) се согласила да стави потпис на Спогодба во која што се вели дека термините „Македонија“ и „македонски“ „во однос на Втората страна (…) ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство кои се особено различни (…)“, тоа значи дека дел, нека е и мал, од современата грчка политика / политичари направил(е) огромен (некои велат самоубиствен!) чекор во насоката на решавањето на проблемот.

Како впрочем и кај нас, со прифаќањето на географската одредница во нашето уставно име. Како што, подеднакво, кај нас е / беше голем и обидот да се разберат мотивите на „другата страна“, а едновремено да се стават настрана, заради повисоки цели, редица наши национални и националистички митови и бајки, историски стремежи и неисполнети копнежи, да се оспори – конечно и неотповикливо – доминација на минатото врз иднината! Тоа се, впрочем, белези на сериозна современа политика и одлики на современи политичари.

Зашто, варијантата на другите „политики“, оние на неприфаќање на историските факти и аргументи, на потенцијално различните можни читања на историјата и (особено!) нејзината (зло)употреба во жестоки националистички цели, држењето до суетите и племенската сплотеност на овие простори е веќе видена приказна. Приказна односно „политики“ кои што редовно завршувале со крвави пресметки. А тоа е нешто што на оваа земја и на овој народ најмалку му треба. Фактот што говорот на современата политика – денес и овде, во Македонија и во Грција преку постигнатата Спогодба – го симна националистичкото политикантство од тронот на посакувана врвна вештина е огромна придобивка. Останува да се види дали и идните генерации македонски политичари ќе ја продолжат таа сега востановена пракса.

„ДОБРИТЕ“, „ЛОШИТЕ“ И ЛАЖГИТЕ

Не знам зошто во медиумската јавност ги нема – особено сега – сите оние бараби кои пред две години фрлаа клетви, дрвја и камења по Шарената револуција и учесниците во неа, правејќи ги парампарче: од предавници и непатриоти до талибанци и исиловци. Дури и такви, со бели коси и бради како (божем) синоним на умноста, тресеа глупости невидени и нечуени на овие простори, ширеа омраза кон еден огромен опозициски дел од граѓанството, повикувајќи и на насилство како нивна „демократска форма“ на справување со другото мислење. Тие шушумиги, имено, би требало да бидат првите кои ќе ги осудат овие сегашниве „мирни“, „цивилизирани“ и во основа, нели, „демократски“ протести пред Собранието на РМ, каде ситуацијата дојде до солзавец и отворени тепачки. Ама истите тие – бараби, шушумиги, „патриоти“ итн., наречете ги според вашиот најсоодветен вокабулар – никаде ги нема. Дел од нив, како оној Станковски алиас Сарајлија, побелен на главата ама тотално зацрнет во умот, како и оној омиленион на „Само вистина“ националист, анти-албанец и политички кампер кој како директор на библиотека пушташе полиција да ги апси „шарените“, ги гледаме и слушаме тук-таму, во се’ уште нарко-груевизираните медиуми, но и во други (?), ама повеќето се примирени, дури смирени, притаени, залегнати во илегала бидејќи „најпатриотската партија“ веќе нема такви финансиски ресурси да ги плаќа нивните услуги. А тие беа, богами, скапи! Никој компетенен, се’ уште, за жал, не влегол во оние т.н. куртон медиуми – или можеби влегол, ама некако прилично скришно, дури невидливо? – да направи барем првична анализа на нивните стопанисувања со државните пари. А богами – стопанисуваа, невидено, нечуено; BBC, ARD, ZDF, RTF итн., сите заедно, можат само да им завидуваат. И токму кај тие „медиуми“ се одвиваше целиот процес на сатанизација на „Шарената револуција“, како што впрочем беа величани сите идиотски грувистички политики што ја завиткаа во црно државава.

Од целата таа хушкачка орда останаа неколкумина најперверзни, најортодоксни лажговци, инаку (божем) интелектуал(к)ци, кои блујат огин и пламен, ама и ординарни лаги контра полицијата, Владата и власта, контра сите кои не им се по ќеф. Стасаа дотаму да постираат лажни фотографии (од соседството и пошироко) на повредени мажи, жени, деца … претставувајќи ги како жртви на „теророт“ на сегашната македонска полиција. Онаа минатата, на груевизмот, не им пречеше. Предничат, нормално, оние исшутираните и од „Шарената револуција“ и од партиите на власт како некадарни за демократско однесување, а меѓу нив и оние налудничави професорки кои, никој не знае зошто и како, после се’, се’ уште работат и (божем) подучуваат студенти. Зарем навистина никој на тој УКИМ нема надлежност да се позабави со такви протуви кои во јавноста се служат со секакви недозволени средства, меѓу другото и со лаги и подметнувања од голем, кривичен формат?

Но, од друга страна, не се појавија такви компаративни текстови ни од симпатизерите односно подржувачите / активистите на „Шарената револуција“, дури ни после хулиганското втурнување на „патриотите“ во Парламентот на минатогодишниот 27 април, а ни денес, во екот на уличната војна „за името“! Зошто – никој не знае. Не ги интересира, не ги провоцира, имаат попаметна работа? Можеби некој и така гледа на таквите пропуштени прилики, како сега така и стотици претходно. Зарем навистина не ги скокотка таквиот однос кон нештата, дали навистина им е сеедно што на едните им е дозволено се’, а на другите ништо? Дали на првите – сите оние бараби, хулигани, националисти и целиот друг шљам на земјава – навистина им е дозовлено да малтретираат се’ по ред, а на оние со демократски предзнак – ништо? И не, никако не ги заборавам протестите односно агресијата искажана од „шарените“ контра канцеларијата на растението крстено претседател на државава. Мое мислење е дека тоа беше грешка, но тоа, да речеме, и не е битно. Шарените не смееа да се легитимираат како насилници, зашто тоа никако не ги одвојува(ше) од останатиот силеџиски џган. Но сепак, дали тоа им го дава истото право и на „патриотиве“? Се разбира – не, ама никој од тие бараби не сака така да размислува.

БРЕЕЕ, ЛОШ НАРОД!

Не дека не ми доаѓаат на ум и други, посоодветни на мигот епитети (чурук, резил, ѓубре …) и не дека тие не би биле целосно заслужени, ама ајде божем да задржиме некое (незаслужено) ниво. Ама ова што од вчера се случува во македонската официјална и социјална јавност не говори ништо друго туку токму во прилог за тезата за еден неверојатно лош, задрт, игнорантски, неук, нечовечен, необразован народ соочен со можеби последниот важен историски миг во неговото постоење, а кој, по обичај, повторно, по којзнае кој пат, историски потврден, успева да го избере погрешниот чекор. Добро, не целиот народ, никогаш и не станувало збор за целиот народ – ни во 1903, ниту во 1945, па ни денес – ама зарем навистина останал толкав неосвестен, непросветлен, затуцан, регресивен ама и агресивен дел кој посакува само лошо за сопствената држава и остатокот од сонародниците? Почнувајќи од оној лудакон на Водно кој се’ повеќе наликува на шизоиден полнет мисир отколку на нормален човек, преку надојденион „лидер“ на поплавената во своите криминали опозиција и онаа дури застрашувачки нетолерантна и очигледно социјално болна толпа која (повторно) почна со бабите и дедовците борци за ваква или онаква Македонија (иако појма немаат за што навистина се бореле тие), со „јужњаците“ кои, нели, не го даваат ни името ни презимето бидејќи само тие се вистински Македонци, па до некакви „високоумни“ тртљарии за северот и југот, за лишаи и студенило и секакви други будалаштини. Каков народ кој не умее искрено ни чест да направи, да оправда, поздрави вложен напор, да се порадува на решавањето на еден долгогодишен историски (небулозен, апсурден, иритантен … но сепак реален!) проблем. Да одаде барем признание дека некој ветил и сторил, дека некој / некои имаат поинаква визија за ова парче земја освен онаа налудничава „античка“, „александрова“, „вмровска“ или каква и да е’ друга во основа губитничка – како што и се покажа – иднина на генерациите кои треба да продолжат да живеат овде.

Просто е неверојатно како се расфрла овој народ со омраза, со потценување на другиот, со божем големи мисли за минатото и уште поголемата иднина замандалена во слепото балканско црево со останатите регионални националистички изливи на бес, псовки, неодговорно однесување. Прабабите и прадедовците и нивните (секоја чест) кубури им се помили од сегашните и идните генерации европски граѓан(к)и. И кој тоа, ве молам, во наше име дал некаков идиотски завет „за единствена Македонија“, на кој што се повикува, и ги повикува истомислениците, лудакон од Водно? И ќе тргнат ли тие националистички толпи во вистински бој – демек како нивните претци – за таа „единствена Македонија“? И – ќе победат? Навистина, или само во нивниот влажен националистички сон?!? Или, како и сите други од тој формат, на чело со лудакот, само ќе хушкаат, ќе подбуцнуваат, ќе сеат раздор и омраза, ќе се насладуваат на простотијата и глупавоста на своите неуки но лесно поводливи истомисленици? Тоа ли се идалите на современиот интелектуалец на 21от век и неговиот „народ“? Па уште се чудиме на она Тимјаново! Не е тоа Тимјаново, тоа е темјаново, црна темница излезена од најсебичните човечки пориви, лошотија предводена од прости неизживеани и во основа болни челници кои уживаат кога го водат сопствениот народ во пропаст, ама според заветите на претците.

Искрено се надевам дека тие наши претци не биле вака лоши, и волку болни, како што ги претставуваат нивните демек потомци-следбеници. И дека тие претци и вистински борци за оваа држава попрво ќе станеа против она крволочно бандитско пљачкосување на сопствениот народ во изминатата деценија отколку денес, контра договорот со Грција кој што лудакон сака да го претстави како приватна зделка. А какви беа оние кои ги криеше цели дванаесет години, па и ги амнестираше, тој и националистичката банда што сега се затскрива зад бабите и дедовците, а кои што, за среќа, имавме прилика јавно да ги чуеме и ние? Зарем тие не беа токму приватни криминални зделки завиткани во државен целофан, кои лудакот и неговите националистички следбеници, сосе бабите им и дедовците, така вешто ги криеа, ги аминуваа, и сега сакаат ние да ги заборавиме? Така ли функционира таа нивна љубов кон татковината, тој нивен патриотизам кон оваа (антиквитетна) држава?

Срам ќе не јаде уште долго од овој и ваков „народ“. И уште (по)долго ќе не’ покажуваат со прст, и со голема доза недоверба во нашите искрени, чесни, демократски капацитети и намери. Но, и ние во таа насока мора да си ја сработиме задачата. А таа е перманентно, континуирано и рационално расветлување на сите темни петна од поновата но и од постарата историја, без задршки, лажни патриотизми и двосмислени објави за тоа што и кои сме биле, какви биле нашите херојски (или „херојски“) минати дела, нашите завети и погрешни битки. Македонската историја, се чини, мора одново да се зафати и со националното прашање, но и со „јужното прашање“, со „славната“ организација и редица други нешта. Како што, впрочем, и македонската политика и дипломатија би морале да објаснат како тоа со уставно име признаено од сите три светски велесили и постојани членки на Советот за безбедност (Русија, САД и Кина) ние / тие цели безмалу три децении не успеаа да поентират во една навидум едноставна задача!?

ПРОФИТ И ОДГОВОРНОСТ

Ако одговорноста, пред се’ општествената, е’ или треба да биде соодветна на остварениот профит, тогаш потегот на Агенцијата за филм и Друштвото на филмските работници на Македонија како две (нај)битни алки во македонскиот филм е пример што треба да се следи. Зашто, еден огромен дел од културниот буџет на државата во изминатата деценија се слеваше токму во филмот, за секакви и сечии потреби. Буквално! И за тоа до денес беше многу пишувано, дури беа формализирани и постапки и побарана и институционална и поединечна кривична одговорност, иако (засега) без некоја суштествена разврска. Можеби не дошле на ред? Можеби, во државава има(ше) и поголеми криминали од некои самонаречени филмски бизниси. И токму тоа, на повеќе начини, денес го потврдуваат и Агенцијата за филм и Друштвото на филмските работници на Македонија потпишувајќи Меморандум за соработка и не пропуштајќи да потенцираат што се’ се случувало во оваа област во минатото: од крајно (од естетски и секаков друг аспект) сомнителни филмски зделки и „проекти“ со огромни буџети, преку особено изразено партиско фаворизирање, профитерство и клиентелизам, до формирање паралелни (повторно партиски) здруженија, обиди за превземање на манифестации, инфилтрирање на криминални структури во филмот, целосно партизирање на Агенцијата за филм итн. Не е веќе тајна дека филмот беше лишен од сите негови културни и едукативни прерогативи и претворен во семејно партиска мануфактура од најдолен вид.

И токму ова, јавно и отворено и како одговорни општествени субјекти го констатираат сегашната постава на Агенцијата за филм и раководството на Друштвото на филмските работници, обврзувајќи се на нормализирање на работите во македонскиот филм и наметнување на нови, професионални стандарди. Една ваква постапка, па и вест, сама по себе веројатно не претставува којзнае какво чудо, но ставена во контекстот на наследените состојби во македонската култура некако фантомски штрчи. Ајде тоа, туку испаѓа и дека само филмот во изминатата деценија бил окупиран од криминални банди а остатокот од културата, вака молчалив каков што е, уживал во благопријатните услови обезбедени од истата банда, која што, ете, некако случајно се навртела баш на филмот. Или можеби тоа само мене така ми изгледа, ама ако ниту една друга дејност во културата се’ уште не излегла, ете, со онакви изјави, па и податоци, како филмаџиите, ако некои дури и си ги продолжуваат личните, семејните и партиските бизниси како ништо да не се променило, значи дека и јас и сите други кои така мислат – грешат?! Или, некој сака да каже дека и ревизиите завршени во Министерството за култура грешат? А што ли би покажале такви и слични ревизии во културните институции?

Всушност сите знаеме, дури премногу добро, што би покажале ревизиите и која е реалноста на македонската култура по децениската опсада од страна на гладните варвари. Знаеме ама никако не можеме да разбереме зошто и новите директори, како и членството во професионалните асоцијации и понатаму молчат за сите криминали во нивната бранша? Или сакат да ни кажат дека кај нив, сепак, се свртеле помалку пари и криминали отколку во филмот? Прво, тоа не е точно, особено за заштитата на културното наследство, за музеите, па и за оние толкубројни музички институции и манифестации. Сите тие функционираа во една спрега, како еден механизам во генерирањето на сите криминални дејанија во културата на оваа држава. Ама баш во секој сегмент, буквално, дури и во стекнувањето на стручните звања одлучуваа партиски ментори. Нашава реалноста, оваа дека никој од директно засегнатите, па и прозваните (освен филмаџиите, се разбира) се’ уште не говори за тоа не го менува фактот за постоењето и функционирањето на тие спреги и механизми. Но, ниту еден криминал не бил заташкан со молчење. Молчењето е само знак за нешто друго, нешто што, ете, ниту јас не би сакал најотворено да го напишам заради проста причина што би навредил и некој недолжен. Иако, некој може да префрли дека во ваков случај токму молчењето многу говори! И ќе биде, веројатно, во право. Но ние изгледа сме научени друг да ни ги решава работите. Од најголемите до најмалите. Иако овие не се баш мали. Сепак, со секој ден молчење се зголемува големата дамка врз македонската култура, врз нејзиниот професионализам, чесност, моралност. А за овие прашања пишував можеби и пречесто и (си) реков дека ќе престанам бидејќи немаше никаква полза. Но, повторното смело истапување на луѓето од светот на филмот пред јавноста не само што уште еднаш им удира шлаканица на сите оние останати молчаливци и опортунисти во македонската култура туку говори и за постоење на силна општествена свест и одговорност. Филмот навистина потроши огромни заеднички пари, најчесто залудно, често криминално и политикантски, уште почесто непрофесионално и нестручно до зла бога. Но ништо подобар не беше ни остатокот од македонската култура – некаде повеќе, некаде помалку – која се’ уште никако да собере смелост, и доблест, отворено да проговори за блиското минато.

Сепак, да бидеме чесни докрај: не е само културата таква. Ниту една друга општествена област – за т.н. бизнис заедница да не правиме муабет – не покажа соодветна доблест за, прво, саморасчистување на состојбите, и второ, за дистанцирање од криминалните структури околу нив. Некои поумни ќе мора да дадат дијагноза и за оваа појава односно подготвеноста на цели структури, на пример образовани, научни, културни итн., да бидат гледани со иста дипотрија како и бандите во нивните редови и тоа ни малку да не им пречи!

ОХЛОКРАТИА

Целата оваа ситуација во македонската култура – повеќе наследена отколку создадена, но сепак континуирано нерешавана – не се разврзува со државни документи од областа на културата, со закони или други политики. За жал. Таа во најголемиот дел од нештата зависи од подготвеноста на самата култура, но и на тие кои ја (рако)водат, да се справат со наследствата. А оние нешта за кои што во континуитет говорам често се решаваат само на еден начин, радикален, „александровски“ – со пресекување на јазолот што ги држи во спрега бившорежимските бараби со делови / поединци од новата власт, без оглед на степенот на инволвираност. Како, впрочем, и во судството, но и во другите области каде што отпорот кон реформите е повеќе од очигледен. Или, македонската култура ризикува повторно да стане заложник на старо-нови интересни групи и лукративни банди, не задолжително со партиски предзнак (иако истиот најчесто е јасно означен!). Ако тој ризик не го согледуваме, тогаш сме навистина слепи за се’. Тогаш ризикуваме да тргнеме по патот на претходните, со уште попроблематично заложништво на културата од волјата на толпата предводена со заслужни бившорежимски поединци и групи.

Експертите за државните уредувања, особено за прашањата на демократијата, веројатно нема да се согласат со мене ако поимот од насловот – охлократија (од ὀχλοκρατία, од όχλος = толпа +‎ κρατία = владеење), што по нашки би се рекло: владеење на топлата – го „преведам“ во некои актуелни македонски состојби, особено оние во културата. Иако, да бидам искрен, не гледам зошто тоа не би можело да се направи. Добро, поимот охлократиа сепак се однесува на еден цел систем на владеење, ако владеењето на толпата воопшто може да се нарече систем, ама и културата, во рамките на еден систем, може да се нарече барем – потсистем? Иако, ако во целиот систем имаме еден тип на власт, не би требало во потсистемот да имаме некаков друг тип на власт, особено не негова спротивност, нели? Ама ако се има предвид што се’ ние требаше односно не требаше да имаме во изминативе триесеттина години и што се’ од тоа се косеше со сите познати современи (научни или дури алтернативни) теории … каде ли ќе бевме денес!?

Нејсе, Полибие во неговата „Истории“ (што го покрива периодот од 264 – 146 BCE) разликувал шест форми на владеење што можат да се подведат под поимот демократија, но од кои три ги нарекува само „сродни“, а меѓу нив деспотизмот, олигархијата и охлократијата односно „владеењето на толпата“! Всушност, велат подобрите познавачи, Полибиј само ја преименувал „лошата демократија“ на Платон (δημοκρατία παράνομος) во владеење на толпата (ὀχλοκρατία).

Но, мојата теза не е за демократијата во културата, зашто, според многумина, тоа се подразбира, иако не баш, туку токму за актуелната ситуација на владеење на толпата – и тоа онаа најлошата, бившорежимската, иако не верувам дека има добра толпа! – и нејзините штети за државата и нејзината култура. Зашто, всушност, како што веќе пишував, мислам дека токму тоа е вистинската дијагноза за ова што ни се случува, без оглед дали ние ја препознаваме или не. Или пак не сакаме да ја препознаеме!

Историски гледано, ниту едно владеење на толпата не дало добри резултати. Напротив. Ние сме ја гледале толпата во различни варијанти, а последно ја видовме на дело и на оној 27 април, во Собранието на РМ. Но ја живеевме во културата, и не само во културата, цели дванаесет години. Зарем малку ни беше? Се разбира, ваквиот тип на „владеење“ во културата подразбира многу „пофини“ механизми и практики односно соодветното во реалполитиката. Иако насилието – во сите можни форми – им е заедничко, само методите се други. Па и многу други нешта. На пример, дерогирање на правилата, процедурите, вредностите, критериумите … сите правни или професионални механизми што важат во културата, продолжувајќи ги наследените произволни и во суштина проактивно насилни методи спроведувани преку истомисленици (се’ уште) инсталирани во новиот систем или (дури) пронаоѓајки соодветни патишта и начини да се дојде и до новите одлучувачки структури и да се издејствува очекуваното. Нормално, за вообичаениот човек кој со такви нешта не се бавел, ниту пак тоа некогаш му паднало на памет како можна опција, патиштата на охлократијата во македонската култура се речиси недокучиви. Едноставно – незамисливи за нормалните. Затоа, впрочем, кај нас оној (не)културен терор траеше толку долго! Но, кај нас е најчуден оној факт што сето тоа се прифаќа некако помирливо, непроменливо, дури судбинско – фаталистички! Можеби тоа и е’ така, иако јас одбивам во тоа да поверувам, наспроти (дури) сите показатели во изминатава година.